21. Јули (8. Јули)

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ПРОКОПИЈ

Светиот град Ерусалим го однегува светиот великомаченик Прокопиј, на кого родителите му го дадоа името Неаниј. Името Прокопиј го доби од самиот Господ Исус Христос на крштението, како што ќе видиме подоцна во оваа повест. Ерусалим во тоа време од идолопоклониците се нарекувал Елија, зашто по разорувањето на Ерусалим од страна на Тит, синот на Веспазијан, по многу години римскиот цар Адријан, на кого при раѓањето му беше дадено името Елија, посака врз урнатините на Ерусалим да изгради нов град и го нарече според своето име Елија. Непријателот на нашиот Господ Исус Христос Адријан се трудеше не само да го истреби од земјата името Господово, туку сакаше да го избрише од сеќавањето на луѓето и самото место каде што Христос пострада. Затоа и Ерусалим го нарече Елија.

Во тој град живееше еден славен човек од сенаторски род, на име Христофор. Тој беше христијанин а неговата сопруга Теодосија незнабошкиња. Од нив се роди Неаниј, по чие што раѓање Христофор набрзо отиде кај Господа. Откако остана вдовица Теодосија го воспитуваше детето во незнабожечката вера и го научи да им служи на идолите. Како бистро момче тој брзо ги изучи сите световни науки и мајката сакаше да го даде на воена служба кај царот. Во тоа време безбожниот римски цар Диоклецијан дојде во Антиохија Сириска, на реката Оронт. Тогаш Теодосија му го предаде Неаниј. Штом го виде момчето младо, убаво и многу паметно, царот многу го засака и нареди да остане во царските палати близу него, заедно со сличните на него. Наскоро потоа го назначи за војвода и со војска го испрати во египетскиот град Александрија“, со наредба таму да ги гони, мачи и убива христијаните, а нивните имоти да ги одзема во корист на државата. Неаниј му рече:

- Господару, имам слушано дека тие луѓе почитуваат некаков Син Божји, наречен Христос, дека имаат цврст карактер, дека се непокорни, дрски, цврсти и постојани во својата вера. Дека повеќе сакаат да умрат отколку да го остават својот Христос и да им принесат жртви на нашите богови. Затоа сметам дека нема да ни биде лесно да им ги наметнеме нашите закони.

Диоклецијан се разјари и започна да хули на Христа Спасителот, говорејќи:

- Нивниот Бог, како што самите тврдат, немал жена. Како тогаш можел да роди Син? А Христос, во Кого тие веруваат, е роден од жена и Он од еврејскиот народ беше осуден на смрт, тепан, овенчан со трнов венец, исмеан, на крст распнат, со оцет и жолчка напоен и умре во горки маки. Ако бил Бог, тогаш зошто не се избавил себеси од еврејските раце? Штом не успеал себеси да си помогне во неволјата како би можел на друг да му помогне?

Такви и уште пострашни хули изговори синот на гибелта, бидејќи, како што вели божествениот Павле, зборот крстов е лудост за оние кои гинат, а за нас кои се спасуваме - сила Божја (Кор. 1,18). Убеден од зборовите на царот, Неаниј тргна со два одреда војска на заповеданиот пат. Од силната горештина и војниците и коњите беа исцрпени, па често патуваа ноќе а дење се одмораа. Кога поминаа покрај сирискиот град Апамеја, ноќта во девет часот настана земјотрес, удираа молњи и страшни грмотевици, та сите беа како мртви од страв. А војводата слушна глас од небото, кој му говореше:

- Каде одиш, Неаниј, против кого се креваш?

Преплашен, Неаниј одговори:

- Од царот сум испратен во Александрија, да ги убијам сите кои веруваат во Распнатиот.

И повторно му рече глас од небото:

- О, Неаниј, и ти ли се креваш против Мене?

Неаниј праша:

- Кој си Ти, Господи? Не можам да Те познаам.

Само што го рече тоа, во воздухот се појави пресветол крст, како од кристали, и од крстот се слушна глас:

- Јас сум Исус, распнатиот Син Божји!

Треперејќи, Неаниј рече:

- Царот ми раскажа дека Богот што го почитуваат христијаните немал жена. Како тогаш Ти си Син Божји? Ако пак навистина си Син Божји, како тогаш евреите успеаја да Те исмеат, распнат и усмртат?

Гласот од крстот одговори:

- Доброволно поднесов се заради родот човечки, за да ги изба. вам грешниците од власта на ѓаволот, да ги побарам изгубените, и да ги оживеам мртвите. Кога Јас не би бил Син Божји, како тогаш после смртта Јас сум жив и зборувам со тебе?

По овие зборови, крстот отиде на небото и веднаш се чу глас:

- Со знакот кој што го виде победувај ги своите непријатели, и мирот Мој ќе биде со тебе.

Така Неаниј, како некогаш Савле (Д. А. 9, 1-20), преку јавувањето на Господа на патот, од гонител стана избран сад на Господ Христос. Од тоа чудесно видение и од слаткиот разговор со Господа, неговото срце се исполни со неискажлива радост и духовна веселба.

По видението Неаниј со своите војници дојде во Скитопол, повика еден златар и му нареди да изработи крст, онаков каков што виде во ноќта.

Златарот одбиваше велејќи:

- Јас не можам да го сторам тоа, зашто крстот е знак на галилејците, кои се нарекуваат христијани. Ако дознае царот за тоа ќе ме погуби.

Неаниј инсистираше тој тајно да го изработи крстот, заколнувајќи му се дека нема никој да дознае, па дури ни царот, и откако му понуди многу злато и сребро златарот изработи таков крст, на кој одненадеж се појавија три лика, нацртани со невидлива рака, со еврејски натпис: на горниот дел - Емануил, а од двете страни Михаил и Гаврил. Златарот многу се зачуди на тоа и се прашуваше кој би можел да го стори, бидејќи беше сам. Реши да ги избрише ликовите, но не можеше зашто раката му се вкочани како да е фатена. Кога војводата го виде крстот и го праша мајсторот чии се ликовите и зошто се овде, златарот се колнеше и тврдеше:

- Кога завршив овие три лика се појавија сами од себе и незнам чии се. Сакав да ги отстранам но не успеав, оти раката ми се вкочани.

Тогаш Неаниј сфати дека во крстот се наоѓа некоја божествена сила, па му се поклони, го целиваше, го завитка во скерлет, го носеше со себе и го чуваше со стравопочитување. Сега тој се вооружуваше против варварите а не против христијаните и ги победуваше со силата Христова, покорувајќи ги нивните земји. Тој завојува и против самиот ѓавол и го победи со своето јуначко страдање за Господ Христос.

А неговото страдање отпочна вака:

Кога се наоѓаше во својот град Ерусалим, кој во тоа време се викаше Елија, граѓаните го молеа да им се одмазди на агарјаните за злата што им ги вршат, зашто ги напаѓаа и ги грабнуваа оние кои случајно ќе се најдеа надвор од градот, а најмногу фаќаа девојки и ги земаа за жени. Истото го правеа и по околните села. Вооружен со силата на светиот крст, храбриот војник Христов со својата војска излезе против агарјаните, молејќи се: „Помогни ми, Христе Боже, Ти си моја надеж!“

И му дојде глас од небото:

- Надевај се, Неаниј, зашто Јас, твојот Господ Бог сум со тебе.

Од овој глас војводата стана уште посмел, ги победи агарјаните и ги ослободи сите заробеници. Во таа битка загинаа шест илјади агарјани, а од војниците на Неаниј немаше ниту еден ранет ниту убиен. И испрати Неаниј пред себе гласници кај својата мајка, известувајќи ја за победата над непријателите, на што таа многу се израдува. Кога тој триумфално влегуваше во градот, неговата мајка радосно го пречека. Кога влезе во својот дом, таа му рече:

- Мило мое чедо! Кога ти замина во борба, јас зедов во рацете кадилница и темјан, па влегов кај боговите и им се молев да ти помогнат. И ете, сега, со нивна помош ти стана победник. Затоа влези и заблагодари им, за да ти помагаат и во иднина.

Неаниј и одговори:

- Добро си сторила, мајко, кога си се молела за мене, но мене ми помогна мојот Бог.

Мајката му рече:

- Чедо, не зборувај само за еден Бог, за да не се разгневат останатите богови на тебе.

Тогаш Неаниј и рече:

- Мајко, не залажувај се со идолското многубожие. Како би можеле да ми помогнат тие, кога самите се бездушни? А ако ми помогнале, ајде нека ни кажат за тоа и тогаш ќе се увериме во нивната моќ.

Тој влезе во мајчината спална соба, каде што имаше златни и сребрени идоли и им се обрати:

- Вам ви зборувам, божемни богови, кажете ни, кој ми помогна во битката?

Идолите молчеа. А како би можеле да одговорат кога се неми?

Тогаш Неаниј и рече на мајка си:

- Ете, мајко, гледаш какви се твоите богови. Кога тие не се во состојба еден збор да изговорат, тогаш како би можеле да помогнат некому?

- На тоа мајката му рече:

- Не ти одговараат затоа што ги прашуваш со потсмев.

- Тогаш ти сама прашај ги. Тие се должни да ти одговорат, бидејќи многу усрдно им служиш - одврати Неаниј.

Таа со големо стравопочитување ги преклони колената и рече:

- О, семоќни богови! Голем Зевсе, и ти, царице Хера, господару на морето Посејдоне и сонцелики Аполоне, и ти, заштитнице на градот Паладо и останати богови! Ве молам, кажете ни, нели вие му помогнавте во битката на вашиот слуга, синот мој?

Но, одговор од нив немаше.

Тогаш блажениот Неаниј, со крстот во рацете, ревносно ја симна својата горна наметка, ја оттурна мајка си од идолите и започна да ги крши, удирајќи ги од земјата и газејќи ги со нозете, Откако ги искрши на парчиња, тоа злато и сребро го раздаде на сиромасите. Неговата мајка многу се разбесни, веднаш отиде кај Диоклецијан и со солзи му се жалеше од својот син. Царот ја тешеше со надеж дека со ласкање или закани ќе го поврати и притоа и рече:

- Ако не сака да се обрати ќе умре со зла смрт, а ти одбери си за себе син од мојата свита.

И веднаш му напиша писмо на игемонот Јуст, кој беше поглавар на Палестина, родум од Италија, многу свиреп човек, со наредба во присуство на угледни луѓе од околните градови, на сите можни начини, и милум и силум, да го советува војводата Неаниј, кој преминал во христијанската вера, повторно да се обрати кон боговите. Ако не го стори тоа да го стави на страшни маки. Во тоа писмо имаше и хули против Господ Христос.

Откако ја доби царската наредба, игемонот Јуст постапи според наредбата, лично отиде кај Неаниј и му го даде царевото писмо. Кога ги виде хулите против Господа во писмото, војводата не дотрпе и веднаш го искина на ситни парчиња и го фрли, велејќи му на игемонот:

- Јас сум христијанин, а ти врши го тоа што ти е наредено.

Тогаш игемонот му рече:

- Од царот се плашам, а од тебе како пријател се срамам и те жалам, та не знам што да правам. Туку, послушај ме мене и овие честити луѓе, па во наше присуство принеси им жртви на боговите. Ако не го сториш тоа, ќе ме примораш да ја извршам наредбата.

Неаниј му рече:

- Штом веќе спомна жртва, еве, јас самиот себеси се принесувам за жртва на мојот Бог Христос.

Го отпаша од себе војводскиот појас и му го фрли в лице на игемонот, одрекувајќи се од царската служба, за да биде војник на Царот Небесен.

Притоа го изобличи идолопоклоничкото безбожие.

Игемонот и останатите со него многу се разгневија и веднаш го одведоа Неаниј во Кесарија Палестинска, која се нарекувала Филипова, и во Севастија Панеада, во која некогаш била поставена Христова статуа, изработена по желба на крвоточивата жена, која се исцели допирајќи се до облеката Господова (Матеј 9, 20-22). Таму игемонот, откако седна на отворената судница, го изведе Неаниј на сослушување. Штом го здогледаа, помрачените граѓани повикаа кон игемонот:

- Тој е непријател, истребувач на нашите богови и исмевач на царските наредби.

Свирепиот и бездушен игемон многу се разјари од викотниците на народот и веднаш нареди гол да го обесат Неаниј на мачилиштето и со железни нокти да му го стругаат телото. Отпаѓаше месо од неговото тело и се гледаа голи коски. Некои од граѓаните го жалеа и плачеа за него. Ним маченикот им се обрати:

- Не плачете за мене, туку за гибелта на вашите души. Треба да се оплакува оној на кого му претстои бесконечно мачење во пеколот.

Потоа ги крена очите кон небото и се молеше:

- Боже, крепи ме мене, слугата Твој, на посрамување на врагот, а за прославување на пресветото име Твое!

Кога се изморија слугите, маченикот беше симнат од мачилиштето и фрлен во темница, чиј што стражар Теренциј, сеќкавајќи се на добрините на Неаниј се сожали, та посла под него сено, врз кое тој лежеше одвај жив. На полноќ настана земјотрес во градот. Тоа Бог со Своите ангели дојде да го посети слугата Свој. Огромна светлина заблеска во темницата, вратите се отворија, паднаа оковите од сите тамошни затвореници, се јавија два ангела во облик на прекрасни момчиња и му рекоа на маченикот:

- Погледни кон нас и види.

Маченикот погледна и праша:

- Кои сте вие?

Тие одговорија:

- Ние сме ангели, испратени кај тебе од Господа.

Маченикот им рече:

- Ако сте ангели Господови, тогаш пред моите очи поклонете Му се на Господа и прекрстете се, за да ви поверувам.

Ангелите веднаш го сторија тоа и рекоа:

- Сега верувај дека Господ не испрати кај тебе.

Маченикот рече:

- Знам дека кај Трите Момчиња, фрлени во Вавилонската печка, беше испратен од Господа ангел да им го разлади огнот. Но, што слично сторив јас, или во каков тоа оган сум фрлен, за да се удостојам на ангелска посета?

Додека маченикот со смиреност го зборуваше тоа, одненадеш се јави самиот Господ Исус Христос во неискажана слава, го допре маченикот и го исцели од раните. И го крсти Господ со вода и му рече:

- Повеќе нема да се викаш Неаниј, туку Прокопиј. Биди храбар и јакни, зашто јакнејќи ќе извршиш големи дела и кон мојот Отец ќе приведеш прекрасно стадо.

Израдуван и преплашен, Прокопиј падна на земјата и Му се поклони на Господа молејќи се Тој да го крепи во страдањата, за да не се исплаши од лутите маки. Господ му рече:

- Не плаши се, Јас сум со тебе! - и се вознесе на небесата.

Оттогаш срцето на свети Прокопиј беше преполно со неискажана небесна сладост и духовна радост. Телесно беше толку здрав, што немаше ниту трага од претрпените рани: зашто се понадева во Господа, и Бог му помогна, и процвета телото негово (сп. Псалми 21,7).

Утредента игемонот испрати еден војник во темницата, за да види дали маченикот е жив, зашто мислеше дека умрел од маките. Стражарот Теренциј му раскажа на војникот дека не спиел цела ноќ, зашто на полноќ во темницата се случувало нешто чудесно и страшно, всушност, дека се случил земјотрес, огреала необична светлина, се отвориле вратите, им паднале оковите на затворениците, а со Неаниј разговарале некои пресветли луѓе. Војникот назирна во темницата и викна:

- Жив ли си, Неаниј?

- Светителот одговори:

- Жив сум и здрав, со благодатта на мојот Господ.

Војникот рече:

- Не можам да те видам.

Светителот одговори:

- Секој што бега од светлината Божја и им служи на демоните е слеп и не знае каде оди.

Војникот се врати и го извести игемонот за тоа што го слушна, Тој, пак, седна на судиштето и повторно го изведе Христовиот маче. ник на суд. И сите видоа дека неговото лице е светло а телото сосем здраво, како да немал никакви рани. Многумина восхитено извикаа:

- Боже Неаниев, помогни ни!

Игемонот стана, со раката му даде знак на народот да замолкне и силно викна:

- Браќа, зошто се восхитувате што го гледате Неаниј здрав? Боговите се смилуваа и го исцелија својот слуга.

На тоа светителот му рече:

- Добро велиш дека сум исцелен со милосрдието Божјо. Но, ако сметаш дека тоа чудесно исцеление е извршено со силата на твоите богови, тогаш ајде да појдеме во нивниот храм, за да дознаеме кој бог ме исцели.

Мислејќи дека маченикот сака да им се поклони на боговите, -исемонот многу се израдува и нареди патот од судницата до идолиштето да се украси и да се постели со најубави теписи. А гласникот од највисокото место објавуваше, викајќи:

- Неаниј, синот на високородната жена Теодосија се покаја, им се врати на боговите и оди да им принесе жртва.

Незнабошците се радуваа а потајните христијани многу тагуваа. И се собра многу народ со жените и децата. Игемонот со свети Прокопиј и сите познати луѓе свечено одеше кон идолопоклоничкиот храм. Штом влезе внатре тајно се помоли на Христа Бога, го прекрсти воздухот спрема идолите и рече:

- Вам ви зборувам, нечисти идоли, исплашете се од името на мојот Бог и силата на светиот Крст, та паднете од своите места, и откако ќе се сокршите разлејте се како вода!

И веднаш паднаа сите идоли, се искршија на парчиња, а што е најчудно, сиот материјал од кој што беа изработени, по Божја наредба, се претвори во вода, и идолиштето се наполни со вода, и потече бучна река низ неговата врата.

Ова чудо многу ги восхити сите, и многумина извикаа:

- Боже христијански, помогни ни!

А игемонот, избезумен од овој настан, од запрепастување не знаеше што да прави. Откако одвај си дојде на себе, нареди да го одведат маченикот во темницата, а самиот дотолчен се врати во својот дом. Доцна во ноќта кај темницата дојдоа два одреда војска со своите старешини Никострат и Антиох и го молеа светиот да ги вброи меѓу војниците на Небесниот Цар. Свети Прокопиј го замоли стражарот Теренциј да му дозволи накратко да излезе од темницата. Тој му дозволи, зашто знаеше дека оној што сака да страда за Христа нема да побегне. Таа ноќ епископот изврши огласување на војниците, ги крсти и ги причести со Божествените Тајни на Телото и Крвта Христови. А кога дојдоа кај темницата светиот маченик ги поучи во Светата Вера и ги утврди да бидат бестрашни во страдањата.

Кога настапи денот игемонот по својот обичај дојде на јавното судиште. Тогаш пред него застанаа овие војници, громогласно славејќи Го Господ Христос. Изјавуваа дека се христијани и дека се подготвени да претрпат маки и смрт за Христос. Кога виде дека толку многу војници смело одат во смрт за Господ Христос, игемонот се зачуди и запрепасти, и долго ги советуваше да им се вратат на боговите. Кога не успеа, им изрече смртна пресуда. Ги изведоа надвор од градот, каде се собраа голем број џелати. Таму беше изведен и свети Прокопиј во окови, за да се исплаши кога ќе ја види смртта на многуте војници. Но, тој, додека го гледаше нивниот подвиг се радуваше и се молеше на Бога за нив да ги крепи до крај и да ги прими нивните души во Небесното Царство. Џелатите, пак, ги опкружија со незнабожни војници двата одреда што поверуваа во Христа и ги обезглавија. Притоа ги убија со нив и двајцата трибуни Никострат и Антиох.

Така новите војници Христови, откако ги положија своите души за Него, победоносно преминаа на небото. А познатиот добротвор на име Евлалиј, дојде ноќе со многу верни, ги собра телата на мачениците и ги погреба. Свети Прокопиј, пак, лежеше во окови.

Во темницата кај маченикот дојдоа дванаесет високородни жени и низ прозорчето му рекоа:

- И ние сме слугинки Христови.

Тоа му беше доставено на игемонот и тој веднаш нареди да ги затворат во темницата. Радосно влегувајќи во неа, тие велеа:

- Прими не, Господи во Твојот Небесен дворец. И штом влегоа внатре му се поклонија на свети Прокопиј, а тој ги поучи во светата вера, во божествената љубов спрема Христа и топлата молитва кон Бога.

По некое време игемонот седна на судиштето пред народот и нареди да ги изведат тие угледни жени пред него. На ова судење дојде и мајката на Прокопиј, за да го види нивниот подвиг. Игемонот ги праша:

- Се согласувате ли да им принесете жртви на боговите, па да се удостоите на чест од наша страна, или пак, сакате да умрете?

Светите жени му одговорија:

- Ние сме слугинки на распнатиот Христос, Кој не изведе од гибелта. Он е наша чест и слава!

Игемонот се разлути и нареди да ги положат на земјата и да ги тепаат со стапови. Потоа голи ги обесија и со оган им ги гореа ребрата, а тие се молеа на Христа Бога, призивајќи Го на помош. Потоа игемонот нареди да им ги отсечат градите, велејќи:

- Дали ќе ви помогне Распнатиот, во Кого се надевате?

Тие му одговорија:

- Он веќе ни помогна, како што гледаш. Без оглед на маките, ние те победуваме иако си властодржец.

Уште повеќе разгневен, мачителот нареди да им стават вжештено железо под слабините, и ги прашуваше:

- Чувствувате ли како пече огнот?

Светите жени одговараа:

- Ти ќе ја запознаеш болката од огнот кога ќе бидеш фрлен во пеколот. Овде со нас е Господ и ни помага, но ти не Го гледаш, како што слепите не го гледаат сонцето.

Додека светите жени така страдаа, мајката на свети Прокопиј стоеше меѓу народот и плачеше за нив. Потоа, кога во нејзиното срце заискри познанието на светлината, таа ревносно излезе пред игемонот и рече:

- И јас сум слугинка на распнатиот Бог Христос.

Ова просветлување се случи по молитвите на нејзиниот син Прокопиј, кој постојано се молеше за нејзиното обраќање кон Бога. Игемонот, неговата свита и народот, штом видоа како високородната жена Теодосија смело Го исповеда Господ Христос, многу се зачудија на ненадејната промена кај неа, па игемонот ја праша:

- Госпоѓо Теодосија! Кој те измами да ги оставиш отечките богови и да зборуваш такви работи?

Таа одговори:

- Јас ниту сум измамена, ниту сум во заблуда. Порано навистина сум била во заблуда, и лажена од демоните им се клањав на одвратните идоли, кои се дело на човечките раце.

Игемонот, покажувајќи со прстот кон жените маченици, и рече на Теодосија:

- Како што гледам, овие измамнички те прелагале.

Таа одговори:

- Напротив, тие со своето страдање ме научија да ја познаам вистината. Впрочем, како би можеле да бидат храбри во таквите маки, ако Оној Кој ги крепи не е вистински Бог? Ти си измамник, зашто ги заведуваш луѓето и ги влечеш во гибел!

Игемонот ѝ рече: - Предомисли се, Теодосија! Измоли прошка од боговите. Ние ќе им се помолиме за тебе, да ти го простат гревот.

Таа одговори:

- Јас од распнатиот Христос Бог молам прошка за моето претходно незнаење и за злите дела што ги извршив.

Разгневениот игемон нареди да ја фрлат во темницата заедно со светите жени маченици. Свети Прокопиј многу се израдува кога ја виде, зашто со духот беше дознал за нејзиното обраќање кон Христа, па весело и рече:

- Мајко моја! Зошто си дошла ваму? Зошто ги остави своите богови?

Таа му рече:

- Чедо мое слатко! Јас сега ја познав вистината. Додека го наблудував страдањето на светите жени, си размислував како можат слаби жени да поднесат толку страшни маки ако не ги крепи Христос, за Кого тие страдаат? Ако Христос не е Семоќен Бог, како би можел да ги крепи оние што страдаат за Него? Додека така размислував, срцето ми го обзеде умиление, некаков зрак заблеска во мојот ум, и јас поверував дека единствен вистински Бог е Оној, Кого ти, светите жени и останатите маченици Го исповедате. Тогаш свети Прокопиј и рече:

- Блажена си, мајко моја, што си се удостоила на такво просветлување од Бога и што си се нашла во темница поради тоа.

Блажената Теодосија остана во темницата, служејќи им на светите жени. Им ги превиваше раните, а свети Прокопиј ја поучи во Светата Вера.

Таа ноќ ја одведе кај епископот Леонтиј, кој ја крсти во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, па повторно се врати со неа во темницата.

Потоа беа изведени на суд и игемонот и рече:

- Знај, благородна жено, дека не сакам да те изложам на потсмев и маки. Затоа предомисли се и помоли се на милосрдните богови да ти простат.

Светата одговори:

- Безумнику! Зарем не се срамиш излиените кипови да ги нарекуваш богови?

Игемонот се разгневи и нареди да ја тепаат по устата, да ја положат на земјата, да ја тепаат со мотки и телото да и го стругаат со железни нокти. Додека го гледаа нејзиното страдање, останатите свети жени се молеа на Бога да ја крепи и пееја од Псалмите на кои што ги беше научил свети Прокопиј: „Дојдете да Му запееме на Господа...(Псалми 94,1; 45, 2) Игемонот нареди со оловни стапови да им ги сокршат вилиците, да ги врзат за железен синџир и да ги изведат надвор од градот на посекување. И радосно одеа тие во смрт, и ги положија своите глави за Христа Бога и се удостоија на небесниот венец.

По нивното погубување свети Прокопиј повторно беше изведен на суд. Игемонот, бесно рикајќи како лав, го праша:

- Дали си задоволен, безбожнику, за гибелта на многуте души?

Светителот одговори:

- Јас не ги погубив, туку од гибелта ги избавив и од смртта во живот ги приведов.

Игемонот нареди со железна ракавица да го тепаат по устата и со железни нокти да му го одерат лицето. И се лиеше крвта маченикова и земјата се натопуваше. Потоа со оловни стапови го тепаа по вратот, а тој стоеше како непоклатлив столб.

Потоа мачителот нареди да го фрлат во темница, а самиот многу огорчен замина во својот дом, зашто се срамеше и беснееше што не успеа да го совлада страдалникот Христов. Од мака цел ден со никого не проговори ни збор. Доби треска, легна во постелата и умре таа ноќ, предавајќи ја својата душа во рацете на демоните, на кои толку усрдно им служеше.

А проповедта за Господ Христос се повеќе се ширеше, и секојдневно многу луѓе се присоединуваа кон Христовата вера, благодарејќи на учењето и чудесата на свети Прокопиј. Многумина ги донесуваа своите болни кај него во темницата, и тој со благодатта Христова ги исцелуваше и нечистите духови ги истеруваше.

По погубната смрт на игемонот Јуст, испратен од царот Диоклецијан, во Палестина дојде друг игемон на име Флавиј, исто така родум од Италија, но уште посвиреп од Јуст. Кога дозна за светиот маченик Прокопиј, тој без одлагање го изведе на суд и започна да го распрашува. Хулејќи на Христа Бога, тој бедник му велеше:

- Се чудам што вие христијаните тврдите дека вашиот Бог е роден од жена и распнат од луѓе, а сепак Му се поклонувате. Зарем тоа не е безумие?

Маченикот Христов одговори:

- Ако ме сослушаш ќе ти докажам дека вашите книги сведочат за нашиот Бог. Најпрвин велам дека има еден вистински Бог, по природа неизменлив, бестрастен, предвечен и вечен. А богови не се оние што ги има многу и се подложни на страдања и промени, се јавиле во времето и веќе го завршиле своето постоење. Не знаеш ли за вашиот Ермија, наречениот Трисмегист, односно три пати голем, исто така и за Сократ, кој тврди дека постои еден Бог а не многу богови? Најпрвин слушни само што му пишува Ермиј на лекарот Асклипијад:

„Господарот и Создател на сè, Кого ние Го нарекуваме Бог, го створи овој видлив и материјален свет. И бидејќи овој прв и единствено од Него создаден свет се покажа прекрасен и преполн со најразлични блага, Тој се воодушеви од него и многу го засака како свој пород“.

- Ете, игемоне, гледаш дека вашиот Ермиј изјавува дека постои само еден Бог, а не многу богови! Кога би имало многу богови, тогаш не би постоела една предвечна божествена природа, туку би постоеле многу природи, кои повремено се јавуваат. Вие за едни богови зборувате дека постоеле порано, а за други дека се јавиле подоцна, Кај вас еден е бог на небото, друг бог на морето, та воопшто сите видливи работи имаат свои богови. Зарем поради тоа не беше осуден и вашиот Сократ од Атињаните да испие смртен отров, затоа што отфрлал многу богови? А тие ваши бесмртни богови, и пред се Зевс, врховниот бог, таткоубиецот и маж на својата родена сестра, зарем не живеел на Крит? Зарем не е таму и до денес неговиот гроб? Зарем вашиот Посејдон не бил водач на разбојниците, пњачкаш и убиец? Зарем неговиот гроб не се наоѓа во Калабрија!? И како вие своите богови ги нарекувате бесмртни, кога тие изумреа како обични луѓе и нивните гробови се сведоци за тоа, и кога нивните злодела грчките и римските писатели добро ги знаат? Такви се значи вашите богови, кои не само христијаните туку и нивните сопствени поклоници ги изобличуваат и хулат на нив. А тоа што ти за нашиот Бог Христос Спасителот рече дека е роден од жена и распнат, слушни какви таинствени откровенија за Него се наоѓаат во вашите книги.

Вашата пророчица Сибила (самата таа, чии книги римскиот цар Тарквиниј ги купил за многу пари), во својата втора книга јасно напишала за воплотувањето Христово:

„Кога Дева ќе Го роди Словото Божјо и во ведар ден ќе се јави од исток звезда, весница на големото чудо на смртните луѓе, тогаш кај нив ќе дојде Синот на големиот Бог, облечен во тело, сличен на луѓето на земјата. Нему мудреците ќе Му донесат дарови: злато, смирна и темјан; тоа ќе Му биде пријатно. Исто така и за крстот Христов таа иста Сибила вели: „О, блажено дрво, на кое Бог ќе биде распнат! Ти не си достојно за земјата туку за небото“.

Покрај тоа зборува и за второто доаѓање:

„Од небото ќе дојде големиот Цар, Господарот на сите векови, и ќе им суди на сите луѓе и на целиот свет. Него и верните и неверните ќе Го видат како вистински Бог, како седи на висок престол и на секого му дава според делата“.

Ако пак сакаш да ги слушнеш и претскажувањата на Аполон, Амониј, Додон и Пергам, тогаш внимателно прочитај ги нивните книги и ќе Го познаеш Христос, Севишниот Бог, за Кого тие претскажале и Кој требало да дојде за спасение и обновување на родот човечки. Кога водачот на Аргонаутите Јазон го праша делфискиот Аполон за најстарото идолиште во Атина:

„Кажи ни, пророку, сонцелики Аполоне, кому ќе му припадне овој храм во последните времиња Аполон одговори: „Вие ги исполнувате своите обреди со помош на кои им изразувате почит на боговите, а јас Го исповедам единствениот Бог Кој царува на небесата, Чие Вечно Слово ќе се зачне во чиста Дева. И како стрела, пуштена од огнен лак, Тоа ќе помине по целата вселена, ќе ги опфати сите и ќе ги приведе како дар кај Отецот. На неговата Мајка ќе и припадне овој храм, а името и е Марија“.

А кога Ватос го праша тој исти Аполон за бог, тој одговори: „Мене само Еден ќе ми нанесе маки, и тоа небесниот Човек, Кој ќе пострада иако е Бог, но Божеството нема да страда. По Божеството и по човечноста Он ќе има од Отецот бесмртност, живот и сила, а по Мајка ќе има смрт, крст и гроб. Од Неговите очи ќе течат топли солзи, и Тој ќе насити пет илјади души со пет лебови. За Него секој ќе рече: Христос распнатиот, умрениот, од гробот воскреснатиот, и на небесата вознесениот, е мој Бог.

Додека свети Прокопиј ги наведуваше сведоштвата за Христа Бога од елинските книги, игемонот седеше како глува аспида, не сакајќи ни да ја слуша ни да ја сфати вистината. Тој со потсмев му рече на светителот:

- Ти си одличен проповедник на божествените работи, како да ги имаш небесните клучеви и печати! Сепак, пред да почнам да те мачам, те советувам да престанеш со празните приказни. Одречи се од безумното христијанство и приклучи ни се како што наредува царот. Ако одбиеш ќе те ставам на страшни маки, па ќе прифатиш.

Светиот маченик одговори:

- Ако ти не сакаш да Го познаеш вистинскиот Бог, Кого можеш да го видиш со духовните очи, тогаш убивај и жртвувај човечки тела, сечи не на парчиња за боговите твои, а Јас ќе Му принесам пофалба на мојот Господ. Ти не нарекуваш безумни нас, кои Го знаеме живиот единствен вистински Бог. Напротив, зарем ти не си безумен кога на мртвите им принесуваш жртви и се поклонуваш на нечувствителен камен? Ако каменот на кого ти му се поклонуваш како на бог е добра работа, зошто тогаш го делиш на многу делови и го одбираш делот во облик на човек, та го нарекуваш бог и му принесуваш жртви? А пак останатите делови на тој исти камен ги искористуваш за некои пониски работи или со нив посипуваш некое калливо место и го газиш. Тоа истото го правиш и со дрвјата.

Не можејќи да ги поднесе зборовите на светиот маченик, игемонот му нареди на еден од присутните, на име Архелај, да го удри со мечот по вратот. Светителот веднаш го преклони својот врат, готов да умре за својот Господ. Архелај високо го подигна мечот со двете раце, но тие му затреперија, та падна на земјата и издивна.

Игемонот се преплаши и нареди маченикот окован да го одведат во темницата. Во шестиот ден го изведе на суд и нареди немилосрдно да го тепаат со воловски жили, забивајќи му во телото вжештени клинци, па му ги гореа раните и ги премачкуваа со оцет и сол. Потоа беше донесен метален жртвеник со многу жар, па ставија темјан на десната рака на светителот и раката му ја принесоа над жарта, мислејќи дека тој од болка ќе ја повлече и темјанот ќе падне во огнот. Во тој случај тие имаа намера да кажат дека им принел жртва на боговите. И му ја држеја раката два часа над огнот, а тој со сиот ум потонат во Бога, не обраќаше внимание. Гледачите се восхитуваа на тоа и Го славеа Господ Христос, а игемонот и неговиот господар Ѓаволот, се чувствуваа посрамени. Светиот маченик, пак, со очи вперени кон небото, говореше: „Ги ме држиш за десната рака и по Својата волја ме водиш (Псалми 72, 23). Десницата Твоја, Господи, се прослави со крепост; Десната рака Твоја, Господи, го скруши непријателот; Десницата Господова јави сила, Десницата Господова ме возвиши!“

Потоа мачителот нареди да го обесат маченикот на мачилиштето со врзани раце, а на нозете да му прикачат два тешки камења. Во таква положба маченикот висеше долго време. Од тежината на камењата зглобовите му излегуваа од своите места. Потоа го спуштија и го фрлија во највжештена печка. Тој се огради со крстниот знак, се помоли на Бога и пламенот излезе од печката и ги изгоре сите наоколу а тој остана неповреден.

Ова преславно чудо ги восхити и запрепасти сите а преплашениот игемон побегна во судницата. Некои од граѓаните повикаа по него:

- Што побрзо погуби го овој маѓепсник, зашто ќе го заведе целиот град со своите маѓии.

Тогаш игемонот му изрече смртна пресуда, да биде обезглавен со меч. На губилиштето тој измоли време за молитва, се сврте на исток, ги крена очите и рацете, се помоли на Бога за градот, за луѓето, за оние во опасности, за болните, за сирачињата и вдовиците, сите да ги чува промислата Божја. Особено Му се молеше на Бога незнабожечкото безбожие што побрзо да биде заменето со христијанската побожност, Христовата Црква да расте, да се множи и да блеска Правоверието до крајот на вековите. Кога заврши со молитвата се чу глас од небото, кој ветуваше исполнувања на неговите молби, а самиот маченик го повикуваше кон наследство на Царството Небесно.

Тогаш светиот маченик Прокопиј со радост ја преклони својата глава под мечот и беше обезглавен, полагајќи ја душата за својот Господ во осмиот ден од месец јули. Некои од христијаните дојдоа ноќе, го зе. доа неговото чесно тело, го помазаа со мириси, го завиткаа со чисто платно и чесно го погребаа на специјално место, славејќи Го Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бога, Кому Му доликува секоја чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ И ПРАВЕДЕН ПРОКОПИЈ,

јуродив ради Христа

По потекло блажениот Прокопиј беше варјаг, а по занимање богат трговец. Кога дојде во Новгород со многу роба, тој ја виде сета красота на Православието и откако се запозна со Православната вера многу ја засака. Со желба целосно да ја изучи, започна да бара боговдахновен маж, кој би го научил и просветил. Штом слушна за преподобниот отец Варлаам, кој недалеку на Хутина беше подигнал манастир, дека е многу искусен човек, полн со духовна мудрост, тој појде кај него. Се поучи од него во христијанското правоверие и прими свето крштение. Потоа им го раздаде на сиромашните сиот свој имот, од кој што еден дел поклони на манастирот на преподобниот Варлаам и доброволно се стори сиромав ради Јубовта Христова. Го презре светот а и самиот себеси. Се предаде на јуродивиот живот и се правеше луд пред луѓето, а всушност сиот негов разум беше насочен кон Бога.

Некои од оние што го познаваа започнаа да го величаат, говорејќи:

„Овој човек е голем пред Бога. Со огромен имот дојде овде од туѓина, од зловерието премина во правоверието, сиот свој имот го раздаде на болните, го засака сиромаштвото и се прави безумен ради Христа“.

Откако многупати ги слушна овие зборови, блажениот Прокопиј, не можејќи да ги поднесе пофалбите, се упати кон источните краеви одејќи како јуродив, многу навредуван и злоставуван. Така стигна во градот Устјуг и остана да живее во него. Дење одеше по градот правејќи се налудничав, и беше исмеван и тепан од многумива, особено од неразумните деца, а ноќе одеше во црквите и со солзи Му се молеше на Господа за градот, за луѓето и за своите злоставувачи, говорејќи: „Господи, не земај им го ова за грев!“ А кога чувствуваше потреба да се одмори, полугол одеше на буништата во една ветва искината облека. Зиме страдаше од мразот а лете од горештината. Земаше многу малку храна од богобојазливи луѓе и тоа не секој ден. А пак од богаташите и неправедните никогаш не сакаше да прими ништо и често многу денови по ред остануваше гладен. Со таквиот живот стана доброволен маченик. Се исцрпуваше со глад и жед, скиташе, примаше навреди, рани и потсмев. И одеше по градските улици оскуден, тажен, злоставуван, оној, на кого што не му беше достоен сиот свет (сп. Евреите 11, 37-38). Искинатата облека му беше спуштена од едното рамо, та плеќите му беа голи, спремни за удари, така што врз него се исполни Писмото: „Плеќите свои ги дадов на удари и образите свои на шлаканици. Лицето свое не го сокрив од потсмев и плукање“ (Исаија 50, 8).

Поради таквиот негов живот во него се всели благодатта Божја и му се даде дар на прозорливост, да ги провидува и претскажува идните настани. Потоа започна да живее при соборната црква на Пресвета Богородица во папертата, и постојано со солзи се молеше, просејќи го неопходното и корисното за градот. Неговата молитва беше примена пред Бога и можеше многу, зашто беше во состојба да го одврати од луѓето праведниот гнев Божји. Еве доказ за тоа:

Еднаш поради многубројните човечки гревови Бог сакаше да го сотре градот Устјуг со страшни молњи, како што некогаш ги сотре Аморејците кои војувале против Исус Навин, фрлајќи по нив големи камења од небото (Ис. Нав. 10, 11), зашто во христијанството сите грешници кои не се кајат и остануваат во калта се противници на Исус Христос, Синот Божји, и го поттикнуваат на грев и одмазда.

Така Праведниот Одмаздувач подготвуваше казна и уништување на градот Устјуг, кој го разгневи Господа со своите беззаконија. Тоа свети Прокопиј пророчки го препозна, и за градот Устјуг го стори она што некогаш го направи проповедникот на покајанието, пророкот Јона за Нинивејците. Една недела свети Прокопиј во црквата започна да ги советува луѓето на покајание, говорејќи:

- Браќа, покајте се за своите гревови и смилостивете го Бога со пост и молитва. Ако ке се покаете наскоро сите ќе загинете од огнен град, зашто доаѓа гневот Божји.

А луѓето не им обрнаа внимание на неговите зборови и си ве. леа меѓу себе дека е налудничав и дека никогаш ништо паметно не зборува.

По Божествена Литургија свети Прокопиј неутешно плачеше и ридаше во папертата. Така неутешно минуваше тој денови и ноќи, а луѓето додека го гледаа како постојано плаче го прашуваа:

- Лудаку, зошто плачеш? Каква тага го мачи твоето срце?

Блажениот им одговараше:

- Бдејте и молете се, браќа, да не паднете во напаст.

Тие, пак, не им придаваа никаква важност на неговите зборови.

На третиот ден блажениот Прокопиј излезе од папертата, па тргна и со многу солзи и силен глас им објавуваше на луѓето по сиот град дека наближува казната од Бога:

- О, луѓе! Покајте се! Плачете за своите гревови и молете се, за Господ да го одврати својот праведен гнев и да не го уништи градот како некогаш Содом и Гомор. Но луѓето со скаменети срце не ја слушаа неговата проповед, туку му се потсмеваа. И беше свети Прокопиј единствен усрден молитвеник пред Бога за сите, давајќи пример на покајание и смилостивувајќи Го Бога со своите деноноќни непрекинати солзни молитви.

Наредната недела, напладне, над градот се појави темен облак и денот се стемни како ноќ. Кога ја видоа оваа необична темнина среде бел ден, луѓето се зачудија.

Потоа од сите четири страни наидоа огромни облаци, настана страшно невреме, молњи, грмотевици, и од страшното трескање на громовите земјата се распукнуваше и тресеше. Тогаш луѓето сфатија дека тоа е нивната гибел од гневот Божји, и во тој страшен час се сетија на проповедите на блажениот Прокопиј и неговото пророштво, па сите се стрчаа кон светите цркви, особено во соборната црква на Пресвета Богородица, и со солзи се молеа.

Дотрча во црквата и свети Прокопиј, падна пред иконата на Пресветата Мајка Божја и се молеше со солзи, таа да биде усрдна Застапничка пред Својот Син и Бог, за луѓето кои согрешија и го навлекоа гневот Божји. И молејќи се како некогаш древниот пророк Мојсеј, тој со вапај се обраќаше кон Бога:

„Прости им ги, Господи, гревовите на овие луѓе. Ако пак не сакаш, тогаш избриши ме и мене од книгата Твоја, во која си ме запишал“ (2Мојсеј 32, 32).

Откако свети Прокопиј и сиот народ со долго ридање усрдно се помолија на Бога и на Пречиста Богородица, се јави прекрасно чудо од иконата на Пресветата Мајка Божја: миро излезе од неа, течеше како извор и ги наполни црковните садови. Во тоа време се се промени, воздухот и страшните облаци со молњи и громови се тргнаа од градот над пусти места и уништија многу шуми, но од луѓето и добитокот никого не убија, по застапништвото на Пресвета Богородица и молитвите на свети Прокопиј. А пак од мирото што истече од иконата на Пресвета Богородица, луѓето се помазуваа за благослов и болните се исцелуваа. И настапи огромна радост по градот затоа што се избави од очигледната пропаст и што доби дар на целебно миро од благодатта на Пресвета Богородица.

Светиот угодник Божји Прокопиј и понатаму по својот обичај се правеше луд, мудро сокривајќи ја својата доблест пред луѓето. А какво беше неговото трпение при злоставувањата, И каква милост Божја имаше со него, јасно се гледа од следново:

Една година зимата беше исклучително лута, мразот неподнослив, а ветрот ужасен. Падна тогаш и преголем снег, многу куќи затрупа, и многу луѓе и добиток не само по патиштата туку и по градот и селата премрзнаа, и птиците паѓаа мртви на земјата. Ништите беа во потполна оскудица и мака и многумина од нив премрзнаа. Тој страшен студ траеше многу денови. Во тоа време и свети Прокопиј, онака гол, многу настрада од силниот студ. Една ноќ тој излезе од црковната паперта и отиде преку патот од црквата кај малите куќички во кои живееја ништите, за малку да се стопли кај нив. Штом насетија дека доаѓа, некои од нив цврсто ги затвораа вратите пред него, а други му излегоа со стапови и го тепаа. Така го отфрлија од себе, викајќи:

- Оди си одовде, лудаку, оди си!

Тој замина, влезе во една празна просторија, најде во еден агол легнати кучиња, па легна покрај нив да се стопли. Но и кучињата станаа и побегнаа од него. Кога виде дека од него се гадат не само луѓето туку и кучињата, слугата Божји рече:

- Нека е благословено името Господово од сега и до века.

И повторно се врати во црковниот притвор, седна, и додека целото тело му трепереше од студ мислеше дека ќе издивне, па се молеше Бог да му ја прими душата. Потоа одненадеж почувствува топлина во себе. Ги отвори очите и пред себе здогледа ангел Божји, кој му се јави онака како некогаш на свети Андреј Јуродив, кога тој страдаше од лутиот мраз. Во раката ангелот имаше рајска гранка, расцветана со рајски цветови. Го допре со неа неговото лице, го оживеа и му го стопли телото со мирисот на тие цветови, како некогаш телото на Андреј.

Така свети Прокопиј во своето страдање, надгледуван и закрилуван од милоста Божја, ја помина таа лута зима неповреден. А се што се случило со него тогаш, тој подоцна му раскажа на еден свој близок пријател, црковен клирик на име Симеон, полн со богоугодни доблести, подоцнежен родител на светиот Стефан Пермски. Штом го спомнавме таткото на свети Стефан, не треба да го премолчиме И пророштвото на свети Прокопиј за неговата мајка, која по доаѓањето на светиот во градот Устјуг, се случи вака:

За време на вечерната богослужба во соборната црква со своите родители дојде тригодишната Марија. Штом ја здогледа, блажениот Прокопиј и се поклони до земја, а потоа гласно рече за сите да слушнат:

„Ете доаѓа мајката на големиот Стефан епископот, учителот Пермски““.

Многумина од умните се чудеа на овие зборови и се прашуваа дали воопшто може во Пермија да има епископ, зашто во тоа време пермскиот крај се уште не беше просветен со Светата Вера и таму немаше ниту еден христијанин се до денот на свети Стефан, синот на оваа девојче Марија, која, кога порасна беше омажена за гореспоменатиот Симеон. Така се исполни пророштвото на свети Прокопиј.

Овој праведник често одеше на брегот на реката Сухона, близу која се наоѓаше градот Устјуг и таму седеше на еден камен. Додека ги набљудуваше оние што пловеа со чамци, сомилосно се молеше на Бога за нив, да им даде тивка пловидба. Тоа место на речниот брег и каменот му беа многу мили. Многупати ги молеше луѓето кои ќе ги затекнеше таму по смртта да го погребаат на тоа место, а каменот да му го стават врз гробот.

Поживеа многу години и откако ја предвиде својата смрт, ноќе тргна кон обителта на светиот Архгистратиг Михаил. Недалеку од неа се престави кај Господа. Никој не знаеше за тоа. Се престави на 8 јули 1303-та година, на денот на истоимениот угодник Божји, светиот великомаченик Прокопиј. Таа ноќ падна голем снег, ја покри земјата и сета летнина, зафатија студ, мраз и молњи, но не им наштетија на земните плодови, зашто сончевата топлина набрзо го растопи снегот.

На утринската богослужба во соборната црква свештениците и клириците не го видоа Прокопиј. Тоа многу ги зачуди, зашто тој не пропушташе ниту едно богослужение, па го побараа околу црквата, но не го најдоа. Кога не се појави ни на Литургијата, започнаа насекаде да го бараат. По тридневно барање, крај мостот во близина на манастирот на свети Архангел Михаил, го најдоа неговото мртво тело покриено со снег, со лице свртено кон небото, со раце прекрстени на градите и со затворени очи. Го кренаа и чесно на своите глави го однесоа во соборната црква, во која што проживеа многу години. Потоа го погребаа на неговото омилено место крај реката Сухона, и според неговата желба му го положија каменот врз гробот. Многу чудеса започнаа да се случуват на гробот на блажениот Прокопиј и над неговите чесни мошти беше изградена црква. Поради многубројните исцеленија од најразличните болести беше востановено да се празнува денот на неговото преставување. Овде е запишан мал дел од неговото чудесно житие и неговите необични подвизи, во негов чесен спомен, за корист на читателите и слушателите, а во слава на нашиот Бог Христос, со Отецот и Светиот Дух славениот сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ТЕОФИЛ МИРОТОЧИВ

Македонскиот светител, нашиот преподобен отец Теофил се роди во местото Зика во Македонија од побожни и доблесни родители, кои му дадоа вистинско христијанско воспитување. Кога потпорасна родителите го дадоа во училиште а потоа тој се посвети на високите науки. Природно обдарен, тој за кратко време го заврши своето световно образование. Но, при успесите во световната философија, тој особено работеше на образованието на своето срце, според правилата на строгата христијанска наравственост. Негово омилено занимање беше да општи со старците и доблесните луѓе. Заедно со тоа, тој поглемиот дел од времето го минуваше во читање на Божественото Писмо, според заповедите на премудриот Сирах, кој вели: „Твоето размислување нека биде со разумните и сета твоја повест во знак на Севишниот“ (9, 20). Заедно со тоа побожното момче напредуваше во најразличните подвизи на добродетелите и според зборовите на светиот Давид беше како дрво засадено крај поток, кое својот род го дава навреме (Псалми 1, 3). Читањето на Светото Писмо и Житијата на Светиите и побожните луѓе во младиот Теофил раѓале желба да ги подражава. Така тој се угледуваше на Авраам во гостопримството, на прекрасниот Јосиф во целомудреноста, на Јов во трпението и Јунаштвото, на Мојсеј и Давид во кроткоста, и на останатите праведници во разните подвизи.

Со таквиот свој живот го сврте вниманието на сите, та како образец на доблесниот живот беше издигнат на степенот на свештенството. Од тогаш започна да посетува разни места, поучувајќи ги христијаните и со зборови и со примерот на својот живот. Подоцна пак, за душевно растење тој се приљуби до рандинискиот епископ Акакиј и остана кај него. Овој епископ беше посветен во епископскиот чин од цариградскиот патријарх Нифонт со кого беше близок пријател. Во тоа време свјатјејшиот патријарх Нифонт беше добил некои писма од Египет, во кои го ивестувале за големите и преславни чудеса кои Бог ги Јавил преку тогашниот свет александриски патријарх Јоаким, на посрамување на богоубиствениот еврејски род, а за пофалба и утврдување на Православната вера и сите христијани. Еве ги тие чудеса:

Низ цел Египет беснеела страшна чума. Еден еврејски лекар, озлогласен христијански непријател, насекаде рашири вест меѓу турците дека христијаните се причина за несреќата што ги снашла, зашто тие, објаснувал тој, пуштаат крст во водата, и тоа ја предизвикало оваа смртоносна болест. Ширејќи се насекаде оваа клевета против христијаните, најпосле допре и до египетскиот султан. Иако беше муслиман, султанот многу го сакал и почитувал светиот патријарх поради неговите доблести, неговата мудрост и благоразумност, и затоа не им обрна ни најмало внимание на доставите на непријателите на крстот Христов против христијаните. Кога виде дека со таквата клевета не ја постигнал својата цел, проклетиот евреин измисли нова замка против христијаните. Големиот везир беше прав евреин. И евреинот токму овој љубимец на царот го избра за оружје на својата злоба против христијаните. Везирот успеа да го убеди султанот, та тој, без оглед на својата почит кон патријархот, го повика во Диванот за објаснување во однос на клеветите изнесени против христијаните. Патријархот дојде на суд. Султанот најнапред долго разговараше со него за верата. И кога виде дека патријархот со силни убедувања и јасни докази ја оправда христијанската вера и го понижи исламот, султанот му нареди гората во близина на Каиро да ја премести од нејзиното место, за да ја докаже точноста на евангелските зборови за тоа. Свјатјејшиот патријарх не се поколеба во духот на верата. Измоли од султанот неколку дена за молитва и заедно со христијаните, со пост, бдеење и молитви Го смилостивуваше Господа и Го молеше да не ги посрами пред неверните, и да не се похули светото име Негово. Во одреденото време пред многубројниот народ патријархот во името Христово ѝ рече на гората да се крене од своето место и да премине на друго. Гората од темел се затресе, го напушти своето место и најпосле беше запрена со истото име Христово. Таа гора и до денес на турски се нарекува Дур-Даго, што значи: Стани-гора. Ова чудо ги порази и неверците. Не знаејќи со што да ја поколебаат силата на Христовата вера, нејзините непријатели подготвија смртоносен отров и го убедија царот да му нареди на патријархот да го испие, бидејќи Христос во Евангелието вели: „И смртно нешто да испиете нема да ви наштети“ (Марко 16, 18). Султанот нареди да му се даде отровот на патријархот. Полн со вера во силата на крстот Христов, патријархот ја прекрсти смртоносната чаша и го испи отровот. Залудно непријателите очекуваа дека тој веднаш ќе умре, зашто остана потполно неповреден. Потоа патријархот ја изми чашата со вода и замоли да ја испие евреинот. Евреинот не можеше да одбие, зашто и самиот султан го побара тоа. Тој ја испи водата и веднаш падна мртов. Запрепастен од ваквите чудеса, султанот нареди да се отсече главата на везирот а на останате евреи им наложи казна, на свој трошок да направат водовод од Нил до Каиро. Истовремено на патријархот му укажа големи почести.

Кога за овие чудесни настани преку писма дозна патријархот Нифонт во Цариград, тој веднаш го испрати во Александрија рандинискиот епископ Акакиј со преподобниот Теофил и други, за тие лично подетално и точно да го известат за тоа. Притоа свети Нифонт му напиша на александрискиот патријарх Јоаким, благодарејќи Му на Господа што ја услишал неговата молитва и преку него направил такви чудеса за слава и величање на родот христијански, и молба до патријархот благонаклонето да ги прими пратениците што му ги испраќа. Пресветиот патријарх ги прими со радост и долго време ги задржа кај себе. Со својата доблест и образование преподобниот Теофил го сврте вниманието на патријархот. Со епископот Акакиј и останатите тој отпатува во Синајската гора а оттаму преку пустината во светиот град Ерусалим. Таму се поклонија на животоносниот гроб на нашиот Господ Исус Христос и останатите Свети Места. Ги посетија тие и гората Тавор и Дамаск. Во Дамаск го сретнаа патријархот Антиохиски кој им даде писма за патријархот Цариградски. Од Дамаск се вратија во Ерусалим, каде епископот Акакиј се разболе и се упокои. По смртта на Акакиј, со благослов на Ерусалимскиот патријарх и со писмата на патријархот Цариградски, тие се вратија во Цариград, кај тогашниот свјатјејши патријарх Пахомиј, бидејќи светиот патријарх Нифонт, кој ги испрати во Александрија, го беше оставил престолот за време на нивното патување. Патријархот Пахомиј чесно ги прими и ги благослови. Во свети Теофил тој виде доблесен и учен маж, па го задржа кај себе и го постави за писмоводител на патријаршијата и егзарх на Големата Црква. Многу долго Теофил ја вршеше оваа должност и беше почитуван од сите, Но тој чувствуваше дека при сето тоа оскудева во главната храна за душата, па ја остави должноста и се повлече на Света Гора во манастирот Ватопед.

За да не биде без старечко раководство во монашкиот живот, па со умувањето на своето срце да падне во заблуда и прелест, се довери себеси на епископот, кој во тоа време живеел во Ватопедската обител и целосно ја потчини својата волја нему, извршувајќи ги сите послушанија и секојдневно принесувајќи бескрвна жртва на Господа Бога. А кога старецот епископ отиде кај Господа, преподобниот Теофил се оддалечи во Иверскиот манастир, со цел и таму да најде обрасци за подражавање. Така од еден се учеше на совршеното послушание, од друг на смирението, од трет на њубовта спрема Бога и ближниот, кротоста и долготрпението. Теофил стана избран сад на Светиот Дух и образец на монашките доблести. А како краснописец доби налог од обителта негово ќелијно занимање да биде препишување на дотраени книги. Од тие, од него препишани книги, многу и до денес се чуваат во библиотеката на Иверскиот манастир.

Но, како што според зборовите Господови, не може да се сокрие град на врв планина (Матеј 5, 14), така и преподобниот Теофил со својот доблесен живот стана славен не само на Света Гора туку и во околните места. Во тоа време Солун го изгуби својот архипастир и упорно се трудеше да го убеди свети Теофил да го прими архиерејскиот чин. Смиреноумниот Теофил не сакаше ни да чуе за тоа. Во тоа време во Солун допатува цариградскиот патријарх Теолипт. Солунјаните се обратија до него да им го даде атонскиот отшелник за архипастир. Гледајќи ја оправданоста на нивната молба, патријархот своерачно му напиша писмо на преподобниот Теофил, со кого одамна беше пријател, молејќи го да дојде во Солун да се видат, без да спомне ниту збор за молбата на Солунјаните.

Преподобниот насети поради што го бара светиот патријарх, и за да го одбегне толку високото звање и почестите поврзани со него, тој веднаш прими голема схима, а на светиот патријарх му одговори дека тешка болест го приморала да прими велика схима, да се одрече од свештеничкото служење и дека поради болеста не е во состојба да дојде во Солун. Му се извини што не може да се види со него овде, но додаде дека со благодатта Господова ќе се види со него во Царството Небесно, и го молеше за прошка и молитви. Ваквиот одговор од една стана го нажали светиот патријарх а од друга го израдува, што Теофил така успева во вистинското смирение и монашките подвизи.

Близу Иверската обител тогаш во осаменост се подвизуваше игумен на име Дионисиј. Сакајќи го молитвеното тихување, преподобниот Теофил со дозвола на игуменот и браќата подигна мала колиба во близина на Дионисиј и со него ги делеше трудовите на строгото осамеништво, надградувајќи се со примерот на неговиот возвишен живот и мудрите беседи негови. Нивната меѓусебна њубов беше толку голема што се чинело дека во нив живее една душа. Во тоа време со својот подвижнички живот се беше прочул некој Кирил, кој живееше на Кареја. За и од него да добие душевна корист и да го подражава неговиот живот, свети Теофил премина на Кареја кај него. Додека беше кај него, често доаѓаа за служење протот на Света Гора старец Серафим, духовник на Кирил. Протот му обрна внимание на Теофил, го засака заради светиот живот и оттогаш па се до смртта на Теофил, останаа искрени пријатели.

Божествениот Теофил не остана долго на Кареја. Огромната желба за молитвено тухување го одвлече во пределот Пантократор, во ќелијата на светиот Василиј, која ги имала сите услови за длабока осаменост и ненарушлива тишина на молитвеното тихување. Но ќелијата требало да се поправи, а свети Теофил немаше ниту пари, ниту пак можеше да ја приложи потребната закупнина во манастирот. Во таа потреба нему му помогна протот старец Серафим. Така свети Теофил се повлече во пустината на молитвено тихување, а за свој соподвижник имаше еден брат на име Исак. Ова оддалечување на свети Теофил од сите многу се одрази на протот. Откако изгради околу соборна црква галерија, подигна камбанарија и ја иконописа внатрешноста на соборната црква, протот измоли од старецот на Света Гора ослободување од должноста, па се повлече во пустински покој, каде со свети Теофил постојано го минуваше времето во читање на Светото Писмо и светите Отци, извлекувајќи оттаму значајна и бесмртна храна за бесмртниот дух.

Исклучителен подвиг на преподобниот Теофил беше од светите Отци таканареченото умно делување или чување на умот во непрестајната срдечна Исусова молитва, која гласи: „Господи Иисусе Христе, Сине Божји, помилуј ме“. Според зборовите на светиот Калист, постојат две врсти на монашко делување. Едното за скротување на страстите, кое се состои во пост, бдение, коленопреклонување и останатите надворешни подвизи, а второто за очистување на умот и срцето од нечистите мисли, што се извршува со строго внимание, со непрестајна срдечна молитва кон Господа Иисуса која се врши тајно, и со болно чувство и страдалнички вапај на душата, како што учат божествените Отци. Со ова умно делување и свештената молитва, со плачот и солзите кои се раѓаат од оваа молитва, преподобниот Теофил го очисти своето срце од страстите и нечистите помисли, и откако најпосле ги сотре демоните, стана чисто избрано живеалиште на Светиот Дух, и бидејќи, според зборовите на свети Дионисиј Ареопагит, Божествената ЈБубов не гледа и не знае ништо освен својот предмет, преподобниот Теофил, горејќи од љубов спрема Бога, не размислуваше за ништо друго освен за Иисуса Господа. Господ Иисус беше негово дишење, негов живот. Господ Иисус постојано беше во неговото срце. Слично на свети апостол Павле, Теофил повеќе не живееше туку Христос живееше во него. Затоа и тој како свети Павле се удостои на Божествените дарови на Светиот Дух. Предвидувајќи ја иднината, ги знаеше тајните на срцата, помислите човечки, достигнувајќи совршенство, во мера на растот на висините Христови. (Еф. 4, 13).

Најпосле, откако остаре, свети Теофил ја предузна својата смрт и започна да се подготвува за заминување во вечноста. Меѓу останатото тој напиша исповедување на верата и духовно заветување, а пред смртта посака над него да се изврши Светата Тајна Елеосветување. Тоа беше во петок. Откако се прости со сите, тој во сабота се причести во храмот со Пречистите Тајни Христови, благодарејќи Му на Бога за се. Најпосле го повика својот ученик Исак, за да му ја каже својата последна желба. Смирен во текот на целиот свој живот, свети Теофил не сакаше да му се оддаваат човечки почести ни после смртта. Тој му заповедаше на Исак да не ја објавува неговата смрт кога ќе го предаде духот на Бога, да не повикува свештеници да го погребаат, туку самиот тој да му врзе јаже за нозете, да го одвлече телото и да го фрли било каде.

Откако му ја соопшти таа своја последна желба на својот ученик, преподобниот Теофил се испружи на одарот и откако рече: „Господи Иисусе Христе, прими го мојот дух!“, отпочина во сонот на преподобничката смрт во недела во зори, на 8 јули 1548 година.

Неговиот послушен ученик Исак ја исполни заповедта на светителот. Му врза јаже за нозете и го одвлече неговото тело во шумата. По цела Света Гора се пронесе гласот за смртта на преподобниот. Се собраа многу монаси, особено познаници и пријатели. Сите сакаа да го видат и да се поклонат на неговиот гроб, за да примат благослов од покојникот. За да не ги лиши дојдените од тоа, ученикот им посочи едно раскопано место, каде божем бил погребан преподобниот. Но, монасите на Иверскиот манастир и манастирот Пантократор според некое тајно претчувство се посомневаа дека на тоа место е погребан светителот, па барајќи низ шумата ги пронајдоа светите мошти, ги зедоа и ги чуваа кај себе во тајност од другите.

По истекот на четириесет дена ученикот Исак отиде во шумата да ги виде моштите, но на свое запрепастување не ги најде. По долго трагање, најпосле дозна дека се наоѓаат во манастирот Пантократор. Појде таму и ги молеше старците да му ги дадат посмртните останки од неговиот отец, но тие не сакаа ни да слушнаат за тоа. Така измина доста време. Но, за среќа на Исак, тогаш Света Гора ја посети епископот на Ерисос Макариј. Исак му се обрати нему со жалба на обителта Пантократор и го молеше да се заинтересира за таа работа. Епископот веднаш ги собра атонските игумени, дојде во Пантократор, ја остави за оваа обител раката од моштите на свети Теофил, а останатите делови му ги даде на ученикот. Тогаш свечено ги пренесоа светите мошти од Пантократор во ќелијната црква на свети Василиј, каде молитвено тихувал преподобниот. Во тоа време светите мошти започнаа да точат од себе чудотворно миро, како сведоштво за неговиот богоугоден живот.

Таков беше животот на нашиот преподобен отец Теофил Мироточив. Така се подвизувал и така бил прославен од Бога на земјата и небото, за време на животот и по смртта. Да го подражаваме и ние во сиромаштвото, кротоста, смиреноста, чистота, молитвеното тихување и љубовта спрема Бога и ближниот, за со него и ние да го на. следиме Царството Небесно во Христа Исуса, нашиот Господ, Кому слава и моќ со Отецот и Светиот Дух за навек. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ТЕОДОСИЈА

Беше мајка на свети Прокопиј, која пострадала посечена со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ДВАНАЕСЕТ ЖЕНИ

Беа од благородни семејства (затоа се викаат синклитики). Пострадале за Господа посечени со меч.

ПРАЗНИК НА ЧУДОТВОРНАТА ИКОНА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „КАЗАНСКА“

За време на царувањето на Јован Василевич Грозниот, кој со Божја помош го покори градот Казан, престолнината на Татарското царство, во 1579 година во тој град на девојчето Матрона му се јавила Пресвета Богородица и му рекле дека на местото на нивната кука во земјата се наоѓа Нејзина икона, и му наредила за тоа да ги извести духовните и граѓанските власти во градот. Ова видение се повторило неколку пати. Матрона и раскажала за тоа на својата мајка, но таа не им обрнала внимание на зборовите на малолетната ќерка. Најпосле девојчето видело икона во огнени зраци, и притоа слушнала страшен глас: „Ако ни ги соопштиш Моите зборови, Јас ќе се јавам на друго место, но ти ќе загинеш!“

Овој пат мајката ја послушала молбата на својата ќерка, исплашена од последното видение, и заедно со неа се упатила кај архие. пископот и војводите. Тие не им поверувале. Тогаш се вратиле дома и мајката сама започнала да копа на посоченото место. И се приклучиле и други, но не нашле ништо. Најпосле, кога започнало да копа самото девојче Матрона, иконата на Пресвета Богородица беше најдена и извадена од земјата. Иконата многу свечено и со голема чест беше однесена во црквата и се прослави со чудотворење, и од тогаш насекаде е позната како „Казанска“ чудотворна икона на Пресвета Богородица.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АВДА и САВА

Пострадале за Господа посечени со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ НИКОСТРАТ и АНТИОХ,

трибунот

За својата вера во Господа биле посечени со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК АНАСТАСИЈ

Беше родум од селото на свети Власиј кај Јанина (во Епир), и јеромонах при една црква во околината на Цариград. Кога ги виде а и слушаше за страдањата на свештеникот свети Константин Русинот, тој секој ден се молеше на Бога да го удостои со мачеништвото. И еден ден започна јавно да им зборува на турците за вистинитоста на христијанската вера, за овополотувањето на Христа Господа и за останатите вистини на домостројот на спасението, и да ги изобличува заблудите на исламот. Поради тоа турците го подложија на маки и најпосле му ја отсекоа главата пред Јени-џамијата во Цариград, на 8 јули 1743-та година. Наредната ноќ небесна светлина светеше над светото тело на убиениот преподобномаченик.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ И БЛАЖЕН ПРОКОПИЈ УСТЈАНСКИ,

налудничав ради Христа

Се подвизувал во седумнаесеттиот век во Вологодската губернија и толку Му угодил на Господа што неговите свети мошти почиваат нетлени и точат прекрасен благомирис во Вјерјужската Воведенска црква на Велскиот округ.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПРОКОПИЈ

Пострадал за Господа Христа во Кесарија Палестинска.