22. Јули (9. Јули)

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ПАНКРАТИЈ,

епископ Тавромениски

Свети Панкратиј е роден во Антиохија, во времето кога Господ Исус одеше како човек меѓу луѓето на земјата, творејќи чудеса во Ерусалим и сите соседни покраини и градови. Кога родителите на Панкратиј слушнаа за прекрасните Христови чуда, тие со својот син отпатуваа во Ерусалим да го видат. Кога видоа како ги учи луѓето, исцелува најразлични болести и твори многу чудеса и знаци, тие поверуваа во Него како Син Божји, и се запознаа со некои свети апостоли Христови, особено со светиот врховен апостол Петар.

Останаа многу денови, насладувајќи се на гледањето на лицето Христово и слушањето на Неговите слатки зборови, па се вратија во Антиохија. По доброволното страдање, смртта, воскресението и вознесението на Христа Спасителот, во Антиохија дојдоа некои од Апостолите, пред доаѓањето на свети Петар таму, и родителите на Панкратиј се крстија со целиот свој дом. Кратко време потоа тие се упокоија во својот Господ. Тогаш Панкратиј се одрече од целокупниот имот што го наследи од нив и се оддалечи во Понтиската гора. Таму се насели во една пештера и во пост и молитва се испитуваше себеси. Општеше единствено со Бога. А кога свети апостол Петар излезе од Ерусалим и ги минуваше тие краеви проповедајќи го Евангелието Христово, во Понт го најде Панкратиј, го препозна и го поведе со себе во Антиохија. Потоа отидоа во Киликија и таму Панкратиј го сретна свети апостол Павле. Тука двајцата Апостоли се договорија и назначија епископи: Крискент во Галатија, Маркијан во Сиракуза, а Панкратиј во Тавроменија, град на Сицилија.

Додека блажениот Панкратиј пловеше кон Сицилија, на коработ имаше и двајца старешини Ликаонид и Ромил. Додека патуваа Панкратиј им зборуваше за Господа Христа, за Царството Божјо и тајните на нашето спасение, та ги обрати во верата Христова и ги просвети со свето крштение. Кога стигнаа во градот Тавроменија, таму веднаш се вознемирија и разбегаа бесовите што живееја во идолите, и киповите започнаа да паѓаат и да се кршат, не можејќи да го поднесат доаѓањето на Панкратиј. А таму се наоѓаа едни од најпочитуваните богови на незнабошците, чии што нечист храм беше на висок рид покрај самото море. Штом свети Панкратиј наближи кон храмот, тој веднаш се распукна, се затресе и падна во морето со сите идоли.

Тоа предизвика голем немир меѓу народот. Дотрча таму и градоначалникот Бонифациј, кој, штом го виде свети Панкратиј и го слушна неговото учење, поверува во Христа и се крсти. Тој вложи огромен труд во слава на името Христово. За триесет дена подигна црква во која започнаа да служат архиереји Божји, просветувајќи го народот кој се собираше околу нив и ги носеше своите болни, зашто светителот верата што Ја проповедаше ја потврдуваше со знаци и чудеса, исцелувајќи ја секоја болест и истерувајќи демони.

Бидејќи од ден во ден бројот на верните се зголемуваше и целиот град беше просветен со Светата Вера, славата Христова се ширеше по целата земја.

Поттикна ѓаволот против христијаните еден незнабожен мачител Аквилин. Тој со огромна војска појде во градот Тавроменија со намера да го разори и да ги убие сите христијани во него. Граѓаните многу се исплашија а светителот Божји ги тешеше, тврдејќи дека ни најмалку нема да настрадаат од непријателот. И додека непријателот наближуваше кон градот, против него излезе духовниот војник свети Панкратиј со својот клир, носејќи го непобедливото оружје, чесниот крст Христов и две свети икони на Христа Спасителот и Пречистата Богомајка. И веднаш страв ги обзеде противниците, темнина падна врз нив, им се помрачија умовите и започнаа да се убиваат еден со друг а некои се самоубиваа. Откако увидоа дека се убиваат еден со друг и сфатија дека ги стигна Божјата казна, тие го фрлија оружјето, дојдоа кај непобедливиот војник Христов свети Панкратиј, паднаа пред неговите чесни нозе барајќи прошка, и го молеа да ги направи христијани. Граѓаните се радуваа за нивното обраќање и од тогаш станаа многу послушни на зборовите на светителот и ги исполнуваа сите негови заповеди. И не само тој град, туку и останатите околни градови се просветија со Светата Вера.

Свети Панкратиј многу години го пасеше новопросветеното Христово стадо. Но, некои од преостанатите незнабошци, упорни и злобни во својата заблуда, тајно се договорија со својот кнез Артагат, па начекаа згодна прилика, го нападнаа слугата Божји и го убија со камења. Така свети Панкратиј, очевидецот Христов и пратеник Апостолски, кој се подвизуваше со добар подвиг, маченички го заврши својот живот", и со светите Апостоли застана пред Христос, својот Господ, да Го гледа лице во лице низ бесконечните векови.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК КИРИЛ,

епископ Гортински

Свети Кирил, чија што вера се најде пред Бога како прекалено злато, во времето на Декиј беше присилуван од намесникот Лукиј да им принесе жртва на демоните. Свети Кирил како дете пројавуваше знаци на умна зрелост, зашто се обучуваше во добри дела и богоугодување. И кога ќе слушнеше дека некаде живеат угодници Божји, тој ги оставаше своите родители и одеше кај нив, за со нивните поуки да се зацврстува во верата и доблестите. Како зрел човек, свети Кирил беше поставен за епископ во градот Гортин на островот Крит. Како епископ тој секогаш на своето стадо му беше пример за доблесниот живот со збор и дело и педесет години управуваше со епархијата. На осумдесет и четири години беше фатен од намесникот Лукиј и присилуван да им принесе жртва на нивните нечисти богови. Но боговдахновениот маж, наведувајќи му ги заповедите Божји му велеше:

- Кој принесува жртви на туѓи богови, ќе се искорени.

Намесникот рече:

- Поштеди ја својата старост и поклони им се на нашите богови.

Свети Кирил одговори:

- Не сум стар, зашто мојот Господ вели: „Како кај сокол ќе се обнови младоста твоја“. А тоа што ти ме советуваш да го сторам, не ми е дозволено.

На тоа намесникот рече:

- Слушав дека си паметен и мудар, па ако сакаш да се спасиш од маките, оддај им почит на нашите богови.

Свети Кирил одговори:

- Ќе се истакнам како паметен и мудар, кога на дело ќе го покажам она на што ги поучувам другите. Ќе останам непоколеблив во верата, а непобедлив во маките. Корисно за мене е да им дадам пример на јунаштво и бестрашност на овие мои деца околу мене.

Долго така се препираа, и свети Кирил со зборови од Божественото Писмо му ја затвори устата на незнабожниот и неправеден судија, кој, штом виде дека сиот народ му пристапува на христијанскиот Бог, му изрече ваква пресуда: „Неразумниот и безумен истребувач на нашите богови, Кирил, наредувам жив да биде спален“.

Светителот одеше на спалување како на гозба, радосно пеејќи Му благодарствени песни на Бога. Штом стигнаа веднаш го фрлија во огнот, а верните стоеја наоколу со намера да ги соберат преостанатите коски на маченикот. Но, за чудо, го здогледаа како стои неповреден среде огнот, со раце кренати кон небото.

Идолопоклониците се исплашија, но истовремено и се восхитуваа на ваквото чудо. Огнот не се беше допрел ни до неговата облека, оросен и разладен од Светиот Дух, зашто тој со своето учење многумина беше избавил од пеколниот оган, обраќајќи ги кон вистинскиот Бог.

Веднаш беше известен намесникот за ова чудо, кој веднаш нареди да го доведат кај него. Кога го виде неповреден се запрепасти, му оддаде пофалба на христијанскиот Бог, Кој направи такво чудо и го ослободи маченикот.

Верниот слуга Христов не престануваше да го проповеда словото Божјо, докажувајќи дека оние што веруваат во вистинскиот Бог ќе примат огромна награда во Царството Небесно. Така многумина изведе на патот на спасението, а самиот тагуваше и неутешно плачеше што не се удостои да го доврши своето страдање. А пак народот го слушаше со голема усрдност и радост. Сите еднодушно и едномислено прибегнуваа кон него, а многумина од далеку доаѓаа да го видат, зашто се надеваа дека ќе се спасат, како од неговите поуки, така и од гледањето на лицето негово. Паѓаа пред неговите нози и велеа:

„Веруваме во твојот Бог, зашто навистина е голем штом можел да те сочува неповреден од огнот“.

А тој весело ги примаше сите како чедолубив татко и ги крштеваше во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, велејќи им:

„Бидете храбри дечиња мои и нека јакнат вашите срца! Бидете верни слуги на Оној во Кого поверувавте, а Он во се ќе ви помага и ќе ви даде повеќе отколку што очекувате: Зашто тоа што уво не чуло, и око не видело, и во срцето на човекот не му дошло, тоа го подготви Бог за оние што Го њубат“ (1Кор. 2, 9). Некој од идолопоклониците го извести за него намесникот, кој јаросно рече:

- Зошто се смилував на него? Зошто го извадив од огнот? Зошто уште тогаш не го погубив со својот меч? Но, сега повеќе нема да го трпам.

И по втор пат изрече ваква смртна пресуда за угодникот Божји; „Кирил, кого по вадењето од огнот праведниот суд не може да го трпи меѓу живите, наредувам да се убие со меч!“

Угодникот Божји се израдува и Го прослави Христа Бога за оваа пресуда, со која ќе се удостои да биде заедничар со страдањата Негови, и весело ја преклони својата глава под мечот, Удрен по вратот, тој ја предаде својата душа на Господа на 9 јули, за време на царувањето на Декиј, додека во нас царува нашиот Господ Исус Христос, Кому слава низ сите векови. Амин.

СТРАДАЊЕТО НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ ПАТЕРМУТИЈ и КОПРИЈ

и со нив АЛЕКСАНДАР мирјанинот

 Царот Јулијан најпрвин веруваше во Христос, а потоа под влијание на ѓаволот како син на сатаната тргна во војна против Персија. На пат кон Персија тој проли многу крв на Светите. Во Антиохија ги фати двајцата презвитери Евгениј и Макариј, ги подложи на страшни и долги маки, па ги испрати на заточение во Мавританија. Во тоа време во египетските пустини живееја двајцата преподобни мажи Патермутиј и Коприј. Еднодушни во се, тие заеднички Му служеа на Бога. Патермутиј беше постар по години, многу искусен во монашките подвизи, и многу јак во доблестите, а Коприј млад по години и се уште потполно неутврден во монашкиот живот. Тој беше раководен од Патермутиј како ученик од учител и како духовен син од духовниот отец. Пред да бидат фатени и подложени на мачења, Коприј му раскажа на Патермутиј за видението што го имал на сон. Видов, рече, како се отвори небесата и еден светол маж со жезол во рацете доаѓаше кон мене. Потоа здогледав како од другата страна во пресрет му оди некој црнец, кој палеше оган и многу чад излегуваше од него. Тој црнец ја протегна раката, ме фати, и јас се најдов среде чадот во голема опасност, зашто ме опколија многу зла. А пак овој светлоносен маж отстапи далеку од мене. Во тоа време одекна од небото глас: „Плодот на овој човек ќе биде разнесен, но потоа повторно ќе биде употребен за добро“. По тоа видение се разбудив збунет.

Патермутиј му рече:

- Тој сон не е добар. Се плашам да не отстапиш од Живиот Бог. Ете, злотворниот цар Јулијан се одрече од Христос и ја гони Црквата Божја. Мислам дека и ние ќе бидеме подложени на маки. Затоа внимавај, чедо, да не се одречеш од Христос, исплашен од маките или соблазнет од ветувањата. Плаши се од Бога, сеќавај се на заповедите Негови и биди храбар. По неколку дена царот Јулијан пристигна во Египет. Кога слушна дека во египетските пустини живеат многу пустиници, испрати војници да ги фатат сите и да ги доведат на мачење. Тогаш беа фатени гореспоменатите отци и изведени на сослушување. Јулијан го праша преподобниот Патермутиј:

- Колку години си, старче?

Тој одговори:

- Имам седумдесет и пет години во овој времен живот на земјата.

Погледнувајќи кон Коприј, царот го праша:

- Кажи ми, момче, колку години имаш ти?

Коприј одговори:

- Јас имам четириесет и пет.

Тогаш царот нареди да го одведат старецот во темницата, а Коприј го задржа и започна да му зборува:

- Принеси им жртви на боговите, за да ги одбегнеш маките. Остави ја христијанската заблуда од која немаш корист. И јас самиот порано верував во Христос, но не видов никаква корист од тоа.

Сега пак, верувам во бесмртните богови и се удостоив на огромни добра од нив. Затоа те советувам да се одречеш од Христос и да им принесеш жртви на боговите, па ќе бидеш од мојата десна страна во голема милост кај мене.

Коприј без здив го слушаше царот. И како да се заборави, тој се лизна во пропаста и му рече на Јулијан:

- Добар совет ми даваш, царе. Блазе си ми што во тебе најдов учител и прекрасен наставник.

Потоа гласно извика:

- Од сега јас сум Јулијанов ученик а не христијанин. Бев во заблуда, но сега се поправам. Ќе им се поклонам на боговите и ќе им принесам жртва.

Царот се изненади и многу радосно рече:

- Овој човек е голем среќник. Ги препозна древните богови, кои што му даваат вечен живот на светот.

Бедниот Коприј му се поклони на идолот Аполон со жртва, и отстапувајќи од Бога го прими ѓаволот во себе. Светите Ангели отстапија од него, а бесовите го опколија и ликуваа.

Кога дозна дека Коприј отстапил од Христос, преподобниот Патермутиј започна да плаче и рида и да се моли за него.

- Господи, Боже на силите, немој да го погубиш грешникот кој ја престапи Твојата заповед! Сети се на делата негови од љубов кон Тебе, и не отфрлај го од лицето Свое. Помилувај го створението Свое и побарај го делото на рацете Свои!

Утредента царот седна на својот престол, а Коприј во пурпурна наметка стоеше од неговата десна страна. Царот нареди да го доведат Патермутиј на сослушување. Кога го здогледа, Коприј рече:

- Еве, доаѓа измамникот, кој ме лишуваше од среќата.

Потоа викна кон него:

- Што е Патермутиј? Гледаш ли, јас се радувам, а ти плачеш; јас сум следбеник на Јулијан а не христијанин.

Патермутиј одговори:

- Да, гледам дека се радуваш и затоа плачам.

Тогаш царот му рече на старецот:

- Не плачи, туку принеси им жртва на боговите и радувај се со нас.

Патермутиј одговори:

- Неговата радост е привремена. Тој сега се радува, но во идниот живот ќе плаче. Овде се облекол во пурпурна облека, но таму ќе биде гол. Тој сега се наситува а во идниот век ќе гладува. Кај мене, пак, е обратно. Тој сега во слава стои во редот на слугите твои, а горе, од лицето на Царот Небесен со срам ќе биде отфрлен и во огнениот пекол со Ѓаволот населен.

Старецот погледна во лицето на Коприј и рече:

- Тешко тебе, беднику! Беше сад на благодатта, а сега си ѓубре во кое ликуваат бесовите. Ете, ангелите отстапија од тебе а демоните те опкружија. Ти се соблече од Бога и се облече во ѓаволот. Го намрази вистинскиот живот вечен, а го засака лажниот, временскиот. Но, сети се на делата на својата младост, дојди си при себе, отфрли ја заблудата и дојди кај мене, чедо! Бог е милостив, па ќе те прими и ќе ти го прости гревот.

Коприј беше трогнат од овие зборови, се покаја и извика:

- Тешко мене! Тешко мене! Тешко мене!

И започна да се колеба, а потоа погледна кон небото и рече:

- Повеќе не сум Јулијанов, туку повторно сум Христов! Згрешив, престапувајќи ја заповедта Божја, се одреков од мојот Господ, но по тоа и се познава добрината твоја, Владико, кога ќе ме помилуваш, мене, кој тешко согрешив. Биди милостив кон мене, Човекољупче. Зборовите на беззаконикот ме заведоа и ми се израдуваа бесовите. Ѕвездите, сонцето и месечината ја сокрија својата светлина поради мојот огромен грев, со кој Го огорчив Бога. Но, вие, ангели Божји и хорови на праведници, и вие луѓе од целиот свет, соберете се и оплачете го мојот пад, зашто се лишив од Сонцето на правдата, згасна во мене светлината на верата.

Потоа му се обрати на царот и рече:

- Зошто ме измами ѓаволе?

Ја соблече од себе пурпурната облека и ја фрли пред него, говорејќи:

- Земи си ја славата што ми ја даде, а јас повторно ќе го добијам она што го изгубив. Добриот мој Бог ќе ме прими како еден од Своите наемници.

Кога виде дека Коприј повторно се обрати кон Господа Христа, царот многу разбеснет, нареди да вжештат голема тава. А Коприј со радост му рече:

- Изгори ме, исечи ме на парчиња, за со маки да го искупам мојот пад. Пред се, казни го мојот јазик, зашто тој прв згреши, одрекувајќи се од Христос.

Царот нареди да вжештат мала железна лажичка и да ја стават на јазикот на Коприј. А Коприј му рече на свети Патермутиј:

- Оче, моли се на Бога за мене, зашто ме снајде ужас од ова мачење.

Старецот одговори:

- Трпи, чедо, и Господ ќе ти помогне.

Штом му го допре јазикот, лажицата веднаш се олади како лед и тој остана неповреден.

Царот рече:

- Овие луѓе се маѓепсници, водете ги кон вжештената тава.

Коприј му рече на старецот:

- Моли се за мене, учителу мој, многу се плашам од мачењето.

На тоа старецот му рече:

- Не плаши се, чедо! Биди храбар! Сети се на своите испоснички подвизи уште од детството. Зарем не се сеќаваш како триесет и пет дена остана без храна? Зарем не се сеќаваш како, сораспнувајќи се со Христос, дванаесет дена неподвижно стоеше со раце крстолико раширени? Зар заборави како лежеше на остри камења? Кога сето тоа со радост го истрпе за Христа, зошто сега да се плашиш?

Поткрепен, Коприј храбро чекореше со старецот. Кога влегуваа во тавата, Патермутиј му рече:

- Брате Коприј, погледни нагоре!

Коприј погледна во небото и рече:

- Ангели се приближуваат. Главите им се покриени со роса. Но, те молам, оче, кажи им да не ми се лутат што се бев одрекол од Христос.

И така двајцата влегоа во тавата, и одеа во неа како по цветна ливада, исмевајќи го мачителот, зашто таа веднаш се олади. Уште повеќе разјарен, тој нареди да го засилат огнот. На Коприј му пријде еден од царските војници, на име Александар, и му рече:

- Коприј, врати се кај нас, за да се избавиш од смртта.

Тој му одговори:

- О, кога мојот прв грев би бил заборавен пред Бога! Да се соберат сите води на овој свет и сите капки што паѓаат од небото, не би биле доволни да ја исперат нечистотијата на мојот грев. Сепак, јас се надевам во милосрдието на мојот човекољубив Господ. Трогнат од овие зборови, Александар рече:

- И јас би сакал да станам војник на вашиот Цар. Коприј го поучи во Светата Вера и Александар поверува во Христос.

Кога печката страотно се вжешти и преподобните маченици тртнаа кон неа, Александар им се приклучи, зборувајќи:

- Одам со вас, блажени отци. Ради Христа земете ме во печката. Тие го фатија под рака и одеа заедно, но потоа Александар тргна пред нив. Кога стигнаа до отворот на печката огромен пламен излезе од неа, но не го повреди, а тој рече:

- Ако по наредба Господова си излегол да ме изгориш, тогаш изгори ме, мене грешникот! Пламенот се раздели на два дела, како некогаш водата во Црвеното Море (2. Мојсеј 14, 21-30), и му даваше пат пред себе. И влезе Александар во печката, недопрен од огнот, и кога здогледа таму ангели Божји им рече:

- Ве молам, спасете ме мене грешниот!

Ангелите одговорија:

- За тоа и сме испратени од Бога ваму.

И ја поведоа неговата душа кон Господа, а телото му остана во огнот мртво но неизгорено. По него влегоа и преподобните Патермутиј и Коприј, исто така недопрени од огнот и седеа покрај телото на Александар, пеејќи и славејќи Го Бога. Кога се олади печката ги изведоа пред царот живи и неповредени. Телото на Александар го изнесоа исто така неповредено. Од него излегуваше прекрасен мирис.

Многу зачуден, царот рече:

- Големи се нашите богови, а Христос е ништо!

И повторно започна да ги присилува светите на идолопоклонство. Преподобниот Патермутиј му рече:

- Бидејќи војуваш против Бога, ти нема да се вратиш назад, туку смртно ќе бидеш ранет и ќе умреш со страшна смрт.

Многу разбеснет, царот нареди да ги погубат со меч. Ги изведоа надвор од градот на губилиштето, каде тие се помолија на Бога пред смртта и дојде глас од небото, кој го восфалуваше Патермутиј, му простуваше на Коприј, па и двајцата ги призиваше во вечниот покој. Тие радосно ги преклонија своите глави под мечот и се упокоија, полагајќи ги душите за својот Господ. А поганиот Јулијан, кога тргна во војна против Персијците беше победен и од невидлива рака ранет со копје. Тој во маки ја исфрли својата душа, и како што му прорече свети Патермутиј, повеќе не се врати во својата земја, туку загина. Светите преподобномаченици Патермутиј и Коприј, а со нив и светиот Александар, се упокоија на 9 јули. Во тоа време над Римјаните царуваше законопрестацникот Јулијан а над христијаните нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест, слава и моќ, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПАТЕРМУТИЈ

Според кажувањата на Коприј!, Патермутиј на почетокот бил идолопоклоник, разбојнички харамбаша, подлец и гробонасилник. Ги раскопувал гробовите и ги плачкал мртовците, вршел најразлични злосторства и гадости, и поради тоа бил познат низ сите краеви на Египет. Се обрати кон Бога од следната причина. Една ноќ тој се качи на кровот од куќата во која живееше една девојка посветена на Бога, со цел да влезе внатре и да изврши злосторство. Но, иако долго се мачеше, никако не му поаѓаше од рака, И така изморен задрема и заспа. Во сонот виде еден светозарен маж, облечен во царски алишта, кој му зборуваше:

„Од сега престани со своите злодела, престани да пролеваш човечка крв, да крадеш и да вршиш други беззаконија. Покај се и зафати се со богоугодна работа. Прими го монашкото ангелско војување и остатокот од животот помини го во добродетели, па ќе те поставам за водач и кнез на мојата војска“.

Патермутиј од срце вети дека ќе ги изврши овие наредби. Тогаш светозарниот маж му ја покажа војската монаси и му нареди да им биде старешина. Додека Патермутиј го гледаше тоа во сонот и спиеше, осамна денот. Девицата се качи на кровот И виде човек како спие, па многу се зачуди и исплаши. А кога Патермутиј се разбуди и ја здогледа пред себе се запрепасти и како да се изгуби. На нејзиното прашање кој е и зошто дошол, тој ништо не одговараше туку само молеше да му покаже каде се наоѓа христијанската црква. Девицата сфати дека со него се случува нешто по промисла Божја, па го одведе во црквата кај презвитерите. Тој падна пред нивните нозе, и со солзи ги молеше да го направат христијанин и да го упатат кон патот на покајанието. Бидејќи го познаваа, презвитерите многу се чудеа и не им веруваа на неговите зборови. Мислеа дека станува збор за некое негово лукавство или измама. Но, кога видоа дека многу плаче и упорно ги моли, тие му рекоа:

- Ако престанеш со злосторствата и започнеш да водиш честит живот и да вршиш добро, ние ќе те примиме во христијанството.

Откако вети, презвитерите го огласија! и по неколку дена го крстија. Откако се крсти, Патермутиј ги замоли да му дадат некоја заповед, која би го водела по патот кон спасението. Тие го поучија напамет да ги чита првите три стиха од првиот псалм. Задлабочен во смислата на тие стихови, тој рече: „Ова ми е доволно за спасение“,

По три дена од крштевањето Патермутиј отиде во пустината, поживеа во неа доста време во деноноќни молитви и солзи, хранејќи се со корењата од тамошните растенија. По долго време се врати во црквата, бидејќи беше навикнал оние три стиха не само да ги изговара туку и на дело добро да ги извршува, Презвитерите се восхитуваа на таквата промена кај него и сакаа да го задржат кај себе, но тој остана со нив една седмица и повторно отиде во пустината каде остана седум години. Се хранеше, не со корења и трева туку со леб, кој што Бог му го испраќаше еднаш неделно. Секоја недела по завршувањето на молитвите тој наоѓаше пред себе чист леб, носен од невидлива рака и со благодарност вкусуваше од него. Така не малаксуваше цела седмица, А Бог му даде благодат да ги разбира книгите, и целото Божествено Писмо тој го знаеше напамет.

По седум години, со наредба Божја преподобниот Патермутиј повторно се врати од пустината во населените области за корист на многумина, и со својот испоснички живот многумина привлече кон себе и тие станаа негови ученици во добродетелите. Кај него дојде и едно момче со желба да биде негов ученик. Преподобниот го прими, го облече во монашка облека која што се состоеше од власеница, камилавка и козја кожа, која обично монасите ја нарекуваат милот или милотар!, и го учеше на богоугодното монахување. Преподобниот Патермутиј имаше обичај да ги посетува болните и да биде околу нив до нивниот крај, да ги погребува починатите и со својот труд да им набавува погребна облека. Гледајќи ја таквата усрдна грижа на старецот околу погребувањето на мртвите, овој млад монах му рече:

- Оче, би сакал кога ќе умрам ти да ме облечеш и погребеш.

Отецот одговори:

- Така и ќе направам, чедо мое. Ќе те облекувам додека ти самиот не речеш доста.

По кратко време се престави овој млад монах, и старецот, според обичајот, го завитка со погребна облека, му го покри лицето и го праша:

- Чедо, доволно ли ти е ова за погреб или да додадеме уште нешто?

Мртовецот одговори гласно, за сите да слушнат:

- Доволно е, оче!

Сите присутни се восхитија на ваквото чудо, и започнаа да го почитуваат и да го слават старецот како чудотворец. А тој, не под. несувајќи ја славата од луѓето, штом го погреба покојникот, тајно замина во пустината.

По некое време повторно се врати да ги посети браќата, на кои им беше раководител во духовниот живот, и од Бога му беше откриено дека еден брат, кој живеел во осамена ќелија во близина на едно село, се разболел и е на умирање. Преподобниот итно појде да го посети. Но, бидејќи беше далеку, преподобниот задоцни. Сонцето веќе заоѓаше, а светителот не сакаше ноќе да минува низ тоа село, држејќи се до зборовите Господови: „Одете додека има светлина, за да не ве опфати мракот; кој оди дење не се сопнува“ (Јован 12, 35; 11, 9). Тогаш светителот, на сонцето кое веќе на половина беше зајдено, со голема вера му рече:

- Во името на нашиот Господ Исус Христос, застани и почекај малку, додека да стигнам во селото.

И застана сонцето, кое со едната половина беше зајдено, а со другата светеше и стоеше, чекајќи преподобниот да стигне во селото. А пак жителите на тоа село многу се чудеа што сонцето се уште не заоѓа, се собраа на сред село и го набљудуваа тоа чудо. Кога по некое време го здогледаа преподобниот Патермутиј, веднаш го запрашаа за чудесното незаоѓање на сонцето. Тој им рече:

- Зарем не се сеќавате на зборовите Господови од Евангелието, кои што учат дека треба да имате вера. Ако имате вера како синапово зрно, ќе можете и планини да преместувате (Матеј 17, 20). А ако некој со вера може планини да преместува, тој со таа иста вера може да го запре и сонцето на неговиот пат.

Тогаш сите сфатија дека поради него застанало сонцето, кое зајде веднаш штом тој стигна во селото. Сите со страв му се поклонија на старецот и многумина тргнаа по него. Кога влезе во ќелијата на болниот брат, преподобниот го затекна веќе упокоен во Господа. Откако се помоли му пријде, го целиваше и му рече:

- Што би сакал повеќе, брате, да живееш со Христос или да останеш со нас во телото?

Мртовецот тогаш оживеа, ги отвори очите, седна и започна да зборува:

- Зошто ме врати, оче? За мене е подобро да отидам кај Христос и да бидам со Него, а повеќе да живеам во телото, не сакам.

На тоа старецот му рече:

- Тогаш спиј во мир и моли се за мене!

И тој легна и повторно заспа. Сите присутни се запрепастија и зборуваа:

- Навистина овој е Божји човек!

Преподобниот го подготви телото на умрениот, ја помина ноќта во пеење псалми а утредента чесно го погреба и замина оттаму.

Во друга прилика преподобниот посети друг брат, кој исто така беше смртно болен. Кога виде дека болниот се плаши од смртта поради своите гревови, му рече:

- Совеста, изобличувачка, сака да појде таму со тебе. На тоа болниот рече:

- Те молам, оче, помоли се за мене на Бога, да ми даде барем малку време за покајание.

Старецот одговори:

- Сега ли бараш време за покајание? Каде беше до сега? Што правеше во сите денови од своето монаштво? Ти не само што не си успеал да ги излечиш своите поранешни рани, туку си им додавал нови и нови.

Но болниот не престануваше со солзи да го моли старецот, тој да се помоли за него на Господа. Најпосле старецот рече:

- Ако отсега престанеш врз злото да додаваш зло, тогаш ќе се помолиме за тебе. Човекољубивиот Господ е добар и долготрпелив, и ќе ти даде извесно време за очистување на твоите гревови.

Преподобниот ги преклони колената, и по долгата молитва, станувајќи, му рече на болниот:

- Еве, Господ ти дава три години живот, само вистински покај се.

И го фати за рака и го одведе со себе во пустината. По три години повторно дојде со него кај браќата и ги извести дека братот пред нив е како ангел Божји. Многу браќа се собраа и долго ги слушаа неговите медоточиви зборови, за плодовите на покајанието. Оваа беседа преподобниот ја продолжи до утрената. За време на беседата, братот што го беше окончал тригодишното покајание како да задрема и така ја предаде својата душа во рацете Божји, без болки и без страв, како да заспа во сладок сон.

За преподобниот Патермутиј се зборува и тоа дека многупати ја преминал реката Нил, одејќи по водата. Еднаш, пак, кога се беа собрале неколкумина браќа во една ќелија, и при затворена врата разговараа за спасението на душите, свети Патермутиј застана меѓу нив, како некогаш нашиот Господ Христос меѓу апостолите. Толку голем беше во чудотворството преподобниот Патермутиј, полн со благодат Божја. Помина многу години во богоугодниот живот и се престави кај Господа, кон крајот на четвртиот век.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ КОПРИЈ

Свети Коприј, очевидецот на свети Патермутиј и известувач за неговите чудеса, беше презвитер по чин и исто така имаше од Бога благодат на чудотворство. Живееше во истите египетски краеви, исцелуваше разни болести и истеруваше зли духови од луѓето. Еднаш, додека им зборуваше на браќата за душекорисни работи од животот на преподобниот Патермутиј и други светители, еден брат, не верувајќи им на неговите зборови, задрема.

Но, во сонот тој виде во рацете на свети Коприј прекрасна книга, испишана со златни букви, од која тој им зборуваше на браќата. Крај него стоеше еден светол маж, украсен со седост. Погледнувајќи грозно кон задреманиот, тој му рече:

- Зошто ти не веруваш во тоа што се зборува, туку дремеш?

Ужаснат, овој брат се тргна од сонот и веднаш им раскажа на останатите што видел, и оттогаш со вера внимателно слушаше се што раскажуваше свети Коприј.

Во една прилика кај преподобниот имаше непознати монаси, кои му беа дошле во посета и ги слушаа неговите душекорисни кажувања. Во меѓувреме дојде еден селанец со еден сад поли со песок, и стоеше крај вратата од ќелијата, чекајќи старецот да заврши со својата беседа. Кога го видоа, браќата го прашаа:

- Што сака овој селанец со песокот?

Старецот одговори:

- Деца, не би требало да се фалиме пред вас, ниту да ви раскажуваме за славните дела на отците, за да не се погордееме со умот, и да се лишиме од наградата. Но, бидејќи сте дошле од далеку со ревност и жед за духовна корист, јас нема да ве лишам од поука, туку во присуство на браќата ќе ви раскажам што уредил Бог преку нас грешните. Земјата на нашето соседно село беше многу неплодна, и селаните од посеаното жито одвај добиваа семе, зашто црвот кој се појавувал во класјето ја сотирал целата жетва. Земјоделците кои ние ги приведовме во христијанството не замолија да се помолиме за жетвата. Јас им реков: ако имате вера во Бога, вам и овој пустински песок ќе ви донесе род. А тие веднаш ги наполнија своите пазуви со овој песок, по кој газат нашите грешни нозе, и ме замолија со името Господово тој песок да го благословам како семе. Откако се помолив на Бога, јас им реков:

- Нека ви биде според верата ваша.

Тие заминаа, го помешаа тој песок со житното семе и ги посеаја своите ниви. И нивната земја стана поплодна од секоја област во Египет. И од тогаш тие секоја година доаѓаат кај нас, земаат одовде песок и го носат кај нас да го благословиме. И нивната вера не останува залудна, зашто секоја година имаат изобилна летнина.

Еднаш преподобниот Коприј пред народот се расправаше за верата со еретик манихеец, па кога виде дека со своите смирени и кротки зборови не може да го совлада лошиот и многу зборлив еретик, посака на дело да ја докаже вистинитоста на својата вера. Затоа се обрати кон народот и рече:

- Заналете оган на плоштадот, па ние двајцата ќе влеземе во него. Кој од нас ќе остане неповреден во огнот, неговата вера е вистинска. Народот брзо го подготви огнот. Но манихеецот му рече на преподобниот Коприј:

- Да влеземе во огнот еден по еден. Ти треба да влезеш прв зашто предлогот е твој.

Свети Коприј се прекрсти и влезе во огнот. Огнот се раздели на две страни, а тој стоеше врз жарта како врз цветна трева, неповреден. Отстоја половина час среде огнот и излезе неповреден, така што огнот не се беше допрел ни до неговата облека. Народот многу се восхити и Го славеше Христа Бога. Потоа сите започнаа да го тераат манихеецот да влезе во огнот, но тој беше преплашен и не сакаше. Тогаш неколкумина го дофатија и го турнаа внатре. Тој веднаш започна да гори, па скокна од огнот сиот подгорен и започна да бега. Народот го фати и започна да вика:

- Спалете го овој еретик!

Но преподобниот го смири народот и го отпушти еретикот жив.

Во близина на својата ќелија преподобниот имаше мала градина во која одгледуваше овошје и зеленчук за гостите што му доаѓаат. Но, една ноќ во градината се вовлече еден идолопоклоник и украде од Зеленчукот колку што можеше да понесе. Кога дојде дома, тој стави дел од зеленчукот во котле да се вари на огнот. Но, иако го вареше три часа на силен оган, зеленчукот остана свеж, зашто водата не можеше да се загрее. Запрепастен од ова чудо, идолопоклоникот го сфати својот грев и силата Христова која дејствува во христијаните. Затоа го зеде , сиот украден зеленчук, па и оној од котлето и го однесе кај старецот. Падна пред нозете негови, му го исповедаше својот грев и раскажа за чудото. Откако доби прошка побара да го крсти. Во тоа време кај старецот имаше многу гости и сите се израдуваа на чудесното обраќање на овој човек кон Господ Христос. И беше угостен со овој зеленчук и Му благодареше на Бога. Преподобниот Коприј сотвори многу вакви чудеса со благодатта Христова, па се упокои во мир! и доби удел со преподобниот Патермутиј во царството на нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава за навек. Амин.

ЖИТИЕТО НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ТЕОДОР,

епископот Едески!

Во градот Едеса? живееше еден човек на име Симеон, со жена си Марија. И двајцата беа набожни, имаа страв Божји и ги исполнуваа заповедите Господови. Тие беа богати и вршеа огромна милостиња. Ним им се роди само една ќерка, но тие многу сакаа да добијат машко чедо. Затоа одеа по разни цркви Божји, постеа и се молеа, просејќи син од Бога.

Еднаш за време на Светата Четириесетница, и тоа во саботата од првата недела на Великиот Пост, кога се празнува споменот на светиот великомаченикот Теодор Тирон, и двајцата отидоа во црквата на Светите Апостоли на утрена со прилози. За време на богослужбата и двајцата задремаа во исто време и секој засебно се удостои со вакво видение. Видоа тие како во црквата стои свети апостол Павле со светиот великомаченик Теодор Тирон. Светиот Великомаченик му зборуваше на светиот Апостол, посочувајќи му со прстот кон Симеон и Марија:

- Овие луѓе, ученику Господов, пламено Му се молат на Бога да им подари машко дете. Затоа издејствувај им кај Бога за она што молат, за нивните прилози на црквите и нивната милостиња да бидат наградени.

И видоа тие како Апостолот им става на рацете машко бебенце, зборувајќи:

- Ете, имате син!

А Великомаченикот рече:

- Името нека му биде Теодор, зашто ова детенце навистина ќе биде дар Божји.

По утрената тие си ги раскажаа еден на друг своите виденија и се восхитуваа што и двајцата виделе исто, па Му заблагодарија на Бога и радосни се вратија дома. Марија забремени, но сепак живееше во големо воздржание, зашто во себе го носеше оној, кој требаше да биде сад на Светиот Дух.

Кога им се роди синот му го дадоа името Теодор, според желбата на Великомаченикот и го крстија. Детето порасна и родителите го дадоа во училиште. Но Теодор тешко учеше и слабо памтеше. И тоа беше по промисла Божја, за мудроста да му биде дадена од благодатта Господова а не од луѓе. Момчето често беше укорувано од родителите и од учителите, и исмевано од своите врсници. Но, по некое време нему му дојде мисла да моли од Бога вразумување. И тој започна често да оди во црквата и усрдно да се моли.

Еднаш, по Божја промисла, тој во недела дојде во црквата пред Светата Литургија, влезе во олтарот и се сокри под светиот престол. Тоа никој не го виде. Архиерејот дојде и започна со Литургијата, а момчето заспа под светиот престол и спиеше се до крајот на Литургијата. Додека така спиеше, имало вакво видение: видело некакво момче, негов врсник, кој блескал како сонце и го хранел со саќе од мед, и давајќи му го пастирскиот жезол во рацете, го благословувал.

По ова видение Теодор се разбуди и излезе. Архиерејот и оние со него во олтарот многу се зачудија и го прашуваа од каде се нашол таму. Тој им раскажа се за себе и за видението што го имаше. Архиерејот се исплаши и го приклучи момчето во својот клир, произведувајќи го за чтец. Оттогаш Теодор стана остроумен и способен за учење, надминувајќи ги со разумот не само своите врсници, туку и постарите од себе. Напредуваше тој и во духовната мудрост и во световните науки, зашто во тоа време во Едеса беше познатиот учител на философијата Софрониј, кај кого Теодор за кратко време ги изучи сите науки.

Кога наполни осумнаесет години неговиот татко Симеон се престави кај Господа, а по една година и неговата мајка. Огромниот имот што му остана од родителите Теодор го раздели на сиромасите, оставајќи само еден дел за својата омажена сестра. Таа негова сестра роди син Василиј, кој се удостои на архиерејскиот чин во градот Амасија и го опиша ова житие на преподобниот Теодор.

По смртта на своите родители, во својата дваесетта година блажениот Теодор отиде во Ерусалим. Откако се поклони на гробот Господов и ги посети сите Свети Места, тој дојде во лаврата на преподобниот Сава, со која во тоа време управуваше ава Јован. Тука Теодор го прими ангелскиот образ, и се обучуваше во испосничките подвизи. Ги минуваше сите трудови во послушанијата, ревносно учествувајќи во сите манастирски служења цели дванаесет години. Потоа го замоли настојателот да му дозволи да живее сам во молитвено тихување. Откако доби таква ќелија, тој Му служеше на Бога во безмолвие. Храна му беше мало парче леб и малку вода по зајдисонце, и тоа не секој ден. Понекогаш тој и по два три дена не земаше храна и многупати одеше во Јорданската пустина, минувајќи во неа многу денови и ноќи без леб и вода, и се молеше непрестајно како бестелесен, па повторно се враќаше во својата ќелија.

Дваесет и четири години помина преподобниот Теодор во таквите испоснички подвизи. За неговото прекрасно монахување слушна неговиот млад роднина Михаил и од Едеса дојде кај него за да го подражава во неговите доблести. Теодор го прими, го потстрижа и го имаше покрај себе како ученик, соиспосник и соподвижник. Михаил се научи да плете кошници и други работи, кои со наредба на учителот ги носеше во светиот град Ерусалим и ги продаваше. Добиените пари му ги донесуваше на својот отец Теодор, кој го отпраќаше во лаврата кај Авата, за бадијала да не добива храна од обителта.

Во тие времиња Палестина и Финикија веќе беа под власта на сарацените, зашто со допуштање Божјо, заради гревовите на тамошните жители, над нив владееја сараценски цареви. Но своите верни луѓе Господ истовремено и ги утешуваше, вршејќи на Светиот Гроб знаменија и чудеса, со кои се затвораа нечистите усти на хулителите Христови, агарјаните. И многу агарјански старешини доаѓаа од далеку во Ерусалим, да го видат гробот Христов, и тука му оддаваа почести на христијанскиот патријарх и останатите архиереји, а на жителите на Ерусалим им укажуваа разни благоволенија. Во тоа време сараценскиот цар Адрамелех, со жена си Сеида дојде од Вавилон! во Ерусалим да го види гробот Христов и чудесата кои се случуваа таму. Адрамелех беше кроток човек и не сакаше да им врши никаква неправда на христијаните, иако земаше данок од нив. Сакаше да разговара за верата со учените луѓе, при што се држеше до своето сараценско размислување. Додека тој се уште беше во Светиот Град, блажениот Михаил, ученикот и роднина на преподобниот Теодор, дојде по наредба на својот учител да го продава своето ракоделие и престојуваше во гостоприемницата на манастирот на преподобниот Сава, која се наоѓаше во Светиот Град. Михаил најпрвин се поклони на Христовиот гроб и света Голгота, а потоа излезе на плоштадот со своите ракоделија. Тука го сретна евнухот на царицата Сеида, кој, кога ги виде прекрасните кошници и садови, се восхити на одличната изработка и му рече на Михаил:

- Момче, појди со мене, ќе добиеш добра цена за овие твои ракоделија.

Михаил појде како безазлено јагне до вратата на домот на новата египќанка. Евнухот ја извести царицата за него и таа веднаш нареди да го доведат. Кога блажениот Михаил влезе кај неа, расипаната жена беше ранета со нечиста помисла кон младиот монах. Тој навистина беше убав на лице, строен, со штотуку изникната брада, тенок и блед од големото постење, а освен тоа преку неговата надворешна убавина зрачеше и внатрешната убавина на неговата доблесна душа. Загледана во него, царицата го посакуваше и започна да го распрашува кој е и од каде е.

Тој и одговори:

- Јас сум беден монах од лаврата на свети Сава.

Царицата му рече:

- Гледам, момче, дека си бледо и слабо, и те жалам, па би сакала да ти направам некое добро. Ако си нечиј роб, јас ќе те ослободам. Ако си нечиј заробеник, јас ќе те откупам. Ако си болен, ќе те излекувам. Ако пак си сиромав, ќе те збогатам.

Целомудрениот Михаил ја сфати нејзината лукава намера, ги крена очите кон небото и се помоли на Бога во својот ум: „Човекољубив Господи, избавителу на заблудените и надеж на безнадежните! Ти Својот пророк Даниил си го избавил од челуста на лавовите. Избави ме сега и мене од оваа лута лавица, која сака да ја проголта мојата душа и жива да ја однесе во адот!“ Потоа и рече на царицата:

- Јас некогаш бев заробен со сластите на овој свет, но мојот владика Христос Бог ме избави со Својата благодат. Му бев роб на гревот, но мојот Господ ме ослободи. Ме најде болен, ги зеде моите немоќи и ме оздраве. Бев ништ и беден, но пребогатиот Син Божји, осиромашувајќи ради мене неизмерно ме збогати, та сега не оскудевам за ништо и ништо твое не ми е потребно. Јас имам свое богатство, здравје и слобода и по милоста на мојот Спасител изобилувам со секое благо.

На тоа бесрамната жена му рече:

- Момче, ако ми станеш пријател ќе се науживаш на многу богатства, сите ќе ти завидуваат и ќе бидеш господар над многумина.

Свети Михаил одговори:

- Јас Го љубам мојот Владика Христос, Кој мене ме засакал и душата Своја ја предал за мене. Сакам ненаситно да Го њубам. Мои пријатели се чиновите од небесни Ангели и хоровите на сите Светии, кои ангелски живееле на земјата. Неискажлива е нивната убавина и благолепие. Кога имам толку милосрден Господар и така мили пријатели, јас никако не сакам да бидам твој пријател, ниту пак да имам врска со тебе.

Тогаш царицата Сеида започна остро да му се заканува:

- Ако не ми ја исполниш желбата ќе те ставам на многу маки и твоето тело ќе го раздробам со рани.

Монахот одговори:

- Јас се трудам да ја творам волјата на мојот Господ, а на твојата нема да се покорам. Ако за моето тело приредиш маки и казни, за душата ќе ми издејствуваш вечно блаженство. Те уверувам дека никакви ветувања нема да ме предомислат, ниту маките ќе ме исплашат.

Царицата рече:

- Беднику! Од какви блага се лишуваш себеси, Зошто не ми ја исполни желбата? Зарем не сум убава? Или можеби не сум нежна и привлечна?

Преподобниот монах одговори:

- Ти не само што не си убава, туку си страшно грда, смрдлива и одвратна. Не заслужуваш љубов туку омраза.

Тогаш безбожната царица многу се разбесни, и нареди да го положат на земјата и немилосрдно да го тепаат со стапови, Долго така го мачеа. Потоа го оковаа и го испратија кај царот со вакво писмо:

„Овој гаден монах се дрзна срамно да ме изнавреди. Ако го оставиш жив ќе ме најдеш мртва“.

Штом го прочита писмото, царот реши да и ја исполни желбата за да не ја огорчи. Но прво посака лично да го види монахот. Кога го изведоа пред него тој не сакаше да му се поклони според обичајот, туку стоеше право, машки искажувајќи ја својата душевна храброст и непокорност на непријателите. Царот бесно гледаше во него и со гнев рече:

- Лош монаху! Имаш ли нешто да кажеш во однос на твоето дрско дело? Знам дека немаш одговор.

Страдалникот одговори:

- Царе, пред се треба да се има три доблести: страв Божји, правосудие и милостива долготрпеливост спрема оние што грешат.

Од овие зборови царот се смири, нареди да го ослободат Михаил од оковите, па кротко го праша од каде е.

Тој одговори:

- Родум сум од градот Едеса, а монах сум во лаврата на свети Сава.

А кога царот го праша за вината за која се зборува во писмото на царицата, светиот монах одговори:

- Се исполни врз мене познатата приказна: Некој случајно наазил на змија василиска, која со самиот поглед убива луѓе. Бегајќи од неа тој наишол на лав и одлучил попрво да остане со лавот отколку со отровната змија, која со очите убива.

Царот ја сфати смислата на приказната, му стана јасно дека монахот е невин, и го засака и поради неговата убавина и поради неговиот ум. Затоа реши да го одврати од христијанската вера и да го придобие за својата. Кај него имаше еден учен и красноречив евереин. Тој го повика на помош, па во негово присуство му рече на монахот:

- Гледам дека си многу умен, па ми е жал за тебе и ја штедам твојата младост. Затоа те советувам, ти наредувам и те молам: отстапи од жестокото Христово учење, одречи се од христијанската вера, присоедини се кон мојата, па ќе ми бидеш како син, ќе те поставам над сите мои кнезови и големци, и ќе бидеш Господар над сиот мој имот.

Преподобниот Михаил ги крена очите кон небото, воздивна длабоко и рече:

- Не давај, Христе Царе, да отстапам од Тебе, мојот Бог, макар да бидам ставен на безброј маки!

А на Адрамелех му рече:

- Царе! Јас сум слуга на Отецот и Синот и Светиот Дух, едното неделиво Божество. Него Го исповедам и нема да отстапам, туку засекогаш ќе останам во Него.

На тоа царот му рече:

- Значи тебе ти одговара да останеш во темноликиот чин во кој си сега?

Светителот одговори:

- Мене повеќе ме краси оваа монашка облека, отколку тебе царската.

Тогаш царот рече:

- Јас добро ги изучив нашите книги, а сум го прочитал и вашето Писмо, кое вие го нарекувате Евангелие, и нигде не најдов заповед која наредува да се гнасиме од бракот и месото.

Светителот одговори:

- Има два вида на живот кај христијаните: монашки и мирски. На мирјаните им е благословено да се женат и да јадат месо. Тоа не е грев за нив, само ако свето ги држат останатите заповеди Христови. Нам, пак, кои сме се одрекле од светот и сме се заветиле на девственост, не ни е дозволено да стапуваме во брак, зашто учителот на народите апостол Павле вели: „Неженетиот се грижи за Господовите работи, - како да Му угоди на Господа; а женетиот се грижи за световни работи, - како да ѝ угоди на жена си. Оној што стапува во брак добро прави а оној што не стапува во брак прави уште подобро“ (Кор.7, 32-33. 38). Значи, ние сакаме да Му угодиме единствено на нашиот Господ Исус Христос и затоа го избравме подобриот пат на животот - безбрачниот. Ние не јадеме месо, не затоа што го сметаме за нечисто, туку ради воздржание. Апостол Павле вели: „Царството Божјо не е во јадењето или пиењето, туку во праведност и мир и останатите добри дела, како и пост со светост“ (Рим.14, 17).

На тоа царот рече:

- Ве измамил Павле.

Светителот одговори:

- Не нè измами туку нè изведе од заблудата и ни го покажа патот кон добрата за кои е речено дека она што око не видело, уво не чуло, ниту на човека на ум му дошло, тоа Бог го приготвил за оние кои Го љубат (Кор. 2, 9). Ако пак, царе, навистина сакаш да дознаеш кој е измамник и претеча на антихристот, тогаш биди сигурен дека тоа е вашиот Мухамед, кој го прелага сиот сараценски народ и го изли својот отров на незнабожие дури до Персија.

Тогаш евреинот кој стоеше покрај царот му рече на свети Михаил:

- Зарем вашиот Павле не беше евреин?

Светителот одговори:

- Иако беше евреин, тој според заповедта Господова со проповед ја укина сенката на Стариот Завет и ја благовестеше вистинската благодат, за која прорекоа Пророците во Стариот Завет.

На тоа евреинот рече:

- Како си се поучил од Павле, кого не си го ни видел? Подобро поучи се од мене, кога ете, ме гледаш и слушаш.

Михаил одговори:

- Ако започнеш да ме учиш како него ќе те послушам, но ако учиш спротивно ќе побегнам од тебе како од змија, зашто Павле рекол: „Ако некој ви го јави Евангелието поинаку од тоа што го примивте, нека биде проклет“.

Тогаш царот праша:

- Зошто го одрекувате пророкот Мухамед? Зарем тој не им го проповедал Бог на Сарацените, Арабјаните и Персијците? Зарем не ги уништувал идолите и учел на доблесен живот?

Светителот одговори:

- Ако некој изведе човек од темница и го затвори во друга, уште помрачна, какво добро му сторил на тој човек? Зарем не го измамил преместувајќи го од една темница во друга? Така постапил со вас и вашиот Мухамед. А ние знаеме дека кон вистинската светлина води само еден вистински, сигурен пат, а тоа е правата вера во Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот Бог во Три Лица.

На тоа царот рече:

- Ти сметаш дека си паметен и речит, но двајца секако ќе победат еден.

Светителот одговори:

- Вие не сте двајца туку тројца и ќе бидете победени од едната сила Христова.

Царот праша:

- Со тебе разговараме ние двајцата, јас и евреинот. Како тогаш велиш дека сме тројца? Кој е третиот?

Светителот одговори:

- Меѓу вас двајцата невидливо стои вашиот учител - ѓаволот. Царот, иако го обземаше гнев, сепак ја задржуваше својата јарост, надевајќи се дека со зборови ќе го победи Христовиот војник и му рече:

- Остави ја својата многузборливост и покори ми се. Изјави дека Мухамед е пророк и пратеник Божји, па ќе ми бидеш како син и ќе уживаш во многу блага.

Светителот го праша:

- Царе, Го признаваш ли ти Бога и Божјото Слово?

- Да, го признавам! - одговори царот. Тогаш светителот го праша Евреинот:

- Признаваш ли дека преку словото на Господ беа создадени небесата, и преку Духот на устата Негова - сите сили нивни? (Псалми 32, 6).

Евреинот одговори:

- Да, така е!

Тогаш, исполнувајќи се со Светиот Дух, исповедникот Христов им рече:

- Ете, вие самите сведочите за вистината, иако не верувате како што треба. Јас во никој случај нема да ги послушам лажните учења, туку останувам на она што веќе ви го реков: Мухамед не е пророк, ни пратеник Божји, туку лажливец и претеча антихристов. А ти, евреину, биди сигурен дека Христос веќе дошол во светот по пат на нетлено раѓање од Пречиста Дева, и затоа немој се уште да чекаш негово раѓање во тело. Оној, пак, што ти го чекаш, ќе биде одвратниот антихрист, кој ќе ја смути сета вселена, а измамникот Мухамед е преттеча на тој антихрист.

Присутните персијци и сарацени се вознемирија од неговите зборови а христијаните душевно се радуваа и си зборуваа меѓу себе дека со благодатта Христова монахот ги победил. Царот се разгневи на евреинот и му рече:

- Залудно те повикав за помошник. Не добив никаква помош од тебе. Напразно ми велеше дека ќе го победиш монахот и ќе го обратиш на мојата страна.

А свети Михаил радосно рече:

- Еве еден, победен со силата на мојот Христос, побегна со срам, а двајца се уште се овде. Наскоро и тие ќе бидат победени. Мојот Заштитник е несовладлив и непобедлив.

Потоа царот му рече на страдалникот:

- Монаху, тебе ти преостанува да ми се покориш и да ја примиш нашата вера. Во спротивно со горка смрт ќе бидеш лишен од овој сладок живот.

Светителот му рече:

- Царе! Те молам, или пушти ме кај мојот старец, или со било каква смрт испрати ме кај мојот Христос, или стани христијанин и биди со нас!

Царот не можеше повеќе да ги поднесе смелите зборови на младиот монах, па многу разбеснет нареди босоногиот маченик да го стават да гази врз вжештена жар. Страдалникот стоеше врз жарта неподвижно и јуначки трпеше заради њубовта Христова, пеејќи Давидови псалми.

Долго стоеше така врз жарта, и најпосле царот нареди да му дадат омртоносен отров. Маченикот ја зеде чашата, го прочита Символот на светата вера: Верувам во Едниот Бог Отец..., се прекрсти, го испи отровот и остана неповреден. Царот многу се зачуди, па нареди да доведат од темницата еден од злосторниците осудени на смрт и му даде ист таков отров. Злосторникот го испи отровот и веднаш со страшен крик ја испушти душата, и целото тело му се распадна, додека свети Михаил и понатаму остана здрав. Христијаните многу се радуваа и едногласно Го прославуваа Бога, а пак сарацените многу посрамени викаа кон царот или да го убие монахот, или пак сите христијани.

За да им угоди, царот нареди да го изведат маченикот надвор од градот и да му ја отсечат главата. Сите се упатија кон губилиштето каде тој застана на исток, ги крена очите и рацете кон небото и вака се помоли:

„Владико Седржителу, Севишен, Беспочетен, Создателу на секоја твар, Царе над Царевите и Господаре над Господарите, Ти благодарам што ме удостои да го завршам подвигот. Сега ја молам Твојата благост, нека не се допре до мене раката на ѓаволот, туку преку Твои свети ангели прими ја мојата душа. Тебе, Господи Те засакав, Тебе Ти пеам и Те величам, Отецот и Синот и Светиот Дух, Едно Божество и Царство, бидејќи е Твоја славата за навек. Амин“.

Потоа се прости со верните, и му ја отсекоа главата!. Христијаните Го прославуваа Бога, Кој го поткрепи Својот страдалник, а монасите од гостоприемницата на свети Сава во Ерусалим дојдоа со намера да го земат телото и да го однесат во лаврата. Ерусалимските христијани им се спротивставија велејќи дека тука пострадал и тука треба да биде положен за осветување и благослов на верните.

Монасите им зборуваа дека тој е воспитаник на пустината и чедо на преподобниот отец Сава, па треба да биде погребан во лаврата. Додека спореа меѓу себе, веста за тоа допре и до самиот цар, кој пресуди монасите да го земат телото. Тие веднаш го однесоа во гостоприемницата.

Тој ден на преподобниот Теодор му беше откриено се што се случило со свети Михаил, и тој дојде во црквата и им раскажа на авата и браќата:

- Денес нашиот брат Михаил го заврши маченичкиот подвиг во градот. Авата веднаш ги испрати браќата да го земат телото, и тие појдоа и го зедоа од таму ноќе, плашејќи се од сарацените. А Господ јави чудо над моштите на светиот слуга. Од небото слезе огнен столб и одеше пред телото, и ги осветлуваше сите кои го носеа. И многу граѓани го видоа тој столб како оди по патот кон лаврата и ја осветлува околината. Преподобниот Теодор го пречека маченикот со потоци од солзи, со жал и со радост. Плачеше за свети Михаил како за свој ученик и роднина, а се радуваше што неговиот мил сожител се удостои на маченичкиот венец. И авата со сите браќа со свеќи и кадилници излегоа да го пречекаат со солзи, пеејќи песни во чест на маченикот. Така го внесоа чесното тело во црквата. Во тоа време во лаврата имаше еден болен монах на име Георгиј, кој три години лежеше парализиран и често беше посетуван од преподобниот Михаил. Кога слушна за неговиот подвиг, тој ги молеше браќата и него да го однесат во црквата, за да го види својот сакан брат. Но, никој не му обраќаше внимание, зашто секој иташе занесен. Болниот многу се натажи, се расплака и рече:

- О, брате Михаил! Ако си нашол милост пред Бога и си добил слобода пред Христос, спомни ме и мене, твојот пријател, и измоли за мене да можам да станам и да дојдам кај тебе, за да те видам и целивам во Господа.

Додека го зборуваше тоа неподвижниот одненадеж почувствува сила во себе, се крена здрав од одарот, отиде во црквата, падна пред телото на маченикот и со солзи го целиваше, зборувајќи:

- Навистина, мој мили брате, имаш огромна слобода пред Христос. Навистина ти јави совршена њубов спрема мене, страдалникот. И додека беше жив ти многу ми послужи мене, недостојниот, и кога кај Христос отиде, ти ненадејно ми подари неочекувано здравје.

Браката ги отпеаја пропишаните песни и го положија маченикот во гробницата на светите Отци, кои претходно пострадаа. Така светиот преподобномаченик Михаил го заврши својот живот, во деветтиот ден на месец јули. Потоа тој често му се јавуваше на преподобниот Теодор, украсен со маченичка облека и венец и осветлуван со неискажана светлина, зборувајќи му:

- Не тагувај за мене, оче, зашто добив милост од мојот Христос Бог, од Кого и за тебе е подготвена награда за учењето во кое што ме упати.

Сега повторно се враќаме на повеста за житието на преподобниот Теодор.

Господ, Кој се уредува за корист, не сакаше повеќе да го сокрива пустинското живеење на светилникот каков што беше блажениот Теодор, кој со примерот на својот добродетелен живот можеше на многумина да им биде од корист и како светлина да го осветлува светот. Затоа Тој го искачи на високиот архиерејски чин, на следниот начин:

Една година за време на Светата Четириесетница во Ерусалим допатува свјатјејшиот патријарх Антиохиски за да се поклони на Животворниот Гроб Христов и по некои црковни работи. Во тоа време, додека во Ерусалим присуствуваа двајца патријарси, Ерусалимскиот и Антиохискиот, и многу епископи од нивните епархии, од градот Едеса дојдоа и некои угледни претставници на духовништвото и мирјаните, барајќи епископ за својот град, бидејќи нивниот се беше преставил. И додека размислуваа кој би бил достоен на чинот и престолот, свјатјејшиот патријарх Ерусалимски, поттикнат од Духот Божји, се сети на блажениот Теодор и рече:

- Мислам дека никој нема живот толку сличен на ангелскиот и не е така способен за управување со црковниот работи, како прекрасниот меѓу молчалниците Теодор, монахот од лаврата на свети Сава.

Палестинските отци се сложија со неговото мислење, зашто на сите во Палестина им беше добро познат подвижничкиот живот на Теодор. Се израдува сиот собор, и патријарсите веднаш го повикаа Теодор и го поставија за епископ, иако тој со многу солзи го одбиваше тој чин. Му наредија да ги помине сите црковно пропишани степени и да го прими посветувањето за ереј. Се израдуваа и едеските пратеници, бидејќи слушнаа за неговиот богоугоден живот и знаеја дека се родил во нивниот град.

На Велики Четврток, денот на Тајната Вечера Христова, служеа двајцата патријарси со многу епископи и го хиротонисаа преподобниот Теодор за епископ. За време на хиротонијата пред очите на сите се случи прекрасно чудо:

Гулаб побел од снег започна да лета високо под црковниот свод и потоа слета врз главата на посветуваниот епископ. Патријарсите, епископите и свештениците се восхитуваа и Го прославуваа Бога, зборувајќи:

- Навистина овој маж е достоен на епископскиот чин!

По посветувањето, откако се удостои да прими преизобилна благодат на Светиот Дух, преподобниот Теодор стана како ангел Божји. Лицето му блескаше, сиот беше богоносен. На Велика Сабота и на пресветлиот празник Воскресение Христово, тој служеше заедно со двајцата патријарси. А пак на Светли Понеделник појде во лаврата да се прости со светите Отци. Отците се радуваа и плачеа истовремено, а со нив плачеше многу и самиот свети Теодор, оставајќи ја својата мила дружина, отшелничката ќелија и многусаканото безмолвие. Откако низ солзи се прости со сите, тој се врати во Светиот Град. По Томина Недела тргна за Едеса. Со него беше и Василиј, писателот на неговото житие, инаку негов внук од сестра. Застанаа да преноќат на реката Еуфрат, каде преподобниот, тажен што мораше да го напушти Светиот Град и светата Лавра, ги изговори зборовите на псалмопевецот: „Крај реките Вавилонски седевме и плачевме кога ќе се сетевме на Сион“ (Псалми 136, 1). По овие зборови се расплака и намисли да бега. Пратениците ја насетија неговата намера и поставија стража, за да не се лишат од својот пастир. Во таа ноќ преподобниот имаше божествено јавување со зборовите: „Не треба да си сличен на мрзеливиот слуга кој талантот го сокри во земјата, туку биди сличен на слугата кој прими пет таланти а заработи десет и доби власт над десет градови (сп. Матеј 25, 18; Лука 19, 18). Не откажувај се да го носиш јаремот Христов, кој е ставен врз тебе“.

По ова видение свети Теодор рече:

- Нека биде волјата Господова!

И го продолжи патот. Сиот град излезе да го пречека новиот архиереј и православните го примија со неискажана радост. Се израдува свети Теодор кога ги виде зданијата на соборните цркви во Едеса, кои според големината и красотата многу малку се разликуваа од црквата Воскресение во Ерусалим. Благословувајќи ги сите, тој падна кај чесниот ковчег на светите маченици Гургиј, Самон и Авив! и со многу солзи ги ороси.

Така светителот Христов го прими својот престол за време на царувањето на Михаил и неговата мајка Теодора, и усрдно започна да ја пасе од Бога доверената паства со зборови и дела, хранејќи ја од една страна со боговдахновеното учење а од друга упативајќи ја на патот на спасението со примерот на својот доблесен живот. Во тој град имаше многу ереси: Несториевата, Северовата, Евтихиевата и Манихејската. Светиот епископ многу тагуваше и многу труд вложуваше борејќи се со нив како со ѕверови. Православните многу му се радуваа а еретиците смислуваа завери против него.

Во тоа време близу Едеса, недалеку од манастирот на светиот великомаченик Георгиј, во кој монахињите водеа подвижнички живот, живееше чудесниот столпник и духовен маж на име Теодосиј, кој имаше над сто години, и од Бога дар на прозорливост. Кај него често доаѓаше преподобниот епископ Теодор, разговараше со него како со искрен пријател и добиваше утеха. Столпникот му зборуваше: не малаксувај слуго Божји, нека не ти изгледа тежок јаремот Господов. Се ќе се заврши добро за тебе. Иако еретиците сакаат да ти наштетат, Господ ќе ја поремети нивната намера и тие ќе бидат победени, посрамени и протерани од црковните дворови. Овие негови зборови се исполнија во свое време, за што ќе стане збор подоцна. Овде треба да спомнеме и за честите духовни разговори на епископот со Столпникот. Еднаш му го раскажа следново:

„Пред многу години во овој град имаше еден човек на име Адер, благороден, познат и многу богат човек, како праведниот Јов". Тој беше необично милостив спрема сите, премногу им даваше милостиња на ништите, носеше прилози во монашките живеалишта и често доаѓаше кај мене да поразговараме за духовни работи. Имаше сопруга и три деца и беше праведен, безазлен, кроток, смирен, млад и силен. Кога еден ден по својот обичај дојде кај мене, јас забележав дека е многу тажен и го прашав:

- Зошто си толку тажно, чедо мое духовно?

А тој низ солзи ми рече:

- Гол сум излегол од утробата на својата мајка, гол треба да заминам и во гробот. Ништо од времениот живот нема да однесам со себе. Давид вели: „Човекот собира а не знае каде ќе допадне; ниту ќе појде со него славата негова...“ (Пс. 38, 7; 48, 18). Богатството свое човекот го остава на туѓинци, и поинаку не може да биде. И Апостолот вели: „Минлив е овој свет“(1 Кор. 7, 37). А слушам како и нашиот Спасител Христос јасно објавува: „Кој нема да се одрече од се што има, не може да биде Мој ученик. Кој не го зема својот крст и не оди по Мене, не е достоен за Мене“ (Лука, 14, 33: Матеј 10, 38). Затоа оче, јас од љубов кон Бога сакам да оставам се: и жената, и децата, И имотот, и да се прилепам за мојот Господ. Дај ми го својот благослов и еден леб од својата ќелија и помоли се за мене.

Јас со восхит му реков: „Ја гледам твојата добра намера, но ти земаш голем подвиг врз себе. Но, кој ќе претрпи до крај, тој ќе се спаси“ (Матеј 24, 13). „Затоа внимавај, чедо мое, на крајот да не се поколебаш, зашто подобро е да не се заветиш, отколку потоа да не го исполниш. Ако пак го исполниш ќе бидеш блажен, и временото ќе го промениш за вечното“.

На тоа тој рече:

- Нека биде волјата Господова.

Потоа, продолжи столпникот, јас се помолив за него, му дадов еден леб, и го отпуштив. А тој отиде во Ерусалим, се помоли на Христовиот гроб, ги посети сите свети места, појде во лаврата на свети Сава, се замонаши и од Авер стана Атанасиј. Го помина животот како вистински монах, Му угоди на Бога и се престави кај Него. По неговото повлекување од светот, неговата чесна сопруга многу плачеше по него, и често му се обраќаше како да е пред неа: „Господине мој, ти се погрижи за спасението на својата душа, а мене ме остави со децата. Нека го види тоа Севидливиот Бог и нека пресуди!“

По долго време, таа на сон го виде својот сопруг со блескаво лице во бела облека, кој ѝ рече:

- Престани да плачеш и да се лутиш на мене. Еве, јас ќе ги земам и моите деца кај себе, а ти, ако сакаш, потруди се да ја спасиш својата душа.

Тој човек, продолжи столпникот, ми се јави и мене исто таков и ми рече:

-Во манастирот во твоја близина, најстарата безмолвница ќе замине кај Господа по три дена. На нејзиното место смести ја мојата сопруга, за таа таму да се подвизува во монашкото молитвено тихување. Покрај неа нека остане и најмалото дете, додека не порасне. Тоа ќе оди по моите стапки и ќе се искачи на апостолски престол во Ерусалим.

Во третиот ден по ова јавување, во оној манастир се престави старата безмолвница. Потоа се упокоија и двете Адерови деца. Остана само најмалото, но и тоа беше смртно болно. Дотолчената мајка, гледајќи дека и последното дете и е на умирање, во својата преголема тага горко плачела и потресно кукала. Таа го зела детето на раце и потрчала кај мене недостојниот. Но на половина пат детето умрело на нејзините раце, и мајката во страшната болка не знаела што да прави. Случајно, всушност по Божја промисла, неа ја сретна една блудница. Тогаш мајката го стави во нејзините раце своето мртво чедо, се фрли пред нејзините нозе и низ солзи ја молеше да се помоли на Бога за него. Блудницата многу се зачуди и и рече дека е јавна грешница, виновна за многу беззаконија и нечистотии, та не смее да се обрати кон Бога, ниту да погледне во небото, ниту пак да ја отвори устата за молитва. А мајката, како избезумена од жалост, не престануваше да ја моли, прегрнувајќи и ги нозете. Тогаш блудницата се сврте кон исток, длабоко воздивна, се удри во градите, и гушејќи се во солзи започна да се моли:

„Не сум достојна, Господи, заради многуте мои гревови, да погледнам во небесните висини и со својата нечиста уста да го изговорам пресветото име Твое. Сепак, како некогаш древната блудница, која плачела крај Твоите нозе, го преколнувам Твоето човекојубие: излеј го сега врз нас Твоето сомилосно милосрдие! Оваа грешница молеше простување за своите гревови, а јас не се осмелувам да просам прошка за моите безбројни беззаконија, туку се молам за ова невино детенце, приморана од оваа твоја целомудрена слугинка: Животодавче, Спасителу на сите, дари му живот на ова дете! Кога јас суровата и немилостива чувствувам жал за него, тогаш Ти, според Својата милостива и човекољубива природа, имаш сомилост за Своето создание!“

О, неискажано милосрдие Божјо! Јавната грешница која со скрушено срце и смирено исповедање на своите гревови се помоли, Бог ја услиша и ради нејзината молитва го воскресна мртовецот, предвидувајќи го како севидлив нејзиното идно големо покајание и свет живот. Мајката со неизмерна радост Му благодареше на Бога, а пак грешницата, кога го виде таквото чудо се восхити, многу се запрепасти и занеме, па се фрли ничкум на земјата, пролевајќи потоци од солзи. Толку е прекрасен Бог во делата Свои! Воскреснувајќи го детето, Тој ја утеши дотолчената мајка, ја привлече блудницата кон вистинското покајание, и достојниот слуга го подготви за архиерејската служба за Себе, зашто ова воскреснато дете потоа стана патријарх Ерусалимски.

Додека се случуваше ова на патот, продолжи Столпникот, јас набјудував од столбот. Со Божјо откровение здогледав пресјајна светлина која беше дошла од небото, и ги осветлуваше и грешницата која се молеше и воскреснатото дете и расплаканата мајка. Јас го повикав својот ученик и го испратив да ги доведе двете жени со детето. Тие ми раскажаа се што се случи со нив. Сето тоа потполно се вклопуваше со она што Бог ми го откри. Адеровата сопруга зборуваше:

- Чесни оче, ти пресуди помеѓу мене и мојот сопруг, а твој духовен син. Јас невина се омажив за него, му родив три деца, а тој, без никаква вина од моја страна, замина незнајно каде. Многу време поминав во солзи. Тој ми се јави еднаш на сон, облечен во светла облека, и ми рече: еве, јас децата ќе ги земам кај мене, а ти, ако сакаш, спаси ја својата душа.

По тоа видение ми умреа двете деца. Сега сака да ми го земе и последното и да ми ја убие душата од тага и жалост. Ако го прави тоа со твоја наредба, тогаш Бог нека пресуди меѓу мене и вас.

На тоа јас и реков:

- Не жалости се, ќерко. Твојот син нема да умре, туку Ќе живее и ќе се удостои на голема слава. А ти, според советот на својот сопруг, погрижи се за спасението на својата душа. Еве, за тебе е подготвена осаменичка ќелија во блискиот манастир. Една богоугодна слугинка Христова, која остаре во подвижништвото, се престави. Сега ти биди наследничка на нејзината ќелија и подражавај го нејзиниот живот.

Жената веднаш се согласи со мојот предлог. И грешницата со солзи започна да моли, и таа да биде примена на покајание и приклучена во светите Испоснички. По неколку дена и двете жени ги раздадоа своите имоти, стапија во манастирот на светите подвижници, станаа многу доблесни монахињи и потполно Му угодија на Бога. А пак воскреснатото дете, кога порасна отиде во Палестина, и кога ја посети лаврата на свети Сава дозна дека неговиот татко монахувал таму. Тогаш и самиот се замонаши, ја измоли за себе татковата ќелија и многу години испоснички се подвизуваше во неа. Со својот доблесен живот се прочу меѓу сите палестински отци и со Божјо благоволение беше поставен на ерусалимскиот патријаршиски престол каде седум години мудро управуваше со Црквата Христова. Беспрекорно го изоде својот животен пат и се пресели во вечните живеалишта.

Оваа повест на прекрасниот Столпник влеа чудесно умиление во свети Теодор, и тој го праша:

- Кажи ми, духовни оче, колку години живееш на овој столб, и те молам, раскажи ми се за својот живот ради Господа.

Старецот длабоко воздивна, се расплака и рече:

- Заради името Господово, и за вистинската љубов, ќе ти раскажам сè за мене, но тоа ти чувај го во себе, сè додека Господ не ме земе од овој живот.

И започна:

- Во својата младост, јас со својот постар брат Јован се одреков од светот. Се трудевме во манастирот три години, па посакавме безмолвен пустински живот. На совет од нашиот духовен отец, ние заминавме во пустината близу Вавилон. Таму најдовме две пештери блиску една до друга, и започнавме да живееме засебно во осаменост и тишина. Храна ни беа билките и пустинското овошје. Саботата и неделата ги минувавме заедно во молитва и пеење. Откако ќе касневме од вообичаената пустинска храна, се враќавме во своите пештери и таму насамо се молевме и размислувавме за Бога. А кога одевме низ пустината ние се трудевме да не се сретнеме, а Ангел Господов често доаѓаше и засебно не тешеше во осаменоста. Еден ден, кога разделени одевме низ пустината и собиравме билки, во далечината јас го здогледав мојот брат како одненадеж застана зачуден, постоја малку, се прекрсти, го прескокна местото пред него како некоја стапица, па бргу побегна во својата пештера. Зачуден од неговата постапка јас отидов до тоа место, за да видам какво зло го натера мојот брат да бега. И видов огромна количина расфрлано злато. Се помолив, ја соблеков мантијата, го собрав во неа расфрланото злато и одвај го однесов во својата пештера. На брата си не му реков ништо за тоа. Потоа отидов во градот и купив убава куќа, крај која имаше извор чиста вода. Тука подигнав црква и изградив манастир, собрав четириесет монаси, изградив гостоприемница и болница за згрижување на патниците и болните и купив доволно земја за манастирот. Кога го уредив сето тоа, јас најдов мудар човек и го поставив за игумен на тој манастир. Откако ги исплатив сите трошоци околу градбата на манастирот, ми останаа уште две илјади златници. Илјада му дадов на игуменот за потребите на манастирот, а другата илјада ја раздадов на монасите, и не оставив ниту еден за себе. Потоа се простив со игуменот и браќата, па повторно се упатив кон пустината, за да го побарам својот брат. Додека одев низ пустината, во моето срце се јави зла мисла: „Ете, мојот брат не умееше да го искористи најденото злато, а јас направив огромно и богоугодно дело“.

Додека си мислев така наближив до местото каде што живееше мојот брат, а лошата помисла не ме напушташе. Во меѓувреме ме сретна Ангелот, кој ме посетуваше порано, грозно ме погледна и гневно ми рече:

- Зошто се озлобуваш и со горди помисли се превознесуваш над брата си? Вистината ти ја зборувам: Сиот твој долготраен труд, сите твои грижи околу градбата на манастирот, не можат да се споредат со она што го стори твојот брат, прескокнувајќи го најдениот куп злато. Тој не го прескокна златото, туку огромната провалија, поставена меѓу богаташот и Лазар (Лука 16, 26 - 31), ја прелета со лесни крилја и него го очекуваат прегратките на Авраам. Тој се потруди да Му угоди на Бога, а ти на луѓето. Затоа твојот брат е несомнено поголем пред Бога од тебе и ти во никој случај не можеш да се споредиш со него, иако горделиво се фалиш дека си подобар од него. Поради тоа твое фалење, ти во овој живот повеќе нема да не видиш ниту него ниту мене, и ќе треба да пролееш многу солзи, за Бог да се смилува на тебе.

Откако го рече тоа Ангелот исчезна, а јас побрзав кон пештерата на мојот брат Јован, но не го најдов во неа. Тогаш започнав да плачам и горко да ридам додека не изнемоштев од плачење. Во такво ридање поминав седум дена, и го слушнав гласот на Ангелот, кој оддалеку ми зборуваше:

- Ти треба да појдеш во градот Едеса, и таму, во близина на црквата на свети Георгиј, да се качиш на столб и да останеш во покајание додека Господ не се смилува на тебе. Јас тргнав од пустината плачејќи, и откако дојдов овде се качив на овој столб. Поминав овде четириесет и девет години, борејќи се со најразлични помисли што ме напаѓаа како мрачен облак. А некоја неутешна тага го исполнуваше моето срце. Во педесеттата година, една саботна вечер, во моето срце заблеска слатка светлина, го растера мрачниот облак од помисли, и јас таа ноќ ја поминав без сон, со умиление се молев и со солзи на утеха го квасев своето лице. И кога во недела јас ги пеев пропишаните псалми од третиот час, ненадејно пред мене застана светиот Ангел и ми рече:

- Мир на тебе и спасение!

Утешен со ова јавување, јас паднав на земјата и низ солзи реков:

- Зошто ме отфрли од себе и ме раздели од мојот брат? Еве, постојано сум изложен на многу напасти.

Ангелот ме фати за рака, ме крене и ми рече:

„Заради твоето високоумие, и поради тоа што во своите мисли го понижи брата си, јас се сокрив од твоите очи, но не те оставив, туку постојано бев со тебе и те чував, како што ми беше наредил Бог. А сега, заради твоето смирение, Бог се сети на тебе, и ме испрати видливо да бидам со тебе и во овој и во идниот живот. Сега ти се дава од Господа благодатниот дар на прозорливоста, да ги препознаваш праведниците и грешниците, за да се радуваат праведниците, а да се молиш за грешниците да се обратат кон покајание. А твојот брат е жив, и постојано се моли за тебе на Господа, но ти ќе го видиш дури во идниот живот“.

Ете, архиереју Божји, јас ти раскажав се за својот живот.

Тогаш свети Теодор го праша, како тој ги распознава праведниците и грешниците?

Столпникот одговори:

- Кога покрај ова место минува праведен и богобојазлив човек, јас гледам како благодатта Божја блеска над него и од двете негови страни со него одат свети и пресветли Ангели, а ѓаволите го следат од далеку без да смеат да му се доближат. Кога пак одовде минува грешен човек, јас гледам околу него војска од ѓаволи како ликува, а Ангелот од далеку оди по него, тагувајќи и плачејќи заради гибелта на грешникот. А кога ѓаволот сака целосно да го погуби тој човек, Ангелот веднаш со огнен меч притекнува и ги растерува.

Со ваквите душекорисни зборови преподобниот Столпник го полнеше срцето на светиот епископ Теодор со огромна духовна радост. Тој многу Му благодареше на Бога што го удостои да го најде таквиот боговдахновен угодник Господов и прозорлив отец. Оттогаш често го посетуваше и водеше со него духовни разговори.

Така свети Теодор мудро го пасеше Христовото стадо, трудејќи се да го уништи множењето на ересите. Разгневените еретици започнаа отворено да се договараат за време на некој празник вооружени да ја нападнат црквата за време на богослужбата и да го убијат. Но тоа не им појде од рака, зашто врз нив се исполнија зборовите од Светото Писмо: „Смислија зло но не можеа да го извршат“ (Псалми 20, 11). И секој пат кога ќе се нафрлеа врз црквата ги спречуваше сила Божја. Најпосле против црквата Божја и светиот архиереј ги поттикнаа сарацените кои управуваа со таа област, ги подмитија и со нивна помош ѝ одзедоа на црквата многу ниви, лозја, И останатите извори на приходи. Тие, а особено богатите манихејци, им вршеа многу неправди и насилства и на останатите православни христијани.

Тоа го примора свети Теодор да појде во Вавилон кај царот на сарацените Мавиј, наследникот на Адрамелех, за да го замоли да престане со тоа и да се поведе истрага. Но свети Теодор претходно отиде кај преподобниот Столпник за да се посоветува со него. Столпникот му прорече се што ќе се случи. Му прорече дека неговиот пат ќе биде благословен, зашто и црковните прашање поволно ќе се решат и самиот цар ќе се обрати во Христовата вера. Му препорача и да го побара неговиот брат Јован, кој живееше во пустината некаде над Вавилон, па напиша и писмо за брата си.

Кога стигна во Вавилон свети Теодор отиде во христијанската црква и се јави кај тамошниот митрополит, кој со радост го прими и го смести кај себе. Кога го праша која е причината за неговото доаѓање, свети Теодор му раскажа се за нападите на еретиците на Црквата, за одземањето на имотите и за страдањето на православните луѓе. Во тоа време кај митрополитот случајно се затекнаа двајца царски дворјани, старешината на царските писари и старешината на царските лекари, кои беа православни христијани. Тие сочуствуваа со епископот а митрополитот ги задолжи да му спомнат на царот за дојдениот епископ. Тие одговорија:

- Сега не е време за тоа, зашто царот е тешко болен. На очите има гнојни рани и од болките видот му се поматил. Покрај тоа тој има и воспаление на црниот дроб, а таа болест според нас е неизлечива. Кој би можел сега да му се обрати за нешто?

На тоа свети Теодор им рече:

- Кој знае, можеби Господ ќе го исцели заради моето смирение? Тие му одговорија:

- Ако си вешт во лечењето или имаш благодат на исцелување од Бога, тогаш ова е згодна прилика да најдеш решение на твојот проблем.

Утредента старешината на лекарите го посети царот, за да му ја укаже потребната лекарска помош, и му рече дека од Едеса допатувал епископ кој е вешт во лекарската наука. Царот веднаш нареди да го повикаат. Додека одеше кај царот епископот се молеше и во себе го пееше Давидовиот псалм:

„Кој живее под закрила на Севишниот...“ (Псалми 90, 1..). Кога влезе кај царот, тој со одвај чуен глас рече:

- Епископе! Ако можеш, помогни ми! Јас сум тешко болен и веќе умирам.

Светителот ги крена очите кон Бога, и призивајќи го со силна вера на помош Господ Христос, брзиот Лекар, нареди да му се донесе чист сад и чиста вода. И бидејќи имаше кај себе малку земја од Животворниот Гроб Христов, тој таа земја ја раствори во водата и му даде на царот да се напие, а со преостанатата му ги помаза главата, челото, веѓите, очите, срцето и рамењата. Потоа замоли за тишина за царот да заспие, а тој појде во гостоприемницата. Болниот цар заспа. Додека спиеше го остави болеста и со благодатта Христова и молитвите на светиот епископ Теодор беше вратен од капијата на смртта. Кога се разбуди се почувствува потполно здрав со одличен вид. Многу восхитен од така неочекуваното брзо оздравување од тешката болест, тој веднаш нареди да го повикаат епископот и радосно му благодареше и му укажуваше огромни почести со љубов. Светителот му нареди да јаде и тој јадеше како никогаш да не боледувал.

Утредента царот ги свика своите големци, седна на високиот престол за сите да видат дека оздравел и тој ден приреди голема гозба. Пред сите му оддаде големи почести на светиот епископ Теодор, го обдари со многу подароци и го нарекуваше светлина на своите очи.

На третиот ден повторно го повика кај себе, му укажа особени почести и му рече:

- Човеку Божји, светлино на моите очи! Кажи ми, зошто си дојден овде? Ќе добиеш сè што ќе побараш од мене.

Тогаш светителот започна подетално да му раскажува на царот за сите неправди што им се вршат на Црквата и на православните христијани, за плачкањето на црковните имоти, за злоставувањето и угнетувањето и најразличните притисоци. И царот веднаш нареди на поглаварите на Киликија, Сирија и Месопотамија да им се достави наредбата:

„Сите црковни имоти веднаш да ѝ се вратат на Едеската Црква. Да се изведат на суд виновниците, еретиците да се присоединат кон соборната Црква, а ако одбијат на манихејците да им се отсечат јазиците, а евтихијаните, несторијаните и северијаните да се протераат од градот и нивните зборници до темел да се срушат“.

Откако беше напишана наредбата, царот му рече на светителот:

- Ти, оче, остани со нас некое време, а јас ќе го испратам војводата со оваа наредба. Повеќе не грижи се за ништо. И набрзо стигна од Едеса извештај дека царевата наредба во целост е извршена и дека многу од еретиците се присоединиле кон Православната Црква, а упорните биле подложени на казни или на прогонства.

Додека престојуваше во Вавилон светиот епископ Теодор често беше повикуван кај царот како лекар и при тоа тој полека го сееше семето на учењето Христово. Потоа го замоли царот да му дозволи да појде во пустината за да го побара Столпниковиот брат пустиножител. Тој му дозволи и со помош Божја го најде преподобниот Јован во пустината, во непроодно место, во мрачната пештера. Преподобниот Јован го пречека епископот и ги нарече по имиња и епископот и неговите ученици. Откако се помолија и поздравија, отпочнаа разговор. Преподобниот Јован во сè наликуваше на својот брат Теодосиј Столпникот. Тој го замоли светителот да отслужи Божествена Литургија во неговата пештера и да го причести. Епископот му ја исполни желбата. Потоа Пустиникот им постави трпеза на гостите, која беше необично вкусна и пријатна. По трпезата Му заблагодарија на Бога и повторно се впуштија во духовен разговор. Старецот го праша епископот:

- Оче! Каде е писмото што ми го напиша мојот брат столпник?

Восхитувајќи се на старчевата прозорливост, епископот му возврати со прашање:

- Кој те извести, аво, дека кај мене е писмото од твојот брат?

Преподобниот одговори:

- Во моментот кога беше напишано писмото, тоа веднаш ми беше прочитано мене, и веднаш на позадината од писмото му беше даден мојот одговор на брат ми.

Епископот го извади од торбата запечатеното писмо, му го подаде, но пустиникот го замоли тој да го отвори и прочита.

Кога епископот ја исполни неговата молба, на позадината од писмото најде ваков одговор:

„Јован, последниот меѓу монасите од Вавилонските пештери, на својот роден брат, Теодосиј Столпникот во Сирија, му посакува радост во Господа!

Го прочитав твоето писмо во истиот час кога беше напишано, и веднаш ти одговорив, зашто иако со телата сме далеку еден од друг, сепак мојот дух постојано е со тебе и тоа што Бог ти го открива тебе, познато ми е и мене. А пак тоа што ти ми го напиша за светиот епископ, со Божја промисла добро се исполнува. Светата Црква се зголемува, еретиците се посрамуваат и бркаат, а неверниот цар и духовно се просветли. Биди здрав во Господа, брате, и моли Го за мене Владиката Христос, во идниот живот да се удостоиме да се гледаме еден со друг и да живееме заедно“.

Кога со восхит го прочита чудесниот одговор, епископот се сети на пророкот Авакум, кој од Ангел беше пренесен од Јудеја во Вавилон кај пророкот Даниил, и повторно за еден час беше вратен назад (сп. Даниил 14, 36-39), и си рече: „Семоќниот Бог, Кој во дамнина го стори тоа чудо, беше моќен и сега да изврши слично чудо, зашто Он е прекрасен во светиите Свои“ (Псалми 67, 36).

Светиот епископ остана кај Пустиникот едно деноноќие, па утредента по молитвите се прости со него и се врати во Вавилон кај царот. Царот му рече:

- Би сакал, премил оче, никогаш да не се разделам од тебе, ниту во овој ниту во идниот живот, зашто мојата душа се врза за тебе со неискажлива љубов.

Епископот одговори:

- Гледам дека вратите помеѓу тебе и мене се отворени. Јас не излегувам надвор, а ти пак не влегуваш внатре. Кога ќе се затворат вратите, ние ќе се разделиме и мојата душа многу ќе страда поради тоа.

На тоа царот рече:

- Не разбирам што ми зборуваш, оче?

Тогаш светителот го извлече од своите пазуви Светото Евангелие и рече:

-Царе! Еве ја вратата која води кон спасението и кон наразделното живеење со Бога и со светиите Негови.

И започна насамо да му чита од Светото Евангелие, преведувајќи му на неговиот Јазик. Царот внимателно слушаше, а во срцето му се лееше умиление и душата му се исполнуваше со љубов кон Христа, Во тоа време кај царот беа неговите тројца најверни слуги, родум од Арабија, кои исто така со умиление го слушаа Светото Евангелие. Наредниот ден царот повторно го повика светителот, божем за лекарски совет, но всушност бараше од него лек за својата душа. И повторно целиот ден тој внимателно го слушаше Светото Евангелие и Спасителовите поуки, и поверува во Христа заедно со своите тројца верни слуги. Светителот им наложи да се подготват за свето крштение, одредувајќи им пост и ги научи како да Му се молат на Бога. Им ги напиша на нивниот јазик Трисвето, Оче наш, и други молитви, а покрај нив и Символот на верата. Сето тоа се вршеше тајно, за да не дознаат сарацените, зашто царот се плашеше да не се кренат против него. И епископот како лекар го посетуваше царот секој ден, и со тројцата негови слуги го поучуваше во тајните на Светата Вера. По извесно време тој тајно го крсти царот и неговите тројца слуги, и му го даде името Јован. Откако отслужи Света Литургија во царевата спална, светиот епископ ги причести новокрстените, на огромна радост на сите. Се радуваа и светите Ангели за обраќањето на грешникот а се славеше и во внатрешните одаи на царската палата, со учество на Небесните Сили.

Новопросветениот цар Јован, од љубов спрема Искупителот на човечкиот род Господ Исус Христос, посака да има дел од Чесниот и Животворен Крст Негов. Но, бидејќи тогаш Крсното Дрво не се наоѓаше во Ерусалим туку беше пренесено во Цариград, свети Теодор требаше да појде таму со молбено писмо од царот, кое гласеше:

„На превозвишениот и побожен цар Михаил, со неговата побожна и богомудра мајка Теодора, сараценскиот цар Јован му посакува радост во Господа! Му благодарам на преблагиот Бог, Кој ме избави од заблудата и ме приведе кон спознанието на вистините на Светото Евангелие и во исповедањето на христијанската вера, и ја молам Вашата царска побожност да ми подари дел од животворното чесно Крсно Дрво, на кое се распна мојот Христос, зашто сакам да го имам кај себе како свој заштитник“.

Со тоа писмо и скапоцени подароци сараценскиот цар го испрати светиот епископ Теодор кај грчкиот цар. Кога му ги предаде писмото и подароците, епископот чесно беше примен од царот и пресветиот патријарх. Во тоа време царевата мајка Теодора доби некоја болест на очите и го губеше видот. Свети Теодор раствори во чиста вода земја од Христовиот гроб, ѝ ги помаза очите и ја исцели. Но не само царицата, туку и на други болни тој им даваше исцеленија. Царот нареди да се направи крстохранилница од злато, украсена со скапоцени камења и бисери, и во неа стави дел од чесното дрво на Животворниот Крст Господов. При тоа на сараценскиот цар му напиша:

„Михаил самодржецот, кој побожно верува во Христа Бога, на кроткиот наш возњубен сараценски цар Јован му посакува радост во Господа! Го примивме твоето писмо, полно со секоја побожност, многу се израдувавме и Му благодариме на Бога, Кој те изведе од темнината кон Својата чудесна светлина и кон наследството на вечниот живот во бесконечното Царство. Ете, сега си станал син Авраамов а не Исмаилов, чедо Сарино а не Агарино. Ја величаме твојата мудрост, зашто си Го познал вистинскиот Цар. До крај остани во верата Христова и во заповедите Негови. Твојата молба ја исполнивме со радост. Чесното Дрво на Животворниот Крст Господов нека ти биде заштита од сите видливи и невидливи непријатели и блажена надеж за идниот живот“.

И царот го испрати свети Теодор со мир и многу подароци. На враќање кон Вавилон светителот сврати во својот главен град Едеса и многу го израдува своето духовно стадо. Го посети и својот мил столпник, преподобниот Теодосиј. Кратко се задржа во Едеса и тргна кон Вавилон. По патот насекаде чудесно ја исцелуваше секоја болест, или со полагање на Животворното Крсно Дрво и земја од гробот Господов, или со своите свети молитви. А кога стигна кај царот Јован, тој радосно се поклони до земја на Крсното Дрво и Спасителовата икона, ги целиваше со солзи радосници, ги постави во својата спална соба и запали незгасливо кандило пред нив.

Писмото пак од царот го прочита со голема љубов.

Во Вавилон свети Теодор со благодатта Христова вршеше многу исцеленија и истеруваше бесови од луѓето. Христијаните многу се радуваа поради тоа, а евреите умираа од завист. Старешината на еврејската заедница во тој град, евреин, нивен вероучител, ги наговори персиските и сараценските велможи да му предложат на царот да нареди да се одржи расправа за верата меѓу христијаните и евреите. Знаејќи дека христијаните нема да бидат победени, царот се согласи. И во одредениот ден се собра многу народ, а дојде и самиот цар со сенатот. Кога царот го зазеде своето место, еврејскиот вероучител истапи сам како претставник на сите евреи, против двајца христијански учители и архиереји, митрополитот Вавилонски и епископот Едески, зашто беше многу красноречив и многу се гордееше со својата ученост. И кога тој започна да исфрла многу гадости и хули на Господа Христа, а не да зборува од Светото Писмо, свети Теодор ревносно даде со раката знак за тишина и му рече на евреинот:

- Кога би ни изложил нешто од Мојсеевиот закон или од другите свети пророци, би ти одговориле, но бидејќи ја отвори својата велеречита уста за хули и лаги, и го зборуваш тоа што ти го дошепнува твојот сатана, тогаш јас, сине на ѓаволот, против сите твои хули и лажни зборови ќе ти кажам само една Давидова реченица: „Нека онеме устата лажлива, која со горделивост и презир зборува лошо за праведникот“ (Псалми 30, 19).

Во тој час замолкна велеречивиот евреин, занеме неговиот хулен јазик, и не можеше ништо да проговори. Тогаш евреите се засрамија а христијаните се радуваа. Персијците и сарацените многу се восхитија, а царот се радуваше што христијаните победија. И се славеше силата Христова.

Потоа царот нареди еврејскиот вероучител, кого Бог го порази со немост, да го тепаат со воловски жили и да го фрлат во темница.

Ги тепаа и останатите еврејски првенци и со потсмев ги избркаа од собирот. Три дена потоа немиот евреин се обрати од темницата со писмена молба до светиот епископ Теодор, барајќи милост, со ветување дека ќе го прими христијанството. Светителот го извести царот, и кога го пуштија од темницата тој падна пред нозете на светителот и со рацете му објаснуваше дека сака да се крсти. Епископот го огласи и кога го внесе во купелот на светото крштение и Го призва над него името на Пресвета Троица, веднаш му се разреши јазикот и гласно започна да Го прославува Отецот и Синот и Светиот Дух. Исповедаше дека Исус Христос е навистина Син на Живиот Бог, Кого законот и пророците Го проповедале. Така евреинот стана христијанин и на светото крштение го доби името Самон. По неговиот пример се крстија и други евреи. И многу персијци и сарацени поверуваа во Христа, но во тајност, бидејќи се плашеа од нивната власт.

Неколку дена потоа свети Теодор реши да оди кај преподобниот Јован пустиникот и го извести царот за тоа. Царот му рече:

- И јас би сакал да го видам и да слушнам поуки од тој угодник Божји.

Светителот со радост прифати, велејќи му дека тој е многу духовен човек и има дар на прозорливот, та може и за иднината да зборува како за сегашноста.

И се договорија заедно да појдат кај него. Притоа царот тргна со изговор дека ќе оди на лов. Така тој тргна со многу слуги и војници, имајќи го покрај себе и епископот како свој личен лекар. И минуваа гори и долини низ пустината, и уловија многу дивеч. Кога наближија до пештерата на пустиникот, царот ги распрати своите слуги и војници на разни страни по диви ѕверови, и остави неколкумина со него. Пред пештерата ги распрати и нив, па заедно со оние тројца најверни доглавници христијани и светителот со својот ученик Василиј, кој подоцна го напиша неговото житие, се упатија кон светиот пустиник. А преподобниот Јован, провидувајќи го со духот нивното доаѓање, излезе да ги пречека со запален темјан, им се поклони, ги целиваше и ги внесе во својата пештера, каде што седнаа и започнаа да разговараат. Пустиникот му рече на царот:

- Блажен си ти, царе, што си побегнал од темнината и си се удостоил да станеш син на светлината. Блажен си што ќе се овенчаш со венецот на мачеништвото и наместо со земното царство, ти вечно ќе царуваш на небото со Христос. Слава му на Бога, Едниот во Троица, што те изведе од јамата на страстите, ги постави на камен твоите нозе, и во твојата уста стави песна нова.

Потоа преподобниот старец им предложи на гостите пустинска храна и вода. Тие каснаа и Му заблагодарија на Бога. Царот рече:

- Навистина досега, за сето време од моето царување, ниту едно јадење или пијалок не ми биле повкусни од денешните. Духовен оче, ти навистина си цар, а јас сум ништ и беден.

Старецот одговори:

- Наскоро Господ ќе те удостои да добиеш вистинско царство, затоа што си дошол да ме посетиш мене ништиот.

Царот му нудеше на старецот многу злато, но тој не прими ништо, туку рече:

- На пустинскиот жител не му е потребно злато. Раздај го на сиромашните по градот, па ќе добиеш стократна награда на небесата. И се восхитуваше царот на рамноангелскиот живот на преподобниот старец. По долгиот разговор сите се простија со него, се удостоија на негов благослов и молитви и заминаа. Откако се собраа слугите и војниците, сите се вратија во градот. Царот му велеше на свети Теодор:

- Ти должам огромна благодарност, пречесен оче, што ми даде можност да видам вистински небесен човек, на кого не му е достоен сиот свет!

Но добриот пастир го влечеше потребата кон неговото стадо, зашто се плашеше дека во негово отсуство еретиците, тие зли волци, ќе нападнат и ќе направат голема штета. Затоа го замоли царот да му дозволи да се врати во Едеса. Царот се расплака и рече:

- По твоето заминување, оче, јас изгледа нема да живеам долго, зашто не сакам да останам таен почитувач на Бога и тајно да се нарекувам Христијанин. Ти оди си со мир и понеси го со себе и делчето од чесното животворно дрво на Крстот Господов, за да не го газат неверниците по мојата смрт. Ако по една година слушнеш дека сум жив, повторно дојди да ме посетиш и донеси го ова Чесно Дрво. Ако пак чуеш дека сум умрел, помоли се за мојата душа.

Потоа му даде многу злато, сребро и разновидни скапоцени работи, како за украсување на Божјите цркви така и за раздавање на ништите и сиромашните. И се прегрнаа и се разделија со многу солзи. На заминување светителот остави во Вавилон еден од своите слуги, за да види што ќе се случува потоа.

Кратко време по неговото заминување за Едеса, благоверниот цар Јован во Вавилон, не сакајќи повеќе да ја крие својата топла вера во Господ Христос и њубовта кон Него, туку јавно да му покаже на целиот свет дека навистина е христијанин, ги свика сите свои кнезови, војводи и градоначалници, и им рече:

- Сакам да ви ја откријам мојата голема тајна. Бог ми откри дека крајот на мојот живот е близу, и дека по неколку дена ќе заминам од овој живот. Затоа ви наредувам утре изутрина со сиот народ да се соберете во полето (царот го рече неговиот назив), зашто сакам да ви го објавам својот завет. Откако го рече тоа ги отпушти и тие се разотидоа тажни. Потоа нареди гласниците да го објават тоа по градот. А тој ноќта ја помина во молитва. Рано наутро го повика кај себе митрополитот, му кажа за својата намера, и го замоли да отслужи Божествена Литургија во неговата внатрешна молитвена одаја. На Светата Литургија царот со огромно умиление се причести со Божествените Тајни на Телото и Крвта Христови од рацете на митрополитот. Потоа му предаде скапоцени подароци, го отпушти, па се облече во блескава царска облека, седна на коњот и се упати кон означеното поле, каде веќе се беше насобрал сиот народ: персијци, агарјани, евреи, христијани и сите началници и властодржци. Беше подготвен и царски престол на повисоко место, за сите да можат да го видат царот. Сите се чудеа за овој собор и се прашуваа што ли ќе им зборува царот. А тој седна на престолот, даде знак за тишина, па стана и со силен глас рече:

- Чујте сите, персијци и агарјани, евреи и почитувани христијани! Јас сум христијанин и се викам Јован. Верувам во Отецот и Синот и Светиот Дух, во Триипостасното едно суштество на Божеството, и во поднебесјето нема друга вистинска вера освен христијанската. И бидејќи мојот Господ Исус Христос рече во Евангелието: „Секој кој ќе Ме признае Мене пред луѓето, и Јас ќе го признаам него пред својот Отец Кој е на небесата“ (Матеј 10, 32), та еве, јас Го исповедам Него пред небото и пред земјата, пред ангелите и пред луѓето.

Откако го рече тоа, тој извади од пазувите златен крст, украсен со скапоцени камења, и го крена високо за сите да го видат. Потоа се прекрсти, се поклони до земја кон исток, го целиваше чесниот крст и рече:

- Се поклонувам на Твојот чесен крст, Христе, и Тебе Те признавам за Бог и Спасител мој. Ти принесувам пофалба Тебе, со беспочетниот Твој Отец и со пресветиот и благ и животворен Твој Дух за навек, амин!

Додека го слушаа тоа сите се чудеа и стоеја како неми. Потоа кнезовите и војводите со огромна јарост извикаа:

- Нека биде убиен исмејувачот на нашата вера.

И се нафрлија врз царот со мечеви и копја, го избодеа и го убија. Ги убија со него и неговите тројца верни доглавници, кои исто така Го исповедаа името Христово". Така маченички се упокои во Вавилон благоверниот цар Јован, со своите тројца доглавници, на трети мај. Сите присутни христијани се исплашија од муслиманскиот гнев, па се разбегаа да се сокријат. А телото на царот беше фрлено во тоа поле. Наредната ноќ светиот страдалник им се јави на старешините и властодржците, претејќи им: „Брзо предајте го моето тело на христијанскиот митрополит да го погребе. Ако не го сторите тоа веднаш ќе ве погубам сите“. Кога се разбудија тие веднаш се собраа и преплашени си го раскажаа меѓу себе своето сновидение. И испратија наредба до христијанскиот митрополит, веднаш да го земе царевото тело и да го погребе. Од нивната заедничка гробница се случуваа чудеса и се даваа исцеленија од најразлични болести, не само на христијаните туку и на агарјаните, кои се приклонуваа кон христијанската вера.

Наредната ноќ по својата смрт, светиот цар Јован му се Јави на сон на свети Теодор, облечен во бела облека, која блескаше со неискажана светлина а на главата имаше чудесен венец, чија што убавина човечкиот јазик не може да ја искаже. Тој му рече на епископот:

- Ете, чесен оче, Господ Христос ме прослави со голема слава и ме вброи во ликот на мачениците! Јас вчера пред сите го исповедав пресветото име Негово и затоа бев убиен од персијците и сарацените, а мојата душа, откако излезе од телесната темница, ги доби благата за кои ти ми зборуваше. Благословен си ти од Бога, зашто си станал посредник за моето спасение и јас се молам на нашиот заеднички Господ, да ти нареди што порано да дојдеш кај мене, за заеднички да се насладуваме на блажениот живот во благодатта на Пресвета Троица.

Штом се разбуди, светиот епископ Теодор отиде кај преподобниот Теодосиј Столпникот и му го раскажа своето видение. Столпникот му рече дека тоа видение е вистинско, зашто и самиот тој имал исто откровение од Бога. По неколку дена од Вавилон допатува слугата кој беше оставен таму и детално го извести светителот како благоверниот цар Јован со тројцата свои слуги пострада за Христа. И се радуваше свети Теодор со сета душа, благодарејќи Му на Бога што неговиот труд не беше залуден, туку принесе толку прекрасен род во Царството Небесно.

Кратко време потоа Столпникот виде во откровение дека неговиот брат, преподобниот Јован пустиникот, отиде кај Господа, и го извести свети Теодор. Потоа и самиот столпник, преподобниот Теодосиј, откако боледуваше малку, се престави. Свети Теодор го погреба во црквата на светиот великомаченик Георгиј, во манастирот на сите испосници.

Три години по загинувањето, светиот цар Јован повторно му се јави на свети Теодор во оној исти вид како првиот пат, и му рече:

- Ајде, оче мили, те вика Христос! Он благоволи двајцата заедно да живееме во Неговото царство и да се насладуваме на Неговата слатка светлина.

Од ова видение свети Теодор заклучи дека се наближило неговото заминување кај Бога. Затоа ги среди сите работи на Едеската црква и откако им даде благослов и мир на своите духовни овци, замина за Ерусалим. Таму се поклони на светиот животворен гроб Христов, па отиде во лаврата на свети Сава, во која најпрвин монахуваше, и се насели во својата поранешна отшелничка ќелија. Тука помива три недели, па се пресели во неракотворните обители, предавајќи ја својата света душа во рацете на Бога, во деветтиот ден на месец јули. Свјатјејшиот патријарх Ерусалимски дојде со епископите и чесно го погреба светото тело на угодникот Божји во таа иста лавра, славејќи Го Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бога, Кому и од нас грешните чест, слава, поклонение и благодарност, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ФОТИЈ СОЛУНСКИ

Голем и богоугоден Солунски подвижник од 11-тиот век, основач на Акапниевиот манастир во Солун. Сиот просветлен со Божествена светлина, удостоен да се поклони на незалезната и невечерна Светлина Света Троица, на Која сега се моли за спасение на сиот свет. Се спомнува во Ерусалимскиот кодекс број 309, и во кодексот Г 86 на Атонската Лавра, додека некои Синаксари не го споменуваат".

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК МЕТОДИЈ

Беше родум од селото Визара во Амариската покраина на Крит. Се презиваше Силигардос. Откако се замонаши стана игумен на манастирот на Светите Бестелесни Сили во таа област, а подоцна и епископ Лампски на Крит. Спротивставувајќи им се на турските насилства над христијаните, на Крит беше фатен од турците и многу измачуван, па најпосле и погубен на 9 јули 1793-та година. Неговите мошти се погребани во манастирот на Светите Архангели, близу местото каде маченички пострадал.

СПОМЕН НА НАШИТЕ ПРЕПОДОБНИ И БОГОНОСНИ ОТЦИ ДИОНИСИЈ и МИТРОФАН,

кои се во малиот скит на Света Ана во Света Гора

Како што рече свети Григориј Богослов, сеќавањето и спомнувањето на светите луѓе носи голема корист за добродетел и осветување на нашите души. Затоа не е добро, ниту пак праведно да се премолчуваат житијата и подвизите на преподобните и свети мажи, зашто тоа е сокривање на светилка под капак и неблагодарно премолчување на славните дела Божји. А пак изнесувањето на подвизите и доблесното живеење на нашите богоносни Отци е за слава Божја и за корист и подражавање на сите христијани.

Нам не ни е позната земната татковина на преподобните отци Дионисиј и Митрофан, најверојатно затоа што и тие самите, чезнеејќи за небесната татковина го криеле од другите името на својата земна татковина. Тие живееја во почетокот на 16-тиот век и заблескаа во подвизите и доблестите во скитот на света Ана во Света Гора. Имаа и световно образовани, особено преподобниот Дионисиј, кого поради тоа го нарекуваа ритор. Сакајќи својот живот да го посветат на Бога, обајцата рано станаа монаси. Преподобниот Дионисиј најпрвин беше монах во Студитскиот манастир во Цариград а потоа дојде во Света Гора, каде преподобниот Митрофан му стана ученик. Свети Дионисиј најпрвин живееш во Карејскиот скит, каде како ереј беше духовник на многу монаси, а потоа, за поголема тишина и осаменост, премина во скитот на света Ана, мајката на Пресвета Богородица, кој тогаш се нарекуваше Скит на Големата Лавра. Оттаму со својот ученик Митрофан се повлече во една пештера во денешниот Мал Скит на Света Ана, каде и двајцата се подвизуваа во молитвено тихување и крајно очистување на душите. Кога слушнаа за нивните подвизи и духовното искуство, христијаните од околните краеви побараа од отците да им испратат духовник. За тоа беше одреден преподобниот Митрофан. Покажувајќи послушност спрема отците, Митрофан излезе од Света Гора и ги исповедаше и поучуваше побожните христијани во околината. Потоа повторно се врати кај својот духовен отец Дионисиј и го продолжи со него богоугодното подвизување и благоугодното усовршување. Долго се подвизуваа така во секоја преподобност и праведност, па преподобниот Дионисиј се упокои мирно во својот Господ на 9 јули 1606-та година, а наскоро по него се престави и блажениот Митрофан.

Во библиотеката во Скитот на Света Ана се чува книга за „Преподобниот и богоносен отец наш Дионисиј Риторот, кој се подвизувал на гората Атон“, а се вика „Куварас“ (Клопче) и содржи преписи на разни душекорисни поуки од светите Отци. Во 1956 година во нивната пештера е подигнат прекрасен храм посветен на нив, каде на денешен ден се прославува нивниот свет спомен.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АНДРЕЈ и ПРОВ

Пострадале за Господа Христа обезглавени со меч.