23, Јули (10. Јули)

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ ЧЕТИРИЕСЕТ И ПЕТ МАЧЕНИЦИ ЛЕОНТИЈ, МАВРИКИЈ, АЛЕКСАНДАР, СИСИНИЈ, ДАНИЛ, АНТОНИЈ,

и останатите кои пострадале во Никопол Ерменски

Незнабожниот цар Ликиниј, поставен од Константин Велики како соцар, додека владееше со источните земји, во целото свое царство издаде заповед да се подложуваат на најразлични маки и на смрт христијаните кои нема да им се поклонат на идолите. Исто така и да им се одземаат имотите за подигање на идолски храмови, бањи и обновување на градови. Кога оваа заповед . стигна во Никопол Ерменски, незнабошците започнаа да подготвуваат најразлични орудија за мачење, да фаќаат многу верни и да ги водат на мачење. Тогаш четириесетина слуги Христови се состанаа и решија доброволно да излезат да Го исповедаат името Христово. Меѓу нив најревносни беа: Леонтиј, Маврикиј, Данил, Антониј, Александар, сите знаменити и по потекло, и по ученост, и по доблесниот живот. Сите заедно излегоа пред поглаварот на Ерменската област Лисиј, и изјавија дека се христијани. Зачуден на нивната еднодушност, поглаварот ги праша:

- Од каде сте? Кој ве научи да не им се поклонувате на нашите богови?

Свети Александар одговори:

- Овдешни сме, некои од градот некои од селата. Оваа земја е наша татковина а наш татко е Небесниот Христос. Он не научи да не им се поклонуваме на вашите богови, кои се глуви, слепи и дела на рацете човечки.

Поглаварот праша:

- Каде е вашиот Христос? Зарем Он не беше распнат и не умре?

Свети Леонтиј одговори:

- Штом знаеш дека нашиот Христос умре, тогаш знај дека и воскресна од мртвите и се вознесе на небото. Он доброволно умре за нас и како Син Божји повторно стана.

Поглаварот праша:

- Христос сега жив ли е?

Леонтиј одговори:

- Поглавару, вашите богови по смртта не живеат, а нашиот Господ живее вечно, иако умре на кратко време ради нашето спасение. Со Својата смрт Тој нас не избави од вечната смрт, не оживотвори и не научи да умираме заради Него, за да живееме со Него во бесконечниот живот.

Тогаш поглаварот започна да ги фали своите богови Зевс, Аполон, Асклипиј и останатите, а свети Леонтиј рече:

- Зарем вашиот Зевс е бог?

- Тој владее со небото. Татко е на сите богови, - одговори поглаварот. Леонтиј возврати:

- На Бога Му доликува да е праведен, чист и безгрешен. А ти, што велиш за твојот бог Зевс?

- Јас го нарекувам праведен, чист и безгрешен, - одговори поглаварот. На тоа свети Леонтиј рече:

- Како може да биде праведен Зевс, кога својот татко Крон го тргна од престолот. Како може да е чист и безгрешен, кога својата родена сестра ја зеде за своја жена и оскверни многу туѓи жени? И не само што оскверни многу жени и луѓе, туку изврши и најодвратни гадости. Како тогаш може да биде бог толку голем грешник? На таквиот грешник му е потребен друг Бог, безгрешен, Кој би го поправил.

- Кој ти даде за право да им судиш на нашите богови, о зла главо? Тие се мои богови и нема да ве штедам, туку сите страотно ќе ве погубам, - бесно извика разгневениот Лисиј.

На тоа свети Леонтиј му рече:

- Немој да се гневиш, поглавару, додека ја слушаш вистината. Зарем не се пропишани закони за луѓето, никој да не може да има туѓа жена, ниту сестра си да ја зема за своја жена, ниту да се врши неправда ниту да се убива? И ако некој се осмели да постапува спротивно на законите се нарекува законопрестапник и подлегнува на суд и на смртна казна. А вашите богови, како луѓе преполни со сите зла и беззаконија, беа блудници, прељубници, човекоубијци, и како законопрестапници тие во најголема мера заслужуваат грозен суд и многу смртни казни. Затоа вашите законопрестапни богови треба да им се потчинат на човечките закони и да ги подражаваат луѓето кои строго ги почитуваат законите, а вие да им бидете богови на вашите судии, богови и воспитувачи додека не ги поправите.

- О, лудаци! Та нели вашиот Бог беше распнат како злосторник? А кој од нашите богови бил распнат? - возврати поглаварот.

Свети Леонтиј одговори:

- За нас се распна нашиот Бог Христос и ние се фалиме со Неговиот крст. Вашите богови треперат, се плашат од нашиот распнат Бог и бегаат далеку од крсната сила. Нашиот Бог доброволно пострада на крстот, а вашите богови без да сакаат изумреа со горка смрт. Нашиот Бог е Спасител на човечкиот род, а вашите богови се погубувачи на луѓето. Нашиот Бог е вистински а вашите богови се лажни. Тие не се богови туку бесови, измамници, зашто и самите изумреа а и своите поклоници ги водат во вечна гибел. Поглаварот многу се разјари и нареди со камења да ги тепаат сите исповедници Христови, зборувајќи:

- Нека биде тепана устата од која излегува хула против нашите богови: Тепани, светителите извикуваа:

- Тебе Бог нека те бие, слуго сатанин! Слушајќи ја вистината ти неправедно судиш, опиен од безбожието!

Потоа мачителот нареди сите да ги оковаат и да ги фрлат во темница.

Во неа тие како во палата се веселеа во Бога Спасителот Свој и пееја Давидови псалми, зашто некои меѓу нив уште од детството беа умешни во книгата. Свети Леонтиј ги бодреше со вакви зборови:

- Чесни браќа и слуги Христови, со трпение да поднесеме се! Вие од Светото Писмо знаете што претрпе праведниот Јов, колку големо беше страдањето на нашиот Господ и како завршија и останатите Негови свети слуги. Јован Преттеча беше обезглавен, Стефан! со камења убиен, Петар распнат со главата надолуѓ, Тома со копја прободен? а останатите умреа за својот Господ со разни маченички смрти. Колку светии пострадаа за време на царувањето на Адријан, Декиј, Максимијан и други поранешни незнабожни цареви, не само мажи туку и жени, како што слушаме за светите Текла, Ефимија, Капитолина, Јулита и за други свети маченици чии што имиња се запишани во книгата на животот на небото. Како тие јуначки се бореа и ѓаволот го победија. И кога жените беа толку храбри, тогаш колку повеќе ние мажите треба да бидеме храбри и непобедливи, и своите души да ги положиме за нашиот Бог Христос, Кој Својата душа ја положи на крстот за нас.

Со такви зборови свети Леонтиј ги бодреше браќата и сите усрдно сакаа да претрпат страшни маки за Христос. Горештина ги беше притиснала, жедта ги измачуваше. Во меѓувреме дојде да ги посети една благородна и побожна жена на име Васијана. Таа непречено им донесе ладна вода од блискиот извор и ги напои. Ноќта ја поминаа во молитви и пеење псалми. Таа ноќ не спиеше ни поглаварот Лисиј, зашто размислуваше на какви маки да ги подложи слугите Христови. И кога пред зори заспа, на сон му се јави ѓаволот и му рече:

- Биди силен, Лисиј. Јас сум богот Асклипиј, мачи ги беспоштедно христијаните кои хулат на нас, зашто изговорија многу лоши работи за нас во темницата. Погуби ги што побрзо.

Штом се раздени поглаварот ги изведе светите затвореници оковани и им рече:

- Поклонете им се на боговите и ќе станете наши пријатели. Секој од вас ќе добие по 200 златници, нова облека и појаси. Ќе им пренесеме жртва, ќе приредиме гозба и ќе се развеселиме. Во спротивно жестоко ќе бидете мачени. Сепак ве молам, не лишувајте се од овој сладок живот, не разделувајте се од своите блиски и принесете жртва барем на еден од нашите богови.

Светите како со една уста одговорија:

- Биди проклет мачителу, заедно со твоите богови! Нема да им принесеме жртви на нечистите бесови. Не ни се потребно ни вашето злато, ни облеката, ни гозбата, ни пријателството, зашто нашиот Господ Исус Христос нам ни е се. Тој ни е Отец и најмил пријател и ние сме подготвени се да поднесеме и да умреме за Него.

Тогаш мачителот нареди голи да ги обесат и со железни нокти да им ги стругаат телата. Ги стругаа се до пладне. Сонцето страшно печеше, та поглаварот си отиде дома а светите маченици, остругани до коските, повторно ги заклучија во темницата. Беа многу изнемоштени од раните и жедта. Гореспоменатата благочестива Васијана пак ги посети и низ прозорчето ги напои со вода. Тие ја благословуваа и се молеа за неа и за нејзините деца и Му благодареа на Бога што ги удостои да страдаат за Него.

Свети Леонтиј забележа дека некои од браќата имаат силни болки од раните и се плашеше да не отпаднат од верата. Затоа се молеше на Бога да им даде што побрзо да го завршат својот подвиг. А пак во градот имаше еден угледен граѓанин на име Ирод, кој им се потчинуваше на елините и беше почитуван кај поглаварот како советник. Тој граѓанин имаше писар на име Филин, кого свети Леонтиј го сакаше поради неговиот добар карактер. Светителот испрати по него, и кога Филин дојде под прозорчето на темницата, свети Леонтиј му рече:

- Брате Филине, кажи му на господинот Ирод, ако по некоја работа оди кај поглаварот, нека го потсети за нас и нека го посоветува утре да ни изрече смртна пресуда.

Филин му ја пренесе пораката на Ирод. Во тоа време поглаварот го повика кај себе Ирод на вечера, но тој не дојде веднаш, па го чекаше. Потоа испрати повторно по него, но Ирод дојде доцна и рече:

- Јас не можам да јадам, зашто гледав како ги мачеа осудениците. Од нив истече толку многу крв, што ми се згади, тешко мие и мојот стомак не може да прима храна. Ми се повраќа.

Поглаварот го праша:

- Тогаш, што ми советуваш, што да правам со нив?

Ирод одговори:

- Нека умрат утре. Тие се нарушувачи на царските заповеди и заслужуваат смрт. Зошто не ги погубите веднаш?

Тогаш поглаварот со заклетва вети дека утре ќе ги предаде на смрт.

Филин поита кон темницата и го извести свети Леонтиј за тоа, Браќата многу се израдуваа што утре ќе умрат за Господ Христос и го благословуваа Филина. Ја минаа ноќта во молитви, подготвувајќи се за смртта. Се молеа, зборувајќи:

- Господи Боже, прослави го Своето свето име во нас, кои со скрушени души и смирен дух Ти се молиме. Нас, кои се принесуваме себеси на жива жртва за Тебе, прими не како жртвени овци и јагниња, и оваа наша жртва нека Ти биде пријатна! Нема срам за оние кои се надеваат во Тебе. Ти знаеш, Господи, дека ние Те засакавме и заради Тебе се предадовме на смрт. Затоа крепи нè сите, никој од нас да не отпадне, за да не се израдува нашиот непријател.

Така се молеа светите и се соколеа еден со друг. А на полноќ го запеаја големиот псалм на својот погреб, псалмот: „Блажени се непорочните во патот нивни...“ (Псалми 118, 1). Кога го отпееја псалмот дојде ангел Господов, ја исполни темницата со светлина и им рече:

- Радувајте се, слуги Христови, близу е вашиот крај, вашите имиња се запишани на небото. Имајте доверба, Господ е со вас.

Го рече тоа Ангелот и замина, а тие се поклонија и Му благодареа на Бога. Во тоа време двајца стражари на темницата Менеј и Вирилад, по потекло египќани, видоа светлина во темницата и слушнаа глас на Ангел. Менеј му рече на Вирилад:

- Гледаш ли, брате, на каков Цар се војници тие? Јас од почеток сум пријател со христијаните, зашто тие одат по праведен пат, ја почитуваат верата во својот Бог и Му се поклонуваат дење и ноќе. Никому не вршат неправда, никого не навредуваат, не бараат туѓи имоти туку своите ги раздаваат, сите ги сакаат, на сите им прават добро, како што и самиот знаеш. А каков е животот на оние што скитаат по египетските пустини? Зарем не е необичен и чудесен? Тие и чудеса прават. Еве, јас помислувам да влезам кај нив и да ги молам да ме примат кај себе. А ти, брате, што мислиш?

Вирилад одговори:

- И јас го мислам истото. Ете, и ние недостојните се удостоивме да ја видиме светлината со која ги осветли нивниот Бог, за Кого тие со радост умираат. Кога некој би започнал да го присилува поглаварот да умре за Зевс, за Аполон, за Асклипиј или за било кој од боговите, дали тој ќе се согласи? Нема, зашто го сака овој живот. А христијаните бестрашно одат во смрт за својот Бог и се удостојуваат од Него на таква слава, каква што боговите на никого од своите поклоници никогаш не јавија. Тогаш зошто да не им пристапиме на овие праведни луѓе и на вистинскиот Бог?

Двајцата стражари влегоа во темницата и паднаа пред светите, зборувајќи:

- Господа наши! Слуги на вистинскиот Бог Христос, примете не и нас меѓу вас, зашто и ние веруваме во Господ Исус Христос. Ве молиме, помолете Му се за нас, да не удостои на удел со вас.

Светите се израдуваа на нивното обраќање кон Бога и ги целиваа, зборувајќи:

- Вие сте наши браќа, зашто нашиот Господ ве призва кон исповедање на пресветото име Свое. Ќе ви даде подеднаква награда со нас, како и на оние кои дојдоа во единаесеттиот час во Неговото лозје (сп. Матеј 20,1-16).

Рано наутро поглаварот Лисиј излезе со војниците надвор од градот, на местото каде што имаше намера да ги погуби светите маченици. Тоа беше недалеку од реката Ликос. Подготви судница таму и нареди да ги доведат сите. Кога виде дека и двајцата стражари им се придружиле на светите маченици, поглаварот му рече на својот прв советник Апиан:

- Гледај, и овие беззумници посакале да умрат! Зарем животот не е подобар од смртта?

На тоа Апиан му рече:

- Заповедај да ги стават на најстрашни маки!

- Не, - одговори поглаварот, - зашто ќе се исплашат од маките, па повторно ќе се обратат кон боговите и така ќе останат живи, а јас сакам да умрат. Затоа за сите ќе се издаде иста смртна пресуда.

И кога ги застанаа пред него на суд, тој без да ги испрашува веднаш ги осуди на смрт и напиша ваква пресуда:

„Овие четириесет и пет мажи од христијанската вера, што стојат пред мене на суд, кои не ја послушаа царската наредба и хулеа на боговите, наредувам да бидат подложени на казната што ја заслужуваат според своите дела. Прво со секира да им се одсечат рацете и нозете, потоа да се спалат, а коските што ќе преостанат од огнот да се фрлат во реката“.

Слугите веднаш започнаа да им ги сечат рацете и нозете. Беше страшна горештина и светите маченици многу ожеднеа, та некои во тие страдања умреа, некои одвај дишеа а некои јуначки трпеа. Еден од нив на име Јаникит, додека ги гледаше своите отсечени раце и нозе, се насмевнуваше и велеше:

- Гледајте како жетварскиот срп ги ожнеа моите екстремитети како класје!

А свети Сисиниј, тркалајќи се во својата крв се запре на еден близок камен, и вака се помоли на Бога:

„Господи, Давателу на сите блага, Ти некогаш во пустината си извел вода од каменот и си го напоил жедниот Израил. Ти сега отвори го овој камен и извади вода да се напијам малку, зашто ја гледаш нашата жед“.

Откако така се помоли на Бога, каменот одненадеж се распукна и од него бликна извор питка вода. Свети Сисиниј се напи и го благослови Господа, зборувајќи:

- Те славам, Боже мој, што ме напои како што мајката го пои детето со млеко! Ти благодарам, Царе мој, што не ме презре мене, слугата Твој! Но, Те молам, не презирај ги и моите мили браќа, слугите Твои, разлади ја нивната жед и поткрепи нè заедно да завршиме во надежта Твоја. А овој извор, изведен со силата Твоја, со кој Ти го обнови древното чудо, нареди да тече до свршетокот на светот, ѝ дај и на оваа вода целебна благодат и сила, во слава Твоја, Христе, и Твојот Отец и Светиот Дух, а во спомен на нас, Твоите слуги четириесет и пет маченици, кои страдаме за Тебе.

Во тоа време ја запалија подготвената огромна камара дрва и започнаа да ги фрлаат светите маченици во огнот. Некои од нив се уште беа живи, некои веќе мртви, но слугите заедно со живите ги фрлаа и мртвите. Додека ги фрлаа ги броеја, и останаа зачудени зашто еден беше помалку. Кога започнаа да го бараат, свети Сисиниј, лежејќи крај каменот од кој бликна вода се одзва, велејќи:

- Овде сум, фрлете ме во огнот! Слугите го кренаа и го фрлија.

Откако сите свети маченици изгореа и огнот згасна, започнаа да ги бараат низ пепелта нивните преостанати коски, па ги собраа во вреќи и ги фрлија во реката Ликос. Реката ги прими како скапоцено богатство и ги сочува на едно плитко место близу брегот, откако со своите струи ги собра сите на едно место. Потоа дојдоа набожни луѓе и ги најдоа без мака. Ги собраа сите до една, и ги чуваа на чесно место додека не загина незнабожниот цар Ликиниј, соцарот на Константин, кој владееше со источната половина на царството. Кога зацарува самиот Константин, та на Црквата Христова и беше дадена слобода по целата вселена, тогаш и коските на овие свети маченици беа изложени пред сите и беше подигната црква во нивно име. А се даваа исцеленија од нивните свети коски и од изворот, кој свети Сисиниј го изведе со својата молитва.

Светите четириесет и пет маченици пострадаа од игемонот Лисиј на 10 јули во Никопол Ерменски, за време на царувањето на Ликиниј на Исток, додека меѓу нас царува нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ И БОГОНОСЕН ОТЕЦ АНТОНИЈ ПЕЧЕРСКИ

За време на благоверниот и свет голем кнез Владимир Свјатославич, самодржец на Руската земја, Господ благоволи да и го јави на Својата Црква светилникот и наставник на оние што монахуваат, незаборавниот маж, нашиот преподобен и богоносен отец Антониј.

Преподобниот Антониј се роди во градот Љубеч. Уште од детството исполнет со страв Божји, тој сакаше да стане монах. А кога човекољубивиот Господ му стави во срцето мисла да оди во грчката земја и таму да се потстриже, тој веднаш тргна на пат, странствувајќи ради Господа, кој странствувал и се трудел ради нашето спасение. Откако стигна во Цариград, оттаму отпатува во Света Гора Атонска. Посетувајќи ги светогорските манастири, тој се восхитуваше на животот на тамошните свети Отци, кои водеа натчовечки живот, подражавајќи ги бестелесните Ангели. Тогаш уште посилно се разгоре неговата љубов спрема Господ Христос, и сакајќи да го подражава животот на тие Отци, Антониј отиде во еден од светогорските манастири и го замоли игуменот да го замонаши. Провидувајќи ги идните доблести на Антониј, игуменот го пострижа? и го упати во советите на совршениот монашки живот.

Антониј во се Му угодуваше на Бога, подвизувајќи се во добродетелите. Тој особено напредуваше во покорноста и послушанието, на што сите се радуваа. По долго поминато време на Света Гора, свет во сите свои дела, служејќи на спасението на многумина, на игуменот му беше откриено од Бога преподобниот Антониј да го испрати во Русија. Игуменот го повика и му рече:

- Антониј, врати се во Русија, за и таму да бидеш за напредок и утврдување на христијанската вера. Благословот на Света Гора нека биде со тебе!

Преподобниот Антониј го прими овој благослов како од Божјата уста, и замина за Русија. Кога стигна во Киев размислуваше каде да се смести, па започна да оди по манастирите, основани од монасите кои беа дошле со митрополитот Михаил од Грција за крштевање на Русија. Но, тие манастири немаа совршен поредок и устав на општожитие. По промисла Божја не му се допадна ни еден од нив, И затоа тој започна да оди по околината на Киев, по ридовите и горите, сè до Берестов. Тука најде една пештера, и откако се помоли се насели во неа и водеше живот во големо воздржание.

По преставувањето на благоверниот кнез Владимир власта ја зеде безбожниот и беден Свјатополк, кој, сакајќи да ги избрише од лицето на земјата своите браќа, ги уби светите маченици Борис и Глеб?. Кога го виде таквото крвополевање, преподобниот Антониј повторно се врати на Света Гора.

Но, благоверниот кнез Јарослав го победи Свјатополк и седна на престолот во Киев. Јарослав го сакаше Берестов со неговата црква во името на Светите Апостоли, во која презвитер беше Иларион, благочестив човек, голем испосник и познавач на Светото Писмо (по многу години, кнезот Јарослав, по Божја волја и во согласност со собраните епископи го избра Иларион за митрополит Киевски). Овој презвитер Иларион од време на време одеше од Берестов на Дњепар, на ридот каде што сега се наоѓа Дајна или манастирот на Теодосиевата пештера, а тогаш беше голема шума. На тој рид Иларион си ископа мала пештера и во неа тајно се молеше на Бога, пеејќи псалми и правејќи поклони.

Во тоа време преподобниот Антониј се наоѓаше на Света Гора, во манастирот на својот потстриг. И повторно на игуменот му беше откриено од Бога: „Испрати го, рече Господ, Антониј повторно во Русија, зашто Ми е потребен таму. Игуменот го повика преподобниот и му рече:

- Антониј, Бог сака повторно да одиш во Русија. Со тебе нека биде благословот на Света Гора!

Заедно со тоа игуменот му прорече дека во Руската земја тој ќе биде духовен отец на многу монаси. Потоа го благослови и отпушти, велејќи:

- Оди со мир.

Со таквиот благослов, преподобниот Антониј пристигна во Киев. Се качи на ридот каде Иларион ја беше ископал споменатата мала пештера и многу го засака тоа место. Тука со солзи Му се помоли на Бога:

„Господи! На ова место нека биде благословот на Света Гора Атонска, и молитвите на мојот отец, кој ме пострижа! Утврди го, Господи, моето населување овде!“

Го рече тоа преподобниот и се насели тука. И живееше непрестајно молејќи Му се на Бога. Јадеше сув леб и пиеше вода под мерка, и тоа секој втори ден, а понекогаш и на третиот. Често тој и по цела недела не вкусуваше ништо, минувајќи го времето во молитвено бдеење и усрдно копајќи голема пештера.

Кога дознаа за населувањето на преподобниот во пештерата, некои христијани доаѓаа и му носеа намирници и бараа благослов. Некои пак сакаа и да живеат со него. Меѓу нив беше и блажениот Никон". Во тоа време кај него дојде и преподобниот Теодосиј?, кој тогаш имаше дваесет и три години. Преподобниот Антониј му нареди на блажениот Никон, ереј и искусен црноризец, да го замонаши Теодосиј.

По многу години, кога се престави благоверниот кнез Јарослав, власта ја прими неговиот најстар син Изјаслав и седна на великокнежевскиот престол во Киев. Преподобниот Антониј во тоа време беше познат по целата Руска земја за своите многубројни добродетели, како во дамнина Антониј Велики во Египет. Штом дозна за неговиот подвижнички живот, христоњубивиот кнез Јарослав дојде кај него за благослов и молитви. Оттогаш преподобниот стана уште попознат и попочитуван од сите. Кај него започнаа да доаѓаат христољупци за да се замонашат и тој ги примаше.

Во тоа време кај него дојде блажениот Варлаам, син на големиот киевски бојар Јован, а потоа дојде и Ефрем, евнухот на кнезот, На нивна желба преподобниот му нареди на блажениот Никон да ги постриже, поради што потоа со браќата имаше многу непријатности. Разгневениот голем бојарин Јован дојде со многу момчиња во пештерата, го растера богоизбраното стадо на преподобниот Антониј го извлече од пештерата својот син, блажениот Варлаам, му ја соблече монашката облека, му облече блескава бојарска и насилно го одвлече во својот двор. И самиот голем кнез Изјаслав, штом дозна за постригот на бојарскиот син и за својот сакан евнух, многу се разгневи и нареди да го фатат блажениот Никон, кој ги пострижа, поради што му беше многу лут, па дури и му заповедаше на блажениот Никон да ги советува Варлаам и Ефрем повторно да живеат во светот, претејќи им со заточение, и нему и на неговиот наставник Антониј, и на сите во пештерата, и изјавувајќи дека ќе им ја раскопа и самата пештера.

Големиот гнев на кнезот, уреден од „кнезот на темнината“, го принуди преподобниот Антониј да замине во друг крај. Кнегињата го молеше да не го протерува слугата Божји, за да не си навлече гнев Божји, каков што го стигна нејзината татковина Полска, по прогонството на црнорисците. (Кнегињата беше полјакина, ќерка на полскиот крал Болеслав Храбриот. Таа го потсетуваше кнезот на случајот од животот на нејзиниот татко: поради замонашувањето на Мојсеј Угрин. Болеслав ги протера од Полска црнорисците и гневот Божји не задоцни: кралот Болеслав умре а во меѓусебната борба беа убиени многу епископи и бојари). Одвај умолен, кнезот најпосле се уплаши од Бога и му испрати молба на старецот да се врати на своето место. Откако по три дена тешко го пронајдоа, го умолија да се врати.

Кога се врати во својата пештера, тој непрестано Му се молеше на Бога да му даде сила јуначки да ги поднесува напастите приредувани од врагот, да не ги предаде на зверовите душите кои Го исповедаат и да не ги заборава Своите бедни насекаде. Господ ги услиша неговите молитви: не само што распуштените овци се вратија со мир кај својот пастир, туку кај него во пештерата доаѓаа и многу други, желни за спасение, молејќи го да ги избави од лизгавиот пат на темнината. Сите нив преподобниот Антониј со убов ги прими. И откако ќе ги научеше како се оди по Христос, тој му наредуваше на блажениот Никон да ги пострижува. И се собраа околу преподобниот браќа, дванаесетмина на број. Тие заедно ископаа голема пештера и во неа уредија црква и ќелии, кои што постојат и денес.

Еден ден преподобниот им рече на браќата:

- Ете, браќа, Бог ве собра а јас ве замонашив со благословот на Света Гора, со кој и мене ме замонаши игуменот на Света Гора. Со вас најпрвин нека биде благословот од Бога и Пресвета Богородица, па потоа благословот од Света Гора.

Потоа им соопшти на браќата:

- Живејте сами, а јас ќе ви поставам игумен. Сакам да живеам сам, како што порано навикнав.

Им го постави за игумен блажениот Варлаам, а самиот се затвори во една ќелија во таа иста пештера. Потоа се пресели на друг рид и започна да копа друга пештера, која што се наоѓа под сегашниот голем манастир Печерски.

Блажениот игумен Варлаам и браќата, окако добија благослов од преподобниот Антониј, останаа да живеат во првата пештера. А кога бројот на браќата се зголеми, тие намислија да изградат мала црква надвор од пештерата. По тој повод отидоа кај преподобниот Антониј и му рекоа:

- Оче, бројот на браќата се зголемува, и пештерата не не собира за молитва. Затоа со наредба на Господ и Пресвета Богородица, и твоите свети молитви, благослови да подигнеме мала црква надвор од пештерата.

Преподобниот им го даде својот благослов, а тие се поклонија до земја, заминаа и започнаа да зидаат мала црква над пештерата во име на Успението на Пресвета Богородица.

По завршувањето на малата натпештерна црква, кнезот Изјаслав, во светото крштение Димитриј, изгради црква од камен во име на светиот великомаченик Димитриј и манастир при неа. За игумен во тој манастир кнезот Изјаслав го зеде блажениот Варлаам, игуменот на браќата кои живееја во пештерата, зашто тој сакаше својот манастир да го издигне над Печерскиот манастир. Но, иако постојат многу манастири, издигнати со богатството на болјари и цареви, сепак тие не можеа да се споредат со манастирите кои се издигаа со молитвите, со солзите, постот и бдението на светите, Така и преподобниот Антониј немаше ниту злато ниту сребро, но со солзите подигна манастир, неспоредлив со останатите. Покрај тоа блажениот Варлаам беше земен од манастирот на светиот великомаченик Димитриј во времето кога се градеше Печерскиот манастир.

Штом останаа без игумен, браќата од пештерата отидоа кај преподобниот Антониј и му рекоа:

- Оче, постави ни игумен.

- А кого го сакате? - праша преподобниот.

- Оној кого што го сакаат Бог и Пресвета Богородица, а и ти, чесен оче! - одговорија тие.

На тоа преподобниот им рече:

- Игумен нека ви биде оној што се одликува со послушност, кроткост и смиреност.

Тогаш браќата го замолија преподобниот Антониј за игумен да им го постави преподобниот Теодосиј, зашто го имаше неговиот нарав и беше искусен во секое добро. Тој го благослови за игуменство. Тогаш сите браќа, дваесет на број, му се поклонија на преподобниот Антониј до земја, радосни што добија таков наставник.

Откако стана игумен, преподобниот Теодосиј започна усрдно да се грижи за обителта со голем пост и солзни молитви, при што многу му помагаа благословот и молитвите на неговиот старешина отец Антониј, кој молитвено тихуваше во осаменост. И Господ започна да го зголемува бројот на црнорисците. Набрзо под раководството на преподобниот игумен Теодосиј се најдоа сто луѓе. Затоа тој се договори со браќата да изградат манастир. За таа работа повторно отидоа кај преподобниот Антониј и му рекоа:

- Оче, бројот на браќата се зголемува и ние сакаме да градиме манастир.

Тој многу се израдува и рече:

- Нека е благословен Бог за са. Молитвата на Пресвета Богородица и на светтогорските Отци нека биде со вас и нека ви помага.

Откако го рече тоа испрати еден од браќата кај кнезот Изјаслав со порака:

- Христољубив кнезу! Бог ги умножува браќата, а нашето место е тесно. Те молиме, благоволи да ни ја дадеш гората над пештерата.

Кнезот многу се израдува. Веднаш испрати свој бојарин да им ја даде во сопственост на монасите гората над пештерата. На таа гора игуменот Теодосиј и браќата ги положија темелите на големата дрвена црква, ја изградија и ја украсија со икони. Подигнаа и многу ќелии, а самиот манастир го оградија со кули и се преселија таму. Оттогаш тој манастир, подигнат со благословот од Света Гора, започна да се нарекува Печерски, зашто црнорисците порано живееја во пештерата.

Потоа преподобниот игумен Теодосиј реши својот манастир да го осигура и со духовна ограда, односно со устав со кој се уредува животот на монасите во манастирот. Во тоа му помагаа благословот и молитвите на преподобниот Антониј. По неговиот благослов и молитви Господ уреди, та токму во тоа време се најде чесен монах од Студитскиот манастир, на име Михаил, дојден од Грција со митрополитот Георгиј. Овој монах го имаше кај себе Студитскиот устав. Преподобниот Теодосиј го препиша во превод од грчки и според него го уреди целиот поредок: како да се врши богослужението, пеењето, читањето, како да се прават поклони, како да се стои во црквата, како да се однесуваат во трпезаријата, и во кој ден што да се јаде. Од Печерскиот манастир сите други руски манастири го примија овој Студитски устав. Поради тоа Печерскиот манастир ужива предност и чест меѓу руските манастири.

Во деновите на игуменството на преподобниот Теодосиј, кој со помош на новиот устав и благословот и молитвите на преподобниот Антониј го водеше животот на Џечерската обител по патот на добродетелите, во оваа обител како седумнаесетгодишно момче дојде нашиот преподобниот отец Нестор, руски летописец, опишувач на житието на преподобниот Теодосиј и други. Преподобниот Теодосиј, кој со љубов ги примаше оние што доаѓаа кај него, усрдно го прими и Нестора, на совет и благослов од преподобниот Антониј. Истражувајќи поради што манастирот се нарекува Печерски, преподобниот Нестор во својот летопис зборува накратко за подвизите на првоначалникот на овој манастир, преподобниот наш отец Антониј.

Но, да кажеме нешто и за чудесата, иако не за сите, и за чесниот крај на свети Антониј, позајмувајќи известувања од блажениот епископ Симеон и неговиот близок печерски монах Поликарп, а да ги изоставиме сведоштвата на летописецот за самите подвизи и напасти, кои ги претрпе преподобниот.

Нашиот преподобен отец Антониј, осамен во втората пештера, гледајќи го зголемувањето и примерното живеење во Бога на избраното свое стадо, многу Го прославуваше Бога, напредувајќи во сите добродетели и одејќи од сила во сила. Затоа и Бог го прослави, та тој заблеска во Руската земја со разни чудеса, особено со дарот на исцелувањето и пророштвата. Се истакна и како чудесен лекар и како руски пророк.

Дарот на чудотворното исцелување кај преподобниот Антониј се обелодени на следниот начин:

Преподобниот старец лично им служеше на болните и ги исцелуваше со својата молитва. Но, смирено сокривајќи го својот дар, тој со благословот како лек им даваше на болните од зелјето со кое се хранеше. И болните, штом ќе вкусеа од него, веднаш оздравуваа од каква болест и да боледуваа. Како подражавач на ваквото чудотворно лечење, светиот старец го остави блажениот Агапит, кој ги лечеше болните на ист начин.

За пророчкиот дар на свети Антониј, покрај останатите примери сведочи и следниот:

Тројцата кнезови Јарославич: киевскиот Изјаслав, черњиговскиот Свјатослав и перејаславскиот Всеволод, кога тргнаа во војна против Половците! дојдоа кај преподобниот Антониј за благослов. А тој, провидувајќи го гневот Божји кој ќе ги стигне, се расплака и им прорече:

- Заради вашите гревови вие ќе бидете победени од варварите и приморани да бегате, при што многу ваши војници ќе се удават во реката, други ќе бидат одведени во ропство, а останатите убиени со меч.

Тоа и се случи на реката Алта, кога кнезовите одвај побегнаа, Изјаслав и Всеволод побегнаа во Киев а Свјатослав во Чернигов, Половците тргнаа по југоисточните краеви на Руската земја да пљачкаат и убиваат.

Истовремено, со ова пророштво на кнезовите, преподобниот Антониј му претскажа на Шимон, синот на варјажскиот кнез Африкан, дека тој со благодатта Божја, во споменатата битка не само што ќе ја одбегне смртта, наоѓајќи се среде лешеви, туку по многу години прв ќе биде погребан во камената Печерска црква, за која преподобниот исто така прорече дека ќе биде изградена на чудесен начин.

Сето тоа навистина се случи. Самиот Шимон, на враќање од таа битка му раскажа на преподобниот Антониј:

- Јас лежев ранет меѓу испоубиените, но некоја божествена сила ме извлече и ме исцели од раните. А сите мои блиски и војници ги најдов неповредни. Исто така јас двапати видов во воздухот слика на црква која треба да се изгради, и во која јас ќе бидам погребан; првиот пат на морето, кога бегав во Руската земја кај кнезот Јарослав, прогонет од варјашкото кнежество од мојот стрико Јакун, и сега додека лежев меѓу убиените на реката Алта.

Шимон на дело ги потврди своите зборови за благоволението Божјо што му беше укажано во однос на подигањето на свети цркви, проречено од преподобниот Антониј. Тој изнесе појас и златен венец и му ги предаде на преподобниот Антониј, со зборовите:

- Ова го симнав од иконата на Распетието Христово кога ја напуштав својата татковина. Ти ми претскажа дека ќе бидам погребан овде. А јас имав глас од Господа, Кој ми нареди со овој појас да се измери темелот на црквата во која ќе бидам погребан и чија што слика ја видов во воздухот. А пак овој венец, по истата наредба Господова, треба да биде обесен над жртвеникот.

Така јасно се обелодени дека пророштвото на преподобниот Антониј целосно се поклопува со Божјата волја. Подоцна тоа го потврди и самата реалност. Многу години потоа, Шимон навистина прв беше погребан во камената Печерска црква.

А сега повторно да се вратиме на летописот и да кажеме неколку зборови за големите напасти што ги претрпе преподобниот Антониј. Повторно се обиде ѓаволот преку кнезот Изјаслав да го лиши престолниот град Киев од големиот светилник, нашиот преподобен Антониј, кој во мрачната пештера како под сад блескаше со доблестите и чудесата. Тој уреди ваква збрка:

По победата, според пророштвото на свети Антониј, над Половците во гореспоменатата битка, луѓето од Киев го тераа својот кнез Изјаслав повторно да тргне во војна против непријателите, кои се беа нафрлиле на Русија. Но, бидејќи кнезот не се согласуваше на тоа, тие кренаа буна, го ослободија од темницата полоцкиот кнез Всеслав, кој како заробеник се наоѓал во Киев, и го прогласија за свој киевски кнез, а кнезот Изјаслав побегна во Полска. По седум месеци Изјаслав тргна со Болеслав Храбриот во војна против Всеслав, кој им излезе во пресрет со војската, но кришум побегна кон Полоцк. Тогаш Изјаслав влезе во Киев. Поттикнат од ѓаволот, тој започна многу да се гневи на преподобниот Антониј, зашто некој го наклеветил дека божем го сака Всеслав и му давал совети, и сега е виновен за сите буни во Киев. Преподобниот Антониј во тоа време служеше во пештерата на болниот Исакиј затвореникот, кого ѓаволот го беше прелестил, јавувајќи му се во облик на Исус Христос, и одвај го беше оставил жив. Многу му завидуваше ѓаволот на светителот што му служи на болниот Исакиј, плашејќи се прелестениот бргу да не биде исцелен со телото и душата. Затоа тој на сите можни начини го разгневуваше кнезот Изјаслав, за да го протера преподобниот од киевскиот крај. И успеа во тоа на некое време.

Черниговскиот кнез Свјатослав, известен дека неговиот брат Изјаслав е многу лут на преподобниот Антониј, ноќе го донесе светителот кај себе во Чернигов. На преподобниот му се допадна едно место близу Чернигов на гората Болдина. Тука си ископа пештера и живееше во неа. Подоцна на тоа место беше подигнат манастир, Но непријателот на доброто не ликуваше долго. Наскоро кнезот Изјаслав ја истражи работата, се увери во невиноста на свети Антониј и го молеше да се врати назад. Кроток и смирен, преподобниот се врати кај своите браќа, кои беа распрснати како овци без пастир. Бог не сакаше овој пресветол светилник, светозарното сонце на Руската земја, да стави почеток на нов монашки живот во друг град, освен во богоспасуваниот престолен град Киев, од каде што преку благоверниот кнез Владимир блеснала светлината на Православната вера врз Руската земја. Господ благоволил оттаму да заблеска и зракот на совршениот подвижнички закон преку преподобниот отец Антониј.

И по таквите напасти преподобниот не падна со духот, туку степен по степен се качуваше во поголеми подвизи, се трудеше во пештерата додека не го победи Ѓаволот. Според зборовите од Евангелието, тој го истеруваше овој лукав род со молитвата и постот (Марко 9, 29), и останатите трудољубиви подвизи: бдеењето, стоењето и безбројните коленопреклонувања. Се до својата смрт тој не ја остави својата мрачна пештера, иако сиот негов живот во неа беше непрекината борба со управникот на темнината на овој свет.

Откако повторно се насели во пештерата, преподобниот Антониј започна повторно да го пројавува дарот на чудотворството, во уште поголема мера. Тој започна со големо усрдие да се грижи околу градбата на камената печерска црква, чие што зидање го претскажа, и за што доби сведоштво за благоволението Божјо преку Шимон. По тој повод тој се посоветува со преподобниот игумен Теодосиј. Истовремено усрдно се молеше на Севишниот Неимар, за самиот Он со Своите пречисти раце да го благослови и помогне зидањето на домот на Својата Пречиста Мајка, Владарката Богородица, зашто тој ги зборуваше Давидовите зборови: „Ако Господ не сака да се гради дом, залудно ќе се трудат градителите негови“ (Псалми 126, 1). Додека свети Антониј се подвизуваше во таквата молитва, се случи прекрасно чудо. Без да се оддалечува некаде од Печерскиот манастир, како некогаш преславниот чудотворец Никола од Мир, тој заедно со својот еднодушен пријател, преподобниот Теодосиј, се појави во Цариград, застанувајќи пред Небесната Царица Пресвета Богородица. И откако доби од Неа злато со преподобниот Теодосиј, тој го даде на мајсторите зидари, за тие, според наредба на Небесната Царица, да појдат во Русија и да ја зидаат печерската црква.

Мајсторите допатуваа од Грција и го раскажаа тоа огромно чудо. А пак преподобниот отец Антониј се зафати за друго прекрасно чудо, својствено на древните пророци, Гедеон и Илија. Зашто кога мајсторите го прашаа преподобниот Антониј на кое место сака да се гради црквата на Пресвета Богородица, тој три дена се молеше Господ со знак од небото да му го посочи местото достојно за живеалиште на Небесната Царица. И тогаш, поткренат од Бога, кнезот Свјатослав дојде кај луѓето кои се беа собрале за избор на местото и го поклони својот имот кој граничеше со пештерата. Во првата ноќ, додека стоеше на споменатата молитва, му се јави самиот Цар на славата, Господ Христос, и му рече:

- Антониј, си нашол благодат пред Мене.

Кога го слушна тоа, преподобниот Антониј измоли од Господа наутро да има роса по земјата и местото на кое треба да се подигне црквата да биде суво. И би така. А наредната ноќ преподобниот измоли во Господа, па само на местото кое Нему му беше угодно за црква имаше роса, а останатата земја беше сува. На третиот ден преподобниот отец го благослови тоа место и нареди да се измери со златниот појас од иконата на Спасителот, добиен од Шимон, и тоа триесет појаси во должина и дваесет во ширина, како што му беше наредено на Шимон одозгора. Потоа преподобниот Антониј со својата молитва јави оган од небото, кој не само што ги спали сите растенија на тоа место, туку и земјата ја ископа, и така го подготви за градбата на светата чудотворна печерска црква, „слична на небото“ како што се вели во повеста за неа.

Со такви чудеса преподобниот Антониј го подготви местото за црквата на светата печерска обител и го благослови почетокот на нејзината градба. Потоа самиот започна да се подготвува за заминување кај вечната неракотворна црква, во небесните обители, за кои свети Јован пишува во откровението: Господ Бог Седржителот и Јагнето се неговиот храм (Откров. 21, 22). Така претскажа и Небесната Царица кога во Влахерна им се јави на градителите на црквата и рече:

„Овој Антониј ќе ве благослови само на дело, зашто ќе замине во вечниот покој. А Теодосиј наредната година оди по него“.

Но каква подготовка за чесната смрт пред Господа му беше потребна на нашиот преподобниот отец Антониј, кој, имајќи го доброволното живеалиште во пештерата како во постојан гроб, можеше да зборува со Апостолот: секој ден умирам... (1 Кор.15, 31). Затоа тој и со пророкот секој ден велеше: подготвен сум и не се колебам да ги запазам Твоите заповеди (Псалми 118, 60). Значи, преподобниот Антониј беше подготвен со срцето и не беше вознемирен поради делата свои, туку поради своето богоизбрано стадо, за да не го остави распрснато. Така се исполнија апостолските зборови врз него: и двете ми се мили, сакам да заминам и да бидам со Христос, бидејќи тоа е многу подобро; но да останам во телото е попотребно за вас (Филипјан. 1, 23-24).

Гледајќи дека веќе дошло време за заминување и разделување од телото, преподобниот Антониј ги тешеше своите деца со ветувањето дека ни по своето заминување нема да го остави ова свето место, на кое се подвизуваше, туку постојано ќе го надгледува и посетува. Ќе се труди за него и ќе им помага на оние што живеат во него и што со вера прибегнуваат кон него. Особено благонадежно ветување, поскапоцено од секое наследство, остави преподобниот во местото на своите подвизи. Тој вети дека ќе посредува со своите молитви, та како што тој заминува од телото со покајание и увереност во помилување, така да се удостојат на тоа и оние што се наоѓаат тука и имаат љубов кон него. По шеснаесет изминати години во втората пештера го заврши својот временски живот и отиде во бесконечениот, на 10 јули 1703-та година, во својата деведесетта година. Чесните мошти на преподобниот правоначалник тогаш беа положени во таа иста пештера под големиот манастир, во кој се престави тој. Но, како што тој за време на животот се криеше од човечките очи и тајно се молеше на Бога во осаменост, така и за своите мошти го испроси тој исти дар, да бидат далеку од очите на луѓето, Зашто било потребно овој руски законодавец да се удостои на истиот удел со израилскиот. Израилците некогаш не можеа да гледаат во живиот Мојсеј поради светлината со која зрачеше тој, кога им го донесе Законот од Синајската Гора (2 Мојсеј 34, 29-35). Исто така не можеше, за време на животот на преподобниот Антониј во пештерата, да се гледа во светлината на добрите дела, кога И го донесе на Руската земја законот од гората Атон. Телото на упокоениот законодавец на израилскиот Мојсеј беше сокриено за гледање (5 Мојсеј 34, 6). Исто така сокриено е и телото на нашиот преподобен отец Антониј, рускиот законодавец. Бог, прекрасниот во светиите Свои, досега чудотворно ни забранува да го видиме телото на преподобниот. Многумина кои што се дрзнаа да го раскопаат местото каде е положено чесното тело на нашиот преподобен отец Антониј, беа казнети со оган и тие чувствувале силни болки од изгорениците, се додека не се покајале за таквата дрскост. Но, иако моштите на преподобниот Антониј се скриени од нашите очи, сепак тој со својата помош постојано е со нас и близу оние кои го призиваат. Неговите свети мошти обилно творат чудеса, помагајќи им на сите кои со вера прибегнуваат кон неговиот чесен гроб. Тие особено ја бркаат од луѓето демонската темнина, како вистинска светлина која свети и во темниот гроб. Демонската темнина никогаш не може да ја обземе оваа светлина, туку секогаш исчезнува од нејзиниот блесок.

Чесните мошти на преподобниот Антониј избавуваат и од најразлични хендикепи, кои војуваат не само со телото туку и со душата. Тоа многу го искусил свети Јован Многустрадалниот. Борејќи се три години со нечистите страсти, и откако многу пропати мачен со блудна страст, тој дојде на гробот на преподобниот Антониј и помина ден и ноќ во молитва. И тогаш го слушна неговиот глас:

- Јоване, Јоване! Ти треба да се затвориш во оваа пештера, за со помош на Господа да престане борбата и да се оконча со осаменост и молчење.

Јован го стори тоа. И со благодатта Божја, и молитвите на нашиот преподобниот отец Антониј беше спасен. Нечистите телесни страсти, кои иако речиси триесет години го напаѓаа заедно со нечистите духови, сепак како што гледаме од неговото житие, не победија.

Нашиот преподобниот отец Антониј, како што вети, не го остави ни своето свето место. Грижејќи се за него, тој, по своето преставување (како и порано за време на животот), се јави заедно со преподобниот Теодосиј во Цариград, и тука се договори со гр. чки иконописци за изработка на чесни икони за Печерската црква. Притоа им даде доволно злато на видарите како и порано, со истиот преподобен Теодосиј. И ги испрати во градот Киев, во Печерскиот манастир кај блажениот игумен Никон, како што за тоа вели повеста за украсувањето на светите печерски цркви.

Нашиот преподобниот отец Антониј се покажа веродостоен и во своето благонадежно ветување дека по своето заминување ќе им помага на оние кои го љубат, за својот живот поминат на неговото свето место да го завршуваат во покајание, и да се удостојуваат на помилување од Господа. Оваа ветување чудотворно се исполни на дело со блажениот печерскиот црноризец Еразмо. Оплакувајќи го златото, потрошено за украсување на печерската црква, тој падна во тешка казна. Седум години лежеше без свест и беше на умирање, но никако не можеше да се престави без покајание и да биде погребан на тоа свето место. И во осмиот ден му се јави преподобниот Антониј со преподобниот Теодосиј и му рече:

- Се молевме на Бога за тебе, и Тој ти дари време за покајание. Еразмо веднаш оздраве, совршено се покаја и беше помилуван од Бога, та во третиот ден премина. Тој се удостои да биде вброен во ликот на светите, како што пишува во неговото житие. Да Го прославиме седаражливиот Човекољубец што ни дарил таков чудотворен првоначалник на оние што монахуваат во Руската земја. Ниту еден човек не може да ги опише сите негови дела, особено оние извршени до неговото преставување, зашто тој водеше таен живот во осаменичко пештерно молитвено тихување и делување. Тоа му е познато само на сезнајниот Срцезнаец, Кој ги знае незнајностите и тајните. Неговиот јазик е „како перо на брзописец“ (Псалми 44, 2), Он самиот напишал опширно житие на нашиот преподобниот отец Антониј, за со неговите молитви да се удостоиме да го завршиме животот во покајание и помилување од Господ Христос, Кому со Неговиот беспочетен Отец и единосушниот Дух чест, слава и пофалба, сега и секогаш и во бесконечните векови. Амин.

ПОВЕСТ ЗА ПРЕНОСОТ НА ЧЕСНАТА РИЗА НА НАШИОТ ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС

Во времето на благоверниот кнез Михаил Феодорович, самодржецот на цела Русија, додека патријарх беше свјатјејшиот Филарет, царев татко по тело и дух, во Персија царуваше шахот Аббас. Тој многу го сакаше благоверниот цар Михаил и често му испраќаше пратеници со подароци. На ист начин му возвраќаше и рускиот цар. Во март 1624 година во Москва кај благоверниот цар Михаил допатува познатиот пратеник Урусамбек, испратен од шахот Аббас со писмо и многу скапоцени подароци. Покрај тоа тој му донесе на свјатјејшиот патријарх Филарет од шахот и посебно писмо и неизмерно скапоцен дар: ризата на нашиот Господ Исус Христос во златен ковчег, украсен со скапоцени камења. Во тоа писмо персискиот шах известува дека ризата Христова е најдена за време на освојувањето на Грузија во митрополитската ризница, каде била запечатена во еден крст. Тој ја зел и му ја испраќа како подарок на преосветениот патријарх Московски. Во тоа исто писмо шахот го велича големото име на нашиот Господ Бог и Спасител Исус Христос, зборувајќи:

„Кој богодолично не Го почитува Него (Господ Исус Христос) како Бог, тој безмилосно нека биде спален, а оној пак, кој за таквиот богохулник ќе запали оган е достоен на чест и величање“.

Свјатјејшиот патријарх Филарет со радост го прими овој голем подарок, поскапоцен од сите овоземни подароци. Потоа патријархот повика искусни грчки старци, кои во тоа време се наоѓаа во Москва, некои меѓу нив дојдени од Ерусалим а други од грчките земји. Меѓу нив беше и Нектариј, подоцна архиепископ Вологодски и Великопермски, и Јоаникиј кој кратко време пред тоа беше дошол во Москва со преосветениот Теофан, патријархот Ерусалимски. Патријархот Филарет ги праша тие старци дали знаат нешто за ризата Господова и што се зборува за неа по нивните земји. И секој од нив го раскажа тоа што го знаеше. Архиепископот раскажа:

Кога бев архиѓакон кај свјатјејшиот Цариградски патријарх, патријархот ме испрати во Грузија по некои црковни работи. И се случи да бидам во црквата наречена „Илета“, каде крај десната певница до првиот столб забележав многу запалени свеќи и ги прашав свештениците за тоа. Тие ми одговорија дека тука е положена ризата Христова, која ја донел еден војник од нивната земја, кој бил во Ерусалим за време на распнувањето на Господа, и дека тука се случуваат многу чудеса од ризата Христова.

Некои пак му раскажаа на пресветиот патријарх дека насекаде, како во Палестина така и во грчките земји, православните тврдат дека ризата Господова се наоѓа во Грузија. При распнувањето Господово имало еден војник од Грузија, на кого на коцка му припаднала ризата Господова. Тој потоа ја донел во својата земја и како скапоцен дар и ја поклонил на својата родена сестра, девојка. Потоа тој војник им раскажал на сите што се се случило со Исус Христос во Ерусалим. Штом го слушнала расказот на својот брат војник, девојката ја засакала ризата Господова и ја чувала со стравопочитување. По кратко време таа девојка умре. На умирање остави завет нејзиното тело да го погребаат во ризата Господова наместо во погребни покрови. Така беше сторено. По некое време од гробот на таа девојка израсна огромно и многу убаво дрво. Во времето на царот Константин Велики, кога Грузија го прими светото крштение, од тоа дрво започна да тече благомирисно и целебно миро. Со него се помазуваа најразлични болни и се исцелуваа. Правоверните грузиски цареви, гледајќи ги таквите славни чудеса кај тоа дрво изградија прекрасна црква и поставија епископ. А пак по многу години, кога со допуштање Божјо персијците прв пат ја поробија Грузија, тие ја опустошија и црквата во која беше мироточивото дрво. Подоцна Грузија се ослободи од персиското ропство, но тоа дрво веќе не беше таму, ниту пак истекуваше целебно миро од тоа место. Само еден столб го одбележуваше тоа место. А пак за ризата Господова сите едногласно тврдеа дека се наоѓа во Грузија. Многумина сметаа дека по промисла Божја верните ја извадиле ризата од гробот, за да ја сочуваат за време на ропството. А како таа потоа се нашла во митрополијата, за тоа нема податоци.

Свјатјејшиот патријарх Филарет ги сослуша сите овие кажувања за ризата Господова. Потоа се посоветува со преосветените руски архиереји (тогаш беше време на Светата Велика Четириесетница), та наложи строг пост и молитви. А пак во Крстопоклона недела, откако отслужи сеноќно бдение, свјатјејшиот Патријарх нареди ризата на Христа Бога, Спасителот наш да се положи врз болните, како што во дамнина благочестивата царица Елена го положи врз мртовецот крстот Христов, за посведочување на неговата вис. тинитост. И како што тогаш крстот Христов беше распознат според силата со која го воскресна мртовецот, така и сега сите се уверија во вистинитоста на ризата Господова. Од неа добија исцелување и брзо оздравување сите болни врз кои беше положена.

Поради таквата благодат се радуваа и благоверниот цар и свјатјејшиот патријарх. Потоа наредија во големата соборна црква „Успение на Пресвета Богородица“ да се изгради почесно и особено украсено место на западната страна во десниот агол, каде што беше насликан животоносниот гроб Христов. Тука и беше положена ризата Господова. Таа и сега се наоѓа таму. Побожно е почитувана од сите. Од неа до денес се даваат исцеленија на болните кои со вера пристапуваат.

Празнувањето Полагање на чесната риза Господова беше одредено да биде во десеттиот ден на месец јули, во слава на нашиот Бог Христос, со Отецот и Светиот Дух славениот за навек. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ВИАНОР и СИЛУАН

Светиот маченик Вианор беше родум од Писидиската област. Поради исповедањето на верата во Христа тој беше фатен и изведен пред поглаварот Севиријан, кој го присилуваше да се одрече од Господ Христос, но тој одби. Затоа најпрвин беше врзан и тепан, а потоа горен со вжештени железни кугли. Потоа му ги извадија забите и му ги отсекоа ушите. Некој Силуан, кој беше присутен и го наблудуваше јунаштвото на светиот маченик, поверува во Христа и затоа веднаш му го отсекоа јазикот, а потоа и главата. После тоа на свети Вианор со сврдли му ги издупчија глуждовите, му го ископаа десното око, му ја одраа кожата од главата, и најпосле му ја отсекоа светата глава. Така светите маченици Вианор и Силуан го завршија својот живот и примија маченички венци.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АПОЛОНИЈ

Светиот маченик Ацполониј беше родум од градот Сарда во Лидија. Еднаш додека патуваше за градот Иконија беше фатен и приведен кај управникот на тој град Перениј. Прашан, тој изјави дека е христијанин, па управникот го присилуваше да се заколне во името на царот. На тоа свети Аполониј му рече:

- На христијанинот не му е дозволено да се колне со смртен човек, поготово со човек кој не Го познава Творецот и Создателот на секоја твар.

Поради ваквите зборови свети Аполониј беше обесен на крст. Така ја предаде својата душа во рацете Божји и прими од Бога венец на мачеништвото.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ И ПРЕПОДОБНИ ДЕСЕТ ИЛЈАДИ ЕГИПЕТСКИ ПУСТИНИЦИ

Овие свети угодници Божји беа усмртени со оган и чад во времето на еден Александриски патријарх. Овој патријарх ги намрази овие свети пустиници и ги обвинуваше како еретици оригенисти, затоа што сите тие, под водство на свети Исидор Пелусиот, во спорот и сплеткарењето против свети Јован Златоуст, беа на страната на свети Златоуст. Човек на патријархот со одред војници отиде во пустината, и таму, опиени со вино, војниците се растрчаа по манастирите, пештерите и колибите, и сите свети испосници или со меч ги убија, или со чад и оган ги усмртија, или пак ги избркаа. Тоа се случи околу 398 година.