24. Јули (11. Јули)

СПОМЕН ЗА ЧУДОТО НА СВЕТАТА ВЕЛИКОМАЧЕНИЦА ЕФИМИЈА СЕФАЛНА

Светата великомаченица Ефимија е родена, воспитана и со мачеништво овенчана во Халкидон, град во Витинија, кој лежи на заливот на Црното Море кон Цариград, од другата страна на Тракискиот Босфор. Таа пострада за време на царувањето на Диоклецијан, на 16 септември, кога и се празнува нејзиниот спомен. Денес, пак, се спомнува чудото од нејзините чесни мошти, јавено за време на Четвртиот Вселенски Собор на светите Отци во Халкидон во 451 година. Со тоа чудо беше јавено и потврдено православното исповедање на верата, и беше знак светите Отци да не пристапуваат во општење со зловерните. Се случи на следниот начин:

Александрискиот патријарх Диоскор и цариградскиот архимандрит Евтихиј, уште додека беше жив правоверниот цар Теодосиј Младиот, создадоа богохулна ерес против нашиот Господ Исус Христос, слевајќи ги двете Негови природи, Божествената и човечката, во една природа. Со своето зловерие тие заведоа многу духовници и мирјани и во својата ерес вовлекоа многу дворски царски великодостојници, од кои што имаа огромна подршка и помош. А кога во Ефес се одржа помесен собор (кратко време по Третиот Вселенски Собор одржан таму), или подобро речено разбојничко збориште, на кој пресветиот цариградски патријарх Флавијан, исповедникот на побожноста беше убиен од страна на диоскоровите и евтихиевите истомисленици, тогаш таа ерес многу се зацврсти и започна да се прима како правоверна, а вистинската Православна вера започна да се отфрла како зловерие. Затоа беше потребно да се свика Четврт Вселенски Собор на светите Отци, за искоренување на оваа ерес и за утврдување на православната вера.

Во тоа време благочестивиот цар Теодосиј премина кај Господа, а по него на престолот стапи доблесниот и богоугоден Маркијан заедно со света Пулхерија. Овие ревнители на побожноста, гледајќи дека ересите ја смутуваат Црквата и создаваат раздори во Неа, ги повикаа светите Отци од целата вселена на собор во славниот град Халкидон, за да ги разгледаат и претресат прашањата за верата. И се собраа свети Отци, шестотини и триесет на број, а меѓу нив и свјатјејшиот Анатолиј, патријархот Цариградски, свјатјејшиот Јувеналиј, патријархот Ерусалимски, и пратеници на свјатјејшиот Лав, папата римски. Присуствуваа и зловерните на чело со Диоскор, патријархот Александриски, Максим Антиохиски кого Диоскор го назначи за патријарх наместо отстранетиот Домн, и други архиереји, нивни согласници, и Евтихиј со своите истомисленици, така што имаше многу еретици. Сите тие заедно со светите Отци се собираа и одржуваа седници во црквата на светата великомаченица Ефимија, која се наоѓа во предградието на градот околу Босфорот. Таа црква беше многу пространа и престолна црква на Халкидонската митрополија, и можеше да прими многу народ. Во неа почиваа и моштите на оваа великомаченица, од кои се случуваа прекрасни и славни чудеса. Еве неколку од нив.

Во денот на нејзиниот свет спомен, во кој таа пострада за Христа, секоја година истекуваше крв од нејзините чесни мошти, како во тој час да потекла од раните. Таа крв ја собираа на следниот начин: гробницата беше голема, од мермер, покриена со мермерна плоча, а внатре дрвениот ковчег со моштите на светителката. На таа мермерна гробница од левата страна имаше мал отвор, низ кој можеше да се провлече рака и кој цврсто се затвораше и се отвораше само по потреба. Низ тој отвор и самиот епископ по завршувањето на сеноќното бдение, пред Светата Литургија, ја црпеше таа крв со помош на сунѓер, приврзан за долга железна шипка, Тој вовлекуваше таму сув сунѓер а го извлекуваше полн со крв и ја цедеше крвта од сунѓерот во специјално подготвени садови за тоа. Народот Му благодареше на Бога и на Неговата света маченица и се премачкуваше со неа за благослов и исцелување од своите болести. Таа крв беше многу благомирисна, како да е помешана со скапоцено миро. Сепак никакво миро на земјата не можеше да се спореди со неа, зашто ги надминуваше сите мириси и ги исцелуваше сите болести. Но, не само за својот празник, туку и во обични денови, особено кога архијереј на таа црква стануваше човек со богоугоден и доблесен живот, светата великомаченица излеваше од своите свети мошти таква благомирисна и целебна крв.

Покрај тоа се случуваа многу јавувања, зашто светителката им се јавуваше на оние што со вера И се молеа, лежеа болни, прибегнуваа на нејзиниот гроб или пак беа во разни неволји и ја призиваа на помош. И од сите страни, особено од блискиот Цариград, народот со голема вера се упатуваше кон неа на поклонение. Затоа таму, со царска наредба, требаше да се оддржи Вселенски собор на светите Отци.

На тој собор меѓу правоверните и еретиците имаше многу полемики, расправи и несогласувања, бидејќи зловерните не сакаа да се сложат со правоверното учење. Тогаш преосветениот Анатолиј, откако се посоветува со останатите свети Отци, им предложи на еретиците:

- Напишете го на свиток исповедањето на вашата вера, а и ние ќе го напишеме нашето исповедање, па и двата свитока, запечатени ќе ги положиме врз чесните мошти на светата великомаченица Ефимија. Потоа ќе постиме и соборно ќе се молиме на Бога, за Тој преку Својата угодничка да ни открие кое вероисповедање е правилно.

Овој предлог го пофалија и прифатија сите, и напишаа два свитока: правоверните свој, а зловерните свој. Ги запечатија со свои печати, го отворија гробот на светителката, ги положија и двата свитока врз нејзините гради, го затворија гробот, го утврдија со царскиот печат и стража, и три дена постеа и се молеа. Во четвртиот ден дојде царот и сиот собор кај чесниот гроб на светителката, го тргнаа царскиот печат, го отворија гробот и го здогледаа свитокот на правоверните во десната рака на светата великомаченица, а свитокот на зловерните под нејзините нозе. Но, најчудесно беше тоа што таа ја пружи раката како да е жива, и им го предаде на царот и на патријархот свитокот со правилното исповедање. Тогаш сите бескрајно се израдуваа и Му благодареа на Бога. Отпеаја пофални песни со благодарност на светата великомаченица и со топла њубов се поклонија на нејзините чудотворни мошти. И веднаш ја објавија православната вера како од Бога потврдена и на чудесен начин посведочена од светата великомаченица, а еретичкото зловерие го проколнаа. Тогаш и многу од еретиците, штом го видоа таквото чудо, се обратија кон православието, а оние упорните беа лишени од чиновите и испратени на заточение. Од тогаш иконописците започнаа да ја изобразуваат на иконите светата великомаченица Ефимија со свиток во десната рака, за незаборавно сеќавање на ова славно чудо што се случи во времето на Четвртиот Вселенски Собор. Како тогаш така и потоа, светата маченица не престануваше да твори чудеса и да точи благомирисна крв од своите чесни мошти.

По многу години на царскиот престол дојде Маврикиј. Иако беше благочестив, тој некако стана маловерен, се посомнева во чудесата на светата великомаченица Ефимија, и започна да смета дека истекувањето на крв од нејзините мошти не е вистина, туку нешто подметнато. За да ја дознае вистината, тој долго време пред годишниот празник на светата великомаченица го запечати со својот царски печат нејзиниот гроб и отворот на него. На празникот дојде и тој од Цариград во Халкидон, го симна печатот од гробот, го отвори отворот и веднаш излезе прекрасен благомирис и ја исполни сета црква, и истече крв, подобро речено миро слично на крв, од чесните мошти на светителката, повеќе од вообичаено. Ниту една година не истече толку многу како оваа, за посрамување на царевото маловерие, и за утврдување на цврстата вера во силата Божја, која може да врши се што е натприродно. Господ, Кој во дамнина можел од сувите животински коски, од магарешката челуст, да извади питка вода за Самсон, зарем не можеше потоа да направи да тече крв и миро од нетлените мошти на Неговата угодничка? Тогаш царот ја увиде својата грешка, се покаја и од тогаш цврсто веруваше во светителката.

Подоцна, за време на царувањето на Ираклиј, со допуштање Божјо се случи наезда на персијците врз Витиниската област и околината на Халкидон, и целото предградие според варварскиот обичај беше опустошено. Непријателите влегоа и во црквата на светата великомаченица и зедоа се што можеа, сакаа да го отворат и гробот на светителката и многу се мачеа околу тоа, но не им успеа. Тогаш довлекоа многу дрва врз гробот и го запалија со надеж дека мермерот ќе се распука. Сепак, ни тоа не им успеа зашто гробот ни најмалку не беше оштетен. Со такво чудо Бог Ја украси Својата угодничка!

По заминувањето на персијците царот се договори со патријархот моштите на светата великомаченица Ефимија да ги пренесат од Халкидон во Цариград, плашејќи се од повторна наезда на варварите врз Халкидон. И во Цариград близу хиподромот изградија голема и прекрасна црква во име на света Ефимија, слична на халкидонската, и свечено ги пренесоа светите мошти со камената гробница во неа. Одредија митрополитот Халкидонски да биде кај нив за нивна поголема чест. Гробницата ја поставија во олтарот наместо светиот престол и врз неа се извршуваше бескрвната жртва. Внатре се наоѓаа светите мошти на великомаченицата и од нив во Цариград се случуваа чудеса како и во Халкидон, и благомирсна целебна крв истекуваше во вообичаеното време.

Изминаа многу години, се променија многу цареви, минаа Вселенски Собори - пети и шести, кога некое време после нив се зацари ѕвероимениот и звероподобен Лав Исавријанин. Тој прв започна да ја смутува Црквата Божја со иконоборната ерес, нарекувајќи ги светите икони идоли, и зборувајќи со своите истомисленици: Ете, за нив пророкот вели: „Уста имаат а не зборуваат, очи имаат но не гледаат, уши имаат но не слушаат“ (Псалми 113,13.14).

Нему му се спротивстави пресветиот патријарх Герман. Царот на срамен начин го избрка од престолот а на негово место донесе свој истомисленик, еретик. Исто така тој со презир ги испрати во заточение и останатите правоверни архијереји кои што не се согласуваа со неговата ерес. И не само што хулеше на светите икони, туку и на моштите на светиите бессрамно лаеше како пес со својот незауздан јазик и ги уништуваше на сите можни начини. А пак додека ги гледаше, или слушаше за чудесата што се случуваа од чесните мошти на светата великомаченица Ефимија, душата му се кинеше од завист, но не се осмелуваше да им стори нешто јавно, плашејќи се од народна побуна. Затоа бедникот смисли вакво лукавство: со свои истомисленици отиде ноќе во црквата на света Ефимија и го отвори нејзиниот гроб што персијците не можеа да го отворат, зашто Христос Бог допушти рацете на зловерните христијани да се допрат до чесните мошти на невестата Негова, кои што ги сочува недопрени од неверните незнабошци. Персијците грешеа од незнаење, а христијаните се осмелија на злосторство, знаејќи што прават. Затоа Бог им дозволи, на нивна поголема осуда, да ја осквернат светителката. Злочестивиот цар ја отвори гробницата, го извади ковчегот со нетлените чудотворни мошти на света Ефимија, и наместо нив стави гнили смрдливи коски, претходно специјално подготвени за тоа, па повторно ги покри со даската и замина, носејќи ги со себе чесните мошти. Ги положи во една одаја од царскиот дворец. А пак неговите сестри и ќерки тајно одеа кај светите мошти, ги кадеа и палеа свеќи и со љубов им се поклонуваа. Но набрзо дозна за тоа зловерниот цар и веднаш го зеде ковчегот со моштите и ноќе го фрли во морето. Утредента собра многу зловерни и јавно го исмеваше правоверниот народ, хулејќи на моштите на светата великомаченица:

- Одете, глупаци, и видете ја измамата со која се залажувате себеси. Напразно зборувате дека моштите на сефалената Ефимија се негнилежни и чудотворни. Отворете го гробот и видете дали тоа е вистина.

Тие отидоа, го отворија гробот и здогледаа гнили, смрдливи коски. Тогаш еретиците започнаа да се смеат и да ги исмеваат правоверните, кои пак се чудеа, не можеа да сфатат, се срамеа и жалеа. Тогаш многумина помислија дека сите чудеса на светителката се лага, па плукаа на оние смрдливи коски и ги исфрлија надвор. Онаа мермерна гробница ја извлекоа од црквата и храмот Божји го претворија во мерзост на опустошението, зашто многу го осквернија. И така таа црква стана како пуста пештера или соба за добиток, па дури и нешто полошо, зашто беше место на најразлични нечистотии. Потоа ковачи направија во црквата ковачница и во неа го извршуваа својот занает. И така, онаму каде што порано се лееше песната на Божествените служби, започнаа да одекнуваат удари на чекани и грозни псовки и граја на непристојни луѓе. Тие занаетчии живееја во опустошената црква со жените и децата, а во светиот олтар, како во засолнето место, си направија нужници. И долго ги трпеше Бог таквите човечки дела, таквото сквернавење на Својата светиња, додека најпосле не ги погуби злите, и повторно го издигна Православието и го исчисти и го освети Своето место, правејќи го повторно живеалиште на Својата слава.

Кога чесните мошти на сефалената маченица беа фрлени во морето, по Божја промисла пловеше кораб од пристаништето, наречено Софија. Сопственици на тој кораб беа двајца браќа Сергиј и Сергон. Тие го зедоа од водата ковчегот, мислејќи дека е полн со некое богатство и заминаа. Во пристаништето Авидово го отворија ковчегот и ги најдоа нетрулежните мошти од кои излегуваше силен мирис. Многу се израдуваа на оваа духовно богатстство, а особено кога во видение беа известени за неговата светост, зашто наредната ноќ во видение видоа над нив огромна слава, запалени кандила и свеќи, и светли луѓе кои пееја и Го славеа Бога. После тог видение тие започнаа да Го молат Бога да им открие чии се тие мошти. Пловејќи така, дојдоа на островот Лимнос. А пак на тој остров се наоѓаа чудотворните и мироточиви мошти на светата маченица Гликерија. И додека преноќеваа покрај овој остров, во видение ја видоа светата маченица Гликерија како оди кон нивниот кораб, а пак од нивниот кораб излегува да ги пречека прекрасна девица. И двете се прегрнаа нежно. Девицата која дојде и рече на девицата која излезе од коработ:

- Радувај се, сефална маченице Христова, Ефимија.

А таа пак и одговори:

- Радувај се, блажена маченице Христова, Гликерија. :

И откако се поздравија се разделија.

Истото видение го имаа и овие двајца браќа. Многу радосни што дознаа чии се овие мошти, тие со топли молитви усрдно паднаа, го прегрнуваа и го целиваа ковчегот на светата великомаченица И лееја солзи од радост. Имаа намера ова прескапоцено богатство да го однесат во својата татковина, но Бог не го сакаше тоа. Додека пловеа ненадејно се крена силна бура и коработ носен од брановите повторно се најде на истиот остров. И кога повторно тргнаа, пак по наредба Божја се кренаа бранови и го вратија коработ. Тоа им се случи повеќе пати и една ноќ им се Јави Христовата маченица и им рече:

- Зошто се мачите и ме носите ваму таму? Јас нема да заминам одовде. Зарем ми беше малку преносот од Халкидон во Цариград, па фрлањето во морето, па носењето ваму? Зошто сакате да ме носите во далечни краеви? Не можете да го сторите тоа. Не трудете се, туку на овој остров направете ми мал дом да почивам во него.

Го рече тоа и стана невидлива. Чесните браќа Сергиј и Сергон веднаш се поклонија на нејзината наредба, го известија епископот на тој остров и тој им нареди да ги чуваат моштите во тајност, бидејќи беше дошла наредба од царот да се спалуваат светите икони и чесните мошти. По оваа наредба и мироточивите мошти на светата маченица Гликерија беа сокриени. Откако најдоа погодно место, со благослов на епископот, Сергиј и Сергон подигнаа мала црква на Христовата маченица, недалеку од морскиот брег. Епископот ја освети црквата и ги положи чесните мошти во олтарот во земјата, за иконоборците да не дознаат за нив.

Потоа овие двајца браќа и дадоа завет на светата маченица дека ќе останат тука и ќе и служат до крајот на својот живот. Продадоа се што имаа на коработ, се одрекоа од светот и живееја во таа црква во пост и молитва. Откако Му угодија на Бога се преселија во бесмртниот живот на молитвено посредување на светата сефална маченица Ефимија, на која усрдно и послужија. Пред својот крај тие положија камена плоча ва гробот на светата маченица, за целосно да не се заборави местото кое во себе го чуваше ова прескапоцено богатство. На една даска напишаа:

„Ние, Сергиј и Сергон, родени браќа, пловејќи по Хелеспонт - Цариградското Море, ги зедовме од морето, носени од брановите, чесните мошти на сефалната и света Христова маченица Ефмија и по нејзина наредба ги положивме овде“.

Подоцна епископот на тој остров изгради прекрасна црква и сакаше во неа да ги пренесе моштите на света Ефимија. Дојде во малата црква, подигната од двајцата браќа, и вршеше сеноќни молитви. А кога задрема му се јави светителката и му рече:

- Не прави го тоа што си го намислил, преподобни оче, туку оди кај мојата сестра, светата маченица Гликерија и помоли и се, а и јас ќе ја молам. Таа ќе дозволи да биде пренесена во твојата црква, а мене остави ме да почивам овде, додека повторно не се вратам во својот крај.

Кога се разбуди, епископот го обзеде страв и не се осмели да ја изврши својата намера. А моштите на светата маченица Гликерија ги пренесе во својата црква. Ги положи под патосот, зашто така ги чувале од зловерните иконоборци. Сепак, иако беа под земјата, правоверните се собираа и чесно ги прославуваа нивните празници и им се даваа исцеленија од сите болести. Еднаш во денот на споменот на света Ефимија се случи некој војвода, согласник на иконоборната ерес, да минува покрај тој остров со војска, испратен од царот на некоја должност. Кога стапна на копното тој го здогледа насобраниот народ кај црквата, и кога дозна дека го празнуваат празникот на моштите на света Ефимија, се нафрли со војската на црквата и го растера народот, викајќи:

- Зарем царевите ви наредуваат да им служите на мртвите коски!

Така овој бедник ја разруши црквата речиси до темел, навредувајќи ги православните христијани, а моштите на светителката останаа неповредени под земјата. И тоа место опусте на некое време.

По смртта на зловерниот цар Лав Исавријанин на престолот стапи неговиот син Константин Копроним". Тој не само што го отфрлаше почитувањето на иконите, туку потајно ги отфрлаше и самиот Христос Бог и Пресвета Дева Богородица и со својот поган јазик хулеше бедникот и ги исмеваше Божјите угодници. Со својата свирепост го надминуваше својот татко и уби многу невини и прави луѓе, а монасите ги протера од Цариград.

Со Божјо допуштање поради човечките гревови, тој долго царуваше и откако изврши безброј зла, умре со горка смрт. Царството го остави на својот син Леон, кој исто така беше иконоборец, но не вршеше насилства како татко му и дедо му. А кога умре Леон на престолот застана неговиот син Константин со мајка си Ирина, истоимена со мирот, која навистина донесе мир во Црквата Христова. Додека нејзиниот син беше малолетен, таа сама управуваше мудро и богоугодно. Го поправаше расипаното и разореното од иконоборните цареви и ги враќаше од прогонствата светите отци, протерани заради почитувањето на чесните икони. Беше навистина побожна и богоњубива и го свика Седмиот Вселенски Собор на чело со пресветиот цариградски патријарх Тарасиј. Така на светите цркви им беше вратено нивното благолепие - иконите, а иконоборната ерес светите отци ја предадоа на проклетство. Тогаш и црквата на светата великомаченица Ефимија во Цариград беше обновена од неа. Таа нареди црквата да се исчисти и се срушено да се обнови, па потоа велелепно ја украси со прекрасни икони и ја снабди со свештенички одежди и скапоцени предмети. И откако беше осветена повторно се служеше во неа како порано, а митрополитот Халкидонски живееше при неа. Христоњубивата царица Ирина усрдно трагаше и по моштите на сефалената маченица Ефимија. Господ, пак, Кој ги исполнува желбите на оние кои Му се бојат, ја извести за нив на следниов начин:

На островот Лимнос, каде што моштите се чуваа под земјата, имаше еден угледен човек на име Анастасиј, комит по чин. По наследство нему му припадна местото на кое двајцата браќа Сергиј и Сергон ја изградија црквата и ги сокрија чесните мошти во земјата, полагајќи на гробот камена плоча со натпис. Овој Анастасиј комит ја обнови и ја украси разрушената црква на својот имот, но по извесно време го снајде неволја, зашто беше наклеветен од завидливи луѓе и лишен од својот чин. Тогаш тој отиде во Цариград да се оправда и бараше застапник и посредник пред царицата. Некој му рече дека митрополитот Халкидонски може да му помогне. Анастасиј го најде во царскиот дворец и го молеше да му помогне, но митрополитот одбиваше, зборувајќи:

- Јас не можам да го сторам тоа. Тоа ја надминува мојата моќ. Откако го рече тоа митрополитот го напушти царскиот дворец а Анастасиј одеше по него до архиерејскиот дом. Штом ја виде црквата отворена влезе да се помоли. После долгата молитва со коленопреклонување, тој седна малку, зашто во тоа време немаше служба во црквата. Дежурниот клирик му пријде и го праша кој е и од каде е. Анастасиј му раскажа за себе, му ја откри својата мака, па потоа го праша свештенослужителот:

- На кој светител му е посветена оваа црква?

Тој му одговори:

- На светата великомаченица и сефална Ефимија.

Штом го слушна тоа, Анастасиј ја стави десната рака на своите гради и со љубов воскликна:

- О, моја света Ефимијо!

Клирикот го праша:

- Зошто ја нарекуваш своја?

Анастасиј одговори:

- Во црквата во мојот дом ги имам нејзините чесни мошти и затоа се осмелувам да ја нарекувам своја.

Клирикот му рече:

- Како е можно тоа? Вистината ли ја зборуваш? Внимавај, зашто царицата многу се труди да ги пронајде моштите на света Ефимија и му нареди на митрополитот да Го моли Бога да и ги открие.

Анастасиј одговори:

- Верувај ми, чесен оче, моштите на света Ефимија се кај мене. Истите мошти кои беа во Халкидон.

Црковникот го замоли да причека малку и поита да го извести митрополитот, преподобниот Андреј, кој многу се израдува, го повика Анастасиј и започна да го испрашува. Тој подробно му изложи се што се зборува на овој остров за чесните мошти на Ефимија сефална, и што е напишано на камената плоча од страна на двајцата браќа, кои ги изнесоа од морето. Преподобниот митрополит веднаш отиде кај пресветиот патријарх Тарасиј и го извести за тоа. Потоа двајцата отидоа кај царот и неговата мајка, водејќи го и Анастасиј со нив, и раскажаа за чесните мошти на маченицата Христова. И сите се радуваа и Му благодареа на Бога, богато го обдарија Анастасиј и му го вратија чинот комит. И веднаш беше подготвен прекрасен кораб и со него испратија на островот Лимнос угледни духовни лица и царски дворјани со Анастасиј комитот, за оттаму да ги пренесат моштите на светителката во Цариград. А кога месните жители дознаа дека ќе им бидат земени моштите на сефална Ефимија, се собра многу народ, гневно подготвен да се спротивстави на царските пратеници и да ги спречи во тоа. Особено беа лути на Анастасиј комитот и го нарекуваа предавник. И веднаш отпочнаа расправии меѓу народот и епископот Лимноски одвај го смири, зборувајќи:

- Луѓе, немојте да се противите на волјата Божја, ниту да го предизвикувате царот. Гневот на царот е како лавовско рикање (Изреки 19,12).

Кога народот се смири го отворија гробот и ги извадија од земјата чесните мошти на невестата Христова како прекрасен цвет, и воздухот се исполни со благомирис. Ги понесоа кон коработ со псалмопеење, со свеќи и кадилници. Народот со солзи ги испраќаше што се лишува од таквото предрагоцено богатство, и стоеше на морскиот брег се додека коработ не се изгуби во морската шир. Во Цариград излезе сиот народ со царот, и неговата мајка и пресветиот патријарх, за да ги пречекаат чесните мошти на маченицата Христова. И ги пречекаа со радост и ликување и свечено ги однесоа во црквата од каде што некогаш еретиците тајно ги беа зеле. Ги положија на истото место и во истата камена гробница, каде што лежеле порано.

Така светата великомаченица Ефимија сефална повторно се најде на своето чесно место во Цариград, и Го славеа заради нејзините чудеса Бога, прославениот во светиите Негови, Кому и од нас чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

ЖИТИЕТО НА СВЕТАТА ГОЛЕМА РУСКА КНЕГИЊА ОЛГА,

на светото крштение ЕЛЕНА

Кон крајот на темната ноќ на идолослужењето, која што ја притискаше Руската земја, блажената Олга заблеска како звезда Деница пред да настапи светлиот ден на светата вера, донесен од Сонцето Христос. Таа беше од знаменит род, правнука на знаменитиот маж Гостомисл, кој пред руските кнезови владееше во Велики Новгород, на чиј што совет беа повикани од Варјагите на руско кнезување Рјурик со браќата. Олга се роди во селото Вибутск, во близина на денешниот град Псков. Иако нејзините родители беа идолопоклоници, сепак својата ќерка ја воспитуваа во честитост и разумост, така што таа се одликуваше со целомудреност и мудрост, што се гледа од следново.

На умирање, великиот руски кнез Рјурик го остави по себе својот малолетен син Игор, така што и Игор и самото кнезување до неговото полнолетство му ги довери на својот роднина Олег. Тој собра огромна војска, го поведе со себе наследникот на кнежеството, малиот Игор, и тргна кон Киев. Ги уби таму Асколд и Дир, го потт. чини под своја власт Киев и стана единствен господар на варјаго-руските земји, чувајќи го големото кнезување за својот внук Игор. Поради државничките работи Олег живееше и во Киев и во Велики Новгород. А пак кнезот Игор како младо момче се занимаваше со лов. Еднаш за време на лов во околината на Новгород, Игор навлезе во границите на Псков. Трагајќи по диви животни околу споменатото село Вибутск, тој отаде реката здогледа погодно место за лов, но немаше како да се префрли. По кратко време забележа едно младо момче со чамец и го замоли да го префрли. Додека веслаше Игор се загледа во неговото лице и сфати дека тоа не е момче туку девојка. Таа беше блажената Олга, која беше многу убава. Нејзината убавина го рани срцето на Игор и тој веднаш започна да ѝ упатува соблазнувачки зборови. Штом ја сфати неговата намера, таа како старица мудро започна да му зборува:

- Зошто си вознемирен, кнезу? Од твоите зборови излегува срамна желба. Јас не сакам да слушнам за тоа. Те молам, послушај ме, стиши ги во себе грдите помисли од кои треба да се срамиш. Сети се дека си кнез, кој како управник и судија треба да блеска пред луѓето со примерот на добрите дела. Знај дека, иако сум овде сама и немоќна, не ќе можеш да ме совладаш. Ако се обидеш, веднаш длабочините на оваа река ќе ми бидат заштита. За мене е подобро да умрам чедна и оваа вода да ми биде гроб, отколку да биде посрамено моето девство.

Игор се засрами од своето безумие и молчеше посрамен. Така ја преминаа реката и се разделија. Тој се восхитуваше на благоразумноста и целомудреноста на младата девојка, која навистина беше достојна за восхит, зашто таа, иако се уште не Го познаваше вистинскиот Бог и Неговите заповеди, јави таков подвиг во одбрана на целомудреноста и го вразуми кнезот со своите кротки и мудри зборови.

По некое време кнезот Игор отпатува за Киев со својот роднина Олег, за таму да го утврдат престолот на големото серуско кнежество. Тоа беше сторено. Тие останаа да кнезуваат во Киев, а во Велики Новгород, како и во останатите големи руски градови, поставија свои намесници. Кога дојде време великиот кнез Игор да стапи во брак, започнаа да избираат убава девојка, достојна на царскиот дворец, но ниту една не му се допадна. Тој се сети на целомудрената и прекрасна Олга, го испрати по неа својот роднина Олег, кој со голема чест ја донесе во Киев и Игор стапи во брак со неа. Потоа умре Олег, и Игор започна сам да владее со целата Руска земја. Во почетокот на своето самостојно кнезување Игор имаше тешки војни со соседните народи. Одеше дури и до Цариград, освои многу краишта на грчката земја, им наложи данок на грците и од тој поход се врати со плен и слава.

Останатите години од својот живот ги помина во тишина, имајќи мир со сите погранични земји. Во тоа време од Олга му се роди синот Свјатослав, кој потоа стана татко на светиот рамноапостолен и велик кнез Владимир. И владееше Игор среќно на престолот на големото кнежество во Киев. Од сите страни му претекнуваше изобилно богатство, зашто и далечните земји му испраќаа многу подароци и даноци.

Но кнезот Игор загина обиколувајќи ги градовите и областите на своето кнежество, убиен од Древњаните, и тоа триесет и две години по смртта на својот старател Олег. Блажената Олга го презеде престолот со својот малолетен син. Таа се освети за својот сопруг. Управуваше со областите на Руската држава, не како жена туку како моќен и паметен маж, цврсто држејќи ја власта во своите раце и јуначки бранејќи се од непријателите. Беше страшна за непријателите а мила за своите луѓе, зашто беше милостива со добар карактер, никому не вршеше неправда, праведно судеше, милосрдно казнуваше, добрите ги наградуваше, на злите страв им влеваше, на секого според делата и заслугите му одмеруваше. Во сите работи на управувањето покажуваше далековидост и мудрост. Покрај тоа ги згрижуваше бедните и ништите и милостиво се одзиваше на молбите. Сите нејзини дела, иако вршени во идолопоклоничко незнабожие, Му беа угодни на Бога и достојни на христијанската благодат. Заедно со сето тоа Олга водеше воздржлив и целомудрен живот. Не сакаше повторно да се мажи и го чуваше својот син до неговото полнолетство, кога му ја предаде сета управа на големото кнежество, а самата се тргна од вревата и го минуваше времето во добротворни дела. Кога настапи времето во кое седобриот Господ сакаше да Ја просвети Русија со Светата Вера, Тој благоволи почетокот да го изврши преку блажената Олга, немоќниот женски сад, за посрамување на тврдоглавата машкост. Како што порано преку жените мироносици најпрвин го објави Своето воскресение, и преку жена - царицата Елена му го јави на светот Својот Чесен Крст на кој беше распнат, така и потоа, во Руската земја, Тој благоволи да ја засади Светата Вера преку новата Елена - кнегињата Олга. Господ ја избра за чесен сад на Своето пресвето име, за таа да го пронесе по целата Руска земја. Затоа Тој во нејзиното срце ја запали зората на невидливата благодат Своја, и И ги отвори очите на умот за познание на вистинскиот Бог, Кого таа се уште не Го познаваше. Таа веќе ја имаше увидено лагата и заблудата на многубожечкото незнабожие и беше потполно свесна дека идолите не се богови, туку бездушно дело на човечките раце.

Затоа и самата не ги почитуваше и со сета своја душа бараше вистинско богопочитување, кое И го најде на следниот начин.

Раководена со промислата Божја, од некои луѓе таа слушна дека единствен вистински Бог, Творец на небото и земјата, и сите твари, е Богот во Кого веруваат грците и дека освен Него нема друг Бог. Таа посака сама лично да види христијанска богослужба и целосно да се убеди во нивното учење за вистинскиот Бог. Затоа заедно со познати руски болјари и дворјани тргна за Цариград. Таму беше примена со голема чест од царот и патријархот, на кои што им принесе многу подароци, достојни на таквите личности. Во Цариград Олга се поучуваше во христијанската вера, усрдно ги слушаше зборовите Божји и ги набњудуваше црковните убавини, богослуженијата и целокупното уредување на христијанскиот живот. Во срцето и се разгоре њубов кон Бога и сакаше да прими свето крштение. А грчкиот цар, кој во тоа време беше вдовец, сакаше да ја земе за сопруга, велејќи ѝ:

- Ти, кнегињо, си достојна да бидеш христијанска царица и заедно со нас да живееш во оваа престолнина на нашето царство.

И започна царот да и зборува за сопружништвото. Таа се правеше како да не го одбива неговиот предлог, но најпрвин сакаше да се крсти, велејќи:

- Јас дојдов овде да бидам крстена а не за брак. Кога ќе се крстам, може да се зборува за сопружништво, зашто не е добро незнабожна и некрстена жена да стапи во брак со христијански маж.

Царот настојуваше Олга што побрзо да се крсти. Патријархот ја поучи во вистините на Светата Вера, ја огласи за крштевање и кога купелот беше подготвен, Олга започна да го моли царот, тој да ѝ биде кум на крштевањето, зборувајќи:

- Јас нема да се крстам ако царот не ми биде кум, и ќе заминам одовде без крштевање, а вие ќе му дадете одговор на Бога за мојата душа.

Царот се согласи и блажената Олга беше крстена од пресветиот патријарх. И го дадоа името Елена, според името на првата христијанска царица Елена, мајката на Константин Велики. По крштевањето патријархот ја причести со Божествените Тајни и ја благослови:

- Благословена си ти меѓу руските жени, зашто ја остави темнината и ја побара вистинската светлина. Го намрази идолското многубоштво а Го засака единствениот вистински Бог. Ја одбегна вечната смрт а се вери за бессмртниот живот. Отсега ќе започнат да те слават сите синови на Руската земја.

Така ја благослови патријархот. Од лицата дојдени со Олга се крстија многумина. И настана голема радост во Цариград поради крштевањето на големата руска кнегиња. Тој ден царот приреди голема гозба и сите се веселеа и Го славеа Христа Бога. Потоа тој повторно започна разговор за брак со Олга, односно Елена. Но блажената му одговори:

- Како можеш, мене, твојата духовна ќерка, да ме земеш за жена? Не само според христијанскиот, туку и според многубожечкиот закон е недозволиво таткото да ја има за жена својата ќерка.

Царот извика:

- Олга, ти ме надмудри!

Таа му возврати:

- И порано ти реков дека не дојдов овде за да царувам со тебе, зашто мене со мојот син ми е доволна власта во Руската земја, туку да се уневестам за бесмртниот Небесен Цар, Христос Бог, Кого со сета душа Го засакав, за да се удостојам на Неговото вечно царство.

Тогаш царот ја остави својата залудна намера, ја засака блажената Олга со духовна љубов како своја ќерка, богато ја обдари со подароци и ја отпушти со мир. На заминување таа отиде кај пресветиот патријарх, зеде благослов за пат и му рече:

- Свети оче, помоли се на Бога за мене, зашто се враќам во својата земја, каде мојот син живее во незнабожечката заблуда и сите луѓе се скаменети во незнабожие, та Господ, со твоите свети молитви да не избави таму од секое зло.

Патријархот и рече:

- Ќерко моја, верна и благословена во Светиот Дух! Нека Христос, во Кого си се облекла со светото крштение, те сочува од секое зло, како што го сочува Ное од потопот, Лот од Содом, Мојсеј со Израилот од фараонот, Давид од Саул, Даниил од устата на лавовите, Трите Момчиња од печката, така и тебе нека те избави од секоја напаст, зашто си благословена во својот народ и ќе те величаат внуци и правнуци до последните години.

Овој благослов од свјатјејшиот патријарх блажената Елена го прими како најскапоцен дар. Заедно со тоа доби и поука за чистотата и молитвата, за постот И воздржанието и за сите добри дела својствени на богоугодниот христијански живот. Доби од патријархот и чесен крст, свети икони, книги и останатите работи потребни за богослужење. Покрај тоа ѝ испрати презвитери и клирици. Така блажената Олга си замина од Цариград со голема радост.

Се раскажува дека чесниот крст, добиен од рацете на свјатјејшиот патријарх, го имал врз себе следниов натпис:

„Руската земја се обнови за живот во Бога со светото крштение, кое што го прими блажената Олга“.

По блажената смрт на света Олга тој крст верните го чувале до времето на големиот киевски кнез Јарослав Владимирович, кој подигна голема и прекрасна црква на света Софија во Киев и го постави во неа тој крст во олтарот од десната страна. Овој крст повеќе не постои, зашто Киев, заедно со црквите во него, многупати бил рушен и пустошен.

Штом се врати во Киев, новата Елена започна да ги просветува помрачените и ја изгради првата црква во име на свети Никола на Асколдовата могила, и многу киевчани обрати кон Христа Бога. Но својот син Свјатослав никако не можеше да го приведе кон вистинскиот Бог, зашто тој, зафатен со воените работи не им обраќаше внимание на нејзините зборови. Беше храбар и воинствен и својот живот го минуваше повеќе меѓу војската и боиштата отколку дома. На својата мајка, која го поучуваше и советуваше, тој И велеше:

- Ако ја примам христијанската вера и се крстам, ќе отстапат од мене болјарите, војводите и сите луѓе, па не ќе имам со кого да војувам против непријателите.

Така зборуваше кнезот Свјтослав, но не им бранеше на оние што сакаа да се крстат. Меѓутоа имаше многу малку велможи кои што се крштеваа. Повеќето од нив го исмеваа крштевањето, зашто христијанството е лудост за неверните (сп. 1 Кор. 1,18). А пак од простиот народ многумина пристапуваа кон светата Црква. Света Олга го посети и Велики Новгород и други градови и насекаде, колку што можеше ги приведуваше луѓето во Христовата вера. Притоа ги рушеше идолите и на нивните места поставуваше чесни крстови, од кои потоа се случуваа многу знаменија и чудеса, за убедување на неверните. Кога дојде во својот роден крај, во селото Вибутск, блажената и таму ги поучи во вистинскиот Бог своите блиски луѓе. Додека престојуваше во тој крај, таа отиде на брегот на реката Велика, која тече од југ кон север и застана спрема местото каде во реката Велика се влева реката Пскова, која тече спрема исток. Таму на исток здогледа три пресветли зрака како слегуваат од небото и ги осветлуваат тие места. Таа чудна светлина ја видоа и оние со неа. Многу израдувана од тоа, блажената Му благодареше на Бога за тоа видение, кое предзначуваше просветување на тие краеви со благодатта Божја. Обраќајќи им се на оние со неа, блажената пророчки рече:

- Знајте дека по волја Божја на ова место, осветлувано од три светли зраци, ќе никне црква на Пресветата Животодавна Троица и ќе се изгради голем и славен град, кој ќе изобилува со сè.

Откако го рече тоа, блажената Олга долго се молеше, па постави крст таму. И до денес на тоа место стои молитвен храм. Откако посети многу градови по руската земја, проповедничката Христова се врати во Киев и многу добрини вршеше во него заради Бога. Се украсуваше себе си со секоја добродетел, трудејќи се добро да Му угоди на новозапознатиот Бог, својот Творец и Просветител. Штом се сети на видението на реката Пскова, таа испрати таму многу злато и сребро, за да се изгради црква во име на Света Троица, и нареди да се насели тоа место. И за кратко време таму никна големиот град Псков, наречен така според реката, и се славеше во него името на Пресвета Троица.

Во тоа време големиот кнез Свјатослав ги остави во Киев својата мајка света Олга и со неа своите деца Јарополк, Олег и Владимир, и тргна против Бугарите". Во таа војна тој освои близу осумдесет градови, и особено му се допадна за живот нивниот главен град Перејаславец. А пак блажената Олга во Киев ги поучуваше своите внуци во христијанската вера, но не се осмели да ги крсти, плашејќи се од непријатности од страна на сина си. Тоа го препушти на волјата Господова. Но, додека Свјатослав беше во земјите на бугарите, печењезите неочекувано упаднаа во Киевските граници, го опседнаа градот Киев и го нападнаа. Света Олга со внуците се затвори во градот, кој печењезите не можеа да го завземат зашто Господ ја чуваше Својата слугинка и го заштите градот по нејзините молитви. Кога Свјатослав дозна во Бугарија за наездата на печењезите врз Киев, поита со својата војска, неочекувано ги нападна, ги разби, влезе во Киев, се поздрави со својата мајка, која веќе беше болна, и повторно сакаше да ја остави и да појде во Бугарија, а блажената со солзи му зборуваше:

- Зошто ме оставаш, сине мој? Каде одиш? Сакајќи го туѓото, на кого го доверуваш своето? Твоите деца се уште се мали а јас сум стара и болна и го очекувам моето заминување кај Христос, во Кого верувам. Сега се грижам само за тебе, и тагувам за тебе, зашто многу те учев и молев да поверуваш во вистинскиот Бог. Знам, јас, дека поради таа непослушност те очекува лош крај, а после смртта вечните маки подготвени за неверниците. Исполни ја барем мојата последна молба. Не оди додека не заминам од овој живот и бидам погребана. Потоа оди каде што сакаш. По моето преставување немој да правиш ништо над мене според вашиот пагански обичај, туку нека ме погребаат моите презвитери според христијанскиот обичај. Немојте да се осмелите мојата могила да ја посипате и да и приредувате тризни. Туку испрати во Цариград злато кај свјатјејшиот патријарх, за тој да принесе молитва и принос на Бога за мојата душа и да им подели милостиња на ништите.

Свјатослав горко плачеше додека ја слушаше својата мајка и и вети дека ќе постапи според нејзиниот завет, само одби да ја прими светата вера. По три дена блажената Олга потполно изнемоште. Се причести со Божествените Тајни на Пречистото Тело и Животворната Крв на нашиот Христос Бог и времето го минуваше во усрдна молитва кон Бога и Пресвета Богородица, Која секогаш ја имаше за своја помошница после Бога. Особено топло се молеше за просветување на Руската земја по нејзината смрт, зашто таа, провидувајќи ја иднината, многу пати пророчки претскажуваше дека Бог ќе ја просвети Руската земја и многумина ќе станат големи светители. Блажената Олга Го молеше Бога што побрзо да се исполни тоа пророштво. И уште многу други молитви имаше во нејзината уста, додека душата и се разрешуваше од телото и како праведна беше примена во рацете Божји.

Така блажената Олга се пресели на небото и се удостои на палатите на Бесмртниот Цар, и како прва светица на Руската земја беше вброена во ликот на Светиите. Блажената Олга, во светото крштение Елена, се престави во единаесеттиот ден на месец јули. Поживеа во брак четириесет и две години а при стапувањето во брак имаше околу дваесет години. Десет години по смртта на својот сопруг, таа се удостои на светото крштение, а по крштевањето поживеа богоугодно петнаесет години. Кога се упокои имаше околу деведесет години. Нејзиниот син Свјатослав ја оплакуваше заедно со нејзините внуци, бојарите, достоинствениците, и сите луѓе. Чесно беше погребена според христијанскиот обичај.

По преставувањето се исполни нејзиното пророштво за лошиот крај на сина си и за доброто просветување на Руската земја. По неколку годиви нејзиниот син Свјатослав беше убиен во војната од печењескиот кнез Курја!. Откако му ја отсече главата, тој си направи чаша од неговиот череп, ја окова со злато и вез неа напиша:

„Кој го сака туѓото, го губи своето“.

И додека славеше со своите велможи, тој пиеше од таа чаша. Така големиот киевски кнез Свјатослав Игоревич, кој беше храбар и непобедлив во војните, го стигна страшната смрт според претскажувањето на неговата мајка, затоа што не ја слушаше. Исто така се исполни пророштвото на блажената Олга за Руската земја. Дваесет години по нејзиното преставување, нејзиниот внук Владимир прими свето крштение и ја просвети со Светата Вера целата Руска земја?. Откако подигна камена црква во име на Пресвета Богородица (наречена Десеток, зашто Владимир го даде за неа десетиот дел од својот имот), се договори со киевскиот митрополит Леонтиј, ги извади од земјата чесните мошти на својата баба света Олга целосни, нетлени и благомирисни и со голема чест ги пренесе во споменатата црква на Пресвет Богородица. Ги положи на отворено, за оние кои прибегнуваат кон неа со вера, да добијат исполнување на своите молитви. ОД нејзините чесни мошти се даваа многу исцеленија на најразлични болести.

Над гробницата на блажената Олга во црковниот зид имаше прозорче. И кога некој со цврста вера доаѓаше кај нејзините свети мошти, прозорчето само се отвораше, и тој низ него ги гледаше чесните чудотворни мошти, при што оние најдостојните гледале како од нив излегува чудесен сјај. И секој, кој имаше вера веднаш оздравуваше од каква болест и да боледуваше. А пак на маловерните прозорчето не им се отвораше и тие не можеа да ги видат светите мошти, ниту пак да добијат исцеление. Верните пак, добиваа се што е корисно за нивните души и тела, по молитвите на света Олга, на светото крштение Елена, и со благодатта на нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК КИНДЕЈ

Свети Киндеј беше презвитер во Памфилиското село Сида а родум беше од Уманада. За време на царувањето на Диоклецијан беше фатен и изведен пред судијата Стратоник. Пред него тој бестрашно ја исповедаше верата во Господ Христос, и затоа судијата го осуди на спалување. На осудениот исповедник му навлекоа железни чизми на нозете, одвнатре начичкани со клинци, па го натераа да трча до местото на погубувањето. Попат сретнаа еден човек кој носеше товар дрва. Слугите сакаа насилно да му ги одземат и со нив да го спалат маченикот, но свети Киндеј му даде на тој човек триесет парички за дрвата, онолку колку што им беше цената. Тогаш слугите започнаа да бараат некој кој би им ги носел тие дрва, но светиот маченик самиот ги понесе на своите плеќи. Кога се разгоре силниот оган, светиот јунак влезе во него и стоеше неповреден. Оттаму ги поучуваше присутните незнабошци во Светата Вера, покажувајќи им ја силата Христова.

Потоа многу се наоблачи, настана невреме со силен дожд и молњи и го згасна огнот. Светиот маченик се помоли на Бога и веднаш настапи тишина и потполно се разведри. Тогаш тој го предаде својот дух во рацете Божји.

Од ова чудо идолскиот жрец поверува во Господ Христос заедно со својата сопруга. Тие го помазаа со мириси чесното тело на светиот маченик, го завиткаа во платно и го погребаа. А кога ѓаконот Орест, кој исто така беше родум од Уманада, ги извади светите мошти за да ги пренесе во Уманада, се случи чудо. Тој заедно со моштите беше кренат во воздухот како Авакум и за еден ден стигна од Памфилија во својата татковина. Тука изработи кивот и со свештениците ги положи во него светите мошти на маченикот, според редот и обичајот.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ НИКОДИМ

Овој богоносен отец се подвизувал на Света Гора во границите на светата обител Ватопед. Бил учител на божествениот Григориј Палама во философијата по Христос. Се упокоил во мир.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ НОВ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК НИКОДИМ

Рускиот црковен историчар, архиепископот Филарет Черниговски, смета дека светиот преподобномаченик Никодим е албански славјанин, што значи македонец од Елбасан во Албанија. Произлегува од побожно благочестиво семејство. Кога стана полнолетен родителите го оженија. Во бракот му се родија деца. Меѓутоа пријателствата и врските со турците му ја помрачија душата и тој, залажан од животот на мухамеданството, се одрече од верата Христова. Без да допрат до него солзите на неговите домашни, тој и своите деца насилно ги приведе во исламот, освен едниот син кој побегна на Света Гора и се замонаши. Штом дозна дека синот му се наоѓа во Света Гора, Никодим, понесен од фанатизам, веднаш отиде таму со намера да го врати и да се освети за него. Но човекољубивиот Бог, Кој за секого сака спасение, го уреди тоа поинаку.

Кога стигна на Света Гора започна да го бара својот син. Но испосничките подвизи на пустиниците, нивната молитва, благост, кротост, безмолвие, нивното кротко однесување со секого, го потресоа до дното на душата. Тој се сети на своето минато, кога и за неговото срце не беше туѓа надежта за вечното духовно блаженство, и започна да го споредува рајот Мухамедов со Христовиот рај, и сфати колку првиот е грозен и нечист, а колку вториот е светол и благомирисен. Го споредуваше тој и животот на христијанските пустиници со животот на мухамеданците, и увиде дека, колку што се тие кротки, добри, умилни, спремни на секоја жртва за другите, толку пак Мухамеданците се диви, незауздани, горди и незадоволни. Се сети Никодим и дека Христос, Синот Божји, е единствена надеж за спасение на грешниците, какви што се сите луѓе. Се сети и што го чека него, несреќниот, кој се одрекол од Христос. Тој горко заплака над себе, над својот пад. И се врати во христијанството и го проколна Мухамед. Остана на Света Гора и го прими монаштвото. Три години деноноќно Никодим го оплакуваше своето богоотпадништво, изнемоштувајќи се себеси со постот и останатите подвизи. И кога од некои отци слушна дека за оној кој се одрекол од Христос пред луѓето е многу корисно повторно да Го исповеда пред нив, тој се одлучи за подвигот на мачеништвото. Но, за да дознае дали оваа негова желба Му е угодна на Бога, се обрати за совет кај блажениот старец Акакиј, кој се подвизувал во Капсокаливскиот скит. Долго плачел Никодим крај нозете на старецот Акакиј, просејќи од него молитва и одлука, што да прави кога душата му сака маченички подвиг. Преподобниот старец, кој во Света Гора уживал добар глас и доверба како вистински свет подвижник, со њубов го крена Никодим, се тргна настрана и започна да се моли на Бога за него. По молитвата му рече нешто сосем тивко. Потоа му го даде својот старечки стап, со зборовите:

- Оди со Бога! Бог нека ти е на помош. Подвигот ќе го завршиш и венец ќе добиеш.

Така испратен со молитвите и благословот на преподобниот старец, Никодим одвај движејќи се од испосничката истоштеност, тргна на пат. На излегување од Света Гора Господ го поткрепи за големиот подвиг со видение. Му ги откри маките што ќе ги претрпи за името Негово и местото каде што ќе му биде отсечена главата. Утешен со таквото благоволение Господово, Никодим весело појде на својот маченички подвиг.

Од Света Гора отиде дирекно во Албанија, во својот роден крај, и тука пред турците, кои што го познаваа, јавно исповедаше дека Христос е вистински Бог, а Мухамед лажливец и измамник, Тие веднаш го одведоа кај пашата. И пред него блажениот Никодим го повтори своето вероисповедување, негирајќи го мухамеданството. Цашата се разбесни и нареди да го фрлат од висок балкон на неговиот дом, мислејќи дека ќе се сокрши кога ќе падне на земјата. Но со благодатта Божја тој остана неповреден и повторно излезе пред пашата, кој затрепери, мислејќи дека пред него стои привидение. Меѓутоа толпа од фанатици со врескање бараа смрт за понижувачот на големиот пророк Мухамед. Тогаш пашата го предаде Никодим на разбеснетата толпа. Бесните фанатици три дена го ставаа Никодим на сите можни маки, присилувајќи го да се одрече од Христос. Кога најпосле видоа дека не можат да го совладаат непоколебливиот исповедник Христов, му ја отсекоа главата на местото кое Господ му го посочи во видението. Откако на таков начин го заврши својот маченички подвиг, блажениот Никодим се удостои на венецот на рајската слава. Неговите свети мошти и денес почиваат целосни, разлеваат благомирис и им даваат исцеленија на сите кои што со вера и молитва пристапуваат. По молитвите на светиот преподобномаченик Никодим, да се удостоиме и ние на Царството Небесно. Амин.

Преподобниот Никодим пострада на 11 јули 1722 година во Елбасан (кој се нарекува Велаград или Вератеј). Служба му напиша јеромонахот Григориј Мосхополит.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ НОВ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК НЕКТАРИЈ (НИКОЛАЈ)

Светиот преподобномаченик Нектариј се роди од прости но побожни родители во селото Вриула во Мала Азија, во Ефеската епархија. На светото крштение го доби името Никола. По смртта на својот татко, откако остана сираче во својата седумнаесетта година и, наоѓајќи се во крајна сиромаштија, тој заради издржување на својата мајка и себеси, се вработи како чобанин кај богатиот Хусеин-ага, да му ги чува камилите. Во тоа време беснеше чума, од која умираа цели села. За да се сочуваат од заразата, луѓето ги напуштаа своите домови, заминуваа во полињата и таму водеа номадски живот. Така постапи и газдата на Никола. Со своите домашни и со сите свои слуги, кои освен Никола беа уште шест момчиња, тој се пресели во полето. Сакајќи да ги одврати од христијанската вера и да ги придобие за муслиманската, газдата започна да им зборува дека сите христијани изумреле од чумата а останале само муслиманите. Притоа, божем како да ги сожалува, тој им рече:

- Ако не сакате да умрете од глад, и за во иднина да си го осигурате животот, морате да ја примите муслиманската вера.

Несреќните момчиња во својата безизлезна ситуација и според својата детска неразумност, се согласија и ја примија муслиманската вера.

Кога престана чумата сите жители започнаа да се враќаат од полињата во своите домови. Се врати и газдата на Никола со своето семејство и слугите. Меѓутоа Никола дозна дека неговата мајка не умрела и дека се наоѓа во истото село. Многу израдуван, тој веднаш отиде кај неа. Но, побожната мајка, штом го здогледа Никола во турска облека, налутено и прекорувачки му рече:

- Оди си од мене! Јас не те познавам. Кој си ти таков?

Кога се виде себе си отфрлен од својата родена мајка, момчето со болка во срцето започна да ѝ раскажува како на измамнички начин станал муслиман. Но вистинската благочестива христијанка сепак не го призна за свој син, туку со уште поголем гнев му рече:

- Оди си одовде. Јас сум те родила како христијанин а не како турчин! Оди си одовде веднаш, да не те гледаат моите очи!

Овие зборови на добрата мајка длабоко ја потресоа душата на несреќниот христоотстапник, и како вжештени стрели му го бодеа срцето. Срам, каење, и свест за својот пад го обзедоа, и од грижа на совеста тој повеќе не можеше да ја погледне в лице својата мајка, и со длабока тага замина.

Повеќе не се врати кај Хусеин-ага, туку замина за Смирна, го најде таму својот стрико и му ја раскажа својата неволја. Чичкото го преоблече и го посоветува да замине за Цариград, па оттаму во Русија и таму да се покае за својот голем грев.

Никола го послуша својот стрико, отиде во Цариград а оттаму во Влашка. Но поради нешто тој не сакаше да оди понатаму, туку се врати назад во Смирна. Кога повторно отиде кај својот стрико тој го избрка затоа што не го послушал. Сите овие неволји го снаоѓаа Никола по промисла Божја, за да сфати дека за очистување од својот грев е потребно да се подвизува во пустината меѓу опитни и свети луѓе, а не во светот.

Во тоа време се случи во Смирна да биде еден духовник од Света Гора Атонска, кој беше набожен и опитен. Некои доблесни христијани од Смирна му го претставија Никола и го молеа да му даде духовен лек. Откако ја сослуша исповедта на христоотстапникот, духовникот го поучи и го посоветува да појде во Света Гора и таму да го изгради своето спасение. Никола тоа со радост го прими. Во Света Гора најде еден свој сонародник, кој се подвизувал во засебна ќелија. Овој побожен монах со братска љубов му даде засолниште. Потоа го претстави на опитниот духовник, кој најпрвин го огласи, па потоа го присоедини кон Православната црква. Така Никола остана некое време во ќелијата на својот сонародник, водејќи подвижнички живот. Набрзо неговото срце се загреа со боженствена љубов, која постепено растеше, та Никола од љубов спрема Господ Христос, и поради своето одрекување од Него, одлучи да ја пролие својата крв и да прими маченичка смрт. Меѓутоа духовникот го посоветува да не зема врз себе толку голем подвиг, посочувајќи му ја опасноста од страв од маките повторно да не се одрече од христијанската вера. Иако го прими советот од духовникот, сепак срцето не му се успокои. Затоа посака да води безмолвен живот и премина во скитот на Света Ана, во кој исто така се подвизувал еден негов сонародник Стефан во ќелијата Света Троица. Стефан со радост го прими младиот подвижник меѓу своите ученици, и наскоро го замонаши со името Нектариј.

Штом го прими монаштвото, Нектариј започна уште повеќе да се труди, минувајќи ги ноќите во бдение, молитви и коленопреклонувања. Се хранеше само со леб и вода. Гледајќи го младиот подвижник како успева во доблестите и сакајќи да го ослаби, ѓаволот започна да ги смутува неговите собраќа. И тие, подавајќи се на тајното влијание на ѓаволот, толку го намразија Нектариј што започнаа да го молат Стефан да го исфрли од нивната заедница. Благоразумниот Стефан не ја прифати нивната молба, туку ги посоветува да го остават гневот, зашто не им е својствен на слугите Божји. Покрај тоа им рече дека треба да бидат среќни и да Му благодарат на Бога што ги удостои да живеат заедно со идниот маченик Христов. Овие зборови ја растераа сета вражја темнина и лукавство, и од тогаш браќата го променија своето мислење за Нектариј и започнаа со љубов да се однесуваат кон него. Времето за маченичкиот подвиг на Нектариј веќе наближуваше. Неговото срце, горејќи со божествена љубов, повеќе не беше во состојба да го поднесе силниот оган, и тој започна да го моли старецот Стефан да го благослови за меченичкиот подвиг. Опитниот старец не се согласуваше со него, сметајќи го за многу млад. Но, Нектариј не отстапуваше од својата намера и уште поупорно започна да го моли Стефан да го пушти на страдање.

Стефан се посоветува со други духовници, кои, кога ја видоа непоколебливата намера на Нектариј го благословија за страдалничкиот подвиг, а старецот изрази желба да го придружува заради духовна утеха.

Откако се подготвија за пат, со благослов на светите отци заминаа за родниот крај на Нектариј. По доаѓањето во Вриула, Нектариј ја соблече од себе монашката облека и се облече во турска. Таков остана до муслиманскиот празник Бајрам, глумејќи муслиман. По три дена бестрашно излезе пред судијата и по вообичаениот поздрав му рече:

- Господине, судија! Додека ме гледаш во ваква облека сигурно мислиш дека сум муслиман. Но, не е така. Јас сум роден како христијанин и сега сум вистински христијанин и верувам во мојот Искупител, Исус Христос. Но, за време на моето малолетство, кога се уште не сум можел да го разликувам левото од десното, овдешниот Хусеин-ага ме измами, ми изнавети најразлични богатства, ако само се одречам од христијанската вера. Јас тоа го сторив. Кога станав полнолетен сфатив дека тој ги дал тие ветувања за да ме измами и соблазни. А кога сфатив дека муслиманската вера е лага и измама, си заминав од него и отидов во Алжир. Сега дојдов овде за јавно да Го исповедам Оној од Кого се одреков, и за својот горчлив пад да примам маки од вас, непријателите на мојот Христос, за откако ќе ја пролијам својата крв да се јавам чист во небесните живеалишта.

Додека го зборуваше тоа тој ги симна од главата фесот и зелената чалма и со презир ги фрли на земјата. Судијата се восхити на храброста со која зборуваше Нектариј и, гледајќи ја неговата младост и убавина, започна мило да го наговара да ја остави својата заблуда. По многуте ласкави ветувања тивко му рече:

- Сине мој, гледам дека си премногу млад и недоволно зрел, и мислам дека сето тоа го зборуваш со поука од некој друг. Ајде размисли добро, зашто твоето отпаѓање од муслиманската вера ќе ти донесе горчливи маки.

- Залудно, судијо, ти така мислиш за мене и за мојата младост, - со кратка насмевка му рече маченикот. - Ти само нареди да ме мачат, па ќе видиш какви сè мачнини ќе поднесам, крепен со силата на мојот Бог, чија сила се покажува не во снагата туку во слабоста (сп. 2 Кор.12, 9-10). Јас одамна размислив за сите мачења, инаку не би дошол овде да Го исповедам мојот Господ Исус Христос. А пак вашиот пророк Мухамед го проколнувам како лажливец и син на ѓаволот.

Сакајќи да го поштеди светиот маченик, судијата му нареди да си замине и да размисли за сè.

Утредента маченикот Христов повторно дојде кај него и весело му рече:

- Господине судија, ти вчера ми рече добро да размислам за својата состојба. И ете, јас цела ноќ размислував за тоа, па како вчера така и денес останувам при своето убедување. Освен тоа со мене завладеа уште поголема скрушеност и јас го оплакувам својот грев и плукам на вашата муслиманска вера.

Судијата се налути и нареди да го одведат кај кнезот на тој крај. Тоа значеше дека го предава на повисоките власти кои што имаат право да мачат и осудуваат на смрт. Но, во тоа време кнезот не беше дома и светиот маченик го заклучија во темница. Му ги ставија нозете во клада а околу вратот му врзаа тешки синџири. Додека беше во темницата кај него доаѓаа познати и богати муслимани, со намера да го одвратат од христијанската вера. Тие му ветуваа различни почести и богатство, само да се одрече од Исус Христос, но светиот страдалник стоеше цврсто против искушението, и со божествената њубов, која царуваше во неговото срце, не ги сакаше богатството и славата на овој ништовен свет, туку што побрзо да се разреши од телото и да се јави пред лицето на Живиот Бог.

По пет дена пристигна кнезот, и штом маченикот беше изведен пред него, го праша:

- Ти ли си тој што лежи во темница поради одрекување од нашата вера, која доброволно си ја примил?

- Да, јас сум, - благодушно одговори светителот.

- А кој ти извазбори такви глупости дека божем заради својата дрскост ќе станеш светец?

Маченикот одоговори:

- На ова не ме наведе глупост туку вистината што ја вети нашиот Господ Исус Христос. Тој ќе се смилува на мене за исповедањето на светото име Негово, а со мојата пролиена крв ќе ме очисти од одвратното обрезание што ми го извршија муслиманите.

- Кај тебе нечистиот, случајно да не слегол самиот Бог и те уверил во тоа? - праша кнезот.

- Да, - одговори маченикот, - самиот Бог, Кој преку Светото Писмо им се открива на оние што веруваат во Него.

На ваквата смелост кнезот започна да му ласка:

. - Пријателу мој! Дојди си на себе, сожали се на својата младост и убавина, остани во нашата вера и ќе бидеш мој син. Ќе те опкружам со сите богатства и ќе те поставам над сите мои блиски. Во спротивно ќе наредам да те мачат и потоа да те убијат како најлош човек.

Маченикот му одговори:

- Твоето богатство, почестите и славата нека ти бидат за гибел! А за маките и срамната смрт не се грижам. Поради тоа и дојдов. Прави со мене што сакаш, зашто нема да се одречам од мојот Господ Христос.

Посрамен, кнезот нареди повторно да го фрлат во темница, да му стават уште потежок синџир околу вратот и да му ги приковаат нозете. Блажениот исповедник благодушно го поднесуваше страдањето, зашто љубовта кон Господа Христа ги потискаше телесните болки. Во тоа време старецот Стефан и други благочестиви христијани се молеа кон Севишниот Бог да го крепи светиот маченик. А пак некои похрабри христијани успеаја да влезат во темницата и да му ги предадат Светите Тајни, испратени од Стефан. Откако се причести уште повеќе зајакна со духот. Но кнезот се уште се трудеше преку угледни луѓе да го одврати од Господ Христос. Кога виде дека е непоколеблив во својата вера нареди да го мачат, и веднаш започнаа бездушно да го тепаат со мотки, и му ја покриваа главата со вжештена железна чинија. После таквите жестоки мачења, кои се повторуваа повеќе пати, светителот ја губеше свеста и тогаш го фрлаа во темница. Но утредента го наоѓаа здрав и неповреден, зашто го исцелуваше невидливата сила Божја. Муслиманите беа во недоумица и ја осознаваа својата немоќ. Затоа кнезот нареди да му ја отсечат главата. Тоа беше сторено на плоштадот Малказ на 11 јули 1820-та година, кога маченикот беше во својата дваесет и прва година. Така неговата чиста душа одлета во небесните живеалишта.

Безумниот мачител нареди неговото тело да го фрлат во сув бунар, па да го затрупаат со земја и камења. Тоа беше извршено од ревносни слуги, но по неколку дена побожни христијани успеаја тајно да ги извадат од бунарот светите мошти и ги поделија меѓу себе за осветување. Еден дел зеде старецот Стефан и го пренесе во Света Гора Атонска, друг дел зеде неговата мајка, а трет месните христијани. По молитвите на светиот преподобномаченик Нектариј, Христе Боже, удостој не и нас животот да го завршиме во мир и да го добиеме Царството Небесно. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК АРСЕНИЈ,

патријархот Александриски

Бил патријарх во Александриската црква од 970-та до 1010-та година. Маченички пострада за Господа Христа, заклан од непријателите на вистинската христијанска вера. Неговиот спомен се наведува во ракописот Cpislin 402, ф.166, Париска Национална библиотека, кој ракопис всушност е Типик на манастирот Свети Златоуст на Кипар.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МАРТИРОКЛИЈ

Бил изрешетан со стрели за Господа Христа.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МАРКИЈАН

Бил посечан со меч за својата вера во Христа Спасителот.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЛАВ

Живеел во мандра и во мир се упокоил.