25.Јули (12. Јули)

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ПРОКЛ и ИЛАРИЈ

Светите маченици Прокл и Илариј беа од околината на градот Калипт, во близина на Анкира. Пострадаа за Господ Христос од намесникот Максим во времето на царот Трајан. Прво беше фатен свети Прокл, изведен пред самиот цар, па окован и фрлен во темница. По испрашувањето царот виде дека тој не им се покорува на наредбите за поклонување на идолите и го предаде на намесникот Максим да го мачи. Максим започна да му суди и го праша:

- Од каков род си?

- Мој род е Христос, а надеж моја е мојот Бог - одговори Прокл.

- Се колнам во боговите дека нема да те поштедам! - му рече намесникот и повторно праша:

- Знаеш за царската наредба објавена насекаде, дека сите христијани треба да им принесуваат жртви на боговите?

Светителот одговори:

- Сум слушнал за наредбите што ги издадоа беззакониците за соблазна на многумина и за своја гибел.

- Зарем ти смееш да го навредуваш царот и да хулиш на неговите закони? Зарем не гледаш какви маки ти претстојат? - со негодување праша намесникот.

Маченикот одговори:

- Прави што сакаш! Јас нема да им принесам жртва на твоите богови, ниту пак се плашам од маките. Подобро е да се плашиме од Бога отколку од луѓето.

Намесникот на тоа му рече:

- Човеку! Одбери дали го сакаш животот или смрта. Еве, го гледаш дрвото и орудијата за мачење подготвени за тебе, Го чекаме твојот одговор.

Свети Прокл одговори:

- Кога вие се плашите да ја престапите заповедта на царот, за да не западнете во краткотрајните маки, колку пак повеќе ние христијаните треба да се плашиме да ја престапиме заповедта Божја, за да не паднеме во вечните маки, подготвени од Бог за оние кои Го отфрлаат и им се поклонуваат на вашите лажни богови, кои на идниот Суд, заедно со оние што им принесуваат жртви, ќе бидат предадени на вечни маки.

Намесникот рече:

- Зарем се осмелуваш да ги навредуваш и нашите богови? Јас ќе те натерам да ја признаеш нивната големина!

Маченикот одговори:

- Јас, пак, се надевам во мојот Бог, Тој да направи ти пред своите војници и слуги да Го признаеш мојот Господ, со своја рака да напишеш дека Богот на грешниот Прокл е вистинскиот Бог и дека нема друг Бог освен Него.

Намесникот се разгневи и нареди гол да го обесат на мачилиштето, да му врзат тежок камен за нозете, па да му го дерат телото со железни нокти. Свети Прокл Јуначки трпеше и молкум гледаше во небото. По некое време го симнаа од мачилиштето и го чуваа во окови.

Потоа намесникот тргна за градот Калипт со наредба и маченикот да го водат по него. Приморан да оди пешки без да изостанува од коњите кои што трчаа брзо, маченикот на половина пат гласно се помоли, зборувајќи кон Бога:

- Боже мој, Исусе Христе, за Кого страдам, воден со презир од овие војници, послушај ме за да се прослави името Твое за навек. Протегни ја Својата семоќна рака и застани го овој беззакон намесник, да не продолжи со својот пат додека пред сите овде не исповеда дека нема друг Бог освен Тебе!

Откако така се помоли на Господа, намесникот неочекувано застана на патот како врзан, зашто не можеа ни коњите да се поместат, ниту тој да се мрдне, држан со невидливата Божја сила. Застанаа и сите војници, зачудени од таквата необична појава. Долго се мачеа да ја покренат намесниковата кола, ги тепаа коњите, впрегнуваа и други како запрега, но ништо не можеа да сторат, па дури ни самиот намесник не можеа да го симнат од колата, зашто таа беше неподвижна како планина, а намесникот како прикован за неа.

Тогаш намесникот им рече на своите сопатници:

- Гледате ли што ни направи необичната маѓепсничка сила на овој лукав христијанин? Еве, не можеме од место да се помрднеме.

Потоа испрати еден свој слуга на име Ермиј, да му рече на маченикот кој беше далеку зад нив:

- Што стори ти? Зошто со своите маѓии не застана среде патот? Очигледно, плашејќи се од маките што те очекуваат во градот, ти прибегна кон ова лукавство.

Свети Прокл му рече на слугата:

- Во името на Господа, вие нема да се помрднете од местото, се додека намесникот не го исповеда името на мојот Господ Исус Христос, како што и порано му реков.

Ермиј го праша:

- Ако го стори тоа, како ти ќе слушнеш и дознаеш кога си толку далеку од него?

- Тоа исповедање нека го напише на хартија и нека ми го испрати, па тогаш ќе продолжите - одговори маченикот.

Ермиј се врати кај намесникот со пораката. Приморан, тој зеде хартија и напиша:

„Исповедам дека единствен вистински Бог е Оној, Кого Го почитува Прокл и не постои друг Бог освен Него“.

Кога му ја испрати хартијата на маченикот, веднаш тргнаа коњите и сите си го продолжија патот. Во градот Калипт намесникот седна да му суди на свети Прокл и му рече:

-Ти по патот ја покажа сета сила на своите магии, а јас, пак, овде ќе ја покажам врз тебе сета сила на својата власт. И како што ти ме присили да Го исповедам твојот Бог, така и јас ќе те приморам да ги исповедаш нашите богови и да им принесеш жртва.

Потоа нареди да донесат запалени свеќи и да му ги печат стомакот и ребрата. Толку го печеа со свеќите, што целото тело му поцрне, а тој без и најмал знак за нетрпение, молчеше како да е во туѓо тело. Намесникот го праша:

- Што ќе речеш за маките?

- Не се грижам за овие, туку се плашам од вечните - одговори светиот. Намесникот праша;

- Ќе им се покориш ли на нашите богови?

- Му се покорувам на Христос, Кој живее за навек, зашто Тој е мојата надеж - одговори маченикот. Намесникот го праша:

- Во маки ли сакаш да умреш?

- И да умрам, повторно ќе бидам жив, - одговори свети Прокл. Тогаш им нареди на војниците да го изведат надвор од градот, да го распнат на дрво и да го стрелаат со стрели. Војниците го молеа да им принесе жртви на боговите, потсетувајќи дека ќе биде награден со висок чин, но страдалникот одговори:

- Мојот Христос Бог ќе ме награди со чин на небото, а вие престанете со ласкави ветувања и извршете го нареденото.

Додека одеа и зборуваа, попат ги сретна еден млад човек, на име Илариј, внук на свети Прокл, син на неговиот роден брат. Тој притрча, му се поклони на својот стрико и, прегрнувајќи го, викаше: „И јас сум христијанин“.

Војниците веднаш го фатија Илариј и го предадоа во темницата, а свети Прокл го одведоа на губилиштето. Таму го распнаа на дрво и започнаа со стрели да му го решетаа телото. Страдалникот се молеше на Бога, зборувајќи:

- Во Твоите раце, Господи, го предавам својот дух. Спаси ме, Боже на вистината.

И откако ја приклони главата го предаде духот. Така светиот маченик Прокл пострада на 12 јули. Верните тајно ги зедоа неговите чесни мошти и ги погребаа. А пак свети Илариј, додека седеше во темницата пееше: „Те сакам Господи, крепост моја! Господ е моја тврдина и прибежиште мое...“, и останатото од седумнаесеттиот псалм. А кога заспа, во видение му се јави ангел Господов и му рече:

- Биди храбар и силен, зашто јас сум со тебе, испратен од Бога да те крепам.

Три дена по смртта на свети Прокл, свети Илариј беше изведен на измачување. Намесникот го праша дали е христијанин.

-Нема сомнение дека сум христијанин, како што и сиот мој род беше во христијанството - одговори маченикот.

Намесникот се разјари и нареди гол да го обесат и жестоко да го тепаат. Потоа го осуди на смрт, со наредба да го извлечат надвор од градот и таму да му ја отсечат главата.

Војниците му ги врзаа рацете, го фрлија на земјата, го закачија за нозете и започнаа да го влечат, а тој пееше: „Основите Негови се горите свети. Господ ги сака портите Сионски повеќе од населбите на Јаков“ (Псалми 86, 2).

Додека го влечеа телото му се кинеше и земјата се обагруваше со крв. Кога излегоа надвор од градот, џелатот го извади мечот а светителот се молеше на Бога:

- Господи Исусе Христе, прими го мојот дух. И му беше отсечена главата.

Светиот маченик Илариј пострада на 15 јули, во третиот ден по смртта на свети Прокл. Неговото тело беше фрлено на истото место каде што беше обезглавен. Верните го зедоа ноќе и го положија во земјата покрај свети Прокл, славејќи Го Христа Бога, со Отецот и Светиот Дух славениот за навек. Амин.

СВЕТИ ПРЕПОДОБЕН ПАЈСИЈ СВЕТОГОРЕЦ

Блажениот старец Пајсиј, во светот Арсениј Езнепидис, се роди во Фарас Кападокиски на 25 јули 1924 година. Се насели во Грција после политичките настани поврзани со размената на население. Израсна во Коница.

Уште од детството живееше подвижнички, вдахновувајќи се со читање на Житијата на Светиите, чии што подвизи се обидуваше да ги исполнува и да ги подржува со огнена ревност и со необична доследност. И се предаде на постојаната молитва, и истовремено ги одржуваше и негуваше во себе смирението И убовта. Учеше дрводелски занает, за и со тоа да го подржува Христа. Три ипол години беше во војска, во одделот за врски. За тоа време учествуваше во Граѓанската војна, трудејќи се и таму да живее подвижнички. Во борбите се истакнуваше со својата храброст, пожртвованост, цврстината на карактерот и многуте добродетели. Потоа му се посвети на монашкиот живот, кој што го сакаше уште од младоста. Уште во светот беше сведок на некои чудни настани. Но, кога му го посвети својот живот на Бога, особената благонаклоност на Господа, Пресвета Богородица и на сите светии кон него, стана очигледна. Се подвизуваше на Света Гора во манастирот „Стоми" во Коница и на Синај. Беше прост монах со основно образование, но богат со мудроста по Бога, се одрече од себеси заради ближниот. Неговото учење не беше само обична поука или проповед. Евангелието тој го преточи во живот, па и самото учење извираше од неговиот живот, чиј препознатлив печат беше љубовта. Често велеше:

“Бог прави чуда кога некој со своето срце учествува во болката на ближниот".

Живееше повлечено, целосно предавајќи Му се на Бога и Бог го откри и му го даде на целиот свет. Раководеше, утешуваше, исцелуваше, успокојуваше многу луѓе кои му се обраќаа. Неговата осветена душа се преливаше од изобилството на божествената ЈБубов, а неговиот свет лик зрачеше со Божјата благодат. По цел ден неуморно ја прифаќаше човечката болка, ширејќи околу себе божествена утеха. Неколку пати се удостои на посета на Мајката Божја.

После маченичките болки, кои, како што самиот велеше, му биле од корист повеќе од сите подвизи, се упокои во Господа на 12 јули 1994 година, во манастирот “Свети Јован Богослов" во Суроти, близу Солун. Таму е погребан, покрај црквата “Свети Арсениј Кападокиски"".

По неговите молитви Господ Бог да не помилува и спаси сите нас. Амин!

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МИХАИЛ МАЛЕИН

реподобниот отец Михаил беше од племенит и богат род од Харсианската област во Кападокија, роднина на царот Никифор Фока. Раѓањето на овој угодник Божји беше според ветувањето на Пречистата Божја Мајка, зашто Таа И вети на неговата мајка дека ќе и даде благословен плод. Кога потпорасна родителите го дадоа да учи книга. Тој во тоа брзо напредуваше и наскоро добро го изучи Светото Писмо. Ги презре земните богатства и во младоста се повлече на гората Малеа, кај Света Гора. Тука се замонаши во еден манастир и се подвизуваше очистувајќи го своето срце со постот и молитвата. Поради својот добродетелен живот беше поставен за игумен на таа обител. Подоцна претрпе многу роптања и навреди од браќата, но тоа не го поколеба туку тој и понатаму се грижеше за нивното спасение и непрестајно им даваше духовни поуки и ги упатуваше во добродетелите.

По неколку години замина за Цариград по манастирска работа. Таму во домот на војводата Зефиназер го сретна момчето Аврамиј. Откако провиде дека тоа ќе биде сад на Светиот Дух, го засака, го благослови и доста го поучи за работи корисни за душата. По некое време од неговото враќање во манастирот, кај него дојде и момчето Аврамиј. Преподобниот го замонаши и му го даде името Атанасиј, кој подоцна се нарече Атонски, зашто самопрегорно се подвизуваше на Атон и основаше знаменита лавра.

Преподобниот отец Михаил поживеа многу години во големо богоугодништво и доживеа длабока старост во доброто исповедање, па со цврста надеж во неостарлвиот живот премина кај Господа, Кого уште од младоста Го засака и сесрдно Му послужи.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ГОЛИНДУХА ПЕРСИЈАНКАТА,

наречена Марија

Додека со Персија царуваше Хозрој Стариот, живееше една млада и убава жена на име Голиндуха. Беше од познат род, од големи велможи и омажена за познатиот старешина на волхите. По три години брак, поучувана со божествено просветлување, таа започна да ја гледа заблудата на персиското многубожие и да истражува која вера е вистинска. Додека слушаше дека христијанската вера е чиста и неосквернета, започна да размислува дали можеби таа е вистинската вера. Сакаше да биде упатена во неа и да ја спознае вистината. По долго размислување, една ноќ имаше вакво видение:

Виде светол ангел Божји, кој застана пред неа, Ја зеде и ја одведе кај едно темно и огнено место, полно со огромен страв и ужас. Таму имаше многу луѓе што се мачеа. Голиндуха го праша ангелот:

- Какво е ова ужасно место? Кои се оние што се мачат тука?

Ангелот и рече:

- Ова е местото за казна на грешните и неверните, и во него се и твоите предци, кои им се поклонувале на идолите, лажните персиски богови.

Тагуваше Голиндуха за гибелта на своите предци и тешко воздивнуваше. Потоа ангелот ја одведе на друго место, каде беше рајот Божји, населен со праведните. Низ една мала вратичка и ја покажа тамошната огромна светлина и во неа многу мажи и жени, кои ликуваа во неискажана радост. Ангелот влезе низ таа мала вратичка. Посака и таа да влезе по него, но тој не ѝ дозволи, туку ѝ рече:

- Ти не можеш да влезеш ваму, бидејќи не си христијанка. Тука не влегува никој од оние што не го примиле светото крштение Христово.

И веднаш се разбуди Голиндуха и со ужас се восхитуваше на тоа што го виде. Во неа се јави силна желба да стане христијанка, гнасејќи се од персиското незнабожие и волхувањето на својот сопруг. Загрижена со мислата како да се удостои на светото крштение, таа започна со солзи да Му се моли на вистинскиот христијански Бог. Наскоро го доби моленото. Раководена од ангел Господов, таа тајно отиде кај еден свештенослужител, кој се наоѓал во скриено место. Така Голиндуха од страна на бестелесниот ангел беше приведена кај ангелот во тело, кој ја поучи во верата и ја крсти со името Марија.

Штом го прими светото крштение, Голиндуха повторно се врати во својот дом, но повеќе не се покоруваше на законот на брачниот живот, не сакајќи да биде осквернета од незнабожниот маж, бидејќи стана невеста Христова. Поучена од духовниот отец кој ја крсти, Голиндуха живееше во пост и молитва и по цела ноќ стоеше на молитва. Деновите ги минуваше во молчание а на сопругот не му дозволуваше да ја допре. Сопругот се чудеше на таквата неочекувана промена кај неа и на необичното однесување. Не можеше да сфати што се случило со неа и беше тажен. Особено му беше жал што беше лишен од телесната врска со неа и долго се трудеше да ја убеди со ласкање и молби, со закани и ќотек, но крепена со невидливата сила Божја, не можеше да ја надвладее. А кога дозна дека станала христијанка, започна да ја оплакува како пропадната и на сите можни начини ја советуваше да се одрече од Христос. Не можејќи да ја поколеба, тој се послужи и со маѓии, призивајќи ја ѓаволската сила на помош, но не успеа. Тогаш отиде кај царот и со огромна жалост му раскажа дека неговата жена станала христијанка и дека се гнаси од телесната врска со него. Царот испрати свој советник кај неа да ја посоветува но и тој не успеа. Повеќепати испраќаше царот угледни благородни жени, но сиот нивни труд беше залуден. Еднаш и испрати ваква порака:

„Ако се одречеш од христијанската вера, ќе те земам за жена и ќе бидеш царица“,

А светителката им рече на царските пратеници:

- Да ве прашам нешто. Ако царот ме земе за жена, нема ли пак еден ден да умре? Ако остане бесмртен, тогаш ќе го послушам.

Пратениците и одговорија:

- Човекот не може да биде бесмртен. Царот е човек и сигурно еден ден ќе умре.

Тогаш светителката рече:

- Јас нема да се врзам со смртниот цар, бидејќи веќе сум врзана за бесмртниот Цар, Вечноживиот мој Бог Христос, за Кого сум подготвена да поднесам и страдања и смрт.

Пратениците му ги пренесоа овие зборови на царот. Тој многу се разгневи, нареди да ја оковаат и да ја фрлат во најзафрлената темница, за сите да ја заборават како мртва. И остана светата маченица во таа темница цели осумнаесет години. Во меѓувреме умре царот Хозрој и на престолот дојде неговиот син Ормисдас, а во Грција се променија царевите: Јустин Младиот, Тивериј 2ри и Маврикиј. Во тие години во Персија дојде еден пратеник од Грците на име Аристовул, кој беше чесен, богољубив и богоугоден човек. Кога слушна дека светата маченица Марија Голиндуха лежи во темница, тој изрази желба да ја види и да добие благослов од неа. Откако доби дозвола влезе кај неа, ѝ ги целиваше оковите и зеде дел од нив за свој благослов. Додека беше во Персија, овој човек често ја посетуваше и ја научи на Давидовите псалми, та невестата Христова седејќи во темницата како во палата пееше и Му благодареше на Бога.

По заминувањето на Аристовул царот Ормисдас ја предаде света Голиндуха на волхсите да ја мачат како што сакаат. Тие секој ден и задаваа многу рани, безмилосно мачејќи ја, но секое утро ја затекнуваа потполно здрава. Еднаш градите целосно и се распаднаа од раните, бидејќи страотно ја тепаа по градите и стомакот. Но, кога утредента повторно ја изведоа на мачење ја видоа потполно здрава, та многу се восхитија и ја величаа силата Христова. Тогаш мнозина персијци преминаа во христијанската вера. Меѓутоа волсхите уште повеќе беснееја како ѕверови и измислуваа пострашни маки. И ставаа жар врз главата, па ја врзаа во вреќа и ја фрлија во длабока јама, за таму да умре. Но чувана со сесилната рака Божја, таа остана жива, иако помина долго време без храна и вода. Сигурно била хранета со невидлива храна и поена со невидлива вода, зашто Бог каде што сака го менува природниот поредок. Откако на таков натприроден начин маченицата долго остана жива, беше наредено да ја осквернат бесрамни луѓе. Но, кога бесрамниците влегуваа во собата каде што ја сместија, не ја наоѓаа, зашто Бог ја правеше невидлива, а штом ќе заминеа таа пак стануваше видлива за слугите на мачителот. Повторно преттрпе разни маки, па беше фрлена кај огромна и страшна змија во длабока провалија, за да ја изеде. Но, Оној, Кој некогаш ги затвори устите на лавовите пред Даниил во јамата, испрати ангел Свој, кој ја затвори устата на змијата да не го повреди многустрадалното тело на светата маченица. Остана во таа провалија со змијата четири месеци. Притоа на змијата секој ден и беше фрлана одредената храна, а маченицата живееше без храна и вода како и порано, зашто сила Божја на чудесен начин ја одржуваше во живот. Кога по многу денови огладне и се јави ангел Божји, се допре до нејзината уста правејќи крстен знак и рече:

- Отсега нема да чувствуваш ни глад ни жед. А ако некогаш посакаш да каснеш нешто, тоа нека е во твоја власт.

Го рече тоа ангелот и ја извади од провалијата. Штом ја здогледаа, незнабошците повторно ја фатија и многу зачудени што е жива велеа дека со христијански маѓии ја маѓепсала змијата и излегла од провалијата, па тврдеа:

- Христијанското маѓепсништво е посилно дури и од персиското!

Кога дозна дека Голиндуха е жива, царот нареди да ја обезглават. Кога ја водеа, ангел Господов ја зеде од рацете на војниците и ја сочува жива. Потоа таа живееше меѓу христијаните кои беа малубројни во Персија. Живееја по зафрлените места како да се кријат, иако незнабошците знаеја за нив. Светителката според ангелските зборови не чувствуваше ни глад ни жед, само понекогаш, за да покаже дека не е привидение туку има тело, ќе земеше парченце леб, ќе го потопеше во вода и ќе го изедеше. Тоа го правеше многу ретко. По кратко време загина незнабожниот персиски цар Ормисдас, убиен од своите, и на престолот стапи неговиот син Хозрој, внук на Хозрој Стариот. Но и против него се кренаа големците, та и тој побегна од Персија. И размислуваше на која страна да тргне. Во недоумица за кој пат да се фати, тоа им го препушти на своите коњи. Кога стигнаа до местото каде едниот пат водеше кон Арабија а другиот во грчката земја, коњот тргна по тој пат. Во грчкото царство јубезно беше дочекан од царот Маврикиј, кој му даде огромна војска, со која Хозрој ги победи своите непријатели во Персија и повторно го зазеде својот престол. И настапија радосни и слободни денови за христијаните во Персија, зашто Хозрој го сметаше Маврикиј за свој татко, и заради него не им вршеше никакво зло на христијаните, се до смртта на Маврикиј. Испратен од Маврикиј, со Хозрој во Персија дојде мелитискиот епископ свети Дометијан, кој, како порано Аристовул, со свои очи ја виде светата маченица Марија Голиндуха, но сега веќе слободна, како им Го проповеда Христос на персијците. Лично разговараше со неа, слушна за нејзините страдања, дел од неа дел од други, и кога се врати во Грција многу раскажуваше за неа. Поради Голиндуха и нејзината проповед во Персија ја примија светата вера и нејзините роднини, и други благородни луѓе и многу народ, зашто ги гледаа нејзините многубројни чудеса и исполнувања на пророштвата што таа ги изрекуваше, бидејќи имаше дар на пророчка прозорливост. Благодарејќи на сето тоа, славата Христова растеше во тие краеви.

Потоа света Голиндуха отиде во Киркисија и Дарија, па потоа го посети Ерусалим и се поклони на животворното дрво на Чесниот Крст, гробот Господов и останатите свети места. Отиде и во еден манастир во кој владееше ереста на зловерниот Севир. Таа ерес учеше дека пострадало Божеството во Христа, поради што читале: „Свети Боже, Свети Крепки, Свети Бесмртни, Кој се распна за нас, помилуј не!“ Како Отецот и Светиот Дух заедно со Синот да страдале на крстот. Света Голиндуха се помоли на Бога да и открие за Северијаните, дали треба да ја прима нивната причест или не. И виде два ангела како држат два путира, едниот полн со темнина а другиот полн со светлина, посочувајќи ѝ дека путирот со темнината е еретичката причест, а путирот со светлината е причеста на светата вселенска соборна Црква. Затоа светителката брзо замина оттаму. Водена од ангел Божји, света Голиндуха пропатува и други градови и земји. Го посети таа и Ерапол Сирски и во него епископот Стефан, кој подоцна го напиша нејзиното житие. А кога се приближи нејзиниот блажен крај, таа се разболе во црквата на светиот маченик Сергиј, што се наоѓала помеѓу Нисивија и градот Дар. Долго се помоли за спасението на сиот свет, Му заблагодари на Бога за Неговата голема милост врз неа, па радосно ја предаде својата света душа во рацете на својот Господ, Кого го засака и за Кого многу пострада. Беше вброена меѓу светите Маченици во Неговото небесно царство.

Така светата маченица Марија Голиндуха го заврши својот земен живот во нашиот Господ Исус Христос, Кому слава за навек. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТА ВЕРОНИКА

Оваа жена всушност е крвоточивата жена, која што ја исцели Господ (Матеј 9, 20). Од благодарност спрема Господа, својот Исцелител, Вероника порача, та ѝ направија статуа на Господ Исус, која што ја постави пред својата куќа. Според преданието оваа статуа била сочувана до времето на царот Јулијан Отстапник, кога тој ја претворил во статуа на идолот Зевс.

Света Вероника, откако останатото време од својот живот го проживеа доблесно и богоугодно, во мир отиде кај Господа.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТЕОДОР и ЈОВАН

Додека владееше големиот кнез Владимир, пред тој да ја прими христијанската вера, во Киев имаше еден човек на име Теодор, по потекло Варјаг Тој порано бил во Грција и таму се просветил со верата Христова. Откако дојде во Киев живееше како крин во трње среде незнабожен народ. Теодор имаше синче на име Јован, мало момче со прекрасно лице и со уште попрекрасна душа. Куќата им беше на местото каде што подоцна кнезот Владимир, откако го прими светото крштение подигна црква во име на Пресвета Богородица.

Уште додека беше незнабожец, кнезот Владимир се крена против народот наречен Јатваги. Откако го победи и ја зазеде неговата земја, свечено се врати во Киев и со своите бојари и народот започна да им принесува жртви на идолите. Тогаш ѓаволот, кој не можеше да го поднесе богоугодниот живот на единствениот христијанин меѓу незнабожните идолопоклоници, најде погодно време да им напакости на Христовиот слуга Теодор и неговото синче и да ги погуби. За таа цел стави лукава мисла во бојарите и старешините, та тие рекоа:

- Да фрлиме коцка за нашите синови и ќерки, па кому ќе му се падне коцката, тој ќе биде заклан за жртва на боговите.

Кога започнаа да фрлаат коцка, под дејство на ѓаволот таа падна врз Теодоровиот дом. Веднаш испратија кај Теодор да го земат неговото синче Јован и да го заколат како жртва. Пратениците отидоа и му рекоа на Теодор:

- Коцката падна на твојот син, зашто го засакаа нашите богови. Дај ни го да го принесиме на нашите богови, кои ни дадоа победа над непријателите.

Блажениот им одговори:

- Вашите богови не се богови туку идоли, изработени од дрвја кои наскоро ќе изгнијат. Како можат да бидат богови кога се без душа и без чувства? Самите гледате и не сакате да сфатите дека во вашите идоли нема ни душа, ни дишење, ни чувства, зашто тие не јадат, не пијат, не зборуваат, ниту пак одат. Какви богови се тогаш? Но, постои вистински Бог, несоздаден, предвечен и вечен, во Кого веруваат христијаните, на Кого и јас и мојот син сме слуги, бидејќи сме се крстиле во името Негово. Тој ги створи небото и земјата, сонцето, месечината и звездите, и се видливо и невидливо. Тој и човекот го створи и му даде да живее и да владее над сè во поднебесјето. Го украси со разум да го знае Бог, Кој го створил, и верно да Му служи, да Му благодари и да ги исполнува заповедите Негови. А што сторија вашите божемни богови? Ништо. Самите се изработени од човечка рака и се живеалиште на демоните. Демоните живеат во вашите идоли а вие ги почитувате како ваши богови. Јас не го давам својот Син на демоните.

Пратениците се вратија и им рекоа на старешините и народот се што им рече Теодор. Народот се разгневи и потрча кон Теодоровиот дом со врескање. Ја сокршија оградата и со секири започнаа да ја разбиваат вратата на домот. Блажениот Теодор со синчето се качи на горниот кат, каде ги кренаа очите и рацете кон небото и се молеа на Христа Бога. Кога ги здогледаа, сите бесно викнаа;

- Дај ни го твојот син, да го принесеме за жртва на боговите!

Блажениот Теодор им рече:

- Ако се живи вашите богови, нека испратат еден од своите и сами нека го земат мојот син. Зошто вие го барате?

Јаросната толпа ја сруши куќата и во нејзините урнатини загинаа слугите Христови. Така пострадаа за Христа Теодор Варјагот и неговото синче Јован. Станаа првомаченици во Руската земја. Нивната света крв, како добро семе посеано на нива, набрзо донесе многу род. По неколку години, по нивните свети молитви, големиот кнез Владимир го прими светото крштение и целата Руска земја се просвети со верата и благодатта на нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава, сега и секогаш И низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА ЧУДОТВОРНАТА ИКОНА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „ТРОЕРАЧИЦА“

Оваа света и чудотворна икона на Пресвета Богородица, наречена „Троерачица“, најпрвин му припаѓала на свети Јован Дамаскин. Кога безбожниот иконоборен цар Лав 3ти Исавријанин (717-741 г) го наклевети свети Јован, кој беше ревносен заштитник на светите икони, пред дамаскиот халиф (кнез) за божемно предавство на државата и дамаските владари, халифот то казни свети Јован со јавно отсекување на неговата десна рака.

Кога се смири, Јован ја измоли од него својата отсечена рака, и откако ја доби, застана со неа пред оваа икона на Пресветата Мајка. Ја постави раката на нејзиното место и со солзи започна усрдно да се моли на Пречистата Владичица, просејќи од Неа исцеление за својата рака. Долго молејќи се така пред иконата, Јован заспа. Во сонот му се јави Богомајката и му ја исцели раката. Единствено остана белег на кожата како сведоштво за чудото. Од благодарност за исцелувањето свети Дамаскин изработи од сребро една рака (поточно речено шака) и ја приложи на сечесната икона на Богородица, која и затоа беше наречена „Троерачица“. Иако потоа беше откриена невиноста на свети Дамаскин, сепак тој го напушти дворот на халифот и отиде во големата лавра на свети Сава Осветени, што се наоѓа помеѓу Ерусалим и Мртвото Море, каде наскоро и се замонаши, постојано имајќи ја со себе и оваа чудотворна икона на Пречистата Богомајка.

Пречистата икона „Троерачица“ останала во лаврата на свети Сава Осветени се до 13-тиот век, кога му била дадена на првиот српски архиепископ свети Сава, заедно со чудотворната икона „Млекопитателница“, Светата икона „Троерачица“ свети Сава ја донел во Србија, а потоа таа, поради немирите и бурните времиња, на чудесен начин сама заминала од Србија и, на едно магаре, без ничија помош стигнала на Света Гора пред Хилендарската обител. Монасите со радост ја дочекале и свечено ја внеле во манастирскиот соборен храм „Свето Воведение“.

Подоцна, кога еднаш настанал спор околку изборот на игумен во Хилендар, светата икона „Троерачица“ на чудесен начин сама дошла на игуменскиот престол, иако отците ја враќале во олтарот. Тоа чудо три пати се повторувало, додека најпосле иконата не била оставена тука и со тоа станала и до денес останала игуменија Хилендарска. Затоа во српската Хилендарска лавра ни до денес нема игумен, туку само проигумен (заменик). Еклисијархот и сите браќа секогаш земаат благослов за службата и останатите манастирски работи од светата икона „Троерачица“, правејќи метанија пред неа, бидејќи таа постојано стои во игуменскиот престол (кај десната певница).

Митрополитот на Света Гора Леонтиј, за време на својот престој во Русија во 1686 година го соопштил за оваа света икона и ова:

Еден живописец од Хилендарската обител, сакајќи да иконописа една икона на Пресвета Богородица, ги одбележал главните црти на иконата на дрво, па потоа накратко излегол од својата ќелија. Кога се вратил на онаа насликана икона здогледал додадена уште една трета рака. Помислувајќи дека тоа го сторил некој од браќата, тој ја избришал. Но, преку ноќта третата рака повторно се појавила. Повторно ја избришал. Кога се повторило тоа и по трет пат, тој јасно го слушнал гласот на Пресветата Богомајка, Која му рекла:

- Не се осмелувај да ја избришеш третата рака. Тоа е Моја волја! Повинувајќи се на овој глас, иконописецот ја изработил иконата на Пресвета Богородица „Троерачица“ и оттогаш оваа чудотворна икона насекаде во православните цркви се изработува со три раце. Една таква икона, како подарок од Света Гора, добил рускиот патријарх Никон во 17тиот век а неодамна браќата од манастирот Хилендар испратиле една идентична копија на „Троерачица“ во манастирот на свети Сава Осветени во Палестина.

По молитвите на Пресветата Владичица наша Богородица, Господ да не помилува и спаси. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МАМАНТ

во Сигмат

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АНДРЕЈ СТРАТИЛАТ, ИРАКЛИЈ, ФАВСТ, МИНА

и нивната дружина

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ СЕРАПИОН,

епископот Владимирски

Беше родум од Јужна Русија, монах на Киево-Печерската обител. Во 1274 година како голем подвижник беше поставен за епископ Владимирски.

Беше силен во Светото Писмо и во проповедањето на покајанието. Се упокои во 1275-та година и беше погребан во Владимирско Успенската црква.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АРСЕНИЈ НОВГОРОДСКИ

Беше родум од Ржево. Во младоста се занимавал со кожарскиот занает. Против своја волја стапил во брак. По пет месеци ја оставил жената и отишол во Новгород, каде започнал во пост и молитва да Му служи на Господа. Во 1562 година во околината на Новгород основал манастир на Рождеството на Пресвета Богородица и во него се замонашил. Неговиот живот во манастирот бил многу строг Постојано носел ветва облека, своето тело го измачувал со вериги и живеел во непрекината солзна молитва. Последните години од својот живот ги поминал во затвореништво и се преставил во 1570-та година. Во 1787 година неговите свети мошти се пренесени од неговиот манастир во Кириловиот манастир, каде и сега почиваат.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ СИМЕОН ВОЛОМСКИ

Во младоста бил кројач. Поттикнат од побожноста, тој го прими монаштвото во Пинегско-Макариевскиот манастир. Водеше многу строг монашки живот и за кратко време стекна големо почитување од браќата. Но, одбегнувајќи ја човечката слава и сакајќи го осаменичкото тихување, тој се оддалечи на реката Кичмењга, во Воломската шума, и тука основаше манастир на крстот Господов. Поставен за настојател, преподобниот Симеон на браќата им беше пример на трудољубие, простосрдечност, пост и молитви. Маченички се упокои. Го убија разбојници во 1641 година. Неговите свети мошти, прославени со чудеса, почиваат во Воломската обител.