26. Јули (13. Јули)
СОБОР НА СВЕТИ АРХАНГЕЛ ГАВРИЛ
Архангел Гаврил, благовесникот на нашето спасение, големиот слуга Божји и радостоносен пратеник кај Пречистата Дева Марија, го славиме во песните, по втор пат приредувајќи му празничен собор. Неговиот прв собор се празнува утредента по Благовештението на Пресвета Богородица, на 26 март. А сега повторно тој негов собор се празнува во светата Црква и повторно се спомнуваат неговите чудесни јавувања по Божја наредба. Мојсеј, кој избега од фараонот, Архангел Гаврил во пустината го научи да пишува кога му го раскажа постанокот на светот, стварањето на првиот човек Адам, неговиот ч животите на патријарсите по него, идните времиња, потопот и разделувањето на народите. Му ја објасни и положбата на небесните планети и стихии. Го научи на аритметиката, геометријата и секоја мудрост. Тој на пророкот Даниил му ги протолкува чудесните виденија за царевите и царствата, кои требаше подоцна да настанат, а кои му беа претставени во вид на разни ѕверови. Го извести и за времето на ослободувањето на Божјите луѓе од Вавилонското ропство, и за времето на првото доаѓање Христово во светот со воплотувањето од Пречистата Дева. Тој ѝ се јави и на светата праведна Ана, која во својата градина тагуваше заради својата бездедност и со солзи се молеше на Бога, и ѝ рече:
- Ано! Ано! Услишана е молитвата твоја, твоите воздишки ги надминаа облаците, а солзите твои излегоа пред Бога. И еве, ти ќе забремениш и ќе родиш преблагословена Ќерка, заради Која ќе се благословат сите земни племиња и со Неа ќе се даде спасението на светот, а ќе го добие името Марија.
Исто така свети Гаврил му се јави и на праведниот Јоаким, кој постеше во пустината, и му го објави истото како на Ана. Дека ќе добие Ќерка, од векови наназад избрана за Мајка на Месијата, Кој ќе дојде за спасението на човечкиот род. Овој голем Архангел беше доделен од Бога за чувар на Богодевицата Марија, родената од нероткиња, и кога Таа беше воведена во храмот тој Ја хранеше, секојдневно донесувајќи ѝ храна. Архангел Гаврил му се јави на светиот свештеник Захариј, стоејќи од десната страна на кадилниот олтар, и му благовестеше дека неговата жена Елисавета ќе го роди свети Јован, Крстителот Господов, и кога Захариј не поверува во тоа, тој му го врза Јазикот додека не се исполнија неговите зборови. Овој првак Божји, испратен од Бога во Назарет, и се јави на Пречистата Дева, обручена за праведниот Јосиф и ѝ го благовестеше зачнувањето на Синот Божји со осенувањето и дејството на Светиот Дух во Неа. Истиот тој му се јави и на Јосиф во сонот, уверувајќи го во девственоста на света Дева Марија, и дека Тоа што се зачнало во Неа е од Духот Свети. А кога нашиот Господ се роди во Витлеем, овој Господов ангел Гаврил им се јави на пастирите кои ги чуваа своите стада, и им рече:
- Ви објавувам голема радост. Денес ви се роди Спасителот! - и веднаш со многубројните небесни војници запеа: „Слава во висините на Бога, на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!“
Се смета дека овој Ангел му се јавил од небото на Христа Спасителот пред Неговото доброволно страдање, кога Тој се молел во Гетсиманската Градина, бидејќи името Гаврил значи крепост Божја. Со своето јавување Гаврил Го крепел, бидејќи покрај останатите служења тој има за задача и да ги крепи оние кои се во подвизи, а нашиот Господ тогаш се подвизувал во усрдна молитва.
Овој Ангел им се јави и на жените мироносици, седејќи на камениот гроб и објавувајќи им го Христовото воскресение од гробот. Тој како благовесник на зачнувањето и раѓањето Господово, се јави и како благовесник на воскресението Негово. Тој и се јави и на Пречистата Дева Богородица, кога Таа топло се молеше на Маслиновата Гора, и ја извести дека се наближило Нејзиното чесно Успение и преселување од земјата на небото, и ѝ даде светла рајска гранкичка.
Сеќавајќи се на овие негови многукратни јавувања во Стариот и Новиот Завет и знаејќи за неговото непрестајно посредување пред Бога за родот христијански, денес светата Црква му приредува соборно празнување, за луѓето Божји секогаш со усрдие да прибегнуваат кон заштитата и помошта на тој голем застапник И добротвор на човечкиот род, и по неговите молитви да добиваат отпуштање на гревовите од нашиот Спасител Господ Христос.
ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ НЕКТАРИЈ ОПТИНСКИ
Последниот од познатите Старци од Оптина, отец Нектариј, бил роден во градот Елец (Орловска губернија) од сиромашни родители, Васил и Елена Тихонов, во 1857 или 1858 година. Бил крстен во црквата на свети Сергеј во Елец и го добил името Никола. Неговиот татко работел во мелница и се упокоил кога тој имал само седум години. Бил бистар и сакал да учи, но бидејќи бил сиромашен, можел да оди само во селското училиште.
Никола бил многу близок со неговата мајка, која го израснала строго, но со љубов. И таа, исто така, починала рано, оставајќи го сирак. Кога имал единаесет години се договорила тој да работи во продавницата на трговецот Камов, и таму, се до својата седумнаесетта година работел како најмлад продавач. Израснал во тивок човек кој сакал да се моли и да чита книги.
Штом наполнил осумнаесет години, најстариот од чираците на Камов помислил да ја омажи својата ќерка за него, а неговиот работодавец ја поддржал оваа замисла.
Во тоа време во Елец живеела една праведна стара жена, речии на стогодишна возраст, схимонахињата Теоктиста - духовна ќерка а свети Тихон Задонски. Жителите на Елец оделе кај неа за совет. Трговецот го советувал Никола да оди кај неа по благослов за негоиот брак. Но кога отишол, схимонахињата му рекла:
- Момче, оди во Оптина кај отец Иларион и тој ќе ти каже што ца правиш.
Го благословила со знакот на крстот и му дала чај за по пат. Тој и ја бакнал раката и отишол кај неговиот работодавец.
- Мајка Теоктиста ме праќа во Оптина.
Трговецот не рекол ништо и дури и му дал пари за патувањето. Никола и рекол збогум на својата невеста и заминал; никогаш повеќе не се виделе.
Така, во 1876 година Никола стигнал во Оптина, носејќи само Евангелие во својата торба. Игуменот на скитот, отец Иларион, го испратил кај Старец Амвросиј, кој веднаш го примил Никола и зборувал со него два часа. Старец Нектариј никогаш не ја открил содржината на овој разговор, но после тоа останал во скитот и никогаш не се вратил дома ниту на еден ден.
Еднаш, тој видел дека еден патник ја има книгата „Животот на Старец Иларион“ и рекол:
- Нему му должам се. Ме прими во неговиот скит пред педесет години, кога дојдов, а немав место за спиење - бев вистински сирак, без пари. Целото братство тогаш беше многу образовано, а јас бев најмалиот меѓу нив.
Негов духовен отец бил Старец Анатолиј (Зерцалов), но, исто така се советувал и со Старец Амвросиј. Овие свети Старци го воделе Нектариј по тесната патека на вистинското монаштво.
Неговото прво послушание било да ги одгледува цвеќињата, кои многу ги сакал. Потоа го назначиле да прислужува во црква. Никола имал ќелија која се отворала кон црквата. Во оваа ќелија тој живеел 25 години без да зборува со никој од монасите; одел само кај Старец Анатолиј или Старец Амвросиј.
„Животот на човекот на земјата е послушание кон Бога“
Отец Нектариј му придавал огромно значење на послушанието.
„Најголемата и прва доблест е послушанието. Христос дојде на овој свет поради послушание, и животот на човекот на земјата е послушание кон Бога. Но, послушанието мора да се разбере; мора соодветно да се процени, инаку може да биде поразително. Без послушание човекот е избувлив и нескротлив, а потоа доаѓа слабоста, оладеноста и крутоста, па човекот не може да продолжи. Послушанието е секогаш тешко на почетокот, но подоцна тече полесно“.
За внатрешниот подвиг велел: „Надворешното ти припаѓа тебе, но внатрешното на милоста Божја. Ти работи на надворешното и кога се е во добар ред внатрешното ќе се обликува. Човек не треба да очекува или да бара чуда. Ние имаме едно чудо: Божествената Литургија. Ова е најголемото чудо и секој треба да се обиде целосно да земе учество во него“.
Кога цитирал некој текст или пример од Светото Писмо, обично зборувал како за директното, буквалното, така и за преносното значење.
На пример: Благословен е човекот што не оди на совет безбожнички. Од надворешна точка на гледање, ова значи дека благословен е човекот кој избегнува безбожни средби, кој не учествува во еретички или противцрковни учења. Но човекот, исто така, го означува умот, кога тој не прима помисли кои доаѓаат од непријателот. Невозможно е да се запрат помислите што доаѓаат, но можно е да не се навлегува во разговор со нив, и наместо тоа да се рече: „Господи помилуј!“. Та човек е оној кој постапува вака.
„Слово на живот и смрт“
Отец Нектариј е замонашен во 1887 година. Во 1894 година бил ракоположен за ѓакон, а во 1898 година епископот Макариј Калушки го ракоположил за јеромонах. Оттогаш тој речиси никогаш не ја напуштал својата ќелија, а за време на тие единаесет години дури и прозорците ги имал покриено со сина хартија. Велел дека за монахот има само два излеза од неговата ќелија - кон црквата и кон гробот.
Меѓутоа, за време на овие години учел и читал. Не ги читал само светоотечките дела, туку, исто така, изучувал и други науки: математика, историја, географија, како и класична литература - и руска и странска. Им зборувал на своите посетители за Џушкин и Шекспир, Милтон и Крилов, Шпинглер и Рајдер Хагард, Блок, Данте, Толстој и Достоевски. За време на неговиот единствен час за одмор, после вечерата, барал да му се чита наглас Пушкин или некои бајки - или руски или од браќата Грим. Учел латински и француски. Бил близок со Константин Леонтиев, кој му ги читал своите дела во ракопис. Научил да слика од уметникот Болотов, кој станал монах и основал ателје за сликање икони во Оптина.
За уметноста и литературата Старецот велел:
„Човек може да се занимава со уметност како со сè останато, но се мора да биде направено како пред лицето Господово. Има висока и ниска уметност.
Ниската уметност може да се дефинира на следниов начин: постојат звуци и светлини. Уметник е оној кој е чувствителен на овие звуци и светлини кои другите не можат да ги забележат. Ги зема и ги пренесува на платно, на хартија. Тие стануваат бои, ноти, слова. Тоа е како звуците и светлините да се растопиле. Од светлината останува боја. Книгата, сликата - тоа се саркофази на светлината и звукот. Читателот или гледачот доаѓа и, доколку е способен креативно да разбере или прочита, настанув „воскресение“ на значењето. И тогаш кругот на уметноста е завршен. Светлина блеснува во душата на гледачот или читателот, неговиот слух е разбуден за звукот.
Поради ова уметникот или поетот нема никаква особена причина да се гордее. Тој само си го врши својот дел од работата. Залудно си претпоставуваат дека се творци на своите дела - има еден Творец, а луѓето само ги претопуваат словата и претставите од Творецот и потоа ги оживуваат со моќта на духот кој им е даден од Него.
Но, постои и повисока уметност - словото на живот и смрт (псалмите на Давид, на пример). Меѓутоа, патот до оваа уметност води преку личната борба на уметникот. Ова е патот на жртвување, и само еден од многу илјади стигнува до целта.
Во една прилика една од неговите духовни ќерки тажно и зборувала на својата пријателка во неговата соба за прием: „Не знам, можеби образованието е целосно непотребно и само нанесува штета. Како може да се спои со Православието?“
Старецот, излегувајќи од својата ќелија, додал: „Еднаш, кај мене дојде еден човек кој едноставно не можеше да верува дека имало потоп. Тогаш му кажав дека на многу високи планини во песокта се пронајдени школки и други остатоци од морското дно и дека геологијата сведочи за потопот, па тој почна да верува. Гледате колку ученоста е потребна во одредени моменти“.
И повторно рекол: „Не само што Бог дозволува, туку ѝ бара од човекот да расте во знаењето. Сепак, неопходно е да се живее и учи, така, не само што знаењето нема да ѝ штети на духовноста, туку и духовноста нема да му штети на знаењето“.
Зборувајќи за математиката, имал обичај да прашува: „Може ли триаголникот да биде еднаков на круг?“ И често го цитирал светоотечкиот пример: „Бог е центарот на кругот, а луѓето се радиусите. Како што доаѓаат поблиску до центарот се приближуваат едни кон други.“
„Кога човекот е на буниште, напуштен од сите, тогаш Бог се јавува и Он Самиот му зборува“
За време на овие години на образување и духовен раст, Старецот го зел на себе подвигот на јуродивство заради Христос. Носел џемпери во светли бои над својата мантија; сета храна, киселата, благата и солената, си ја мешал во една чинија. Се шетал низ скитот со чизма на едната нога и влечка на другата. Ги збунувал монасите уште повеќе, дури и како Старец, со сите негови играчки. Имал играчки автомобили, бродови, возови, а подоцна дури и авиони. Имал музички кутии и грамофон со црковни плочи, но настојателството на скитот го прекинало тоа.
Во 1913 година, монасите од Оптина се собрале за да изберат нов Старец. Прво, му го понудиле местото Старец на архимандри“ тот Агапит кој живеел во Оптина во повлеченост, кој бил широко образован и длабоко духовен човек. Но, тој одбил. Тој водел живот насочен кон спасение на душата, опкружен од само неколку негови блиски послушници, од кои еден бил и јеромонахот Нектариј. Кога братството го замолило да предложи достоен кандидат, тој го предложил отец Нектариј. Поради своето смирение, отец Нектариј не ни бил присутен на собирот. Кога бил избран, отец Аверкиј бил испратен за да го доведе. Кога дошол кај него, му рекол:
- Баќушка, потребно е да присуствуваш на собирот. Но, отец Нектариј одбил кажувајќи:
- Можат да го изберат оној што треба и без мене.
- Архимандритот ме испрати да ве повикам и бара да дојдете!
- рекол отец Аверкиј. Тогаш Старецот веднаш ја облекол својата мантија и како што бил - едната нога во чевел, другата во влечка, отишол на собирот.
- Баќушка - го поздравиле, избран си за духовен отец и Старец на братството.
- Не, отци и браќа! Јас сум глупав и не можам да носам таков товар - рекол Старецот, одбивајќи.
Но, архимандритот му рекол:
- Отец Нектариј, прими го ова послушание.
И тогаш Старецот се согласил.
Имал обичај да вели: „Каков Старец сум јас? Како можам да бидам наследник на претходните Старци? Јас сум слаб и немоќен. Милоста кај нив дојде во големи бранови, а кај мене во трошки...“
„Приказната за Јов“, рекол Старецот, „е приказна за сите луѓе. Кога човекот е богат, учен и среќен, Бог не одговара. Кога човекот е на буниште, напуштен од сите, тогаш Бог се јавува и Он Самиот му зборува. Но, човекот само слуша и повикува: “Господи, помилуј!", Зависно од мерата на своето смирение“.
„Арката е Црквата - само оние кои се внатре ќе бидат спасени“
Старецот бил прозорлив и пророкувал. Исто така, вршел и чуда. Отец Василиј Шустин напишал:
Старецот ми рече:
- Измиј го прво самоварот, потоа тури ја водата. Водата е таму, во аголот, во бакарниот ќуп. Земи го и стави ја водата.
Отидов кај купот, но беше многу голем, имаше дваесет и четири литри и беше огромен. Се обидов да го помрднам, но не - немав сила.
Меѓутоа, Старецот ми рече:
- Земи го ќупот и стави ја водата во самоварот.
- Но, знаеш, баќушка, премногу е тешко, не можам да го помрднам од местото. Тогаш Старецот отиде кај Купот, го осени со крстниот знак, и рече:
- Земи го.
Тогаш го кренав и ми беше многу лесен“.
Во 1917 година Старецот прорекол:
„Тешко време доаѓа. Бројот шест помина во светот, а бројот седум започна. Сега почнува времето на тишината. Бидете тивки, тивки“, рекол Старецот и солзи потекле од неговите очи. „И сега Неговото Височество не е повеќе свој човек. Илјада деветстотини и осумнаесеттата година ќе биде уште полоша. Неговото Височество и целото негово семејство ќе бидат убиени, мачени. И нашиот цар ќе стои пред престолот Божји со круна на великомаченик. Да, овој цар ќе биде великомаченик“.
„Во последните денови“, рекол тој, „светот ќе биде опкружен од хартија и железо. Времето на Ное е изобразување на нашето. Потопот се наближувал. Ное знаел за тоа и им кажал на луѓето, но тие не му верувале. Тој најмил работници за да ја направат арката, а тие, додека ја правеле, не верувале, па ја добиле само договорената исплата за нивната работа, но не биле спасени. Тие денови се претскажување за нашите. Арката е Црквата - само оние кои се внатре ќе бидат спасени“.
„Без молитвата душата е мртва за благодатта“
„Мораме да се молиме. Со молитва и Божји благослов секоја нечистотија се очистува. Душата не може да се помири со животот и се теши само преку молитва. Без молитвата душата е мртва за благодатта“.
„Себеприсилувањето е неопходно во се. Замисли си вечерата да е послужена, а ти сакаш да јадеш и го чувствуваш убавиот мирис. Но, лажицата сама нема да ти ја донесе храната. Треба да се присилиш, да станеш, да тргнеш, да ја земеш лажицата и потоа да јадеш. И ниедна работа не се постигнува одеднаш, чекање и трпение се потребни насекаде“.
Во врска со молитвата, Старецот му рекол на некое од неговите духовни чеда: „Јас ќе ти ја запалам светилката, но ти самиот мора да се погрижиш за фитилот“.
А за Шестопсалмието: „Шестопсалмието не смее да се чита како катихизма, туку како молитва. Значењето на Шестопсалмието е многу длабоко; тоа е молитва на Синот до Бог Отецот“.
Го прашале Светителот како да се молат за оние за кои не се знае дали се живи. „Нема да згрешите ако се молите за нив како да се живи, бидејќи сите се живи пред Бога. Сите освен еретиците и отпадниците од верата. Тие се мртви. Па, ако сакате, спомнувајте си за нив како за мртви луѓе“.
Една жена му рекла на Старецот: „Баќушка, многу сум вознемирена“. А тој одговорил: „Кога немирот ти се приближува, само повторувај: Господи помилуј! Барај поткрепа во молитвата и утеха во работата“.
Стариот возач Тимотеј паднал на колена пред Старецот. Целото лице на Тимотеј зрачело со вера, умиление и надеж. „Баќушка, те молам за твоите старечки совети, та твојот топол зрак да ја стопли мојата ладна душа, за да може да заблеска нагоре по патот кон височините“. После овој убав исказ тој едноставно рекол: „Старче, немам солзи“.
Но, Старецот се наведнал кон него со прекрасна насмевка и му рекол:
„Не е важно, твојата душа плаче и таквите солзи се многу повредни отколку телесните“.
Старецот бил строг, барал многу и понекогаш бил ироничен со интелектуалците, но бил исклучително њубезен и достапен за простите луѓе. При исповед бил многу строг, ставајќи акцент на важноста на мислите, како и на делата. Но, понекогаш бил добар и дури и знаел да се пошегува.
Еднаш една негова духовна ќерка го прашала дали тој мора да ги преземе врз себе сите страдања и гревови на оние кои доаѓаат кај него за олеснување и утеха. Тој одговорил:
„Ти самата си сфатила, па ќе ти кажам - не можеш да ги ослободиш на ниеден друг начин. И понекогаш чувствуваш како буквално цела планина со камења да паднала врз тебе, толку многу гревови и болка ти донеле што не можеш да ја поднесеш. Тогаш благодатта доаѓа при твоите слабости и ја трга оваа планина од камења како да е планина од суво лисје...“
Уште кажал: „Знаеш, ако го преведеш апокалиптичкиот број 666, добиваш слободоумник“.
„Еден монах стана од гробот!“
Во 1923 година, точно пред Пасха, болшевиците ја затвориле Оптина. Црквите биле затворени, гробовите на Старците осквернети и скитот бил претворен во одморалиште за високата советска класа. Отец Нектариј бил уапсен и ставен во затворската болница во Козелск.
По излегувањето од затворот, се сместил во куќата на еден селанец во селото Колмиши, во Бријанската област. Тука, иако многу од неговите духовни чеда го посетувале, животот му бил многу тежок. Властите му се заканувале со протерување на Камчатка.
Старец Нектариј се упокоил на 29 април 1928 година во Кол. миши. Последната молитва му ја прочитал отец Адријан Римаренко, подоцна Архиепископ Андреј од Ново Дивеево. Во мигот на смртта отец Адријан го ставил својот епитрахил врз Старецот на умирање. Тој се упокоил тивко. Погребан е на локалните гробишта на 3/16 мај од страна на пет свештеници, на чело со отец Сергеј Мечев, идниот свештеномаченик. Бил светол пролетен ден и голема радост се чувствувала во срцата на неговите расплакани духовни чеда.
Старецот ја предвидел својата смрт и се збогувал со своите блиски два месеца пред да се упокои. Ги благословил за последен пат, им дал некои последни совети и ги упатил на грижата на други духовни отци.
Во 1935 година, една ноќ некои селски разбојници го откопале неговиот гроб. Го искршиле капакот на ковчегот и ја искинале прекривката на лицето на починатиот, а потоа го потпреле отворениот ковчег на едно дрво. Утрото, мали деца кои ги воделе коњите од нивното ноќно место за пасење, го виделе ковчегот и со трчање стигнале во селото, викајќи: „Еден монах стана од гробот!“
Задружниот селанец истрчал до гробиштата и рекол: „Старецот стоеше нераспаднат - неговата кожа беше со боја на восок, а неговите раце и дланки беа меки“.
Старецот прорекол дека неговите останки нема да останат во Колмиши и на 16 јули 1989 година тие биле вратени во Оптинската пустина и биле сместени во соборната црква на Воведение на Пресвета Богородица.
Арсениј Маљутин напишал: „Долго време чесните останки на Блажениот останаа во заборав. И дури на 16 јули 1989 година, на денот на Митрополитот Филип Московски, останките на Старец Нектариј беа пренесени во Оптинската пустина. Братството од обителта пристигна на гробот на Старецот околу 6 часот наутро и за околу еден час и половина, на длабочина од два метра, го најдоа ковчегот во кој почиваа останките на Светителот. Кога го отворија, сите почувствуваа мирис; мантијата на Старецот беше нераспадната, а неговите останки во боја на килибар...“
Прославен е за светител на 13 / 26 јули 1996 година.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ СТЕФАН САВАИТ
Роден е во Дамаск околу 725-та година од татко Теодор, наречен Мансур, а е братучед на свети Јован Дамаскин. Од рана младост Стефан станал монах кај својот стрико, кој се подвизувал во манастирот на свети Сава Осветени. Откако добро го изучи житието на богоносниот отец Сава, тој стана негов ревносен ученик и прекрасен подражавач, и со своите добродетели блескаше како сјајна звезда меѓу Палестинските монаси. Затоа и беше наречен Саваит. Едно време живееше како осамен подвижник во пустината, каде и пишувал прекрасни црковни богослужбени песни и химни. Свети Стефан изврши многу знаменија и чудеса, а го предвиде и претскажа и својот крај. Се упокои во Господа во 794-та година, во 69-тата година од својот живот.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК СЕРАПИОН
Свети Серапион живееше во времето на царот Север. Беше благочестив и добродетелен човек. Фатен од кнезот Акила и прашан од која вера е, тој храбро изјави дека верува и Го исповеда Христос, вистинскиот Бог. Поради тоа беше ставен на разни маки апотоа фрлен во оган. Така го доби од бога маченичкиот венец.
СПОМЕН НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА САРА
Беше египќанка која живееше и се подвизуваше во Египет. Како девица замина на подвиг и шеесет години се подвизуваше на брегот на реката Нил, недалеку од Александрија. Со примерот на својот подвижничи богоугоден живот привлече многу жени кон монашкиот живот. Се упокои во Господа во 370-та година. Во книгата „Рај на Отците“ за преподобната Сара го пишува ова:
Еднаш двајца големи старци и отшелници тргнаа од Пилусијската Гора кај преподобната Сара. Попат си зборуваа меѓу себе: „Ајде да ја понижиме оваа старица“.
Кога стигнаа кај неа ѝ рекоа:
- Внимавај да не ти се возгордее разумот и да речеш: еве, отшелници доаѓаат кај мене, а јас сум жена.
Преподобната им одговори:
- Да, по природа сум жена, но не и по разум.
Во истата книга за неа пишува и дека во една прилика рекла:
- Ако се помолам на Бога да ми даде известување за сите луѓе, ќе се најдам плачејќи пред вратите на секого од нив. Туку подобро е да се помолам срцето да ми биде чисто со сите.
Преподобната секогаш го имала во себе сеќавањето на смртта, па говорела:
- Тргнувам да ја ставам својата нога на лествица, да се искачам по неа, и веднаш пред да почнам да се искачувам ја ставам смртта пред моите очи.
За мајка Сара зборуваат дека тринаесет години била многу вознемирувана од демонот на блудот и никогаш не се молела таа борба да замине од неа, туку само повторувала: „Боже дај ми сила“. А кога еднаш силно ја нападна духот на блудот, таа појде во својата ќелија да се помоли, не подавајќи му се на искушението поради стравот Божји и подвигот. Тогаш телесно и се јави духот на блудот и ѝ рече;
- Саро, ти ме победи.
- Не те победив јас, туку мојот Господ Христос - му одговори таа.
Преподобната Сара беше толку голема подвижница, што шеесет години седела на реката Нил и не се свртувала да види кој доаѓа и кој заминува низ реката.
ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЈУЛИЈАН
Свети Јулијан беше поставен за епископ од светиот врховен апостол Петар и од него испратен во Галија да го проповеда зборот Божји. Кога дојде во градот Кеноман, тој за него стана прв епископ како Дионисиј Ареопагит за Париз. Зашто и двајцата во исти години ги полагаа темелите на Светата Вера и ја градеа Црквата Христова, апостолски трудејќи се во проповедта на Евангелието и грижејќи се за спасението на човечките души. На почетокот новото учење проповедано од свети Јулијан на некои од незнабожните им беше за соблазна, а на други пак за потсмев и поруга. Но, кога тие ги видоа чудесата вршени со семоќното име Христово, започнаа полека да веруваат, зашто со рацете на богопроповедникот се вршеа многу чудеса: ѓаволи се истеруваа, губави се очистуваа, слепи прогледуваа, и најразлични болести се исцелуваа. Своето учење за вистинскиот Бог свети Јулијан го потврдуваше со чудесните дела, призивајќи го над болните името Христово и осенувајќи ги со крсниот знак. Додека така ги исцелуваше нивните тела, тој ги исцелуваше и душите нивни, проповедајќи за Христа Исуса и просветувајќи ги со светото крштение.
На почетокот свети Јулијан живееше во предградието на градот во една мала куќичка, каде кај него започнаа да доаѓаат многумина. Новопросветените за поука а незнабошците за исцелување на болестите, и тука добиваа двократно исцелување, бидејќи стануваа верни. Тоа место беше безводно, та оние што доаѓаа кај него трпеа за вода, која мораше да се носи од далеку. Затоа човекот Божји еднаш со луѓето кои се затекнаа кај него отиде во блиската шума, го забоде својот жезол во земјата и се помоли на Бога гласно, за сите да слушнат:
- Господи Боже, Ти некогаш од цврстиот камен во пустината си извел вода за твоите жедни луѓе. Погледни сега и на нас, слугите Твои, отвори ни ја ризницата на Своето милосрдие, та нареди од оваа сува земја да потече извор на студена вода, за сите присутни да дознаат дека Ти си вистинскиот Бог, Кој на крајот од вековите си Го испратил во светот Синот Свој, за верните во Тебе да ги воведе во вистинската ветена земја.
Кога сите рекоа „амин“, потече извор вода од земјата, каде беше забиен жезолот, јавувајќи им ја на луѓето семоќната сила Божја и големата вера и слобода пред Бога на светиот угодник. Тогаш верните се зацврстија во верата, а неверните паднаа пред нозете на човекот Божји и го молеа да ги крсти. Светиот угодник ги крсти со водата од тој извор. Така од ден во ден растеше и се множеше Црквата Христова.
Кога светиот епископ Јулијан стана славен за своите чудеса, кнезот на тој град Дефенсор изрази желба да го види и го повика. Кога светителот наближи до неговиот дом, на капијата најде еден слепец кој просеше, се сожали на него, го повика името Христово, ги осени неговите слепи очи со чесниот крстен знак и слепиот прогледа. Голема радост го обзеде прогледаниот, а присутните многу се восхитија. Ова чудо веднаш му беше доставено на кнезот, кој веднаш излезе да го пречека светиот и да го види слепецот кој прогледа. Кога ги виде, му се поклони на Божјиот проповедник, го внесе во својот дом и смирено го молеше да го научи како да го добие вечниот живот. Светителот Божји апостолски одржа проповед, доволно го поучи кнезот и сите негови домашни за Бога и светата вера, им наложи пост и ги огласи за крштевање. По неколку дена се крсти кнезот со сиот свој род и му даде на светителот еден од своите домови среде градот да го претвори во црква. Му подари и имоти за сите црковни потреби. По примерот на кнезот и многу угледни граѓани ја примија светата вера и многу свои имоти му подарија на светителот Божји. Тој изгради прекрасна црква и ја украси со секоја убавина. Народот започна да се собира во црквата секој ден и светителот ги поучуваше во верата и ги убедуваше со чудесата. Тие се просветуваа со светото крштение, зашто свети Јулијан имаше од Бога толку голема сила на чудотворство, што и мртви воскреснуваше.
Во градот имаше еден угледен човек на име Анастасиј, кој се уште беше идолопоклоник. Тој имаше син кој тешко се разболе и наскоро умре. Од преголема жал и тага за изгубениот син, Анастасиј потрча кон светиот Јулијан и ридајќи викна:
- Слуго Божји, ти проповедаш дека Христос е вистинскиот Бог! Те заколнувам во Христос, Богот Кој Го проповедаш, врати ми го синот!
Светителот му одговори:
- Анастасиј, ако веруваш во Проповеданиот од мене, тогаш и синот свој ќе го добиеш жив, и самиот ќе го наследиш вечниот живот.
Анастасиј со заклетва вети:
- Ако го добијам жив мојот син, ќе поверувам во Христос, вистинскиот Бог и ќе се одречам од идолите.
Тогаш светителот Божји заедно со својот клир отиде со Анастасиј во неговиот дом, каде што лежеше мртвото момче. Кога виде дека многумина плачат и лелекаат околу момчето, тој им нареди да замолчат. Сите го вперија својот поглед кон него и си велеа:
- Што сака да прави овој со мртвото тело?
Чудотворецот пријде до одарот, го фати мртвиот за рака, ги крена очите кон небото и со солзи се помоли:
„Господи Исусе Христе, Ти си го воскреснал вдовичиниот син кого го изнесуваа од градот Наин да го погребаат, и четвородневниот Лазар кој веќе смрдел, Ти со зборот на силата Своја си го повикал од мртвите, нареди и ова момче да воскресне од мртвите. Ако тоа воскресне со телото, многумина ќе воскреснат со душата, штом ќе поверуваат во Тебе. Нека дознаат присутните дека Ти си Христос, Син на Живиот Бог, Кој си го спасил светот по наредба на Отецот, Кому преку Тебе Му оддаваме достојна благодарност низ бесконечните векови“.
И штом клириците рекоа „амин“, момчето се разбуди како од сон и стана живо и здраво.
Сите многу се запрепастија и восхитија. Во домот на Анастасиј настана неопислива радост и сите Го прославуваа единствениот вистински Бог Исус Христос. Поверува во Него и Анастасиј со сиот свој дом и се крсти. И сите што го видоа тоа чудо поверуваа и се крстија.
По некое време и друго такво чудо благоволи да изврши Господ Христос Господ преку Својот угодник Јулијан во слава на Своето пресвето име. Еднаш кога свети Јулијан излезе со клирот да го прошета Кеноманскиот крај и да побара пропаднати човечки души, виде како на незнабожечките гробишта носат на погребение мртво момче, син единец на еден велможа Јовинијан. Многу народ одеше по мртовецот. Светиот епископ пријде, нареди да застанат и гласно му рече на таткото на мртвиот:
- Јовинијане, Христос Кого јас Го проповедам, откако стана човек заради луѓето, мртви воскреснувал, ѓаволи истерувал и вршел се што сакал додека живеел со луѓето, за да ја покаже силата на Своето Божество. Ако ти ги напуштиш вашите идоли, поверуваш во Бога и се крстиш, тогаш ќе се радуваш и на своето спасение и на синовото воскресение.
Јовинијан и народот со него паднаа пред нозете на светителот и просеа милост да го воскресне мртвиот. Тој со солзи велеше:
- Голем слуго Божји! Ако го оживееш мојот син единец, кој беше светлина на моите очи и радост на мојот живот, јас не само што ќе Го исповедам Христос како вистински Бог, туку и сиот овој народ ќе ги отфрли своите богови и ќе ја прими верата што ти ја проповедаш.
Полн со чудотворна благодат, светителот Божји ги преклони колената на молитва, ги крена рацете и очите кон небото и гласно рече:
- Семоќен Владару, Исусе Христе, сеприсутен, Ти си посакал да станеш човек ради нашето спасение, да живееш со луѓето и со крстот Свој да ја отстраниш смртта од родот човечки. Нареди сега да воскресне ова момче, та со пројавувањето на големата Твоја сила да се утврдат во верата верните во Тебе, а срцата на неверните да Ти се покорат Тебе, единородниот Син на Живиот Бог, Кого со Отецот и Светиот Дух Го исповедаме низ сите векови.
Кога присутните изговорија „амин“ веднаш мртвиот стана и сите се запрепастија и восхитија на новото чудо. Воскреснатото момче силно викна:
- Навистина е голем Богот христијански, Кого Го проповеда Неговиот слуга Јулијан!
А на својот татко му рече:
- Навистина сме биле во заблуда и не сме Го знаеле вистинскиот Бог, зашто боговите кои ние ги почитуваме се ѓаволи. Јас ги видов во пеколот. Таму немаат покој и непрестајно се мачат во лути маки.
Сите започнаа да Го слават Христос, вистинскиот Бог, и се крстија заедно со Јовинијан и неговиот воскреснат син.
Кога светителот стигна во селото Пролиак денот веќе одминуваше и таа ноќ остана во селото за да се одмори. Токму во тоа време на господарот на тоа село му умре синчето, мало момче, и од неговата куќа се слушаа пискотници. Светителот отиде таму и му беше дадена засебна соба да се одмори, но тој нареди кај него да го донесат мртвото момче. Се затвори со него, цела ноќ се молеше и со својата молитва го воскресна момчето и им го предаде на родителите, та нивниот плач се претвори во радост. Кога се раздени гласот за ова чудо се пронесе по целото село и сите се собраа таму да го видат воскреснувачот и воскреснатиот. Штом го видоа чудотворецот, сите ги носеа пред него своите болни, а тој ги благословуваше и исцелуваше. И тоа село со својот господар ја прими светата вера и се крсти. Родителите ветија дека воскреснатото дете ќе го посветат на Бога и на црквата ќе и го поклонат целото село, на кое тоа беше наследник, за кога ќе порасне да стане црквовен служител, а селото да се присоедини кон црковниот имот.
Светителот отиде во друго село, наречено Руилиак, над реката Лида, каде го сретнаа пратеници на господарот на тоа село со молба да побрза кај ина, бидејќи ќерката елиница на нмикиот госполар силно ја мачел нечист дух. Састителот вслнаш отиле таму. го истера бесот од девојчето, ги приведе кон Христовата вера нејзините родители. ги сокрши сите идоли и изгради црква Остана кај нив лолека целото село и околината не ги привеле кон Бота и ги крсти.
Потоа отиде во селото Артин. во кое што имаше огромно илолиште и во него познат илол на нивниот нечист бог Јупитер. Во тој идол живееше ѓавол, кој заблулените луѓе ги запедуваше со разни привиденија. Кога слушнаа дека христијанскиот епископ оди кај нив, жителите на ова село се собраа и не сакаа да го пуштат, за да не им ги уништи идолите. Тие започнаа да викаат по него. Елни велеа дека треба да го убијат, други да го спалат, но сепак не можеа да му наштетат, бидејќи десницата на Севишниот го штитеше. А тој, вооружен со Божествена сила, храбро помина низ толпата, влезе во идолскиот храм, го повика семоќното име Христово и му нарели на идолот да падне а на ѓаволот да излезе оттаму. И во тој миг идолот падна и се сокрши а ѓаволот излезе во вид на огромна страшна змија и го нападна народот. Сите започнаа да бегаат и да бараат помош од свети Јулијан. Тој ја протегна својата десница кон змијата и, тепајќи ја со крсниот знак како со железна палка, И запрети и ѝ нареди да оди во бездната. Змијата стана невидлива.
Увидувајќи ја својата заблуда, незнабожниот народ извика:
- Слуго на вистинскиот Бог, спаси нè!
Светителот ги поучи и сите ги придоби за Христа. Тие усрдно ја примија светата вера, се крстија и на местото на идолиштето изградија црква во слава на Христа Бога. Ги уништи и сите други идоли во тој крај и настана голема радост. Така ревносниот пастир ги посети краевите на својата паства и сите ги приведе кон Христа.
Споменатиот кнез Дефенсор многу се радуваше и Го славеше Христа Бога кога слушаше што прави светителот Божји. Потоа лично отиде кај него и го замоли да дојде во неговото село, во кое имаше прекрасна куќа и голем имот. Тој сакаше таму да му приреди духовно славење за победата над идолослужењето и во слава Божја, и сите да се развеселат и да Му заблагодарат на Господа. Угодникот Божји појде со него. Попат здогледаа едно момче како се тркала по земјата. Го беше завиткал огромен смок. Човекот Божји се помоли на Бога и змијата се распукна на половина и умре а момчето се ослободи од неа без никаква повреда. Сите Го прославија Бога и многу народ од селото излезе да ги пречека. Тука се затекнаа и двајца бесомачни, кои повикаа кои него за помош. Со името Христово тој веднаш ги истера нечистите духови од нив, и сите присутни поверуваа во Господ Христос. Светителот Божји беше примен во тоа село и во домот на кнезот со огромна чест и љубов, и беше приредена голема гозба. Сите разговараа за славата и силата Христова и гибелта на ѓаволите, победени и посрамени во идолите. Потоа кнезот му ги покажа на светителот сите свои ризници, молејќи го да земе што сака, но тој не зеде ништо.
Откако добро го поучи кнезот, сиот негов дом и целото село, и ги крсти некрстените, тој се врати во својот град. На влегување во градот затворениците што беа во темницата крај градската капија го здогледаа светителот низ прозорчето и го молеа да им помогне. Милосрдниот се сожали на нив, веднаш отиде кај судијата и го молеше заради неговото враќање да ги ослободи. Но, тој ја одби неговата молба и светителот си замина тажен. Најпрвин отиде во црквата и отслужи благодарност кон Бога. Потоа отиде во својот дом, каде му предложија трпеза, но тој не вкуси ништо од жал за затворениците. Но, Господ, Кој ја исполнува волјата на оние што Му се бојат, испрати Свој ангел да ги отвори вратите на темницата, да ги раскине сите окови и да ги ослободи затворениците. Ослободени, тие непречено одеа низ градот кон домот на архиерејот, зашто сите гледаа дека се ослободени од силата Божја. Светителот Божји многу им се израдува и ги покани на својата трпеза. Откако ги угости, ги отпушти да се вратат во своите домови.
Мудро управуваше светителот со новопросветената црква, помина доста години на својот престол, апостолски се трудеше во благовеста Христова и веќе во длабока старост се приближи кон својот чесен крај, откако целосно го искорени идолослужењето во Кеноманските предели. На неколку дена пред својата смрт отиде во едно село што му припаѓаше на црквата и таму се разболе. Се собраа кај него клирици, благочестиви граѓани и сите што го сакаа. Откако доволно ги поучи, нареди по него за епископ да го изберат презвитерот Туривиј, кој заедно со него многу се трудеше за спасението на човечките души. Потоа им даде последен целив и мир на сите и ја предаде својата света душа во рацете Божји.
Се случи во тоа време кнезот да биде во некое далечно село, Сепак смртта на светителот му беше откриена на следниов начин: во денот кога се престави светителот, кнезот ручеше во својот дом со пријателите. И наеднаш му се отворија духовните очи и тој го здогледа свети Јулијан во архиерејска облека, како влегува кај него со тројца ѓакони кои носеа свеќи и му даде благослов. Ѓаконите ги ставија свеќите на трпезата и сите веднаш заминаа. Кога го виде тоа, кнезот ги праша оние што седеа со него:
- Ја гледате ли славата што јас ја гледам?
Тие изјавија дека не виделе ништо. Тогаш кнезот им објасни:
- Зарем не го видовте нашиот отец Јулијан, кој ни објави толку добра и сотвори толку чудеса? Ете, пред малку со тројца ѓакони кои носеа свеќи, влезе ваму и со светло лице ни се насмевна и не благослови, па ги оставија свеќите пред нас и излезе. Мислам дека се преставил, зашто се слушна дека изнемоштел.
И кнезот веднаш се упати кон градот, во селото каде што се престави светителот. Го затекна упокоен во Господа и многу плачеше за него. И сиот народ лееше солзи по својот отец и пастир. Ги положија на кола неговите чесни мошти и тргнаа кон градот. Кога стигнаа до реката во близина на градот викана Сарта, која што беше многу длабока и мораше да се преминува со скеле, коњите што ја влечеа колата со телото на светителот, наместо да се качат на скелето се упатија дирекно во реката. Управувани со невидлива рака одеа по длабоката река како по мост, без да ги наквасат нозете ни до колена. И така на чудесен начин преминаа на спротивниот брег и сите со страв се восхитуваа на ова славно чудо, зашто прекрасниот чудотворец свети Јулијан вршеше чудеса не само за време на животот, туку и по своето преставување. Кога неговото свето тело свечено го внесуваа во градот и сите трчаа да го пречекаат, една жена го капеше своето доенче во бакарен сад, под кој беше запалила оган за да се загрее водата. Кога ја здогледа поворката со телото на светителот со свеќи, кадилници и песнопеења, таа се занесе и го остави детето, па истрча да го види свечениот спровод на угодникот Божји. Наблудуваше додека не ја одминаа нејзината куќа. Тогаш се сети на своето дете, се стрча внатре и виде дека огнот силно гори и водата врие, па вресна од ужас. Веднаш го дофати садот од огнот и ја исфрли врелата вода, но детето го најде живо и здраво, без ни најмала повреда. Ова чудо го видоа многумина што се затекнаа таму и се уверија дека детето било сочувано по молитвите на светиот угодник Божји.
Светителот Христов Јулијан беше погребан во црквата што тој ја подигна на местото каде порано се наоѓала куќата на кнезот, поклонета на светителот. На неговиот гроб се случуваа многу чудеса, Се даваа исцеленија на сите по молитвите на свети Јулијан, а со благодатта на нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух, чест и слава низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ И ПОДВИЖНИЦИ ИЛИОФОТ, ЕПАФРОДИТ, АМОНИЈ, ХУЛЕЛЕЈ, ЕВСТЕНИЈ, АВКСУТЕНИЈ, ОЛВИЈАН, ПАМЕГИСТА, ЕПИФАНИЈ, ФОТИЈ, ХАРЕТИС, ХРИСТОФОР, АВАКУМ, ГЕОРГИЈ, АЛЕКСАНДАР, ПАМФОДИТ, ПАФНУТИЈ, ВАРНАВА, ГЕОРГИЈ, ИРИНИК, ЕЛПИДИЈ, ЕПИФАНИЈ, ЕФИМИЈАН, ИРАКЛИЈ, ТЕОДОСИЈ, ИЛАРИОН, ЈОСИФ, КОРНУТ, ЛАВРЕНТИЈ, ОРЕСТ, ПОЛЕМИЈ, СОЗОМЕН, СОТИРИХ, ХРИСТОФОР
и останатите кои што од Палестина дојдоа на Кипар
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МАРКИЈАН
Светиот маченик Маркијан уште како момче беше фатен и мачен во градот Иконија, а потоа одведен во Кападокија кај управникот на таа област Перениј. Маченикот јуначки го изобличи Перениј за идолопоклоничкото незнабожие, а Христос Го исповедаше како Бог и Господ. Поради тоа го стругаа по телото и образите. Цотоа, разлутен од прекорните зборови на страдалникот, мачителот нареди да го положат на вжештена тава, па потоа да му го отсечат јазикот. Кога сето тоа беше извршено и светиот маченик остана цврст во верата и продолжи да Го исповеда Христа, управителот го осуди на посекување со меч. Тогаш војниците го поведоа. Додека свети Маркијан се молеше и Му благодареше на Бога, му ја отсекоа главата.