27. Јули (14. Јули)

СПОМЕН НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ АКИЛА

Светиот апостол Акила, еден од Седумдесетмината, беше ученик на светиот апостол Павле и од него беше поставен за епископ. Беше евреин, роден во Понт и до своето обраќање во христијанството живееше со својата жена Прискила во Италија. Кога царот Клаудиј нареди евреите да се иселат од Рим и Италија, Акила со сопругата се пресели во Коринт. Причината за иселувањето на евреите од Рим беше тоа што кога во Рим започна благовеста Христова и таму допатуваа свети мисионери, многумина од евреите во Рим ја примија Светата Вера, но поголемиот број останаа во неверието. Меѓу нив настана голем спор, така што едни Го признаваа Христос за вистински Месија а други Го отфрлаа и хулеа. Неверните евреи, како во Ерусалим и останатите земји така и во Рим, злобно се креваа против верните, не можејќи да го поднесат дури ни името Исусово, па дури и елините ги поттикнуваа против верните и ги гонеа насекаде. Елините кои што се обратија кон Господ Христос ги заштитуваа верните евреи од неверните и меѓу нив настануваа расправии и кавги, за што беше известен царот Клаудиј. А бидејќи верните Господ Христос Го нарекуваа Син Божји и Цар Израилски, царот се исплаши да не се крене бунт и да не се појави некој нов цар. Затоа нареди да се протераат од Рим и цела Италија сите евреи, и оние што веруваа и оние што не веруваа во Христос. Втора причина за ова протерување беше тоа што неверните евреи ја заведоа во својата еврејска вера царицата Агрипина, жената на Клаудиј.

Меѓу протераните евреи беше и Акила. Тој се насели во Коринт и живееше од трудот на рацете свои, зашто по занает беше килимар. Во тоа време свети апостол Павле, проповедајќи Го Христа меѓу незнабошците допатува од Атина во Коринт, главниот град на Ахаја. Го најде тука Акила со Прискила и остана кај нив, зашто имаа исти занает и заедно работеа. Откако ги поучи во верата Христова, апостол Павле ги крсти (Д. А. 18, 1-3). Остана во Коринт година и шест месеци, проповедајќи го словото Божјо и со помошта Христова победувајќи ги евреите и незнабошците, и потоа отплови во Сирија. Со него беа и Акила и Прискила, како нивен учител и виновник за спасението, силно врзани за него со духовна љубов. Со нив и со други свои следбеници, свети Павле дојде во Ефес. Потоа за празникот Пасха, кој што наближуваше, тој сакаше да биде во Ерусалим, па ги остави во Ефес Акила и Прискила да ги поучуваат Ефесјаните во светата вера, а самиот тргна за Ерусалим со ветување дека повторно ќе се врати кај нив.

По Павловото заминување во Ефес дојде еден евреин Аполос, родум од Александрија, човек красноречив и многу силен во книгите. Тој беше упатен на патот Господов и горејќи со духот зборуваше и учеше правилно за Господа, но се уште не му беше познато крштевањето во Света Троица, туку само крштевањето Јованово. Кога ја слушнаа смелата проповед на Аполос на собирите, Акила и Прискила го повикаа кај себе и уште подобро му го изложија патот Господов (Д.А.18, 24-28). Потоа свети Павле се врати од Ерусалим во Ефес и оттаму го напиша своето Прво Послание до Коринтјаните, во кое на крајот вели: „Многу ве поздравуваат во Господа Акила и Прискила со својата домашна црква“ (1Кор. 16, 19).

По смртта на царот Клаудиј на евреите им беше дозволено да живеат во Рим, и тие започнаа да се враќаат во Италија на своите поранешни места, на своите имоти. Тогаш и Акила со Прискила се вратија во Рим. А кога свети Павле повторно дојде во Коринт и оттаму напиша Послание до Римјаните, не заборави во него да испрати поздрав до своите возљубени ученици, зборувајќи им во последната глава вака:

„Поздравете ги Акила и Прискила, моите соработници во Христа Исуса, кои за мојата душа ја положија својата глава; ним им благодариме не само јас туку и сите цркви од скорообратените незнабошци и нивната домашна црква“ (Рим. 16, 3-4).

Свети Акила не се задржа долго во Рим и повторно појде во Асија со својата жена, бидејќи од својот учител апостол Павле беше поставен за епископ и испратен таму да го проповеда зборот Божји. Во Ефес му помагаше на свети апостол Тимотеј, ученикот на апостол Павле, кого свети Павле го постави за епископ на Ефесјаните и го остави таму, како што за тоа пишува во своето Прво Послание до него (Тим. 1, 3). Подоцна, кога свети апостол Павле, гонет од ерусалимските евреи беше окован и доведен во Рим и оттаму го напиша Второто Послание до Тимотеј во Ефес, тој повторно се сети на овие свои сакани ученици зборувајќи: „Поздрави ги Акила и Прискила..“ (2 Тим 4, 19).

Проповедајќи Го Христа во Асија, Ахаија и Ираклија, свети Акила приведе кон спасението многу човечки души, ги обрати незнабошците од идолопоклоничкото лудило и ги крсти. Пропатува тој и разни други земји, благовестејќи го насекаде Царството Божјо, просветувајќи ги со светата вера, рушејќи идоли, подигајќи цркви и поставувајќи свештеници. Откако претрпе многу напасти, тој беше убиен од неверните, и најде покој на небото со останатите свети Апостоли во благодатта на нашиот Господ Исус Христос, Кому слава за навек. Амин.

ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЕЛИЈ

Преподобниот Елиј заблеска во египетските пустини меѓу монасите со испосничките подвизи и Му угоди на Бога. Од детството беше даден во манастир да Му служи на Господа, воспитан во воздржанието и целомудрието и научен на кротост и смирение. Се удостои на благодатта Божја и уште во својата младост доби дар на чудотворство. Уште додека беше мало момче, кога го испраќаа по оган тој земаше жар во облеката и му ја носеше на старецот, а облеката не му гореше. Браќата се восхитуваа на ваквото чудо и сакаа да го подражаваат прекрасното живеење на момчето, кое со светоста ги надминуваше старците.

Еднаш додека одеше сам низ пустината му се пријаде мед и веднаш на еден камен здогледа прекрасно саќе со мед. Тој се досети дека тоа е вражја замка и започна да се прекорува:

„Оди си од мене, соблазнителна желбо, зашто е напишано: живејте по Духот и не угодувајте им на телесните страсти“ (Гал. 5,16).

И веднаш се оддалечи од тоа место, се повлече длабоко во пустината и живееше во пост, измачувајќи го со глад своето тело, како да го казнува за невоздржание. По третата недела од својот пост, тој здогледа по земјата прекрасни јаболки и друго вкусно овошје, но веднаш сфати дека е вражјо искушение и си рече:

„Нема да вкусам, ниту ќе допрам нешто од ова, за да не го соблазнам братот свој, односно душата своја, зашто е напишано: човекот не живее само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога“ (Матеј 4, 4, сп. 5 Мојсеј 8, 3).

Во четвртата седмица од постот блажениот Елиј задрема малку и виде ангел Господов, кој му рече:

„Стани и без никаков сомнеж јади од она што ќе го најдеш принесено за тебе“.

Штом се разбуди, тој здогледа извор студена вода и околу него миризливо и многу вкусно зелје. И тој јадеше од него и пиеше вода од тој извор, та го поткрепи своето тело. Потоа им зборуваше на браќата дека никогаш во животот не вкусил толку прекрасна храна.

Недалеку од тоа место најде една пештера, се насели во неа и остана некое време. А кога природата на неговото тело бараше храна, тој ќе ги приклонеше колената, ќе се помолеше на Бога и веднаш со невидлива рака му се носеше чист топол леб, маслинки и најразлично овошје.

Еднаш преподобниот појде во пустината да ги посети браќата кои што живееја во немаштија и понесе од храната што му ја испраќаше Бог. Попат многу се замори од тешкото бреме на храната што ја носеше. Но здогледа диви магариња како пасат по пустината и викна:

- Во името на нашиот Господ Исус Христос, нека дојде едно од вас и нека го понесе моето бреме.

И веднаш излезе од стадото најсилното магаре и кротко му пријде. Тој го натовари врз него својот товар, па и самиот се качи врз него и брзо стигна до ќелијата на пустинските браќа. Ги израдува со донесената храна а магарето го отпушти.

Во друга прилика преподобниот Елиј отиде во еден пустински манастир, рано во недела, и кога виде дека во црквата не се врши служба, запраша зошто во денот Господен се останува без богослужение. Браќата одговорија дека презвитерот кој живее од другата страна на реката не дошол од страв од крокодилот што се појавил и веќе изел многу луѓе. Светителот им рече:

- Ако сакате, јас ќе појдам и ќе го повикам презвитерот.

Браќата одговорија:

- Не! Кој би те пренел на другата страна кога сите се плашат?

Но, свети Елиј со надеж во Бога појде. И кога на брегот на реката го повика името Господово, веднаш се појави крокодилот, му пријде и по Божја наредба му стана превозник. Со кротост и страв го прими светителот на својот грб и го пренесе преку реката. Преподобниот бргу отиде кај презвитерот и го замоли да дојде кај браќата. Презвитерот го распраша кој е, но по зборовите и благодушноста виде дека е Божји човек и му рече:

- Брате, ти имаш сиромашна телесна облека, но прекрасна и одлична облека на душата.

И појде со него. Кога стигнаа до реката преподобниот му рече да не се вознемирува зашто Бог ќе им подготви чамец. Со силен глас го повика крокодилот, кој веднаш се појави, им пријде и кротко им дозволи да се качат врз неговиот грб. Но, презвитерот се исплаши и побегна. Браќата, пак, го набњудуваа ова чудо од спротивниот брег и со страв се восхитуваа. Кога стигнаа на брегот, преподобниот го поведе со себе и крокодилот и му рече:

- За тебе е подобро самиот да умреш отколку да ги уништуваш луѓето и да ги јадеш нивните тела!

И крокодилот веднаш падна и издивна.

Свети Елиј остана во тој манастир три дена и ги поучуваше браќата. Како прозорлив, тој ги знаеше помислите на секого од нив, проникнуваше во сечија совест и на секого засебно му кажуваше од какво искушение страда. На еден му велеше: со духот нечист се распалуваш, брате; на друг: со гнев се запалуваш; на трет: страдаш од лакомство, и на секого му откриваше каква страст го мачи.

Исто така, за корист на сите тој ги обелоденуваше добродетелите на доблесните монаси, некои нарекувајќи ги кротки, други праведни, трети трпеливи, четврти послушни, на секого кажувајќи му ја неговата доблест. Зашто животот на сите и тајните дела на сите, добри и зли, му беа откривани од Бога. И секој од оние што беа победени од страстите за себе велеше дека е така како што вели Елиј. Умиление им ги обземаше срцата и тие го поправаа својот живот.

По многуте духовни разговори преподобниот отец Елиј им рече на браќата:

- Подгответе трпеза, зашто сега ќе ви дојдат непознати браќа.

И навистина, штом браќата ја подготвија трпезата, во манастирот пристигнаа браќа од далеку. Откако чесно ги примија и угостија, свети Елиј отиде во пустината. Еден од младите браќа го молеше да му дозволи да остане да живее со него, но светителот му рече:

- Тешка е таа работа, брате, и бара многу труд, зашто треба цврсто да се стои против ѓаволските искушенија и да се претрпат многу нешта.

Братот вети дека сè ќе поднесе. Тогаш светителот го прими и му одреди да живее во другата пештера. Наредната ноќ го нападнаа бесови, најпрвин невидливо со лоши помисли, па потоа му се нафрлија како страшни привиденија и сакаа да го задават. Тој успеа да побегне кај преподобниот и му ја раскажа својата неволја. Откако го утеши и утврди во трпението и верата, старецот повторно го одведе во истата пештера, со прстот го одбележа тоа место, го огради со крсниот знак и му наложи на братот вооружен со името Господово, без страв живее овде. И живееше тој брат во пустината неповредлив од демонските напади, и се удостои да добива храна од невидлива рака, како и неговиот преподобен наставник, кој беше хранет од самиот Бог.

Свети Елиј достигна длабока старост и изврши многу чудеса. Се престави кај Бога, на Кого Му угоди, и беше вброен во ликот на преподобните, кои на небото стојат пред престолот на Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бога, Кому слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЈУСТ

Родум од Рим, свети Јуст беше војник за време на трибунот Клаудиј. Еднаш, враќајќи се со војниците од војната против варварите, тој имаше видение. Виде во воздухот кристаловиден крст, од кој излезе глас кој што го поучи во тајните на христијанската побожност.

Затоа, штом стигна во Рим го раздаде својот имот на сиромашните, многу радосен што стекна вера во Христа. Кога дозна трибунот дека Јуст станал христијанин, насамо го советуваше да се одрече од верата Христова. Откако не успеа да го убеди, го испрати со писмо кај игемонот Магненциј. Тој, откако го распраша и виде дека е непоколеблив, нареди да го тепаат со сурови жили. Потоа му ставија на главата вжештен железен шлем, под пазувите вжештени железни топки, а пак на рацете железни ракавици, и така го положија на вжештена леса. Сето тоа свети Јуст јуначки го поднесе, славејќи Го и благодарејќи Му на Бога. Подоцна беше фрлен во вжештена печка, каде ја предаде својата душа во рацете на Бога, но ниту влакно не му изгоре во огнот.

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ И БОГОНОСЕН ОТЕЦ НАШ НИКОДИМ СВЕТОГОРЕЦОТ

Овој новојавен богоносен отец на Црквата Христова се роди на островот Наксос во Кикладите (Егејско Море), во централното место на тој остров наречено Хора. Тоа беше време на турското ропство и страдањата на православните христијани од незнабожните муслимани и од злобната унијатска пропаганда на римокатолиците. Свети Никодим се роди во 1749-та година од честити и побожни родители и на светото крштение го доби името Никола. Татко му се викал Антониј а мајка му Анастасија Каливурцис. Неговата благочестива мајка подоцна го прими лесниот јарем Господов, односно монашкиот чин со името Агата. По природа обдарен со многу духовни дарови, малиот Никола уште од најраното детство се одликуваше со трудољубие и мудрољубие. Беше бистар, остроумен и обдарен со големо памтење. Во него уште од мали нозе имаше толку голема жед за знаење, што уште во претшколска возраст одел под прозорецот на училиштето да ги слуша предавањата на учителот. А кога децата би го прашале што предавал учителот денес, им го повторувал и тоа на што тие не се сеќавале. Го забележал тоа неговиот свештеник и го земал кај себе да го поучува и да ја освети неговата душа на самиот почеток со благомирисниот темјан и светите богослуженија. Тој свети благомирис од детската доба остана во него засекогаш и растеше во него заедно со световното И евангелското мудрољубие. Тој не го закопа талантот свој во земјата, туку стократно го умножи. Откако ја прими првата поука во храмот Божји, продолжи да учи во школата на Наксос што ја водеше архимандритот Хрисант Етолски, братот на рамноапостолниот свештеномаченик Козма. Така Бог најде начин преку Хрисант да поврзе еден светител кој го завршувал својот подвиг и труд, запечатувајќи ја со својата крв верноста во Христос, и другиот кој се јавува како звезда на мрачниот хоризонт на она доба, за да не се прекине така златниот синџир на светиите. Кога го заврши училиштето во своето место, епископот го испрати во неговата шеснаесетта година во Смирна, да продолжи со школувањето во тамошната евангелистичка школа. Во тоа тешко време имало малку православни школи и уште помалку од Бога икона просветени учители. И додека на неговиот остров латинската ерес преку лукавите језуити ја користеле неволјата на православните и ги мамеле простите со умот, исто така и во Смирна духот на протестанската ерес претел со ништо помала опасност. Не му било лесно на младиот Никола да се дофати до здравата наука во времето, во кое како и во нашето, беа заборавени чудесните дела на светите Отци и беа исцрпени духовните сили на православниот народ од петвековното турско ропство.

Ова богомудро момче со својата разборитост и внимателност во Смирна им стана учител на своите другари и пофалба на своите учители. Тој веќе беше научил дека почеток на вистинската мудрост е стравот Божји. Затоа, собирајќи знаења како пчелата мед од медоносното цвеќе, не бараше мудрост која гордее. Знаеше тој дека е подобро и покорисно, како што велат светите Отци, да се биде малку учен а со њубовта да се биде близу до Бога, отколку многу учен и искусен, па да се истакнеш како хулител на својот Господ. Стравот Бојжи и њубовта Божја што ги всмука во себе неговата душа со мајчиното млеко и ја умножи заедничкото богослужение со неговиот прв духовен отец на родниот остров, ја чуваа неговата чедна душа да не потоне во младешките страсти. Зашто несочуваното младешко доба, лошото дружење кое што ги расипува добрите навики и гревовниот стремеж на човечката природа наследен од Адама, во незацврстената душа ги оставаат семињата на страстите и пороците. Тие со времето стануваат корен на секое зло, кое што како некоја друга природа ја разорува богодадената природа и станува извор на смртоносното мртвило на душите, од Бога створени за живот.

После мудроста на древните Елини и богословијата во школата, Никола ги научи латинскиот, францускиот и италијанскиот јазик. Особено ги изучи древните јазици на своите татковци, што потоа му помогна да стане прекрасен толкувач и преведувач на простонароден дијалект на делата на Светите Отци и нивните поуки. Ова „чудо на епохата“, како што го нарече еден од неговите другари поради неговото исклучително помнење, остана во Смирна пет години. Не се погордеа со своите дарови, туку ги криеше под плаштот на смирението, секогаш имајќи ги пред очи Павловите зборови:

„Што имаш, о, човеку, што не си добил? А ако си добил, зошто се фалиш како да е твое?“

Во 1770-та година, поради гонењето на христијаните во Смирна и колежот од страна на агарјаните, Никола се врати на својот остров каде паронаксискиот епископ Антим Вардас го избра за свој секретар и пратеник. Каква надеж уште тогаш полагал во него неговиот учител и покровител во Смирна, старецот Еротеј, се гледа од писмото што му го пишува многу подоцна:

„Дојди, чедо мое, макар сега во мојата старост, да те поставам за учител во школата, зашто немам друг кој напредувал толку добро како ти“.

Но, срцезнаецот Бог поинаку промислувал за доблестите на ова момче, водејќи го по тајните Свои патишта во Света Гора Атонска, за на нејзиниот пустински универзитет, како многумина пред и по него од разни народи и јазици, да им стане прв ученик а потоа учител на вистинската православна мудрост и философијата на Светиот Дух. Било потребно световното знаење, со кое тој се здоби, да биде очистено со минување низ огнот на пустинското живеење. А во тоа се успева единствено преку молитвите, постот и подвизите, таа практичната философија, без која окото на душата и умот никогаш не може да стане чисто и светло, за да би можело да го види Бога. Смирна и „според човекот“ мудроста нејзина не биле по мерка на идниот Никодим. Само атонската пустина, тоа чудесно и чудотворно огниште на добродетелите, можело да ги огрее и загрее со ладните ветрови светот и векот, настинатото и желното за вистинска мудрост негово срце. Векот на свети Никодим беше век во кој многу беше фалена мудроста на овој свет, а смирената мудрост Божја стануваше се помалку вредна според вагата човечка. Но Бог го заштити младиот Никола од примамливата мудрост според светот, зошто додека се уште беше кај епископот Антим на Наксос се запозна со навистина доблесните мажи, јеромонасите светогорци Георгиј и Нифонт и монахот Арсениј, кои беа прогонети од Света Гора „заради правдата“, Тие им припаѓаа на групата светогорски монаси, бранители на црковните преданија, познати под името „Коливари“, Всушност, тој назив тие го добија од нивните противници, кои ги наклеветија како новатори и претерани ревнители за безначајни работи. Притоа тие, односно нивните противници, ја беа заборавиле мудрата вистина на светите Отци, дека кога се работи за прашањата за верата и преданијата на Црквата, и најмалата работа не е мала, зашто може да стане извор на огромни зла. Мал е зборот „едносушност“, за кој се бореа светите Отци на Првиот Вселенски Собор, но неговото непризнавање ги затвори духовните очи на безбожниот Арија за гледање на Пресвета Троица и им донесе вечна осуда и нему и на неговите приврзаници. На многумина им се чинело мало прашањето за едната или двете природи, една или две волји на Господа Христа, па се виде дека од признавањето или непризнавањето на две природи и две енергии Христови, зависи целото наше спасение. Мал е зборот за исходењето на Духот Свети и „и од Синот“. Меѓутоа, тој беше причина за страшниот пад на големата римска Црква, од кој таа ни денес не станува, Смешно и мало им изгледало на многумина прашањето за несоздадената божествена светлина, која ги осветли светите Апостоли на гората Тавор, и која ја бранеше богомудриот Григориј Палама како „единствена наша надеж“ во 14-тиот век, па се виде дека со сомнежот во неа било доведено во прашање сето богоблагодатно предание и живиот опит на Црквата Божја. Уште побезначајно изгледаше принесувањето на благословено коливо за починатите од саботата во воскресниот неделен ден, што спротивно на стариот обичај го извршија монасите на светогорскиот Скит Света Ана (1775 г). Но сепак некои од светогорските Отци, со подобро изострена црковна совест и свест, знаејќи дека овде не се работи за прашање за верата, станаа против оваа промена на древниот обичај. Почувствуваа тие дека зад таа непозната измена се крие ново начело на црковното живеење, од Апостолите непредадено и од Отците непотврдено: начело на прилагодување и уподобување на овој век, на сметка на уподобувањето на Христовата Тајна на божествениот Домострој и Воскресение. Тоа прашање како и некои други (на пример прашањето за честото причестување со животворните Христови Тајни, што го застапуваа Коливарите) беа причина, како што ќе се види понатаму, за немали немири во Света Гора Атонска и Големата Христова Црква Цариградска. Коливарите беа наклеветени како внесувачи на немири во Црквата и затоа некои од нив беа протерани. Меѓу нив беа и гореспоменатите јеромонаси Георгиј, Нифонт и преподобниот Арсениј, со кои се сретна Никола, жеден за вистините Божји. Доблесното живеење на овие старци и богоугодните разговори со нив, во неговата душа зачнаа жед за монашко предавање на Бога. Откако слушна од нив многу пофалби за блажениот коринтски митрополит Макариј, кој беше од нивен дух и ревност, тој побрза на островот Идра, каде што тогаш живееше тој. Таа средба беше почеток на нивното другарување и взаемно помагање до крајот на земниот живот. Тука Никола го запозна и познатиот по доблестите старец Силвестер Кесариски, кој се хранеше со медот на молитвеното тихување и духовното созерцавање во една тесна колипка. Во ликот на едниот и другиот подвижник Христов заблеска во Никола онаа духовна убавина, за која зборува свети Василиј Велики, која што, кога ќе ја озари човечката душа истиснува од неа сè што дотогаш ѝ изгледало мило и достојно за љубов, правејќи го ситно и достојно за презир. Затоа и тој, како некогаш блажениот Павле, откако ја виде убавината на Прекрасниот, од тој момент се за него беше ништовно, само да Го придобие Христа. И откако доби препорака од старецот Силвестер, се одрече од светот и се световно и замина за Атонската Гора (1775 г) во манастирот на свети Дионисиј, каде го прими ангелскиот образ и го доби името Никодим. Тука остана две години и им стана пример за смирение и разборитост на останатите браќа, служејќи како чтец и секретар во светиот манастир. За тоа време покрај молитвеното правило и служењето на браќата, монахот Никодим постојано се трудеше во изучувањето на боговдахновените Отечки книги. На многу од ракописите во богатата манастирска библиотека и до денес стои записот: „Прочитав јас, Никодим од Наксос“. На списите на богомудриот писател, сокриени под името на Дионисиј Ареопагит, пишува:

„Ја прочитав оваа свештена, полна со таинствените догмати на Духот и великославна книга и се здобив со голема корист - Никодим, монах од Наксос“,

Така тој хармонично го соединуваше во себе практичното богоугодно живеење со богоумие и изучување на светите списи ден и ноќ. Знаеше монахот Никодим дека само просветлениот може да биде вистински просветител и учител на другите, како што знаеше и дека богоживеењето е неопходен предуслов за чистото и здраво богоумие.

Во 1777 година на Света Гора дојде и свети Макариј Коринтски и, откако ги посети сите манастири, се насели во ќелијата на свети Антониј, што се наоѓаше на местото каде денес се наоѓа огромниот запустен руски скит Свети Андреј, наречен Сарај, со еден од најголемите храмови на Балканот. Оттаму светителот го повика Никодим на разговор, па откако се прегрнаа со света прегратка, знаејќи ја желбата на неговото срце, го поттикнуваше да се оддаде на осаменичко живеење и издавање на Отечките книги за општа корист. Тоа беше денот во кој двајцата светители ги положија темелите на светото дело. Младиот монах Никодим, многу обдарен со духовниот оган, ги обедини од тој ден своите сили со опитниот педесетгодишен подвижник и собирач на Отечките книги, Макариј. И со нивниот заеднички труд, од многумина заборавеното бесценето богатство на Отечката мудрост, заблеска како од некоја темнина за сите желни за божествена светлина и богопознание.

По неколку дена свети Макариј му го предаде на монахот Никодим ракописот „Добротоубие“, замолувајќи го да ги поправи грешките во текстовите, да напише предговор и кратки животописи за светите Писатели, чии текстови беа собрани во оваа богомудра книга.

Исто така му ја довери и поправката на „Евергетиносот“, втората значајна духовна книга, во која се собрани поуки од животот и делата на светите Отци и подвижници. Му ја даде и својата книга „За честото причестување“, да ја дополни со сведоштва на древните Отци и светото Предание и да ја подготви за повторно издавање. Сето тоа сведочи, од една страна за големото смирение на овој инаку учен и трудоњубив Макариј, а од друга страна, за неговата необична доверба во дваесет и осум годишниот монах Никодим и за неговото познавање на светите Отци.

По заминувањето на свети Макариј, монахот Никодим живееше година дена во ќелијата Свети Георгиј над Кареја, наречена ќелија „Скуртеја“, каде што ја препиша книгата „Азбучник“, дело на преподобниот Мелетиј Галисиотски исповедникот. Оттогаш, па се до блажениот крај, сиот живот на свети Никодим протече во работа И подвизи, пост и молитви, изучување на богомудри книги и химни и толкување на Отечки списи и Светото Писмо.

Во тоа време се беше прочул по своите подвизи, трудоњубие и мудрољубие и еден друг свет маж, преподобниот Пајсиј Величковски. Како овој од југ, така и тој беше дошол нешто порано од него на Света Гора од северните руски и молдавски краеви, со иста цел: да најде овде духовна храна за својата гладна душа и да нахрани и други од пребогатата Отечка трпеза. И како што две молњи се вкрстуваат на небото, осветлувајќи ја со својата светлина вселената потопена во темнина, така и овие двајца огнени богоњубци ги осветлија јужните и северните краеви. Трогнувачко е да се чита со какво самопожртвување и њубов преподобниот Пајсиј ги барал и собирал по Света Гора заборавените ракописи на светоотечките дела! А кога го изучи елинскиот јазик, тој собра многу свети книги и монаси околу себе, поживеа со нив во манастирот Симонопетар и од него основаниот скит на свети пророк Илија, па замина од соборот на своите браќа во Молдавија. Тука во манастирот Њамц се собраа околу него до илјада монаси а тој пишуваше книги полни со духовна мудрост и преведуваше светоотечки дела на словенски и романски јазик со своите брака. Свети Никодим, откако слушна за него, а меѓу останатото и дека е голем јубител на умната молитва и светоотечката мудрост, реши да му се придружи на соборот на неговите ученици. Но, огромна бура и ветар го променија правецот на коработ со кој беше тргнал за Молдавија, та така тој остана засекогаш на Света Гора.

Откако по неуспешниот пат се врати на Света Гора, желен за молитвено тихување, повторно се насели во колипката Скуртеја, а потоа во осамената ќелија на свети Атанасиј, каде пишуваше црковни химни и ја дополни службата на свети Атанасиј и Кирил. По некое време од островот Наксос дојде преподобниот Арсениј Пелопонески и се насели во скитот Свети Пантократор (Капсала). Бидејќи не успеа да отиде кај старец Пајсиј, смирениот Никодим отиде како послушник кај овој мудар старец Арсениј, кого од порано го познаваше. Знаеше монахот Никодим дека, како што вели свети Исак Сирин, „смиреноумието е облека на божеството, затоа што воплотениот Логос се облече во него и општи преку него со нас во нашето тело...за да не согори тварта од созерцавањето и гледањето на Него“. Значи, знаејќи дека смиреноумието е темел на нашата философија на живот, тој секој свој ден го започнуваше со нив и со нив го завршуваше, слушајќи и смирувајќи се пред својот духовен отец, по угледот на Христовото послушание до смрт и смирението пред неговиот Отец Небесен.

Поживеа со старецот Арсениј околу три години во пост и труд и изучување на Отечките списи во богатата библиотека на светиот Иверски манастир, кој не беше далеку од нив. Потоа се отсели заедно со него на едно пусто островче, во правец на Евија, наспроти Света Гора, наречен Скиропула.

По извесно време остана сам, јадејќи го својот леб во макотрпна пот на своето лице на тој пуст остров, непрестајно молејќи се на невидливиот Бог, невидливо служејќи. Тука, на молба на својот роднина, еврипскиот епископ Еротеј, и тоа според сеќавање, бидејќи не беше понел со себе ниту една книга, напиша една многу душекорисна книга, наречена „Прирачник со совети“ или „За чувањето на петте сетила“. Не ја напиша за да се прослави и од суета, туку од послушание со страв и осудување на самиот себеси:

„Ако нешто од ова што го пишувам не и биде пријатно на некоја света душа, кој ќе биде виновен за тоа“ - го прашува тој својот роднина епископ.

- Јас, владико мој, јас. Прво, затоа што зборувам а не творам, а оној кој зборува а не твори е сличен на леб без сол...Но, го сторив тоа, покорувајќи му се на свети Нил, кој вели: добро треба да зборува и оној кој не твори добро, за откако ќе се засрами од зборовите да започне да ги спроведува и на дело. А друго, виновен сум што не ја сочував својата мера а чекорам подалеку од своите сили... “

Во таа богомудра книга светиот зборува за стражарењето над сетилата, за преку нив да не се вселат страстите во срцето и да ја заробат душата, за нивното очистување, за да може чистото срце со гледањето на Божјото створение и со задлабочувањето во тајните на славата Божја, да ја види и прими во себе вечната светлина на Света Троица. Завршувајќи го своето дело, светителот зборува дека вистинското блаженство не се наоѓа, како што тоа го сакале мудреците на овој век, ниту во надворешните добра: богатството, достоинството, честа, ниту во телесните уживања. Дури се во заблуда и оние што мислат дека вистинската среќа се наоѓа во простото признавање на Божјото постоење, бесмртноста на душата и другите божествени работи. Надменото знаење во нечистата душа и сетилата заслепени од страстите не се извор на блаженство туку демонско мачење. Знаењето и само низ него гледањето на тајни возгордева - без љубовта која гради, и која се раѓа од верата а не од природата. Знаењето црпено само од природата е голо и сиромашно, па затоа е и несигурно. Љубовта и доблесното живеење значат опит и испробаност. Оттука и сигурноста и постојаноста на блаженството, кое настанува од доживувањето на светата вера. Затоа, - завршува светиот, - само оној, кој секогаш во себе го има вечното и блажено добро, кое е Бог, кој со Него го храни срцето и своето битие, преку вера и убов, само тој поседува блаженство, посилно од смртта, низ кое и најголемото страдање станува радост. Така, ете, овој огнен монах, гол на голиот остров, како некогаш многустрадалниот Јов на ѓубриштето, се исполнувал себеси со единствената сила, која ѝ одолева на смртта во пустината на овоземниот живот, со неа давајќи им сила и на други, со зборот свој и примерот свој.

По една година (1783 г) свети Никодим се врати повторно на Света Гора, оставајќи го сувиот остров сам, како нем сведок на неговиот подвиг Неговото враќање не беше заради одмор, туку за уште поголем подвиг. Тука од старецот Дамаскин Ставруда, духовник на неговиот животописец Евтимиј, прими голем ангелски образ и се насели во ќелијата наречена „Геонина“, над соборниот храм на Пантократоровиот скит. „Додека се наоѓал тука, пишува гореспоменатиот Евтимиј, околу неговите медоточиви поуки се насобраа многу браќа и се населија во околните колиби, да го гледаат и да се просветлуваат со неговите духовни совети“.

Наредната година (1784 г) во Света Гора повторно се појави богомудриот Макариј Коринстки, за уште еднаш да го потсети својот ученик и сакан соподвижник, во грижата за спасението на својата душа да не ги заборави и другите, желни за спасение и светлина Божја. Така, поттикнат од него, свети Никодим се оддаде на целосно пишување за простиот народ, преведување на Отечките дела на новоелински јазик од стариот, толкување на Светото Писмо и богослужење, додавајќи труд врз труд и подвиг врз подвиг. И навистина стана учител на многумина, со збор и на дело. На молба на свети Макариј, на простонароден јазик ги преведе делата на свети Симеон Нови Богослов, кои беа отпечатени под името на неговиот препишувач Дионисиј Загореос. „Добротољубието“, тоа второ Евангелие на Отечкиот духовен опит и православното живеење по Бога, веќе беше печатено а со тоа и веднаш преведено на словенски јазик од преподобниот Пајсиј Величковски.

Бидејќи постојано имало луѓе, кои за да ја оправдаат својата мрзливост тврделе дека тоа се книги за монаси а не за луѓе кои живеат во светот, светителот им се обраќа на таквите во предговорот на делата на свети Симеон:

„Никој од мирјаните да не се осмели да рече дека ова е пишувано само за монасите а не и за мирјаните. Не! Леден е тој збор, брате, збор полн со лукавства, според псалмопевецот, збор неразумен, со кој мрзливиот и невнимателен наоѓа изговор во гревовите“.

И за да го докаже своето тврдење, светиот го наведува како пример ветувањето што секој христијанин го дава на светото крштение: „Дали само монахот Му дава ветување на Бога дека се одрекува од сатаната и од сите негови дела? - Не, тоа исто ветување го дава и мирјанинот“. Бидејќи сите луѓе се повикани на совршенство и чистота на умот и срцето, така и свети Никодим ги повикува сите, без разлика, за секој сообразно на своите сили и својот дар, да се труди да го примени во живот напишаното од свети Симеон и од сите Светии, за со очистувањето на душата и телото, преку науката на Светиот Дух, да ја привлечат во своето срце благодатта на Утешителот, за и тие како и Светиите да се учат директно од Него на божествената волја.

На тие богомудри списи Светиот им додаде и други книги со уште попроста духовна содржина, со желба да ги воведе и духовните отци и простиот народ во законите на духовната борба и да им ги открие патиштата на покајанието и уште подобро напредување на патот кон совршенството. Кој не слушнал за неговиот „Исповедник“, прирачник за духовниците при исповедта и воведник на верните во тајните на покајанието? Па за неговата „Невидлива борба“ и „Духовни вежби“, држејќи се до правилото „дека треба да се мрази и да се одвраќа од погрешните учења и латинските беззаконски обичаи и обичаите на другите еретици, но не и од она што кај нив е правилно и посведочено со правилата на Светите Собори. Тој се потруди, колку што било возможно за него, и ова првобитно дело на западните писатели, да го очисти и оправослави, станувајќи преку нив како Павле - на сите се, за бар некого да придобие. Но, знаејќи дека „млекото“ е за доенчињата и дека на духовно зајакнатите треба да им се дава „цврста храна“, тој ги подготви, со многу труд и по послушание, сите дела на мудриот свети Григориј Палама, за и тие да ја видат светлината на денот, во слава на вечната божествена Светлина, која ја прославуваат и бранат, а за духовно утврдување и просветлување на многумина. Но тој негов труд бил загубен во Виена пред да се објави, на радост на демоните и за огромна жалост на Светиот, а пак на штета на сите желни за светлината Божја. Кога дозна за овој губиток, според зборовите на неговиот соподвижник Евтимиј, тој „плачеше и ридаше“ и не наоѓаше утеха во својата ќелија, па отиде кај браќата во ќелијата Скуртеја, за пред нив да ја излие својата тага. Толку голема беше неговата њубов спрема свети Григориј и желбата преку неговото богомудро учење да ја разбуди заспаната совест на своите современици!

Но, зарем дури и тагата на Светите не станува извор на радост и утеха за нас грешните? Неговиот труд на делата на свети Григориј и тагата заради нивниот губиток останаа како уште едно несомнено сведоштво за длабоката духовна врска на Коливарите со древните атонски Отци подвижници, по свети Григориј наречени „Паламисти“ а преку нив со целокупното соборно свето Предание на Црквата.

Својата ревност за отечките преданија особено ја посведочи преподобниот Никодим со собирањето, толкувањето и издавањето на светите Правила на Вселенските и Помесните Собори на Црквата, под називот „Крма“ (Пидалион). Во таа голема работа помошник му беше богољубивиот јеромонах Агапиј Пелопонески. Не изостана ни доброто сведоштво за вредностите на неговиот труд и од смирениот Макариј Коринтски, кој беше присутен во секој добар и корисен потфат. Така се оствари желбата на преподобниот, овие свети правила за православното живеење во Бога (со кои древните Отци поставија граница помеѓу лажната и вистинската вера, меѓу правото и лажното живеење според верата), да станат посед и на „мудрите и простите“, и за свештенството и за народот. Благодарејќи на тоа не е реткост и до ден денешен во елинските краеви да може да се чуе и од најпростите старици: тоа што го правиш е спротивно на „Пидалионот“ на свети Никодим. Но исконскиот мразител на доброто не ја остави непоматена ни оваа радост на светителот. Некој Теодорит Јанински, на кого свети Никодим му ја довери грижата за печатењето на „Крма“, самоволно изменил некои од неговите толкувања, додавајќи свои објаснувања, туѓи на духот на Православието, на огромна жалост на преподобниот и за соблазна на верниот народ. „Повеќе би сакал, зборуваше свети Никодим, да ми забодеше нож во срцето, отколку тоа што додавал и одземал од моите книги“.

Тоа време беше не само време на народно незнаење, но и на негово големо страдање. Од агарјанскиот притисок многумина ја менуваа својата вера, но мноштво од нив и маченички пострадаа за Христа, како во древните времиња. Многу од тие новомаченици пред своето страдање минуваа низ Света Гора, за тука да се подготват за својот подвиг Познато е дека еден од нив, светиот новомаченик Константин од Идра, беше подготвен за страдањето од страна на свети Никодим, на кого тој потоа му го напиша житието. За да го поткрепи народот во верата православна, и да ги прослави и сочува од заборавот прекрасните подвизи на овие новомаченици, свети Никодим собра и напиша „Нов Маченикослов“ (Неон Мартирологион), по се рамен на древните „Дела на мачениците“. Со тоа ги посрами и злобниците што тврдеа дека божем стеблото на Православието престанало да дава плодови на светоста и станало бесплодна смоква. Протолкува Преподобниот и четиринаесет посланија на апостол Павле, а и Соборни Посланија. Ги преведе и на новоелински јазик „Толкување на Псалмите“ на Ефтимиј Зигабен, објасни и девет Песни на канони, нарекувајќи ја книгата „Благодатна Градина“.Издаде и „Нов Изборник“ од житијата на преподобните, а при крајот на животот и целиот „Соборник“ (Синаксар), односно Житија на Светиите, дополнувајќи ги и поправајќи ги. Во книгата „Богородичник“ собра химни во чест на Мајката Божја, напиша и прекрасна „Нова Лествица“ и „Хеортодромион“, каде на општа корист ги протолкува степените на Октоихот и пеењето на каноните на Богородичните и Господовите празници. Својата огромна љубов спрема Светиите тој ја изрази и со пишување на прекрасни песни и служби во нивна чест (51 дело). Огромна корист на православниот народ му донесе и неговото дело „Христоитиа“ (Благонаравие), како и древната книга од прашања и одговори на духовни теми, наречена „Книга на Варсонуфиј и Јован“. Кој ќе ги наброи неговите бројни писма и други поучни дела, со кои што ги тешеше, ги просветување и им ги толкуваше на сите што му се обраќаа, верата Евангелска и живеењето според неа! Така сиот живот на преподобниот протече во распнување на крст за двоедната љубов: убовта спрема Христос и спрема своите браќа. Сето тоа не им беше по волја на злите духови и неразумните луѓе, и тие се обидуваа на разни начини да го попречат во неговиот труд и подвиг Често слушал демонска врева и шепотење околу својата ќелија, или како да се руши зидот и да се удира во врата. Писателот на неговото житие Евтимиј ни соопштува дека додека светиот ги толкувал зборовите на триесет и шестиот псалм: „Нека патот нивен биде темен и лизгав, и ангелот Господов нека ги брка“, надвор се слушнала таква врева, како да минувала војска и како да се рушеле зидовите. А тој, иако како млад бил многу бојазлив, толку беше зајакнал со благодатта на Светиот Дух, што сето тоа го сметаше за „детинести стрели“.

Многу тешко му паѓала ревноста „не според разумот“ на лажните браќа и нивното незнаење и злобата, која постојано се труди да го наклевети и попречи делото Божјо. Уште пред доаѓањето на свети Никодим на Атон, на Света Гора се беа вовлекле, како што веќе беше речено, немир и расправии во врска со благословувањето на саботните колива и вршењето парастос во недела, како и по прашањето на почестото причестување. Заради мирот меѓу браќата, цариградскиот патријарх Теодосиј Втори (1769-1773 г) донесе синодско решение според кое: „Добро прават оние што во сабота вршат парастос за мртвите. Оние пак, што го вршат во денот Господов, не подлежат на осуда“. Што се однесува до времето за пристапување на Светата Причест, одлучи: „Тоа не е одредено, меѓутоа сите се должни да се подготват со покајание и исповед“. Во второто писмо, напишано со согласност на ерусалимскиот патријарх Софрониј, истиот овој Теодосиј Втори подвлекува дека „добро прават оние кои вршат парастос во сабота“, но дозволува парастоси и во недела заради народот. Но, тоа не ги смири расправиите меѓу монасите. Ревнителите на древниот црковен устав, во кој спаѓаше и свети Никодим, беа наклеветени и обвинети во Цариград, на соборот во манастирот Кутлумуш (1774 г), на кој зедоа учество поранешниот цариградски патријарх Кирил Втори и Матеј Александриски, кои беа овде на покој. Меѓу обвинетите покрај преподобниот Атанасиј Парски, Неофит Капсокаливитски, свети Макариј Коринтски, беше и свети Никодим. Писмото на преподобниот, што тој го испрати по монахот Висарион за оправдување на Коливарите, беше отворено и попат фалсификувано. На Цариградскиот собор (1776 г) некои од Коливарите беа расчинети и протерани", и беше донесена одлука дека е „сеедно“ кога се благословуваат коливата, иако сите древни устави зборуваат дека парастосите треба да се вршат во сабота. Расправата уште повеќе се вжешти во однос на објавувањето на книгата „За честото причествување“. Во тоа време многумина се држеа до законот дека треба да се причестуваат четири пати годишно или во краен случај еднаш на четириесет дена. Целта пак на оваа книга беше да ги разбуди христијаните за духовна ревност, слична на онаа кај древните христијани и да ги поттикне што почесто да им пристапуваат на светите Тајни Христови, „за со одалечувањето на долго време од заедницата со Христос да не бидат уловени од духовниот волк“.

Верата на свети Никодим и свети Макариј, кои ја подготвија оваа книга, беше дека Бог во секое време им дарува света сила Своја и иста помош како во старите времиња, на сите што живеењето во светоста и доблестите им е помила од немарноста и мрзливоста. Зарем со својот пример не го покажаа тоа и светите новомаченици, чии што животи свети Никодим ги прослави, а и самите подвижници Никодим и Макариј, како и многу други пред и по нив? А не бараа тие да се пристапува кон Светите Тајни било како и без подготовка: со својот подвиг, пост и молитва, а и со зборот свој, посведочија дека покајанието и исповедањето на гревовите, и секое духовно бдеење и подвиг се неопходен услов за тоа. А веруваа и во светата сила на Крвта и Телото Господово. Дека огнот нивни осветува и просветува, дава здравје на душата и телото, го олеснува теретот на многуте согрешенија, ги отстранува лошите навики, ги умртвува страстите, со еден збор ја умножува Божествената благодат и воведува во вечниот живот. Знаеја тие дека Христос бара живи членови а не мртви. А од каде им живот ако не се оживуваа со светите доблести и животворните Тајни Негови? И дека секое време е благопријатно и за добродетелта и за света Тајна, зашто нас, според светиот Златоуст, не не прават достојни за светите Тајни времето и празникот, туку чистотата и праведноста на душата. Затоа и тие зборуваат заедно со светиот Златоуст: „Со таква чистота и праведност на душата, секогаш пристапувај, а без неа никогаш“. На Светите не им беше непознато и тоа дека кога ќе ослаби жедта за светите Тајни и трепетот пред нив, слабее и добродетелта. И обратно: немарноста во доблесното живеење постепено ја гаси, додека не ја згасне и желбата за Светињата на Благодатните Дарови Божји. Затоа не е чудо што, барајќи од себе и од сите христијани деноноќно живеење и каење, тие истовремено бараат и постојана подготвеност за свето Причестување, и почесто пристапување кон светите Тајни.

Тоа соблазни некои од слабите, за кои што новиот обичај на ретко причестување беше станал закон и заедно со другите спорни прашања послужи како повод за многуте клевети и обвинување против свети Никодим, свети Макариј и другите Коливари. На сите тие обвинувања, свети Никодим одговори со смирение и простување, а на крајот со „Исповедање на верата“ своја, во која со смелост смирено ги поби сите клевети против чистотата на својата вера и своите соподвижници. Во неа, меѓу останатото, тој благовестува дека чувањето на стариот обичај за вршењето парастоси во сабота, како ден на слегувањето Христово во адот, во денот на мртвите, е многу богоугодно. Со него се спречува мешањето на непомешливите својства на саботниот ден, како сенка, со својствата на денот Господен како полнота на сите настани на домостројот Божји и како ден на Воскресението Христово, а со тоа и како осми ден на вечната радост на идниот век. Како и сите Светии пред него, така и тој се трудеше сите во Црквата, секое нејзино дело и секоја молитва да бидат не сокривање и помрачување, туку благовест и откривање на сите нејзини во Христа Господа скриенооткриени Тајни и чудеса. А над се и пред се светите Тајни на Воскресението и тајните на Црквата како живо Тело на вечноживиот и вечноприсутниот Богочовек. Како што некогаш преподобниот Теодор Студит ги советуваше монасите да не клечат во недела, бидејќи, велеше тој, во нашето време постојат мнозина што се сомневаат во Воскресението Христово, па треба и со наш прав став во Воскресниот ден да ја благовестиме нашата вера во Него. Така и овој свет маж беше ревносник со ништо да не биде помрачена тајната на Воскресението Христово и светото Предание.

Исправноста на неговата вера ја посведочи и Соборот на Светогорските старци, што беше свикан во 1807 година по повод клеветите на преподобниот: „Сите ние“, му пишуваат на старецот во посланието упатено до сите светогорски манастири и скитови, „еднодушно сведочиме и го признаваме неговото исклучително благочестие и православност, и дека е хранител на догматите на Црквата Христова, како што го докажуваат тоа и неговите свештени и општокорисни списи...“

Последните години од својот овоземен живот овој смирен и мудар подвижник ги помина во разни места на Света Гора. По извесно живеење во Големата Лавра, и двомесечниот престој во ќелијата Скуртеја, заедничкото живеење со старецот Силвестер Кесариски во Пантократоровата ќелија на свети Василиј и краткиот престој во манастирот Пантократор, на крајот се насели во една мирна ќелија, наспроти онаа на свети Василиј. Тука живееше како туѓинец и дојденец на земјата, немајќи ни за насушниот леб. Живееше од њубовта на неговите духовни браќа од ќелијата Скуртеја. Евтимиј, кој живееше со нив, ни соопштува дека храна му биле „некогаш ориз подготвен на вода, некогаш повторно со вода сомелен, а пак најчесто маслинки и расквасена леќа. Ако некој му донесеше риба, тој ја даваше на соседот да ја приготви за двајцата. А соседот, знаејќи дека тој никогаш не подготвува храна, често му носеше од својата“. Имаше само една стара проста мантија и никогаш две. А на нозете наместо обувки имаше опинци од свинска кожа.

Така се случи еднаш во Иверскиот манастир да дојде еден архиереј, кој многу сакаше да го запознае преподобниот, за чија што мудрост толку многу беше слушал и читал. Затоа испрати еден монах од манастирот во Капсала, каде што тогаш живееше свети Никодим со својот старец и изрази желба да го види. Преподобниот Никодим, онака просто облечен, со благослов на старецот дојде кај митрополитот и смирено го поздрави. На архиерејот ни на крај памет не му дојде дека тоа би можел да биде мудриот Никодим, па, мислејќи дека е некој безначаен монах, си продолжи со читање. то, без да му обрни внимание. Никодим почека прилично долго за епископот да му се обрати и да му каже зошто го повикал, па не дочека и се врати во својата колиба. По некое време архиерејот повторно го повика оној монах да го праша зошто Никодим не дошол, Тој зачудено му рече:

- Пред малку беше кај вас!

- Зарем е возможно да беше тој? Повикајте го веднаш - заповедаше тој.

Меѓутоа монахот залудно го молеше Никодимовиот старец повторно да го испрати Никодим во манастирот. - Бидејќи, - му рече старецот на монахот, - дотичниот архиереј смета дека старото руво на моето духовно чедо е непристојно за еден мудар и преподобен пустиник, и со тоа покажа дека не е достоен да го види Никодим...Но и покрај таа негова смирена простота, ни раскажува истиот Евтимиј, „сите ранети со гревот ги оставаа архиереите и своите духовници и итаа кај беднооблечениот Никодим, за да најдат за себе лек и утеха во жалостите, и тоа не само од манастирите, скитовите и колибите, туку доаѓаа многу христијани од разни места, да го видат и кај него да најдат утеха во своите неволји“. Воопшто не им пречеше тоа што преподобниот се нарекуваше себеси „мртвороденче“, „мртов цес“, „немудар“, и „простак“, и што се потпишуваше „немонах - монах“.

Кога ја напиша „Исповедањето на верата“ преподобниот почувствува дека неговите телесни сили се приближуваат кон крајот и дека се приближило времето за одмор од неговите многубројни трудови. На 23 април 1809-та година тој излезе од Капсала до колибата на неговите сакани од Скуртеја, за заедно да го прослават великомаченикот Георгиј, на кого му беше посветен нивниот мал храм. Откако се врати во својата колиба здравјето му се влоши. Слухот му беше ослабел. Забите му беа испопаѓани од постот и тешко се движеше. Постот и трудовите го беа изгореле надворешкиот човек, а младоста на внатрешниот непрестајно се обновуваше, како орловска. На 5 јули отиде до манастирот Кутлумуш, каде отците го примија со радост. Оттаму му дадоа една мазга да ја одјава угорницата до ќелијата Скуртеја. Тешката угорница го влоши неговото и онака слабо здравје, и откако се симна од мазгата болеста го совлада. Почувствува дека му се приближува блажениот крај, па се исповедаше и замоли да му се изврши осветување на масло, причестувајќи се секојдневно со светите Тајни Христови. Непрестајно им заблагодаруваше на браќата за нивната љубов и труд. Замоли да му донесат мошти од своите соподвижници и другари Макариј Коринтски и скуртенскиот старец Партениј, па прегрнувајќи ги, со солзи ги целиваше и шепотеше: „Отци, зошто ме оставивте мене, сиротиот? Вие стигнавте на небото и го добивте заслужениот покој за вашите доблести, а јас страдам заради моите гревови. Затоа ве молам, отци мои, молете Го Бога и мене да ме помилува и да ме удостои да бидам онаму каде што сте вие“.

Тоа беше на 13 јули, до кога се продолжи неговото страдално подготвување за блажената вечност. Ноќта помеѓу 13 и 14 јули се собраа околу неговата постела многу негови ученици и соподвижници и со венец на неговата глава, со плач и молитви го испраќаа својот Учител. Околу шестиот час од ноќта, кога браќата го прашаа како е, тој со тивок глас, со очите вперени кон иконата на Богомајката, одговори: „Умирам, умирам, умирам. Туку ве молам, причестете ме“. И така се причести со Животворните Тајни Христови. По кратко време го затекнаа со прекрстени раце на градите и испружени нозе.

- Учителу, се одмораш ли, - го прашаа. А тој им одговори:

- Христа го примив во себе. Како да не бидам спокоен!

И потоа замолкна... Наместо него продолжуваше да зборува неговиот збор, претходно напишан, давајќи објаснување на тој свет спокој: О, нестворена љубов! О, љубов сладоносна! Што сакаш од мене? ...Го барам срцето твое да се соедини со моето, кое и заради тоа ми беше прободено на Крстот. Те барам тебе целиот, за и јас целиот да бидам твој. Купи ме, сакана ми душо, предавајќи ми се...“

И така преподобниот ја предаде својата душа на Бога на 14 јули 1809-та година, во шеесеттата година од својот живот. И „додека се раѓало земното сонце“, пишува неговиот верен ученик и животописец Евтимиј, „зајде ова духовно сонце на Црквата Христова“. Зајде огнениот столб што го внесуваше новиот Израил во побожноста. Се сокри облакот што ги освежуваше гревовите, горени од горештината. Го оплакаа пријателите, познаниците и сите христијани, од кои еден, иако прост, го рече и ова:

- Отци мои, подобро би било денес да умреа илјада христијани, отколку Никодим.

Телото чесно му беше погребано покрај храмот на свети Георгиј. А кога според светогорскиот обичај беа извадени неговите свети мошти, браќата на негова желба на неговиот свет череп напишаа: „го очекувам воскресението на мртвите“. Черепот и денес се чува во храмот на споменатата колиба над Кареја, исцелувајќи ги сите што со вера ја целиваат и живеат според благодатните зборови, од неа излезени и во неговите дела запишани.

По молитвите на преподобниот Никодим, Господи Исусе Христе, помилуј и просвети не. Амин.

Неколку поуки од Свети Никодим Светогорец

На ова житие му додаваме уште неколку богоугодни мисли на преподобниот Никодим за Исусовата молитва, викана умна молитва, која Тој ја изговарал целиот свој живот, како и за чувањето на умот и срцето:

Умната или молитвата на срцето, според светите Отци, првенствено ја означува молитвата при која човекот го собира својот ум во срцето свое и без да зборува со устата, тој само со внатрешни зборови, во срцето изговарани, ја зборува кратката и едноставна молитва: „Господи Иисусе Христе, Сине Божји, помилуј ме“, задржувајќи го притоа дишењето по малку. Во преносна или поширока смисла, умна молитва се нарекува и секоја друга проста молитва, која не се изговара со устата, туку со умот и е речена со внатрешните зборови на срцето.

Значи, ако и ти брате, сакаш Бог што побргу да те слушне, и да го добиеш она што го бараш од Него, труди се колку што повеќе можеш во оваа умна молитва, моли се на Бога со сиот свој уми срцето свое, за да те помилува и да ти го дари она што е корисно за твоето спасение. Бидејќи, колку поголем труд бара оваа умна молитва од молитвата произнесена со устата, толку повеќе и побрзо допира до увото Божјо, Кој подобро го слуша умниот повик на срцето, отколку силното довикување со устата. Затоа Бог и му рече на Мојсеј, кој само умно и во срцето Го молеше за јудеите: „Зошто викаш кон Мене?“ (Исход 14,15).

Бидејќи милоста Божја е општо име и ги опфаќа сите благодатни дарови што ги бараме од Бога и Бог ни ги дава, тогаш можеш за се што ќе побараш од Бога да ја употребиш речената кратка и сеопфатна молитва: „Господи Иисусе Христе, Сине Божји, помилуј ме“. Умот лесно се собира во неа, додека опширните и многуте молитви го расејуваат.

Овде ти давам и неколку примери како да се молиш, ако тоа повеќе ти одговара, во разни околности и за најразлични потреби. Така на пример, кога бараш од Бога некоја доблест или дар, можеш да се молиш умно и со срцето вака:

„Господи, Боже мој, дај ми го овој дар или доблест во Твоја слава и чест“.

Или вака:

„Господи, верувам дека е по Твоја волја и во слава Твоја, ако од Тебе ја побарам оваа милост; нека се исполни врз мене волјата Твоја“.

Кога некогаш ќе те нападнат твоите духовни непријатели, помоли се вака:

„Побрзај и поитај, Боже мој, да ми помогнеш, да не ме победат непријателите мои“. Или: „Боже мој, прибежиште мое, снаго на душата моја, итно помогни ми, да не паднам“.

Доколку борбата се продолжи, продолжи и ти така да се молиш, јуначки спротивставувај му се на оној кој те напаѓа. Кога лутата борба ќе се стиши, сврти се кон својот Бог, стави го пред Него непријателот кој те напаѓа, и својата немоќ да му се спротивставиш, зборувајќи:

„Еве го, Господи, делото на раката на добрината Твоја, купено со Крвта Твоја! Еве го непријателот Твој, кој бара да го уништи и да го проголта! Кон Тебе, Господи, прибегнувам! Ти си ми единствена надеж, Ти, Кој си добар и семоќен. Погледни на мојата немоќ и спремност, ако Ти не ми помогнеш, неволно и да му се потчинам. Помогни ми, о, надеж моја и сило на мојата душа“.

Те потсетувам и дека кога ќе се умориш умно и со срце да се молиш, тогаш можеш гласно да ја изговараш и молитвата: „Господи Иисусе Христе, Сине Божји, помилуј ме“ (како што велат светите Отци), или било која друга молитва по твоја желба. Но и тогаш труди се да го собереш својот ум и да внимаваш на зборовите на молитвата.

Некои велат дека умна молитва се нарекува и тоа кога човек, откако ќе ги собере сите духовни сили на својата душа во срцето, без нешто да збори, било со устата или внатрешно, само со умот го поима и длабоко во себе го чувствува присуството на Бога. И неотстапно размислува за тоа како стои пред Него некогаш со страв и трепет, како осуден, некогаш со жива вера во Неговата помош, некогаш пак со љубов и радост, спремен вечно да Му служи. Тоа е она за што зборува Давид: „Постојано го гледам пред себе Господа“ (Псалми 16, 8). Оваа молитва може да биде и само со еден неотстапен поглед на умот кон Бога, покаен и молебен, што е како некое молчаливо чувство на оној дар и онаа благодат што порано сме ја барале од Него, со зборови и срдечно молење. Бидејќи оваа молитва може без мака да се врши на секое место, по секој повод, и под сите околности, држи ја во своите раце како силно и лесно употребливо оружје, па ќе добиеш огромна корист и помош...

(Од „Невидлива борба“, гл. 46)

Какви и кои плодови ги дава умната молитва

1. „Плодот кој што се раѓа во ова молитвено делување е следкиот: кога умот со долгиот подвиг се навикне да престојува во срцето, тој, според свети Диадох, се оддалечува од убавината на овој свет и започнува да ги мрази и одбегнува сетилните задоволства; според зборовите на истиот отец „оној, кој засекогаш се вселува во своето срце, ги остава сите надворешни убавини, и одејќи со духот, повеќе не знае, ниту може да чуе за телесните желби“ (гл. 57). Се оддалечува исто така и од заблудите (кои настануваат) од фантазиите и мечтаењата, на тој начин ослободувајќи се и од нападите што се вршат преку вообразливи, нечисти и лукави помисли. Бидејќи собирајќи ја низ молитвен мир својата гола и префинета сила, во неизречената длабочина на срцето, умот го соблекува од себе секој задебелен идол и вообразена слика, поради теснотата во срцето и малиот простор, слично на змијата што ја соблекува својата кожа кога се провлекува низ тесно место. Покрај тоа, кога умот ќе навикне да пребива во срцето, не само што сака да ги затвора дверите на своите одаи и молитвено да тихува, не само што сака да ја затвора вратата на устата своја и да молчи, туку ги затвора со стражарење и внатрешните двери на неизречените зборови, не дозволувајќи им на злите духови и демони преку него да зборуваат лошо, што тие би го сакале, и лукавите помисли, преку кои што човекот станува нечист пред Бога, Кој ги истражува срцето и бубрезите. Затоа и свети Јован Лествичник рекол; „телото ги затвора дверите на ќелијата, говорот вратата на јазикот, а духот внатрешните двери“ (Поука 27).

2. Плодот на оваа молитва е и во тоа што умот, наоѓајќи се во срцето и гледајќи со духовното и внатрешно око, и гледајќи го грдиот и нечист лик, кој се вообличил во него, и одвратната маска што ја навлегол на себе преку нечистите и недозволени работи и претстави кои ги видел, преку нечистотиите што ги чул - со тоа придобива смирение и плач и солзи. И како да не се смири бедникот, кога гледа дека во срцето се му е мрачно и погружено во некаква длабока и тешка темнина, чија причина се гревовите што ги извршил со зборови, со дела и помисли. Еве што вели за тоа преподобниот Марко: „Како оној со кого што завладеале нечистите помисли ќе биде во состојба да го види со нив прикриениот грев, кој што им е извор, и е мраки магла за душата, зачнат од лукавите мисли и дела?“ (Глава 224, За оние кои мислат со дела да се оправдаат). Како да не плаче и да не се жалости кутриот, кога гледа дека неговиот разумен дел е преполн со толку горди, толку неразумни, толку безбожни и демонски помисли? Како да не плаче несреќникот, кога ги гледа своите чувства, заробени со толку нечисти помисли и толку нечисти желби? И својата волја со толку зли помисли, и толку неурамнотежени нагони и стремежи, вперени против ближниот. Со еден збор, како да не се скруши и не пролие крвави солзи? Или, како да не повика кон Исуса жалостиво, да му се смилува и да го излекува? Како да не го стори тоа кога го гледа своето срце оковано со толку безбројни страсти, стврдиато со каменот на бесчуственоста и изнерането со толку многу рани, и ќе дознае дека сиот негов внатрешен човек не е храм Божји и благодатен, туку разбојничка пештера и работилница на гревот и демоните. Така, заради тоа смирение, и плач и солзи, Бог ќе му се смилува, ќе го одмори од страстите и ќе го ослободи од нападите на помислите и од демоните.

3. Плодотворна е таа и по тоа што ова враќање на умот во срцето и неговото неотстапно бавење во срцето и умно созерцавање и стражарење и цврста собраност, и во таа собраност молење, - станува, според светиот Калист, како чисто огледало, во кое умот ги гледа лошите склоности на срцето, лукавите движења на своите помисли, нападите и прикрадувањата, и заседите на нечистите духови. Просто речено, умот тука јасно ги гледа сите свои грешки, се до најмалите, и така Го призива Исус на помош, и бара простување, се кае, тагува, паѓа пред Него, додава плач на плачот, и смирение на смирението, и прави се што е возможно за него, за да се поправи и повеќе да не греши. Затоа нам, за таквата молитва ни рече Јован Лествичник: „молитвата ќе ти ја открие твојата духовна состојба, поради што богословите ја сметаат за огледало на монахот“ (Поука 28).

4. Плод на оваа молитва е чистотата на природата, и ради чистотата на природата даваната натприродна енергија на божествената благодат на Светиот Дух. Зашто, како што светите Отци пронајдоа природни средства, начини и методи: пост, бдеење, лежење на земја, коленопреклонување, поклони, воздржување, и други трудови и страдања на телото, за да би ја очистиле човечката природа од страстите, кои противприродно се вселија во неа, - така истите тие свети Отци го измислиле и овој природен метод на враќање и собирање на умот во срцето, и тоа не само нив како главни човекови органи, најпрефинети и најприемчиви за зло, а заедно со тоа и двигатели на гревот, туку и сите други делови на телото, дебело и тешко променливи (според познавачите на природата и законите на движењата, кај секое природно тело, прво се придвижуваат и ги менуваат неговите тенки и префинети делови, а потоа преку нив и дебелите). Целта им била на тој начин преку чистењето на нив да ја очистат сета човекова природа од страстите, и преку чистотата да ја подготват да прими натприродна благодат и енергија Божја. А овој метод ја чисти природата брзо, затоа што за дело има истовремено и материја и предмет со кој се занимава, односно, првата и општата, и сите заповеди што ја содржат оваа заповед: заповедта за љубовта на човекот спрема Бога, со сета своја душа, со сето свое срце, со сета своја сила и сиот свој ум, поради која заповед и му се дава (но и заради други) натприродна благодат Божја.

5. Нејзин плод е и ова: кога умот ќе се навикне да влегува во срцето, да разговара со внатрешни зборови и да ја наоѓа својата волја, да се гледа самиот себеси и сите свои сили, тогаш не останува без радост и веселост, туку, како што се радува и весели човекот кој после долгата отсутност влегува во својот дом, зашто се удостоил да ја види својата жена и децата, според зборовите на божествениот Никифор, така се случува и со умот кога ќе влезе во своето срце. Истотот го вели и Јосиф Вриениј во неговото дело „За умот“, повикувајќи се на Никифор, кој беше пред него.

Оставајќи ги за момент сите останати добра и натприродни дарови, со кои човекот се удостојува од ова духовно враќање на умот и срдечната молитва, накратко да го додадеме и ова: преку оваа умна и срдечна молитва можеш да ги сочуваш умот и срцето свое, ако не потполно чисти и бестрасни, - тоа во светот е многу тешко да се постигне (да не кажам и во пустината и во осаменоста „поради немарноста и лукавството наше“, како што рече божествениот Јован Лествичник), но барем да ги обестрастиш и очистиш колку што е возможно тоа. Зашто таква заповед му даде Бог на човекот, да го чува срцето свое од страстите и злите помисли, велејќи: „Чувај се да не влезе во срцето твое лукава помисла“ (5 Мојсеј 15, 9). За таа изрека свети Василиј напиша со своето царско перо цела беседа (беседа за „Чувај се“), а свети Соломон порачува: „Од се, што е за чување, најмногу чувај го срцето свое, зашто од него се изворите на животот“ (Изреки. 4, 23). :

(Од книгата „Прирачник со совети“, гл. 10, За чувањето на умот и срцето)

За созерцавањето на името Исусово

Има ли нешто поблажено? или попријатно? или посладосно од непрестајното размислување за славното, слаткото и многу посакуваното име на Иисуса Христа, преку кое, што и да побара човекот од Отецот или самиот Христос, веднаш го добива тоа? .. .. Кои мисли или сеќавање можат да бидат порадосни и побожествени од помислите и сеќавањата на спасителното и богодолично и страшно име на Иисуса Христа, Синот Божји, име кое е над секое име, пред кое се приклонува, и пред кое ќе го приклонува своето колено се што е на небото, и на земјата и под земјата...

Ова ти го напишав, брате, поттикнат од преголемата љубов што ја имам за твоето спасение. Го научив тоа, како детенце, пребогато од свештените книги на богомудрите Отци, и го чув преку живи зборови од некои духовни Старци, кои делумно го испробаа и во опит. А пак што се однесува до мене, ништо од сето тоа не успеав да вкусам и опитно да научам, поради мојата голема немарност и острастеност.

(Од истата книга)

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ОНИСИМ ЧУДОТВОРЕЦОТ

Преподобниот Онисим беше родум од Кесарија Палестинска, од селото Карина, и живееше во времето на царот Диоклецијан. Постои предание дека неговите родители примиле свето крштение од ангел Божји, кој им ја објавил радосната вест дека ќе родат син кој ќе се вика Онисим. Уште во млади години Онисим ги остави своите родители и отиде во еден манастир близу Ефес, во кој имаше осумстотини монаси. Неговите родители многу плачеа по него и од многу солзи ослепеа. Кога монасите од манастирот се сокрија за време на гонењата на Диоклецијан, преподобниот Онисим отиде кај своите родители, но тие не го препознаа. Потоа тој напиша писмо во кое накратко го опиша својот живот, го остави на прозорецот од својот дом и замина. Премина во Магнезија и таму основаше манастир, ги доведе своите родители, им ги исцели очите и им го врати видот. Го помина својот живот во богоугодни подвизи и отпатува кај Господа.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОСИФ ИСПОВЕДНИКОТ,

архиепископот Солунски

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА МИРОПА

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ СТЕФАН МАХРИШЧСКИОТ

Беше родум од Киев. На почетокот се подвизувал како монах во Печерскиот манастир. Желен за осаменост, преподобниот Стефан се оддалечи во местенцето Махришче, недалеку од Сергиевата лавра. Тука по долгите осаменички подвизи основаше манастир на Света Троица. Но омразата на некои соседни бојари го примора да замине на реката Авнежа, на која со својот ученик, преподобниот Григориј Авнежски, основа втор манастир на Света Троица. Големиот кнез Димитриј Јованович повторно го повика преподобниот Стефан во Махришчскиот манастир, каде тој се подвизувал се до својата смрт во 1406-та година. Светите мошти на преподобниот Стефан беа пронајдени нетлени во 1555-та година и почиваат во неговата обител. Тие се прославија со многу чудеса.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АКИЛА и ИЛАРИЈ

Овие свети маченици беа каменувани. Така го завршија својот живот.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ИРАКЛИЈ

Претепан со стапови за верата во Христа, овој свет маченик го заврши својот живот на земјата.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПЕТАР

За верата во Господ Христос на светиот маченик Петар му беа отсечени двете нозе. Така се упокои. Во некои Синаксари тој се спомнува како епископ Критски.