28. Јули (15. Јули)
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ КИРИК и ЈУЛИТА
Во градот, во Ликаонската област живееше една млада жена од благородно потекло, од родот на поранешните римски цареви, на име Јулита, христијанка по вера. Малку поживеа во законски брак и роди машко дете, па остана вдовица. Таа го просвети детето со светото крштение и му го даде името Кирик. Во тоа време незнабожниот римски цар Диоклецијан? крена страшно гонење против христијаните во сите краишта на Римското Царство. За кнез во Ликаонската област постави некој комит Дометијан, кој беше суров, нечовечен, ѕвероподобен и се радуваше на проливањето на крвта христијанска. Штом дојде во Иконија, Дометијан започна луто да ги мачи верните во Христа и внимателно да ги следи оние што тајно ја држат христијанската вера.
Гледајќи го тоа и знаејќи дека со својата побожност не може да се сокрие од мачителот, верната слугинка Христова намисли да бега, зашто се плашеше дека нема да биде во состојба да ги поднесе страшните маки, па ќе се одрече од Христос. Затоа таа, заради љубовта Христова го остави сиот свој имот, кој беше огромен, и куќата, и роднините, и робовите, и секоја убавина на овој свет, и славата и насладата, па го зеде своето тригодишно синче Кирик, и двете најпредани робинки, ноќе го напушти градот Иконија и отпочна да странствува, според зборовите од Светото Писмо: Немаме овде постојан град, туку го очекуваме оној што ќе дојде (Евр.13,14).
Така таа дојде во Селевкија, како патник и сирота, сокривајќи го своето високородно потекло. Но и таму затекна исто такво гонење против христијаните. Некој Александар, штом ја примил од царот игемонската власт, дојде во Селевкија и без милост ги убиваше сите што го исповедаа името Исусово. Тогаш блажената Јулита, според напишаното: Не одмаздувајте се, возљубени, за себе, туку дајте му место на Божјиот гнев (Рим. 12, 19), односно бегајте од гневот; и ако ве бркаат од еден град, бегајте во друг (Матеј 10, 23), замина од Селевкија во киликискиот град Тарс и живееше таму меѓу бедните но, по извесно време тој исти игемон Александар дојде и во Тарс! да ги мачи христијаните. Света Јулита беше препозната од некој и доставена кај него. Кога војниците ја фатија со нејзиното синче, двете нејзини робинки побегнаа од неа, но оддалеку ја следеа, за да го видат нејзиното страдање и крај. Кога застана пред игемонот со своето тригодишно дете на раце, тој ја праша за името, потеклото и татковината, а таа смело одговараше, исповедајќи го името на нашиот Господ Исус Христос, нарекувајќи се себеси христијанка.
Таа велеше:
- Мое име, потекло и татковина е Небесното Царство на мојот Христос!
Игемонот се разлути, нареди да е го земат детето, да ја соблечат, да ја положат на земјата и безмилосно да ја тепаат со сирови жили. Детето плачеше додека го гледаше тоа, се тргаше од рацете на оние што го држеа, за да отрча кај мајка си. Кога виде дека детето е убаво, игемонот нареди да му го донесат. Го зеде во својот скут и започна да го теши да не плаче, го милуваше по главата и бакнуваше, но тоа се противеше и тегнеше од неговите раце, ја странеше својата главичка од него и не му даваше да го милува, ниту да го бакнува со неговата погана уста. Тоа постојано гледаше во својата мајка, која што ја тепаа, и плачеше и викаше:
- Христијанин сум, пуштете ме кај мајка ми!
Бранејќи се со своите ракички од игемонот, тоа со ноктите му го гребеше лицето. Игемонот се разлути, го тресна од земјата и го удри со ногата. Детето се стркала низ камените скалила, целата главичка му се разби и тоа место се зали со крв. Тоа ја предаде на Бога својата света и невина душичка. Така се овенча светото дете Кирик.
А пак неговата блажена мајка Јулита, жестоко и долго тепана, како во туѓо тело страдаше, и како бесчувствен столб не чувствуваше ништо и само повторуваше:
- Христијанка сум и нема да им принесам жртви на бесовите.
А кога престанаа да ја тепаат и ја подигнаа од земјата, таа го здогледа пред судиштето своето мило чедо мртво, облеано во крв и радосно рече:
- Ти благодарам, Господи, што го удостои мојот син на таквата благодат Твоја, пред мене маченички да се упокои за светото име Твое и да прими несвенлив венец во славата Твоја!
Потоа игемонот нареди да ја обесат на мачилиштето и со железни гребени да ѝ го стругаат телото, па потоа со врела смола да и ги поливаат раните. Додека така ја мачеа светителката, гласникот викаше:
- Смилувај се самата на себе, Јулито! Поштеди ја својата младост! Поклони им се на боговите, за да се избавиш од маките и да не загинеш со страотна смрт како твојот син!
Светата маченица одговараше:
- Нема да им се поклонам на ѓаволите и нивните глуви и неми идоли! Јас Му се поклонувам на мојот Господ Исус Христос, единородниот Син Божји, Кој со Отецот Небесен створи сè, и сакам заедно со мојот син да се удостојам на Царството Небесно.
Кога го виде нејзиното непобедливо триење и јунаштво, игемонот ја осуди на посекување со меч. Војниците ја поведоа надвор од градот на губилиштето, а светителката одеше радосно како на венчавање. Кога стигнаа, измоли малку време за молитва и откако ги преклони колената се помоли, говорејќи:
- Ти благодарам, Господи мој, Исусе Христе, што го повика мојот син пред мене и го удостои да пострада за светото и страшно име Твое, и што му даде вечен живот заедно со Светиите. Прими ме и мене, недостојната слугинка Твоја, и удостој ме да добијам благодат пред Тебе. Да бидам вброена во мудрите девојки, кои влегоа во Твојот неминлив черток, за мојот дух да Те благослови Тебе Создателот свој и беспочетниот Отец Твој и совечниот Дух Свети за навек. Амин.
Откако светата маченица така се помоли на Господа, џелатот го наостри мечот, ја удри по вратот и ѝ ја отсече чесната глава, оставајќи го нејзиното тело на тоа место непогребано, да го изедат кучињата и ѕверовите. Исто така и телото на свети Кирик го извлекоа од градот и го фрлија покрај телото на неговата мајка, па заминаа. А кога падна ноќта дојдоа оние две гореспоменати робинки, ги зедоа телата на својата госпоѓа и нејзиниот син, ги однесоа далеку и ги погребаа. Една од тие робинки го доживеа и денот на Константин Велики, првиот христијански цар, во чие време заблеска вистината и со благодатта Христова и Црквата Божја доби слобода. Тогаш таа робинка им го покажа на верните христијани местото каде беа погребани чесните мошти на светите маченици Кирик и Јулита, и раскажа за нивното страдање. Тие ги извадија од земјата нивните свети мошти негнилежни, исполнети со благомирис. Тие даваа исцеленија од болестите. Страдањето на овие свети маченици беше опишано во нивен спомен и чест, за корист на верните, а во слава на нашиот Бог Христос, со Отецот и Светиот Дух славениот за навек. Амин.
ЖИТИЕТО НА НАШИОТ СВЕТ МАЧЕНИК ДАВИД АЛЕПСКИ
Свети Давид Алепски го исповедал Православието и за Христос примил маченичка смрт.
Тој имал семејство: жена и четири деца; заедно со него живеела неговата стара мајка, за која се грижел. Тој не знаел за материјални недостатоци. Некое време управувал со собирањето даноци. Луѓето го почитувале како чесен и праведен човек, иако со избувлив карактер, но со цврсти убедувања, човек што секогаш пламено ја бранел правдата, колку и да го чинело тоа. Тој никогаш не се надевал на нечии ветувања и рамнодушно се однесувал кон заканите. Имал 50 години кога го погубиле.
Собирањето на даноците со текот на времето почнал да го раководи завидлив и алчен човек, по име Јосиф, оптоварен со многу гревови. Тој на Давид не му се допаѓал многу, а и другите луѓе лошо го оценувале Јосиф поради неговиот начин на живеење. Оние од кои ги собирал даноците се жалеле на неговата жестокост и се сеќавале за Давид, за кого секогаш зборувале како за чесен и пријатен човек. До Јосиф стигнале тие разговори на луѓето, и лутина го преполнила неговото срце. Тој решил да се ослободи од Давид, зашто споредувањето му носело штета, па почнал тајно да подготвува лукав план.
Јосиф знаел за избувливиот карактер на Давид, знаел и за тоа како може да го предизвика. Тој испратил кај него свој доверител со двајца сведоци-муслимани. Го пресретнале Давид на патот, па собирачот на данок го известил дека нема платено еден данок - за фес. Во тоа време, секој што носел фес бил обврзан да плати данок за тоа. Притоа, треба да се каже, фесовите биле разнобојни, и христијаните можеле да носат само сини фесови со бели ленти, Давид им приговорил, зашто знаел дека веќе го платил тој данок. Но доверителот со соучесниците, со навреди и пцости почнале да го туркаат Давида, а потоа еден од нив го удрил со стап по главата. Бликнала крв, па Давид, налутен, го фрлил својот фес на земја и гневно повикал:
- Што е ова, мојата положба е полоша од онаа на еден турчин?! Ако сум христијанин, зар може да ме понижувате, вака да се однесувате со мене?
Собирачот на данок и тие што биле со него почнале да го смируваат, потоа му го ставиле фесот на главата и се оддалечиле, а светиот Давид се упатил дома.
Само што влегол дома, неговите домашни избезумени го погледнале, прашувајќи: „Што носиш на глава?“
На главата на Давид не бил неговиот обичен син фес со бели ленти - на негово место стоел друг фес, во зелена боја, што можел да го носи само турчин-муслиман. Давид многу се растревожил и не знаел што да мисли. Заедно со своите блиски застанал да Го моли Бога за среќен исход на тоа што се случило. Во тоа време, во далечината се слушнале звуци на барабани и труби, кои станувале се погласни, па јасно било дека тие се приближуваат до Давидовата куќа. Што се случува? Пред куќата стоеле пратеници од судот; радосни и возбудени, тие му го честитале на Давид преминувањето во ислам, дошле да го запишат како муслиманин и сакале да го подготват за обредот на обрезување, затоа што на него виделе исламски фес, a двајца луѓе посведочиле пред судијата дека тој сега е муслиманин. Разбрал Давид каква јама му ископале лукавите и дека одвај чекаат да го закопаат во неа, па повикал:
- Господ да ме чува од тоа да станам турчин. Јас сум христијанин, во христијанска вера и ќе умрам.
Тој го зел турскиот фес, го фрлил на земја и почнал да го гази со нозе, потоа се завртил кон пратениците и им рекол;
- Вратете се кај вашиот господар и кажете му дека вака мислам: нема на светот почудовишен закон од законот на шеријатот, А фесот што против моја волја ми го ставивте на главата, јас пред ваши очи го изгазив за да ви покажам како постапува тој што Му е верен на Исус Христос.
Луѓето веднаш скокнале, викајќи и опсипувајќи го со пцости, се нафрлиле на него со тупаници, почнале да го тепаат со нозе, потоа му ги свиткале рацете и го повеле кај намесникот на пашата; таму го испрашувале, а потоа го испратиле кај судијата. Судијата бил наклонет кон Давид, па затоа почнал со слатки зборови да го советува и убедува, но тој не се поколебал. Давид повторно го одвеле кај намесникот, на кој малку му се чинело да го прати Давид само во затвор, туку заповедал, ставајќи го во окови, да го водат под стража таму каде што се мачат осудените на смртна казна.
Свети Давид поминал во затвор два месеца, и за сето тоа време на разни начини неговите противници се обидувале да ја скршат неговата непоколебливост, но нивните обиди биле залудни. Не еднаш тие ту му се заканувале, ту му ветувале, и нему и на неговите блиски, безгрижен живот само ако се покори. Мачителите му ги скршиле нозете со метални прачки; тие ги воделе кај него неговата мајка и жена и ги терале да стојат пред него и со солзи да го молат да се покори, макар привидно да се согласи да биде муслиманик, а во душата да остане христијанин. Но Давид не ги слушал нивните плачења и молби и не одговорил на нивните прозби, иако му било неподносливо тешко да им предизвикува болка на блиските, и не еднаш неговата душа треперела и се кинела. Но Бог му давал сили и ја укрепувал неговата вера во Него и во вечниот живот.
На крај, пашата го повикал кај себе и му рекол:
- Јас се уште сакам, песу никаков, да покажам милост кон тебе. Се колнам во Алах, великиот и моќниот, дека ако го признаеш законот на нашиот велик пророк, ќе ти покажам секакви почести и ќе ти подарам се што ти и твоите блиски ќе посакате. Но ако не го направиш тоа, ќе те погубам, а животот на твојот син ќе го направам толку неподнослив, што подобро ќе му биде да не е жив.
Давид му одговорил дека и претходно не ја примал религијата на Мухамед и дека и сега нема намера да ја прими, туку дека ќе остане во христијанската вера, а ако треба да умре за таа вера, подготвен е да умре. Тогаш џелатот му ги врзал очите, го подигнал мечот над главата и со сета сила го спуштил на него, но му го ранил само десното рамо - сакал само да го исплаши Давид.
Бил потребен само еден збор за да го тргнат мечот од главата на Давид, но тој не го кажал тој збор и до крајот останал непоколеблив во својата вера во Христос! Вторпат џелатот го спуштил мечот врз Давид и сега го повредил неговото лево рамо, отсекувајќи дел од него. Давид гласно викнал:
- Не прифаќам никого, освен Христос!
Третиот пат џелатот замавнал со мечот и сега му ја отсекол главата на страдалникот. Таков бил маченичкиот крај на свети Давид. Тоа се случило на 28 јули 1660 година.
ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ РАМНОАПОСТОЛЕН ВЛАДИМИР,
големиот кнез Киевски
Големиот Киевски кнез и кнез на сите Руски земји, самодржецот Владимир беше син на Свјатослав, внук на Игор и света Олга, а правнук на Рурик, кого Варјазите го повикаа на кнезување во Русија. Престолот на Руриковото кнежевство беше во Велики Новгород, а Игор Рурикович по смртта на својот татко го пренесе во Киев и тука света Олга му го роди синот Свјатослав, а пак Свјатослав Игорович имаше три сина: Јарополк, Олег и Владимир, не од една жена. Кога им го делеше големото руското кнежество на тројцата синови, Свјатослав на најстариот син Јарополк му го даде Киев, на средниот Олег Древлан, а на најмладиот Владимир Велики Новгород.
По смртта на великиот кнез Свјатослав, Јарополк се сврте против својот брат Олег, го уби и неговото кнежевство го присвои за себе. Кога дозна за тоа кнезот Владимир, се исплаши неговиот постар брат да не постапи така и со него и побегна преку морето кај Варјазите. Тогаш Јарополк го зеде под своја власт и Велико-Новгородското кнежевство.
По кратко време Владимир собра огромна воена сила, дел од Варјазите, дел од другите руски покраини, па тргна против Јарополк, го погуби, го зеде Киевското кнежевство и братовата жена, по потекло гркиња, и стана самодржец на целата Руска земја. Тој постави идоли во Киев на високи места, им принесуваше жртви, и сиот народ го приведуваше во идолопоклонството. А пак оние што не сакаа да им се поклонуваат на идолите ги предаваше на смрт. Тогаш беше убиен и блажениот христијанин Теодор, со својот син Јован, зашто не сакаше да им се приклучи на идолопоклониците, ниту својот син да го даде за жртва на демоните. Останатите христијани, кои беа просветени од света Олга, и заради кои таа и Црква подигна на Асколдовата могила, од страв се криеја и бегаа. Некои тајно ја држеа светата вера, а некои повторно му се вратија на своето поранешно незнабожие и сите христијански цркви идолопоклониците ги срушија. Во Киев беа изнаместени од Владимир овие избрани идоли: врховниот идол Перун, за кого веруваат дека е бог на громот, молњите и дождовните облаци, потоа Волос, бог на добитокот, па Позвизд или Виор, бог на воздухот, како четврт Ладо, бог на веселбата, па Купало, бог на земните плодови, потоа Којад, бог кој се празнувал зиме, и многу други мали богови. По наредба на овој голем кнез такви богови беа изнаместени не само во Киев туку и по сите останати краеви на Руската држава, и незнабошците им се поклонуваа и им принесуваа жртви. Исто такво идолослужење вршеше и во Велики Новгород, зашто таму го испрати да управува вујкото на својот војвода Добрин, брат на својата мајка. Според примерот на Владимир, тој постави таму исти идоли и им даде исти имиња.
Покрај идолопоклонството Владимир страдаше и од друго зло. Невоздржливо се валкаше во телесните страсти како во кал, зашто беше многу женољубив, имаше многу жени и наложници и живееше нечисто во идолопоклоничката заблуда.
Но, кога преблагиот Бог, Кој не ја сака смртта на грешниците, по Своето преголемо и неискажано милосрдие благоволи Руската земја, помрачена со темнината на идолобесовите да ја просвети со светлината на светата вера и да ја упати кон спасението, за раководител го избра овој голем кнез Владимир, како некогаш на римјаните и грците царот Константин Велики, а пред тоа на сите народи светиот апостол Павле. Зашто Оној што нареди од темнината да заблеска светлина, ја запали во Владимировото срце зората на таинствената светлина и во него ја разбуди желбата за познание на вистината, та од незнабожен идолопоклоник го претвори во побожен христијанин и од гонител во нов апостол и учител на русите. Тој многу руски народ оттргна од челуста на адот и вечната смрт и го приведе кон повторното раѓање, кон животот вечен со светото крштение. Не е неумесно овде да спомнеме во кои времиња русите пред Владимир делумно се крштевале. Најпрвин Славенорускиот народ се крсти од светиот апостол Андреј Првоповикан. Овој свет апостол, откако дојде до Киевските гори, ги благослови, заби крст на високиот брег и прорече дека тука ќе се подигне град и на тие места ќе заблеска благодатта Божја. И луѓето што тогаш ги најде таму ги поучи во светата вера и ги крсти. Потоа светиот апостол појде и во останатите руски краеви, каде што сега е Велики Новгород, и онаму каде што се другите знаменити градови, и насекаде оние што можеше кон Христа да ги обрати, ги просвети со свето крштение.
Русија повторно се крсти во времето на грчкиот цар Василиј Македонецот и светиот патријарх Фотиј, кои што го упатија во Русија архиерејот Михаил. Во тоа време кнезот Игор Рурикович беше малолетен и со кнежевството управуваше неговиот роднина и воспитувач Олег. Кога грчкиот архиереј стигна од Цариград во руската земја да го поучи незнабожниот народ во светата вера, луѓето најпрвин сакаа да видат некое чудо од него. Архиерејот ги праша:
- Какво чудо барате?
Тие му рекоа:
- Книгата која што поучува во вашата христијанска вера да биде фрлена во оган, па ако не изгори ќе знаеме дека вашата вера е добра и вистинска и Богот Кого Го проповедате е голем.
Архиерејот, надевајќи се во Бога, нареди да се запали силен оган пред сите, па ги крена рацете кон небото и се помоли, говорејќи:
- Прослави го името Свое, Христе Боже!
И откако го рече тоа, го стави во огнот Светото Евангелие, и книгата не изгоре. Сите дрва изгореа и огнот згасна, но Евангелието остана цело, ни најмалку неоштетено. Штом го видоа тоа чудо, многу луѓе поверуваа во Христа и се крстија.
Русија се крсти и во времето на големата кнегиња Олга, сопругата на големиот руски кнез Игор Рурикович, мајка на Свјатославови, а баба на Владимирови. Таа, како што пишува во нејзиното житие, отиде во Цариград, ја прими светата христијанска вера и на светото крштение го доби името Елена. На враќање оттаму во Киев и останатите руски градови многумина приведе кон верата и светото Крштение, но не можеше сите да ги просвети, зашто и својот син Свјатослав никако не можеше да го посоветува да го прими христијанството.
Со ова крштение во Русија, кое беше пред Владимир, не можеше да се рашири и утврди Светата Вера, и поради честите војни, а и поради кнезовите предани на незнабожието. Конечно цела Русија се просвети во времето на големиот кнез Владимир, бидејќи најпрвин тој самиот се просвети и го препозна правиот пат за спасението, и сите ги упати на тој пат, било со примерот на својата побожност, било со своето властно наредување. Тоа просветување отпочна вака:
Кога Владимир стана познат по својата храброст, самодржавност и величината на своето царство, кај него започнаа да доаѓаат претставници на разни народи и да ја фалат својата вера. Најпрвин дојдоа мухамеданци и Владимир ги праша:
- Каква е вашата вера?
Тие му одговорија:
- Веруваме во Богот Кој е на небото, а го имаме Божјиот пророк Мухамед. Тој ни дозволува да имаме жени кој колку сака и да уживаме во сите телесни страсти, само наредува да се обрезуваме и да не јадеме свинско месо и да не пиеме вино.
Покрај тоа мухамеданците зборуваа за својата вера и други неславни и срамни работи, за кои не доликува да се пишува. Владимир со наслада слушаше за жените, бидејќи беше женољубив, но не му се допадна образението и непиењето вино, и им рече:
- Ние не можеме да живееме без вино, бидејќи во Русија секоја веселба и пријатност биваат со поднацивање.
Доаѓаа кај Владимир и пратеници од Германците, и од римскиот папа, и од западниот кесар и останатите кнезови. И секој за својата вера зборуваше дека е добра, но ниту една од нив не му се допадна на Владимир. Дури и евреите дојдоа и зборуваа дека нивната старозаветна вера е подобра од сите вери. Владимир ги праша:
- Каде се вашата земја и вашето царство?
Тие му одговорија:
- Наша земја е Ерусалим, Палестина и нејзината околина. Но, бидејќи со своите гревови го разгневивме Бога, Бог не расеа по целиот свет а нашата земја им ја даде на христијаните.
На тоа Владимир им рече:
- Како вие други поучувате во вашата вера, а самите сте отфрлени од вашиот Бог? Ако Бог вас ве сакал не би ве расеал по туѓи земји. Зар и нам ни посакувате такво расејување?
Откако го рече тоа, тој ги избрка.
После сите нив кај Владимир дојдоа христијанските цареви Василиј и Константин, и од кај цариградскиот патријарх, испратен со подароци Кирил Философот, маж прекрасен, образован и боговдахновен. Овој философ Кирил долго му зборуваше на Владимир за христијанската вера, започнувајќи со стварањето на светот, па преку сите пророштва се до воплотувањето Христово и Неговото доброволно страдање и крстна смрт за човечкото спасение и Неговото тродневно Воскресение и вознесување на небото. Потоа му го изложи учењето за второто Христово доаѓање, за Воскресението на мртвите, за Страшниот Суд, за бесконечните маки подготвени за грешниците и за наградите на праведниците во Небесното Царство. Му го предаде и испратениот подарок: голема златоткајна завеса, на која со уметничко ткаење беше изобразен страшниот суд Божји и разделувањето на грешниците од праведниците. Праведниците стоеја од десната страна на Судијата, на која беа изобразени рајот и Царството Небесно. А грешниците стоеја од левата страна, на која беа изобразени огнената геена, страшни ликови на демоните и разни маки во пеколот.
Внимателно разгледувајќи го сето тоа, Владимир го распрацгуваше философот за секоја работа. Тој му зборуваше подробно за се и му рече:
- Кога нашиот Христос Бог ќе дојде во Својата слава од небото на земјата да им суди на живите и мртвите, и на секого да му даде според делата негови, тогаш праведниците ќе ги постави од десната страна на Себе и ќе ги испрати во Своето небесно царство на вечна веселба, а грешниците ќе ги постави на левата страна од себе и ќе ги испрати во незгасливата огнена геена на бесконечни маки.
Слушајќи го тоа, Владимир воздивна и рече:
- Блажени се оние што ќе застанат од десната страна,а тешко на оние од левата.
Философот му рече:
- Ако и ти, царе, престанеш со злите дела и го примиш светото крштение, ќе се удостоиш да стоиш од десната страна. Ако пак останеш во незнабожието, тогаш и твоето место ќе биде од левата страна.
Внимателно слушајќи го образложувањето на Философот и размислувајќи, Владимир рече:
- Ќе почекам уште малку, додека поточно не истражам за сите вери.
И откако го обдари Философот со неговата придружба, со чест ги испрати за Цариград.
Потоа ги свика сите свои болјари и старешини и им рече:
- Ете, кај мене доаѓаа мудреци од разни народи. И секој од нив ја фалеше својата вера. После сите дојдоа и грци и раскажаа повеќе од другите, многу прекрасни работи за својата вера, раскажувајќи се од почетокот на светот до денес. Тие велат дека постои друг свет и друг живот и дека по смртта сите луѓе ќе воскреснат и ако некој сторил нешто добро во овој живот, тој во идниот ќе се радува, живеејќи бесмртно, а грешниците вечно ќе се мачат.
Бојарите и старешините му рекоа:
- Никој никогаш не напаѓа ништо свое, туку го фали. Ти, пак, голем кнезу, имаш многу мудри луѓе, па ако сакаш точно да ја дознае вистината, испрати ги најдобрите меѓу нив во разни земји и народи, да видат и да ја истражат секоја вера, и кој како Му служи на својот Бог, и кога ќе се вратат, тие и тебе и нам како очевидци детално и точно ќе ни раскажат се.
Владимир го послуша овој совет и испрати разумни и паметни луѓе во разни земји да ги разгледаат верите и богослужбите на секој народ и јазик. Тие пропатуваа многу земји и царства, па најпосле стигнаа и во Цариград и ги известија грчките цареви Василиј и Константин зошто се дојдени. Царевите се израдуваа и веднаш го известија свјатјејшиот патријарх за нив. Тој веднаш нареди црквата да се украси празнично и се облече во најскапоцените архиерејски одежди, со многу епископи и свештеници, за служење Божествена Литургија. На Литургијата дојдоа царевите со Владимировите пратеници, на кои им дадоа место од кое лесно може да се види и да се чуе се. А тие, кога ја видоа неискажаната красота на славата Божја, каква никаде никогаш не видоа, и слушајќи го преслаткото црковно пеење, какво никаде не слушнаа, многу се восхитуваа и мислеа дека се наоѓаат на небото. Во тоа време ги осветли небесна светлина, и тие се најдоа како надвор од себе од духовна радост, со која тогаш се исполнија нивните срца. По Божествената Литургија царевите и патријархот им приредија на руските пратеници голем прием и гозба, ги обдарија со многу подароци и ги отпуштија.
Кога пратениците се вратија, Владимир повторно ги свика своите бојари и старешини и нареди пред сите да раскажат што виделе и чуле. Тогаш тие започнаа да раскажуваат се по ред за верата на секој народ и за нивните богослуженија, но на слушателите не им се допаднаа тие вери. Потоа започнаа да раскажуваат што виделе кај христијаните. Кога дојдовме во Цариград, раскажуваа тие, не внесоа во својата црква, каде тие Му служат на својот Бог, и таму видовме таква красота и слава, што нашиот јазик не може да ги искаже. Одеждите на нивните јереји беа најчудесни, богослужбите прекрасни, однесувањето на сите луѓе побожно, пеењето толку слатко, какво што никаде не слушнавме. А нас не обзеде некоја радост, и ние не се чувствувавме себеси, ниту знаевме дали сме на земјата или на небото. Во целото поднебесје нема таква убавина и преславно богославење, какво што има кај православните. Затоа веруваме дека нивната вера е вистинска и само со тие луѓе живее Богот на вистината.
А бојарите му рекоа на Владимир:
- Ако нивната вера не е добра и вистинска, твојата баба Олга не би ја примила, зашто таа беше многу мудра жена.
Тогаш Владимир, под дејство на благодатта на Светиот Дух во него, започна по малку да се просветува во својот ум, да ја познава правата христијанска вера и да ја сака. Но, бидејќи покрај него немаше човек кој брзо би го привел да ја оствари својата намера, се одложи неговото примање на христијанската вера и крштевањето. Дури кај него се појави замисла да крене војна против христијанската земја, да освои некои градови и да добие христијански учители, кои би го поучиле во верата. Откако собра војска, Владимир ја нападна Таврикија и првин го зазеде градот Кафа. Потоа дојде под Херсон, главниот град на таа земја, кој се наоѓаше на брегот на Евксинскиот Понт и имаше прекрасно пристаниште. Го опседна тој град, долго војуваше против него но не можеше да го освои, зашто беше утврден и војската во него јуначки се бореше. Тој им порача доброволно да му се покорат ако сакаат да има милост кон нив, зашто во спротивно ќе ги држи под опсада дури и три години, додека не го зазеде градот а потоа ќе биде безмилосен. Меѓутоа граѓаните на Херсон не им придаваа важност на неговите пораки, иако оскудеваа во се, зашто веќе шест месеци беа под опсада. Но, неискажаното промислување Божјо уреди градот Херсон да му се предаде на Владимир на следниот начин.
Херсонскиот протопоп Анастас на една стрела му напиша на Владимир вака:
„Царе Владимире! Ако сакаш да го заземеш градот, побарај ги на источната страна во земјата водоводните цевки, низ кои тече водата за пиење во градот. Пресечи ги, па граѓаните приморани од жедта ќе ти се предадат.“
Откако така напиша на стрелата, протопопот го затегна лакот и ја пушти стрелата кај Владимировиот шатор. Кога го видоа писмото на неа, војниците веднаш ја однесоа кај Владимир, кој повика преведувач, па нареди внимателно да се побараат тие цевки. Ги пронајдоа, ги пресекоа, ги лишија граѓаните од водата и така го зазедоа градот, но никому не му извршија никакво зло ниту неправда.
По заземањето на Херсон и цела Таврикија, Владимир им упати на христијанските цареви вакво писмо:
„Еве, го зазедов вашиот славен град Херсон и целата земја Таврикија. Но, слушнав дека имате сестра, прекрасна девојка, и сакам да ми ја дадете за жена. Ако не ми ја дадете, јас со вашиот Цариград ќе постапам исто како и со Херсон“.
Царевите многу се натажија од ваквото писмо на Владимир, зашто нивната сестра Ана не сакаше да појде за незнабожец. Но, бидејќи се плашеа од руската воена сила и храброста на Владимир, му напишаа вака: „Нам, христијаните, не ни доликува својата сестра да ја дадеме за незнабожец. Ако сакаш да ја добиеш, тогаш откажи се од своите идоли, поверувај во Христос, вистинскиот Бог, како што веруваме и ние, прими свеето крштение, па непречено ќе ја земеш за сопруга нашата сестра, ќе бидеш во њубов со нас, и ќе го наследиш Царството Небесно“.
На таквиот одговор Владимир им напиша:
„Ја засакав вашата вера уште од времето кога моите пратеници ми раскажаа дека таа е најдобра од сите останати и вашите богослужби се најпрекрасни. Затоа сакам да ја примам вашата вера, а вие испратете ми епископ да ме крсти и со својата сестра дојдете кај нас. Вашата сестра испратете ми ја за сопруга, па ќе ви ги вратам Херсон со цела Таврикија“.
Откако ја добија оваа добра вест, царевите многу се израдуваа и започнаа да ја советуваат својата сестра да се омажи за Владимир. Тие и зборуваа:
- Смилувај се на христијанското царство! Ако одбиеш, тој нема да престане да ја пустоши нашата земја и нема да се исплаши и со Цариград да го стори истото како со Херсон. Ако пак Владимир заради тебе се крсти и Господ преку Тебе ја обрати кон Себе Руската земја, а грчката ја ослободи од тешките и чести војни и руски наезди, ти ќе добиеш вечна слава и ќе наследиш вечно блаженство.
Иако не сакаше, принцезата Ана сепак се согласи и им рече на своите браќа:
- Нека биде волјата Господова.
И ја испратија со архијерејот Михаил, со свештеници и угледни големци. Во Херсон свечено ги пречекаа и ги примија во царскиот дворец. Но, неколку дена пред доаѓањето на принцезата Ана, Владимир се разболе и ослепе, па почна да се сомнева во христијанската вера и во крштевањето. Тој збунето си зборуваше на себе: руските богови ми се налутија што сакам да ги оставам и да примам друга вера, и затоа ме казнија со слепило.
А пак принцезата Ана му испрати ваква порака:
„Ако сакаш да оздравиш и прогледаш крсти се, зашто поинаку нема да се избавиш од своето слепило. Ако се крстиш ќе се ослободиш не само од телесното туку и од духовното слепило“.
Владимир и возврати:
„Ако се исполнат твоите зборови, тогаш ќе знам дека е голем Богот христијански“.
И веднаш го повика епископот да го крсти. Епископот најпрвин го огласи, добро го поучи во Светата Вера, потоа го крсти во црквата " Света Софија, која се наоѓаше среде градот, и му го даде името Василиј. За време на крштевањето се случи чудо, слично на чудото со Савле на патот за Дамаск. Кога слепиот Владимир влезе во светата крстилница и епископот според чинот ја стави врз него раката, веднаш од неговите очи падна нешто како крлушт и тој прогледа. И Го прослави Бога што го приведе во вистинската вера и Му благодареше на Христа Господа, се радуваше и веселеше.
Кога го видоа ова чудо се крстија Владимировите бојари и војската, и настана голема радост меѓу сите а особено меѓу светите ангели на небото. Зашто кога ангелите се радуваат за еден грешник кој се кае, тогаш неспоредливо повеќе се радуваат на огромниот број на души кои Бога Го познаа и запеаја: Слава во висините на Бога!
Крштевањето на Владимир, на неговите бојари и на војската се изврши во 988-та година. Потоа Владимир се венчаше со принцезата Ана и им го врати на христијаните Херсон со цела Таврикија. Воспостави со нив мир, па се врати во својата земја. Го поведе со себе и архијерејот Михаил, кој беше дошол од Цариград со принцезата Ана. Тој стана прв митрополит на цела Русија!. Владимир, заедно со архиерејот Михаил, од Херсон поведе и многу свештеници, клирици и монаси. Ги зеде оттука и моштите на светиот свештеномаченик Климент, папата римски, и неговиот ученик Фив, и свети икони, книги и секоја црковна работа. Го поведе со себе и оној протопоп Анастас, кој преку стрелата го поучи како да го заземе градот Херсон. И дојде Владимир во Киев радосен, славејќи Го Христа Бога.
Тој веднаш ревносно се зафати со просветувањето на својот престолен град Киев и на целата своја Руска држава. Најпрвин нареди да се крстат неговите дванаесет синови, кои ги имаше од разни жени: Изјаслав, Мстислав, Јарослав и Всеволод од Рохмида, кнегињата Полтеска; Свјатополк од гркињата, братовата жена, Вишеслав од кнегињата чехиња, Свјатослав и Станислав од друга чехиња, Борис и Глеб од бугарка, Брјачислав и Судислав од некоја друга. Митрополитот ги крсти на еден извор? што се наоѓаше во горите над Дњепар. Тој извор од тогаш па до денес се нарекува Крешчатик. Потоа Владимир испрати гласници по целиот град, со наредба утредента да се соберат на реката Почајна? сите, и стари и млади, и мали и големи, и богати и сиромаси, и машки и женски. Ако пак некој во тоа време не дојде на реката ќе се смета за противник на Бога и на големиот кнез.
Утредента дојде кнезот со бојарите, архијерејот и сите свештеници на реката. И се собра сиот град на местото каде денес се наоѓа црква на светите страдалници Борис и Глеб. И им беше наредено да се соблечат и да влезат во водата, машките разделени од женските, и стоеја по групи во водата, а пак свештениците стоеја во свештенички одежди крај брегот на даски и над народот читаа молитви, пропишани за крштевање, и им ги даваа имињата. На секоја група даваа по едно име. Им наредуваа три пати да се потопат во водата, и го призиваа над нив името на Света Троица, според чинот на крштевањето.
Така сиот киевски народ се крсти во 989-та година, во втората година по крштевањето на Владимир. Додека го наблудуваше крштевањето на толку многу народ, свети Владимир многу се радуваше, па ги крена очите и рацете кон небото и рече:
- Господи Боже, Кој си ги створил небото и земјата, погледни на Твоите новокрстени луѓе и дај им навистина да Те познаат Тебе, вистинскиот Бог, утврди ги во православната вера, а мене помогни ми против видливите И невидливите непријатели и прослави го во Руската земја пресветото име Свое!
По крштевањето на народот Владимир веднаш нареди да се срушат сите идолски храмови до темел, а главниот идол Перун да го врзат за опашот на еден коњ и да го влечат од гората кон Дњепар. Одреди и дванаесет мажи влечениот идол да го тепаат со стапови. Тој го стори тоа не за идолот да почувствува болка, зашто е од дрво и без чувства, туку за на демонот да му нанесе што поголем срам. И го довлекоа идолот Перун до брегот и го фрлија во реката, а водата го однесе далеку. Го дотера до една висока гора, која и денес се нарекува Перунова.
Старите раскажуваат и дека верните зеле некој друг идол и го одвлекле над Дњепар да го потопат, а некои безмилосно го удирале со тојаги и го фрлиле во реката. Додека го носела водата луѓето се уште помрачени во неверието плачеле по него. Тие оделе покрај брегот и тажеле: „Видибај, господару наш боже, Видибај!“ - односно испливај и излези на брегот.
Идолот, покренат од неговиот демон, излегол на брегот каде што денес се наоѓа манастирот Видубицки. Но, кога неверните сакале да го земат, верните дотрчале, му врзале еден камен, повторно го фрлиле во реката и го потопиле, а местото каде беше излегол од тогаш се нарекува Видубичи.
И сите останати идоли, со наредба на големиот кнез беа сокршени и некои во вода а други во оган фрлени. Некои се уште неразумни граѓани плачеа и лелекаа за пропаста на своите стари богови, а разумните велеа:
- Умен е кнезот со неговите бојари. Тие знаат кој бог е подобар. Ако беа добри старите богови, тие не би наредиле да се уништат, ниту би избрале друга вера.
Потоа Владимир нареди на тие места да се градат свети цркви. На почетокот тој ја изгради црквата Свети Спас на местото каде што се наоѓал идолот Перун. Потоа изгради црква во име на свети Василиј Велики, бидејќи и самиот на светото крштение го доби името Василиј, и многу други цркви подигна насекаде. Но особено многу труд вложи околу градбата на црквата од камен во име на Пречиста Богородица, која подоцна беше наречена Десјатинаја, која за време на Батиј беше срушена и остана само дел од неа. Таа црква беше поголема и поубава од сите цркви во Киев, изградени во времето на кнезот Владимир. Неа ја изградија премудри грчки неимари, и ја украсија со секоја убавина. На нејзиното осветување влезе во неа кнезот Владимир и, како некогаш Соломон во својот храм, се помоли на Бога, говорејќи:
- Господи Боже, погледни од небото и види, посети го ова лозје И усоврши го, зашто го засади Десницата Твоја! Погледни на овие Твои нови луѓе, чии срца ги вразуми да Те познаат Тебе, вистинскиот Бог! Погледни и на оваа црква, што ја изградив Јас, Твојот недостоен слуга, во име на себеспрекорната Мајка Твоја, Приснодева Богородица. И кој со вера и усрдност ќе се помоли во оваа црква, услиши ја неговата молитва, прости му го секој грев и дај му се што е корисно по молитвите на Пречистата Богомајка.
После таквата долга молитва, Владимир рече:
- Еве, од сиот мој имот и од сите мои градови, давам десетина за оваа црква на Пречиста Богородица.
Тој и писмено го потврди тоа и изрече клетва за оние што ќе се осмелат да земат нешто од даденото на црквата. Од тоа време таа црква беше наречена Десјатинаја. И кнезот ја довери на гореспоменатиот протопопц Анастас и во неа ги внесе моштите на свети Климент, папата римски, и ги подари сите скапоцени работи, што ги донесе од Херсон.
Кнезот Владимир посвети голема грижа и за образованието. Тој нареди неговите синови и многу бојарски деца да се учат на грчката писменост, а и за руското писмо им одреди искусни учители. Покрај тоа нареди во школата да се земаат и децата на простите родители. Тогаш многу глупи мајки плачеа за своите деца како да умреле.
Тој имаше желба да ги просвети не само Киев, туку и целата своја држава, па испрати по сите градови да се крсти народот, а на оние што одбиваа им одредуваше голем данок. И живееше Владимир богоугодно и праведно, откако ги промени своите древни незнабожечки обичаи. И беше упатен на секоја доблест од својата чесна сопруга, принцезата Ана, со која живееше според христијанскиот закон. А останатите претходни жени, кои ги имаше пред крштевањето, тоој богато ги обдари и ги остави на нивната волја, ако сакаат да се омажат за друг. А пак, на својата прва жена Рохмида, ќерката на полтецкиот кнез Рогволд, која му беше помила од останатите, при враќањето од Херсон и испрати ваква порака:
„Јас ја примив христијанската вера и треба да имам една жена, која сега и ја зедов меѓу христијаните. А ти, одбери си за себе некој од моите велможи и омажи се за него“.
Таа му одговори:
„Зарем само тебе ти е потребно Небесното Царство, а не и мене? Освен тоа, јас како кнегиња не можам да поднесам да бидам слугинка кај твој слуга. Затоа нема да се мажам, туку те молам, уневести ме за твојот Христос“.
Додека таа го зборуваше тоа, покрај неа седеше нејзиниот син Јарослав, кој беше хром од раѓање. Кога ги слушна ваквите зборови од својата мајка, тој Му заблагодари на Бога за нејзината благоразумност и добрата одлука, и веднаш оздраве и започна да оди. Владимир двократно се израдува за Рохмида. Откако го прими крштевањето, Рохмида се замонаши и го доби името Анастасија.
Потоа Владимир испрати молба во Цариград кај тогашниот свјатјејши патријарх Сергиј! да му испрати архиереи и ереи, бидејќи жетвата е голема а работниците малку. На многу руски градови им беше потребна просвета, а немаше доволно луѓе, подготвени за духовниот чин, бидејќи школувањето меѓу нив неодамна започна. На таа молба патријархот му го испрати епископот Јоаким Херсонецот, и други епископи со него и многу презвитери.
Со нив Владимир отиде во Ростовската и Суздалската област, и основаше град над реката Клјазма и му го даде своето прво име Владимир. Во него изгради црква на Пресвета Богородица, и нареди насекаде да се крштеваат луѓето, да се градат цркви, и им даде епископи. Оттаму отиде во Ростов, подигна дрвена црква и даде епископ. А потоа во Велики Новгород за архиепискои го остави Јоаким Херсонецот. Овој архиепископ го сруши таму идолот Перун, сличен на оној киевскиот, и нареди едни да го влечат кон реката Волхов а други да го тепаат со стапови за поруга на демонот. А демонот што живееше во идолот започна силно како од болка да вика:
- Тешко мене, тешко мене! Паднав во рацете на овие немилосрдни луѓе, кои вчера како бог ме почитуваа, а сега огромно зло ми причинија! Леле, леле!
Луѓето го довлекоа и го фрлија во реката Волхов, и веднаш потона на дното, па потоа накратко исплива на површината и заплива по реката. Еден човек фрли по него стап, а идолот го дофати и го фрли на мостот, каде удри некои од оние што во своето беззумие жалеа за него, па потоа повторно викна, потона и загина.
Свети Владимир ги посети и останатите позначајни градовина на својата држава и насекаде го крштеваше народот, градеше цркви и поставуваше епикопи и презвитери. Потоа се врати во својот престолен град Киев и Руската земја ја раздели на дванаесет кнежевства, според бројот на своите синови. Најстариот син Вишеслав го постави во Велики Новгород, Изјаслав во Полоцск, Свјатополк во Туров, Јарослав во Ростов. А кога Вишеслав умре во Велики Новгород, тој на негово место го доведе Јарослав од Ростов, а во Ростов го постави Борис. Во Муром го постави Глеб, во Древњан Свјатослав, во Владимир Всеволод, во Тмуторокан Мстислав, во Смоленск Станислав, во Луцка на Волин Брјачислав, во Псков Судислав. Строго им нареди да живеат во ЈБубов и слога, да не се навредуваат еден со друг, ниту да ги повредуваат границите еден на друг, туку секој да биде задоволен со своето кнежевство. На сите им заповедајше, секој во своето кнежевство да ја зголемува славата на Христа Бога и да бара спасение за човечките души, неверните да ги приведува во верата и цркви да гради. Затоа на сите свои синови им даде епископ и презвитери.
Откако така уреди се, кнезот Владимир живееше во Киев, сега веќе остарен. Беше ревносен во добрите дела, градеше цркви и манастири, ги ускрасуваше, даваше изобилна милостиња на сите и често приредуваше богати трпези за сиромашните во својот дворец. А на болните што не беа во состојба да доаѓаат, тој им испраќаше најразлични намирници. Со соседните држави Полска, Унгарија и Чешка живееше во мир и љубов, а единствено водеше војна со печењезите, но со силата Христова ги победуваше.
Свети Владимир беше толку милостив и милосрден, што не брзаше со казнувањето и на закоравените злосторници. Поради тоа се намножија разбојниците, крадците и останатите злотвори. Митрополитот со старците го праша кнезот Владимир:
- Кнезу, зошто не ги казнуваш злите?
Тој одговори:
- Се плашам од гревот.
Тие му одговорија:
- Ти си од Бога поставен да ги казнуваш лошите а да ги милуваш добрите. Ако не го правиш тоа им нанесуваш зло на добрите и се множат лошите. Казнувај ги, за добрите да живеат во мир.
За време на светиот кнез Владимир од Света Гора дојде нашиот преподобен отец Антониј и се насели во варјашската пештера над Дњепар, близу Берестов. Потоа наближи блажената смрт на светиот Владимир. Три години пред тоа се престави кај Господа неговата сопруга, големата кнегиња Ана, виновничката за просветувањето на целата Руска земја. Пред своето заминување кај Бога, свети Владимир го повика кај себе својот син Борис, зашто му беше најмил. Се случи во исто време да дојде во Киев и Свјатополк.
Во меѓувреме стигна извештај до Владимир дека печењезите доаѓаат во напад на Русија. Бидејќи Владимир беше болен и не можеше сам да им се спротивстави, го испрати својот син Борис, со сета своја воена сила. Свети Владимир од ден на ден беше се понемоќен. А пак Свјатополк не заминуваше од Киев, очекувајќи, или подобро речено, посакувајќи ја татковата смрт.
Кнезот Владимир боледуваше долго, уреди се што е потребно за својот христијански крај и ја предаде својата праведна душа во рацете Божји, во петнаесеттиот ден на месец јули 1015-та година.
Така се упокои светиот голем кнез Владимир на светото крштение Василиј, по триесет и пет години на престолот на големото Киевско кнежевство. Властоубивиот Свјатополк се израдува на смртта на својот татко, со желба да се дограби до престоло. На почетокот тој ја таеше неговата смрт, но бидејќи не можеше да ја сокрие го пренесе неговото чесно тело во црквата на Пресвета Богородица Десјатинаја. И се собра целиот град со околните жители, духовници и мирјани, кои плачеа и ридаа како за свој татко и посредник за спасението. Му приредија свечен погреб, го положија во мермерна гробница во таа иста црква што самиот ја изгради. Потоа одредија во негов спомен да се празнува како за свет и рамен на Апостолите, зашто сета Руска земја тој ја просвети со светото крштение. Речено е од Господа: „Кој еден грешник обрати од заблудата и го одвои драгоценото од лошото, ќе биде како уста Божја“ (Ерем.15, 19; Јаков 5, 20). Свети Владимир, кој толку грешници од незнабожниот народ обрати кон Бога од погубната идолска измама и од недостојни ги направи достојни за Бога, се најде како уста Божја и беше вброен меѓу светите во Царството на нашиот Бог Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест, слава, благодарност и поклонување, сега и секогаш и низ сите векови.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АВУДИМ
Светиот маченик Авудим пострада во 299-та година, за време на царот Диоклецијан. Присилуван како христијанин да им принесе жртва на идолите, тој не се согласи. Затоа го положија на земјата, го врзаа и го тепаа. Откако не сакаше да вкуси од идолските жртви, му го стругаа телото со железни нокти. Најпосле му ја отсекоа главата. Така овој победоносец се искачи на небото.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЛОЛИАН
Клоцан од џелатите, овој свет маченик се упокои во Господа.
СПОМЕН НА БЛАЖЕНИОТ ЈУСТИНИЈАН 2ри, НОВИОТ
Благочестивиот византиски цар Јустинијан 2ри Ринотмит (685-693 г) поживеа побожно и беше погребан во храмот на Светите Апостоли во Цариград.
СПОМЕН НА НАОЃАЊЕТО НА ЧЕСНАТА ГЛАВА НА ПРЕПОДОБНА МАТРОНА
Хиополитиса
Споменот на нашата преподобна мајка Матрона се врши на 20 октомври, каде се наоѓа нејзиното опширно житие. А денес се слави чесното наоѓање на нејзината света глава, која беше најдена многу подоцна од нејзиното свето преставување, и тоа при проширувањето на нејзиниот храм на островот Хиос. Во таа прилика се исцелија многу болни и парализирани, а една нема жена проговори. Нејзините свети мошти и денес се чудотворни.