29. Јули (16. Јули)

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК АТИНОГЕН ЕПИСКОПОТ

и десетмината негови ученици

Незнабожниот римски цар Диоклецијан крена страшно гонење против христијаните и сите што побожно живееја беа во опасност. Страв владееше насекаде и многумина меѓу себе се предаваа на смрт. Таткото го предаваше синот, братот брата си, роднините меѓу себе, - сите од страв од царот. Во ерменскиот град Севастија дојде некој игемон на име Филомарх. Тој собра многу идолски жреци и им нареди со венци на своите глави, со веселба и славење, со труби и кимвали, гусли и свирки, да им принесуваат жртви на нечистите богови. А тој, пак, седнат на отворената судница пред народот, му нареди на гласникот на цел глас да објави:

- Почујте граѓани и сите благородни луѓе! Царот наредува сите да им принесете жртви на боговите!

Многубројниот народ викна:

- Ние сме христијани и нема да им се поклониме на идолите!

Тогаш мачителот им нареди на војниците да го тепаат народот, и мнгоумина умреа за Христа и примија небесни венци. Потоа кај него пристапи старешината на војничкиот одред Никола, и рече:

- Господине игемоне! Овде има еден христијански епископ на име Атиноген, кој сите ги прелестува во својата вера, а живее во селото Пидахтои. Игемонот веднаш испрати војници да го доведат. А кај свети Атиноген, близу тоа село, на исклучително осамено место имаше мал манастир, во кој тој со десетмина свои ученици живееше во пост и молитви.

Војниците не го затекнаа епископот, па ги врзаа неговите ученици и ги одведоа во Севастија. Игемонот нареди да ги одведат во темница, да ги оковаат и добро да ги чуваат, а на војниците им рече:

- Пронајдете ми го нивниот учител.

Војниците веднаш тргнаа да го бараат насекаде. А Божјиот човек Атиноген, кога се врати во манастирот и не ги затекна своите браќа, влезе во молитвениот храм и гледајќи во чесниот Крст со солзи велеше:

- Каде се браќата што тебе ти ги доверив? Кој со мене ќе ги принесува вообичаените молитви на Бога? Каде се прекрасните маслинови гранки? Што се случи со нив? Не знам.

Светителот беше многу тажен. Излезе од манастирот, одеше околу него, се чудеше и не можеше да сфати каде заминале. Во еден момент кај него притрча кошута, која тој неодамна со своите раце ја отхрани, се милуваше околу него и му ги лижеше рацете. Потоа сретна еден познаник, кој му рече:

- Каде беше, свети владико, кога ги одведоа твоите ученици? Игемонот испрати војници да ги врзат и да ги одведат во градот, за таму да ги мачи и усмрти.

Светителот многу се израдува, погледна во небото и рече:

- Ти благодарам, Господи Исусе Христе, што своите прекрасни слуги си ги повикал во Царството Небесно!

Потоа ја испрати копгутата во пустината и веднаш се упати кон Севастија. Штом дојде до судницата, силно викна:

- Зошто ме испокраде, мачителу? Зошто ја опњачка мојата црква? Бог нека го види твоето злодело и нека го фрли Својот гнев врз тебе!

Војниците веднаш го фатија, зборувајќи му на игемонот: -

- Еве го Атиноген, по кого испрати потера. Тој многу ја навредува твојата светлост.

Игемонот веднаш нареди да го фрлат во темницата кај браќата. Светителот многу им се израдува кога ги виде и им рече:

- Нека ви се множи мирот, и благодатта Христова нека биде со вас, дечиња мои мили. Вие се покажавте угодни на Бога, затоа и тој ве повика на ручек небесен. Бидете храбри и не плашете се од заканите на мачителот. Господ ќе ви помогне утре да го довршите подвигот и со ангелите и хоровите на Светии ќе живеете во рајските радости. Во вечна веселба ќе Го славите небесниот Владар! Утредента мачителот нареди да го изведат пред него Атиноген со десетмината ученици, и им рече:

-Принесете им жртва на боговите според царската наредба. Ако не ме послушате ќе ве подложам на страшни маки и ќе ве лишам од животот, како што пред вас ги погубив непокорните.

Свети Атиноген му одговори:

- Оние, за кои ти велиш дека загинале, ликуваат на небесата со светите Ангели.

Игемонот рече:

- Немој да ме задржуваш, Атиногене, туку послушај ме и сите принесете им жртва на боговите, за да не загинете,

Светителот му рече:

- Нечист и бесрамен песу! Нема да не заплашиш со своите закани. Ние сме подготвени сè да претрпиме за нашиот Бог.

Игемонот многу се разлути и нареди десетмината ученици да ги соблечат, да ги обесат на мачилиштето и безмилосно да ги тепаат и да им ги стругаат телата. Додека страдаа, тие велеа;

- Спремни сме на рани за бесмртниот Христос! Нема да се одречеме од Тебе, Владару, Боже наш!

Кога го виде нивното јунаштво и трпение, мачителот нареди да ги посечат со меч. Така тие со слава преминаа во рајските населби.

По убиството на светите десетмина маченици, игемонот му се обрати на епископот:

- Каде е твојот Христос, за Кого велиш дека е Бог? Зошто не дојде и не ги избави твоите ученици од моите раце?

И веднаш нареди да го обесат гол на мачилиштето и да го тепаат. Тепан, тој зборуваше:

- Ти благодарам, Боже, што ме удостои да страдам за Твоето име!

Игемонот го праша:

- Зошто и тебе не те избавува твојот Бог од моите раце?

Маченикот одговори:

- Ме избавувал и ќе ме избави од твоето зло лукавство, беззаконику!

Тогаш игемонот нареди да го симнат и повторно жестоко да го тепаат по ребрата. Светителот се обрати кон Бога и извика:

- Во Тебе, Господи, се надевам, спаси ме по милоста Своја!

И му дојде Божествен глас одозгора, кој рече:

- Биди храбар, избранику Мој! Јас сум со тебе!

Овој глас го слушнаа сите, и слугите повеќе не можеа да го мачат, зашто се преплашија и рацете им се вкочанија. А еден пријател на игемонот, на име Филип, кој седеше со него, рече:

- Нели ти велев дека христијаните се маѓепсници? Веднаш погуби го, за да не започнат да се соблазнуваат гледачите. Игемнот веднаш го осуди на посекување со меч, а светителот му рече: - Те молам, дозволи да ме одведат во мојот манастир и таму да ме погубат. Игемонот ја исполни неговата молба. Попат пееше стихови од Давидовите псалми, радосен што наскоро ќе се раздели од телото и ќе премине кај Господа. Пред манастирот кошутата излезе од пустината, му се поклони, а тој и рече:

- Лишена си од браќата. Еве се лишуваш и од оној кој те одгледа. Вечниот Бог нека те чува тебе и твоето потомство од рацете на ловџиите, и твоето потомство нека доаѓа ваму, за храна на оние што ќе доаѓаат да го празнуваат нашиот спомен во слава Божја.

Кошутата, ронејќи солзи падна пред нозете на светителот, а тој ја осени со крстниот знак и и рече:

- Оди си со мир во пустината!

Свети Атиноген се помоли на Бога во својот манастир, велејќи:

- Господи, Боже мој, прими ја во мир мојата душа и удостој ме да бидам со моите браќа, за заедно да го славиме Твоето пресвето име низ сите векови! Дај им, Господи, Твој вечен благослов на сите што со еубов ќе го почитуваат мојот спомен, и на сите што во своите молитви кон Тебе го спомнуваат моето име. Јави им ја Својата благодат и дај им брза помош во секоја нивна неволја!

Додека така се молеше, му дојде глас од небото:

- Денес ќе бидеш во рајот со своите ученици и со Мене и сите молби ќе ти се исполнат!

Мачевикот многу се израдува од овој глас и весело ја стави својата глава под мечот. Така се упокои во Господа. Неговото чесно тело верните го погребаа на тоа исто место и се собираа секоја година во денот ва неговото упокојување, за свечено да го отпразнуваат неговиот спомен. И се случувало прекрасно чудо. Всушност, онаа кошута, која светителот ја беше одгледал и со благослов отпуштил во пустината, на негова заповед доаѓаше на празникот и ги доведуваше своите млади. Откако ќе ги оставеше, непречено заминуваше во пустината. Го правеше тоа секоја година за празникот и ги носеше своите млади за храна, во спомен и чест на светиот маченик Атиноген епикопот и десетмината ученици негови, а во слава на нашиот Бог Христос, со Отецот и Светиот Дух Славениот сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ЈУЛИЈА ДЕВИЦАТА

Кога Персијците го зазедоа славниот град Картагена во Африка, одведоа во ропство многу народ, а меѓу него и ова мало девојче, блажената Јулија, ќерка на знаменит човек на име Аналсон. Таа беше однесена во Сирија Палестинска и продадена на еден незнабожен трговец. Иако девојчето живееше кај незнабожен господар, сепак цврсто ја чуваше својата света вера во Христа и христијанските обичаи, научени од мала, и често се молеше и постеше. Како полнолетна будно ја чуваше својата девствена чистота, живееше во целомудрие и големо воздржание и верно му служеше на својот господар, според зборовите на Апостолот. Нејзиниот господар упорно се обидуваше да ја одрече од Христос и незнабожно да живее, но со никакви закани не му успеваше тоа, зашто таа беше подготвена попрво да умре за Христа отколку да отстапи од Него, или пак да се лиши од своето целомудрие. Многупати на нејзиниот господар му доаѓало да ја убие, но гледајќи ја како верно му служи и усрдно работи, се откажуваше од тоа и многу се восхитуваше на нејзиниот добар карактер, на кроткоста, смиреноста и строгиот пост. Гледаше тој дека таа пости секој ден, освен во сабота и недела, а слободното време го минува или во топли молитви кон Бога, или во читање на книги и многу малку спиење. Лицето постојано и беше бледо, а телото мршаво и изнемоштено од напорната работа и воздржанието. Нејзиниот господар многу се восхитуваше на тоа и започна да ја сожалува, да ја сака и почитува.

Јулија имаше повеќе од дваесет години кога нејзиниот господар трговец намисли со многу стока да замине за Галија. Тој со себе ја поведе и својата верна робинка Јулија, бидејќи забележа дека неговиот имот се зголемува под нејзин надзор, зашто Бог заради неа го благослови неговиот дом, како некогаш домот на Пентефриј во Египет ради Јосиф. Затоа тој со скапоцената стока ја поведе и својата слугинка, подобро речено Христовата слугинка, кога беше поскапоцена од секоја стока. Кога пловеше покрај островот Корзика, тој застана таму. Иако градовите на тој остров беа христијански, сепак имаше и многу незнабошци. Кога трговецот забележа во близина на пристаништето собир на свои истоверни многубошци, кои празнуваа и им принесуваа жртви на демоните, тој им пристапи, купи теле, го принесе на жртва и сите започнаа да јадат, да пијат и да се веселат. А света Јулија остана на коработ и од душа плачеше и тагуваше поради заблудата и гибелта на тие луѓе.

Еден човек од тој собир дојде на коработ и штом ја здогледа Јулија како плаче, сфати дека е христијанка и тајно го извести старешината. Тој, пак, веднаш го праша палестинскиот трговец:

- Зошто сите твои од коработ не дојдоа на нашиот празник и жртвопринесување?

А кога трговецот рече дека дошле сите, старешината возврати:

- Јас слушнав дека на твојот кораб има некоја девојка, која хули на нашите богови.

Трговецот одговори:

- За мојата робинка ли зборуваш? Та јас неа никако не успеав да ја одвратам од христијанската заблуда. Ако не ми беше толку верна и корисна во работата, одамна ќе ја усмртев.

Старешината му рече:

- Присили ја сега да им се поклони на боговите со нас. Или пак наместо неа ќе ти дадам четири свои робинки или пари, па ќе ја натерам да се поклони.

Трговецот одговори:

- Ти реков дека тоа е невозможно, зашто таа попрво ќе умре отколку да отстапи од својата вера. А да ти ја продадам не можам, зашто и сиот свој имот да ми го дадеш, не може да се спореди со нејзината служба. Навистина таа е многу предана и мојот имот се зголемува во нејзините раце, поради што сè ѝ доверив.

Тогаш старешината тајно се договори со своите и го опи трговецот. Кога заспа, многубошците ја фатија света Јулија и ја изведоа пред старешината, кој и рече:

- Девојко, принеси им жртва на боговите, па јас ќе те откупам од твојот господар и ќе те ослободам.

Светителката одговори:

- Моја слобода е да Му служам на Христос, Кому секојдневно Му служам со чиста совест, а од вашата заблуда се гнасам.

Старешината веднаш нареди да ја тепаа по образите, а таа велеше:

- Кога мојот Господ Исус Христос, заради мене беше тепан по образите и плукан в лице, зошто и јас да не го претрпам истото ради Него! Нека ме тепаат за Него и нека течат солзи од моето лице!

Мачителот нареди да и ја кубат косата и гола да ја тепаат по целото тело. Тепана, таа велеше:

- Го исповедам Оној, Кој заради мене беше тепан! Мојот Господ претрпе трнов венец и распнување на крст. Затоа и Јас, слугинката Негова, нека бидам заедничарка на Неговите страдања, за и јас да се прославам со Него во Царството Негово!

Мачителот нареди да и ги отсечат дојките, а таа Јуначки трпеше се од њубов кон Христа. Сакајќи да ја погуби пред да се разбуди нејзиниот господар, мачителот нареди веднаш да се направи крст и да ја распнат на него, како што некогаш евреите Го распнаа Христа. И света Јулија со своето страдање за Христа се уподоби на Самиот распнат Христос Господ, удостојувајќи се за Него да биде распната на крст.

Кога висеше на крстот и веќе умираше, се разбуди нејзиниот господар. Кога ја виде тој многу се нажали, но не можеше да ѝ помогне, зашто невестата Христова беше на последно издивнување. А кога нејзината света душа се ослободи од телесните узди, сите видоа како од нејзината уста излета гулабица, побела од снег, и одлета во висините кон небото. Освен тоа нејзините мачители видоа Ангели покрај неа. И сите се преплашија и побегнаа оттаму, само мртвото тело на светата маченица остана да виси на крстот. Но Господ Христос не го остави. Им заповедаше на Своите ангели да го чуваат додека не го уреди нејзиното чесно погребение на следниот начин.

Недалеку од островот Корзика има мало островче кое што порано се викало Маргарита, а денес Горгона. Во него имаше машки манастир. Таму ангел Господов им се јави на монасите и ги извести за се околу светата маченица Јулија. Им нареди веднаш да појдат на островот Корзика, да го симнат од крстот многунапатеното тело на светата маченица, да го пренесат во својот манастир и чесно да го погребаат. Монасите појдоа, го симнаа светото тело, го завиткаа во чисто платно, ги најдоа и нејзините отсечени дојки, фрлени во близина покрај еден камен, ги припоија на телото, го зедоа на коработ и се вратија во својот манастир, каде чесно го погребаа, славејќи Го Христа Бога, Кој ја поткрепи Својата слугинка на таков маченички подвиг. И се случуваа многу чудеса на нејзиниот гроб и се даваа исцеленија од сите болести.

Чудеса се случуваа и на местото каде што пострада. Христијаните од островот Корзика, откако дознаа за страдањето на светата маченица, во нејзино име изградија мала црква на самото место каде беше распната, бидејќи тоа место беше тесно. А онаму каде што беа фрлени нејзините отсечени дојки, под каменот бликна извор на слатка и целебна вода. Сите болни, кои пиеја од неа или се миеја, веднаш оздравуваа. Се случи и ова чудо: каменот до кој се допреа дојките на светителката (под кој бликна изворот), во тие времиња секоја година во денот на нејзиниот спомен точеше од себе нешто како пот, млечни капки, истовремено крвави, за сведоштво на дественоста и мачеништвото на света Јулија, која со својата девствена чистота се избели како млеко, и се обагри со крвта пролиена за Христа. Капеа такви капки целиот тој ден, од утрото до вечерта. И сите кои се помазуваа со нив се исцелуваа.

По многу години таа црквичка делумно се сруши и народот сакаше да изгради нова, поголема, на попространо место во близина. Кога се подготвуваа за градбата и сакаа да го постават темелот, утредента сиот материјал за градбата го најдоа пренесен кај старата црква. Зачудените зидари по извесно време пак го пренесоа материјалот на новото место, но преку ноќта повторно се беше пренесено кај старата црквичка. Таа ноќ стражарите видоа како светла девица на кола, во која беа впрегнати два бели вола, го пренесува сиот материјал на претходното место и сфатија дека светителката сака храмот да се обнови на истото место. Затоа постапија според нејзината волја.

Се случуваа и многу други чудеса и на двата острова, и на Корзика и на Горгона, додека оттаму не беа земени чесните мошти на светителката и пренесени во Бресчија. И по нивниот пренос жителите на Корзика доаѓаа во храмот на светата маченица, и не беа лишени од нејзината помош. Беа чувани од демонските напади по нејзините свети молитви и милосрдието на нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АНТИОХ

Беше родум од градот Севастија, и брат на светиот маченик Платон (кој се слави на 18 ноември). Како лекар по професија, тој одеше по градовите и ги лекуваше болните. Одејќи така низ краевите на Галатија и Кападокија, беше фатен од игемонот Андријан, веднаш обесен на дрво и многу мачен. Утредента беше ставен во котел полн со врело масло. Седум дена остана во тој котел што врие, но чуван со благодатта Божја излезе неповреден од него. Потоа беше фрлен на диви ѕверови, но тие умилно полегнаа крај него и му ги лижеа нозете. А еден ѕвер проговори со човечки гласи и го изобличи мачителот. Потоа светиот маченик се помоли на Бога и сите идоли испопаѓаа и се претворија во песок. Поради тоа му ја отсекоа главата. Од неговиот врат потече крв со млеко. Од ваквото чудо џелатот Киријак храбро изјави дека е христијанин и ги проколна Андријан и неговите идоли. Со наредба на Андријан му ја отсекоа главата, па и тој се искачи на небесата, за да блаженствува заедно со свети Антиох, Телата на двајцата чесни маченици беа погребани заедно.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ И БОГОНОСНИ ОТЦИ НА ПРВИТЕ ШЕСТ ВСЕЛЕНСКИ СОБОРИ

Во неделата која се паѓа помеѓу 13 и 19 јули, се прославува заедничкиот спомен на Светите и Богоносни Отци на првите Шест Вселенски Собори, и тоа:

Споменот на 318-те Свети Отци на Првиот Вселенски Собор во Никеја (325 г), кои ја осудија богохулната Аријанска ерес;

Светите 150 Отци на Вториот Вселенски Собор во Цариград (381 г), каде повторно беше осудено Аријанството и Духоборната ерес а исто така и Аполинариевата ерес;

Споменот на 200-те Свети Отци на Третиот Вселенски Собор во Ефес (431 г), каде беше осуден еретикот Несториј и неговото хулење на Христа; .

Споменот на Светите 630 Отци на Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон (451 г), кога беше осудено Ефтихиевото и Диоскоровото еретичко учење за Христа, таканаречената Монофизитска ерес;

Споменот на 165-те Свети Отци на Петиот Вселенски Собор во Цариград (553 г.), кои повторно ги осудија Несторијанската и Монофизитската ерес и посебно тројцата нивни следбеници, како и заблудното учење на Ориген;

Светите 170 Отци на Шестиот Вселенски Собор во Цариград (680-681 г.), каде беше осудена Монотелитската ерес, како и сите поранешни ереси.

Овде треба да ги додадеме и Отците на Светиот Трулски Собор, таканаречениот Пето-шести, во Цариград (692 г), кои со своето донесување на 102 свети канони ја дополнија работата на Петиот и Шестиот Вселенски Собор.

По молитвите на Светите Отци наши, кои Апостолската Вера Православна добро ја сочуваа и нам верно ни ја предадоа со Духот Свети, нека Господ Христос, како глава на Црквата Своја, ни ја подари и нам нивната ревносна и вистиноњубива вера, И спасение со нивно посредство. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АТИНОГЕН

Светиот маченик Атиноген ја составил вечерната песна „Светлино тивка на светата слава...“ (односно „Свјете тихиј“ што се пее на Вечерната). Се упокоил за Христа во оган и се удостоил на вечна слава во Царството Божјо.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ПАВЛЕ, ВАЛЕНТИНА и ТЕА

Овие свети маченици, брат и две сестри, беа родум од Египет. Фатени, тие беа доведени во градот Кесарија и изведени пред поглаварот Фирмилијан. Пред него Го исповедаа Христа како вистински Бог, и затоа на секого од нив им ја изгореа десната нога и им го извадија десното око. Потоа света Валентина и Теа беа обесени на дрво, па им ги стругаа телата и ги гореа со вжештено железо. Така ги усмртија. Додека го мачеа свети Павле, тој гласно се молеше, најпрвин за христијаните па потоа за евреите, самарјаните и сите незнабошци, да Го спознаат вистинскиот Бог и да престанат да ги гонат христијаните. Со оваа молитва тој до солзи ги трогна сите присутни. Потоа му беше отсечена главата. Така и тројцата ги примија венците на мачеништвото.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ПЕТНАЕСЕТ ИЛЈАДИ МАЧЕНИЦИ

Овие свети маченици пострадаа за Христа посечени со меч во Писидија, заедно со светата великомаченица Марина (види под 17 јули).

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ФАВСТ

Овој свет маченик пострада во 250-та година, за време на царот Декиј. Мачен за верата во Христа, тој смело Го исповедаше Господа Христа, па беше распнат на крст и изрешетан со стрели. По пет дена на крстот, тој ја предаде својата света душа во рацете на Бога, од Кого го прими венецот на мачеништвото.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ МНОГУ ЖЕНИ

Тие пострадаа за верата во Господа Христа посечени со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: РИГИН, МАКСИМИН, ПАТРОФИЛ, АМОН, ТЕОФРАСТ, КЛЕОНИК, ПЕТАР и ИСИХИЈ,

ученици на свештеномаченикот Атиноген

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК КИРИЈАК,

кој беше џелат а потоа сострадалник на св. мач. Антиох