30. Јули (17. Јули)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТАТА ВЕЛИКОМАЧЕНИЦА МАРИНА
Света Марина се роди во Антиохија Писидиска од високородни, но не благоверни родители туку помрачени со незнабожечкото, незнабожие. Нејзиниот татко Едесиј беше идолски жрец. Тој својата ќерка Марина, која уште во пелени остана без мајка, ја предаде на една доилка која што живееше во едно село, недалеку од градот. Таму девојчето израсна во многу убава девојка, со уште поубава душа и се одликуваше со благоразумност и добар карактер.
Бидејќи во тоа време се крена гонење против христијаните, свештениците и клириците, учителите на Словото Божјо од страв од мачителот се криеја по пустините, горите и пештерите, а други по селата меѓу простиот народ. Се криеја преоблечени во немашни, но сепак, каде што можеа, тие тајно поучуваа во Светата Вера и многумина обраќаа кон Христа. Така се случи и дванаесетгодишната Марина од некој Божји човек да слушне за Христа Иисуса, вистинскиот Бог, како Тој се воплоти од Светиот Дух во утробата на Пречиста Дева и се роди од Неа, сочувувајќи го Нејзиното девство недопрено. Дека Тој изврши многу чудеса, доброволно пострада за спасението на луѓето, умре и воскресна, се вознесе на небото и приготви бесконечен живот, слава и вечно царство, за оние што веруваат во Него и Го сакаат.
Од тие зборови благоразумното девојче Марина поверува во Господ Христос и единствено за Него размислуваше. Се претвораше во уво кога ќе слушнеше дека некаде се зборува за вистинскиот Бог. И како што во Него веруваше со срцето, така не се срамеше и да Го исповеда, иако не беше крстена, бидејќи немаше христијански свештеник кој би ја крстил. Марина сакаше својата крв да ја пролие за Христос и да се крсти во неа, како што беше слушала за многу свети маченици од двата пола, дека се крстиле во својата крв, полагајќи ги своите души за Господа.
Кога дозна дека неговата ќерка Марина поверувала во Христос, Едесиј ја намрази, ја отфрли и се однесуваше со неа како со туѓинка. Девицата сета своја надеж ја положи во Отецот небесен. Кога имаше петнаесет години, таа еднаш отиде во полето да ги види овците на својот татко. Во таа прилика се случи да го сретне епархот на источните покраини Олимвриј, жесток мачител на христијаните, кој одеше за Антиохија Писидиска. Кога ја здогледа преубавата девојка, епархот се зачуди на нејзината необична убавина, се занесе и намисли да ја земе за жена. Затоа застана и започна да ја распрашува:
- Од каков род си девојко, чија ќерка си и како се викаш? Кажи ми ја вистината за тебе. Гледам дека си многу убава. Ако си од слободни родители ќе стапам во брак со тебе, ако пак си нечија робинка, ќе те откупам и ќе те земам кај себе.
Девицата, која повеќе ја красеше целомудрието отколку убавината, кротко одговори чија ќерка е и како се вика. Не го сокри и тоа дека е слугинка Христова, дека верува во едниот Бог, Кој ги створил небото и земјата, дека е соединета со Него со срдечна љубов и дека друг не сака. Штом слушна дека е христијанка, епархот веднаш им нареди на војниците да ја поведат со нив во градот, но со чест, зашто тој уште повеќе ја засака од нејзините девствени благоразумни зборови и се надеваше дека со закани брзо ќе ја одврати од Христа и ќе ја придобие. Водена од војниците, девицата на сиот глас се молеше на Бога, велејќи:
- Господи Исусе Христе, Боже мој! Не оставај ме, не дозволувај да ме совладаат моите непријатели! Да не се оскверни мојот слух од нивните лукави зборови! Да не се промени мојот ум од нивното ласкање! Не дозволувај мојата вера да биде фрлена во калта. Да не се израдува заради мене ѓаволот, туку испрати ми помош од Својот свет престол, дај ми мудрост, отвори ја мојата уста поткрепена со Твојата сила и поучувана со Твојата благодат, без страв да му одговарам на мачителот. О, Господи мој! Милостиво погледни кон мене, зашто сега сум како овца меѓу волци. Дојди и избави ме!
Така се молеше попат, додека не стигнаа во Антиохија Писидиска, каде епархот по обичај најпрвин им принесе жртви на нечистите богови и сите христијани што ги фати ги фрли во темница, а девицата Марина ја довери на чување кај некои угледни жени. Наредниот ден подготви свечено судење пред народот и нареди најпрвин да ја доведат Марина на сослушување, зашто сиот беше обземен од мисли за неа. Додека сладострасно ја наблеудуваше нејзината неискажана убавина, започна ласкаво да и зборува дека ја жали нејзината младост и убавината на нејзиното младо тело, па затоа ја моли да им принесе жртви на боговите, та ќе добие многу имоти и богатства, ќе биде посреќна и попочитувана од сите жени во овој град.
Света Марина му одговори:
- Јас Го исповедам Небесниот Отец и Единородниот Син Негов и Пресветиот Дух, Едниот во Троица Бога, Нему Му се поклонувам и нема да им се поклонам на боговите што не ги познавам, ниту ќе им принесам жртва, зашто се бездушни и несвесни дали ги почитуваат или бесчестат.
Епархот рече:
- Те молам, Марина, послушај ме и веднаш ќе бидеш удостоена на огромни почести пред очите на сите граѓани. Ќе те земам за жена и сите ќе те почитуваат а во спротивно ќе искусиш многу зла. Ќе ме натераш без да сакам да те мачам и да те усмртам со неподносливи маки.
Светителката одговори:
- Немој да се надеваш дека со ласкања или закани ќе ја промениш мојата вера во Христа. Јас сум верна слугинка на мојот Господар, Кој доброволно пострада за мене. И кога Тој за мене претрпе крст и смрт без да го штеди Своето пресвето тело, примено од Пречистата Дева Марија, тогаш и јас сум должна да страдам и да умрам за Него, без да го штедам моето грешно тело. Затоа, немој да мислиш дека ќе ме заплашиш со своите закани. Подготвена сум и за смрт, зашто ќе ме крепи Оној во Кого се надевам. А се што ми зборуваш за бракот, за угледот, за славата, за богатствата, сето тоа ми е одвратно. Никогаш нема да го отфрлам мојот бесмртен Младоженец, Небесниот Цар Христос, и да стапам во брак со смрдлив пес, кој е мртов со душата. Никогаш!
Епархот многу се навреди, а уште повеќе разјари, и веднаш ја претвори љубовта во омраза и нареди да ја соблечат невестата Христова и беспоштедно да ја тепаат со стапови. Толку ја тепаа, што нејзиното девствено тело се распаѓаше од раните и крвта ја заливаше земјата. Народот сочуствуваше со неа и многу плачеше, а гласникот викаше:
- Марина, принеси им жртва на боговите! Не губи ја залудно својата убавина. Не лишувај се од слаткиот живот пред време.
Но, таа со кренати очи кон Бога се молеше, просејќи помош одозгора и крепена со благодатта Христова не чувствуваше болки, туку како во туѓо тело трпеше. Некои од народот и зборуваа:
- Девојко, зошто со својата непокорност ја погубуваш твојата убавина? Свирепиот судија ќе те погуби и ќе исчезне споменот за тебе, а ние те жалиме!
Светителката прекорувачки им велеше:
- О, лукави советници и зли помошници! Како што змијата и даде на Ева лукав совет во рајот, така и вие сега ме советувате мене да отстапам од мојот Бог. Отстапете од мене.
Кога слугите престанаа да ја тепаат, мачителот и рече:
- Ова е почеток на твоите маки, Марина! Ако останеш непокорна ќе доживееш уште поголеми.
Светителката одговори:
- Прави што сакаш, а јас не им обраќам вниманите на маките, зашто ми помага Христос, Кој наскоро ќе ги посрами сите ваши лукавства.
Епархот уште повеќе се разјари и нареди да ја приковаат маченицата со клинци на даска, па телото да и го стругаат со железни трозапци. Таа ги крена очите кон небото и рече:
- Ме опколија многу непријатели мислејќи ми зло, но Ти, Господе мој, погледни на мене и испрати ми го на помош Животворниот Твој Дух. Тој нека ме научи да Го исповедам Твоето пресвето име до последниот здив, и нека ми даде сили јуначки да му се спротивставам на ѓаволот и неговите слуги, за да ги победам и посрамам! Удостој ме да бидам пример за оние што Те љубат и заради Тебе го чуваат своето девство, за заедно со нив да застанам од Твојата десна страна во времето на Твојот праведен суд!
Така се молеше светата маченица, а немилосрдните слуги уште посилно го кинеа со трозапците нејзиното свето тело. Парчиња паѓаа по земјата, течеше многу крв и се гледаа голи коски. Епархот го покри лицето со рацете од таквата глетка, се сврте, а сите присутни се восхитуваа на нејзиното трпение. Потоа тој повторно и се обрати со зборовите:
- Кога ќе се смилуваш на себе? Ете, телото ти е раскинато! Ајде принеси им жртва на боговите за да не се уништиш!
Маченицата одговори:
- Одвратен песу и свињо! Ти јадеш човечко месо, а овде се правиш милостив и божем ме жалиш. Но, јас не се жалам себеси ради Христа, Кој заради мене се предаде Себеси на големи маки. Ако те послушам, мојата душа нема да се овенча во Царството Небесно.
Потоа епархот нареди да ја фрлат сама во длабока и мрачна темница, полна со демонски страшила, во која ги фрлале осудените на смрт. Светата маченица се молеше на Бога во таа темница од дното на срцето:
- Семоќен Боже, пред Тебе со страв стојат сите небесни Сили, и сите Началства и Власти треперат пред лицето Твое, и секоја твар со Твојата семоќна сила се држи, менува и обновува! Ти, Владару, погледни од престолот на славата Твоја кон мене смирената, непотребната и недостојната слугинка Твоја, зашто во Тебе се надевам, кон Тебе прибегнав и страдам за името Твое. Погледни, Милосрдни! Исцели го ова мое раскинато тело, обнови ми ја душата и сочувај ја за Царството Твое! Дај ми да го совладам и згазам мојот непријател, за со Твојата непобедлива помош да ја сотрам неговата сила, та во мене да се прослави Твоето пресвето име за навек.
Додека светителката непрестајно се молеше на Бога, ѓаволот се осмели со страшни привиденија да ја исплаши, зашто Бог го дозволи тоа за поголемо прославување на Својата угодничка. Темницата ненадејно се затресе, се појави некоја мрачна светлина, а по неа ѓаволот во вид на шарена, огромна, страшна змија. Неговото тело, колку што се гледаше, го опкружуваа и опашуваа многубројни мали змии и гуи. Таа ужасна змија од својата одвратна челуст испушташе неподнослива смрдеа. Кружеше околу маченицата и јаплашеше, а потоа ја нападна да ја проголта. И маченицата изгледаше како проголтана, како некогаш пророкот Јона од китот. Но, таа го впери сиот ум во Бога, се осени со крсниот знак и веднаш виде како се распукна утробата на змијата и се виде и себеси како излезе од неа неповредена. Во тој миг исчезна тој страшен ѓаволски привид, зашто земјата се отвори, ја проголта змијата и сите змии со неа, а светата маченица ја осветли небесна светлина. И таа виде како кровот на темницата се отвори и светлосни зраци слегуваат врз неа одозгора со голем крст кој блескаше со неискажана светлина, а над крстот гулабица бела како снег, која со човечки глас ѝ зборуваше:
- Радувај се, Марина, разумна гулабице Христова, зашто го победи злобниот враг Радувај се и весели се, ќерко на севишниот Сион, што дојде денот на твојата веселба, во кој со мудрите девојки ќе влезеш во неразрушливиот дворец на бессмртниот Младоженец, Небесниот Цар!
Света Марина се исполни со неискажана радост и сладост, нејзиното раскинато тело се залечи, самата чувствуваше како И зараснуваат раните, се покриваат со кожа, исчезнуваше секоја болка и немоќ, и повторно беше здрава и прекрасна со телото како порано. Таа започна радосно да Му благодари на Бога, зборувајќи:
- Те благословувам, Владико, и Те прославувам, Господи Боже мој, и го фалам Твоето име што се сожали, ме посети, го исцели моето тело, ја поткрепи мојата душа, ме избави од непријателот. А сега со радост Те молам, удостој ме на бањата на светото крштение, за измиена со крвта и водата, достојна да влезам во Твојот небесен чертог со светите девојки, невестите Твои, зашто си благословен за навек.
Кога осамна епархот Олимвриј нареди да ја изведат маченицата на суд, и кога ја здогледа со светло лице и потполно здрава, без никаква трага од вчерашните рани, многу се зачуди. Молчеше запрепастен, зашто не можеше да сфати како оздравела за една ноќ. И народот се чудеше на ова чудесно исцеление. И едни ја величаа силата Христова, а други го припишуваа тоа на маѓии. Потоа епархот со мака ја отвори својата уста и започна да и зборува:
- Гледаш ли, Марина, колку се грижат за тебе нашите богови? Тие те исцелија од твоите рани. Од благодарност треба да им принесеш жртви и да бидеш наследничка на твојот татко, кој им служи како жрец.
Светителката одговори:
- Не ми доликува да го оставам вистинскиот и жив Бог мој, и да им служам на вашите мртви богови. Напротив, ти треба да Го познаеш единствениот небесен Бог и да поверуваш во Него, зашто ја гледам неговата сила на мене. Ти вчера ме раскина на парчиња, а Тој сега за еден час ме оздрави. Значи, Тој е семоќниот Лекар на душите и телата.
Закоравениот епарх нареди повторно да ја мачат, и пак ја обесија на мачилиштето, донесоа запалени свеќи и ја гореа, а таа се молеше на Бога, трпеше и молчеше додека телото и го испекоа како за јадење. И кога одвај жива ја симнаа од мачилиштето, таа викна:
- Господи, Ти ме удостои за Твоето име да поминам низ оган. Удостој ме да поминам и низ водата на светото крштение, за измиена од гревовите да ме внесеш во Твојот покој.
Кога слушна дека маченицата спомна вода, мачителот рече:
- Жедна е бедната, треба да ја напоиме!
И нареди да донесат голема бочва со вода, па маченицата врзана да ја фрлат во неа и да ја удават. Пред да ја фрлат во водата, таа гласно рече:
- Господи Христе, Ти ослободуваш од оковите, Ти ги одврзуваш уздите на смртта и адот, Ти подигаш од гробовите со Твојата божествена сила. Погледни сега и на слугинката Твоја и раскини ги уздите нејзини. Оваа вода нека ми биде саканото свето крштение и раѓање за вечен живот, за откако ќе го соблечам стариот човек, да се облечам во новиот, и во свадбена облека да се јавам пред Тебе во Твојот черток!
Додека маченицата така се молеше, слугите ја фрлија во бочвата и започнаа да ја потопуваат. Тогаш земјата се затресе, се искинаа јажињата со кои беше врзана, а преплашените слуги побегнаа. Над главата на маченицата блеснаа зраци со неискажана светлина и повторно се појави онаа бела сонцелика гулабица, која носеше златен венец во клунот. Таа лебдеше над главата на маченицата, па повторно леташе во воздухот.
Тоа видение беше видливо не само за светителката, туку и за некои од присутните беа достојни, зашто многумина меѓу народот беа потајни христијани. А светата стоеше во водата и пееше, славејќи Го и благословувајќи Го името на Пресвета Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух. Потоа над неа се јави огнен столб, кој досегнуваше до небото. Врз столбот имаше крст од кристали, кој испушташе од себе блескави зраци.
Гулабицата летна и застана на врвот од крстот. И дојде одозгора глас, кој сите го слушаа:
- Мир на тебе, Марина, невесто Христова! Сега ќе примиш несвенлив венец на убавината од рацете Господови и ќе почиваш во Царството Небесно со Светиите.
Кога го слушнаа овој глас И видоа дека маченицата излезе од водата здрава, без траги од изгореници, мнозина од народот поверуваа во Христа и отворено изјавија дека се христијани, а игемонот се запрепасти и не знаеше што да прави. Многу разбеснет, тој ја сврте својата војска против народот и нареди да ги обезглават сите што Го слават името Христово. Тогаш плашливите побегнаа, а оние што вистински поверуваа, сами застанаа пред мечот. Беа убиени петнаесет илјади луѓе, кои со својата крв се крстија и од сите гревови се очистија, па влегоа во радоста на својот Господ, овенчани со мачеништвото (нивниот спомен е на 16 јули).
Потоа епархот ја осуди на посекување со меч и маченицата. На местото на погубувањето таа измоли малку време, па му се обрати на народот кој одеше по неа и сите ги советуваше да Го познаат единствениот вистински Бог и да се избават од демонската измама и идолопоклоничката гибел. Потоа долго се молеше за сите. Во меѓувреме ненадејно земјата се затресе, страв ги обзеде сите и многумина паднаа на земјата а меѓу нив и џелатот. Тоа нашиот Господ Исус Христос со светите ангели ѝ се јави од небото на Својата невеста, повикувајќи ја во Својот покој и пружејќи ги рацете да ја прими нејзината душа. А таа со неискажана радост го поттикна џелатот брзо да ја изврши наредбата. И ја стави својата чесна глава под мечот и беше обезглавена. А нејзината душа, земени на рацете Господови, беше внесена во небесните населби.
Така светата великомаченица Марина го заврши својот маченички подвиг во седумнаесеттиот ден на месец јули. Нејзиното страдање го опиша слугата Божји Теотин, очевидецот на сите нејзини мачења, кој се удостоил да ги види и виденијата кои што и беа откриени. Сето тоа тој им го предаде на верните за корист, во чест и спомен на возБубената невеста Христова, Марина, и во слава на човекоубецот Христос, нашиот Спасител, Кому со Отецот и Светиот Дух и од нас чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ СЕДМОЧИСЛЕНИЦИ КИРИЛ, МЕТОДИЈ, КЛИМЕНТ, НАУМ, САВА, АНГЕЛАРИЈ И ГОРАЗД,
апостолите и просветители Словенски!
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ИРИНАРХ,
игуменот Соловецки
На почетокот беше монах во Соловецкиот манастир. За своите доблести тој во 1614-та година со царска грамота беше поставен за игумен на Соловецката обител. Како таков многу го унапредил манастирот. На браќата им бил пример за духовниот живот. Се одликувал со строгост кон себе и снисходливост и кроткост спрема другите. Се преставил во 1628 година. Неговите свети мошти почиваат во црквичката со неговото име.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЛЕОНИД УСТНЕДУМСКИ
Овој руски светител од младоста се подвизувал во неколку манастири, меѓу кои Соловецкиот, Мирожскиот и други. Најпосле основал свој манастир на реката Луза во Вологдската губернија. Се подвизувал додека душата не му се исполнила со благодатна светлина и со силата на Светиот Дух. Како голем светилник многумина привлекол кон подвижничкиот живот. Е наречен Устнедумски затоа што еднаш го каснала отровна змија. А тој за тоа ниту сакал да мисли ниту да збори, и останал жив. Откако Му угодил на Бога, мирно се преставил на 17 јули 1653-та година. Неговите мошти почиваат во неговиот манастир.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ СПЕРАТ и ВЕРОНИКА
Со својата крв ја посведочија својата вера во Господа Христа,
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ЕФРАСИЈ,
епископот Јонополски
Во мир се преставил во својот Господ