2. Август (20. Јули)

ЖИТИЕТО И ЧУДЕСАТА НА СВЕТИОТ ПРОРОК ИЛИЈА ТЕСВИЌАНИНОТ

Пред да пристапиме на изложувањето на житието на свети Илија, боговидецот и славен ревнител за Бога, изобличувачот на беззаконитите цареви, прекорувачот на луѓето што отстапуваат од Бога, казнувачот на лажните пророци, прекрасниот чудотворец кому стихиите му се потчинуваа, кого небото го слушаше, големиот угодник Божји, кој досега пребива во тело и кој ќе дојде на земјата пред второто доаѓање Христово, - за појасен доказ на неговата ревност со која тој ревнуваше за Господ Бог, ние накратко ќе ги изложиме настаните што се случија пред него.

Избраните луѓе Божји, кои од дванаесетте синови Израилеви се размножија во дванаесет племиња, на почетокот сите сочинуваа едно неделиво, заедничко, едномислено царство со кое управуваше еден водач, почнувајќи од Мојсеј и Исус Навин, па преку судиите. Израилски сè до царот Давид и Соломон. По смртта на Соломон на престолот стапи неговиот син Ровоам, кој како млад не ги исполнуваше добрите совети на искусните старци, туку ги слушаше лошите совети на момчињата слични на себе, и стана тежок за своите поданици зашто ги оптоваруваше со прекумерни даноци и работа и ги казнуваше со тепање и прогонство. Тогаш десетте племиња Израилеви се одделија од него и си избраа друг цар на име Јеровоам, кој порано беше слуга Соломонов. Еднаш кога Соломон сакаше да го убие Јеровоам заради некоја негова вина, тој побегна во Египет каде и остана до смртта на Соломон. Меѓутоа, по Соломоновата смрт се врати во земјата Израилска и беше избран за цар од страна на десетте племиња што се одвоија од Ровоам. Така Соломоновиот син Ровоам царуваше во Ерусалим само на две племиња - на Јудиното и Венијаминовото. А Соломоновиот слуга Јеровоам царуваше над десет племиња Израилски, живеејќи во градот Сиким, кој тој го обнови од урнатините. Двете племиња што му останаа верни на Соломоновиот син беа наречени царство Јудејско, а десетте племиња што преминаа кај слугата Соломонов се нарекоа царство Израилско. Сепак сите племиња Израилеви, иако се разделија на две царства, заедно Му служеа на Едниот Бог, Кој ги створил небото и земјата, и не можеа да имаат друг храм освен Ерусалимскиот, подигнат од Соломон, и други свештеници освен поставените од Бога. Поради тоа во секое време многу луѓе од царството Израилско одеа во Ерусалим за поклонение и принесување жртва на својот Господ Бог. Израилскиот цар Јеровоам се вознемири и си помисли во себе: „Ако овие луѓе постојано одат во Ерусалим за поклонение на Бога, тогаш ќе посакаат повторно да преминат кај својот прв цар, синот Соломонов, а мене ќе ме убијат“.

Тој започна да бара начин како да ги одврати Израилците од Ерусалим, и смисли најпрвин да ги одврати од Бога, па рече:

„Тие не можат да го остават Ерусалим ако најпрвин не Го остават Бога“.

Знаеше тој дека народот Израилски е склон кон идолопоклонството и се што е незаконско и за нивното богоотстапништво измисли ваква замка: изли од злато две млади јуници, како што старите Израилци по своето излегување од Египет си излија за себе во пустината златно теле, на кое и му се поклонуваа наместо вистинскиот Бог (2 Мојсеј 32, 1-35). Откако го свика сиот народ Израилски и му ги покажа тие две јуници, Јеровоам рече:

„Еве ги твоите богови, Израилу, кои те извеле од земјата Египетска. Не одете повеќе во Ерусалим, туку поклонувајте им се на овие богови“.

И тие две Јуници Јеровоам ги постави во различни места: едната во Ветил а другата во Дана, подигнувајќи им прекрасни храмови, востановувајќи во нивна чест празници и многу жртвопринесувања. Им одреди и жреци, па дури и самиот ја вршеше должноста на жрец. За уште поголема соблазна на гревољубивите луѓе, Јеровоам нареди крај тие златни јунцолики идоли да се вршат најразлични беззаконија за време на нивните празници. Така овој безбожен цар, заради привременото царување самиот отпадна од Бога и сите десет племиња Израилеви ги одврати од него. По него и другите Израилски цареви со сите свои поданици се држеа до тоа исто безбожно идолопоклонство.

Меѓутоа семилостивиот Господ, Кој не ги остава луѓето кои Го оставиле, туку го сака нивното обраќање, им испраќаше на Израилците Свои свети пророци, да ја изобличуваат нивната заблуда и да ги советуваат да се извлечат од ѓаволските мрежи и повторно да се вратат на побожното почитување на вистинскиот Бог. Меѓу останатите пророци, во разни времиња испраќани од Бога кај Израилот, беше испратен и големиот меѓу пророците свети Илија, за чиј живот и ќе зборуваме.

Татковина на Божјиот пророк Илија му беше Галадската покраина од другата страна на Јордан која граничи со Арабија. Градот во кој се родил се викал Тесвит, поради што е и наречен Тесвиќанин. Тој се роди од племето Ароново, од татко Савах. Кога се роди неговиот татко виде ангели Божји околу детето, кои го повиваа со оган и му даваа да јаде пламен. Исплашен од таквото видение, Савах отиде во Ерусалим и им го раскажа тоа на свештениците. Тогаш еден прозорлив маж меѓу нив му рече:

- Не плаши се, човеку, од видението за твоето дете. Знај дека тоа дете ќе биде живеалиште на светлината на благодатта Божја; зборот негов ќе биде како оган силен и дејствителен; неговата ревност за Господа ќе биде огромна; животот негов ќе Му биде благоугоден на Бога, и тој ќе му суди на Израилот со меч и оган.

Такво беше знамението и претскажувањето при раѓањето на свети Илија, кое што укажуваше на тоа каков ќе биде тој кога ќе стане зрел човек.

Бидејќи беше од свештеничко племе, Илија доби воспитување и обучување меѓу свештениците. Од самото детство се предаде себеси на Бога, ја засака девствената чистота и пребиваше во неа како ангел Божји беспрекорен пред Бога, чист со душата и телото. Бидејќи сакаше да се занимава со богоразмислување, тој често се повлекуваше во пустината и таму во тишина долго беседеше насамо со Бога со топлата молитва, како серафим горејќи со пламена љубов кон Бога. А и самиот беше сакан од Бога, зашто Бог ги љуби оние кои Него Го љубат. И се удостојуваше Илија на милостиви беседи со Бога, и заради својот рамноангелски живот тој стекна огромна слобода пред Бога. И се што ќе побараше од Бога тој добиваше, како оној што нашол огромна милост пред Него. Тој ги слушаше и гледаше беззаконијата што се вршеа во расипаниот Израил, царевите кои беа во безбожие, судиите и старешините кои вршеа неправди, луѓето кои им служеа на идолските гадости и се валкаа во најразлична нечистотија без страв од Бога и ги принесуваа своите синови и ќерки како жртва на демоните. Од друга страна пак, гледаше како ревносните почитувачи на вистинскиот Бог трпат разни насилства и гонења, злоставувања и предавања на смрт, и поради сето тоа многу страдаше и плачеше. Ја оплакуваше гибелта на безбројните човечки души, тагуваше заради лутото гонење на праведните, а особено страдаше заради навредувањето на вистинскиот Бог од страна на безбожниците, и сè повеќе се исполнуваше со ревност за вистината и славата Божја. Пред сè, Илија Го молеше Бога да ги обрати грешниците конпокајание. Но, бидејќи Бог бара од грешните луѓе доброволно обраќање, а кај закоравените срца на Израилците немаше ни најмалку таков стремеж кон доброто, пророкот Илија во својата голема ревност за славата Божја и за спасението на луѓето Го молеше Бога со привремена казна да ги казни Израилците, за макар на тој начин да се опаметат. Сепак, знаејќи дека човекољубивиот и долготрпелив Господ не е брз на казна, Илија од огромна ревност за Бога се осмели да Му се моли за дозвола, тој да ги казни престапниците, мислејќи дека можеби ќе се обратат луѓето кон покајание кога ги казнува човек. И не престана со таквата молитва додека не го доби бараното од семилосрдниот Господ, Кој како чедоубив татко не сакаше да го нажали Својот сакан слуга, кој не ја наруши ни најмалата Негова заповед, туку во се Му беше послушен.

Во тоа време во Израилот царуваше беззакониот цар Ахав, со престол во градот Самарија. Ахав се ожени со Језавела, ќерката на сидонскиот цар Етбаал. Како незнабошкиња Језавела го донесе со себе идолот на богот Ваал. Ахав изгради за него во Самарија идолиште, постави во него жртвеник и самиот му се поклонуваше на Вал како на бог, а и сиот Израил го приведуваше да му се поклонува. Со тоа Го разгневи Севишниот Бог повеќе од сите цареви во Израилот, зашто многу го разви идолопоклонството во своето царство. Затоа Божјиот пророк Илија и дојде кај овој цар, полн со ревност за Бога и го изобличи за заблудата. Но, кога виде дека царот не ги слуше неговите прекори, светиот пророк на зборовите им додаде и дело, предавајќи ги на казна богопротивниот цар и неговите поданици. Тој рече:

„Се колнам во живиот Господ, Бог Израилев пред Кого стојам! Овие години нема да има ниту роса, ниту дожд додека јас не речам“ (3 Царства 17, 1).

Илија го рече тоа и замина од Ахав и веднаш од неговите з3борови се заклучи небото и настапи суша. Ниту една капка дожд или роса не падна на земјата. Сушата предизвика неродност на земните плодови и настапи глад. Зашто кога ќе согреши самиот цар, гневот Божји доаѓа и врз сите луѓе, како што и порано заради гревовите на Давид пострада целото царство. Пророкот Божји Илија очекуваше дека израилскиот цар Ахав, како казнет ќе ја увиде својата заблуда и ќе се обрати кон Бога со покајание, и со себе ќе го изведе на правиот пат и развратниот народ. Но, кога виде дека Ахав, слично на Фараонот, останува тврд и не помислува да го остави незнабожието, туку напротив се повеќе оди во бездната на злото и ги гони и убива луѓето кои побожно Му служат на Бога, тој ја продолжи казната на втора и на трета година. И се исполнија зборовите на првиот боговидец, светиот пророк Мојсеј, речени на Израилот:

„И небото над главата твоја ќе стане бакар, а земјата под тебе - железо“ (5 Мојсеј 28, 23). Од заклученото небо на земјата немаше влага и не ги даваше своите плодови. Воздухот беше врел и од секојдневната силна горештина овена цвеќето и се исушија сета трева и сите дрвја, пропаднаа сите плодови земни, опустеа бавчите, нивите и полињата, та во нив немаше ни орачи ни сејачи. Покрај тоа пресушија и изворите, малите реки и потоците сосем престанаа, а во големите реки водата се намали, и сета земја стана безводна и сува, та од глад умираа и луѓето, и добитокот и птиците. Оваа казна го зафати не само Израилското царство туку и околните земји. Како што кога во градот ќе се запали една куќа пожарот се проширува и на соседните куќи, така се случи и во поднебесјето. Народот Израилски го навлече врз себе гневот Божји а страдаше вселената.

А сето тоа не беше толку од гневот Божји, колку од ревноста на пророкот. Семилосрдниот и човекољубив Господ, гледајќи ја неволјата на луѓето и поморот на сите животни, беше готов според Својата добрина да испрати дожд на земјата, но се воздржа од тоа за да ја исполни пророковата волја и да не се покажат лажни пророковите зборови: „Се колнам во живиот Господ, овие години нема да падне на земјата дожд ниту роса, додека јас не речам!“

Пророкот кој ги изговори овие зборови беше толку обземен од ревност кон Бога, што не се штедеше ни самиот себеси, зашто знаеше дека и самиот ќе гладува кога ќе снема храна на земјата. Но, тој не се грижеше зашто попрво сакаше да умре од глад, отколку да ги помилува непокајаните грешници кои одат против Бога. А што прави семилосрдниот Господ? Го испраќа пророкот Илија во некое осамено место, далеку од луѓето, велејќи му:

„Појди на Исток и сокриј се кај потокот Хорат", кој е спроти Јордан; од тој поток пиј вода, а на гавраните сум им заповедал да те хранат таму“ (3 Царства 17, 3-4).

Господ го стори тоа за да го сочува пророкот од убиствените раце на Језавела, а и да не умре од глад и со помош на гавранот да поттикне во него сожалување спрема луѓето кои пропаѓаат и умираат од глад и жед. Гавраните по природа немаат жал дури ни за своите малечки, зашто враната штом излезат малите веднаш ги напушта и заминува, оставајќи ги да изумрат од глад. Само промислата Божја, која се грижи за секое створение, ги храни напуштените пилиња. Им испраќа од воздухот муви, та тие им влетуваат во устата. И кога по наредба Божја гаврани долетуваа секој ден кај пророкот и му носеа храна, наутро леб, приквечер месо, Бог преку тоа секој пат на таинствен начин му зборуваше на пророковото срце:

„Погледни како гавраните, по природа диви, лакоми, мразители на своите пилиња, се грижат за твојата исхрана. Самите се гладни, а тебе ти носат храна! А ти, иако си човек, немаш жал спрема луѓето и сакаш да ги усмртиш со глад не само нив, туку и добитокот и птиците“.

Исто така, кога пророкот виде дека по извесно време пресуши потокот, Бог му рече:

„Веќе е време да се смилуваш на измачената твар и да испратиш дожд, за и самиот да не умреш од жед“.

Но ревнителот Божји се крепеше, молејќи Го Бога за спротивното: да нема дожд додека не бидат казнети неказнетите и не се истребат од земјата непријателите Божји. Тогаш Господ повторно, премудро поттикнувајќи го Својот слуга на сожалување, го испрати во Сарепта Сидонска, која не беше под власта на царот Израилски, кај сиромашната жена вдовица, за да размисли каква несреќа им нанесе не само на богатите и брачните, туку и на бедните вдовици, кои не само за време на глад, туку и во време на изобилие и плодност, често ја немаат секојдневната храна.

Кога пророкот дојде пред вратите на градот Сарепта, здогледа вдовица со два нарами гранки, зашто таа немаше брашно повеќе од еден грст во садот и сосем малку масло во стомната. Гладен, пророкот побара од неа парче леб. Вдовицата му раскажа за крајната беда во која се наоѓа во последно време, и му рече дека сака последен пат да подготви ручек за неа и сина си од брашното што го има, па потоа да умрат од глад. И тоа можеше да го потресе Божјиот човек, та да се сожали на сите бедни вдовици, но неговата огромна ревност за Бога надвладеваше и тој не обрнуваше внимание на пропаѓањето на тварите, сакајќи да Го прослави Творецот и да и ја покаже на својата вселена Неговата семоќна сила. Бидејќи според својата вера имаше благодат на чудотворство од Бога, пророкот направи брашното и маслото во домот на вдовицата да не завршат. И го хранеше вдовицата додека не престана гладот. Пророкот го воскресна и мртвиот син на вдовицата со молитвата и трократното дувнување во него, за што зборува Светото Писмо. За воскреснатиот син на оваа вдовица постои предание дека се викал Јона и дека тој во зрели години се удостоил на пророчкиот дар и бил испратен од Бога во Нинивеја да проповеда покајание. Но беше проголтан во морето од кит и по три дена излезе од китот и страна праобраз на тродневното воскресение Христово, како што за тоа подробно се вели во неговата пророчка книга и во неговото житие.

По истекот на трите сушни и гладни години, себлагиот Бог гледајќи дека Неговото создание потполно се уништува од гладот на земјата, се сожали и му рече на Својот слуга Илија:

„Оди, и јави му се на Ахав, зашто сакам да се смилувам на делото на рацете Мои, и со збор од устата твоја да испратам дожд на пресушената земја, да ја напојам и да ја направам плодородна. А ете, и Ахав веќе се наведна на покајание, те бара тебе и спремен е да те послуша во се што ќе му наредиш“.

Пророкот веднаш тргна од Сарепта Сидонска во Самарија, престолнината на Израилското царство. А пак кај царот Ахав управител на дворот беше некој Авдија, кој многу се плашеше од Бога и верно Му служеше. Кога Језавела ги убиваше пророците Господови, Авдија сокри сто пророци, по педесет во една пештера и ги хранеше со леб и вода. Тој беше повикан од царот Ахав (уште пред доаѓањето на пророкот Илија кај него) и испратен да побара крај пресушените потоци трева за да ги прехранат преостанатите живи коњи и друг добиток. А кога Авдија излезе од градот го сретна светиот пророк Илија, му се поклони до земја и му рече дека Ахав грижливо го бара по целото свое царство. Свети Илија рече:

„Оди и кажи му на својот господар: Еве јас, Илија, одам кај него“. Авдија одбиваше, велејќи:

„Се плашам, кога јас ќе заминам од тебе, духот Господов да не те пренесе во друга земја, па јас да станам лажливец пред мојот господар, па тој да се разгневи и ме убие“.

Илија одговори:

„Ги се колнам во живиот Господ Саваот, пред Кого стојам, денес ќе излезам пред Ахав“.

Тогаш Авдија се врати и му кажа на царот. Ахав поита да го пречека човекот Божји. А кога го здогледа, тој поради својата прикриена злоба кон него, се дрзна да му изрече тешки зборови:

„Ти ли си тој што му носи неволји на Израилот?“

На тоа пророкот Божји бестрашно му одговори:

„Јас не му носам неволји на Израилот, туку ти и домот на твојот татко, бидејќи ги презревте Господовите заповеди и врвите по нечистиот Ваал“.

Потоа пророкот Божји, како оној што во себе има сила од помошта Божествена, започна со власт да му наредува на царот, велејќи:

„Сега испрати и собери го пред мене сиот Израил на гората Кармил, и четиристотини и педесет бесрамни пророци Ваалови и четиристотини и педесет одвратни пророци кои им служат на други нечисти идоли на високите гори, и сите јадат на трпезата Језавелина. Тие нека стапат со мене во расправа за Бога, па ќе видиме кој Бог е вистински“.

Царот веднаш испрати гласници во својата земја Израилска, собра безброен народ, и сите нечисти пророци и жреци ги свика на гората Кармил, па и самиот дојде таму. Тогаш Божјиот ревнител Илија застана пред сите и му рече на царот и на сиот народ Израилски:

„До кога ќе тапкате со своите нозе? Ако Господ е Бог, Кој со Својата крепка рака ве изведе од Египет, врвете по Него. Ако пак Ваал е ваш бог тогаш одете по него“,

Но народот не одговори ни збор, зашто го изобличуваше сопствената совест за неговата заблуда. А пророкот продолжи:

„А сега, за да Го познаете вистинскиот Бог, направете што ќе ви наредам. Гледате дека само јас сум останал пророк Господов во целиот Израил, а сите останати вие ги убивте. Исто така гледате дека овде има многу Ваалови пророци. Нека ни дадат две телиња за жртва, едното на мене а другото на Вааловите жреци, но оган не ни е потребен. Врз чијата жртва ќе падна оган од небото и ќе ја спали, неговиот бог е вистинскиот Бог и сите ќе му се поклонат Нему, а противниците ќе се предадат на смрт“.

Народот се согласи и рече:

„Нека биде така! Добар е твојот предлог““.

Кога се беше подготвено, свети Илија им рече на бесрамните Ваалови пророци:

„Изберете си за себе едно теле и вие први пригответе жртва, зашто сте многу, а јас ќе приготвам по вас, оти сум еден. А кога ќе го положите телето врз дрвата не потпалувајте, туку молете се на вашиот бог Ваал, тој да ви испрати оган од небото и да ја спали жртвата“.

Бесрамните пророци така постапија. Фрлија коцка, го зедоа телето, подготвија жртвеник, наредија на него многу дрва, го заклаа телето, го исекоа на парчиња, ги положија врз жртвеникот преку дрвата, па започнаа да му се молат на својот Ваал да испрати оган врз нивната жртва. И го повикуваа името Ваалово од утрото до пладне, викајќи:

„Слушни не, Ваале! Слушни не!“

Но, немаше ни глас ни одговор. Тие скокаа околу својот жртвеник, но се беше залудно. Напладне пророкот Божји започна да ги исмева и рече:

„Викајте посилно за да ве слушне вашиот бог. Изгледа нешто се замислил или работи нешто, или пак со некого разговара, се весели или спие. Викајте што посилно, за да го разбудите“,

И викаа лажните пророци на сет глас и според својот обичај се сечеа себе си со ножеви, а други се бичуваа до крв.

Попладне, кога денот навлегуваше кон ноќта, а бесрамните жреци ништо не успеаја, свети Илија им рече:

„Замолкнете веќе и престанете! Време е јас да принесам жртва“. И замолкнаа почитувачите на Ваал. Пророкот Илија му се обрати на народот и рече:

„Пристапете кон мене“.

И сите пристапија. И зеде Илија дванаесет камења, според бројот на племињата Израилеви, направи од нив жртвеник во името на Господа, нареди дрва врз жртвеникот, го исече телето на парчиња, ги стави врз дрвата, ископа ров околу жртвеникот, и нареди да наполнат четири ведра вода и да ја поливаат жртвата и дрвата. Тоа беше сторено и Илија им рече:

„Сторете го тоа уште еднаш“.

И тие го сторија истото. Илија повторно им рече:

„Сторете го и по трет пат“.

 Донесоа вода и по трет пат, та таа потече околу жртвеникот и ровот се наполни. И повика Илија кон Бога, гледајќи во небото и рече:

„Господи, Боже Авраамов, Исаков, Јаковов! Чуј ме, Господи, чуј ме денес во огнот! Нека познаат денес овие луѓе дека Ти си единствен Бог во Израил, и дека јас сум Твој слуга и дека извршив се според Твоето слово. Чуј ме, Господи чуј! Нека познае овој народ дека Ти, Господи, си Бог, и дека ти ќе ги свртиш нивните срца кон Себеси!

И падна од небото оган Господов, ја спали жртвата и дрвата, и каменот, и правта, и водата во ровот ја испи. Огнот уништи сè, а народот падна ничкум, воскликнувајќи:

„Навистина Господ е единствениот Бог и нема друг бог освен Него“.

Тогаш Илија му рече на народот:

„Фатете ги Вааловите пророци, та ниеден од нив да не побегне“.

Народот ги фати, а свети Илија ги одведи кај потокот Кисон, кој се влева во Големо Море, ги закла таму со свои раце и нивните нечисти лешеви ги фрли во водата, за да не ја гнасат земјата.

Потоа му рече на царот Ахав што побрзо да јаде и пие, да ги впрегне коњите во колата и да побрза на пат, зашто ќе падне силен дожд и ќе накисне сè. Кога Ахав седна да јаде, Илија се качи на врвот од Кармил. Наведнувајќи се кон земјата, тој го стави своето лице меѓу колената свои и се молеше на Бога да испрати дожд на земјата. И веднаш со молитвата негова како со клуч се отвори небото и падна силен дожд, кој накисна сè и богато ја напои жедната земја. Тогаш Ахав ја увиде својата заблуда и ги оплакуваше своите гревови на пат за Самарија. А свети Илија ја опаша својата половина и пешки одеше пред Ахав, радувајќи се во својот Господ Бог.

Кога за сето тоа дозна гадната царица Језавела, жената Ахавова, страшно се разбесни за погубувањето на нејзините бесрамни пророци и му испрати порака на свети Илија, колнејќи се во своите богови дека утредента ќе го убие во истиот час, во кој тој ги уби пророците на Ваал. И се исплаши свети Илија од смртта, зашто и тој беше човек со слабостите својствени на човечката природа како што е речено за него: „Илија беше човек како и ние“ (Јаков 5, 17). И побегна од страв од Језавела во Вирсавија“, во царството Јудејско и отиде во пустината сам. Патуваше низ пустината цел ден, па седна под една смрека да се одмори. Обземен од тага, тој започна да моли од Бога смрт за себе, велејќи:

„Доста е веќе, Господи, доста живеев на земјата. Сега земи ја душата моја. Зарем јас сум подобар од претците свои?“

Ова пророкот го рече не од мака од гонењето, туку како ревнител Божји, не можејќи да ја трпи човечката злоба, бесчестењето на Бога и хулењето на пресветото име Господово. За него смртта беше полесна отколку да ги слуша и гледа беззаконите луѓе кои Го презираат и отфрлаат Бога, Творецот свој. Молејќи се така, свети Илија легна и заспа под дрвото. Тогаш Ангел Господов го допре и му рече:

„Стани, јади и пиј“.

Кога се разбуди Илија здогледа крај себе топол леб и стомна со вода, па стана, касна и се напи и пак заспа. Но, ангелот Господов дојде по втор пат и го допре, говорејќи:

„Стани, јади и пиј, бидејќи те чека долг пат“.

Илија стана, јадеше и се напи вода. Така поткрепен, патуваше четириесет дена и четириесет ноќи, додека не дојде на Божјата гора Хорив. Таму влезе во една пештера а соговорник му беше самиот Господ, Кој му се јави во благ развигор, кој тивко дуваше во чистиот воздух. Кога Господ се приближуваше кон него, пред Него одеа страшни знаменија: најпрвин се крена силна бура, која ридовите ги рушеше и карпите ги распукнуваше. Потоа одеше оган, но Господ не беше во огнот, а зад огнот глас и тенка светлина, и тука беше Господ. И кога Илија го слушна минувањето на Господа, го закри своето лице со плаштот и застана пред пештерата. И го слушна гласот на Господа, кој му говореше:

„Што правиш тука, Илија?“

Тој одговори:

„Пламнав од ревност за Господ, Бог Саваот, зашто Израилевите синови го оставија Твојот завет, ги разурнаа Твоите жртвеници и со меч ги убија Твоите пророци; само јас останав, но и мојата душа сакаат да ја земат“.

А Господ, тешејќи го Илија во неговата тага, му откри дека не отстапил сиот Израил од Него, и дека има седум илјади тајни слуги Свои, кои не ги приклонија своите колена пред Ваал. Заедно со тоа Господ го извести Илија дека наскоро ќе загинат Ахав и Језавела и сиот нивен дом. И нареди однапред за цар над Израилот да одреди еден достоен човек на име Јуј, кој ќе го истреби сиот род Ахавов. Покрај тоа нареди Елисеј да го помаза за пророк.

Откако така го утеши својот слуга, Господ си отиде од него. А угодникот Божји отиде, го најде Елисеј, синот Сафатов, како ора со дванаесет пара волови, го фрли врз него својот плашт, му ја кажа волјата Господова, го нарече пророк и му нареди да оди по него. Елисеј му рече на свети Илија:

„Те молам дозволи ми да одам на кратко да се простам со мојот татко и мојата мајка, па ќе појдам по тебе“.

Свети Илија му дозволи. Елисеј отиде во својот дом, закла пар волови со кои ораше, ги угости соседите и роднините, се прости со родителите и појде со свети Илија, придружувајќи го насекаде и служејќи му како слуга и ученик.

Во тоа време царот Ахав под влијание на својата лоша жена Језавела, на старото додаде ново беззаконие: еден Израилец на име Навутеј имаше лозје до имотот на царот Ахав во Самарија. Ахав му предложи на Навутеј:

„Дај ми го своето лозје; ќе направам овоштарник од него, зашто е близу до мојот дом, а место него ќе ти дадам поубаво лозје од тоа, или, ако сакаш, ќе ти го наплатам“.

Навутеј одговори:

„Да не даде Господ да ти го дадам наследството на моите претци“.

Тогаш Ахав се врати во својот дом, зловолен и лут од Навутеевиот одговор, па од мака не можеше ни леб да касне. Кога ја дозна причината за неговото нерасположение, Језавела се насмеа и му рече:

„Зарем е таква твојата власт, царе Израилев, што дури и спрема еден човек не си во состојба да ја покажеш својата волја. Престани да тагуваш, касни и биди спокоен; јас ќе ти го дадам на раце лозјето на Навутеј“.

Откако го рече тоа, таа напиша писма од името на Ахав, ги запечати со неговиот печат и ги испрати до старешините и големците што живееја со Навутеј, во градот негов. Во писмата таа пишуваше дека божем Навутеј хулел на Бога и на царот, па да приложат лажни сведоци и поради тоа да го затрупаат со камења надвор од градот. И беше извршено ова неправедно убиство, а по погубувањето на невиниот Навутеј, Језавела му рече на Ахав:

„Сега без пари земи го лозјето на Навутеј, зашто тој веќе не е меѓу живите“.

Кога слушна дека Навутеј е убиен, Ахав малку се натажи, па потоа појде да го присвои неговото лозје. Со наредба Божја, попат го сретна свети пророк Илија и му рече:

„Бидејќи неправедно го уби невиниот Навутеј и го присвои неговото лозје, вака вели Господ: на местото на кое што кучињата ја лижеа крвта на Навутеј, кучињата ќе ја излижат и твојата крв. Исто така и твојата жена Језавела ќе ја изедат кучињата и сиот твој дом ќе се истреби“.

Ахав заплака, ја фрли од себе царската облека, се облече во вреќа и си наложи пост. Таквото негово мало покајание пред Господа направи извршувањето на казната изречена за домот Ахавов да се одложи по неговата смрт. Зашто Господ му рече на Својот пророк Илија:

„Бидејќи Ахав така се понижи пред Мене, нема да го наведам злото над неговиот дом додека е жив, туку во деновите на синот негов“.

Ахав поживеа уште три години, па беше убиен во војна. Од боиштето на кола го носеа кон Самарија. Неговата крв, која течеше од колата, ја лижеа кучињата, како што претскажа пророкот Божји. Исто така и се што беше проречено за Језавела и за целиот Ахавов дом се исполни потоа во свое време, по земањето на свети Илија на небото (сп. 4 Цар. 9, 22-37).

По смртта на Ахав на негово место се зацари неговиот син Охозија. Како наследник на неговиот престол тој се истакна и како наследник на неговото многубожие, зашто ја слушаше својата бедна мајка Језавела. Му принесуваше жртви на нечистиот Ваал и му служеше, и со тоа многу Го разгневи Господ, Богот Израилев. Еднаш од невнимание Охозија падна од прозорецот на својот дом и тешко се разболе. Испрати пратеници до лажниот бог Ваал или поточно до демонот што живееше во идолот на Ваал и им даваше лажни одговори на оние што му се обраќаа со прашања. Тој демон испрати да го прашаат за неговото здравје и кога пратениците одеа кон Ваал, со наредба Божја ги сретна пророкот Божји Илија и им рече:

„Одете, вратете се кај царот, кој ве испратил, и кажете му: зар во Израил нема Бог, та испраќаш да го прашаш нечистиот Ваал? Затоа нема да се кренеш од постелата на која си легнал, туку ќе умреш“.

Пратениците се вратија и му ги соопштија на болниот цар овие зборови, а царот ги праша:

„Како изгледаше човекот кој ви го рече тоа?“

Тие одговорија:

„Тој човек целиот беше во влакна и беше опашан преку половината со кожен појас“.

Царот на тоа рече:

„Тоа бил Илија Тесвиќанинот“.

И испрати да го фатат Илија и да го доведат кај него, Го најдоа на гората Кармил, зашто најчесто беше таму и кога го здогледаа како седи на врвот на гората, педесетникот му рече:

„Човеку Божји! Симни се ваму, зашто царот наредува да појдеш кај него“.

Свети Илија одговори:

„Ако сум човек Божји нека падна оган од небото и нека ве голтне тебе и педесетмината со тебе“.

И веднаш падна оган од небото и ги претвори во пепел. Тогаш царот испрати друг педесетник со други педесетмина, но и нив ги снајде истото. Падна оган од небото и ги спали. Царот испрати И трет педесетник, но тој, откако дозна што се случи со неговите претходници, дојде кај свети Илија со страв и смирение, клекна на колена пред него и го молеше:

„Човеку Божји, еве ја душата моја пред тебе и душите на овие слуги твои што се со мене. Смилувај се на нас. Не дојдовме по своја волја, туку сме пратени кај тебе. Немој да не погубиш со оган како оние пред нас.“

И пророкот ги поштеди дојдените со смирение, а тие пред нив не ги поштеди затоа што беа дошле со гордост и власт и имаа намера да го фатат како заробеник и да го водат со бесчестење. И му нареди Господ на свети Илија без страв да појде кај царот и да му го каже истото како порано. Човекот Божје појде. Кога излезе пред царот му рече:

„Вака вели Господ: затоа што си испраќал пратеници да го прашуваат Ваал за твојот живот како да нема Бог во Израилот да Го прашаш, нема да се кренеш од својата постела на која си легнал, туку ќе умреш“.

И умре Охозија според зборовите Господови, изречени од устата на пророкот.

По Охозија се зацари неговиот брат Јорам, бидејќи Охозија немаше син. Со овој Јорам се заврши домот Ахавов, зашто беше истребен од гневот Божји во деновите на светиот пророк Елисеј, како што пишува за тоа во неговото житие".

Кога наближи времето во кое Господ сакаше да го земе Илија кај Себе жив во тело, одеа Илија и Елисеј од градот Галгала во градот Ветил. Но знаејќи со откровение Божјо дека му се приближува земањето на небото, Илија сакаше да го остави Елисеј во Галгала, смиреноумно сокривајќи го од него своето прославување, кое што му претстоело од Бога. Тој му рече на Елисеј:

„Ги остани овде, зашто мене Господ ме испраќа до Ветил“, А свети Елисеј, кој исто така со откровение Божјо знаеше што ќе се случи, одговори: „Се колнам во живиот Господ, нема да те оставам“. И двајцата отидоа во Ветил. А синовите пророчки? кои живееја во Ветил му пристација насамо на Елисеј и му рекоа: „Знаеш ли дека Господ ќе го земе твојот господар од тебе?“ Елисеј одговори: „Знам и јас, но молчете“. Потоа свети Илија му рече на Елисеј:

„Ти остани тука, зашто мене Господ ме испраќа во Ерихон“.

Елисеј му одговори:

„Се колнам во живиот Господ и во мојата душа, нема да те оставам“. Па и двајцата отидоа во Ерихон. А синовите пророчки, кои беа во Ерихон, му пристапија на Елисеј и му рекоа:

„Знаеш ли дека денес Господ ќе го земе од тебе твојот господар?“

Елисеј одговори:

„Знам, молчете“.

Свети Илија повторно му рече на Елисеј:

„Ти остани овде, зашто Господ ме испраќа на Јордан“,

Елисеј одговори:

„Се колнам во живиот Господ, нема да те оставам“.

Така отидоа двајцата. По нив појдоа и педесет луѓе од синовите пророчки, следејќи ги оддалеку. А кога двајцата свети пророци стигнаа на Јордан, Илија го зеде својот плашт, го свитка и удри со него по водата. Водата се раздели, та двајцата преминаа по суво. А кога ја преминаа Јордан, Илија му рече на Елисеј:

„Барај од мене што сакаш да ти сторам, додека не сум земен од тебе“.

Елисеј одговори:

„Молам, духот што е во тебе, да биде двократно повеќе во мене“.

Илија одговори:

„Си посакал тешка работа. Но ако ме видиш како се земам од тебе, ќе ти биде така: ако не ме видиш, нема да биде“.

И додека одеа понатаму разговарајќи, одненадеж се појавија огнени кочии и огнени коњи и ги разделија, при што Илија во виор беше земен на небото. А Елисеј, гледајќи го тоа викаше:

„Оче, оче! Кола Израилева и коњаница негова!“ (со овие зборови тој како да велеше: ти оче, беше сета сила Израилева. Со својата молитва и ревност ти повеќе му помагаше на Израилското царство, отколку огромен број на воени коли и вооружени коњаници).

Елисеј повеќе не го виде Илија; тогаш тој ја раскина својата облека од тага, и падна крај него плаштот фрлен одозгора од Илија; тој го зеде, застана на брегот на Јордан, удри со плаштот по водата и, откако со него ја раздели водата како Илија, премина по суво и стана наследник на благодатта која дејствуваше во неговиот учител.

Светиот Божји пророк Илија, со огнени кочии земен на небото со телото, жив е се до сега во тело, чуван од Бога во рајските населби. Тој беше виден од тројцата свети Апостоли за време на Преображението Господово на Тавор; и повторно ќе го видат обичните смртни луѓе пред второто доаѓање Господово на земјата. И оној, кој ја одбегна смртта од мечот на Езавела, ќе пострада тогаш од мечот на Антихристот (Откровение 11, 3-12). И после тоа тој не само како пророк туку и како маченик ќе се удостои во ликот на Светиите на поголема чест и слава, отколку сега, од праведниот наградодавец Бог, Едниот во Три Лица, Отецот и Синот и Светиот Дух, Кому чест и слава сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА НАШИТЕ СВЕТИ ОТЦИ ИЛИЈА,

патријархот Ерусалимски,

и ФЛАВИЈАН,

патријархот Антиохиски

Големи ревнители за верата и бранители на Православието. И двајцата умреле во прогонство каде што ги протера еретичкиот цар Анастасиј. Точно ја провиделе смртта на царот Анастасиј, а и својата. Истовремено си пицгувале еден на друг од далечни места: „Царот Анастасиј денес умре, ќе појдеме и ние на судот Божји со него“. И по два дена и двајцата светители се упокоија во 518-та година.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ПРЕЧИСТАНСКИ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦИ И ИСПОВЕДНИЦИ ЕВНУВИЈ, ПАЈСИЈ и АВЕРКИЈ

Пречистанските преподобномаченици и исповедници, светите Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, со својот маченички подвиг беа удостоени од Подвигоположникот Христос со нераспадливиот венец на вечната слава, станувајќи силни и постојани молитвеници за нашиот народ и нашата земја.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АВРАМИЈ ЧУХЛОМСКИ

Овој преподобен отец од мали нозе Го засака Бога, дојде кај големиот Сергиј Чудотворецот, и од него прими монашки потстриг. За својот доблесен живот беше удостоен на свештеничкиот чин, после што се подвизуваше со уште поголемо трудољубие. Се одликуваше со крајно смирение и како таков ја остави обителта на преподобниот Сергиј, се оддалечи во пусти места на Галичкиот крај и таму основаше многу обители. Дојде на едно место близу една гора и сотвори молитва, лиејќи обилни солзи.

Тогаш слушна глас од гората, кој му говореше:

„Аврамиј! Качи се на гората. Таму стои икона на Мајката Моја.

Преподобниот се искачи на гората и здогледа како на едно дрво стои икона на Пречистата Богомајка со Предвечниот Младенец. Откако падна ничкум, тој започна да се моли со солзи, и повторно чу глас, кој му говореше:

„Аврамиј, стани!“

Тој стана и иконата сама дојде во неговите раце, неносена од никого. Тогаш светителот на тоа место најпрвин си направи ќелија и долго време остана во таа пустина. По многу години на тоа место подигна манастир, собра мноштво ученици и многу се подвизуваше во пост и воздржување. Кога дозна дека наближило времето на неговото заминување кај Бога, тој ги свика браќата од својата обител, ги поучи, ги причести со Телото и Крвта на нашиот Господ Христос и се престави во вечните обители на 20 јули 1375-та година. Слава на нашиот Бог, сега и секогаш и низ сите векови.