3. Август (21. Јули)
ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ ПРОРОК ЕЗЕКИЛ
Свештеникот на Севишниот Бог, светиот пророк Езекил, беше од еврејскиот град Сарира, син на Бузиј од племето Левиево. Во времето на второто освојување на Ерусалим тој од страна на Навуходоносор беше одведен на ропство во Вавилон, заедно со јудејскиот цар Јоаким, наречен Јехониј Втори. Ерусалим три пати бил освојуван од царот Навуходоносор, прв пат во деновите на Јудејскиот цар Јоаким, синот Јосиин, братот Јоахазов и Седекиин, а татко на Јехониј Вториот. Него како прв окован во синџири, Навуходоносор го одведе во Вавилон. Тогаш беше одведен во ропство и светиот пророк Даниил со трите момчиња Ананиј, Азариј и Мисаил. Но, по кратко време Навуходоносор го отпушти Јоаким во Ерусалим повторно да царува, но како негов вазал. По три години царување во Ерусалим под власта на Навуходоносор, Јоаким се одметна од него и не сакаше да му дава данок. Поради тоа повторно Вавилонската војска го нападна Ерусалим, го зазеде, а царот Јоаким беше убиен и фрлен на кучињата надвор од градот. На негово место, со наредба на Навуходоносор, за цар беше поставен неговиот син, исто така на име Јоаким, кој беше наречен и со второто татково име Јехониј, та така стана Јехониј Втори. И тој беше направен вазал од вавилонскиот цар, како и неговиот татко претходно. Но, бидејќи овој Јехониј вршеше зло пред Господа, со допуштање Божјо, по кратко време Навуходоносор повторно го нападна Ерусалим, го одведе во ропство Јехониј со сиот негов дом, а одведе и многу познати луѓе, храбри мажи, сите кои беа способни да носат оружје, разни уметници а ги зеде и златните црковни садови. Тоа беше второто освојување на Ерусалим, при кое што беа одведени во ропство светиот пророк Езекил, Мардохеј и Јоседек, таткото на Исус кој потоа со Зоровавел го обнови разорениот Ерусалимски храм.
А третото и последно разорување и опустошување на Ерусалим од страна на Навуходоносор било во времето на царот Седекиј, кого Навуходоносор го постави за цар наместо Јехониј, наложувајќи му данок. Но, кога и Седекиј го отфрли од себе Навуходоносоровиот јарем, тогаш истиот Навуходоносор дојде со својата халдејска војска, го разори Ерусалим, потполно уништувајќи го со оган и меч, а преостанатиот народ го одведе во ропство. Од тоа време престана да постои како царството Јудејско, така и целото царство Израилско. Ова трето разорување на Ерусалим од Навуходоносор опширно е опишано во житието на светиот пророк Еремија.
Наоѓајќи се во Вавилонско ропство, ерејот Божји Езекил живееше на реката Ховар. Тој имаше чудесно видение во триесеттата година од својот живот, а во петата година по одведувањето на Јехониј во ропство, во четвртиот месец, во петтиот ден на тој месец. Тој виде како се отвори небесата; од север дуваше силен ветар и голем облак во него, а околу оган сјаеше; среде облакот се креваше оган и околу него блескаше светлина; во средината негова виде призраци на четири животни, кои изгледаа како чист бакар, растопен во оган; секое животно имаше по четири лица: лице на човек, лице на лав, лице на теле, лице на орел; освен тоа, секој имаше по четири крилја, а под крилјата човечки раце; двете крилја беа раширени за летање а со другите две ги покриваа своите тела; огнот се виеше меѓу животните и молњи излегуваа од огнот. Исто така видливи беа И четири големи тркала, по едно со секое животно. Тие тркала беа наизглед како камен хрисолит, со боја плава како море, со златен одблесок предизвикан од сончевите зраци. Во тие тркала се гледаа како некои други тркала и сите тие, како живи, во себе имаа животна сила, и од секаде беа полни со очи. Четирите пак животни се чинеше како да беа впрегнати во тие тркала како во кола и кога чекореа животните заедно со нив се движеа и тркалата. А кога стоеја животните стоеја и тркалата. Кога одеа вревата на нивните крилја беше како бучава на огромна вода, како врева на огромна војска. А кога стоеја молчеа и крилјата нивни. А пак стоеја и молчеа тогаш кога глас Божји доаѓаше одозгора од небото. Зашто над тие животни и тркала се гледаше кристалнолик небесен свод, и на сводот престол како од сафири, и на престолот пресветло човечко обличје, а околу него светлина слична на виножито, како што изгледа виножитото во облаци во дождовен ден, таква беше таа светлина наоколу.
Такво видение на славата Божја имаше светиот пророк Езекил. Во него, според толкувањето на богомудрите и боговдахновени луѓе, пресветлото човечко обличје го претставуваше воплотувањето на Синот Божји во утробата на Пречиста Дева, Која стана жив престол на вочовечениот од Неа Бог и оној сафиролики престол беше праслика Нејзина. Зашто скапоцениот камен сафир, кој со својата пресветла боја е сличен на небото и во себе содржи златести делчиња како небо од 5везди, навистина е праслика на Пресвета Дева Марија, во Која, исто како во небесната природа, нема ниту едно петно, И утробата која се покажа попространа од небото, откако Го смести во Себе Несместливиот, и Која е украсена со многу дарови на благодатта Божја како со звезди. Четирите животни со четири лица ги претставуваат четирите свети Евангелисти, од кои секој, опишувајќи го Христовиот живот со луѓето на земјата, го изобрази неговото човечанство, претставено со оние животни со човечки лица. Божеството Христово е отсликано со лицето на лавовите. Страдањето Христово е отсликано со лицето на телињата. Воскресението и вознесението Христово е изобразено со лицето на орлите. Четирите тркала со мноштвото очи, во кои беа видливи и други тркала, ги изобразуваат четирите дела на вселената, која што ги има во себе разните народи. Навлегувајќи меѓу нив, апостолската проповед на многу народи им ги отвори духовните очи за познание и гледање на Бога. Огнот пак, кој се виел среде виденото откровение и огромниот блесок околу него ја покажуваше големината на непристапната слава Божја. И други таинства беа отсликани во тоа прекрасно и страшно видение, кое свети Езекил откако го виде падна од ужас ничкум на земјата, и го слушна одозгора гласот на Оној, Кој во човечко обличје седеше на престолот, глас кој говореше:
„Сине човечки, застани на нозе, за да зборувам со тебе“,
И влезе во него некоја невидлива сила, која го подигна од земјата и го застана на нозе.
Кога пророкот со трепет застана пред славата на Господ Кој му се јави, Господ му рече:
„Сине човечки, Јас те испраќам кај Израилевите синови при непокорни луѓе, кои се побунија против Мене; тие и татковците нивни ме изневеруваа Мене дури до денешниот ден. Тие се синови со тврдокорно лице и со жестоко срце. Кај нив те праќам и ти ќе им ги кажеш зборовите Мои. Немој да се исплашиш од лицата нивни, макар и да се разбеснат и да те опколат од сите страни како скорпии“ (Езек. 2, 3. 4.6).
Кога Господ го зборуваше тоа, Езекил здогледа протегната рака кон себе и во неа книжен свиток. И таа рака го разви пред него тој свиток и на него беше напишано одвнатре и однадвор: плач, жалост и офкање. И му рече Господ:
„Сине човечки, изеди го овој свиток, па оди и зборувај му на Израилот се што ќе ти наредам“ (Езек 2, 9. 10; 3, 1).
Езекил ја отвори својата уста и го изеде свитокот, кој во устата му беше сладок како мед. Оттогаш се исполни со пророчки дух и благодат и се што потоа му зборуваше Бог, тој го примаше во своето срце. А кога тоа чудно видение започна да се оддалечува од неговите очи, тој слушна глас како глас на многуброен народ, кој говореше:
„Благословена е славата на Господ од местото Негово“.
Притоа шумот од крилјата на оние животни и шумот од тркалата нивни беа слични на звук на голем земјотрес. И така онаа страшна кола на славата Божја замина во висините од видикот на неговите очи и видението се заврши.
По ова видение пророкот помина седум дена во молчење, размислувајќи за она што го виде и слушна. И повторно му дојде слово Господово, говорејќи:
„Сине човечки, Јас те поставив за стражар над домот Израилев и ти ќе го слушаш словото од устата Моја и ќе ги опоменуваш луѓето во Мое име. Кога ќе му речам на беззаконикот „бездруго ќе умреш“, а ти не го опоменеш и не зборуваш за да го одвратиш од неговиот грешен пат, за да остане жив, тогаш тој беззаконик ќе умре во своето беззаконие, но крвта негова Јас ќе ја барам од твоите раце. Но, ако го опоменеш беззаконикот и тој не се откаже од беззаконието свое и од својот грешен пат, тој ќе умре во своето беззаконие, а ти ќе си ја спасиш својата душа“ (Езек. 3,18-19).
Потоа, изведен со духот во полето, Езекил повторно виде слава Господова, како и порано, и му беше наредено да се затвори во својот дом и да остане во молчење додека Господ не му нареди да ја отвори устата за зборување и проповедање на зборот Божји. За време на тоа молчење, нему му беше откриена последната опсада и разорување на Ерусалим од Халдејците, што требале да се случат по неколку години, и гибелта на народот, за тој да ги извести луѓето за тоа, не само со зборови туку да го претстави и на дело: нему му беше наредено од Господа да ја обричи својата глава и брада и своите прамени да ги измери разделени на три дела, па една третина да изгоре во оган пред луѓето кои беа со него во ропство, втората третина да ја исецка со мечот, а третата да ја развее на ветрот, покажувајќи го со тоа гневот Божји, сакајќи да ги казни луѓето Израилски во Ерусалим и во цела Палестина, затоа што не сакаат да се обратат кон вистинско покајание и да ги остават идолопоклоничките гадости, да ги раздели со својот праведен суд на три дела, за секој дел да ја понесе својата казна: така, третина од луѓето за време на опсадата на Ерусалим ќе изумрат од глад и помор, втората третина ќе падне од мечот Халдејски, а третата ќе биде расеана по светот.
Сето ова потоа и се исполни, бидејќи народот еврејски многу Го беше разгневил Бог. Иако евреите во тие времиња Му служеа на Богот небесен, Кој нивните предци ги изведе од Египет со крепка рака и воздигната мишка, сепак тие беа навикнале од времето на Соломон да се клањаат на идолите. И не ги оставаа прелестени од нивните богомрски празници во време, во кое не им е забранувано да приредуваат нечисти гозби и да вршат срамни и беззакони дела, зашто во тоа безбожие самите цареви, и кнезови, и судии, и старци беа ороводци. И така евреите се клањаа и на Богот небесен и се држеа до идолопоклоничкото безбожие и поставуваа идоли во храмот Божји. И онаму каде што порано се принесувала жртва само на единствениот севишен Бог, таму потоа истовремено започнаа да се принесуваат нечисти жртви и на ѓаволите. Тоа не Му беше по волја на Господа, зашто тоа го уподобуваше тој народ на прењубница која не ја чува верноста на својот вистински маж, туку врши прењуба со други. Поради тоа подоцна и во Евангелието Господ му рече на овој народ: „род зол и прељуботворен..“ (Матеј 12, 39). Но и порано, во пророштвото на Еремија, Бог го спореди овој род со жена прељубница (Ерем. 3, 1), и долго време го опоменуваше на покајание преку светиот пророк. А бидејќи тие не се покајаа, ги предаде на Халдејците на конечно разорување и нивната земја ја претвори во пустош на седумдесет години (сп. Ерем. 25, 12). Но, иако по истекот на седумдесет години Ерусалим и храмот беа обновени од Зоровавел, сепак ја немаа претходната убавина, богатство и слава. И бидејќи евреите, ослободени од Вавилонското ропство повторно се преселија во својата земја, сепак над нив не владееја нивни цареви, туку тие се наоѓаа под туѓ и тежок јарем, служејќи им на странски цареви, најпрвин на вавилонските, потоа на египетските и најпосле на римските, од кои што целосно пропаднаа. За ова конечно разорување на Ерусалим, прорече самиот Господ, говорејќи:
„Овде нема да остане ни камен на камен, кој што нема да се помести“ (Матеј 24, 2).
А за поранешното опустошување од халдејците пророкувал светиот пророк Езекил, како и останатите свети пророци. Кога светиот пророк Езекил се наоѓаше во ропство во Вавилонија, воземјата Халдејска, во тоа време во Ерусалим живееше свети Еремија. Иако овие двајца пророци беа оддалечени еден од друг на огромно растојание, сепак тие еднодушно пророкуваа за опустошувањето на Ерусалим и за многу други работи што се гледа во нивните книги: зашто и во двајцата пророци делуваше Духот Божји. И некои од Ерусалим испраќаа пророчки зборови од Еремија во Вавилон кај заробените браќа, а од Вавилон се испраќаа Езекиловите зборови во Ерусалим. И сведочеше Езекил во Вавилон пред својот народ дека пророштвото на Еремија е вистинско, а во Ерусалим Еремија даваше сведоштво за вистинитоста на пророштвото на Езекил. Но расипаните и маловерни евреи не им веруваа ни на едниот ни на другиот, и заведени од идолопоклоничката заблуда, тие сета своја вера ја положија во лажни пророци, а двајцата свети пророци, кои навистина пророкуваа со Духот Божји, ги сметаа за лажни. Затоа Еремија го злоставуваа ерусалимците, а Езекил го мачеа во окови оние што се наоѓаа во Вавилонското ропство, како што му беше претскажал и Господ, говорејќи:
„Ќе стават врз тебе окови и ќе те врзат со нив“ (Езек. 3, 25).
Свети Езекил беше толку прозорлив, што она што се случувало на огромна оддалеченост го гледаше како да се случува пред неговите очи. Наоѓајќи се во Вавилон, тој гледал што се случува во Ерусалим и тоа му го кажувал на народот, кој беше со него во ропство. Еднаш тој од ангел беше пренесен од Вавилон во Ерусалим и поставен во Соломоновиот храм. Таму виде идоли и внатре и надвор како гадост на опустошението на свето место и одвратни богослужења кои што се вршеа во нивна чест. Виде тој како старешините Израилски вршат кадење пред киповите, како свештениците ги свртеле своите лица од престолот Божји и му се клањаат на сонцето, и како жените седат и плачат за Тамуза, измислена од елинот Адонис, љубовникот на скаредната Венера, убиен од див вепар, кого незнабошците го сврстија меѓу боговите, а расипаните евреи го примија како бог. Ја виде тој и славата Божја, слична на онаа која порано ја виде на реката Ховар: разгневена, таа се подготвуваше да излезе од храмот оставајќи го пуст, и го чу тој Господа Кој му говореше:
„Сине човечки, зарем е мало ова беззаконие, кое, како што гледаш, го вршат овие луѓе? Тие ја исполнија земјата со безбожие и се договорија да Ме разгневат и раздразнат. Затоа ќе им се одмаздам во гневот Свој, и нема да ги жали окото мое, ниту ќе се смилува на нив.
И кога ќе започнат да викаат нивните гласови во ушите Мои, нема да ги услишам“. Потоа се чу уште посилен глас Божји, кој грозно и страотно викаше и вака му зборуваше на пророкот:
„Се наближи осветата и гибелта на градот и нека секој има во рацете свои смртно оружје“.
Кога Господ го рече тоа излегоа шестмина луѓе и кај секого во раката убиствен меч, а меѓу нив имаше и еден облечен во бела свештеничка одежда, со сафир на појасот. Нему Господ му рече:
„Помини по средината на градот Ерусалим и стави им знак на челата на луѓето, слугите Мои кои воздивнуваат и жалат за гадотиите што се вршат во овој град. Тие избраници Мои ќе ги сочувам од казната“.
И појде тој благолик човек, свештенички облечен, и им стави знак на челата на луѓето кои верно Му служеа на вистинскиот Бог, Тој знак беше грчката буквата Т која личи на чесниот крст. А кога тој свештеноблаголепен маж одеше под градот и ги одбележуваше со знакот слугите Божји, по него беа испратени оние страшни шестмина луѓе, кои ги означуваа шесте војводи на халдејските војски кои што требало да дојдат со Навуходоносор, за да го разорат Ерусалим. На овие шестмина разгневениот Господ им рече:
„Одете по него во градот и убивајте. Вашето око да не жали, и не штедете ни старец, ни момче, ни девојка, ни дете, ни жена, туку сите убијте ги и истребете ги, започнувајќи од свештените ереји и старешини. А оние врз кои е Мојот знак, не допирајте ги“.
И виде светиот пророк во тоа видение како го убиваат секој сталеж и секоја возраст на жителите на Ерусалим од двата пола, како што потоа и навистина се случило. И падна пророкот ничкум пред Господа, повикувајќи:
„О, Господи! Зарем ќе го истребиш сиот остаток на Израилот, изливајќи го гневот свој врз Ерусалим!?“
Потоа светиот пророк повторно го здогледа оној благолик маж во свештеничка одежда, кој, откако се врати кај Господа, рече:
„Извршив како што ми заповедаше, Господи“.
И повторно му беше наредено од Господа да влезе меѓу тркалата под херувимите, да земе полна рака разгорени јаглени и да ги расфрла низ градот Ерусалим и со тоа да покаже дека халдејците не само што со меч ќе го истребат Ерусалим, туку и со оган ќе го спалат. По тоа видение пророкот повторно се најде во Халдеја на своето место, а она што тој го виде наскоро се исполни.
Свети Езекил исто така пророкувал и за соседните незнабожечки народи, кои што му се потсмевале на казнетиот од Бога Ерусалим: за Амониќаните, Моавиќаните, Едомланите, Филистинците, за Идумеја, Тир во Египет, објавувајќи им исто таква казна Божја, што требало да ги снајде преку халдејците, затоа што се израдувале на разорувањето и опустошувањето на Ерусалим. А кога сето тоа се исполни, тогаш тој пророкуваше за престанувањето на гневот Божји над евреите, за нивното враќање од Вавилон во својата татковина и за изградбата и обновувањето на градот и храмот. Зашто тој по втор пат од раката Господова беше пренесен во земјата Јудејска!, бидејќи Ерусалим веќе беше разорен и опустошен и во откровението виде дека местото на кое се наоѓаше Ерусалим, по Божја наредба, се премерува, градот и храмот Господов се зидаат и славата Божја го исполнува храмот свој, како што за тоа опширно пишува во неговата пророчка книга.
Целото ова видение беше таинствено претскажување на нашето ослободување од ропството на ѓаволот и уредбата на Црквата Христова што требало да се изврши со јавувањето на Бога во тело, Родениот од Пречиста Дева, Која овој пророк ја нарече „врата затворена“, низ која никој не може да помине, освен самиот Бог (Езек. 44, 2). На светиот пророк Езекил му беше дадено од Бога и откровение за воскресението на мртвите... (Езек 37, 1). Тој виде како раката Господова се спушти врз него и го изведе преку духот и го постави среде полето, кое што беше полно со човечки коски, потполно суви. И му рече Господ:
„Сине човечки, ќе оживеат ли овие коски?“
И тој рече:
„Господи Боже, Ти го знаеш тоа“.
И Господ рече:
„Изречи пророштво за тие коски и кажи им: коски суви, чујте го словото Господово. Така им вели Господ Бог на оние коски, еве Јас ќе внесам во вас дух И вие ќе оживеете. И сите тие на зборот Божји се облекоа во тело, и кога влезе во нив духот оживеаја и застанаа на своите нозе и беа многу. И рече Господ: ќе ги отворам гробовите ваши и ќе ве извадам од гробовите ваши“ (Езек. 37, 12).
Покрај тоа и за многу други тајни Божји, кои што требало јасно да се исполнат во последните времиња, му беа дадени откровенија на пророкот Божји, а тој сите однапред ги објави и ги запиша во својата книга. Кој сака нека ги прочита таму. А ние, скратувајќи ја својата повест, ќе го спомнеме само она што се потпира на сведоштвото на веродостојни раскажувачи дека светиот пророк Езекил бил и голем чудотворец. Слично на Мојсеј, тој ја разделил водата. Всушност, еднаш кога кај него на реката Ховар се беа собрале многу евреи, разбојнички ги нападнаа халдејци. Но, тој со својата молитва направи водата во реката да се раздели и им отвори сув пат на гонетите луѓе да побегнат на спротивната страна. И поминаа евреите по суво, а дрските халдејци кои побрзаа по нив по истиот пат, ги покри водата и изгинаа. Како судија во Вавилонија над племето Даново и Гадово гледајќи дека тие не Го почитуваат Господа и ги гонат оние што го исполнуваат законот Господов, тој испрати на нив змии и гадови, кои што ги касаа нивните деца и добитокот. Потоа, сожалувајќи се на нив, тој со молитвата ги острани од нив тие змии и гадови. А пак за време на глад, тој со своите молитви кон Бога обилно ја умножи храната на луѓето и ги врати од вратата на смртта кон животот смртно изнамоштените од глад.
Потоа светиот пророк Езекил заврши со маченичка смрт. Гледајќи како неговиот еврејски народ, кој со него беше во ропство, содејствува со халдејците во идолослужењето и се навикнува на сите нивни незнабожечки дела, тој ги изобличуваше и советуваше да ги остават тие беззаконија и им претеше со гневот Божји. Затоа еврејскиот старешина, предан на халдејското незнабожие се разгневи и го уби, растргнувајќи го со коњ. Народот го собра неговото раскинато тело и го погреба на полето Маур на семејната гробница на Сим и Арфаксад, прародителите Авраамови. И се собираа на неговиот гроб многу евреи и ги принесуваа таму своите молитви на Бог Саваот, Кому слава низ сите векови. Амин.
ЖИТИЕТО НА НАШИТЕ ПРЕПОДОБНИ ОТЦИ СИМЕОН,
јуродивиот ради Христа, и ЈОВАН, сопосникот негов
За време на набожниот цар Јустинијан! (527-567 г), кога Христољубивите луѓе од сите страни се слеваа во Ерусалим на празникот Крстовден (14 септемри), по промисла Божја две момчиња дојдоа од Сирија на поклонение на чесното дрво на животворниот Крст Господов. Едното момче се викаше Јован а другото Симеон. И двајцата беа од високородно потекло и богати. Во тоа време Јован имаше дваесет и четири години. Со својата млада жена живееше покрај стариот татко, а мајка му веќе беше умрена. Симеон, пак, се уште не беше оженет и имаше само мајка вдовица, старица од осумдесет години. Овие две момчиња, како сонародници, се спријателија со љубовта Христова и останаа во Ерусалим долго време, заедно посетувајќи ги Светите Места. А кога при враќањето во својата татковина се спуштија во долината Ерихунтинска, одејќи здогледаа манастири на бреговите на светата река Јордан. Тогаш Јован го праша Симеон:
- Знаеш ли кој живее во тие обители?
Желен да дознае, Симеон праша:
- А кој живее во нив?
Јован одговори:
- Ангели Божји живеат во нив.
Зачуден, Симеон воздивна и запраша:
- Можеме ли да ги видиме?
Јован одговори: .
- Ако посакаме да го водиме животот што тие го водат, тогаш несомнено ќе се насладиме на гледање на нивните лица и на нивните разговори.
И двајцата беа на коњи. Се симнаа од коњите и ги предадоа на своите слуги, велејќи:
- Одете полека пред нас.
Слугите тргнаа напред со коњите, а тие, одејќи оддалеку по нив, си разговараа како да ги спасат своите души. Одејќи полека тие дојдоа на една раскрсница: народниот пат водел кон Сирија, каде и тие требало да одат, а другиот пат водел кон Јордан, каде што ги видоа манастирите. Посочувајќи му со прстот кон патот кој водел кон Јордан, Симеон му рече на Јован:
- Еве го патот кој води во живот.
А посочувајќи кон патот што водел кон Сирија, додаде:
- Овој пат води во смрт. Затоа, брате, да застанеме на оваа раскрсница и да се помолиме на Бога, да ни укаже по кој пат да тргнеме.
И клекнаа на колена и започнаа топло да се молат на Бога, говорејќи:
- Боже! Боже! Боже! Ти сакаш спасение за целиот свет! Јави ја Својата волја на слугите Твои и покажи ни го патот по кој да тргнеме!
Долго време се молеа, па фрлија коцка која падна на патот кој водеше кон светата река Јордан. Со огромна духовна радост тие смирено Му заблагодарија на Бога, веднаш заборавија на своите семејства, ги презреа своите богатства и сета убавина и сластите на овој свет започнаа да ги сметаат како сон. И откако се прегрнаа и целиваа со свет целив, тргнаа по патот кон Јордан, по кој навистина стигнаа во вечниот живот. Итаа со радост како Петар и Јован кон животоносниот гроб Христов (Јован 20,1-10), бодрејќи се и советувајќи се еден со друг. Јован се плашеше жалоста кон старата мајка да не го одврати Симеона од добрата намера, а Симеон пак се плашеше за Јован, љубовта спрема младата жена да не го одвлече од патот. Затоа тие се обраќаа еден на друг со поуки и утехи. Јован му зборуваше на Симеон:
- Не тагувај и не паѓај со духот, мили брате. Се надевам во Господ, Кој не препороди денес. А и каква корист имаме од светските таштини? И каква помош ќе најдеме од богатствата на денот на Страшниот Суд? Зарем нема повеќе да ни наштетат? А и нашата младост и убавина, зарем засекогаш ќе останат? Зарем староста и смртта нема да ги уништат?
А Симеон велеше:
- Јас, брате, немам ни татко, ни браќа, ни сестри, само мајка, и тоа остарена, и не тагувам толку за неа колку што се плашам за тебе, за да не се откажеш од желба за твојата прекрасна и сакана жена, со која неодамна си стапил во брак.
Патуваа разговарајќи така и Го молеа Бога да им ја покаже Својата волја за нив, во кој манастир да се замонашат, па си рекоа: на кој манастир ќе ја најдеме капијата отворена, значи Бог ни наредува да влеземе во него. И се случи да дојдат во манастирот на преподобниот Герасим, во кој игумен беше боговдахновениот Никон, на кого однапред му беше јавено од Бога за доаѓањето на овие две момчиња. Тој ден Никон го виде на сон Господа, Кој му рече:
- Стани и отвори ја капијата, за Моите овци да влезат ваму. Игуменот ја отвори манастирската капија и седна покрај неа, очекувајќи го доаѓањето на слугите Христови. А пак Јован и Симеон, кога ја видоа отворената капија и старецот како седи пред неа, многу се израдуваа. Јован му рече на Симеон:
- Ова е добар знак, брате, зашто еве, манастирот е отворен и вратарот седи како да го очекува нашето доаѓање.
Кога стигнаа, игуменот стана и рече:
- Добро ни дојдовте јагниња Христови!
Ги прими со љубов во манастирот, ги угости со телесна и духовна храна, ги одмори таа ноќ, а утредента им се обрати:
- Прекрасна е и многу пријатна на Бога љубовта што ја имате кон Него, деца! Но, морате будно да внимавате непријателот да не ја згасне во вас. Вашиот пат е добар, но не треба да ослабите додека не добиете венци. Вашата намера е за пофалба, но немојте да станете мрзливи, за да не се разлади духовната топлина во вашите срца. Мудро е тоа што вечното го ставивте пред временото. Добро е да им се служи на родителите, но неспоредливо подобро е да Му се служи на Отецот небесен. Добри се браќата по тело, но далеку покорисни се духовните браќа. Корисни се пријателите ако ги имате во светот, но подобро е да се стекнуваат пријатели меѓу светите угодници Божји. Добри се вашите застапници и посредници пред кнезовите, но не се онакви какви што се Ангелите кои посредуваат за нас пред Бога. Добро е да се врши милостиња на бедните ради Бога, но никаков принос не Му е толку пријатен на Бога, како душата и волјата своја потполно да Му ги предадете Нему. Слатко е насладувањето на овој живот, но ништовно е спрема рајските наслади. Убаво е богатството и сите луѓе го сакаат, но не може да се спореди со ризниците кои што око не ги видело, уво не чуло за нив, ниту на човек на ум му дошло ПЦКор. 2, 9). Прекрасна е и убавината на младоста, но таа е ништо во споредба со убавината на Најубавиот меѓу сите синови човечки. Добро е да се биде војник на земниот цар, но да се биде војник на Царот небесен значи да се триумфира над сета вражја сила.
Вака им зборуваше преподобниот игумен и, гледајќи ги обилните солзи од нивните очи, му рече на Симеон:
- Не жали и не плачи за седите коси на твојата стара мајка. Заради твоите трудови Бог може подобро да ја утеши отколку ти, кога би бил покрај неа. И постојано да си над неа, не знаеш дали ти ќе ја погребеш неа или таа тебе. И ти би умрел без да Му угодиш на Бога, без да го имаш она што би можело да те избави од идните маки: зашто ни мајчинските солзи, ни татковата љубов, ни славата, ни богатството, ни сопругата, ни јубовта кон децата, не можат да Го умолат страшниот Судија, туку само доблесниот живот, подвизите и трудовите земени на себе ради Бога.
Потоа, обраќајќи се кон Јована, рече:
- И тебе, о чедо! Нека не ти уфрла врагот такви помисли, па да почнеш да размислуваш: како без мене ќе опстане и ќе се прехрани мојот татко? Кој ќе ја утеши мојата сопруга? Да сте ги препуштиле на еден бог а самите сте пошле да му служите на друг, тогаш со право треба да жалите за нив. Но, бидејќи на еден исти Бог вие ги доверивте своите родители и од љубов кон Него и ги оставивте, тогаш бидете сигурни дека Тој ќе се погрижи за нив. Помислете и дека кога бевте во светот и работевте за времениот живот, добрината Господова се грижеше за вас и ги полнеше вашите домови со секое добро. Дотолку повеќе Господ ќе се погрижи за вашите домови сега, кога вие сте дошле да Му служите со сето срце, сакајќи совршено да Му угодите. Сетете се, деца, што му одговори Господ на оној што сакал да оди по Него и му рекол: „Господи, дозволи ми најнапред да појдам и да го закопам својот татко".
Господ му одговорил:
- Остави мртвите нека ги погребуваат своите мртовци, а ти врви по Мене (Матеј 8, 21-22). Така и вие со одлучно срце и волја одете по Христос.
Кога би ве повикал и смртниот цар за да ве постави за свои советници, зарем нема да ги оставите вашите домови и домашни и да побрзате кај царот да му служите во слава и чест и да се насладувате на неговата милост? Ќе го сторите тоа за кратко време, додека тој сака да ве задржи.
Јован и Симеон одговорија:
- Да, така е, оче!
Игуменот продолжи: ;
- Затоа, деца, должни сме со најголема ревност и усрдност да побрзаме на повикот на Небесниот Цар, Кој нè повикува кон честа, со која не може да се спореди никаква чест на овој свет. Ние сме должни да Го послушаме Бога, Кој не призива кај Себе, сеќкавајќи се на љубовта Негова кон нас, заради кои Тој не Го поштеди единородниот Свој Син, туку Го предаде на крсна смрт, за да не направи синови Свои. И кога за тоа ние би ја пролиле нашата крв, ни тогаш не би сториле ништо достојно во споредба со добрината и љубовта која Тој ја покажа кон нас, зашто царската крв не може да се спореди со крвта на слугата.
Гледајќи дека Симеон и Јован се богато облечени, одраснати во световен раскош, иако му беше очигледно нивното топло усрдие кон Бога, сепак како боговдахновен игумен ги советуваше веднаш да не го примаат на себе монашкиот образ, туку да се испитаат себеси дали ќе можат да ги поднесат тегобите на подвижничкиот монашки живот. А тие паднаа пред неговите нозе и со солзи го молеа без одлагање да ги потстриже и облече во светиот чин.
За да ги испроба, старецот насамо му рече на Јован:
- Јас веќе го убедив твојот пријател да остане уште една година во световниот лик.
Јован на тоа му одговори:
- Ако тој сака нека остане, но јас не сум во состојба да чекам толку долго, и затоа те молам, оче, веднаш замонаши ме.
Кога ги виде дека насамо разговараат, Симеон му рече на старецот:
- Не двоуми се, оче, послушај ги зборовите на Јован, зашто и во мене трепери срцето заради него, да не отпадне од љубовта Божја заради љубовта на својата жена.
И Јован исто така му се обрати на старецот со солзи, молејќи го веднаш да ги потстриже за да не го погуби неговиот мил брат, кој би можел да отстапи од њубовта Божја заради својата стара мајка. Кога ја виде нивната голема взаемна грижа, старецот ги внесе во црквата и ги потстрижа во почетниот монашки образ. За време на чинот Јован многу плачеше, а Симеон го потчукнуваше за да молчи, зашто мислеше дека плаче за својот татко и сопругата своја. Тој, пак, лиеше солзи од пламена срдечна љубов кон Бога.
По постригот и светата Литургија игуменот повторно им изговори долга поука, знаејќи со својот прозорлив дух дека тие нема долго да останат во неговиот манастир, бидејќи Бог ќе ги повика на уште посовршено живеење. Тој ден беше сабота и игуменот сакаше утредента, во недела, да го стави на нив совршениот монашки чин на ангелскиот образ. И некои од браќата започнаа да им зборуваат на Јован и Симеон:
- Блажени сте вие, зашто утре ќе се препородите и ќе бидете чисти како новороденчиња. Ќе се очистите од вашите гревови, како тој ден да сте примиле крштение.
Тие, пак, не разбраа што им зборуваат, па се зачудија и преплашија, и веднаш отидоа кај светиот игумен, говорејќи:
- Немој да не крштеваш, оче, зашто ние сме христијани и деца на христијански родители, препородени со бањата на Светото Крштение.
Игуменот, не сфаќајќи ги нивните зборови, ги праша:
- Кој сака да ве крсти, деца?
Тие одговорија:
- Од браќата слушнавме дека утре ќе бидеме крстени.
Тогаш игуменот сфати дека браќата им зборувале за светиот ангелски образ, па рече:
- Добро ви рекле отците, зашто утре сакаме да ве облечеме во совршениот свет чин на ангелскиот образ, кој како второ крштение ќе ве очисти од вашите согрешенија извршени во светот.
А Јован и Симеон не знаеја што е тоа совршен чин на ангелскиот образ. Тогаш игуменот нареди да го повикаат братот кого што минатата недела го облече во тој совршен чин, и се уште не беа навршиле седум дена, та тој брат уште ја носеше сета облека на светиот чин, според манастирскиот устав. Кога дојде тој, Јован и Симеон паднаа пред нозете на игуменот и го молеа веднаш да ги облече во таквиот чин. Тие говореа:
- Луѓе сме, и не знаеме дали ќе ја преживееме оваа ноќ, па ќе заминеме од овој живот без таквиот венец на радоста и славата, какви што ги гледаме на овој брат.
Игуменот сфати дека тие гледаат некое видение и го отпушти повиканиот брат, а Јован и Симеон започнаа со солзи да го молат:
- Оче, ради Бога веднаш облечи не во облеката што ја видовме врз овој брат, зашто во твојот манастир навистина не видовме ниту еден во таква слава.
Игуменот ги праша:
Што видовте, деца, на тој брат?
Тие одговорија:
- На неговата глава видовме блескав венец и блесок наоколу, и некои светли личности со свеќи во рацете, кои што го опкружуваа и прекрасно пееја.
Игуменот се восхити на нивната огромна душевна чистота и им рече:
- Утре, со благодатта на Светиот Дух, и вие ќе добиете таков венец и слава, заедно со светиот ангелски чин.
Утредента, додека се вршеше светиот чин над нив, тие еден на друг гледаа венци што блескаа над нивните глави, а ноќе јасно си ги гледаа лицата еден на друг и со таква радост се исполнуваа нивните души, што тие не сакаа да вкусат ништо.
Два дена по примањето на светиот совршен чин се случи да го сретнат оној гореспоменат брат, кого го видоа во слава, но сега облечен во вреќа, како извршува манастирско послушание. Над него не го видоа претходниот венец и слава и се чудеа. Симеон му рече на Јован:
- Верувај ми, брате, по истекот на денот и ние нема да ги видиме еден на друг прекрасните венци и блесокот, како што ги гледаме сега.
Јован го праша:
- А што уште сакаш за себе, брате?
Симеон му одговори:
- Сакам да ме послушаш, та како што побегнавме од светот, така да заминеме и одовде во најосамениот пустински живот, зашто откако чесниот игумен не облече во овој свет образ, во моето срце се разгоре некоја чудесна желба, и мојата душа не сака да гледа никого, ниту да зборува, ниту да слуша, туку чезнее да живее во длабоко молчание и во потполно оддалеченост од сите.
- А што ќе јадеме во пустината? - праша Јован.
Симеон одговори:
- А што јадат останатите пустиножители, за кои слушавме од игуменот кој не поучуваше? Оној Кој ги храни нив, ќе не прехрани и нас. Тврдам дека игуменот ни зборуваше толку многу за пустиножителите, за и ние да го одбереме пустинскиот живот.
На тоа Јован му рече:
- Но ние сè уште не научивме да пееме псалми според манастирскиот устав.
Симеон одговори:
- Оној, Кој ги спасил оние што Му угодија пред Давид, ќе нè спаси и нас. И како што Тој го научил Давид, кој пасел овци во пустината, да пее псалми, така ќе нè научи и нас. Затоа послушај ме, брате, ајде заедно да Му послужиме на Бога.
Јован се согласи и рече:
- Но, како ќе излеземе од манастирот кога капијата се затвора ноќе?
Симеон одговори:
- Оној, Кој ни ја отвори дење, ќе ни ја отвори и ноќе.
Така одлучија тие, и кога настапи ноќта игуменот виде во сонот еден чесен маж, свет на изглед, како ја отвора манастирската капија и вели:
- Излезете, овци Христови, на пашата своја.
Кога се сепна од сонот, игуменот веднаш поита кон капијата и ја најде отворена. Мислејќи дека Симеон и Јован веќе излегле, седна ожалостен и воздивнувајќи си зборуваше на себе:
- Јас грешниот не бев достоен да ги примам молитвите на моите отци, зашто не јас ним, туку тие мене ми беа отци и учители. О, какви скапоцени камења (како што вели Светото Писмо) нерас: познатливо се тркалаат по земјата. Многумина ги гледаат, но малкумина можат да ги распознаат.
Додека игуменот така размислуваше и тагуваше, се појавија слугите Христови кон капијата и тој виде како пред нив одат прекрасни момчиња со запалени свеќи. Јован и Симеон не ги гледаа тие момчиња, туку, штом ја здогледаа капијата отворена, многу се израдуваа што не ги изневери нивната надеж. Но, кога го видоа старецот се исплашија и сакаа да се вратат, зашто не знаеја дека тое е игуменот. Тој им рече:
- Не плашете се, чеда! Одете во името Господово.
Тие го препознаа и многу се израдуваа, и сфатија дека Бог, Кој порано му го откри нивното доаѓање, сега му го открил и нивното заминување, па му се поклонија на старецот и рекоа:
- Ти благодариме, оче! Но не знаеме како достојно да Му заблагодариме на Бога и на чесната глава твоја. Кој од нас можеше да се надева дека ќе се удостои со такви дарови? Каков цар би можел да не почести нас со ваквиот чин? Какви ризници би не збогатиле толку брзо? Каква бања би можела така да ги очисти нашите души? Какви родители би можеле да не убат и спасат, како ти чесен оче!? После Христос ти си ни татко и мајка, и владар и пастир, наставник и раководител. Преку тебе добивме неукрадлива ризница и најдовме најскапоцен бисер на спасението. Ја познавме вистинската сила на второто крштение, како што ни кажуваа отците. Го молиме твоето блаженство, оче, откако ќе се помолиш за нас отпушти не да одиме каде што ќе не упати Бог, зашто посакавме да Му послужиме со сета своја душа. Спомнувај си за нас, оче.
Сето тоа тие го зборуваа со многу солзи. Плачеше и игуменот од духовна радост, гледајќи ја нивната огромна желба за Бога. Потоа ги постави Симеон од десната а Јован од левата страна, ги крена рацете кон небото и започна да се моли вака:
- Боже мој, праведен и славен! Боже, голем и силен! Боже, предвечен и вечен! Чуј ме, мене грешниот, во овој час! Услиши ме, Господи, зашто си ветил дека ќе ги чуеш сите кои вистински Ти служат! Исправи ги стапките на овие слуги Твои и нивните нозе постави ги на патот на мирот! Биди им помошник на овие безазлени момчиња и сочувај ги како гулаби! Запрети им на сите нечисти духови, да не им се приближуваат, туку да бегаат далеку од нивните лица. Земи оружје и штит и помагај им. Пресечи го патот на оние што ги гонат и кажи и на душата на секого од нив: Јас сум твое спасение (сп. Псалми 34, 2. 3). Направи од нивните мисли да побегне секоја малодушност и страв, од нивниот ум да исчезне гордоста, вообразеноста и секое недобро. Нека згасне секоја распаленост на телото и нека се осветат нивните души и тела. А духот нивни нека се просвети со светлината на благодатта Твоја, за растејќи духовно да достигнат совршенство и да се удостојат на уделот на угодниците Твои, Кои Те слават со светите Ангели и постојано Ти се поклонуваат Тебе, Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бога за навек. Амин.
Потоа низ солзи им рече на слугите Христови:
- Бог, Кого вие деца Го избравте и кон Кого прибегнавте, нека ви испрати ангели пред вашите лица, кои ќе го отстранат секој страв од вашиот пат и ќе одат пред вас, избавувајќи ве од секоја вражја сила, како Јаков од Лаван и Исав, и Даниил од челуста лавовска.
Откако ги прегрна, тој повторно со молитва се обрати кон Бога:
- Спаси ги, Боже, спаси ги оние кои од срце Те засакаа, зашто Ти си праведен. Господи, не оставај ги оние кои ради Тебе ја оставија сета таштина.
Потоа, повторно им се обрати и рече:
- Чувајте се, чеда, зашто заминувате во страшна и невидлива војна. Но, не плашете се. Моќен е Бог и нема да ви допушти искушенија над вашите сили. Подвизувајте се чеда, за да не бидете победени од врагот. Јуначки стојте, имајќи го како оклоп светиот монашки чин на ангелскиот образ. Сеќавајте се на оној што рекол: „Никој, што ја ставил раката своја на ралото и погледнува назад, не е подготвен за Царството Божјо“ (Лука 9, 62). Не бидете ленливи и мрзоволни со отпочнувањето на овој Господов пат, за да не се исполнат врз вас зборовите за оној што започнал да зида кула: „започна да зида и не може да доврши“ (Лука 14, 30). Бидете храбри, деца, знаејќи колку е ништовна борбата а колку е голем венецот, колку е краткокраен трудот а вечен покојот. И додека зборуваа, дојде време да се клепа за утрената и тие да излезат од манастирската капија. Симеон насамо му рече на игуменот:
- Те молам, оче, ради Господа, усрдно помоли Му се на Бога за мојот брат Јован, од неговиот ум да се избрише сеќавањето на жена му, за да не ме остави. Помоли се и за неговиот татко, Господ да го утеши, за да не тагува што го оставил синот.
Така и Јован насамо му рече на старецот:
- Заради Бога, оче, немој да го заборавиш во своите свети молитви мојот брат Симеон, да не побегне од мене кај својата мајка, влечен од љубовта кон неа.
Старецот се восхити на таквата нивна меѓусебна љубов и им вети дека ќе се моли за нив, па ги благослови и ги отпушти со мир.
Тие заминаа и по пат се молеа:
- Боже, по молитвите на твојот слуга, а наш отец Никон, води не според волјата Твоја. Ние сме странци и не знаеме каде да одиме.
Потоа Јован го праша Симеон:
- Што ќе правиме сега, брате? Каде да појдеме?
Симеон одговори:
- Ќе тргнеме десно, зашто се што е десно е добро.
И по промисла Божја тргнаа на десната страна, зашто Господ не ги остава слугите Свои. По долго патување наближија до Мртвото Море! и близу сливот на Јордан најдоа прекрасно место и ќелија, каде што живеел некој стар пустиножител, кој неколку дена пред тоа се преставил кај Господа. Имаше тука и мали садови и градина со зеленчук од која што се хранел старецот. Тие многу се израдуваа, Му заблагодарија на Бога и се населија тука. Но, по некое време, не можејќи да го поднесе богоугодното живеење на слугите Христови, ѓаволот отпочна војна против нив: уфрли во душата на Јован сеќавање на неговата жена и татка си, а во Симеон љубов спрема мајка си. Тие, пак, кога се видоа нажалени, веднаш си рекоа еден на друг:
- Ајде, брате, заедно да Му се помолиме на нашиот Господ Исус Христос, да не сочува од ѓаволските замки по молитвите на нашиот свет старец Никон.
И набрзо им дојде помошта Божја, која што ги одбиваше од нив вражјите напади. Понекогаш искушувачот им уфрлаше желба за месо и вино; понекогаш на сон им ги прикажуваше родителите и роднините, или како тагуваат по нив, или како празнуваат; понекогаш ги фрлаше во мрзоволие и ленливост, а понекогаш ги напаѓаше со страшни привиденија. Им уфрлаше и помисли да се вратат во манастирот. Но, тие, сеќавајќи се на својот завет и на светлите венци кои на почетокот ги видоа еден на друг и, сеќавајќи се на поуките и солзите на својот старец, јакнеа во Господа и се тешеа, чувствувајќи често духовна сласт во своите срца.
По јуначкото спротивставување на вражјите искушенија, на сон им се јавуваше преподобниот Никон, час советувајќи ги, час молејќи се за нив, час учејќи ги на псалмите и молитвите. И кога ќе се разбудеа го паметеа тоа што го научиле во сонот и тоа им причинуваше огромна радост. Исто така и тагата предизвикана од сеќавањето на домашните, Господ им ја олесни после две години со вакви откровенија: на сон на Симеон му се чинело како ја посетува својата мајка во нејзиниот дом и и зборува на сирски јазик: Ладохрелихем, односно не грижи се мајко, нам ни е добро. Јас и господинот Јован сме здрави и живееме во царскиот дворец. Еве, носиме венци со кои не овенча царот и не украси со светла облека. Кажи им на родителите на Јован да не тагуваат. Не грижете се за нас.
Вакво видение имаше Симеон многу пати, па сфати дека неговата мајка, утешена од Бога, повеќе не тагува за него. Исто така и на Јована на сон му се јавуваше некое пресветло лице и му велеше:
„Ете, јас направив твојот татко да не тагува повеќе и му ја исполнив душата со спокојство и радост. И твојата жена ќе ја земам овие денови во Своето царство“.
Раскажувајќи си ги еден на друг ваквите виденија, Јован и Симеон се радуваа и веселеа во Бога, Спасителот свој. И оттогаш повеќе не тагуваа, туку и ден и ноќ Го славословеа Бога. Непрестајно се молеа и за кратко време станаа достојни садови на Светиот Дух и се удостојуваа на Божествени откровенија. Понекогаш живееја разделено, но не подалеку од фрлен камен. И кога едниот ќе го нападнеше вражја помисла, веднаш прибегнуваше кон другиот. Си ги откриваа своите помисли и, молејќи се заедно ги одбиваа вражјите напади.
По некое време блажениот Симеон додека седеше сам се најде во восхитување и се виде себеси во својата татковина, во градот Едеса", крај својата болна мајка, како ја прашува:
- Како живееш, мајко?
А таа одговара:
- Добро ми е, чедо.
Тој на тоа и вели:
- Оди кај Царот и не плаши се, зашто јас Го умолив за тебе и Тој ти подготви прекрасно место. И кога Тој ќе посака, тогаш и јас ќе дојдам кај тебе.
Кога си дојде на себе, Симеон сфати дека во тој час умрела мајка му, па побрза кај братот Јован и го замоли да се помоли за душата на својата мајка, а самиот, клекнувајќи на колена, со солзи се молеше, говорејќи:
„Боже, Ти си благоволил да ја примиш жртвата Авраамова, не си го презрел дарот Авелов, а ради Својот слуга Самуил неговата мајка си ја покажал пророчица. Ти, Господи мој, Господи! Ради мене, слугата Твој, прими ја душата на мојата добра мајка, сети се на нејзините страдања и трудови што ги поднела околу мене, сети се на нејзините воздишки и солзи, што ги пролила кога ја оставив и прибегнав кај Тебе. Сети се на нејзините гради од кои ме доела, надевајќи се дека ќе има од мене утеха и помош, но не го доби тоа. Не заборавај го ридањето на нејзиното срце кога ја оставив ради Тебе. Сети се, колку ноќи око не склопила од непрекинатите мисли на мојата младост и на нејзиното сиротство. О, колку се кинело нејзиното срце, гледајќи ја облеката во која повеќе не се облекувал нејзиниот скапоцен бисер. Сети се од каква радост сум ја лишил кога заминав од неа за да Ти служам Тебе, мојот и нејзин Бог и Господ! Дај и ангел Твој, хранител силен, кој нејзината душа ќе ја избави од злите и немилостиви духови воздушни, кои сакаат сите да ги погубат. Нареди, Боже мој, нејзината душа безболно и без страв да се раздели од телото и како Благ прости и ги сите гревови сторени во овој живот. О, Боже правосуден, не води ја од тага во тага, од мака во мака, од лелек во лелек, туку дај и ги радоста и веселбата подготвени за светите Твои, Боже мој“.
Заедно со него се молеше и Јован за душата на преминатата. Јован го тешеше Симеон, говорејќи:
- Ете, брате мој, Бог ги услиша твоите молитви и ја зеде кај Себе твојата мајка. Ајде и двајцата да Го замолиме Господа за мојата поранешна жена, да ја покаже Својата милост над неа, та или да ја приведе во монаштвото или да је земе кај Себе.
И двајцата се молеа за тоа.
По некое време и блажениот Јован се најде во восхитување и ја виде својата жена како седи во својот дом. Кај неа дојде Симеоновата мајка, ја фати за рака и ѝ рече:
- Стани, сестро моја, и ајде кај мене, зашто прекрасен дом ми даде Царот, Кој мојот син и твојот маж ги направи Свои војници. Промени ја својата облека и облечи се во чиста.
И таа веднаш стана, ја промени облеката и тргна по неа.
Од ова видение Јован дозна дека неговата жена умрела и дека заедно со Симеоновата мајка е населена во местото на праведниците и многу се израдува. Оттогаш и двајцата престанаа да тагуваат и останаа во пустината дваесет и девет години, живеејќи заедно во секое страдање, јуначки борејќи се со невидливиот непријател. А особно Симеон достигна такво бестрастие, што неговото тело беше како бесчувствено дрво, и не чувствуваше во себе никаква желба, бидејќи целото тело му беше многу умртвено.
Еден ден Симеон му рече на Јован:
- Брате, повеќе нема потреба да останеме во пустината. Ајде да послужиме за спасението на другите, зашто овде сме корисни само на себе а награда за корист на другите немаме. Не вели ли апостолот: Никој да не бара своја лична полза, туку ползата на другиот. Како што јас им им угодувам на сите во се и не ја барам својата полза, туку многумина да се спасат. На сите им станав се, за некого да придобијам (1Кор.10, 24.33; 1 Кор. 9, 22).
На тоа Јован му одговори:
- Брате, мислам дека на сатаната му омрзна нашето побожно тихување и ти уфрли таква мисла. Затоа спротивстави му се и седи овде, за нашиот подвиг да го завршиме во оваа пустина.
Симеон на тоа му возврати:
- Верувај ми, брате, јас повеќе нема да останам тука, туку одам по силата Христова и ќе го исмеам светот.
Тогаш Јован започна да му зборува:
- Јас се уште не сум достигнал такво совршенство, за да можам да го исмевам светот. Се плашам светот да не ме посрами и да ме лиши од благодатта Божја. Те преколнувам, мој добар брате, не оставај ме ради Господа. Ти знаеш дека после Бога јас немам никого освен тебе. Од сите се одреков и кон тебе се приврзав, а ти сакаш да ме оставиш сам во оваа пустина. Сети се на денот кога тргнавме заедно да Му служиме на Господа и ветивме дека нема да се разделиме. Сети се кога нашиот преподобен отец Никон не облече во големиот ангелски образ, и бевме како една душа, и сите се восхитуваа на нашата њубов. Не заборавај ги зборовите на големиот старец, со кои не тешеше и советуваше при нашето заминување од манастирот.
Те молам, не оставај ме, брате, за да не пропаднам сам, па Бог ќе ја бара мојата душа од тебе.
Симеон му рече:
- Замисли дека сум умрел. Ако сега умрам, зарем ти не би останал сам? Верувај ми, ако појдеш со мене, добро ќе сториш. Ако, пак, не појдеш, нека биде волјата твоја. Но, јас нема да останам овде, туку ќе појдам каде што ми наредува Бог.
Тогаш Јован сфати дека намерата на братот е од Бога и престана да му противречи. Но, жалејќи за разделбата му рече:
- Внимавај, мили Симоне, светот да не ти го развее она што си го собрал во пустината, и она што си го стекнал со молчењето да не биде оштетено од светската врева. Немој сонот да го погуби твоето сеноќно неспиење, и немој измамите на светот да ја распнат монашката философија. Чувај се, гледањето на жените, од кои Бог те сочува до денес, да не ја упропасти твојата целомудреност и со имотољубието да не те лиши од пустинското сиромаштво. Твојот пост да не се разори со најразличните јадења, и плачот твој нека не го сотре смеата, а молитвата твоја мрзеливоста. Ако ти, брате, си добил од Бога сила, без да му наштетиш на твоето спасение да можеш да живееш во светот, сепак грижливо чувај го своето срце од она што ќе го видиш во светот. И во тоа што ќе го правиш нека не учествува твојата волја. Душата твоја нека не се допре до она што ќе се допре раката твоја. Нека не се насладува срцето кога устата ќе Јаде. Кога ќе одат нозете нека не се ремети внатрешниот мир. Се што се прави однадвор нека не се чувствува внатре. И умот твој нека остане спокоен. Јас се радувам на твоето спасение, само ти моли се на Бога за мене, да не не раздели во идниот век.
- Не плаши се, мил брате Јоване, - му одговори Симеон, - зашто тоа што сакам да го правам ќе го правам не по своја волја, туку по Божја наредба, а дека делото мое Му е угодно на Бога, ќе препознаеш по тоа што пред својата смрт ќе дојдам кај тебе, ќе се поздравам со тебе, ќе те повикам и ти по неколку дена ќе дојдеш кај мене.
Потоа застанаа на молитва и долго се молеа со многу солзи, па се прегрнаа и Јован го отпушти Симеон, долго испраќајќи го, зашто не сакаше да се раздели од него. И кога Симеон велеше: „Брате Јоване, врати се веќе!“, тие зборови за него беа како остар меч што му ја разделува душата од телото. Потоа, откако се целиваа се разделија, Симеон појде во светот а Јован се врати во пустината, лиејќи солзи.
Блажениот Симеон отиде во светиот град Ерусалим, зашто многу сакаше да ги виде Светите Места. Кога стигна до света Голгота, остана таму три дена, поклонувајќи му се на чесниот и животворен Крст и светиот гроб Господов. Усрдно се молеше на Бога неговите дела да ги сокрие од луѓето, додека не се престави од овој свет, за така да ги одбегне славата и гордоста, кои ангелот го упропастија и го фрлија од небото, и сите да го сметаат за безумен и луд. И го доби моленото, зашто Господ ги слуша молитвите на Своите вистински слуги.
И после тоа овој угодник Божји вршеше многу чудеса. Истеруваше ѓаволи, иднината ја претскажуваше, сите болести ги исцедуваше, од ненадејна смрт избавуваше, неверни кон верата обраќаше, грешни на покајание упатуваше, па сепак, луѓето не можеа да ја дознаат неговата светост, бидејќи Бог ја криеше од нив, та сите до самата негова смрт го сметаа за луд и бесомачен. А и самиот умееше своите чудесни дела со благодатта Божја да ги сокрива со привидно лудило, како што ќе видиме понатаму.
Нека никој не се соблазни кога ќе чита за некои необични и смешни постапки, што свети Симеон ги правеше во своето глумење на лудило, исмевајќи го суетниот и горделив свет, туку секој нека размисли за апостолските зборови: Кој сака да биде мудар во овој свет, нека биде безумен. Ние сме безумни Христа ради. Божјото безумие е помудро од луѓето (1 Кор. 3, 18; 4,10; 1, 25). Од Ерусалим тој отиде во Емеса и таму го отпочна своето безумие Христа ради; наближувајќи кон градот, тој на ѓубриштето здогледа мртов пес, па го извади својот појас, го врза песот за ногата и го одвлече во градот, брзо минувајќи низ капијата и влечејќи го по улиците. На тоа се собраа многу деца, кои трчаа по него и викаа:
- Монах јуродив, монах налудничав!
И фрлаа камења по него, и го тепаа со стапови.
Утредента, во недела, преподобниот Симон влезе во црквата на почетокот на Литургијата, со ореви во пазувите. Најпрвин тој започна да ги гаси свеќите, а кога се обидоа да го истераат отрча на амвонот и започна да фрла ореви по жените, и одвај со огромна мака го избркаа од црквата. А тој, бегајќи, ги собори лебовите по продавниците, та продавачите толку го изнатепаа што одвај остана жив.
Потоа еден човек, тезгаџија по занимање, согласник на Севировата ерес, кога го здогледа овој блажен старец, а незнаејќи за неговото јуродивство, му рече:
- Зошто скиташ, старче? Ајде кај мене, па продавај леќа, грав, хелда и друг зеленчук.
Тој веднаш се согласи, и штом седна во дуќанчето на тој човек, започна бесплатно да им го раздава зеленчукот на ништите кои доаѓаа, а и самиот јадеше, зашто веќе цела седмица не беше каснал ништо. И кога раздаде се а не наплати ништо, човекот толку го натепа, што му ја искорна брадата и го избрка од својата куќа. Но, старецот не замина, туку седна крај неговите порти. По еден час тој ја слушна сопругата на тезгаџијата како бара жар за да ја покади куќата, па отрча кај печката, зеде жар во шаката и ѝ однесе. Жената се запрепасти и викна по него:
- Што правиш? Зошто ги гориш своите раце?
А тој ја стави жарта врз својата облека и рече:
- Ако не сакаш да покадам со рацете, тогаш тоа ќе го сторам со облеката.
И откако стави темјан, кадеше додека жарта не згасна. Кога видоа дека рацете и облеката не му се повредија од огнот, жената и мажот многу се восхитија, па се присоединија кон Светата Вселенска Црква, а старецот започнаа да го почитуваат како светител. Но тој побегна од нивната куќа и не се врати додека тоа чудо не остана во заборав.
Додека преподобниот изиграваше луд во градот, еден меанџија го зеде кај себе како слуга. Тој меанџија беше многу суров и немилосрден и ретко му даваше храна, иако многу заработуваше од него, зашто сите граѓани со потсмев велеа:
- Ајде да пиеме во меаната, каде што е јуродивиот!
Зашто старецот со својата налудничавост ги веселеше пијачите. Еднаш доползи змија, се напи вино од садот и откако испушти отров во виното, замина. Во тоа време немаше никого во меаната, а јуродивиот беше надвор, мавтајќи се среде народот и играјќи со тапанот. А кога малку подоцна влезе во меаната над садот, здогледа напишан збор, кој никој друг не го гледаше. Беше напишан зборот „смрт“. Старецот сфати што се случило, зеде едно дрво, го разби садот и виното се проли. Во тој момент наиде меанџијата, па кога го виде тоа го дофати истото дрво и без милост го тепаше старецот, додека самиот не се измори, па го избрка од куќата.
Утредента старецот повторно дојде во меаната, како да се криеше од својот газда, а змијата повторно се довлечка и започна да пие вино од другиот сад. Меанџијата дофати едно дрво и, сакајќи да ја убие змијата удри во садот, и садот се разби и виното се истури. Се искршија и чашите во близина, а пак старецот, кој стоеше позади, викна:
- Гледаш ли дека не само јас безумниот ги кршам садовите, туку и ти го правиш истото.
Тогаш меанџијата сфати дека Симеон вчера го разбил садот заради отровот на змијата, па се покаја што го претепа како невин и започна да го почитува како светител. Старецот не сакаше да го почитуваат туку да го бесчестат со изгледот на лудак, па мудро го сокриваше своето свето ангелски живеење во тело, па еден ден, додека сопругата на меанџијата се одмораше сама во својата соба а нејзиниот маж продаваше вино, влезе кај неа и започна да ја соблекува, како да сака да легне покрај неа. Жената се развика, па дотрча нејзиниот маж и таа му рече:
- Овој лудак ми се нафрли! Веднаш избркај го!
Меанџијата му удри шлаканици и го избрка. Старецот седеше надвор треперејќи од студ во една ветва искината наметка. Оттогаш не само што меанџијата не го сметаше за светец, туку и на другите што зборуваа дека Симеон е јуродив ради Христа, тој со заклетва им тврдеше:
- Тој навистина е бесомачен и луд, а згора на тоа и блудник, зашто ја нападна мојата жена. Тој и месо јаде, и други лоши работи прави, како да не постои Бог.
Навистина преподобниот, за да го сокрие своето постење, многу пати после седмодневното нејадење јадел месо пред сите, исклучиво само за да го сметаат не само за лудак, туку и за грешник. За уште повеќе да го истакне своето божемно лудило, тој го отфрлаше човечкиот срам и многу пати одеше гол по плоштадот како бестелесен, тој - вистинскиот подражавач на Бестелесните. Ѓаконот кој служеше при црквата во тој град, на име Јован, доблесен и богоугоден човек, потполно го знаеше Симеоновото преправање како јуродив ради Христа. Кога еднаш виде дека старецот е многу истоштен од долгото нејадење и тешкиот подвиг, и сакајќи како на шега да го искапе, го праша:
- Лудо, сакаш ли да дојдеш во бањата да се искапеш?
А тој се насмеа и рече:
- Сакам, сакам.
И веднаш ја симна од себе својата искината облека, ја свитка и си ја стави на главата.
Ѓаконот му рече:
- Облечи се, брате, зашто ако одиш гол, јас нема да дојдам со тебе.
Старецот му одговори:
- Јас тргнав ваков. Ако не сакаш да одиш со мене, јас ќе побрзам пред тебе.
Го рече тоа и потрча напред. А имаше две бањи, една машка и една женска. Тој ја одмина машката и појде кај женската. Гаконот го стигна и викна:
- Застани, лудо, не оди таму, тоа е женска бања!
Симеон се сврте кон него и рече:
- Тоа е сеедно. И таму има топла и ладна вода, како и ваму. Ништо повеќе нема ни таму ни ваму.
И отрча напред и влезе гол во бањата меѓу жените. Тие веднаш полетаа кон него и со тепање го исфрлија надвор.
Потоа ѓаконот насамо го праша свети Симеон:
- Оче, како се чувствуваше твоето тело кога гол влезе меѓу жените?
Старецот одговори:
- Верувај ми, брате, како дрво меѓу дрвја, така и јас тогаш бев меѓу нив, ниту чувствував дека имам тело, ниту помислував дека кај тела влегов, туку сиот мој ум беше во делото Божјо. Таквото бестрастие на своето умртвено тело му го откри блажениот на тој ѓакон, од кого не го сокриваше своето целосно житие, гледајќи во него вистински слуга Божји. И живееја тие во пријателска љубов во Христа, знаејќи си ги богоугодните дела еден на друг.
Преподобниот Симеон живееше јуродиво, спасувајќиИ се не само себеси туку и другите, зашто многу грешници приведуваше кон покајание, поучувајќи ги со зборови и дела. Едно момче падна во прељуба и веднаш како казна Божја неговото тело беше предадено на сатаната да го мачи (1 Кор. 5,5), и го мачеше нечист дух. Старецот го виде тоа, му удри шлаканица, и на уво му рече:
- Не врши прељуба.
Во тој момент излезе бесот и момчето оздраве. А кога го прашуваа како се исцелило, тоа велеше:
- Видов старец со дрвен крст во раката, кој го избрка од мене страшниот црн пес, тепајќи го со крстот и јас оздравев.
Момчето не можеше да открие дека Симеон јуродивиот го исцели, зашто Бог му го задржуваше јазикот се до Симеоновото преставување.
Имаше еден актер на име Псифас, кој на плоштадите изведуваше смешни игри. Додека еднаш тој ја извршуваше својата вообичаена работа пред народот, таму наиде преподобниот Симеон. Кога го здогледа актерот прозре дека тој има некоја доблест во својот живот, па сакајќи да го одврати од таа непријатна работа, зеде едно мало каменче, го прекрсти и го фрли по него, та го удри во десната рака. Во тој миг раката му се исуши и никако не можеше да се дознае кој фрлил камен по него. Актерот си замина болен и тажен. На сон му се јави преподобниот и му рече:
- Јас те удрив со каменчето, и ако не се покаеш и не ми се заколнеш дека повеќе нема да се занимаваш со хумористичната вештина, нема да се исцелиш.
Актерот му се заколна во Пречиста Дева Богородица дека повеќе нема да се занимава со тие игри и штом се разбуди се почувствува здрав. Раката му беше исцелена, но не можеше да го именува својот исцелител, туку само тврдеше дека го исцелил некој монах, кој на главата имал венец од палмови гранчиња.
Преподобниот ја предвидуваше иднината и однапред го објавуваше она што беше непознато за другите. Во времето на царот Маврикиј силен земјотрес ја разори Антиохија, и сруши многу згради во Емесија. Неколку дена пред тој земјотрес старецот Симеон јуродивствувајќи дофати од училиштето камшик исплетен од ремења од каиши, па трчајќи низ градот удираше по камените столбови на кои што се држеа зградите. На некои од столбовите тој им велеше:
- Господ ти наредува, стој цврсто!
А на еден столб му рече:
- Ти, ниту стој ниту паѓај!
И кога настана земјотресот, сите столбови на кои светиот удирајќи ги им нареди да стојат останаа целосни, а другите испопаѓаа со куќите кои што ги држеа и се претворија во прав. А пак столбот на кој старецот му рече „Ти, ниту стој ниту паѓај“ се распукна на половина одозгора до долу и стоеше малку накривен. Кога светителот ги удираше столбовите и им наредуваше да стојат, луѓето мислеа дека тоа го прави во лудило. А кога ги здогледаа тие исти столбови како цо земјотресот стојат прави и недопрени, многумина сфатија дека тоа било пророчко претскажување на јуродивиот за земјотресот.
Исто така, кога требало да настане помор, светецот доаѓаше во училиштето, ги бакнуваше децата како да се смее и на секое му велеше:
- Оди, о добри мој! Оди, о прекрасен мој!
Но, тој не ги бакнуваше сите деца, туку само оние што му ги посочуваше благодатта. А на учителот му велеше:
- Во името на Бога, брате, не тепај ги децата кои јас ги бакнувам, зашто ќе одат на далечен пат.
Учителот го исмеваше старецот и некогаш самиот го тепаше а понекогаш ги тераше и децата да го тепаат. Го врзуваа за столб и го тепаа.
Кога, пак, со допуштање Божјо градот го зафати помор, не преживеа ниту едно од децата кои светителот ги бакна, туку сите умреа. Тогаш го сфатија неговото пророштво.
Старецот имаше обичај да влегува во домовите на богаташите и да игра како јуродив, при што многу пати пред сите ги бакнуваше нивните робинки. Но, се случи еднаш една робинка на еден знаменит граѓанин да забремени од некое момче. И кога се дозна дека е бремена и нејзината господарка ја распрашуваше со кого згрешила, таа не сакаше да го издаде нејзиниот љубовник, туку рече дека ја обесчестил јуродивиот црноризец. Кога старецот по обичај дојде во таа куќа, госпоѓата го праша:
- Симеоне, зарем добро си постапил со мојата робинка, та сега таа е бремена од тебе, Насмевнувајќи се, старецот рече:
- Не грижи се сега, не грижи се додека таа да роди, па ќе го имаш малиот Симеон.
Од тој ден старецот таа робинка започна да ја нарекуваа своја жена и секој ден доаѓаше кај неа и ѝ носеше чист леб, месо и риба, и ѝ зборуваше:
- Јади, моја жено, јади!
А кога дојде време да роди, робинката се разболе, три дена не можеше да роди и беше на умирање. Тогаш госпоѓата му рече на преподобниот:
- Помоли се, старче, на Бога, зашто твојата жена не може да роди.
А тој, играјќи и плескајќи со рацете, зборуваше:
- Во името на Исус, во името на Исус, таа нема да се породи додека не признае кој е татко на детето.
Кога го слушна тоа робинката призна дека го наклеветила невиниот монах и кажа со кого паднала во грев. Тогаш се породи. И започнаа старецот да го сметаат за свет, а пак други зборуваа дека тој под дејство на сатаната врши маѓии и навистина е луд и бесомачен.
Свети Симеон исто така ги провидуваше и тајните помисли на човечките срца а тоа се гледа од следново:
Близу градот имаше манастир во кој двајца отци водеа разговор за Ориген и истражуваа поради што таков мудрец залугал во ерес. Едниот тврдеше дека Оригеновата мудрост не е од Бога туку од учење и читање на многу книги, а другиот дека е невозможно за човекот без благодатта Божја да зборува и пишува работи од кои некои и до денес се примаат од православните. По долгото расправање и несогласување, тие си рекоа:
- Се слуша дека во Јорданската пустина има големи свети богомудри отци. Да појдеме кај нив, за да најдеме одговор на нашиот спор. И отидоа најпрвин во светиот град Ерусалим, се поклонија на Светите Места, па се упатија во пустината на Мртвото Море. По промисла Божја таму го најдоа преподобниот Јован, сопосникот Симеонов. Во тоа време и Јован веќе беше во совршена мера на светост и имаше дар на прозорливост. Штом ги здогледа отците, тој им рече:
- Добро сте сториле штом сте го оставиле морето, за да нацрпете вода од суво езеро.
По долгата духовна беседа меѓу нив, кога беше споменат и спорот за Ориген, преподобниот Јован им рече:
- Јас, отци, не сум добил дар од Бога да можам да расудувам за несфатливи работи. Туку појдете кај Симеон јуродивиот во вашиот град, тој ќе ви одговори за се што ќе го прашате.
Кога се вратија во својот крај, тие дојдоа во Емеса и се распрашуваа за јуродивиот старец Симеон, а некои потсмевајќи се, им рекоа;
- Што сакате да слушнете од безумниот, кој сите ги соблазнува и исмева, а особено ги срамоти монасите.
А тие не им обрнуваа внимание, туку го бараа старецот и го најдоа во домот на еден тезгаџија, каде што се беше наведнал над гравот и јадеше од него како мечка. И веднаш едниот од нив се соблазни и смеејќи се си рече во себе:
- Навистина сме дошле да видиме голем мудрец! Тој многу ќе не научи. Му пристапија и му рекоа:
- Благослови, оче!
А тој гневно погледна во нив и рече:
- Залудно сте дошле. Безумен е оној што ве испратил кај мене. Потоа стана, силно го удри по образот соблазнетиот и се развика:
- Зошто го исмеваш гравот? Четириесет дена е квасен. Ориген таков нема јадено и навлегувајќи во морето, не можеше да излезе од него и се потоци во длабочините. Одете си одовде! Одете си, зашто ќе бидете тепани!
Тие заминаа восхитени од старчевата прозорливост, зашто пред да го прашаат им кажа за Ориген, го спомна оној што ги пратил кај него и ја изобличи помислата на срцето. Но, не можеа никому да зборуваат за него. А со тоа пак што рече дека гравот четириесет дена е квасен, означи дека толку дена останал без храна, како што за тоа самиот подоцна му раскажа на својот пријател, ѓаконот Јован.
Еден ден преподобниот Симеон зеде од тезгата свирка и излезе на улицата близу местото на кое во пуста куќа се беше населил нечист дух и плашеше многумина кои доцна минувале оттука, а некои и повредувал. Откако седна таму, светителот ја изведуваше на свиралото молитвата на својот преподобен отец Никон, што ја беше научил од него и го избрка бесот оттаму. Но бесот се преобрази во мал страшен црнец, побегна во продавницата, ги исплаши сите таму и ги искрши сите садови. Кога Симеон се врати, ја здогледа жената на продавачот преплашена, а таа му раскажа како некој страшен јаросен црнец со низок раст, брзо влегол, ги преплашил сите и сè испокршил.
На тоа светителот ѝ рече:
- Јас го испратив кај вас, затоа што не се присоединувате кон Светата Црква (тие беа во Северовата ерес).
Жената замавна да го удри, но тој се наведна, зеде грст земја и ја фрли во лицето и викна:
- Нема да ме фатиш додека не се присоединиш кон мојата црква, а ако не сакаш повторно ќе ви дојде црнецот.
Откако го рече тоа побегна од таа куќа. Утредента повторно во истото време како и вчера, бесот во облик на црнец влезе во истата продавница и го стори истото. Тогаш сите жители на таа куќа се присоединија кон Православната Црква.
Исто така и еден евреин, хулител на името Христово, беше обратен кон Христа од преподобниот Симеон. Тој евреин еднаш виде како старецот се мие и два ангела разговараат со него, па сфати дека е угодник Божји. Тој сакаше да објави за него, но светителот му се јави на сон и му запрети да молчи. Но евреинот излезе утредента на плоштадот и не можејќи да ја сочува тајната сакаше да зборува пред народот за Симеон. Во тој момент светителот застана пред него, ја прекрсти неговата уста и го онеме, па побегна скокајќи и играјќи среде народот. Така евреинот остана нем, па отиде кај светителот, му се поклонуваше и со мавтање на главата му покажуваше дека треба да се крсти.
Старецот му се јави на сон и му рече:
- Или крсти се, или остани нем.
Тогаш евреинот се крсти и јазикот му се разврза, та го славеше Бога. Потоа старецот ги крсти и сите негови домашни.
Свети Симеон достигна таква чистота и бестрастие, така што играјќи среде жените беше како чисто злато среде огнот. И многу пати бесрамни жени го скокоткаа, вовлекувајќи си ги рацете во неговите пазуви, но тој остануваше како мртов, бидејќи благодатта Божја беше ја зела од него секоја природна желба. За себе тој на споменатиот ѓакон Јован му зборувал:
- Кога бев во пустината на почетокот имав голема мака од телесните страсти и со солзи Го молев Бога да ми ја олесни таа борба. Тогаш ми се јави свети Никон и ме праша:
- Како живееш, брате?
Јас му одговорив:
- Жестоко страдам, оче, и ако ти не ми помогнеш, не знам што да правам, зашто телото војува против мене. Насмевнувајќи се, старецот црпна вода од својот Јордан, ми ја изли врз стомакот во вид на крст и ми рече:
- Ете, здрав си! И оттогаш јас престанав да чувствувам во себе телесна страст и на сон и на јаве.
Еве што му раскажа за себе блажениот на оној ѓакон:
- Како бестрастен, тој без страв им пристапувал на жените и како што некогаш капината на Синај стоеше несогорливо среде огнот, така стоеше и тој меѓу жените. Тој одеше меѓу нив за нивно спасение. Понекогаш на некоја од блудниците им велеше:
- Сакаш ли да те имам за пријателка? Еве, ќе ти дадам сто дукати, само не врши грев со никого.
Зборувајќи го тоа, тој ѝ покажуваше на блудницата злато, кое Бог невидливо му го даваше. Блудниците пак, исмевајќи го, ветуваа дека нема да грешат со никого, но тој бараше заклетва од нив. И ако некоја се заколнела дека останатиот живот ќе го помине во чистота, тој и давал злато. Но ако не ја одржела заклетвата светителот веднаш го дознавал тоа, ја изобличувал и ѝ испраќал или некоја тешка болест, или да ја мачи бес, додека не приложи вистински докази дека навистина се покајала.
На тој начин светителот спаси многу блудници. А кога луѓето ќе започнеа да го сметаат за светител, тој веднаш ќе направеше такво нешто, што беше очигледен доказ на безумие а не на светост.
Така понекогаш одеше ползејќи а понекогаш скокајќи. Ползејќи ги сплеткуваше минувачите, а понекогаш лежеше на земјата, тепајќи ја со нозете. Додека се менувала месечината се правеше бесомачен и паѓаше како мачен од бес. Тој правеше и многу други работи, непријатни и грди за гледање, истакнувајќи се себеси како луд, за никој да не го смета за свет. Еднаш тој Светата Четириесетница ја помина без храна а на Велики Четврток наутро седна на плоштадот и започна да јаде. Минувачите го гледаа и зборуваа:
- Погледнете го овој безумник. Ни Велики Четврток не го почитува, туку уште рано јаде.
Го здогледа ѓаконот Јован и го праша:
- За колку го купи тоа што го јадеш?
- За четириесет бакаруши.
Со тоа прикриено укажуваше дека четириесет дена не јадел. Слушајќи за таквото живеење на Симеон, еден велможа кој живееше близу Емеса многу слушаше за таквиот живот на Симеон, па рече:
- Ќе појдам да го видам, па ќе дознаам дали е јуродив или навистина е безумен.
А кога влезе во градот и се наоѓаше близу една јавна куќа, тој виде како една блудница го носи старецот на својот грб, а друга го тепа со каиш, па се соблазни во душата и помисли:
- Кој не би поверувал дека овој лажен монах блудничи со тие расипани жени?
Кога го помисли тоа во себе, велможата беше недалеку од јуродивиот. Тогаш старецот ги остави тие жени, дотрча, му удри шлаканица на велможата, ја раскина облеката, без срам му го покажа своето умртвено тело и, скокајќи пред него го прашуваше:
- Мислиш ли несреќнику, дека овде може да се појави похота?
Велможата се восхити што старецот оддалеку ја дозна неговата помисла и се увери дека тој навистина е слуга Божји, кој доброволно е јуродив ради Христа. Но, тој не можеше никому да зборува за тоа, иако сакаше, зашто некоја сила му го задржуваше јазикот, се до преставувањето на светителот.
Бесот повторно се насели во една пуста куќа во градот. Приближувајќи се кон таа куќа преподобниот Симеон го виде бесот како се подготвил да го нападне првиот кој што ќе помине оттука, па собра во пазувите ситни камења, застана на спротивната страна и фрлаше по сите кои минуваа, за да ги спречи да не поминат оттаму. Само еден пес јурна напред и веднаш беше поразен од бесот и започна да исфрла пена. Тогаш светителот им рече на луѓето:
- Сега минувајте, зашто наместо човек поразен е пес.
Потоа се случи старецот да минува покрај едно место каде играа многу девојки. Штом го здогледав, девојките започнаа да го исмеваат, викајќи:
- Монах! Монах!
И го повикуваа да игра со нив, а тој, сакајќи да ја казни нивната непристојност и да ги вразуми, тајно се помоли на Бога, та на сите им ги искриви очите и секоја гледаше попреку, а тој си го продолжи патот. Девојките сфатија дека тоа го сторил јуродивиот и, плачејќи потрчаа по него и го молеа:
- Исправи ни ги очите, Јуродиви!
Сметаа дека тоа им го сторил со маѓии, па го фатија и го присилуваа, велејќи:
- Одврзи го тоа што си го заврзал.
А тој, играјќи им рече:
- Ако некоја од вас сака да се исцели, нека ми дозволи да и ги бакнам искривените очи, па ќе се исцели.
Некои од нив, кои Бог сакал да ги исцели, се согласија старецот да им ги бакне очите и веднаш се исцелија. Оние пак, кои се згадија од старецот, останаа неисцелени. Но кога одмина тие викнаа по него, плачејќи:
- Причекај Јуродиви, причекај и бакни не.
Но, старецот не ги послуша и бегаше а девојките трчаа по него. Луѓето зборуваа дека девојките си играат со него, а некои пак сметаа дека и тие станале јуродиви. На некои од наблудувачите старецот им зборуваше:
- Ако Бог не им ги искривеше очите, тие со блудничењето ќе ги надминеа сите сирски жени. А сега нема да бидат такви.
Еднаш неколку емесиски граѓани отидоа во Ерусалим за Воскресение. На враќање од празникот еден се оддели од нив и отиде во пустината да ги посети светите Отци и да се удостои на нивниот благослов и молитви.
Обиколувајќи ги ќелиите на отците, тој им даваше милостиња од својот имот. И по Божјо уредување го сретна во пустината преподобниот Јован, некогашниот сопосник на свети Симеон, кој живееше близу Мртвото Море и Јордан. Граѓанинот му се поклони, просејќи благослов и молитви. Преподобниот Јован му рече:
- Имајќи го во својот град угодникот Божји Симеон, наречен јуродив, зошто од мене бедниот просиш молитви? Од неговите молитви има потреба целиот свет, не само јас!
И го внесе тој човек во својата ќелија, во која се најде трпеза, поставена од невидлива рака, испратена од Бога, необична за пустината. Имаше чисти и топли лебови, прекрасни риби, добро вино и садови. Тие седнаа и јадеа и откако се наситија Му благодареа на Бога. По трпезата преподобниот Јован зеде три просфори, исто така испратени од Бога, му ги даде на тој човек и му рече:
- Ова предај му го на мојот брат Симеон јуродивиот и кажи му: „Моли се за твојот брат Јован“. А кога преподобниот Симеон го сретна на капијата тој човек кога се враќаше во градот Емеса, го праша:
- Здрав ли е мојот брат Јован? Ти, ги изеде ли оние три просфори, што тој ми ги испрати на благослов?
Човекот се восхити на таквата прозорливост, а старецот го одведе во својата скромна колиба и му предложи исто таква трпеза, од Бога испратена, како кај преподобниот Јован. Притоа преподобниот Симеон му раскажа на човекот се што разговарале со Јован во пустината и што јаделе и пиеле. Кога си замина, тој човек со ужас се восхитуваше на старчевата прозорливост, но никому не смееше да зборува за тоа, и затоа што Бог му бранеше, и затоа што се срамеше од луѓето, зашто знаеше дека нема да му поверуваат, бидејќи сите го сметаат Симеон за луд (а беше помудар од сите луѓе).
Еднаш гореспоменатиот ѓакон Јован со Божјо допуштање го снајде ваква напаст: некои злосторници ноќе извршија убиство во градот, па лешот го фрлија во дворот на ѓаконот. И кога осамна настана голема збрка. Кнезот го фати ѓаконот и му судеше како на убиец. Не се најде сведок и тој не можеше да се одбрани. Така невиниот ѓакон беше осуден на смрт со бесење на дрво. Воден на губилиштето, тој повторуваше:
- Боже на јуродивиот, помогни ми! Боже Симеонов, дојди ми во овој час!
Во тоа време Симеон беше на друго место и го вршеше своето лудување. Бидејќи беше волја Господова да го избави ѓаконот од таквата срамна смрт, кај старецот Симеон дојде еден човек и му рече:
- Лудо, твојот пријател и добротвор ѓакон Јован е осуден на смрт. Ако умре тој и ти ќе умреш од глад, зашто никој не се грижи за тебе како тој.
Потоа му раскажа поради што е осуден. Светителот веднаш отиде на местото каде што беше навикнал тајно да се моли. Тоа место го знаеше само ѓаконот Јован. Таму ги преклони колената и започна усрдно да се моли на Бога, за да го избави ѓаконот од смртта. И веднаш беа пронајдени убијците, и судијата испрати брзи коњаници да не се изврши смртната пресуда. Откако го ослободија, ѓаконот веднаш отиде на местото каде што се молеше свети Симеон, го затекна на молитва со кренати раце, и во ужас застана зад него. Видел тој, како што подоцна со заклетва тврдеше, како од устата на светителот излегуваат огнени јазици како мечеви, и огнен круг околу него, и не смеел да му се приближи, додека не ја заврши молитвата и огнениот круг не се искачи на небото. Светителот се сврте и му рече на ѓаконот:
- Брате Јоване, ти за малку не ја испи чашата на смртта. Туку појди и моли се, и благодари Му на избавителот Бог. Ова искушение те снајде затоа што кај тебе дојдоа двајца просјаци, а ти имаше што да им дадеш но не им даде ништо, туку се сврте и ги испрати празни. Зарем е твое она што го даваш? Или не му веруваш на оној што рекол дека оној кој ради Бога му дава на сиромавиот ќе прими сто пати повеќе во овој живот, а во идниот ќе добие живот вечен. Ако веруваш, тогаш давај! Ако не даваш, тогаш е очигледно дека не веруваш во Господа.
Такви беа зборовите на јуродивиот, лудиот, односно светиот и преподобен маж, зашто кога беше насамо со Ѓаконот Јован, тој не правеше ништо лудо, туку со кротко и скрушено срце разговараше за корисни работи. И многу пати тој ѓакон додека го слушаше чувствуваше прекрасен мирис, кој излегуваше од неговата уста. Една недела наутро, по седумдневното нејадење, свети Симеон зеде во десната рака колбас, го префрли преку рамото како ѓаконски орар а во левата носеше сенф. Колбасот го топнуваше во сенфот и јадеше. На оние што му приоѓаа да го задеваат, тој со сенфот им ги мачкаше устите. Му пријде и еден прост селанец со болни очи, и тоа слеп на едното око, а светителот одненадеж му ги премачка очите со сенф. Селанецот залелека а јуродивиот му рече:
- Оди, безумнику, измиј се со оцет и кромид и веднаш ќе оздравиш. Но тој не го послуша светителот, туку појде кај лекарите и уште повеќе ослепе и тешко се разболе. Потоа се покаја и рече:
- Ќе го направам она што ми го рече јуродивиот старец, па макар и очите да ми испрснат. И кога ги изми очите со оцет и кромид, веднаш оздраве. После тоа светиот старец го сретна некаде попат и му рече:
- Ете, сега си здрав, па повеќе немој да ги крадеш козите на твојот сосед.
Така светителот го поучи крадецот, знаејќи ги тајните дела човечки.
На еден граѓанин му беа украдени петстотини дукати. Тоа многу го нажали и тој започна да трага по украденото злато. Но тој човек беше многу суров кон своите робови и немилосрдно ги тепаше. Еднаш старецот го сретна на улица и го праша:
- Сакаш ли да се најдат твоите дукати?
- Да, да! - одговори тој.
- А што ќе ми дадеш ако сега го пронајдеш своето злато? - праша Јуродивиот.
- Ќе ти дадам десет дукати - одговори тој. На тоа светителот му рече:
- Не сакам злато, туку сакам да ми се заколнеш дека нема да го тепаш оној што го украл, ниту пак некој друг воопшто. И граѓанинот му се заколна. Тогаш светителот му откри:
- Твојот пекар ти ги украде дукатите, но внимавај, немој да го тепаш, ниту него ниту било кој друг. Кога се врати во својот дом, овој човек затекна се како што му рече светителот, и го зеде од својот слуга пекар сето злато, без да го тепа. Потоа, кога ќе сакаше да натепа некого од робовите поради нешто, му се вкочануваше раката и не можеше. Тогаш се сети на својата заклетва, па отиде кај јуродивиот старец и му рече:
- Разреши ја заклетвата, лудо, за раката да ми биде слободна.
А тој, како да не го разбира, се правеше луд. Тој граѓанин многу пати доаѓаше кај старецот и му досадуваше да му ја разреши заклетвата, па тој му се јави на сон и му рече:
- Ќе те разрешам од заклетвата, но ќе те лишам од твоето злато и ќе ти го уништам сиот имот. Зошто сакаш да ги тепаш своите слуги, кои во идниот живот ќе одат пред тебе?
По ова видение тој човек се исполни со страв Божји и беше кроток спрема сите.
За луѓето да не гледаат светител во него поради таквите чудеса, тој се правеше луд, бесомачен, и како под дејство на ѓаволот да дознавал што прават луѓето тајно. Затоа одеше со бесомачните како и самиот да е бесомачен. И, сожалувајќи ги, тој со својата молитва ги истеруваше бесовите од многумина. А други бесомачни, односно самите бесови кои беа во луѓето, роптаа против него:
„О, лудо, зошто си дошол? Оди си одовде, ти не си од нас. Зошто цела ноќ не мачиш?“
Во божемното лудило свети Симеон, бидејќи со Духот Свети знаеше се, многу луѓе изобличуваше за нивните тајни гревови. Некои заради нечистотија, некои заради кражба, некои заради погазување на заклетва, секого заради неговиот грев. Ги изобличуваше, некои насамо, некои пред другите, некои во приказни, укажувајќи им на нивните зли дела, за да зирнат во својата совест, а некои јавно ги караше за беззаконието што го извршиле. И така целиот град го чуваше од смртните гревови, приведувајќи ги луѓето кон совест и покајание. Меѓутоа многумина мислеа дека тој нивните тајни ги знае од бесовите а не од Бога, та и самиот го сметаа за бесомачен. Поради тоа некои од непокајаните грешници се плашеа да му излезат пред очи, или да се сретнат со него, туку бегаа од него за да не бидат изобличени.
Во тоа време во градот живееше една маѓепсница, која правеше маѓии и многу зло им нанесуваше на луѓето. Преподобниот започна често да доаѓа кај неа, божем како нејзин пријател, и да ѝ носи храна, парички и фустани, што му ги даваа другите. Еднаш тој ѝ рече:
- Сакаш ли да ти направам такво предметче, со кое, кога ќе го носиш, никој не ќе може да те урочи, ниту пак некакво зло ќе се приближи до тебе?
А таа, мислејќи дека јуродивиот знае такво нешто под дејство на бесовите, му рече:
- Сакам, направи ми!
Тој зеде една мала даскичка и на неа на сирски јазик напиша: „Бог нека ти забрани повеќе да не ги одвраќаш луѓето од Него“.
И ѝ ја даде таа даскичка да си ја врзе околу вратот. Штом го стори тоа жената, веднаш се уништи маѓиската сила во неа, и повеќе никому не можеше да му наштети, ниту пак некому да му помогне.
Старецот, одејќи со своите бедни браќа, наближи кај една печка во која што еден евреин правел стакло. Во тоа време евреинот правеше чаши а светителот седна покрај печката да се згрее и им рече на своите бедни пријатели:
- Сакате ли да ве насмеам?
Сите ги свртеа очите кон него, за да видат што ќе направи. И кога евреинот изработи една чаша, свети Симеон оддалеку ја осени со крсниот знак, и во тој миг таа се распрсна на парчиња. Евреинот направи и друга, но и таа од крсниот знак на свети Симеон се распрсна како првата. Истото се случи и со третата, и четвртата, и се до седмата, и бедните се смееја и кикотеа, и му раскажаа на евреинот за што станува збор. Евреинот се налути и го избрка јуродивиот тепајќи го, а тој заминувајќи викаше:
- О, нечисти! Сите чаши ќе ти се кршат додека не направиш крст на своето чело.
Кога евреинот започна повторно да изработува чаши, тие се скршија една по друга, тринаесет на број. Гледајќи ја својата штета, тој, иако не сакаше, го прекрсти своето чело и чашите престанаа да се кршат. Штом ја почувствува силата на светиот крст, евреинот отиде во светата црква, стана христијанин и го прими светото крштение.
Во тоа време се разболе еден од најугледните граѓани, во чија куќа преподобниот јуродивец беше навикнал да оди и да игра. Кога на тој граѓанин болеста му се влоши, во сонот имал видение:
Видел како да игра барбут со некој страшен црнец и тоа под спогодба. Ако на болниот не му паднат три пати шестици, тогаш победник е црнецот. Болниот го обзел сомнеж и огромен страв, Во меѓувреме му се јавил јуродивиот Симеон, говорејќи:
- Навистина овој пат ќе те победи црнецот. Туку, дај ми збор дека од сега повеќе нема да ја оскверниш постелата на својата жена со прељуба, и јас ќе фрлам за тебе, и нема да бидеш победен од црнецот.
Во тоа видение болниот му се заколнал на светителот дека повеќе нема да врши прељуба. Светителот ја фрлил коцката и три пати погодил шестици. И црнецот си заминал од него.
Штом се разбуди, болниот почувствува дека му е добро. Јуродивиот Симеон по својот обичај дојде во неговиот дом и му рече:
- Нека ти е со среќа! Три пати ти се падна шестицата. Но, верувај ми, ако ја прекршиш својата заклетва, оној црнец ќе те задави.
Откако го рече тоа, тој истрча надвор и замина.
Преподобниот имаше колиба за одмор, а особено за ноќни молитви, и во неа немаше ништо освен сноп суви гранки. Во таа колиба тој секоја ноќ се молеше до утрената, квасејќи ја земјата со солзи. А штом ќе настапеше денот, тој си плетеше венец од маслинови гранчиња или од трева, го ставаше на својата глава и со гранче во рацете одеше по градот и викаше:
- Слава на царот победител во неговиот град!
Со овие зборови светецот град ја нарекувал душата, а цар умот кој господари над страстите, како што тоа му го објаснувал на својот пријател, ѓаконот Јован, кај кого често кришум одеше и опширно разговараше за сите свои зборови и постапки, заколнувајќи го никому да не зборува за тоа, сè до неговата смрт.
Два дена пред своето преставување, преподобниот дојде кај ѓаконот Јован и му рече:
- Денес отидов кај мојот мил брат Јован, пустиножителот, со кого на почетокот се одреков од светот и се замонашив, и видов дека многу успеал во доблестите и потполно Му угодил на Бога. Го видов како носи на главата блескав венец, на кој пишуваше: „Венец на пустинското трпение“.
После тоа му рече на ѓаконот:
- Видов еден славен, кој ми зборуваше: Ајде, лудо, ајде, дојди да примиш не еден, туку многу венци, за спасението на многу човечки души.
Го рече тоа, па воздивна длабоко и продолжи:
- Господине ѓаконе, не се сеќавам дека сум сторил нешто, што би било достојно за небесна награда. Јуродивиот и лишениот од разумот, каква награда може да добие, освен бадијала по својата благодат да ме помилува мојот Господ. Но, те молам, брате, да не презираш и прекоруваш никого од ништите, особено од монасите. Нека знае љубовта твоја, дека многумина од нив се очистени со страдањето и како сонце блескаат пред Бога. Исто така и меѓу простите луѓе, кои живеат по селата и ја обработуваат земјата, има такви што водат живот во незлобивост и простота на срцата, никого не караат ниту навредуваат, туку од трудот на рацете свои, со пот на лицата го јадат лебот свој. Меѓу таквите има многу големи светители. Сум ги гледал како доагаат во градот и, причестувајќи се со Телото и Крвта Христови, блескаат како чисто злато. Сè што ти зборувам, господине мој, не мисли дека е од суета, туку твојата љубов ме присили да не го сокријам од тебе мојот кукавен живот. Знај дека Господ и тебе наскоро ќе те земе одовде. Затоа погрижи се за својата душа, за да можеш без тешкотии да поминеш низ воздушните духови, и да ги одбегнеш опаките раце на кнезот на темнината. Знае мојот Господ дека и јас имам голема тага и страв, додека не ги поминам оние страшни места, на кои што подробно се испитуваат сите човечки дела и зборови. Затоа те молам, чедо и брате мој, Јоване, на сите можни начини труди се да бидеш милосрден, зашто во оној ужасен час милосрдието може да ни помогне повеќе од другите добродетели, како што е напишано: блажен е оној што се грижи за бедните. Во лош ден Господ ќе го избави (Псалми 40, 1). А внимавај и на ова: не пристапувај кон Божествената Служба ако си гневен на некого, за твоите гревови да не го навредат доаѓањето на Светиот Дух.
Потоа преподобниот Симеон го замоли ѓаконот по два дена да наврати во неговата колиба. И повеќе не се појави во градот, туку остана во колибата до последниот момент од својот овоземен живот. А каков бил неговиот крај не знае никој освен единиот Бог и Неговите Ангели. Обично тие присуствуваат при смртта на ништите, потполно напуштени од луѓето, како што присуствувале и кај Лазар кога умирал на ѓубриштето, за што во Евангелието се вели: Кога умира сиромав ангели го носат во прегратките Авраамови (Лука 16, 22).
Нема сомнение дека тие исти Ангели дошле во часот на блажената смрт кај преподобниот Симеон, и кротко разделувајќи ја праведната душа од чистото тело, ја однеле во небесните обители, радосно пеејќи.
По два дена некои просјаци, пријатели на свети Симеон, штом не го видоа, се прашуваа меѓу себе да не е болен. Кога дојдоа во неговата колиба го најдоа како лежи мртов под сувите гранки, па рекоа:
- Еве, беше јуродив додека беше жив, па и по смртта останал таков. Не легнал врз сувите гранки, туку умрел под нив.
Двајца од нив го зедоа неговото тело без да го измијат, без вообичаеното опело, без свеќи и темјан, и го понесоа на местото каде ги погребуваат странците. Кога минуваа покрај куќата на оној новокрстен христијанин, евреинот стаклар, тој чу мноштво пеачи како со најпријатни гласови пеат неискажани песни, па зирна низ прозорецот но не виде никој освен двајцата кои што го носеа телото на јуродивиот. Но, гласовите на невидливите пејачи не престануваа. Тоа беа Ангели Божји и тој христијанин почувствува прекрасен мирис, кој што го исполнуваше воздухот, па рече:
- Блажен си ти, јуродиви! Немајќи луѓе кои би ти пееле опело, ти ги имаш Небесните Сили, кои со песни ти оддаваат почитување и со рајски мириси те кадат.
И веднаш им се приклучи на двајцата, и го носеше со нив светото тело, и со свои раце го погреба меѓу гробовите на странците и просјаците, и на сите им раскажуваше дека слушнал ангелско пеење над покојникот со неискажлив благомирис.
А ѓаконот Јован, штом дојде во колибата и не го најде преподобниот, насекаде започна да го бара. А кога дозна дека умрел и веќе е погребан, горко заплака, па отиде на неговиот гроб, со намера да го земе телото и чесно да го погребе на почесно место. Но, кога го отворија гробот не го најдоа телото на светителот: зашто Господ со светите Ангели Свои го беше пренел на место непознато за луѓето. Тогаш сите жители на градот Емеса, како разбудени од сон, започнаа да се присетуваат и да си раскажуваат еден на друг за чудесните дела на угодникот Божји, за пророштвата и за неговото многустрадално житие. Дури тогаш сфатија дека јуродивиот не бил луд, туку помудар од сите мудреци на овој век, и дека оној, кого тие го сметале за грешник, бил праведен и преподобен и дека под видот на јуродивството и грешноста го сокривал од луѓето своето богомудро и богоугодно живеење. Такво беше житието и такви подвизите на чудесниот Симеон, јуродивиот ради Христа, кој како некогаш Лот, живеејќи меѓу содомјаните, не се извалка себеси со нивните гревови. Така и овој нов Лот, живеејќи среде светот, не се повреди себе си со страстите на светот. Преподобниот Симеон се упокои на 21 јули. По него и неговиот сопосник во Јорданската пустина, преподобниот Јован, се упокои со блажена смрт. И како што двајцата заедно започнаа да Му служат на Господа на земјата, така и на небото заедно застанаа пред престолот Божји. Животот и на двајцата светители му беше раскажан на ѓаконот на Емеската црква Јован од нелажливата уста Симеонова. А овој ѓакон тоа веродостојно и точно му го раскажа на големиот меѓу Отците, свети Леонтиј, епископот на кипарскиот Неапол. Тој пак тоа го запиша за корист на оние кои читаат и слушаат, а во слава на нашиотХристос Бог со Отецот и Светиот Дух славениот сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТЕОФИЛ, ТРОФИМ
и останатите тринаесет со нив
Овие свети маченици пострадаа за Господ Христос во времето на царот Диоклецијан, каменувани и здробени, па во оган фрлени. Но, бидејќи останаа целосни им ги отсекоа главите, и ги добија венците на мачеништвото.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ПАРТЕНИЈ,
епископот на Радовишта во Епир
По потекло беше од селото Вацуња во Тесалија. Од младоста живееше добродетелно и беше избран за епископ на местото Радовишта кај Арта во Епир. Како епископ живееше во простота и воздржание, и затоа доби изобилна благодат на Светиот Дух. Особено сакаше да оди со стадата овци и добиток, да ги посетува и благословува, и затоа доби од Господа особена благодат да лекува од сточни болести. Откако поживеа така смирено и богоугодно, мирно се престави кај Господа на 21 јули 1777 година.
Беше погребан зад олтарот на парохиската црква „Свети Бессребреници“ во селото Веленџика. А кога по една година на овој исти ден го откопуваа, одненадеж падна дожд и по сите домови во селото се разли изобилен благомирис. Кога за тоа дознаа неговите роднини, дојдоа да ги земат неговите свети мошти, но парохијаните не дозволија, туку се обратија кај цариградскиот Патријарх, тој да пресуди. Патријархот одлучи во парохиската црква да остане главата на свети Партениј, а останатите свети мошти да се однесат во неговото родно село. И денес неговата света глава се наоѓа во Веленџика, а едната рака во манастирот Душика во Тесалија. Неговата света глава и денес лекува разни болести по добитокот, а во 1909-та година отстрани заразна болест од кравите во селото Флориада Валта во Епир.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТЕОДОР и ГЕОРГИЈ
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЈУСТ и МАТЕЈ
Овие двајца свети маченици беа посечени со меч за Господ Христос.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ТРОЈЦА МАЧЕНИЦИ ВО МЕЛИТИНА
Овие свети маченици се упокоија удирани од карпа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕВГЕНИЈ
Свети Евгениј се упокои посечен со меч.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ОНУФРИЈ,
молчаникот Печерски
Подвижник на дванаесеттиот век. Неговите свети мошти почиваат во Антониевите пештери во Киев.
СОБОР НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА во Арматиа