4. Август (22. Јули)

СПОМЕН НА СВЕТАТА РАМНОАПОСТОЛНА МИРОНОСИЦА МАРИЈА МАГДАЛЕНА

Света Марија Магдалена беше родум од градот Магдала во Сирија, поради што и беше наречена Магдалена, од племето Исахарово. Мачена од седум зли духови, таа слушна дека Христос Спасителот истерува ѓаволи и исцелува од сите болести и затоа дојде кај Него. Во тоа време Господ Христос одеше по градовите и селата во Галилеја, го проповедаше Евангелието и со Својата божествена сила болни исцелуваше и насекаде им правеше добро на сите. На Неговата човекољубива милост се удостои и таа. Господ милостиво погледна кон неа и ги истера од неа лутите мачители - седумте ѓаволи. Така ѝ го оздраве не само телото туку и душата. И го просвети и умот со светлоста на познанието на вистината, за да поверува во Него - вистинскиот Месија, Синот Божји, испратениот од Бога Отецот за спасението на светот. И Марија стана ученичка Христова и следбеничка Негова и со останатите свети жени Му служеше се до Неговото доброволно страдање, крсната смрт и погребението.

За тоа светиот евангелист Матеј пишува вака: „Таму беа и гледаа оддалеку многу жени, кои одеа по Исус од Галилеја и Му служеа. Меѓу нив беше Марија Магдалена (Матеј 27, 55-56). Под крстот на Голгота стоеше и Магдалена и горко тагуваше со Пресвета Богородица и ја тешеше неутешната Богомајка, на Која нож и ја бодеше душата. И како што света Магдалена беше верна следбеничка и служителка на Господ Христос за време на Неговиот земен живот, таква остана таа и кога Тој мртов лежеше во гробот. Како верна ученичка, сакајќи и како мртов да Му послужи, таа прва дојде на гробот со скапоцени мириси. И тоа три пати. Првиот пат дојде рано, додека се уште беше мрак, отфрлајќи ги стравот и женската слабост, и кога го виде каменот одвален од гробот, отрча брзо назад и ги извести свети Петар и свети Јован Богослов, говорејќи: - Го зедоа Господа од гробот. Петар и Јован побрзаа кон гробот, а по нив и света Магдалена. Тоа беше нејзиното второ доаѓање на гробот. Кога овие двајца Апостоли во гробот не видоа ништо друго освен погребната облека се вратија, а света Марија остана кај гробот плачејќи и, навирнувајќи внатре виде два Ангела во бела облека како седат, едниот со челото кај главата, а другиот со челото кај нозете каде што беше лежело те. лото Исусово. И Ангелите и рекоа:

- Жено, зошто плачеш?

А таа им одговори:

- Го зедоа мојот Господ и не знам каде Го однесоа.

Откако го рече тоа, таа се сврте назад, и Го виде самиот Господ Христос како стои, и не Го препозна. Мислејќи дека е градинар, таа го праша за Исусовото тело:

- Господине, ако си го зел ти, кажи ми каде си го ставил, и јас ќе го земам.

И кога Господ ѝ се обрати по име, велејќи ѝ Марија, таа сфати дека тоа е самиот Господ, и падна пред Неговите нозе, поклонувајќи Му се, иако Господ и бранеше да се допира до Него. И беше испратена од Господа кај браќата. Сето ова се исполни пред изгревањето на сонцето, пред зори. А по трет пат света Марија Магдалена дојде на гробот со останатите свети жени кога сонцето веќе беше грејнало. Тие таму видоа Ангел, кој ги извести за Воскресението Христово, И кога се враќаа кај Апостолите света Магдалена по втор пат го виде воскреснатиот Господ, Кој тогаш им се јави на сите Мироносици. Господ ги сретна и им рече:

- Радувајте се!

А тие пристапија, се фатија за Неговите нозе и Му се поклонија. Тогаш Исус им рече:

- Не плашете се. Одете и јавете им на Моите браќа.

И како што света Магдалена беше првата која Го виде воскреснатиот Господ Христос, така таа беше и првата благовесничка на воскресението Негово. По вознесението Господово таа пропатува многу земји, благовестејќи Го Христос, како и светите Апостоли. Кога дојде во Рим, таа излезе пред ќесарот Тибериј, му даде вапцано црвено јајце и го поздрави со зборовите:

- Христос воскресна!

Во исто време таа кај ќесарот го обвини Пилат за неговата неправедна осуда на Господ Исус. Тој ја прими нејзината тужба и го премести Пилат од Ерусалим во Галија, каде овој неправеден судија во царската немилост и во тешката болест се упокои. Потоа света Магдалена од Рим замина за Ефес кај свети Јован Богослов, кому апостолски му помагаше во делата на проповедањето на Евангелието. Со огромна љубов спрема воскреснатиот Господ, и со огромна ревност, таа му го објавуваше на светот Евангелието како вистински апостол Христов, поради што е и наречена рамноапостолна.

Откако апостолски Му послужи на Господа, света Магдалена со блажено заспивање се престави кај Него и беше погребана во онаа иста пештера, во која што подоцна беа и светите Седум Момчиња, чудотворно заспани на стотина години, па оживеани и потоа умрени. Нетлените чудотворни мошти на светата рамноапостолна Марија Магдалена, во деветтиот век, при царот Лав 4ти Мудриот, беа свечено пренесени од Ефес во Цариград, и сместени во храмот на манастирот на свети Лазар, вршејќи чудеса во слава на нашиот Христос Бог, Кому чест и поклонение низ сите векови. Амин.

Некои сметаат дека света Марија Магдалена е Лазаревата сестра Марија, и жената блудница која со своите солзи ги изми нозете на Господ Христос, со својата глава ги избриша, и со миро ги помаза. Но тоа не е точно. Лазаревата сестра беше од Витанија, родум јудејка, а света Магдалена од Магдала во Сирија, поради што и се нарекува Магдалена. Притоа таа започна да Го следи Господ Христос во Галилеја, а не во Јудеја. Освен тоа, очигледно е дека Лазаревата сестра не можела да биде блудница, бидејќи Законот забранувал ќерките Израилски да бидат блудници. За тоа во Мојсеевите книги пишува: „Да нема блудница меѓу ќерките Израилеви“ (5 Мојс. 23,17).

Ако пак некоја била фатена во таков грев, Законот наредувал таквата со камења да се убие. Тогаш како би можела Лазаревата сестра, близу Ерусалим, како ќерка Израилева, да биде јавна грешница? Зарем неа според Законот свој не би ја каменувале евреите, кои и спрема Лазар биле непријателски расположени? Покрај тоа, и Лазар бил човек честит, угледен, на висока функција - бил градоначалник во Витанија. И неговата друга сестра Марта била исто така честита и угледна. Како тогаш тие би и дозволиле на својата сестра Марија да биде јавна грешница? Значи нема сомнение дека Лазаревата сестра не е онаа жена блудница за која се зборува во Евангелието.

Исто така во Евангелието нема никакво укажување дека Магдалена била блудницата која со своите солзи ги изми нозете на Спасителот, со својата коса ги избриша и со миро ги помаза. Ако била таа, како луѓето можеле со неа да имаат грешни односи кога таа била луда, мачена од седум зли духови? И ако Магдалена била таа блудница, и како јавна грешница долго време Го следела Господа Христа и Неговите ученици, што би рекле на тоа огорчените евреи како непријатели и мразители на Господ Исус, кои од злоба постојано Го демнеле, за да Му пронајдат некоја слабост или некоја вина, а потоа да го обвинат и осудат? Кога учениците Христови еднаш Го виделе Господа како разговара со самарјанката, тие се чуделе што разговара со жена (сп. Јован 4, 27). Дотолку повеќе непријателите Христови не би премолчиле, гледајќи како секој ден јавна грешница Го следи Господ Христос и Му служи.

Дека жената блудница е едно, а света Магдалена друго, јасно се гледа од црковните богослужбени книги: за жената блудница зборува синаксарот на Велика Среда (Посниот Триод), а за света Марија Магдалена синаксарот во третата недела по Воскресението (Цветниот Триод).

ПРЕНОС НА МОШТИТЕ НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ФОКА

Во овој ден се празнува преносот на моштите на свети Фока од Понт во Цариград, околу 404-тата година. Централниот празник на овој светител е на 22 септември, каде што и се наоѓа опис на неговиот живот и страдање. Денес се спомнува и едно чудо од овој светител. Некој човек на име Понтит бил фатен од арапи кои го оковале, му ги врзале рацете на плеќите и така го оставиле да умре. Лежејќи на земјата и не можејќи да се помрдне, Понтит викнал:

- Свети маченику Фока, помилуј ме и спаси ме!

Откако го рекол тоа заспал и во сонот го видел светителот Фока како му се приближува, го фатил за рака и му рекол:

Ти простува Господ Исус Христос.

Кога човекот се разбудил се нашол ослободен и разрешен, па се вратил во својот дом и започнал како домашна слава да го празнува денот на споменот на свети Фока.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ КОРНИЛИЈ ПЕРЕЈАСЛАВСКИ

Во својата петнаесетта година Корнилиј беше замонашен од старецот Павле. Подоцна се повлече во пустината на молчание. Триесет години помина во молчание, без да проговори ниту збор со некого, така што многумина го сметале за нем. Со постот така се исуши себеси, што изгледаше како костур. Пред смртта прими схима и се упокои на 22 јули 1693-та година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПОМПИЈАН

Маченички се се упокои за својот Господ, фрлен во море.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА МАРКЕЛА

За света Маркела не се знае ниту од каде е, ниту каде пострадала, зашто не се зачувани историски податоци за тоа. Но, уште во древни времиња жителите на островот Хиос ѝ изградиле црква, и на тој остров оваа светителка ужива огромно почитување. Во нејзината црква секојдневно се случуваат чудеса. Според преданието света Маркела била необично побожна девојка, која рано останала без мајка. Нејзиниот незнабожен и верски татко сакал да живее со неа како со жена. Маркела побегнала од него. Но, тој, разјарен како вистински звер, ја фатил и ја исекол на парчиња.

Близу црквата на света Маркела на Хиос се наоѓаат камења, кои што до денешен ден биваат овде онде како со крв намачкани. Народот ги зема тие камења, ги носи во црквата, се моли на света Маркела, па ги става врз болните и тие оздравуваат.