9. Август (27. Јули)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ПАНТЕЛЕЈМОН
За време на царувањето на свирепиот безбожен мачител на христијаните Максимијан, кога речиси целата вселена беше покриена со темнината на незнабоштвото, големото гонење насекаде ги притискаше верните во Христа и многу исповедници на пресветотото име Христово беа убивани, во градот Никомидија во Витиниската покраина за Господ Христос пострада и светиот великомаченик Пантелејмон. Овој, меѓу мачениците славен страдалник Христов, се роди во градот Никомидија од благородниот и богат татко Евсторгиј и мајка Евула. Татко му беше многубожец, пламено предан на идолопоклонството, а мајката христијанка, поучена во Светата Вера од прародителите и усрдно Му служеше на Христа. Така соединети телесно, тие беа разделени духовно. Тој им принесуваше жртви на лажните богови, а таа Му принесуваше пофални жртви на вистинскиот Бог. Кога се роди му го дадоа името Пантолеон, што значи по сè лав, зашто се претпоставувало дека со храброста ќе биде сличен на лавот. Подоцна името му беше променето во Пантелејмон, односно семилостив, бидејќи кон сите беше милостив. Бесплатно ги лекуваше болните и вршеше милостиња на сиромашните, обилно раздавајќи го татковото богатство на неволните. Уште од мал мајката го воспитуваше Пантолеон во христијанската побожност и го учеше на познание на единствениот вистински Бог, нашиот Господ Исус Христос, да верува во Него, да Му угодува со добри дела, а да стои настрана од идолопоклонското многубоштво. Момчето внимателно ги слушаше мајчините поуки, но за жал таа во млади години замина кај Господа, оставајќи го сина си се уште мал и незрел, По нејзината смрт Пантолеон лесно тргна по стапките на татковата заблуда.
Потоа беше даден во граматичката школа. А кога со одличен успех ја изучи сета световна елинска философија, таткото го даде во медицинската школа, кај еден познат лекар Ефросин, да ја изучи лекарската вештина. Остроумното момче лесно сфаќаше се, набрзо ги надмина своите врсници и речиси му стана рамен на самиот учител. Притоа беше со добар нарав, красноречив, убав и на сите им оставаше пријатен впечаток. Му беше познат и на самиот цар Максимијан, зашто во тоа време тој беше во Никомидија.
Мачејќи ги христијаните, тој дваесет илјади души од нив изгоре во црквата на Божик, го уби светиот епископ Антим и многу други со разни маки предаде на смрт. Во царската палата на овој мачител често доаѓаше лекарот Ефросин, зашто носеше лекови за целиот царски дворец. Со него доаѓаше и младиот Пантолеон и сите се восхитуваа на неговата убавина и памет. Еднаш царот го праша:
- Од каде си и чиј син си?
Откако доби одговор, му нареди на учителот што побрзо да го научи на лекарската вештина, сакајќи постојано да го има покрај себе, како достоен да му служи. Во тоа време момчето веќе беше близу до полнолетството. Во тоа време во Никомидија се затекна еден стар презвитер на име Ермолај, кој од страв од незнабожците се криеше со некои христијани во еден мал и непознат дом. Патот на Пантолеон од дома до својот учител минуваше покрај малиот дом во кој се криеше свети Ермолај. Наблудувајќи го низ прозорчето момчето кое често минувало оттука, Ермолај видел по неговиот поглед и лице дека е со добар нарав и, дознавајќи со Духот дека ќе биде избран сад Божји, еднаш излезе, го пресретна и го замоли накратко да сврати кај него. Смирен и послушен, Пантолеон влезе во домот кај старецот. Тој го седна покрај себе и го распрашуваше за потеклото и родителите, за верата и за сиот негов живот. Момчето детално му раскажа се за себе, дека мајка му била христијанка и умрела а татко му е жив и е многубожец. Свети Ермолај го праша:
- А ти, добро чедо, на која вера сакаш да припаѓаш?
Момчето одговори:
- Додека беше жива мајка ми, ме учеше во својата вера и јас ја засакав. Но, татко ми како посилен, ме присилува на незнабожечките закони и сака да ме смести во царската палата, во чинот на блиските и храбри воини и царски слуги.
Свети Ермолај праша:
- На каква наука те учи твојот учител? Момчето одговори:
- Ме учи на науката на Асклипиј, Хипократ и Гален!, зашто така сака мојот татко. А мојот учител вели дека ако ја изучам нивната наука, лесно ќе можам да ја лекувам секоја болест по луѓето.
Во овие зборови свети Ермолај најде повод за корисен разговор и во срцето на момчето како на добра земја започна да го сее семето на зборовите Божји, велејќи:
- Верувај ми, добро момче, вистината ти ја зборувам. Науката и вештините на Акслипиј, Хипократ и Гален се мали и малку можат да помогнат. Згора на тоа и боговите кои ги почитува царот Максимијан, твојот татко и останатите незнабошци се ништовни и не се ништо друго освен бајка и измама за малоумните. Единствен и вистински семоќен Бог е Исус Христос. Ако веруваш во Него, тогаш ти самиот, со призивањето на сечесното име Негово ќе можеш да ја исцелуваш секоја болест. Зашто Господ Христос на слепите вид им даваше, губави очистуваше, мртви воскреснуваше, ѓаволи од луѓето истеруваше. Дури и Неговата облека даваше исцеленија. Жената, која дванаесет години боледувала од крвотечение, штом се допре до крајот од облеката Негова, веднаш се исцели. Но, кој би можел подетално да ги раскаже сите чудесни дела Негови? Како што е невозможно да се избројат морскиот песок, звездите небесни и капките водени, така е невозможно да се избројат и чудесата Божји и да се искаже големината Негова. И сега, Тој е силен помошник на слугите Свои. Ги утешува нажалените, ги исцелува болните, избавува од беди, ослободува од сите вражји зла, без да очекува да биде умолен од некого, туку по молитвите и по самото движење на срцето. А пак сила да го прават сето тоа им дава и на оние кои Го сакаат, а им дарува и уште поголеми чудотворства. На крајот им дава бесконечен живот во вечната слава на Небесното Царство.
Слушајќи ги ваквите зборови на свети Ермолај, Пантолеон со вера ги примаше во своето срце и му рече на светиот старец:
- Тоа многу пати сум го слушал од мојата мајка. Често ја гледав како се моли и Го призива Богот за Кого ти сега ми зборуваш.
Од тој ден Пантолеон секој ден доаѓаше кај старецот и се насладуваше на неговите боговдахновени поуки, напредувајќи во познанието на вистинскиот Бог. На враќање од кај учителот првин ќе го посетеше старецот, па потоа одеше дома. Но, еднаш му се случи да наиде на мртво дете, до кое во близина лежеше огромната змија, која го беше каснала. Тој се исплаши и малку отстапи назад, па си помисли: сега треба да дознаам дали е вистина тоа што ми го зборува старецот Ермолај. Тогаш погледна во небото рече:
„Господи Иисусе Христе, иако сум недостоен да Те призивам, сепак, ако сакаш да станам Твој слуга, јави ја Својата сила и направи ова дете да оживее а змијата да умре“.
И во тој час детето стана како од сон да се разбуди а змијата се распуква на половина и цркна. Тогаш Пантолеон целосно поверува во Христа, Го благослови Бога со радост и солзи, благодарејќи Му што го приведе кон светлината и поита кај презвитерот, падна пред неговите чесни нозе и просеше свето крштение. Му раскажа се што му се случи и светителот отиде да ја види загинатата змија, па Му заблагодари на Бога за чудото. Кога се врати дома го крсти момчето во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. А кога отслужи света Литургија во внатрешната одаја, го причести со Божествените Тајни на Телото и Крвта Христови.
По приемот на светото крштение Пантолеон остана кај старецот Ермолај седум дена, поучувајќи се на Божјите зборови од старчевата уста и со благодатта Христова. Кога на осмиот ден се врати дома, татко му го праша:
- Чедо, каде беше до сега? Многу се вознемирив.
Светиот му одговори:
- Бев со учителот во царскиот дворец. Лекувавме еден болен, кого царот многу го сака и не се разделивме од него седум дена, додека не му го вративме здравјето.
Светиот го зборуваше ова не како лага, туку како приказна, соопштувајќи му ја вистината на таинствен и загонетен начин: зашто во својот ум свој учител го нарекуваше свети Ермолај, а под царски дворец ја подразбираше внатрешната одаја во која се изврши Божествената Тајна. За болен ја именуваше својата душа, сакана од Царот Небесен, која беше седум дена лекувана духовно.
Кога утредента Пантолеон отиде кај учителот Ефросин, тој го праша:
- Каде беше толку денови?
Тој одговори:
- Мојот татко купи имот. Ме испрати да го примам и јас се задржав околу него, зашто многу скапо е купен.
Тој го зборуваше тоа во преносна смисла за крштението што го прими, и за останатите тајни на христијанската вера што ги дозна а се неискажливо скапоцени и ги надминуваат сите богатства, зашто со крвта Христова се стекнати. Тогаш Ефросин престана да го распрашува.
Блажениот Пантолеон беше полн со благодатта Божја, носејќи ја во себе ризницата на Светата Вера. Тој многу се грижеше како да го изведе татка си од идолодемонството и да го приведе кон познанието Христово, па често мудро му зборуваше во приказни и прашања:
- Оче, зошто боговите се направени во стоечки став и никогаш не седат, а оние во седечки став никогаш не стануваат?
Таткото му одговори:
- Чедо, не ми е јасно твоето прашање.
Светиот постојано му поставуваше слични такви прашања, за тој да се посомнева во своите богови и да ја види заблудата на идолопоклонството. И таткото полека престана да ги почитува идолите како порано и започна да ги презира. Пантолеон се радуваше на тоа и многу пати посакуваше да ги разбие идолите на својот татко, кои беа многубројни во нивниот дом, но се воздржуваше очекувајќи самиот тој, откако ќе Го познае вистинскиот Бог, да ги уништи.
Во тоа време кај Пантолеон доведоа слепец кој просеше исцеление, велејќи:
- Те молам, смилувај се на мене. Ме лекуваа сите лекари, но не ми помогнаа. Многу потрошив на нив, но имам само штета.
Светиот го праша:
- Кога сиот имот си го потрошил по тие лекари, што ќе ми дадеш мене ако те исцелам?
Слепиот одговори:
- Она малку што ми преостана, сето ќе ти го дадам.
- Дар на прогледување ќе ти даде Отецот на светлината, вистинскиот Бог, преку мене, недостојниот Свој слуга, а тоа што мене ми го вети, раздај го на бедните - му рече светителот.
Евсторгиј му рече на Пантолеон:
- Чедо, не нафаќај се на работи што не можеш да ги извршиш, зашто ќе бидеш исмеан. Што можеш да сториш повеќе од лекарите?
Светителот одговори:
- Никој од лекарите не знае каков лек треба да му даде на овој човек. Постои огромна разлика меѓу нив и мојот Учител, Кој ми го откри овој лек.
Мислејќи дека зборува за својот учител Ефросин, таткото му рече:
- Слушнав дека и твојот учител го лекувал тој слепец, но не успеал да му помогне.
Пантолеон одговори: - Почекај малку, татко, и ќе ја видиш силата на мојот лек.
Откако го рече тоа, тој со прстите ги допре очите на слепиот, велејќи:
- Во името на мојот Господ Исус Христос, прогледај!
И веднаш му се отворија очите на слепиот и прогледа а Евсторгиј поверува во Господ Христос заедно со него. Двајцата беа крстени од свети Ермолај и се исполнија со огромна духовна радост за благодатта и силата Христова. Тогаш Евсторгиј започна да ги крши сите идоли во својот дом. Во тоа му помагаше и неговиот син Пантолеон, ца откако ги искршија ги фрлија во една длабока јама и ги затрупаа со земја. После тоа таткото на светителот поживеа кратко време, па се престави кај Господа. Пантолеон стана наследник на неговиот огромен имот и веднаш ги ослободи робовите и робинките, откако обилно ги обдари. Имотот, пак, започна да го раздава на оние што имаа потреба. Тој ги посетуваше темниците и сите кои страдаа во окови. На тој начин беше не само лекар на раните туку и на човечката сиромашност, зашто сите добиваа од него обилна милостиња а во лечењето му помагаше благодатта Божја. Одозгора му беше даден дарот на исцеление и тој бесплатно ја лекуваше секоја болест. Тогаш се истакна како Пантелејмон, односно како семилостив, и кај него се обраќаше целиот град со своите болни. Сиот народ го славеше името на семилостивиот и бесплатен Лекар, а останатите лекари беа осудувани и исмевани. Како последица на тоа кај лекарите се појави голема завист и омраза спрема светителот. Тоа отпочна уште од времето кога прогледа гореспоменатиот слепец, на следниот начин:
Еден ден додека слепецот што прогледа одеше низ градот, го видоа лекарите и се прашуваа кој го излекувал. Прашан, тој не сокри дека тоа го сторил лекарот Пантелејмон. Знаејќи дека е ученик на Ефросин, тие рекоа:
- Голем ученик на големиот учител.
Но, тие не знаеја дека преку Пантелејмон дејствува силата Христова и, во незнаење ја изрекоа вистината дека Пантелејмон е голем ученик на големиот учител Исус Христос. Од завист тие започнаа да бараат вина во него, за да го погубат. Кога забележаа дека доаѓа во темниците и таму ги лекува затворениците кои страдаат за Христа, го известија мачителот Максимијан за него, велејќи му дека ако не го погуби ќе си навлече неволји, зашто многумина се одвраќаат од боговите. Додадоа дека лекарската вештина со која Пантелејмон исцелува, тој ја припишува не на нивните богови туку на некаков Христос и сите што ги лекува веруваат во Него.
Клеветниците го замолија царот да го повика слепецот, исцелен од Пантелејмон, за самиот да се увери во вистинитоста на нивните зборови. Кога го доведоа и на прашањето од царот како Пантелејмон ги исцелил неговите очи, тој одговори:
- Го призва името Христово, се допре до моите очи и јас веднаш прогледав.
Царот го праша:
- А ти, што мислиш, Христос ли те исцели или боговите?
Тој одговори:
- Царе! Лекарите кои што ги гледаш околу себе долго ме лекуваа, но целосно ме ослепија. А Пантолеон само го повика името Христово и направи веднаш да прогледам. Сега ти самиот расуди кој е вистинскиот лекар!
Не знаејќи што да одговори, царот рече:
- Не лудувај, човече, и не спомнувај Го Христос. Очигледно е дека боговите ти дадоа вид.
Но, исцелениот, ни најмалку не обраќајќи внимание на царевата власт, и без да се плаши од заканите и маките, му одговори на Максимијан посмело од евангелскиот слепец, изведен некогаш на испрашување од фарисеите:
- Ти самиот си луд, царе, кога своите слепи богови ги нарекуваш даватели на вид. Сличен си на нив и не сакаш да ја видиш вистината.
Царот се разгневи и нареди да го убијат, та му ја отсекоа главата. Така овој исповедник Христов отиде во незалезната и небесна светлина, да Го гледа лице во лице Оној Кого Го исповедаше на земјата, откако доби телесен вид. Свети Пантелејмон го откупи неговото свето тело од убијците и го погреба крај својот татко.
Потоа царот нареди да го повикаат Пантолеон. Додека војниците го водеа, тој пееше псалми Давидови: „Боже, славо моја, не премолчувај, зашто против мене се отворија грешни и лажливи усти...“, и останатото од 108 псалм.
И застана пред земниот цар, а со умот стоеше пред небесниот Цар. Максимијан започна кротко да му зборува:
- Не слушам добри работи за тебе, Пантолеоне. Велат дека хулиш и ги понижуваш нашите богови, а Го славиш Христос, во Него се надеваш и Него Го нарекуваш единствен Бог. Огромно внимание ти обраќав, во мојата палата те примив, и на твојот учител Ефросин му заповедав побрзо да те изучи, за постојано да бидеш покрај мене. Но, ти го презре сето тоа и си отишол кај моите противници. Сепак, јас не сакам да верувам во она што се зборува за тебе, и те повикав самиот да ми ја кажеш вистината.
Светителот одговори:
- Царе, повеќе треба да им се верува на делата отколку на 360ровите. Верувај во тоа што си го слушнал за мене. Јас се одрекувам од вашите богови а Го прославувам Христос, зашто од Неговите дела дознав дека е единствен вистински Бог. Слушни барем дел од делата Негови: го створил небото, ја утврдил земјата, воскреснувал мртви, давал вид на слепи, очистувал лепрозни... Дали нешто слично сториле вашите богови и дали воопшто можат да сторат? Ако сакаш да ја видиш семоќната сила Христова, веднаш нареди да донесат овде некој болен човек на умирање. Нека дојдат вашите жреци да ги повикаат своите богови, а јас ќе го повикам мојот Бог, па кој од нив ќе го исцели болниот, тој нека биде признат за вистински Бог.
Царот се согласи и откако донесоа еден фатен човек и дојдоа жреците, му предложија на светителот најпрвин тој да Го повика својот Христос, но тој им рече:
- Ако Го повикам мојот Бог и Тој го исцели овој раслабен, кого тогаш ќе исцелат вашите богови? Првин вие повикајте ги вашите богови. Ако го исцелат нема потреба да Го призиваме мојот Бог.
Тогаш жреците започнаа да ги повикуваат своите богови. Долго се трудеа залудно. Светителот се насмеа на нивниот труд, а царот го забележа тоа и му рече:
- Пантолеоне, ако можеш, ти оздрави го овој човек.
Светителот застана до одарот, ги крена очите кон небото и започна да се моли:
„Господи, услиши ја молитвата моја. Немој да го одвратиш Своето лице од мене. Јави ја Својата сила пред оние кои не Те знаат! Царе на силите! За Тебе се е возможно“.
Потоа ја фати раката на раслабениот, велејќи:
- Во името на Господ Исус Христос, стани и биди здрав.
И веднаш болниот стана и радосно започна да оди, па ја зеде својата постела и си замина.
По ова чудо многу од присутните поверуваа во Христа, а жреците чкртаа со забите против слугата Христов и му велеа на царот:
- Ако овој остане жив ќе се укине принесувањето жртви на боговите и ќе бидеме исмеани од христијаните. Што побрзо погуби го.
Царот му рече на светителот:
- Пантолеоне, принеси им жртва на боговите, за да не загинеш. Знаеш дека многу луѓе загинаа затоа што не ги послушаа нашите наредби. Зарем не дозна колку луто беше мачен старецот Антим!?
Светителот одговори:
- Секој што умре за Христос, не загина туку се најде во вечниот живот. Кога Антим, како стар и немоќен, можел да поднесе жестоки маки за нашиот Господ, тогаш јас, како млад и силен, треба бестрашно да ги издржам сите маки. Сметам дека е добивка да се умре за Христос.
Тогаш царот нареди гол да го обесат на мачилишното дрво, со железни нокти да му го стругаат телото и да му ги горат ребрата. Трпејќи, тој погледна во небото и рече:
- Господи Исусе Христе, дај ми трпение да издржам до крај.
И му се јави Господ во обличје на презвитерот Ермолај и му рече:
- Не плаши се, Јас сум со тебе.
И веднаш слугите станаа како мртви. Кога го виде тоа, царот нареди да го симнат, па го праша:
- Во што се состои силата на твоето маѓепсништво, та и слугите изнемоштија и свеќите згаснаа?
Маченикот одговори:
- Маѓепсништво е мојот Христос, чија семоќна сила прави сè.
Царот му возврати:
- А што ќе правиш ако те ставам на уште поголеми маки?
Маченикот одговори:
- Во поголеми маки мојот Христос ќе ми даде поголема сила и поголемо трпение, за да те посрамам и да добијам вечна награда од Него. Тогаш мачителот нареди да го фрлат во казан со врело олово, а тој се помоли на Бога, говорејќи: „Чуј го, Боже, гласот мој, кога Ти се молам. Зачувај ми го животот од непријателот што ме застрашува“ (Пс. 63,1).
Додека така се молеше, повторно му се јави Господ во облик на Ермолај, го фати за рака, влезе со него во казанот и веднаш згасна огнот и се олади оловото, а маченикот пееше: „Навечер и наутро, и напладне ќе молам и ќе викам и Тој ќе го чуе гласот мој, ќе ја избави во мир душата моја од оние, кои ми се приближуваат, зашто многу ги има што се против мене“ (Пс. 54, 17-18).
Присутните се восхитуваа на чудото, а царот викна:
- Што е ова, кога и огнот згасна? Со каква мака да го мачам овој маѓепсник?
Присутните предложија да биде фрлен во морските длабочини, зашто не ќе може да го маѓепса морето. Веднаш го седнаа во еден чамец, му врзаа голем камен за вратот, отпловија далеку од брегот и го фрлија во морето. И таму повторно му се јави Господ Христос во облик на свети Ермолај и каменот стана лесен како лист. Маченикот се држеше за него и одеше по водата како по суво, воден од десницата Христова како некогаш Петар. Дојде на брегот пеејќи и славејќи Го Бога и излезе пред царот.
Запрепастен од ваквото чудо, царот извика:
- Каква сила има твоето маѓепсништво? Ти и морето си го маѓепсал.
Светителот одговори:
- И морето му се покорува на својот Господ и ја исполнува Неговата волја.
Царот праша:
- Зарем ти и со морето владееш?
Маченикот одговори:
- Не јас, туку мојот Христос, Создателот и Господар на секоја твар. Тој владее како со небото и земјата, така и со морето.
Потоа мачителот нареди надвор од градот да се подготви гледалиште и таму да го предадат маченикот на ѕверовите. И се слеа сиот град, сакајќи да види како зверовите го растргнуваат прекрасното и невино момче. Дојде таму и царот, и со прстот му посочуваше на маченикот кон ѕверовите, велејќи:
- Тие се подготвени за тебе! Затоа послушај ме, почитувај ја својата младост и сожали се на твојата убавина. Принеси им жртва на боговите, за да не умреш раскинат од ѕверовите.
Светителот изјави дека повеќе сака вверовите да го растргнат, отколку да го послуша неговиот лукав совет и наредба, Кога го фрлија кај зверовите Господ и тука му се јави во облик на презвитерот Ермолај, ги скроти ѕверовите како јагниња и тие Му ги лижеа нозете, а тој ги галеше со раката. Народот се восхитуваше на ваквата глетка и силно воскликнуваше:
- Голем е Богот христијански! Ослободете го невиното и праведно момче!
Царот многу се разјари и им нареди на војниците да ги убијат сите што тогаш поверуваа во Христа, а со нив и зверовите, Тогаш маченикот извика:
- Ти благодарам, Христе Боже, што не само луѓето туку и ѕверовите умираат за Тебе.
И си замина царот бесен, а маченикот го фрлија во темница, Убиените беа погребани од нивните роднини, а зверовите оставени на кучињата и птиците. Но и тука се случи прекрасно чудо. Иако тие ѕверови лежеа многу денови, никој не се допре до нив, ниту пак лешевите засмрдеа. Кога дозна, царот нареди да ги фрлат во длабока јама и да ги затрупаат со земја. За маченикот, пак, нареди да се подготви страшно тркало, начичкано со остро железо. Кога го врзаа за него и започнаа да го вртат, некоја невидлива сила веднаш го искрши тркалото на парчиња, кои се разлетаа и смртно ранија многумина во близина, а тој остана неповреден.
И страв ги обзеде сите од таквите чудеса, со кои што Бог се прославуваше во светителот Свој. Многу запрепастен, царот го праша светителот:
- Кој те научи да правиш толку големи маѓиски дела?
Светителот одговори:
- Не на маѓепсништво, туку на вистинската христијанска побожност ме научи светиот презвитер Ермолај.
- А каде е твојот учител Ермолај? Сакаме да го видиме - рече царот.
Дознавајќи со Духот дека Ермолај веќе наближил до маченичкиот венец, тој одговори:
- Ако наредиш, јас ќе го повикам кај тебе.
И го пушти царот светителот, во придружба на тројца стражари, да го повика презвитерот Ермолај.
Кога стигна, старецот го праша;
- Зошто си дошол, чедо?
Маченикот одговори:
- Оче, царот те вика.
Старецот рече:
- Благовремено си дошол да ме повикаш, зашто дојде часот на моето страдање и смрт. Синоќа ми се јави Господ, говорејќи: „Ермолај, треба многу да пострадаш за Мене, слично на Мојот слуга Пантелејмон“.
Старецот радосно тргна и излезе пред царот, кој го праша за неговото име. А тој не ја сокри ни својата вера и гласно објави дека е христијанин. Царот го праша:
- Имаш ли уште некого со тебе со иста вера?
- Имам двајца сослужители, вистински слуги Христови, Ермип и Ермократ - одговори старецот.
Тогаш царот нареди да ги доведат, па ги праша:
- Вие ли го одвративте Пантолеон од нашите богови?
- Нашиот Христос Бог Самиот ги призива кај Себе оние што ги смета за достојни, изведувајќи ги од темнината на идолодемонството во светлината на Своето познание - одговорија тие.
- Оставете ги сега вашите лажни зборови, - продолжи царот, - и повторно обратете го Пантолеон кон боговите, па ќе ви се прости вината и ќе ми станете најблиски пријатели во дворецот.
Светителите одговорија:
- Како да го сториме тоа, кога и самите сакаме да умреме со него за нашиот Бог Христос. Ни тој, ни ние нема да се одречеме од Него, ниту ќе им принесеме жртва на глувите и бездушни идоли.
Откако го рекоа тоа, тие започнаа да Му се молат на Бога, Кој им се јави и веднаш настана земјотрес. Царот рече:
- Гледате ли дека боговите се разгневија на вас?
Светите одговорија:
- Добро рече дека земјата се затресе од вашите богови, зашто тие испопаѓаа и се разбија, соборени од силата на нашиот Бог.
Додека зборуваа дотрча гласник од идолиштето и го извести царот дека сите нивни идоли паднале и се сокршиле. Безумниот цар викна:
- Ако веднаш не ги погубиме овие маѓепсници, ќе пропадне целиот град.
И нареди Пантелејмон да го одведат во темница, а старецот Ермолај со Ермип и Ермократ да ги подложат на многу маки и да ги обезглават. Така тројцата го завршија својот маченики подвиг и заедно застанаа пред Света Троица во небесната слава (нивниот спомен е на 26 јули).
По нивното погубување царот повторно го изведе свети Пантелејмон и му рече:
- Јас многумина обратив од Христа кон нашите богови, а единствено ти не сакаш да ме послушаш. Веќе и твојот учител Ермолај со двајцата негови пријатели им се поклони на боговите и им принесе жртва и јас ги одликував со високи функции во мојот дворец. И ти постапи така.
Знаејќи со духот дека светите се упокоиле, маченикот му рече:
- Нареди нека дојдат да ги видам.
Царот одговори:
- Сега не се овде, зашто ги испратив во друг град, за да примат големо богатство.
Маченикот рече:
- Вистината ја рече, зашто тие навистина отишле во небесниот град Христов, да ги примат богатствата кои око не ги видело.
Кога виде дека никако не може да го привлече маченикот кон неговите богови, царот нареди жестоко да го тепаат, да го подложат на страшни маки и пресуди да му се отсече главата и да му се спали телото.
Додека го водеа надвор од градот, светиот пееше: „Честопати тие ме напаѓаа од младоста моја, но не ме совладаа.. “ (Псалми 128, 1-2).
Кога дојдоа на местото каде на Господа Му беше угодно да се упокои Неговиот слуга, војниците го врзаа за едно маслиново дрво а џелатот то удри по вратот. Но мечот се свитка како восок, зашто светиот не беше завршил со молитвата. Запрепастени, војниците викнаа:
- Голем е Богот христијански! Па паднаа пред нозете на светителот и рекоа:
- Те молиме, слуго Божји, помоли се за нас, да ни се простат гревовите што ти ги сторивме со наредба на царот.
Додека светителот се молеше, се чу глас од небото, упатен до него, кој ја потврдуваше промената на неговото име. Наместо Пантолеон, Господ го нарече Пантелејмон, јавно давајќи му благодат сомилосно да ги прима сите кои прибегнуваат кон него. Господ го повикуваше на небото. Светителот со радост им нареди на војниците да го убијат, но тие се плашеа и трепереа. Тогаш им рече:
- Ако не го извршите нареденото, нема да добиете милост од мојот Христос.
Војниците првин го целиваа, а потоа еден од нив му ја отсече главата и наместо крв потече млеко. Тоа маслиново дрво во тој момент се закити со род од коренот до врвот. Гледајќи го тоа, многу од присутниот народ поверува во Христа.
За чудесата што овде се случија беше известен царот. Тој нареди веднаш да се отсече тоа дрво и заедно со телото на маченикот да се спали. Кога огнот згасна, верните го зедоа телото од пепелта неповредено и чесно го погребаа на блискиот имот на учениот Адамантиј.
Лаврентиј, Васој и Провијан, домашни на маченикот, кои од далеку го следеа и ги набљудуваа неговите страдања, а го слушнаа и гласот упатен кон него од небото, го напишаа неговото житие и страдање и го предадоа на светите цркви во негов спомен, за корист на читателите и слушателите, а во слава на нашиот Бог Христос, со Отецот и Светиот Дух славениот сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ
Дојдете чеда, слушнете ме. Дојдете и чујте сите кои се боите од Бога и ќе ви раскажам се што направи Тој за душата моја; нека се запише ова за следниот род, та идното поколение да Го слави Господа“ (Псалми 65, 16; 101, 18). Вака зборувал Давид, а и ние денес со него. Треба постојано и пред сите да се раскажува, да се зборува за Божественото величество. И не само заради тоа што на пофалбата Божја и нема крај, та колку и да зборуваме и раскажуваме безбројно е она што останува неизречено, туку и поради тоа што за оние кои ги надвладеала мрзеливоста, проповедањето на Божествената убавина им дејствува како будење за вршење добри дела.
Многумина мислат дека луѓето во наше време не се способни . за подвизите на старите. Според нив првите времиња биле огревани со чудеса и украсувани со животот на доблесни мажи, кои речиси бестелесно живееле во тело, а пак нашето поколение не добило од Бога ниту еден од тие дарови. И така, сметајќи дека божем нашата природа е неспособна за тоа, сите бедно станаа мрзоволни и заспаа за подвижничкиот живот. Тоа сфаќање на денешниот човек е многу лошо и многу погрешно. Законот на природата бил и останал ист и непроменлив. Остави Господ за Себе и во наши дни многу мажи кои не го приклонија своето колено на оној што по земјата се влече, туку заблескаа со светлината на животот во славата на Небесниот Отец, откако станаа светилници во светот, кои го имаат во себе зборот на животот. Така беше и со словенските народи, кои, како се уште не просветени со Светлоста на Вистината, примија од Бога Отца блажени и учители, кои ги просветија угодувајќи Му на Бога со својот живот и збор, осветлувајќи ги со учењата и чудесата.
Да се запишат нивните животи, вели блажениот Теофилакт, архиепископот Охридски, е многу пожелно, но и над нашата моќ. Затоа тој исти блажен маж Теофилакт ни предлага малку од животот на свети Климен Охридски, еден од учениците на рамноапостолните словенски просветители Кирил и Методиј, за како што самиот вели, со тоа да го посведочи човеколљубието и благодатта на нашиот Бог, Бог Кој е со нас и ќе биде со нас во сите денови на нашиот живот до крајот на векот, според ветувањето, и да им покаже на луѓето дена не е вистина дека нашата природа се изменила, туку нашата волја станала развратна.
Кога светите рамноапостолни Кирил и Методиј ја примија благодатта на Светиот Дух како рана зора и кога врз овие праведници заблеска светлоста на знаењето, и кога нивната невеста, радоста, ги ослободи од претходната тага, тие се потрудија тогаш на своите избрани ученици да им го предадат својот божествен наук. Многумина од нив пиеја вода жива од тој учителски извор. А пак првенци и избраници во нивниот Собор на ученици беа Горазд, Климент и Наум, Ангелариј и Сава. И кога блажениот Кирил почина од своите трудови и го предаде својот дух на Бога, кога светите браќа беа во Рим, Методиј ја продолжи просветителската мисија меѓу словенските народи, утврдувајќи ја Евангелската вистина во срцата на луѓето и сведочејќи ја со својот маченички подвиг.
Кога пак дојде време и тој да се упокои, тој, како некогаш Павле, или подобро речено Господ Исус, ги свика своите ученици и ги утврдуваше со своите последни поуки и ги тешеше:
Ги гледате, им зборуваше тој, возубени чеда мои, злите сили на еретиците и како тие се трудат, го расипуваат и заматуваат словото Божјо, за да ги напојат своите ближни со матноста на своите измислици. За да успеат во тоа се служат со две средства: со слатки зборови и со претерана строгост. Со едното ги трујат простите луѓе а со другото плашливците. А што се однесува до вас, се молам и се надевам дека имате цврсти души, па нема да успеат да ве примамат ниту кон сладоста на зборовите, ниту пак кон празната измама ќе ве заробат. Вие сте утврдени на каменот на апостолското исповедање и учење. Бидејќи и Црквата е созидана на тој камен, вратата на пеколот нема да ја надвладее.
Откако го рече тоа и многу повеќе од тоа, го предаде својот дух на светите ангели, после дваесет и четири години епископско служење во текот на кое многу се потруди не само за своето спасение, туку и за спасението на другите. Тој не се грижеше само за себе, туку и другите да се спасат, и се трудеше деноноќно да биде од корист и на другите. За тоа сведочат и многу ѓакони, ипоѓакони и презвитери. Ги остави околу двеста на број во својата црква, по својата смрт. А ако ги имало толку само во олтарот, колку пак мирјани имало можеме само да претпоставиме. За негов наследник на Моравската архиепископија беше поставен Горазд, а блажениот Климент, верен на својот учител до смрт, му беше еден од неговите најблиски соработници.
Но дрското мноштво на еретици не можеше да претрпи дека свети Методиј и по својата смрт има поборници и, сметајќи дека во нив продолжува тој да живее, решија да ги уништат. За епископ беше поставен Вихик, кој имаше германско потекло, противник на словенскиот јазик во богослужењето, опиен од латинската ерес за исходењето на Светиот Дух и од Синот, кој и свети Методиј го беше предал на анатема.
Еретиците на чело со Вихик ги прашуваа православните Методиеви ученици:
- Зошто се држите до мртвото и смрдливо учење на Методиј? Зошто не се согласувате со животот на архиепископот и не го исповедате од Отецот родениот Син и од Синот Духот кој исходи?
Свети Горазд и Климент им одговорија:
- Методиј се уште живее, зашто од Господа научивме дека оној кој верува во Него, и да умре ќе биде жив (Јован 11, 25), а исто така и дека Богот Авраамов, и Исаков и Јаковов е Бог на живите а не Бог на мртвите (Матеј 22, 32). Во што се состои тогаш нашиот грев, ако за учител го имаме оној кој во Бога живее, кој духовно е заедно со нас и кој заедно со нас се бори против вас? А што се однесува до оваа ваша нова вера, ниту ја наоѓаме посведочена во Светото Писмо, ниту пак примена од светите Отци. Затоа не сакаме да паднеме под Павловата анатема, која јасно вели: „Ако некој ви го објавува Евангелието поинаку од она што го примивте - нека биде проклет!“ (Галат. 1, 9). Ние веруваме дека Духот е Духот на Синот и ум Христов, зашто е Дух на животот и вистината (Рим. 8, 2; Јован 14, 17) што и е Син; но и да происходи од Синот ниту сме научиле ниту пак сакаме да научиме, зашто не сакаме да се одречеме од верата и да станеме полоши од неверниците (1 Кор. 2, 16). Ние веруваме дека Духот происходи од Отецот и дека Родителот на Синот е единствена причина и изводител на Духот Свети. Духот му е својствен и на Синот и секогаш им се дарува преку Него на оние кои се достојни на тоа.
Друго значење има „исходењето“, а друго „дарувањето“: едно значи начинот на постоење на Духот - зашто како што е Синот од Отецот со раѓањето, така е и Духот од Него со исходењето; „да бидеш даруван“ не значи предвечен начин на постоење, туку дарување на Неговото божество и давање твари и на човекот. И потврдувајќи ги своите зборови со примери од животот и од Светото Писмо, им рекоа:
- Престанете да си забодувате меч во срцата, престанете да се противите на Синот Божји, Големиот благовесник, од Кого, низ Кого и во Кого е содржано целото Евангелие, и да зборувате за Духот Свети без Духот, подобро речено спротивно на Духот.
А пак Вихиковите заверници ги затворија своите уши за нивните зборови и бидејќи не успеаја да ги убедат, прибегнаа кај Моравскиот кнез Светополк и ги наклеветија Методиевите ученици дека воведуваат нови учења и се бунат против неговата власт, бидејќи божем не се држат до неговата вера. Кога пак кнезот ги повика на одговорност, тие повторно преку устата на Горазд и богомудриот Климент ја бранеа својата вера во Света Троица неразделна и непомешлива, која беше во опасност. А кнезот, потопен во страсти и непознавање на верата, многу малку разбра од она што му го зборуваа светите Горазд и Климент за Света Троица. А како да се задлабочи и да ги сфати зборовите за Света Троица човек без осветено здравоумие, без кое што никој не може да Го види Бога? (Евреите 12, 14).
Поттикнат од еретиците со кои беше во пријателски односи, кнезот одлучи да биде на страната на оној кој прв ќе се заколне дека учењето му е православно. Тој се уште не ја беше изрекол ни одлуката кога еретиците се заколнаа, и така ереста беше потврдена и овенчана на штета на Православието.
Потоа започна големо гонење против Методиевите ученици. Сите тие прво беа подложени на мачења и присилувања да се одречат од својот учител и неговото учење. Горазд го изгуби својот епископски престол, а Климент, кој беше необично учен, и Лаврентиј и Наум и Ангелариј и многу други беа оковани и фрлени во темници. Беше забрането било кој од роднините и пријателите да им донесе утеха во темницата. Но, иако оковани, тие ни таму не ја занемеруваа молитвата: ги пееја песните на Третиот час, додавајќи им припев од псалмите во кои се молиме да го добиеме Духот Свети, кој им беше испратен на апостолите во Третиот час. А Бог, погледнувајќи кон земјата ја затресе, и настана голем земјотрес, како некогаш додека Павле се молел во темницата, се чу некаков звук од небото и оковите паднаа од нив. Потресот се почувствува во целиот град и ги вознемири граѓаните, та сите се чудеа и прашуваа што би можело да значи тоа. Кога наближија до затворот и видоа што се случило со Светите и како тие се движат слободно без окови, отидоа кај кнезот и го прашуваа до кога ќе продолжат да се борат против Божјата Сила? Тие велеа: „Зарем овој знак од небото нема да ни ги отвори очите?“
Еретиците, пак, како некогаш фарисеите, тврдеа дека овде се работи за ѓаволска сила и за маѓии, та неразумниот кнез Светите повторно ги окова во уште потешки окови, подложувајќи ги на уште потешки маки. По три дена, повторно за време на молитвите на Третиот час се случи истото чудо. А богоборците сокрија од кнезот што се случило и повторно ги оковаа. А кога по десет дена во окови им се јави истиот знак, тие ги изведоа од темницата и немилосрдно ги тепаа без знаење на кнезот, кој во тоа време беше отсутен. По таквото нечовечно мачење, не дозволувајќи им на Светите ништо да јадат, ниту пак некој на овие слуги Божји, или подобро речено на самиот Христос, да му поддаде барем парче леб, ги предадоа на војниците да ги разделат и да го одведат на различни страни.
Војниците, сурови Германци, по природа диви и нескротливи, ги изведоа од градот Светите и ги соблекоа во тоа студено и ветровито време. Заедно со тоа им задаваа рани со мечевите по нивните вратови и со копје им ги бодеа градите. Кога одминаа далеку од градот ги оставија и се вратија назад.
А новите исповедници Христови, сеќавајќи се на Христовите зборови до Апостолите: „Кога ќе ве избркаат од еден град, бегајте во друг“ (Матеј 10, 23) тргнаа кон Бугарија, надевајќи се дека таму ќе најдат прибежиште. Одеа така по беспаќата без храна и облека, сокривајќи се од човечките очи и трпејќи ја секоја неволја. На крајот од неволја се разделија и се расеаја на разни страни. Тоа беше по Божја промисла, за да можат да опфатат повеќе краеви со кругот на Евангелието.
Климент, Наум и Ангелариј, одејќи по патот кон Дунав, дојдоа до едно место и тука бараа богоњупци и гостоњупци кои би ги нахраниле и облекле. Најдоа таков човек и отседнаа кај него. А се случи тогаш на нивниот домаќин да му умре синот единец, убав, во цветот на својата младост. Тоа се случи токму кога тие влегле во домот. Тажниот татко во жалост и очај за изгубениот син единец ги обвинуваше своите гости дека тие се демони убијци, кои ја усмртиле неговата радост и надеж, и им се закануваше со маки.
Сострадални и со човекољубиви души, тие жалеа не помалку од таткото, а згора на тоа и со срам се покриваа. Го уверуваа дека не се маѓепсници, туку слуги на Бога вистинскиот и го храбреа и му зборуваа дека веруваат оти Господ преку нив ќе му го врати животот на детето. Тогаш се случи чудо. На нивната молитва Бог со Својата благодат му го врати детето живо на родителот.
Тие го оставија благодарниот и гостоубив татко и си го продолжија патот. Преминаа преку Дунав и дојдоа во Белград. Му се јавија на управникот на градот наречен Воритакан и му раскажаа се за себе. Тој сфати дека се работи за големи луѓе и блиски на Бога, и знаејќи дека бугарскиот цар Борис, чиј военоначалник беше тој, бара токму такви луѓе, одлучи да му ги испрати. Борис ги прими со голема чест и кога дозна кои се и од каде се, Му заблагодари на Бога што му испрати такви учители на верата и тоа не случајни луѓе, туку исповедници и маченици. Борис ги снабди со се што им беше потребно за просветителската работа и самиот имајќи голема жед и љубов секојдневно да разговара со нив, и да ги учи од нив старите преданија и животите на Светиите, и да слуша од нивните усти зборови од Светото Писмо. Така и сите од неговиот двор се натпреваруваа кој прв ќе ги прими во својот дом, за свој благослов и осветување. Веруваа дека тие, каде и да се наоѓаат тројцата собрани со душата и телото, таму е присутен и самиот Господ и сета благодат Негова. Ангелариј беше примен во домот на еден човек на име Часлав, откако го измоли од кнезот Борис за учител. Но, не му беше дадено долго да се радува на неговото присуство во неговиот живот. Ангелариј поживеа кај него некое време и се упокои во мир. Климент и Наум беа гости и учители некое време кај еден друг бојар со дозвола на Борис, сеејќи го семето на словото Божјо во човечките срца и просветлувајќи ги луѓето со небесната светлина на Света Троица.
***
Свети Климент, кој е роден околу 840-та година во „европска Мизија“, (некаде во Македонија) како што пишува во неговиот мал животопис на охридскиот архиепископ Димитриј Хоматијан, во својата работа ги имал како пример своите учители Кирил и Методиј. Со своите очи ги видел сите нивни дела. Заедно со нив се трудеше на преводот на светите книги од грчки на словенски. Беше сопатник на светите браќа во Венеција и Рим, каде што и беше ракоположен за свештеник. Овој свет маж беше обдарен со исклучителен проповеднички дар, со кој се прочу уште во Моравија и Панонија, додека ја бранеше верата Православна од еретиците, а уште повеќе овде на новата нива на која го упати Бог, да го сее во неа семето на животот со неискажливата промисла Своја. Неговата проповед добиваше на сила уште повеќе со тоа што беше на народниот јазик. По некое време, Борис по вдахнување Божјо го испрати во Кутмичевица (во западниот дел на Македонија) за учител и просветител, заповедајќи им на сите кои таму живеат да го примат светиот со њубов и почит и да му помагаат во се. А и самиот се истакна како пример на љубов спрема другите, давајќи му уште во Охрид и Главница дом и обезбедувајќи го со се земно, за светителот да се занимава само со небесното во својата душа и со душите на луѓето доверени од Бога.
Светителот не се разнежи од даровите на кнезот и не се оддаде на уживање и мрзливост туку со уште поголем жар како сега да започнал да Му служи на Христа, се трудеше со сета сила во проповедањето и ширењето на Евангелието. Ги посетуваше селата и градовите, благовестејќи им го спасението Божјо на народите и за спасителните и Божји доблести и догмати со сите разговараше на прост јазик. Сите ги уверуваше дека, како што не може да постои правилен доблесен живот без здрави догмати, туку е веќе мртов и смрдлив, така и догматите без доблесното живеење не можат да не внесат во вечниот живот. Едно му доликува на слепецот кој има раце и нозе, друго пак на човекот со очи, но со отсечени нозе и раце. Свети Климент по сите места и црковни општини имаше голем број на избрани ученици. Беа околу три илјади и петстотини на број. Ним тој им ги откриваше длабоките тајни на Светото Писмо и им посветуваше исклучително внимание за што повеќе да научат. Тие му беа поблиски од останатите и често одеа со него следејќи го одблиску што прави и што зборува. Никој никогаш не го видел да одмора: или децата ги поучуваше, и тоа на разни начини: на едни покажувајќи им ги буквите од азбуката, на други објаснувајќи им ја смислата на напишаното, на трети пак, учејќи ги како да ја држат раката при пишувањето - и тоа не само дење туку и ноќе, - или се предаваше на молитвата, или се оддаваше на читањето или пак пишуваше книги. Имаше случаеви кога истовремено извршуваше по две работи. Пишуваше и ги поучуваше децата, зашто знаеше дека неработењето е учителка на секое зло, како што рекла мудроста, учителката на секое добро преку еден од своите служители (Ис. Сир. 33, 28).
Неговиот труд не остана без плод. Неговите ученици се истакнаа подобри од сите други и со животот и на збор. Засадени во добра земја, грижливо полевани и израснати со благодатта Божја, беа избирани за чтеци, ипоѓакони, ѓакони и презвитери. Во секоја црковна област имаше по триста ученици, кои беа ослободени од сите обврски спрема кнезот, бидејќи беа служители и војници на Небесниот Цар. Се трудеше блажениот Климент во таа работа седум години.
Веќе навлегуваше во осмата година на своето просветителско дело, последната на земниот живот на слугата Божји Михаил Борис, светиот кнез Бугарски. Го наследи син му Владимир, кој умре по четири години. Овој пак беше наследен од брат му Симеон, кој беше прогласен и за прв бугарски цар. Него го роди Михаил според образот и подобието свое. Тој беше благ и добар, полн со топла вера и ревност за домот Божји. Ги надополни недостатоците на татка си, зајакнувајќи ја Божествената проповед и утврдувајќи ја во сите цркви верата Православна, давајќи му на законот Божји широк пат без стеснување.
Бидејќи славата Климентова се повеќе растеше и гласот за него се подалеку се слушаше, го зароби срцето на царот Симеон, та и тој стана љубител на неговите доблести. Царот го повика светителот кај себе и тој се одзва на неговиот повик. Откако ожнеа осветување и од неговиот лик, зашто изгледот на блажениот беше таков што дури и кај непријателите предизвикуваше срам и почитување - ја благословуваше земјата и го сметаше за блажено своето царување, зашто доби такво добро од Бога. Откако се посоветува со разборитите око лу себе, го постави Климент, кого сите го слушаа како свој отец, за епископ Дренвицки во 893 година така што тој стана прв епископ на „Бугарскиот јазик“. Откако го прими епископското служење, свети Климент ги зголеми своите трудови, поставувајќи го своето достоинство како подлога за издигнување кон Бога.
Премудриот Соломон вели дека оној што го умножува знаењето ја умножува и маката (Проповедник 1, 18). Така и Симеон, со зголемувањето на честа на Климент му ги умножи и маките. Откако најде дека народот на оваа област е потполно неупатен во божественото Слово и Светото Писмо, а оние што управувале со Црквата биле многу неуки, не им даваше сон на своите очи И храна и уживање му беше грижата за народот. Постојано учеше и заповедаше, незнаењето го поправаше, грдото го разубавуваше, на сите им стана сè, сходно на сечија потреба. Клирот го поучуваше за црковното благолепие и за пеењето и молитвите, така што подрачното свештенство му беше упатено во секој добар поредок и се трудеше да им биде пример на сите со збор и дело. Народот го утврдуваше на каменот на правата вера христијанска, градејќи ја во нив тврдината на побожноста, зашто беа многу непросветени и прости. И не само што ги хранеше со зборови како со вистински леб и ги утврдуваше нивните срца, туку водеше грижа и за нивната телесна храна, грижејќи се за вдовиците и сирачињата и давајќи им утеха на сиромашните.
Познавајќи ја народната грубост и неукоста, и гледајќи дека многу од свештениците не ги разбираат грчките книги, состави беседи за сите празници, прости и јасни, за да може да ги разбере и најпростиот човек. Така ги хранеше со млеко простите словенски души и неспособни за тврда храна, станувајќи за нив она што беше Павле за Коринтјаните. Преку тие беседи тие се учеа на тајните на празниците, извршени низ Христос и со Христос, Исто така, во чест на Пресвета Богородица, Која се празнува често во текот на годината, напиша многу пофалби и описи на Нејзините чудеса. Во своите поуки не го заборави ни свети Јован Крстител. Ги опиша патувањата и животите на Пророците и Апостолите, подвизите на светите Маченици, напиша и многу канони во чест на Светите и молебни кон Мајката Божја!. Го опиша и животот на своите учители Кирил и Методиј и ја упрости нивната азбука наречена „глаголица“, за да му биде подостапна на народот.
Уште додека беше жив мудриот Борис, изгради и манастир во Охрид, додавајќи му подоцна и друга црква, која подоцна стана седиште на архиепископијата. Сета желба и труд му беше да ја искорени мрзеливоста, да ги опитоми суровите срца и да го всади во нив богопознанието, а преку него питомоста и човечноста. Пренесе од земјата на елините питомо и плодно дрво, калемејќи го на дивите, за со тоа да покаже што треба да прави човекот за да донесе плод душата негова. Сè што правеше го правеше за корист на душите, заборавајќи на себе од грижа за спасението на другите. Штом пак ќе ја посетеше и обиколеше својата област, утврдувајќи го народот во стравот Божји и добродетелта, ќе дојдеше од Велика во својот манастир во Охрид, каде се предаваше на молитвено тихување, хранејќи ја душата со Божји мир и убавина.
Огромна беше љубовта на свети Климент кон Бога, но многу се и сведоштвата дека Бог му возврати на љубовта со љубов, прославувајќи го со Својата чудесна благодат. Еве само еден пример за тоа. Се случи, еднаш додека патуваше да види двајца болни од кои едниот бил лишен и од видот. Тоа разбуди во неговата душа сожалување и сострадање. Милостивоста кај него секогаш за придружник го имаше смирението, а пак желбата да го сокрие извршеното чудо кај него беше посилна од желбата болните да бидат излекувани. Затоа, дури кога виде дека нема никого во близина, свети Климент ги крена очите и рацете кон небото на молитва, па призивајќи ја Божествената помош се допре со своите молитвени раце до телата на раслабените. И оздравеа нивните тела а слепиот доби вид и Го величаше Бога. Но чудото не остана сокриено за човечките очи. Еден од неговите служители беше невидлив сведок на овој чудесен настан. Кога светиот го дозна тоа, го искара и му запрети никому да не каже ни збор додека тој е жив.
Свети Климент, овој небесен човек и земен ангел, педесет години се трудеше во благовестењето на словото Божјо. А кога остаре и се истроши од огромните трудови, намисли епископската власт да му ја предаде на друг, без да бега од одговорноста и од чинот во кој го постави Духот Свети да ја чува Црквата Божја, туку заради блажената побожност и божествената. Зашто се плашеше неговата старечка немоќ да не стане препрека и пречка во делото Божјо. Затоа дојде кај царот и го молеше да му постави млад заменик, имајќи само една желба, да му дозволи оние малку преостанати дни од животот да ги помине во манастирот, во разговор со себе и со Бога.
Тој му рече на царот:
- Преблагочестив царе! Додека телото мое го поднесуваше трудот и црковните грижи, кои според мене се потешки од државните, дотогаш сметав дека ако ја оставам Црквата Божја, која Бог самиот ми ја врачи преку твојата власт како со Своја рака, е сосем за осуда и дури не е својствено ни за еден наемник, зашто на наемникот му е својствено да бега и да ги остава овците кога волкот се приближува. А поради какви причини да го напуштам Божјото стадо кога јас не гледам никаков волк? Навистина затоа јас и не Го оставив досега. Но, сега и самиот гледаш дека староста ме налегна и многубројните трудови ми ја одзедоа сета сила. Затоа погрижи се за Црквата и во домот Господов постави некој кој има доволно телесни сили освен духовните. Нека е помлад за да се натовари со црковните грижи. Исполни ми ја оваа последна желба, дај ми овие малку дни да поразговарам со себе и со Бога. За тоа јас имам убаво живеалиште - манастирот, дозволи ми да умрам во него! Што ошто има веќе меѓу мене и грижите што бараат поздрави делови на телото? Штом немам сили да се грижам за Црквата, зошто да ја завземам оваа должност? Апостол Павле вели дека епископството е дело од кое треба да се воздржува оној што не е способен за работа. Потруди се Црквата која за време на моето епископство надмина многу други, да не се растури пак во мое време. Како што реков, зачувај го нејзиното првенство со помошта на други што се во свој расцвет, зашто не е мала опасноста работите да тргнат на лошо поради мојата немоќ.
Поразен од тоа што го слушна неочекувано, зашто се што е несакано и неочекувано слушнато поразува, царот му одговори:
- Зошто така зборуваш, оче? Како би можел да гледам друг да седи на овој престол, дур си жив ти? Како би го лишил своето царство од твоите архиерејски благослови? Твоето откажување од епископскиот престол за мене е кобен предзнак дека ќе бидам лишен од царскиот престол. Ако со нешто сум го навредил твоето преподобие, грешејќи незнајно, бидејќи јас не можам да си спомнам дека сум згрешил во нешто, а ти, бидејќи ме штедиш како татко не сакаш да го изобличиш моето безчинство кон тебе и ја прикриваш вистинската причина под предлог на немоќ, те молам, кажи! Јас сум подготвен да поднесам казна и како син да ја излекувам татковата болка. Ако пак нема во што да ме обвиниш, зошто самиот сакаш да ги навредиш оние кои со ништо не те навредиле? Не можеш да го обвиниш ни клирот дека е непослушен и непокорен, бидејќи преку Евангелието ти сите ги прероди и ги направи предани на себе и на Бога, ниту пак самите нас дека ги отфрламе твоите заповеди. А и кај твоето стадо нема ништо достојно за укор. Тогаш зошто ги оставаш децата да го оплакуваат твоето заминување? Или поверувај, оче, или - ако не - се осмелувам да речам: што и да зборуваш, нема да поверувам, што и да правиш, нема да се согласам, зашто мислам дека отказот е достоен само за недостојните, а ти си погоре од секое достоинство!
Восхитен од неговата желба, царот го преколнуваше да не ги жалости оние кои се трудат со ништо да не го нажалат, како свој заеднички татко и одлучно одби да му го даде бараното. Оставката, му рече царот, им доликува само на недостојните, а ти си подрагоцен од секое достоинство. Старецот се потчини на царевото настојување и без да каже ниту збор за тоа, се врати во манастирот. Но небесниот Цар се покажа поразбирлив на неговата желба. Само што се врати назад, свети Климент се разболе. И тука на својот болнички одар им го остави последниот дар на своите духовни деца: ја преведе на словенски јазик книгата наречена „Цветен Триод“ која што во себе содржи служби од Воскресение до Света Троица. И што уште? Напиша и свое заветување за книгите и за останатото што го имаше. А имаше многу малку освен Бога, со Кој беше насекаде и со Кој единствено се богатеше овој мудар трговец, кој најде добар бисер во полето и се за него продаде.
Половина од оставнината остави за епископијата, а половина на манастирот и со тоа покажа како треба да се стекнува и да се троши стекнатото: се пред Бога и во Бога.
Откако така поживеа и го украсуваше престолот на кој беше поставен од Бога, и крајот го постави складен на почетокот, го предаде својот дух на Господа на 27 јули 916 година. Неговото божествено тело, рамночесно на душата, иако по достоинство пониско од неа, со песни беше положено во манастирот, во гробот кој самиот со сопствените раце го подготви од десната страна на припратата, во времето на бугарскиот цар Симеон. Пред неговото заспивање некој од неговите ученици ги виде на сон свети Кирил и Методиј како му пристапуваат на блажениот и му го најавуваат излегувањето од овој живот. Но дури и правта на учителот, ни сведочи блажениот Теофилакт на крајот од својот животопис на преподобниот Климент, и по неговото заспивање вршеше добро, лекувајќи ја секоја страст и секоја болест. Како сведок на реченото наведува некој човек кој имал исушени раце и нозе, и кој, кога дошол на крајот од Литургијата, бил исцелен. Малкумина од нив знаеле кој е тој и од каде е. А кога започна на сиот глас да Му благодари на Бога за добиеното здравје, присутните во храмот го прашуваа кој е и од каде е. Одговори дека е од Охрид, дека многу години бил врзан со оваа зла болест и дека влечејќи се по земјата на нозете и рацете дошол на гробот на светителот и, откако се нашол како надвор од себе, видел некаков старец кој се допрел до неговата коса и му заповедал да стане. Штом го слушнал тој глас се зачуло пукање во неговото тело и трпнење на коските и се чинело како да се собираат отпуштените делови и се шират движечки мускули. И штом си дошол на себе, се нашол потполно здрав. И еве сега, рече тој, ги кревам своите раце кон Оној Кој ми ги испружи и стојам на своите нозе. И Му заблагодари на Бога и на Неговиот угодник и тој и сиот присутен народ.
А каква е потребата да се набројуваат многу чудеса? За кого е непознато колку обземени од ѓаволот и од друга немоќ страдалници добија здравје, било со доаѓање со вера на гробот на светителот, било со спомнување на неговото име! И како што тоа се случувало некогаш, така се случува и денес со сите кои со вера и љубов му пристапуваат, поклонувајќи се заедно со него и со сите Светии на Отецот и Синот и Светиот Дух, Единосушната и Неразделната Троица. Амин.
***
О, божествена и света главо, на која Светиот Дух го утврдил својот престол! О, светило, што не го предводиш само денот или само ноќта, но и нас нè озаруваш и ноќе и дење со благодатни дарови! И кога се бориме со искушенија, чиј мрак нè покрива како ноќ, и кога се насладуваме на покој и сме радосни како при некоја светлина, и во едниот и во другиот случај ние се удостојуваме со твојата милост. О, трубо, со која ни затруби Утешителот! О, добри пастире, што ја положи својата света душа за нас, твоите овци, и кој со големи усилби му создаде на Бога стадо, што не насели на тревно место според Писанијата преведени на твој јазик; кој не приучи на водата на спокојот или на крштението и кој не поттикна по патот на правдата кон добродетелни дела! Преку тебе целата македонска земја Го позна Бога! Ти самиот ги збогати црквите со песни и псалмопеења и ги појасни празниците со четива! Преку тебе монасите со житијата на Отците се упатуваат кон подвижништво. Преку тебе свештениците се поучуваат да живеат според каноните!
О, земен ангелу и небесен човеку! О, маслино, која никако не отстапува од предопределената од пророкот, а преизобилно произведуваш синови на милосрдието! О, водителу на слепи - за секоја слепотија и за секое водителство за кое ќе се помисли! О, ти што Му приготви на Господа избран народ, ревнител кон добри дела, какви што Тој виде кај тебе. Пак и пак надгледувај го твоето наследство. Ти сега имаш повеќе и поголема сила отколку некогаш кога беше во тело. Избркај ја лошата ерес, која што како заразна болест навлегла во твоето стадо, особено по твојата смрт во Христа, за да не ги растури и погуби овците на паството што го утврди ти, свети и добри пастире! Исто така и нас, твоите питомци, сочувај не недопрени од варварските наезди и секогаш бдеј над нас, а најмногу сега кога жалоста е близу, кога нема кој да ни помогне, кога скитскиот меч се напоил со православна крв, кога рацете на безбожните соборуваат трупови на твоите чеда за храна на небесните птици! Скрши ги тие раце со десницата на Бога на Кого Му служеше. Дај му мир на твојот народ, за да можеме да ти уредуваме празнувања со полна радост, преку тебе славејќи Го Отецот и Синот и Светиот Дух, Кому Му доликува секоја слава, чест и поклонение, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.
СПОМЕН НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА АНТУСА ИСПОВЕДНИЧКАТА
Света Антуса беше ќерка на побожните родители Стратигиј и Февронија. Се подвизуваше во осмиот век во Мантинејската земја во Азија. Од мала ги засака девството и чистотата, го остави родителскиот дом и живееше по горите и пештерите. Отфрлајќи се житејско и намразувајќи сè световно, блажената многу го сакаше безмолвието, молитвеното тихување. Во тоа време се случи во местото Мантинеја да наиде еден Јеромонах Сисиниј, седоблесен човек, свет и чудотворец. Наблудувајќи го, блажената Антуса со сета душа посака да ги подржува доблестите на овој свет старец. И најпрвин од него таа доби образец и правило за водење на самотен живот. Потоа, за да ја извежба во послушноста, светиот старец и нареди да влезе во вжештена печка. Светителката го послуша. Влезе во печката и повторно излезе без никаква повреда. Од свети Сисиниј преподобната научи и други возвишени доблести, кои човечкото суштество го доближуваат до Бога. Светиот монах ѝ прорече дека таа ќе основа манастир и дека во него ќе биде игуманија на над деведесет сестри, што подоцна се исполни.
Потоа чудотворецот Сисиниј ја замонаши и ѝ нареди да живее на едно мало островче на езерото во близина на местото Перкел. Минувајќи го времето во воздржание и останатите тегоби, блажена Антуса стана живеалиште на Света Троица. Носеше кострет и вериги. Мудрите луѓе ја сметаа за бестелесна. Еднаш таа отиде кај свети Сисивиј и го замоли за благослов и дозвола да изгради црква во име на света Ана, мајката на Пресвета Богородица. Преподобниот ѝ даде благослов откако многу ја поучи и точно ѝ претскажа се што ќе се случи. Простувајќи се со него, тој ѝ го откри денот на својата смрт.
Преподобната Антуса ја изгради саканата црква на света Ана и најпрвин тука се собраа до триесет монахињи, а кога се навршуваше нивниот број, како што преподобниот Сисиниј и беше прорекол на светата, тој отиде кај Господа. Потоа, гледајќи дека нејзините сестри напредуваат во послушноста и покорноста, подигна уште две цркви, една во име на Пресвета Богородица а друга во име на светите Апостоли. Првата ја одреди за монахињи а другата за монаси. Многу мирјани, сакајќи да се кајат за своите гревови, го оставаа светот и доаѓаа најпрвин кај споменатиот свети Сисиниј додека беше жив, а подоцна кај света Антуса. Таа ги раководеше и ги воспитуваше во доблестите.
Бидејќи одлично ги познаваше догматите на Православната Вера, таа беше одлучна против секоја ерес. По тоа беше позната и тој глас за неа стигна и до самиот цар. Во тоа време царуваше Константин Копроним, христомрзец и иконоборец, кој се трудеше света Антуса да ја придобие за својата заблуда. Затоа повика еден свој истомисленик, и му нареди да појде во Мантинејскиот манастир, да ја најде Антуса и да ја убеди да го отфрли почитувањето на светите икони. Ако не се согласи, да ја подложи на маки. Пратеникот со своите придружници појде и понесе многу свети икони. Кога стигна ги изведе на испрашување преподобната Антуса и нејзиниот внук, кој беше игумен во еден машки манастир. Пратеникот веднаш го стави на маки игуменот и долго го тепаше и му го кинеше телото. Светителката го бодреше да остане во православното исповедување, во молитвеното почитување на светите икони и јуначки да ги поднесе маките. А кога пратеникот виде дека игуменот е на издивнување, нареди да престанат со мачењето.
Потоа нареди света Антуса да ја положат на земјата и бездушно да ја тепаат со воловски жили. Во меѓувреме бездушникот ги запали светите икони што ги донесе со себе и ѝ ги стави врз главата а на нозете ѝ натрупа жар. Со благодатта Христова преподобната остана неповредена и пратеникот ја избрка.
После тоа во Мантинејската покраина дојде царот Копроним и ја изведе пред себе света Антуса, со намера да ја стави на најстрашни маки. Но светителката го попречи во тоа, зашто тој ослепе. Наскоро потоа требало да се породи царицата и беше во смртна опасност. Царот ја праша света Антуса за тоа и таа му прорече дека царицата нема да умре, туку ќе роди близнаци, машко и женско. Не само тоа, туку таа претскажа и каков живот ќе имаат и едното и другото дете. Кога го слушна тоа, царицата испрати во манастирот на преподобната многу подароци. Тогаш и царот беше добар со неа и повеќе не ја злоставуваше. Да, доблеста знае и зверовите да ги скроти и непријателите да ги обрати во пријатели.
За сето тоа сите ја величаа и славеа света Антуса. Многумина доаѓаа кај неа, некои за благослов и молитви, други да станат монаси, трети да се исцелат од своите болести. Чудесата што ги сотвори света Антуса не можат да се набројат. Но како човечко суштество и таа требаше да ја вкуси смртта, та заспа во сонот кој им доликува на праведниците и тоа на самиот празник на светиот великомаченик Пантелејмон, зашто Го молеше Господа да се упокои на тој ден. Беше погребана во ќелијата во која што го помина својот живот. И по смртта сотвори многу чудеса во слава на нашиот Бог Христос и за доказ на својот богоугоден живот.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ СТО ПЕДЕСЕТ И ТРОЈЦА МАЧЕНИЦИ
Беа потопени во морето во Тракија.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК СЛЕПЕЦОТ,
исцелен од свети ПАНТЕЛЕЈМОН
Откако прогледа, овој слепец поверува во Господ Христос. Затоа беше посечен со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ХРИСТОДУЛ
Свети Христодул беше родум од Касандра кај Солун. Како момче дојде во Солун, го изучи кројачкиот занает и како занаетчија патуваше продавајќи ја својата роба. Така беше и на островот Хиос, каде купи еден дрвен крст, го донесе во Солун, го даде да го зографираат, па го приложи на црквата Свети Атанасиј. Во тоа време слушна дека некој бугарин сакал да се потурчи и многу се натажи. Затоа самиот реши маченички да пострада за Христовата вера. Го зеде назад својот крст, излезе меѓу турците, кои токму тогаш го приведуваа во исламот оној беден бугарин, и пред сите викна кон него:
- Брате, што ти се случи? Еве ја верата наша, еве Го Христос, Кој се распна за наша љубов, а ти го напушташ својот Спасител и стануваш турчин!?
Кога видоа дека го убедува бугаринот да не се потурчи, јаничарите се нафрлија врз него, го претепаа и го поведоа кај својот мула. Тој го прашуваше кој го наговорил да постапи така, а светиот му одговори:
- Ме испрати самиот Христос.
Судијата му рече:
- Остави го тоа и стани турчин.
Христодул му одговори:
- Ти остави го исламот и стани христијанин.
Тогаш судијата го предаде на муселимот, кој нареди да го удираат по нозете 404 пати со стапови, па потоа да го влечат по патот со Јамка околу вратот. Најпосле турците го обесија пред црквата на света Нина во Солун, во 1777 година.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МАНУИЛ
Слугата Божји Мануил во мир се упокои.
СПОМЕН НА НАШИОТ БЛАЖЕН ОТЕЦ - НИКОЛАЈ,
јуродивиот ради Христа
Беше син на богати родители. Го остави богатството, како јуродив трчаше по улиците на Велики Новгород, и преку јуродивството ги поучуваше луѓето. Негов другар со ист подвиг бешеблажениот Теодор. Бркајќи се еднаш пред луѓето, тие ја претрчаа реката како по суво. Се упокои во Господа во 1392 година.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОАСАФ,
митрополитот Московски
Беше благородник. На почетокот беше монах во манастирот на свети Сергиј Радонежски а потоа настојател. Во 1539-та година Бизбран за митрополит Московски. Како таков се бореше против неправдите и насилствата на некои моќни болјари. Затоа беше испратен на заточение во Кириловиот манастир, па потоа одведен во Сергиевата лавра. Тука свети Јоасаф се престави кај Господа во 1555-та година. Неговите свети мошти почиваат во Троицката лавра.