10. Август (28. Јули)

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ И ЃАКОНИ ПРОХОР, НИКАНОР, ТИМОН и ПАРМЕН

По Вознесението Господово и по слегувањето на Светиот Дух над Апостолите значително се зголеми бројот на верните во Ерусалим и затоа на совет од Апостолите кои во тоа време беа во Ерусалим, за ѓаконска служба беа избрани седум угледни луѓе, полни со Духот Свети и премудрост: Стефан, Филип, Прохор, Никанор, Тимон, Пармен и Никола Антиохијанин. И светите Апостоли, откако се помолија на Бога ги ставија рацете врз нив и ги поставија за ѓакони (Д. А. 6-16).

Од овие избрани ѓакони светиот првомаченик Стефан се празнува на 27 декември, а Филип на 11 октомври. Никола Антиохијанин не влегол во редот на светителите заради својата ерес. Останатите четворица немаат посебни денови на празнување, туку светата Црква ги празнува заедно во денешниот ден, иако се упокоиле во различни времиња и на различни места, апостолски проповедајќи Го Христа и со маченичката смрт запечатувајќи ја својата проповед.

Свети Прохор најпрвин со останатите соученици бил сопатник на светиот врховен апостол Петар (уште до Успението на Пресвета Богородица). Потоа апостол Петар го поставил свети Прохор за епископ на градот Никомидија во Витинија, како што за тоа зборува блажениот Симеон Метафраст во житието на свети апостол Петар под 29 јуни. А пак по Успението на Божјата Мајка свети Прохор долго време бил сопатник на светиот апостол Јован Богослов и заедничар на неговите трудови. Заедно со него пропатувал многу краеви, заеднички поднесувајќи ги страдањата и маките од незнабошците за Евангелието Христово. Со него бил заточен и на островот Патмос, каде што го запишал она што свети Јован Богослов со откровение Божјо со својата уста му го зборувал. Потоа свети Прохор повторно се потруди во Никомидија, каде што и беше прв епископ, обраќајќи ги кон Христа Бога заблудените луѓе и умножувајќи ја новособраната црква. А кога дојде во Антиохија, свети Прохор маченички заврши убиен од незнабошците за проповедањето на Господ Христос.

Свети Никанор пострада во истиот ден кога светиот првомаченик Стефан беше убиен со камења. Во тоа време имаше големо гонење на ерусалимската Црква. И свети Никанон беше убиен заедно со две илјади луѓе кои поверуваа во Христа. Начинот на кој е убиен се спомнува во Канонот: Заклан од јудејците како јагне, тој беше принесен како жртва на Христа Бога (Канон, песна 4, би 7).

Свети Тимон беше поставен од светите Апостоли за епископ на градот Бостра во Арабија. За проповедањето на името Христово тој многу пострада од јудејците и елините; беше фрлен во вжештена печка, но од неа излезе неповреден. Според римскиот Мартиролог свети Тимон беше распнат на крст зашто излезе неповреден од печката.

Свети Пармен со пламена вера ја извршуваше проповедничката служба која му беше доверена од светите Апостоли. Тој умре пред нивни очи и тие со свои раце го погребаа и оплакаа. Меѓутоа некои тврдат дека тој маченички завршил и се овенчал со венецот на мачеништво.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЈУЛИЈАН

Царот Антонин и неговите незнабошци ги присилуваа христијаните да им принесуваат жртви на боговите или да умираат во страшни маки. Тогаш во Кампанија игемон беше некој Флавијан, свиреп мразител на името Христово. Тој распрати по целата Кампаниска област свои слуги со наредба се кој христијанин што ќе го најдат, врзан да го доведат кај него во Атина.

Во тоа време во Кампанија од Далмација дојде еден човек, млад по години, но стар по мудроста христијанска. Имаше прекрасно лице и тело, но уште попрекрасна благодат и светост, благороден, со блескава вера. Се викаше Јулијан. Минувајќи попат во близина на градот Анагнија, Јулијан случајно наиде на игемоновите војници, ги поздрави со христијанскиот поздрав, велејќи:

- Мир на вас, браќа!

По овие зборовите тие сфатија дека е христијанин и започнаа да го распрашуваат. Слугата Божји, сакајќи да страда и умре за Христос, бестрашно им одговори:

- Христијанин сум. Се викам Јулијан. Родум сум од Далмација, Одам по овие краишта и насекаде ги советувам луѓето да не им се поклонуваат на идолите и да поверуваат во единствениот вистински Бог и Синот Негов, Господ Исус Христос и Нему да Му се поклонуваат. Јас Него Го проповедам и за Него сум спремен душата да ја положам.

Војниците се восхитија на така бестрашниот одговор на Јулијан, го фатија, цврсто го врзаа и го поведоа тепајќи го со стапови и своето оружје, и велејќи:

- Да видиме дали навистина сакаш да умреш за Распнатиот.

Додека го тепаа, тој се молеше на Бога да му даде сила да издржи до крај во страдањето за светото име Негово. Му дојде глас одозгора, велејќи:

- Не плаши се, Јулијане! Јас ќе бидам со тебе!

Светото момче Му заблагодари на милосрдниот Бог. Потоа го одведоа кај игемонот кој веднаш нареди да го затворат во страшната темница, наречена студен ров. И го држеа таму седум дена без храна и вода, но Бог не го остави Својот слуга и му испрати свет Ангел, кој разговараше со него и од неговите раце примаше небесна храна.

По седум дена игемонот излезе на јавното гледалиште (тука потоа беше подигната црква во име на Пречиста Богородица), седна на судиштето и го праша маченикот изведен пред него:

- Зарем не се срамиш што ти, како прекрасно и одлично момче си се прилепил за бедниот Назареец, Кој беше распнат на крст? Зарем не е подобро да се одречеш од таа одвратна вера и да му станаш мил на царот?

Маченикот одговори:

- Моја слава и пофалба е Христос распнатиот, Богот мој. И не се фалам со ништо друго, освен со крстот на мојот Господ, А за Светата Вера, која ти лажно ја нарекуваш одвратна, подготвен сум да умрам. Всушност, твоите богови навистина се одвратни, зашто се демони и нека се засрамат сите што им се поклонуваат.

Овие зборови го разбеснија мачителот и нареди да го тепаат по устата, па да го мачат опкружен на мачилиштето. Трпејќи, тој се молеше, говорејќи:

- Во Тебе, Господи, се надевам. Избави ме со твојата сила. Ти си Бог мој, помошник мој, прибежиште и избавител мој. Нека се посрамат оние што се клањаат на идолите. Кон Тебе Господи викам: не предавај ме на моите непријатели.

И повторно му дојде глас од небото, кој го крепеше:

- Не плаши се! Јуначки подвизувај се!

Тогаш маченикот се обрати кон народот:

- Чујте, кукавици! Не надевајте се во богови кои со свои раце сте ги направиле, туку познајте Го вистинскиот Бог, Кој од ништо ги створил небото и земјата.

Со таквите зборови свети Јулијан обрати кон Христа повеќе од триесет луѓе. Потоа повторно го фрлија во темницата, а наредниот ден игемонот му упати вакви зборови:

- Јас те штедам, а ти одбиваш да им се поклониш на боговите.

Светиот му одговори:

- Залудно ми зборуваш, нема да ми го смениш умот. Јас Му се поклонувам на Богот, на Кого сите треба да Му се поклонуваат.

Овие зборови го разгневија игемонот Флавијан и нареди да го обесат на мачилиштето и да го мачат со ќотек и стругање со железо. Но, под дејство на силата на Бога, прекрасниот во светиите Свои, рацете на мачителите малаксаа и не можеа да го допрат светителот, ниту пак да ги држат орудијата за мачење. Додека игемонот се чудеше на тоа, дотрча гласник со вест дека нивниот бог Серапис! се срушил, а паднал и неговиот кип со останатите идоли. Сите се испокршиле. Тоа многу го запрепасти игемонот и тие околу него и сите се посрамија. А пак христијаните се радуваа и Го славеа Бога.

Потоа незнабошците силно викнаа:

- Бргу погубете го овој маѓепсник!

Разбеснетиот игемон веднаш го прифати нивното барање и изрече смртна пресуда:

„Наредувам со секира да му се отсече главата на Јулијан, од христијаните научен на маѓии, хулител на боговите и противник на царската наредба. Наредувам главата да му се отсече на местото на паднатиот храм, како одмазда за срамот што им го нанесе на нашите богови“.

И го поведоа светиот маченик кон тоа место. Кога стигнаа, тој ги преклони колената и Му се помоли на Бога, говорејќи:

- Боже на бесконечната добрина, Ти благодарам што мене, недостојниот, ме удостои на така драгоцена смрт. Те молам, со самото проливање на мојата крв измиј ме и очисти ме од моите гревови и воведи ме во Твоето благословено Царство. Прими го мојот дух во мир.

Откако така се помоли дојде глас од небото, кој го известуваше дека молитвата му е услишана и го повикуваше на небото. И со секира му беше отсечена главата. Душата на свети Јулијан? се разреши од телото и отиде на небото кај нашиот Бог Христос, Кој царува со Отецот и Светиот Дух, Кому слава сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕВСТАТИЈ АНКИРСКИ

Христовиот маченик Евстатиј беше војник во Анкира. Како христијанин беше изведен пред војводата Корнилиј, па прашан, тој храбро Го исповедаше Господа Христа. Затоа бездушно беше тепан. Потоа му ги провалија стапалата, му вовлекоа конец и го влечеа од градот Анкира до реката Сангара и при тоа војводата одеше по нив и набљудуваше. Таму го ставија во еден ковчег и го фрлија во реката. Но, по благоволение Божјо се јави Ангел Господов и го изнесе ковчегот на брегот. А светителот беше жив и го пееше псалмот: „Кој живее во помошта на Севишниот...“ (Псалми 90, 116).

Кога го виде тоа војводата се почувствува посрамен, па го извади мечот и самиот се прободе. А пак светиот маченик, откако се помоли на Бога, се причести од рацете на Ангелот, кој се јави со Божествените Тајни, испратени од небото по гулаб. Потоа, заблагодарувајќи Му на Бога, тој ја предаде својата душа во рацете на Ангелот, кој го избави од реката. Така блажениот Евстатиј го прими несвенливиот венец на мачеништвото. Неговите свети мошти беа погребани во градот Анкира.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АКАКИЈ МЛАДИОТ

Светиот маченик Акакиј, млад по години, пострада во времето на царот Ликиниј, пред кого беше изведен на суд. Бидејќи Го исповедаше Христа, по наредба на Ликиниј беше обесен и струган, па потоа предаден на игемонот Терентиј. Тој го фрли во котел со врела смола, зејтин и оцет, но светителот, чуван со благодатта Божја, остана неповреден. Потоа јунакот Христов беше натеран да трча по игемонот, кој патувал во Апамеја и Аполонија. Таму маченикот го внесоа во идолопоклоничкиот храм и тој со својата молитва ги разби сите идоли во него. Потоа беше изведен пред трибунот Зиликинтиј. Кога виде дека маченикот упорно останува при својата вера во Господ Христос, нареди жестоко да го тепаат. Па пушти кај него еден лав, но, бидејќи остана неповреден, нареди повторно да го мачат. Го фрлија и во вжештена печка, но и во неа остана неповреден. Трибунот, мислејќи дека печката е студена се доближи да се увери, но во тој миг изгоре и телото му се претвори во пепел. По смртта на трибунот светиот маченик беше предаден на суд кај Посидониј, кој, штом виде дека е напоколеблив во Христовата вера, го окова во тешки окови и го испрати во градот Милет. Таму тој, внесен во еден идолски храм, нареди та идолите испопаѓаа на земјата и се искршија. Одведен во друг храм повторно го стори истото. Затоа му ја отсекоа светата глава и наместо крв од вратот му потече млеко. Така блажениот страдалник го доби венецот на мачеништвото. Неговите свети мошти ги зеде презвитерот Леонтиј, ги помаза со миро и ги погреба во градот Синад.

ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПАВЛЕ КСИРОПОТАМСКИ

Нашиот преподобен отец Павле се роди во Цариград. Неговиот татко, царот Михаил Ранкав, мирољубив и богобојазлив човек, не можејќи да ги поднесе секојдневните вознемирувања и нереди, се одрече од царското достоинство и стапи во манастир, кој самиот го беше подигнал и го беше нарекол „Мирелеон“. Во него и се упокои како монах. Павловата мајка Прокопија, исто така многу набожна, беше ќерка на царот Никифор и сестра на Ставракиј. Носејќи го во утробата својот плод, таа една ноќ виде ваков сон: како на една житна нива да се ослободила од бременоста и родила јагне, и кога тоа јагне малку зајакнало, одеднаш врз него се нафрлиле два лава за да го растргнат, а таа зазела одбранбен став. Гледајќи дека безазленото јагне е во опасност, царицата побрзала да го заштите од лавовите, но кога се приближила видела дека не е јагне туку машко дете, кое во рацете држело крст, со чија што сила биле совладани лавовите.

Веднаш потоа царицата се разбуди и роди машко дете, кое на светото крштение го доби името Прокопиј. Подоцна самата царица вака го толкуваше својот сон: јагнето ја означувало кротоста и безазленоста на детето, а умртвувањето на двата лава со силата на крстот било предзнак на монаштвото во кое што Прокопиј ќе го земе на рамо крстот Христов - оружјето против страстите, и со него ќе ги победи двата лава, страотно опаки за монашкиот живот. Тие два лава всушност се светот, со сета негова слава и задоволства и ѓаволот со сета негова сила и војска. А пак обилното лебно жито означувало дека Прокопиј со своето учење и примерот на својот ангелски живот ќе ги нахрани душите гладни за божествена утеха и, откако ќе ги очисти од телесните страсти, ќе ги направи достојни на небесните житници.

Раѓањето на Прокопиј свечено го прослави цел Цариград. Но, само што детето беше одбиено од мајчините гради, неговиот татко, царот Михаил, се одрече од царската круна. Празниот грчки престол го зазеде Лав Ерменин. Прокопиј доби прекрасно воспитување и образование. Не само необично обдарен по природа, туку и многу вреден и трудоубив, Прокопиј достигна таков степен на образованост што сите мудреци на овој век му отстапуваа право на слава и восхитување на овдешниот свет. Како сведоци на неговото високо образование до нас дошле неговите: „Слово на Воведение на Пресвета Богородица“, „Канон на Четириесетмината маченици“ и „Канон на Чесниот Крст“. Царот Роман постариот во својата царска повелба, дадена подоцна на Павле за подигање на манастир на Света Гора, го нарекува Павле најголем од сите философи.

Високо образован и со одлична функција во светот, Прокопиј сепак потполно ја увиде таштината на светот и во сета нејзина сила изреката на свети Макариј: „Душата која не се ослободила од световните грижи, вистински не Го засакала Бога, ниту пак како што е потребно се одрекла од Ѓаволот“. Сфаќајќи го тоа, тој се одрече од се и реши да се оддалечи во пустината. Но, особено повод за тоа беше што неговото име беше во устите на сите. Едни ја фалеа неговата љубов, други смиреноста, трети мудроста, воздржанието и целомудрието, четврти милосрдието, презирањето на светската слава итн. Со еден збор освен пофалби Прокопиј и ништо друго не слушна во светот за себе. Навистина, сето тоа било оправдано, но истовремено и многу опасно. И, за таа слава од луѓето да не ја задуши во Прокопиј смиреноста и да го обзеде гордост, тој еден ден облече врз себе просјачка кошула, излезе од Цариград и се упати кон Света Гора.

Таму најпрвин ги посети сите манастири, многу внимателно загледувајќи се во начинот на подвижничкиот живот на тамошните монаси. И откако почувствува неискажано спокојство на духот во кругот на монасите кои се спасуваа, тој стапи во манастирот Ксиропотам, основан од царицата Пулхерија, неодамна опустошен од морски разбојници. Живописната природа, совршената тишина и безмолвие многу го восхитија. Врз урнатините на манастирот тој најпрвин си направи мала ќелија и се насели во неа за молитвен подвиг. Во тоа време во соседството живееше благочестивиот пустиник Козма. Прокопиј наскоро се зближи со него и од него го прими ангелскиот лик со името Павле. Тогаш на своите молитвени трудови тој додаде нови: земјата му стана постела а каменот перница. Со таквите лишувања и крсни самоодрекувања, тој стекна дар на солзи и плодови на Светиот Дух, кои апостол Павле ги набројува: духовна љубов, радост, мир, долготрпеливост, добрина, милосрдие, вера, кротост и воздржание (Гал. 5, 22-23).

Славата за возвишениот живот на монахот Павле се пронесе по цела Света Гора и многумина поттикна да го подражаваат. Иако смиреноумниот се трудеше пред другите да се покаже како неучен и прост, сепак не можеше да се сокрие и славата за него набрзо дојде и до протот. Еднаш кога тој беше на Кареја протот дозна за него, го повика и го распраша кој е. Павле му одговори:

- Јас сум беден монах, како што самиот гледаш, свети оче. Живеам сам во урнатините на Ксиропотамскиот манастир.

Трогнат од Павловото смирение, протот го остави на мира, а монасите оттогаш започнаа да го викаат Павле Ксиропотамски. А и самиот манастир на царицата Пулхерија подоцна се нарече, а и до денес се нарекува Ксиропотам, што преведено на македонски значи Сув Поток.

Но, на Господа Му беше угодно од урнатините на тој манастир, каде што се подвизуваше Неговиот смирен слуга, да воспостаси и во него да препушти слава и чест на тоа обновување на следниот начин. Штом стапи на престолот, царот Роман од роднинска љубов спрема Павле веднаш започна да го бара. Царските пратеници го најдоа на Света Гора и одвај го умолија, и тоа преку протот, да појде во Цариград за да се види со царот и останатите роднини. Дочекот на преподобниот во Цариград беше достоен на неговата подвижничка слава и царското потекло. Целиот град го дочека свечено и со необична радост како ангел, иако смирениот монах Павле се појави среде дворскиот раскош и блесок како просјак, во искинатата мантија и со крстот. Големците со длабоко почитување паднаа пред него и просеа благослов од него. Толку е чудесна силата на доблеста при нејзината смиреност и простота!

Но додека царскиот град ликуваше и му се радуваше на свети Павле, царот Роман лежеше тешко болен. Преподобниот беше трогнат од неговото страдање и само што ги стави своите раце врз неговите, тој оздраве. Ова чудо уште повеќе го прослави преподобниот. Благодарниот цар му искажуваше неприкинато благоволење и роднинска наклонетост преку целото време на неговиот престој во Цариград, давајќи му потполна слобода на дворецот да се однесува според аскетските правила и заветите на пустиничкиот живот. А за постојано да се надградува со неговите слатки поуки, тој му го довери воспитувањето и образованието на своите деца во правилата на христијанскиот морал. Така минуваше времето, Царот Роман во секој поглед беше задоволен од Павле, Но Павле започна да тагува за својата пустина а и за тоа што постојано насекаде забележувате немир и смутеност, и во дворскиот блесок и дворските свечености не наоѓаше ни задоволство ни утеха. Најпосле, притиснат од огромна тага и желба за пустината, тој реши да го замоли царот да го ослободи да замине на Света Гора. Кратко, но трогнувачки, тој му ги изложи на царот своите чувства;

„Господару, како што рибата не може да живее без вода, така и монахот не може да живее без условите на ќелијниот живот и пустинското безмолвие. Тој е мртов за Бога и безживотен за точно да ја исполнува својата должност и обврските спрема Бога. Светот не е монашка стихија. Затоа дозволи ми да појдам во својата пустина, каде разговорот со Бога го сочинува врховното богатство на мојата душа.

На царот му беше жал да се раздели со божествениот Павле, кон кого гаеше длабоко почитување и роднинска љубов, но не сакаше да го задржи насилно кај себе. Затоа му рече:

- Не би сакал, свети оче, да се разделувам од тебе додека сум жив, зашто многу утехи ми даде и ми беше раководител на патиштата на спасението. Но, не смеам да те задржам со сила. Само едно те молам, земи колку сакаш богатство од мојата ризница и раздај го на бедните за мојата душа.

Павле одговори:

- Господару, мене не ми е потребно твоето богатство, јас не можам да го раздавам. Има и овде многу сиромашни, надгледувај ги самиот. Всушност, ако сакаш зад себе да оставиш вечен спомен, благослов и молитвена помош за својата душа, тогаш обнови го манастирот на Света Гора, основан од царицата Пулхерија, кој е претворен во урнатини од морските разбојници.

Царот со задоволство прифати. Ја издаде потребната сума на пари од своите ризници и обновата на манастирот ја довери на стручни луѓе. Од тоа време Ксиропотам блеска со величествена убавина, достојна на царското ктиторство. Кога обновата на манастирот беше завршена, царот Роман одреди осветувањето на храмот во новата обител да го изврши неговиот син Теофил, кој тогаш како патријарх го држел престолот на Цариградската црква.

Но тоа не е сè. Во знак на своето исклучително благоволение и внимание спрема свети Павле, царот Роман, пред неговото заминување за Цариград го внесе во својата ризница и како дар му го предложи поголемиот дел од животворното дрво на Чесниот Крст Господов. Во својата повелба, издадена на свети Павле по тој повод, царот го вели следново:

„Со некои мои големци јас влегов во мојата царска ризница и меѓу деловите од дрвото на Животворниот Крст го најдов најзначајниот од останатите, по тоа што на него се наоѓа и досега видлив сведок на страдањето Господово - дупка каде што било приковано божественото тело на мојот Господ, за очистување на нашите гревови и каде што течела Неговата пресвета крв. Тоа свето сокровиште, тоа страшно знамение на небесниот Цар, кое ќе се јави пред доаѓањето на Синот Човечки за суд над живите и мртвите, тоа божествено орудие на нашето спасение, јас со љубов му го подарив на преподобниот Павле Ксиропотамски, да биде неотуѓива сопственост на манастирот кој се обновува на мој трошок, неотуѓива сопственост се до второто доаѓање Господово. Барам овој дар да биде испратен со црковни и воени почести и да биде положен во светиот олтар за осветување и утврдување на нашата царска обител“.

Со Чесното Дрво блажениот Павле стигна на Света Гора, и по обновувањето на манастирот и осветувањето на Соборниот храм, според царската наредба, го положи во олтарот на светиот престол. А бидејќи славата на свети Павле се пронесе насекаде, особено низ Света Гора, набрзо околу него се собраа многу монаси, за под неговото мудро и опитно раководство да го минуваат крсниот пат на животот, достоен на неговото монашко назначување. Но, за да ја одбегне вревата и метежот, преподобниот Павле се сокри од сите: ја довери управата на манастирот на еден од благочестивите браќа, И отиде во подножјето на Атон, каде се предаде на совршеното безмолвие и строгото осамеништво. Но, многумина, искрено предани на преподобниот Павле и желни тој лично да ги води по патеката на животот и таму го пронајдоа и се населија покрај него. Така и оваа пустина на свети Павле за кратко време доби изглед на монашка обител, зашто бројот на браќата достигна до шеесет. Таквата заедница барала правила и услови за пустински живот. Покрај тоа ова место било отворено кон морето, а со тоа се наоѓало во опасност од пњачкашките и разбојничките напади на Сарацените.

Од тие причини преподобниот Павле повторно се обрати до царскиот дворец, молејќи да му се помогне да основа друга обител. Веднаш му беше помогнато и оваа обител беше посветена на светиот великомаченик Георгиј Победоносец, а според името на својот основач до денес го носи името Светопавловски. Нејзин прв настојател беше самиот преподобен Павле, но не за долго. Наскоро настапи денот и часот на неговиот блажен крај, кој му беше откриен од Бога, Два дена пред својата смрт, тој го свика братството на Ксиропотамската и новата обител крај својот одар и простувајќи се со сите им рече:

- Деца, по два дена јас ќе заминам од вас. Вие знаете и видовте како живеев во ова свето место и како од младоста ги исполнував заповедите на моите Отци. Ве молам и вас, возљубени, верно да ги исполнувате! Во мојата младост, кога пламтеше иконоборната ерес, јас толку роптав против неа, штитејќи го Православието, што од љубов спрема Господ Христос бев подготвен да ја пролијам својата крв до последната капка. За изобличувањето и уништувањето на таа ерес, и писмено и усно добив многу ќотек. Зборувам за тоа не за пофалба, туку за и вие храбро да ги поднесувате искушенијата и неволјите, очекувајќи за тоа рајски венци од Бога.

Горки солзи и плач од браќата ги заглушија претсмртните зборови на божествениот Павле. Тие му зборуваа:

- Оче, не оставај нè, не лишувај нè од твоите духовни поуки. Додека ги гледавме твоите прекрасни подвизи, ние мислевме дека ти никогаш не треба да умреш.

Трогнат од солзите и плачот на браќата, и самиот заплака и низ солзи продолжи:

- Браќа, престанете да плачете! Еве, дојде часот што душата моја секогаш го посакуваше, а од кој телото мое секогаш се плашеше.

При овие зборови тој стана, навлече врз себе мандија, и откако долго се помоли на Бога се причести со Пречистите Тајни. Одеднаш на неговото лице заигра божествена светлина, и сите браќа поразени со таквата слава на неговото лице се поклонија ничкум. Веднаш потоа седна и, изговарајќи ја својата постојана молитва: „Упованије моје Отецот, прибјежиште моје Син, покров мој Дух Свјатиј; Тројице Свјатаја, слава Тебје!“ - им се обрати на браќата и рече:

- Најмногу од сè, чеда мои и браќа, сакајте се еден со друг, молете се, смирувајте се, и имајте божествена послушност. Монахот, туѓ на овие особини и својства на ангелскиот лик, не е достоен да се нарекува монах. Тој не е подобар од мирјанинот.

На прашањето од еден брат како да стекне солзи на умиление, светителот одговори:

- Постојано во својот ум имај го Страшниот Суд и своите гревови, и тогаш без да сакаш ќе ти потечат солзи.

Најпосле преподобниот се испружи на смртниот одар, ги прекрсти рацте на градите, молитвено ги крена очите кон небото, воздивна и душата тивко и мирно му отиде кај Господа, на 28 Јули 820-та година. Според неговата волја и заветување, браќата не го погребаа неговото тело на Света Гора, со намера последна почест да му оддадат на полуостровот Лонгос, кој лежи преку патот на Света Гора. Но Бог уреди поинаку. Кога вечерта тргнаа со коработ од Света Гора и ноќе минуваа покрај полуостровот Лонгос, изутрина тие над секое очекување се најдоа пред Цариград. Веста за пристигнувањето на атонските монаси со моштите на преподобниот Павле брзо се пронесе по Цариград и најпосле допре и во царскиот дворец. Израдувани од таквиот неочекуван настан, царот и неговиот дворец, придружувани од патријархот и целокупниот клир, излегоа да го пречекаат преподобниот Павле. Се собра необично многу народ. При блесокот на безбројните свеќи, моштите на преподобниот беа чесно положени во големата црква, во слава на Бога, прекрасниот во светиите Свои. Нему и од нас, чест, слава и благодарност низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ДРОСИДА

Светата маченица Дросида беше ставена во златна инка и така се упокои.

ОБНОВУВАЊЕТО НА ХРАМОТ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

во Диаконисим

СПОМЕН НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА ИРИНА ХРИСОВАЛАНТА

Беше родум од Кападокија, со потекло од позната фамилија. Била избрана за невеста на царот Михаил 3ти (842-867 г.) и снаа на царицата света Теодора. Но, таа, на совет од свети Јоаникиј Велики, за свое живеалиште го избрала Цариградскиот женски манастир Хрисовалант, и откако го раздаде сиот свој имот се замонаши во тој манастир. За своите подвизи брзо се прочу, и стекна сеопшта почит најпрвин во манастирот, а потоа и надвор од него. На општа желба, цариградскиот патријарх Методиј (843-847 г) ја постави за игуманија на обителта. Како голема подвижничка и беспрекорна раководителка во духовниот живот, таа во својот манастир привлече голем број подвижнички. Се упокои во 921 година.

Денес постојат два прекрасни манастири на света Ирина во предградијата на градовите Атина и Атика.