12. Август (30. Јули)

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ ОД СЕДУМДЕСЕТМИНАТА:

СИЛА, СИЛУАН, КРИСКЕНТ, ЕПЕНЕТ И АНДРОНИК

Светиот апостол Сила, кого што големите Апостоли го избраа да го проповеда словото Божјо, многу се трудеше во благовеста Христова, најпрвин со светиот врховен апостол Павле а потоа и сам. Кога во Ерусалим од апостолскиот собор беше составено послание за Антиохиската црква, за да не се обрезуваат незнабошците кои ја примаат светата вера Христова, свети Сила беше испратен таму со некои угледни мажи, како што пишува за тоа свети Лука во Делата Апостолски: „Тогаш апостолите и презвитерите со целата Црква најдоа за добро да ги изберат меѓу себе Јуда, кој се викаше Варсава, и Сила, истакнати мажи меѓу браќата, и заедно со Павле и Варнава да ги пратат во Антиохија“ (Д.А. 15, 22).

Откако дојдоа во Антиохија, тие го собраа народот и го предадоа посланието. Кога го прочитаа се израдуваа на утехата. А Јуда и Сила, кои беа и пророци, ги утешија и утврдија браќата. Сила најде за добро да остане во Антиохија, а Јуда се врати во Ерусалим. Потоа, кога свети апостол Павле посака за проповед да патува во други земји, тој го избра свети Сила за свој сопатник. Предадени на благодатта Божја од браќата, тие тргнаа и ги минуваа Сирија и Киликија, утврдувајќи ја Црквата. Минувајќи низ Дерва и Листра го зедоа оттаму Тимотеј и отпатуваа за Македонија. А кога во Филипи го истераа гатачкиот дух од некоја робинка, која на маѓепсниците им донесуваше големи приходи со своето гатање, нејзините господари, кога видоа дека им пропаѓа надежта за богатење ги фатија Павле и Сила, ги одвлекоа на плоштадот кај началниците, и кога ги приведоа пред управниците ги клеветеа:

„Овие луѓе, што се Јудејци, го бунтуваат нашиот град и проповедаат обичаи што нам, како Римјани, не ни доликува ни да ги примаме, ниту да ги извршуваме“.

И се насобра многу народ и се нафрли на нив, а управниците им ги раскинаа алиштата и заповедаа да ги тепаат со стапови. Откако страшно ги изнатепаа, ги фрлија во темница и нозете им ги стегнаа во клада. И кога на полноќ Павле и Сила беа на молитва, одеднаш земјата толку силно се затресе, што се разниша темелот на темницата, вратата сама се отвори и оковите им паднаа. Кога стражарот Ја виде вратата отворена, извади нож и сакаше да се убие, мислејќи дека затворениците побегнале. А Павле викна со силен глас и рече:

„Не задавај си на себе никакво зло, бидејќи сите сме овде!“

А тој, треперејќи падна пред Павле и Сила и ги однесе во својот дом, им ги изми раните и се крсти со сиот свој дом. Оттаму светите апостоли Павле и Сила одеа во Амфипол, Аполонија и Солун и преобратија многу незнабошци и голем број господарски жени. На тоа завидуваа евреите, па повикаа зли луѓе, го побунија народот против апостолите Христови и бараа да ги убијат. Браќата веднаш ноќе ги испратија Павле и Сила во Верија. Но и таму евреите, откако дојдоа од Солун, го побунија народот против проповедниците на словото Божјо. Павле отиде во приморјето, а Сила и Тимотеј останаа таму. Но, по кратко време тие отидоа и го најдоа свети Павле во Коринт (Д. А. 15, 30-18, 5). Тука свети Сила стана епископ. Откако доста време се потруди во проведањето Божјо и сотвори многу знаменија и чудеса, тој отиде кај Господа.

Свети апостол Силуан се трудеше во проповедањето на словото Божјо со светите врховни апостоли Петар и Павле. И двајцата го спомнуваат во своите посланија. Свети Петар во своето Прво Послание пишува вака: „По Силуан, нашиот верен брат, како што мислам, ви го напишав ова кратко послание“ (1Петар 5,12). А свети апостол Павле во Второто Послание до Коринтјаните вели: „Синот Божји, Исус Христос, Кого Го проповедавме меѓу вас јас и Силуан“ (2Кор. 1,19). Од ова е очигледно дека свети Силуан со секого од врховните Апостоли се трудел во свое време во проповедањето на Евангелието Христово. И беше соучесник во нивните трудови и страдања. Во Солун пак, тој беше и епископ, и откако поднесе многу маки за верата, отиде кај Господа, Кој ги наградува сите подвизи.

Свети апостол Крискент го спомнува свети апостол Павле во своето Второ Послание до Тимотеј, говорејќи:

„Крискент во Галатија“ (4, 10), односно испратен од мене на проповед. Во Галатија тој беше епископ. Потоа Го проповедаше Христос во Галија, а во градот Виена го постави за епископ својот ученик Захариј, па повторно се вратил во Галатија и тука маченички се упокои, додека царуваше Трајан.

Свети апостол Епенет исто така е спомнат од свети апостол Павле во Посланието до Римјаните, говорејќи:

„Поздравете го мојот возбубен Епенет, кој е првиот плод во Христос во Ахаја“ (16, 5). Свети Епенет бил епископ во Картагена.

Во истото Послание до Римјаните свети апостол Павле го спомнува свети апостол Андроник, поздравувајќи го и нарекувајќи го свој сонародник и созатвореник. Притоа вели дека тој е прочуен меѓу Апостолите и дека пред него поверувал во Христос (16, 7). Свети Андроник беше епископ во Панонија.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ВАЛЕНТИН

Италијанскиот град Интерамн во областа Омврија за епископ го имаше свети Валентин, кој доби од Бога дар на исцелување. Со молитвата и призивањето на пресветото име Христово, тој ја исцелуваше секоја болест кај луѓето и ги обраќаше неверните кон Бога. Во тоа време во светот се уште царуваше идолопоклоничкото многубоштво и незнабожните цареви кои владееја со Истокот и Западот ги гонеа христијаните. Во тоа време тројцата учени многубошци Прокул, Евив и Аполониј, родум од Атина, дојдоа во Рим за добро да ги изучат римскиот јазик и философијата. Тие најдоа еден учен наставник на име Кратон и живееја во неговиот дом.

Се случи тогаш еден од синовите на Кратон, на име Херимон, тешко да се разболи. Во болеста р"бетот му се искриви, главата му беше свиткана меѓу колената и никако не можеше да се исправи. Повикувале многу лекари, но тие ни најмалку не можеле да му помогнат. Три години страдаше тој така и остана без надеж за оздравување. Во меѓувреме во Кратоновиот дом дојде еден трибун Фронтон. Кога го виде болниот, тој рече:

- Таква болест имаше и мојот роден брат, но го исцели еден христијански епископ Валентин, кој живее во градот Интерами.

И го посоветува Кратон да го однесе сина си кај тој епископ. За својот брат додаде дека по исцелувањето не сакал да се разделува од епископот, врзан за него од неговата добрина и њубов. Кратон испрати кај епископот свои угледни пријатели со молба да дојде, бидејќи не било возможно тешко болниот да го испратат на толку далечен пат. Кога дојде започна да го моли да му го исцели синот а свети Валентин му рече:

- Ако сакаш, твојот син ќе се исцели.

Кратон рече:

- Половината од мојот имот ќе ти го дадам, ако го исцелиш син ми.

Светителот возврати:

- Иако си мудар учител, сепак не сфати што сакав да ти кажам. Повторно ти велам, ако ти сакаш, болниот ќе оздрави. Ако поверуваш во мојот Христос, се ќе биде возможно за тебе. Ако се одречеш од многубоштвото и ја примиш верата на мојот Христос и сета своја надеж ја положиш во единствениот Бог, невидливиот и семоќен, тогаш ќе му се даде здравје на твојот син. А половината од имотот што ми го предлагаш, раздај го на сиромашните, тие да се молат на Бога за тебе и за твојот син. Јас нема да земам ништо од тебе а барам само вера. Затоа верувај дека Синот Божји Исус Христос е единствен вистински Бог. Одречи се од сите свои идоли, па својот син ќе го видиш здрав.

На тоа Кратон рече:

- Не знам од што се состои вашата вера, но сум слушал дека секој се спасува со својата вера; верата на еден не може да му помогне на друг ниту пак нечие неверие може да му наштите на друг.

Светиот епископ одговори:

- Во човечкиот живот има нешто што на другиот не може ниту да му наштети ниту да му помогне. Така неверието на таткото не може да и наштити на верата на синот. Но, по потреба, и при исцелување на болните, верата на едниот може да му помогне на другиот. Така со верата може таткото да му помогне на синот, сестрата на братот, господарот на слугата. Во Светото Писмо читаме дека слугата на капетанот, кој бил на умирање, бил исцелен заради капетановата вера. Мртвата ќерка на кнезот била воскресната заради верата на таткото кнез. Сестрите кои плачеле за својот умрен и погребан брат Лазар, кога го видоа во четвртиот ден воскреснат со зборот Господов, се израдуваа. Во Стариот и Новиот Завет постојат и други многубројни примери, кои јасно покажуваат дека верата на еден може да им помогне на другите. А се случува и тоа, неверието на едниот да им нанесува штета на другите. На пример, неверието на еден човек, Фараонот, му нанело разни казни на цел Египет, па и самиот него со целата војска го погубило.

Слушајќи го тоа, учителот Кратон падна пред неговите нозе и рече:

- Верувам дека Проповеданиот од тебе е вистинскиот Бог и не постои друг Бог освен Него, Кој им заповеда на болестите и на смртта, и тие заминуваат, му заповеда на животот, и тој се враќа.

На тоа свети Валентин му рече:

- Христијанската вера треба да се покаже не само со зборови туку и со дела.

Мачителот праша:

- А кои се тие дела?

Епископот одговори:

- Одречи се од идолите изработени од човечки раце и прими свето измивање, за да бидеш сместен меѓу синовите Божји.

Кратон праша:

- Како водата, која што ги измива само телесните нечистотии, може да очистува од гревовите?

Светителот одговори:

- Водата, кога на неа ќе се повика името на Пресвета Троица, на таинствен начин го прима во себе Светиот Дух, Кој што човекот кој се крштева во таа вода го очистува од сите гревови.

Тогаш Кратон забележа:

- Нашиот разговор се одолговлечи а животот на мојот син Херимон се скратува.

Свети Валентин рече:

- Ако не поверуваш во она што никогаш не си можел да го чуеш ниту видиш, твојот син нема да оздрави.

Кратон праша:

- А што е тоа?

Светителот одговори:

- Дали некогаш си слушнал за Дева, Која непорочно зачнала, и родила, и по породувањето Дева останала? Дали некогаш си видел некого да оди по морето како по суво? Дали си слушнал дека Бог со еден збор може да ја стиши бурата по морето? И дека најпосле самиот Тој бил распнат, умрел, бил погребан, во третиот ден воскреснал од мртвите, пред очите на многумина се вознел на небото, при што Ангели на очигледен начин им се јавиле на луѓето и сведочеле дека Тој повторно ќе дојде да им суди на живите и мртвите? Ако веруваш дека сето тоа било така, тогаш пристапи и крсти се, за твојот син да добие здравје, а ти самиот удостој се на вечниот живот.

Кратон изјави:

- Ќе сторам се што ќе кажеш, само син ми да биде здрав.

Светиот епископ рече:

- Бидејќи мудроста на овој свет, на која што ти се сметаш себе си за учител, е лудост пред Бога и ти не можеш совршено да веруваш како што тоа го бара самата вера, тогаш дај ми збор дека ти, со сиот свој дом ќе се обратиш кон Христос и ќе се крстиш кога синот твој ќе оздрави.

Тогаш учителот Кратон ги повика сите свои домашни, кои ветија дека ќе станат христијани ако Херимон биде исцелен. Тука беа и гореспоменатите момчиња Прокул, Евив и Аполониј, та и тие ветија дека ќе станат христијани. Тогаш светителот нареди да се подготви засебна одаја и тој ден и наредната ноќ да ја поминат во молчење. А тој го внесе болниот во таа соба и се затвори со него. Болниот сиот беше свиткан како клопче, главата му беше меѓу колената, нозете меѓу рамењата и ниеден дел од телото не му беше слободен и не можеше да зборува, туку само лелекаше. Ниту еден лекар не можеше да ја одреди неговата болест, ниту пак да ја лекува. Светиот епископ Валентин ја зеде својата власеница на која обично се молеше, ја простре на земјата, го положи врз неа болното полумртво момче, а самиот цела ноќ се молеше и Го славословуваше Бога. На полноќ во таа соба заблеска небесна светлина, та оние однадвор мислеа дека внатре оган се запалил. По полноќ момчето стана потполно здраво и започна гласно да Го слави Бога. Родителите и сите домашни многу се израдуваа кога го слушнаа Херимоновиот глас, зашто три години го немаа слушнато. Започнаа да тропаат на вратата, но светителот не сакаше да им отвори додека не заврши со молитвата. И тие чекаа до самнување, многу радосни. Кога осамна светителот го извади момчето потполно здраво и им го предаде на родителите. Тогаш учителот со целиот свој дом поверува во Господ Христос и се крсти и сите се радуваа за Бога Спасителот свој.

Исцеленото момче Херимон по приемот на крштевањето не сакаше да се раздели од својот свет лекар а споменатите три момчиња по крштението ја оставија световната философија и се приврзаа за Божјиот архиереј и станаа негови ученици, подражавачи на неговиот свет живот. Тие и своите врсници, кои беа во науката, ги обраќаа кон верата Христова и светото крштение со своите совети и примерот на својот чесен и целомудрен живот. Така се собираа кај него многу такви момчиња, се поучуваа на небесната мудрост и стапуваа на патот на вистината. А кога синот на римскиот епарх Авундиј, откако поверува во Христа, се крсти и од ревност јавно објави дека е слуга Христов, тогаш неговиот татко и други сенатори, многу разгневени, го фатија свети Валентин и немилосрдно го тепаа. Бидејќи не успеаја да го обратат кон идолопоклонството, го ставија на страшни маки, па окован го фрлија во темница.

Светиот се радуваше што се удостои да страда за својот Господ Христос. Украсен со рани за Него, примени како најскапоцен накит, тој апостолски се фалеше и зборуваше:

„Јас ги носам на своето тело белезите на својот Господ Христос, го пополнувам недостигот од Христовите маки во моето тело за телото Негово, кое е Црквата“ (Гал.6,17: Кол.1,24).

И учениците кои доаѓаа кај него во темницата ги утврдуваше во Светата Вера. Епархот многу се разбесни кога дозна за тоа, па ноќе испрати по него, го извади од темницата и му ја отсече главата.

Така светиот епископ Валентин го заврши својот страдалнички подвиг. Неговите ученици Прокул Евив и Аполониј го однесоа неговото чесно тело во градот Интерамн, купија во предградието мало парче земја и чесно го погребаа. Останаа покрај гробот неколку дена и ноќи во пост, молитви и славословење на Господа и кај нив се собираа многу верни од градот. Доаѓаа таму и многу неверни и, слушајќи ги нивните проповеди за Христа, се просветуваа во верата. По извесно време за тоа дозна управителот на градот Леонтиј, па ги фати трите свети момчиња и ги затвори во темница. А кога виде дека народот се буни и тагува по нив, нареди ноќе да ги убијат. Се плашеше дење да ги осуди на смрт, за вознемирениот народ да не ги грабне. Светите маченици беа посечени ноќе. Така отидоа во незалезната светлина на Небесните Царства. Гореспоменатиот свети Авундиј, синот на римскиот епарх, кога дојде кај своите сакани пријатели и дозна за нивното погубување многу се натажи и чесно ги погреба нивните тела крај гробот на својот учител свети Валентин, славејќи Го Господ Исус Христос, Кој живее и царува со Отецот и Светиот Дух низ бесконечните векови на вековите. Амин.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ПОЛИХРОНИЈ

Откако испоуби многу христијани, безбожниот римски цар Деки со својата војска тргна против Персија. Штом ја победи персиската војска и ја освои нивната земја, тој ја распростре својата власт над Вавилонија, Вактринија, Ирканија и Асирија. Во тие земји имаше многу христијани и тој започна да ги гони и со најразлични мачења да ги убива. Тогаш во Вавилон епископ беше Полихрониј, а со него тројцата презвитери Пармениј, Елим и Хрисотел, и двајцата ѓакони Лука и Муко. Штом ги фати, Декиј нареди веднаш да ги одведат кај идолите за да им принесат жртва. Но свети Полихрониј смело им рече:

- Ние самите себе си се принесуваме како жртва на нашиот Господ Исус Христос, а на демоните и ништовните идоли нема никогаш да им се поклониме.

Декиј нареди да ги фрлат во темница а самиот започна да гради храм на нечистиот бог Сатурн во градот Вавилон и да постави познат идол. И му напиша на епархот Валеријан во Рим, известувајќи го за својата победа над персијците, која, како што напиша, му била дадена од боговите. Нареди да приреди во Рим голем празник во нивна чест, а христијаните да ги мачи и убива. Валеријан постапи според неговата наредба. Кога беше довршен одвратниот храм во Вавилон, безбожниот Декиј го изведе на суд епископот Полихрониј со неговите презвитери и ѓакони и рече:

- Ти ли си богохулникот, кој не ги почитува царските наредби?

Светиот епископ стоеше и молчеше. Тогаш царот им се обрати на презвитерите и ѓаконите и рече:

- Вашиот старешина онемел!

На тоа презвитерот Пармениј одговори:

- Не, нашиот отец не онемел, туку не сака да ја извалка својата чиста и света уста, исполнувајќи ја Господовата заповед: „Не фрлајте го својот бисер пред свињите, да не го згазат, па да се вратат и да ве растргнат“ (Матеј 7, 6). Добро ли е чистата уста да се извалка со гној?

Разгневен, Декиј рече:

- Значи, ние сме гној?

И веднаш нареди да му го отсечат јазикот. Но и понатаму тој јасно зборуваше и му се обрати на свети Полихрониј:

- Свети оче, моли се за мене, зашто го гледам на тебе Царот, Духот Свети, Кој устата ти ја запечатува а во мојата става медено саќе.

Толку е прекрасен Бог во светиите Свои. На оној кој има јазик му наредува да молчи, а на оној, на кого му е отсечен јазикот му дава да зборува, за да ја покаже Својата семоќна сила.

Декиј му рече на епископот:

- Полихрониј, принеси им жртва на боговите, па ќе ми бидеш пријател и новиот Сатурнов храм тебе ќе ти го доверам.

Епископот не му одговори ништо. Декиј се разбесни и нареди со камења да го тепаат по устата. Додека го тепаа тој ги крена очите и рацете кон небото и го испушти духот.

Декиј го остави мачениковото тело фрлено пред храмот на Сатурнин. Наредната ноќ дојдоа двајца благородни мажи од Персиските кнезови Авдон и Сенис, потајни христијани, го зедоа кришум телото на светиот епископ Полихрониј и го погребаа близу градскиот бедем.

Декиј тргна во персискиот град Кордува и нареди со него да ги поведат и затворените презвитери и ѓакони. Додека ги водеа оковите паднаа од нив.

Кога стигнаа во градот, царот нареди да ги изведат пред него и им рече:

- И вие, безумни, сакате да загинете! Еве, јас ви предлагам да им принесете жртви на бесмртните богови.

Презвитерот Пармениј, на кого му беше отсечен јазикот, силно викна:

- О, беднику! Ти не наговараш да им се поклониме на боговите изработени од човечки раце. Подобро ти да Му се поклониш на нашиот Господ, зашто во спротивно ќе загинеш заедно со своите богови.

Тогаш Декиј нареди сите да ги обесат на мачилиштето. Додека ги измачуваа, тие му велеа на презвитерот Пармениј да се моли за нив, а тој им рече:

- Нашиот Господ Исус Христос нека ни ја даде утехата на Светиот Дух, Кој царува низ сите векови.

Кога рекоа „амин“, Декиј бесно викна:

- Еве маѓија! Човекот без јазик зборува. Нели е тоа очигледен доказ на маѓепсништво?

На тоа презвитерот Пармениј одговори:

- Нашиот Господ Исус Христос, Кој некогаш на немиот му даде говор, сега и на мене грешниот, по отсекувањето на јазикот, ми даде способност да зборувам. А ти, иако имаш јазик и зборуваш, сепак си нем, зашто не Го славиш вистинскиот Бог.

Декиј нареди да ги горат на вжештени даски и со железни нокти да им ги стругаат телата. Така измачувани, на светите им дојде глас од небото:

- Дојдете кај Мене, смирени по срце!

И овој глас Декиј го припиша на маѓиите, па нареди да ги симнат од мачилиштето, да им ги отсечат главите и телата да им ги фрлат надвор од градот покрај патот, па да постават стража за некој да не ги земе и да ги погребе. Така тројцата презвитери Пармениј, Елим и Хрисотел, и двајцата Ѓакони Лука и Муко го завршија своето страдање за Христа. Нивните тела ноќе ги украдоа двајцата гореспоменати кнезови и ги погребаа на својот имот близу Кордува. Во тоа време Декиј испрати по цела Персија да ги бараат христијаните за да ги мачат. Некои од неговите слуги истапија и му рекоа;

- Царе, заробениците кои ти ги помилува се христијани. Тие ги собираат телата на христијаните и ги погребуваат на својот имот.

Тој налутено викна:

- Кои се тие бедници?

Слугите му рекоа дека се Авдон и Сенис. Царот веднаш нареди да ги повикаат кај него и им рече:

- Зар сте толку безумни, та не сфаќате дека сте победени и покорени под нашата власт, затоа што не ги почитувате боговите?

Тие му одговорија:

- Христос не направи победници над ѓаволот, затоа што ги презираме вашите богови.

Декиј гневно им рече:

- Зарем не знаете дека вашите животи се во мои раце?

Светите одговорија:

- Нашите животи се во рацете на нашиот Бог, и ние Му се поклонуваме на Оној Кој слезе од небото за нашето спасение.

Декиј нареди да ги оковаат и да ги затворат во тесна темница, а тие рекоа:

- Ете ја нашата слава, на која постојано се надевавме од нашиот Господ!

Во истиот ден двајца други благородни мажи, Олимпиј и Максим, беа обвинети кај царот дека се христијани. Тој веднаш ги фати и нареди без иследување да ги тепаат со мотки, зборувајќи:

- Тие не се достојни да ги слушаме. Не ги почитуваат нашите богови и заслужуваат смрт, затоа што мртов човек сметаат за свој Бог.

На тоа свети Максим забележа:

- Добро рече „мртов“, но зошто не речеш и „воскреснат“?

Декиј рече:

- Кажете ни ги вашите ризници. Свети Олимпиј одговори:

- Наша ризница, злато, сребро и сето богатство е нашиот Господ Исус Христос, заради Кого презираме сè земно.

Жестоко тепани, светителите викаа:

- Слава Ти Господи што си благоволил да не приклучиш кон слугите Свои! Многу разбеснет, Декиј нареди да ги тепаат со оловни стапови. Потоа ги предаде на својот намесник, некој си Анисиј, кој предложи да ги мачи, па најпосле со секира им ги отсече главите а нивните тела ги фрли на кучињата. Пет дена лежеа телата непогребани, но ништо не се допре до нив. Во шестиот ден христијаните ги зедоа ноќе и чесно ги погребаа.

Потоа незнабожниот Декиј појде во Рим и со него оковани ги поведе светите маченици Авдон и Сенис. Ги водеше со себе како своја пофалба, за да им приреди забава на римјаните. Во тоа време епархот Валеријан во Рим го зеде пресветиот папа Сикст, неговиот клир и многу христијани и ги затвори во темница. Многу денови остана папата во темницата и кај него доаѓаа потајните христијани и ги носеа своите деца, роднините и пријателите. Тие се обраќаа кон Христа а тој ги крштеваше.

Во тие дни Декиј свечено влезе во Рим, водејќи ги како заробеници двајцата Персиски кнезови Авдон и Сенис. Кога го свика римскиот сенат со епархот Валеријан и ги изведе пред нив окованите кнезови, Декиј посочи со прстот кон нив и му рече на сенатот:

- Погледнете ги непријателите кои што боговите ни ги предадоа во наши раце. Ете го непријателот на Римското Царство!

Сиот римски сенат се восхити на нивниот племенит изглед, и сите ги обзеде сожалување и умиление. Декиј нареди да го повикаат главниот капитолски жрец на име Клавдиј, кој со себе донесе идоли и троножен жртвеник, па им рече на светите:

- Принесете им жртва на боговите, па ќе бидете слободни римски кнезови и господари на сиот свој имот и уште повеќе ќе се збогатите и ќе добиете големи почести.

Но, светите одговорија:

- Ние единствено себеси се принесуваме како жртва на нашиот Господ, а на твоите богови ти самиот принеси им жртва.

Царот нареди за утредента да се подготви гледалиште, на кое не дојде тој, туку го испрати епархот Валеријан, кој ги наговараше светите да им се поклонат на идолите, зашто во спротивно ќе ги фрлат на зверовите. Тие му одговорија:

- Ние веќе изјавивме дека единствено на нашиот Господ Исус Христос Му принесуваме пофална жртва и Нему Му се поклонуваме а вашите идоли никогаш нема да ги почитуваме.

На гледалиштето имаше идол на сонцето и Валеријан нареди да ги одведат таму и да ги присилат да му се поклонат, но светителите плукнаа во него. Тој страшно се разбесни и нареди да ги тепаат со оловни стапови, па голи ги однесе на местото каде што требаше ѕверовите да ги раскинат пред очите на народот.

И стоеја светителите голи, но во Христа облечени, и се осенија себеси со крсниот знак. Пуштија на нив првин два лава, потоа четири мечки, но ѕверовите не ги повредија туку лежеа крај нивните нозе. Тогаш Валеријан рече:

- Еве очигледни христијански маѓии.

И нареди да ги одведат зверовите и заповедаше да ги убијат мачениците. И ги заклаа со мечеви, па ги врзаа за нозете, ги извлекоа и ги фрлија пред идолот на сонцето, за, како што рече мачителот, да влеат страв во христијаните. И лежеа тие три дена таму, но еден потаен христијанин Кирин, ипоѓакон по чин, ги украде ноќе и ги погреба во својот дом во оловен кивот.

Така го завршија својот живот светите маченици Авдон и Сенис, кнезовите Персиски. По нив беше мачен светиот папа Сикст со својот клир. Неговото страдање се спомнува под 10 август, заедно со светиот архиѓакон Лаврентиј. А пак чесните мошти на овие двајца свети маченици Авдон и Сенис се наоѓаа во земјата до времето на царот Константин Велики, кога по Божјо откровение беа пронајдени И пренесени во Понтаниовата гробница, во чест и слава на Христа Бога со Отецот и Светиот Дух славениот за навек. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ЈОВАН ВОЈНИКОТ

Свети Јован беше војник во времето на царувањето на Јулијан Отстапник. Заедно со другите војници тој беше испратен да ги убива христијаните. Наизглед тој се преправаше дека ги гони христијаните а всушност тајно им помагаше. Така некои христијани, пред да бидат фатени ги известуваше да се кријат, а за фатените наоѓаше начин како да побегнат. Им помагаше и на сите неволни, давајќи им го потребното. Го украсуваше својот живот со молитви, постови, посетувања на болните и затворениците.

Откако го помина својот живот во такви богоугодни дела, тој се упокои во Господа. Неговите свети мошти беа погребани на местото Пандекта, каде ги погребуваат странците. По извесно време светителот со откровение и ги откри своите мошти на една жена. Всушност тој и се јави и ѝ ги раскажа сите дела од својот живот и своето име, Велат дека свети Јован извршил и други чудеса.

По смртта се јавувал на некои кои барале помош од него. Молитвите упатени кон него помагаат да се пронајдат крадците.

СПОМЕН НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА АНГЕЛИНА,

деспотицата Српска

Светата и преподобна Ангелина беше ќерка на благочестивиот и православен албански кнез Аријанит а балдза на славниот Ѓорѓи Скендербег. Жителите на таа област, уште наречена и Скендерија, беа христијани, повеќето православни, зашто тогаш сè уште не беа потчинети под агарјанското ропство а нивната татковина се славеше со победата на верата и оружјето.

Во дворецот на кнезот Аријанит растеше неговата млада ќерка Ангелина во страв Божји и набожност, упатувајќи ја својата волја и сите свои духовни дарови на творење на Божјата волја. Името на нејзината мајка не е познато, но сигурно и таа била многу побожна и честита, кога така одлично христијански ја воспитала својата ќерка во евангелското учење и живеење. Уште од детството врз света Ангелина се гледаше прстот на Божјата Промисла, кој ја подготвил за подвизите што и претстоеле во животот.

Во тоа време во албанските краеви како прогонет дојде српскиот деспот Стефан слепиот, вториот син на деспотот Ѓорѓи Бранковиќ (1427-1456 г). Него и неговиот постар брат Гргур турците во 1441 година ги затвориле и ослепиле, па во 1444-та година слепи ги вратиле во татковиот дом. Бидејќи неговиот престој се продолжи таму, чесната кнезова ќерка го засака слепиот Стефан, како некогаш Косара праведниот крал Владимир, и замоли од родителите благослов за брак со него. Родителите дадоа своја согласност и благослов, та Ангелина се венчаше со Стефан (во Скадар 1461г), бидејќи сакаше во се да ја дели судбината со прогонетиот праведник.

Од овој брак се родија синовите Георгиј и Јован и ќерката Мара. Додека децата растеле во добро воспитување, на нив наиде нова злоба и нова несреќа. Безбожните агарјани ја нападнаа и таа христијанска земја и уништуваа и убиваа се пред себе. Затоа Стефан и Ангелина се засолнија со своите деца во Италија, во областа Фурланија на север (подрачје на Трстовиот залив). Тука блажениот и праведен деспот Стефан се упокои во Господа (9 октомври 1476 г) и беше прославен од Бога со јавување на светлина на гробот и негнилежност на своето тело.

Неговата праведна и верна сопруга Ангелина остана со своите деца да се бори со сиромаштијата и туѓината. За да им олесни на своите деца, таа се обрати со молба до унгарскиот крал Матиј. Тој се смилува и и го даде сремскиот град Купиново на реката Сава. Таа го зеде со себе негнилежното тело на својот сопруг Стефан, и со своите деца преку Виена и Будим дојде во Купиново. Таму, во црквата на светиот апостол и евангелист Лука чесно ги положи Стефановите мошти (15 февруари 1486 г). На нејзиниот постар син Ѓорѓи унгарскиот крал Матиј му беше дал титула деспот и некоја сремска област, но тој набргу се одрече од тоа во корист на својот брат Јован и се замонаши (1495 г.) во манастирот Купиново со името Максим. Но наскоро потоа умре младиот деспот Јован (1502 г), та света Ангелина и Максим, заедно со Стефановите и Јовановите мошти се преселија кај влашкиот војвода Јован Радул, каде свети Маским беше хиротонисан за митрополит Влахозапланински. Тука Максим го помири војводата Радул со молдавскиот војвода Богдан и заедно со својата мајка света Ангелина во тие краеви извршија многу добри дела.

Неколку години подоцна света Ангелина со својот син Максим се врати во Срем. Свети Максим стана митрополит Белградски и Сремски и заедно со својата мајка Ангелина на Фрушка Гора во Срем го подигна светиот манастир Крушедол и го посвети на Благовештението на Пресвета Богородица. Тука свети Максим ја пренесе од Белград својата епископија и на тој начин ја обнови Сремската архиепископија. Наскоро и тој почина во Господа (1516 г на 18 јануари, кога и се слави неговиот спомен). И беше погребан во неговиот Крушедол.

Преподобната мајка Ангелина тука во Срем го прими светиот ангелски монашки чин во женскиот манастир кај Крушедол, задржувајќи го при монашењето истото име Ангелина (што значи ангелска).

Од почетокот на својот живот таа усрдно се подвизуваше за спасението на својата душа, но сега приложуваше труд врз труд и подвиг врз подвиг. Сета се предаде на молитвата, на милосрдните дела, на поправање на светите храмови и манастирите Божји во Срем. Поради своите многубројни дела, таа како совршена христијанка, сопруга, мајка и монахиња од народот со право го добила името „Мајка Ангелина“. Поживеа така свето и богоугодно и мирно заспа во Господа на 30 јули 1520-та година. Беше погребана во женскиот манастир крај Крушедол, а кога после неколку години нејзиното свето тело беше објавено, нејзините свети мошти беа пренесени во црквата на манастирот Крушедол и положени во истиот кивот со моштите на нејзиниот син свети Јован.

Овие свети и чудотворни мошти на Сремските Светители Бранковиќи турците заедно со манастирот Крушедол ги спалиле во 1716та година, и од тогаш е сочувана само левата рака на светата Мајка Ангелина. Наскоро по јавувањето на нејзините свети чудотворни мошти служба за неа напишал еден од жителите на манастирот Крушедол. Во овој свет манастир на денот на нејзиниот спомен 30 јули се случува голем празник и народен собир.

По молитвите на светата Мајка Ангелина нека Семилостивиот Господ и нас не помилува и удостои на уделот со Светиите Негови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ПРОКУЛ, ЕВИВ и АПОЛОНИЈ

Пострада за верата во Господа Христа.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ АВУНДИЈ

Беше син на римскиот градоначалник, и обратен во верата Христова од свети Валентин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ

презвитерите ПАРМЕНИЈ, ЕЛИМ и ХРИСОТ ЕЛ,

ѓаконите ЛУКА и МУКО,

и мачениците ОЛИМПИЈ, МАКСИМ, АВДОН и СЕНИС