13. Август (31. Јули)

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРАВЕДЕН ЕВДОКИМ

Светиот и праведен Евдоким беше родум од Кападокија, син на побожните родители Василиј и Евдокија. За време на царувањето на Теофил тој служеше во војската и водеше доблесен живот, усрдно исполнувајќи ги заповедите Божји, пребивајќи во пост и воздржание, во молитви и солзи, грижливо читајќи ги и изучувајќи ги божествените книги, вршејќи им обилна милостиња на бедните и вдовиците, помагајќи ги црквите и манастирите, и на сите укажувајќи им сомилосна добрина. Тој ја сочува беспрекорна и својата девствена чистота. Беше толку целомудрен што никогаш не сакаше да разговара со жените, ниту пак да гледа во нив. Дури не дозволуваше жени да доаѓаат кај него, освен неговата мајка, која синовски ја почитуваше и разговараше со неа. Во сите разговори тој се чуваше себеси од празнословието и таштословието, претпочитајќи го молчењето. Ги одбегнуваше оние што празнословеа и зборуваа глупости. А пак лаги, клевети и осудување на другите, воопшто не сакаше ни да слуша. Со еден збор, тој својата душа ја украсуваше со сите добродетели. Среде метежот и суетата световна беше како крин среде трње, како злато среде оган. Нему ни најмалку не можеа да му наштетат ни искушенијата на светот, ни нападите на страстите.

За неговите необични доблести сите го сакаа и почитува. Го познавал и царот, кој и го постави за војвода на Кападокискиот полк и го испрати во Харсијанската област! да управува со народот.

На таа висока функција тој мудро управуваше и ја извршуваше секоја правда, така што во се во животот беше праведен пред Бога и праведен спрема луѓето. А пак неговите тајни доблесни подвизи никој не може да ги знае, ни да ги раскаже, освен сезнајниот Бог, кој единствен ги испитува срцата и помислите наши, Кому овој блажен и праведен маж Му послужи со сето срце и душа и, бидејќи целосно Му угоди, се престави кај него во млади години. Имаше само триесет и три години. Иако не дочека старечка седост, со совршениот доблесен живот надмина многу старци, зашто богоугодната старост не се мери со бројот на годините. Таа богоугодна седост претставува мудрост, а старечката возраст - чистиот живот на доблесниот маж. И кога некој ќе го достигне тоа, нему не му е потребно долго да живее во овој суетен и лажен свет, туку сака „да замине и со Христос да биде“ (Филипјан. 1, 23). Со таква богоугодна старост свети Евдоким премина кај Господа, иако беше млад по години. Тој Му угоди на Бога и Бог го засака, и затоа и беше земен од средината на грешниците, за злото да не го промени неговиот разум и измамата да не ја прелести неговата душа.

На кој начин се упокоил овој праведник, оние што тогаш биле покрај него раскажуваат:

„Кога лежеше болен и му наближи смртниот час, тој ги повика своите домашни и со заклетва им заповедаше по исходот на неговата душа да не го мијат неговото тело, туку да го погребаат во облеката и обувките што ги имаше на себе. Потоа нареди сите да излезат и да ја затворат вратата, па започна да Му принесува молитва на Господа, која некои ја слушнаа низ вратата. Во молитвата тој молеше неговиот крај да не му биде познат на никого, каков што беше и неговиот живот, кој имал свои тајни подвизи и не му беше познат на никого. Откако Му заблагодари на Бога за се, тој најпосле рече: „Во рацете Твои, Господи, го предавам мојот дух“. Така излезе од телото и отиде кај Господа. Неговите домашни го погребаа како што тој им заповедаше“.

Господ, сакајќи да го прослави Својот угодник и да објави во каква светост бил неговиот живот, им даде чудотворна благодат на неговите чесни мошти, и тие исцелуваа од секоја болест. Така, најпрвин еден човек на име Илија, во кого имаше нечист дух и тешко страдаше од него, по преставувањето на свети Евдоким, гонет и мачен од бесот, дојде кај гробот на праведникот. И штом неговата нога се допре до гробот, нечистиот дух како со оган изгорен веднаш силно викна, го фрли човекот врз гробот, излезе од него и побегна, гонет од молитвите на праведникот. Луѓето започнаа да ги носат и своите болни и сите брзо добиваа исцеленија. Поради тоа му укажаа особена почит на свети Евдоким, изградувајќи му надгробен трем со запалени кандило.

Славата за чудесата на свети Евдоким бруеше на сите страни и кај него се собираа многу болни од најразлични болести. Некои од нив со помазување со елеј од кандилото, други земајќи земја од гробот и ставајќи ја на болните места, веднаш се исцелуваа.

Една жена го донесе своето дете, на кое му беа фатени рацете, и штом ги помаза со елеј од кандилото, веднаш се исцели. Слично на тоа и друго момче, тоа пак со фатени нозе, кога му ги помазаа нозете со елеј од светителовото кандило, веднаш оздраве и започна да трча и скока, фалејќи Го Бога.

Една жена, која на телото имаше лута рана, дојде, зеде земја од гробот, ја накваси со вода, односно со солзи, ја допре до раната и во истиот ден раната целосно исчезна.

Славата за чудесата на свети Евдоким допре дури до Цариград, каде живееја неговите родители, доселени од Кападокија. Тогаш неговата мајка отиде во Харсијанскиот крај и кога го виде гробот на својот син и многу народ околу него за исцеление, падна на гробот и прегрнувајќи го со солзи зборуваше:

- Чедо мое слатко! Светлино на моите очи! Од каде кај тебе таа голема чудотворна сила? Од каде таква исцелителна благодат? Сигурно ти е дадено од Бога за твоите тајни доблесни трудови, со кои си Му угодил на својот Господ! Блажена сум јас меѓу мајките, што сум се удостоила да бидам родителка на таков син. Јас повеќе не нижам ридање за тебе, како мајка за починато чедо, туку принесувам духовни песни како на пријател Божји кој живее со Бога.

Потоа мајката нареди да го тргнат каменот и да ја раскопаат земјата.

Кога го отворија сандакот го најдоа телото на светителот без никаков знак на гнилежност, со лице светло како живо, И уста во својата природна убавина. Иако светителот веќе осумнаесет месеци се наоѓал во земјата, сепак ни најмалку не се изменил. И го изнесоа сандакот, но кога мајката посака да го облече телото во нова облека, тука се затекна еден доблесен монах на име Јосиф, презвитер по чин. Тој го подигна од сандакот телото на светителот како живо (неговите раце и нозе слободно се свиткуваа) и без тешкотии го преоблече. Потоа повторно со стравопочит го положија во сандакот. Мајката сакаше да го земе телото и да го однесе во Цариград, па велеше:

- Оваа звезда заблеска од мојата утроба. Затоа сега нека се врати кај мене во мојот дом!

Но, жителите не ѝ дозволија, говорејќи:

- Вистина е дека оваа звезда излегла од твојата утроба, но зајде кај нас, и повторно силно заблеска со чудесата. Од тебе никна оваа добра лоза, но кај нас роди слатко грозје на целебна благодат. Ако Бог сакал чудотворните мошти на Неговиот угодник да бидат на друго место, зарем Тој за време на животот не можел да го врати онаму од каде што дошол кај нас?! О, добра мајко! Не противи се на промислата Божја, и не завидувај ни на таквиот дар. Тебе ти е доволна прекрасната слава што си родила таков светител!

Мајката замолкна. Остана неколку дена на синовиот гроб, се прости со сите, па се врати дома. А пак гореспоменатиот монах Јосиф стана чувар на чудотворните мошти на светиот угодник, И долго време остана таму. Потоа тајно ги зеде моштите и започна да бега кон Цариград. И на тој пат се случуваа чудеса: како што украденото миро не може да се сокрие заради силниот мирис од него, така и моштите на свети Евдоким, тајно земени, не можеа да се сокријат заради целебната благодат што излегуваше од нив. Каков болен да се затекнеше на патот, веднаш се исцелуваше. Така една бесомачна жена притекна до чесниот кивот а од неа викаше бесот, навредувајќи го носениот праведник и хулејќи на него, но одеднаш, поразен од невидлива сила, тој Ја фрли жената и побегна од неа.

Игуманијата на Мантинискиот манастир имаше некоја болест и лута рана на тајното место од телото. Таа никако не можела да се излекува и многу страдала. Кога го сретна носениот светител се допре до чесниот кивот, се наведна над светото тело, со шепот како на жив му кажа за својата болест и веднаш се исцели.

Кога ги донесе чесните мошти на свети Евдоким во Цариград, Јеромонахот Јосиф ги предаде на неговите родители. Тие многу се израдуваа заедно со целиот град!. Родителите брзо го оковаа чесниот кивот на својот свет син со сребро и го положија во црквата Пресвета Богородица, која самите ја изградија, славејќи Го и благодарејќи Му на во Троица славениот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух, Кому и од нас слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ЈУЛИТА

Светата маченица Јулита беше од Кесарија Кападокиска. За неа свети Василиј Велики одржа пофален говор. Таа имала спор со својот сосед околу имотот. Тој беше одзел и присвоил голем дел од нејзиниот имот. Отишол во судот и објавил дека Јулита е христијанка, а тоа во тоа време значело да се биде надвор од законската заштита. Судијата и предложил да се одрече од Господ Христос, за да го добие својот имот назад. Света Јулита изјавила дека се одрекува од сиот свој имот, и богатството, па и од својот живот, но дека никогаш нема да се одрече од Господ Христос. Поради тоа неправедниот судија ја фрлил во вжештена печка. Така таа се преселила во небесните живеалишта, а телото ѝ останало недопрено од огнот, за утеха и лек на христијаните. Тоа се случи во 303-та година, за време на царувањето на Диоклецијан.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ЈОСИФ АРИМАТЕЈСКИ

Благообразниот Јосиф беше богат човек, член на Синедрионот Еврејски, и потаен следбеник Христов (Матеј 27, 57; Јован 19, 38). Тој го симна телото Христово од крстот, заедно со Никодим, и го положи во својата гробница. Поради тоа беше окован од Евреите и фрлен во темница. Но воскреснатиот Господ му се јави и го увери во Своето воскресение. Потоа Евреите го ослободија и го протераа од татковината. То ј појде во светот да го проповеда Евангелието Христово, и таа благовест ја донесе и во Англија, каде што и се упокои во Господа.

СПОМЕН НА ПРЕНОСОТ НА ЧЕСНИТЕ МОШТИ НА АПОСТОЛ ФИЛИП

Светиот славен и сефален Христов апостол Филип, еден од Дванаесетмината Апостоли, се слави на 14 ноември, каде се наоѓа опширно изложено неговото житие и страдање. Денес се слави преносот на неговите свети мошти од Ерапол, каде што пострада, на островот Кипар, во селото Арсина близу Паф, каде му е подигнат свет храм, и каде што и денес почиваат неговите свети мошти.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ДВАНАЕСЕТМИНА РИМЈАНИ

Пострада за верата во Господ Христос посечени со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОВАН,

егзархот Бугарски

Свети Јован е знаменит бугарски свештеник и богослов од времето на царот Симеон (892-896 г). Ги превел на славјански јазик Шестодневот Василиев и Богословието Дамаскиново. Мирно се упокоил во Господа.

ОБНОВУВАЊЕ НА ХРАМОТ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

во Влахерна