14. Август (1. Август)
ИЗНЕСУВАЊЕ НА ЧЕСНИОТ ЖИВОТВОРЕН КРСТ ГОСПОДЕН
Празникот Изнесување на Чесниот Крст Господен е востановен во Грција на први август, од страна на цариградскиот патријарх Лука, за време на владеењето на царот Мануил, а во Русија од митрополитот Киевски Константин и епископот Ростовски Нестор, за време на владеењето на големиот кнез Андреј Јуревич. Овој празник беше востановен од следната причина. Царот Мануил и кнезот Андреј, кои живееја во меѓусебен мир и братска љубов, се случи во исти ден да тргнат во војна. Мануил од Цариград против Сарацените, а Андреј од Ростов против Бугарите. Зашто во тоа време големиот кнез Андреј живееше во Ростов, а Бугари (Вулгари) се нарекуваа незнабошците кои живееја на долниот тек на реката Волга, поради што и го добија своето име Волгари. И Господ Бог им дари на обајцата целосна победа над непријателите. Грчкиот цар ги победи Сарацените, а рускиот кнез ги победи Бугарите и ги покори под себе, правејќи ги вазали на својата држава.
Големиот кнез Андреј имаше ваков обичај: кога тргна во војна со себе носеше чесна икона на Пресвета Богородица, Која на рацете Го држи Предвечниот Младенец и Чесниот Крст Господов, кој среде војската го носеле двајца свештеници, облечени во свештени одежди. А пак пред самото стапување во битката тој Им пренесуваше усрдни солзни молитви на Христа Бога и Пречистата Богомајка и се причестуваше со Божествените Тајни на Телото и Крвта Христови. Се вооружуваше со ова непобедливо оружје повеќе отколку со мечеви и копја, и повеќе се надеваше во помошта од Севишниот отколку во храброста и бројноста на својата војска, добро знаејќи ја Давидовата изрека: „Не гледа Господ на силата коњска, ниту Му е мила брзината на човечките нозе. Мили Му се на Господа оние кои Му се бојат и кои се надеваат во милоста Негова“ (Пс. 146, 10-11). Покрај тоа, благоверниот кнез и својата војска Ја поттикнуваше на молитви и со својот личен пример и со наредба, та сите, откако ќе паднеа на колена, со солзи се молеа пред иконата на Пресвета Богородица и Чесниот Крст Христов. Гледајќи во иконата, големиот кнез вака зборуваше во својата молитва:
- О, Владичице, Која си Го родила нашиот Бог Христос. Секој што се надева во Тебе нема да пропадне. А јас, слугата Твој, по милоста Божја Те имам Тебе како бедем и заштита, и Крстот на Синот Твој, како од двете страни остар меч против непријателот. Затоа, умоли Го Спасителот на светот, Кого на раце Го држиш, крсната сила да биде како оган што го спалува непријателот, кој сака војна со нас и Твоето семоќно посредување нека ни помогне и ги победи нашите непријатели.
По усрдните молитви сите ги целиваа светата Икона и чесниот Крст и бестрашно тргнуваа против непријателот. И Господ им помагаше со крсната сила а Пречиста Богородица со Своето посредување пред Бога за нив. Со таквиот постојан обичај, големиот кнез не беше изненаден ни пред битката со Бугарите: тој тргна, имајќи го пред војската Крстот Господов, како царот Константин во дамнина. На бојното поле ги победи Бугарите, кои се здадоа во бегство и бркајќи ги им зазедоа пет градови, меѓу кои и градот Брјахимов на реката Кама. Кога по битката со незнабошците се вратија во својот логор, тие видоа како од иконата на Пресветата Богомајка со Богомладенецот Христос излегуваат пресветли зраци, како огнени, и ја осветлуваат сета војска. Тоа се случи во првиот ден на месец август, Оваа чудесна глетка уште повеќе ги зголеми во кнезот храброста и надежта, И тој повторно ја сврте својата војска во потера по Бугарите. Запали многу градови, ја опустоши сета земја, а на преостанатите градови им наложи данок и триумфално се врати дома. Исто така и грчкиот цар Мануил, кога излезе со својата војска против Сарацените, во истиот ден виде слично чудо. Од иконата на Пресвета Богородица со Спасителот, која заедно со чесниот Крст се наоѓаше среде неговата војска, излегуваа огнени зраци, кои ја осветлуваа сета војска. Тој ден ги победи Сарацените.
Царот и кнезот, благодарејќи Му на Бога, си соопштија еден на друг за помошта Божја при победата над непријателите и за чудесниот блесок кој излегувал од иконата на Спасителот. Откако се договорија со своите епископи, тие, во знак на благодарност на Христос Спасителот и Пречистата Богомајка, востановија празник во првиот ден на месец август. А во спомен на крсната сила, со која се вооружија и го победија непријателот, тие наредија од олтарот да се изнесува Чесниот Крст на средината на црквата, за сите христијани да му се поклонуваат и со љубов да го целиваат, славејќи Го Распнатиот на крст Господ Христос. Освен тоа архиерејите наредија во истиот ден да се врши и осветување на вода. Овој празник беше наречен Изнесување на Чесниот Крст, зашто чесниот Крст заедно со други свети икони свечено се изнесува на реките, кладенците и изворите.
Затоа да празнуваме, браќа, да славиме и да Му благодариме на Семилостивиот Бог и Спасител наш Исус Христос и Пречистата Мајка Негова, нашата Владичица Богородица, и побожно да го почитуваме Чесниот Крст Господен. Но, да празнуваме со побожност и богоугодно, живеејќи меѓу себе во мир и љубов, давајќи им милостиња на сиромашните, одбегнувајќи го секој грев и живеејќи во стравот Божји, за откако ќе Му угодиме на нашиот Творец и Господ, да се удостоиме на вечното празнување со сите Светии, после денот во кој ќе се јави на небото знакот на Синот Човечки - чесниот Крст Христов (Матеј 21, 30), одејќи пред Судијата на живите и мртвите, Кој доаѓа со сила и голема слава и ќе ги осветли сите праведници со светли и радосни зраци. А по завршувањето на Судот, Чесниот Крст ќе тргне пред сите хорови на Светии, радувајќи се во бесконечните векови. По молитвите на Пречиста Дева Богородица, нашиот Семилостив Спас Христос да не приклучи кон нив и нас грешните. Амин.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ СТАРОЗАВЕТНИ МАЧЕНИЦИ:
ЕЛЕАЗАР свештеникот, 7 браќа МАКАВЕЈСКИ: АВИМ, АНТОНИЈ, ГУРИЈ, ЕЛЕАЗАР, ЕВСЕВОН, АЛИМ (САМОН) И МАРКЕЛ, нивната мајка СОЛОМОНИЈА (САЛОМИЈА) и останатите со нив
Пред да ја започнеме повеста за светите Маченици, чии што имиња овде на земјата се запишани во Книгите Макавејски, а на небото во книгата на вечниот живот, умесно е, во вид на краток предговор, да проговориме за смутовите во Ерусалим во тоа време и за гонењата на благочестивите јудеи, кои се држеле до законот Божји. И едното и другото на почетокот биле предизвикани од лажните законоучители и властолубивите ерусалимски првосвештеници. Затоа, со допуштање на разгневениот Бог, тие немири и гонења ги зајакнаа незнабожечките народи, кои беа завладеале со јудејците, та Светиот Град се зали со крв и Светињата Божја се наполни со нечистотија. ј Првото големо и страшно разорување на Ерусалим го изврши вавилонскиот цар Навуходоносор во времето на јудејскиот цар Седекија, за кое што се зборува во житието на светиот пророк Еремија и во житието на светиот пророк Езекил. Седумдесет години после тоа, Јудеите, по милосрдието Божјо се избавија од ропството и се вратија во Ерусалим, и во Светиот Град повторно никнаа прекрасни и цврсти градби, повторно се издигна храмот Господов, сличен на првиот, и беше прекрасно украсен, за што опширно се зборува во книгите на Ездра и Неемија. И луѓето Божји брзо се намножија и ја населија Палестина како порано. И Светиот Град, верен на Законот Божји, долго време цветаше во побожноста и се насладуваше со мир под управувањето на своите првосвештеници - кнезови и судии. Уживаше слава и почитување кај сите, иако се наоѓаше под власта на незнабожечките цареви. Многу цареви и кнезови, иако беа идолопоклоници, сепак Го почитуваа Богот Израилев, и испраќаа подароци во Ерусалим, во храмот Господов (2Макав. 3, 2). Тие со огромно почитување се однесуваа и спрема првосвештениците, како на пример царот македонски Александар. Тој, кога го здогледа првосвештеникот Ада, кој беше излегол да го пречека, му се поклони до земја, па откако влезе во Ерусалим и во храмот Божји, Му принесе подароци и жртви на Господ Саваот. Така постапуваа потоа и другите незнабожечки владари. Египетскиот цар Птоломеј Филаделф испрати многу подароци во Ерусалим, во храмот Господен, и му пишуваше на првосвештеникот Елеазар, молејќи го да му испрати книги од Светото Писмо и учени луѓе, кои би можеле да ги преведат од еврејски на грчки јазик. Наследникот на Птоломеј Филаделф, Птоломеј Филопатор, откако го победи сирискиот цар Антиох Велики дојде во Јудеја, во Ерусалим, и во храмот Господов Му принесе благодарна жртва на единствениот вистински Бог. Исто така и Антиох Велики потоа, откако ја победи египетската сила, дојде во Ерусалим да Му се поклони на Богот небесен. Во светиот храм Му принесе на Господа благодарствена жртва и богато ги обдари првосвештеникот и останатите еврејски старешини.
Во такво почитување од страна на незнабошците се наоѓаа Ерусалим и храмот Господов. За тоа спомнува и Светото Писмо кога вели дека самите цареви го почитуваа местото и го прославуваа храмот со многу вредни подароци (2Макав. 3, 2). Ваквиот однос на незнабошците траеше сдодека неговите старешини во страв Божји го држеа законот Господов и водеа богоугоден живот. А кога го оставија законот Божји, врз нив наидоа најразлични неволји како и порано. Тие отпочнаа на следниов начин:
Во деновите на праведниот првосвештеник Симон, фалениот во книгата на Исус, синот Сирахов (гл. 50, 1), кога во Азија и Сирија царуваше Селевк, синот на Антиох Велики, во Ерусалим имаше еден маж на име Симон, од коленото Венијаминово. Нему му беше доверена управата на црковниот имот и слугите, и старешинството над војниците, кои ја сочинуваа црковната стража. Горделив и пакосен, тој постојано се противеше на првосвештеникот и ствараше немири меѓу народот, па не можејќи да ги поднесе опомените и заканите од првосвештеникот, намисли да напакости не само на првосвештеникот, туку и на храмот. Со таа намера отиде кај воениот заповедник на Сирија и Финикија, Аполониј, и го извести за црковниот имот. Му рече дека во ризниците на храмот Господов се наоѓа неизмерно богатство и дека покрај црковното богатство тука се чува и безмерно богатство, кое што му припаѓа на народот. Притоа изјави дека сите тие богатства можат да преминат во рацете на царот (2 Макав. 3, 5-6). Аполониј го извести царот за тоа. Златољубивиот цар веднаш го испрати во Ерусалим чуварот на царските ризници Илиодор со војска, да го земе сето богатство што се наоѓа во храмот и да го пренесе во царските ризници.
Илиодор дојде во Ерусалим и започна да го одзема црковното богатство и да ги пљачка парите собрани и чувани за прехрана на сиромашните и патниците, вдовиците и сирачињата. Но, веднаш го стигна казната Божја, како што подробно се зборува за тоа во третата глава во 2 Книга Макавејска: „Ангели толку жестоко го претепаа, што тој за малку не умре и беше приморан да се врати кај царот, без да ја исполни неговата наредба“.
Набрзо потоа царот Селевк беше убиен од своите. Него го наследи неговиот роден брат Антиох, наречен Епифан, односно Светол, кој по карактер беше горд и полош од својот претходник. Некои го нарекуваа Антиох Епиман, односно безумен, зашто безумно се крена против вистинскиот Бог и против Неговиот храм, како иден антихрист. За време на царувањето на овој Антиох, настанаа големи смутови во Ерусалим. Братот на првосвештеникот Ониј, Јасон, отиде кај царот и си го купи првосвештенички чин за огромна количина злато. Притоа, сакајќи да му угоди на царот, овој беден властоубец се согласи со елинството и вети дека ќе ги обраќа евреите во елинството. И откако ја доби за пари првосвештеничката власт од царот, го избрка од првосвештенството својот брат, свети Ониј, и започна да ги воведува незнабожечките беззаконија меѓу Јудеите. Во подножјето на Сионската Гора направи театар и училиште за изучување на елинските легендни учења и арена за игри на младите. Тој дури, спротивно на јасниот закон, во Светиот Град подготви блуднилишта, каде непречено се вршело блуд според елинскиот обичај. Откако во Ерусалим го воведе елинското незнабоштво, Јасон многумина одврати од вистинското богопочитување. Дури и свештеници го оставаа храмот Божји за да гледаат театар, трки, борби, и други игри и незнабожечки непристојности (2Макав. 4, 7-14). Особено младите и неразумни луѓе, заведени од сето тоа, ги фалеа законите и обичаите елински, го напуштаа законот Божји и лесно се приклонуваа кон незнабошците. А пак умните и вистински љубители на побожноста тешко воздивнуваа заради разорувањето на заветот Господов и осквернувањето на Светиот Град и ги оплакуваа своите сонародници, кои одеа по слепиот водач Јасон, кој од властољубие го остави Бога и законот Божји, ја продаде слободата на прадедовското доброверие и меѓу народот Божји заведе толку соблазна и раздори.
По три години на власт, овој лажен првосвештеник Јасон беше прогонет од друг, нему сличен властолубец и согласник на елинското незнабоштво - Менелај. Така и самиот го доживеа она што најпрвин му го приреди на својот праведен брат. Откако му даде на царот многу злато, Менелај ја доби првосвештеничката власт и го избрка Јасон, а од незнабожниот царски доглавник издејствува насилна смрт за претходниот првосвештеник свети Ониј. Меѓутоа и Менелај не остана долго првосвештеник. Неговиот брат Лисимах, откако му даде многу пари на царот, ја доби првосвештеничката власт, та така и Менелај беше прогонет слично како Јасон. Лисимах беше убиен од народот, затоа што ги крадел црковните предмети и пари. Осветувајќи се за смртта на својот брат, Менелај си купи право од царот да ги казни ерусалимците со смрт, и мноштво од нив, потполно невини, лиши од животот и повторно ја доби од царот првосвештеничката власт (2 Макав. 4, 23-50).
Таквите нереди и немири во Ерусалим, секојдневното напредување на елинското незнабоштво и отвореното вршење на беззаконија Го разгневија Бога и го повикаа Неговиот праведен суд. И се јави чудно знамение, кое го претскажа гневот Божји, кој наидуваше на градот. Во воздухот беа видени полкови од војници, облечени во златна облека, со шлемови на главите, со мечеви и копја во рацете, јавнати на коњи, кои стапуваа во војна. Едни од нив се убиваа меѓу себе со мечевите, други ги креваа копјата и штитовите, трети ги оптегнуваа стрелите, со еден збор, како да беа во битка, а од оружјата и оклоците излегуваше огнен блесок (2 Макав. 5, 2-3).
Ова страшно и ужасно видение потраја четириесет дена. Жителите на Ерусалим беа во огромен страв и недоумица и не знаеја што ќе се случи. Во тоа време во Ерусалим стигна лажна вест дека царот умрел во војната со египќаните. Побожните во Ерусалим се зарадуваа и се веселеа, но кога се дозна дека жив се враќа од Египет во Сирија, решија да го отфрлат неговиот јарем, односно да не му плаќаат данок. Затоа се подготвија за борба против него. Царот страшно се разјари поради тоа и тргна со војската кон Ерусалим. Граѓаните ги затворија пред него градските капии, но не беа во состојба да се спротивстават на неговата сила, бидејќи имаше несогласувања меѓу нив. Истомислениците на лажниот првосвештеник Менелај му беа верни на царот. И тогаш тој со својата војска го зазеде градот и им нареди на војниците беспоштедно да ги убиваат не само оние што ќе ги сретнат на улица, туку да влегуваат и по домовите и да ги колат и жените, и старците и дечињата. И за три дена беа убиени осумдесет илјади луѓе, четириесет илјади беа оковани и фрлени во темници, а исто толку заробени. Свирепиот цар, воден од Менелај, предавникот на татковината и законот, се дрзна да влезе во храмот и да земе од него златен жртвеник, златен свеќник, златни кадилници и сите скапоцени предмети што другите цареви ги давале за негово украсување. Ги зеде тој и завесата, венците и сите други златни украси, и сето злато и сребро што го најде во тајните ризници. И откако го опустоши и оскверни храмот Божји, го разори градот, го зали со крв и го исполни со лелек, царот Антиох се врати во Антиохија, оставајќи во Ерусалим и по цела Јудеја посвирепи мачители од себе, да ги злоставуваат Израилците.
По извесно време царот Антиох распрати по целото царство своја заповед, сите негови поданици, без оглед на народноста, заедно со него да ги исповедаат елинските богови и да ги почитуваат елинските закони. Оваа царска заповед не само што беше одобрена од незнабошците, туку и многу јудеи и се покорија. Тие им принесуваа жртви на идолите и ја осквернија саботата. Кратко време по обнародувањето на оваа заповед, царот испрати од Антиохија во Ерусалим еден од своите советници - старец, родум од Атина, со налог сите јудеи да ги присили да се одречат од татковските закони, да се поклонат на идолите и да јадат од идолските жртви. Притоа нагласи да ги натераат да јадат свинско месо, што со еврејскиот закон било забрането. Покрај тоа Антиох му нареди храмот Господов да го претвори во идолиште и во него да го постави идолот на Зевс и да го нарече храм на Зевс Олимписки.
Овој царски пратеник дојде, го оскверни храмот Господов, постави во него идоли и им принесуваше нечисти жртви, присилувајќи ги и Божјите луѓе на тоа. Тогаш и многу од евреите, духовно слаби, поитаа да принесат жртви. А цврстите во верата побегнаа во горите и пустините, и се криеја таму во пештерите и провалиите, спасувајќи се од маките и од идолопоклоничките нечистотии. Тие пак што останаа во градот ги фаќаа, и на царевиот роденден и елинските празници ги тераа да им принесуваат жртви на идолите, а оние што ќе одбиеја биваа мачени и убивани (2 Макав. 6, 1-3). Огромен страв ги беше обзел жителите на Ерусалим, та никој не смееше отворено да се нарече себеси Евреин, и да врши некој пропис од законот Мојсеев. Во тоа време на мачителот му беше доставено дека две жени еврејки, според својот закон ги обрезале своите деца, па веднаш нареди да ги фатат. Им ги обесија децата за вратовите, ги шетаа низ градските улици со подбивање, а потоа ги фрлија од градскиот бедем во провалија. Така овие мајки со своите деца маченички го завршија животот. Штом дозна дека некои евреи се собрале надвор од градот во блиските пештери, за тајно да ја отпразнуваат саботата, мачителот нареди сите да ги спалат (2 Макав. 6, 10-11).
Потоа беше фатен еден од првите книжевници, свештеникот Елеазар, човек во длабока старост, многу благолик, украсен со седост, познат со мудроста и побожноста. Сите го знаеле како еден од главните законоучители во Ерусалим. Тој бил еден од седумдесет и двајцата преведувачи, кои на египетскиот цар Птоломеј Филаделф му го превеле Светото Писмо од еврејски на грчки јазик. За страдањата на овој чесен старец Елеазар се вели следново: Кога Елеазар беше изведен пред мачителот и насилно му ставаа во устата свинско месо да јаде, тој повеќе сакаше да умре со славна маченичка смрт за законот Божји, отколку со нарушување на законот Божји да го сочува срамниот и богохулен живот. Така Елеазар доброволно појде на маки. По патот тој плукаше, зашто нечистото месо му ги беше допрело усните. Со тоа им даваше пример на другите богобојазливи евреи, кои требаше да умрат за законот Божји, учејќи ги со самото дело дека не треба да прават грев за да го зачуваат земниот живот, ниту да Го гневат Бога од њубов спрема овој привремен живот. Некои незнабошци, стари познаници на Елеазар, го сожалуваа и тајно му донесоа месо, незабрането со законот, и му шепнаа:
- Земи и јади пред сите наместо свинско. Кога ќе видат дека јадеш, ќе мислат дека јадеш свинско и така ќе ги одбегнеш маките и смртта.
Но, благоразумниот и побожен старец веднаш им одговори:
- Подобро веднаш да се фрлам во адот, отколку мојот Господ да Го разгневам со нарушувањето на Неговиот свет закон. Не и доликува на мојата старост да дволичам за соблазна на многу млади. Кога младите ќе видат како го вршам тоа, ќе речат: „Еве, Елеазар, иако е во длабока старост, го остави древниот закон на нашите татковци и им се приклучи на елините“. И така заради мојата дволичност ќе отстапат од вистинскиот Бог и ќе загинат. Од мојот пример ќе започнат да го презираат законот Божји и ќе му пристапат на елинското безбожие, прелестени од љубовта спрема овој краткотраен живот. А јас ќе ја посрамам својата старост и ќе станам виновник за гибелта на толку многу души. И ако ги одбегнам овдешните маки од луѓето, сепак нема да можам ни во овој живот ни после смртта да ја одбегнам раката на семоќниот Бог. Подобро ми е сега да умрам, и храбро и јуначки да пострадам за чесните и свети закони, зашто на тој начин својата старост ќе ја украсам со машко трпение и на младите ќе им оставам добар пример после себе.
Луѓето кои на почетокот го сожалуваа, сега од таквиот негов одговор се разгневија, и свештеникот Божји беше ставен на многу страшни маки. Пред смртта тој воздивна и се обрати кон Господа со овие зборови:
„Сезнаен Господи, Ти очигледно знаеш дека јас, иако можев да ја одбегнам смртта, доброволно и со радост и јеубов ги примам овие лути рани. Поднесувам тешки мачења, бидејќи страдам за слава на светото име Твое“.
Откако го рече тоа се упокои, оставајќи со својата смрт пример за јунаштво, не само за младите туку и за целиот еврејски народ (2. Макав. 6, 18-31).
Повеста на свештените книги за страдањето на свети Елеазар се дополнува и со следното предание: по жестокото тепање во ноздрите му истуриле лут оцет со одвратен мирис, па потоа го фрлиле во оган. А тој, откако се помолил на Бога, неговите маки и смрт да ги прими за жртва на сиот еврејски народ, го предал својот дух.
По маченичката смрт на свети Елеазар беа фатени седуммина браќа заедно со нивната мајка. Бидејќи беа високородни, ги испратија на иследување кај царот во Антиохија. Царот ги присилуваше да јадат свинско месо, а таа постапка беше очигледен доказ за отстапување од Бог Саваот, во Кого веруваа евреите. Споменатите седуммина браќа, ученици на свети Елеазар, јуначки истапија за својата вера и не му се покорија на царот. Затоа долго ги тепаа и бичуваа. За нивното страдање и јунаштво пред мачителите вака се зборува во Светото Писмо, во втората книга Макавејска:
- Што сакаш да не прашаш и да дознаеш од нас? Ние повеќе сакаме да умреме, отколку да ги престапиме законите на нашите предци.
Тогаш царот силно се разгневи и нареди да се вжештат тави и котли. Кога ги вжештија, нареди веднаш да му го отсечат јазикот на оној што прв проговори, да му ја одерат кожата и да му ги сечат рацете и нозете пред очите на другите негови браќа и пред мајка му.
И така, откако сосем го осакати, заповеда да го однесат до огнот и да го печат во тава. Додека од тавата се ширеше миризба надалеку, другите синови заедно со нивната мајка се бодреа еден со друг, храбро да ги истрпат маките, велејќи:
- Господ Бог гледа и заради вистината ќе биде милостив спрема нас, како што изјави Мојсеј во својата песна пред народот: „И на слугите Свои ќе се смилува“.
Кога на ваков начин умре првиот, го изведоа вториот и откако му ја одраа кожата заедно со косата и главата, го прашаа:
- Ќе каснеш ли свинско месо, или да започнеме да го измачуваме твоето тело дел по дел?
Но, тој, одговарајќи на јазикот на своите предци, рече:
- Не, не сакам.
Затоа ги претрпе истите маки како и првиот. Испуштајќи ја својата душа, воздивна и рече:
- Мачителе! Ти ни го одземаш сегашниот, но Царот на славата ќе нѐ воскресне за вечниот живот, сите нас, кои што умираме за Неговиот закон.
Потоа беше изведен третиот. Тој веднаш го исплази јазикот, и во исто време бестрашно ги протегна своите раце и јуначки рече:
- Од небото сум ги примил, и не жалам да ги дадам за Божјите закони. Се надевам дека пак ќе ги добијам од Него.
И самиот цар а и оние што беа со него се вчудоневидија од смелоста на момчето, кое ги презираше маките.
Кога умре тој, на истите маки го подложија и четвртиот брат. Пред да умре, тој рече:
- Блажен е оној што умира од човечка рака. Тој треба да се надева на Бога, дека Он ќе го воскресне. А за тебе, мачителе, ќе нема воскресение за живот.
Потоа го доведоа и петиот и започнаа да го измачуваат. Тој го погледна царот и му рече:
- Иако си смртен, ти имаш власт над луѓето и правиш се што сакаш. Но, не мисли дека Бог го напуштил нашиот род. Само почекај, па ќе ја видиш Неговата голема сила, Он ќе те казни и тебеи твоето потомство!
Потоа го доведоа шестиот, кој, подготвувајќи се за смртта, рече:
- Не залажувај се попусто. Ние трпиме поради наша вина, зашто Му згрешивме на нашиот Бог. Затоа не снајдоа овие маки, достојни за чудење. Но, не мисли дека нема да бидеш казнет ти, кој се осмелуваш да се бориш против Бога.
Најдостојна пак за восхит беше мајката, која, гледајќи ги нејзините седум синови како умираат во еден ден, великодушно трпеше затоа што се надеваше во Бога. Исполнета со благородни чувства и машка храброст, таа го поттикнуваше секого од нив, велејќи:
- Јас не знам како се најдовте во мојата утроба. Јас не ви ги подарив ни духот ни животот, ниту преку мене се образувал составот на секого од вас. Затоа, Создателот на светот, Кој го создал човечкиот род и на сѐ му дал почеток, пак милостиво ќе ви даде и дух и живот, затоа што сега не се штедите заради Неговите закони.
Антиох, сфаќајќи дека се подбиваат со него, го советуваше најмладиот, кој се уште беше жив, и со заколнувања го уверуваше дека ќе го направи богат и задоволен, само ако се откаже од законот на прадедовците. Му рече дека ќе му биде пријател и ќе го постави на висока служба.
Но, бидејќи момчето не внимаваше што му зборува царот, овој ја повика мајка му и започна да ја наговара да го посоветува својот најмал син, за да си го спаси животот. По долго убедување, мајката се согласи да го посоветува сина си. Но, таа се наведна над него и, потсмевајќи му се на свирепиот мачител, вака му зборуваше на мајчин јазик:
- Сине, смилувај ми се. Јас сум те носела девет месеци во мојата утроба, три години со млеко сум те доела, сум те хранела, одгледала и воспитала. Ти се молам, сине, погледни ги небото и земјата и се што е на нив и знај дека сето тоа Бог го создал од ништо. Знај дека така настанал и човечкиот род. Не плаши се од убиецот, туку биди достоен за своите браќа и прими ја смртта за повторно да те придобијам според Божјата милост, заедно со твоите браќа.
Додека таа уште зборуваше, момчето рече:
- Што чекате? Јас не и се покорувам на царската заповед туку на заповедите од законот кој што им го даде Бог на нашите предци преку Мојсеј. А ти што си измислил вакви маки за нас јудејците, знај дека нема да избегаш од Божјата рака. Ние страдаме поради нашите гревови. Ако Живиот Бог за извесно време се разгневи на нас за да не искара и поучи, Он пак ќе се смилува над нас, Своите слуги. А ти, безбожнику и најголем престапнику од сите луѓе, не гордеј се попусто, не издигнувај се со празни надежи, кревајќи ја својата рака против слугите Божји, бидејќи уште не си избегал од судот на Бог, Кој гледа сѐ. Нашите брака, кои ги претрпеа сега овие преодни маки, според Божјиот Завет, добија вечен живот, а ти, според Божјиот суд, ќе добиеш праведна казна за твојата гордост. И јас како и моите браќа ги предавам душата и телото за законот на нашите предци, молејќи Му се на Бога набргу да се смилува над својот народ. А ти, во маки и страдање, да признаеш дека е Он единствен Бог. Со мене и со моите браќа нека заврши гневот на Севишниот, Кој со право дојде врз нашиот народ.
Царот, целосно избезумен, се разгневи на него пожестоко отколку на неговите браќа, особено тешко доживувајќи го подбивањето. Така и тој го заврши својот живот неосквернет, полн со надеж во Господа (2 Макав.7, 2-40).
Гледајќи го тоа, блажената мајка, која се викаше Соломонија, се исполни со неискажлива радост затоа што пред себе ги испрати кај Господа своите деца беспрекорни. Таа застана над нивните тела, ги крена своите раце и откако топло се помоли со солзи радосници, го предаде својот дух во рацете Божји. Така се упокои мајката со своите деца. Ги положија своите души за законот на Бога Седржителот. Поради пролиената крв на Своите слуги, Бог се смилува на јудејскиот народ, та меѓу јудеите издигна храбар човек на име Јуда, наречен Макавеј, од свештенички род. Со воена сила, Јуда јуначки му се спротивстави на незнабожниот цар Антиох и откако го победи ги протера неговите војводи. Потоа Јуда уби мнозина кои беа стапиле во елинското безбожие и го очисти храмот од идолите, за што опширно зборуваат книгите Макавејски. А пак царот Антиох, казнет со праведниот суд Божји, уште во овој живот претрпе лути маки. Внатре во телото му се отвори неизлечива рана и во неговата внатрешност зовреа црви, при што од неговото тело излегуваше неподнослива смрдеа. Тогаш бедниот Антиох, според пророштвото на најмладиот од мачениците (2 Макав. 7, 34-35), и против своја волја Го призна вистинскиот Бог и започна да Го бара Оној Кого досега Го гонеше. Но, Господ не му дари милост на немилостивиот. Антиох не принесе искрено покајание и умре со зла смрт. А Семоќниот Бог, прославен тогаш, се прославува од сите генерации и сега, а ќе се прославува секогаш и во бесконечните векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ДЕВЕТ МАЧЕНИЦИ: ЛЕОНТИЈ, АТОС, АЛЕКСАНДАР, КИНДЕЈ, МНИСИТЕЈ, КИРИАК, МИНЕОН, КАТУН и ЕВКЛЕЈ, кои пострадале во Перга Памфилиска
вие свети маченици живееја во времето на царот Диоклецијан во Памфилискиот град Пергија, каде со Памфилија управуваше игемонот Флавијан и сите имаа потекло од христијански предци. Минеон беше дрводелец а останатите земјоделци. Сите тие едногласно донесоа блага одлука, да му пристапат на маченичкиот подвиг. Затоа оставија се световно, ноќе отидоа во тамошниот храм на Артемида и ги сокршија сите идоли. Поради тоа беа фатени и изведени на суд. На судот од нив бараа да се одречат од Христос, но тие одбија. Затоа немилосрдно ги тепаа и ребрата им ги гореа со факели. Потоа со железни нокти им ги стругаа телата се до коските, пазувите им ги гореа со свеќи а очите им ги избодеа со игли. После тоа ги фрлија во темница, каде по наредба на игемонот не им даваа ни храна ни вода. Откако измина многу време ги извадија светите маченици и ги дадоа на ѕверови да ги растргнат, но тие не им наштетија. Ова чудо ги запрепасти сите присутни и тие гласно извикаа:
- Голем е Богот христијански.
И веднаш настанаа грмотевици со молњи, и на земјата падна дожд заедно со оган и град. Во тоа време се чу одозгора божествен глас, кој ги повикуваше светите маченици на небото. Тој глас многу ги израдува. Тогаш, со наредба на игемонот им ги отсекоа главите и тие примија од Господа венци на мачеништвото.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕЛЕАЗАР
Му ја запалиле главата. Така пострадал за Господа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК КИРИК
Пострадал за верата Христова посечен со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ТИМОТЕЈ ЧУДОТВОРЕЦОТ,
епископот Прикониски
Живееше свето и богоугодно како епископ, во времето на царот Јустинијан Велики во шестиот век. Многуте нечовечни навики и страсти на својата паства тој ги поправи со својата кроткост и светост. Со својата молитва ја исцели бесомачната ќерка на царот. Затоа мајката на царицата Теодора по неговото преставување му изградила храм, каде што се положени и неговите свети мошти.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТЕОДОР
Носен со божествена љубов, пострада за Господа посечен со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ МИНА, МИНЕЈ
и останатите со нив
Пострадале од меч во Виглетија, близу Бакарните порти.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПОЛИЕВКТ
Бил фрлен во клозет. Така пострадал за својата вера во Господ Христос.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПАПА НОВИОТ
Пострадал за Господа заврзан во вреќа и ставен во кошница, па потоа фрлен во морето.
СПОМЕН НА СВЕТАТА ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦА ЕЛЕСА,
која пострадала на островот Китир