15. Август  (2. Август)

ПРОНАОЃАЊЕ И ПРЕНОС НА МОШТИТЕ НА СВЕТИОТ ПРВОМАЧЕНИК И АРХИЃАКОН СТЕФАН

Откако светиот архиѓакон Стефан беше убиен со камења од евреите, неговото чесно тело лежеше на отворено место под градот една ноќ и два дена, оставено да го изедат животните. Но, ништо не се допре до него, зашто Господ го чуваше. Во втората ноќ славниот ерусалимски законоучител Гамалил, кој се спомнува во Делата Апостолски (5, 34; 22,3), кој беше започнал да навлегува во верата Христова и станал потаен пријател на светите Апостоли, испрати побожни луѓе, кришум да го земат телото на првомаченикот. И тој го однесе на својот имот во селото, кое по него се нарекуваше Кафаргамала, односно село Гамалилово, недалеку од Ерусалим. Гамалил чесно го погреба тука, го положи во пештерата во својот нов гроб. Потоа еврејскиот кнез Никодим, кај кого ноќе беше доаѓал Господ Исус (Јован 3, 1-2), се престави плачејќи над гробот на свети Стефан. Тој и него го погреба во истата пештера, близу гробот на првомаченикот. Потоа и самиот Гамалил, откако го прими светото крштение со својот син Авив и богоугодно поживеа некое време, се упокои. И двајцата беа погребани во истата пештера, крај Стефановиот и Никодимовиот гроб.

Од тогаш изминаа векови, изгинаа мачителите кои долго ја гонеа Црквата Божја и со обраќањето на Константин Велики настапи мир за Црквата и насекаде расцвета побожноста. Тогаш со откровение Божјо беа пронајдени чесните мошти на светиот првомаченик Стефан и на богоугодните мажи Никодим, Гамалил и Авив, погребани крај него. Ги пронајде презвитерот на споменатото село Лукијан, после ваквото видение. Во девет часот ноќе, во очи на петок, на Лукијан му се јави на сон светлолик старец со висок раст, украсен со седост, со подолга брада, облечен во бела одежда, ишарана со златести крстови и со златен жезол во раката. Тој го чукна презвитерот со жезолот во ребрата и трипати го повика по име:

- Лукијан! Лукијан! Лукијан!

И започна да му зборува:

- Појди во Ерусалим и кажи му на светиот архиепископ Јован; До кога ќе бидеме затворени? Зошто не не отвориш? Треба да бидеме јавени за време на твоето епископство. Затоа без одлагање отвори го нашиот гроб, каде што лежат нашите мошти занемарени, квасени од дождот и газени од нозете на неверните. Не се грижам толку за себе, колку за Светиите кои лежат со мене а се достојни на огромна чест. Отвори ги моштите, за Бог да ја отвори вратата на милосрдието за светот, притиснат со многу неволји.

Презвитерот Јулијан се запрепасти и праша:

- Кој си ти, господине? Кои се тие, за кои ми зборуваш дека се со тебе?

Тој одговори:

- Јас сум Гамалил, воспитувачот и учител на Христовиот апостол Павле, а со мене почива архиѓаконот Стефан, со камења убиен од евреите и првосвештениците ерусалимски за верата Христова. Неговото тело, фрлено на кучињата, јас го зедов ноќе и го донесов во ова село. Го положив во мојата пештера, сакајќи да имам удел со него во воскресението и благодатта Господова. А пак во другиот гроб, во таа иста пештера, е положен господинот Никодим, кој од самиот Господ Христос беше поучен во Светата Вера и од Апостолите прими свето крштение по Вознесението Господово. Кога евреите дознаа за неговата вера во Христа многу се разгневија и сакаа да го убијат како Стефан, но тоа не го сторија од почит кон мене, зашто Никодим ми беше роднина. Но, ми го одзедоа старешинството и неговиот имот го присоединија кон црковниот, па откако го проколнаа го протераа од градот со многу навреди и бесчестење. Тогаш Јас го примив во своето село и се грижев за него до неговата смрт. А кога умре го погребав близу моштите на првомаченикот Стефан. Таму, во третиот гроб ископан во пештерската карпа, јас го погребав својот мил дваесетгодишен син Авив, кој заедно со мене го беше примил светото крштение од Христовите апостоли, 4 кој умре пред мене. На умирање јас оставив завет моето тело да го положат покрај него.

Презвитерот повторно праша:

- Каде да ве побараме?

Гамалил одговори:

- Барајте не пред селото на јужната страна, на нивата наречена Делагавра (односно нива на луѓето Божји).

Откако го рече тоа, тој стана невидлив. Штом се разбуди, през. витерот Му заблагодари на Бога и се помоли, говорејќи:

- Господи Исусе Христе, ако ова јавување е од Тебе и не е некаква измама, тогаш нареди да ми се повтори три пати.

И започна Лукијан да пости, јадејќи само сув леб до наредни. от петок, минувајќи го времето во молитви, без никому да каже за видението. Наредниот петок, во девет часот во ноќта, Гамалил повторно му се јави на презвитерот Лукијан, исто како и првиот пат и му рече:

- Зошто не отиде и не го извести светиот архиепископ Јован за се што ти реков?

Презвитерот одговори:

- Прости ми, господине мој, јас се исплашив да тргнам веднаш по првото видение, од страв да не испаднам лажливец. Затоа Го молев Господа да те испрати кај мене три пати, за да се уверам во вистинитоста.

А Гамалил ја испружи раката и рече:

- Мир на тебе, презвитере! Почивај!

И изгледаше како да се оддалечува од очите на презвитерот. Потоа повторно му се обрати:

- Лукијан, ти размислуваш како ќе не пронајдеш и ќе ги распознаеш моштите на секого од нас. Еве, погледни и сфати што ти се покажува.

Го рече тоа и принесе до презвитерот четири корпи. На изглед трите беа златни а четвртата сребрена. Едната од златните корпи беше полна со црвено цвеќе, втората и третата беа полни со бело цвеќе, а четвртата, сребрената корпа, беше полна со жолт благомирисен шафран. Првата златна корпа со црвеното цвеќе Гамалил ја постави од десната страна на презвитерот на исток, втората со белото цвеќе ја постави на северната страна, а третата и четвртата корпа ти постави заедно на западната страна, наспроти првата, која се наогаше на источната страна. Презвитерот го праша Гамалил:

- Што означува тоа, господине?

Тој одговори:

- Тоа ги означува гробовите во кои почиваме. Значи вака: првата златна корпа со црвеното цвеќе на исток, го означува гробот на свети Стефан, обагрен со маченичка крв за Христа. Втората златна корпа со белото цвеќе на северната страна, го означува гробот на господинот Никодим. Третата златна корпа со белото цвеќе што е кон запад, го означува мојот гроб. А четвртата корпа, сребрена, полна со миризлив шафран што стои заедно со мојата, го означува гробот на мојот син Авив, кој беше чист со телото и душата од утробата на својата мајка и се упокои во беспрекорно девство.

Откако го рече тоа, Гамалил стана невидлив заедно со корпите.

По ова видение презвитерот Му заблагодари на Бога и уште повеќе започна да се моли и да пости до третиот петок, очекувајќи и по трет пат да се удостои на истото јавување. И повторно ноќта спроти третиот петок, оној чесен и светлолик маж Гамалил му дојде во видение на презвитерот и му запрети:

- Зошто досега не се потруди да отидеш кај архиепископот и да го известиш за она што ти е јавено и речено? Зарем не гледаш каква суша и неволји има во поднебесјето? А ти не се грижиш. Зарем нема по пустините свети мажи, подобри од тебе, достојни на ова откровение. Но, ние, прескокнувајќи ги нив, сакаме да бидеме јавени преку тебе. Затоа стани, па појди и кажи му на архиепископот да го отвори местото каде почиваме и да изгради храм, за со нашите молитви Господ да се смилува над Своите луѓе.

Презвитерот стана, Му заблагодари на Бога и веднаш отиде во Ерусалим и го извести светиот архиепископ Јован за своето трикратно видение и наредба. Архиепископот се расплака од радост и рече:

- Благословен е Господ, Кој сака да ни ја јави Својата милост со откривањето на Своите светии. Кога ќе се удостоиме да ги пронајдеме нивните мошти, треба моштите на светиот првомаченик Стефан да ги пренесеме во овој град, каде што тој се борел со евреите, и го видел небото отворено, и Христа Бога во славата Негова. А ти, чедо, се обрати кон презвитерот, појди на таа нива, пронајди го тоа место, раскопај ги гробовите, па извести ме.

Штом се врати во своето село, презвитерот повика побожни луѓе и со нив отиде на нивата Делагавра. На таа нива имаше мал рид, па мислејќи дека моштите на светите почиваат таму, тој намисли да копа. Но, најпрвин ноќта ја помина во молитва. Во истата ноќ свети Гамалил му се јави на еден инок по име Нугетиј, кој живееше во близина на тоа место и му рече:

„Појди и кажу му на презвитерот Лукијан да не се мачи да копа на ритчето, туку нека не бара крај шумата на јужната страна. Таму сме погребани. А на она ритче не полагаа кога не носеа да не погребаат, и над нас, според стариот обичај, плачеа. И за сведоштво на тој плач, извршен над нас, е направен тој мал рид“.

Таму инокот го најде презвитерот Лукијан со многу луѓе како веќе копаат и му раскажа што виде и чу. Презвитерот Го прослави Бога што јави и втор сведок на откровението, па се упатија кон шумата, каде што најдоа камен со еврејски натпис: Хелиил, што значи: слуги Божји. Кога го поместија каменот најдоа тесен влез во пештера. Влегоа со свеќите во пештерата и ги здогледаа ископаните гробници во зидовите на гробницата и во нив моштите на Светите. Влезот во пештерата беше од јужната страна. Од десната страна кон исток беше гробот на свети Стефан. Наспроти влезот на северната страна беше гробот на свети Никодим, а на западната страна почиваше свети Гамалил со синот.

Презвитерот веднаш го извести ерусалимскиот архиепископ Јован за пронаоѓањето на светите мошти. Архиепископот заедно со двајцата епископи, Елефтериј Севастиски и Елевтериј Ерихонски, кои се затекнаа тука, веднаш дојде на тоа место. Бидејќи влезот во пештерата беше проширен, тие влегоа внатре. Кога го отворија гробот на светиот првомаченик, веднаш се затресе земјата и достојните луѓе слушнаа глас на ангели, кои горе пееја: Слава во висините на Бога, а на земјата мир! (сп. Лука 2, 14). Од моштите на светиот излегуваше таков мирис, каков што никој никогаш не почувствувал. Тој неискажан благомирис се разли низ воздухот надалеку и сите мислеа дека се наоѓаат во рајот. Заедно со архиепископот имаше дојдено многу народ од Ерусалим и околните села. И сите меѓу нив, кои беа слепи, сакати, бесомачни, веднаш добија исцеление. Бројот на исцелените беше седумдесет и тројца. Тогаш ги зедоа моштите на сите четворица угодници Божји, ги изнесоа на ритчето со пеење на псалми и други свештени песни, а луѓето се допираа до нив и ги целиваа. Наскоро епископот подигна храм на тоа ритче во име на пронаоѓањето на Светителите и во него ги положи моштите на свети Никодим, Гамалил и Авив, а моштите на светиот архиѓакон Стефан свечено беа пренесени во Ерусалим и положени во црквата која се наоѓаше во светиот Сион.

Во тие времиња еден благороден маж, сенаторот Александар, со својата сопруга Јулијана допатува од Цариград во Ерусалим да се поклони на Светите Места. Кога ги виде чудесата што се случуваа на гробот на светиот првомаченик Стефан, Александар во негово име изгради камена црква во градот и многу го молеше архиерејот моштите на свети Стефан да ги пренесе во неа. Архиерејот се согласи на неговата усрдна молба и ги пренесе. Но, по извесно време Александар смртно се разболе во Ерусалим и на својата сопруга и остави завет со заклетва да му направи ковчег сличен на ковчегот на Првомаченикот и да го положи во него покрај моштите на свети Стефан. Потоа умре. Жената го исполни неговиот завет и неговото тело беше погребано во ковчег, покрај ковчегот на светиот Првомаченик. И живееше таа во Ерусалим, при споменатата црква, и не сакаше да се раздели од починатиот сопруг, зашто веруваше дека е жив во Бога.

Бидејќи беше се уште млада, убава, а со тоа и многу богата, многу благородници и нудеа брак. Но, целомудрената жена цврство ја чуваше сопружничката верност и кога еден од многумоќните властелини започна многу да ѝ досадува да стапи во брак со него, Јулијанија, за да се избави од него, одлучи да го земе телото на својот сопруг и да се врати во Цариград, бидејќи беа изминале веќе осум години од неговото преставување. Но архиепископот не се согласи со нејзината намера, па таа веднаш му напиша на својот татко во Цариград, тој да издејствува од царот таква наредба, која што наскоро и ја доби. Кога го виде писмото од царот, архиепископот не можеше да се противи, ѝ даде благослов и Јулијанија наместо ковчегот на својот сопруг Александар, го зеде ковчегот со моштите на светиот првомаченик Стефан, зашто Бог така сакаше. Откако го натоварија на кола во која беа впрегнати маски, Јулијанија тргна на пат. Беше ноќ кога таа излезе од Ерусалим. Таа ноќ над моштите кои патуваа, во воздухот се чу глас на ангели, кои пееја славословејќи Го Бога, а од ковчегот излегуваше силен мирис. Се слушнаа и крици на ѓаволи, кои оддалеку викаа:

- Тешко нам, доаѓа Стефан и не тепа!

Слугите на Јулијанија се исплашија и ја запрашаа за тоа, а таа, леејќи солзи од радост, одговори:

- Молчете, деца, се се случува како што сакаат Бог и Неговиот свет слуга.

Кога стигнаа во приморскиот град Аскалон се префрлија во еден кораб заедно со светите мошти, но, додека пловеа зафати страшна бура, така што брановите го покриваа коработ. Тогаш на преплашените патници им се јави светиот првомаченик Стефан и им рече:

- Јас сум со вас, не плашете се!

Тој стана невидлив и морето веднаш се смири. Од моштите на светителот ноќе се јавуваше светлина, од ковчегот излегуваше прекрасен мирис а во воздухот се слушаше пеење на ангели. Кога стигнаа во Халкидон, таму останаа пет дена. Граѓаните започнаа да се собираат кај коработ и да ги носат своите болни. И сите болни од градот се исцелија со доаѓањето на првомаченикот, а се истеруваа и ѓаволи од луѓето, кои бегајќи викаа:

- Стефан, убиениот со камења од евреите, дојде, не мачи и насекаде не гони!

Кога стигнаа во Цариград, благочестивата Јулијанија отиде кај својот татко и подробно го извести за моштите на светиот архиѓакон Стефан, па заедно се упатија да ги известат царот и патријархот и сите многу се радуваа. Патријархот со клирот и сиот народ отиде на морското пристаниште да ги пречека моштите на првомаченикот. Кога го изнесоа ковчегот од коработ, го положија на царска кочија и со псалмопеења сакаа да го однесат во царскиот дворец, со наредба на царот. За тоа време од светите мошти се случуваа толку многу чудеса, што не можат да се искажат. Кога оваа свечена поворка стигна до местото наречено Константинови бањи, маските застанаа и не сакаа да се помрднат, иако слугите започнаа со тепање да ги присилуваат. Тогаш една од маските, по Божја наредба, проговори вака:

- Зошто не тепате залудно? Светиот првомаченик Стефан сака неговите мошти да бидат положени на ова место.

Многу восхитени и запрепастени, сите Го прославија Бога. Царот веднаш нареди на тоа место да се изгради камена црква. За кратко време беше подигната прекрасна црква во име на светиот првомаченик и архиѓакон Стефан и во неа беа положени неговите чесни мошти, во слава и пофалба на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, Славениот заедно со Отецот и Светиот Дух, Кому и од нас грешните чест, слава, поклонение и благодарност, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК СТЕФАН,

папата Римски и останатите со него

Свети Стефан беше папа во Рим од 253 до 257 година. Се бореше против еретиците Новацијани. За време на гонењето на христијаните од страна на царот Валеријан, тој се криеше во Рим. Кај него доаѓаа незнабошци и тој ги поучуваше во верата Христова и ги крштеваше. Од нив ракополагаше презвитери, ѓакони и чтеци. Некои од нив беа фатени, но тие храбро Го исповедаа Христа Бога и примија венци на мачеништвото. Свети Стефан некое време и понатаму се криеше заради спасението на верните. А кога неговите дванаесет ученици беа фатени и погубени со меч, блажениот Стефан самиот излезе пред епархот. Одведен во храмот на Марс, светителот се помоли на Бога, и храмот се затресе а дел од него се сруши. Војниците се исплашија и побегнаа. Тогаш светителот отиде на гробот на маченицата Лукија, и таму принесе Бескрвна Жртва. Потоа војниците го најдоа и откако многу го мачеа, најпосле му ја отсекоа главата. Така блажениот Стефан прими двократен венец: и како архиереј и како маченик Господов.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ФОКА

СПОМЕН НА НАОЃАЊЕТО НА МОШТИТЕ НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ

МАКСИМ, ДАДА и КВИНТИЛИЈАН

На денешен ден се случи пронаоѓањето на нивните свети мошти, чудесно откриени преку Ангели Божји, а поопширно за нивното страдање видете под 28 април.

ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ ПРАВЕДЕН И БЛАЖЕН ВАСИЛИЈ,

јуродивиот чудотворец Московски

Блажениот Василиј живееше во времето на благоверниот цар и голем кнез Јован Василевич, и преосветениот Макариј, митрополитот Московски и на цела Русија. Татко му се викал Јаков, а мајка му Ана. По нивните молитви тој Го засака Бога, а според нивната вера им беше даден од Него. Од рана возраст желен за Господа, го остави родителскиот дом и својот род и со надеж на идните богатства го замени гнилежното живеење со духовното, И наместо телесниот татко го имаше отсекувањето на бремињата на гревовите, наместо мајка - чистотата, наместо браќа - стремежот кон небесниот Ерусалим а наместо деца - воздишките на срцето. Поради сето тоа, тој многу се измачуваше себе си со најразлични сурови подвизи. Беше толку сиромашен, што немаше за себе дури ни малечка пештера, ни облека врз своето тело, туку постојано живееше без кров, и одеше гол и зиме и лете, зиме мрзнејќи од студот, а лете страдајќи од горештината. Живеејќи среде врева и метеж, но имајќи душа слободна од страстите, тој постојано водеше живот на јуродив ради Христа, постојано молчејќи. Се правеше нем, сакајќи на тој начин да ги сокрие своите доблести од луѓето и да Му биде познат само на Бога. Но, не може да се сокрие град на врв планина (Матеј 5, 14), зашто славата за него заради чистотата на неговиот живот и јуначкото трпение негово, дојде до ушите на благоверниот цар и голем кнез Јован Василевич, самодржецот на цела Русија, на кого за неговиот живот му раскажа преосветениот митрополит Макариј. И двајцата многу се восхитуваа на неговото трпение и Го фалеа Бога што во нивно време дарувал таков свет маж.

Блажениот Василиј го помина својот живот во најразлични подвизи. Во постојани трудови и трпение, во глад И жед, и во секојдневно изложување на себеси на смртни опасности. Најпосле се разболе и беше на болничко легло. Благоверниот цар и голем кнез Јован Василевич со својата благочестива царица Анастасија и принцовите Јован и Теодор дојдоа да го посетат и да добијат благослов од него. Веќе на умирање, блажениот пророчки му рече на принцот Теодор:

- Се што им припаѓа на твоите претци, ќе биде твое. А ти ќе бидеш нивен наследник.

Го рече тоа и ја предаде својата душа во рацете Божји. Од неговото тело сиот град се исполни со благомирис и многу граѓани се собраа на неговиот погреб. Глетката беше трогнувачка. Царот и кнезовите сами го носеа телото на светителот на своите рамења до светиот храм, архиерејите и свештениците со целокупниот клир го славеа блажениот, пеејќи псалми и црковни песни, а народот со солзи повикуваше, говорејќи:

- Преблажени Василиј, усрдно моли се на Христа Бога за нашиот град Москва, и за сите руски градови и села, за нашиот христољубив цар, за благочестивата царица и нивните благородни деца, а на војската негова биди ѝ победа над непријателите. Царот и царицата лееја солзи радосници и жалосници, затоа што гледаа доказ за совршенството на светителот во таквиот негов крај, и негово вбројување во ликот на Светите, а жалосници затоа што се лишија од таквиот голем подвижник. И уште тогаш многумина добија исцеление од допирот до моштите на блажениот. Преосветениот митрополит Макариј со свештениот собор, откако отпеаја над телото на светителот псалми и погребни песни, чесно го погребаа на 2 август 1552 година. Блажениот Василиј поживеа 88 години, од кои 72 помина во подвигот на јуродивството. Господ го прослави со чудеса и по неговата смрт во 1588 година. Слава на нашиот Бог, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ТЕОДОР ДАРДАНЕЛСКИ

Овој свети новомаченик Христов пострада од турците за Светата Вера на денешен ден, во 1690 година во Дарданелите. Неговиот свет череп се наоѓа во храмот на преподобна Ксенија во Никеја (предградие помеѓу Атина и Пиреја).

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ИНДИСКИ,

кои пострадале во Индија во времето на царот Авенир

ОСВЕТУВАЊЕ НА ХРАМОТ НА СВЕТИ ЈОВАН БОГОСЛОВ

близу Големата Црква (во Цариград)

Храмот на светиот апостол и евангелист Јован Богослов во Цариград, близу Големата Црква (Света Софија), го изградил царот Јустинијан 1 (527-565 г.).