16. Август  (3. Август)

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ НАШИ ИСАКИЈ, ДАЛМАТ и ФАВСТ

Преподобниот Далмат беше офицер при царот Теодосиј Велики, каде што живееше во голема чест. Потоа ради Бога тој презре се световно, ги остави жената и децата, го поведе со себе својот син Фавст и отиде кај преподобниот Исакиј, кој во предградието на Цариград имаше манастир. Тука тој ги замонаши, и тие водеа многу богоугоден живот. Добро се подвизуваа во испосничките трудови, а кога преподобниот Исакиј навлезе во длабока старост и се приближи до својот крај, ги свика браќата, ги поучи за спасението и за игумен им го постави преподобниот Далмат, по чие што име и самата обител подоцна беше наречена Далматска. Цариградскиот патријарх Атик го ракоположи блажениот Далмат за свештеник. Тој живееше толку испоснички, што еднаш помина четириесет дена без храна, и со постот и молитвата ја победи демонската сила. Преподобниот водеше борба и против видливите демониеретиците Несторијанци, кои хулеле на Пречистата Мајка Божја, и бил голем помошник на Светите Отци на Третиот Вселенски Собор, одржан во Ефес за време на царувањето на Теодосиј Младиот. Со тоа преподобниот Далмат ја стекна љубовта на царот и светите Отци, та го произведоа за архимандрит на Далматската обител. Откако Му угоди на Бога, најпосле тој во длабока старост се престави кај Него. Така и неговиот син, преподобниот Фавст, откако ги измина сите богоугодни подвизи и помина строго испосничко житие, се пресели во вечните обители, и во бесмртниот живот беше вброен во ликот на преподобните Отци.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ КОЗМА,  

евнухот и отшелник

Во книгата Лимонар за овој преподобен отец Козма е изложено следното кажување на презвитерот на Викантискиот манастир ава Василиј: За време на мојот престој во Антиохија, од Ерусалим кај свјатјејшиот патријарх Григориј дојде ава Козма, евнух од лаврата на Фараните, одличен во подвижништвото, ревносен за верата, цврст чувар на црковните догмати, одличен познавач на Светото Писмо, Извесно време по своето доаѓање во Антиохија, старецот се престави. Патријархот нареди неговото чесно тело да се погребе во неговиот патријаршиски манастир, каде што беше погребан некој епископ. Еднаш јас отидов на гробот на светиот старец, за да се поклонам на неговите чесни мошти, и тука видов еден просјак, кој просеше милостиња од оние што влегуваа во црквата. Тој забележал дека јас три пати се поклонив на гробот и извршив свештеничка молитва за покој на преминатиот и ми рече:

- Господине, аво! Голем беше старецот кого овде го погребавте пред два месеци.

Јас го прашав:

- Од каде знаеш?

Тој одговори:

- Вистината ја зборувам, аво, дванаесет години јас бев раслабен, и преку овој старец Господ ме исцели. Во каква неволја и да се наоѓам тој доаѓа, ме теши и ми дава олеснување. Покрај тоа, слушни и друго чудо за него. Откако го погребавте, јас секоја ноќ слушам како тој му зборува на епископот: „Не допирај се до мене и немој да ми се доближуваш, еретику, зашто си непријател на светата Божја вселенска Црква“.

Штом го слушнав тоа од исцелениот просјак, јас отидов и му раскажав на патријархот, го замолив да го земе оттаму старчевото тело и да го положи на друго место. Пресветиот патријарх на тоа ми рече:

- Верувај ми, чедо, дека тој еретик не може ни најмалку да му наштети на ава Козма. Тоа се случило за нам да ни стане позната ревноста на светиот старец за верата и неговата доблест. Истовремено и да се обелодени зловерието на епископот, за да не го сметаме за православен.

Истиот презвитер Василиј, за преподобниот ава Козма го вели и ова:

- Јас отидов кај него во лаврата и старецот ми раскажа за себе дека еднаш му се јавила желба да дознае што значат зборовите упатени од Господа до Неговите ученици: „Сега кој има ќесе нека го земе, исто така и торба; а кој нема нека ја продаде својата облека и нека купи нож“ (Лука 22, 36). И Неговиот одговор „доста е“. кога учениците му рекоа: „Еве овде два ножа“ (Лука 22, 38). Бидејќи старецот долго размислувал за овие зборови, но не можел да ги разбере, тој напладне излезе од ќелијата и се упати кон лаврата наречена Пирга кај ава Теофил, да го праша за значењето на овие зборови Господови. Одејќи по патот низ пустината, во близина на Каламон здогледа огромна змија како се спушта од Каламонската гора. Змијата беше толку голема, што со својата тежина оставаше по земјата длабока трага, а виткањето на нејзиното тело правеше големи лаци и ползеше директно пресечувајќи му го патот на старецот. Старецот почувстува дека тоа е лукавство на ѓаволот, кој сака да му го попречи патот, па се вооружи со молитвата и без страв продолжи. Чуван од силата Божја, тој без никаква повреда помина низ лаците на змииното тело како низ врата. Кога дојде кај ава Теофил му го постави саканото прашање и од него доби ваков одговор:

„Двата ножа означуваат два вида на богоугоден живот. Делување или труд и созерцавање или потопување на умот во богомислие и молитва. Оној што ги има овие две доблести е совршен“.

Освен тоа презвитерот Василиј за преподобниот Козма го раскажа и ова:

„За време на мојот десетгодишен престој во лаврата Фарана кај ава Козма, јас имав огромна корист од неговите боговдахновени разговори. Еднаш додека зборуваше за спасението на душите, тој наведе нешто од свети Атанасиј Велики и притоа рече:

„Кога ќе слушнеш или најдеш некакви зборови од книгите на свети Атанасиј, ако немаш хартија запиши ги на својата облека“.

Такво почитување имаше преподобниот Козма спрема големите отци и учители на Црквата, со кои и тој по завршувањето на својот богоугоден живот на земјата доби удел во вечниот живот, по благодатта на нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух слава, сега и секогаш. Амин.

ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ

АНТОНИЈ РИМЈАНИНОТ

Преподобниот Антониј се роди и беше воспитан во Рим. Во тоа време Римската Црква се оддели од Источната Црква. Родителите на Антониј, како и многу други, тајно останаа во источното вероисповедување. Младиот Антониј беше даден да учи книга, та тој научи не само на римски, туки и на грчки јазик да го чита и разбира Светото Писмо. Добрите родителите уште од мал го воспитуваа во Светата Вера и тој се утврди во неа со многу усрдното и истрајно читање на книгите. Притоа внимателно ги изучуваше преданијата на светите Отци, кои Православната Вера ја објаснија и утврдија на Седум Вселенски собори и се држеа до нив.

Кога родителите на Антониј отидоа кај Господа, младиот Антониј започна да го раздава на сиромашните наследениот имот, зашто сакаше да ги презре светските таштини и да Му служи на Бога. Покрај тоа имаше намера да го напушти Рим, бидејќи во него имаше многу раздори и нереди. Од преостанатиот имот тој во едно буре стави злато, сребро, црковни предмети и други скапоцени работи, го закова бурето со железен обрач и го фрли во морето, препуштајќи го на Божјата промисла, а самиот замина во пустината. На едно место најде пустоножителни монаси, кои одвај се согласија да го примат, зашто имаше само осумнаесет години. Кај овие богоугодни монаси Антониј се замонаши и остана дваесет години во секое послушание и испосничките подвизи.

Потоа настапи завршното гонење од страна на Отстапникот врз благочестивите. Гонењето допре и до пустинските живеалиште и многумина беа фатени и мачени. Овие пустоножителни монаси се разбегаа да се сокријат, па и преподобниот Антониј одеше низ непроодните места по пустините. Најде крај морето еден камен, се насели во него и живееше, непрестајно молејќи Му се на Бога и ден и ноќ, без кров над главата. За храна го имаше само она што го беше донел со себе од својата пустинска обител и што го раѓаше приморската пустина. Од таа храна јадеше многу малку, еднаш седмично, постејќи од недела до недела. Поживеа на тој камен четиринаесет месеци, кога на 5 септември 1106 година зафати страшна бура по морето, така што брановите допираа до неговиот камен. Одеднаш еден бран го подигна каменот со преподобниот и го однесе како да го носи со кораб. Во тоа прекрасно чудо каменот пловеше по водата со наредба Божја, носен од брановите, односно од силата Божја, а слугата Божји Антониј стоеше врз него и се молеше. Каква чудесна доверба во овој прекрасен маж! Колку цврста надеж положена во Бога! Во таквата страшна опасност тој не се исплаши, ниту се обесхрабри, туку сиот свој ум го потопи во Бога, и откако се предаде себе си на Неговата волја, пред очите ги имаше единствено Него и Пречистата Богомајка. И му се чинеше, како што подоцна самиот им раскажуваше на духовните луѓе, дека горе во облаците ги гледа Пресветата Владичица наша Богородица со Предвечниот Младенец, нашиот Господ Исус Христос на рацете. И сиот обземен од духовна радост, тој не обрнуваше внимание на тоа страшно пловење среде морските бранови, туку како надвор од телото заборави на себе, насладувајќи се на видението, осветлуван од него со некоја божествена светлина. Таа негова пловидба беше од римската земја по морето, океанот, по реката Нева, Ладожското Езеро, и реката Волхова, се до Велики Новгород. И застана каменот ноќе на брегот каде што имаше манастир. Преподобниот ги слушна камбаните на ноќното богослужење и се исплаши, мислејќи дека повторно е донесен во Рим. Тој не знаеше каде го донела промислата Божја. Кога осамна дојдоа луѓе на брегот на реката и се чудеа и на каменот и на непознатиот човек, кој стоеше врз него. Го прашуваа од каде е, но тој не го знаеше словенскиот јазик, па молчеше и само им се поклонуваше. Остана на каменот три дена и Му се молеше на Бога да му открие за градот, за луѓето и за нивниот јазик. Во четвртиот ден, по долгата молитва, тој се симна од каменот и појде во градот, со желба да најде човек со кој би можел да разговара. По промисла Божја најде еден, кого по облеката го препозна дека е грк. Му се обрати на грчки и дозна дека тој знае не само грчки туку и римски и руски јазик, бидејќи беше трговец кој одел по разни земји. Откако го праша, трговецот му кажа дека градот се вика Велики Новгород, луѓето се руси, јазикот им е словенски, верата Православна христијанска, Соборната црква Света Софија, епископ им е Никита, а со градот владее благочестивиот кнез Мстислав Владимирович Мономахович. Тогаш го праша трговецот и колкава е оддалеченоста помеѓу овој град и Рим. Трговецот му одговори дека е огромна и дека треба да се патува и по море и по суво, околу половина година. И се восхити преподобниот на семоќната сила Божја, која направи, та тој за два дена и две ноќи го премина тој долг пат.

Преподобниот му се поклони на трговецот и отиде во црквата Света Софија да Му се помоли на Бога и да го види големиот архиереј. Многу се израдува кога ги виде црковното благолепие, поредокот и архиерејот, па потоа ги посети и останатите цркви и се врати на своето место на каменот, без да му се јави на епископот, зашто не го знаеше рускиот јазик. Тој започна усрдно да Му се моли на Бога да му го отвори умот, за да го разбира рускиот јазик. Кај него започнаа да доаѓаат луѓето кои живееја во близина на брегот и му носеа храна како на странец. Од нив започна да го учи рускиот јазик и со Божја помош набрзо го научи. А кога луѓето го распрашуваа за татковината, за местото на раѓање и како се нашол меѓу нив со тој камен, тој само им одговараше дека е грешник.

По кратко време за него дозна епископот Никита, кој беше замонашен во Киево-печерскиот манастир и полн со Духот Божји. Тој го повика кај себе овој непознат монах и откако го распраша кој е, од каде е и како дошол ваму, тој само се поклонуваше и велеше:

- Владико свети, прости ми мене, грешниот човек и странец.

Преподобниот не сакаше никој да дознае за него, за луѓето да не го слават. Светителот Божји Никита насети со духот некоја тајна Божја во преподобниот и насамо со заклетва му рече да му ја каже сета вистина за себе. Тогаш преподобниот му раскажа се, започнувајќи од своето раѓање и воспитување во Рим, за гонењето на благочестивите, за своето бегство во пустината, и како на камен носен по водата стигна во Велики Новгород, за два дена и две ноќи. Додека тој зборуваше, солзи лееше и паѓајќи пред нозете на епископот го молеше никому да не зборува за тоа, за да не западне во суетно почитување од луѓето. Светителот многу се восхити и мислеше дека тоа не е човек, туку ангел Божји. Потоа стана и застана на молитва. По долгата молитва падна пред преподобниот, просејќи од него благослов и молитви. И преподобниот падна пред архиерејот, молејќи и просејќи благослов, и нарекувајќи се себе си недостоен и грешен. И долго лежеа и двајцата на земјата, квасејќи ја со солзи. Епископот Никита му велеше на преподобниот:

- Ти си се удостоил на огромен дар од Бога, зашто со тебе се случило чудо, слично на древните чудеса. Илија со огнени кочии, Апостолите на облаци беа носени по воздухот, а тебе Господ те донесе во нашиот град на каменот по водата, и ги посети и благослови со тебе новопросветените свои луѓе.

А преподобниот му велеше на светителот:

- Ти си архиереј на Севишниот Бог и тебе Бог те постави да бидеш застапник и молитвеник пред Него за целиот свет. Затоа ти треба да се молиш како за сите така и за мене грешниот.

Архиерејот стана, го подигна преподобниот, го благослови, му даде целив во Христа, но не можеше да престане да плаче. И долго разговараше со него, насладувајќи се на неговите медоточиви зборови. Тој сакаше да разгласи за тоа чудо, но молбата на светителот го задржа, па се обиде да го измоли да остане кај него до крајот на животот, но тој не се согласи, говорејќи:

- Не присилувај ме, архиереју Божји, туку остави ме да живеам на местото каде Бог ќе ми нареди.

Архиерејот го отпушти со мир и набрзо отиде да го види каменот, на кој угодникот Божји доплови и се восхитуваше на Божјото дело. Наскоро потоа покрај тој брег му изгради мала дрвена црква во име на Пресветата Богомајка и во чест на Нејзиното Рождество, бидејќи во предвечерието на тој празник Господ го донесе Својот угодник во неговиот град. При црквата на пристаништето изгради и конак за монаси. По една година, во близина на каменот на преподобниот Антониј, рибари ловеа риба на реката Волхова. Бидејќи цела ноќ ништо не фатија, тие уморни и нажалени ги извлекоа своите мрежи на брегот. А преподобниот по завршувањето на своите утрински молитви отиде кај рибарите и им рече:

- Фрлете ги своите мрежи во водата и тоа што ќе го фатите нека биде за домот на Пречиста Богородица. Отпрвин тие одбиваа, но на упорната молба на старецот ја фрлија мрежата во реката и извлекоа многу риби, а меѓу нив и огромно буре, оковано со железен обрач. Преподобниот го препозна своето буре, кое што во Рим го фрли во морето и им рече на рибарите:

- Деца мои, гледате како милоста Божја промислува за Своите слуги! Вие, земете ги рибите за себе, а мене Бог ми го дарува бурето, за она што е во него да се најде за градбата на мојот манастир.

Но, рибарите одбиваа да му го дадат бурето, велејќи:

- Ние се договоривме да ти ловиме риби а не буриња. Затоа рибите нека останат за тебе а бурето за нас, бидејќи ние самите го фрливме во водата, за да го сочуваме.

Преподобниот на тоа им рече:

- Јас нема да се препирам со вас. Ајде да појдеме кај судиите.

Предлогот им се допадна на рибарите и тие тргнаа кон градот, носејќи го и бурето со себе. Кога излегоа пред судиите, им раскажаа за ловот и докажуваа дека бурето е нивно. Тогаш преподобниот им се обрати на судиите:

- Господа, ако бурето е нивно, прашајте ги, нека кажат што има во него.

Прашани од судиите, рибарите немаа одговор. Тогаш преподобниот, против своја волја мораше делумно да ја открие тајната позната единствено на Бога, па рече:

- Ова буре и припаѓа на мојата ништовност. Јас со своите грешни раце го пуштив по морето во Рим. Во него ставив златни, сребрени и кристални црковни садови, путири и многу други свештени предмети. На нив има натписи со римски букви. Покрај тоа, во него ставив злато и сребро, кое го наследив од родителите и го пуштив бурето во морето, препуштајќи го на Божјата промисла. Го сторив тоа поради тамошните бунтови и гонења на православните.

Судиите наредија да се отвори бурето и видоа дека се е онака како што рече старецот. Восхитени од чудесното и сесилно дејство Божјо и од овој прекрасен маж, тие му рекоа да си го земе своето а рибарите си заминаа посрамени.

Откако ги зеде своите работи, преподобниот го извести за тоа светителот Никита и му ги покажа. Восхитен од ова второ чудо, како некогаш од првото, тој Го прослави Бога. Со тоа злато и сребро преподобниот изгради камена црква и на почетокот уреди мал манастир, собра малку браќа, ја купи земјата околу манастирот, а и дозвола за ловење риби за исхрана на монасите. Потоа архиерејот Христов Никита се престави кај Господа, без некому да ја каже тајната за свети Антониј. За неа не дозна никој, се до преставувањето на преподобниот Антониј.

По свети Никита архиерејскиот престол го зазеде Јован. Тој ја пасеше црквата дваесет години, па изнемоштен од староста се повлече во безмолвие. По него Новгородски архиереј стана преподобниот Нифонт од Киево-Печерскиот манастир. Тој имаше духовна љубов кон преподобниот Антониј и го примора да го посвети за ереј и игуменска власт. И свети Антониј им беше прекрасен наставник на браќата и пример со својот богоугоден живот. Кога навлезе во длабока старост и му се приближи крајот, повика кај себе еден од своите иноци, на име Андреј, му раскажа се за себе и му ја откри тајната чувана дотогаш, како на камен доплива од Рим во Велики Новгород. Потоа ги поучи браќата, им го одреди Андреј за игумен и откако на сите им даде благослов и последен целив, се престави кај Господа во 1147 година, во својата осумдесетта година. По неговото преставување игуменот Андреј им раскажа на епископот Нифонт, на градските старешини и на сите луѓе, се што слушна од устата на угодникот Божји, за неговото натприродно патување врз каменот по морето. Сите беа восхитени од тоа и Ги славеа Бога и Пречистата Мајка Божја.

По 450 години од преставувањето на преподобниот Антониј, неговите мошти беа пронајдени негнилежни. Извадени од земјата во 1597 година, тие до денес почиваат негнилежни и им даваат исцеленија на оние кои со вера им приоѓаат, во слава на нашиот Бог Христос, со Отецот и Синот славениот за навек. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТА САЛОМИЈА МИРОНОСИЦА

Света Саломија е мајка на светите апостоли Јаков и Јован, жена Заведеева, а ќерка на Јосиф свршеникот на Пресвета Богородица. Му служеше на Господа за време на Неговиот овоземен живот и се удостои да биде меѓу првовесниците на воскресението Негово (Марко 15, 40-41; 16, 1-8; Матеј 27, 56).

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК РАЖДЕН

Родум беше Персиец. Се обрати кон Христа во Грузија, за време на царувањето на Вахтант (446-499 г), кој и го направи еден од своите први војсководци. Во војната помеѓу Грузијците и Персијците, тој беше заробен од Персијците и тие за отстапништвото од многубожечката вера го распнаа на крст во Карталинија, во 454 година. Неговите свети мошти почиваат во соборната црква на градот Никоза, во горна Карталинија.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНА ТЕОКЛИТА ЧУДОТВОРКАТА

Во времето на царот Теофил, христомрзецот и иконоборец, живееше оваа света Теоклита, родена во местото Оптимата од родители Константин и Анастасија. Од рана младост воспитана во побожноста, таа будно внимаваше на себе. Кога порасна родителите насилно ја омажија за човек на име Захариј, кој беше сличен на неа. Како омажена, оваа блажена Теоклита вршеше неизмерна милостиња, многу читаше и го изучуваше Светото Писмо. На дело го исполнуваше она што го читаше и живееше во секое добро и доблест. Таа по цел ден работеше рачни работи и им служеше на сиромашните кои доаѓаа во нејзиниот дом. Покрај тоа, таа според својата огромна смиреност им служеше и на своите сопствени слуги. А кога дојде време да отиде кај Господа, блажената Теоклита ги повика своите пријатели и однапред им го кажа денот во кој ќе умре. И навистина се случи како што прорече. По нејзиното преставување се случија многубројни чудеса од нејзините свети мошти. Ќе спомнеме само едно. Родителите на преподобна Теоклита имаа обичај секоја година да го подигаат нејзиното сечесно и свето тело, кое беше целосно. Ѝ ја менуваа облеката, ѝ ја дотеруваа косата, која ѝ беше бела, ѝ ги сечеа ноктите на рацете и нозете, па потоа читаа Трисвето, и така повторно го положуваа телото во кивотот.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ОТЦИ НАШИ ЈОВАН МОНАХОТ и ЈОВАН НОВИ,

митрополитите Ефески

Овие двајца светители беа архиепископи на градот Ефес. Постариот Јован најпрвин беше монах, па потоа архиепископ, а по некое време архиепископ беше овој свети Јован новиот, односно младиот.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕЦ ОТЕЦ  ЈОВАН ИСПОВЕДНИКОТ

Беше игумен на манастирот „Пателарејски“. Достојно на своето име, се удостои на благодатта Божја.