17. Август (4. Август)
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ СЕДУМ МОМЧИЊА ЕФЕСКИ:
МАКСИМИЛИЈАН, ЈАМВЛИХ, МАРТИНИЈАН, ДИОНИСИЈ, АНТОНИН, ЈОВАН (КОСТАНТИН) и ЕКСАКУСТОДИЈАН
За време на незнабожниот римски цар Декиј Црквата Христова беше гонета и многу слуги Христови, презвитери, клирици и други верни од страв од лутиот мачител се криеја кој каде ќе најдеше. Кога Декиј дојде од Картагена во Ефес, издаде наредба сите жители од околината да се соберат за принесување на жртви на идолите. Полуден од гордост, царот постави среде градот идоли со жртвеници пред нив и нареди заедно со нив најпрвин градските старешини да им принесат жртви на боговите. При ова сенародно празнично жртвопринесување земјата се натопуваше со крв од закланите животни и воздухот се исполнуваше со чад и смрдеа од жртвите. Во третиот ден царот нареди да се соберат сите христијани и да се присилуваат да принесат жртви. Тогаш ги извлекуваа и од домовите и пештерите и ги доведуваа на плоштадот каде е собран народот. Некои плашливи и слабодушни христијани тогаш отпаѓаа од верата и пред очите на сите им се поклонуваа на идолите. А пак други христијани тагуваа за отпаднатите, додека пак храбрите и силни во верата бестрашно одеа на маки и јуначки ги полагаа своите души за Господа. Тогаш имаше многу маченици од чии што тела, растргнати и искинати, течеше крв како вода и ја натопуваше земјата.
Телата на мачениците ги фрлаа покрај патиштата или ги врзуваа по градските бедеми наоколу, а главите им ги набиваа на колци и ги поставуваа пред градските капии. Птиците ги колваа расфрланите тела и огромна жал ги раскинуваше потајните христијани, што не можеа да ги земат и да ги погребаат телата на своите браќа. Тие со кренати раце кон небото ридаа и се молеа на Господа да ја избави Својата Црква од таквото мачење.
Во тоа време во Ефес имаше седум момчиња, синови на угледни градски старешини, кои служеа во војската како официри. Нивните имиња беа Максимилијан, Јамвлих, Мартинијан, Јован (Константин), Дионисиј, Ексакустодијан и Антонин. Иако беа деца на различни родители, тие беа еднодушни во верата и убовта Христова и заедно се молеа и постеа, сораспнувајќи се со Христос со умртвување на своето тело и строгото чување на девството. Додека го гледаа секојдневното злоставување и свирепите убивања на христијаните, срцата им се кинеа и горко плачеа. Кога незнабошците заедно со царот принесуваа жртви, светите момчиња одеа во христијанската црква, паѓаа на земјата пред Господа, ги посипуваа со прав своите глави и се молеа со ридање. Но, беа забележани и царот беше известен за нив. Тој многу се разгневи и праша кои се. Поткажувачите му рекоа дека се синот на управителот на градот
Максимилијан, со шест други момчиња, синови на ефеските болјари, и дека тие веќе имаат офицерски чинови во војската.
Царот веднаш нареди да ги фатат и оковани да ги доведат кај него. Светите момчиња брзо беа доведени пред царот сеуште со солзи во очите и со прав на главите, па тој им рече:
- Зошто вие не се јавивте заедно со нас за празникот во чест на боговите, на кои им се поклонува сета вселена? Ајде сега принесете ја должната жртва како и другите!
Свети Максимилијан му одговори:
- Ние Го исповедаме Едниот Бог - Царот небесен, со чија што слава се полни небото и земјата. Нему секој час Му принесуваме духовна жртва со вера и молитви, а на вашите идоли нема да им принесеме жртви, за да не ги оскверниме нашите души.
Царот веднаш нареди да им ги одземат војничките појаси, симболите на нивната висока функција, велејќи дека се недостојни да бидат меѓу царските војници. Но, сепак, гледајќи ја нивната убавина и младост, царот се сожали и рече:
- Би било неправедно веднаш да се погуби таквата младост. Затоа, прекрасни момчиња, ви давам време за размислување, за да се вразумите, да им принесете жртви на боговите и да останете живи.
Откако го рече тоа, нареди да ги симнат оковите од нив и ги ослободи на одредено време, а самиот отпатува во друг град, со намера повторно да се врати во Ефес.
Добиеното слободно време светите Момчиња го користеа за вршење добри дела. Тие земаа злато и сребро од домовите на своите родители и тајно и јавно го раздаваа на сиромашните. Потоа заедно одлучија да отидат во една голема пештера во гората, на исток од градот, и таму во тишина да се помолат на Бога, да ги поткрепи во исповедањето на пресветото име Негово, за бестрашно и јуначки да ги поднесат маките и да добијат од Господа несвенливи венци на славата.
Откако се договорија понесоа со себе доволно сребро, потребно да можат да се прехранат неколку дена, па тргнаа кон источната гора, наречена Охлон. Таму влегоа во пештерата и останаа доста денови, непрестајно славејќи Го Бога и молејќи се за спасение на своите души. Одењето во градот за набавка на потребното му беше доверено на светиот Јамвлих, како најмлад. Тоа разумно момче, пред да тргне во градот ја менуваше својата облека, за да не го препознаат. Од понесените пари дел раздаваше на сиромашните а со останатите купуваше храна. При едно такво свое доаѓање во градот, свети Јамвлих се распрашуваше дали царот наскоро ќе се врати во градот. По многу изминати дни, кога преправен како просјак дојде во градот, лично го виде доаѓањето на царот и слушна за неговата наредба, дека сите градоначалници и военоначалници наредниот ден треба да бидат подготвени за принесување жртва на боговите. Толку беше ревносен царот во служењето на идолите. Освен тоа, Јамвлих слушна дека царот наредил да ги пронајдат и нив, седумте момчиња, привремено ослободени, за и тие да принесат жртви пред неговите очи. Многу исплашен, Јамвлих веднаш отиде кај браќата во пештерата, носејќи малку леб. Им раскажа се што виде и чу, и им кажа дека ги бараат.
Тогаш сите се исплашија, паднаа ничкум на земјата и со плачење Му се молеа на Бога, доверувајќи се себе си на Неговата помош и милосрдие. Потоа Јамвлих подготви трпеза и го постави оној малку донесен леб. А сонцето веќе заоѓаше, Светите Момчиња каснаа малку и си разговараа меѓу себе, тешејќи се и крепејќи се на јуначко страдање за Господ Христос. Кога задремаа, милостивиот и човекољубив Бог, секогаш промислувајќи за Црквата Своја и грижејќи се за слугите Свои, нареди овие седум светли Момчиња да заспијат со прекрасен и необичен сон, зашто сакал во иднина преку нив да направи преславно чудо и да ги увери оние кои се сомневаат во воскресението на мртвите. Значи, Светите заспаа со сонот на смртните. Нивните души се чуваа во рацете Божји, а нивните тела како заспани лежеа во пештерата негнилежни и неизменливи.
Утредента царот нареди да ги бараат седумте високородни Момчиња. Штом не ги најдоа, тој им рече на велможите:
- Ги жалам тие Момчиња, зашто се многу убави и од племенит род. Мислам дека побегнале некаде и се кријат. Но, ние сме подготвени да ги поштедиме, ако како покајници повторно се обратат кон нас.
На тоа велможите му одговорија:
- Не жали, царе, за тие Момчиња. Слушнавме дека тие не само што не се покајале, туку станале уште поголеми хулители на боговите, и откако им раздале многу злато на сиромашните по градските улици, исчезнале без трага. Ако се согласиш можеме да ги повикаме нивните родители и со мачење да ги присилиме да кажат каде се кријат тие.
Царот веднаш издаде наредба. Откако ги доведоа родителите, тој праша:
- Веднаш кажете ми, каде се вашите синови, навредувачите на моето царство, инаку ќе наредам вас да ве погубат, зашто вие сте им дале злато и сте ги испратиле некаде!
Родителите одговорија:
- Те молиме, царе, сослушај не. Ние не сме противници на твоето царство. Не престанавме да им принесуваме жртви на боговите. Зошто ни претиш со смрт? Ние не сме ги поучувале нашите синови, ниту пак сме им давале злато. Тие кришум го имаат земено, па побегнале и се сокриле, како што слушаме, во онаа огромна пештера на гората Охлон. Изминаа многу денови а тие не се враќаат. Не знаеме дали се живи или умреле таму.
Откако ги сослуша родителите, царот ги отпушти и нареди влезот во таа пештера да се созида со огромни камења, велејќи;
- Бидејќи не се покајаа и не ми се јавија, нека умрат гладни и жедни во пештерата.
Царот и жителите на Ефес мислеа дека Момчињата се живи и не знаеја дека се заспани во Господа. При зазидувањето на пештерата двајца царски коморници Теодор и Руфин, кои беа потајни христијани, на две оловни плочки го опишаа страдањето на овие седум свети Момчиња. Тие ги запишаа нивните имиња и ги положија плочите во ковчеже од бакар, го запечатија и го созидаа меѓу камењата, во влезот на пештерата. Притоа си велеа меѓу себе:
„Ако Господ ги посети Своите слуги при Своето второ доаѓање и телата на светите бидат најдени, тогаш од овој наш опис ќе се дознаат нивните имиња и дела, и ќе се дознае дека овие тела се тела на маченици, кои во зазиданата пештера умреа за исповедањето на Господ Христос“.
Така беше созидана пештерата.
Набрзо потоа умре незнабожниот цар Декиј. По него се изредија многу други незнабожни цареви, кои исто така ја гонеа Црквата Божја и изумреа. Дури со Константин Велики настапи време на христијански цареви. Во деновите на благочестивиот цар Теодосиј Младиот, долго време по смртта на Константин Велики, се појавија еретици кои го одрекуваа воскресението на мртвите, иако самиот Господ Христос ѝ го предаде на Црквата Своето учење за несомненото воскресение на мртвите. Но, многумина се посомневаа во тоа. Меѓу нив и епископи паднаа во таа ерес. И настана гонење на православните од страна на дворските големци и епископите, кои беа залутале од правиот пат, меѓу кои предводник на сето зло беше егинскиот епископ Теодор. Некои од тие еретици зборуваа дека после смртта нема никаква награда, зашто заедно со телото умира и душата, па и двете се уништуваат. Други пак тврдеа дека само телото во гробот ќе изгние и пропадне, а душата ќе ја има својата награда без гнилото тело. Тие велеа:
- Како можат после цели илјадалетија да оживеат и да станат телата, кога од нив веќе нема ни прав?
Така умуваа бедните еретици, заборавајќи на зборовите Христови во Евангелието: „Мртвите ќе го чујат гласот на Синот Божји и кога ќе го чујат ќе оживеат“ (Јован 5, 25), и зборовите од книгата на пророкот Даниил:
„Многумина од оние што спијат во земен прав ќе се разбудат, едни за живот вечен а други за вечен срам“ (Даниил 12, 2). И з6оровите кои ги зборува Бог преку пророкот Езекил: „Еве, Јас ќе ги отворам вашите гробови и ќе ве изведам од нив, луѓе Мои“ (Езек. 37, 12). Без да се сетат на ова учење на Светотот Писмо, еретиците ствараа големи бранувања во Црквата Божја. Царот Теодосиј многу тагуваше поради тоа и усрдно Му се молеше на Бога во пост и многу солзи, самиот Он, Творецот на се, да ја избави од погубната ерес Својата Црква. Милосрдниот Господ, бидејќи не сака никој да залута од Правата Вера и да пропадне, ги слушна молитвите на царот и солзните воздишки на многу верни, и јавно пред сите ја откри тајната на очекуваното воскресение на мртвите и вечниот живот. Го откри тоа на следниов начин.
Еден човек на име Адолиј, сопственик на гората Охлон, каде што беше зазидана пештерата со заспаните Момчиња, намисли на еден слободен простор да изгради трло за своите овци. При градбата на трлото слугите земаа камења од зазиданиот влез и не ни помислуваа дека тука има пештера. Земајќи камен по камен, тие направија дупка на влезот во пештерата, низ која можеше да се протне човек. Во тоа време нашиот Господ Исус Христос, Кој владее со животот и смртта, Кој некогаш го воскресна четвородневниот Лазар (Јован 11,1-45), ги оживеа и седумте свети Момчиња, кои веќе многу години спиеја, и со Негова божествена наредба, тие свети Маченици воскреснаа како да се разбудија од сон. Штом станаа, тие најпрвин Му принесоа утринско славословење на Бога. Потоа според обичајот се поздравија меѓу себе, мислејќи дека се разбудиле од обичниот сон, зашто ништо не им укажуваше на тоа дека се разбудиле од смртта. Нивната облека беше сосем во ред, без никаква промена. Исто така и здравјето и убавината им ја красеа младоста како и порано, и по се изгледаа како синоќа да заспале а утрото да станале од сонот. И започнаа да си разговараат за насилничкото служење на идолите, за гонењето на христијаните и за тоа како Декиј ги бара да ги мачи. Тие му се обратија на Јамвлих и го замолија повторно да им раскаже што слушнал вчера во градот. Тој им одговори:
- Тоа што ви го реков вчера, ќе ви го кажам и денес. Царот нареди денес сите да бидат подготвени за принесување на жртви, и истовремено издаде наредба и нас да не бараат, за заедно со сите да се поклониме на идолите пред неговите очи. Ако не го сториме тоа ќе не стави на маки.
Тогаш свети Максимилијан рече:
- Браќа, ајде бестрашно да излеземе пред Декиј. До кога ќе седиме овде како страшливци? Да излеземе пред земниот цар и да Го исповедаме Небесниот Цар, Господ Исус Христос и во Негова слава да ја пролиеме нашата крв. Да ги положиме нашите души за Него. Да не се плашиме од привремените маки, за да не отпаднеме од вечниот живот, кој не очекува. Ти пак, брате Јамвлих, погрижи се да ни подготвиш храна за вообичаениот оброк. Земи сребреник и појди во градот, купи ни леб повеќе од вчера, зашто вчера донесе малку, та сега сме гладни. Дознај што наредил Декиј за нас, па брзо врати се да каснеме и доброволно да се предадеме на маки за нашиот Господ.
Свети Јамвлих зеде сребреник и се упати кон градот многу рано во зори. На излегување од пештерата тој се зачуди кога виде на влезот камења, зашто вчера не беа таму. Спуштајќи се од гората, тој одеше со страв, плашејќи се да влезе во градот, каде што можеа да го препознаат и да го одведат кај царот. Но, кога приближи до градската капија, на свое запрепастување тој на неа здогледа прекрасен чесен крст. На каде и да погледнеше, на свое големо изненадување насекаде гледаше друга градба, други куќи, други зидови. Тогаш отиде кај другата градска капија, но и таму здогледа на зидот изобразен крст и многу се зачуди. Тогаш ги обиколи сите градски капии, и кога насекаде виде свети крстови, беше надвор од себе. Потоа повторно се врати кај првата капија и зачудено си размислуваше и се прашуваше што се случува, велејќи си: „Што значи ова? Вчера никаде немаше чесен крст, а сега јавно се наоѓа на капиите и градските зидови. Дали навистина ги гледам или ми се причинува? Можеби сонувам!?“
Потоа се охрабри и влезе во градот. Откако измина малку, слушна како многумина се колнат со името Христово. Тој се запрепасти и се чудеше како вчера никој не се осмелуваше јавно да го изговори името Христово, а сега толку многу усти Го прославуваат Христа Господа. По својот изглед ова не е Ефес туку некој друг град, зашто и сите градби се поинакви, а и луѓето се поинаку облечени. Малку понатаму, свети Јамвлих праша еден човек:
- Како се вика овој град?
- Ефес - одговори човекот.
Но тој не му поверува, туку и понатаму си мислеше дека залутал во некој друг град. Реши да купи леб и брзо да излезе од градот, за целосно да не залута. Потоа му пријде на продавачот, го извади сребреникот и му го даде, за да земе колку што е потребно за лебот и да му врати кусур. Сребреникот беше многу голем и имаше на себе лик и натпис на дамнешните цареви. Продавачот го зеде и го покажа на оној до него, а овој на трет и четврт. Притоа се собраа и други и сите го разгледуваа и се чудеа на неговата старост. Погледнувајќи кон свети Јамвлих, тие си шепотеа меѓу себе дека можеби нашол сокриено богатство од дамнешни времиња.
Свети Јамвлих се исплаши мислејќи дека го препознале, па се договараат да го фатат и да го предадат на царот Декиј и им рече:
- Ве молам, земете го сребреникот. Јас не сакам никаков кусур.
Но, тие го фатија и го задржаа, велејќи:
- Кажи ни од каде си и како си пронашол богатство од древните цареви? Дај ни дел од него, за да не те осакатиме. Согласи се, инаку ќе те предадеме на судијата.
Свети Јамвлих се чудеше и молчеше, а тие продолжуваа:
- Невозможно е да го сокриеш тоа богатство. Кажи ни каде се наоѓа, за да не те присилиме со мачење.
Не знаејќи што да им одговори, свети Јамвлих молчеше како нем. Тогаш тие луѓе му го одврзаа појасот, му го врзаа за вратот и го држеа среде плоштадот. Меѓу народот се пронесе глас дека е фатено некое момче, кое пронашло богатство. Многу народ се собра околу него и сите зборуваа дека тој не е одовде и никогаш го немаат видено. Свети Јамвлих сакаше да им одговори дека не пронашол никакво богатство, но од големото запрепастување не можеше ни збор да проговори. Гледаше во толпата за да здогледа некој свој познаник или некој од своите домашни, но не можеше да види никого и запаѓаше во уште поголемо чудење: вчера сите го познаваа како син на знаменит татко, а денес ниту него некој го препознава, ниту пак тој некого познава.
Гласот за фаќањето на свети Јамвлих се пронесе низ градот и допре до ушите на градоначалникот и на епископот Стефан. Во тој час, по Божја промисла тие беа заедно и си разговараа меѓу себе. И двајцата наредија да им го доведат момчето. Момчето, пак, додека го водеа мислеше дека го водат кај царот Декиј и уште повнимателно гледаше во народот, за да здогледа некој познат, но залудно. Градоначалникот и епископот го зедоа сребреникот и се восхитуваа додека го разгледуваа, зашто беше од времиња на многу дамнешни цареви. Потоа градоначалникот го праша:
- Каде е богатството што си го пронашол? Сигурно овој сребреник си го зел оттаму.
Свети Јамвлих одговори:
- Јас не знам за никакво богатство. Само знам дека овој сребреник го зедов од моите родители и дека тој по ништо не се разликува од сребрениците кои се употребуваат во овој град. Се чудам од каде ме снајде оваа напаст.
Градоначалникот го праша:
- Од каде си?
Светителот одговори:
- Мислам дека сум од овој град.
На тоа градоначалникот праша:
- Чиј син си? Има ли некого овде, кој те познава? Нека дојде и нека посведочи за тебе, па ќе ти веруваме.
Свети Јамвлих тогаш ги изреди по имиња таткото, мајката, дедото, браќата и сите роднини, но никој не ги познаваше. Тогаш градоначалникот рече:
- Ти лажеш! Редиш некои чудни и необични имиња, какви што никогаш не сме слушнале!
Збунето, светото момче молчеше со наведната глава. Некои од присутните рекоа:
- Тој е јуродив.
А други велеа:
- Не е јуродив, туку се прави таков, за да се извлече од стапицата.
Тогаш градоначалникот започна страотно да му се заканува:
- Како можеме да ти веруваме кога велиш дека овој сребреник си го зел од твоите родители, а врз него стои ликот и натписот на древниот цар Декиј, од чија што смрт изминале многу години и овој сребреник не личи на сребрениците што се сега во промет? Зарем твоите родители се толку стари, што го паметат царот Декиј и имаат негови сребреници? Ти си уште млад, немаш ни триесет години и сакаш со лукавство да ги измамиш старците и мудреците Ефески. Ќе те фрлам во темница, ќе те ставам на многу маки и нема да те ослободам додека не ја кажеш вистината и не го откриеш богатството што си го пронашол.
Свети Јамвлих се исплаши од неговите закани, истовремено се зачуди и од зборовите за Декиј дека живеел во дамнешни времиња, па падна на колена и рече:
- Ве молам, господа, одговорете ми што ќе ве прашам, па ќе ви раскажам се. Царот Декиј, дали се наоѓа во овој град? Дали се уште е жив?
Епископот му одговори:
- Во денешно време, чедо, во овие земји нема цар на име Декиј. Во дамнешно време имало таков цар. Сега царува благочестивиот Теодосиј.
Тогаш свети Јамвлих рече:
- Ве молам, господа, појдете со мене. Јас во пештерата на гората Охлон ќе ви ги покажам своите другари, од кои ќе дознаете дека е вистина тоа што ви го зборувам. Ние, навистина, бегајќи одовде од Декиј пред неколку дена, се сокривме во онаа пештера. А Декиј јас вчера го видов како влегува во Ефес, но сега не знам дали ова е Ефес или некој друг град.
Додека ги слушаше овие зборови, епископот си помисли: „Бог преку ова момче сака да ни открие некоја тајна“. Па му се обрати на градоначалникот:
- Ајде да појдеме со него да видиме. Мислам дека ќе се случи нешто чудесно.
Епископот и градоначалникот тргнаа со момчето, а по нив и сите градски власти и мноштво народ. И кога дојдоа во гората, свети Јамвлих прв влезе во пештерата, а епископот, следејќи го на влезот меѓу два камена го најде ковчежето од бакар, запечатено со два сребрени печата. Го отворија и во него најдоа две оловни плочи, на кои беше напишано дека бегајќи од мачителот Декиј, во оваа пештера се сокриле седум свети момчиња: Максимилијан, син на управникот на градот, Јамвлих, Мартинијан, Јован, Дионисиј, Ексакустодиан и Антонин, и дека со наредба на Декиј пештерата била созидана и во неа овие свети Момчиња маченички се упокоиле за Христа. Сите се восхитија од прочитаното и гласно Го прославија Бога. А кога влегоа во пештерата ги најдоа светите Момчиња кои прекрасно изгледаа. Лицата им блескаа со светлината на благодатта Божја и изразуваа радост. Епископот, градоначалникот и народот паднаа пред нозете на светите Момчиња, поклонувајќи им се ничкум и Го славеа Бога што ги удостои да видат такво преславно чудо. Светите Момчиња им ракажаа се за себе и за Декиј мачителот, какво беше гонењето на христијаните во негово време. Епископот и градоначалникот веднаш испратија писмо до благоверниот цар Теодосиј, во кое стоеше:
„Твојата моќ нека нареди што побрзо да дојдат од кај тебе угледни луѓе, за да го видат чудото кое Господ го јави за време на твоето царување. Во наши дни Господ покажа слика на идното сеопшто воскресение, воскреснувајќи ги сега телата на Светите Момчиња“.
Царот Теодосиј многу се израдува и веднаш лично тргна од Цариград за Ефес, придружуван со големците и мноштво народ. Ефесјаните свечено го пречекаа. Кога го одведоа кај пештерата, царот влезе внатре и ги виде светите Момчиња како ангели Божји, па падна пред нивните нозе поклонувајќи им се, а тие го подигнаа од земјата. Царот со љубов ги прегрна и целивајќи ги не можеше да ги задржи солзите. Потоа седна на земјата и додека ги гледаше Го славеше Бога и многу се радуваше. Тој им зборуваше:
- Господа мои, во вашите лица јас Го гледам самиот Цар, Господ Христос, Кој некогаш го подигна Лазар од гробот. А сега со Својот семоќен збор Он ве воскресна вас, за на очигледен начин да не увери нас за идното воскресение на мртвите, кога и оние што се во гробовите, штом ќе го слушнат гласот на Синот Божји, ќе оживеат и ќе излезат од гробовите негнилежни.
Свети Максимилијан му рече на царот:
- Отсега, заради твојата цврста вера, твоето царство ќе биде силно и Исус Христос, Синот на Живиот Бог, ќе го сочува во светото име Свое од секое зло. Верувај, Господ заради тебе нас не воскресна пред општото Воскресение.
Во текот на долгиот разговор, Светите Момчиња му искажаа на царот и многу други душекорисни вистини, а царот заедно со епископот, големците и народот, радосно ги слушаа (грчкиот опишувач на црковните настани Никифор Калист додава дека царот цела седмица секој ден со нив ручал и им служел). После тие разговори пред очите на сите кои се насладуваа гледајќи ги, повторно ги наведнаа своите глави и, со Божја наредба заспаа во сонот на смртта. Царот многу плачеше над нив, а со него и сите присутни. И нареди царот да се направат седум сандаци од злато и сребро, и во нив да се положат телата на светите Момчиња. Но, таа ноќ тие му се јавија на сон и му наредија да ги остави да почиваат на земјата, како што почиваа и порано. Потоа на местото на заспивањето на Светите Момчиња се собраа многу епископи.
Откако извршија светол празник, тие им оддадоа достојна почит на Светите Маченици и царот раздаде обилна милостиња на ништите и бедните од таа покраина, ги ослободи затворениците, па се врати во Цариград, радувајќи се и славејќи Го нашиот Бог Христос, Кому и од нас грешните чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
ПОДВИЗИТЕ И СТРАДАЊАТА НА СВЕТИОТ
РАМНОАПОСТОЛЕН СВЕШТЕНОМАЧЕНИК КОЗМА ЕТОЛСКИ
Овој навистина Божји човек, учителот и проповедник Козма, родум од Етолија во Грција, од малото село Мегадендрон, беше син на благородни родители. Одгаен и воспитан од родителите во науката и стравот Господен (Ефес. 6, 4), тој во својата дваесетта година отиде на Света Гора, каде беше замонашен во Филотејскиот манастир. Како таков со сето срце се подвизуваше во трудовите на монашкиот живот. А кога потоа во обителта се јави потреба за свештеник, на упорното настојување и молба на отците, Козма беше ракоположен за јеромонах.
Уште како мирјанин блажениот Козма имаше огромна желба со се што научил да им послужи и на браќата христијани и често зборуваше:
- Колку голема потреба за зборот Божји имаат моите браќа христијани! Затоа, учените луѓе треба да итаат, не во господските куќи, не во дворците на велможите, ниту својата ученост да ја расипуваат за пари и слава, туку се должни да навлезат меѓу простиот народ, кој живее во големо незнаење и него да го учат.
Но, при таа своја желба и огнена ревност да им служи на другите, тој беше потполно свесен за тешкотиите на таквата апостолска дејност и како смиреноумен и скромен човек не се одлучуваше на таков потфат, пред да ја дознае волјата Божја за тоа. Затоа, тој го отвори Светото Писмо и неговиот поглед падна на апостолските зборови, никој да не ја бара својата лична полза, туку ползата на другиот (1Кор.10,24).
Потпирајќи се на тоа, тој својата намера им ја откри на духовните отци. Откако доби дозвола од нив, отиде во Цариград да се види со својот роден брат, учителот Хрисант. Кај него започна да го изучува беседништвото. Во Цариград тој ја откри својата намера на богобојазливите архиереји и учители, и откако сите еднодушно го поттикнуваа да му пристапи на тоа Божјо дело, тој зеде писмена дозвола од патријархот Серафим 2ри. Така блажениот Козма започна да го проповеда Евангелието на Царството Небесно, најпрвин по црквите и цариградските населби, а потоа ги пропатува Навпакт, Врахори, Мисолинга и други места, па повторно се врати во Цариград (патријархот Серафим 2ри патријархувал од 1757 до 1761 година).
По извесно време блажениот Козма замоли за совет од тогашниот патријарх Софрониј (1774-80), и откако доби дозвола и благослов, започна со уште поголема ревност да го проповеда Евангелието. Тогаш ги посети речиси сите подунавски кнежества, насекаде учејќи ги христијаните да принесуваат покајание и да вршат дела достојни на покајание, па во 1775 година се врати на Света Гора. Ги посетуваше таму манастирите и скитовите, им изговараше поуки на отците и помина некое време во читање на божествени светоотечки книги.
Но, бидејќи огнена љубов да им биде од корист на христијаните гореше во неговото срце, Козма повторно тргна од Света Гора и започна да проповеда по околните населби. Потоа продолжи да проповеда во Солун, во Верија и речиси во цела Македонија. Ги помина областите Химара, Акарнанија, Етолија, Доарта и Превез. Оттаму отплови на островите Света Мавра и Кефалонија. И каде и да минуваше, насекаде се собираа многу христијани, кои со умиление и побожност ги слушаа неговите благодатни и слатки зборови, кои ги поттикнуваа на свое поправање. Неговото учење, слично на учењето на светите рибари (Апостолите), беше многу просто, спокојно и кротко. А тоа беше доказ дека е полно со благодатта на кроткиот и молчалив Дух Свети. Особено на островот Кефалонија, овој свештеноучител, со сеењето на божественото учење, произведе обилен душекорисен плод. Бог му помагаше и неговата проповед ја потврдуваше со знаци и чудеса, со какви некогаш ја потврдуваше и проповедта на Своите свети Апостоли. На тој остров имаше еден сиромашен кројач, кому десната рака одамна му беше сува и бескорисна. Тој притекна кај светителот и го молеше да го исцели, а блажениот го посоветува да доаѓа и побожно да ја слуша неговата проповед, па тогаш Бог ќе се смилува на него. Суворакиот го послуша овој совет и штом ја сослуша првата проповед на светителот, утредента потполно се исцели.
Друг човек, исто така фатен, штом слушна за ова необично исцеление, нареди, та на одар го носеа онаму каде што проповедаше блажениот, и по неколку дена и тој потполно оздраве и Го славеше Бога и му благодареше на светителот.
А пак во тврдината Аса, еден човек страотно патеше од ушите, од што веќе многу години беше речиси сосем глув. Тој со побожност и вера дојде каде што поучуваше светителот и набрзо започна јасно да слуша и престана да чувствува болки.
Во Кефалонија постои селото Куруна. Минувајќи лете низ ова село, свети Козма по пат почувствува жед и замоли од блискиот безводен бунар да му донесат вода. Жителите му велеа дека во бунарот нема вода, но заради послушание отидоа, црпнаа од дното на бунарот малку кал со вода и му донесоа. Светителот стави малку вода во устата и ја испи и оттогаш тој бунар започна да дава чиста вода, И постојано беше полн и зиме и лете, па дури стана и целебен и исцелуваше од многу болести.
Поради многубројниот народ, кој не можеше да се собере во една црква, блажениот Козма проповедаше надвор од селото во полето. Затоа имаше обичај однапред да објави каде ќе се задржи и ќе проповеда. Во тоа место правеа и поставуваа голем дрвен крст, а покрај крстот говорница, од која блажениот проповедаше. Потоа ја земаше говорницата со себе и ја носеше на друго место, а крстот го оставаше на местото како постојана опомена на неговата проповед. И каде што беа поставувани тие крстови, таму Бог подоцна јавуваше многу чудеса. Така среде аргостолскиот плоштад на островот Кефалонија, крај еден крст оставен од свети Козма, бликна чудотворен извор, кој никогаш не оскудеваше со вода.
Од островот Кефалонија блажениот Козма отиде на островот Закинт, придружуван од над десет кораби, полни со побожни граѓани. Но, тука овој благословен проповедник немаше успех, па не се задржа долго, туку се врати назад и тргна на Крф, каде што со чест беше примен, особено од тамошниот кнез. Но, бидејќи во градот се собра многу народ и од околните села, за да ја чуе проповедта на светителот, градските главари, плашејќи се од немири, го замолија светителот да се оддалечи. Тогаш свети Козма премина на копно во Албанија, во селото наречено Четириесет Светии, и таму започна да ги поучува христијаните. Особено ги посетуваше најнепросветените места, каде христијанската вера и живот беа во опасност да исчезнат, зашто таму луѓето се оддавале на убиства, крадење и други пороци, со кои понекогаш станувале полоши од беззакониците. Во таквите подивени и огрубени христијански срца свештеникот Козма го сееше семето на словото Божјо и со помош на благодатта Божја жнееше обилен род: свирепите ги претвораше во кротки, разбојниците во добри луѓе, бездушните и немилосрдни во милосрдни, непобожните во побожни и непросветените ги поттикнуваше да ги посетуваат светите богослужења. Со еден збор, потопените во гревови ги доведуваше до искрено покајание и поправање. Затоа сите започнаа да зборуваат дека во нивно време се јавил нов апостол.
Под раководството на свети Козма започнаа да се основаат школи и по големите и по малите места, во кои децата се учеа на свештената писменост, а со тоа се утврдуваа во верата и раководеа во доблесниот живот. На негов предлог и совет, богатите луѓе купија преку четири илјади големи бакарни крстилници за крштевање на децата и ги раздадоа на црквите. Свети Козма исто така им препорачуваше на имотните да купуваат светоотечки книги, бројаници, крстчиња, приврзоци. Книгите блажениот ги раздаваше на писмените, шамиите на жените да ги покриваат своите глави, а чешлите ги даваше на мажите кои ветувале дека нема да ја бричат косата на главата и дека ќе живеат доблесно христијански. Бројаниците и крстчињата, купени преку педесет илјади, ги делеше на простиот народ со наредба секој да се моли за приложниците.
Блажениот Козма го придружуваа од четириесет до педесет свештеници. Кога преминуваше од една област во друга, тој им наредуваше на христијаните да се исповедаат, да постат и да вршат бденија со многу запалени свеќи. Поради тоа имаше изработени дрвени свеќници и на секој од нив можело да се постават до сто свеќи. Тие свеќници се расклопувале и тој ги носеше со себе од едно место до друго. Свеќите бесплатно ги раздаваше на сите. Свештениците вршеле осветување на масло и ги помазувале сите христијани. На крајот блажениот Козма држел проповед. Бидејќи по него оделе по две и по три илјади луѓе, тој однапред уште одвечер одредувал каде ќе оди утредента, за народот да подготви леб и варена пченица.
И во Албанија како и во другите места, Бог правеше многу чуда преку блажениот Козма. Еден турски чиновник, поттикнат или од евреите или од бесовите, толку го намрази свети Козма, што еднаш оседла еден коњ и побрза по него, со намера да му нанесе зло.
Но, коњот го фрли турчинот на земјата и тој ја скрши десната нога, а кога се врати дома го затекна својот син мртов. Затоа се покаја и му испрати писмо на блажениот, просејќи прошка од него.
Најугледните аги тргнаа да го видат светителот и да ја слушнат неговата проповед. Бидејќи беше лето, тие застанаа и преноќеваа среде полето. Околу полноќ видоа како небесна светлина како облак го покрива местото каде што се наоѓаше свети Козма и за тоа самите им раскажуваа на христијаните. Штом осамна, агите отидоа кај свети Козма и го молеа да се помоли на Бога за нив.
Еден турчин чиновник страотно страдаше од „камена болест“. Штом слушна за свети Козма, тој испрати свој слуга да го повика да дојде кај него и да се помоли за него, зашто се надеваше дека Бог по неговата молитва ќе го исцели. Светителот не сакаше да појде, велејќи за себе дека е грешен човек. Турчинот по втор пат го испрати својот слуга со сад со вода, наредувајќи му на слугата да го замоли светителот да ја благослови водата. Кога ја виде големата побожност на турчинот, светителот му даде две заповеди: да не пие ракија и десетиот дел од своето богатство да го раздаде на бедните. Турчинот вети, а свети Козма ја благослови водата. Болниот започна да пие од неа и за четириесет дена потполно се исцели, а потоа вршеше огромна милостиња.
На местото викано Лукурис, спрема Фанара, се наоѓаше крст кој блажениот Козма го беше поставил таму по својот обичај, после одржаната проповед. Сопственикот на тој имот, некој турчин, го зеде крстот и го понесе дома со намера од него да направи ногарки за кревет во стражарницата на своето лозје. Но, по пат турчинот го снајде страшен потрес. Падна на земјата и се тепаше долго време, исфрлајќи пена и чкртајќи со забите, како бесомачник. Најпосле го кренаа двајца турци кои наидоа, и кога си дојде на себе веднаш му стана јасно дека настрадал од гневот Божји, затоа што се дрзна да го зеде чесниот крст. Тогаш се врати, го постави крстот на своето место и секој ден доаѓаше со побожност да го целива. Подоцна, кога свештениот учител Козма во една прилика минуваше оттука, турчинот му пријде, му се поклони и пред сите раскажа за чудото и молеше за прошка. Каде и да одеше, свети Козма насекаде го учеше народот христијански да не работи во недела и да не пазари, туку да оди во црквата на света служба и слушање на словото Божјо. Оние што не го слушаа Бог ги вразумуваше по пат на разни казни. Така во местенцето Халкида, недалеку од Арта, еден трговец се осмели да тргува во недела и веднаш му се фати раката. Тој дојде кај светителот, измоли прошка за својот грев и по неколку дена се исцели. На сличен начин еден работник во Парга сакаше во недела да ја продаде својата ракотворба и веднаш му се фати раката. Но, бидејќи го исповедаше својот грев на светителот и доби поука од него, тој заедно со прошката доби и исцеление на раката.
Во своите поуки блажениот Козма многу пати јавно зборуваше дека на евангелската проповед е повикан од самиот Господ Христос и дека од њубов спрема Господа ќе ја пролие својата крв. Најпосле неговото претскажување се исполни. Тоа се случи на следниот начин. Овој апостолски учител ниту во Тесалија, ниту во Касторија и Јанина, ниту на друго место каде што имаше евреи, никогаш не зборуваше против нив, туку само ги поучуваше христијаните да се држат до правдата и да им се покоруваат на властите, кои Бог ги дал. Самите албанци, доаѓајќи онаму каде што светителот учеше на отворените полиња, го слушаа тоа од неговата уста и го прогласуваа за Божји човек. Затоа и Курт-паша, кога допре до него тој добар глас, го повика кај себе блажениот. Беседата на светителот толку му се допадна на пашата, што тој нареди говорницата што ја носеше светителот со себе да ја обложат со сомот. Но, како што и во поранешните векови лукавиот род на христомразителните евреи постојано ја исполнуваше својата крајна злоба против христијаните, така и сегашните богомразители евреи во Јанина зборуваа кај пашата дека свештениот Козма е испратен божем турските поданици да ги лаже, повикувајќи ги во Русија. Но, Божјата промисла овој пат го сочува од таквата смртоносна клевета и само на христијаните поради тоа им беа одземени многу имоти.
Од тоа време свештениот Козма започна да го изобличува лукавството и непомирливата омраза на евреите спрема христијаните. И бидејќи стана јасно дека сите обвиненија пред пашата за светителот се чиста измислица и очигледна клевета, тој повторно дојде во Јанина. Тука најпрвин ги посоветува христијаните пазарниот ден да го преместат од недела во сабота, но тоа на евреите им причини огромна штета. Тој објави и дека евреите се јавни непријатели, подготвени да им вршат зло на христијаните во секое време. Исто така тој им забрани на христијаните на своите глави да носат долги китенки и слични нешта што тие ги купувале од евреите, и им влеваше убедување дека богоубијците осквернуваат се што им продаваат на христијаните и затоа не треба ништо да купуваат од нив.
Раздразнети од тоа, евреите отидоа кај Курт-паша, му дадоа многу пари и го молеа да го лиши од живот учителот Козма. Пашата се посоветува со својот оџа и донесе одлука да го убие Козма со помош на оџата. Тоа беше сторено на следниот начин.
Свети Козма имаше обичај, штом ќе дојдеше некаде веднаш да бара дозвола од надлежниот архиереј или неговиот намесник, а исто така испраќаше по некои христијани, и од месните граѓански власти добиваше дозвола. Потоа проповедаше непречено. Така, кога дојде во албанското место Коликонтаса, тој зеде дозвола од месниот архиереј а од граѓанските власти дозна дека главен управник е Курт-паша и се наоѓа во местото Берата, оддалечено еден ден пешачење. Дозна и дека оџата на тој паша живее недалеку. Затоа испрати човек кај оџата да добие дозвола од него, а самиот започна да го учи народот. Сепак, незадоволен од тоа, тој сакаше лично да го види оџата и да го испита неговото расположение. Христијаните долго го одвраќаа, велејќи му дека никогаш не одел кај агарјанските старешини да бара дозвола од нив, но не можеа да го задржат. Тој поведе со себе четири монаси и еден свештеник, кој можеше да му послужи како преведувач и се упати кај оџата. Оџата го излажа дека добил писмо од Курт-паша, во кое му налага дека Козма го испраќа кај него на разговор. Но, всушност оџата беше издал наредба свети Козма да го чуваат под стража додека не го упати кај пашата.
Тогаш на блажениот Козма му стана јасно дека имаат намера да го убијат и затоа Му принесе благодарност на Господа Христа што му дарува можност текот на својата апостолска проповед да ја овенча со мачеништвото. Обраќајќи им се на своите сопатници монаси, тој изговараше зборови од псалмите: „Минавме низ оган и вода, но не изведе на одмор“ (Псалми 65,12). И ноќта ја помина славејќи Го Господа во псалмите, сиот радосен одејќи во смрт како на славење. Кога осамна, седум агарјани го качија светителот на коњ, под изговор дека го водат кај Курт-паша. Но, кога по два часа стигнаа до големата река му соопштија дека Курт-паша го осудил на смрт. Светителот со радост ја сослуша пресудата, ги преклони колената и започна да се моли на Бога, благодарејќи Му и славејќи Го што му дарува милост, сега да Му го принесе на жртва својот живот, за што постојано чезнеела неговата душа. Потоа стана, ги благослови ва крст сите четири страни на светот и се помоли за сите христијани. Мачителите го поставија до едно дрво и сакаа да му ги врзат рацете, но светителот не им дозволи, туку самиот ги прекрсти, како да се врзани. Тогаш ја потпре својата глава на дрвото, а мачителите со јаже му го заврзаа вратот и го задавија. Така неговата света душа одлета на небото. Блажениот Козма, тој прекрасен украс на светот, се удостои како рамноацостол и како свештеномаченик да прими од Господа двократен венец во 65-та година од својот живот, на 4 август 1779 година.
Агарјаните го соблекоа чесното тело на светителот, му врзаа голем камен за вратот, па го фрлија во реката. Штом дознаа, христијаните брзо дојдоа да ги бараат неговите мошти. Фрлаа мрежи во реката, користеа и други средства, но не можеа да ги пронајдат. По три дена дојде еден богобојазлив свештеник на име Марко, од блискиот Ардевуски манастир „Воведение на Пресвета Богородица“, се прекрсти и со мал чамец тргна да го бара чесното тело. Набрзо го здогледа светото тело над водата, а преподобниот како жив стои исправено и веднаш побрза да го извлече. Кога го подигна од медоточивата уста на светителот истече многу крв во реката. Презвитерот Марко ги покри моштите со својата мантија, ги пренесе во споменатиот Богородичен манастир и чесно ги погреба зад светиот олтар.
По убиството на светителот, Курт-паша длабоко се покаја што заведен од клевета и среброшубие го уби невиниот и мирољубив човек, па ги ослободи монасите кои го придружуваа светителот, да појдат во гореспоменатиот Богородичен манастир и таму да живеат. Кога монасите стигнаа во манастирот, чесното тело на светителот веќе беше погребано. Заедно со некои презвитери и христијани тие го откопаа гробот и го најдоа телото, кое, иако три дена беше во реката како и она во китовиот стомак, сепак беше без никаков знак на гнилежност, со прекрасен мирис и изглед како да спие. Монасите побожно ги целиваа светите мошти и повторно ги погребаа.
Во тоа време се затекна тука една бесомачна жена, која, штом го здогледа отворениот гроб беше силно стресена од бесот и набрзо потоа потполно се исцели, славејќи Го Бога и Неговиот светител. Еден од агарјаните кои го убија светителот, ја беше зел неговата камилавка и, враќајќи се кај оџата ја стави на својата глава, исмевајќи го. Но, во тој час полуде, ја фрли облеката од себе, па започна да трча и да вика дека тој го убил подвижникот. Штом дозна за тоа, пашата нареди да го ставаат во окови и тој во маки умре.
Во споменатото место Коликонтаса, откако свети Козма ја изговори својата последна проповед, по својот обичај го остави таму крстот забиен во земјата. А по неговата смрт христијаните секоја ноќ гледаа небесна светлина, која блескаше над овој крст. Затоа на Крстовден, свештеникот и народот дојдоа таму со Литија, го зедоа тој крст и го поставија зад олтарот близу гробот на светителот, да биде постојан потсетник на чудото.
По молитвите на свети Козма да се удостоиме и ние на Небесното Царство! Амин.
Свети Козма Етолски на своите мисионарски патувања изговорил безброј поуки. Неговото слово било евангелски просто, длабоко и полно со благодатен благомирис. Затоа и имало толку големо влијание врз народната душа. Од тие негови поуки сочувани се само осум, кои ги забележале некои од неговите верни ученици и слушатели. Сочувани се и некои од неговите многубројни писма, изреки и пророштва, кои и денес се паметат меѓу народот. Овде во преводот ние ја даваме неговата прва Поука од сочуваните осум, и неколку негови изреки (повеќето негови изреки се однесувале на ослободувањето на народот од турското ропство).
ПОУКА ПРВА НА СВЕТИ КОЗМА ЕТОЛСКИ
Нашиот Господ Бог Исус Христос, браќа мои, сесладосниот Господар и Владика, Творецот на Ангелите и на целокупниот духовен и сетилен свет, поткренат со Својата огромна добрина спрема нашиот род, покрај безмерните добра кои што ни ги подарил и ни ги дарува секој ден, и час, и минута, прими и стана совршен Човек од Духот Свети, и од пречистата крв на нашата Госпоѓа Богородица и Приснодева Марија, за да нѐ ослободи од ѓаволските раце, да не направи синови и наследници на Царството Свое, за постојано да се радуваме во рајот со Ангелите, а не да гориме во пеколот со безбожниците и демоните. И како што човекот, кога има ниви и лозја изнајмува работници, така и Господ го има целиот свет за Свое лозје и зеде Дванаесет Апостоли, им ја даде Својата благодат и Својот благослов, и ги испрати по целиот свет да ги научат луѓето како да живеат чесно во мир, љубов, и потоа да одат во рајот, за вечно да се радуваат, да се кајат, да веруваат и да се крштеваат во името на Отецот и Синот и Светиот Дух и да имаат љубов кон Бога и кон братот свој. А кога ќе појдат Апостолите во некоја земја, па луѓето ги примат, Господ им заповедаше да ја благословуваат таа земја, а пак во земјата каде што немаше да ги примат Господ им заповедаше да ги истресат обувките свои и да бегаат. Така светите Апостоли, примајќи ја благодатта на Светиот Дух, како разумни и верни слуги на нашиот Христос, поитаа како молњи во сиот свет. Со таа благодат лечеа слепи, и глуви, и лепрозни, и демонизирани, па дури и со името на нашиот Христос им заповедаа на мртвите и ги воскреснуваа. И во која земја ќе појдеа и луѓето ќе ги примеа, тие ги крштеваа, ракополагаа архиереји и свештеници, собираа црковни општини и ја благословуваа таа земја, така што стануваше земен рај, радост и веселба, живеалиште на ангелите, живеалиште на нашиот Христос. Кога пак ќе појдеа во некоја земја, па луѓето немаше да ги примат, им заповедаа да го истресат правот од обувките свои и во таа земја остануваше проклетство а не благослов, таа стануваше живеалиште на ѓаволот а не на нашиот Христос.
Кога еден учител сака да проповеда треба првин да провери кои му се слушатели, а исто така и слушателите да проверат каков им е учителот. И јас, браќа мои, кој се удостоив и застанав на ова свето и апостолско место, по милосрдието на нашиот Христос се распрашав за вас и дознав дека со благодатта на нашиот Господ Бог Исус Христос не сте многубошци, не сте непобожни еретици, безбожници, туку дека сте побожни православни христијани, дека верувате и дека сте крстени во името на Отецот, Синот и Светиот Дух и дека сте чеда на нашиот Христос. А јас, не само што не сум достоен да ве учам, туку не сум достоен ни нозете да ви ги целивам. Секој од вас вреди повеќе од целиот свет. Но и вашата благородност треба да знае и за мене. Знам дека вам други поинаку ви зборуваат, па ако сакате да ја дознаете целата вистина (за мене), ќе ви раскажам: што се однесува до мојата лажна татковина, оваа земната, јас сум од областа на Артскиот владика, од местото наречено Апокуро. Мој татко, моја мајка и мој род се побожните православни христијани. И јас, браќа мои, сум грешен човек, полош од сите. Но, слуга сум на нашиот Господ Исус Христос, распнатиот Бог. И тоа, не затоа што сум достоен да бидам слуга Христов, туку затоа што Христос ме прими по Своето милосрдие. Значи, браќа, верувам во нашиот Христос, Него Го славам и Му се поклонувам. Го молам да ме очисти од секој грев со душата и телото. Нему Му се молам да ми даде сили да победам тројца непријатели: светот, телото и ѓаволот. Нему Му се молам да ме удостои и јас да ја пролијам својата крв за Неговата љубов, како што и Он ја проли за моја њубов. Кога би можел, браќа, и кога би било возможно да се искачам на небото и да викнам на сиот глас, да му кажам на целиот свет дека нашиот Христос е Син, и Слово Божјо, и вистински Бог, и живот на се, тоа би го сторил. Но, бидејќи не сум во состојба да извршам толку голема работа, ја вршам оваа мала. Одам од место во место и ги поучувам моите браќа колку што знам и умеам, не како учител, туку како брат, зашто само Христос е наш учител.
Ќе ви откријам, браќа мои, што ме поттикна на тоа. Кога тргнав пред педесет години од моето место на раѓање, посетив многу краеви, градови, земји и места. Сум бил во Цариград а најдолго сум престојувал на Света Гора, седумнаесет години ги оплакував таму своите гревови. Покрај безбројните дарови со кои ме обдарил, мојот Господ ми дари да ја изучам и елинската книга и станав калуѓер. Изучувајќи го светото и свештено Евангелие, во него најдов многу и најразлични вистини. Сите се само бисери, дијаманти, богатство, радост, веселба, живот вечен... Меѓу останатото ги најдов и овие зборови Христови: ниту еден христијанин, било маж или жена, не треба да се грижи само за своето спасение, туку да се грижи и за своите браќа, да не бидат осудени на мачење. Кога ги слушнав, браќа мои, овие сладосни зборови на нашиот Христос, да се грижиме и за нашите браќа, тие зборови ми го гризеа срцето со години, како што црвот го гризе дрвото, со мислата што да правам и јас во својата простота и незнаење. Се посоветував со своите духовни отци, архиереите и патријарсите, и им ја открив својата помисла дека можеби е богоугодно да се обидам со нешто такво. И сите ме поттикнуваа на тоа и ми зборуваа дека таквото дело е свето и корисно. Особено ме поттикнуваше најсветиот патријарх, господинот Софрониј, дека го имам неговиот благослов. Штом зедов благослов од него го занемарив својот напредок, своето добро, и тргнав да одам од место до место и да ги учам моите браќа. Кога започнав да проповедам, попат ми се јави помисла да барам пари, зашто бев сребролубец и ги сакав парите, особено златниците, а не како што вашето благородство ги презира. Или, можеби не ги презирате? Читајќи го повторно Светото Евангелие, најдов И други зборови Христови: „Како дар ти ја дадов Мојата благодат, дарувај ја и ти на твоите браќа, бесплатно да учиш, бесплатно да советуваш, бесплатно да исповедаш. А ако случајно побараш било што, за да ти се наплати учењето, малку или многу, макар и еден грош, ќе те убијам и ќе те фрлам во пеколот“. А јас, браќа мои, штом ги слушнав овие пресладосни зборови на нашиот Христос, бесплатно да работиме за своите браќа, на почетокот ми се сторија тешки, но подоцна сфатив дека се слатки како пчелин мед. И Го прославив и безброј пати Го славев мојот Христос, што ме сочува од оваа страст на сребролубието. Така, со благодатта на нашиот Господ Исус Христос, распнатиот Бог, немам ни торба, ни куќа, ни ковчег, ни мантија, освен оваа врз себе. Но и понатаму Го молам мојот Господ да ме удостои до крајот на животот да останам без ќесе, зашто штом ќе започнам да примам пари, веднаш би ги изгубил своите браќа. Не можам да ги имам и двајцата - Бога и ѓаволот.
Мудро е и потребно, браќа мои, тоа го дознаваме од Божественото Евангелие и светите Книги, нашата проповед да ја започнеме со Бога и да ја завршиме со благодарност кон Бога, не затоа што сум достоен да го спомнам името на мојот Бог, туку затоа што Бог ме трции по Своето милосрдие.
Да ги оставиме, браќа мои, брборењата на непобожните, на еретиците, безбожниците и да го зборуваме само она што Духот Свети им го открил на светите Пророци, Апостолите и Отците на нашата Црква, и што тие ни напишаа. И повторно, не да кажеме се, зашто е невозможно. За тоа би ни било потребно многу време. Туку само нешто што е најпотребно, а оној кој е љубител на учењето нека го бара и останатото да го научи.
И така, еден е, браќа, седобриот и семилостив Бог. Оној Кој тврди дека постојат многу богови, тој е ѓавол. Бог е и Троичен, Отец, Син и Дух Свети, една природа, една слава, едно царство, еден Бог. Он е несфатлив, необјаснив, сесилен, сиот светлина, сиот радост, сиот милосрдие, сиот њубов. Нема примери со кои би можеле да ја споредиме Света Троица, зашто таков во светот не постои. Но, сепак, богословите на Црквата, за барем малку да му помогнат на нашиот ум, наведуваат некои примери. Меѓу останатите наведуваат и пример со сонцето. Сите знаеме дека сонцето е едно. Еден е Бог. И како што сонцето го осветлува овој сетилен свет, така и Света Троица, Бог, го осветлува духовниот. Рековме, браќа мои, дека сонцето е едно, но тоа истовремено е и троично. Поседува зраци кои допираат до нашите очи како линии, како струни, има и светлина која се распростира по целиот свет. Со сонцето го споредуваме беспочетниот Отец, со зраците себеспочетниот Син, а со светлината единосушниот Дух. Постои и друг начин да ја сфатите Света Троица. Како? Често да се исповедате, да се причестите со непорочните Тајни со страв и побожност, и тогаш ќе ве просвети благодатта на Светиот Дух, за подобро да сфатите.
Таа Пресвета Троица ние побожните христијани Ја славиме и ѝ се поклонуваме. Тоа е вистинскиот Бог. Оние кои се нарекуваат богови надвор од Света Троица, всушност се демони. И не само што ние веруваме, ја славиме, и ѝ се поклонуваме на Света Троица, туку и Пророците, Апостолите, Мачениците, Подвижниците, кои ги има како ѕвездите небесни и песокот морски, ја пролиле својата крв од љубов кон Света Троица и го купиле рајот, та вечно се радуваат. Слично на нив и многу мажи и жени се одрекле од светот, отишле во пустините, се подвизувале сиот свој живот и стигнале во рајот. А пак други мажи и жени, откако ќе поживеат во светот целомудрено и девствено во пост, молитви, вршење милостиња и добри дела, и овде поминуваат добро и одат во рајот, да се радуваат засекогаш.
Не постои место каде не е Бог. Затоа е потребно и ние, побожните христијани, кога сакаме да сториме некој грев, да се сетиме дека Бог е во нашето срце, дека е секадеприсутен и дека не гледа. Да се засрамиме од Ангелите, Светителите, особено пак од Ангелот чувар на нашата душа, кој постојано не гледа. Кога вршиме грев се срамиме и од малото дете. Како тогаш да не ни биде срам од огромниот број на Ангели и Светители?
Седобриот и многумилостив Бог, браќа, има и многу други имиња. Се нарекува светлина, и живот, и воскресение, но главното име и назив на нашиот Бог е - љубов. Затоа, ако сакаме и овде да поминеме добро, и да стигнеме во рајот, и да Го нарекуваме нашиот Бог љубов и Отец, потребно е да поседуваме два вида на љубов: љубов спрема нашиот Бог и убов спрема својот ближен. Природно е ако тие две љубови ги имаме, а неприродно ако ги немаме. И како што на ластовичките за да полетаат им се потребни две крилја, така и ние имаме потреба од овие две љубови, зашто без нив е невозможно да се спасиме. Прво е неопходно да Го сакаме нашиот Бог, зашто ни подарил толку голема земја да живееме на неа привремено, толку многу билки, извори, реки, мориња, воздухот, денот, ноќта, небото, сонцето... За кого го створил сето тоа, ако не за нас? А што ни беше должен? Ништо. Се е дар: нас не створил луѓе а не животни. Не направил побожни православни христијани, а не непобожни еретици. Па и ако грешиме илјада пати на час, милостив е како татко спрема нас, не нѐ убива и не нѐ испраќа во пеколот, туку го очекува нашето покајание со отворена прегратка. Чека кога ќе се покаеме, престанеме со злото и започнеме со вршењето на добро, да се исповедаме и да се поправиме, за да нѐ пригрли и да нѐ насели во рајот, за вечно да се радуваме.
Кажете ми сега, зарем еден таков пресладосен Бог и Господ не треба и ние да Го сакаме, па дури ако биде потребно и крвта своја да ја пролиеме илјада пати за љубовта Негова, како што и Он ја пролил за нашата њубов? Ако те повика некој човек во својот дом и те почести со чаша вино, ти целиот живот се срамиш и го почитуваш. А Бога, зарем не треба да Го почитуваш и да се срамиш од Него, од Оној Кој ти дарил толку добра и бил распнат од лубов кон тебе? Кој татко се распнал за своите деца некогаш? Пресладосниот Господ наш, Исус Христос, ја пролил Својата крв и не искупил од ѓаволските раце. Зарем тогаш не треба и ние да Го сакаме нашиот Христос. А ние не само што не Го сакаме, туку секојдневно Го навредуваме со гревовите што ги вршиме. Што би сакале вие, браќа мои? Да го сакаме ѓаволот, кој не извел од рајот и не вовел во овој проклет свет, каде толку зла не снаоѓаат? А кога ѓаволот би можел, сега со задоволство и во овој момент сите би не погубил и фрлил во пеколот. Сега ве прашувам, браќа мои, што да правиме? Да го мразиме ѓаволот, нашиот непријател, или да Го сакаме Бог, нашиот Творец и Создател?
- Да, светителу, добро велиш.
Да ја имам вашата молитва и јас така мислам, но Бог бара место каде да се насели. А кое? - Љубовта. Значи да имаме и ние љубов спрема Бога и спрема своите браќа, па тогаш ќе дојде нашиот Бог и ќе не израдува, и ќе засади во нашето срце живот вечен. Така и овде добро ќе поминеме и ќе отидеме во рајот вечно да се радуваме.
Меѓутоа, ние не само што немаме убов, туку имаме омраза и непријателство во нашето срце и ги мразиме своите браќа. Оној што Го има Бога во своето срце ги има сите добра и не се поддава на гревот. Оној пак што Го нема Бога во срцето, тој го има ѓаволот и го твори секое зло и сите гревови. Можеме да правиме безбројни добра, браќа мои: постови, молитви, милостиња, дури и крвта за Христа да ја пролиеме, но ако ги немаме овие два вида на љубов, туку имаме омраза и непријателство спрема своите браќа, сите добра што сме ги сториле се од ѓаволот и не водат во пеколот. Но, сега ќе кажете, зарем поради она мало непријателство што го имаме спрема своите браќа и покрај толкуте добра што сме ги сториле повторно ќе одиме во пеколот? Да, браќа мои, зашто тоа непријателство е ѓаволски отров и како што во сто оки брашно ставаме малку квасец, и тој има толку голема сила од него да порасне целото тесто, така бива и со непријателството. Сето добро што сме го сториле се претвора во ѓаволски отров. Овде, христијани, како живеете? Имате ли взаемна љубов? Ако сакате да се спасите ништо друго да не барате во овој свет, освен љубовта. Има ли овде некој од благородствата ваши, кој поседува таква љубов спрема своите браќа? Нека стане и нека ми го каже тоа, за и јас да му честитам, да им заповедам и на сите христијани да му дадат прошка, да добие простување, кое не би можел да го добие ни за илјада златници.
- Јас, светителу Божји, Го сакам Бога и браќата свои.
- Добро, чедо мое, нека те следи мојот благослов. Како се викаш?
- Коста.
- Со што се занимаваш?
- Чувам овци.
- Кога продаваш сирење, го мериш ли?
- Го мерам.
- Ти чедо, си научил да мериш сирење, а јас да мерам љубов. Се срами ли вагата од својот господар?
- Не.
- Е, да ја измерам ли јас сега твојата љубов, па ако биде права а не шугава, тогаш и јас ќе те благословам и ќе им заповедам и на сите христијани да ти простат. Како да сфатам, чедо мое, каква е твојата љубов спрема браќата? Јас, кој одам по светот и го учам народот, велам: господинот Коста го сакам како своите очи. Ти, меѓутоа не веруваш, сакаш прво да ме испробаш и дури потоа да поверуваш. Јас имам леб да јадам, ти немаш. Ако ти дадам едно парче и на тебе кој немаш, покажувам дека те сакам. Ако ти гладуваш а јас го изедам целиот леб, што значи тоа? Значи дека мојата љубов кон тебе е лажна. Имам две чаши вино да испијам, а ти немаш. Ако ти дадам и на тебе да пиеш, значи дека те сакам. Ако не ти дадам, мојата љубов не е вистинска. Тажен си: ти умреле мајка ти или татко ти. Ако дојдам да те утешам, тогаш љубовта ми е вистинска. Ако ти плачеш и тагуваш, а јас јадам, пијам и играм, мојата љубов е лажна. Кажи ми сега, го сакаш ли она сирото дете онде?
- Го сакам.
- Ако навистина го сакаш би му купил една кошула, оти е голо, па и тоа би се молело за твојата душа. Тогаш твојата љубов би била вистинска. Сега е лажна. Така ли е, христијани? Со лажна љубов не се придобива рајот. А сега, ако сакаш љубовта да ти биде мелем, земи облечи ги сиромашните деца, па тогаш ќе речам да ти простат. Сакаш ли да го сториш тоа?
- Сакам.
Христијани, нашиот Коста сфати дека љубовта која досега ја имал била лажна и сака да ја претвори во мелем: да ги облече сиротите деца. Но, бидејќи малку го измачивме, ве молам три пати да кажете за господинот Коста: Бог да му прости и да го помилува.
Значи, седобриот и семилостив Бог е љубов и се вика љубов. Троица е и се вика Троица. Господ со Своето милосрдие и убов прво створи десет ангелски чинови. Ангелите се огнени духови, нематеријални, како и нашата душа. Секој чин го има како звездите на небото. Кој го поткренал Бог да ги створи? - Неговата добрина. Затоа и ние, браќа мои, ако сакаме да Го викаме Бога свој Отец, треба да имаме убов и милост, да им причинуваме радост на нашите браќа и потоа да зборуваме кон Бога: „Оче наш Кој си на небото...“ Ако пак, сме немилосрдни, со тврди срца, ако ги труеме (со омраза) браќата наши и го исполнуваме со смрт нивното срце, тогаш не треба Бога да Го нарекуваме Отец, туку ѓаволот, зашто ѓаволот е тој кој сака да ги труеме душите на своите браќа, а не Бог. Затоа што, браќа мои, првиот чин ангели, за кои што зборувавме, падна во гордост и побара да стане по слава рамен на Бога. Така, од ангел светол и сјаен, настана семрачен ѓавол и непријател на луѓето. А неговиот крај е вечно мачење во пеколот. Значи, кога ќе го слушнеме зборот ѓавол, тој се однесува на оној кој првин бил ангел, оној кој ги поттикнува луѓето на гордост, да убиваат, да крадат. Тој е оној кој влегува во мртвиот човек, така што да изгледа како жив и го викаме врколак. Тој е оној кој се вселува и во живиот човек, зема Христов лик, лик на Богородица или некој светител, та како таков јури горе доле како ѓаволесан и тврди дека е чудотворец... Слава Му на Бога што ни подарил три оружја да се бориме против него. Ако меѓу вас има некој бесомачен и сака да најде лек, тоа е лесно: исповед, пост, молитва. Колку што човекот почесто се исповеда, пости и се моли, толку повеќе го гори ѓаволот и го брка.
Кога отпадна првиот чин од ангелската слава и настанаа демоните, останатите девет чинови се смирија и ѝ се поклонија на Пресвета Троица и останаа на своето место вечно да се радуваат. Треба и ние, браќа мои, да размислуваме за тоа колку лоша работа е гордоста. Како го срушила ѓаволот од ангелската слава и тој треба вечно да гори во огнот. И како смирението ги одржало ангелите на небото, вечно да се радуваат во славата на Света Троица. Треба со тоа да размислиме како седобриот Бог го мрази гордиот и го сака смирениот. И не само Бог, туку и ние, кога ќе видиме некој дека е смирен го гледаме како ангел, би сакале да го отвориме своето срце и да го ставиме внатре, а кога ќе видиме некого дека е горд го гледаме како ѓавол, ја свртуваме главата на другата страна, за да не го гледаме. Да бегаме, браќа мои, од гордоста, зашто таа е прва ќерка на ѓаволот, пат кој не води во пеколот, и да го пригрлиме смирението зашто е ангелско, пат кој води во рајот. Како стојат работите овде кај вас? Го сакате смирението или гордоста? Оној кој го сака смирението нека стане да ми каже, да го благословам.
- Јас, светителу Божји, го сакам смирението.
- Ако е така, тогаш соблечи го своето руно, облечи се во рита и излези на собирот. Нема да го сториш тоа? Се срамиш? Тогаш стори нешто друго. Избричи ги мустаќите на половина и излези на пазарот. Нема да го сториш ни тоа. Не го зборувам ова само заради тебе, туку да чујат и други, да не мислите дека навистина сте смирени. Ме гледате ли и мене со оваа брада? Полна е со гордост. Бог нека ја искорени од нашите срца. На христијанинот му се потребни две крилја за да летне и да дојде до рајот: смирението и љубовта.
Кога отпадна првиот чин и стана демонски, тогаш Бог заповеда и настана овој свет. А овој свет е сличен на јајце. Како жолчката во јајцето, така Бог ја створил земјата да стои без некаде да се потпира. И како што белката е околу жолчката, така е воздухот околу земјата. Небото пак личи на лушпата околу неа. Сонцето, месечината и звездите се на небото, а земјата е округла. Онаму каде што оди сонцето, таму е ден, а ноќ е сенката земјина. Сега овде е ноќ, а на другата страна е зора. И како што овде има луѓе, така ги има и од другата страна на земјата. Затоа и одредија светите Отци да бојадисуваме воскресни јајца. Јајцето го означува светот, а црвената боја крвта Христова, која ја проли на крстот и го освети сиот свет. Треба и ние да се радуваме и вечно да се веселиме затоа што Христос ја проли Својата крв и не избави од Ѓаволските раце, а од друга страна и да плачеме и да ридаме што нашите гревови Го распнаа Синот Божји, нашиот Христос.
Заповеда Бог и настанаа седум дена. Прво ја створи неделата и ја задржа за Себе. Останатите шест дена ни ги дари нам, да работиме за ова лажно земно (богатство) а во недела да се одмораме, да одиме во црквата да Го прославуваме нашиот Бог, да стоиме со побожност, да го слушаме Евангелието и другите книги на нашата Црква. Што ни заповеда Христос да правиме? Да размислуваме за нашите гревови, за смртта, пеколот, рајот, за нашата душа која е поскапоцена од целиот свет, да јадеме и пиеме умерено, исто така скромно да се облекуваме. Останатото време да го употребиме за нашата душа да ја направиме невеста Христова. Дури тогаш можеме да се нарекуваме луѓе и земни ангели. Ако пак само се грижиме за тоа што ќе јадеме и пиеме, како ќе грешиме, како ќе го украсуваме ова нечисто тело, кое ќе го изедат црви, а не се грижиме за бесмртната душа, тогаш не треба да се нарекуваме луѓе, туку животни. Значи, да го потчиниме телото на душата, па потоа да се нарекуваме луѓе.
Првиот ден заповеда Бог и би светлина. Вториот ден настанаа небото, земјата, водата, воздухот итн. Третиот ден настанаа тревите и билките. Четвртиот сонцето, месечината и ѕвездите. Петтиот морето, рибите и птиците. Во петок ѝ заповеда на земјата и таа изнедри животни. Мажот и жената сѐ уште не беа во светот. Тогаш зеде Бог земја, и го створи човекот како што сме ние, дувна во него и му даруваше бесмртна душа. И како што ние луѓето ставаме брашно и вода и месиме и правиме леб, така и Бог. Да погледнеме што е душата а што телото. Телото е земја и утре ќе го изедат црви, а што се однесува до душата, таа вечно ќе се радува во рајот ако врши добро, или ќе гори во пеколот ако врши зло. Ова тело што го гледате, браќа, е облека на душата. Душата е човекот. Душата е она што гледа, слуша, зборува, оди, учи науки, му дава живот на телото и не му дозволува да засмрди. Штом душата излезе, веднаш телото почнува да смрди, да црвесува. Телото има очи но не гледа, има уши но не слуша. Слично е и со другите телесни сетила, кои единствено преку душата дејствуваат.
- Кажете ми, го оплакувате ли вие умрениот?
- Го оплакуваме.
Значи, жал ви е за него. Колку дена го чувате?
- Два, до три часа.
- Зарем ви е толку мала љубовта спрема несреќникот? Од денес па натаму да не го погребувате веднаш, туку да го чувате дваесет и четири часа, да се соберете сите, мали и големи, и добро да се замислите, зашто нема подобар учител од смртта. И да не тажите премногу за умрените, зашто нанесувате штета и на себеси а и на нив...
Кога Бог го створил човекот, зеде Седобриот едно ребро и направи жена и му ја даде за другар. Ја направи рамноправна со мажот, а не пониска. Овде, што мислите за жените?
- Мислиме дека се пониску.
- Ако сакате, браќа мои, вие мажите да бидете подобри од жените, треба да правите подобри дела од нив, а ако жените се подобри според делата и отидат во рајот а ние во пеколот, каква ни е користа? Машки сме, а од нив сме полоши. Гледам овде, каде што патувам и учам, искажав слово за жените и подготвени се да ги симнат непотребните украси од себе, прстените и слично. Веднаш ме послушаа. Ги гледам како трчаат на исповед. Изреков и едно слово за мажите: природно е човекот кога ќе се приближи до педесетата да пушти брада. Меѓутоа, гледам овде старци од шеесет и од осумдесет и се уште се бричат. Зарем не ви е срам да се бричите? Зарем Бог не знаел што прави кога ја дал брадата? И како што е недолично да се украсува стара жена и да се кинџори, слично е и со старците во поглед на бричењето, Што бара пченицата кога ќе созрее и побели? Жетва. Така и мажот кога ќе созрее и оседи на што укажува? На смрт. Има ли некој меѓу вас, кој би сакал да пушти брада? Нека стане да ми го каже тоа, да се побратимиме и јас да го благословам и да ги замолам сите христијани да му дадат прошка.
- Јас, учителу.
- Добро, нека си благословен. Молете се на Бога за мене, грешникот, па и јас ќе се молам за вас се додека сум жив. Сакате ли?
- Сакаме, светителу Божји.
Ве молам, христијани, за оние кои ќе пуштат брада да кажете три пати: Бог нека им прости и нека ги помилува. А и нивното благородство нека бара прошка и нека Бог ве просвети, та како што ќе престанете да се бричете да престанете и да грешите, а вие, млади, да ги почитувате. Дури и ако се случи некој човек од триесет години да е со брада, а некој друг од педесет или шеесет или сто, а се бриче, оној кој има брада да го стави на почесно место од оној кој нема, било во црквата, било на трпезата. Тоа повторно не значи дека брадата ќе те одведе во рајот, туку добрите дела. И облеката да ти е скромна и твојата храна и пијалок, и сето ваше однесување да биде христијанско, за да им бидете за углед на другите. Мажот, браќа мои, ја роди жената од своето ребро без жена и повторно остана здрав и цел. Таа позајми ребро од мажот и му остана должна. Жените се народија во светот како ѕвезди небесни, но ни една од нив не беше достојна да го плати реброто за кое беше должна, со исклучок на Госпоѓа Богородица, Која се удостои заради Својата чистота и Го роди од Духот Свети Сесладосниот Христос без маж, Дева и повторно остана Дева, и така го плати она ребро. Слушате ли, браќа мои, какви радосни тајни има нашата Црква. Меѓутоа, сокриени се, па треба да се откријат. Затоа сите вие треба да се описмените, за да сфатите и знаете како и каде одите. А ти, човеку, немој да ја злоупотребуваш својата жена како робинка, зашто и таа е Божјо створение како и ти. Бог исто толку се распнал заради неа, колку и заради тебе. Ти Го нарекуваш Бог Отец, а таа го вика Отец. Имате една вера, едно крштение, и Бог не ја смета за пониска. Затоа и ја створил од половината (појасот) на човекот, за човекот да биде како глава, а таа како тело, Не ја створил од главата, за да не го презира мажот. Исто така не ја створил ни од нозете, за мажот да не ја презира неа.
Бог го нарече мажот Адам а жената Ева, направи и рај на исток, сиот од радост и веселба. Немаше во него ни глад, ни жед, ни болест, ниту некаква жалост. Ги украси со седум дарови на Светиот Дух, ги постави во рајот да се радуваат како ангели. Им рече Бог на Адам и Ева: „Еве, вас ве створив луѓе посјајни од сонцето и ве поставив во рајот, да ги уживате сите рајски добра. Но, за да знаете дека Бог ви е Творец и Создател, ви давам една заповед: Само од плодот на едно дрво да не јадете. Но, знајте го и ова: ако случајно ја погазите мојата заповед и јадете -вие ќе умрете“.
И така Бог ги остави во рајот да се радуваат. Ги украси Бог со срам да ги чува од секој грев, особено жената. Затоа, христијани мои и ќерки Христови, покривајте се колку што можете повеќе со срами ќе личите на мелем.
Но, браќа мои, гледајќи ја добромрзецот ѓавол огромната слава што што ја примија од Бога Адам и Ева, го фати завист и, што стори? Како зол дух, знаејќи дека е полесно жената да се измами отколку мажот, помисли: ако ја измамам жената, потоа лесно ќе го измамам и мажот преку неа. Потоа влезе во змијата, отиде кај Ева и и рече: „Што ви рече Бог да правите овде во рајот?“ Ева му одговори: „Бог ни рече да се храниме со сите рајски добра, само од плодот на едно дрво да не јадеме, зашто во денот кога ќе ја погазиме таа заповед, ќе умреме“. Одговори ѓаволот и рече: „Нема да умрете, туку ако јадете ќе станете слични на Бога. Затоа и ви забранил. Затоа земи прво ти и јади, потоа дај му и на твојот маж, за да станете богови“. Тогаш жената зеде и јадеше, та го наговори својот маж, та и тој јадеше. И штом јадеа, браќа мои, во истиот момент ги изгубија седумте дарови на Светиот Дух и придобија неразумност и страв.
Браќа мои, човекот кој ги исполнува заповедите Божји станува мудар и не се плаши од целиот свет. Другиот пак, кој не ги исполнува заповедите Божји станува неразумен, се плаши од сенката своја, па макар бил и цар кој господари со сиот свет. Затоа внимавајте, христијани, колку што можете повеќе да се држите до заповедите Божји и да не ја извршувате волјата на ѓаволот. Ако пак се случи да погрешите како луѓе, барем не наговарајте ги своите мажи како Ева. Слично и вие, мажите, не слушајте ги советите на вашите жени како Адам.
Бог, сакајќи да им прости и да ги остави во рајот, се направи како да не знае што се случило и му рече на Адам: „Адаме, каде си? Каде си се сокрил? Каде е твојата поранешна слава? Беше како ангел, а сега си станал како неосознаено дете“, Адам одговори и рече: „Овде сум, Господи. Слушнав дека доаѓаш, па се исплашив и побегнав“. Бог праша: „Зошто се исплаши и побегна? Зарем Јас сум причина за страв? Да не си јадел од плодовите што ти ги забранив?“ Адам гордо одговори: „Да, Господи, јадев но не сум виновен. Жената која што ми ја даде, таа ме измами и јас јадев“. Му рече Бог на Адам: „Јас ти ја дадов за другар а не да те измами. Ти реков да не јадеш, зашто ќе умреш. Требаше да го послушаш Мојот збор а не на жената. Но, ете, си јадел, си се излажал. Зарем ти е тешко да кажеш: се излажав, Боже мој, согрешив, Творецу мој, па да ти простам и повторно да те оставам во рајот? А ти, обвинувајќи ја жената, Мене ме осудуваш затоа што сум ја створил жената“.
Слушате ли, браќа мои, колку големо зло е осудувањето на другиот. Затоа, ако сакаме да се спасиме, секогаш да се осудуваме себеси и да не ги фрламе нашите грешки врз другите. Потоа и рече седобриот Бог на Ева: „Зошто си јадела од плодот што ти го забранив?“ И таа гордо одговори и рече: „Да, Господи, јадев но не сум виновна. Змијата ме излажа“. Кога ја виде Господ нивната гордост, ги протера од рајот и го проколна Адам да ја обработува земјата, со пот на своето лице да го јаде лебот свој и неутешно да плаче, за да му се смилува Бог и повторно да го врати во рајот. Затоа, браќа мои, треба да се радувате вие, кои јадете леб од својот труд, зашто тој леб е благословен. А ако сакаш дај му од тој леб малку и на сиромавиот. Со него се купува рајот. Исто така да плачете и црни солзи да пролевате, вие, кои живеете од пљачкање и неправди. Вас ќе ве убие Бог и ќе ве фрли во пеколот. Како живеете вие овде, христијани мои? Живеете ли сите од трудот свој или од неправда? Ако сте христијани, живејте од својата работа, зашто неа Бог ја благослови, а неправдата проколнувајте ја. Бог ја проколна и жената да му биде потчинета на својот маж, да ги раѓа своите деца во болки и маки, неутешно да плаче, за Бог да и се смилува и да ја врати во рајот. За сите е очигледно дека кога раѓаат животните, тие ги немаат болките што ги има жената кога се пораѓа, бидејќи го немаат проклетството што го има жената. Така ги проколна Бог Адам и Ева и ги протера од рајот. Поживеаја тие 930 години во горки солзи. И изродија свои деца, и децата нивни свои деца и се исполни сиот свет. Така се сите луѓе од еден татко и една мајка, само нас верата не дели.
Умреа Адам и Ева и гореа пет ипол илјада години заради еден грев. А ние, кои вршиме многу гревови, особено јас, што тогаш нас не чека? Бог е милостив но и праведен. Има и железна палка, па како што ги казнил Адам и Ева и нас ќе не казни ако не вршиме добро.
Ја погазија Адам и Ева заповедта Божја и беа истерани од рајот. А што правиме ние денес, христијани? Барајте и ќе дознаете дека сите кои умирале во текот на пет ипол илјади години оделе во пеколот. Тогаш се смилува Бог на човечкиот род и дојде и стана совршен човек од Духот Свети, од пречистата крв на Госпоѓата Богородица и Приснодева Марија, и не избави од ѓаволските раце. Ако се заинтересирате ќе дознаете дека Благовеста на Богородица била во Господниот (неделниот) ден. Христос се роди во недела и ни ја откри нам Правата Вера, светото Крштение, непорочната Тајна. Беше навредуван, тепан, распнат како човек. Воскресна во третиот ден, влезе во адот и ги изведе Адам и Ева и родот нивни. Така настана радост на небото, во адот и во целиот свет: отров и меч со две острици за евреите и ѓаволот. Се вознесе на небото и седна од десната страна на Отца, да соцарува вечно и ангелите да Му се поклонуваат. Барајте и ќе дознаете дека денес, или утре, го чекаме крајот на светот. Разумни сте и паметни, сами знаете што е добро, и творете го.
А сега, што би било добро да правиме? Имам две помисли. Едната од нив ми вели: ова што го рече им е доста. Стани утре, појди на друго место да проповедаш. Другата помисла ми вели: немој да одиш. Седи, да им го кажеш и останатото, па потоа тргни на пат. Што велите вие, да одам или да останам?
- Остани, светителу Божји.
- Добро, деца, ќе останам. Но, дали е чесно некој, кога го копа лозјето, или ги чува овците, да не јаде од нивниот плод? Зарем е чесно и јас, кој дојдов овде и се трудам, да не добијам малку утеха, плата? Каква плата барам? Пари? Што да правам со нив? Јас, со помошта Божја, немам ни ќесе, ни куќа, ни друга мантија, дури и клупичката што ја имам и која што го изобразува мојот гроб, е ваша. Овој гроб во себе има моќ да биде учител на кралевите, патријарсите, архиереите, ереите, мажите и жените, младите и старите и на целиот свет. Кога би одел и поучувал за пари, би бил луд и безумен. Тогаш каква награда барам? Да седите петмина -десетмина, да поразговарате за овие божествени вистини, да ги врежете во своето срце, за да ви бидат извор на вечниот живот. Зборовите што ви ги реков, браќа мои, не се мои, но на Духот Свети од Светото Писмо. Ова што ви го реков, исто е како да се симна самиот Бог да ви го каже. Ако го извршите тоа и го врежете во својот ум, воошто нема да ми биде жал за трудот. Ако пак не го извршите, заминувам нажален, со солзи во очите. Имате ли овде во вашето место училиште, за да се учат на писменост вашите деца?
- Немаме, светителу Божји.
- Да се соберете сите, да направите едно добро училиште, да назначите и одбор кој ќе раководи со него, да поставите учители за да се учат децата, и богати и сиромашни. Во училиштето учиме кој е Бог, што е Света Троица, што се ангелите, демоните, рајот, пеколот, доблестите, гревот. Што е душата, телото итн. Без училиште лутаме во мрак. Училиштето отвора манастир. Кога не би биле школите од каде би научил јас, за да ве поучувам.
Сум читал и за свештениците, и за непобожните, еретиците, безбожниците. Сум ги испитал длабочините на мудроста и сум ја сфатил вистината дека сите вери се лажни. Единствено Православната Вера е добра и света. Затоа, да веруваме и да се крштеваме во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Ова ви го зборувам сега, на крајот, за да се радувате што сте православни христијани и да ги оплакувате непобожните и еретиците, кои одат во темнина. Ние христијаните, што сме? Праведници или грешници? Ако сме праведни, сме среќни, ако пак сме грешници, сега ни е време да се покаеме, да престанеме со злото и да твориме добро. Инаку, не чека пеколот. Кога да се покаеме? Не утре, не задутре, туку денес, зашто не знаеме што ќе биде со нас до утре. Значи, внимавајте, браќа мои, да не се гордеете, да не убивате, да не вршите прељуба, да не се колнете, да не лажете, да не клеветите, да не предавате, да не го кинџурите телото, зашто тоа е храна за црвите. Туку украсувајте ја душата, која е почесна од целиот свет. Постете, молете се, давајте милостиња, имајте ја смртта пред очите, кога ќе го напуштите овој лажен свет и ќе заминете во оној вечниот.
Почујте, браќа мои! Како што некој кнез, кој има десет слуги, кога еден од нив ќе погреши го брка и поставува друг на негово место, така и Господ, кога паднал првиот ангелски чин, заповеда Бог та настана овој свет и не створи нас луѓето, за да не постави на местото на ангелите. Ние христијаните немаме овде татковини, и затоа Бог не створил со главата вертикално и ни го поставил умот во горниот дел, за секогаш да размислуваме за Небесното Царство, нашата вистинска татковина. Тоа и ми дава повод, браќа мои, да ве учам, советувам. И повторно се осмелувам да Го молам сесладосниот Исус Христос да ја испрати од небото благодатта Своја и благословот Свој на ова место и на сите христијани, мажи и жени, млади и стари, и на делото на рацете ваши. На прво место, браќа, нека ве помилува и нека ви ги прости вашите гревови, нека ве удостои да го проживеете и овој таштин живот овде во добро и мир, и оној после смртта во рајот, нашата вистинска татковина. Секогаш да се радуваме, да ја прославуваме, и да ѝ се поклонуваме на Света Троица во вековите на вековите. Амин. Ве молам, браќа, и за мене грешниот три пати да речете: простете ми и Бог нека ви прости вам! Побарајте и вие прошка еден од друг.
Дел од изреките и пророштвата на свети Козма Етолски
1. Ќе дојде време кога вам непријателите ќе ви ја земат и пепелта од огништата, но вие немојте да ја предадете и промените вашата вера, како што ќе го сторат тоа други.
2. Ве чекаат уште многу неволји. Сеќавајте се на моите зборови: молете се, трудете се и имајте цврсто трпение. Се додека не зарасне оваа рана на јаворот, селото ќе ви биде во ропство и несреќно (ова е изговорено во селото Чараплан во Епир).
3. Ке се обидат да ги решат (работите) со перо, но нема да успеат; дваесет и девет пати ќе ги (решаваат) со војна, а еднаш со перо.
4. Со едни ќе заноќите а со други ќе осамнете.
5. Ке појдете да живеете на друго место, а други ќе дојдат да живеат на вашето место.
6. Ке видите четириесет коњи, врзани за еден кол.
7. Многумина ќе умрат од глад. Богатите ќе станат сиромашни а сиромашните ќе умрат од глад. 8. Грст брашно, грст злато.
9. Ке дојде време кога христијаните ќе се колат меѓу себе. Јас препорачувам слога и љубов.
10. Ке дојде време кога со светот ќе управуваат алали и балали (безгласни жици и машини?).
11. Се што бараат давајте, само душите спасувајте ги.
12. Ќе дојде време кога повеќе нема да ја има оваа слога помеѓу свештенството и народот.
13. Злото ќе дојде врз вас од начитаните.
14. Свештениците ќе станат полоши и побезбожни од сите.
15. Во Цариград ќе се пролее крв, да заплива трогодишна јуница во неа.
16. Толку страшни работи ќе се случуваат, што мајките предвремено ќе раѓаат од својот страв.
17. Ќе наметнат данок на кокошките и прозорците.
18. Ќе дојде време кога ѓаволот секаде ќе стигнува со својата тиква.
19. Папата да го проколнувате, бидејќи тој ќе биде виновник.
20. Луѓето ќе станат сиромашни поради недостатокот на љубов спрема дрвјата.
21. Вие други ќе спасите, а други пак вас.
22. Многу нешта ќе се случат. Градовите ќе станат бараки.
23. Ке дојде време кога проклетиот демон ќе излезе од своето дувло.
24. Во еден период ќе се појави лажен пророк. Немојте да му верувате и немојте да му се радувате. Повторно ќе се изгуби и повеќе нема да се врати.
25. Ке дојде време кога христијаните ќе се креваат едни против други.
26. Имајте крст на челото, за да ве препознаат дека сте христијани.
27. Науката ќе даде такви работи, какви што ни на памет не можат да ви дојдат.
28. Ке видите коли како брзаат по полјаните побрзо од зајак.
29. Ке дојде време кога луѓето ќе разговараат од едно оддалечено место на друго, како во две соседни соби, како на пример од Цариград во Русија.
30. Ке видите луѓе како летаат по небото како црни птици и како фрлаат оган по земјата.
31. Оние што ќе живеат во тоа време ќе трчаат по гробовите и ќе викаат: излезете вие мртви, да влеземе ние живите".
СПОМЕН НА ПРЕНОСОТ НА МОШТИТЕ НА СВЕТАТА ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦА
ЕВДОКИЈА
На денешен ден се празнува споменот на преносот на чесните мошти на светата преподобномаченица Евдокија (од Илиопол во Самарија), која инаку се слави на 1 март.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТАТУИЛ
Светиот маченик Татуил пострада за Христа обесен за јаболкница.
СПОМЕН НА СВЕТАТА ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦА ЕВДОКИЈА
Христовата света маченичка Евдокија се роди на Истокот. Одведена од персијците во ропство, таа во Персија ги поучуваше сите заробеници во Светото Писмо, бидејќи добро го познаваше. Тоа се расчу и кај неа започнаа да доаѓаат жените на персијците, со кои таа се зближи и спријатели и многу од нив приведе во христијанската вера. За тоа беше обвинета кај судиите. Најпрвин ја тепаа со воловски жили, а потоа ја фрлија во темница каде што остана два месеци. Кога повторно ја изведоа на суд, таа бестрашно ја исповедаше верата во Христа и толку страшно беше тепана со трнливи стапови, што месото и паѓаше по земјата, а оние што ја тепаа се обагрија со нејзината крв. Потоа повторно ја фрлија во темница. По шест месеци по трет пат ја изведоа на суд. Потоа насекоа трска во висина на нејзиниот раст, ја соблекоа гола, ја замотаа во трската, преку која толку стегаа јажиња што трската и се зариваше длабоку во месото. После тоа започнаа да влечат од нејзиното тело трска по трска, кинејќи со неа парчиња месо и на тој начин и причинуваа страшно неподносливи болки. По сето тоа ја обесија и целото тело толку душмански и го стегаа со јажиња, што сите коски ѝ ги искршија. Кога видоа дека е веќе полумртва и ја отсекоа светата глава, Така оваа света маченица отиде на небото со маченичкиот венец, Нејзините свети мошти започнаа да точат исцеленија за сите кои со вера прибегнуваа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕЛЕВТЕРИЈ
Светиот маченик Елевтериј беше од Цариград. Блескаше со побожност и православие, а со богатството и славата ги надминуваше сите ондешни славни луѓе и големци, зашто од мал беше израснат на царскиот дворец и живееше во најголема чест. Но, сиот обземен од љубовта кон неминливото и вечно богатство, тој не ги сакаше земните богатства и му одговараше да биде на последното место во дворовите Господови, отколку да го зазема првото место во дворовите на грешниците. Сиот устремен кон Бога, тој секој ден го минуваше во славење на Бога и во секоја доблест. Но, ѓаволот не можеше да ги поднесе неговите добрини и затоа како свое орудие го употреби неговиот слуга, кој отиде кај тогашниот безбожен цар и го наклевети дека е крстен, дека изградил црква, Го почитува Распнатиот и не ги исполнува царските наредби, има тајна куќа под земјата, Му принесува на Христа сеноќни бденија и го измачува своето тело со постови и солзи.
Царот многу се разгневи и испрати да го доведат. Кога излезе пред царот, тој спокојно и благо го праша:
- Зошто си не напуштил, Елевтериј? Толку време те нема. Си ја презрел мојата огромна љубов кон тебе и царскиот дворец.
Тој одговори:
- Разни болести, царе, го истрошија моето тело, па за да го повратам своето здравје го минувам времето на чист воздух во погодно место.
Царот му рече:
- Зарем само тебе ти е потребна благодетта на чистиот воздух?
И ние би сакале да бидеме таму со тебе.
Светителот молчеше. Но, приквечер царот премина преку реката Сагара и отиде кај куќата на светителот. Таму најде една тајна врата, влезе и здогледа прекрасен храм. Не сакаше да го исплаши светителот со закани, туку се обиде да го придобие со ласкави зборови, но, се беше залудно. Свети Елевтериј остана непоколеблив во својата вера. Тогаш царот нареди да му ја отсечат главата и неговото чесно тело да го фрлат на кучињата.
Обезглавен, блажениот Елефтериј ја предаде својата света душа во рацете Божји. А пак неговото чесно тело го најде еден побожен христијанин во свештенички чин, го зеде и откако го помаза со прекрасни мириси го погреба на угледно место.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ХРИСТО
Овој свети новомаченик Христов Ристо (Христо) беше родум од градот Превез во Епир. Од младоста беше честит и побожен. Служејќи како морнар на еден брод, тој дојде еднаш од островот Крит со брод на островот Кос, во Егејското Море. Остана неколку дена на тој остров и се подготвуваше да тргне понатаму. Но, токму тогаш кон него наиде група турски јаничари. Тие започнаа да ја навредуваат неговата христијанска вера и свето крштение. Ревносен за својата света вера, Христо се прекрсти и храбро им одговори на јаничарите дека нивната муслиманска вера е нечиста и дека нивниот лажен пророк Мухамед е преттеча антихристов.
Безбожните Турци се разгневија на тоа, го фатија исповедникот Христов и со тепање и злоставување го предадоа на пашата. Притоа го присилуваа да се одрече од својата вера во Господ Христос и од светото крштение. Како одговор на тоа, храброто момче само го изговараше Символот на верата (Верувам..) и плукаше на муслиманската вера. Разбеснетите Турци ги извадија своите ножеви и го избодеа, па го извлекоа надвор од градот и го спалија онака избоден. Но, се случи чудо. Телото на светиот маченик сосем не изгоре, туку остана на полјаната околу триесет дена, и притоа ниту едно животно не се допре до него. Над неговото свето тело некои побожни христијани, па дури и некои муслимани, во првите три ноќи видоа необична светлина, која доаѓаше од небото. Потоа некои христијани тајно зедоа делче од неговите свети мошти и побожно ги сочуваа.
Светиот новомаченик Христо пострада на 5 август 1668 година, на егејскиот остров Кос, каде и денес се почитува како маченик Христов.
СПОМЕН НА ОСВЕТУВАЊЕТО НА ХРАМОТ ХРИСТОС ПАНТОКРАТОР
во Цариград
Велелепниот храм и манастирот на Христос Пантократорот (Седржителот) беше основан и осветен во Цариград од светата царица Ирина (во монаштво преподобна Ксенија - види под 13 август) и нејзиниот сопруг Јован Комнин (1118-1143 г)