18. Август (5. Август)
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕВСИГНИЈ
Свети Евсигниј се роди во Антиохија и служел војска за време на царувањето на римските цареви Диоклецијан, Максимијан Хлор, Константин Велики и неговите синови. Тој присуствувал на страдањето на светиот маченик Василиск, во времето на Максимијан и го опишал тоа страдање. При отсекувањето на главата на свети Василиск свети Евсигниј со присутните верници се удостои да види мноштво свети ангели, кои ја примија мачениковата душа и ја однесоа на небото. А за време на царувањето на Константин Велики, наоѓајќи се во неговите полкови, свети Евсигниј заедно со него го виде на небото крстот изобразен од звезди, и вооружен со крсната сила храбро се бореше со противници. По шеесет годишна служба во војската, тој во времето на константиновиот син Констанциј се повлече од воената служба, бидејќи беше многу стар.
Откако се врати во својата татковина Антиохија, тој водеше богоугоден живот во молитви и пост, постојано посетувајќи ги храмовите Божји, и така го доживеа денот на царот Јулијан Отстапник, гонителот на христијаните. Кога овој безбожен цар дојде во Антиохија, свети Евсигниј беше земен на мачење од следната причина. Еден ден, одејќи во црквата, попат наиде на двајца незнабошци кои се препираа и караа околу некоја работа. Додека минуваше покрај нив, тие го застанаа и му рекоа:
- Знаеме, честит човеку, дека долго време си бил во војска и го познаваш правосудието. Затоа те молиме, сослушај не, па изречи праведна пресуда.
Свети Евсигниј го пресуди нивниот спор според правдата и најде дека едниот од нив е прав а другиот виновен. Виновниот се налути, па појде кај царот и го обвини Евсигниј дека е христијанин. Царот веднаш нареди да го фатат и кога излезе пред него, светителот бестрашно го изобличи што не го следи Константин Велики туку се одрекол од Христа и им се поклонил на демоните и служењето на вистинскиот Бог го заменил со служење на идолите. При тоа ги фалеше верата и побожноста на Константин Велики, раскажувајќи редум како го видел крстот на небото и со неговата сила ги победил непријателите, како го отфрлил идолопоклонството и се прилепил за Господ Христос, и како со верата и светото крштение се просветил не само себе си туку и целата вселена. Величајќи го со многу пофалби Константин Велики, свети Евсигниј истовремено го прекоруваше богоотстапникот Јулијан за неговото безбожие и го навредуваше во лице. Не сакајќи да го слуша тоа, Јулијан веднаш нареди да му се отсече главата. Така светиот маченик Евсигниј маченички се упокои за Христа, во својата сто и десетта година од животот и се пресели во вечниот безвремен живот.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ФАВИЈ (ФАВИЈАН)
Свети Фавиј по раѓање беше римјанин а по чин свештеник, во времето на незнабожните римски цареви, кои ја гонеа Црквата Христова. Најпрвин свети Фавиј живееше во едно село близу Рим, па потоа се пресели во Рим каде со големо усрдие ги погребуваше телата на светите маченици, зашто во тоа време многу христијани беа мачени и убивани, и нивните тела фрлани надвор од градот како храна на кучињата и зверовите. Свети Фавиј тајно ги земаше ноќе тие свети тела и ги погребуваше чесно. А кога за време на царот Максимилијан пресветиот папа Антир беше убиен за Господ Христос, верните кои што се криеја од гонењата и тајно ја држеа Светата Вера, за избор на папа се собраа заедно со епископите и презвитерите во еден храм, за кој гонителите е знаеја, бидејќи еден невпечатлив дом им служеше како храм во тоа тешко време. На тој собир беше и презвитерот Фавиј. Кога се советуваа кој од достојните мажи да го изберат за таквата функција, се споменуваа многу чесни и прекрасни мажи, кои би можеле добро да го пасат Христовото стадо, а на презвитерот Фавиј никој и не помисли. Тој неодамна беше дојден од селото и беше непознат меѓу презвитерите во градот. И кога на соборот при изборот избувна несогласување, ненадејно се појави гулаб, бел како снег, кој високо летајќи се спушти врз главата на презвитерот Фавиј, па повторно летна и стана невидлив. Тогаш сите сфатија дека самиот Господ со Духот Свој Свети го избра Фавиј за поглавар и пастир на Својата Црква, па со огромна радост го поставија на патријаршискиот престол.
На таков начин свети Фавиј стана римски папа. Во Црквата, пак, Христова, настана спокојство, зашто мачителот Максимин беше убиен од своите војници и по него се зацари Гордијан. Овој цар, иако незнабожец, беше кроток и добродушен. Тој го забрани гонењето на христијаните. Свети Фавиј во погребните пештери над гробовите на мачениците подигна многу пространи храмови, каде верните се собираа на молитви. А над самите пештери, во кои за време на гонењата се криеја верните, тој уреди молитвеници - црквички. Секој ден растеше Црквата Христова, благодарејќи на обраќањето на незнабошците кон Христа. Но, особен расцвет таа достигна по Гординијановата смрт, кога на царскиот римски престол седна Филип со својот син Филип како соцар, кои ја примија верата Христова, во која ги приведе еден благочестив маж, еден од најголемите сенатори на име Понтиј, а ги крсти пресветиот папа Фавиј. Тогаш особено се зголеми бројот на верните. Следејќи го примерот на царот и неговиот син, многумина се крстија и верата Христова можеше слободно да се исповеда. А пресветиот папа Фавиј, со помош на вистинскиот слуга Христов, сенаторот Понтиј, градеше храмови Божји а рушеше идолишта и идоли. Но, Црквата Христова се насладуваше на таквиот мир и слобода кратко време, одвај четири години. Главата на Црквата, Христос, сакајќи Невестата Негова, за која Он ја проли крвта Своја, да биде на земјата како злато во оган прекалено и како крин среде трње, допушти повторно врз неа беди и страдања и отпочна гонење од страна на адските аждаи, кои, како што Господ му откри на Јован Богослов во видение, гонеа жена украсена со небесна убавина, испуштајќи по неа од своите погани усти вода како река, за да ја потопат во реката (Откровение 12, 13-16). Зашто исконскиот непријател на доброто, не можејќи да го поднесе ширењето на славата Христова, ги натера своите потчинети луѓе, незнабожните идолопоклоници, та се кренаа против благочестивите цареви, кои го примија христијанството. Незнабошците се собраа под водство на злиот Декиј, го убија царот Филип и неговиот син соцар, затоа што поверувале во Христос и дозволиле слободно исповедање на христијанската вера. Откако ги убија двата цара, тие се свртеа и против сите христијани и крвта христијанска се проливаше како потоци. Најпрвин беше фатен пресветиот папа Фавијан, зашто незнабошците многу беа наострени против него, како водач и учител на христијаните. Трагаа тие и по благочестивиот сенатор Понтиј но не го најдоа, зашто тој како многумина други се сокри, па потоа побегна од Рим. А на пресветиот папа Фавиј, по наредба на тогаш зацарениот Декиј, му беше отсечена главата. Така тој, заедно со многубројните овци на својата паства, беше заклан во тоа време и премина од земната во небесната Црква. А пак свети Понтиј беше фатен подоцна и прими маченичка смрт за нашиот Господ, Кому со Отецот и Светиот Дух слава за навек. Амин.
ЖИТИЕТО И СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК
ПОНТИЈ РИМЈАНИНОТ
Кој може да поверува, ако Господ не го привлече кон Себе? Кој може да влезе во подвиг, ако Господ не помогне? Кој може да се удостои на маченичкиот венец, ако Христос не го дари? Затоа и јас недостојниот, вели писателот на ова житие Валериј, не се удостоив на таквата благодат маченички да умрам за Христос заедно со светиот мачник Понтиј, со кој заедно израснав и заедно во училиште одев. Но, заради неговиот подвиг и мачеништво се надевам дека ќе добијам милост од Господа. За се што искажав за него, ги повикувам за сведоци Христос и Неговите ангели, дека со своите очи го видов, со своите уши го слушнав, па дури и делумно трпев со него. Затоа и вие верувајте на ова веродостојно прикажување на работите, за заедно со светиот маченик да добиете награда од Господа за својата вера, во денот на Воскресението на мртвите.
- Во градот Рим живееше угледниот сенатор Марк. Тој немаше деца, иако многу години беше во брак со својата сопруга Јулија, та и двајцата тагуваа поради тоа. Во дваесет и втората година од брачниот живот Јулија дозна дека е бремена, за што и двајцата многу се израдуваа. Во петиот месец од својата бременост, Јулија со својот сопруг, посетувајќи ги храмовите на своите богови и делејќи прилози, зашто и двајцата беа идолопоклоници, дојдоа во храмот на Јупитер, кого го нарекуваа голем. Тука Јулија погледна во жрецот, кој со венец на главата принесуваше жртва пред идолот и одеднаш тој жрец се разбесни, го симна од себе венецот и започна да го кине на парчиња, викајќи со плачен глас:
- Оваа жена го носи во утробата оној што ќе го сруши овој храм до темел и ќе ги уништи неговите богови.
Овие зборови демонскиот жрец неколку пати гласно ги повтори, од што сите присутни се запрепастија. Јулија и Марк многу се исплашија и потресени побегнаа од храмот во својот дом, кој што се наоѓаше во близина. Јулија зеде камен и се удираше со него по стомакот и по бедрата, говорејќи:
- О, да не го ни зачнев таквиот, кој ќе го разори храмот и ќе ги уништи боговите! Подобро ќе ми беше и самата да умрам со него, отколку да го родам.
Кога настапи време Јулија да роди и сите очекуваа дека ќе роди мртво дете, бидејќи силно се беше удирала со каменот по стомакот, таа го роди детето потполно здраво. Сакаше да го убие новороденчето, но таткото се спротивстави, говорејќи:
- Ако Јупитер посака, тој самиот ќе му се одмазди на својот непријател. Немој ние да станеме убијци на нашето дете.
Така малечкото остана живо и му го дадоа името Понтиј. Кога потпорасна родителите го дадоа во училиште и никогаш не го водеа со себе во храмовите. И растеше момчето, не само со годините туку и со умот. Уште во рана младост се истакна како одличен философ. Беше многу напреден во сите науки, бидејќи имаше одлично помнење и беше многу начитан. Сите свои врсници ги надминуваше во знаењето.
Еден ден Понтиј тргна кај својот учител многу рано и се случи да минува покрај еден христијански дом. Тоа беше во времето кога во него имаше собир на верните со пресветиот папа Понтијан и се пееја утрински псалмопеења. Внимателно слушајќи го пеењето, Понтиј ги разбра овие зборови: Нашиот Бог на небото и на земјата створи се што сакал. Идолите се сребро и злато, дело на рацете човечки. Усти имаат а не зборуваат, очи имаат а не гледаат, уши имаат а не слушаат, ноздри имаат а не мирисаат, раце имаат а не фаќаат, нозе имаат а не одат, и не пуштаат глас од грлото свое. Такви нека бидат и оние што ги градат и сите кои што се надеваат во нив (Псалми 113, 11-16).
Понтиј застана на овие зборови и воздивнувајќи длабоко се замисли над нивната смисла. Потоа, под дејство на благодатта на Светиот Дух, во срцето му се разли умиление и тој заплака, па подигнувајќи ги рацете кон небото воскликна:
- Боже, кон Кого слушам пофалба што ја принесуваат, дај ми да Те познаам!
Потоа пријде до вратата на тој дом и започна усрдно да тропа. Оние што назирнаа одозгора низ прозорецот му рекоа на светиот папа:
- Некое момче тропа на вратата.
Папата, кој сето тоа веќе го знаел со откривање на Светиот Дух, рече:
- Одете, отворете му, нека дојде кај нас, „зашто на таквите е Царството Божјо“ (Лука 18,16).
Чесното момче Понтиј влезе во домот со еден свој врсник и другар од училиштето Валериј, писателот на оваа житие, а своите робови ги остави на улица. Кога влезе во собата и виде дека се врши богослужење, тој се повлече во аголот и остана таму до крајот, внимателно слушајќи со умиление во срцето. По службата му пријде на светиот папа и му падна пред нозете, говорејќи:
- Те молам, оче свети, откриј ми ја смислата на зборовите кои пред малку ги пеевте: Идолите на незнабошците се слепи и глуви... но особено ме поразија зборовите: такви нека бидат и оние кои ги градат и сите кои се надеваат во нив.
Папата со љубов го прегрна Понтиј и му рече:
- Гледам, чедо, дека Бог го просветил твоето срце, за да Го побараш. Размисли и види, зарем сите идоли не се направени од злато, сребро или некој друг материјал? Секој знае дека камените идоли се направени од карпи во планините и оттаму на коли се донесени на пазарот за продавање. Како можат да бидат богови кога се од земја направени и по извесно време ќе се распаднат и повторно во земја ќе се претворат? А нашиот Бог, во Кого ние веруваме е на небото и Он не може да се види со телесните очи туку со срцата и се препознава со верата.
На тоа блажениот Понтиј одговори:
- Оче, вистината ја зборуваш. Секој може да види дека идолите се бездушни и неподвижни и дека ги има насекаде, не само по пазарите, туку и по сите улици и храмови, што е невозможно да се избројат. Нив ги има во разни облици, изработени на висок уметнички начин, каков само умот човечки може да пронајде, Секој може да види дека тие со железо и олово се прицврстени за своите места, за ветрот да не ги собори и да се разбијат. Познато е и дека крадци и разбојници често крадат златни и сребрени идоли. Како тогаш тие можат да ги чуват луѓето од зло, кога нив самите треба други да ги чуваат, за да не бидат украдени.
Светиот папа Понтијан се восхитуваше на остроумноста на момчето, го фати за рака и сакаше да го застане покрај себе, но блаженото момче рече:
- Кога ние не смееме да седиме покрај нашите учители, кои не учат на безначајни работи, како тогаш ќе седнам во присуство на таквиот отец, кој наместо патот на заблудата ни го покажува патот на правдата и светлината?
Папата одговори:
- Нашиот Господ и Учител Исус Христос ни дал наук, сите да бидеме едно во Него и еден со друг да се поучуваме за се што е корисно.
Потоа го праша блаженото момче:
- Имаш ли татко и мајка?
Понтиј одговори:
- Веќе е втора година откако умре мајка ми, а татко ми се уште е жив и многу стар. Јас сум му единствената утеха.
Папата праша:
- Христијанин ли е или многубожец?
Момчето одговори:
- Мојот татко е ревносен многубожец, како и повеќето луѓе.
На тоа папата рече:
- Бог, Кој те просвети тебе без никаква поука од страна на луѓето, моќен е да го просвети и твојот татко, за и оној што те родил во овој смртен живот да го познае преку тебе бесмртниот живот. Послушај ме, чедо мое. Верувај во Христос, прими свето крштение, зашто тоа избавува од вечните маки.
Со ваквите и слични зборови светиот папа три часа го поучуваше Понтиј, објаснувајќи му го учењето за Царството Божјо. И бидејќи ги огласи за крштевање Понтиј и дојденото со него момче Валериј, тој ги отпушти со мир. А тие одеа радосни и весели што најдоа спасение за своите души. Оттогаш секој ден одеа кај светитедот Божји и тој ги поучуваше.
Еден ден сенаторот Марк го праша својот син Понтиј:
- Чедо мое, што научи овие денови од своите учители?
Понтиј одговори:
- За време на моето учење јас никогаш не слушнав ништо добро од нив.
И таткото се радуваше, мислејќи дека неговиот син научил нешто ново од науките што се изучувале во незнабожечките училишта. А блажениот Понтиј бараше згодна прилика и својот татко да го приведе кон верата во Христа, и еден ден рече:
- Татко, од многумина слушам дека боговите на кои ние им се поклонуваме се ништовни и во себе немаат ништо божествено. Тоа донекаде и самиот го гледам. Секој што сака да има во својот дом богови, најмува мајстори и според можностите си прави богови од злато, сребро, бакар или нешто друго. Те молам, татко, кажи ми, дали боговите, откако се направени и поставени во нашиот дом, некогаш си видел да јавиле некаква сила и дејство?
Марк одговори:
- Никогаш.
- Зошто тогаш ги почитуваме, им принесуваме жртви и им се поклонуваме?
Овие зборови многу го разлутија Марк и тој сакаше со мечот да го удри сина си, говорејќи:
- Ти хулиш на моите богови. Кога се смири малку, рече:
- Зарем само ние во овој град, сине мој, нема да ги признаеме боговите и да им принесеме жртви?
На тоа блажениот Понтиј забележа:
- Во овој град има многу луѓе, кои Му принесуваат вистинска жртва на вистинскиот Бог.
Марк праша:
- А каде ќе ги најдеме?
Понтиј предложи:
- Ако сакаш, јас ќе одам и ќе го доведам кај тебе мажот, кој се јасно ќе ти изложи.
Таткото се согласи. Понтиј се обрати кон Валериј и рече:
- Ете каква промена се изврши со десницата на Севишниот.
И веднаш отиде кај пресветиот папа Понтијан кај татка си. Папата долго разговараше со Марк, учејќи го за познанието на вистинскиот Бог и откривајќи му тајни на Светатата Вера. Марк со сето срце поверува во нашиот Господ Исус Христос и заедно со папата и синот започна да ги крши идолите во својот дом. Потоа прими свето крштение со сина си и сиот свој дом, поживеа кратко и се престави кај Господа во длабока старост. Во тоа време блажениот Понтиј имаше дваесет години.
Шест месеци по преставувањето на татка си, Понтиј беше земен на дворецот на царот Александар, наименуван за сенатор на местото на својот татко, иако не сакаше. Но, тоа се случи со промисла Божја, за во свое време преку Понтиј да бидат приведени кон Христа не само народот, туку и царот. Бог му дари таква благодат на Понтиј, што сите дворјани многу го сакаа и почитуваа. Во тие денови со славна смрт премина кај Господа пресветиот папа Понтиј, убиен за Христа по наредба на царот Максимин, кој се зацари по Александар, а на престолот на папата дојде свети Антир. Но и тој одвај месец дена остана на престолот, па маченички заврши убиен за Христа, исто така по наредба на царот Максимин. По свети Антир за папа беше избран свети Фавиј. Тој го сакаше свети Понтиј како татко своето родено чедо. Светиот му ги предаде на свети Фавиј сите свои имоти да ги раздаде на сиромасите, особено на истоверните. Но, време е да изложиме на кој начин вистинскиот слуга Христов, свети Понтиј, ги обрати кон Христа царевите и како го победи ѓаволот, добивајќи го венецот на мачеништвото.
По смртта на мачителот Максимин, цар стана Гордијан а по него се зацари Филип, кој за свој соцар го постави својот син Филип. Двајцата цареви многу го сакаа свети Понтиј како човек мудар, доблесен и корисен со своите совети. Во третата година на своето царување, која беше илјадита од основањето на Рим, имајќи намера да одат да им принесат благодарствени жртви на своите богови, царевите го повикаа со себе и својот сакан сенатор Понтиј, велејќи му:
- Ајде да им принесеме благодарност на големите богови, кои што ни дадоа прилика илјадагодишнината на Рим да ја празнуваме во самиот град.
Свети Понтиј на сите можни начини се трудеше да го одбегне одењето со нив во незнабожечкиот храм, но царевите упорно настојуваа. Тогаш тој виде дека настапил погоден момент да им Го објави единствениот вистински Бог, нашиот Господ Исус Христос и им рече:
- Добри цареви, од Бога поставени над луѓето, Зошто не ги приклонувате своите глави пред Оној Кој ви ги дал царската власт и чест и зошто Нему, Единствениот, не Му принесувате пофални жртви?
На тоа царот Филип постариот рече:
- Јас сакам да му принесам жртва на големиот Јупитер, токму затоа што ми ја дал царската власт,
Насмевнувајќи се, свети Понтиј забележа:
- Не залажувај се себе со Јупитер, царе. Постои Бог на небото, Кој со еден Свој збор створил се и оживотворил со благодатта на Светиот Дух.
Двајцата цареви одговорија:
- Не ни е јасно со каква намера ни го зборуваш тоа.
Свети Понтиј ги праша:
- Постоел ли Јупитер отсекогаш?
Царевите одговорија:
Не. Пред него бил неговиот татко Кронос, кој царувал во Италија и добро управувал со народите на Италија.
Тогаш свети Понтиј праша:
- А во времето додека Кронос царувал на Крит, и пред да биде протеран од својот син Јупитер дошол во Италија, зарем во тоа време Италија немала народи и нивни управувачи? Зарем Кронос ги створил и умножил италијанските народи? Добри цареви, не залажувајте се со лажни басни на вашите стихотворци. Богот на небото е еден за сите. Бог Отецот, Кој со Својот Син и Светиот Дух се што створил држи и управува со Својата сила, а ги створил и небото, и земјата, и морето, и се што е во нив. Најпосле го створил по лика и прилика Своја и бесмртниот човек и потчинил под негова власт се што е на земјата, во морето и воздухот. Кога го виде човекот во толкава чест, почестен од Бога, ѓаволот исфрлен од небото му позавиде на човекот и лукаво го советуваше да му стане неблагодарен и непослушен на својот Творец и Добротвор. Кога го послуша лукавиот совет на искушувачот, човекот се лиши себеси од бесмртноста и со својата непослушност си ја навлече смртта врз себе и врз сиот човечки род. Но, на ѓаволот не му беше доволна таа измама, туку тој ги измисли и идолите, кои вие ги нарекувате богови, за со нивна помош уште повеќе да го оттргне човечкиот род од Творецот. Меѓутоа, Милосрдниот Господ, не сакајќи Неговото создание целосно да пропадне, благоволи да го испрати на земјата од небесниот Престол Единородниот Свој Син, Кој под дејство на Светиот Дух се всели во Пречиста Дева, се воплоти во Неа на несфатлив начин, се роди од Неа на неискажан начин и стана Човек, за да го обнови паднатиот човек и да ја уништи власта на ѓаволот. И Богочовекот сотвори меѓу луѓето многу чудеса, На слепите им даваше вид, раслабените и болните со збор ги исцелуваше, лепрозни очистуваше, мртви воскреснуваше, четвородневниот Лазар од гробот повикувајќи го жив го извади, и безброј други славни чудеса правеше како Семоќен Бог. Но, Евреите не веруваа во Него, Му завидуваа и го предадоа на Понтискиот Пилат и го приковаа на крст Оној, Кој беше дошол да ги спаси. Меѓутоа Он, бидејќи е Бог, стана во третиот ден од мртвите, и по Своето Воскресение во текот на многу денови им се јавуваше на Своите ученици. И смртта, нанесена на луѓето од ѓаволот, Он ја уби со Својата смрт и живот ни подари со Своето Воскресение, та и ние како Него, Кој стана од мртвите и повеќе не умира, по краткотрајниот и многустрадален живот овде, ќе воскреснеме од нашите гробови и ќе живееме вечно со Него. Вознесувајќи се на небото, Тој им го покажа на верните патот кон спасението. Кој ќе го занемари тоа спасение, тој со ѓаволот ќе биде подложен на вечна осуда. А кој верува и оди по патот на спасението, вечно ќе биде со Христос во Царството Небесно.
Со вакви зборови свети Понтиј долго ги просветуваше и двата цара. И додека тој подробно им раскажуваше се за Христа, за тајните на Светата Вера и за идниот живот, благодатта на Светиот Дух, која му помага на човечкото спасение, дејствуваше преку неговите зборови и царевите сфатија што им зборува, та нивните срца се исполнија со умиление и тие поверуваа во Господ Христос. Го замолија свети Понтиј наредниот ден уште појасно и поопширно да им ги објасни тајните на спасението, за и тие да можат да го одбегнат огнот незгаслив и да добијат во бесмртниот живот удел со светите. Тој ден, како и подоцна, царевите не отидоа во Капитол да принесат жртви на идолите. Само наредија илјадагодишнината да се отпразнува во народните театри. А пак свети Понтиј отиде кај пресветиот папа Фавиј и го извести за се. Многу израдуван, тој падна ничкум на земјата пред Бога, велејќи:
- Господи, Исусе Христе, Ти благодарам што си благоволил преку Својот слуга Понтиј да ги обратиш римските цареви кон познание на Твоето пресвето име.
Наредниот ден папата и Понтиј заедно отидоа кај царевите и долго разговараа со нив за единствениот вистински Бог и за целиот пат на спасението. Папата ги огласи за свето крштение и по неколку дена ги крсти. Заедно со нив се крстија и други, зашто по примерот на царевите многумина поверуваа во Христа. И кој би можел да ја искаже радоста на тамошните христијани? Тогаш се исполни она што ѓаволот, приморан од силата Божја, го претскажа преку устата на ѓаволскиот жрец за свети Понтиј, кога тој се уште се наоѓаше во утробата на мајката, дека ќе го разори Јупитеровиот храм. Откако доби дозвола од царевите, свети Понтиј заедно со светиот папа Фавиј отиде во храмот на поганиот Јупитер, ги искрши идолите, а потоа и храмот до темел. Срушија тие и неколку други многубожечки храмови и на нивно место изградија свети цркви Божји. Во тоа време многу народ се обраќаше кон Христа и се крштеваше. Но, се просвети само дел од Рим и не беа разорени сите идолишта, зашто промислата Божја го прекрати тоа благопријатно време за Црквата Христова. Таква слобода Црквата уживаше само четири години, зашто Господ Исус Христос, сакајќи Својата Црква да ја прекали како злато во оган, допушти ново гонење над Неа. Нечистиот Декиј се крена и ги уби благочестивите цареви за нивната вера во Христа. И започнаа безмилосно да ги убиваат сите верни, меѓу кои беше убиен и светиот папа Фавиј. Тогаш многу од новокрстените од страв повторно му се вратија на идолопоклонството. Други пак се разбегаа и се криеја кој каде можеше. Најхрабрите смело одеа во маки и ги полагаа своите души за Христа. Во времето на тоа гонење, кое неочекувано како гром удри врз Црквата, свети Понтиј се сокри некаде во самиот град Рим. Жреците ревносно го бараа, зашто многу беа бесни што им ги сруши храмовите и искрши идолите, и сакаа да го мачат. Една ноќ тој побегна од Рим и дојде во градот Кимела, на границите на Галија близу Алписките Гори, и живееше тука како странец и дојденец.
Насилниот цар Декиј наскоро загина и по краткотрајното царување на Гал со Волузијан, на престолот на Римското Царство стапи Валеријан со синот Галиен. Сакајќи целосно да го уништат христијанското име не само во Рим, туку и по целото Римско Царство, овие цареви распратија игемони на сите страни да ги мачат христијаните. Двајца такви мачители Клаудиј и Анавиј испратија во Галијската област. Тие дојдоа во градот Кимела, им принесоа жртви на боговите, подготвија судиште среде градот и издадоа наредба да се фаќаат христијаните и да се носат кај него на мачење. Тогаш беше фатен свети Понтиј, како знаменит и угледен маж, и изведен пред Клаудиј, кој гневно го праша:
- Ти ли си тој Понтиј, кој со којзнае какво лукавство предизвика буна во Рим, па дури и царевите ги одврати од боговите?
Светителот одговори:
- Јас не сум створил никаква буна, туку кого сум можел, сум го обратил кон вистинскиот Бог.
Игемонот рече:
- Нашите цареви, знаејќи дека си човек од знаменит род, наредија да им принесеш жртва на боговите. Ако одбиеш ќе бидеш осуден на страшни маки заедно со обичните луѓе.
Понтиј одговори:
- Мој Цар и Утешител е Христос, и ако заради Него се лишам од земната татковина ќе станам наследник на вечната и ќе се удостојам со уделот на светите Ангели во славата небесна.
Игемонот Клаудиј рече:
- Зошто се обидуваш да се извлечеш со помош на тешко сфатливи зборови? Ти претстои да им принесеш жртва на боговите. Ако не го сториш тоа, твоето тело ќе го растргнам со мачење.
Свети Понтиј одговори:
- Веќе ти реков дека сум христијанин и никогаш нема да им принесам жртва на демоните.
Тогаш игемонот нареди да го оковаат Понтиј во синџири и да го држат во темница додека не ги извести царевите за него. Клаудиј им испрати на царевите вакво писмо:
„До непобедливите господари на вселената Валеријан и Галиен, царевите Римски, од вашите слуги Клаудиј и Анавиј:
Влегувајќи во краевите на Галија ние го пронајдовме Понтиј, кој некогаш го побуни Рим, искрши многу богови и ги сруши нивните храмови. Сега се крие од вашата власт и не им се повинува на вашите наредби, но, бидејќи е меѓу првите сенатори, ние не се осмеливме да го мачиме, туку го оковавме и го ставивме во темница, додека вие не ја разгледате оваа работа и не наредите како да постапиме со него“.
Царевите испратија ваков одговор:
„Нашето господство ви наредува, ако Понтиј одбие да им принесе жртва на боговите, имате потполна власт над него и можете да го погубите како што сакате“.
Со таквата наредба игемоните Клаудиј и Анавиј го изведоа христовиот затвореник пред себе и му рекоа:
- Сослушај ја корисната наредба од твоите господари, и принеси им жртва на боговите. Ако одбиеш ќе бидеш мачен заедно со осудениците.
Свети Понтиј одговори:
- Јас немам друг господар, освен мојот Господ Христос, Кој е моќен да ме избави од вашите маки.
Клаудиј рече:
- Ти се чудам, знаменит човеку, како доброволно си примил такво сиромаштво и срам и Му служиш на Господин за Кого вие самите велите дека бил сиромашен и неславен човек, и дека, не знам заради каква вина, е убиен од Пилат, игемон по чин како и ние. Нели е подобро да им бидеш покорен на господарите кои кротко управуваат со Римското Царство?
На тоа свети Понтиј возврати:
- И јас ти се чудам тебе, како ти, како умен човек, си станал толку безумен, та не сакаш да Го познаеш Творецот на небото и земјата, Кој ради твоето спасение осиромаши? Како се осмелуваш да Го наречеш неславен Оној Кого ангелите на небото Го почитуваат и Кој доброволно благоволи за нашето избавување да претрпе распнување од јудејците и од Пилат? О, кога и ти би посакал да се наведнеш пред таквиот Бог, голем во смиреноста Своја! Веднаш твојот ум би се вознел на небото и ти би ја видел заблудата во која лежиш заедно со твоите богови, кои очигледно се ѓаволи. А твоите господари, кои ги нарекуваш управувачи со Римското Царство, не само што самите одат во пропаст додека се поклонуваат на дрвја и камења, туку го влечат со себе и потчинетиот народ. Ако останете во своето неверие со страшна смрт ќе заминете од овој живот и во денот на Страшниот Суд, заедно со вашите богови ќе бидете осудени на вечни маки.
Игемонот се разјари и викна кон своите слуги:
- Подгответе гребени, железа, оган, за пред сите да се обелодени неговото безумие.
Потоа го растегнаа гол на мачилиштето, за, како што изјавија, да видат дали неговиот Бог ќе го избави од нивните раце. Додека го растегнуваа, свети Понтиј му рече:
- Ти во своето неверие мојот Бог го нарече немоќен, но јас верувам дека Он со Својата сила ќе ми ги олесни маките.
И веднаш орудијата за мачење паднаа и се претворија во прав а слугите испопаѓаа од страв како мртви. Тогаш свети Понтиј радосно рече:
- Барем сега увери се, маловернику, дека мојот Господ е моќен побожните да ги избавува од напаст, а вас неправедните да ве предаде на вечниот оган во денот на Судот (2Петар 2, 9).
Игемонот Клаудиј беше многу бесен и збунет, а неговиот другар Анавиј му рече:
- Премудар човеку! Кога дојдовме овде беа доведени две огромни мечки од Далматската Гора. Нареди да се подготви циркус и дај го Понтиј на нив да го изедат.
И веднаш беше подготвен циркусот и доведени мечките, но тие неочекувано се нафрлија врз стражарите и ги изедоа, а на свети Понтиј не се осмелуваа ни да му пријдат, Тогаш присутниот народ громогласно викна:
- Единствен Бог е Богот христијански, во Кого верува Понтиј.
Ранет во својата гордост и бесен од гнев, игемонот започна да вика по слугите што побрзо да донесат дрва и суварки, за да го спали маченикот. А свети Понтиј му рече:
- Каква вина најде во мене, та сакаш да ме спалиш? Тебе ќе те погуби незгасливиот оган, а мојот Бог е моќен да ме сочува неповреден среде огнот, како што во дамнина ги сочувал Трите Момчиња во вавилонската печка.
Светителот го поставија окован во средината на циркусот, го заградија наоколу со дрва и ги потпалија. И додека сите мислеа дека од него ќе остане само пепел, кога изгореа дрвата го здогледаа жив и здрав, ни најмалку неповреден.
Народот силно викна:
- Голем е Богот христијански!
Многу посрамен за таквиот свој пораз, игемонот му рече на светиот маченик:
- Зошто се гордееш како веќе да си ги победил сите маки? Мислиш дека ќе ги одбегнеш и оние најстрашните? Во близина е чесниот Аполонов храм, влези во него и принеси жртва.
Свети Понтиј одговори:
- Јас на мојот Господ Христос го принесувам како жртва моето тело, кое досега го сочував чисто од идолопоклоничките гадости. А вас и вашите цареви наскоро ќе ве стигне Божјата одмазда, зашто неправедно ги гоните невините слуги Христови.
Тогаш игемонот започна лукаво да го наговара, говорејќи му:
- Требаше ти нам да ни бидеш судија, зашто си еден од првите сенатори. Не знам со каква празна надеж се лишуваш од честа и богатствата.
Свети Понтиј одговори:
- Честа во овој свет и неговите богатства наликуваат на утринска магла, која што ги сокрива од очите земјата, планините и морето, но штом дувне ветер маглата брзо исчезнува, како да не била. Но честа, богатството и славата што јас ги сакам, остануваат вечно.
Додека свети Понтиј зборуваше, евреите меѓу насобраниот народ започнаа да викаат кон игемонот:
- Убиј го, убиј го што побрзо тој маѓепсник!
Светиот маченик ги крена рацете кон небото и рече:
- Ти благодарам, Боже мој, што и евреите викаат против мене, слично на нивните татковци, кои викале кон Пилат против Христос: Распни Го, распни Го!
Тогаш игемонот му изрече смртна пресуда и рече:
- Водете го надвор од градот и кај каменот близу потокот отсечете му ја главата, а телото фрлете го во долината.
Наредбата на мачителот беше извршена. Така свети Понтиј ги заврши своите страдања за Господ Христос. Главата му беше отсечена со меч. Неговото чесно тело го погреба неговиот врсник и опишувач на неговото страдање Валериј, на местото каде што беше фрлен по посекувањето.
По некое време се исполнија пророчките зборови на свети Понтиј. Незнабожниот римски цар Валеријан во текот на војната со персискиот цар Сапор беше заробен, и како заробеник секојдневно исмеван. Кога и да седнувал на својот коњ, Сапор секогаш со ногата згазнувал на вратот на Валеријан, како на подножје. А другиот римски цар Галиен беше убиен од своите војници на патот за Медиолан. Игемонот пак Клаудиј и неговиот другар Анавиј полудеа во моментот кога светиот маченик беше посечен. Клаудиј со своите сопствени заби си го одгриза јазикот и го исплука, а на Анавиј му испаднаа очите и му висеа на образите. По кратките но страотни мачења од бесовите, тие ги исфрлија своите души. А незнабошците и евреите, кога го видоа исполнувањето на зборовите на светителот, ги обзеде страв и многумина започнаа да му укажуваат почит на неговиот гроб. Валериј пак, кој го опиша животот и страдањето на свети Понтиј, кога виде дека гонењата против христијаните не престануваат, се качи на еден кораб и отиде во Ливија, од страв од мачителите. Светиот маченик Понтиј со својата чесна душа влезе во радоста на својот Господ и наш Владар Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух, чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЕВТИМИЈ,
патријархот Цариградски
Свети Евтимиј е роден во Селевкија Исавриска, околу 834-та (во семејство по потекло од Декапол и во сродство со свети Григориј Декаполит (кој се слави на 20 ноември). Многу млад стана монах на гората Олимп во Витинија. Потоа премина во еден манастир близу Никомидија а од таму во манастирот на свети Теодор близу Цариград.
Поради својата духовност и светост свети Евтимиј беше земен од царот Лав 6ти Мудриот (886-912 г.) за негов духовник и тој му изгради манастир во самата престолнина, наречен Псаматија, каде од тогаш живееше. Меѓутоа наскоро изби расправија помеѓу нив, зашто светителот не ја одобруваше царевата незаконска врска со вдовицата Зоја. Поради тоа царот го затвори во манастирот на свети Диомид, каде светителот помина две години. Потоа, на упорното настојување на царот и со согласност на епископите, свети Евтимиј беше избран за Цариградски патријарх (907 г.), по оставката на патријархот Никола Мистик (неговиот спомен е на 16 мај). Но, свети Евтимиј ни тогаш не го благослови царевиот незаконски брак со Зоја, туку напротив го расчини свештеникот Тома, кој го извршил тоа недозволено и незаконско венчавање, кое што за жал го благословил римскиот папа.
По смртта на царот Лав 6ти (912 г.) неговиот брат и наследник Александар го прогони свети Евтимиј и го врати на престолот патријархот Никола. Свети Евтимиј беше протеран во еден манастирски метох, каде братски се помири со патријархот Никола и во мир се упокои на 5 август 917 година. По три години неговото свето тело беше пренесено во манастирот Саматија, каде светителот порано живееше како монах. Зад себе остави неколку беседи и песни посветени на Пресвета Богородица. Неговиот спомен се наоѓа во Византискиот Еортологион (кој го издал М. Гедеон во Цариград).
СПОМЕН НА СВЕТАТА ПРАВЕДНА НОНА,
мајката на свети Григориј Богослов
Света Нона е мајка на свети Григориј Богослов. Како христијанка таа имала силна и чудотворна молитва. Така, со својата молитва кон Бога го обратила својот сопруг Григориј од незнабожечката глупост во верата христијанска. Нејзиниот сопруг Григориј подоцна бил епископ во градот Назијанз (неговиот свет спомен е на 1 јануари). Со молитвата света Нона го спасила од бурето и својот син Григориј Богослов. Се преставила мирно како ѓакониса, во 374 година. Освен свети Григориј Богослов, таа имала уште две свети деца: света Горгонија, која се слави на 23 февруари, и свети Кесариј, чиј спомен е на 9 март.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ТЕРИС (ТИРС),
епископот Карпасиски на Кипар
Овој свет епископ на градот Карпасија на Кипар се слави на тој остров, каде му е сочуван древен храм крај морето.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ
КАТИДИЈ, КАТИДИЈАН и СОВЕЛ
Светите маченици Катидиј и Катидијан беа родени браќа и пострадаа за Христа во Египет, убиени со камења. И свети Совел пострада исто така во Египет. Прободен со стрела го предаде својот дух на Христа Бога.