19. Август  (6. Август)

СИНАКСАР НА ПРЕОБРАЖЕНИЕ ГОСПОДОВО

Во третата година од Својата проповед на земјата, нашиот Господ Исус Христос, приближувајќи се до Своето доброволно страдање за нашето спасение, почна да им зборува на своите ученици дека треба да појде во Ерусалим и многу да пострада од свештеничките старешини и главари и од книжевниците, и дека ќе Го убијат (Матеј 16, 21). Започна да им зборува за тоа во околината на Кесарија Филипова, кога Петар Го исповедаше како Син Божји, кога рече: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог“ (Матеј 16, 13-16). Спасовите зборови за страдањето и смртта многу ги нажалија учениците, особено апостол Петар, кој започна да го одвраќа Господа од тоа, говорејќи:

„Биди милостив кон Себе, Господи, тоа со Тебе нема да се случи!“ (Матеј 16, 22).

Забележувајќи ја жалоста на Своите ученици и сакајќи да им олесни, Господ им вети на некои од нив, дека ќе им ја покаже славата Своја, која што ќе ја има по Своето страдање, велејќи:

„Tука стојат некои, што нема да вкусат смрт додека не Го видат Синот Човечки како оди во Царството Свое“ (Матеј 16, 28).

Шест дена потоа Господ, придружуван од учениците и многу народ, тргна од околината на Кесарија Филипова во околината на Галилеја и приквечер стигна до Галилејската гора Тавор. Имајќи обичај ноќе да се повлекува од Своите ученици за осамена молитва кон Бога Отца, Господ Исус го остави народот во подножјето на гората а ги поведе со Себе само Своите ученици Петар, Јаков и Јован, и се искачи со нив на врвот на Тавор, да се помоли. И откако се оддалечи малку од нив, започна да се моли. А тројцата ученици, уморни од искачувањето и од долгата молитва заспаа, како што вели евангелистот Лука: „Петар и оние кои беа со него беа заспале“ (Лука 9, 32). Додека тие спиеја, пред разденување, Господ Христос се преобрази, блескајќи со славата на Своето Божество. На Негова наредба, со Него стоеја двајца пророци: Мојсеј од мртвите и Илија од рајот, и зборуваа со Него за Неговото излегување, кое што требало да се заврши во Ерусалим. Овој разговор, и особено појавата на божествената сила, ги разбудија Апостолите и тие ја видоа неискажаната слава на Господ Исус. Лицето Му сјаеше како сонце, облеката Негова блескаше како снег, и двајца мажи стоеја во таа слава и зборуваа со Него. Од тоа учениците се исплашија. И со откровение на Светиот Дух тие веднаш ги препознаа во тие луѓе Мојсеј и Илија, и сфатија дека разговорот се води за доброволното страдање Христово. Додека го слушаа разговорот, учениците стоеја со трепет, истовремено насладувајќи се и со гледањето на Божествената слава, колку што беше возможно тоа за нивните телесни очи. И Самиот Господ им покажа од Својата слава онолку колку што тоа може да го види човечката природа, а да не се лиши од видот, бидејќи е невозможно за смртниот човек да го види невидливото Бесмртно Божество. Мојсеј во дамнина Го молел Бога на очигледен начин да му Ја покаже славата на Своето Божествено Лице, но Господ на тоа му одговорил: „Невозможно е за човекот да Го види Моето Лице и да остане жив“ (2Мојсеј 33, 20). А кога разговорот на Господа Христа со Мојсеј и Илија беше при крај и апостолите со Духот Свети дознаа за нивното заминување, Петар се нажали што пророците ќе заминат од нивните очи и, сакајќи постојано да се насладува на прекрасната глетка на славата Христова и чесните пророци, тој се осмели и рече: „Учителе, добро е да останеме овде; да си направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија“ (Лука 9, 33). Додека Петар го зборуваше тоа, светлиот облак кој обајцата пророци ги беше донел кај Христа и кои повторно по Божја наредба требаше да ги земе и да ги однесе секого на своето место, ги засени Апостолите, опкружувајќи го врвот на гората. И уште повеќе се исплашија тие кога, приближувајќи се кон Христос, навлегоа во облакот и од облакот слушнаа глас кој говореше:

„Овој е Мојот возљубен Син, Него послушајте Го!“

При овие зборови одозгора, Апостолите од огромен ужас потполно го изгубија присуството на духот и страотно исплашени паднаа на земјата.

А кога тие испопаѓаа ничкум, славата Господова и пророците со неа се сокрија од нив. Господ пак, пристапувајќи им на учениците кои лежеа на земјата, се допре до нив и им рече:

„Станете, не плашете се!“

И кога ги подигнаа своите очи, учениците не видоа никого освен Исуса. Започна да осамнува и тие започнаа да се симнуваат од гората а Господ им заповеда никому да не кажуваат што виделе, се додека Он после страдањата и смртта не воскресне во третиот ден од гробот. И тие замолкнаа и никому не му објавија ништо во тие дни, од она што го видоа.

СЛОВО НА ПРЕОБРАЖЕНИЕ ГОСПОДОВО

Дејствието на Преображението Господово доволно го опишаа не само светите Евангелисти, туку и учителите на Црквата опширно го изложија во многубројните беседи, посветени на овој празик. Во нив тие го објаснуваат и значењето на празниот, Кредлагајќи на тој начин обилна духовна трпеза за христијаните. И нам, кои ги имаме при рака тие поуки и зборови на Отците на Црквата, кои целосно ни ја објаснуваат смислата на Преображението Христово, не ни преостанува ништо друго, освен внимателно да го слушаме подготвеното учење и да се насладуваме на духовната трпеза, полна со богомудри мисли. Но, не ќе биде бескорисно ако ние, користејќи се со поуките на учителите на Црквата, споиме во едно извесни делови од нивните толкувања, како парчиња леб на трпеза, и ги предложиме во вид на објаснување на празникот, за оние кои го сакаат тоа.

Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и брат му Јован, и ги изведе на висока гора сами, и се преобрази пред нив (Матеј 17, 1-2). Зошто Христос Спасителот, сакајќи пред Своето доброволно страдање и смрт делумно да им ја покаже на учениците Свои славата на Божеството Свое, не ги поведе на гората Тавор сите ученици? Затоа што меѓу нив се наоѓал и Јуда, недостојниот на тоа Божествено видение. Така свети Теофилакт мисли за тоа, велејќи:

„Господ Христос не ги поведе со Себе дванаесетте ученици, бидејќи Јуда беше недостоен со своите предавнички очи да го види Преображението Христово“.

Прекрасно пее и свети Дамаскин:

„Нечестивите нема да ја видат славата Твоја, Христе Боже“.

Но, зарем било невозможно недостојниот Јуда да го остави под гората, а останатите достојни Апостоли да ги поведе на гората? Се разбира дека тоа било потполно возможно за Господа: но нашиот долготрпелив Господ, покривајќи ги гревовите на сите луѓе, не сакал да ја изобличи недостојноста на Јуда, ниту да му даде повод за поголемо зло, како што се вели во Светото Писмо: „Не изобличувај ги злите, за да не те намразат“ (Изреки 9, 8). Зашто ако Господ Исус ги поведеше со Себе сите апостоли а го оставеше само Јуда, тогаш Јуда би се исполнил со гнев и омраза, не само спрема Господа, туку и спрема сите Апостоли и би можел да има некакво извинување за својата предавничка злоба, па да каже:

„Го предадов Исус, бидејќи ме презираше“,

Такво е мислењето на блажениот Теофилакт, кој вели:

„Ако Христос го оставел под гората само Јуда, а останатите ги повел со Себе, тогаш некои би можеле да Му речат дека токму тоа го ранило срцето на Јуда и го поттикнало да Го предаде својот Господ“.

Не им позавидел ли Јуда на тројцата апостоли, земени на гората) Не им позавидел, зашто знаел дека отишле на сеноќна молитва, како што пишува светиот евангелист Лука: „Ги зеде Петар, и Јован, и Јаков, и отиде на гората да се помоли на Бога“ (Лука 9, 28). Јуда пак бил мрзлив и сакал цела ноќ да спие под гората и да почива. Мрзливиот и дремливиот не се грижи за подвизите на верата.

А зошто Господ не зеде со Себе повеќе од тројца ученици на гората? За да се исполни она што е речено во книгата „Повторување на Законот“: „На зборовите на двајца или тројца сведоци се донесува секое решение“ (5 Мојсеј 19, 15). Земајќи со Себе тројца апостоли, Господ Христос сакал да земе и двајца пророци, Мојсеј и Илија, тие да бидат сведоци на живите и мртвите, за тоа дека Он - Синот Божји, е испратен од Бога Отна за спасението на светот, и покажан со глас од небото. Но, зошто присуствуваат тројца Апостоли, кога за сведоштво се доволни двајца мажи - двајца пророци? Мојсеј е повикан од мртвите, за на мртвите држани во адот да им посведочи за доаѓањето на Христос во светот. Илија пак, за да му каже на Енох во рајот, 4 тројцата апостоли, за на сите во поднебесјето да им проповедаат за славата Негова, славата како Единороден од Отецот, полн со благодат и вистина (Јован 1, 14). И повторно: Бидејќи не ви ги покажавме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос, според вешто измислени приказни, туку како оние кои самите сме Го виделе величието Негово. Бидејќи Он прими од Бога Отца чест и слава, кога кон Него дојде таков глас: „Овој е Мојот возубен Син, Кој е по Мојата волја“. И тој глас, ние го слушнавме како дојде од небото, кога бевме со Него на светата гора (2 Петар 1, 1618).

На Господа, Кој во Своето Преображение на Тавор стана предмет за побожно восхитување за ангелите и луѓето, Му беше доволно само тројца од живите на земјата да ја видат славата Негова, и да бидат нејзини сведоци. Бидејќи тие тројца апостоли во очите Негови беа повредни од сите народи и племиња. Дека еден праведник има пред Бога неспоредливо поголема вредност отколку безброј многу грешници, тоа Самиот Господ јасно го покажал во Стариот Завет: сакајќи со силата на Својата моќ да го исплаши фараонот египетски, Он му нареди на Мојсеј да оди кај фараонот и да му каже дека кај него го испратил Бог, во три лица: Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов. Но, како фараонот, како цар на толку градови и толку голем народ, можел да се исплаши од Бога, Кој изјавува дека Господ е само тројца луѓе? И нели било срамно да се објави пред царот на толку голема земја, дека Оној што го испраќа Мојсеј владее само над тројца луѓе? Нели било посоодветно Мојсеј, за да го исплаши суровото срце на фараонот, да изјави дека го испратил Бог, Кој царува над сите земји во поднебесјето, Кој владее над сите царства во вселената? Меѓутоа Господ не сакал да постапи така, туку сакал да се прослави пред фараонот како Господ само на тројца Свои слуги. Зошто? Несомнено затоа што тие тројца, угодувајќи Му на Бога и грижејќи се само за небесното богатство, станале во очите Божји повредни од сите царства и племиња на земјата. Затоа, вели Апостолот, Бог не се срами да се нарекува нивен Бог (Евр. 11, 16). Како да вели: „Зошто ти, фараоне, се гордееш со големината на своето царство и мноштвото потчинети градови и народи? Јас имам тројца такви слуги, од кои ниту со еден не може да се спореди твоето царство: Јас сум Бог на Авраам, Исак и Јаков, и не се срамам од тоа“.

Тоа го зборува и свети Златоуст, размислувајќи: „Богот на вселената не се срами да се нарекува Себе си Бог на тројца луѓе, и со право, зашто светителите ги надминуваат сите со својата вредност: подобар е еден кој ја твори волјата Божја, отколку десетици илјади беззаконици“. Тројцата Апостоли беа земени на Тавор да ја видат славата Божја, бидејќи сиот свет не беше достоен на нив (Евр. 11, 38).

Поради што Господ не зеде со Себе други апостоли, туку токму Петар, Јаков и Јован? Свети Златоуст и други Отци на Црквата даваат доволен одговор на ова прашање. Ние пак, имајќи ги на ум трите неопходни доблести за спасението: верата, надежта и љубота, ќе кажеме: Господ ги зеде со Себе овие тројца апостоли затоа што во нив од самиот почеток се исполнувале трите споменати доблести. Во Петар верата, зашто тој пред сите исповедаше дека Христос е Синот на Живиот Бог (Мат. 16, 16), а потоа Самиот Господ му рече: „Јас се молев за тебе, твојата вера да не престане“ (Лк. 22, 32); во Јаков надежта, зашто тој прв од дванаесетте Апостоли беше должен да ја приклони под мечот својата глава заради надежта Израилева; во Јован љубовта, зашто тој беше прв во љубовта Христова и наречен син на Пречиста Дева Богородица (Јн. 19, 26-27). Поради тоа подоцна свети апостол Павле овие тројца свети Апостоли ги нарекува столбови (Гал. 2, 9). А свети Златоуст во пофалбата на овие тројца Апостоли го додаде и ова: „Големи и прекрасни столбови, кои сите ги прославуваат, зашто тие први со верата, надежта и љубовта ја утврдија првата Црква“.

Освен тоа, овие тројца Апостоли со себе изобразуваа три чина на најдобрите угодници Божји, кои се подостојни од другите да го гледаат Христос во Неговата небесна слава: чинот на богољупците, чинот на мачениците и чинот на девствениците. Свети апостол Петар ги претставуваше богољупците, зашто тој, според сведоштвото на свети Златоуст, поусрдно од другите Го убеше Христос. А колку човекот во временскиот живот Го љуби Христос, толку во вечниот живот ќе биде љубен од Христос и ќе се насладува со гледањето на лицето Негово, како што Самиот рекол: „Јас ги љубам оние кои Мене ме љубат“ (Изреки 8, 17). И повторно: „Кој ме љуби Мене, возљубен ќе биде од мојот Отец; и Јас ќе го возљубам и ќе му се јавам Сам“ (Јован 14, 21). Свети Јаков го претставува чинот на мачениците, не само оние кои требаше крвта своја да ја пролијат за Христос, туку и оние кои без проливање на својата крв, секој ден Христа ради го умираат гревот, распнувајќи го телото со страстите и желбите (Гл. 5, 24). Јаков значи попречувач, борец, победник: а тоа не може да се биде без страдања. Затоа секој кој се бори со искушенијата кои му доаѓаат од невидливиот враг и кој ги совладува и победува своите страсти со секојдневното умртвување, слично на Јаков, е маченик и силен борец, иако не ја пролива својата крв. И според своите напори и страдања во таа борба околу одбивањето, совладувањето и победувањето на искушенијата, тој ќе се прослави со Христос како победник. Свети Јован Девственикот го претставува чинот на оние кои ја чуваат чистотата на телото и духот, на кои им се дава исклучителна благодат да Го видат Бога во слава, според зборовите на Самиот Господ: блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога (Мт. 5, 8). Господ, значи, земајќи ги со Себе Петар, Јаков и Јован на Тавор, да ја видат славата на Неговото Преображение, покажува дека оној кој сака да живее со Него во Царството Небесно и да се насладува со гледањето на лицето Негово, треба да ги подражава Петар во љубовта, Јаков во мачеништвото и Јован во чистотата, односно треба според своите сили да ги подражава угодниците Божји, кои имаа пламена љубов кон Бога и секојдневно се умртвуваа себе си и се истакнаа како маченици, не со проливање на својата крв, и се сочуваа чисти од секоја нечистотија на телото и духот, очистувајќи се себе си со вистинско покајание.

Зошто Господ Своите тројца ученици ги води за молитва на висока гора, а не заминува со нив на некое рамно место? За приближувајќи ги од земните низини кон небесните висини, на таинствен начин да им даде поука на сите, дека оние што сакаат да се удостојат на небесни откривања и гледање на славата Божја, треба да ја остават низинската, земна пристрасност, и да ги сакаат и бараат висинските небесни богатства. Така зборува блажениот Теофилакт: „Господ ги одведе на висока гора, покажувајќи со тоа дека кој нема да се издигне над земното, не е достоен да види небесни откривања“. Прекрасно поучува свети апостол Павле, говорејќи: „Барајте го она што е горе, каде што Христос седи оддесно на Бога; мислете за небесното, а не на земното, зашто вие умревте а вашиот живот е сокриен со Христос во Бога (Кол. 3, 1-3). Кој оди во долини не може да гледа далеку, а кој ќе се качи на висока гора лесно гледа далечни пространства. Кој се грижи само за овој живот, како може да ги сфати богатствата на идниот живот? А кој се искачува на гората на богомислието, тој го познава и гледа со умот како со очите, дури и она што е над небесата. Лазачите што лазат по земјата, и животните што живеат на земјата не можат да гледаат во сонцето. Така и умот човечки, потопен во земната таштина, никако не може да ја види славата Христова и да се озари со светлината на благодатта Негова. Подигни го умот свој, човеку, од земното кон небесното, од сегашното кон идното, од пристрасноста кон низинското, кон желбата за висинското, па тогаш ќе дознаеш колку е добар Богот Израилев, колку е сладок сладчајши Исус, колку е прекрасна љубовта Негова и ќе се насладиш со божествени откровенија Негови“.

Господ ги води Своите ученици, не на ниска, туку на висока гора. Поради што? Да ги научи на богомислие, а заедно со тоа и на трудољубие. Вистината на гората е слика на богомислието, а искачувањето на гората, укажување на трудот. Добро е умот да се вознесува кон Бога, но не треба да се остава ни трудот. Добрите дела се постигнуваат со труд. Умот Го гледа Бога, а трудот го води кон боговидение. Умот му се покорува на Христос, слушајќи ги заповедите Негови, а трудот го носи јаремот Христов, одејќи по стапките Негови. Богомислието се насладува на внатрешното гледање на Христос, а трудоњубието ги свртува врз себе очите Христови: види го моето смирение и мојот труд, рекол псалмопевецот (Псалми 24, 18). А да бидеш гледан од Христос, не е помало богатство, отколку да Го гледаш Христос. Обете доблести, богомислието и трудоњубието, му се неопходни на оној што сака да ги достигне небесните блага и радости, како крилјата на птиците. Птицата не може со едно крило да лета во воздухот, ниту пак човекот може со едната од овие две доблести да успее кон врвот на совршеното спасение. Без трудоубивиот живот нема дејство, и трудоњубието без богомислието не користи многу. Со две крилја секоја птица лета добро: со двете доблести, богомислието и трудољубието, секој се искачува на мислениот Тавор, вечно да ја гледа славата Божја, но на почетокот се искачува со трудолубието, зашто тоа му претходи на богомислието и боговидението. Светите Апостоли зедоа на себе труд, искачувајќи се на високата гора да ја видат славата на Преображението Господово. Кој може да се надева дека без труд ќе се удостои да се насладува на гледање на лицето Божјо?

Зошто Господ ги качи на гората само Петар, Јаков и Јован, а не го поведе народот кој одеше по Него и останатите Апостоли? За оние кои сакаат да бидат во богомислие и да се насладуваат на боговидение, да ги научи да бараат осаменост и безмолвие, молитвено тихување. Само тројца Апостоли беа изведени на безмолвно место, зашто врвот на гората беше како пустина, ненаселена од луѓе, за во осаменост и тишина појасно да им се открие славата Господова.

Во вревата и метежот Господ не се открива Себе си онака како во осамената тишина. Пророкот Илија Го виде Бога со својот ум, кога, стоејќи пред царот Израилски Ахав и расправајќи се со него, вели:

„Се колнам во живиот Господ, Бог Израилев, пред Кого стојам!“ (ЗЦарства 17, 1). Односно со телото стојам пред тебе, а со умот стојам пред мојот Бог. Со телесните очи те гледам тебе а со очите на умот Бога.

Но, пророкот Илија неспоредливо појасно Го гледа својот Господ во пустинската осаменост на гората Кармил, каде и се удостојува на сладок разговор со Бога и откривање Негово, не само со умот туку и на видлив начин. Навистина, возможно е и среде вревата житејска понекогаш да се изнесува умот свој кон Бога, но не така лесно како во тивката осаменост. Зашто таму има толку многу препреки, а овде тишина и мир. Не зборува залудно самиот Господ: „Станете (односно повлечете се од вревата) и познајте дека Јас сум Бог“ (Пс. 45, 11); познајте Ме, вели, со вашите богомислени умови, колку Сум милосрден! Колку сомилостен! Колку љубов имам за оние кои Ме љубат, и колку брзо Ме наоѓаат оние кои Ме бараат! Познајте ме и брзо ќе Ме најдете, ако само ја отфрлите суетата и се повлечете од животната врева. Сознавајќи го тоа, многумина бегаа од многуметежниот свет во пустинската тишина, одеа во горите и провалиите земски, за во осаменост да Му се посветат на Бога, насладувајќи се на радостите од општењето со Него. Како што пее свети Дамаскин: „Пустиниците кои се надвор од суетниот свет, непрестајно чезнеат за Бога!“ Да ја побараме тајната и во ова: Зошто Господ ги изведе Своите ученици на гората не дење, туку при настапувањето на ноќта? Затоа што ноќта е попогодна од денот за богомислена молитва. Ноќе сета вселена молчи и ништо не се гледа освен небото украсено со ѕвездите, кое со самата своја убавина ги влече кон себе и очите и умот човечки. Господ ги води учениците Свои на Тавор, за ноќе да ја видат славата Негова, за и сите нас да не научи за време на молитвата да не мислиме за ништо земно, туку со сето срце да се стремиме кон небесното. Некогаш царот Давид пророчки запеа, покажувајќи на кој начин ќе им се открие на луѓето познанието на Божествените тајни. Да обрнеме внимание, кој е тој учител што открива божествени работи? „Ноќ на ноќта и открива знаење“, вели царот псалмопевец (Пс. 17, 3). Ноќта навистина е таков учител, кој ги учи на познание Божјо луѓето кои во овој краткотраен живот се како во ноќна темнина и седат во сенката на смртта. „Ако, вели свети Кирил, ноќе погледнеш во небото, чии безбројни звезди светат како свеќи и размислиш како луѓето кои цел ден трчкарале, ноќе за време на спиењето со ништо не се разликуваат од мртовците, ти ќе се згадиш на сите човечки безочности“. Еве ја значи науката која што ни ја дава ноќта. Он не учи да ја познаеме таштината на житејските грижи и дрските богопротивни дела и да се гнасиме од нив. Сите кои што живеат на земјата, ноќе се слични на мртовците. И се што се гледа дење, ноќе се покрива со темнина, како погребано од неа, Прекрасните палати и градби се како гробници. Прекрасните дрвја, бавчи, градини, се како страшила. Златото, среброто, скапоцените камења во ноќната темнина со ништо не се разликуваат од бакарот, железото и простиот камен, зашто нивната убавина и вредност не се забележуваат. Ништо не може ноќе да ги весели човечките очи, зашто се е покриено со темнина. Единствено се гледа небото, накитено со звезди како скапоцени бисери и тоа ги весели очите кои гледаат во него. Тука се огледува Божествената мудрост. Ноќта на таинствен начин не учи на богоугодување. Си се осамил ли, човеку, во тишина на молитва со трудоњубив подвиг и започнуваш да се искачуваш со умот на гората на богомислието, за твоите очи сите земни работи нека бидат онакви какви што ти изгледаат ноќе. Сите богатства на овој свет, кои ни носат привремени задоволства, презирај ги и гнаси се од нив, зашто се мрачни, покриени со сенката на смртта, и во себе не содржат никаква вистинска наслада. Твојот ум нека ги созерцава небесните блага, па ќе ти се открие светлината на благодатта Божја, и ќе се исполниш со духовна радост од слаткото богогледање.

Зошто Господ ги води Своите ученици на гората Тавор, а не на некоја друга гора, за да им ја покаже славата на Своето Преображение? Тавор во превод од еврејски значи палата, чистота и светлина. Затоа Господ ги искачува учениците на Тавор а не на друго место, за со самиот назив на гората да им даде поука за тоа, дека оние што сакаат да ја видат славата Господова, пред се треба да имаат совест, слична на палатата на чистотата, достојно да ја примаат во себе светоста на благодатта Божја. Да си го спомнеме овде и древниот настан што се случил на Тавор. Кога војсководачот на хананската војска Сисар дојде да ги уништи Израилците, израилскиот предводник Варак излезе најпрвин на Тавор и таму ја собра Израилската војска, па се симна оттаму и го нападна непријателот, и целосно ја уништи хананската војска, така што и самиот Сисар загина (Судии 4, 2-24). Овој древен настан Господ таинствено го повтори во Своето Преображение: со намера да го победи адскиот Сисар, Он најпрвин се искачи на Тавор за оттаму, откако ќе се вооружи со пројавената сила на Божеството како со оклоп, да удри врз ѓаволот и да го победи. За тоа и се водел разговор на Тавор: „тие зборуваа за Неговото заминување“ (Лука 9, 31). Ова е упатство и за христијанинот кој сака да го победи невидливиот непријател и да ја сотре неговата гревовна сила. Тој првин треба да се искачи на Тавор со чистотата на срцето, со вистинско покајание да ја очисти својата совест и да се преобрази од лошиот живот во доблесниот, да се облече во оклопот на правдата и да го земе „сето оружје Божјо“ (Еф. 6, 13), - тогаш лесно ќе ја сотре вражјата сила.

Господ, откако се искачи на гората со учениците Свои, „се преобрази пред нив“ (Мт. 17, 2). Овие зборови „пред нив“ евангелистот ги напишал со цел да ја разјасни тајната дека Христос не се преобразил ради Себе, откако заблескал со лицето како сонце, зашто просветлување не И е потребно на Светлината која нема никаква темнина во себе и која е „сјај на славата Очева“ (сп. Евр. 1, 3), туку Он се преобразил заради нас, да ја просвети нашата темнина и да не преобрази од слуги на гревот во вистински Свои слуги, и од синови на гневот во возлБубени синови на Бога. Зашто сета намера Христова и цел на намерата Негова беше да не направи деца Божји. Поради тоа Он се воплоти од Пречиста Дева, поради тоа Он зеде „обличје на слуга“, поради тоа Он се најде како човек (Флп. 2, 7) и со какви се слугински трудови Он ни послужи нам за пропаднатиот образ Божји во нас да се обнови како во синови на небесниот Отец. Некогаш Мојсеј Му зборуваше на Господа: Светилиштето Твое, Господи, создадено со рацете Твои! (2 Мојс. 15, 17).

Да обрнеме внимание на овие зборови „рацете Твои ја подготвија“, не вели: рацете човечки по Твоја наредба ја подготвија, туку: Ти Самиот си се трудел со рацете Свои. Мојсеј го рекол тоа за да укаже на преголемото трудење на Господа за човекот: што се Господ не направил и не прави заради човекот? Поради човекот Он ги створил небото и земјата, морињата и реките, и се што е во нив и на нив. Поради човекот Он дење и ноќе со небесни светила го осветлува сето поднебесје, поради човекот Он испраќа дожд, роса, снег. Поради човекот Он бива земјоделец и градинар, сади и одгледува, за човекот да не оскудева во ништо. Размислувајќи за тоа, свети Кирил Ерусалимски вели:

„Спасителот наш, на секого засебно му бива на корист. На оној што му е потребно веселба, Он му станува лозар. На оној што сака да влезе, Он му станува врата. На оној што сака да принесе молитва, Он му станува посредник и архиереј. И повторно на оние кои имаат грев, Он им станува Јагне за да биде заклан за нас, и на сите им стана се, останувајќи неизменлив во истоста на Својата природа“.

Така нам грешните на најразлични начини ни служи нашиот Господ, Кој за Себе зборува: „Синот човечки не дошол да Му служат, туку да служи“ (Мт. 20, 28).

Он прави се за наше добро, без да бара нешто за Себе, за да не приведе во познание на добрата, кои нам непрекинато ни ги врши, за исполнети со благодарност да се преобразиме од грешници во праведници, и од светолупци во богоњупци. И на Тавор Он се преобрази заради нас, за да не увери за небесната слава, подготвена за нас. Он ќе го преобрази и нашето понижено тело, при општото воскресение да биде еднакво на телото на славата Негова (сп. Флп. 3, 21) во бесконечното Царство Негово, подготвено од „постанокот на светот“ (Мт. 25, 34) за оние кои Го њубат. Со нив и сите нас нека не удостои со Своето милосрдие на благодатта на гледање на лицето Негово, Богот и Господ наш, Христос Човекољубецот, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ТЕОКТИСТ,

епископот Черниговски

Во своето епископство свети Теоктист се подвизувал како монах во Киево-Печерскиот манастир и толку се прославил со своите подвизи, што по смртта на игуменот Јован, во 1103-та година, бил избран на негово место. Од сите ценет и почитуан, тој во 1113 година бил ракоположен за епископ Черниговски. Како епископ многу работел на уредувањето на храмовите Божји и на духовното просветување на својата паства. Се преставил во почетокот на дванаесеттиот век.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК АВАКУМ

Овој свет преподобен новомаченик пострада за Господа Христа во големиот град Солун, на слава и пофалба на православните христијани. Пострада на 6 август, во 1628 година.