20. Август  (7. Август)

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ДОМЕНТИЈ

и двајцата негови ученици

Свети Доментиј е роден во Персија како незнабожец, во времето на царот Константин Велики (305-337 г). Во христијанската вера го поучил некој христијанин Авар. Доментиј го остави незнабоштвото и роднините и отиде во краевите на грчката држава, кај градот Нисивија. Тука стапи во еден манастир, прими свето крштение, се замонаши и го минуваше секој подвиг на испосничкиот живот. Но, со клевета на завидливиот и лукав демон, го намразија некои монаси во тој манастир, та мораше да побегне оттаму и отиде во манастирот на светите маченици Сергиј и Евнух, во градот Теодосиопол. Тука го подражаваше доблесниот живот на игуменот и архимандрит Уврел, за кого се вели дека шеесет години не каснал ништо варено, спиел многу малку и тоа стоејќи потпрен на својот жезол. Архимандритот Уврел го постави преподобниот Доментиј за ѓакон, но кога сакаше да го принуди и во чинот на свештеник, тој побегна во една пуста гора и таму живееше во Бога, трпејќи ги летните горештини, зимските мразеви и други непогоди. Потоа се насели во една пештера, вршејќи многу чудеса со името Христово. Ги исцелуваше оние кои доаѓаа кај него и од идолопоклоничката заблуда ги приведуваше кон верата Христова. А кога во тие краеви наиде царот Јулијан Богоотстапник (361-363 г), тој дозна се за свети Дометиј и нареди да го затрупаат со камења. Оние што беа испратеНИ да го извршат злосторството го затекнаа светиот отец со двајца Ученици, како во девет часот го врши потребното богослужение, па ги нападнаа и ги убија со камења. Така заврши богоугодниот живот на преподобниот Дометиј со неговите двајца ученици. И тројцата добија венци на мачеништвото.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ МАРИН и АСТЕРИЈ

Во времето на незнабожните цареви Валеријан и неговиот син Галиен, во Рим живееше еден угледен и доблесен сенатор на име Астериј, христијанин по вера. Тој беше знамени и добар човек и ја уживаше љубовта на царот. Во времето на лутите гонења против христијаните, Астериј беспрекорно ја чуваше својата побожност и ни најмалку не ја сокриваше својата вера во Господ Христос. Еднаш додека се наоѓаше во пределите на Палестина, Астериј дојде во градот Кесарија Филипова, нарекуван Панеада. Во тој град, преполн со идолопоклоници, имаше обичај да се празнува еден незнабожечки празник крај Врела, кој извира од гората Панеас, од каде што тече реката Јордан. Жртвите принесувани на демонот на тој празник стануваа невидливи, зашто демонот кој живееше таму ја земаше жртвата и ја сокриваше од очите, и заслепените во заблудата ја прославуваа таа демонска измама како големо чудо. А слугата Христов, Астериј, додека го гледаше ова незнабожечко празнување се сожали на заслепеноста на душите и со заблуда измамениот народ, па ги подигна очите и рацете кон небото, и со вера се помоли на Христа Бога да го избрка оттаму демонот. И во тој час демонот беше прогонет со силата Божја и престана лажното демонско чудо. Сега сите со свои очи ја гледаа жртвата, која не се сокри како порано. Кога престана чудото престана и празнувањето, зашто незнабошците повеќе не се собираа кај Врела. Така верата и молитвата на свети Астериј го исчистија тоа место од демонската нечистотија.

Страдањето на свети Астериј за Христа се случи по промисла Божја на следниот начин. Во другата Кесарија, Палестинската, имаше еден војник Марин, угледен по потекло и богат со имот, но уште поугледен со верата во Христос и побогат со добрите дела, Другарите војници го повикаа Марин да го заземе местото на капетан, кое остана празно по смртта на дотогашниот капетан. И кога Марин се подготвуваше да го заземе тоа место, некој друг војник, завидувајќи му на Марин и сакајќи самиот да ја добие таа функција, отиде кај судијата, кој се викаше Ахеос, и го наклевети дека е христијанин и не сака да им принесува жртви на боговите. Притоа додаде дека според римските закони таков човек не може да заземе толку угледна функција. Судијата веднаш го повика Марин и го праша од која вера е. Кога од неговата уста слушна дека е христијанин, му даде три часа време да размисли што ќе одбере - животот или смртта.

Во тоа време епископот на Кесарија Палестинска Теотекн дојде кај исповедникот Христов, го фати за рака и го внесе во црквата, зборувајќи му душекорисни поуки. Потоа го внесе во светиот олтар, ца покажувајќи му со раката кон Светото Евангелие и на војничкиот меч со кој беше опашан Марин, му рече:

- Од овие две работи, добар јунаку, одбери една. Или да го носиш овој меч и да му служиш на земниот цар привремено, па после смртта да добиеш вечна гибел, или да станеш војник на небесниот Цар и за пресветото име Негово, напишано во оваа книга, да ја положиш душата, па да царуваш со Него во бесконечните векови.

Свети Марин веднаш ја испружи десната рака кон Светото Евангелие, го целиваше со пламена љубов и изјави дека е готов на смрт за Христос. Тогаш епископот му рече:

- Приљуби се со сета своја душа кон Бога, па поткрепен со Неговата сила прими го она што си го избрал.

Потоа го отпушти со мир.

Кога светителот излегуваше од црквата, гласникот веќе стоеше на портите на судот и почна силно да вика, повикувајќи го Марин по име, бидејќи беа изминале три часа. Кога влезе во судницата тој уште побестрашно од порано изјави дека е христијанин, гласно славејќи го Христовото име и кудејќи го идолопоклонството. Затоа судијата го осуди на смрт. И светиот маченик Марин беше изведен надвор од градот И таму обезглавен. На неговата маченичка смрт беше присутен свети Астериј, кој по промисла Божја во тоа време стигна до тој град. Кога ја виде маченичката смрт на свети Марин, тој ја симна од себе горната скапоцена облека, ја посла на земјата, ги положи врз неа чесното мачениково тело и главата, ги завитка во неа, ги стави на своите плеќи и ги однесе, та чесно ги погреба. Поради тоа и самиот се удостои на маченичкиот венец. Незнабошците го фатија и му ја отсекоа главата. Така свети Астериј заедно со свети Марин застана пред небесниот Цар Христос, во ликот на светите маченици.

Ова се случи за време на царувањето на Галиен, кој по смртта на својот татко Валеријан царуваше сам. Неговиот татко беше казнет од гневот Божји, затоа што проли многу христијанска крв. Во војната со Персијците тој беше заробен од персискиот цар Сапор, бидејќи Персијците ги победија Римјаните. И беше одведен во Персија, каде му служеше на царот Сапор како подножје, кога Сапор го јавнувал коњот. И беше невозможно да се откупи Валеријан од срамното ропство, зашто Сапор не сакал да го даде за никакви пари, задоволен од славата што стапнува врз плеќите и вратот на римскиот цар. По долгото исмевање со Валеријан, персискиот цар нареди пред целиот народ да му ја одерат кожата и да го посипаат со сол. Така злиот загина во зло уште во овој живот, отпочнувајќи ги своите вечни маки. Ваквата смрт на Валеријан го исплаши неговиот син Галиен. Тој во тоа ја препозна казната Божја за душманското проливање на христијанската крв, па издаде заповед во сите области на Римското Царство да престане гонењето на христијаните и епископите слободно да управуваат со своите цркви. Но, пред таа заповед да стигне во Кесарија Палестинска, свети Марин и Астериј примија маченичка смрт и влегоа во радоста на својот Господ и наш Владар Исус Христос, Кој царува со Отецот и Светиот Дух.

ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ОР

Во Тиваида Египетска, на Нитриската Гора, имаше еден чудесен подвижник на име Ор, кој основа многу манастири во кои имаше до илјада браќа монаси. Тој им беше духовен водач и

наставник. Неговиот изглед беше ангелски. Кога имаше деведесет години неговото тело не беше изгубило ништо. Лицето му беше многу светло и свежо и од првиот поглед влеваше почитување спрема него. Руфин, кој го посети, вели дека тој во својата облека личел на ангел Божји. Деведесетолетен старец со долга брада како снег бела, со многу пријатна надворешност, а неговиот поглед светлел со нешто натчовечко.

Најпрвин преподобниот долго време се подвизувал сам во далечната пустина. Потоа, со наредба Божја се пресели во соседната пустина и таму основа манастир. Со своите сопствени раце засади шума, бидејќи таму немаше дрва, па така израсна густа шума. Го стори тоа, за браќата кои ќе започнат да се собираат околу него да не одат далеку по дрва. Воопшто, тој во секој поглед се грижел за браќата, молејќи се на Бога и трудејќи се за нивното спасение, за тие да не оскудеваат во ништо и да немаат никаков изговор за мрзливост. А додека живеел сам во далечната пустина, ава Ор се хранел таму со трева и благи корења, пиел вода кога ќе најдел и сето време го минувал во молитви и славословија. А кога достигна длабока старост му се јави на сон ангел Господов и му рече:

„Ти ќе бидеш опкружен со многу луѓе, и многу луѓе ќе бидат доверени на твоето раководство, и илјадници ќе се спасат со твоја помош. Оние што ќе ги стекнеш овде ќе ти се покоруваат и во идниот живот. Ни најмалку не сомневај се како ќе се грижиш за толку многу луѓе. Нема да оскудеваш за ништо, секогаш кога ќе Го повикаш Бога“.

Тогаш ава Ор отиде во соседната пустина, си направи колибичка и живееше во неа најпрвин сам, хранејќи се со разни треви, и тоа еднаш во неделата. Порано бил неписмен, но по излегувањето од пустината во населено место му беше дадена благодат од Бога, та напамет го знаел Светото Писмо. Кога браќата ќе му донесеа Библија, тој ја читаше како писмен. Тој доби и друга благодат, благодатта да истерува бесови. Така многу од бесомачните гласно раскажувале за неговото житие, иако тој не го сакал тоа. И многу други исцеленија вршеше тој со благодатта Христова. Затоа околу него се собраа три илјади монаси. На сите тој прерадосно им служеше. Со своите сопствени раце им ги миеше нозете а потоа им даваше поуки. Во Светото Писмо беше многу искусен, бидејќи оваа благодат ја прими од Бога. Откако на браќата ќе им објаснеше многу глави од Светото Писмо и ќе им го предадеше православното учење за верата, тој ги поттикнуваше на молитва. Зашто и кај големите луѓе е обичај да не пристапуваат на телесна храна пред да ја нахранат својата душа со духовна. А таа храна е примањето на Телото Христово. По Причеста и принесената благодарност на Бога, ава Ор веднаш ги повикувал браќата на трпезата, а самиот секогаш за време на ручекот им давал на браќата важни совети и им зборувал за спасението.

Ава Ор се славеше многу меѓу отците и поради тоа што за еден ден подигал ќелии за многу монаси, кои што доаѓале кај него. Ги собирал сите присутни браќа, та едни правеле кал, други тули, трети влечеле вода, четврти сечеле дрва... И кога ќелиите биле готови, тој им ги давал на дојдените и веднаш ги снабдувал со сите останати потреби. Еднаш кај преподобниот Ор дојде еден непознат лажлив инок, кој претходно ја сокри својата облека и се појави пред отецот полугол, молејќи го да му даде облека. Ава Ор го искара пред сите за лагата и ја изнесе неговата сокриена облека. Оттогаш никој не смеел да лаже пред него, зашто сите знаеле каква благодат на доблести има тој, стекната со својот долгогодишен свет живот, Многу монаси, додека биле со него во црквата, личеле на хорови ангели, кои Го слават Бога. Еднаш за поука на браќата, ава Ор го раскажа следново; „Видов во пустината еден маж, кој три години не вкуси ништо од земна храна, туку ангел Господов му носеше секој трети ден небесна храна, која во исто време му ја заменуваше и водата. Но, знам меѓу монасите и таков човек, на кој му беа дошле ѓаволи во облик на небесни војници и ангелски чинови, покажувајќи му огнена кочија во која се наоѓал некаков цар, опкружен со слава. Тој цар му рекол на инокот: „Ти, човеку, си ги исполнил сите доблести. Сега треба уште мене да ми се поклониш, па како Илија ќе те земам на огнена кочија и ќе те вознесам од земјата“.

На ваквите зборови инокот се замислил:

„Што значи ова? Јас постојано Му се поклонувам на мојот Спасител, Кој е мој Цар, и ако овој што сега го гледам е мојот Спасител, не би барал од мене да Му се поклонам, бидејќи знае дека јас секогаш Му се поклонувам“. По таквото размислување, инокот си рекол: „Јас го имам својот Цар, на Кого непрестајно Му се поклонувам. Ти не си мој цар!“

Во тој миг исчезнаа сите ѓаволи со својот цар и огнените кочии“.

Сето ова свети Ор им го раскажуваше на браќата како за некој друг, меѓутоа многумина од нив добро знаеја дека тоа се случило со него.

За преподобниот отец Ор постои следната повест, која се однесува на периодот од неговиот живот кога имал само еден ученик.

Една година, на пресветлиот празник Воскресение Христово, ој ученик му рече на својот учител: - Знаеш ли, оче, дека сега е Пасха, па треба и ние да ја отпразнуваме како што ја празнуваат сите?

Старецот одговори:

- Да, чедо, јас сум заборавил дека сега е Пасха.

И откако излезе од ќелијата, преподобниот Ор застана под отвореното небо, ги крена рацете, остана во таа положба три дена неподвижно, со сиот ум потонат во Бога. По три дена дојде кај ученикот и му рече:

- Ете, чедо, јас според својата моќ ја отпразнував Пасха.

Ученикот праша:

- А што правеше, аво?

Старецот одговори:

- Чедо, за монахот е празник и Пасха, неговиот ум да минува покрај вревата на овој свет, како Израилот со ненаквасени нозе по морето, и да се соедини со Бога. Инокот кој бега од видливите работи се приближува до невидливиот Бог, а оној кој се врзува за предмети, се оддалечува од невидливот Бог.

Откако изведе на вистинскиот пат на спасението не само многу монаси туку и огромно мноштво мирјани, преподобниот отец Ор се престави кај Господа во небесните живеалишта и се приклучи кон ликот на големите преподобни отци, кои стојат пред престолот на Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бога, Кому слава за навек. Амин.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПИМЕН МНОГУНАПАТЕНИОТ

Пред да пристапиме на повеста за блажениот Пимен, ќе го задржиме нашето внимание на неговото големо јунаштво во страдањата, за со тоа да се научиме дека страдањата треба јуначки да ги поднесуваме, и дека силата Божја целосно се покажува во немоќите (сп. 2 Кор. 12, 9).

Блажениот Пимен се роди на светот веќе болен. Тој и порасна како болен. Но, таа телесна болест не даде во него место за душевната болест. Остана чист од секој порок и го сочува девството од мајчината утроба. Многу пати се обраќаше со молба до своите родители да го дадат во манастир, да се постриже во монах, но тие од голема љубов кон него му бранеа, сакајќи по нивната смрт да им биде наследник. Еднаш, по промисла Божја, блажениот Пимен толку изнемоште, што немаше надеж за оздравување. Таа неволја ги натера неговите родители да го однесат во Печерскиот манастир и да ги замолат тамошните преподобни отци да се молат за исцеление на нивниот син. Но, усрдните молитви на преподобните отци не му донесоа исцеление на болниот, зашто неговата молитва беше посилна од нивната. Тој за себе молеше од Бога да му ја влоши болеста, бидејќи се плашеше ако оздрави родителите да не го одвлечат од манастирот и да му пропадне желбата за монашење. Но, бидејќи таткото и мајката постојано седеа покрај него и не му даваа да се замонаши, блажениот Пимен многу се натажи и започна усрдно да Го моли Бога, да му ја исполни желбата на било кој начин. И една ноќ, додека сите спиеја, кај него влегоа светли ангели, некои во обличје на прекрасни момчиња а некои во обличје на игумени и браќа, носејќи во рацете свеќи, Свето Евангелие, власеница, мандија и се останато потребно за постриг, и го прашаа:

- Сакаш ли ние да те замонашиме?

Блажениот со радост одговори:

- Да, сакам. Господа мои, ве молам исполнете ја желбата на моето срце.

Ангелите веднаш започнаа да поставуваат прашања и да прават се според прописот на чинот на монашкиот постриг. Така го потстрижаа во големиот ангелски образ, го облекоа и му го дадоа името Пимен. Кога според обичајот му дадоа запалена свеќа, тие му рекоа:

- Оваа свеќа нема да згасне во текот на четириесет дена и ноќи.

Уште му претскажаа дека ќе боледува до смртта и дека пред самата смрт ќе оздрави.

Потоа, откако го целиваа ги зедоа во убрус неговите коси, па отидоа во црквата и ги положија на гробот на преподобниот Теодосиј. Иноците од блиските ќелии, штом го слушнаа пеењето ги разбудија останатите, мислејќи дека или игуменот со некој од браќата го потстрижува болниот, или пак дека болниот веќе се преставил, и сите заедно отидоа во ќелијата каде лежеше блажениот. Таму ги затекнаа таткото, мајката и слугите како спијат и ги разбудија. Притоа монасите почувствуваа прекрасен мирис, со кој беше исполнета ќелијата, а болниот го видоа преполн со радост и облечен во монашка облека. Браќата го прашаа:

- Кој те пострижа? Какво беше тоа пеење што го слушавме овде? Како твоите родители не го слушнале, иако се покрај тебе?

- Тврдам, - одговори болниот, - дека игуменот кој дојде со браќата ме пострижа и ми го даде името Пимен. Тие тоа и го пееја како што слушнавте. Тие и оваа свеќа што ја гледате ми ја дадоа и рекоа дека таа постојано ќе гори во текот на четириесет дена и ноќи. Потоа ги ставија моите коси во убрус и отидоа со него во црквата.

Браќата веднаш побрзаа во црквата, но ја најдоа заклучена. Затоа ги разбудија црковниците и ги прашаа дали некој влегувал по вечерната молитва. Тие рекоа дека не влегол никој, бидејќи и самите клучеви се наоѓаат кај еклесиархот. Тогаш го разбудија, ги зедоа клучевите кои тој ги немаше давано на никого, ниту пак самиот со некого влегувал во црквата. Така влегоа. Таму на гробот на преподобниот Теодосиј навистина го најдоа убрусот со косата. Потоа го известија игуменот за се. Тој многу се восхити и внимателно истражуваше кој би можел да го постриже блажениот Пимен, но не дозна. Тогаш на сите им стана јасно дека постригот, по наредба Божја, го извршиле свети Ангели. Долго размислуваа игуменот и браќата за чудесниот постриг, дали блажениот да го сметаат како пострижан според уставот, и дојдоа до заклучок да не го повторуваат, бидејќи имаа јасни докази за вистински извршен постриг над него. Иноците навистина ги најдоа, како што блажениот Пимен рече, неговите коси на гробот на преподобниот Теодосиј и свеќата за која беше доволен еден ден за да изгори, а гореше четриесет дена и ноќи непрекинато. Затоа, рекоа:

- На братот Пимен му се доволни од Бога даруваните образ и име.

- Но, сепак, кажи ни, - запраша игуменот кога дојде со книгата за постригот, - како изгледаа оние што те пострижаа и не пропуштија ли нешто од напишаното во оваа книга?

На тоа блажениот Пимен му рече:

- Зошто ме искушуваш, оче? Ти самиот дојде овде со своите браќа и изврши над мене се што е пропишано во оваа книга. Притоа уште ми рече дека цел живот ќе страдам од болеста и дури пред смртта ќе се ослободам од неа, за да бидам во состојба да го носам својот смртен одар. Туку моли се за мене, свети оче, Господ да ми подари трпение.

Кога го слушнаа тоа, тие го оставија.

Блажениот Пимен, како што претскажаа оние што го потстрижаа, лежеше многу години во многу тешката и одвратна болест. Од неа се гнасеа и оние кои му прислужуваа, па често го оставаа и по два три дена гладен и жеден. Но, сето тоа тој со радост го трпеше и за се Му благодареше на Бога.

Се случи некако еден болен, кој боледувал од истата болест како и преподобниот Пимен, да биде донесен во Печерскиот манастир и да биде потстрижан. А браќата одредени за служење на болните го внесоа кај блажениот Пимен, за на обајцата да им служат заедно и подеднакво. Но, тие беа немарни кон својата должност и често ги забораваа овие двајца, та тие изнемоштуваа од жед. Тогаш блажениот Пимен му рече на болниот кој што лежеше со него:

- Брате, бидејќи оние што ни прислужуваат се гнасат од нас поради смрдеата, би сакал ли ти да ја примиш таа должност, ако Господ те исцели?

Болниот му вети на преподобниот дека усрдно ќе им служи на болните до самата смрт.

Тогаш блажениот Пимен му рече:

- Еве, Господ ја тргна од тебе болеста твоја, и ти, откако ќе станеш здрав, исполни го своето ветување. Служи ми мене и на сличните на мене. А на оние кои неодговорно ја вршат оваа должност, Господ ќе им прати тешка болест, за така казнети да можат да се спасат.

Болниот веднаш стана и започна да му служи на преподобниот, а оние неодговорните ги снајде тешка болест. Но, исцелениот брат кратко му служеше на преподобниот Пимен. И нему му досади смрдеата и го остави да се мачи гладен и жеден. Си замина и се насели во друга ќелија. Но, ненадејно доби висока темптература и немајќи сила да се подигне, три дена се мачеше од жед и најпосле започна да вика за помош:

- Смилувајте се на мене заради Бога, зашто умирам од жед.

Браќата од најблиската ќелија дојдоа и кога ја видоа неговата тешка болест го известија блажениот Пимен дека братот кој му служеше умира.

Преподобниот одговори:

- Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее (Гал. 6, 7). Тој мене ме остави гладен и жеден, па и самиот го доживеа тоа, лажејќи Го Бога и презирајќи ја мојата ништовност. Но, ние сме научени да не враќаме зло за зло. Затоа одете и кажете му: Те вика Пимен. Стани и оди кај него.

Кога браката му ја соопштија на болниот пораката од блажениот, тој веднаш оздраве и отиде кај него без ничија помош. Блажениот долго го советуваше, зборувајќи му:

- Маловерниче, ете сега си здрав. Внимавај, не греши повторно. Не знаеш ли дека ќе имаат подеднаква награда и болниот и оној кој му служи? Трпењето на страдалниот нема да остане без плод. Оние кои овде трпат кратковремени неволји и тага, за нив ќе има радост и веселба онаму каде што нема ни тага, ни жалост, ни воздишки, туку живот бесконечен. Затоа, брате, јас трпам се. А Бог, Кој преку мене те исцели тебе од твојата болест, може и мене да ме подигне од овој одар, но јас не сакам. Зашто Господ рекол: „Кој ќе претрпи до крај, тој ќе биде спасен“ (Матеј 10, 22). Подобро ми е во овој живот да изгнијам сиот, за во оној моето тело да биде негнилежно. Подобро ми е овде да трпам смрдеа, за таму да се насладувам на неискажлив благомирис. Прекрасно е, брате, црковното богослужење во светло, чисто и свето место, каде е богоугодно и слатко со невидливите Ангелски Сили да Му се принесуваат молитви на Бога. Затоа и црквата се нарекува „земно небо“, и оној кој стои во неа се смета дека стои на небото. А што е оваа мрачна и смрдлива ќелија, ако не пред судот - суд и пред бесконечните маки - мака? Но, оној што со благодарност трпи овде, со право ќе може да рече: „Грпеливо Го чекав Господа, И Он ме слушна“ (Пе. 39, 2). Тешејќи ги таквите страдалници, Апостолот вели: „Ако трпите казна, Бог со вас постапува како со синови, Ако пак останете без казна, тогаш сте деца незаконски а не синови“ (Евр. 12,7.8). И Самиот Господ не поучува кога вели: „Со трпение спасувајте ги душите свои“ (Лука 21, 19).

Добро поучен со оваа поука на блажениот, братот оттогаш неотстапно му служеше. А пак јуначкиот страдалник и вистински подржувач на праведниот Јов, свети Пимен, лежеше на болничкиот одар дваесет години, непрестајно благодарејќи Му на Бога. А кога дојде време за неговото преставување, во Печерскиот манастир се јави знамение. Над трпезаријата ноќе се појавија три огнени столба, кои потоа преминаа на врвот од црквата. Единствено Господ го знае вистинското значење на ова знамение. Но, тоа сигурно го означува и тоа дека Троичниот Бог, Кој Своите ангели ги прави духови, и огнен пламен на Своите слуги (Пс. 103, 4), веќе испратил ангели Свои по душата на многунапатениот Пимен, како што беше испратил по Лазаревата. Зашто во тој ден Многунапатениот ненадејно оздраве и зборуваше дека дошло време за неговото заминување, како што претскажаа оние што го потстрижаа. Тој стана, ги посети сите ќелии, на сите им се поклони и бараше прошка од нив. А на болните монаси им рече:

- Браќа и пријатели мои! Станете да ме испратите.

И веднаш според неговите зборови болеста отстапи од нив и тие потполно здрави тргнаа по него. Тој влезе во црквата и се причести со Божествените Тајни. И потоа го зеде својот погребен одар и го однесе, иако никој не му го покажуваше патот кон пештерата, во која дотогаш никогаш не бил, ниту некогаш ја видел. Кога влезе во неа се поклони на гробот на преподобниот Антониј и го посочи местото каде сака да биде погребан. Потоа откри чудна тајна, укажувајќи на гробовите на некои од браќата, кои лежеа во близина.

- Овде, - рече тој, - оваа година вие погребавте два брата. Едниот без схима а другиот во схима. Оној што го положивте без схима ќе го најдете во схима, зашто многу пати сакал да се потстриже во неа, но постојано одложувал. Но, бидејќи покажал дела достојни на тој образ, Господ после смртта му дарува схима. А другиот брат, кого го положивте во схима, ќе го најдете без схима, зашто тој за време на животот не ја сакал, нити покажал дела достојни на неа, туку зборувал: „Кога ќе видите дека заминувам од овој живот и веќе умирам, тогаш пострижете ме во схима“. Тој не се сеќавал на оној што рекол: Мртвите нема да Те слават, Господи, ниту оние што слегуваат во адот, туку ние живите ќе Го благословуваме Господа отсега и засекогаш“ (Пс. 113, 25-26). Затоа и беше одземена од него благодатта на схимата и дадена на оној што покажа дела достојни за неа: „Зашто на секој што има (добри дела) ќе му се даде и преумножи. А од оној што нема (добри дела) ќе се одземе од него и она што го има“ (Матеј 25, 29; Лука 8, 18). Третиот брат, продолжи свети Пимен, овде е положен пред многу години и сиот изгнил, но схимата негова останала целосна. Таа се чува за негова осуда и изобличување, зашто вршел дела недостојни на образот на схимата, сиот свој живот го поминал во мрзливост и грешни дела, не сеќавајќи се на зборовите Господови: „На кого многу му е дадено, многу и ќе се бара од него“ (Лука 12, 48). Постригот во схима ништо не им користи на оние што не вршат добри дела, зашто добрите дела избавуваат од вечните маки.

Откако ја откри оваа тајна, преподобниот отец Пимен им рече на браќата:

- Еве, оние што ме потстрижаа дојдоа да ме земат.

И веднаш легна и заспа во Господа. Браќата со голема чест го положија на од него посоченото место во пештерата. А кога ги откопаа гробовите, чија тајна им ја откри преподобниот, тие најдоа тројца црнорисци: двајца неодамна починати, од кои оној што бил погребан со схима сега беше без неа, а схимата се наоѓаше врз оној што беше погребан без неа. А третиот брат, кој одамна беше умрел, го најдоа потполно гнил, само схимата му беше целосна. И сите многу се восхитуваа на неискажаниот суд Божји, кој му дава на секого според делата негови. На Бога Му доликува слава, чест и моќ, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ НИКАНОР ЧУДОТВОРЕЦОТ

Заблескал на Калистратовата Гора. Откако го победи светот и неговите сласти, преподобниот Никанор всушност ја однесе најдобрата победа. Се упокои мирно во Господа, во 1519 година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК НАРКИС,

патријархот Ерусалимски

Обезглавен е во времето на царот Антонин во 213 година, во 116та година од својот живот. Никифор Калист за овој свети Наркис пишува: „Една година на Велика Сабота снемало зејтин во кандилата. Тогаш свети Наркис наредил да му донесат вода. Откако се помолил и ја благословил водата, светецот ја претворил во зејтин“ .

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ДОМЕТИЈ ЗНАМЕНОСЕЦОТ

Се подвизувал на Света Гора во атарот на манастирот Филотеев. Бил „центар на благодатта“ и голем чудотворец. Се упокоил во мир после долгиот подвижнички живот. За свој ученик го имал преподобномаченикот Дамјан, чиј спомен е под 14 февруари.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ИПЕРЕХИЈ

Во мир се преставил.

ПОМЕН НА СВЕТАТА ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦА ПОТАМИЈА ЧУДОТВОРКАТА

Пострада за Господа со обезглавување.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СОЗОНТ

Свети Созонт е од Никомидија. Беше фрлен во оган и од него излезе неповреден. Се престави во мир.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ТЕОДОСИЈ НОВИ,

лекарот

Живеел во втората половина на деветиот век. Се упокоил во мир. Житието му го напишал Никола Малаксос, свештеник од Навплија (Пелопонез).

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ НАШИ ОТЦИ ДЕСЕТ ИЛЈАДИ ПОДВИЖНИЦИ ТИВЕЈСКИ

Овие десет илјади свети подвижници Тивејски во мир се упокоија.