21. Август (8. Август)
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК СПАСО РАДОВИШКИ (АНАСТАСИЈ)
Нашиот македонски новомаченик свети Анастасиј е роден во Радовиш, во Струмичката епархија. Родителите од мал го воспитуваа во духот на Христовата вера. Кога порасна го дадоа на занает во Солун. На дваесетгодишна возраст турците започнаа да го присилуваат да го прими исламот.
Анастасиј тоа одлучно го одбиваше. Три пати беше изведуван на суд, наговаран и присилуван да се одрече од Господ Христос и да ја прими мухамеданската вера, но тој не сакаше да го стори тоа. Потоа беше одведен пред највисокиот турски судија, кој се обидуваше со подароци да го убеди христијанското момче да го прифати исламот, но тоа со презир одби. Затоа го подложија на мачење. Жестоко го тепаа, во темница го фрлија, во тешки окови го оковаа, рацете и нозете му ги ставија во клада, а под нозете му забиваа остри игли. За време на мачењето повторно беше убедуван да се откаже од Христа и да го прими мухамеданството, но светиот страдалник, непоколеблив во верата православна, јуначки го одбиваше тоа и велеше:
„Јас сум христијанин и нема да се одречам од својата вера!“
Така измачен, градоначалникот го испрати на бесилка надвор од градот. Воден на губилиштето, сиот искинат и измачен, и од голема истоштеност, свети Анастасиј (Спасо) падна на патот и ја предаде својата душа на Господа. Имаше само дваесет години.
Тоа се случи на 11 септември / 29 август 1794 година.
По молитвите на нашиот македонски маченик за верата Христова, свети Спасо Радовишки, Господ Бог да не помилува и спаси сите нас. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ТРИЈАНДАФИЛ
Светиот новомаченик Тријандафил беше родум од Загора, по занимање морнар. Беше младо, простодушно момче, на коешто љубовта Христова му беше помила од светот и животот. Животот го даде, но Христа не го изневери. За верата Христова пострада од турците во Цариград, во 1680 година, во својата осумнаесетта година од животот.
По неговите молитви Господ Христос да не помилува сите нас. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЕМИЛИЈАН ИСПОВЕДНИКОТ,
епископот Кизички
Исповедникот Христов, епископот Кизички! Емилијан, бидејќи за својот аскетски живот се удостои на архиерејството, претрпе многу страдања за време на опакиот иконоборен цар Лав 3ти Исавријанец. Многу пати присилуван да се одрече од почитувањето на чесните и свети Икони, свети Емилијан остана непоколеблив и верен на учењето на светите Отци“. Поради тоа претрпе од еретиците многу маки, прогонства и заточенија. Сето тоа со радост го поднесуваше, со надеж дека за привремените страдања ќе добие вечни богатства. И така, поднесувајќи многу злоставувања и понижувања заради Христа, свети Емилијан се упокои во Господа, украсен со венецот на исповедништвото“. Служба му напишал преподобниот Теофан Нацртаниот, а отпечатена служба му издаде епископот Кизички Никодим, во 1876 година во Цариград.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ МИРОН ЧУДОТВОРЕЦОТ,
епископот Критски
Свети Мирон се роди и воспита во градот Авракија на островот Крит. Беше оженет и се занимаваше со земјоделие, при што од потта на своето лице го јадеше лебот свој, а и на сиромашните им раздаваше од плодовите земни. И беа благословени од Бога неговите трудови. Колку повеќе раздаваше од својот берикет, толку Бог повеќе му даваше. Сомилоста и милосрдноста на свети Мирон спрема сиромашните беше натчовечка. Еднаш тој на своето гумно затекна крадци како крадат жито и веќе толку ги беа наполниле вреќите, што не можеа да ги подигнат од земјата, а тој, наместо да им подвикне и да им запрети со казна, со свои раце им помогна да ги стават вреќите на плеќите, па уште им запрети никому да не зборуваат за тоа. Поради таквиот свој доблесен живот, свети Мирон беше произведен за презвитер во црквата Божја. Како презвитер тој ревносно ја поучуваше својата паства на свет христијански живот, а во времето на гонењето од страна на незнабожниот цар Декиј ги бодреше на маченички подвизи. Кога Декиј загина и гонењето престана, свети Мирон беше поставен на епископскиот престол и стана епископ Критски. Како епископ тој востанови празнување на светите Маченици кои пострадале за Христа во време на гонењата, а правеше и многу чудеса и други прекрасни дела. Меѓу останатото, светиот епископ го запре текот на реката, наречена Тритон. На негова заповед реката застана и тој ја премина, и таа не потече по својот тек додека светителот не се врати и не ја премина повторно. Кога си дојде во својот дом, тој испрати некои луѓе со неговиот жезол, наредувајќи ѝ на реката повторно да потече во своето корито. Кога испратените стигнаа до реката, со жезолот на светителот ја разматија водата, ѝ ја кажаа наредбата на реката и таа веднаш бучно потече во своето поранешно корито. И многу други такви и поголеми чудеса правеше блажениот Мирон, минувајќи го времето на својот живот богоугодно и свето, па се престави кај Господа во старост од сто години.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ГОРМИЗДАС
Гормиздас беше велможа на дворот на персискиот цар Издегерд. Бидејќи не сакаше да се одрече од Христа, царот му ги одзеде чинот и имотот и го испрати да чува добиток. Се надеваше царот дека Гормиздас набрзо ќе зажали и ќе им се поклони на идолите, но се излажа. Светиот спокојно го чуваше добитокот и ја чуваше својата вера. Затоа царот го подложи на страшни маки, со кои успеа само да го измачи неговото тело, но не и да го промени духот негов. Најпосле свети Гормиздас беше убиен во 418-та година, веднаш по страдањето на светиот епископ Авда. Пострада на земјата и се прослави на небото.
ПРАЗНУВАЊЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА во чест на јавувањето на Нејзината чудотворна икона наречена ТОЛГСКА
Во 1314 година, во времето на митрополитот Киевски и на цела Русија свети Петар?, и благоверниот јарославски кнез Давид Теодорович, епископот ростовски и јарославски Прохор, според други Трифун, обиколувајќи ја својата епархија дојде во Кирило-Белоезерскиот манастир и од таму го продолжи патот по вода на чамец, најпрвин по Волгината притока Шексин, а потоа по самата Волга до градот Јарослав. Кога тој со својата придружба беше во близина на Јарослав, започна да се стемнува и за да преноќат отидоа на брегот под гората, која беше на истата страна со градот. Се качија на гората и распнаа шатор. Ова нивно преноќевалиште се наоѓаше токму спрема сливот на притоката Толга во Волга. Целата таа страна беше под огромна шума. Ноќевајќи тука, епископот се разбуди на полноќ и забележа некаква светлина. Стана брзо, зирна низ шаторот и виде дека спијат сите негови сопатници: свештениците, клириците, слугите, па дури и стражарите. Но, огромна светлина го осветлуваше сиот тој крај. Свртувајќи се кон реката, епископот здогледа од другата страна на реката огнен столб, кој неискажано блескаше. Виде и мост преку Волга до тој столб. Тој со ужас се чудеше на оваа појава, па откако се помоли на Бога, го зеде својот архиерејски жезол, излезе од шаторот и сам се упати кон реката. Назгази на мостот кој го гледаше, но всушност одеше по водата како по дрвен мост, иако на тоа место никогаш немало мост, туку по Божја наредба водата се згустила под неговите нозе. Кога премина на спротивната страна и се приближи до огнениот столб, епископот здогледа икона на Пресвета Богородица со Младенецот, нашиот Господ Исус Христос, на рацете. Иконата не стоеше на дрво, туку во воздухот, пет лакти над земјата, така што човек не можеше да ја дофати со рацете. И започна епископот топло да се моли, поклонувајќи и се на таа света Икона и лиејќи солзи. По долгата молитва тргна назад, но го заборави својот жезол на местото каде што се молеше. И повторно ја премина реката како по мост и влезе во својот шатор. Сите спиеја и никој не знаеше за неговото одење на другата страна на Волга. Утредента по обичај отслужија утрена. Кога пред тргнување кон чамците слугите започнаа да го бараат жезолот на архиерејот и не го најдоа, му рекоа дека не знаат каде е, бидејќи синоќа го оставиле во шаторот. Тогаш тој се сети дека го заборавил од другата страна на реката и му стана јасно дека Господ сака да го обелодени споменатото чудо. Но, бидејќи од солзите не можеше ни збор да прогови, тој започна да покажува со прстот кон онаа страна на Волга. Потоа, одвај зборувајќи од возбуда, епископот им раскажа по ред што виде и што му се случи, и нареди да преминат на другата страна на Волга и да го земат жезолот од местото кое им го посочи со прстот. Слугите отидоа и, барајќи го жезолот ја најдоа онаа икона на Пресвета Богородица, но не во воздухот, туку како стои меѓу дрвјата на земјата а жезолот беше во нејзина близина. Слугите се поклонија на светата Икона, го зедоа жезолот, се вратија и му раскажаа на архиерејот што видоа.
Тогаш тој го одложи својот пат на некое време, па сите ја преминаа Волга. Кога ја виде иконата на Пресвета Богородица сфати дека е истата икона што синоќа ја виде во воздухот, опкружена со пресветол огнен столб. Радувајќи се и веселејќи се со духот, архиерејот усрдно ѝ се поклонуваше на светата Икона и топло со солзи се молеше и со љубов ја целиваше. И сите со него се радуваа и плачеа, и принесуваа метанија и молитви пред неа.
Ова чудесно јавување на иконата на Пресвета Богородица се случи на осми август, на денот на свети Емилијан, епископот Кизички. Епископот Прохор веднаш започна да ја расчистува шумата каде што се јави светата Икона и да подготвува дрвена граѓа за црква. Тој ден до пладне го положија темелот на малата црква. Гласот за тоа дојде до градот Јарослав и местото се наполни со народ: духовници и мирјани, стари и млади, богати и сиромашни, здрави и болни. И сите се радуваа на светата икона на Пресвета Богородица и се молеа пред неа. И секој се трудеше да помогне при градбата на црквата, која во истиот ден беше готова и приквечер епископот ја освети и ја внесе во неа чудотворната Икона. Изврши богослужба и ја посвети на Светото Воведение на Пресвета Богородица. Одреди и празнувањето на јавувањето на Нејзината икона да се извршува во осмиот ден на месец август. Тогаш сите присутни болни се исцелија со благодатта на Пречистата Богомајка. Епископот нареди при таа црква да има манастир и во тој ден постави игумен. Од тогаш на тоа место се основа обител, на почетокот мала, а со текот на времето голема и прекрасна. Таа обител, чувана од Бога, постои и денес под името Толгски манастир, наречена така затоа што се наоѓа на сливот на реката Толга во Волга.
Од денот на јавувањето на чудотворната икона на Пресвета Богородица започнаа да се случуваат многу чудеса, од кои овде ќе спомнеме само неколку од највпечатливите.
Во 1392 година, на 16 септември, во времето на игуменот Герман, кога свештеникот возгласи на утрената после деветтата песна „Богородицу и Матер свјета в пјеснех возвеличим“, ненадејно од десната рака од иконата на Пресвета Богородица истече миро и црквата се наполни со прекрасен мирис. Сите присутни во храмот го гледаа ова чудо со восхитување и страв и ги прославуваа Бога и Пречистата Мајка Божја. По утрената започнаа да служат молебен на Пресвета Богородица, и кога при крајот запеаја „Владичице, прими молитву рабов Својих“, тогаш од левата нога на Божествениот Младенец, држан во прегратките на Пресвета Богородица, исто така истече миро. На тој начин, пред очите на присутните во храмот имаше два извора на миро, чудесно точено од една Икона - од десната рака на Пресвета Богородица и од левата нога Христова. Игуменот и браќата многу се радуваа за ова преславно чудо и со солзи паѓаа пред чесната Икона, ги помазуваа своите чела со светото миро, кое беше многуцелебно и секој кој ќе се помазаше со него веднаш оздравуваше.
По извесно време од овој чудесен настан, еден велможа на име Никита беше испратен од великиот кнез од Москва во белоезерскиот крај. Кога тој со жената и послугата стигна во градот Јарослав, со чамец го продолжи патот по реката. Овој велможа имаше четиригодишен син единец. По пат детето се разболе и умре. Мртво го донесоа до Толгскиот манастир на Пресвета Богородица, за таму да го погребаат. Таткото и мајката плачеа пред чудотворната икона на Пресвета Богородица, лелекајќи неутешно, бидејќи немаа други деца. Откако го подготвија телото на своето синче за погреб, родителите започнаа да подготвуваат и се што е потребно за погребение. Така денот одмина. И кога по вообичаените молитви отпочна опелото, мртвото дете оживеа и воскликна. Сите се запрепастија и истовремено израдуваа. А особено родителите, прерадосни, едноставно не знаеја како достојно да Им заблагодарат на Господа и на Пречистата Мајка Негова, што повторно го гледаат своето чедо живо и здраво.
По неколку години, со допуштање Божјо, во една прилика во манастирот избувна голем пожар и толку брзо ја зафати црквата, што браќата не успеаја да ја отворат црковната врата и барем нешто да изнесат, та изгоре цела со се во неа. Сите со огромна тага мислеа дека и чудотворната Икона изгорела. Меѓутоа после пожарот, кога појдоа во шумата, близу манастирот ја најдоа светата Икона целосна и неповредена, осветлена со светлина. Сигурно не со човечки, туку со ангелски раце била изнесена од силниот оган. Браќата со радост ја зедоа и веднаш започнаа да градат нова црква, поголема од претходната, и прекрасно ја украсија. И сега може да се види прекрасната градба на црквата од камен и манастирските објекти. А благодатта на Пречиста Богородица и Приснодева Марија ни до денес не престанува да прави чудеса и како од извор да излева од Својата света икона исцеленија на најразлични болни, и да истерува нечисти духови од луѓето. Тие чудеса подробно се опишани во самата обител, а ние спомнавме накратко некои од Нив, прославувајќи Го Бога и Неговата Пречиста Мајка Дева Марија, со побожно поклонување на Нејзината чесна икона, која сите христијански генерации треба да ја почитуваат, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЕЛЕВТЕРИЈ, ЛЕОНИД
и Малите Дечиња
Овие свети маченици беа фрлени во оган за исповедањето на Христа. Така се упокоија. Нивниот спомен се врши во храмот Света Ирина во Цариград.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ТЕОДОСИЈ,
игуменот Оровски
Од рана младост го зеде на рамо крстот Господов и живееше по горите, пештерите и дупките, минувајќи го животот во молитви и строги подвизи. Потоа стана игумен на манастирот Оровски во Чесна Гора. Се принесе себе си на Бога како скапоцено миро и најпријатен темјан. Во некои Синаксари се нарекува Теодор.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ДВАЈЦА МАЧЕНИЦИ ТИРСКИ
Овие свети маченици пострадаа за Господа, влечени по земјата.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК СТИРАКИЈ
Се упокои за верата Христова, обезглавен со меч.
СПОМЕН НА НАШИТЕ ПРЕПОДОБНИ ОТЦИ ДЕСЕТ ПОДВИЖНИЦИ ЕГИПЕТСКИ
Светите Десет Подвижници Египетски во мир се преставија во Господа.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ И БОГОНОСЕН НАШ ОТЕЦ ГРИГОРИЈ СИНАИТ
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ГРИГОРИЈ,
иконописецот Печерски
Се подвизуваше во Киево-Печерската обител заедно со преподобниот Алимпиј. Неговите свети мошти почиваат во Антониевата пештера.
СПОМЕН НА ОСВЕТУВАЊЕТО НА ХРАМОТ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА во Ерусалим
СПОМЕН НА ОСВЕТУВАЊЕТО НА ХРАМОТ НА СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ ПЕТАР н ПАВЛЕ во времето на Лав Мудриот во Цариград