22. Август (9. Август)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ МАТИЈ
Свети апостол Матиј беше родум од Витлеем, од племето Јудино. Од рано детство се учел на книга и законот Божји во Ерусалим, кај свети Симеон Богопримец. Од него свети Матиј беше упатен и на секоја добродетел. И живееше богоугодно, одејќи по правиот пат на заповедите Господови. А кога нашиот Господ Исус Христос, по навршувањето на триесет години и по крштевањето од Јован се јави Себе си на светот, и откако собра ученици го проповедаше приближувањето на царството Божјо, и учејќи ги луѓето твореше многу знаменија и чудеса, тогаш Матиј, слушајќи ги проповедта и учењето Христово, и гледајќи ги чудесата Негови, се исполни со љубов кон Него, и откако се одрече од светот, го следеше со останатите ученици и народот, насладувајќи се на гледањето на лицето на овоплотениот Бог и слушањето на преслаткото учење Негово. А Господ, на Кого му се познати сите тајни на срцето човечко, гледајќи ја неговата усрдност и чиста совест, го избра не само за Свој ученик туку и за апостолска служба. На почетокот свети Матиј им припаѓаше на Седумдесетмината мали апостоли, за кои во Евангелието се вели: „Потоа Господ назначи и други седумдесет ученици и ги испрати пред Себе по двајца во секој град и село“ (Лука 10,1); а по доброволното страдање, воскресение и вознесение на нашиот Господ Исус Христос на небото, свети Матиј беше вброен во големите Апостоли. Всушност, кога отпадна Јуда од ликот на Дванаесетмината Апостоли и неговото место остана празно, врховниот апостол свети Петар на собирот на првите христијани стана и им се обрати за тоа дека местото на отпаднатиот и загинат Јуда треба да се потполни со избор на еден од оние кои беа со апостолите преку целото време на престојот на Господ Исус меѓу нив, за изборот на Дванаесетмината Апостоли, избран од Господа, да биде целосен и неизвалкан. „И поставија двајца, Јосиф, наречен Варнава, и Матиј, и откако се помолија на Бога рекоа: „Ти, Господи, Кој ги познаваш срцата на сите, покажи од овие двајца еден кого си го избрал, за да прими дел на оваа служба и на апостолството од кое отпадна Јуда. И фрлија ждрепка за нив, и ждрепката падна на Матиј; и тој се вброи кон Единаесетте Апостоли, како Дванаесетти“ (Д. А. 1, 23-26).
Овој избор наскоро беше потврден од Господа при испраќањето на Духот Свети во вид на огнени јазици: зашто Духот Свети слегна и врз свети Матеј како и врз останатите свети Апостоли, дарувајќи му подеднаква благодат со нив. По слегувањето на Светиот Дух апостолите фрлија ждрепка на која страна секој од нив да појде да го проповеда Евангелието. На свети Матиј му падна ждрепката тој да проповеда во Јудеја. И се трудеше во неа, посетувајќи градови и села и благовестејќи го јавеното спасение на светот. И како избран сад, тој го пронесе името Христово не само меѓу Јудејците туку и меѓу незнабошците. Зашто преданието ни зборува дека тој го проповедал Евангелието Христово и во Етиопија и многу маки претрпел таму: го влечеле по земја, го тепале, го мачеле на мачилишта, ребрата со железа му ги стругале, во оган го гореле; но крепен од Христа, тој сите тие мачења со радост ги примал и јуначки ги поднесувал.
Според некои кажувања свети Матиј го проповедал Евангелието Христово и во Македонија. Тука незнабожните елини го фатиле и му дале да испие некој отровен пијалок, од кој што се губел видот. Секој што ќе испиел таков отров, веднаш го губел видот. Меѓутоа свети апостол Матиј, испивајќи го во името Христово тој отров, остана неповреден. Па дури и ослепените, над двеста и педесет души од тој отров, тој ги исцели ставајќи ја раката врз нив и повикувајќи го името Христово. Не можејќи да го поднесе тоа, ѓаволот им се јави на незнабошците во вид на мало момче, наредувајќи да го убијат Матиј, бидејќи го уништува почитувањето на бесовите. А кога тие сакаа да го фатат, тој, иако одеше меѓу нив, стана невидлив и три дена го бараа, но не можеа да го најдат. Потоа светиот Апостол самиот им се јави и доброволно се предаде во нивни раце. Тие го оковаа и затворија во темница, каде му се јавија ѓаволи, бесно чкртајќи со забите кон него. Наредната ноќ му се јави Господ во огромна светлина, го утврди, го ослободи од оковите, му ја отвори вратата од темницата и го пушти на слобода. Кога осамна тој повторно застана меѓу народот и бестрашно Го проповедаше Христа. Но, некои со тврди срца, не веруваа на неговата проповед. Кога разбеснети сакаа со свои раце да го убијат, одеднаш се отвори земјата и ги проголта; оние што останаа се исплашија, се обратија кон Христа и се крстија.
Потоа светиот апостол повторно се врати во Јудеја и многу од синовите Израилеви обрати кон Господа Христа со својата проповед, знаменија и чудеса. Со името Христово тој на слепите им даваше вид, губави очистуваше, ѓаволи од луѓето истеруваше, на хромите им даваше од, на глувите слух, и починати во живот враќаше. Нарекувајќи го Мојсеј свет и поттикнувајќи на исполнување на законот што му беше даден на таблици, свети Матиј истовремено учеше за верата во Христос, Кого Мојсеј со знаменија и праслики однапред Го објави, Кого пророците Го претскажуваа, за Кого Бог Отецот испрати воплотување од Пречистата и Себеспрекорна Дева, за спасение на светот. При тоа свети Матиј им толкуваше дека сите пророштва за Христа веќе се исполниле со дојдениот Месија.
Во тоа време јудејски првосвештеник беше Анан, нечесник и хулител на името Христово и гонител на христијаните, по чија наредба и свети Јаков, братот Божји, беше фрлен од кровот на храмот и така погубен. И кога свети Матиј, минувајќи ја Галилеја Го проповедаше по зборниците еврејски Христа, Синот Божји, евреите, заслепените со неверие и злоба, гневно го фатија светиот Апостол и го доведоа во Ерусалим, кај споменатиот свештеник Анан. Првосвештеникот го свика Синедрионот и откако го изведе на суд Христовиот апостол, вака се обрати на тој собир:
„Знае овој собир, и целата вселена, каков прекор падна врз нашиот народ, и тоа не поради наша вина, туку поради расипаноста на некои, кои излегоа од нас, и поради ненаситното лакомство, или подобро речено насилништвото на римските управувачи. Недостојни се за спомнување основачите на новите ереси, кои илјадници луѓе измамија. Сами знаете колку луѓе изгинаа од римските војници. Изгинаа и измамници и измамени, на голем срам на нашиот род. Такви првенци беа Јуда Галилеецот и Тевда Волшебникот. Со нивното загинување исчезна и споменот за нив. Но, поголем од сите нив стана ересијархот Исус Назареецот: Он се нарекуваше себе си Син Божји и Бог, и многумина восхити со своите магиски знаменија и чудеса, привлекувајќи ги кон себе срцата и отфрлајќи ги државните закони. Но, прими осуда според законот на кој хулеше. И што да кажам? Знаеме дека на свети Мојсеј законот му беше даден од самиот Бог, дека го исполнуваа патријарсите и пророците, на кои Бог им даде да вршат чудеса, какви што Исус не можел да врши. Кој не знае дека Мојсеј разговарал со Бог како со човек? Кој не знае дека Илија на огнени кочии е земен во рајот? Кој не слушнал дека оживеал мртовец фрлен врз мртвите коски на Елисеј? И други светци Божји, колку чудеса сотворија, и ниту еден од нив не се дрзна да си припише за себе Божествена чест и да оснива нов завет, како што се дрзна Исус. Пророците, научени од Светиот Дух, зборуваа смирено: а Исус со гордост зборуваше Свои измислици и дојде до такво безумие, што и првосвештениците и кнезовите ги прекоруваше со срамни зборови, а книжниците и фарисеите ги нарекуваше лицемери. А кој од пророците се дрзна на такво нешто? Но, Он според Својата гордост доживеа заслужен крај, примајќи награда според делата Свои. О, да имавме среќа та неговиот спомен да исчезнеше со Него и учењето Негово да умреше со Него, никој да не воскреснува! Особено е жално и болно тоа што храмот Божји, Светиот Град и законите на отците се наоѓаат во римско ропство и нема ни сожалување, ни сомилост, ни избавување. Нас без вина не влечат по судови а ние трпиме. И што е најжално, галилејците не предаваат во рацете на римјаните, бесрамно обвинувајќи не нас и народот наш, за убиство на божем невиниот Исус. Подобро е тие малубројни галилејци да загинат, отколку ова свето место и сиот наш народ да биде уништен од римјаните, зашто од две зла, ако е невозможно да се одбегнат и двете, треба да се одбере полесно подносливото. Затоа и овој ученик Исусов, што стои пред нас, заслужува смрт. Но, најпрвин самиот нека размисли. Ние не му го скратуваме времето за размислување, ниту сакаме да загине, туку напротив, да се поправи. Нека одбере од двете едно: или да го следи законот даден од Бога преку Мојсеј и остане жив, или да се нарече христијанин и да умре“. Како одговор на тоа свети Матиј ги крена рацете и рече:
„Луѓе! Браќа! Мене не ми е потребно да зборувам многу за вината што ја фрлате врз мене, зашто да се биде христијанин за мене не е вина туку слава. Самиот Господ зборува преку пророкот дека во последните денови „слугите Свои ќе ги нарече со друго име“ (Ис. 65, 15).
Првосвештеникот Анин одговори: „Како не е вина да се отфрла светиот закон, да не се почитува Бог а да се слушаат волшебнички и бесмислени бајки?“
Свети Матиј одговори:
„Ако ме сослушате, јас ќе ви објаснам дека работите што ние ги проповедаме не се бајки и волшепства туку правата вистина, одамна веќе посведочена со законот“.
Бидејќи првосвештеникот се согласи да го сослуша, свети Матиј ја отвори својата апостолска уста и започна да ги толкува старозаветните праслики и пророштва за Исус Христос, како Бог им вети на праотците Авраам, Исак и Јаков, дека од нивното семе ќе се издигне таков Маж, во Кого ќе се благословат сите земни племиња, за што сведочи и Давид, говорејќи: „Ќе се благословат во Него сите племиња земни, и сите народи ќе Го величаат“ (Пс. 71,-17); како несогорлива капина го прасликуваше овоплотувањето Христово од Пречиста Дева (2Мојс. 3, 2) за Која и Исаија прорече: „Ете, девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му го дадат името Емануил“ (Ис. 7, 14), кое име значи: со нас е Бог. Мојсеј исто така јасно претскажува за Христа, говорејќи: „Господ, Твојот Бог ќе ти издигне пророк од браќата твои, како мене, - Него слушајте го“ (5 Мојс, 18, 15), Истиот Мојсеј дава праслика на доброволното страдање Спасово, подигнувајќи на дрво змија во пустината, за што и Исаија зборува: „Како јагне Он беше одведен на колење“ (Ис. 53, 7); и ќе биде ставен меѓу злосторници“ (Ис. 53, 12). Пророкот Јона, кој неповреден излезе од утробата на китот, стана праобраз на тридневното воскресение Господово.
Ова опширно објаснување на свети Матиј од старозаветните книги за Христа Исуса многу го разјарија првосвештеникот Анан, и тој не дотрпе туку налутено му рече:
- Така ли се осмелуваш да го напаѓаш законот? Зарем не ти се познати зборовите од Светото Писмо: „Ако се појави меѓу вас пророк, или човек што има сновиденија, и ти покаже знамение или чудо, и ако се оствари тоа знамение или чудо, за кое тој ти говорел, па потоа ти рече: Да одиме да служиме на други богови, кои ти не ги познаваш, и ним да им служиме... И тој пророк или човек што имал сновиденија, да биде осуден на смрт“ (5.Мојс. 13, 1-2.5).
Свети Матиј одговори:
„Овој, за Кого зборувам, не е само пророк туку и Господ на пророците и Бог, и Син Божји, за што сведочат вистинските чудеса Негови. Затоа Јас верувам во Него, и се надевам дека ќе останам непоколеблив во исповедањето на пресветото име Негово“.
Првосвештеникот го праша:
„Ако ти се даде време за размислување, дали ќе се покаеш?“
Светителот одговори:
„Не дај Боже да отстапам од вистината, која веќе сум ја пронашол. Јас од срце верувам и со уста исповедам, дека од вас отфрлениот и на смрт предадениот Исус Назареецот е Син Божји, рамен, соприроден и совечен со Отецот, а јас сум слуга Негов“.
Тогаш првосвештеникот, затворајќи ги своите уши и чкртајќи со забите, започна да вика:
„Богохули! Богохули!“ Па додаде: „Нека го сослуша законот!“ И веднаш ја отворија книгата на законот и го прочитаа местото каде стои напишано: „Секој што ќе похули на својот Бог, ќе го прими својот грев; а оној што ќе го навреди името Господово, треба да умре, со камења да го убие сиот народ Израилски“ (сп. 3ЗМојс. 24, 15-16). Кога ова место беше прочитано, првосвештеникот му рече на Христовиот апостол:
„Твоите зборови сведочат против тебе; нека крвта твоја падне на главата твоја“.
Откако го рече тоа, првосвештеникот го осуди апостолот Христов на смрт со каменување. И го поведоа свети Матиј на погубување. Кога стигнаа на местото наречено Ветласкил, односно дом на убиените со камења, свети Матиј им рече на јудејците што го водеа:
„Лицемери, добро вели за вас пророкот Давид: се нафрлија на душата на праведниот и крв невина осудуваат“ (Псалми 93, 21). И пророкот Езекил зборува за таквите луѓе, дека тие ги убиваат душите кои не би требало да умрат“ (Езек. 13, 19).
По овие зборови на апостолот Христов, двајца сведоци, според прописите на законот, ги положија своите раце на неговата глава и посведочија дека тој хулел на Бога, на законот и на Мојсеј. И тие први фрлија камен по него. При тоа светиот Апостол ги замоли тие два први камења фрлени по него да ги погребаат со него, како сведоци за неговите страдања за Христа. Потоа и останатите започнаа да фрлаат камења по него и го затрупаа. А тој ги подигна своите раце кон небото и го предаде својот дух на Господа. Но, беззаконите Јудејци на мачењето му додадоа и потсмевање. На маченикот кој веќе беше мртов, тие според римскиот обичај, со секира му ја отсекоа главата, умилкувајќи им се на Римјаните, како апостолот Христов да бил противник на кесарот.
Така свети апостол Матиј, подвизувајќи се со добар подвиг, го заврши својот живот. Верните го зедоа неговото тело и чесно го погребаа, славејќи Го нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЈУЛИЈАН, МАРКИЈАН
и останатите кои пострадале со нив за светите Икони кај Бакарните порти во Цариград
Кога на престолот на грчкото царство стапи звероимениот цар Лав Исавријанец, нарекуван и Конон, тој крена гонење против Црквата Божја, воведувајќи нова иконоборна ерес, нарекувајќи ги светите икони Божји идоли, а оние кои им се поклонуваат идолопоклоници. Тој нареди насекаде од храмовите Божји и од домовите, и воопшто од сите човечки живеалишта, да се исфрлаат светите Икони, да се уништуваат и спалуваат. Оние што не ја делеа неговата еретичка заблуда ги испраќаше на заточение во најдалечните краеви на царството, или ги подложуваше на страшни маки и смрт. Во почетокот на гонењето тој со бесчестење и тепање го избрка од престолот пресветиот цариградски патријарх Герман, затоа што му се противел, а на негово место го доведе својот истомисленик, еретикот Анастасиј.
Во тоа време многу побожни христијани, кои и се спротивставуваа на ереста стануваа маченици, за какви што ќе стане збор и овде. Нивното страдање отпочна од следнава причина. Во Цариград уште во времето на Константин Велики постоела капија, наречена Бакарна. Над таа капија од дамнина се наоѓаше икона на Спасителот, исто така бакарна. Нечестивиот цар и патријархот наредија таа икона да се симне. Беше поставена скала и по неа започна да се качува еден од војниците, царев мечоносец. Тоа ги вознемири луѓето што се беа насобрале таму, та некои, понесени од ревност за верата, ја соборија скалата заедно со војникот, кого и на смрт го предадоа. Штом дозна за тоа, царот ненадејно испрати против овој православен народ војници, кои со своите мечеви убија многу мажи и жени, стари и млади, чиј број само Господ го знае. А најугледните меѓу нив, кои ги фатија живи, се викаа Јулијан, Маркијан, Јован, Јаков, Алексиј, Димитриј, Фока, Петар и Леонтиј. Откако бездушно ги претепаа со стапови, ги фрлија во темница. Ги држеа во неа осумдесет дена и жестоко ги тепаа, така што на секого од нив секојдневно му удираа по петстотини стапови. Но, светите маченици, крепени со силата Христова, јуначки трпеа без да ја губат телесната сила, Кога го виде тоа, мачителот нареди лицата да им ги изгорат со вжештено железо, па потоа да ги изведат на плоштадот и со меч да ги убијат. Така Светите го завршија своето страдање. Заедно со нив, за почитувањето на светите Икони беше обезглавена и една од познатите жени на име Марија Патриција. Телата на светите маченици беа фрлени во морето. Кога беа фатени овие свети маченици, со нив беше фатена и преподобната монахиња Теодосија, обвинета за истиот престап, зашто и таа учествувала во соборувањето на лествицата. Преподобната Теодосија прими маченички венец пред овие свети маченици. Нејзиниот спомен се празнува на 29 мај. Под тој ден е и нејзиното житие. Сите свети маченици, кои пострадаа за таа чесна Спасова икона, заедно застанаа пред нашиот Господ Христос, Богот наш, Кому слава за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АНТОНИЈ
Светиот маченик Антониј беше родум од градот Александрија. Како христијанин водеше богоугоден живот и Изведел пред незнабожечкиот кнез бестрашно ја изјави својата вера во Христа. Беше мачен, тепан и струган, но од Христа не се одрече. Најпосле беше фрлен во оган. Од огнот тој му зборуваше на народот:
- Возљубени мои браќа, не робувајте му на телото, туку повеќе грижете се за душата, која ви е дадена од Бога и е сродна на Бога и божествената сили.
И така поучувајќи го народот и горејќи во огнот, тој ја предаде својата света душа на Бога. Телото му остана во огнот потполно неповредено и ниту едно влакно од косата не му беше изгорено.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ
ЈОВАН, ЈАКОВ, АЛЕКСИЈ, ДИМИТРИЈ, ФОТИЈ, (ФОКА), ПЕТАР, ЛЕОНТИЈ И МАРИЈА
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПСОЈ
Беше ученик на свети Пахомиј Велики. Се подвизувал во четвртиот век во Египет. Се упокоил за време на молитва.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МАКАРИЈ
Ученик на свети Александар Свирски и основач на Успенскиот манастир на реката Ореџа. Неговите свети мошти почиваат во црквата на неговиот манастир.