23. Август  (10. Август)

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ:

СИКСТ папата, ЛАВРЕНТИЈ архиѓаконот, ИПОЛИТ и останатите со нив

Римскиот епарх Валеријан го фати светиот римски папа Сикст со неговиот клир, и сите ги затвори во народната темница, во времето кога царот Декиј славно се враќаше во Рим, по победата над Персијците. Свети Сикст беше родум од Атина, отпрвин философ а потоа ученик Христов. По доаѓањето во Рим, тој се покажа многу корисен за Црквата Христова со својата мудрост, доблестите и животот, и со текот на времето добиваше разни црковни чинови. А кога за Христос беше убиен свети Стефан, папата Римски, на неговиот престол како на сигурна смрт беше издигнат свети Сикст, зашто во тоа време немаше папа кој би можел да ја одбегне чашата на страдањата. Кога светиот папа Сикст со клириците и другите христијани беше во темницата, во Рим беа мачени за Христа двајца персиски кнезови Авдон и Сенис, кои Декиј ги беше довел со себе оковани, како заробеници. По нивниот маченички крај“, царот Декиј и епархот Валеријан наредија ноќе да го доведат пред нив папата Сикст во храмот наречен Телуда. А кога испратените дојдоа, папата им рече на своите созатвореници:

Браќа и соборци мои! Не плашете се од привремените маки, зашто знаете какви маки претрпеа пред нас Светиите, за да го добијат венецот на вечниот живот. Самиот наш Бог Христос пострада заради нашето спасение, за да ни остави пример. Затоа не плашете се да пострадате за Христа,  за да зацарите со Него.

Заедно со папата беа одведени двајца ѓакони Фелицис и Агапит. Царот Декиј го праша папата:

- Знаеш ли зошто си фатен и изведен пред нас?

Папата одговори:

- Знам, многу добро знам. Царот возврати:

- Ако знаеш, тогаш постапи онака како што постапуваат другите, за да останеш жив и да го зголемиш бројот на својот клир.

Папата рече:

- Навистина јас се трудам да се зголеми мојот клир.

Царот предложи:

- Тогаш принеси им жртва на нашите богови и ќе го добиеш старешинството над сите жреци.

А блажениот папа Сикст одговори:

- Јас секогаш Му принесувам чиста и непорочна жртва на семоќниот Бог Отец и Синот Негов, нашиот Господ Исус Христос, и Светиот Дух.

Царот продолжи:

- Ние ја штедиме твојата старост, а ти поштеди се самиот и погрижи се да го избавиш од смрт својот клир.

Светиот папа одговори:

- Досега се трудев, и се трудам, како за себе така и за својот клир, за сите да ги избавам од вечната смрт.

Царот им нареди на војниците:

- Водете го во Марсовиот храм да принесе жртва таму. Ако одбие затворете го во засебна темница, во Мамертиновата.

Кога ги одведоа во Марсовиот храм и започнаа да го наговараат папата да принесе жртва, тој им рече на војниците:

- Вие сте достојни за сожалување. Зошто се поклонувате на неми и глуви идоли, кои не можат ниту самите на себе да си помогнат? Послушајте ме, деца, и покајте се, па ќе ги избавите своите души од вечните маки.

Но, тие, извршувајќи ја царската наредба, ги одведоа во Мамертиновата темница.

Светиот архиѓакон Лаврентиј, кога виде дека свети Сикст го водат кон темницата, извика:

- Каде одиш татко без синот? Каде иташ свети архиереју без својот архиѓакон? Ти никогаш без мене не си принесувал бескрвна жртва. Со што го разгневив твоето милосрдие? Зарем сум изрод? Зарем станав недостоен да ти служам? Кога со тебе учествував во принесувањето на Божествените Тајни Христови, зошто да не учествувам и во проливањето на крвта своја за Христа? Оче, земи ме со себе и принеси ме пред себе како жртва на Бога, како Авраам својот син Исак, како врховниот апостол Петар првиот архиѓакон Стефан, па кога ќе видиш дека сум го примил мачеништвото, ти самиот поитај кон венецот.

Свети Сикст му одговори:

- Не те оставам, чедо, туку те чувам за големи маки. Ти претстојат големи подвизи за верата Христова. Јас како стар излегувам на лесна борба, а ти треба да однесеш преславна победа над мачителот. Не плачи, и знај дека три дена по мојата смрт ќе појдеш по мене. Не ти е потребно моето присуство за помош. Илија го оставил Елисеј, но не го лишил од чудотворната сила. Оди, искористи го ова време и раздај го црковното богатство на сиромашните.

Свети Лаврентиј отиде, го зеде сето црковно богатство и предметите, и одеше по целиот град и бараше тајни клирици и бедни христијани, и им помагаше според нивните потреби. Така дојде на гората Хелион. Таму најде живеалиште на една вдовица, која по смртта на својот маж живееше триесет и три години сама. Се викаше Киријакија. Таа кај себе криеше многу христијани со презвитерите и клириците. Свети Лаврентиј однесе таму многу сребро, облека и други потребни работи и започна да им ги мие нозете на свештенослужителите Божји и останатите христијани. Вдовицата Киријакија му се поклони и рече:

- Те молам, слуго Христов, стави ги своите раце на мојата глава, зашто многу страдам од главоболка.

Свети Лаврентиј и го даде убрусот со кој ги бришеше нозете, го прекрсти, ги стави своите раце на нејзината глава и рече:

- Во името на нашиот Господ Исус Христос, биди здрава!

И веднаш вдовицата оздраве од својата болест.

Истата ноќ свети Лаврентиј отиде во градот, на улицата Канаријска. Таму, во домот на некој христијанин Наркис, најде насобрани христијани. И на нив им ги изми нозете и им даде од црковното богатство колку што им беше потребно. Меѓу нив имаше и еден слеп христијанин Крискентион. Тој со плачење му се обрати:

- Стави ја раката своја врз очите мои, за да го видам лицето твое. Свети Лаврентиј рече:

- Нашиот Господ Исус Христос, Кој ги отвори очите на слепородениот, нека те просвети.

При овие зборови ги прекрсти очите на слепиот и тој веднаш прогледа, го виде лицето на свети Лаврентиј и се израдува. Кога светителот излезе оттаму, дозна дека во Непотијановите пештери се кријат многу христијани. Се упати таму и најде седумдесет и тројца христијани од двата пола а меѓу нив беше и презвитерот свети Јустин. Откако им ги изми нозете и им даде последен целив, свети Лаврентиј замина. Кога слушна дека светиот папа Сикст со двајцата ѓакони ги повеле на суд во храмот Телуда, тој побрза таму, за да види што ќе се случи. Кога папата се појави пред Декиј и Валеријан, Декиј му рече:

- И препорачувам на твојата старост да не послуша и да принесе жртва на боговите.

Светителот одговори:

- Подобро препорачај си самиот на себе што е добро за вас и не хулете на небесниот Бог. Покајте се за пролиената крв на светите, за да не загинете страшно.

Овие зборови многу го разјарија Декиј, па му рече на Валеријан:

- Ако не го уништиме овој, тогаш никој нема да се покорува на нашата власт.

Валериј рече:

- Да се казни со смрт.

Ѓаконите викнаа кон мачителите:

- О, бедници! Кога би го послушале советот на нашиот отец, ие би ги одбегнале вечните маки што ве очекуваат!

Валеријан рече:

- До кога ќе живеат овие и ќе ни претат со мачење? Водете ги во Марсовиот храм да принесат жртви. Ако одбијат, таму отсечете им ги главите!

Марсовиот храм се наоѓаше надвор од градските бедеми пред Апиевата капија. Кога светите го одведоа таму, свети Сикст му рече на тој храм:

- Нека те сруши Христос, Синот на Живиот Бог!

И само што присутните христијани рекоа „амин“, одеднаш настана земјотрес, падна дел од храмот и се скрши идолот во него. Свети Лаврентиј викна кон светиот папа:

- Не оставај ме, оче, зашто веќе го раздадов довереното богатство.

Кога слушнаа за богатство, војниците го фатија свети Лаврентиј а светиот папа со ѓаконите ги обезглавија на ритчето пред храмот и нивните тела ги оставија непогребани. Кога падна ноќта дојдоа презвитери, ѓакони и христијани и ги зедоа чесните тела. Папата го положија во пештерата на гробот Каликстов а ѓаконите на гробиштата Претекстатови. Маченички се упокоија за Христа светиот папа Сикст и со него двајцата ѓакони Фелицис и Агацит, во шестиот ден на месец август. По нивното погубување војниците го одведоа свети Лаврентиј кај царот и му рекоа:

- Го фативме Сикстовиот архиѓакон. Тој од епископот добил богатство и некаде го сокрил. Кога слушна за богатство царот се израдува, го изведе светителот пред себе и го праша:

- Каде е црковното богатство што си го сокрил?

Свети Лаврентиј молчеше.

Тогаш царот го предаде на епархот, велејќи:

- Испрашај го во однос на црковното богатство и приморај го да им се поклони на боговите. Ако не го каже богатството и не им се поклони на боговите, погуби го со мачење.

Валеријан го предаде на надзорникот на темницата Иполит, кој го затвори заедно со останатите затвореници. Меѓу нив имаше и еден елин на име Лукилиј, кој одамна се наоѓал во темницата и од долгото плачење ослепел. Нему свети Леврентиј му рече:

- Верувај во Синот Божји, Господ Исус Христос и крсти се, па Он ќе ти го врати видот.

Слепиот одговори:

- Јас одамна сакам да се крстам во името Христово.

Свети Лаврентиј го праша:

- Веруваш ли со сето срце?

Слепиот низ солзи одговори:

- Верувам во Господ Исус Христос, а од ништовните идоли се одрекувам и плукам на нив.

Иполит стрпливо го слушаше разговорот на свети Лаврентиј со слепиот, сакајќи да види дали тој ќе прогледа. Свети Лаврентиј го огласи Лукилиј и откако благослови вода го крсти. И веднаш му се отворија очите и тој воскликна:

- Благословен е Господ Исус Христос, вечниот Бог, Кој ми подари вид.

За ова чудо дознаа и други слепци и започнаа да доаѓаат, а светителот ги ставаше рацете со крсниот знак на нивните очи и призивајќи го името Христово им го враќаше видот. Иполит многу се восхитуваше на тоа. По некое време тој му рече на свети Лаврентиј:

- Покажи ми го црковното богатство. Свети Лаврентиј му одговори:

- Ако поверуваш во семоќниот Бог Отец, ќе ти биде покажано богатството и ќе ти се даде живот вечен.

На тоа Иполит рече:

- Ако навистина се исполни тоа, јас ќе постапам како што вели.

Иполит се согласи да ги отфрли немите и глуви идоли и да го прими светото крштение, и го однесе свети Лаврентиј во својот дом, каде тој го поучи во Светата Вера и откако го огласи го крсти. По крштевањето Иполит рече:

- Ги видов праведните души во огромна радост.

(Тоа и беше богатството за кое свети Лаврентиј му зборуваше, зашто за време на крштевањето Господ во прекрасно видение му ги покажа небесните блаженства). Потоа Иполит се обрати кон свети Лаврентиј со молба, да го крсти сиот негов дом. И светителот крсти во неговиот дом деветнаесет души.

Во тоа време стигна наредба Иполит да го води Лаврентиј кај Валеријан. Иполит му го соопшти тоа на светителот а тој рече:

- Да тргнеме, зашто за нас двајцата се подготвува маченички венец.

Кога излегоа пред Валеријан, тој му рече на свети Лаврентиј:

- Остави ја својата упорност и кажи каде е богатството, Светителот рече:

- Дај ми два три дена, па ќе ти го покажам.

Тогаш Валеријан му се обрати на Иполит:

- Ти го доверувам на три дена.

И ги отпушти. Валеријан го извести царот за тоа, 4 свети Лаврентиј за тие три дена собра во домот на Иполит многу бедни, вдовици, сирачиња, слепи, хроми, болни и по три дена ги одведе пред Декиј и Валеријан во Салустиевата палата, и силно викна:

- Еве, во овие пред вас, како во садови се наоѓаат вечните богатства. Кој во овие садови го става својот имот, ќе прими добивка во Царството Небесно!

Посрамени од ваквата постапка на свети Лаврентиј, царот Декиј и епархот Валеријан многу се разгневија и повеќе не сакаа да го распрашуваат за богатството туку го тераа да принесе жртва. А свети Лаврентиј одговори:

- Зошто му дозволувате на ѓаволот да ве наговара да ги присихувате христијаните да им се клањаат на демоните. Сами расудете дали е праведно да Му се поклонуваш на идол, изработен од човечки раце во кој живее демон, а не Му се поклонувате на Богот Небесен, Творецот на се видливо и невидливо.

Разјарен, царот нареди да го соблечат, да го положат и да го тепаат со скорциони“. Додека така го мачеа земјата се обагри со крв, а царот викаше:

- Не хули на боговите, не хули! Маченикот одговараше:

- Му благодарам на мојот Бог што ме удостои на дел со Своите слуги, светите Маченици. А ти, беднику, се мачиш со безумието и јароста своја.

Потоа Декиј издаде наредба да престанат да го мачат и да донесат и наредат пред него железен одар, даски, оловни стапови и други орудија за мачења, Посочувајќи кон нив, Декиј му зборуваше:

- Со сите овие орудија ќе биде мачено твоето тело, ако не им принесеш жртва на боговите.

На тоа маченикот одговори:

- Беднику, јас одамна ги сакам тие мачења како гозба, зашто за мене се слава.

Декиј се потсмеваше:

- Ако се за тебе гозба и слава, кажи ни каде се кријат христијаните слични на тебе, да ги доведеме ваму, па нека бидат на гозбата заедно со тебе.

Светителот одговори:

- Вашите нечисти очи се недостојни да ги видат оние, чии што имиња се напишани на небесата.

Потоа царот нареди врзан да го водат маченикот во Тибериевиот дворец. Таму седна во Зевсовиот храм и нареди да го изведат маченикот пред него, па му рече:

- Кажи ни каде се кријат безбожните христијани, за да го исчистиме храмот од нив, а ти поклони им се на боговите и не надевај се во богатството што го криеш.

Светителот одговори:

- Слугите Христови нема да ти ги откријам, а во богатството сум сигурен.

Царот праша:

- Мислиш ли дека со злато и сребро ќе се откупиш од маките?

Маченикот одговори:

- Јас сум слуга Христов и во Него се надевам, а сум сигурен во небесните богатства, кои мојот Бог Христос ги подготви за мене и за сите Свои слуги.

Разгневениот цар нареди да го тепаат со стапови, и со вжештени даски да му ги горат слабините. Во тие маки светиот маченик се молеше на Бога, говорејќи:

- Господи Исусе Христе, помилуј ме. Ме клеветеа но не се одреков од Тебе. Ме испрашуваа и јас Го исповедав Твоето Пресвето Име.

Потоа Декиј нареди да го тепаат со оловни стапови, а свети Лаврентиј викна:

- Господи Исусе Христе, прими го мојот дух.

Тогаш кај него дојде глас од небото, кој говореше:

- Уште многу ќе страдаш!

Овој глас го слушнаа сите,

А Декиј, страотно бесен, со силен глас викна:

- Римјани и народен собиру! Вие го слушате гласот на демоните, кои го тешат овој маѓепсник и богохулник, кој ниту боговите наши ги почитува, ниту царот го слуша, ниту од маките се плаши.

Потоа нареди повторно да го тепаат со остри скорпиони. Маченикот се смееше во маките исмевајќи го мачителот, па се помоли на Бога:

- Благословен си, Господи Боже! Ти благодарам што нам недостојните ни ја јавуваш милоста Своја, но, дај ми ја и благодатта Своја, за овие што стојат овде да видат дека Ти ги тешиш слугите Свои.

Додека така се молеше, еден од присутните војници на име Роман поверува во Христа и извика:

- Светителу, јас гледам пресветло момче, кое стои пред тебе и со крпа ти ги брише раните и целото тело. Затоа те заколнувам во Господ Христос, Кој ти испратил ангел Свој, не оставај ме.

Декиј му рече на Валеријан:

- Победени сме од овој маѓепсник! Нареди да го предадат на Иполит.

А војникот Роман донесе вода кај свети Лаврентиј, падна пред неговите нозе и со солзи го молеше да го крсти. Кога беше крстен, веднаш го фатија други војници и го одведоа кај царот. И пред да започнат да го распрашуваат, Роман воскликнуваше:

- Христијанин сум!

Царот веднаш нареди да го обезглават. Го изведоа Роман од градот низ Салариската капија и му ја отсекоа главата, во деветтиот ден на месец август. Неговото тело го зеде ноќе гореспоменатиот презвитер Јустин и чесно го погреба.

Во истата ноќ царот Декиј и епархот Валеријан, наоѓајќи се во Олимпијадските бањи, недалеку од Салустиевиот дворец, наредија да се подготви судиште и последен пат да му се суди на Лаврентиј. Заедно со тоа наредија да се подготват и сите орудија за мачење. Кога дозна, Иполит започна да плаче. Тешејќи го, свети Лаврентиј му велеше:

- Не плачи за мене, туку весели се, зашто одам кон славниот маченички венец.

Иполит го праша:

- Зошто и јас да не викнам крај тебе „христијанин сум“. за заедно со тебе да умрам?

Светителот одговори:

- Засега криј го своето исповедање на Христа. А по кратко време, кога ќе те повикам, ти ќе чуеш и ќе дојдеш кај мене. Кога царот и епархот седнаа на судиштето, пред нив беше изведен светиот маченик Лаврентиј. Царот му рече:

- Остави ги своите маѓии и кажи ни од каков род си?

Светителот одговори:

- Роден сум во Шпанија, воспитан сум во Рим, од лулка сум христијанин и од детството поучен во се на законот Божји.

Царот го праша:

- За тебе закон Божји е да не се почитуваат боговите и да не се плашиме од маките?

Светителот одговори:

- Законот што го учев ме научи да Го знам и почитувам мојот Бог, Господ Исус Христос. Крепен со Неговото име, јас навистина не се плашам од маките со кои ми претиш.

Царот му рече:

- Принеси им жртва на боговите. Ако не го сториш тоа, цела ноќ ќе бидеш мачен.

Свети Лаврентиј на тоа му одговори:

- Мојата моќ нема ништо темно, туку сета блеска со светлина. Мачителот нареди со камења да го тепаат по устата. Но светиот маченик уште повеќе се силеше, го исмеваше царот и Му благодареше на Бога.

Декиј им нареди на слугите:

- Донесете железен одар, за гордиот Лаврентиј врз него да ја помине оваа ноќ. Одарот беше донесен. Изгледаше како железна решетка. Врз него го положија маченикот пред очите на Декиј и Валеријан, и запалија оган под одарот, А слугите со железни вили го притискаа телото на маченикот врз одарот и го разгоруваа огнот, печејќи го, Царот рече:

- Принеси им жртва на боговите.

Маченикот одговори:

- Јас самиот себе си со скрушен дух Му се принесов како жртва на мојот Бог, како благомирисно кадење.

Во тоа време слугите се повеќе го разгоруваа огнот и го вжештуваа одарот. Светиот му рече на царот:

- Знај, беднику, дека овој жар за мене подготвува ладовина а за тебе вечни маки. Мојот Господ знае дека јас, обвинет за исповедањето на светото име Негово, не се одреков од Него, туку изјавив дека сум христијанин, а сега печен на огнот Му принесувам благодарност.

Валеријан го праша:

- А каде е огнот со кој ни претиш?

Светителот му одговори:

- О, безумници и бедници! Огнот е ладовина за мојата душа, а за вашите ќе биде незгаслив оган.

Сите присутни се чудеа на свирепоста на царот, кој нареди да испечат жив човек. А свети Лаврентиј со светло лице велеше:

- Ти благодарам, Исусе Христе, што ме крепиш.

Потоа го сврте погледот кон Декиј и Валериј и рече:

- Еве, бедници, вие веќе испековте една страна од моето тело, свртете ја другата, па јадете го моето испечено месо.

Потоа, славејќи Го Бога, рече:

- Ти благодарам, Господи Исусе Христе, што ме удостои да влезам на вратата Твоја!

Го рече тоа и го испушти духот.

Кога видоа дека маченикот умре, царот и епархот си заминаа посрамени, оставајќи го телото на одарот. А Иполит пред зори го зеде чесното и многустрадално тело на светиот маченик, го завитка во платно и мириси, и го извести светиот презвитер Јустин. Тој веднаш дојде кај Иполит, па и двајцата го однесоа чесното тело кај вдовицата Киријакија и го чуваа во нејзиниот дом до вечерта. Тој ден го поминаа во пост со солзи. Доцна во ноќта го однесоа чесното тело во пештерата на имотот на вдовицата Киријакија, каде се беа собрале многу христијани и горко плачеа. По сеноќното молење тие чесно го погребаа маченикот. А светиот презвитер Јустин отслужи Божествена Литургија и сите се причестија со Пречистите Тајни на Телото и Крвта Христови.

Светиот архиѓакон Лаврентиј го заврши својот страдалнички подвиг во десеттиот ден на месец август. Свети Иполит со останатите пострада во третиот ден по свети Лаврентиј, за што опширно ќе биде речено на своето место.

За сите нив слава на нашиот Бог, во Света Троица славениот, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ШЕСТ МАЧЕНИЦИ во Визија (или во Либија)

На овие шестмина маченици им ги сокршија коските и им го искинаа месото од телото. Така светите јунаци ги положија своите свети души за верата во Господ Христос.

СПОМЕН НА СВЕТИ ИРОН ФИЛОСОФОТ

Христијанскиот философ свети Ирон го спомнува свети Јован Богослов во своите книги. Мирно се упокоил и се преселил кај Господа.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ И БЛАЖЕН ЛАВРЕНТИЈ КАЛУЖКИ,

 безумен ради Христа

Блажениот Лаврентиј го минувал подвигот на јуродивството за време на кнезувањето на Симеон Јованович Калужски. На чудесен начин блажениот го спаси животот на кнезот при напад на Татарите. Се престави во 1515 година. Неговите свети мошти почиваат во манастирот наречен по неговото име Лаврентиски, во близина на градот Калуга. На гробот на блажениот се случувале многу чудеса.