24. Август  (11. Август)

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ ВЕЛИКОМАЧЕНИК

ЕВПАЛ ѓаконот

За време на царувањето на Диоклецијан и Максимилијан имаше гонење против христијаните по целата вселена. Во тоа време овие незнабожни цареви испратија во Сицилија еден свиреп кнез на име Пентагур, да ги фаќа христијаните и да ги погубува со разни маки. Кога дојде во градот Катана, овој мачител му нареди на градоначалникот Калвисијан да го повика на приредба сиот народ, не само од градот туку и од околината. За оваа приредба се беше подготвено на Ахилиевиот плоштад. И на свирката на трубите и тапаните се собраа и двата пола од најразлична возраст. Таму дојде и кнезот Пентагур со Калвисијан. Кога го виде народот, кнезот го праша градоначалникот:

- Дали сите им принесуваат жртви на нашите богови?

Калвисијан одговори: 

- Да, светол кнезу, сите што ги гледаш, и мало и големо, усрдно им служат на големите богови.

Пентагур многу се израдува и ги пофали и народот и градоначалникот. Потоа ја објави царевата наредба и пред сите му даде власт на Калвисијан да го мачи и убива секој кој ќе се нарече христијанин.

Потоа отпатува во други градови, а Калвасијан ги свика судските слуги и им нареди грижливо да бараат христијани и да ги доведуваат на мачење. Тогаш пристапи еден од слугите и рече:

- Во градот има човек на име Евпал. Тој со себе носи некаква книга и, обиколувајќи ги улиците и домовите, му зборува на народот дека е голем христијанскиот Бог.

Свети Евпал беше ѓакон и со себе носеше Евангелие. Од Евангелието му читаше на народот за чудесата Христови и така го учеше да верува во Спасителот.

Градоначалникот веднаш испрати да го фатат. Војниците го најдоа во една сиромашна куќичка како го чита светото Евангелие и ги поучува слушателите. Го фатија, му ги врзаа рацете и го одведоа, носејќи го и Евангелието. Кога го здогледа, градоначалникот го праша:

- Ти ли хулиш на нашите богови? Свети Евпал одговори:

- Кои се ваши богови, за да ги почитувам?

Калвисијан рече:

- Наши богови се Јупитер, Асклипиј и Дијана.

Светителот му возврати:

- Ти си слеп, оти не Го познаваш Господ Исус Христос, единствениот вистински Бог, Кој ги створил небото и земјата, го создал човекот од земја и нас христијаните не облекол во сескапоцената и пресветла облека на бесмртноста, која е светото крштение.

Градоначалникот рече:

- Така горделиво зборуваш оти се уште не си искусил мачење. Светителот одговори:

- За мене маките ќе бидат светол венец, а за тебе темнина и гибел.

Калвисијан многу се разгневи и нареди свети Евпал да го обесат гол и телото да му го стругаат со железни гребени. За време на тие маки, тој вака се молеше:

- Господи Исусе Христе, мене, од кого сега го соблекуваат телото како облека, облечи ме во бесмртност во идниот живот. Дај ми сила да не ме победат маките.

И дојде глас од небото:

- Биди храбар и силен. За тебе веќе е подготвена вистинска облека. Бидејќи долго така го стругаа, градоначалникот му рече:

- Уште ли не се откажуваш од својата заблуда? Зошто не сакаш да влезеш во храмот на боговите и да им принесеш жртва, за од нив да добиеш прошка за гревовите, од царевите чест и богатство и од нас пријателство? Всушност, би добил многу злато и сребро.

Светиот маченик одговори:

- О, погубен човеку, слуго и соучесник на ѓаволот! Не знаеш ли дека во денот на Страшниот суд Божји грозно ќе бидеш казнет за сите кои со злато и сребро ги прелестуваш на идолопоклонство?

Уште побесен, мачителот нареди со железни чекани да го тепаат по вилиците и да му ги искршат колената. За време на тоа мачење светителот го исмеваше мачителот, велејќи:

- Ти си заслепен со злоба, безумнику! Зарем не гледаш дека овие маки за мене се пајажина и Бог ме крепи. Ако можеш пронајде други, зашто овие се играчки.

Потоа градоначалникот нареди да го одврзат, да му го обесат Евангелието за вратот и да го одведат во темницата. Притоа заповеда да ја запечатат вратата со неговиот прстен, да постават стража за некој да не се вовлече кај него и да му даде леб и вода. Сакаше да го усмрти мачен со глад и жед. Свети Евпал помина во темницата седум дена и ноќи и откако многу ожедне се помоли на Бога:

- Господи Исусе Христе, вистински Боже наш, Ти му даваш храна на секое створение. Ти во дамнина си ги напоил луѓето во пустината, водени од Мојсеј, кога си извел жива вода од камен. Ти си го освежил Самсон со водата изведена од сувите коски на магарешката челуст. Ти си не измил со водата на светото крштение. Те молам, освежи ме и мене и нареди во оваа темница да потече извор вода, за сите да дознаат дека Ти си единствен Бог и дека не постои друг бог освен Тебе.

Откако така се помоли, одеднаш бликна извор вода во темницата. И тој, откако се напи од таа вода, не само што ја згасна својата жед, туку и се засити и пееше и Го славеше Бога.

По истекот на седумте дена, градоначалникот Калвасијан нареди да го изведат маченикот од темницата, ако е жив, зашто мислеше дека веќе умрел. А кога војниците дојдоа и ја отворија вратата, се исплашија кога видоа многу вода внатре. Тогаш свети Евпал ја протегна раката кон водата како да ѝ наредува, и во тој миг таа стана невидлива. Војниците си рекоа меѓу себе: „Навистина е голем Богот на Кого Му служи овој човек“. Кога го одведоа кај градоначалникот и тој го виде здрав и весел, со восхит рече:

- Барем сега, пред да ти биде отсечена главата, поклони им се на боговите.

Светителот одговори:

- Лукав и слеп пријателу на ѓаволот! Кој сака да ја остави светлината, па да оди во темнина?

Градоначалникот се разбесни и нареди со железни куки да му ги откинат ушите, па врзан да го водат до судницата, каде и самиот појде. Откако седна на своето место, мачителот долго го присилуваше да им принесе жртви на боговите, па кога виде дека не може да го посоветува, го осуди на обезглавување. Откако ја сослуша својата смртна пресуда, свети Евпал го замоли градоначалникот да му даде малку време за молитва. И додека војниците го водеа на губилиштето, по него одеше многу народ за да го види неговиот крај. Во таа толпа имаше и многу христијани, кои тајно ја чуваа својата вера. На губилиштето свети Евпал се сврте кон народот, го извади Евангелието кое постојано го носеше со себе, и започна да чита од чудесата Христови и да поучува. Тогаш многу од незнабошците се просветија со познанието на вистината. Потоа свети Евпал започна да се моли на Бога и кај него дојде глас одозгора:

- Блажен си, Мој добар и верен слуго, влези во радоста на својот Господ и насладувај се на покојот, со сите кои од памтивека Ми угодиле.

По овие зборови светиот маченик Евпал ја наведна својата глава под мечот и го обезглавија. Неговото страдање заврши во 1-тиот ден на месец август. Побожни христијани ги зедоа неговото чесно тело и главата и ги погребаа на специјално место. Се случуваа многу исцеленија на неговиот гроб, по неговите свети молитви, а со благодатта на нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава за навек. Амин.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА СУЗАНА ДЕВИЦАТА

и останатите со неа

За време на царувањето на Диоклецијан и Максимилијан, наречен Херкул, во Рим живееше презвитерот Гавиниј, роден брат на римскиот папа Гај. Како добар познавач на световната философија и одличен познавач на Светото Писмо, Гавиниј, со совет и настојување на својот брат, напиша многу книги против незнабожечката заблуда. И двајцата беа високородни, сродници на царот Диоклецијан. Но, тој се одрече од нив и ги презре поради нивната христијанска вера.

Презвитерот Гавиниј имаше ќерка Сузана, која ја воспита во христијанскиот дух и ја поучи во стравот Божји и световната философија. Сузана беше многу паметна и мудра. Се одликуваше со телесна убавина, која пак ја надминуваше нејзината душевна убавина. Таа со сето срце Го сакаше Господа Христа и беше Негова верна и целомудрена слугинка. Кога слушна за нејзината убавина и мудрост, Диоклецијан посака да ја земе за жена на својот син Максимилијан (овој Максимилијан, кого го нарекуваат и Максимин не беше роден син на Диоклецијан, туку посинет од него. Диоклецијан најпрвин го ожени со својата ќерка Валерија, а кога таа умре, тој посака да го ожени со својата роднина Сузана. Овој Максимилијан имаше второ име Галериј и треба да го разликуваме од гореспоменатиот Максимилијан наречен Херкул). Диоклецијан испрати кај Гавиниј еден познат човек Клаудиј, свој братучед од тетка, да поразговара со него за тоа, тој својата ќерка да ја ожени за неговиот посиненик. Кога дојде со ваквата порака кај Гавиниј, Клаудиј рече:

- Нашиот пресветол цар Диоклецијан ме испрати кај тебе со голема милост и благонаклонетост. Тој сака да го обнови сродството со тебе, преку женидбата на твојата ќерка. И што може да биде подобро за тебе од тоа, твојот род да се прослави по пат на крвна врска со царскиот дом?

Гавиниј на тоа рече:

- Ние сме бедни и ништовни. Како можеме да се нарекуваме сродници на царевите, кога сме недостојни?

Клаудиј одговори:

- Чесен брате, зар ти и твојот брат, епископот Гај, не сте синови на сенаторот Максимин, кој беше роднина на нашиот стрико, братот на нашиот цар Диоклецијан?

Гавиниј забележа:

- Тоа е точно, но околностите во последно време не приморуваат да кажеме дека не сме достојни да се нарекуваме роднини на царот.

Клаудиј возврати:

- Не одрекувај се од своето сродство, зашто царот наредува да ја дадеш својата ќерка за неговиот син. За неа слушаме дека е многу паметна и располага со огромни познавања на науката.

Гавиниј рече:

- Ве молам, дајте ми време да дознаам што мисли за тоа мојата ќерка.

Така се разделија.

Презвитерот Гавиниј го замоли својот брат, папата Гај, кој жишвееше во близина, да дојде кај него и му раскажа со каква порака од шцарот дошол кај него Клаудиј. Потоа тие ја повикаа девицата Сузана си со солзи и рекоа:

- Царот Диоклецијан сака да те земе за сопруга на неговиот син

Максимијан.

На тоа блажената одговори:

- Каде е сега мудроста ваша? Навистина не ја гледам во вас. Да не сум христијанка, каква што станав, благодарејќи на вашите поуки, тогаш навистина би било возможно да се зборува со мене за тоа. Но, зошто сега ги сквернавите своите уши и усти и им принесувате незнабожни зборови? Вие самите поради својата света вера во Христос бестрашно сте се одрекле од сродството со него. Но, Му благодарам на Семоќниот Бог, Кој ме направи сродница со Светиите Свои, зашто верувам во нашиот Господ Исус Христос, а со одбивањето на овој нечист брак ќе се удостојам на маченичкиот венец.

Таткото ѝ рече:

- Внимавај, ќерко моја, да бидеш постојана во верата, за да останеш непосрамена пред Господа.

Сузана одговори:

- Вие често ме поучувавте да го чувам девството ради Господ Исус Христос и јас во љубовта и стравот Негов цврсто стојам и не помислувам на телесен брак. До последниот здив Нему ќе Му служам и во Него ќе се надевам. Он ја знае искреноста на моето срце.

Светиот папа Гај рече:

- Бидејќи си доверена на Небесниот Младоженец, остани постојано во љубовта Негова и заповедите Негови.

Така двајцата служители Господови се радуваа за добрата намера на Сузана и плачеа од радост.

По три дена Клаудиј повторно дојде кај Гавиниј, придружуван од многу слуги, кои ги остави надвор, а самиот влезе внатре, каде го затекна и папата Гај. По вообичаениот поздрав, Клаудиј рече:

- Вам, чесни отци, не ви е непозната радосната причина која што ме доведе кај вас.

Епископот Гај одговори:

- И да нема таква причина, ние ќе поразговараме со тебе како наш сродник и пријател.

Клаудиј продолжи:

- Вие знаете, браќа, дека нашиот цар многу сака уште повеќе да се ороди со вас и јас ве советувам и молам да ја исполните неговата волја.

Епископот Гавиниј рече:

- Царевата желба кажи му ја на мојот брат Гај.

Клаудиј му раскажа се и, бидејќи епископот молчеше, Гавиниј предложи:

- Да ја повикаме девицата и неа да ја прашаме.

Кога ја здогледа Сузана Клаудиј заплака од љубов и радост и сакаше да ја прегрне и бакне. Но, таа се сврте од него и рече:

- Немој да ме осквернуваш. Знае мојот Господ дека вистинските слугинки Негови никогаш не допреа машка уста.

Клаудиј одговори:

- Јас сакав да те бакнам како роднина, зашто си ми внука.

На тоа света Сузана рече:

- Јас се гнасам од твојот бакнеж, бидејќи твојата уста е осквернета со идолски жртви.

Од овие зборови Клаудиј како со прстот Божји беше допрен во срцето, му се разли умиление во душата и праша:

- Што треба да направам, за да ја исчистам својата уста?

Сузана одговори:

- Покај се и крсти се во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Клаудиј му се обрати на епископот:

- Вие очистете ме, зашто е подобар човекот чист, кој верува во Христос, отколку оној кој им служи на боговите. Јас многу жртви сум им принел на боговите, но никаква корист не видов од тоа.

Кога ја виде чудесната и брза промена кај Клаудиј со благодатта Божја преку зборовите на чистата девица, епископот Гај со радост рече:

- Брате, послушај ме, ти давам добар совет. Си дошол кај нас да најдеш невеста за синот на твојот господин, а Бог те бара тебе и сака да те спаси по молитвите на оваа девојка, за и од нашиот род да се најдат достојни на Царството Божјо. Затоа, верувај во Бога, покај се за проливањето на крвта на светите Маченици и не одложувај да го примиш светото крштение.

Клаудиј праша:

- Ако го примам, дали ќе се избришат сите гревовни нечистотии на моето срце?

Папата одговори:

- Секако дека ќе се избришат, само цврсто верувај.

Светата девојка Сузана падна пред нозете на својот стрико, свети Гај, велејќи:

- Те молам, заради Христа, не одложувај го крштевањето на Клаудиј, туку спаси ја неговата душа.

Епископот рече:

- Најпрвин мораме да видиме дали тој вистински верува во Христа Бога.

Клаудиј воскликна;

- Јас вистински верувам, само да ми бидат простени сите гревови, како што ми ветивте.

Светиот епископ рече:

- Во името на Семоќниот Бог, ти се простуваат сите гревови.

Клаудиј падна пред нозете на светителот и, посипувајќи ја главата со прашина, викаше:

- Господи Боже, Светлино превечна, прости ги моите гревови, извршени во неверие и незнаење, и исполни ме со благодатта Своја, за и мојата жена и деца да познаат дека единствено Ти ги спасуваш оние што се надеваат во Тебе.

Тогаш светиот папа Гај го огласи Клаудиј, го поучи и го отпушти. Потоа дојде кај него со својата жена и двата сина и папата ги крсти, а презвитерот Гавиниј им стана кум. По крштението Клаудиј рече:

- Видов светлина посилна од сончевата, која ме осветлуваше за време на крштевањето.

По светото крштевање и миропомазување епископот отслужи Света Литургија и ги причести крстените со Божествените Тајни на Телото и Крвта Христови. Сопругата на Клаудиј се викаше Препедигна, а синовите Александар и Куфиј. Потоа Клаудиј започна да го продава својот имот и да го раздава на сиромашните. Тој ги бараше христијаните кои се криеја, одеше кришум во темниците, на сите што ќе ги најдеше им ги миеше нозете, ги целиваше и сите нивни потреби ги исполнуваше со обилни подароци и постојано се каеше за своите поранешни гревови.

По извесно време Диоклецијан започна да се распрашува за Клаудиј, зошто не му донел извештај од својата посета кај Гавиниј. Го известија дека Клаудиј е болен. Тогаш тој го испрати кај него својот помлад брат Максим, да го посети и да го распраша за Сузана. Максим го затекна својот брат облечен во кострет како се моли кон Бога, па од ужас рече:

- Мили брате, кој од детството ме воспитуваш, зошто толку си се променил, та си толку блед и слаб?

Клаудиј одговори:

- Еве, јас се кајам. Слушајќи ги царевите и служејќи им, ги убивав христијаните. Иако тоа го правев во незнање, извршувајќи наредби, сепак многу тагувам и се кајам.

Максим возврати:

- Што зборуваш? Нашиот цар те испратил кај нашиот брат Гавиниј да ја бараш неговата ќерка за царевиот син! И сега за тоа сум дојден, а ти ми зборуваш нешто сосем друго!

Клаудиј рече:

- Јас поради тоа и бев кај нашата возљубена внука и ја видов. Прекрасна е телесно и духовно. Таа е света и мудра, и веќе невеста на небесниот Цар Христос. Преку неа и јас се избавив од моите гревови. Но, и за ти да дознаеш дека Семилосрдниот Бог сака сите да се спасат, ајде вечерва да појдеме кај презвитерот Гавиниј и ти ќе ја видиш вечната светлина.

Максим одговори:

- Ќе сторам се што ќе ми речеш, брате.

Таа ноќ се упатија кај презвитерот Гавиниј, кој, кога го известија дека браќата Клаудиј и Максим стојат пред куќата, веднаш излезе да ги пречека, ги внесе во својот дом и пред да отпочне разговор со нив ги преклони колената, ја наведна главата и започна да се моли. Истото го сторија и Клаудиј и Максим. Откако се помоли на Бога и сите рекоа „амин“, Клаудиј падна пред нозете на презвитерот и ги бакнуваше. Максим се зачуди и замоли да се види со Сузана. На влегување кај нив таа се поклони на Бога, па пристапи кај татка си и рече:

- Благослови ме, оче.

Презвитерот повторно се помоли на Бога:

- Да ни даде мир нашиот Господ Исус Христос, Кој живее и царува со Семоќниот Бог Отец низ сите векови.

- Амин, - воскликнаа сите.

Кога ја виде Сузана полна со смерност и целомудреност, Максим сакаше да и ја бакне раката, но таа не му дозволи. И кога тие од радост и љубов долго плачеа, светиот папа Гај, кој живееше недалеку од црквата изградена од него, беше известен дека се собрале неговите браќа. Тој си помисли дека ќе ги одведат на мачење и, сакајќи да биде прв меѓу мачениците, веднаш отиде кај нив. Сите се исплашија од неговото ненадејно доаѓање и му се поклонија до земја. А свети Гај им рече:

- Мир на вас!

И започна да се моли. Потоа сите седнаа и еписконот боговдахновено им зборуваше. Света Сузана слушаше стоејќи, зашто не сакаше да седи во нивно присуство и тајно се молеше на Бога. Потоа епископот му рече на Максим:

- Ти благодарам, брате, што не посети.

Максим одговори:

- Јас, недостојниот, дојдов кај вас да ги целивам вашите свети нозе. А основната причина за моето доаѓање, самите добро ја знаете.

Свети Гај му предложи:

- Подобро ти самиот кажи ни за тоа.

Максим рече:

- Царот Диоклецијан нареди Сузана да ја даде за неговиот посиненик.

На тоа епископот одговори:

- Девојката веќе има небесен Младоженец, Христос, Кој и е даден од Бога Отца, и знај дека таа не може да се мажи за друг.

Максим рече:

- Се тато дава Бог е вечно.

Светителот му предложи:

- Тогаш прими и ти живот вечен.

Максим праша:

- А каков е тој живот вечен?

Клаудиј се вмеша:

- Животот којшто јас го познав.

Максим му рече:

- И јас сакам да го знам тоа, но сепак не треба да го оставам сродството со царот.

Свети Гај забележа:

- Ние те советуваме да веруваш во нашиот Господ Исус Христос, вечниот Син Божји, а видливата слава и чест на земниот цар се привремени. Сродството со него не ни е од корист, зашто е минливо и пропаѓа заедно со овој краткотраен живот. А пак тоа што ни го ветува небесниот Цар, Богот наш Христос, е вечно, корисно и премило.

Максим го обзеде умиление и со радост се согласи да ја прими Светата Вера.

Свети Гај рече:

- Тебе ти е познато, брате, дека ние заради Христа ги оставивме жашите имоти и сега не бараме ништо друго освен нашиот Господ, во Кој живееме и со Кој се фалиме.

Максим извика:

- Побрзајте да направите се што сметате дека е корисно за моето спасение.

Светиот епископ му наложи пост, па го отпушти.

- Максим на почетокот ја криеше во себе својата вера во Христос, иако гореше од љубов спрема свети Гај, Гавијан и особено спрема Самиот Христос.

Потоа, со зголемувањето на љубовта Божја во него, тој започна јавно да Го исповеда името Христово, презирајќи ја смртта. Епископот и презвитерот го советуваа да ја крие својата вера барем пет дена, додека не го распродаде својот имот и раздаде на сиромашните. Максим ги послуша. По пет дена отиде кај свети Гај, падна пред неговите нозе и рече:

- Те заколнувам во името Христово да ме просветиш со свето крштение, како што си го просветил мојот брат Клаудиј, зашто од моментот кога ме поучи во Христа Бога, моето срце го обзеде такво умиление, што не можам да бидам мирен додека не примам свето крштение.

Епископот го крсти и откако отслужи света Литургија го причести со Божествените Тајни. И живееше Максим кај своите роднини христијани, пеејќи и славејќи Го Бога. За тоа време остатокот од својот имот, кој не успеа да го продаде и раздаде во текот на петте дена, тој го продаде и раздаде на сиромашните преку својот верен пријател Тарсон, кој беше таен христијанин и подоцна го опиша страдањето на овие свети маченици, бидејќи се се случувало пред неговите очи.

По петнаесет дена од Максимовата посета на Клаудиј, Диоклецијан дозна дека Клаудиј со семејството и Максим станале христијани и многу се натажи. На почетокот ја криеше својата жалост, и на својата сопруга Сирена само и рече дека испраќал кај Гавиниј да ја бараат неговата ќерка Сузана за нивниот син Максимијан. Царицата Го прослави Бога, зашто беше тајна христијанка, а на царот му рече:

- Прави како што те учи Севишното Величество (односно Бог).

Без да и ја довери својата жалост на царицата, Диоклецијан го повика кај себе военоначалникот Јулиј, свиреп незнабожец, и му ја откри тагата на своето срце, дека неговите возљубени роднини, испратени да испросат невеста за неговиот син, ја примиле христијанската вера. Јулијан му рече дека сите што ја погазуваат царската наредба, макар да е неправедна, треба да се казнат со смрт, и затоа тие заслужуваат смрт.

Царот веднаш му нареди на Јулиј да испрати војници да ги фатат сите, освен епископот Гај. Тоа беше сторено. Нареди презвитерот Гавиниј со ќерката Сузана да се чуваат под стража, а Максим и Клаудиј со семејството ги испрати во прогонство. Потоа нареди да ги спалат во градот Остиј и нивната пепел да ја фрлат во морето. Така се упокоија овие Светии, удостојувајќи се на маченичкиот венец. По педесет и пет дена Диоклецијан ѝ нареди на својата сопруга да ја земе кај себе Сузана и да ја убеди на брак со неговиот син. Кога виде дека доаѓаат по неа, Сузана со солзи воздивна кон Бога и рече:

- Господи, не оставај ја слугинката Твоја.

Кога царицата ја здогледа Сузана и се поклони пред таа да го стори тоа, зашто ја почитуваше благодатта Христова во неа и целомудреното девство. Света Сузана падна пред царицата, но таа нежно ја подигна, велејќи:

- Се радува за тебе Христос, Спасителот наш!

Кога го слушна името Христово од устата на царицата, света Сузана се израдува и рече:

- Му благодарам на мојот Бог Христос, зашто царува на секое место.

Така двете живееја заедно, се радуваа во Господа Бога, со љубов разговараа за Него и усрдно Му се молеа. Особено света Сузана не престануваше ни дење ни ноќе да пее и да Го благословува Бога, како што беше научена од својот татко. А Диоклецијан секој ден очекуваше дека таа ќе се согласи на брак. По долгото исчекување ја праша царицата, а таа му одговори:

- Залуден е трудот онаму каде што се бара невозможна работа и не треба да се досадува онаму каде што нема волја. Јас кај Сузана не гледам ни трага од помисли и намера дека некогаш ќе се согласи на брак со твојот син, ниту очекувам дека некој може да ја присили на тоа.

Диоклецијан страшно се разбесни и му даде на својот син Максимијан власт над Сузана, насилно да ја посрами, но не во царската палата, туку во домот на нејзиниот татко Гавиниј. Таму да ја обесчести и таква да ја остави. И ѝ беше наредено на Сузана да го напушти дворецот и да се врати во својот дом. На испраќање, царицата низ солзи ѝ зборуваше:

- Оној Кој во дамнина ја избавил Својата слугинка Сузана, ќе те избави и тебе и ќе ти подари славен покој.

Тие се разделија ридајќи, а кога света Сузана, доведена од двете жени влезе во својот дом, падна на земјата во својата соба и со плачење и ридање се молеше на Христа да и дојде на помош. Таа ноќ дојде кај неа Максимијан и, влегувајќи тивко во собата каде што таа се молеше, над неа здогледа ангели Божји, кои многу блескаа, па се преплаши и не се осмели да ѝ пријде туку бргу побегна во дворецот и се му раскажа на својот татко. Тој му рече:

- Тоа не може да биде ништо друго, освен христијански маѓии,

И го испрати својот доверлив дворјанин Куртиј да дознае што се случува во домот на Сузана. Но, штом тој влезе таму, го обзеде голем страв и преплашен побегна кај царот. Во тоа време царот се препираше со својата царица за доаѓањето Христово и почитувањето на боговите. Победен од царицата, царот се сети на Сузана и праша;

- Зошто не ја посоветува таа прекрасна и мудра девојка да се согласи на брак со мојот син?

Царицата одговори:

- Таа го одбрала за себе подоброто. И самиот твој син раскажува дека видел над неа непристапна светлина.

Многу разбеснет, царот му нареди на еден ревносен незнабожец Македониј, опак и бездушен, да појде кај Сузана и со закани и маки да ја присили на идолопоклонство. Нареди тоа да го прави тајно, за да не го осудуваат царот дека не ги штеди дури ни своите роднини. Македониј дојде кај Сузана со мал златен идол на богот Јупитер, и ѝ нареди да му се поклони. Но, светата дувна во идолот и рече:

- Господи мој, Исусе Христе, стори моите очи да не го видат ѓаволското оружје.

И веднаш идолот во рацете на Македониј стана невидлив, како некој да му го зеде од рака. Тој се зачуди и мислеше дека Сузана на некој начин му го зела и сокрила, па рече:

- Гледам дека си златољубива и ми го украде идолот од раце. Морам да те пофалам поради тоа, зашто сметам дека не би го зела идолот ако не го сакаш.

Светителката одговори.

- Мојот Господ Бог испрати ангел Свој, кој го отстрани идолот од моите очи и го исфрли надвор од мојата куќа.

Додека светителката го зборуваше тоа, влезе слугата на Македониј и соопшти дека идолот е исфрлен на патот. Тоа многи го разјари и тој со своите раце го раскина фустанот на света Сузана и бездушно започна да ја тепа со стапови, а таа Му благодареше на Господа.

Македониј ѝ рече да им принесе жртва на боговите, а светителката му одговори дека таа самата себеси Му се принесува како жртва на својот Господ Бог.

Тогаш тој го извести царот дека Сузана е непоколеблива и цврста во христијанската вера и дека го исмеала идолот. Царот нареди таму да ја убијат со меч. Така на невестата Христова и беше отсечена главата. Таа со радост отиде во пресветлиот чертог на својот бесмртен Младоженец.

Кога дозна дека света Сузана е убиена, царицата ноќе го зеде нејзиното чесно тело, ја собра нејзината крв по земјата и ја избриша со покривката од својата глава. Потоа го завитка со миризливо платно нејзиното тело и го положи во гробницата на свети Александар, каде беа погребани многу маченички тела. А крвта што ја собра во покривката ја стави во сребрен ковчег, кој го сокри во својата соба, каде и дење и ноќе често се молеше тајно.

Светиот папа Гај дојде во домот на својот брат Гавиниј и собата во која беше пролиена крвта на светата маченица Сузана ја освети во црква, и во неа служеше Божествена служба.

Кратко време потоа пострада и светиот презвитер Гавиниј. Исто така и светиот папа Гај маченички заврши. И сите тие, како свети Маченици, заедно застанаа пред престолот Божји, славејќи Го Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бога, Кому и од нас чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

ЖИТИЕТО НА НАШИТЕ ПРЕПОДОБНИ ОТЦИ ТЕОДОР и

ВАСИЛИЈ ПЕЧЕРСКИ

Сребролубието е корен на сите зла, вели божествениот апостол Павле (1 Тим. 6, 10). Овие зборови се исполнија во ова житие на преподобните Теодор и Василиј. Виновникот за злото -врагот уфрли во душата на свети Теодор грешни мисли и намери, не со нешто друго, туку со среброљубието. Преку среброљубието ѓаволот му нанесе страдања и смрт не само на преподобниот Теодор, туку и на неговиот советник, блажениот Василиј. За овие свети отци се зборува следното:

Блажениот Теодор поседуваше огромен имот. Кога еднаш ги слушна зборовите Господови во Евангелието:“Секој од вас, кој нема да се одрече од се што има, не може да биде Мој ученик“ (Лука 14, 33), тој го остави светот, го раздаде сето свое богатство на сиромашните и стана монах во Печерскиот манастир, каде добро се подвизуваше во доблестите. По налог на игуменот тој се насели во пештерата наречена Варјажска, каде помина многу години во строго воздржание. Еднаш на овој блажен Теодор ѓаволот му внесе во душата огромна тага и жалост што го продал имотот на сиромашните, ставајќи му ја во умот староста, изнемоштеноста на телото и оскудната манастирска храна. Тој не се досети дека тоа е искушение и не се сети на зборовите на Господ Исус: „Не грижете се што ќе јадете или што ќе пиете. Погледнете како птиците небесни ниту сеат, ниту жнеат, ниту собираат во житници, па вашиот Отец небесен ги храни“ (Матеј 6, 25. 26). И заради своето сиромаштво тој започна да преминува од тага во очај, од ден на ден оддавајќи се на се повеќе искушенија. Оваа своја неволја тој еднаш отворено му ја раскажа на својот пријател.

Меѓу печерските црнорисци беше и Василиј, еден од најсовршените по живот. Сакајќи да го утеши преподобниот Теодор и да го извлече од ровот на очајанието, Василиј му рече:

- Те молам, брате Теодор, не упропастувај ја својата награда. Ако жалиш што си го раздал својот имот на сиромашните, јас ќе се потрудам да ти го вратам. Само ти кажи пред Бога твојата милостиња да ми се припише мене, па веднаш ќе се избавиш од тагата и повторно ќе го добиеш својот имот преку мене. Но, внимавај дали Господ ќе ти го допушти тоа, бидејќи и во Цариград исто така некој се беше покајал што златото го раздал на сиромашните, па таа своја милостиња пред Бога му ја припишал на друг, од кого зел онолку пари колку што беше раздал. Но, кога рекол: „Не сум направил милостиња јас, Господи, туку тоа е дело на овој“, веднаш падна среде црквата и издивна.

Теодор се вразуми и започна да го оплакува својот грев, величајќи го братот, кој го исцели од таквото душевно страдање. За таквите Господ рекол: „Ако го одвоиш скапоценото од безвредното, ќе бидеш како уста Моја“ (Ерем. 15, 19). И од тогаш Теодор и Василиј живееја во голема љубов. Преподобниот Теодор добро напредуваше во заповедите Господови и вршеше се што е праведно, богоугодно, свето и непорочно.

Страотно бешњ ранет ѓаволот што не успеа потполно да го прелести Теодор со сребролубието. Затоа повторно се вооружи против него со нова замка на истото искушение. Еднаш игуменот го испрати преподобниот Василиј на некое послушание надвор од манастирот каде што се задржа три месеци. Сметајќи дека тоа време е погодно за неговата замка, ѓаволот зеде обличје на Василиј и дојде во пештерата кај преподобниот Теодор, божем за душекорисен разговор.

- Теодоре, - праша тој, - како сега успеваш во доблесниот живот? Престана ли во тебе борбата со демонските искушенија или се уште трае? Јавува ли во тебе љубов кон стекнувањето на имот со потсетување на имотот раздаден на сиромашните?

Преподобниот Теодор не го препозна ѓаволот и мислеше дека со него зборува братот Василиј, па одговори:

- По молитвите твои, оче, јас добро успевам и не ги слушам мислите што ми ги уфрла ѓаволот. Сега што ќе ми наредиш, тоа ќе сторам. Тебе ти се покорувам, зашто во твоите поуки најдов голема корист за својата душа.

А ѓаволот доби уште поголема смелост, бидејќи Теодор не го спомна името Божјо, и му рече:

- Ти давам нов совет, со кој ќе најдеш спокој и брзо ќе добиеш од Бога награда за имотот што си го раздал. Барај во Господа Бога да ти даде многу злато и сребро, и не дозволувај никој да влегува во пештерата кај тебе, ниту пак самиот излегувај од неа.

Преподобниот Теодор вети дека ќе го стори тоа. Лукавиот ѓавол отиде од него и невидливо му уфрлаше помисли за стекнување на богатство и го поттикнуваше на молитва за тоа. И се молеше преподобниот Теодор Господ да му испрати богатство, ветувајќи му дека сето ќе го раздаде како милостиња. По молитвата заспа и во сонот ги виде бесовите, светли и украсени како ангели, кои му покажуваа богатство во пештерата. Ова видение Теодор го имаше повеќе пати. По неколку дена тој дојде на местото посочено во сонот и започна да копа. И навистина пронајде многу злато, сребро и скапоцени предмети.

После тоа, бесот во обличје на Василиј, повторно дојде кај него и му рече:

- Теодоре, каде е богатството што ти е дадено? Ангелот, кој ти се јавил, ми откри и мене дека по молитвите твои ти е дадено многу злато и сребро.

Но, преподобниот не сакаше да му го покаже богатството. И веднаш лукавиот бес започна отворено да го советува и тајно да му уфрла помисли да го земе богатството и да замине на друга страна. Но, најпрвин му рече:

- Брате Теодоре, нели ти реков дека набрзо ќе добиеш од Бога награда за својот раздаден имот, зашто самиот Он рекол: „И секој што ќе остави куќа, или брат, или сестра, или татко, или мајка, или жена, или деца, или имот заради Моето име, ќе добие сто пати повеќе и ќе наследи живот вечен“ (Матеј 19, 29). И ете, сега веќе богатството е во твои раце. Со него прави што сакаш.

Преподобниот му одговори:

- Јас го посакав од Бога, за сето да го раздадам како милостиња. Сметам дека и поради тоа ми е дарувано.

На тоа врагот му рече:

- Внимавај, брате Теодоре, врагот повторно да не те растажи заради раздавањето како порано. Ова богатство ти е дадено во замена за она што си го раздал на сиромашните. Те советувам да го земеш, да појдеш на друго место, да си купиш таму имот, зашто и таму можеш да се спасиш и да ги одбегнеш вражјите замки. Кога ќе дојде време за твоето заминување од овој свет, ти дај го тогаш на кого сакаш. Така ќе се сочува споменот за тебе.

Преподобниот му одговори:

- Се срамам што го оставив светот и се во светот, и ветив дека својот живот ќе го завршам во оваа пештера. Како сега да станам бегалец и мирски човек? Ако ти е по волја да живеам во манастирот, јас ќе сторам се што ќе ми речеш.

Го убедуваше ѓаволот:

- Овде не можеш да го сокриеш богатството. Ќе дознаат за него и ќе ти го земат. Подобро прими го мојот совет и побрзај. Ако на Бог не му е по волја да поседуваш имот, не би ти дал богатство, ниту пак би ме овластил мене да те упатам.

Тогаш преподобниот Теодор, бидејќи му поверува на ѓаволот како на брат, започна кришум да подготвува предмети во кои би го сместил богатството, за да излезе од пештерата и да се упати каде што ќе го води ѓаволот, кој сакаше со своето лукавство да го оддалечи од светото место на преподобните отци Антониј и Теодосиј, од самата Пресвета Богородица и особено од Бога. Но, човекољубивиот Господ, Кој сака сите луѓе да се спасат (Тим. 2, 4), го спаси и овој слуга Свој, заради молитвите на преподобните Свои.

Во тоа време се врати од пат блажениот Василиј, кој порано го спаси преподобниот Теодор од злите помисли. Тој дојде кај него во пештерата и го праша:

- Брате Теодоре, како го минуваш својот живот во Бога? Одамна не сум те видел.

Преподобниот Теодор се зачуди на ваквиот поздрав и одговори:

- Што зборуваш? Како долго не си ме видел? Вчера и завчера, а и порано постојано доаѓаше кај мене, ме поучуваше, и еве сега јас заминувам како што ми нареди!

Уште повеќе зачуден, преподобниот Василиј праша:

- Кажи ми, брате, што значат твоите зборови и каде заминуваш? Јас само што се вратив од пат и ништо не знам. Да не те искушувал ѓаволот? Те молам, не криј го тоа од мене.

Преподобниот Теодор гневно му рече:

- Зошто ме искушуваш, еднаш зборувајќи едно, друг пат друго? На што да верувам?

Карајќи го на тој начин, тој го избрка од себе.

Преподобниот Василиј отиде во манастирот, а бесот повторно му дојде во обличје на Василиј, и му рече:

- Брате, јас несреќникот, сум го изгубил паметот, зборувајќи ти што не треба. Затоа, и покрај твоите навреди повторно ти велам, ноќва брзо да заминеш одовде со богатството.

Го рече тоа и си замина.

После тоа преподобниот Василиј со некои старци повторно дојде кај Теодор и му рече:

- Еве сведоци дека има три месеци откако не сум те видел, зашто по наредба на игуменот бев надвор од манастирот и денес е трети ден откако се вратив. А ти, само што влегов кај тебе ми рече дека за време на моето отсуство постојано сум доаѓал кај тебе. Мислам дека ти доаѓал ѓаволот преправен како мене. Ако сакаш да се увериш, не дозволувај на никого од оние што доаѓаат кај тебе да отпочне разговор со тебе, додека не ја каже Исусовата молитва. Ако одбие, ќе знаеш дека е ѓаволот.

Потоа преподобниот Василиј се помоли призивајќи ги светителите на помош, и откако го поучи Теодор се врати во својата ќелија.

По ова нечестивиот повеќе не се осмели да му се јави на преподобниот Теодор, и нему му стана јасно неговото лукавство. Оттогаш тој бараше од секого кој ќе дојдеше кај него најпрвин да ја каже Исусовата молитва, па потоа разговараше со него. Така преподобниот Теодор го победи врагот и Господ го избави од неговата челуст. Слично избавување Господ им дал и им дава на многу подвижници кои живеат по пустините и провалиите, и осамено тихуваат по доброволните затвори. Ним им е потребна огромна сила и Божја помош, за во борбата да не бидат победени од ѓаволот.

Избавен од толку страшната провалија на гибелта, преподобниот Теодор започна уште поревносно да се труди во таа провалија да падне самиот враг. Пред се, тој длабоко во земјата го закопа погубното богатство, за да не остане ни трага од него. Постојано Го молеше Господа Бога да му дари да го заборави и самото место каде го закопал и да ја земе од него страста на сребролљубието. Господ ја услиша неговата молитва и блажениот никогаш повеќе не помисли на стекнување на имот.

Потоа си наложи на себе огромен труд, за да не може врагот повторно да го напаѓа преку ленливоста: постави во својата пештера воденичен камен и започна да работи за браќата, при што не само што го мелеше житото, туку и самиот го носеше од манастирот. Ноќите ги минуваше без сон, во работа на рачниот воденичен камен и молитва, а дење го носеше брашното во манастирот и повторно донесуваше жито. И со таквата своја работа тој во текот на многу години многу им олеснуваше на манастирските слуги, без да се срами да ја работи нивната работа.

Манастирскиот келар еднаш случајно го виде во таквиот тежок и мачен подвиг, и тоа многу го трогна. И кога од манастирскиот имот беше донесено жито во манастирот, тој испрати кај преподобниот во пештерата пет коли, за да го избави од непотребниот труд на постојано доаѓање по жито. Преподобниот Теодор го истури житото и започна да го меле, пеејќи псалми. Кога сакаше малку да се одмори, одеднаш одекна глас како гром и воденичните камени започнаа сами да мелат. Тој го препозна во тоа дејството на ѓаволот, стана и започна усрдно да се моли. Потоа со силен глас рече:

- Ти запретува Господ, врзан ѓаволе!

Но, ѓаволот не престануваше да мели. Тогаш преподобниот повторно рече:

- Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, Кој те исфрлил од небото и те потчинил на Своите угодници, ти наредувам јас, грешниот, да не престанеш да мелиш додека не го сомелиш сето жито, за и ти да поработиш за светите браќа.

Потоа застана на молитва, а ѓаволот не се осмели да се оглуши на наредбата и таа ноќ го сомеле сето жито. Кога утредента преподобниот го извести келарот да испрати по брашно, тој многу се восхити на таквото необично дело, како за една ноќ беа сомелени пет коли жито, па самиот отиде во пештерата и го изнесе брашното. Притоа се случи второ чудо. Од тоа исто жито се добија уште пет коли брашно. Така и тука во делата на блажениот Теодор се исполнија зборовите на Апостолите, кои некогаш му зборуваа на Господ Исус: „Господи, во Твое име и демоните ни се покоруваат“ (Лука 10, 17), а и ветувањето на Самиот Господ Исус: „Еве, ви давам власт да газите на змии и шкорпии и власт над секоја непријателска сила“ (Лука 10, 19).

Селукавиот ѓавол сакаше да го заплаши слугата Божји и да го потчини под себе, како што порано го прелести, но наместо тоа самиот ги стави врз себе оковите на ропството и беше принуден да вика:

- Повеќе нема да се појавам овде!

Преподобните Теодор и Василиј беа востановиле меѓу себе богоугоден обичај, никогаш да не ги сокриваат своите помисли еден од друг, туку заедно да ги разгледуваат дали Му се угодни на Бога. Откако се посоветуваа меѓу себе, блажениот Василиј влезе во пештерата на безмолвие, а преподобниот Теодор излезе од неа поради староста и се насели во древниот манастир.

Во тоа време древниот манастир беше спален. Граѓата за градба на црква и ќелии, донесени од Дњепар, беше на брегот, па беа најмени луѓе да ја однесат во гората. Меѓутоа преподобниот Теодор, сакајќи самиот да си изгради ќелија за себе, започна сам да носи граѓа од брегот кон гората. А лажливите ѓаволи заборавија дека не така одамна, приморани од преподобниот да му работат, ветија дека нема никогаш да му се приближат, и започнаа повторно да му вршат пакости. Гредите што блажениот Теодор во текот на денот со огромна мака ги носеше во гората, ѓаволите ноќе ги исфрлаа, сакајќи да го избркаат оттаму. Тој ја препозна нивната пакост и рече:

„Во името на нашиот Господ Исус Христос, Кој ви наредил да влезете во свињите, ви наредувам јас, грешниот слуга Негов, сета граѓа што се наоѓа на брегот да ја однесете во гората, за браќата да можат непречено да подигнат храм на Пресвета Богородица и ќелии за себе, и да знаете дека Господ е на ова место“.

И демоните веднаш во истата ноќ ја однесоа сета граѓа, подготвена за градба на манастирот а не само за ќелијата на Теодор. Кога дојдоа најмените луѓе со санките, не најдоа ниту една греда. А кога видоа дека е веќе однесена во гората и распоредена според потребите за градбата, сето тоа, како работа која Ја надминува човечката сила, многу ги зачуди.

Така се прослави Господ преку Неговиот угодник Теодор и неговиот советник Василиј, поради чиј што подвиг се случи ова чудо. Овие еднодушни слуги Господови не се гордееја што демоните им се покоруваат. А тие пак, не можејќи да го поднесат својот срам, започнаа на сите можни начини да поттикнуваат лоши луѓе против светите Теодор и Василиј. Така тие веднаш по чудесното пренесување на граѓата ги поттикнаа најмените луѓе да се побунат, та тие му рекоа на блажениот Теодор:

- Дај ни ја нашата дневница. Не сакаме да знаеме со какви марифетлци ти и Василиј сте ја пренеле граѓата на гората. Требаше ние да ја пренесеме.

Покрај тоа и неправедниот судија, поткупен со злато, донесе пресуда Теодор да им ја плати договорената сума, притоа дрзнувајќи се да му рече на преподобниот:

- Бесовите, кои ти помогнаа во пренесувањето на граѓата, нека ти помогнат да платиш.

Овој нов напад им зададе голема мака на преподобните. Но, откако не успеа да ги осуди на смрт, ѓаволот, сеќавајќи се на својата прва победа над блажениот Теодор, повторно ја крена таа смртоносна бура. Зеде на себе обличје на преподобниот Василиј, кој во тоа време самуваше во молитвено тихување во Варјажската пештера, и дојде кај еден од советниците на кнезот, кој беше многу лут и свиреп, непобожен и на збор и на дело. Тој лично го познаваше преподобниот Василиј. Искушувачот му рече на тој болјар:

- Теодор, кој пред мене живееше во пештерата, нашол богатство од злато, сребро и скапоцени предмети, и сакаше да побегне со него, но јас го задржав. Сега се прави јуродив. Има врски со демоните. Им наредува да мелат жито и од брегот да носат граѓа во гората, а тој многу внимателно го чува најденото богатство, за со него тајно да побегне. Во тој случај кнезот ќе нема никаква корист од тоа богатство.

Болјарот го одведе божемниот Василиј кај кнезот Мстислав Свјатополкович, кој и нему му го раскажа истото, но додаде:

- Фатете го што побрзо, додека не побегнал, и ќе го добиете богатството. Ако не сака да го даде претепајте го, подложете го на големи маки и повикајте ме мене, па јас ќе го изобличам пред сите и ќе го посочам местото каде е сокриено.

Откако така го прелести кнезот, ѓаволот си отиде.

Наредното утро кнезот со многу војници се упати кон манастирот, го фати блажениот Теодор и го одведе во својот дом, каде најпрвин ласкаво започна да го распрашува:

- Кажи ми, оче, вистина ли е дека ти, како што слушам, си нашол богатство?

- Да, најдов, - одговори преподобниот, - но тоа сега е сокриено во пештерата.

Кнезот праша:

- Знаеш ли, оче, кој го сокрил тоа богатство таму и колкава е неговата вредност?

Блажениот Теодор одговори:

- Уште за време на животот на нашиот преподобен отец Антониј се зборуваше дека варјазите сокриле богатство во таа пештера, поради што и досега таа се нарекува Варјажска пештера. Јас сум го видел. Се состои од многу злато, сребро и латински предмети.

На тоа кнезот му рече:

- Зошто тогаш, оче, не ми го дадеш? Јас ќе го поделам со тебе. Ти земи колку ти е потребно, па така ќе ни станеш татко и на мене и на мојот татко.

Блажениот одговори:

- Јас немам потреба да земам ништо од богатството, и сето би ви го дал вам, зашто вие имате такви грижи, но Господ направи да го заборавам местото каде го закопав.

Тогаш кнезот гневно им нареди на слугите:

- Оковајте го овој монах и три дена немој да му давате ни вода ни леб, бидејќи не ја цени мојата милост.

Откако го оковаа повторно го прашаа за богатството, а тој повтори дека не знае каде го сокрил. По ваквиот одговори кнезот нареди, та страшно го тепаа, така што сета власеница му се накваси со крв. Потоа нареди да го обесат, да му ги врзат рацете и под него да запалат оган. Многумина се восхитуваа на неговото трпение, додека тој стоеше во огнот како во роса а огнот не се допре до него. Еден од очевидците го извести за тоа царот, па тој, обземен од ужас, започна да му зборува на старецот:

- Зошто се убиваш себе си и не сакаш да го дадеш богатството, кое нам ни припаѓа?

Преподобниот одговори:

- Вистината ти ја зборувам, дека по молитвите на мојот брат Василиј и тогаш бев спасен од среброубието, а и сега Господ го зеде од мене сеќавањето за местото каде сум го сокрил.

По ваквиот одговор кнезот испрати по блажениот Василиј, кого насилно го доведоа, бидејќи не сакал да излезе од пештерата. Тогаш кнезот му рече:

- Се што ме посоветува да сторам со овој старец, јас сторив, но не постигнав ништо и сега те повикувам тебе за сведок, зашто сакам га те имам како татко.

Преподобниот Василиј во недоумица праша:

- А што те советував Јас?

- Иако го мачев, тој не сака да ми каже каде го сокрил богатото, кое, како што ти ме извести, го нашол.

На тоа преподобниот Василиј рече:

- Треба да ги распознаваме замките на лукавиот бес, кој те измамил. Изминаа петнаесет години откако не сум излегол од пештерата.

Оние што биле присутни при овој разговор на бесот со кнезот, возвратија:

- Ти пред сите нас му зборуваше на кнезот.

Преподобниот одговори:

- Јас ве немам видено ниту вас ниту кнезот.

Разгневениот кнез нареди и него да го подложат на жестоки маки, и притоа пијан од вино, зеде стрела и го рани блажениот Василиј. Извлекувајќи ја стрелата од своето тело, преподобниот ја фрли кон кнезот, велејќи:

- Со оваа стрела наскоро самиот ќе бидеш ранет.

Ова пророштво на светителот се исполни.

После тоа кнезот нареди преподобните одвај живи од мачењето да ги затворат во посебна темница, за утредента да ги подложи на уште пострашни маки. Таа ноќ и двајцата преподобни заспаа пред Господа во својата чесна смрт, во 1098 година. Господ ги изведе од темницата нивните души, да го прославуваат светото име Негово во вечната светлина. Браќата дојдоа и ги зедоа чесните тела на светите страдалници и чесно ги погребаа во Варјажската пештера, во која тие трудоњубиво и богоугодно се подвизуваа. Подоцна беа пренесени во пештерата на преподобниот Антониј, каде и досега лежат нетлени во крвава облека и власеници, кои исто така стојат целосни. Некое време по нивната блажена смрт се овистини пророштвото на преподобниот Василиј. Кнезот Мстислав Свјатополкович беше ранет со стрела за време на битката со кнезот Давид Игорович во градот Владимир, и откако ја препозна својата стрела, со која тој го рани преподобниот Василиј, рече:

- Еве, денес умирам, казнет заради преподобните Теодор и Василиј.

Така злиот убиец беше казнет за своите дела, а преподобните страдалници како победници над ѓаволот, кој победува преку среброљубието, се овенчани не со непропадливо сребро и злато, туку со вечната слава и чест, и добија венец од скапоцениот Камен Христос, Кому чест и слава со Бога Отца и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ И БОГОНОСЕН ОТЕЦ НИФОНТ,

патријархот Цариградски

Божествениот Нифонт се роди од родители знаменети по род, но уште познаменити по побожноста и доблестите кои го издигнуваат човека и пред Бога и пред луѓето. Таткото на Нифонт се викаше Мануил а мајка му Марија. На светото крштение тој го доби името Никола. Како момче Никола беше даден во училиште, каде го сврте врз себе внимание на сите најмногу со својата скромност и одбегнувањето на детските игри. Наместо да си игра со децата, Никола како мудра пчела одеше таму каде што можеше да слушне некоја старечка поука и да го подражава доблесниот живот. Бистар и даровит, тој за кратко време ги надмина во науката своите врсници. Во слободното време најмногу сакаше да чита за животите на Светиите и притоа се трудеше според своите сили да ги подражава во подвижништвото. Се хранеше само со леб и вода. Во тие почетоци на подвижничкиот живот на Никола многу му помагаше јеромонахот Јосиф, кој беше почитуван од сите. При честите разговори за пустинскиот живот, омилената тема на Никола, тој еднаш го замоли старецот Јосиф кришум да го одведе во еден манастир, зашто знаеше дека неговото јавно заминување во манастир може да има препреки и непријатни последици. Старецот со радост ја исполни молбата на младиот Никола и тие заедно најпрвин отидоа во Епидаврион, каде што живееше отшелникот Антониј, во тоа време познат по светоста на својот живот.

Кога патниците му се јавија на овој свет старец, тој со радост ги прими, а кога од старчевата уста потекоа слатки зборови, Никола ги слушаше со воодушевување. Најпосле тој падна пред нозете на преподобниот Антониј и со солзи го молеше да му дозволи да остане кај него. Залудно му укажуваше тој на трудовите на подвижништвото и суровоста на монашкиот живот, за да го оттргне од себе. Никола беше уште поупорен, така што старецот се восхити на неговата желба, го прими и му даде ќелија. Потоа го поучи како да владее и да војува против телото и замките на сатаната. Добриот Никола остана кратко време искушеник под старчевото раководство, зашто набрзо побара, односно замоли за себе ангелски образ. Божествениот Антониј му даде до знаење дека по приемот на овој образ е должен да врши големи подвизи и трудови, за врагот да не го сруши и победи. Му напомна и дека освен крсниот и мачниот не постои друг пат кон небото, па го пострижа и му го даде името Нифонт.

Оттогаш монахот Нифонт целосно Му се посвети на Бога и се искачуваше од сила во сила кон духовното совршенство. Но и врагот не дремеше. Час со мисла на оставеното богатство, час во сеќавање на родителите, тој не престануваше да го нарушува спокојството и мирот во душата на Нифонт, за да го повлече назад. Во таквите случаи тој веднаш одеше кај старецот, со солзи паѓаше пред неговите нозе и му ги откриваше помислите. Со благодатта Божја, молитвите и утехата од старецот за него тогаш биваа исцеление и заштита.

Монахот Нифонт се занимаваше со ракоделие. Како одличен крснописец, тој со таа работа заработуваше за храна. Во својот осаменички живот над се се украсуваше себеси со молчење. Строго ја чуваше својата уста од празнословие и зборуваше само со благослов на старецот. Омилено занимање му беше читањето на Светото Писмо, чии што божествени вистини секогаш го допираа и му предизвикуваа солзи. За сето тоа Нифонт беше совршен во монашкиот живот и светол пример за подражавање. Но, тој не се користеше долго со искусното раководство и поуки на својот старец Антониј. Како многу остарен, старецот Антониј мирно отиде кај Господа. Горко и неутешно го оплакуваше Нифонт овој незаменлив губиток за него. По доста време во безмолвие, тој се оддалечи од таму во тврдината наречена Нарда, каде тогаш беше познат по својот доблесен живот старецот Захариј, доселеник од Света Гора. За да ги изучи правилата и животот на атонското монаштво, Нифонт остана кај старецот Захариј.

Во тоа време Православната Црква беше вознемирена од Флорентинскиот собор, зашто на тој собор византискиот цар Јован Палеолог, од политички причини предавнички му пријде на римскиот папа. Православниот Исток одлучно ја отфрли унијата, а мудриот Захариј и божествениот Нифонт, за да ѝ бидат од корист на вознемирената Црква, отидоа во Аскалон, каде со силата на убедливите проповеди ги учеа православните да му останат верни на Православието и одлуките на светите Апостоли и Вселенските Собори, засновани на непоколебливиот Камен - Христос, Кој е глава на Црквата. А кога умре Јован Палеолог, него го наследи неговиот брат Константин, кој свечено објави дека предавничкиот Флорентински собор е неважечки за Православната Црква и ги поништи сите негови одлуки.

Меѓутоа настапи страшна година. Истокот и неговата престолнина Цариград беа покорени од Турците во 1453 година. На нередите и бесот, крвопролевањата и насилствата од страна на Турците им немаше крај. Несреќните христијани се засолнуваа од место во место, за да го одбегнат злото, додека не се воведе некој поредок, Блажениот Захариј заедно со Нифонт отиде во една пуста гора, па потоа заедно преминаа во Охрид, во манастирот на Пресвета Богородица, и останаа во него како собраќа.

Во тоа време умре охридскиот митрополит Николај. Се собраа епископите, клирот и народот, и сите го молеа Захариј како достоен со доблесниот живот и благодатното образование, да го заземе Охридскиот епископски престол. Смирениот старец долго одбиваше, извинувајќи се за својата слабост и тежината на апостолското служење на Црквата Христова. Сепак, на упорните молби, Захариј беше ракоположен за архиереј. Тогаш блажениот Нифонт смирено замоли од него благослов да се повлече на Света Гора во безмолвие. Епископот му одговори:

- Сега, кога мене во оваа сложена и тешка функција ми се најпотребни твоето присуство и помош, ти сакаш да ме напуштиш. Во маката се познаваат вистинските пријатели. Зошто се одрекуваш од мене?

Архиерејот го зборуваше тоа низ солзи, кои го трогнаа и поразија преподобниот Нифонт, та и самиот заплака, немајќи сила да се противи на неволјата на својот владика. Наредната ноќ ја поминаа во молитви и бдеења. А кога пред зори архиерејот задрема, виде ангел Господов, кој му наредуваше да го ослободи Нифонт. Тогаш се разделија, покорувајќи исе на волјата Господова. По доаѓањето на Света Гора, Нифонт најпрвин се задржа во Ватопедската обител. Тука најде многу опитни подвижници, кои усрдно ги подржуваше. Потоа отиде на Кареја, каде тогаш прот на Света Гора беше Данил, старец со строг живот, познат по дарот на расудувањето. Израдуван од доаѓањето на Нифонт, протот со љубов го прими и рече:

- Одамна од многумина слушам за тебе, па затоа и Го молев Бога да ме удостои да се видам со тебе во овој живот. Ете, себлагиот Господ ја исполни мојата смирена молба, знаејќи колку си им неопходен на овдешните браќа, на кои им се потребни мудри совети и примери за следење.

- На здравите не им е потребен лекар, - одговори на тоа смирениот Нифонт. - Јас дојдов овде не да лекувам, туку од други да бидам лекуван.

- Не заради тебе, - забележа божествениот Даниил, - ти е дадена од Бога благодат и дар на зборови, туку повеќе за корист на другите, Затоа е грев да се одбие кога од тебе бараат зборови на утеха и совети.

Од тоа време божествениот Нифонт остана да живее на Света Гора како пчела, летајќи по пустинските обители и скитови, колку за сопствена корист, толку и за корист на другите, и со силата на своите зборови ги утешуваше сите. Негово ќелијно занимање како и порано беше препишувањето на книги, со што го заработуваше насушниот леб за себе.

Иако се воодушевуваше од тишината на Света Гора како целина и секоја нејзина обител посебно, сепак обителта на Светиот Преттеча, наречена Дионисијат, во секој поглед му изгледаше единствена. Затоа, откако го посети манастирот Пантократор и лаврата на свети Атанасиј, тој го избра Дионисијат за свое постојано престојувалиште. Игуменот и браќата се радуваа што се насели кај нив и го молеа да го прими свештенството, но тој се сметаше за недостоен и одбиваше. Потоа на упорните молби беше издигнат на степенот на свештенството, по што не се промени кај него смиреното расположение, туку напротив го поттикна на уште построги подвизи и трпенија. Според сведоштвото на ондешниот голем старец Петрониј, Нифонт бил светило не само за својата обител, туку и за цела Света Гора. Еднаш по манастирски потреби старецот Петрониј и свети Нифонт останаа надвор од обителта. Кога на полноќ Петрониј стана на молитва, виде како Нифонт веќе го врши своето молитвословие со кренати раце и го опкружува прекрасна светлина. Таа светлина ја осветлуваше самата гора и досегнуваше до небото. Петрониј се онесвести од страв и падна на земјата. Залудно потоа смирениот Нифонт го преколнуваше старецот да не зборува никому за тоа видение. Штом се вратија, старецот веднаш тајно му раскажа на игуменот за тоа, кој строго му запрети никому да не кажува, знаејќи дека тоа може да го избрка Нифонт од нив, кој со своето смирение и чист живот ја сочинува убавината на нивната обител.

Во тие денови се упокои солунскиот митрополит Партениј. Во Солун веќе одамна беа познати доблесниот живот на Нифонт, неговата образованост и красноречивост, со кои ги воодушевуваше слушателите и ствараше умиление во нивните души. Затоа сите го сакаа за митрополит Солунски. Двајца епископи од подрачјето на Солунската црква добија од клирот и народот порака да појдат на Света Гора и да го доведат Нифонт на еписконскиот престол. Знаејќи ја неговата смиреност, тие не му ја соопштија веднаш желбата и молбата на Солунските граѓани, туку најпрвин го известија игуменот и некои од постарите браќа. Но, тие не сакаа ни да слушнат засекогаш да се разделат од смирениот Нифонт. По многукратните молби и настојувања, испратените епископи, штом видоа дека се е залудно, со топли солзи се обратија кон Бога и светиот Преттеча, тие да им помогнат.

Кога го забележа доаѓањето на епископите, блажениот Нифонт го запраша игуменот зошто се дојдени. Старецот ни збор не му прозборе, а Нифонт му рече:

- Не тагувај! Јас знам зошто се дојдени! Се надевам дека никој нема да ме раздели од вас и од обителта. Овде ќе го завршам својот живот, според ветувањето на божествениот Преттеча. Јас го молев за тоа и мојата молитва е услишана.

Игуменот одговори:

- Нека ти биде според зборовите твои. Но, ги гледаш ли епископите за кои ме прашуваш? Тие се испратени од сиот клир и народот на Солун, да те земат и да те постават на архиерејскиот престол на Солунската митрополија. Иако се надеваш дека ќе се вратиш, јас повеќе нема да те видам овде.

Игуменот го зборуваше тоа низ солзи.

Така и се случи. Кога блажениот Нифонт по втор пат дојде на Света Гора во обителта на светиот Преттеча, овој игумен не го затекна меѓу живите. При овие зборови смирениот Нифонт горко заплака, падна на подот од храмот каде што разговараа и извика:

- Јас сум никој и ништо! Зарем јас грешниот да го примам врз своите слаби плеќи бремето на апостолското служење?

Додека така плачеше горко, браќата се собраа во црквата и се чудеа. Тогаш игуменот ги извести зошто дошле кај нив епископите, и настана општо плачење. Сите браќа го опкружија Нифонт и го прегрнуваа, простувајќи се со него низ солзи. Возбудата во обителта беше толку изразена, така што тоа го искористија епископите и клириците, та влегоа во храмот и пред лицето на Бога и браќата му врачија на Нифонт позивна грамота од клирот и народот Солунски. Залудно смирениот Нифонт одбиваше наведувајќи ги како причина својата недостојност и желбата во пустината да го заврши својот живот. И самиот игумен застана на страната на епископите и заедно со нив го убедуваше да не се противи на повикот и волјата Божја. Притоа му рече:

- Минатата ноќ самиот Господ ми нареди да не те задржувам. Затоа оди каде што те повикува Бог и не заборавај на нас. Што се однесува до нас, ти беше и секогаш ќе бидеш чедо на нашата обител, каде и да се наоѓаш.

Потоа игуменот, а по него и браќата, со солзи го прегрнуваа блажениот и се простија со него. Најпосле тој им рече:

- Нека биде волјата Господова. Одам по патот што ми е одреден од Бога, но и големи неволји одат по мене. Молете се за мене.

По доаѓањето во Солун беше произведен за архиереј, на неопислива радост на верните и на мака на западните мисионери, кои насекаде ги сееја новитетите на Флорентинското збориште и лажен собор. За да им зададе одлучен удар и да ги сотре, блажениот Нифонт, штом застана на архиерејскиот престол, веднаш започна да држи проповеди врз основа на божествените догмати, предадени на Црквата од светите Апостоли и светите Вселенски Собори, советувајќи ги верните да не се занесуваат по мудрувањата од Запад, туку цврсто и непоколебливо да го чуваат Православието на Отците, трпеливо да го носат јаремот на ропството под иноверната мухамеданска власт, очекувајќи за тоа небесна награда. Притоа свети Нифонт, како вистински отец и пастир, не забораваше на неволните и сиромашните и ги молеше богатите да им даваат на ближните се што можат и самиот давајќи им трогнувачки пример иа сострадање. Многупати тој ноќе самиот одеше кај сиромашните и болните, ги тешеше и успокојуваше, поттикнувајќи ги на благодарно трпење пред Бога. Премудриот обраќаше кон Христовата Црква и многу неверни, ослободувајќи ги од нивната заблуда. Затоа, како сенката телото, него го следеше гласот за светоста на неговиот живот. Најпосле, по своите подвизи и ревност за Православието, стана познат и во Големата Црква во Цариград.

По две години беше повикан во Цариград за разгледување на одредени црковни работи. Тоа беше по промисла Божја, како што ќе се види понатаму. Во Цариград беше примен со почит од патријархот и неговиот Синод, а исто така и од клирот и верниците. Тука Господ го израдува и на средба со епископот Захариј, неговиот поранешен наставник. Радоста од оваа неочекувана средба и за двајцата беше неискажлива, но и краткотрајна. По неколку дена епископот Захариј се разболе и отиде кај Господа. Веднаш потоа се упокои и патријархот Цариградски, блажениот Максим Втори, и за патријарх беше избран смирениот Нифонт, против негова волја.

Со својата апостолска ревност, тој како патријарх ја оправда надежта на православната паства Христова, вознемирувана од западниот фанатизам. Благотворно делуваше на собраќата кои страдаа под тешкиот јарем на мухамеданското ропство, како и на самите агарјани, привлекувајќи ги со силата на зборовите и светоста на животот, од темнината на заблудата кон светлината на евангелските вистини. Се радуваше Црквата Христова украсена со таквиот свој светилник, но не за долго. Меѓу неговиот клир се најдоа непријатели, за кои божествениот Нифонт беше неподнослив. Работејќи под влијание на ѓаволот и султанските власти, тие успеаја во својата замисла. Тој беше исфрлен и протеран од патријаршискиот дом. Невиниот страдалник не го допирало тоа што е тргнат од престолот, зашто знаеше дека дотичните клирици се само орудие на тајните замки на сатаната. За блажениот беше далеку поболно тоа што беше разделен од својата сакана паства, за која сакаше само мир и спасение. Сепак, предавајќи се на волјата Божја, тој со радост се ослободи од патријаршиската служба, молејќи се на Господа да им го прости гревот на неговите непријатели, да ги покае, па се оддалечи во Созопол, во манастирот на пресветиот Преттеча, во очекување дека таму ќе најде слатка тишина на безмолвие.

Но, според зборовите Господови, не може да се сокрие град на врв планина (Матеј 5, 14). Познат по својот свет живот, блажениот Нифонт ни тука не го најде посакуваниот мир, зашто многу народ започна да се собира кај него, за да го слушне или барем да го види протераниот светител. Така свети Нифонт помина две години во прогонство. Потоа на Бога Му беше угодно повторно да го повика на Цариградскиот патријаршиски престол. Меѓутоа, злобниците повторно не го оставија на мир. Еднаш, по Светата Литургија, на враќање од парохиската црква тој неочекувано го сретна на патот султанот и го поздрави како што доликува. Гордиот владар, во бесот на својата злоба, беше незадоволен од неговиот поздрав, па го прекори и искара пред целиот народ и штом стигна во дворецот издаде наредба да го испратат на заточение во Едрене, под строг надзор на јаничарите. Само Бог знае што претрпел невиниот страдалник од муслиманите. Во Едрене, иако беше под специјален надзор од турските власти, Бог му ја дари утехата да живее во место до црквата на светиот првомаченик Стефан, каде тој постојано Го славеше Господа и слободно Му служеше.

Меѓутоа славата за доблесниот и свет живот на Нифонт допре и до Влашка (Романија). Тогашниот влашки кнез Радул многу сакаше да го види и Бог му ја исполни желбата. Како вазал на Портата, кнезор Радул тргна по работа во Цариград. Патот водел преку Едрене. Таму тој издејствува кај турските власти дозвола да го види блажениот Нифонт. Средбата беше многу радосна и за двајцата. Трогнат и освоен од патријарховата слатка беседа, привлечен од смиреноумието и целосната преданост на волјата Божја, кнезот започна сесрдно да го моли светиот да појде со него во Влашка и таму да биде архипастир, а дозвола од турските власти тој ќе издејствувал од Портата. Блажениот се согласи. Кнезот ја доби потребната дозвола, па заедно стигнаа во Влашка, каде од целиот народ беа пречекани со восхит и искрена радост. Кнезот му велеше: „Од сега ти си ни наставник и пастир“.

И го претставуваше пред својот народ, продолжувајќи:

- Твоите зборови за нас се закон.

Свети Нифонт одговори:

- Благословена е твојата желба. Да даде Бог да го одржиш својот збор и ветување до својата смрт! Уште нешто господару: Те молам и преколнувам ако согрешиш како човек, немој да ја одбегнуваш мојата татковска и духовна поука, зашто ти си пример за сиот народ, било со доблести и побожност, било со отстапување од Господовите патишта.

Кнезот Радул рече:

- Ти си наш отец. Прави се што е корисно за нашите души. Ние со покорност и радост ќе ја исполниме секоја твоја поука и совет.

Откако стапи на престолот како архипастир, блажениот Нифонт најпрвин свика помесен собор под претседателство на самиот кнез и неговите врховни високодостојници, каде ги изложи правилата на христијанската наравственост и догматите на Црквата, како темел на општествениот мир и залог на небесниот благослов, советувајќи сите строго да се држат до нив и неотстапно да ги следат. За подобар успех во тоа основаше две нови епархии, ракоположи епископи и им даде правила за раководство. На крајот, обраќајќи му се на кнезот, тој го молеше како господар да ги казнува недобрите, да не гледа кој е кој, туку праведно да суди, да знае дека има Бог и страшен Суд, каде секој ќе одговара за вршењето на своите свети должности.

Исто така свети Нифонт ги советуваше и свештениците и монасите беспрекорно да ги извршуваат своите должности, учејќи ги во тој дух на кроткост и убов и претејќи им со судот Божји. Гледајќи ја ваквата работа на својот нов владика и, слушајќи ги на честите богослужби неговите слатки беседи, полни со љубов и сила, народот го нарече Златоуст, и со голема желба се собираше во црквата да ги слуша неговите воспитни поуки. Но, колку тој повеќе се трудеше, толку и ѓаволот се грижеше да му попречи.

Еден молдавски велможа Богдан, лош и расипан човек, во својата татковина беше обвинет од властите за престапи. За да ја одбегне заслужената казна тој се сокри, ги остави жената и децата и побегна во Влашка. Така му се додвори на кнезот Радул и тој го задржа крај себе, па уште и спротивно на црковните канони и граѓански закони, реши за него да ја омажи својата родена сестра, иако знаел дека Богдан е оженет и има семејство. Кога беше склопен овој незаконски брак, дозна за тоа првата жена на Богдан и му напиша писмо на свети Нифонт, жалејќи се и докажувајќи дека тој е оженет и има деца. Ова дело го огорчи кроткиот архиереј. Тој го повика кај себе Богдан, му ја предаде жалбата од неговата жена, и од своја страна го советуваше да не го раскинува својот законски брак. Расипаниот Богдан му искажа на светителот многу грубости и замина од него со закани дека ќе се освети за себе и за честа што му ја валка Нифонт. За да ја оствари својата закана, тој се обрати кај кнезот Радул, горко жалејќи се од блажениот. И самиот патријарх дојде кај кнезот и му го предаде писмото од Богдановата жена, молејќи го да не ги нарушува божествените правила на Црквата. Наместо да го прифати законскиот став на светителот, кнезот му возврати дека мирјаните не можат потполно да ги исполнуваат барањата на Црквата. Свети Нифонт на тоа му рече:

- Моја должност е свето да ги исполнувам своите обврски. Поради што твојата светлост ме повика ваму, ако не да ја изобличувам неправдата и од сите да барам строго исполнување на црковните прописи? Јас не ви проповедам свои закони, туку Божествените закони, за кои сум подготвен и душата да ја положам. Ако не сакате да ме послушате, јас сум чист пред Бога!

По овие зборови го напушти дворецот, отиде во црквата и нареди да се свика народот, на кој му изговори поука, па се облече во архиерејска облека и свечено го одлачи од црквата беззакониот Богдан со неговата нова незаконска жена и сите кои биле соучесници во неговиот незаконски брак. Најпосле со пророчки дух ги опиша нередите кои ќе ја зафатат Влашка, им претскажа на Радул и Богдан несреќна смрт за нивното беззаконие, па го симна од себе знакот на првосвештеничкото достоинство, ги остави на светиот престол, ги целиваше светите икони и ја напушти црквата.

Кога дозна за тоа, кнезот Радул наместо да се покае за својот грев, издаде наредба на сите страни никој да не општи и да не одржува никакви врски со Нифонт, зашто ќе добие смртна казна и одземање на сиот имот. Блажениот му отстапи место на гневот и тајно се насели во домот на својот духовен син, дворјанинот Неанк, родум од Бесарабија.

Меѓутоа Радул, размислувајќи за своето одлачување од Црквата, неволно се плашеше од гневот Божји. Иако се лутеше на светителот, сепак знаеше дека тој е вистински праведен и побожен. За да го омекне неговото срце, тој со огромно почитување го повика кај себе и започна лубезно да го моли за извинување, правдајќи го бракот на Богдан со неговото несогласување со Големата Црква цариградска. Веднаш потоа започна да го моли и тој од своја страна да ги благослови Богдан и неговата нова сопруга. Свети Нифонт со длабока воздишка рече:

- Радуле! Радуле! Што и да ми ветиш, како да ме молиш, јас не давам своја согласност за незаконскиот Богданов брак. Сети се дека ти ме повика ваму. Зошто тогаш ме бркаш? Ако сум сторил некаква неправда, кажи ми. Моја должност е да го изобличувам беззаконието, за другите да ги сочувам од соблазна. Јас тоа и го правам. Сети се дека ти ме повика ваму, но, ти и ме бркаш. Јас ќе заминам по патот кој Господ ќе ми го покаже. Но, знај дека големо зло и безбројни неволји ќе те стигнат во твојата област. Ти самиот ќе умреш на несреќен и ужасен начин. Ќе дојде време кога ќе ме барате, но нема да ме најдете.

Со овие зборови блажениот Нифонт си замина. А при разделбата со Неанк, му рече:

- Чедо, голема несреќа ќе го снајде ова место, но тебе ќе те сочува семилосрдниот Бог, ако го исполниш мојот татковски завет. Ќе бидеш возвеличан и твоето име ќе стане славно. Тогаш сети се на мене, својот духовен отец. Од своја страна јас нема да престанам молитвено да посредувам за тебе пред Бога.

И се разделија. Неанк плачеше и горко ридаше поради разделбата.

Придружуван од своите ученици Макариј и Јоасаф, свети Нифонт дојде во Македонија, а оттаму отпатува на Света Гора и се насели во Ватопедската обител. Светогорците го примија со искрена радост и почит, славејќи Го Бога што ги удостои да го видат вселенскиот владика. Од најзафрлените пустини се собираа кај него подвижници да примат благослов од него и да слушнат негова поука.

Во еден од учениците на свети Нифонт, Макариј, необично строг подвижник и ревносен во исполнувањето на монашките должности, толку се зголеми божествена њубов кон Господа, што најпосле тој започна да бара маченички подвиг и смрт. Но, немајќи доверба во таа своја тајна желба, му раскажа на блажениот и го замоли за совет, па ако се согласи да му даде и благослов да пострада за Христа. Свети Нифонт го огради Макариј со крстот, се помоли за него и го отпушти со мир на саканиот подвиг. Кратко време потоа блажениот Макариј во Солун свечено Го исповедаше Христа и го проколна Мухамед, поради што турците го ставаа на многу маки, па најпосле му Ја отсекоа главата. Така го доби маченичкиот венец. Божествениот Нифонт го провиде тоа со духот, и му рече на својот ученик Јоасаф:

- Знаеш ли, чедо, дека денес страдалнички се упокои твојот брат Макариј и со радосна душа летна кон небото?

Наскоро потоа свети Нифонт заедно со Јоасаф тајно замина од Ватопед и стапи во манастирот на свети Дионисиј како селанец. Во овој манастир од ктиторите имаше и ваков устав:

Кога некој ќе дојдел во манастирот за монашење, најпрвин му одредувале тешки работи на неодредено време. Подоцна, откако искушеникот ќе ги поминел сите искушенија, според мислењето на настојателот го примале во манастирот и го вбројувале меѓу браќата. На тој начин и свети Нифонт како непознат дојденец беше одреден да ги чува мазгите. Додека се трудеше во ова послушание прикриван од Бога, со наредба на Големата Црква цариградска, него го бараа насекаде, за да го вратат на престолот на Вселенската Патријаршија, со дозвола на султанот. Пратениците стигнаа и на Света Гора, но блажениот Нифонт остана непознат се додека сакаше Бог. Еднаш тој беше одреден за стражар на соседниот рид, зашто морски разбојници ненадејно беа нападнале на Света Гора и пњачкаа се. Кога падна ноќта блажениот застана на молитва. Додека се молеше над него одеднаш се крена огнен пламен во вид на столб, од земјата па до самото небо. А блажениот стана светол, огнен. Тоа го забележаа монасите во близина. Еден, кој беше покрај него, преплашен од виденото чудо, отиде во манастирот и им раскажа на сите за славата на братот, кој се молеше. Истото го потврдија и другите монаси. Старците и браќата се запрепастија и не можеа да сфатат ништо за чудниот подвижник, кој се појави меѓу нив. Затоа со заедничка молитва се обратија кон Господа да им открие кој е тој толку прославен од небото. И Господ им ја откри тајната преку видение на игуменот на манастирот, кој како да се наоѓал во храмот, па тука се појавил божествениот Преттеча и му рекол:

„Собери го братството и излезете да го пречекате патријархот Нифонт. Висината на неговото смирение нека биде образец за вас. Тој е патријарх, а се спуштил до таму што станал еден од вашите работници“.

Поразен од тоа, игуменот долго не можеше да си дојде на себе, Потоа, кога мислите му се смирија, нареди да се удри клепалото и на насобраните браќа им го раскажа своето видение. Тогаш сите во својот чувар на маски го препознаа патријархот Нифонт. Додека се случуваше тоа, пресветиот работник беше појден во цгумата по дрва. А кога забележаа дека се враќа од своето послушание, сите излегоа да го пречекаат и му се поклонија со целосно почитување како патријарх. Трогнат до солзи од неочекуваното торжество на своето смирение, свети Нифонт падна на колена плачејќи. Настојателот му рече:

- Се сврши гледањето на твоето трпение, светилнику на вселената! Доволно е твоето смирение, за смирение на нашите сопствени немоќи.

И му ја целиваше десницата.

Блажениот Нифонт плачеше, длабоко потресен од настанот. Плачеа и браќата, особено оние кои од незнаење го навредувале и, молејќи за прошка лежеа крај неговите нозе. Најпосле свети Нифонт рече:

- Отци и браќа мои, Господ ме сокри мене од јубовта ваша, оти јас Го молев за тоа, за да ме спомне во моето смирение. Вие знаете дека човечката слава и њубовта на овој свет не отуѓуваат од Царството Божјо, зашто Господ рекол: „Каква е користа за човекот ако и сиот свет го придобие, а на душата своја и наштети?“ (Марко 8, 36).

Потоа, опкружен од братството, свечено влезе во манастирот и се посвети себеси на својата строгост на монашкиот живот, не престанувајќи да ја извршува секоја работа заедно со браќата, иако од староста, страдањата и прогонствата, неговите телесни сили беа истрошени и слаби. Покрај останатите работи тој ги посетуваше бодните и ги тешеше тажните.

- И јас, - вели составувачот на неговото житие, јеромонах Гаврил, тогашен прот на Света Гора, - многу пати, заминувајќи и останувајќи таму за слушање на неговите поучни беседи, го гледав како копа во градината, или како помага во воденицата...

Работеше неуморно, за другите да не роптаат. При сето тоа сатаната не престануваше да војува и против него. Се најдоа луѓе кои ги омаловажуваа сите трудови и подвизи на смерниот Нифонт, припишувајќи ги на лицемерие, а неговите слатки беседи ги нарекуваа чукање празна слама. Тој знаеше дека сето тоа е делување на сатаната и Го молеше Бога да му даде сили за поднесување на искушенијата до крајот на животот, та затоа им простуваше и на своите непријатели, молејќи се за нивното спасение.

Еднаш браќата пренесуваа со кораб манастирска пченица од метохот. Но зафати силна бура и коработ на дофат на обителта се наоѓаше во крајна опасност. Кога го забележа тоа, свети Нифонт тргна кон коработ, без да обрне внимание на бурата. И штом стапна на палубата, бурата се стиши и настана потполна тишина. Браќата паднаа пред неговите нозе и го молеа да Го смилостиви Бога да не ги снаоѓа никаква опасност кога во иднина ќе пловат по морето. Блажениот им одговори:

- Бог ќе ви даде според желбата ваша, под услов свето да го исполнувате пропишаното правило и црковните служби и да не празнословите.

Потоа ги преклони колената на котвата, ги подигна рацете и очите кон небото и долго се молеше, па ја благослови котвата и рече:

- Браќа, чувајте ја оваа котва на долично место. А кога ќе настапи бура, спуштајте ја во морето и бидете спокојни.

Од тогаш навистина, секогаш кога браќата се наоѓале во опасност по морето, тие ја спуштале котвата призивајќи го името на свети Нифонт и настанувала тишина. Ова знамение од мртвиот метал толку ги поразувало монасите, така што за време на кадењето на иконите ја каделе и котвата, оддавајќи му на тој начин чест на свети Нифонт. А самата котва ја нарекувале патријарх и кога ќе настапела бура обично викале: „Пуштете го патријархот во морето“. Оваа котва во манастирот Дионисијат ја чувале како скапоценост и светиња, повеќе од сто и педесет години.

Најпосле за блажениот Нифонт настапи времето за заминување во вечноста, кај саканиот Господ. Освен по длабоката старост, тој и со божествено откровение знаеше дека тоа време е близу, па затоа ги повика браќата кај себе и им објави за својата смрт. Во таа прилика татковски ги советуваше сите строго да ги почитуваат заветите на монашкиот живот и со сите сили да се трудат да го наследат Царството Небесно. Додека го слушаа прошталниот говор на својот отец, браќата горко плачеа. Светителот продолжи:

- Сега, браќа мои, кажете ми што ви е потребно? Што да измолам од Господа за вас, пред да Му го предадам својот дух?

Браќата одговорија:

- Пресвети владико, остави ни ги, како непроценлива светиња, разрешните молитви кои би се читале над секој од браќата кој умира, при испраќањето во вечноста, со потполна убеденост дека заради твоите свети молитви ќе добие помилување и простување на Страшниот Суд.

Трогнат од таквата спасоносна молба на браќата, свети Нифонт заплака, Му се помоли на Бога да ја исполни желбата на отците, па обраќајќи му се на својот ученик Јоасаф, рече:

- Пишувај го тоа што ќе ти го зборувам. Тоа ќе биде последен дар за обителта.

Така свети Нифонт состави разрешни молитви за оние што се на умирање. Потоа, обраќајќи се кон Јоасаф, рече:

- Јас заминувам кај Господа, а ти, чедо, појди во Цариград. Таму те очекува страдалнички подвиг и венец на рајската слава.

Потоа, откако се прости со браќата, тој се причести со Божествените Тајни и тивко го предаде својот дух на Господа, на 1 август

1460 година, во својата деведесетта година. же

Веста за неговата смрт брзо се пронесе по Света Гора. Многу монаси се собраа за оддавање последни почести на преминатиот патријарх, кој сиот живот го помина во постојани беди и гонења, прекален во трпението како злато во оган. И така, во присуство на многубројните светогорски отци, свечено и со општ плач и солзи беа погребани свештените остатоци на блажениот.

По преставувањето на свети Нифонт, неговиот ученик Јоасаф без двоумење го исполни неговиот претсмртен завет. Отиде во Цариград и таму пред агарјаните го исповедаше името Христово, проколнувајќи го нивниот лажлив Мухамед. Поради тоа од нив претрпе најразлични маки и го заврши својот страдалнички подвиг со обезглавување.

Сега да кажеме и за последиците од прогонството на божествениот Нифонт од Влашка. Кога тој ја напушти Влашка, пред се во самата Влашка Црква настанаа многу смутови и нереди од нејзиниот сопствен клир. Потоа настапи страшна суша и ужасен глад, па сите сфатија дека тоа е последица од злосторничкото прогонство на пресветиот Нифонт. Свесен за својата вина, кнезот Радул се трудеше да дознае каде се наоѓа, но не го пронајде, како што свети Нифонт му прорече кога замина од него. Веднаш по преставувањето на блажениот, кнезот Радул го снајде неизлечива болест. По целото тело му се отворија рани и заразната смрдеа од нив беше толку неподнослива, така што никој не можеше да му пријде на овој несреќник. Умре во страотни маки и беше погребан во манастирот на свети Никола, наречен Далис, подигнат од самиот Радул. Но и по смртта гневот Божји не го остави свирепиот гонител на новиот Златоуст. На запрепастување на народот, гробот на Радул се тресеше три дена, како некогаш гробот на царицата Евдоксија, гонителката на свети Златоуст. Тогаш го снајдоа неволји и добриот Неанк, миленикот на блажениот Нифонт. Кнезот Михн, кој дојде после Радул, и наследникот на Михн, жестоко го угнетуваа невиниот Неанк. Но, како што беше прорекол светителот, по неговите молитви Неанк не беше потполно дотолчен, туку подоцна сиот народ го избра за господар на цела Угро-Влашка.

Откако виде дека претскажувањата на божествениот Нифонт навистина се исполнија, Неанк одлучи неодложно да ги пренесе неговите свети мошти во Влашка, за слава и благослов на својата земја, а и несреќниот Радул од присуството на свети Нифонт да добие некоја корист и милост во гробот. И како некогаш царот Теодосиј, кој со пренесувањето на светите Златоустови мошти ѝ даде на својата мајка Евдоксија утеха и миртој испрати двајца игумени и двајца великодостојници на Света Гора, во манастирот Дионисијат, со грамоти и многу подароци, молејќи за дозвола да ги пренесе во Влашка светите мошти на божествениот Нифонт. Оваа негова желба ја нажали обителта на свети Дионисиј. Но, бидејќи не смееја да се противат на волјата на господарот и истовремено не осмелувајќи се да се допрат до светите мошти на блажениот, старците и браќата од обителта им дозволија на самите пратеници да го откопаат гробот и да ги извадат светите мошти.

Тогаш еден голем логотет од великодостојниците зеде мотика, се прекрсти и започна:

- Според верата на мојот господар, ја земам на себе оваа работа со целосна увереност дека нашиот архипастир, отец и учител, нема да се лути на нашето усрдие и љубов.

И само што логотетот го раскопа гробот, се појавија чесните мошти на свети Нифонт и неискажан благомирис го исполни воздухот. Светите мошти беа извадени од гробот, положени во скапоцен ковчег и внесени во црквата, во која исто така се разли прекрасен мирис. Се собраа многу монаси од ќелии, од скитови и од манастири и кога по тој повод се вршеше бдение, Бог го прослави светителот со дарот на чудотворството.

Еден нем монах пријде да се поклони, и кога ги целиваше моштите му се разврза јазикот и проговори.

Исто така и еден слепец, доведен кај моштите, штом се допре до нив, веднаш прогледа.

И многу други чудеса се случија од моштите на светителот, кои не ги внесувам во неговиот животопис, вели животописецот, за да не ги заморувам читателите и слушателите, потполно убеден дека и овие две наведени чуда се доволни да не уверат во светоста и големата слобода на блажениот Нифонт пред Бога. По три дена пратениците на Неанк и неколкумина од браќата на обителта тргнаа со светите мошти во Влашка. Кога го преминаа Дунав, тие му испратија известување на господарот дека наближуваат. Тогаш излезе да ги пречека собор на архиереји, ереји, ѓакони и монаси. А кога пратениците наближија до Букурешт, самиот благочестив господар со мноштво народ, со свеќи и кадилници, го пречека свети Нифонт како жив и, обливајќи го со солзи падна врз кивотот. Потоа го зеде на своите рамења и со припомош на високодостојниците ги внесе светите мошти во манастирот Далис и ги постави на гробот Радулов. Цела ноќ се служеше бдение. Неанк и сиот народ го молеа свети Нифонт како жив. Потоа Неанк лесно задрема и во сонот виде како гробот на Радул се отвори. Неговото тело беше црно како јаглен и од него излегуваше неподнослива смрдеа. Му стана јасно за ужасната состојба на Радул, се растажи и усрдно се застапуваше пред свети Нифонт за несреќникот. И одеднаш во видение виде како свети Нифонт стана од својот кивот, му пријде на Радуловиот леш, го изми со света вода и смрдеата исчезна. Телото остана чисто и светлина се појави на неговото лице. Гробот на Радул се затвори, а свети Нифонт му пријде на Неанк и му рече:

- Гледаш ли, чедо, како ја исполнив твојата молитва? Исполни го и ти мојот завет. Управувај мирно со доверениот народ и испрати во мојот манастир дел од моите мошти, за утеха на браќата, кои се подвизуваат таму.

Така видението се заврши.

Многу вознемирен и радосен, Неанк си дојде на себе и свечено извика:

- Слава Му на Бога, Кој го прослави Својот возлљубен слуга Нифонт!

Тогаш им раскажа на сите што виде, и народот Го прослави Бога. Утредента на Божествената Литургија од сите страни на Влашка се собра многу народ. Огромен број најразлично болни, кои со солзи и вера пристапуваа кај светите мошти на блажениот Нифонт, по неговите молитви од самиот допир добиваа исцеление. Кога виде дека чудесата на светителот од ден на ден се зголемуваат, господарот свика помесен собор, на кој беше одлучено свети Нифонт да се празнува на ЦП август, денот на неговото преставување. За таа цел беше составена и служба за него. А благочестивиот Неанк изработи златен кивот во вид на многукубетна црква, украсена со скапоцени камења. На неговиот кров од внатрешната страна беше насликан блажениот Нифонт а пред него во молитвена положба на колена смирениот Неанк. Во така изработениот кивот тој ги положи светите мошти и ги испрати во светогорскиот манастир на свети Дионисиј, но претходно за себе ги зачува главата и раката. А пак во замена за светињата што ја остави кај себе, тој ја однесе во овој манастир светата глава на Крстител Господов Јован, во златен ковчег, украсен со скапоцени камења и подигна многу градби во манастирот, за што и беше вброен меѓу ктиторите на оваа обител.

Неанк ги имаше кај себе светата глава и рака на божествениот Нифовт се додека беше жив, за осветување и заштита од зла и искушенија. На умирање оваа светиња ја завети на манастирот Арџес, каде таа се наоѓа и денес. За се слава на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ

НЕОФИТ, ЗИНОН, МАРК, МАКАРИЈ и ГАЈ (ГАЈИН)

Овие свети маченици го завршија животот спалени за својата вера во Христа Господа.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ

ПАСАРИОН

Тој е основач на еден од Ерусалимските манастири. Бил хороепископ во Палестина и наставник на преподобниот Ефтимиј Велики. Се подвизувал во првата половина на петтиот век.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ НОВОМАЧЕНИЦИ

АНАСТАСИЈ ПАНЕРИС и ДИМИТРИЈ БЕЈАЗИС

Светите новомаченици Христови Анастасиј (Панерис) и Димитриј (Бејазис) беа родум од островот Митилина (Левзод). Анастасиј беше од местото Асоматон а Димитриј од Агијас. Беа блиски по вера и занает (а можеби и по телесно сродство). Се издржуваа од плетење корпи и кошници, а заедно со тоа неуморно го проповедаа Евангелието Христово на своите поробени браќа христијани. Затоа турците ги затворија во темница, долго ги мачеа и најпосле ги погубија за верата Христова, на 11 август 1816 година (или 1819 г) во местото Касамба на Митилина. Анастасиј пострада во дваесеттата, а Димитриј во осумнаесеттата година од животот. Во Агијас, родното место на Димитриј, им е изграден величествен храм.

ОБНОВУВАЊЕ НА ХРАМОТ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „ЕЛЕУСА“,

односно Милостива