25. Август (12. Август)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АНИКИТ, ФОТИЈ
и многу други со нив
Во витинискиот град Никомидија незнабожниот цар покрена отворено гонење против христијаните. На негова наредба среде градот беа поставени многубројни орудија: мечеви, сечила, железни нокти, тави, тркала, котли...измислени за бездушно мачење. Беа довеле тука и страшни ѕверови. Со тоа Диоклецијан сакаше да ги заплаши оние што го призиваат името Христово. Распрати тој и грозна наредба по сите краишта на Римското Царство, со која наредуваше христијаните насекаде да се мачат и убиваат. При тоа исфрлаше многу хули против единородниот Син Божји.
Во тоа време во Никомидија живееше еден високороден знаменит великодостојник, на име Аникит. Тој ревносно излезе пред царот и бестрашно исповедаше дека Господ Исус Христос е вистински Син Божји и Бог, и красноречиво му изложи на царот за беспочетното раѓање на Синот Божји и за Неговото воплотување во потребното време, заради нашето спасение. Истовремено свети Аникит ја исмеа заблудата на идолопоклониците, нарекувајќи ги незнабожечките богови глуви и нечувствителни. Најпосле рече:
- Царе, маките што си ги подготвил за христијаните ни најмалку не не плашат. Ние никогаш нема да им се поклониме на идолите.
Многу разгневен, царот веднаш нареди да му го отсечат јазикот. Но светиот и без јазик зборуваше јасно, славејќи Го Христа Бога. Потоа жестоко го тепаа со воловски жили, така што коските му излегоа низ кожата. Тој јуначки поднесуваше и гласно Го проповедаше Христа Господа на присутниот народ.
Потоа царот нареди да го дадат на зверовите. Пуштија кај него страшен лав, кој ужасно рикаше, но кога му се приближи стана покроток од јагне, се умилкуваше околу него и потта од челото и лицето на маченикот тој ја избриша со својата шепа како со сунѓер. Тогаш свети Аникит викна:
- Ти благодарам, Господи Исусе Христе, што ме избави од забите на овој вер. Те молам, Господару, во претстојниот подвиг дај ми ја на помош десницата Твоја, за да се удостојам на маченичкиот венец од Тебе.
Откако така се помоли настана земјотрес и Херкуловото идолиште падна со неговиот идол, се откачи еден дел од градскиот бедем и многу незнабошци загинаа под неговите урнатини. Тогаш царот нареди да му ја отсечат главата. Но, кога џелатот го крена мечот, рацете му затреперија и падна на земјата како мртов. Диоклецијан нареди да го врзат маченикот за тркало кое се наоѓало среде остри железа, да запалат оган и да го вртат тркалото, за светиот маченик да умре кинат од острото железо и горен од огнот. Врзан за тркалото, свети Аникинт вака се молеше:
- Господи Исусе Христе, ослободи ме од ова мачилиште заради присутните. Штом ќе ја видат Твојата брза помош, тие да можат Јуначки да му се спротивстават на мачителот и да примат од Тебе венец на победата.
И веднаш оковите на свети Аникит паднаа, тркалото застана како вкопано и огнот згасна.
Мачителот нареди да го фрлат во котел со врело олово. Тогаш сите видоа како ангел Господов заедно со него влезе во котелот и штом се допре до него тој се олади и стана како лед.
Додека свети Аникит така се подвизуваше за Христа, неговиот роднина Фотиј, кога виде како силата Христова чудесно го чува Својот слуга, го отфрли стравот, излезе пред народот, му пријде на светиот маченик и со јубов го прегрнуваше и бакнуваше, нарекувајќи го татко и посредник за своето спасение, покажувајќи со тоа дека е подготвен да поднесе страшни маки за Христа. Потоа му се обрати на царот:
- Засрами се, идолопоклонику! Твоите богови се ништо!
Царот јаросно викна кон војниците:
- Отсечете му ја главата!
Но, кога еден од нив замавна со мечот, со силата Божја неговите раце се свртеа и тој се удри себеси по колената, падна на земјата и издивна.
Потоа светите Аникит и Фотиј ги оковаа и ги фрлија во темница. По три дена Диоклецијан ги изведе и им рече:
- Ако ме послушате и им се поклоните на боговите, јас ќе ве опсипам со огромни почести и ќе ве збогатам со имоти.
Светителите одговорија:
- Сето тоа нека остане со тебе, за гибел твоја.
Многу разјарен, мачителот нареди голи да ги обесат и да им ги стругаат телата со железни нокти, да им ги горат раните со свеќи, па потоа да ги тепаат со камења. Сето тоа светите го поднесуваа со радост и Му благодареа на Бога, зашто не чувствуваа никакви болки. Господ ги чуваше неповредени за слава на светото име Свое. Потоа им ги заврзаа нозете и ги врзаа за диви коњи да ги влечат. Но и со таквото мачење Диоклецијан не постигна ништо, зашто Господ повторно ги сочува без повреди. Тие ја славеа непобедливата сила Господова и се бодреа еден со друг. Дивите коњи ненадејно застанаа, нозете на Светите се одврзаа и тие стоеја потполно здрави. Мачителот нареди повторно свирепо да ги тепаат и раните да им ги поливаат со солен оцет, па ги фрлија во темница. Во таа темница останаа три години, па повторно ги изведоа на мачење. Мачителот нареди народната камена бања да се загрева три дена, па да ги затворат во неа. Во таа бања светите Аникит и Фотиј се молеа на Бога и во неа бликна извор вода, кој ги освежуваше. А кога стражарите на третиот ден ја отворија бањата и ги здогледаа светите Маченици како живи одат и Го фалат Бога, го известија царот за тоа. Тој не можеше да поверува и појде лично да провери. Кога го видоа, светите му рекоа:
- Ете, мачителу, во сите маки победивме, а ти си победен и посрамен.
Царот се врати посрамен и нареди да ги држат оковани, додека не смисли како да ги погуби. На негова наредба беше направена огромна печка, зацврстена на четири железни столба. Во неа можело да се соберат многу луѓе. И како некогаш Навуходоносор, тој нареди да се вжешти таа печка, со намера во неа да ги спали не само двајцата маченици, туку и сите христијани што ќе ги пронајде. А христијаните, без да чекаат незнабошците да ги фаќаат и фрлаат во печката, самите заедно со жените и децата итаа кон неа, викајќи:
- Христијани сме! Го почитуваме единствениот Бог!
Во пештерата најпрвин влегоа светите маченици Аникит и Фотиј, а потоа и многу христијани, насобрани таму. Во огнот сите воскликнуваа:
- Ти благодариме, сесилен Боже Оче, што нас со единородниот Твој Син, Господ Исус Христос, си не собрал на овој маченички венец. Ти се молиме, Семилосрден, протегни ги одозгора Своите раце И прими ги нашите души во вечниот покој, кој си го подготвил за Твоите исповедници.
Така молејќи се, тие се упокоија. Свети Аникит и Фотиј останаа три часа живи во таа вжештена печка. Потоа, откако се помолија, ги предадоа своите души во рацете Божји. А кога слугите со железни направи ги излекоа телата на светите слуги Божји Аникит и Фотиј, видоа дека не само што телата им останале неповредени од огнот, туку и косата им беше потполно недопрена. Тогаш многу од незнабошците поверуваа во нашиот Бог Христос, Кому слава со Отецот и Светиот Дух, за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ДВАНАЕСЕТ ВОЈНИЦИ
од островот Крит
Пострадале за Господа со обезглавување.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ПАМФИЛ и КАПИТОН
За својата вера во Христа пострадале посечени со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК АЛЕКСАНДАР,
епископот Комански
Во градот Коман! близу Неокесарија, која тогаш ја красеше светиот епископ Григориј Чудотворец, живееше во доброволно сиромаштво еден човек на име Александар. Неговиот богоугоден живот Му беше познат само на Бога. Александар беше одличен философ и можеше да стекне големи богатства и углед меѓу луѓето, но тој го избра за себе доброволното сиромаштво ради Бога. Презирајќи го светот се правеше многу неук, исполнувајќи ги така зборовите на Апостолот: „Ако некој меѓу вас мисли дека е мудар во овој свет, нека стане безумен, за да биде мудар“ (Кор. 3,18). Во своето крајно смирение и желбата да се издржува со трудот од рацете свои, блажениот Александар се оддаде на тешкиот занает - ќумурџија. Тој правеше ќумур и го продаваше. Така го заработуваше насушниот леб. Сиот поцрнет и искинат, свети Александар им служеше на децата за забава и закачки. Додека го правеше ќумурот и го носеше на пазарот, тој беше црн во лицето како црнец, а и неговата облека исто така. Во целиот град беше познат како Александар ќумурџијата.
Но, Господ, Кој во висините живее и кон смирените погледнува и ги воздигнува, благоволи уште во овој живот да го прослави Својот смирен слуга Александар и со него да ѝ помогне на Својата Црква и да ја украси. Тој го издигна на сечесниот степен на архиерејството на следниот начин:
Епископот Комански умре и жителите на овој град се обратија кај светиот Григориј Чудотворецот, со молба да дојде во нивниот град за поставување на епископ. Свети Григориј отиде кај нив. Кога на соборот започнаа да избираат човек кој би бил достоен на епископскиот чин, настанаа несогласувања. Едни сакале лице од високо потекло, други богат, трети красноречив, четврти убав на изглед и зрел, и сите избраници ги носеа кај свети Григориј, како достојни за епископството. Но, светителот не брзаше со изборот и посветувањето на епископот, туку очекуваше самиот Господ да му го јави достојниот. Тој се обрати на соборот, ги потсети како Бог го избра Давид да царува во Израилот, и им зборуваше дека треба да изберат пастир на градот и тоа оној кого Бог го подготвил. Бидејќи човекот гледа на лице, а Бог гледа во срцето и достојноста, независно од надворешниот изглед, туку од внатрешната невидлива состојба на срцето, која му е позната единствено на Бога.
Овие зборови на свети Григориј за некои беа непријатни и со потсмев рекоа:
- Ако при изборот на епископ не се гледа на надворешноста и достоинството, тогаш Александар ќумурџијата нека биде избран!
Тогаш настапи општа смеа а свети Григориј си помисли во себе:
„Човекот, кого сите го исмеваат, сигурно не е споменат овде без дејство на промислата Божја“.
И започна да се распрашува кој е споменатиот Александар и побара да го види.
Во тоа време Александар стоеше пред зградата во која се одржуваше соборот и ги чуваше коњите на заседавачите. Некои излегоа и го доведоа внатре. Кога застана среде соборот, сите ги вперија очите кон него и започнаа да се смеат, зашто сиот беше црн од ќумурот. За време на општата смеа, тој стоеше пред епископот Григориј со почит, вдлабочен во себе, без да обраќа ни најмало внимание на оние што му се смееја. А прозорливиот свети Григориј ја препозна со духот благодатта Божја во блажениот Александар, која го правеше достоен на архиерејскиот престол. Тој стана, го одведе насамо тој поцрнет човек и започна да го распрашува, да му ја каже вистината за себе. Александар, иако сакаше да се сокрие, сепак не можеше да ја премолчи вистината пред толку почитуваниот светител и му раскажа се за својот живот: како најпрвин беше философ а потоа заради Бога се смири и зеде на себе доброволно сиромаштво. Од разговорот со него свети Григориј се увери дека тој одлично ги знае не само световните науки туку и Светото Писмо. Затоа нареди да го одведат во неговиот стан, да го искапат, да го облечат во пристојна облека и повторно да го доведат на соборот. Самиот пак седна на своето место и за тоа време држеше боговдахновена беседа. По некое време го внесоа свети Александар уреден, чист, во светла облека, прекрасен на лице. Одвај го препознаа оние што го познаваа и многу се чудеа. А свети Григориј започна да разговара со него, поставувајќи му прашања од Светото Писмо. Свети Александар одговараше толку паметно, така што сите присутни увидоа дека тој навистина е многу учен и паметен, и притоа особено се чудеа на тоа што човек со толку голема мудрост ја криел таа мудрост, живеејќи меѓу нив како последен. Се осудуваа себе си што така мудар човек, кој заради Бога се смирил себе си, го исмевале и го сметале за безумен. И тогаш сите со радост едногласно го избраа за епископ, на исполнување на зборовите Господови, кои ги вели во Светото Писмо: „Човекот гледа на лице, а Господ гледа на срце“ (Цар. 16, 7). Свети Григориј, издигнувајќи го блажениот Александар во степените на свештенослужењето, го посвети најпрвин за ереј, па потоа за епископ. Откако го посвети за епископ, му нареди да му изговори поука на народот. Додека светиот зборуваше, од неговата уста течеше благодат на Светиот Дух како река, стварајќи умиление во срцата на сите. И сиот град се радуваше и Го славеше Бога што имаат таков учител и пастир.
Потоа свети Григориј отпатува за Неокесарија, а свети Александар се грижеше за стадото Христово во Коман, служејќи им за пример на верните со збор и на дело. Во времето на овој светител се случи еден млад философ од Атика да се затекне во Коман. Кога ја слушна поуката изречена од архиерејот до народот, тој се потсмеваше на неговата беседа, лишена од ораторските украси.
Но, свети Александар во своите поуки не се грижеше за убавината на зборовите, туку за користа на душата. Заради простотата на слушателите неговите беседи беа прости, но многу душекорисни. Еднаш овој млад атички философ имаше вакво видение. Пред него се појави јато многу убави бели гулаби, кои чудесно блескаа. Како што вели псалмопевецот: „Крилјата на гулабите заблескаа во сребро, а нивните пердуви во злато“ (Пс. 67, 14), и притоа дојде глас: „Ова се зборови на Александар епископот, на кого ти му се потсмеваше“. Младиот философ се засрами од својата постапка, отиде кај архиерејот и молеше за прошка.
Наскоро потоа царот Диоклецијан крена гонење против христијаните. Тогаш свети Александар беше фатен од безбожниците и присилуван на идолопоклонството, но не се одрече од Господ Христос. Затоа го мачеа, па во оган го фрлија, каде маченички се упокои за нашиот Господ.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПАЛАМОН
Духовник и учител на свети Пахомиј Велики (кој се слави на 15ти мај). Се подвизувал во почетокот на четвртиот век во Египет. Се преставил во мир.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ
КАСТОР
Во мир се упокоил во својот Господ.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ НАШИ ОТЦИ СЕРГИЈ и СТЕФАН,
кои се во Молос
Во мир се упокоиле и од Господа венци добиле.