26. Август (13. Август)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ИПОЛИТ
и оние со него
По маченичкиот крај на светиот архиѓакон Лаврентиј, военоначалникот и надзорник на темницата Иполит го погреба многунапатеното тело на светиот маченик, кој најпрвин беше негов затвореник а потоа му стана учител. Во третиот ден по погребот, блажениот Иполит се врати во својот дом. Неговите домашни, деветнаесет на број, беа христијани. Од свети Лаврентиј тие беа поучени во христијанската вера и крстени. Откако се помолија на Бога, блажениот Иполит заедно со сите се причести со Божествените Тајни на Телото и Крвта Христови, а потоа, по приемот на духовната храна, беше поставена трпеза за поткрепа на телото. Но, пред да започнат да јадат дојдоа војници и го одведоа блажениот Иполит кај царот Декиј. Кога го виде, царот се насмеа и рече:
- Зарем и ти си станал маѓепсник? Зошто си го украл телото на Лаврентиј?
Иполит одговори:
- Јас не сум маѓепсник туку христијанин.
Царот се налути и нареди да го тепаат со камења по устата и да го соблечат. Блажениот Иполит рече:
- Ти не ме соблече, туку започна да ме облекуваш. Царот го праша:
- Зарем повеќе не ги почитуваш боговите, штом така безумно зборуваш и не се срамиш од својата голотија?
Блажениот одговори:
- Јас сум мудар и не сум гол, зашто се облеков во Христос. Бев безумен кога како и ти им служев на демоните. Тогаш бев и гол, зашто ја немав благодатта Христова. Сега сум христијанин.
Царот му рече:
- Принеси им жртва на боговите, за да не умреш во маки како Лаврентиј.
Слугата Христов одговори:
- О, кога би можел да се удостојам и јас на дел со свети Лаврентиј, чие име, ти, несреќнику, не си достоен да го изговараш со својата нечиста уста.
Тогаш царот нареди да го положат на земјата и немилосрдно да го тепаат со мотки. Додека го тепаа, тој викаше:
- Христијанин сум!
Потоа мачителот нареди да го облечат во вообичаената војничка облека и притоа му се обрати:
- Сети се на својот војнички чин и биди ми пријател како порано. Принеси жртва заедно со нас.
Свети Иполит одговори:
- Јас сум војник на мојот Христос и сакам да умрам за Него.
Тогаш царот Декиј му рече на епархот Валеријан:
- Земи го сиот негов имот а него погуби го со мачење.
Истиот ден Валеријан испрати, та го разграбија сиот имот на блажениот Иполит. Но, кога дозна дека сите негови домашни веруваат во Христос, Валеријан ги изведе пред себе. Меѓу нив беше и Конкордија, доилката на Иполит. Валеријан погледна во неа и и рече:
- Поштедете го својот живот, за да не загинете заедно со својот господар Иполит.
Конкордија одговори:
- Ние повеќе сакаме чесно да умреме со нашиот господар во верата Христова, отколку бесчесно да живееме со вас. Валеријан рече:
- Робовскиот сој може да се поправи само со ќотек. И нареди да ја тепаат со оловни стапови. Додека ја тепаа, светата маченица го предаде својот дух на Господа. Тука се наоѓаше и свети Иполит под војничка стража. Кога го виде маченичкиот крај на својата доилка, тој радосно викна:
- Ти благодарам, Господи, што ја испрати пред мене во Своето царство!
Епархот му рече:
- Зарем се уште се надеваш во маѓии и не ги почитуваш боговите?
Разгневен, тој нареди сите со Иполит да ги изведат низ Тивуртинската капија надвор од градот и таму да ги убијат. Свети Иполит ги храбреше по патот, а кога стигнаа на губилиштето војниците ги обезглавија сите пред неговите очи. Беа осумнаесет души од двата пола и различна возраст, без света Конкордија, која ја убија во градот. А пак свети Иполит, со наредба на епархот, го врзаа за бесни коњи и го влечеа по каменити места, додека тој не ја предаде својата света душа во рацете Божји.
Светиот маченик Иполит заедно со своите домашни пострада за Христа во тринаесеттиот ден на месец август, во третиот ден по маченичката смрт на свети Лаврентиј. Кога падна ноќта на местото на погубувањето дојде со други верни свети Јустин презвитерот, ги собра телата на светите маченици и ги погреба на тоа место. Телото пак на светата маченица Конкордија долго го бараа, но не можеа да го најдат. Тоа многу го нажали и расплака свети Јустин. Со наредба на мачителот нејзиното свето тело беше фрлено на нечисто место. Дури во дваесеттиот ден по смртта на свети Иполит, еден христијанин на име Иринеј дозна за тоа од некој војник, па заедно со христијанинот Авундиј го извадија од таму. Телото ни најмалку не беше извалкано. Го однесоа кај презвитерот Јустин, кој многу се израдува, и го погреба крај телата на свети Иполит и останатите маченици. Но, утредента наслушна за тоа епархот Валеријан и нареди да ги фатат Иринеј и Авундиј и да ги фрлат онаму од каде што го извлекле телото на света Конкордија, та така живи да ги потопат во нечистотијата. Така и двајцата умреа таму во дваесет и шестиот ден на месец август. А свети Јулијан ноќе ги извади оттаму нивните тела и ги погреба крај моштите на свети Лаврентиј, славејќи Го Христа Бога, славениот со Отецот и Светиот Дух за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ
КОНКОРДИЈ, ИРИНЕЈ и АВУНДИЛЈЛ
ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ
ТИХОН ЗАДОНСКИ
Големиот богоугодник на Руската земја, воронежскиот епископ свети Тихон Задонски, е роден во 1724 година во селото Короцка, во Новгородската губернија. Потекнува од дом на прости селани. Имаше три браќа и две сестри. Татко му рано умре а мајка му со огромна мака ги прехрануваше своите деца. Побожен и многу вреден, малиот Тимотеј, така се викаше Тихон пред монашењето, изучуваше книга. Во свое време мајката го одведе во Новгородската богословија, во која беше примен за државен питомец. Многу надарен и полн со љубов за науката, тој покажа толку голем успех во науката, така што и пред завршувањето на богословијата беше поставен при истата Новгородска богословија за наставник на грчкиот јазик. А кога во 1754 година ја заврши богословијата, беше поставен за наставник по реторика. Со душа полна со христољубие, Тимотеј беше пострижан за монах на 10 април 1758 година со името Тихон. Во јануари 1759 година беше назначен за воспитувач во богословијата, а на 26 август истата година, како архимандрит беше поставен за ректор на Тверската богословија. Иако срцето на христочезнивиот архимандрит Тихон го влечеше во пустинската осаменост на пустински подвизи, сепак промислата Божја го поведе по патот на епископството. Во својата 37 година беше посветен за викарен епископ во Новгородската епархија на 13 мај 1761 година, а на 3 февруари 1763 година беше поставен за епископ Воронежски. Епископ беше пет години, но поради слабото здравје се повлече и насели во Задонскиот манастир, каде строго се подвизуваше во тешки подвизи, како древните Отци на Црквата, и пишуваше богомудри книги, полни со благодатна мудрост, која богоубивите души ги води во Царството Божјо. Свети Тихон се упокои мирно во тринаесеттиот ден на месец август, во 1783 година во Задонскиот манастир, каде почиваат неговите чудотворни мошти.
Голем во благодатните подвизи, голем во божествената мудрост, голем во христочезнивата светост, голем како молитвеник и пастир, свети Тихон се вброи меѓу светите Отци на Црквата, тие вечно будни очи на Црквата, кои видовито ги водат по патот на спасението сите души, гладни и жедни за Господа и Неговата правда. За многуте посведочени чудеса од неговите мошти, овој прекрасен богоугодник е прогласен за светител најпрвин од народот, а потоа и од ваничната црква во 1861 година.
Двајца од ќелијниците на свети Тихон, Василиј Иванович Чеботарев и Иван Ефтимов, ни оставиле драгоцени белешки за него, за неговите подвизи и светоста на животот. Ние ќе се осврнеме на неколку, за сведоштво на тие живи сведоци и очевидци негови, за барем донекаде да назирнеме во светата тајна на неговиот свет и богоугоден живот.
Самиот свети Тихон му раскажувал на својот ќелијник Василиј Чеботарев за видението што го имал уште пред стапувањето во монаштвото.
„Ова беше до мојот постриг во монаштво. Уште како наставник јас имав обичај и сакав ноќите да ги минувам без сон, во читање душекорисни книги или душекорисно размислување. Но, ова ти го зборувам ќелиски, а ти си должен да молчиш. Беше тоа во месец мај. Ноќта беше пријатна, тивка и светла. Јас излегов низ северната вратичка и стоев, размислувајќи за вечното блаженство. Одеднаш се отворија небесата и таму видов таков блесок и светлина што е апсолутно невозможно смртниот јазик да го искаже и да го сфати тоа видение. Но, тоа траеше кратко. Небесата повторно се затворија. Од ова необично видение во мене уште повеќе се разгоре желбата за осаменичкиот живот. Долго после тоа восхитување ми ги исполнуваше и срцето и душата, па и сега кога ќе се сетам на тоа во срцето чувствувам веселост и радост“.
Сега да опишам, вели ќелијникот на свети Тихон, како светителот го минувал својот живот во Задонскиот манастир! и за неговите богоугодни подвизи и трудови, колку што јас бедниот сум бил нивен очедивец.
Светителот имаше обичај за време на ручекот да слуша читање на Светото Писмо од Стариот Завет, а јас читав. Но, притоа паѓаше во очи неговата огромна пламена њубов кон Бога. Тој ретко јадеше без солзи на умиление, особено кога се читаше книгата на пророкот Исаија. Понекогаш ќе наредеше: „Читај ја повторно таа глава“, а самиот ја оставаше лажицата и започнуваше да плаче. Исто така, многу воочлива беше и неговата искрена ЈБубов спрема ближните. Скоро секој ден, штом ќе седнеше на трпезата, имаше обичај да рече:
- Му благодарам на Бога! Ете, јас имам добра храна, а моите собраќа, еден бедник седи во темница, друг ја нема потребната храна, трет нема сол. Тешко мене, кукавниот!
А пак за време на вечерата јас му го читав Новиот Завет и тоа долго. Понекогаш ќе ме прашаше: „Разбираш ли што читаш?“ И кога ќе одговорев: „Не, јас ова не можам да го сфатам“, тој ми објаснуваше по цел час, па и повеќе. Имаше обичај ноќта да ја минува без сон, а легнуваше в зори. Ноќите ги минуваше во молитви со поклони. Притоа, неговите молитви не биле ладни, туку многу топли, се лиеле од скрушеното срце, така што понекогаш гласно повикуваше:
- Господи, помилуј! Господи, поштеди!
И додаваше:
- Хранителу, помилуј!
И со главата удираше во подот. Сето тоа го правеше од голем внатрешен жар и љубов кон Бога. А на полноќ излегуваше во предната ќелија и пееше свети псалми, тивко и умилно. Кога ќе се најдеше во мрачни мисли го пееше псалмот: „Благо мње, јако смирил мја јеси“..., а кога беше во ведри мисли го пееше псалмот: „Хвалите Господа с небес“..., и останатите радосни песни и тоа секогаш со Умилни солзи и срдечни воздишки. По ручекот светителот се одмораше еден час, а понекогаш и повеќе. Потоа читаше житија на светите Отци и други книги. Во летно време се шеташе по манастирската бавча и позади манастирот. Тогаш ми наредуваше:
- Ако ти бидам неопходно потребен, немој да ми приоѓаш, туку накашлај се и јас ќе се свртам.
Јас така и постапував. Но, во една прилика, кога тој беше во бавчата, јас без да му пријдам се накашлав многу пати, но тој, задлабочен во мислите не ме слушна, и клечеше кон Исток со рацете кон небото. Јас му пријдов и реков:
- Ваше Преосвештенство!
Тој толку се исплаши, што дури се испоти и ми рече:
- Ете, срцето ми трепери како на гулаб, а јас одамна ти зборував да се накашлаш, а не да ми приоѓаш!
Јас му одговорив дека се накашлував, на што тој ми рече:
- Јас не сум чул.
Тој никогаш и никаде не одеше, ниту патуваше без Псалтирот. Го имаше секогаш при себе и најпосле го знаеше напамет целиот и со него ме благословуваше. По пат секогаш го читаше Псалтирот, а понекогаш и на глас пееше и ми покажуваше или ми објаснуваше некој текст од него.
Секој ден одеше на Света Лутургија и самиот пееше на певницата и тоа ретко без солзи. Може да се каже дека имал од Бога исклучителен дар на солзи и од неговите очи постојано течеа два потока. Тој ретко, многу ретко, се насмевнуваше. А штом ќе се насмевнеше за нешто, веднаш ќе речеше:
- Прости ми, Господи! Јас, бедникот, согрешив пред Тебе.
Многу се чуваше од празнословието. Обично разговараше за вечните маки и за вечното блаженство, за пророците и за христијанските доблести. Природно имаше одлично помнење. Одлично го знаеше Светото Писмо и Стариот и Новиот Завет. И секогаш наведуваше текстови од Светото Писмо и укажуваше од која книгаеи од која глава. Исто така наведуваше и многу места од житијата на светите Отци.
Светителот Тихон често ни зборуваше:
- Оној што живее во неработење непрестајно греши.
А самиот секогаш работеше нешто. Во својата ќелија свети Тихон го имаше само најпотребното. Постела му беа распослано ќилимче и две перници. Покривка немаше, туку само овчја бунда. Се опашуваше со кожен појас, имаше една мантија и тоа од остра волна, Имаше многу прости бројаници. Немаше ни сандак, нити никаков ковчег, туку само една кожена торба и тоа стара. Каде и да патуваше ја носеше неа и во неа книги и чешел. Во својата ќелија немаше друг украс освен свети икони.
Треба да кажеме нешто за милосрдието и милосрдните дела на свети Тихон, вели ќелијникот Чеботарев. Тој со радост ги хранеше сиромашните и беспомошните, бедните и ништите, и се раздаваше: и пензијата што ја добиваше, и големата количина пари што му ги испраќаа богатите луѓе. Дури и својата облека ја раздаваше и го оставаше само она врз себе. Го раздаваше и лебот што му го испраќаа добротворните спахии и самиот купуваше леб и го раздаваше. Од него сиромасите добиваа и облека, и обувки, и поради тоа тој купуваше бунди, кафтани, платно, стока и сето тоа го раздаваше на сиромашните. Значајно е и тоа што во денот кога кај светителот доаѓаа многу сиромаси и тој ќе им раздадеше многу пари и други работи, навечер тој беше повесел и порадосен. А во денот кога ќе дојдеа малку сиромаси беше тажен. Смело велам, дека тој беше око за слепите, нога за хромите, неговата врата секогаш беше отворена за сите сиромаси, ништи и патници и тие кај него наоѓаа храна, пијалок и утеха.
Не еднаш, пишува ќелијникот Чеботарев, светителот Тихон зборуваше:
- Слушам од многумина забелешка: „Зошто сум ја оставил епархијата и сум се повлекол во ќелијата? Еве ги тие причини: прво, моето кревко здравје не ми дозволуваше да управувам со епархијата. Второ, епископскиот омофор, кој на своите рамења го носат епископите, е многу тежок. Јас не можам ни да го подигнам, ни да го носам. Немам такви сили. Нека го носат силните. Ете ја причината на моето осамеништво“.
Иван Етимов, вториот ќелијник на свети Тихон, меѓу останатото за него го пишува и ова:
„Преосветениот имаше такви својства на душата што луѓето кои го караа, навредуваа, грдеа и клеветеа самиот горко ги оплакуваше. Ги сожалуваше и виновник за тоа го сметаше непријателот Божји и христијански-ѓаволот. А кога некој од таквите луѓе ќе ја увидеше својата вина и ќе го замолеше преосветениот за прошка, тој со солзи радосници ќе го прегрнеше, целиваше и од срце ќе му простеше, преполн со јњубов. И тогаш обично изговараше толку пријатна поука, така што од непријателот правеше пријател и другар. Се случувало преосветениот да раздава пари на многу просјаци, секому според неговите потреби. Но, понекогаш, оној кој ќе прими помалку стануваше и во очи го навредуваше преосветениот, нарекувајќи го со најпогрдни имиња. Тој не само што не се лутеше на тоа, туку, насмевнувајќи се како на мали деца, понекогаш вака одговараше:
- Ајде, навредувај! Навредувај уште повеќе!
Тогаш на таквиот ќе му дадеше уште, со желба да го задоволи, за да не замине роптајќи. Преосветениот особено беше милостив и дарежлив спрема вдовиците и сирачињата. Според своето вродено човекољубие тој беше толку сожалив спрема секого, што секој кој ќе се разболел на пат за градот Задонск, го земаше кај себе во ќелијата и го негуваше додека не оздрави. Неговите ќелии беа отворени не само за бедните, сиротите и старите, туку и за сите патници.
Отец Митрофан, пишува ќелијникот Етимов, го вели ова:
- Преосветениот ми раскажуваше дека ноќе обиколувал околу црквата и се молел: „Господи, покажи ми го она што си го подготвил за оние кои Те љубат“.
И кога молејќи се така застанувал спрема олтарот, имал вакво видение: се отворило небото, манастирот го осветлила силна светлина и му дошол глас: „Види што е подготвено за оние кои Го љубат Бога“. И видел тој неискажани блага и од страв паднал на земјата и одвај успеал да доползи до својата ќелија.
Кога се упокои во Господа, Кого неизмерно Го лубеше, нашиот свет отец Тихон и самиот се удостои на тие неискажани вечни богатства, со благодатта и човекољубието на Господа и Бога и Спасител наш Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
ПРЕНОС НА МОШТИТЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ
МАКСИМ ИСПОВЕДНИК
Споменот на овој свет отец Црквата го празнува на 21 јануари, а денес се слави преносот на неговите свети мошти во Цариград. Моштите му се положени во манастирот на Пресвета Богородица во Хрисопол (денес Скутари на Азиската страна на Босфорот), каде тој за време на животот бил игумен.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША
царица ИРИНА, во монаштво КСЕНИЈА
Уште во детството и младоста Ирина ги негуваше во себе сите доблести и стана сад на евангелските добра. Поради тоа таа како ќерка на среќни и царски родители од Запад (од Унгарија), стана позната и славна, зашто доблеста има обичај да ги обелоденови оние кои ја имаат, па макар да бидат сокриени во најзафрлените катчиња или места. Откако стана сопруга на царот Кало-Јован, односно Јован Комнин (1118-1143 г), таа како царица уште повеќе се збогати со доблестите. Нејзината кроткост беше неискажана, смиреноста неизмерна, благоста чудесна, жаловитоста и милостивоста безгранични. Беше заштитничка на вдовиците и сирачињата, хранителка на бедните и неволните, неуморна добротворка. Својот евангелски живот го заврши во манастир, како монахиња Ксенија, каде ги усоврши сите свои доблести. Освен своите монашки подвизи и многуте добри дела, таа е позната и по тоа што во Цариград го основала манастирот Седржител-Пантократорот, еден од најславните и најубавите манастири во Цариград. Во тој манастир подоцна се подвизувал свети Стефан Дечански. Мирно се упокоила во Витинија, па потоа нејзините мошти се пренесени во овој нејзин славен манастир Пантократор и чесно погребани.
СПОМЕН НА СВЕТАТА ЦАРИЦА ЕВДОКИЈА
Мудра и красна атињанка, сопруга на царот Теодосиј Младиот (408-450 г). Подигнала многу цркви и манастири во Ерусалим, каде по смртта на Теодосиј се отселила да живее таму. Се упокоила во Палестина во 460 година, и е погребана во нејзиниот храм Свети Стефан.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК КОРОНАТ
Пострада за Господа со обезглавување.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ СЕРИД
Познат игумен и основач на знаменитата обител близу Газа во Палестина. Во оваа обител се подвизувале славните мажи, како свети Варсонуфиј Велики и Јован (се спомнуваат на 6 февруари), ава Доротеј, Доситеј (неговиот спомен е на 19 февруари) и други. Свети Серид го заврши земниот живот во 6ти век и се пресели во вечната радост на својот Господ.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ДОРОТЕЈ ПАЛЕСТИНСКИ
Најпрвин се подвизувал во манастирот на Ава Серид а потоа основал свој манастир. Се подвизувал цврсто и самопрегорно. За ученик го имал преподобниот Доситеј (неговиот спомен е на 19 февруари). Се упокоил во мир. Поопширно за него видете под 5 јуни.