27 Август (14. Август)
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРОРОК МИХЕЈ
Свети Михеј, првиот пророк со ова име беше од племето Ефремово, син на Јемвлан. Живееше во деновите на светиот пророк Илија, кога над Израилците во Самарија царуваше Ахав со Езавела, а над Јудејците Јосафат во Ерусалим. Во тоа време племињата на дванаесетте синови на Јаков беа разделени на две царства. Едното се викаше царство Јудејско, со престолнина во Ерусалим и го сочинуваа две племиња: Јудино и Венијаминово. А второто се викаше царство Израилско, со престолнина во Самарија и во него влегуваа останатите племиња од еврејскиот народ. Во Израилското царство се наоѓаше племето Ефремово, од кое беше и светиот пророк Михеј.
Свети Михеј често го изобличуваше Израилскиот цар Ахав за гревовите, за кои што го изобличуваше и светиот пророк Илија: за неговото отпаѓање од Бога во идолопоклонството и за неправдите кои што ги вршеше. И царот го мразеше пророкот изобличувач, но не се осмелуваше да го убие, зашто се плашеше од Божјата казна и се срамеше од невиноста и светоста на праведниот маж. Се плашеше тој и од остварувањето на неговите пророчки претскажувања. Меѓутоа пророкот, давајќи му место на неправедниот гнев на царот, ја напушташе престолнината и живееше по горите, за со честото среќавање и изобличување да не го поттикне на убиствена јарост.
Во тие денови се ороди домот на царот Израилски Ахав со домот на царот Јудески Јосафат, зашто Јосафат ја зеде Ахавовата ќерка Аталија за својот син првенец Јорам. Побуден од роднинската љубов, царот Јосафат отиде од Ерусалим во Самарија да го посети царот Ахав. Во текот на веселбата Ахав го замоли Јосафат да му помогне во војната против Асирскиот цар, да го земе од него градот Рамот Галадски, кој од дамнина бил Израилски, а Асирскиот цар насилно го беше зазел. Јосафат му вети на Ахав дека заедно со него самиот ќе влезе во таа војна и рече:
- Како ти, така и јас, како твојот народ, така и мојот народ, ќе појдеме со тебе во војна. Но, најпрвин да Го прашаме Господа Бога, дали таа војна ќе биде успешна.
И веднаш свика Ахав четиристотини свои нечисти и лажни пророци, на чие чело беше лажниот пророк Седекиј, син на Ханаан. И сите тие го храбреа Ахав со надеж за успех, велејќи:
- Оди! Бог ќе ти ги даде во раце не само градот Рамот, туку и самиот асирски цар.
Но, Јудејскиот цар Јосафат, човек побожен и верен на Бога, кога виде и сфати дека меѓу тие пророци нема ниту еден вистински пророк, туку се само ласкавци и омилкувачи, му рече на Израилскиот цар Ахав:
- Нема ли тука барем еден пророк Господов, кого би можеле да го прашаме и тој да ни ја каже вистината?
Ахав одговори:
- Има еден човек, кој може да Го праша Господа и да ни ја открие вистината. Тој е Михеј, синот на Јемвлан. Но, јас го мразам, зашто не ми прорекува добро, туку секогаш зло.
Јосафат му рече:
- Не зборувај така, туку повикај го и чуј, и не гневи се кога те изобличува.
И Ахав веднаш испрати по пророкот Михеј, кој во тоа време дојде во пустите гори во Израил. Двајцата цареви седеа на своите престоли во красота и слава кај Самариските порти и сите лажни пророци прорекуваа пред нив. Притоа, врховниот лажен пророк Седекиј си направи железни рогови и, откако затруби му рече на царот Ахав:
- Вака вели Господ: Со овие рогови ќе ја уништиш и истребиш Сирија.
Исто така и останатите лажни пророци зборуваа:
- Оди на Рамот Галадски и ќе го победиш царот Асирски и Господ ќе ти го предаде в раце.
А пратеникот, кој отиде да го повика пророкот Михеј, му рече на Михеј:
- Ете, сите пророци му прорекуваат на царот добро. Те молам и ти прорекувај му само добро и твојот збор нека не биде спротивен на неговиот.
Свети Михеј одговори:
- Ќе му го зборувам на царот она што ќе ми го рече Самиот мој Господ Бог.
Кога свети Михеј дојде и застана пред царот Израилски Ахав, царот го праша:
- Слушај, Михеј, дали да појдам во војна против Рамот Галадски или да се откажам?
Пророкот не му одговори веднаш, и сакајќи да го привлече на поусрдни прашања, рече:
- Оди и Господ ќе те упати и ќе ти го предаде в раце асирскиот цар. Царот Ахав виде дека пророкот не му зборува смело, па му рече: - Те заколнувам многу пати, кажи ми ја вистината пред Господа. Тогаш свети Михеј смело рече:
- Го видов сиот народ Израилев распрснат по планините, како овци без пастир.
Со овие зборови пророкот претскажа дека војската Израилева ќе го изгуби во војната својот пастир, односно царот, зашто ќе биде убиен и сите ќе бидат растерани по горите и пустините од страна на асирските војски. И му рече царот Ахав на царот Јосафат:
- Нели ти реков дека овој нема да ми пророкува добро туку зло?
А свети Михеј рече:
- Чујте го зборот Господов. Го видов Господа како седи на престолот Свој, а сета војска небесна Му стоеше од десната и од левата страна. И рече Господ: Кој ќе го измами Ахав, царот Израилев, да отиде и да падне кај Рамот Галадски. И од присутните некои рекоа едно, други друго. Тогаш излезе еден дух и застана пред Господа и рече: Јас ќе го измамам. А Господ праша: Како? Тој одговори: Ќе излезам и ќе бидам лажлив дух во устите на сите негови пророци. И Господ му рече: Ќе го измамиш и надвладееш. Појди и направи така. Значи, царе, зборуваше пророкот, знај дека лажлив дух е во устите на сите твои пророци и Господ изрекол зло за тебе.
Додека пророкот зборуваше, пристапи лажниот пророк Седекиј и го удри свети Михеј по образот, велејќи:
- Каков дух Господов ти го кажа сето тоа?
Свети Михеј му одговори:
- Ти ќе го видиш исполнувањето на овие зборови во денот кога од страв од Асирците ќе бегаш од соба во соба, и од куќа во куќа, сакајќи да се сокриеш во својот дом.
Царот Ахав се разгневи и нареди да го фатат пророкот Михеј и да го фрлат во темница. Таму да му даваат по малку леб и вода, само да не умре од глад и жед додека тој се врати, за да го мачи. Царот така и рече:
- Држете го, додека јас не се вратам во мир.
А свети Михеј му одговори:
- Ако се вратиш во мир, тогаш Господ не зборувал преку мене.
Потоа свети Михеј му се обрати на народот и силно викна:
- Луѓе! Сите слушнето го тоа!
Свети Михеј беше затворен во темница во престолнината на израилското царство Самарија. А царот Ахав, кога отиде во војна беше убиен, согласно со пророштвото на свети Михеј, како што за тоа опширно пишува во 22 глава 3 книга за Царевите и во 18 глава 2 книга Летопис. По смртта на Ахав се зацари неговиот син Охозиј.
За смртта на свети пророк Михеј не се зборува ништо во Светото Писмо. Само во Прологот се зборува како да бил убиен од Јорам, синот Ахавов. Но, веќе порано е речено дека Јорам бил зет на Ахав, а не син. Сепак е веројатно дека пророкот Божји Михеј се улокоил со маченичка смрт, убиен од некој од мачителите, бидејќи и Ахавовата жена Езавела, која остана вдовица, и синот Охозиј, кој се зацари после татка си, и зетот Јорам, царот Ерусалимски, сите тие не би го поштедиле прорекувачот на Ахавовата смрт.
Споменот на овој свети пророк Михеј во големиот Чети Минеј и во Киевските месецослови се наоѓа под 5 јануари. И во Чети Минејот се зборува за него дека поради изобличувањето на беззаконието бил убиен и фрлен во провалија, а неговите ближни го извадиле оттаму неговото чесно тело и го погребале на својата земја, близу гробот на некој пророк странец.
По сто и педесет, па и повеќе години, после првиот свети пророк Михеј, во осмиот век пред Христа се јавил и втор свети пророк со тоа име, чиј спомен се празнува на денешниот ден. Тој беше од племето Јудино, а од селото Мораса, близу градот Елевтеропол, поради што и е наречен Морасиќанин. Пророкувал во Ерусалим во деновите на Јудејските цареви Јоатам, Ахас и Езекиј, во кое време живееше и свети пророк Илија. Свети Михеј ги изобличуваше своите соплеменици кои што Го оставиле вистинскиот Бог, паднале во идолопоклонството и ги прифатиле нечистите незнабожечки обичаи. Тој со тага им зборуваше од лицето Божјо:
- Луѓе мои, што ви сторив? Со што ве навредив? Со што ви досадив? Одговорете ми. Ве изведов од земјата Мисирска и ве избавив од ропството. Затоа ли ме оставивте, а идолите незнабожечки за богови си ги избравте?
Исто така, изобличувајќи ги злоставувањата, неправдите, грабежите и навредите нанесувани на бедните и ништите од страна на кнезовите, судиите и старешините, свети Михеј зборуваше:
- Чујте го ова поглавици на домот Јаковов и кнезови на домот Израилев, кои го мразите доброто а го њубите злото. Не треба ли да знаете и да го творите она што е праведно? Но, вие толку неправедно се однесувате со ништите и бедните невини луѓе, така што и кожата им Ја одравте, и коските им ги сокршивте, и телата им ги здробивте, како да треба во лонец да ги ставите и јадење да подготвувате. Слушнете го ова, поглавици на домот Јаковов, и кнезови на домот Израилев, кои се гадите од правдата, и сѐ што е праведно го извртувате, го градите Сион со крв и Ерусалим со неправда!
Така светиот пророк ги изобличуваше грешниците и, гледајќи дека не се поправаат, ја оплакуваше нивната гибел, лелекајќи и повикувајќи:
- Тешко мене! Јас сум како кога ќе се собере летнината и ќе се провери лозјето после берење, па нема ниту грозд за храна (така ги нема ни оние што Му угодуваат на Бога). Тешко мене, душо моја! Исчезна побожноста од земјата, нема праведен меѓу луѓето. Сите демнат за крв, секој го лови својот брат со мрежа, рацете свои ги подготвуваат за зло, кнезот бара подароци и судијата суди за мито.
Така изобличувајќи ги злите и оплакувајќи ја нивната непокајаност, светиот пророк го претскажуваше гневот Божји што доаѓа врз нив:
- Он најпрвин ќе ги казни престолнината на израилското царство Самарија, зашто во неа отпочна идолопоклонството и газењето на законите Божји, и нечистите дела незнабожечки. Потоа иста таква казна ќе го стигне Ерусалим, зашто правосудието Божјо одредило Самарија да биде разорена од Асирците, а Ерусалим од Халдејците.
И повторно ридаше пророкот, говорејќи:
- Леле, леле! Стигнаа одмаздите Божји!
Но, меѓу сите овие страшни претскажувања, пророкот Божји објави радосна вест дека Пастирот и Спасителот на нашите души, Господ Исус Христос ќе се роди во Витлеем:
- И ти, Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу илјадници Јудини, од тебе ќе излезе Оној Кој ќе биде Господар во Израилот (Михеј 5. 2).
Останатите претскажувања на овој свет пророк Божји се изложени во пророчката книга со неговото име.
Како по завршувањето на својата пророчка служба свети Михеј го завршил својот живот нема јасни податоци, но се смета дека завршил маченички. Во книгата на светиот пророк Еремија пишува дека кога свештениците со лажните пророци и многу народ сакале да го убијат свети Еремија, некој од старешините станале во негова заштита, зборувајќи му на народниот собир:
- Сетете се на Михеј Морасиќанинот. Тој пророкуваше во времето на Езекиј, царот Јудин, и му рече на сиот Јудејски народ: Вака вели Господ Саваот: Сион ќе се преора како нива и градот Ерусалим ќе биде куп од камења и гората на овој дом висока шума. За тоа ли го убил Езекиј царот Јудин и сиот народ? Нели се исплашил од Господа и се молел на Господа? И Господ ја отстрани бедата што ја беше изрекол над нив, а ние сакаме да им сториме големо зло на своите души (Еремија 26, 18-19).
Од овие зборови може да се виде дека светиот пророк Михеј не бил убиен, туку во мир се упокоил, после својот богоугоден живот во светот. Тој умрел и бил погребан во своето родно место - селото Мораса. А после многу, многу години, во времето на царот Теодосиј Велики, според Божјо откровение на елевтерополскиот епископ Зевзин, беа пронајдени неговите чесни мошти, заедно со моштите на светиот пророк Авакум. За сето тоа слава на нашиот Бог, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК МАРКЕЛ,
епископот Апамејски
Свети Маркел се роди на Кипар од богати и знаменити родители. Беше високо образован, стапи во брак и имаше деца. Но, неговата сопруга почина и тој се повлече во монашкиот живот во Сирија, оставајќи ги своите деца на Провидението. Се прочу по милосрдноста, кротоста и духовната ученост, поради што Апамејците го избраа за свој епископ. Како епископ ревносно се трудеше за обраќањето на незнабошците во христијанската вера. Еднаш изгоре некој идолопоклонички храм и идолопоклониците го фатија Маркел со обвинување дека тој да го предизвикувал пожарот и го спалија. Пострада околу 389 година. Од животот на свети Маркел е поучно и тоа што кај него се спомнува осветување на вода и употреба на света вода.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК
УРСИКИЈ (УРСИКИН)
Свети Урсикиј беше родум од градот Сивент во Илирија. Во времето на царот Максимијан тој беше војник. Обвинет како христијанин кај него, царот го предаде на епархот Аристид да му суди. Тој нареди, та Урсикиј многу го тепаа со воловски жили и плеќите и градите му ги претворија во рани. Потоа рацете му ги премачкаа со зејтин, па со сулфур и смола, и врз нив ставија жар. Така мачен, светиот маченик рече дека неговите раце праведно патат, зашто го спасиле мачителот од смртна опасност. Мачителот Максимијан, прекорен од некој Тертулијан, кој бил присутен тука, дека е неблагодарен спрема светителот кој го спасил, нареди да истурат ладна вода врз рацете на маченикот и да го згаснат огнот. Но, подоцна, според извршната пресуда, на свети Урсикиј му беше отсечена главата од некој Валент, кој најпрвин го беше обвинил како христијанин. Три пати овој бездушник удрил со мечот по вратот на светиот маченик. Така блажениот Урсикиј го прими венецот на мачеништвото. Пострада во 300-та година.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЛУКИЈ ВОЈНИКОТ
Свети Лукиј беше војник. Пострада за Господа Христа спален во оган.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК
СИМЕОН ТРАПЕЗУНТСКИ
По занимање беше златар и живееше во Цариград. При еден спор меѓу христијани и евреи беше наклеветен од евреите кај турските власти дека тепал некој турски евреин. Затоа беше фатен и фрлен во темница, каде помина полни четириесет дена. Властите му ветуваа дека ќе го ослободат ако се потурчи, а ако одбие ќе го погубат. Симеон јуначки изјави пред судот:
- И илјада смрти да ми нанесете, нема да успеете да ме поколебате во мојата вера и љубов спрема Исус Христос, мојот Господ и Бог.
Поради тоа блажениот Симеон беше осуден на смрт и обесен во Цариград на 14 август 1653 година. Неговото маченичко страдање го запишал Јован Кариофилис (види „Неон Мартирологион“).