28. Август (15. Август)
УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
По извршувањето на спасението на човечкиот род од Господа Христа и Неговото вознесение на небото, Пречистата и Преблагословена Дева Марија, Мајката Божја, Посредничката за нашето спасение поживеа доста долго меѓу првите христијани. И се радуваше Таа со огромна духовна радост за распространувањето на Црквата Христова по сета вселена и ширењето на славата на Синот и Бог Свој. Уште за време на Својот живот на земјата Таа со Свои очи го виде остварувањето на Своите зборови, дека сите генерации ќе ја нарекуваат Блажена (Лука 1, 48), зашто христијаните, славејќи Го насекаде Христа Бога ја прославуваа и Неговата Пречиста Мајка, Која тогаш живееше на земјата. А кога се исполнија деновите од Нејзиниот живот“, Таа се приближи до Своето свечено и себлажено Успение и многу сакаше да излезе од телото и да отиде кај Бога, зашто постојано беше обземена од божествената и непрестајна желба да го види преслаткото и многу сакано лице на Својот Син, седнатиот од десната страна на Отецот на небото. И постојано, горејќи спрема Него со поголема љубов отколку Серафимите, Таа лееше потоци солзи од Своите пресвети очи, топло молејќи се на Господа од оваа долина на плачот да ја земе кај Себе, во небесните блажени обители. Живеејќи во домот на свети Јован Богослов, кој се наоѓал на Сион, Таа често одела на Маслиновата Гора, од каде Нејзиниот Син, Господ Христос, се вознел на небото и таму ги принесувала Своите усрдни молитви. Но, еднаш, додека Таа топло Му се молеше на Господа Христа да ја разреши од телото и да ја земе кај Себе на небото, пред Неа застана свети Архангел Гаврил, кој уште од детството ѝ беше служител и во Светињата над светињите Нејзин хранител и благовесник на воплотувањето Божјо, и во сите денови на Нејзиниот живот неотстапен чувар. Со пресвето лице Архангелот ѝ донесе од Господа радосни зборови, дека Таа наскоро, после три дена, ќе се престави. Соопштувајќи ѝ го на Пречистата Дева смртниот час, Архангелот ѝ зборуваше да не се вознемирува, туку со радост да ги прими неговите зборови, бидејќи ќе премине во бесмртниот живот, вечно да живее со Бесмртниот Цар на славата, Синот Твој и Бог наш, зборуваше Архангелот, чека со Архангелите и Ангелите, со Херувимите и Серафимите, и со сите небесни духови и душите на праведници да Те прими Тебе, Мајката Своја, во Небесното Царство, за да живееш и царуваш со Него во бесконечните векови.
А пак во знак на Богородичниот триумф над смртта, односно дека над Неа нема да има власт телесната смрт, како што немаше ни душевната, и дека Таа, откако на кратко време ќе заспие со смртта како сон, брзо ќе се разбуди од неа како од сон и ќе ја избрка од себе смртта како дремка од очите и ќе го здогледа при светлината на лицето Господово бесмртниот живот и слава, каде ќе премине ликувајќи во духовна радост, - Архангелот благовесник ѝ даде на светата Дева рајска гранка. Оваа гранка беше од палмово дрво и блескаше со светлината на небесната благодат. Требаше да се носи пред одарот на Богомајката, кога сечесното и сечисто Нејзино тело ќе биде носено на погребение. Преблагословената Богомајка се исполни со неискажана радост и восхитување. А што би можело за Неа да биде порадосно ѝ послатко од тоа да живее на небото со Својот Син и Бог, и вечно да се насладува со гледањето на семилото лице Негово ѝ откако падна на колена, Таа му изнесе сесрдна благодарност на Својот Творец, говорејќи:
„Јас не бев достојна, Господи, да Те примам Тебе во утробата Своја, ако Ти Самиот не се смилуваше на слугинката Своја. Јас ја сочував ризницата која што ми беше доверена. Затоа Ти се молам, Царе на славата, сочувај ме од областите на геената. Кога небото и ангелите треперат пред Тебе, дотолку повеќе трепери создадениот од земја човек, кој нема никакви блага освен подарените од Твојата добрина. Ти си Бог и Господ, постојано благословен за навек“.
При Своето заминување од овој живот, Пречистата Владичица посака да ги види светите Апостоли, кои се беа разотишле по вселената за проповедање на Евангелието. Таа Го молеше Господа и во часот на Нејзиниот исход да не го види кнезот на темнината и страшилата негови, туки Самиот Нејзин Син и Бог да дојде со свети Ангели Свои и да ја прими Нејзината душа во Своите свети раце, како што ѝ го вети тоа порано. А кога Владарката наша, преклонувајќи ги колената принесуваше на Маслиновата Гора молитви и благодарење, се случуваше оваа чудесна појава: маслиновите дрвја како да имаа души, ги свиткуваа своите врвови најниско и се поклонуваа заедно со Пресвета Богородица. Кога Мајката Божја се поклонуваше до земја, тогаш и дрвјата се свиткуваа пониско. А кога Таа стануваше од поклонувањето, тогаш и дрвјата се исправаа. Дрвјата ѝ служеа на Пресвета Богородица како слуги, почитувајќи Ја како Богомајка.
По завршувањето на молитвата, Пресвета Богородица се врати дома, и веднаш се затресе се од Божествената сила, која невидливо ја опкружуваше Богомајката, и од пресветата слава, која го осветлуваше Нејзиното сечесно лице, кое и дотогаш постојано блескаше со благодатта Божја посилно од лицето Мојсеево, кога Мојсеј на Синај зборувал со Бога. Тогаш заблеска многу повеќе со неискажана слава. И започна Пречистата да се подготвува за Своето заминување. Пред се Таа го извести за тоа својот посиненик, возњубениот ученик Христов Јован (сп. Јован 19, 26) и му ја покажа блескавата гранка, оставајќи му аманет при спроводот Нејзин да се носи пред одарот Нејзин. Потоа Пресветата Дева им кажа за Своето скорешно заминување и на останатите во домот, кои ѝ служеа. Потоа нареди Нејзината одаја и одар да ги украсат, да ги намирисаат со кадење, да запалат многу свеќи, и воопшто да подготват се што е потребно за погреб. Свети Јован Богослов веднаш испрати кај свети Јаков, братот Господов, првиот епископ Ерусалимски, и кај сите роднини и ближни, известувајќи ги за блиското преставување на Божјата Мајка и, означувајќи го самиот ден на Нејзиното преставување. Свети Јаков ги извести за тоа сите христијани, не само оние во Ерусалим, туку и оние по околните градови и села. И кај Пресвета Богородица дојдоа со свети Јаков сите роднини и огромен број на верни. На сите нив Пресветата Владичица им раскажа се што И рече Архангелот за Нејзиното преселување на небото и како потврда на тоа им ја покажа палмовата гранка донесена од Божјиот рај, која како сончев зрак блескаше со светлината на небесната слава, а И ја даде Нејзиниот благовесник свети Архангел Гаврил.
Слушајќи ја од пресветата уста на Самата Пречиста Богомајка веста за Нејзината набрза смрт, сите присутни христијани плачеа и сиот дом се исполни со лелек и ридање, и сите Ја молеа Семилостивата Владичица, како општа Мајка на сите, да не ги остава сироти. А Мајката Божја ги молеше да не плачат, туку да се радуваат на Нејзиното заминување, бидејќи Таа, откако ќе застане близу престолот Божји и лице во лице ќе Го гледа Синот и Бог Свој, и ќе разговара со Него очи во очи, полесно ќе се моли и ќе ја смилостивува Неговата добрина за сите. Притоа, Преблагословената ги уверуваше дека и по Своето преставување нема да ги остави сироти и дека не само нив, туку и сиот свет ќе го посетува, надгледува и ќе му помага.
Со ваквите утешни зборови Пресвета Богородица ги запираше солзите на расплаканите, ја отстрануваше тагата од нивните срца и го стишуваше нивното ридање. Потоа Пречистата Владичица во однос на Своите две ризи наложи да се дадат на две сиромашни вдовици, кои со усрдна лубов ѝ служеа, добивајќи храна од Неа. А за Своето пречисто тело Таа остави завет да биде погребано во Гетсиманската Градина крај Маслиновата Гора, недалеку од Ерусалим, зашто таму беше гробницата на Нејзините свети праведни родители Јоаким и Ана, и светиот праведен Јосиф, свршеникот Нејзин, при долината Јосафатова, која се простирала помеѓу Ерусалим и Маслиновата Гора, и во која се погребувале бедните жители на градот Ерусалим. Кога Пресветата Богомајка ги издаваше овие претсмртни налози, ненадејно настана бучава како силно грмење, и многу облаци го опкружија домот на свети Јован Богослов. Тоа по Божја промисла свети Ангели ги зедоа светите Апостоли, расеани по разни краишта од вселената за проповед на Евангелието, неочекувано ги донесоа на облаци во Ерусалим и ги поставија на Сион, пред вратите на домот каде што живееше Мајката Божја. Кога се видоа еден со друг, светите Апостоли се радуваа и истовремено зачудено се прашува: „Која е причината што Господ не собра заедно?“
Кај нив излезе свети Јован Богослов, ги поздрави со радост И солзи, известувајќи ги притоа за скорото заминување на Пресвета Богородица од земјата. Тогаш светите Апостоли сфатија дека Господ ги собра од сите краеви за да присуствуваат на блажениот крај на Пречистата Мајка Негова и чесно да го погребаат Нејзиното пресвето тело. Срцата на светите Апостоли се исполнија со огромна жалост за заминувањето на Пресветата Богомајка. Кога влегоа во домот тие ја здогледоа Богомајката како седи на одарот, полна со духовна веселба, и Ја поздравија, говорејќи:
„Благословена си Ти од Господа, Кој ги створил небото и земјата“.
Пречистата им одговори:
„Мир вам, браќа, избрани од Господа!“
И ги праша:
„Како дојдовте ваму?“
Светите Апостоли ѝ раскажаа дека секој од нив со силата на Духот Божји беше земен од местото каде проповедаше и на облаци беше донесен на Сион.
Пречистата Дева Го прослави Бога што ја исполни желбата на Нејзиното срце и ја услиша молитвата Нејзина, да ги види светите Апостоли при Својот крај. Таа им рече на апостолите:
„Господ ве доведе ваму за утеха на Мојата душа, која треба да се раздели од телото, како што тоа го бара смртната природа, зашто веќе се приближи времето што ми е одредено од Створителот“.
А тие на тоа со тага ѝ зборуваа:
„За време на Твојот живот на земјата, Владичице, ние се тешевме, бидејќи во Тебе како да Го гледавме Самиот наш Господ и Учител. А сега, кога се лишуваме од Твоето присуство на земјата, како ќе ги поднесеме тешката тага и жалоста на нашите срца? Но, бидејќи Ти заминуваш над световните обители, по волја на Родениот од Тебе Христос Бог, ние од една страна се радуваме на Божјата одлука за Тебе, а од друга страна го оплакуваме нашето сиротство, бидејќи повеќе нема да Те видиме овде Тебе, Мајката и Утешителка наша“.
Зборувајќи го ова, светите Апостоли постојано плачеа. А Пресветата ги тешеше, говорејќи:
„Не плачете, пријатели и ученици Христови, и Мојата радост не нарушувајте ја со својата тага, туку радувајте се со Мене, зашто заминувам кај Синот и Бог Мој. А пак Моето тело, кое Самата го подготвив за погреб, вие на одарот однесете го во Гетсиманија и погребете го, па повторно вратете се на вашата проповед на Евангелието. А Мене, ако сака Господ, можете да ме видите и по Моето заминување“.
Додека Богомајката така разговараше со светите Апостоли, пристигна и од Бога избраниот сад, божествениот апостол Павле. Тој падна пред нозете на Пресвета Богородица, ѝ се поклони, ја отвори својата уста и ја величаше со многу пофалби. „Радувај се, - зборуваше светиот апостол, - Мајко на Животот и причино на мојата проповед! Иако не се насладив на гледањето на лицето на Христа Господа овде на земјата, пред вознесението Негово на небото, сепак, гледајќи Те сега Тебе, исто како да Го гледам Него“.
Со свети апостол Павле беа и неговите блиски ученици Дионисиј Ареопагит, Еротеј и Тимотеј. Беа присутни и останатите Апостоли од бројот на Седумдесетмината. Сите беа собрани од Духот Свети, за да се удостојат на благословот од Пресвета Богородица и со своето присуство да ја зголемат величественоста на Нејзиното погребување. Пресветата Богомајка, повикувајќи ги кај Себе по име, го благословуваше секого од светите Апостоли и ги фалеше верата и подвизите во проповедањето на Евангелието Христово. На секого му посакуваше вечно блаженство и се молеше за мир во целиот свет.
Настапи петнаесеттиот ден од месец август, и се приближи очекуваниот благословен час, третиот час во денот во кој Пресвета Богородица требаше да се престави. Во одајата беа запалени многу свеќи. Светите Апостоли Му принесуваа славословие на Бога. Себеспрекорната Дева лежеше на украсениот одар и, подготвена за блаженото заминување, Таа го очекуваше доаѓањето на многу саканиот Свој Син и Господ. И ненадејно куќата ја осветли неискажана светлина на славата Божја, од која се помрачи блесокот на свеќите. И ужас ги спопадна сите, на кои им се откри тоа видение. Го видоа кровот на куќата отворен и славата Господова како се симнува од небото. И самиот Цар на славата Христос, со безброј Архангели и Ангели, и со сите небесни Сили, со светите Праотци и Пророци, кои однапред претскажуваа за Пресветата Дева, и со сите праведни души се приближуваа кај Пречистата Мајка своја. Кога го здогледа приближувањето на Синот, Пресветата Богомајка со голема радост ги воскликна зборовите од Својата песна: „Мојата душа Го велича Господа и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој, зашто погледна во смиреноста на Слугинката Своја (Лука 1, 46-47). И откако се подигна од одарот како да оди во пресрет на Својот Син, Таа Му се поклони на Својот Господ, а Он ѝ се приближи и со љубов гледајќи во Неа, зборуваше:
„Дојди, Блиска Моја. Дојди, Гулабице Моја. Дојди, Најскапоцен Бисеру Мој и влези во обителта на вечниот живот“.
Мајката Божја, поклонувајќи се одговори:
„Благословено е името Твое, Господи на славата и Боже Мој! Ти си благоволил да ме избереш Мене, смирената Слугинка Твоја, за служење на тајната Твоја. Затоа, спомни ме, Царе на славата, во вечното Царство Твое. Тебе ти е познато дека Јас со сето срце Те засакав Тебе и го сочував довереното ми од Тебе благо, а сега прими го во мир духот Мој и заштити ме од властите на темнината, да не ме сретне никаква сатанска сила“.
А Господ, тешејќи ја со преслатки зборови, зборуваше да не се плаши од сатанската сила, која веќе е сотрена под Нејзините нозе. И со љубов ја повикуваше смело да премине од земјата кон небото. На тоа Пресветата Дева со радост одговори:
„Подготвено е срцето Мое, Боже, подготвено е срцето мое!“ (Пс. 107, 2). Потоа, изговарајќи ги повторно Своите некогашни зборови: „Нека ми биде според зборовите Твои“ (Лука 1, 38), Таа повторно легна на одарот. Чувствувајќи неискажана радост од гледањето на пресветлото лице на Премилиот Син Свој и Господ, и преполна со восхитување од преслатката љубов кон Него, Таа ја предаде Својата Пресвета душа во рацете на Својот Син. Притоа не почувствува никаква болка, туку како да заспа во сладок сон. Зашто Оној, Кого Таа Го зачна без да го повреди Своето девство и Го роди без болки, ја зеде и Нејзината сечесна душа од телото без болка, и не даде Нејзиното тело да види гниење. И веднаш отпочна серадосното и преслатко пеење на Ангелите, во кое се слушаа често повторуваните од Ангелите зборови на Гавриловиот поздрав кон Пресветата Дева: „Радувај се, Благодатна! Господ е со Тебе! Благословена си Ти меѓу жените!“ (Лука 1, 28).
И така од сите небесни чинови свечено беше следена пресветата душа на Богомајката, носена на рацете Господови во севишните обители, а ја следеа со очите и светите Апостоли, кои се удостоија да го гледаат ова преславно видение, како што некогаш со трогнати очи Го пратеа Господа, кога се вознесуваше од Маслиновата Гора. И стоеја долго запрепастени и како во некој занес. Откако си дојдоа на себе, тие Му се поклонија на Господа, Кој со слава ја вознесе на небото душата на Својата мајка и со плач го опкружија одарот на Пресветата. Нејзиното пресвето лице блескаше како сонце, а од пречистото тело Нејзино излегуваше чудесен прекрасен благомирис, каков не може да се најде на земјата, ниту да се опише со човечки јазик. Сите со страв и побожност го целиваа пречистото тело, оддавајќи му свечено почитување, се осветуваа со допирот до него и во своите срца чувствуваа преголема духовна радост од благодатта на Пресвета Богородица. Притоа се даваа исцеленија на најразлични болни, слепи, глуви, хроми, бесомачни и секоја болест веднаш се лечеше од самиот допир до одарот на Пресвета Богородица.
Среде тие настани, кои што го пратеа преставувањето на Мајката Божја, отпочна свечен спровод на Нејзиното сечесно тело. Свети Петар заедно со свети Павле и свети Јаков, братот Божји, и со останатите главни свети Апостоли застанаа на чело на поворката, го зедоа на рамења одарот на Пресветата Богомајка, а свети Јован Богослов ја носеше пред одарот онаа блескава рајска гранка. Останатото мноштво верни со свеќи и кадилници одеа во поворка. Сите пееја погребни молитвословија. Свети Петар започнуваше, а останатите складно го пееја по него псалмот Давидов: Кога излезе Израил од Египет... (Пс. 113, 1..), на секој стих додавајќи „Алилуја“. Под дејство на Светиот Дух се пееја и други свечени и благодарни молитви и псалми. Свечената поворка со Пречистото тело на Богомајката се движеше од Сион низ Ерусалим кон Гетсиманија. Над одарот и учесниците во поворката се створи круг од облаци, сличен на венец, огромен и озарен со необична светлина. А од облаците се разлеваше прекрасно ангелско пеење кое што го исполнуваше воздухот. Тоа пеење сите го слушаа. Венецот од облаци со ангелското пеење се носеше по воздухот над одарот на Богомајката се до местото на погребението. Но, радосната поворка, која никаков човечки јазик не може достојно да ја опише, беше неочекувано вознемирена. Многу од евреите кои не веруваа во Господ Христос, штом го слушнаа необичното пеење и ја здогледаа свечената поворка, излегоа од своите куќи и тргнаа по нив. И тие исто така појдоа во градот, восхитувајќи се на таквата слава и почитување, што се укажуваше на телото на Мајката Исусова. Кога дознаа за тоа првосвештениците и книжниците, се исполнија со завист и гнев и испратија свои слуги и војници, а наговорија и многумина од народот со оружје и стапови да ја стигнат поворката, да ги разбркаат учесниците, да ги претепаат учениците Исусови, а телото на Пресветата да го спалат. Но, кога вооружената група јаросно потрча кон поворката, ненадејно оној круг од облаци, кој пловеше по воздухот, се спушти на земјата и како зид ги опкружи светите Апостоли и останатите христијани, та гонителите го слушаа само пеењето, без некого да видат зад облакот, А светите Ангели, кои невидливо летаа над пречистото тело на Богомајката и христијаните, ги поразија со слепило злобните гонители, та многумина од нив си ги разбија главите од градските бедеми, додека други, незнаејќи каде одат, ги допираа бедемите и бараа водачи.
Во тоа време се случи еден еврејски свештеник, на име Атониј, да излезе на патот. Кога ги виде светите Апостоли, бидејќи облакот по Божја промисла повторно се беше кренал високо за поголема слава на Богомајката, и мноштвото христијани кои со свеќи и пеење го опкружуваа одарот на Пресвета Богородица, Атониј се исполни со завист, пламна во него старата злоба спрема нашиот Господ, па рече:
„Погледнете каква чест му се оддава на телото на Онаа Која Го роди Оној измамник, Кој го разори законот на нашите татковци“.
Со своето силно тело тој во страотен бес се стрча кон одарот со намера да го фрли на земја пречистото тело на нашата Владичица, и кога неговите дрски раце се допреа до одарот, веднаш невидлив ангел му ги отсече двете раце со невидливиот меч Божји на одмаздата и тие висеа прилепени за одарот. Тогаш Атониј падна на земјата, лелекајќи:
„Тешко мене!“
Тој го увиде својот грев и започна да се кае и да им зборува на светите Апостоли: „Смилувајте се на мене, слуги Христови!“
Свети апостол Петар нареди да застанат оние што го носеа одарот и му рече на Атониј:
„Ете, го доби тоа што го сакаше. Знај дека Господ Бог е Бог на одмаздата (Пс. 93, 1) и не задоцни. Но, ние не можеме да те исцелиме од твоите рани. Тоа може да го стори само нашиот Господ, против Кого вие неправедно се кренавте, Го фативте и Го убивте. Но, ни Он нема да сака да ти даде исцеление, ако претходно не поверуваш во Него со сето срце и не исповедаш дека Исус е вистинскиот Месија, Син Божји“.
Атониј викна:
„Верувам дека Он е претскажаниот од Пророците, Спасителот на светот, Христос! Ние од самиот почеток увидовме дека Он е Син Божји. Но, помрачени од завист не сакавме отворено да ја признаеме големината Божја и невин Го предадовме на смрт. Меѓутоа, Он со силата на Своето Божество воскресна во третиот ден, посрамувајќи не сите нас, кои Го намразивме. Ние се обидувавме со поткупување на стражарите да го затаиме Неговото воскресение, но ништо не можевме да сториме, бидејќи славата за тоа се пронесе на сите страни“.
Додека Атониј го зборуваше тоа, каејќи се за својот дрзок грев, светите Апостоли и сите верни се радуваа со радоста на ангелите, за грешникот кој се кае. И му нареди свети апостол Петар на Атониј со вера да ги прилепи своите раце, кои висеа на одарот, и со вера да го повика името на Пресвета Богородица. Атониј го стори тоа и веднаш отсечените раце му се споија на своите места и станаа здрави. Но, остана белег како црвена нишка околу лактите. Паѓајќи ничкум пред одарот тој се поклони и со многу пофалби ја величаше Богомајката, наведувајќи од Светото Писмо пророштва и сведоштва за Неа и за Самиот Христос, та сите многу се чудеа и на чудесното исцелување на неговите раце и на мудрите зборови, со кои Го славеше Христа Бога и ја величаше Пречиста Богородица. Тој им се приклучи на светите Апостоли и со останатите христијани одеше по одарот кон Гетсиманија. Исто така се исцелија и оние од поразените со слепило, кои откако го увидоа својот грев, со покајание прибегнаа кај одарот на Пресвета Богородица, зашто Милосрдната Мајка на сите, како што со Своето раѓање ѝ достави радост на целата вселена, така и во Своето Успение не сакаше никого да ожалости. Како Блага Мајка на Благиот Цар, Таа и Своите поранешни непријатели милостиво ги утеши со благодатта и добрината Своја.
Кога светите Апостоли со поворката стигнаа во Гетсиманија и го поставија одарот со Пресветото Тело, повторно настапи плач и лелек меѓу христијаните и сите пристапуваа до телото на Пресвета Богородица, го прегрнуваа, со солзи го целиваа, оддавајќи му последен целив, и одвај на стемнување го положија сечесното тело Богородично. Но и тогаш, иако ставија огромен камен на гробот, тие не заминуваа од него, врзани со љубовта за Божјата Мајка. Светите Апостоли останаа крај гробот на Пресвета Богородица три дена во молитви и псалмопеења. И за сето тоа време во воздухот се слушаше прекрасно пеење на небесните војници, кои Го фалеа Бога и ја величаа Богомајката.
Но, со исклучителна Божја промисла, еден од Апостолите, свети Тома, не беше присутен на преславното погребение на телото на Пресветата, туку дури во третиот ден стигна во Гетсиманија. Свети апостол Тома многу жалеше и тагуваше што не се удостои како останатите свети Апостоли на последен благослов и целив од Пречистата Богомајка. Тој многу плачеше и затоа што единствено тој не ја виде божествената слава на прекрасните тајни и дела Божји, јавени за време на Успението и свеченото погребение на Богомајката. Светите Апостоли се сожалија на него и решија да го отворат гробот, за барем да го види мртовото тело на Преблагословената Богородица, да му се поклони и да го целива, и со тоа да ја олесни својата тага и да ја ублажи својата жалост. Но, кога светите Апостоли го тргнаа каменот и го отворија гробот, ги спопадна ужас. Тие го видоа гробот празен. Во него не беше телото на Богомајката, туку само погребните работи од кои излегуваше прекрасен мирис. Светите Апостоли стоеја зачудени и беа во недоумица што би можело да значи тоа. Тие ја целиваа со солзи чесната плаштаница што беше останала во гробот и заедно се молеа на Бога да им открие што се случило со пречистото тело на Пресвета Богородица.
Приквечер светите Апостоли седнаа малку да каснат, а кај нив за време на трпезата имаше обичај да оставаат едно место празно, на кое ставаа парче леб во Христова чест, како Негов дел. По трпезата Му принесуваа благодарност, го земаа споменатото парче леб, наречено Господов дел, го подигаа високо, славејќи го големото име на Пресвета Троица и завршуваа со молитвата: „Господи Исусе Христе, помогни ни“. И потоа го јадеа тоа парче како Господов благослов, Така постапуваа светите Апостоли не само кога беа заедно туку и секој посебно. А сега во Гетсиманија, за време на трпезата тие не размислуваа за ништо друго и разговараа само за тоа што не го најдоа во гробот пречистото тело на Богомајката. По трпезата светите Апостоли станаа по обичај да го подигнат парчето леб, оставено во чест на Господа, и да ја слават Пресвета Троица. Тогаш одненадеж слушнаа ангелско пеење и во воздухот ја видоа Пречистата Мајка Божја жива, опкружена со многу ангели. Таа блескаше со неискажана слава и им рече:
„Радувајте се! Јас сум со вас во сите денови!“
А светите Апостоли, многу израдувани, наместо вообичаеното: „Господи Исусе Христе помагај ни“, воскликнаа:
„Пресвета Богородице, помагај ни!“
Тогаш светите Апостоли се уверија самите, а и сета Црква, дека Пречистата Мајка Божја во третиот ден по Нејзиното погребение беше воскресната од Нејзиниот Син и Бог, и со телото земена на небото. Светите Апостоли повторно влегоа во гробот, ја зедоа оставената плаштаница за утеха на тажните и како вистинско сведоштво за станувањето од гробот на Богомајката.
Не доликуваше Скинијата на животот да биде во власта на смртта, и Онаа Која Го родила Создателот на тварите да доживее распаѓање со останатите земни твари. Законодавецот се покажа извршител на законот кој што го дал: синовите да ги почитуваат своите родители, зашто Самиот Он ѝ укажа почитување на Својата себеспрекорна Мајка. Како што Самиот Он славно воскресна во третиот ден и се вознесе со пречистото тело на небото, така и Својата Родителка ја воскресна со слава во третиот ден и ја зеде кај Себе во небесните населби. За тоа претскажува и свети Давид: „Воскресни, Господи, во покојот свој, Ти и ковчегот на силата своја“ (Пс. 131, 8). И овие негови пророчки зборови се исполнија и при воскресението на Господа и при воскресението на Мајката Господова. И гробот на Богомајката, издлабен во каменот, како и на Синот Нејзин, до денес е сочуван и служи како предмет на побожното почитување од страна на верните.
Според исклучителна промисла Своја, Господ стори свети Тома да не стигна на преставувањето на Пречистата Богомајка, за заради него да се отвори гробот, та Црквата да се увери во воскресението на Богомајката, како што порано преку неверието на истиот Апостол се увери во воскресението Христово (Јован 20, 24-31). Така се извршија Успението на Пречистата и Преблагословена Владарка наша Богородица и погребението на себеспрекорното тело Нејзино, преславното воскресение Нејзино и величественото посведочување за Нејзиното земање на небото со тело. А по завршувањето на сите овие прекрасни чудеса и тајни Божји, светите Апостоли, повторно носени на облаци, се вратија секој во земјата од каде што беше земен, во времето на Своето проповедање на Евангелието.
Свети Амвросиј, зборувајќи за животот на Пречиста Дева Богородица на земјата, вака ги опишува Нејзините душевни својства:
„Таа беше Дева не само по тело туку и по дух, смирена по срце, богомудра, не брза на зборови. Постојано го читала Светото Писмо, била неуморна во работата, целомудрена во разговорите, зборувајќи со луѓето како пред Бога. Таа никого не навредувала, туку на сите им посакувала добро, никогаш од никого, ни од најбедниот човек не се згнасила, ниту на некого се потсмевала, туку се што ќе видела го покривала со Својата њубов. Нејзината уста излевала само благодат. Сите Нејзини дела зрачеле со највозвишена девственост. Нејзиниот надворешен изглед беше одраз на Нејзиното внатрешно совршенство, благоста и незлобивоста“.
Така вели свети Амвросиј. А кај свети Епифаниј и Никифор наоѓаме ваков опис на душевната светост и надворешниот изглед на Пресвета Богородица:
„Во се Пресветата беше отмена и постојана, зборуваше многу малку, и тоа само потребното, корисното и доброто. На секому му укажувала чест и почитување. Со секој човек водела соодветен разговор без да се смее, без да се возбудува и без да се гневи. Била со среден раст. Бојата на Нејзиното лице била како боја на пченично зрно. Косата ѝ била светлосмеѓа и малку златеста. Погледот жив и прониклив. Очите со својата боја потсетувале на зрели маслинки, веѓите завиени, темни, носот не краток, усните како боја на ружа, слаткоречиви. Лицето не округло, нити остро, туку малку подолго.
Рацете и прстите подолги. Во Неа немаше никаква гордост, во се беше проста, без ни најмало преправање, без никаква мекушавост. Таа во исто време беше олицетворение на највозвишената смерност. Нејзините фустани беа прости, без никакви украси, како што покажува покривката на Нејзината пресвета глава, која се сочувала до денес. Со еден збор во се Нејзино беше присутна огромна благодат Божја“.
Така зборуваат свети Епифаниј и Никифор за душевните и телесните особини на Пресвета Богородица за време на Нејзиниот живот на земјата. А сега за Мајката Божја, Која живее на небесата и стои од десната страна на престолот Божји, каква е Таа можат да зборуваат само Архангелите и Ангелите, и духовите и душите на праведниците, кои стојат пред Богородица и се насладуваат како со гледање на лицето Божјо, така и со гледање на лицето на Пречиста Богородица. Единствено тие можат достојно да зборуваат за Неа. Ние пак, славејќи Го Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бога, ја славиме после Бога Пречистата Божја Мајка, славената и величаната од сите генерации за навек и усрдно ѝ се поклонуваме.
За посебните настани од животот на Пресвета Богородица е пишувано и во останатите Нејзини празници: Зачнувањето, Раѓањето, Воведението и на празникот на Христовото Раѓање и Сретение. А овде, после повеста за бесмртното Успение Нејзино, за дополнување на историјата на Нејзиниот живот, ќе изложиме каде и како живеела нашата Владичица по Вознесението Христово.
Светиот евангелист Лука пишува во Делата Апостолски дека по заминувањето на Господ Исус на небото, Неговите ученици се вратија од Маслиновата Гора во Ерусалим и се качија во собата каде беше Тајната Вечера Христова, и тука „сите еднодушно беа подеднакво на молитва и во молење со жените, и со Марија, Мајката Исусова“ (Д.А. 1, 11-14), Која по вознесението на Господа Христа им беше единствена утеха и радост во тагата, и непоколеблива Учителка во верата. Сите зборови и чудесни настани, кои Мајката Божја ги ставила во Своето срце, започнувајќи од радосната благовест на светиот Архангел Гаврил за бессеменото зачнување и нетленото раѓање Христово од Девствената утроба, па и за детството Негово, и за животот Негов, се до крштението од Јован, сето тоа Таа им го откри на возљубените ученици на Својот Син. Бидејќи имала изобилни откровенија од Духот Свети за Исусовото Божество и била очевидец на сите Негови чудесни дела до денот на Неговото јавување на светот, Мајката Божја ја утврдуваше верата на светите Апостоли, подробно раскажувајќи им за животот на Спасителот до Неговото крштение. Сите тие се молеа неуморно во споменатата соба, очекувајќи го слегувањето на Светиот Дух, кого Господ им вети да им го испрати од Отецот, и подготвувајќи се за прием на даровите на Светиот Дух. И во единаесеттиот ден по вознесението Господово, во времето на Слегувањето на Светиот Дух над Апостолите во вид на огнени јазици, ниспослан од Оца Утешителот најпрвин се симна врз Пречистата Дева, Која и до тогаш беше Негов најсечесен и најдостоен храм, во кој Он обитаваше неотстапно. И го прими тогаш Преблагословената Дева Светиот Дух повеќе од сите Апостоли, зашто колку што садот е поголем, толку повеќе вода може да смести во себе. А бидејќи Света Дева беше сад на Светиот Дух, поголем од сите Апостоли, Пророци и останатите Светии, како што и Црквата ѝ се обраќа, говорејќи: „Ти, Дево чиста, навистина си повисока од сите“, затоа Таа и дарови на Светиот Дух смести во себе повеќе од сите.
Мајката Божја живееше во домот на свети Јован Богослов на највисокото место на градот Ерусалим, на Сион, од часот кога Господ ѝ од крстот рече на Мајката Своја, укажувајќи на возБубениот ученик: „Жено, еве ти син!“ И на ученикот: „Еве ти мајка!“ Јован ја зеде Пресвета Дева кај себе и ѝ служеше како на своја мајка.
По слегувањето на Светиот Дух, светите Апостоли не се разотидоа веднаш по вселената за проповедање на Евангелието, туку уште долго проповедаа во Ерусалим, како што се гледа тоа од Делата Апостолски. Таму пишува: „По погубувањето на светиот првомаченик Стефан настана големо гонење на Ерусалимската Црква и сите се распрснаа по пределите на Јудеја и Самарија, освен Апостолите“ (Д.А. 8, 1), бидејќи дванаесетте главни Апостоли, штитени со силата Божја, поминаа во Ерусалим околу десет години, сметајќи од Вознесението Господово до денот кога царот Ирод крена рака да мачи некои од Црквата (Д.А. 12, 1). Навистина во тоа меѓувреме некои свети Апостоли заминувале на некое време во други краеви, како што заминаа Петар и Јован заедно во Самарија (Д.А. 8, 14-15) или самиот Петар во Лида, каде што го исцели Енеј, кој осум години лежеше на одарот фатен (Д. А. 9, 32-34), и во Јопа, каде ја воскресна умрената Тавита (ДА. 9, 36-43), и во Кесарија, каде го крсти капетанот Корнилиј (Д.А. 10, 1-48), и во Антиохија каде го основа првиот престол на своето епископство. Или како Јаков, братот Јованов, кој патувал во Шпанија, но потоа тие повторно се вратија во Ерусалим. Тоа е затоа што на почетокот на својата проповед светите Апостоли служеле воглавно за спасението на Израилскиот народ, утврдувајќи ја во исто време првата Црква во Ерусалим, која е мајка на сите цркви, како што пее свети Јован Дамаскин: „Радувај се, Сионе свети, мајко на црквите, Божјо живеалиште, зашто ти прв прими отпуштање на гревовите“. А и затоа што светите Апостоли сакале што почесто да ја гледаат Мајката Божја и да се учат од Неа. Тие ја имаа Неа како заменичка на Христа Господа, и гледајќи на сечесното и пресвето лице Нејзино, како на лицето на Самиот Христос и, слушајќи ги Нејзините преслатки зборови, тие се исполнуваа со неискажана духовна радоСти забораваа на сите горчини и неволји. Поради тоа многумина од оние што поверувале во Христос доаѓаа и од далечните земји да ја видат Мајката на Христа Бога и да ја слушнат Нејзината пресвета беседа. Дека славата за Христос Спасителот и за Пречистата Мајка Негова, која се раширила во сите краеви на светот, многумина привлекувала во Ерусалим, јасно се гледа од Посланијата на свети Игнатиј Богоносец", напишани од Антиохија до светиот Богослов:
„Кај нас, пишува тој, има многу жени кои сакаат да ја видат Мајката Исусова. Тие постојано се трудат да најдат можност да дојдат кај вас, за да ја посетат Неа, да се допрат до градите кои со млеко Го хранеле Господа Исуса и да дознаат од Неа некои тајни. Кај нас бруи слава за Неа како за Мајка Божја и Дева, преполна со секоја благодат и секоја доблест. За Неа зборуваат дека е радосна во неволјите и гонењата, не тагува во сиромаштвото и оскудицата, и не само што не се гневи на оние што И вршат зло, туку им возвраќа со добро. Во благопријатните околности Таа е кротка, спрема сиромашните милосрдна и им помага колку што може. А пак на непријателите на нашата вера, Пресветата многу им се спротивставува. Таа е учителка на нашата нова побожност и богопочитување, и на сите верни наставничка кон секое добро дело. Особено го сака смирението и Самата е смирена спрема сите. Многу Ја фалат сите кои ја виделе, ѝ колку само е трпелива Таа кога закониците еврејски и фарисејски И се потсмеваат! Нам ни имаат зборувано луѓе достојни на целосна доверба дека кај Марија, Мајката Исусова, поради Нејзината голема светост се гледа соединета човечката природа со ангелската. Сето тоа во нас, кои го слушаме тоа, ствара неизмерна желба да го видиме тоа небесно прекрасно и пресвето чудо“.
Во второто послание истиот свети Игнатиј Богоносец му пишува на свети Јован Богослов:
„Ако ми се укаже можност, јас имам намера да дојдам кај тебе, да ги видам светите верни собрани во Ерусалим, а особено Мајката Исусова. За Неа зборуваат дека е прекрасна, чудесна и предусретлива спрема сите и сите сакаат да ја видат. А и кој не би сакал да ја види и да разговара со Девата, Која Го родила Бога вистинскиот?“
Од овие посланија на свети Игнатиј Богоносец до свети Јован Богослов лесно може да се сфати колку силна желба имале светите да ја видат одуховената светиња Божја, Пречистата Дева Марија. Оние кои се удостоија да Ја видат велеа дека се блажени. И навистина се блажени очите кои ја видоа Неа, и блажени ушите кои се удостоија да слушнат животворни зборови од Нејзината богоглаголива уста. О, со колкава радост и благодат се исполнија тие!
Поради тоа нашиот Господ ја остави тогаш на земјата Пречистата Мајка Своја, за со Нејзиното присуство, совети, поуки и топли молитви кон Синот и Бог да се умножува Црквата, да се утврдува и расте, храбро да стои за својот Господ се до самата крв. Таа сите ги поткрепуваше, сите со утехата на Духот Свети ги утешуваше и за сите се молеше. Кога светите Апостоли беа ставени во темница, Мајката Божја принесе за нив умилна молитва кон Бога и кај нив беше испратен Ангел Господов, кој ноќе им ја отвори вратата на темницата и ги извади (ДА. 5, 18-19). Кога светиот првомаченик Стефан беше воден на смрт, Мајката Божја одеше оддалеку по него, и кога свети Стефан го засипуваа со камења во Јосафатовата долина крај потокот Кедрон, Таа заедно со свети Јован Богослов стоеше недалеку на едно ритче, го посматраше неговиот крај и усрдно се молеше на Господа да го поткрепи во страдањето и да ја прими неговата душа во Своите раце. Кога Савле ѝ досадуваше на Црквата и ја гонеше, Мајката Божја толку топло се молеше на Бога за него, така што од крвожеден волк го претвори во кротко јагне, од непријател во апостол, од гонител во ученик и учител на вселената. И какви добра не доби првенствената Црква од Пречиста Богородица, како доенче од својата мајка? Каква благодат не нацрпа од тој непресушен извор? Со Нејзината грижа и благодат воспитана и одгледана, Црквата достигна до зрел расти толку зајакна, што ни вратите на пеколот не можат да ѝ наштетат. На тоа се радуваше и Самата Богомајка, според зборовите на Давид, како што мајката се радува на своите деца (Пс. 112, 9). Таа секој ден гледаше како се множат децата на Црквата: зашто на самиот почеток на првата проповед на свети апостол Петар се обратија три илјади души (ДА. 2, 41), потоа пет илјади (Д.А. 4, 4), па потоа се повеќе и повеќе. Светите Апостоли, враќајќи се од проповед на Евангелието во Ерусалим, исто така И кажуваа се на Пречистата Богомајка. Додека слушаше за успехот на евангелската проповед, Таа неискажливо се радуваше и Му принесуваше благодарност на Својот Син и Бог.
Кога Ирод крена гонење против Црквата, тој со меч го погуби Јаков, братот Јованов, кој се врати од Шпанија. Потоа го фати и Петар и го фрли во темница, со намера и него да го погуби (Д.А. 12, 1-4). Тогаш, по чудесното ослободување на Петар од оковите и темницата преку Ангели, се јави потреба и самите врховни Апостоли да го напуштат Ерусалим, поради лутото гонење од евреите. И тие се разидоа по вселената, секој во својата земја, која му се падна како дел со претходно фрлената ждрепка. Но, пред да се разидат, светите Апостоли го составија Символот на Верата, за сите насекаде согласно да ја проповедаат светата вера во Христа. Потоа се разидоа, секој во одредената земја. Во Ерусалим остана само братот Божји, свети Јаков, од самиот Господ поставен за прв епископ Ерусалимски. Во тоа време и свети Јован Богослов со Пречистата Богомајка, од Која беше посинет, го напуштија Ерусалим поради гонењата од страна на завидливите евреи и се засолнија на некое време, отстапувајќи му место на гневот, додека не престане лутото гонење и насилство, Но, за да не губат време залудно, Мајката Божја и светиот евангелист Јован отидоа во Ефес, каде што му падна ждрепката на свети Јован. Овој престој на Пречистата Богомајка со свети Јован во Ефес се потврдува со следното:
Постои послание до Цариградскиот клир од Отците на Третиот Вселенски Собор, одржан во Ефес против Несториј. Во тоа послание се наоѓаат вакви зборови:
Основачот на злочестивата ерес Несториј, повикан на суд од светите отци и епископи на Соборот во Ефес, каде некогаш престојувале свети Јован Богослов и Света Дева Богородица Марија, не се осмели да отиде кај нив, изобличуван од својата зла совест и самиот одлачувајќи се. Затоа, по трикратното повикување, тој беше осуден со праведниот суд од светиот Собор и лишен од свештеничкиот чин.
Од овие зборови за престојот на Богомајката со евангелистот Јован во Ефес се гледа дека Пресвета Дева, заедно со возубениот ученик Христов, откако го напуштиле Ерусалим навистина поминале некое време во Ефес. И не само во Ефес, туку и во други градови и земји, просветени со светлината на Христовата наука, посетуваше Пречистата Богомајка. Преданието вели дека Таа била и во Антиохија кај свети Игнатиј Богоносец, кого пред Својата посета го извести со писмо, јавувајќи му:
„Ќе дојдам со Јован да те видам тебе и твојата паства“.
Се зборува исто така дека Пресвета Богородица била и на островот Кипар, кај свети Лазар четвородневниот, кој бил епископ таму, и на Света Гора Атонска. За тоа светогорскиот инок Стефан пишува ваква повест:
По вознесението на нашиот Господ Исус Христос на небото, светите Апостоли заедно со Мајката Божја живееја неразделно на Сион, и го очекуваа Утешителот, како што им нареди Господ да не се оддалечуваат од Ерусалим, туку да го чекаат ветениот Свети Дух (Лука 24, 49). Учениците Христови фрлија ждрепка која земја ќе му биде дадена на секого од нив за проповед на Евангелието, а Пресвета Богородица рече:
„И Јас сакам да земам учество во проповедањето на Евангелието и сакам со вас да фрлам Своја ждрепка, за да ја добијам земјата која ќе ја укаже Бог“.
Светите Апостоли со побожност и страв фрлија ждрепка според зборовите на Мајката Божја, и Нејзе И се падна Иверската земја. Пречиста Богородица со радост го прими Својот дел и веднаш по слегувањето на Светиот Дух во вид на огнени јазици сакаше да појде во Иверската земја, но ангел Божји ѝ рече:
„Не оддалечувај се сега од Ерусалим, туку остани овде некое време, а земјата која ти се падна како твој дел, ќе се просвети во последните денови и Твоето владеење ќе се утврди таму. По извесно време Ти ќе се потрудиш во земјата во која ќе те упати Бог“.
И Пречиста Богородица живееше во Ерусалим доста долго време.
Четвородневниот Лазар живееше на островот Кипар, зашто таму беше ракоположен за епископ од свети апостол Варнава. Тој многу сакаше да ја види Пречистата Мајка, Која одамна ја немаше видено, но не се осмелуваше да појде во Ерусалим, од страв од евреите. Кога дозна за тоа, Мајката Божја му напиша послание на Лазар, во кое го тешеше и му наредуваше да испрати кораб со кој Таа ќе појде кај него на Кипар, за самиот да не доаѓа поради Неа во Ерусалим. Лазар многу се израдува и истовремено восхити на таквата смиреност на Мајката Божја. Тој веднаш испрати кораб со одговор на Нејзиното писмо. Преблагословената Богородица со возлБубениот ученик Христов Јован и со останатите нивни придружници отпловија кон Кипар. Но, ненадејно дувна спротивен ветер и го сврте коработ кон пристаништето на Атонската Гора. Тоа беше оној кратковремен труд што ангелот И го претскажа на Пречиста Богородица. Целата Атонска Гора беше преполна со идоли. Таму имаше огромно идолиште и светилиште на Аполон, каде што се извршуваа гатања, маѓепсништва и многу други демонски дејства. Сите незнабошци многу го почитуваа тоа место, како избрано од боговите. И се собираа таму на поклонение од целата вселена и добиваа од гатачите одговори на своите прашања. Кога Пресвета Богородица дојде таму со коработ, сите идоли веднаш извикаа:
„Симнете се од гората сите луѓе, прелестени од Аполон, симнете се во Климентовото пристаниште и дочекајте ја Марија, Мајката на Големиот Бог Исус!“ (Така ѓаволите кои се наоѓаа во идолите, приморани од силата Божја, и против своја волја ја објавија вистината, како што некогаш во Гергесинската земја повикаа кон Господа: „Што имаш со нас Ти, Исусе, Сине Божји? Зар си дошол тука пред време да не мачиш“ Матеј 8, 29)?
Кога го слушна тоа народот се зачуди и сите се стрчаа кон морскиот брег. Чесно ја примија Мајката Божја и Ја прашуваа:
„Каков Бог си родила? Како се вика?“
Пресвета Богородица ја отвори својата божествена уста и подробно му благовестеше на народот се за Христа Исуса. Тогаш сиот народ падна на земјата и Му се поклони на Богот, роден од Неа, ѝ укажа големи почести, поверува и се крсти, зашто и многу чудеса изврши тука Мајката Божја. По крштението Таа за старешина и учител им постави на новопросветените луѓе еден од Своите придружници и со радосен дух рече:
„Ова место нека биде Мој дел, кој ми е даден од Синот и Бог Мој“.
По овие зборови Пресвета Богородица ги благослови луѓето и повторно им рече:
„Благодатта Божја нека биде на ова место и на овдешните жители, кои со вера и побожност ги држат заповедите на Мојот Син и Бог. Се што им е потребно за живот тие ќе имаат во изобилие со малку труд и ќе им биде подготвен живот небесен. И до свршетокот на светот нема да отстапи од ова место милоста на Мојот Син. Јас ќе бидам негова заштитница и усрдна застапничка пред Бога“.
Мајката Божја повторно го благослови народот, па влезе во коработ со Јован и придружниците и отплови на Кипар. Таа го затекна Лазар во огромна тага поради долгото патување на Пресвета Богородица, зашто се плашел да не И се случило нешто. Тој не знаел за настаните, кои по промисла Божја се случиле на Атонската Гора. Но, со Своето доаѓање Мајката Божја неговата тага ја претвори во радост. Таа како подарок му донесе омофор и ракавици, Која Самата ги изработила за него. Исто така му раскажа се што се случило во Ерусалим и на Атонската Гора. И за сето тоа Му благодареа на Бога. Остана на Кипар кратко време и ги утеши христијаните на Кипарската црква, ги благослови и повторно се врати во Ерусалим. (До овде е она што Светогорскиот инок Стефан го напишал за патувањето на Пресвета Богородица).
Откако ги посети споменатите краеви, Пречистата Дева повторно живееше во Ерусалим, во домот на светиот евангелист Јован, штитена со семоќната десница Божја од завидливите и богоубиствени еврејски синагоги, кои не престануваа со своето непријателство против Синот Божји и против оние кои веруваа во Него. Без сомнение злобните евреи не би ја трпеле меѓу живите Мајката Исусова, и секако би ја погубиле, ако не ја штитеше особеното промислување на Самиот Бог за Неа, за раката на неверните да не се допре до Неа, одуховениот кивот Божји. Некогаш Нејзиниот Син Христос, нашиот Христос ГосПод, кога после Неговите изговорени зборови во Назаретската синагога разјарените евреи го истераа надвор од градот, на врвот на еден рид, каде што беше нивниот град, за да го турнат одозгора, Он помина меѓу нив и си отиде. Бесните евреи, иако Го гледаа не можеа да стават рака на Него, ниту да го допрат, зашто ги спречуваше и задржуваше невидлива сила Божја, бидејќи не беше дошол часот Негов (Лука 4, 29-30). Истото го стори Господ и за Својата Пречиста Мајка, задржувајќи ги заковани замките на евреите и разорувајки ги нивните зли одлуки против Неа. Често пати тие се обидуваа да ја фатат, за да ја мачат И погубат, но не можеа ништо да сторат. Среде таквата огромна омраза и непријателство, Пречиста Дева живееше во Ерусалим како овца среде волци, како крин среде трње, често повторувајќи ги зборовите на Својот праотец Давид: „Господ е моја светлина и мое сласение. Од Кого да се плашам? Господ е заштитник на животот Мој... (Псалми 26, 1. 3; 23, 4), зашто си Ти, Сине Мој, со Мене“.
Пресвета Богородица ја посети за да ѝ се поклони и свети Дионисиј Ареопагит, обратен кон Христа од свети апостол Павле во Атина, кој три години неотстапно го пратеше светиот Апостол. Тој многу сакаше да ја види Мајката Божја. По три години од своето обраќање, со благослов на својот учител свети апостол Павле, тој дојде во Ерусалим. Кога ја виде Пресвета Богородица многу се радуваше и во своето послание до свети апостол Павле, свети Дионисиј Ареопагит вака ја опишува својата посета на Божјата Мајка:
„Исповедам пред Бога, о, славен учителу и патеводителу наш, дека ми изгледаше неверојатно освен Самиот Севишен Бог да може да постои и суштество, така обилно исполнето со божествена сила и прекрасна благодат. Но, сепак, јас го видов не само со душевните туку и со телесните очи она што никаков човечки ум не може да го достигне. Да, да! Јас со своите сопствени очи ја видов Боголиката и посвета од духовите небесни, Сесветата Мајка на нашиот Господ Исус Христос. Јас се удостоив на тоа според исклучителната благодат Божја, со благословот на врховниот меѓу Апостолите и според неискажаната добрина и милосрдие на Самата Пресвета Дева. И повторно, и повторно исповедам пред семоќноста Божја, пред благодатта на Спасителот и пред преславното совршенство на Дева, Мајката Негова, дека кога Јован, врховниот апостол и најголем пророк, кој во овој земен живот блеска како сонце на небото, ме внесе мене кај Боголиката и Пресвета Дева, тогаш ме осветли не само однадвор, туку и одвнатре толку голема и неизмерна божествена светлина, и се разлеаја толку прекрасни мириси и благомирис што ни моето немоќно тело, ни мојот дух не можеа да поднесат така чудесни знаменија и првини на вечното блаженство. Изнемоште срцето мое, изнемоште духот мој во мене од Нејзината слава и божествена благодат. Сведок ми е Самиот Бог, роден од Нејзината Девствена утроба, јас Неа би ја признал за вистински Бог и би ѝ оддал поклонување кое треба да Му се оддава единствено на вистинскиот Бог, ако не ми беа се уште толку свежи во паметта и непросветениот ум Твоите божествени поуки и закони. Човек не може да достигне блаженство, чест и слава поголема од она блаженство, на кое се удостоив јас, кога ја видов Пресветата. Тогаш бев совршено блажен и среќен. Му благодарам на Севишниот и Преблаг Бог, и на Божествената Дева и преславниот апостол Јован, и тебе, врховниот претставник и началник на Црквата, што ми сторивте толку големо добро“,
Од ова послание на свети Дионисиј Ареопагит јасно се гледа со каква божествена благодат сјаело сечесното лице на Пречистата Владичица наша за време на Нејзиниот живот на земјата, и како се просветувале душите и се исполнувале со преголема духовна радост срцата на оние кои Ја гледале во тело. Кај Неа од сите страни се собирале огромен број на новопросветени од двата пола. И како вистинска Мајка, Таа сите ги примала подеднакво искрено и на сите обилно им излевала дарови на благодатта Своја. На болните им давала исцеление, на слабите здравје, на нажалените утеха и на сите утврдување во верата, непоколебливост во надежта, божествена радост во љубовта а на грешниците поправање.
Додека живееше во домот на светиот евангелист Јован, Пресветата Дева често ги посетуваше и местата кои Нејзиниот премил Син и Бог ги беше осветил со Своите стапки, со Своите пресвети нозе и проливањето на Својата крв. Таа го посетуваше и Витлеем, каде на неискажан начин се роди од Неа Христос Бог, сочувувајќи го Нејзиното девство. Најчесто Таа ги посетуваше местата каде доброволно пострада нашиот Господ и со многу солзи ги заливаше од мајчинска убов, плачејќи и говорејќи:
„Овде Мојот премил Син беше бичуван, овде овенчан со трновиот венец, тука одеше носејќи го крстот и тука беше распнат“.
Крај гробот, пак, Таа се исполнуваше со неискажана радост и низ солзи радосници зборуваше:
„А овде беше погребан и во третиот ден воскресна со слава“.
Како дополнување на тоа го пишува и следното:
„Некои злобни евреи им доставија на првосвештениците и книжниците дека Мајката Исусова, Марија, секој ден оди на Голгота и крај гробот во кој беше погребан Нејзиниот Син, клечи, плаче и го кади гробот со темјан. Тогаш тие поставија стража да не дозволува на никој од христијаните да доаѓа таму“.
Од ова се гледа дека уште во тоа време кај христијаните настанал обичајот да ги посетуваат Светите Места и таму да Му се поклонуваат на Христа Бога, Кој доброволно пострада за нас. Овој обичај потекнува од Самата Богородица, на Која се огледаа останатите свети жени и мажи. Така, од првосвештениците и книжниците, кои се уште дишеа со закана и убиство, беше поставена стража на која и беше наредено никого да не пушта на гробот Исусов, а Неговата Мајка Марија да ја убијат. Но, Бог ги заслепи стражарите, та тие не можеа да го видат Нејзиното доаѓање. И кога Таа по Својот обичај доаѓаше на гробот, никој не можеше да ја види ниту Неа, ниту оние со Неа. По долго време стражарите го напуштија гробот и со заклетва ги уверуваа првосвештениците и книжниците дека не виделе никого да доаѓа на гробот Исусов.
Пресвета Богородица исто така често ја посетуваше Маслиновата Гора, од која нашиот Господ се вознесе на небото и, преклонувајќи ги колената ги бакнуваше стапките Христови, одразени таму на каменот од Неговите пресвети нозе. И со многу солзи Таа се молеше на Својот Син и Бог да ја земе кај Себе. Таа неспоредливо повеќе од свети Павле сакаше да се разреши од телото и да биде со Христос (сп. Флп. 1, 23) и често ги повторуваше Давидовите зборови: „Кога ќе дојдам и ќе излезам пред лицето Божјо? Солзите ми се леб ден и ноќ (Пс. 41, 2-3). Кога ќе го видам Мојот премил Син? Кога ќе отидам кај Оној, Кој седи од десната страна на Бога Отца? Кога ќе застанам пред престолот на славата Негова? О, преслатки Сине Мој и Боже! Време е со милост да го опсипеш Сион. Време е да се смилуваш на Мене, Мајката Твоја, Која тагува во тажната долина на овој свет, зашто не го гледа Твоето лице. Извади ја веќе мојата душа од телото, како од темнина. Како што кошутата се стреми кон потокот, така и Мојата душа се стреми кон Тебе, Боже, да се наситам кога ќе ми се Јави славата Твоја“.
Пречистата Дева понекогаш доста долго се задржувала на Маслиновата Гора. Во подножјето на Гората се наоѓала Гетсиманската градина и мал имот на Заведеј, кој по наследство му припаѓал на свети Јован Богослов. Во Гетсиманската градина нашиот Господ пред Своето доброволно страдање се молеше до крвава пот, паѓајќи на колена и на лицето Свое пред Отецот небесен (сп. Мт. 26, 36-44). Во таа градина потоа и Пречистата Мајка Негова на тоа исто место Му ги принесуваше Своите топли молитви, исто така паѓајќи на колена и на лице, и со солзи ја заливаше земјата. Тука Таа и беше утешена од Господа преку ангелот, кој Ја извести за Нејзиното брзо преставување на небото. Според сведоштвото на историчарот Георгиј Кедрин, на Пресвета Богородица два пати ѝ се јавил ангел пред Нејзиното преставување. Првиот пат во петнаесеттиот ден а вториот пат на три дена пред Успението, и доби од ангелот рајска палмова гранка, која пред Нејзиниот одар ја носеше светиот апостол и евангелист Јован Богослов.
Многу свечено празнување на Успението на Пресвета Богородица на 15 август е востановено за време на царувањето на благочестивиот цар Маврикиј, иако овој празник се празнувал и одамна пред тоа.
Радосно празнувајќи го сеславното преставување на Мајката Божја од земјата на небото, да Му оддадеме слава на Родениот од Неа, Кој ја прими со слава на небото, Христос, нашиот Бог, со Отецот и Светиот Дух славениот за навек. Амин.
СПОМЕН НА ЧУДОТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „ЧАЈНИЧКА“
Во гратчето Чајнича во Босна, на денешниот празник „Успение на Пресвета Богородица“ има голем црковно народен собир и празник пред чудотворната икона на Пресветата Богомајка, наречена „Чајничка красница“, односно Преубава и Прекрасна (Убавица), која во чајничката црква на Богородичното Успение се наоѓа уште од древни времиња.
Светата чудотворна икона Чајничка потекнува од светиот град Ерусалим. Според народното предание и верување и таа е една од многубројните икони на Богомајката, кои што ги изработил самиот свети апостол и евангелист Лука. Оваа света икона на својата предна страна го има пречесниот лик на Пресвета Богородица со Богомладенецот Христос на десната рака, а на задната страна е ликот на свети Јован Крстител. Во Србија ја донел светиот крал Урош Милутин, ја чувал на својот двор како заштитничка на светиот дом Немањиќ, а потоа ја положил во својот манастир Бања кај Прибој, на реката Лима, каде што долго време било седиштето на епископот Дабарски. Оваа икона се наоѓала во манастирот Бања се до времето кога светите мошти на Свети Сава се однесени од страна на Турците од Милешево и во таа прилика е опљачкан и спален и манастирот Бања. Еден набожен селанец од Рудог со чудо Божјо успеал да ја спаси светата икона од огнот (поради што таа и денес е малку темна) и преку Лима да ја пренесе во градот Чајнича каде е сместена во старата Чајничка црква посветена на Успението на Пресвета Богородица. Иконата останала во оваа црква околу 370 години, па потоа е пренесена во новоизградената голема Чајничка црква со осумнаесет големи и мали полутопчести куполи. Оваа нова црква е осветена во 1863 година и исто така е посветена на Успението на Пресвета Богородица. Осветувањето на црквата го извршил босанскиот митрополит Игнатиј.
Набожниот народ на градот Чајнича и околината толку молитвено и со њубов ја почитувал оваа чудотворна и прекрасна икона на Богомајката, оваа своја „красна помошничка и заштитничка“, така што кога во 1868 година бил обновен манастирот Бања, никако не дозволувал оваа светиња да се однесе од Чајнича. Во одбрана на светата икона се кренале не само православните туку и муслиманите од Чајнича, кои исто како и римокатолиците, па дури и евреите од тој крај, ја почитувале оваа древна христијанска православна светиња. Од љубов спрема Пресветата Богомајка и Нејзината прекрасна икона, во 1868 година на иконата е ставена сребрена и позлатена риза, изработена од познатиот сараевски кујунџија Ристо Андриќ. Овој украс тој со побожност го работел во својот дом полни три години.
Во новата Чајничка црква стоела оваа света икона за душевно и телесно спасение на многу верни, помагајќи им со својата благодат. А доаѓале верни од сите страни, од цела Босна, Херцеговина, Црна Гора, Санџак и Србија, се додека не настапила Втората светска војна. Тогаш во ноќта помеѓу 11 и 12 април 1943 година италијанците запалиле во дворот на црквата огромна количина експлозив, муниција и бензин, и старата црква сосем се срушила, а добар дел од новата бил оштетен. При страотната експлозија пукнал кровот на црквата, бакарната покривка на куполите, некои зидови и куполи, но Чајничката Света Красница чудесно останала недопрена и неповредена, како и порано при турското опожарување. Дури и кандилото кое постојано горело пред иконата, не згаснало.
По оваа експлозија веднаш наишла таканаречената „Врашка дивизија“ од злогласни усташи и ја опњачкала светата црква. Убивајќи го невиниот народ, па и безазлените дечиња, тие нападнале во црквата, ја разбиле црковната каса и од неа ги извадиле сите скапоцености од злато, сребро, накит и пари. Од иконата овие безбожни војници и нивните офицери однеле и неколку поголеми скапоцени дијаманти. Но, со благодатта на Пресвета Богородица некои православни момчиња, жени и деца, ја спасиле светата икона со неколку црковни предмети и книги. Иконата најпрвин е пренесена во една српска куќа (кај набожната жена Милка Спремо), а по заминувањето на споменатата усташка дивизија осум мажи ја пренеле иконата во црквата во селото Стречани во Санџак, каде што е прославен празникот Успение Богородично во 1943 година и е отслужена служба Божја. Еден од свештениците предложил иконата да се пренесе во Белград до завршувањето на војната, но народот се спротивставил и таа останала. Потоа од селото Стречани иконата е пренесена во една пештера, за поголема безбедност, да не биде опњачкана и однесена. Во таа пештера некое време е чувана под стража. Ја чувале и православни и муслимани. Од таму е пренесена во селото Слатина (или Сколиште) кај Фоча и сместена во тамошната црква, од каде Чајничани (од страв Фочани да не ја задржат за себе), повторно ја пренеле близу Чајнича, во селото Трпиња, во домот на Михаил Поповиќ, од каде тајно е сокриена во една пештера, каде останала до крајот на војната. Во пештерата постојано гореле кандило и свеќи пред иконата, а повремено наидувал и еден свештеник и служел служба Божја, така што набожниот народ започнал да се собира тука. Бидејќи пештерата била мала и со низок отвор, во неа се влегувало по ред, само по неколку луѓе и тоа на колена. Се поклонувале на иконата, се молеле и ја целивале својата чудотворна помошница и потоа им отстапувале место на другите.
По војната најпрвин била обновена старата црква (20 јули 1946 г) и иконата е вратена во неа на своето некогашно старо место. Кога пак во 1959 година е обновен и на Рождество Богородично е осветен новиот чајнички храм, иконата е пренесена во него и свечено поставена на своето место во убаво украсен стол.
Набожниот народ од блиските и далечни краеви од двете страни на Дрина доаѓа на поклонение на оваа голема православна светиња во текот на целата година, а особено на големите празници на Богомајката: Успение, Раѓање, Покров, Воведение и Благовештение, а исто така и на големите Господови празници. Кај чудотворната икона на Богородица Чајничка доаѓаат сите неволни, ожалостени, душевно и телесно болни, исцрпени, грешници и покајници, осамени и напуштени. Доаѓаат најмногу во деновите на тешките лични и сенародни неволји, беди и искушенија. И чудотворната и прекрасна Дародавателка на сите изобилно им помага и сите ги теши, ги охрабрува Своите верни и ги исцелува. Таа за многу ожалостени е утеха, за болните исцеление, за прогонетите заштита, за сиротите - покров и хранителка, за очајниците - надеж, за грешниците - покајание и спасение, за заблудените - пат и вистина, за бедните - покровителка и помошничка, а за православните во Босна - заштита и одбрана од сите видливи и невидливи непријатели.
Многубројни се нејзините чуда и добротворства, кои што побожниот народ и свештенство од дамнина добро ги знае и памети ширум Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија. Од благодарност за добиеното исцеление и помош од светата икона, народот дарежливо ги накитил Богомајчините гради на иконата со скапоцени подароци и украси, кои денес стојат како сведоштво на Нејзиното богато благодатно чудотворство. Овде ќе спомнеме само неколку од многуте чудеса, кои се случиле од оваа чудотворна икона на Пресветата Владичица.
Имав сестра, вели една набожна жена од Босна, која рано остана вдовица со две слаби деца. Покрај тешките материјални услови, многу грижи и болка и задаваше болеста на децата. Помалото дете, синчето, од мало го болеа очите. Таа залудно го водеше по лекари. Нашиот роден брат, кој ѝ помагаше, ја повика кај себе за и кај тамошните лекари да се обиде да најде спасение за детето. Кога ни тоа не помогна, тој ја испрати во Сараево кај специјалистите за очи. Но и тие не успеаја да помогнат. Една ноќ мојата сестра наслушнала во сонот некој непознат глас, кој ѝ рекол:
„Своето дете однеси го во Чајнича, пред чудотворната икона на Мајката Божја“.
Штом се разбудила, сестра ми овој сон го сфатила како најсериозна заповед. Но, бидејќи Чајнича е далеку и за патот биле потребни пари, кои што сестра ми ги немала, таа се обратила за помош на братот. Бидејќи ни тој во тоа време не можел да ѝ помогне, ја посоветувал да го одложи патувањето за подоцна, кога и тој ќе може да појде заедно со неа. Но, сестра ми немала трпение да чека, туку одлучила од црковната општина да замоли за заем, иако ни самата не знаела како ќе го врати. Така, со позајмените пари таа со децата тргнала кон Чајнича, каде по четири дена патување стигнала во очи на празникот Покров на Пресвета Богородица, токму кога започнувала вечерната. Таа вечер и утредента мајката топло и усрдно се молела пред иконата на Светата Богомајка и нејзината молитва била услишана. Детето и оздравело од болеста на очите и таа многу радосна се вратила дома, благодарејќи и прославувајќи Ја Пресветата Владичица и Нејзината чесна чудотворна икона.
Мојот покоен татко, пишува Ефа Трифковиќ, беше свештеник. Кога се разболел и почувствувал дека ќе умре, тој ја повикал својата сестра, која живееше во нашето соседство и ѝ рекол сиот накит со кој се китела нивната мајка да го пренесе кај неа (сметал дека ќе биде побезбедно кај неа, а и знаел дека мајката после неговата смрт повеќе нема да се кити). Во таа прилика тој одредил кој накит на кое дете да му припадне. Меѓу тој накит биле и неговите службени сребрени павти за појас, со кој при служењето на Светата Литургија се опашувал. Тој одредил овие павти да се остават кај мојата помлада сестра Перса, која од сите нас шест деца најмногу ја сакаше, најверојатно затоа што постојано беше слабичка. Но, токму кога таа порасна да може да се кити, една ноќ во сонот страшно се преплашила и од тој момент малку скрена со умот. Навистина беше мирна, а нејзината болест доаѓаше до израз во тоа што на моменти ја напаѓаше смеа без причина. И доведувавме лекари, но залудно. Болеста траеше неколку недели. Еден ден нашата тетка се осами и додека вршела ракоделие задремала. Во сонот наслушнала некој глас, кој и рекол службените павти на покојниот татко да ги намени за здравјето на Перса и да ги испрати пред чудотворната икона на Мајката Божја во Чајнича. Штом се разбудила, таа веднаш одлучила така да стори. Ги зеде павтите, ги донесе во нашата куќа и и ги даде на мајката да ги намени за здравје на Перса и да ги испрати во Чајнича. Мајката се согласи. Двете ги ставија околу Персината глава и веднаш ги испратија каде што беа наменети. Павтите не беа ни на половина пат до Чајнича, а на Перса и се разбистрило во главата и таа веднаш оздравела како да не била болна. Потоа живееше уште триесет и пет години и за тоа време се омажи и имаше три деца. Болеста никогаш не и се повтори. Нашата тетка беше убедена дека требало да биде така. Требало павтите во кои свештеникот служел Света Литургија повторно да бидат во црквата, а не да служат како девојкин накит.
Следното чудо го раскажал самиот стар Чајнички прота-ставрофор Јован Јовановиќ, кој во чајничката Светиња служел над педесет години, а тоа чудо го запишал пред него протата Мргут Косориќ од Горажде.
„Одамна беше тоа, некаде на почетокот на 20-тиот век и тоа во првите денови на мојата свештеничка служба. Беше тоа на празникот Успение на Пресвета Мајка Богородица, односно кога најголем број верни се собираат во Чајничкиот храм. Тој ден служевме тројца свештеници. По богослужението јас како најмлад свештеник требаше на многумина да им читам молитви за здравје. Во моментот кога се подготвував да излезам од црквата ми донесоа едно момче околу 12 години, а неговите родители ми рекоа дека се од Рогатица, дека се евреи и дека огромна неволја ги донела во овој свет храм. Всушност, нивното синче пред година дена ненадејно онемело. Ми рекоа дека го воделе по лекари, и во Сараево, дури и во Виена, и дека се било залудно. Уште ми рекоа дека момчето добро слуша и разбира се што се бара од него.
Она што го правев на многу други, му го направив и нему. Го однесов пред чудотворната икона и му прочитав молитва за оздравување. По молитвата меѓу многуте присутни лица ги побарав родителите на момчето и ги видов како коленопреклоно, според прописите на својата вера, Му принесуваат молитви на Бога. Го фатив момчето за ракичката и водејќи го кај родителите го прашав (ни самиот не знам зошто го сторив тоа):
- Од кога престана да зборуваш?
Во тој момент веќе приближивме до родителите, а и сите што се најдоа во наша близина ги слушнавме овие зборови од момчето:
„Во мракот кај Ракитница...“
Додека тие се уште јасно изговорени зборови од устата на момчето одзвонуваа во моите уши, поради радосните извици на неговата мајка, поради растреперените прегратки и на таткото, и на синот, и на мајката, нивните солзи радосници и честото изговарање на зборовите: Ох, Боже, Боже...благодариме... осана!, јас од чудото се почувствував како изгубен, збунет, и така не ги дослушав до крај зборовите што ги изговори момчето, додека ми кажуваше што го исплашило во мракот крај реката Ракитница.
Дванаесет години после тоа чудесно исцелување, односно во 1914 година, за време на војната на Австро-Унгарија против Србија и Црна Гора, бевме одведени со неколкумина граѓани од Чајнича како заложници на железничката пруга помеѓу Устипраќа и Дуба, и тоа под закана дека ако од било чија страна нешто го попречи минувањето на возовите (тогаш се пренесувала Австриската војска и воениот материјал кај Вишеград), ние како заложници први ќе бидаме стрелани. Нѐ чуваше стража. Освен што бевме во голема грижа и страв, и притоа изложени на разни злоставувања, бевме гладни и жедни. Така поминавме три дена. Во третиот ден ненадејно ми пријде едно воено лице (каплар по чин) и ми се обрати со лично прашање:
- Велечесни, вие од Чајнича ли сте?
Кога му потврдив дека сум, ја наведна главата до моето лице и тивко и љубезно ми прошепоти:
- Не плашете се, јас сум она момче, ако се сеќавате, кое некогаш онеме и во вашиот храм проговори...Сега ќе се вратам.
На враќање ни донесе доволно леб и некаква храна и сите не поткрепи. Вечерта не одведе во Устипраќа, не смести во една соба ѝ за сето време на нашето заложништво, кришум ни укажуваше големо внимание, односно милосрдие. И сега жалам што повеќе никогаш во животот не го видов.
Ваквите случаи ги поттикнувале црковните поети да Ја слават и опеваат Пресвета Мајка Богородица и Нејзиното свето житие и чудеса и да говорат: „Таму каде што сака Бог се менува поредокот на природата“.
Блаженоупокоениот жички владика Николај ја напишал следната Молитва пред иконата на Мајката Божја Чајничка:
„Пресвета Богородице, Дародарителке, спаси не.
Тебе Те славиме, Дародарителке, Која со многу чудеса си Го прославила Својот Син и Себеси, Дево Богомајко; освети не со славата Твоја неизречена, Дародарителке, и спаси ги нашите души. Чајнича ти се радува Тебе, Богозарадувана, како скапоцена ризница на небесни дарови. Обдари не и нас со милоста Своја, Дародарителке, и испроси ни благодат од Духот Свети, Кој што со вистина просветува и ги осветува нашите души.
Дарови му даруваш на секого кој името Твое со вера и надеж го спомнува, на секого кој пред Твојот чудотворен лик се моли: на слепите вид, на раслабените сила, на бездетните потомство, на тажните утеха, на покајните очистување. Затоа во ЈБубов Те прославуваме, Дародарителке, и под Твоја заштита ги ставаме нашите души.
Небесно славо и Чајничка пофалбо, радувај се! Од Твоето девствено тело заблеска Радоста на сиот свет. Нека и од Твојата чудесна икона блеска радост за сите нас, кои секојдневно Ти се радуваме и од дното на душите кон Тебе воскликнуваме:
Радувај се зоро на нашето спасение! Радувај се, Дародарителке! Израдувај не со секој добар дар. Амин“.
ПОВЕСТ ЗА ЧУДОТВОРНАТА МИРОТОЧИВА ИКОНА НА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
во манастирот Малев на Пелопонез
Манастирот на Пресвета Богородица наречен Малев се наоѓа на гората Парнон (Малевон) на југоисточната страна на Пелопонез во областа Кинурија. Потекнува уште од осмиот век. Во близина на овој манастир, или можеби и во него, одамна се подвизувал свети Нил Мироточив (неговиот спомен е на 12 ноември) и со своите подвизи, молитви и солзи, ја натопил и обработил земјата на овој крај. Денешниот манастир е подигнат во 1616 година, и во текот на турското ропство повеќе пати бил пњачкан, спалуван и рушен, но повторно бил обновуван. Служел како прибежиште на православниот народ на овој крај, во тешките времиња на агарјанското ропство. Од 1949 година, кога повторно е обновен, претворен е во женски манастир и таков е до денес. Во овој манастир постои храм „Успение на Пресвета Богородица“ и во него чудотворна икона на Успението на Богомајката, изработена на обично дрво, од која од 1964 година непрекинато и изобилно тече свето благомирисно и чудотворно миро. Според преданието ова е една од седумдесетте свети икони на Пресветата Владичица Богородица, кои ги изработил светиот Апостол и Евангелист Лука. Уште пред 1964 година започнал да се чувствува свет мирис од оваа света икона и тоа го забележале и побожните христијани и сестрите монахињи од манастирот. Потоа потекло свето миро и до денес непрекинато тече во толкава мера, што често во капки го исполнува и целиот дрвен столб (во кој е сместена оваа инаку не голема света икона), па се спушта до самиот зид и до подот на храмот. Мирисот од светото миро го исполнува не само храмот кога ќе се влезе во него, туку прекрасно се чувствува и во целиот манастирски простор надвор. Ова свето миро го собираат свештениците, игуманијата и монахињите во памучна вата, која потоа ја раздаваат на побожните поклоници, кои од сите страни доаѓаат и измолуваат пред иконата на Богомајката благодатна помош за себе и за своите. И колку повеќе поклониците се побожни и со поусрдна молитва толку поизобилно тече светото миро од неа.
Од времето на појавувањето на течењето на свето миро од чесната икона на Мајката Божја, многу верни добиле благодатна помош И чудотворно исцеление од помазувањето со него. Така чудесно се исцелиле некои сестри од овој манастир и многу христијани од блиската и далечна околина. Овде ќе наведеме само неколку од чудата кои таму се случиле.
Една сирота вдовица од селото Варвица кај Спарта имала тешко болна ќеркичка од опаката болест менингитис. Лекарите не можеле ништо да сторат за спас на ова јадно дете, кое во страшни маки и болки било на работ на смртта. Набожната мајка вдовица плачела и се молела и ден и ноќ на Пресвета Богородица за спас на своето дете. Една ноќ ненадејно во собата каде што лежело детето влегла една прекрасна непозната Жена, сета во црно и, приоѓајќи му тивко на девојчето, го помазала крстолико по главата, па се свртела и тргнала назад кон вратата. Мајката ненадејно скокнала и го зграпчила овој чуден посетител за фустанот, па прашала:
- Која си Ти?
Жената ѝ одговорила:
- Јас сум Панагија (односно Пресвета) на Малев. Да дојдеш во Мојата куќа.
Откако го рекла тоа, одеднаш исчезнала. Утредента рано дошле свештеникот и лекарот да го видат девојчето. Биле многу изненадени кога виделе дека потполно оздравело и зачудено ја прашале вдовицата за тоа. Тогаш таа им раскажала за чудесната посета на Пресветата Богомајка Малева. Но, бидејќи самата не знаела каде е тоа место Малев, го замолила свештеникот да И каже, за веднаш да појде таму. Штом дознала веднаш отишла во тој манастир и се поклонила на чудотворната икона на Пресветата Владичица, топло и со сета душа благодарејќи ѝ за чудесното исцеление на својата ќеркичка.
Друг човек, на име Циропулос, од местото Долиан боледувал во болницата Евангелизмос (Благовештение) во Атина од една неизлечива болест. Според предвидувањата на лекарите неговата смрт се очекувала секој час. Кога за тоа дознала побожната жена на еден од лекарите, веднаш дошла кај овој болен и со памук натопен од светото миро од иконата на Богомајката Малева го прекрстила болниот и го помазала. Од светото миро тој веднаш оздравел и од душа благодарно ја прославил својата Пресвета Спасителка.
Една жена на име Метаксија Фуртуна, од селото Свети Петар на Пелопонез била обземена од ѓаволот и доведена до многу очајна состојба. Мачена така од ѓаволот, еден ден таа некако се нашла пред манастирот на Богородица Малева. Кога ја виделе тука, манастирските сестри ја фатиле и некако ја внеле во манастирот. Кога потоа од светата икона посилно потекло чудотворното миро, игуманијата ја помазала со него оваа страдалничка Метаксија и таа по неколку дена целосно се ослободила од демонот и оздравела. После тоа таа од благодарност доаѓала во манастирот на Богомајката Малева и бесплатно служела во него две години".
СПОМЕН НА ЧУДОТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
на изворот (водичката) во Бачко Петрово Село
Во Бачково Петрово Село од дамнина постои еден чудотворен извор (односно бунар со вода), наречен од народот водичка на Пресвета Богородица. Од ова света водичка со текот на времето се случиле повеќе чудесни исцеленија, особено од болести на очите. Едно такво чудо се случило во 1926 година кога се исцелил еден слеп човек, откако со вера и побожност се измил со оваа света водичка. Друго чудесно исцеление се случило во 1975 година на празникот Покров на Пресвета Богородица, кога на тоа место се исцелило дванаесетгодишното момче Милош од Нови Сад, кое боледувало од искривен рбет. Во 1969 година крај оваа света водичка е изградена мала, но убава црквичка посветена на Успението на Пресвета Богородица. На празникот Успение на Богомајката на ова чудотворно место се случува голем народен молитвен собир.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ ГЕРАСИМ КЕФАЛОНИСКИ
Денес е денот на неговото блажено преставување, но поради празникот Успение на Пресвета Богородица неговиот централен спомен е пренесен на 20 октомври (денот на преносот на неговите свети мошти), каде што може да видите поопширно за него. Во неговиот манастир на Кефалонија, споменот му се слави и на вториот ден на Успение (16 август) и на 20 октомври.
СПОМЕН НА ПРАЗНУВАЊЕТО НА УСПЕНСКИТЕ ИКОНИ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
Псеково-печерска, Кримска, Далматска, Влахернска, Витлеемска, Овиновска и други