29. Август  (16. Август)

ПОВЕСТ ЗА НЕРАКОТВОРНАТА ИКОНА НА НАШИОТ ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС

и за нејзиниот пренос во Цариград

Во времето кога нашиот Господ Исус Христос живееше на земјата меѓу луѓето и ги посетуваше градовите и селата на Јудеја и околните земји, проповедајќи го Евангелието и исцелувајќи ја секоја болест и секој хендикеп на луѓето, во сирискиот град Едеса, од другата страна на реката Еуфрат, живееше некој кнез Авгар. Тој боледуваше од неизлечивата болест губа. Однадвор беше покриен со синкасти рани, а одвнатре му се распаѓаа коските и сит делови од телото му беа раслабени. Кога слушна за Господ Христос и за големите чудеса што Он ги прави, како со збор ја исцелува губата, раслабеноста и секоја болест по луѓето, Авгар го обзеде голема желба со свои очи да го види Творецот на таквите чудеса, со надеж дека и самиот ќе добие исцелување од Него. Но, бидејќи самиот не можеше да појде во Јудеја, тој испрати молба до Господа Исуса, молејќи Го да дојде кај него во Едеса. Бидејќи се сомневаше дека Господ ќе сака да дојде кај него, Авгар го испрати во Палестина искусниот живописец Ананиј да го живописа Неговиот лик, та барем со гледањето на ликот Негов да си ги олеснува болките.

Толку голема беше неговата љубов кон Господ Христос, поттикната од она што го имаше слушано за Него.

Писмото на кнезот Авгар до Господ Исус гласело вака:

„Од Авгар, кнезот Едески, до Исус, благиот Спасител Кој во тело се јавил во Ерусалимските покраини, радувај се!

До мене допре глас за Тебе и за Твоите преславни чудеса, дека Ти, без лекови и билки исцелуваш болести. На слепите им даваш вид, на хромите од, губави очистуваш, нечисти духови истеруваш, раслабените кои со години лежат на одар ги исцелуваш со збор и мртви воскреснуваш. Слушајќи го тоа за Тебе, јас дојдов до двоен заклучок. Ти, или си Бог Кој слегол од небото, или си Син Божји, бидејќи правиш такви прекрасни чудеса. Затоа и ти ја упатувам оваа моја смирена молба, да се потрудиш да дојдеш кај мене и да ја исцелиш мојата неизлечива болест, од која што страдам многу години. Исто така слушам дека евреите те мразат и сакаат да ти нанесат некое зло. Јас пак имам град, иако не многу голем, но убав и изобилен со секое богатство. Дојди кај мене и живеј со мене во мојот град, во кој ќе се најде се што е потребно за нас двајцата“.

Со ова Авгарово писмо живописецот Ананиј стигна во Ерусалим, каде Го виде Господа Исуса среде мноштво народ како на рамно место му изговара поука на народот, но не можеше да Му се доближи од турканицата. Во очекување дека народот ќе се разотиде, Ананиј се качи на еден поголем камен и внимателно го набјудуваше лицето на Спасителот и се обидуваше да го живописа. Но, беше невозможно, зашто Севидливиот, ненаклонет на намерата на живописецот, го менуваше Своето пресвето Божествено лице, со недостижна и неизобразлива слава и благодат. Долго се трудеше Ананиј, но без никаков успех. Господ, пак, му нареди на апостолот Тома да појде и да го доведе. И кога тој се уште ни збор не беше проговорил, Господ го повика по име и по занимање, нарекувајќи го Ананиј живописецот, му ја откри причината поради која е дојден и го праша:

„Каде е писмото на твојот кнез Авгар, што ми го носиш од Едеса?“

Ананиј, восхитен и зачуден од прозорливоста на Господ Исус, брзо го извади писмото од пазувите и со трепет го предаде во Неговите раце. Кога го прочита, Господ вака му возврати на Авгар:

„Блажен си ти, Авгаре, што си поверувал во Мене, без да Ме видиш. За Мене е напишано дека оние што ќе Ме видат нема да поверуваат, а оние што не Ме гледаат ќе поверуваат во Мене и ќе наследат живот вечен. Ти ми пишуваш да дојдам кај тебе, но Јас треба да го извршам она за што сум испратен, и по извршувањето да се вратам кај Отецот, Кој ме испрати. Кога ќе бидам вознесен кај Отецот, Јас ќе ти испратам еден од Моите ученици, кој потполно ќе те исцели од твојата болест и преку крштението ќе ти подари живот вечен, и на тебе и на оние со тебе“.

Откако му го напиша таквото писмо на Авгар, Господ Исус го запечати со печат, на кое со еврејски букви стоеше напишано: „Божјо видение, Божествено чудо“.

Потоа Господ, исполнувајќи ја втората желба на Авгар и живописецот, нареди да се донесе вода, та Тој го изми Своето пресветло лице и го избриша со подадениот четвртаст убрус. И се случи чудо. Обичната вода се претвори во боја и на убрусот совршено се впиша пречистиот лик Негов. Откако му го предаде тој убрус со Својот лик на Ананиј и писмото, Господ рече:

„Носи, и предај му го на оној кој те испрати“. (Тоа се случи во последните денови од животот на Спасителот на земјата, пред Неговото страдање).

И се врати Ананиј во Едеса кај својот кнез, и му ја предаде неракотворната икона на лицето Христово на убрусот и писмото. Авгар многу се израдува и со љубов ги целиваше. Штом се поклони на ликот Христов, тој веднаш се исцели од болеста. Само еден мал дел од губата остана на неговото лице, до времето кога требало да дојде кај него ученикот испратен од Господа.

По доброволното страдање, воскресение и вознесение Господово на небото, во Едеса дојде свети Тадеј, еден од седумдесетмината Апостоли испратен со божествена благодат. Откако доволно го поучи Авгар во светата вера во Христа, свети Тадеј го приведе кон крштение. И кога Авгар се крсти, исчезна преостанатиот дел од губата и тој излезе од купелот потполно чист и здрав, и со телото со душата. Заедно со Авгар се крсти и сиот негов дом, потоа и сиот град, и се славеше во Едеса името на нашиот Господ Исус Христос, единствениот вистински Бог.

На капијата на градот Едеса имаше идол на некое незнабожечко божество. Секој што ќе влезеше во градот беше должен да му се поклони на тој идол. Но, Авгар го уништи, па над капијата во камениот зид направи округла вдлабнатина, за да не допира дожд до неа. Го намести убрусот со неракотворната икона Христова на даска од негнилежно дрво, го опкружи и украси со злато и скапоцени камења, па го постави на тоа издлабено место над капијата. Покрај тоа тој со златни букви под иконата напиша:

„Христе Боже, секој што се надева во Тебе нема да се посрами“.

И им нареди Авгар на сите што влегуваат во градот и излегуваат од него, задолжително да ѝ се поклонуваат на божествената икона Христова. Тој издаде закон таквото почитување секогаш да И се укажува на иконата Господова низ вековите. Оваа набожна наредба на Авгар, потврдена со закон, се почитувала долги години, како за време на неговиот живот и животот На неговиот син, кој по него кнезувал во Едеса, така и за време на владеењето на неговите внуци. Потоа, за време на кнезувањето во Едеса на еден од правнуците на Авгар, во градот се обнови древното незнабоштво. Тој кнез отстапи од Христос и кога го виде на градската капија Христовиот лик, почитуван од сите, како непријател Христов негодуваше и донесе одлука таа Божествена икона да ја симнат од таму и на нејзино место да постават идол. Кога со откровение од Господа дозна за тоа епископот на градот Едеса, тој дојде со своите клирици ноќе кај градската капија и постави пред светата икона Христова запалено кандило, го огради тоа се ќерамида, па го созида со тули, ги премачка со малтер и вар и го порамни со зидот, зашто таква беше наредбата до епископот од Божественото откровение. Кога неракотворната икона Христова стана невидлива, незнабожниот кнез се откажа од својата намера. По долго време меѓу луѓето исчезна сеќавањето на светата неракотворна икона и беше заборавено местото каде што таа беше созидана. Никој не знаеше за неа, се до нејзиното чесно јавување, кое се случи по многу години на следниот начин.

Во времето на благочестивиот цар Ираклиј (610-641г) персискиот цар Хозрој со огромна војска дојде до Едеса, го опколи градот и долго го држеше под тешка опсада. И кога граѓаните изнемоштуваа и во голем страв со солзи Му се молеа на Бога, една нок на едескиот епископ Евлавиј му се јави некоја пресветла невеста во огромна слава, и покажувајќи му со прстот кон градската капија и местото во зидот, рече:

„Над оваа капија е сокриена божествената неракотворна икона на Спасителот Христос. Извади ја и добро ќе сториш“.

Епископот веднаш отиде, се искачи до посоченото место во зидот, и најде се како што му беше откриено. Го препозна созиданото место, ги сокрши тулите, ја тргна ќерамидата и го најде пречистиот и пресветол лик Христов, целосен и неоштетен, и кандилото, кое после толку години се уште гори и е полно со зејтин. И на самата ќерамида, со која беше покриен ликот, беше неракотворно отсликан тој исти лик Христов. Епископот го зеде светиот убрус со ликот на Спасителот и им го покажа на граѓаните. Тогаш сите многу се израдуваа и охрабрија, надевајќи се во Господа. Епископот во Литија го носеше по градските бедеми ликот на Спасителот, покажувајќи им го на персиските војници, кои го беа опседнале градот. И веднаш сета војска се разбега во голем страв, гонета од силата Божја. Така градот Едеса беше избавен од непријателот, по милосрдието на нашиот Христос Бог и јавувањето на неракотворниот лик Негов.

По многу, многу изминати години, кога во Грција царуваше Роман 2ри, наречен Лекапин (920-944 г) со својот зет Константин, синот на Лав Мудриот, светиот убрус на неракотворниот лик Христов беше пренесен од Едеса во Цариград, држани од страна на сарацените, зашто во тоа време цела Сирија и во неа градот Едеса, беа под власта на сарацените. Тоа пренесување се случи на овој начин.

Царот Роман, сакајќи да го има во Цариград тоа неизмерно богатство, многупати испраќал молба до Сараценскиот емир да му го даде неракотворниот лик Христов, а емирот, молен од едеските граѓани, не сакал да го даде. Така избувнала војна. Царот Роман испрати своја војска и го опколи градот Ефес, пустошејќи ја околината. Тогаш едеските граѓани испратија молба до грчкиот цар да ја прекине војната, но тој го бараше од нив неракотворниот лик Христов. А пак сараценскиот емир, под чија власт беше Едеса, не сакаше да го даде бадијала. Тогаш царот, од голема желба да го има кај себе неракотворниот лик Христов, му даде на емирот дванаесет илјади сребреници и му врати двеста угледни сараценски заробеници. Покрај тоа му даде писмена потврда со златен печат дека никогаш нема да ја нападне Едеса и неговата околина. Откако на таков начин царот го зеде неракотворниот лик Христов, а со него и писмото, како што е погоре речено, кое нашиот Господ Исус Христос му го напиша на едескиот цар Авгар, чесно и свечено ги пренесе во Цариград на рацете на архиерејите и останатите почитувани луѓе од духовниот чин. По пат во самиот Цариград се случуваа многу чудеса од сечесниот лик на Спасителот: се исцелуваа најразлични болести, слепи прогледуваа, глуви слушаа, хроми одеа и ѓаволи се истеруваа. Еден ѓаволесан човек викаше:

„Прими ја, Цариграде, славата и веселбата твоја, а ти, Порфирородни, честа на царството твое“.

Така викајќи, тој човек се исцели од бесомачноста.

Празнувањето на преносот на неракотворниот лик Христов е одредено во 16-тиот ден од месец август, кога всушност многу свечено го прими царскиот град и најпрвин го постави во црквата на Пресвета Богородица во Влахерна, а потоа и во црквата на Пресвета Богородица Фароска за заштита на градот, а во слава на нашиот Бог Христос, со Отецот и Светиот Дух славениот, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

Неколку години подоцна царот Никифор Фока (963-969 г) ја пренесе од Едеса во Цариград и онаа света ќерамида, на која беше отсликан неракотворниот лик Христов и ја постави во царскиот град во 967 година.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈОАКИМ ОСОГОВСКИ

Нашиот преподобен отец Јоаким Осоговски беше родум од северна Македонија. Се подвизуваше во втората половина на 11ти век на Осоговските Планини крај Крива Паланка, на местото наречено Сарандапор, поради што се нарекува и Сарандапорски. Се подвизувал во времињата кога во овие македонски краеви се подвизувале и познатите македонски подвижници Јован Рилски, Прохор Пчински и Гаврил Лесновски.

Сакајќи уште од младоста построг подвижнички живот во осаменост, преподобниот Јоаким тргна од својот крај кон пустините на Осоговските Планини. Воден од ангел Божји, една ноќ стигна во домот на еден болјар, во селото Градец. Во малата црквичка на тоа село тој најпрвин топло Му се помоли на Бога, па потоа седна пред црквата да се одмори од долгото пешачење. Кога го видоа на тоа место, болјарите му пријдоа и тој ги замоли да му посочат некое место во планината, погодно за подвизи и осаменост. Домаќинот болјар тогаш му го посочи местото на Осоговските Планини при реката Скупица, каде крај потокот наречен Бабин Дол се наоѓала една осамена пештера, погодна за животот што тој го сака. Кога слушна за таквото место, светителот им заблагодари на Бога и на Пресветата Владичица и тргна. Кога стигна до местото Сарандапор, тој се насели во тамошната пештера и во неа остана до крајот на својот живот.

Во оваа пештера преподобниот се подвизуваше многу усрдно и строго, минувајќи ги деновите и ноќите во непрестајни молитви, бдеења, коленопреклонувања и топли солзи. Пред крајот на неговиот земен живот го посетија некои ловџии. Тој ги благослови и во тој ден тие имаа многу богат лов. Кога повторно дојдоа, ловџиите го најдоа мирно упокоен во Господа. Тие чесно го погребаа и потоа повторно му доаѓаа на гробот.

Во времето на Византискиот цар Мануил 1ви Комнин (1143-1180 г) преподобниот Јоаким е многу прославуван. Тогаш е обновено и неговото место на подвигот. На местото на неговиот подвиг дојде вдовецот свештеник Теодор од Овче Поле, кој тука се замонаши и го доби името Теофан. Тој собра околу себе голем број на браќа, и со нив подигна црква и манастир на преподобниот Јоаким, во кој стана прв игумен. Тогаш на сон му се јави свети Јоаким и му рече дека сака самиот тој да се нарекува ктитор на манастирот. Потоа му го откри на Теофан местото каде се сокриени неговите свети мошти, па му го покажа и дрвото во шумата, од кое требало да му го направи ковчегот и во него да ги пренесе светите мошти во манастирот. Сето тоа игуменот Теофан го изврши со целосна послушност. Со браќата свечено во Литија ги пренесе моштите на преподобниот Јоаким во манастирот и беа положени во црквата посветена на него. Од нив се случуваа многу чудеса, како во тоа време така и подоцна, се до наши дни.

Еден болјарин го намразил невиниот Теофан и еднаш се обидел да го повреди, но бил фрлен од коњот на земјата. При падот му се скршиле и двете нозе. Преподобниот Јоаким му се јавил на сон и му заповедал да остави дар на манастирот и да се помири со игуменот Теофан. Кога болјарот ја исполнил заповедта, потполно оздравел како ништо да не му се случило.

Многу пати преподобниот на чудесен начин го заштитувал имотот на својот манастир од грабежи на надворешни лица. Тој исто така ги поучувал и раководел манастирските браќа кога правеле грешки, како вистински игумен.

Годината на своето преставување преподобниот Јоаким благоволил сам да ја открие на сон: „Осум години пред големото сончево затемнување“, кое се случило на 19 март 1113 година. Од ова следува дека се преставил во Господа на 16 август 1105 година.

Светиот лик на преподобниот Јоаким Осоговски е насликан по многу наши стари манастири и цркви, а исто така и многу рано му се напишани и житие и служба".

По неговите свети молитви Господ Бог да не помилува и спаси сите нас. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЕВСТАТИЈ 2ри,

архиепископот Српски

Свети Евстатиј 2ри беше архиепископ на српската православна црква по архиепископот Јаков, односно од 1292 до 1309 година. Како што за него вели неговиот животописец, архиепископот Данил, тој „стекна достојно име за своите трудови, грижејки се за стадото доверено од Бога, секогаш верувајќи дека ќе се уподобуваат на Бога во духовното и бесмртното дело, и тоа од две страни: од една страна работејќи за корист на својата душа а од друга со грижата за светата Црква, и постојано гледајќи во подвигот што му претстои и во венецот на дарови од Христа“.

Светиот архиепископ Евстатиј беше голем подвижник во личниот живот и ревносен пастир во управувањето со Црквата.

Поживеа богоугодно и мирно се упокои на 16 август 1309 година. Веднаш по преставувањето од сите беше славен и спомнуван за својата светост. По неговите свети молитви Господ нека не помилува и нас. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ДИОМИД ЛЕКАРОТ

Свети Диомид потекнуваше од знаменит род од Тарс Киликиски. По занимање беше лекар, а по вера христијанин и ги лечеше и телата и душите човечки, зашто ги поучуваше елините да веруваат во Господ Христос и да се крштеваат. Во времето на царот Диоклецијан свети Диомид го остави Тарс и отиде во градот Никеја во Витинија. И таму по својот обичај се занимаваше со лекување, при што повеќе лекуваше со призивање на семоќното и исцелително име Господово и чесниот Крст, отколку со лекови. Така ги исцелуваше од секоја болест и ги приведуваше во верата Христова неверните и многу идолопоклоници обрати кон Христа со своето лекарство и учење. Кога дозна за тоа царот Диоклецијан, кој во тоа време се наоѓаше во источните покраини, испрати војници да му го доведат Диомид. Но, војниците го најдоа веќе упокоен во Господа. Иако беше мртов, тие му ја отсекоа главата, за да ја однесат кај царот. Но штом го сторија тоа веднаш ослепеа, та други ги одведоа кај царот, при што ја носеа и отсечената глава на свети Диомид. Кога ја здогледа главата и слепите војници, царот нареди главата да ја вратат назад кај чесното тело. Штом го сторија тоа, војниците веднаш прогледаа и поверуваа во Христос, вистинскиот Бог, Кому слава за навек. Амин

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ХЕРИМОН

Преподобниот Херимон се спомнува и во „Лавсаикот“ на Паладиј и во „Отечкиот азбучник“. Неговата пештера во пустината била оддалечена 12 потркалишта од водата. По своето преставување бил најден мртов на столот, со ракоделието во рацете. Се упокоил додека се занимавал со ракоделие. Свети Теодор Студит го спомнува свети Херимон во Посниот Триод, во Канонот на Сирната сабота, во шестата песна.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ТИМОТЕЈ, епископот Еврипски, ктитор на манастирот Пентела кај Атина

Овој свет отец е роден во 1510 година во селото Каламос во Атика. Татко му бил свештеник и го поучил во христијанската вера. Тимотеј од детството се одликувал со доблесен живот и побожност, а исто така и со цврстината на карактерот. Затоа го засакаа најистакнатите црковни луѓе. Епископот на Оропос толку го засака, што на свој трошок го испрати во Атина за понатамошно школување, зашто во момчето го провиде пастирот на Црквата Христова. По завршувањето на науките, Тимотеј се врати во Оропос и од епископот беше ракоположен најпрвин за ѓакон, а потоа и за свештеник. Со овој епископ и понатаму Тимотеј се учеше на секоја доблест и мудрост на пастирското раководење, така што по смртта на овој епископ беше избран за негов наследник. Како епископ на Оропос, Тимотеј и понатаму напредуваше во подвизите и доблестите и затоа наскоро беше избран за архиепископ Еврипски (во местото Халкида на островот Евија). Но, злобниот ѓавол не го остави на мира, та праведникот беше наклеветен кај турските власти дека е државен непријател. Тој мораше да го остави своето епископство и да се врати во своето село Каламос во Атика. Тоа се случи во 1575 година.

Свети Тимотеј потоа отиде во блиската гора Пентела, каде имаше и други богоугодни подвижници во тоа време и наскоро потоа во подножјето на таа планина основаше прекрасен манастир, кој го посвети на Успението на Пресвета Богородица (1578 г.). Овој манастир и до денес постои и и припаѓа на Атинската архиепископија.

Во манастирот набрзо се собраа доста браќа и светителот мудро ги раководеше по патот на спасението кон Царството Небесно, Сакајќи поголеми подвизи во тишина и осаменост, тој се повлече во местото Гаргато и Враон, каде се оддаде на строги подвизи, кои само на Господа му се познати. Но, лукавиот враг ни овде не го остави мирен, туку крена против него некои луѓе, та тој ја напушти Атика и на чудесен начин премина преку морето на островот Кеја (околу 1590 г). Поживеа таму уште некое време во богоугодни подвизи и најпосле во мир го предаде својот дух во рацете на Господа. Така премина во Неговото бесконечно Царство. Во неговиот манастир Пентела и денес се наоѓа неговиот свет череп, кој испушта свет благомирис и врши прекрасни чудеса, за оние кои го призиваат светителот со топла вера и молитва.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ РОМАН

Голем чудотворец; неговите свети мошти почиваат во манастирот на свети Роман во убава шумовита долинка, на патот помеѓу Ражањ и Ѓунис, на дофат на јужна Морава. Живеел и работел 200 години пред Немањич. Голем светител и просветител на тој крај. И до денес таму е исцелуваат тешко болни, особено умоболни и бесомачни. Манастирот на свети Роман кај Ѓунис го изградил светиот кнез Лазар (кој се слави на 15 јуни).

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ РАФАИЛ БАНАТСКИ

Преподобниот Рафаил живееше кон крајот на 16 и почетокот на 17 век. Се подвизуваше богоугодно и долго во светата лавра Хилендар на Атонската Гора.

Во тоа време манастирот Хилендар по српските земји имаше повеќе свои манастирски метоси, меѓу кои и еден метох во Банат на просторот на денешниот град Зрењанин. Тој метох најверојатно Хилендар го добил како свој посед во времето на српскиот деспот Стефан Високи, кој го беше добил местото наречено Бечкерек, како личен посед од Угарскиот крал Сигисмунд.

Во овој манастирски метох беше испратен од Хилендарското братство преподобниот отец Рафаил по некое манастирско послушание. Кога дојде во Банат тој се насели на извесно време во местото каде денес се наоѓа црквата Воведение на Пресвета Богородица и строго се подвизуваше во сите богоугодни подвизи на монашкиот живот. Живееше во една мала колиба, направена од обична трска, и тука мирно се престави во Господа.

Поради неговите многубројни и само на Бога познати подвизи и доблести, Господ го посети со благодатниот дар на чудотворството, кое особено се пројави по неговото преставување. Беше погребан на местото каде денес има мала црквичка посветена на него, односно на југоисточната страна од олтарот на големата Воведенска црква во Зрењанин. На тоа место наскоро по преставувањето на преподобниот Рафаил најпрвин била подигната мала капела, па подоцна по рушењето таа била поправана и проширувана. Веднаш по преставувањето на свети Рафаил, побожниот народ од овој крај започна да доаѓа на неговиот гроб. Верниците и денес доаѓаат и ги носат своите болни, преноќеваат во капеличката и тука им се чита Рафаилова молитва. И според нивната вера се случуваат исцеленија.

А пак во манастирот Хилендар, во олтарот на Соборниот храм, се наоѓа една стара икона на преподобниот Рафаил, на чија задна страна се наоѓа овој натпис:

„Свети Рафаил, свештеноинок Хилендарски, испратен на манастирско послушание во Банат, и таму се претстави, и Бог го прослави со чудотворење од неговите чесни мошти, за оние кои со вера му доаѓаат“.

По молитвите на нашиот преподобен отец Рафаил, Господ нека не помилува и спаси сите нас. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ МАКАРИЈ АРХИЕПИСКОПОТ

На денешниот ден се спомнува во Ерусалимската Канонарија. Најверојатно бил еден од архиепископите на Ерусалимскиот првопрестол-мајката на сите Цркви.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ТРИЕСЕТ МАЧЕНИЦИ ПАЛЕСТИНСКИ

Пострадаа за Господа обезглавени со меч. Беа родум од Палестина.

СПОМЕН НА НАОЃАЊЕТО НА МОШТИТЕ НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ:

СЕРАФИМ, ДОРОТЕЈ, ЈАКОВ, ДИМИТРИЈ, ВАСИЛИЈ и САРАНТИС

Во 1798 година на детето Пајсиј од градот Мегара, на Атичкиот Полуостров, на чудесен начин му беше откриено местото каде што се наоѓаат светите мошти на овие шестмина новојавени свети маченици. Тие потоа беа откопани и пренесени во градот Мегара, каде и до денес вршат многу прекрасни чудеса.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ НИЛ ЕРИКУСИСКИ

Беше родум од Цариград, син на Јован Ласкарис, братот на царот Теодор (1204-1222 г). Прогонет од Латините дојде во манастирот „Незаспивливи“ во Понт, и тука како монах остана до ослободувањето на Цариград во 1261 година. Бидејќи го изобличувал латиномислениот цар Михаил Палеолог, беше прогонет во мал брод без кормилар, кој го донесе во манастирот Ивирон на Света Гора. Во овој манастир остана десет години, па беше повикан од православниот цар Андроник Палеолог и слободно пропатува многу места. На островот Ерикус (кај Крф) основаше свој манастир, па потоа премина во Епир, каде подигна нов манастир и го обнови стариот Еромериски манастир. Се упокои во мир и премина во Царството Небесно.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АЛКИБИЈАД

Пострадал за Господа изгорен во оган.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК НИКОДИМ МЕТЕОРСКИ

Се подвизувал во манастирот Метеори во Тесалија. Маченички (упокоил за благочестивата христијанска вера во 1551 година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК АПОСТОЛ НОВИ

Беше родум од селото Свети Лаврентиј во Тесалија, од татко Коста Стаматиј и мајка Мела. Кога на петнаесет години остана сираче, отиде во Цариград и таму се вработи во еден дуќан. Застапувајќи се за својот народ пред турските власти поради неправдите што му ги нанесуваа, го навлече врз себе гневот на турците и тие го погубија како маченик за верата Христова, на 16 август 1684 година во Цариград.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК СТАМАТИЈ

Светиот маченик Стаматиј беше селанец, родум од селото Свети Георгиј кај Волос во Тесалија. Кога некој нечовечен ага собираше царски данок и многу го злоставуваше народот, Стаматиј отиде со неколкумина другари во Цариград да се пожали на везирот. Но, со своите остри обвинувања против агата, тој се замери со големците на султанот и тие го уапсија. Најпрвин сакаа со ласкања да го потурчат, ветувајќи му богатство, слава и чест, но на тоа маченикот извика:

- Мое богатство, слава и чест е мојот Христос!

Тогаш Турците го мачеа и најпосле пред црквата „Света Софија“ му ја отсекоа главата во 1680 година. Така Христовиот војник Стаматиј се овенча со венецот на мачеништвото. (Неговото страдање го опиша Јован Кариофилис, и тоа се наоѓа во „Новиот Мартиролог“).