30. Август  (17. Август)

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МИРОН

Свети Мирон беше свештеник во Ахаја, за време на царувањето на незнабожниот цар Декиј, кога поглавар на таа област беше Антипатар. Свети Мирон потекнуваше од угледен и богат род, по карактер беше благ и кроток, боголубив и човекољубив и водеше богоугоден живот.

Еднаш токму на Рождество Христово, поглаварот Антипатар влезе во црквата да ги фати христијаните собрани на молитва и да ги мачи. Свети Мирон ревносно го исмеа и искара поглаварот, и затоа беше фатен и страотно мачен. Најпрвин го обесија на дрво, го стругаа со железни гребени и го гореа со оган. Потоа го фрлија во многу вжештена печка од која излезе пламен и изгоре сто педесет слуги на поглаварот, кои стоеја во близина, а светителот, чуван со благодатта Христова, стоеше среде печката жив и недопрен и Го благословуваше Бога. Во тоа време видливи беа во печката светите ангели, кои го опкружуваа светителот и го разладуваа огнот околу него. Кога огнот згасна, светителот излезе од печката неповреден и поглаварот започна да го присилува да им се поклони на идолите. Бидејќи одби, нареди да му ја дерат кожата на ленти од главата до нозете. Маченикот дофати една таква лента и со неа го удри мачителот по лицето. Потоа повторно му го стругаа телото со железни гребени, па го фрлија на зверовите, но тие не се допреа до него. Така посрамен од страдалникот Христов, поглаварот Антипатар се разбесни, та со свои раце се уби себе си. Така ја предаде својата гадна душа на ѓаволите, на вечно мачење во пеколот. А светиот маченик го одведоа во градот Кизик и таму му ја отсекоа главата. Така се упокои, предавајќи ја својата света душа во рацете Божји. На тој начин го прими маченичкиот венец и влезе во радоста на својот Господ.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПАТРОКЛ

Во времето на Аврелијан настана големо гонење против христијаните во Галија, како и насекаде. Во тоа време во градот Трикасина живееше еден честит човек на име Патрокл. Живееше во предградието на градот, во куќа наследена од родителите со огромен имот. Беше многу богат. Му служеше на Бога и дење и ноќе, љубејќи го Неговиот свет закон и водејќи побожен христијански живот. Добро запознат со науките, тој со голема усрдност постојано го читаше Светото Писмо и секој час ги преклонуваше колената на молитва. Храна земаше еднаш дневно, во шест часот попладне, откако претходно ќе ги извршеше славословијата и молитвите кон Бога. Своето богатство го раздаваше на неволните, вдовиците и сирачињата, особено на сиромашните христијани, кои од срце Го сакаа Господа. Неговото милосрдие беше толку големо, што сиромашните мислеа дека тој раздава од небесните ризници, зашто не собираше за себе ризници на земјата, туку на небото, и ги одбегнуваше задоволствата на овој свет, чекајќи го Царството Божјо. На овој свет човек, кој го минуваше животот во стравот Божји, во пост и молитва и во секое богоугодување, Господ му даде власт над ѓаволите и му дари благодат на исцелување.

Во тоа време незнабожниот цар Аврелијан, свиреп гонител на христијаните, допатува од градот Сенониск во Трикасин. Кога слушна за свети Патрокл, Аврелијан нареди да го фатат и кога го здогледа му рече:

- Слушнав за твоето безумие, дека ја почитуваш ништовната вера и Му се поклонуваш на Оној на Кого луѓето му удираа шлаканици.

Светителот не одговори ништо на овие безумни зборови. Тогаш Аврелијан го праша:

- Како се викаш?

Светителот одговори:

- Патрокл.

Аврелијан праша:

- Од која вера си и на кој бог му се поклонуваш?

Свети Патрокл одговори:

- Му се поклонувам на Живиот и вистински Бог, Кој живее на небесата, гледа на смирените и однапред знае се, пред да се случи.

Аврелијан рече:

- Остави го тоа безумие. Поклони им се на нашите богови, па ќе те наградиме со чест и богатство и твоето име ќе биде славно.

Светителот одговори:

- Јас не познавам друг бог освен Вистинскиот, Кој ги створи небото и земјата, и морето, и сѐ видливо и невидливо.

На тоа Аврелијан рече:

- Докажи ни дека е вистина тоа што го зборуваш.

Патрокл одговори:

- Вистина е, но вие не сакате да го прифатите тоа.

Аврелијан рече:

- Ќе те спалам ако не им принесеш жртва на боговите,

- Јас Му принесувам пофална жртва, а и себе си се принесувам како жртва на мојот Бог, Кој благоволи да ме повика на мечеништво за светото име Негово - одговори светителот.

Аврелијан се разгневи и нареди да му стават на нозете вжештени железни окови и да му ги врзат рацете наопаку со исто така вжештени вериги, па да го фрлат во темница додека не реши како да го погуби. Светителот се молеше на Бога во темницата:

„Нека ми биде милоста Твоја утеха, според Твоето слово кон твојот слуга“ (Пс. 118, 76); и уште: „Ќе се радувам и ќе се веселам поради милоста Твоја, зашто Ти погледна на маката моја“ (Пс.30, 8).

По три дена Аврелијан го изведе маченикот на јавното судиште и му рече:

- Ајде, хулителу, спаси се од смртта и принеси им жртва на боговите.

Маченикот одговори:

- Нашиот Господ ги спасил од вечна смрт душите на Своите слуги и нема да ги остави оние што се надеваат во Него. Ако сакаш, царе, ќе ти дадам од моите богатства, зашто си беден.

Аврелијан рече:

- Како смееш мене, царот, да ме нарекуваш беден, кога имам неизмерни богатства?

Свети Патрокл одговори:

- Ти имаш само земно минливо богатство, но си беден. Се немаш ни самиот себе си, бидејќи во срцето не си ја стекнал светата вера во нашиот Господ Исус Христос. Затоа од праведниот Судија ќе бидеш осуден заедно со твојот татко, ѓаволот.

Аврелијан рече:

- Ти многу ме навредуваш и затоа не можам да бидам милостив кон тебе.

Маченикот рече:

- Милостив кон мене е мојот Бог, Кому од младоста Му служам. Но, ќе биде тешко за тебе кога ќе бидеш одведен на местото каде што мачен престојува ѓаволот, на кого ти му служиш. Таму ќе ги видиш вечните маки што те очекуваат.

На тоа царот рече:

- Не знам што зборуваш. Знам само дека си во мои раце и нема кој да те спаси.

Светителот рече:

- Во твоја власт е само моето тело, но до мојата душа не можеш да се допреш, зашто никој нема власт над неа освен единствениот Бог Кој ја создал, и Кој нам, слугите Свои, ни рекол: „Не плаште се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат, туку плашете се повеќе од Оној Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот“ (Матеј 10, 28).

Царот Аврелијан рече:

- Зарем нашите богови немаат иста таква власт? Тие се вистински за нас, зашто ни даваат одговори за се што ги праигуваме. Тие и тебе како нивен непријател и хулител ти дозволуваат да живееш до сега.

Светителот праша:

- А кои се вашите богови?

Аврелијан одговори:

- Наши богови се прекрасниот Аполон, големиот Зевс и мајката на боговите Дијана, зашто тие им ја претскажуваат иднината на луѓето.

Свети Патрокл рече:

- Што се однесува до Аполон, кого ти го нарекуваш бог, ние сме слушале од нашите претци дека бил чобанин кај тесалискиот цар Адмет. За Зевс, на кого ти му се поклонуваш како на бог, ние знаеме дека бил расипан човек, блудник, прељубодеец, грабнувач и измислувач на секое зло. Тој меѓу луѓето сеел непријателства и буни, вршел убиства и го грабал туѓото, па и умрел со најсрамна смрт, та и земјата не го прими неговото тело. А што се однесува до Дијана, таканаречената мајка на вашите богови, кој не знае дека таа е пладневна мора. О, безумие човечко, безумие на заслепените со неверие, безумие на оние што му се поклонуваат на ништовното и лажното.

Царот рече:

- Многу сум трпелив штом уште ги слушам твоите хули. Но, еве, последен пат ти велам. Ако не се поклониш и не им принесеш жртви на Аполон, Зевс и Дијана, веднаш ќе те предадам на смрт.

Маченикот одговори:

- Нечист мачителу! Ти личиш на разбојник кој убива невин човек, а телото негово не може да го јаде. Така и ти се фалиш дека ќе го предадеш на смрт моето тело, но нема да го изедеш. Но, и да го изедеш, сепак не можеш да ѝ наштетиш на мојата душа.

Овие зборови многу го разбеснија Аврелијан и веднаш изрече пресуда да го обезглават Патрокл. Притоа им нареди на војниците да го сторат тоа во некое калливо место, за да не биде удостоен на човечки погреб, туку да го изедат зверовите. Војниците го одведоа кај брегот на реката Секвана, за да го обезглават во бариштето покрај брегот. Весело одејќи во смрт, светиот маченик се молеше:

„Господи Исусе Христе, немој да дозволиш моето тело да биде погубено во таа бара, туку возвеличај го пресветото име Свое, за да биде славно пред очите на Твоите непријатели, та да не можат да речат: каде е нивниот Бог? Услиши ја Владико молитвата моја, како што си ги услишал Мојсеј и Арон, кои се молеле за луѓето Твои, та си го разделил морето и го поминале како по суво. Нареди и јас да ја преминам оваа река така, за на сува земја да биде пролиена мојата крв за Тебе и моето тело да не почива во кал. Спаси ме, избави ме од мачителите мои“.

Само што се помоли така, падна мрак пред очите на војниците и тие престанаа да го водат. Свети Патрокл влезе во реката и одеше по водата до колена, иако таа беше многу длабока, и премина на спротивниот брег. Отиде во тамошната гора и рече:

- Господ ги чува душите на Своите преподобни и ги избавува од раката на грешниците.

Војниците не можеа да го видат и се чудеа, но и се плашеа царот да не помисли дека го ослободиле, па да ги казни. Тие си велеа меѓу себе:

- Колку е голем Богот на тој човек. Невидливо го спаси од нашите раце.

А некои од нив велеа:

- Тој не беше човек туку привидение. Исчезна пред нашите очи.

Додека војниците долго се препираа, без да смеат да се вратат кај царот, една незнабошка, која со чамец дојде од другата страна на реката, слушна за нивното препирање и им рече:

- Христијанинот кого го барате го видов од другата страна на реката, каде ничкум лежи и Му се моли на својот Бог.

Тие веднаш ја преминаа реката со чамецот и го најдоа светиот маченик во гората, како што им кажа жената. Тогаш најстариот војник налутено му рече:

- Навистина заслужуваш смрт, бидејќи побегна од нас. Но, сега нема да ни избегаш. Треба да бидеш обезглавен. Ако пак сакаш да останеш жив, принеси им жртва на нашите богови.

Светителот им одговори:

- Јас нема да им се поклонам на нечистите демони. Му се поклонувам само на единствениот вистински Бог.

Војниците го прашаа:

- Каков е тој твој Бог? Роден ли е или створен?

Светителот рече:

- О, луда заблуда! О, безумно неверие! О, бесмислени зборови! Може ли човек да каже нешто за Беспочетниот Бог? Кој ќе го искаже потеклото Негово? Он рече и сѐ настана. Он нареди и се создаде сѐ видливо и невидливо. Он Го испрати избавителот ги на човечкиот род, Својот Единороден Син Господ Исус Христос, Кој ја проли за нас Својата света крв, за да нѐ избави од гибелта и вечната смрт. Но, Господ воскресна во третиот ден од мртвите, се вознесе на небо во присуство на ученир Х ците, и и им го испрати, како што вети, Светиот Дух. И треба да се верува онака како што учи Духот Свети преку устите на светите Апостоли, зашто тоа учење е правилно и вистинско. Оној пак, кој не верува во тоа учење, нема да го види вечниот живот туку гневот Божји за навек ќе биде врз него. Ние христијаните непоколебливо веруваме и се надеваме да добиеме живот вечен од нашиот Бог Христос, и затоа и страдаме за Него со љубов, и умираме со радост, знаејќи дека живееле или умирале, Господови сме. Оние, пак, што им се поклонуваат на демоните како вие, заедно со нив ќе бидат фрлени во пеколниот оган.

Војниците уште повеќе се разјарија, го нарекоа хулител на нивните богови и ги извадија мечевите. А маченикот, обраќајќи се кон Бога, рече:

- Во Твоите раце, Господи, го предавам својот дух, зашто Ти знаеш дека умирам за Твоето пресвето име.

Војниците му ја отсекоа главата и ја фрлија далеку од телото, па си заминаа.

Во тоа време во близина на тоа место во гората се наоѓаа двајца оставени просјаци, кои порано добивале милостиња од рацете на светителот, а и самите беа христијани. Тие го видоа неговиот маченички крај и ги слушнаа неговите последни зборови. Кога војниците заминаа, тие со голем страв ги зедоа мачениковото тело и главата, да не ги забележат незнабошците, ги сокрија и тајно го известија за тоа протопрезвитерот на тој град Евсевиј. Кога падна ноќта протопрезвитерот и ѓаконот Ливериј отидоа, го завиткаа со чиста плаштаница светото тело и го погребаа ноќе, тивко пеејќи го потребното псалмопеење со многу малку свеќи, од страв од незнабошците.

Светиот Христов маченик Патрокл се упокои за време на царувањето на Аврелијан во Рим, додека меѓу нас христијаните владее нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АЛИМПИЈ,

иконописецот Печерски

Преподобниот Алимпиј Печерски се истакна како подржувач на светиот евангелист Лука, зашто и на Господ, Кој нас не створил по слика и прилика Своја, исто така му служеше не само со чудотворното изобразување на ликовите на светителите на иконите, туку и нивните доблести ги овоплотуваше во својата душа. Покрај тоа тој беше и прекрасен лекар.

Во времето на благоверниот Киевски кнез Всеволод Јарославич, за време на игуменот Никон, по промисла Божја и совет на преподобните отци Антониј и Теодосиј, кои 10 години по своето преставување чудесно се јавија во Цариград, дојдоа грчки иконописци за украсување на светите Печерски цркви. Кај овие иконописци беше даден блажениот Алимпиј од страна на неговите родители, за да ја изучи иконописната уметност. И Алимпиј беше очевидец на она прекрасно чудо, за кое се пишува во повеста за Печерската црква: Кога иконописците го украсуваа со животопис олтарот, во него сама од себе се живописа иконата на Пресвета Богородица. Притоа таа заблеска и сјаеше посилно од сонцето. Потоа излета гулаб од устата на Пресвета Богородица и по долгото летање низ црквата влета во устата на иконата на Спасителот, живописана во горниот дел на црквата. Тогаш блажениот Алимпиј се учеше помагајќи им на своите учители и добро впиша во својата душа дека благодатта на Пресветиот Дух престојува во таа света Печерска црква.

Кога споменатите иконописци ја завршија својата работа и ја украсија светата црква со икони, и Алимпиј беше украсен со доблесниот лик на ангелскиот монашки чин од страна на преподобниот игумен Никон. И започна блажениот да се учи да ги изобразува во душата доблестите на светите, веќе добро знаејќи вештествено да ги изобразува нивните ликови на иконите. И тој беше толку спретен и мудар во својата уметност, што можеше со благодатта Божја на вештествените, видливите икони, да ги изобрази духовните ликови на доблестите. Ја изучи иконописната уметност, не за стекнување на богатство, туку за стекнување на доблестите. Тој постојано се трудеше и живописаше икони за игуменот, за браќата и за сите на кои им беа потребни, без да зема нешто за својот труд, и сите ги молеше да го известуваат ако во некоја црква видат остарена икона. Во таквите случаи, без да бара некаква награда за својата работа, ги украсуваше таквите цркви со икони. А во слободното време сликаше икони и им ги даваше на оние од кои земаше на заем злато и сребро за нивно украсување. Така постапуваше блажениот Алимпиј за да не биде невработен. Во тоа тој се угледуваше на древните отци, кои постојано се занимавале со ракоделие, а и на самиот врховен апостол Павле, кој за себе вели: „Знаете дека за потребите мои и на оние што беа со мене, им послужија овие мои раце“ (Д.А. 20, 34). А кога ќе се случело тој со своето ракоделие да заработи одредена сума на пари, тогаш тие пари ги делел на три дела. Еден дел за купување материјал за иконите, втор дел за милостиња и третиот го давал за манастирските потреби. Така работејќи секоја година, блажениот не си даваше одмор ни ден ни ноќ. Ноќе се подвизуваше во молитвено бдеење и поклони, а дење со секое смирение, некористољубие, чистота, трпение, пост, тубов, богомислие, ревносно се занимаваше со ракоделие. Никој никогаш не го виде без работа. Притоа тој никогаш не ги пропушташе црковните богослужби поради своите обврски.

Затоа игуменот го издигна на степенот на свештенството, како достоен покрај ангелскиот монашки лик да го носи на себе и свештеничкиот чин. според примерот на Синот Божји Исус, свештеникот по чинот Мелхиседеков (сп. Евр. 6, 20-7, 28). Тогаш беше поставен како свеќа на свеќник, или подобро речено како образец за гледање на високо место, блескајќи со двократната убавина на монашките и свештеничките доблести. И блажениот Алимпиј се истакна како чудотворен образец. Ние од многуте негови чудеса ќе спомнеме неколку.

Еден од богаташите на градот Киев беше губав и долго бараше помош од многу лекари, маѓепсници и иноверци, но не само што не му беше подобро, туку состојбата му се влоши. Тогаш еден пријател го посоветува да појде во Печерскиот манастир и да ги замоли отците да се помолат за него. Губавиот се согласи и беше одведен во манастирот, Игуменот нареди да го напојат со вода од кладенецот на преподобниот Теодосиј и со таа вода да му го измијат лицето. И веднаш целото негово тело толку зовре од гној поради неговото неверие, така што сите бегаа од него поради неподносливата смрдеа. Тогаш губавиот се врати дома плачејќи и тагувајќи, и не излегуваше од дома од срам поради смрдеата, и им велеше на своите пријатели: „Срам падна врз моето лице, туѓинец им станав на своите браќа, непознат на синовите на мојата мајка (Пс. 68, 8-9), зашто не отидов со вера кај преподобните отци Антониј и Теодосиј. И секој ден ја очекуваше смртта. Но, еден ден си дојде на себе и одлучи да ги исповеда сите свои гревови. Затоа повторно отиде во Печерскиот манастир кај преподобниот Алимпиј, и се исповедаше пред него. Преподобниот му рече:

- Добро стори, чедо, што Му ги исповедаше на Бога своите гревови пред мојата недостојност. Така сведочи и пророкот за себе, зборувајќи кон Господа: Реков: „Ќе Му ги исповедам на Господа моите престапи“ и „Ти ми ја прости вината на гревот мој“ (Пс. 31, 5).

Потоа преподобниот Алимпиј му искажа на болниот многу поуки за спасението на душата, па зеде иконописни бои, му ги помаза со нив лицето и гнојните места, го внесе во црквата, го причести со Божествените Тајни, му нареди да се измие со водата со која што свештеникот обично се мие по Светата Причест, и веднаш му паднаа красти од раните и стана здрав како пред болеста.

Така во ова чудо нашиот преподобен отец Алимпиј се покажа како подржувач на Самиот Господ Христос. Како што Христос, исцелувајќи го губавиот му нареди да се јави пред свештеникот и да принесе дар за своето очистување (Матеј 8, 4), така и овој преподобен му нареди на својот губавец да се јави пред него, свештеникот, и да го принесе дарот за кој пророкот говори:

„Што да Му дадам на Господ за сите Негови добрини што ми ги стори? Ке ја земам чашата на спасението и името на Господ ќе го повикам“ (Пс. 15, 3-4). Да спомнеме овде и дека правнукот на овој губав, во знак на благодарност за неговото очистување, го окова со злато кивотот над светиот престол во Печерската црква.

Освен тоа, преподобниот Алимпиј исцели и еден слепороден слично на Христос. Зашто како што Христос исцелувајќи го слепиот од раѓање му ги помаза најпрвин очите со кал, па потоа му нареди да се измие во бањата Силоам (Јован 9, 6-7), така и на овој губав преподобниот најпрвин му ги помаза раните со иконописни бои, а потоа му нареди да се измие со водата со која обично по Причеста се мијат пратениците Божји, свештениците. На тој начин светителот го исцели болниот, како од телесната губа така и од гревовното слепило. И сите кои беа дојдени со него многу се восхитија, а преподобниот им рече:

- Браќа, обрнете внимание на евангелските зборови: „Никој не може да им слугува на двајца господари“ (Матеј 6, 24). Овој човек најпрвин се зароби себеси кај ѓаволот со гревот на маѓиите, а кога после дојде ваму кај Бога, со вражји совет се посомнева во своето исцеление и не поверува во Господа, Кој единствено може да го спаси, и поради неговото неверие губата уште повеќе го нападна неговото тело. Господ рекол: „Барајте, и не просто барајте, туку барајте со вера и ќе ви се даде“ (Матеј 7, 7). Но, кога тој сега по втор пат се обрати кај Бога со покајание во мое присуство, тогаш Бог, секогаш богат со милост, го исцели.

Присутните му се поклонија на светителот и се вратија со исцелениот, славејќи Го Бога, Пресвета Богородица, преподобните отци Антониј и Теодосиј и нивниот ученик, преподобниот Алимпиј. За него зборуваа дека е нов Елисеј, зашто го исцели овој човек како што пророкот Елисеј го исцели од губа Нееман (4 Царства 5, 14).

Еден христољубив човек од истиот град Киев изгради црква и посака да ја украси со седум големи икони. Со таа намера даде сребро со даски за икони на двајца свои познаници монаси од Печерскиот манастир, замолувајќи ги да се договорат со преподобниот Алимпиј за нивната изработка. Но, тие монаси не му рекоа ништо на Алимпиј, а среброто го задржаа за себе. По некое време тој човек испрати и ги праша монасите дали се изработени неговите икони. Тие му одговорија дека Алимпиј бара уште сребро. Човекот испрати сребро а тие повторно го зедоа за себе. Потоа овие двајца бесрамни монаси повторно испратија кај тој човек, и го наклеветија светителот дека бара уште онолку сребро колку што примил. Христољубивиот човек даде сребро и по трет пат, говорејќи: „Многу сакам молитва и благослов од делата на рацете негови“. Преподобниот Алимпиј не знаеше ништо за тоа.

Најпосле овој човек испрати уште еднаш, за точно да дознае дали иконите се веќе изработени. Не знаејќи што да му одговорат, оние монаси му рекоа дека Алимпиј го зел сето сребро, три пати испратено, но не сака да ги изработи иконите. Тогаш христољубивиот маж дојде во Печерскиот манастир со свои другари кај преподобниот игумен Никон и му раскажа каква жалост му нанел Алимпиј. Игуменот веднаш го повика и му рече:

- Зошто, брате, му изврши таква неправда на овој наш син, кој многу те молел да му изработиш икони, и ти дал сребро колку што си барал?

Блажениот одговори:

- Чесни, оче! Твојата светост знае дека никогаш не сум бил мрзлив во својата работа, но сега не ми е јасно за што зборуваш.

Тогаш игуменот повторно му рече:

- Ти три пати си зел пари за изработката на седумте икони а се уште не си ги изработил.

И сакајќи да го изобличи веднаш нареди да се донесат даските одредени за иконите. А тие даски ден порано беа видени во една манастирска одаја како стојат потполно празни. Игуменот исто така нареди да се повикаат и монасите преку кои човекот му испраќаше сребро на преподобниот Алимпиј, за и тие да го изобличат.

Испратените ги најдоа даските со одлично уметнички живописани икони и ги донесоа пред игуменот и оние со него. Тогаш сите се восхитија и запрепастија, паднаа на земјата ничкум и им се поклонија на неракотворни икони на нашиот Господ, на Пречистата Богомајка и на други светители Божји. Потоа дојдоа и оние двајца монаси и без да знаат за слученото чудо, започнаа да го напаѓаат светителот:

- Три пати си зел пари, а иконите не сакаш да ги изработиш.

Присутните им ги покажаа иконите, велејќи:

- Еве, овие икони, сега живописани од Самиот Бог, сведочат за невиноста на Алимпиј.

Штом ги видоа иконите монасите се запрепастија, а игуменот веднаш ги изобличи за кражба и лага, и ги истера од манастирот.

Но, овие монаси не се откажаа од својата злоба. Тие започнаа да шират клевета низ градот против преподобниот Алимпиј, тврдејќи дека тие ги насликале иконите.

- А пак нашиот старешина, - зборуваа тие, - бидејќи не сакаше да не награди за нашиот труд, намерно излага дека иконите кобајаги се живописани од Самиот Бог, за да го оправда Алимпиј.

Од овие нивни зборови многу граѓани, кои имаа намера да појдат во манастирот за да им се поклонат на иконите, не отидоа. Но, Бог, Кој ги прославува светителите Свои, како што рече во Светото Евангелие: „Не може да се сокрие град што се наоѓа на врв планина“ (Матеј 5, 14-15), не ги сокри доблесните подвизи на овој праведен маж. Гласот за ова чудо со светите икони, кое го стори Господ за свети Алимпиј, дојде до самиот кнез Владимир Мономах, Ова чудо беше потврдено и на следниот начин:

Со допуштање Божјо во Киев избувна пожар од кој изгоре речиси цел Подол, каде што изгоре и црквата во која беа споменатите икони. Но, после пожарот ги најдоа овие икони целосни и неоштетени. Кога слушна за тоа, кнезот лично отиде да го види тамошното чудо. А кога ги виде иконите и од доверливи извори дозна дека тие се живописани во текот на една ноќ, по промисла Божја, со која Бог сакал преподобниот Алимпиј да го избави од напаста, кнезот многу усрдно Го прослави Творецот на сите, Кој направи такви чудеса за доблестите на преподобниот Алимпиј. Потоа зеде една од тие икони, и тоа иконата на Пресвета Богородица, и ја испрати во градот Ростов, во тамошната камена црква, која самиот ја изградил. По некое време се случи таа црква да се сруши, а иконата остана неоштетена. Потоа ја однесоа во дрвената црква. По извесно време пожар ја уништи и таа црква, а иконата повторно остана без ниту една гребнатинка. Сето тоа со сигурност сведочеше за доблесниот живот на преподобниот Алимпциј, поради кого тие икони неракотворно се живописаа.

Сега ќе преминеме на чудото што се случи пред преставувањето на светителот, за да се види како овој човек, чудотворен иконоцисец, премина од времениот во вечниот живот.

Еден благочестив човек го замоли преподобниот Алимпиј да му изработи икона на Успението на Пресвета Богородица, и иконата да биде готова за празникот. Но, светителот се разболе и веќе се приближуваше до својата смрт, а иконата се уште не беше изработена. Човекот тагуваше поради тоа и го вознемируваше светителот, кој му рече:

- Чедо, немој да ме вознемирува, туку твојата тага кажи Му ја на Господа и тој ќе направи како сакаш. Иконата за празникот ќе биле на своето место.

Човекот им поверува на неговите зборови и радосен се врати дома. Потоа пред самиот празник дојде повторно кај преподобниот Алимпиј, и кога виде дека иконата се уште не е изработена, започна да го прекорува блажениот, говорејќи:

- Зошто не ме извести дека си тешко болен, па ќе нарачав икона кај друг икомописец, кој ќе ми ја изработеше, та празникот да ми биде радосен и свечен. Сега ме посрами.

Преподобниот кротко му одговори:

- О, чедо! Зарем го сторив тоа од мрзливост? Сепак, Бог, може со еден збор да ја живописа иконата на Својата Мајка. А јас, еве, заминувам од овој свет, како што ми откри Господ, но тебе нема да те оставам тажен.

Човекот си замина многу тажен. Но, штом тој си замина, кај преподобниот Алимпиј влезе едно светло момче и започна да ја живописа неговата иконата. Алимпиј помисли дека човекот испратил друг иконописец и на почетокот го сметаше момчето за човек, но брзината и убавината на неговата работа укажуваа дека тоа е Ангел. За три часа Ангелот изработи необично прекрасна икона, час ставајќи злато врз иконата, час размачкувајќи разни бои на каменот и живописајќи со нив. Потоа му рече на преподобниот:

- Оче, можеби овде недостасува нешто, или во нешто сум погрешил?

Преподобниот одговори:

- Се си сработил прекрасно. Самиот Бог ти помогнал да изработиш икона со таква убавина. Самиот Он ја изработил преку тебе.

А кога настапи ноќта, момчето иконописец заедно со иконата стана невидлив.

А човекот пак, не можеше цела ноќ да заспие од тага што иконата не му беше готова за празникот, и се сметаше себе си за голем грешник и недостоен за таквата милост. Затоа стана наутро и отиде во црквата, за таму да ги исплаче своите гревови. Но, само што ја отвори вратата на црквата, тој ја здогледа иконата како стои на своето место и блеска. Од страв тој падна на земјата, мислејќи дека е привидение. Потоа се подигна малку, внимателно се загледа и виде дека тоа е неговата икона. Од тоа го обзеде трепет и ужас и тој се сети на зборовите на преподобниот Алимпиј, дека иконата ќе биде готова за празникот, па отрча и ги разбуди своите домашни. Сите радосни се стрчаа по него во црквата, со свеќи и кадилници, и кога ја видоа иконата како блеска како сонце, сите паднаа ничкум на земјата, се поклонија и ја целиваа со радосни души.

Потоа овој благочестив човек се упати кај игуменот и му раскажа за чудото, па заедно отидоа кај преподобниот Алимпиј и го затекнаа како веќе заминува од овој свет. Без оглед на тоа, игуменот го праша:

- Кој, и како ја изработи иконата на овој човек?

Преподобниот им раскажа се што виде и рече:

- Таа икона ја изработи Ангел, и еве го, стои овде со намера да ме земе.

Откако го рече тоа блажениот го предаде својот дух во рацете на Господа, во 17-тиот ден на месец август". Браќата го подготвија неговото тело и го однесоа во црквата. Потоа го отпеаја според прописот и го положија во пештерата на преподобниот Антониј.

Така овој свет чудотворен иконописец ги украси небото и земјата, оставајќи го телото на земјата, а доблесната душа на небото, за прославување на Началникот на иконописците Бог Отецот, Кој рекол: „Да создадеме човек според слика и прилика наша“ (1Мој.1, 26), а исто така по слика на битието Негово (Евреите 1, 3), Бог Синот, Кој по обличје се покажа како човек (Филип. 2, 7), заедно со Светиот Дух, кој слегувал од небото во вид на гулаб (Матеј 3, 16) и во вид на огнени јазици (Д.А. 2, 3). Сите нив, Бог Отецот и Бог Синот, и Бог Духот Свети, Кои постојат во едно битие, ги фалиме со нашиот преподобен отец Алимпиј и ги прославуваме низ бесконечните векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК МАКАРИЈ

Беше монах на гората на преподобниот Авксентиј. Маченички пострада за светите Икони во времето на безбожниот цар Копроним, во 768-та година. Според Византискиот Еортологин Гедеонов неговиот спомен е денес.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ИЛИЈА КАЛАБРИСКИ

Преподобниот Илија беше настојател на манастирот Меликук во Калабрија, Јужна Италија. Во времето на иконоборството на Истокот многу источни монаси пребегаа со иконите во Калабрија. Со текот на времето таму многу се распространи монашкиот живот. Калабриските монаси се одликуваа со голема ученост и строгост на животот. Еден период имало толку многу православни манастири и монаси во Калабрија, што ја споредувале со древниот Мисир (Египет). Православна Калабрија подоцна низ вековите потпаѓала под власта на епископот Охридски. Преподобниот Илија се упокои во Солун, во 903-тата година.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ

СТРАТОН, ФИЛИП, ЕВТИХИЈАН и КИПРИЈАН

Овие свети маченици беа познати луѓе. Додека престојуваа во Никомидија, тие го посетуваа народниот театар и насобраните незнабошци таму ги обраќаа во верата Христова. Кога еднаш градоначалникот на Никомидија виде дека театарот е празен и дозна поради што, бидејќи народот поучен од светите маченици ги напушташе театарските уживања и водеше некој нов живот, презирајќи ги отечките и праотечките обичаи, тој веднаш нареди да ги доведат пред него тие учители. Кога излегоа пред него, тие изјавија дека ја почитуваат Христовата вера и другите ги поучуваат во неа. Тогаш ги доведоа во театарот и ги фрлија пред ѕверовите да ги растргнат, но тие не се допреа до нив. Потоа ги ставаа на разни тешки маки и најпосле ги фрлија во оган. Така светите маченици, извршувајќи го подвигот на мачеништвото за Христа, примија од Него негнилежни венци.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ПАВЛЕ, СЕСТРА ЈУЛИЈАНА и СТРАТОНИК

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТИРС, ЛЕВКИЈ, КОРОНАТ

и останатите со нив

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЕГЛОН ОТШЕЛНИКОТ

 

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ФИЛИП ЈАНКОВСКИ

Се подвизувал како отшелник во Јанковската Гора во близина на градот Устјуг. Побожните жители на градот Устјуг, ценејќи ги неговите подвизи, на местото на неговото живеење основаа манастир во име на Знаменијата на Пресвета Богородица. Но, преподобниот Филип според својата длабока смиреност не го прими игуменскиот чин во манастирот и се подвизуваше како прост монах. Се престави околу 1662 година.