31. Август  (18. Август)

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ФЛОР и ЛАВР

Светите маченици Флор и Лавр беа браќа не само по тело туку и по дух, зашто и двајцата еднодушно веруваа во Христа и Му угодуваа со добри дела. По занает беа каменорезачи. Учители во занаетот им беа светите Прокл и Максим. Од нив го научија и занаетот и богоугодниот живот според правилата на христијанската вера. Најпрвин нивните учители беа убиени за Христа, а потоа и тие станаа наследници на нивниот маченички венец и пострадаа од намесникот на Илирија Ликион. Повод за неговото страдање беше следниот случај.

Некој кнез од соседните покраини му се обрати на намесникот на Илирија со молба да му испрати вешти камењари за градба на велелепен храм на незнабожечките богови. И бидејќи најспретните во таа работа беа свети Флор и Лавр, Ликион ги испрати. Додека го градеа храмот според планот на кнезот, светите браќа парите што ги добиваа за својата работа ги раздаваа на сиромашните и притоа ги поучуваа во верата Христова. Тие го минуваа времето во пост, молитва и работа, зашто ноќе се молеа, а дење ги извршуваа своите работи. Храна земаа во мала количина, но затоа изобилно ги хранеа гладните и бедните. Така тие ги приведуваа кон Христовата вера сиромашните, а покрај нив придобија и еден незнабожечки жрец со неговиот син. Тоа се случи на следниот начин.

Еден ден, додека светите браќа работеа, кај нив дојде синот на жрецот, младо момче, и одблизу ја наблудуваше нивната работа. Притоа ненадејно отскокна парче од каменот и му го извади окото. Момчето залелека од болка, при што дотрча неговиот татко и кога му го виде лицето раскрвавено и окото извадено, ја раскина својата облека од тага и се стрча кон светите да ги тепа, но други работници го задржаа и му објаснија дека тие не се виновни, туку самото момче, зашто дошло многу блиску до нив. Светите угодници го тешеа жрецот и му ветуваа дека наскоро ќе го исцелат окото на неговиот син.

Вечерта тие го одведоа момчето во својот стан, започнаа да го поучуваат во Христа Бога и му зборуваа:

„Ако од срце поверуваш во Богот Кој ти го проповедаме, твоето око наскоро ќе биде здраво“.

Момчето им рече дека ќе поверува и ќе Му се поклонува, и притоа им раскажа:

„Меѓу нашите жреци има еден на име Ерм. Кога пред неколку години сакаа да го постават за жрец, го одведоа кај идолот Зевс, за раката на идолот да ја положи на својата глава. Таков е обредот кај нас при поставувањето за жрец. Тој се состои во тоа што раката на идолот, прицврстена кај рамењата на идолот и покретна, жреците со помош на сребрен синџир ја креваат, па потоа ја спуштаат врз главата на назначуваниот. Кога таа рака жреците ја спуштаа врз главата на Ерм, ним случајно им се лизна од рацете сребрениот синџир, та раката на идолот падна врз лицето на Ерм, го изгреба со ноктите до самите коски, така што и до денес му се гледаат забите од далеку. И ниту еден бог не му помогна. Напротив, му станува уште полошо“.

Кога момчето го раскажа тоа, свети Флор и Лавр започнаа со солзи да Му се молат на Бога да го исцели момчето и да го просвети не само неговото телесно око, туку и душевните очи. По долгата молитва тие го осенија со крсниот знак болното око и во тој миг тоа стана потполно здраво. Поради тоа во Христа поверува не само момчето, туку и неговиот татко, чие име е Мемертин. Од служител на демоните, Мемертин заедно со својот син стана слуга на нашиот Господ Исус Христос.

Потоа светите Флор и Лавр, помагани во својата работа од ангели Божји, за кратко време ја завршија градбата на храмот, но не го оставија за живеалиште на идолите, туку го осветија за прославување на пресветото име на Исуса Христа. Тие во него кон Исток поставија чесен крст, собраа околу 300 бедни луѓе, свои браќа по вера, извршија сеноќна молитва славословејќи Го Христа Бога и дојде одозгора неискажана светлина на небесната слава и го исполни храмот со прекрасен сјај. По сеноќното славословие сите се упатија кон местото подготвено за нов храм на идолите, со свои појаси ги врзаа тие идоли за вратовите, започнаа да ги влечат по земјата, да ги удираат и да ги кршат, додека не ги сокршија на парчиња.

Кога дозна за тоа, кнезот нареди да ги фатат Флор и Лаври оние со нив, меѓу кои беа и Мамертин со синот. Сите нив тој ги осуди на спалување, а светите браќа Флор и Лавр жестоко ги претепа, па врзани ги испрати кај намесникот Ликион, кој детално ги испраша за се. Кога виде дека се непоколебливи во христијанската вера ги фрли во длабок бунар и бунарот го затрупа со земја. По многу години беа пронајдени нивните свети мошти, кои исцелуваат од секоја болест. Чесно беа пренесени во Цариград, во слава на нашиот Бог Христос. Според народното верување светите маченици Флор и Лавр меѓу животните особено многу им помагаат на коњите.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ЕМИЛИЈАН ЕПИСКОПОТ

Свети Емилијан е роден во азиската земја Ерменија. Неговите родители беа високородни и богати христијани. Тие го дадоа кај еден доблесен свештеномонах Иларион да учи книга. Кога темелно ја изучи книжевната наука и стана полнолетен, Емилијан водеше целомудрен, богоугоден и свет живот во усрден пост, молитви и читање на книги во девствена чистота. А кога до Ерменија допреа гласови дека незнабожните римски цареви Диоклецијан и Максимијан во Европа кренале големо гонење против христијаните, Емилијан, ревносен за својата вера и сакајќи да умре од љубов кон Христа, намисли да појде во европските земји и таму да им го проповеда името Христово на незнабошците и да ја положи својата душа за Господа. Тој имаше двајца браќа Дионисиј и Ермип. Тој и нив ги убеди да појдат со него, па еднодушно и сложно, бидејќи родителите веќе им беа отишле кај Господа, од љубов спрема Христа го оставија домот, татковината, наследството и тргнаа од Азија во Европа. Со себе го поведоа и својот учител, свештеномонахот Иларион, и стигнаа во градот Сполитон во Италија. Во тој град меѓу незнабошците најдоа многу христијани и останаа кај нив. Блажениот Емилијан им беше пример за светост на сите, зашто дење и ноќе беше во молитва и проповедање на зборовите Божји.

По извесно време во соседниот град Требиј умре епископот. Тогаш христијаните на тој град, штом дознаа за животот и мудроста на свети Емилијан, го избраа за свој епископ, иако беше млад по години, бидејќи со разумот и доблестите ги надминуваше старците. Го одведоа Емилијан кај пресветиот папа Маркелин во Рим за посветување. Откако беше посветен, свети Емилијан со својот учител Иларион и браќата Дионисиј и Ермип се пресели во Требија, главниот град на својата епархија. Тој одлично управуваше со својата паства и притоа чудесно исцелуваше болести. Со благодатта Христова ги лечеше и телата и душите, и многу незнабошци приведуваше во верата Христова.

Во тоа време намесник во тие покраини беше Максимијан, човек со суров карактер, поставен од нечестивите цареви над Етрурија и Умбрија. Кога слушна дека христијанскиот епископ Емилијан многумина обраќа кон Христа и ги празни незнабожечките храмови, Максимијан веднаш дојде во Требија и го изведе да му суди, та му рече:

- Што слушам за тебе, Емилијане? Зошто доброволно одиш во смрт? Ако не им се поклониш на нашите богови ќе бидеш усмртен со страшни маки!

Светиот епископ без страв одговори:

- Нема да им се поклонам на демоните, зашто сите богови на незнабошците се демони, како што се вели во светите книги: „Оној што ним им се поклонува ќе наследи вечни маки во пеколот“.

Намесникот се разјари од овие зборови и нареди безмилосно да го тепаат. Потоа започна да го исмева, хулејќи на Христа Бога и велејќи дека христијанскиот Бог нема сила, а неговите богови се семоќни. Светителот Божји му рече:

- Испитај и ќе видиш чијата сила е поголема. Нека донесат овде некој тешко болен и нареди им на вашите жреци да се помолат на боговите да го исцелат. И јас ќе се помолам на мојот Бог, па кој бог ќе го исцели болниот, тој нека биде признат за вистински и сите нека му се поклонат.

Максимијан веднаш испрати да најдат болен. Набрзо донесоа еден фатен човек, кој одамна лежел неподвижен. При таа глетка се собра многу народ и жреците започнаа да ги молат своите богови и да ги призиваат Аполон, Зевс и останатите свои лажни богови, да го исцелат раслабениот. Долго се молеа, но без успех. Свети Емилијан им се потсмеваше а намесникот нареди да престанат со молитвата, па му се обрати и му рече:

- Сега ти помоли Му се на твојот Бог, ако очекуваш да добиеш нешто од Него.

Архиерејот ги преклони колената на молитва, ги крена рацете и очите кон небото и започна да се моли:

- Господи, услиши ја мојата молитва и мојот повик нека излезе пред Тебе. Не одвраќај го Своето лице од мене. Побрзај, послушај ме и докажи пред сите присутни овде дека си Ти единствен вистински Бог и спаси ги оние што веруваат во Тебе.

Потоа му пријде на раслабениот, го фати за рака и рече:

- Во името на нашиот Господ Исус Христос, стани и биди здрав!

Раслабениот стана потполно здрав, пред очите на сите започна да оди, радосно да Го слави Бога и на сите да им покажува дека е потполно исцелен, та весел си замина.

Ова чудо ги восхити сите и многумина поверуваа во Христа, па дури и самиот намесник Максимијан, но нечестивите жреци го одвраќаа, зборувајќи му дека тоа чудо не е извршено со силата Божја, туку со магиските вештини на Емилијан. Тие викаа кон него:

- Избриши го тој маѓепсник од земјата, за целосно да не се уништи почитувањето на боговите.

Со нивно влијание Максимијан започна повторно да го наговара свети Емилијан да им се поклони на идолите, но по упорното убедување светителот му одговори дека е слуга Христов, дека нема да престане јавно да Го исповеда и прославува Неговото име и дека е подготвен да умре за Него.

Тогаш намесникот нареди гол да го обесат и да му го горат телото. Маченикот се молеше на Господа да го поткрепи во страдањето. Тогаш му се јави Господ Христос, велејќи:

- Не плаши се, Јас сум со тебе.

Во тој момент огнот згасна а на џелатите им се вкочанија рацете. Кога го виде тоа, намесникот нареди да го симнат од мачилиштето и му рече:

- Со какви вештини дејствуваш? Јас имам на располагање уште пострашни маки за тебе. Не ќе можеш да ги совладаш.

Маченикот одговори:

- Моја вештина е мојот Христос. На какви маки и да ме подложиш Он ќе ми даде поголемо трпение и уште поголема сила Своја.

Тогаш намесникот нареди да се подготви казан со вжештено растопено олово и во него да го фрлат маченикот. Но, Христос повторно му се јави, го фати за рака и заедно со него влезе во казанот, Огнот веднаш згасна, казанот се распукна, оловото истече, а светителот остана неповреден. Ова чудо ги запрепасти сите, но сепак не ја признаа во него силата Божја. Потоа намесникот нареди да му врзат голем камен за вратот и да го фрлат во блиската река Клитумна. Но и таму му се јави Христос и како некогаш апостол Петар, го фати за рака и го извади од длабочините на брегот. Војници повторно го одведоа светиот епискон кај намесникот и му го раскажаа чудото. Тогаш тој го фрли на зверовите, но тие не му наштетија, зашто Господ повторно му се јави и му рече:

- Биди храбар, Мој верен слуго!

Ѕверовите се скротија како јагниња и му ги лижеа рацете и нозете.

При таквите чудеса народот викна:

- Голем е Богот христијански! Нека биде ослободен слугата Негов!

Тој ден во Господ Христос поверуваа илјада души. Тоа страшно го разбесни намесникот против народот, та им нареди на војниците да ги убиваат оние кои Го прославуваат Христа. Беа убиени илјада од оние што поверуваа, а покрај тоа разјарениот намесник нареди да ги убијат и зверовите кои не му наштетија на маченикот. Кога го виде убивањето на зверовите, свети Емилијан извика:

- Слава Ти, Христе Боже! За Тебе умираат не само луѓе, туку и зверови!

Максимијан не знаеше што понатаму, па го фрли во темница. Потоа, на совет од своите слуги, нареди да се подготви тркало за мачење, начичкано со остри железни запци. Но кога го врзаа маченикот за тркалото и го качија на ридот, му се јави Господ, го одврза од тркалото, кое само се истркала и рани и уби многу незнабошци, кои се наоѓаа во подножјето на ридот.

Потоа повторно го фрлија во темница. Во меѓувреме Максимијан дозна за двајцата браќа на светителот и за нивниот учител и испрати војници да ги пронајдат, па ги затвори кај него. Кога се видоа сите многу се израдуваа, среќни што се удостоија да страдаат за името Христово. Таа ноќ на блажениот старец Иларион му беше откриено од Бога дека наскоро ќе примат маченички венци. Набрзо потоа ги изведоа на суд. Кога намесникот им претеше со маки ако не им се поклонат на идолите, им се јави Христос Господ и ги крепеше. И настана земјотрес од кој испопаѓаа идолите и се сокршија. Поради тоа светите маченици беа луто мачени и најпосле им ги отсекоа главите. Така ги примија маченичките венци, ветени од Господа.

Утредента намесникот Максимијан го изведе на суд светителот Божји Емилијан и му рече:

- Твоите браќа и учителот твој се одрекоа од Христос. Јас ги испратив во друг град, за таму да примат почести.

Но, свети Емилијан со откровение од Бога знаеше за маченичката смрт на светите, па му одговори:

- Лажеш, мачителу! Тие не се одрекоа од Христос, туку своите души ги положија за Него. Вистина е дека си ги одвел во друг град. Откако ги уби, ти навистина ги испрати во небесниот град, таму да примат почести од Царот на славата Христос, за Кого пострадаа.

Овие зборови уште повеќе го разјарија намесникот Максимијан и тој го осуди на обезглавување. Го изведоа надвор од градот, на местото Карпианово, следен од многу народ. Додека одеше кон губилиштето маченикот пееше славејќи Го Бога и се молеше за луѓето. Кога џелатот го удри по вратот, мечот се свитка како восок, без да го повреди. Тогаш војниците паднаа пред нозете на светителот, молеа за прошка и исповедаа дека Христос е единствен вистински Бог, па го молеа да се помоли за нив. Кога ги преклони колената на молитва, дојде глас од небото кој го извести дека молитвата му е примена, а него го повикуваше во небесните живеалишта. Маченикот многу се израдува, но иако сакаше што побрзо да се разреши од телото и да живее со Христос, сепак сакаше тоа да се случи преку маченичка смрт. Затоа се помоли на Господа да му дозволи да умре од меч. И дојде друг џелат и му ја отсече главата. Така светиот епископ Емилијан се овенча со венецот на мачеништвото. Од неговите рани наместо крв истече млеко и многу од незнабошците од таквото чудо поверуваа во Христа, Чесното тело на светиот маченик тие го завиткаа во чисти плаштаници, го намирисаа со мириси и го погребаа на тоа место.

Подоцна, кога гонењето против христијаните престана, верните многу свечено ги пренесоа чесните мошти на светиот свештеномаченик Емилијан во градот и ги положија во свештено место, славејќи Го Христа Бога, Кому и од нас слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОВАН РИЛСКИ

Овој голем подвижник и светилник на Православната Црква се роди во местото Скрино, распослано во падините на Осоговска планина крај реката Струма. Беше современик на царот Борис (852-889 г.) и неговиот син Владимир (889-893 г), на царот Симеон Велики (893-927 г) и на Симеоновиот син цар Петар (927-969 г). Се роди од побожни родители, не многу имотни. Од младоста го засака Господа и по смртта на своите родители го раздаде на сиромасите ѝ болните сиот свој имот што го наследи од нив, се замонаши и само со една кожена наметка врз себе, го напушти својот роден крај и се оддалечи во една дива гора, каде започна да се подвизува во една пештера. Претрпел тука многу напасти од демоните, од луѓето, од разбојниците и од своите роднини. Потоа се пресели во пазувите на планината Рила и се насели во едно шупливо дрво. Се хранеше само со трева и грав, кој започна да расте тука, по Божја промисла. Многу години не видел човечко лице, се додека, повторно по Божја промисла, не го открија овчари, кои трагале по своите изгубени овци. Така светителот се прочу меѓу луѓето и тие започнаа да доаѓаат кај него, барајќи помош во болестите и маките. Многумина доаѓаа кај него со своите болни и тие оздравуваа по неговите молитви.

Еден човек, во кој веќе неколку години имаше нечист дух, кога виде дека луѓето одат во Јовановата пустина, тргна по нив. На километар од Рилската пустина, тој падна на земјата и започна да вика:

- Не можам да одам понатаму. Ме гори оган.

Сопатниците го врзаа тој кутар човек, го одвлекоа кај преподобниот и го молеа да го исцели.

- Деца мои, - им рече преподобниот, - тоа не е во моја моќ. Јас сум слаб човек, како и вие. Само Бог може да го исцели.

Но, на нивните упорни молби пустиникот се помоли на Бога за него и болниот веднаш стана здрав. Тогаш сите Го прославија Бога.

Гласот за големиот пустиник дојде до благочестивиот цар Петар (927-969 г), кој многу сакаше да се види со него, но смирениот пустиник одбегнуваше да се сретнат и само преку писмо му го даде потребниот совет.

Многу ревнители на духовниот живот, привлечени од доблесниот живот на светиот подвижник, се населија во негова близина. И набрзо тука се изгради храм и манастир. Свети Јован се упокои мирно во Господа на 18 август 946 година, во седумдесеттата година од својот живот. По смртта им се јави на своите ученици. Неговите мошти најпрвин беа пренесени во Софија, па оттаму при наездите на Угарите беа однесени во Унгарија, а оттаму повторно се вратени во Трново, во времето на царот Јован Асен (1218-1241 г). Кога подоцна Турците го зазедоа Трново со посредство на султанијата Мара Бранковиќ, моштите на свети Јован Рилски најпосле беа пренесени во Рилскиот манастир, каде почиваат и денес.

Рилскиот манастир низ вековите бил кула на светила и место на чудотворна сила и духовна утеха за христијанскиот народ, особено во тешките времиња на турското ропство. Житието на преподобниот Јован Рилски на грчки го напишал Георгиј Скилица (во 12 век), а на словенски трновскиот патријарх Ефтимиј.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ОТЦИ НАШИ ЈОВАН ав ГЕОРГИЈ,

патријарсите Цариградски

Јован 5ти патријархувал во Цариград од 669 до 674 годнна, а Георгиј | од 678 до 686 година; и двајцата за време на царувањето на Константин Погонат. Се преставиле во мир Светиот патријарх Јован најпрвин беше хартофилакс и скевофилакс на Големата Црква а потоа како патријарх богоугодно управувал со Црквата и мирно се упокоил во 674 година. Светиот патријарх Георгиј најпрвин бил сингел и скевофилакс на Големата Црква во Цариград (Света Софија), а по патријархувањето на Теодор 1ви бил повикан и избран за вселенски патријарх. Во негово време во Цариград бил одржан Светиот Шести Вселенски Собор (680-681г.) на кој била судена нечестивата монотелитска ерес. Благочестив и строг во подвизите, тој побожно управуваше со Црквата до своето преставување, кое се случи во 686 година.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ МНОШТВО СИРОМАСИ

Овие свети сиромашни луѓе (околу 300) маченички пострадаа за Господ Христос, спалени во оган. За нив видете поопширно во описот (напред) на страдањето на светите маченици Флор и Лавр.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЕРМ, СЕРАПИОН и ПОЛИЕН

Овие свети маченици беа од Рим. Незнабошците ги обвинија кај градоначалникот на Рим дека Го почитуваат Господ Христос, а ги отфрлаат идолите. Изведени пред него, тие смело ја исповедаа својата вера во Христа. Затоа најпрвин ги затворија во мрачна и смрдлива темница. Кога ги извадија, тие одбија да им принесат жртви на идолите и затоа започнаа да ги влечат по каменити и непроодни места. Така во маки ги предадоа на Бога своите чесни души и примија од Него несвенливи венци на мачеништвото.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ДИМИТРИЈ НОВИ

Се роди кон крајот на 18-тиот век во селото Самарина под планината Пинда во Епир. Стана монах во еден манастир во својот крај, каде усрдно се подвизуваше. Кога Али-паша во 1808 година крваво го задуши востанието во Грција, кренато против Турците од поп Ефтимиј Влахавас, Димитриј ревносно излезе од манастирот и ја проповедаше христијанската вера по селата на Тесалија, зборувајќи му на народот за потребата од издржливост во неволјите и искушенијата. Наклеветен, тој беше фатен од Турците и изведен пред Али-паша, пред кој сведочеше дека целта на проповедањето не му била ништо друго освен зацврстувањето на верата во народот и поучувањето да ги слушаат властите и законите.

Но, Али паша не му поверува и го фрли во темница, а потоа нареди да го мачат. Џелатите најпрвин му забиваа железни клинци под ноктите на рацете и нозете, а потоа со клинци му го прободеа и вратот. При тоа мачење Али паша ја забележа на градите на маченикот иконата на Пресвета Богородица и побара да му ја предаде. Светиот маченик одби, за невиниот турчин да не Ја оскверни. Во понатамошната расправија со пашата храбриот маченик Христов беше многу непоколеблив во верата и никако не се согласи да се одрече од Христа Бога и своето христијанско име.

Тоа многу го разбесни Али-паша и тој им нареди на џелатите да му ја стегаат главата со железен обрач, настојувајќи притоа со испрашување да дознае кои му биле наводните соработници. Маченикот молчеше и само молитвено го призиваше името на својот Господ и Пресветата Владичица Богородица. Издржа така додека не пукна оној железен обрач околу неговата глава. Тогаш Турците повторно го фрлија во темница, па утредента го ставија на уште пострашни маки. Го обесија за нозете над оган, но бидејќи не се задуши го симнаа, го положија на земјата, му ставија даски врз градите и скокаа и играа по нив, за да му го скршат градниот кош. Но, непобедливиот јунак Христов храбро ги издржа и тие маки, така што со своето трпение влеа таква вера во присутните христијани што еден очевидец, турчин од Касторија, веднаш поверува во Христа, се крсти и потоа беше погубен од безбожниот тиранин Али-паша.

Најпосле пашата нареди жив да го созидаат до главата во еден зид, каде светиот нов страдалник Димитриј остана така созидан десет дена, постојано молејќи се на својот Господ и Спасител. Потоа го предаде својот дух во рацете на својот Господ, за Кого толку јуначки и храбро страдаше. Светиот новомаченик Димитриј пострада на 18 август 1808 година. При неговото маченичко страдање беше присутен францускиот конзул од Јанина Е. Пукевил, кој сведочеше дека многу чуда се случувале со обичното призивање на името на светиот новомаченик Димитриј.

По неговите свети молитви Господ да ги помилува и спаси сите христијани кои страдаат за верата, а и нас грешните. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АРСЕНИЈ ПАРОСКИ

Нашиот преподобен отец Арсениј, кој заблеска во овие последи времиња како блескава звезда на небото на Православната Црква, се роди на 31 јануари 1800 година во Јанина на Епир, од побожни родители. На крштението го доби името Атанасиј. Како дете остана сираче без родители, но не и без небесниот Родител. Така врз него се исполнија зборовите на Псалмопевецот: „Мојот татко и мојата мајка ме оставија, но Господ ме прифати...“ Воден со Божјата грижа, деветгодишниот Атанасиј дојде во Кидонија во Мала Азија, каде за свој ученик го прими познатиот по доблестите и образованоста јеромонах Григориј Сарафис, кој беше управник на тамошната школа. Тука тој брзо им стана омилен и на учителите и на учениците поради својата простота и безазленост, смирение и побожност. Остана пет години и беше меѓу првите и по учењето и по доблестите.

Во последните години од неговиот престој во школата, во Кидонија дојде познатиот духовник од Загора Димитријатска, старец Данил, еден од најистакнатите Духовници на тоа време, за вршење исповед. Откако се запозна со него и се исповедаше кај него, малиот Атанасиј го засака овој свет старец, стана негов послушник и му остана верен до самата смрт. По некое време старец Данил реши да оди на Света Гора за молитвено тихување и подвиг. Тоа многу го нажали момчето и со солзи го молеше да го поведе со себе, велејќи:

- Желба ми е и јас да одам на Света Гора, во таа Богородична градина, да станам монах. Не сакам да останам во овој суетен и гнилежен свет. Христос Го барам, по Христос сакам да појдам.

Старецот не можеше да го остави петнаесетгодишното момче при неговото упорно настојување и на крајот се согласи и го поведе со себе на Света Гора. Тука живееше со својот старец, учејќи се од него на вистинската мудрост на монашкото живеење, кое што се нарекува „уметност над уметностите и наука над науките“.

Момчето се радуваше што Бог му даде таков мудар учител, кој со збор и на дело го учеше на отсекување на волјата, смирение и послушание, таа троедна доблест на вистинската философија. Гледајќи го духовниот напредок на својот послушник, старецот Му благодареше на Бога. Кога виде дека е достоен да стане монах го облече во големиот ангелски лик и му го даде името Арсениј.

Преподобниот Арсениј остана шест години на Света Гора со својот старец Данил. Во тоа време беа избувнале расправии меѓу Светогорските монаси околу коливото и околу прашањето за честото причестување со Светите Тајни Христови. Некои неразумни монаси се беа кренале против мудрите, доблесни и свети мажи, кои го подржувале сфаќањето дека христијанинот, поготово монахот, за да го победи гревот и ѓаволот и да се доближи до Бога треба што почесто искрено да се исповеда, да се моли и достојно да се подготвува за што почесто примање на светите Тајни Христови, како што го пропишуваат тоа апостолските и светоотечки канони. Нивните противници, пак, во своето незнаење, зборуваа дека е забрането честото причестување, зашто божем е еретички обичај. Тоа беше повод за големи немири, соблазни и клевети против светите мажи пред цариградскиот патријарх. Патријархот на почетокот им поверува на нивните обвинувања и без подробно да ја разгледа работата им наложи епитимија. Нивните противници го искористија тоа и кренаа гонење против нив. Некои од нив протераа од Света Гора, други злоставуваа, а некои повторно ги клеветеа. Тогаш многумина од нив, за да се избават од постојаните обвинувања, немири и соблазни, мораа да ја напуштат Света Гора и да одат по разни места, сеејќи го семето на вистината и упатувајќи многу души на патот на спасението".

Меѓу овие доблесни и избрани отци беше и преподобниот Данил со својот послушник Арсениј. И тие ја напуштија Света Гора и на почетокот се населија во манастирот Пендела кај Атина. По кратко време беа приморани да побараат прибежиште на Кикладските острови, бидејќи во Грција избувна востание против Турците и ја зафати воен виор. Најпрвин дојдоа во манастирот „Лонговард“ кај нивниот познаник од Света Гора, игуменот Филотеј. Но, бидејќи манастирот беше во тешка состојба игуменот ги испрати во манастирот на свети Антониј, во кој живееше познатиот мисионер Кирил Пападопулос со една група светогорци коливари, кои тука нашле прибежиште. Но, по некое време бурата на Света Гора во однос на коливото и честото причестување започна да стивнува и монасите се вратија на Атонската Гора, а овие двајца благочестиви подвижници прво преминаа на островот Сикинос, а потоа на Фолегандрос, каде останаа многу години. Тука Арсениј со благослов на својот старец беше ракоположен за ѓакон и поставен за учител, по желба И настојување на народот на тоа место.

Блажениот Арсениј ги учеше децата од Фолегандран не само на писменост, туку и на доблесното живеење, зашто знаеше дека писменоста без доблестите и моралната просветеност носи повеќе штета отколку корист. Ги учеше да ги чуваат заповедите Божји, да Го сакаат Бога со сето срце, да ги почитуваат своите родители и да ги сакаат браќата, роднините и секој човек, да не лажат, да не осудуваат, да не пцујат, да се молат, да се исповедаат, да постат и да се причестуваат со Пречистите Тајни, да ги посетуваат болните и тешат нажалените, да им помагаат на сиромашните. Така за кратко време, од една страна старецот Данил преку исповедта и духовните поуки за возрасни, а од друга страна Ѓаконот Арсениј преку школата и моралното воспитување на децата, со помош Божја успеаја да ги упатат кон Бога сите жители на овој остров и да ги поврзат со взаемна љубов, така што островот беше како едно семејство.

На крајот дојде време за разделба на учителот со учениците. Старец Данил го прозре крајот на својот живот, го повика својот послушник Арсениј да се простат и му заповедаше по две години да ги собере неговите коски и да ги понесе со себе на Света Гора или на некое друго место, каде Бог ќе му одреди да го помине остатокот од животот. Откако се прости со сите свои духовни деца и се причести со Светите Тајни, блажениот старец Данил ја предаде својата душа на Бога, Кого Го засака од младоста и Кому деноноќно Му служеше сиот свој живот.

Две години по заспивањето на старецот, Арсениј во послушание ги извади неговите мошти и тргна за Света Гора, на големо противење и жалост на жителите на островот. На минување покрај островот Парос наврати во манастирот Лонговард да се прости со старците Филотеј и Кирил, кои последните години се подвизуваа во манастирчето на Свети Георгиј, што самиот го основал. Но, старецот Кирил се беше упокоил а неговиот наследник и духовен син Илија Епирски, многу мудар, учен и доблесен маж, проповедник на Кикладските Острови, штом слушна за намерата на Арсениј, рече:

- Брате Арсениј, знај дека не е Божја волја да одиш на Света Гора. Божја волја е да останеш овде со нас. Ваму те испрати Бог по молитвите на старците Данил и Кирил.

На крајот така и се случи. Арсениј ги прими неговите зборови како Божја волја, зашто и старецот му беше прорекол дека може да се случи и на некое друго место, а не само на Света Гора да го помине остатокот од својот живот.

Манастирот свети Георгиј беше метох на манастирот Фанеромен. И во едниот и во другиот тогаш живееја одбрани мажи, мудри и орбазовани, и по доблести и по труд. Додека живееше со нив и се подвизуваше, Арсениј сите ги претекна во трудот и доблестите. Бдееше по цела ноќ, спиеше дневно од три до четири часа и со солзи се молеше за себе и за сите свои духовни деца, кои ги остави на Фолегандран, како и за целиот свет. Јадеше само еднаш дневно, и тоа многу скромно. Духовна храна му беше читањето на Божественото Писмо и делата на Светите Отци и ја сметаше многу поважна од телесната, зашто сладоста на духовната храна често ги храни и душата и телото. Често се случува духовната храна, кога се јаде со апетит и благодарност, да го закрепнува и телото, кое, засладувано со неа толку се радува што ја губи потребата и желбата за телесна храна. За тоа сведочат житијата на многу пророци и светители.

Пророкот Мојсеј и пророкот Илија со храна за еден ден постеа четириесет дена. Кој ги хранеше? Зборот Божји, духовната храна. Се хранеле со храната за која Господ рекол: „Човекот не живее само од леб, туку и од секој збор кој излегува од устата Божја“ (Матеј 4, 4). Претечата и Крстител Господов Јован се хранеше со пустински треви и див мед. Преподобна Марија Египетска, света Теоктиста и многу пустиници, подвижници, со години се хранеле со трева и вода. Зарем е возможно човекот да живее само од неварена трева и вода? Како живееле? Хранејќи се со сладоста на словото Божјо и духовната храна, сеќавањето на Бога и небесните добра. Некои дури живееле само од Светата Причест. Свети Антониј често додека јадел со своите ученици паѓал во духовно восхитување и престанувал да јаде. Понекогаш пак престанувал да јаде и започнувал да плаче. Кога учениците ќе го прашале: „Зошто плачеш, оче?“, тој им одговарал: „Плачам, чеда мои, бидејќи, иако сум разумен човек се хранам со храната на неразумните животни“.

Така и отец Арсениј: кога 5воното за трпеза ќе го затекнело во читање на Светото Писмо или на молитва, многу се жалостел што ја напуштал сладосната духовна храна, за да ја замени со телесната и гнилежна. Додека манастирските браќа го гледаа неговото доблесно живеење и смирение, богоњубие и братоњубие, му предложија на епископот, та без негова волја беше ракоположен за презвитер од страна на Кикладскиот митрополит Данил. Оттогаш уште повеќе се трудеше во духовното усовршување, зашто знаеше каков треба да биде свештеникот, особено кога е и духовен отец. Служеше служба Божја со страв и трепет и изгледаше како да стои пред лицето на секадеприсутниот Бог, служејќи Му.

Тој чувствуваше дека да се служи на Бога е голема и страшна работа, дури и за самите небесни сили и лицето му стануваше светло како ангелско, а од очите му се лееја умилни солзи. Често се случуваше присутните на неговата служба да го слушаат неговиот плач и ридање од олтарот, плачот духовен со кој се здобиваат само оние кои ја отсекле својата волја преку вистинско послушание и смирение.

Свети Арсениј, како и многу други светии пред него ги сокриваше своите доблести колку што му беше возможно, одбегнувајќи ја човечката слава. Но Бог, Кој ги испитува срцата и утробите, гледајќи ги неговите тајни трудови во слава на Своето име, јавно го прослави. Неговото име се прочу, та многумина доаѓаа кај него на исповед и за духовен совет, не само од Парос, туку и од други острови, од Атина, Тиреја, Света Гора и други манастири. Бог го беше обдарил со дарот на расудување и љубов, така што сите ги примаше со татковска љубов и на сите со разборитост им го даваше она што им е потребно и корисно за духовен живот и покајание. Од сите лекови најмногу ги нудеше покајанието, милосрдието и љубовта Божја.

Се случи еднаш да дојде една девојка од островот Сирос во посета на својата сестра монахиња, која живеела во женскиот манастир Преображение Господово. Монахињата дознала дека нејзината сестра скршнала од правиот пат, па кога слушна дека дошла пред манастирот и ја бара, започна да вика:

- Бегај од манастирот! Ти си загадена со грев и сакаш да го извалкаш и манастирот со сестрите.

И наместо да ја сожали, да ја прегрне и да ја спаси од моралнато пропаѓање, таа ја претепа заедно со другите сестри и сета крвава ја избрка од манастирот.

- Бегај - и зборувала таа, - извалкана блуднице, - си дошла да ја обесветиш оваа светиња. Бегај, инаку ќе те убијам, за да го обелам образот на нашето семејство!

Блудницата одговарала:

„Погрешив, прости ми. Зарем немаш сожалување за твојата сестра?“

Таа одговарала:

„Не! Ти си блудница, а не моја сестра“.

Таа одговараше:

„Каде да одам тогаш?“

А сестрата и рече:

„Оди, заминувај, скокни во морето и убиј се“,

Кога оваа сирота девојка се оддалечи изнаранета на околу 800 метри од манастирот, седна покрај патот расплакана и очајна, велејќи:

„Што да правам јас несреќната? Каде да одам и сега кога и мојата сестра, мојата последна надеж, ме отфрли и протера? Не ми преостанува ништо друго освен да скокнам во морето и да се удавам. Боже мој, смилувај се на мене несреќната!“

Во тој момент по Божја промисла наиде тука старецот Арсениј. Кога ја виде како плаче сета во рани, ја сожали, ѝ пристапи и ја праша:

- Што ти е чедо? Зошто плачеш? Што ти се случило?

- Ме претепа мојата сестра, оче, со уште неколку калуѓерки.

- Зошто?

- Затоа што некои расипани луѓе и жени ме вовлекоа во грев и станав блудница. Но, кога сфатив дека не правам добро, дојдов во манастирот да побарам заштита и помош од мојата сестра, и еве, оче, што ми сторија калуѓерките... Зарем така постапуваат калуѓерките кои го напуштиле светот за да ја спасат својата душа? Што да правам, што ми советуваш ти, оче? Да скокнам во морето или да се обесам?

- Што зборуваш, чедо? Те сакам како свое дете и ако сакаш ќе те земам со себе, да ти ги исцелам и душевните и телесните рани.

- Каде ме водиш, оче?

- Во манастир, да те предадам на Христос.

И ја утеши. Потоа ја поведе со себе, велејќи ѝ да не се плаши од калуѓерките. Откако се исповеда и покаја, таа се облече во покајание. Калуѓерките, пак, тој ги собра во храмот и остро ги укори за нивниот грев, особено нејзината немилосрдна сестра. Им запрети дека ако не се покајат, сите ќе ги казни и им рече:

- Вие сте без милост и без љубов! Исти сте со убијците. Ако не го признаете својот грев пред Бога и пред сестрите кои не учествувале во него, три години ќе ве одлачам од Светата Причест.

Монахињите се покајаа. На сестрата на онаа девојка и забрани да се причести година дена, а на останатите девојки како соучеснички, шест месеци. А поранешната блудница, која прими монашки чин, толку му се оддаде на подвижничкиот живот, така што наскоро ги претекна сите сестри, и врз неа се исполнија зборовите на апостол Павле: „Каде што се намножил гревот, таму благодатта уште повеќе се умножува“ (Рим. 5, 20).

Блажениот отец Арсениј беше строг чувар на отечките преданија. Спрема покајниците беше необично милостив а спрема упорните во неверието и гревот, непопустлив. Се трудеше сите да ги приведе кон покајание, трпение, смерност, љубов. Затоа многумина доаѓаа кај него да се исповедаат и да побараат духовен совет, благодарејќи Му и славејќи Го Бога што им испрати таков духовник и исцелител на срцата и душите.

Кога се упокои отец Илија, настојателот на манастирот Свети Георгиј, за негов наследник браќата еднодушно го избраа блажениот Арсениј. Но, поради многубројниот народ, кој се собираше од сите страни за исповед, по некое време тој му ја предаде управата на друг, а самиот се предаде на подвигот и духовното крепење и лечење на другите.

Често додека јавал на магаре, одејќи во посета на манастирот Лонговард, или на манастирот Свето Преображение, или некое друго место на островот за исповед, со својата панакамилавка ќе го покриеше своето лице, за да не гледа ништо друго, да не му се расејува умот и постојано да разговара само со Бога. Исповедајќи ги другите, често и самиот се исповедаше кај оној свет старец во манастирот Лонговард, духовникот Еротеј Восиниот првиот.

Писателот на ова житие и денешен игумен на манастирот Лонговард отец Филотеј, вели дека старецот Игнатиј Рагусис му го раскажал следното:

„Кога дојдов како млад послушник во манастир, му служев на старецот Еротеј. Често Ја отворав вратата од неговата ќелија без тропање и го затекнував старецот Еротиј како некогаш е на колена пред старецот Арсениј на исповед, а некогаш пак старецот Арсениј пред Еротеј. Кога и да ми го раскажуваше тоа со простотата што го красеше, плачеше од умиление“.

Еве што вели еден поет од тоа време, духовно чедо на овие двајца старци:

„Имавме во оние години двајца Старци на Парос кои беа свиткале гнездо на ридовите на нашиот остров.

И двајцата седи и бели како јануарски снегови сокриени на врвовите на свети Георгиј и на Бахна. Иташе кај нив народот на исповед и добиваше простување на своите гревови...“

„Каде ли се денес“, се прашува старецот Филотеј, нивниот достоен наследник, „таквите духовни отци, таквите свети старци? Такви денес повеќе нема, не само на Парос, туку ни во цела Грција. Нема ни во Света Гора, ни во Ерусалим, ни на Синајската Гора, ни во пустините Египетска, Тиваидска, Нитриска, нема во Европа, Азија, Африка... Горко плачи и лелекај душо моја, зашто исчезна преподобието од земјата...“

Такви беа овие двајца старци духовници Арсениј и Еротеј, полни со смирение и секоја доблест. Затоа Бог го обдари нивното смирение со небесни дарови, дарови на мудрост и страв Божји, расудувања и чудотворства.

Покрај доброволните трудови, постови и бдеења, блажениот Арсениј страдаше и од неразумното однесување кон него на некои старешини од островот и од нивното оговарање. Страдаше тој дури и од сопствениот митрополит, кој одел дотаму што едно време му забранил да служи. Често го жалостеле монахињите од манастирот Преображение Господово, за кои духовно се грижел, со своите кавги, непослушност и постојаните немири. Еднаш, бидејќи не сакале да се помират и да ја послушаат неговата молба, реши конечно да ги напушти и да се врати во манастирот Свети Георгиј. Кога стигна близу манастирот му се јави свети Георгиј во вид на момче и го праша:

- Каде одиш, Арсениј?

Старецот одговори:

- Во манастирот Свети Георгиј.

Светителот праша:

- Зошто си ги напуштил калуѓерките?

- Ги напуштив затоа што не можев повеќе да ги поднесувам нивните испади и кавги.

Светителот одговори:

- Како не ти дојде на ум дека Господ ги трпи недостатоците на милиони луѓе, дури и на оние кои не веруваат во Него, туку Го пцујат, навредуваат и презираат. Ги претрпел и оние кои Го распнале, молејќи се за нив на крстот: „Прости им, Оче, не знаат што прават“. Зарем ти не можеш да ги потрпиш недостатоците на четириесет калуѓерки, кои како жени се слаби по природа? Тие навистина те нажалија, но веќе се покајале за тоа.

Старецот се уште не сфаќаше за кој се работи и рече:

- Невозможно е тие да се покајат. Многупати ми го ветуваа тоа, но не го одржаа ветувањето. Сега сум веќе стар и одам малку да се погрижам за својата душа.

Тогаш свети Георгиј му рече:

- Сврти се, старче, на десната страна и кажи ми што гледаш.

Старецот се сврте и виде пресјајна и сладосна светлина, па му рече на момчето:

- Гледам чудесна светлина, пресветла, прекрасна и сесладосна, но не знам за каква светлина се работи.

Момчето му одговори:

- Сега погледни на лево.

А тој се сврте и виде густа темнина, и почувствува смрдеа која се ширеше од неа и му рече:

- Гледам густ мрак од кој се шири неподнослива смрдеа.

Момчето му рече:

- Слушај, старче, ако ме послушаш и се вратиш да ги утешиш монахињите кои се покајаа и плачат што те нажалиле, светлината што ја виде ќе те следи до крајот на животот и ќе те внесе во вечноста на Царството Божјо. А, ако не се вратиш, темнината што ја виде ќе биде твое вечно наследство.

Откако го рече тоа, лицето на тоа божемно момче заблеска како молња и јавениот за миг исчезна. Старецот восхитен сфати дека всушност тоа момче бил великомаченикот Георгиј, и веднаш се врати назад во Свето Преображение и ги затекна сите монахињи собрани во црквата, како плачат и се молат на Христа да им го врати нивниот духовник, за да ги разреши од гревот. Кога го видоа, тие побараа прошка и солзите на тага ги претворија во солзи радосници.

И така старецот Арсениј добра војна војуваше со видливите и невидливите непријатели до последниот здив од својот живот.

Својот блажен крај го прорече месец дена пред смртта. Последната Литургија ја отслужи на Богојавление во 1877 година. По големиот водосвет се потпре на креветот и им зборуваше на насобраните монахињи:

- Чеда мои, оваа беше последната Литургија. Му благодарам на Себлагиот Бог, Кој ми даде сила да ги завршам Литургијата и водоосветувањето. Со сета душа Му благодарам на мојот Творец и Давател на безбројните дарови, благослов и добра на кои ме удостои, Не барам ништо друго освен да ми ги прости моите многубројни гревови и да го прими мојот дух.

Веста дека старцот е на умирање со молскавична брзина се пронесе по целиот остров. Од сите страни итаа мажи и жени, деца и старци, богати и сиромашни, да се простат со него и да примат негов последен благослов. Пред смртта тој ги свика монахињите и им рече:

- Чеда мои, знајте дека утре го напуштам овој привремен живот и преминувам во вечниот во Небесната Татковина, зашто во оваа овде сме туѓинци и минувачи.

Монахињите започнаа да плачаат и да ридаат а старецот ги тешеше:

- Јас заминувам, но ве оставам на подобар Отец од мене. Ве оставам на Господ Христос и Неговата грижа и заштита. Во Него верувајте, во Него надевајте се, Него сакајте Го со сета душа и срце и се што ќе побарате од Него ќе ви даде. А над се и пред се барајте го Царството Божјо. Знајте и цврсто верувајте дека ако Го сакате и ги извршувате Неговите заповеди и Тој ќе ве засака. А кога Него Го имате со себе, имате се и никој друг не ви е потребен. Бог е љубов и кој во љубов живее, во Бога живее и Бог во него. Ова е, чеда мои, мојот последен совет до вас и заповед: имајте мир меѓу себе, имајте смирение, сеќавајте се на Христа, на Неговото смирение и послушание и љубов спрема сите. Без таква љубов нема спасение за вас и сите други доблести без неа се бескорисни. Никогаш не заборавајте ја причината за вашето напуштање на светот, родителите, пријателите и роднините: со Христа да се венчате и да добиете небесни дарови. А за да Го придобиете Христа треба колку што е возможно да Го подржувате, да бидете како мудрите Девојки, да ги наполните светилките на своите души со масло, односно со љубов. Ако тоа го постигнете ќе влезете со Младоженецот Христос во небесните дворови за време на Неговото второ доаѓање. Без тоа дверите ќе се затворат пред вас како пред луди девојки. А, и јас, последниот од сите, ако се здобијам со смелост пред Бога ќе Му се молам на Небесниот Отец да ве чува од сите зла и да ве удостои на Своето небесно царство. Амин.

Откако така ги посоветува своите духовни чеда, замоли да му се изврши светата тајна Елеосветување. Наредниот ден се причести со Светите и Животворни Тајни Христови, се помоли на Бога за сите, Му заблагодари, ги крена рацете и умот кон небото и рече:

- Господи, во Твои раце го предавам ова мало стадо што ми го довери и духот свој што ми го подари. Твој сум, Господи, спаси ме, зашто заповедите Твои ги барав.

Откако го рече тоа ги затвори очите и го предаде својот дух на Бога, на 31 јануари 1877 година, во својата 77 година.

Целиот остров Парос го оплакуваше својот свет Старец, кога слушна за неговото преселување во вечноста. Итаа и големи и мали од сите страни да им дадат последен целив на неговите свети мошти, кои три дена стоеја во храмот, за да можат сите да се простат со него, Потоа со песни и солзи беа погребани на местото кое самиот го одреди додека беше жив.

Бројни се чудесата со кои Бог го прослави овој Свој верен слуга и за време на животот и по смртта. На неговата молитва Бог два пати испрати дожд за време на голема суша, ја исцели дваесетгодишната девојка Елена, сестра на монахињата Марија Сифнеу, ги умножи лебовите дадени за милостиња и изврши многу други чудеса. Покрај дарот на чудотворството и лекувањето на душевните и телесните болести, преподобниот Арсениј доби од Бога и дар на прозорливост. Еве неколку примери за тоа.

Познатиот атински проповедник Макракис Апостолос дојде еднаш на островот Парос и остана неколку дена во манастирот Лонговарда. На совет од браќата отиде во манастирот Преображение да се исповеда кај Старецот. Но, наместо да ги исповеда своите гревови со смирение и скрушено срце, тој започна да зборува опширно за своите подвизи: како ги изобличува во проповедта оние кои грешат, особено архиерејите и ерејите, претставниците на властите, и со смелост ги изнесува во јавноста нивните престапи. Старецот смирено и благо му рекол:

- Послушај ме, чедо. Треба да знаеш дека при исповедта луѓето ги исповедаат своите гревови, а не своите доблести и подвизи. Тоа што го проповедаш словото Божјо е добро и Му е угодно на Бога, но, внимавај да проповедаш со смирение а не со гордост. Тоа што критикуваш и ги изнесуваш во јавноста гревовите на другите, особено на свештените лица, не само што не е од корист, туку е штетно како за тебе така и за твоите слушатели. Затоа внимавај на себе и ако сакаш да имаш корист, а и на другите да им бидеш од духовна корист, обрни внимание и на своите гревови а не само на гревовите на другите, Господ ни заповедал да не судиме, за да не бидеме судени. Исто така и апостол Павле порачува: „Кој си ти да му судиш на туѓ слуга? Моли се за смиреност, а на молитвеното правило придодај му и по некое коленопреклонување“.

Меѓутоа Макракис не само што не ги прими неговите совети и лесното правило што му го даде, туку уште и со иронија и презир одговори:

- Метанијата се за калуѓерите. Мојата работа е многу повисока и повозвишена: да го проповедам словото Божјо и да ги изобличувам оние што грешат.

Неговиот одговор длабоко го нажали отец Арсениј поради гордоста и презирот што ги покажа за време на светата Тајна исповед, па му рече:

- Требаше, човеку, да се смириш и да послушаш, за да не те смири Бог, Кој им се противи на гордите, а им дава благодат на смирените. Знај дека коленото кое не се приклонува при Бога ќе биде скршено и сотрено.

Макракис ни на овие зборови од Старецот не им поклони многу внимание. Но, на заминување од манастирот падна од коњот и си ја повреди ногата, како што прозре отец Арсениј. Сепак ни тоа не го вразуми и поттикна на смирение. Во својата самоувереност тој не сакаше да побара ни лекар, та на крајот целата нога му беше отсечена заради гангрена. А кога заминуваше од манастирот, старецот им рече на оние околу него:

- Да знаете дека овој човек страда од демонска гордост. Ќе падне во заблуда и ќе биде причина на раздори и штети за црквата.

Навистина тоа подоцна и се случи. Макракис дури и беше осуден од Црквата.

Се случи еднаш во друга прилика на Литијата што ја вршел светителот против заразна болест да биде присутен и еден ерменин.

По Литијата пристапуваа христијаните да го целиваат крстот кој што старецот го држеше во раката. Пристапи и ерменинот, но со страв. А, светителот му рече:

- Пријди, чедо, не плаши се, иако не си православен, сепак и ти си дете Христово.

Ерменинот многу се восхити од каде Старецот знае дека не е православен, бидејќи порано воопшто се намале видено. Пристапувајќи му на чесниот крст, тој го целиваше заедно со старчевата десница и си замина благодарејќи Му на Бога што го удостои да види таков свет човек.

Светителот изврши многу чудеса и по смртта, од кои ќе го наведеме само ова како пример.

Една жена од Агерија Пароска имаше парализирано дете. Таа го однесе детето со вера на гробот на светителот, штом слушна за чудесата што тој ги врши со силата Божја. И по молебенот извршен на гробот детето потполно оздраве и започна да оди, на запрепастување и восхитување на сите присутни, а во слава на Бога, Кој им дарува таква слава на Своите светии. Слични чудеса и денес им се случуваат на сите кои со вера во Бога пристапуваат на гробот на овој Негов угодник. По неговите молитви Бог да биде благ и кон нас, и нека ни подари обострано здравје. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ НАШИ ВАРНАВА и СОФРОНИЈ

Беа родум од Атина. Се спасуваа на гората Мела, близу Трапезунт во Мала Азија во петтиот век. Тука го основале манастирот Сумела и во мир се упокоиле во својот Господ.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ХРИСТОФОР

Обновувач и настојател на манастирот Сумела на гората Мела. Родум бил од трапезунтското местенце Газари. Се подвизувал во седмиот век и во мир се упокоил во Господа.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ЈУЛИЈАНА, близу Стровил

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЛЕОНТ (ЛАВ)

Пострадал за Господа Христа фрлен во море во близина на Мир Ликиски во Мала Азија.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ НАШИ ЧЕТВОРИЦА СВЕТИ ПОДВИЖНИЦИ

Во мир се упокоиле во Господа.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ СОФРОНИЈ,

од скитот на Света Ана во Света Гора

Беше родум од Епир. Го оставил бракот и отишол на Света Гора, каде во скитот на Света Ана се подвизувал богоугодно и во мир се упокоил во 18 век.