03. Септември  (21. Август)

 

ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ ТАДЕЈ,

еден од Седумдесетмината

Свети апостол Тадеј беше од градот Едеса, по народност евреин и совршено го знаеше Светото Писмо, Стариот Завет. Во деновите на свети Јован Крстител тој отиде во Ерусалим, и кога ја слушна неговата проповед и го виде неговото ангелско живеење, се восхити и прими крштение од него. Наскоро потоа тој Го виде нашиот Господ Исус Христос, Кој во тело живееше меѓу луѓето. Кога ја слушна Неговата проповед и со свои очи ги виде чудесата што Господ ги вршеше, тој тргна по Него и Господ го приклучи кон ликот на седумдесетмината Апостоли, за кои е речено во Евангелието: „Избра Господ и други седумдесетмина и ги испрати двајца по двајца пред лицето Свое во секој град и место каде што сакаше Самиот да оди“ (Лука 10, 1). Испраќајќи ги овие седумдесетмина Апостоли, меѓу кои и свети Тадеј, на проповед на Евангелието, Господ им рече:

- Жетвата е голема, а работниците малку. Туку молете се на Господарот на жетвата да изведе работници за Својата жетва. Одете, ете Јас ве испраќам како јагниња меѓу волци...(Лука 10, 2-11. 16).

Седумдесетмината Апостоли отидоа со голема радост да го проповедаат Евангелието и проповедајќи го словото Божјо вршеа многу чудеса. Потоа се вратија кај Господа радосни и Го известија дека и ѓаволите им се покоруваат во името Негово (сп. Лука 10,17). Кога по доброволното страдање, смртта, тродневното Воскресение и Вознесение на небото на нашиот Господ Исус Христос, светите Апостоли се разидоа по целата вселена за проповед на Евангелието, свети апостол Тадеј беше испратен од Господа во градот Едеса. Господ Христос уште пред Своето доброволно страдање му беше ветил на едескиот кнез Авгар, испраќајќи му на убрус неракотворна икона на Своето лице, дека по Своето Вознесение ќе му испрати еден од Своите ученици, кој потполно ќе го исцели од неговата болест и ќе му даде живот вечен и нему и на неговите.

Кога дојде во градот Едеса свети апостол Тадеј не му се јави веднаш на кнезот, туку најпрвин влезе во куќата на еден свој познаник, евреинот Товија и престојуваше кај него. Со силата Христова твореше разни исцеленија, исцелувајќи ги сите возможни болести со полагање на рацете и призивање на името Господово. Веста за свети Тадеј брзо се разнесе по целиот град и жителите започнаа да ги носат своите болни. Додека гледаа како Апостолот брзо ги исцелува, сите многу се восхитуваа. По извесно време кнезот Авгар беше известен дека некој човек, дојден од Ерусалим, врши многу чудеса со името Христово и веднаш се сети на ветувањето Христово, дека ќе му испрати еден од Своите ученици. Тој си помисли: „Да не дошол оној кого Господ ми го вети?“

И нареди, та го повикаа Товија и тој му рече:

- Слушам дека во твојата куќа се наоѓа некој човек од Ерусалим, кој со името Христово исцелува болести.

Товиј одговори:

- Навистина, господару, мојот гостин врши многу чудеса со името Исусово.

Тогаш кнезот му рече:

- Доведи го кај мене.

Товија отиде кај свети Тадеј и му рече:

- Ме повика кнезот на овој град и нареди да те одведам кај него, за да го исцелиш од болеста од која што страда.

Свети Тадеј одговори:

- Навистина сум испратен кај него.

Утредента наутро и двајцата отидоа кај кнезот, кај кого веќе се беа собрале сите велможи и болјари. Кога свети Тадеј со Товија влегуваше на вратата од кнезовата палата, кнезот погледна во него и виде дека неговото апостолско лице блеска со некоја необична светлина. Авгар го спопадна ужас и брзо стана од своето место и му се поклони до земја на апостолот Христов. Меѓутоа сите присутни многу се зачудија, гледајќи како кнезот се поклонува на прост човек, зашто ја немаа забележено необичната светлина што излегуваше од лицето на апостолот Христов. Кнезот го праша свети Тадеј:

- Ти ли си ученик на Господ Исус Христос, Синот Божји, Кој со писмо ми вети дека ќе испрати еден од Своите ученици, за потполно да ме исцели од мојата болест и да ми дари и мене и на сите мои живот вечен?

Апостолот Христов одговори:

- Затоа што си положил голема надеж во мојот Господ, јас сум испратен од Него кај тебе. И ако твојата вера во Него се зголеми уште повеќе, тогаш јас според твојата вера ќе исполнам се што сакаш.

Авгар одговори:

- Јас толку многу верувам во Господ Исус, што сакав да соберам војска и да ги нападнам евреите кои Го распнаа, за да им се одмаздам и целосно да ги истребам. Но, ми забрани римската власт, под чија што власт се наоѓам.

На тоа свети Тадеј рече:

- На нашиот Господ Бог Исус Христос не Му беше потребна човечка помош за време на Неговото страдање од завидливите и лоши евреи, зашто ако сакаше можеше да извести легиони ангели. Но, исполнувајќи ја волјата на Отецот, нашиот Господ пострада за спасението на целиот свет. Откако ја исполни волјата на Својот Отец, Он отиде на небото кај Него со слава и седна од Неговата десна страна. На нашиот Господ не Му е потребно некој да се осветува за Него на Неговите непријатели, зашто Самиот има власт над сите. Тој ќе им суди на живите и на мртвите и на секого ќе му даде според делата негови.

Свети апостол Тадеј многу им зборуваше за Христа Бога на Авгар и сите што беа со него и откако ги приведе во совршената вера во Господа, ги крсти. И доби Авгар исцеление при светото крштение и на оној остаток од губата што му остана по првото исцеление на лицето, зашто на почетокот имаше губа по целото тело. Кога му беше донесено писмото Христово и неракотворната слика на пресветото лице Христово, Авгар по прв пат беше исцелен, бидејќи телото му се исчисти од губата, но само, по промисла Божја, му остана малку губа на лицето до доаѓањето на светиот Апостол. А второто потполно исцеление не само на телото туку и на душата, се случи по доаѓањето на апостол Тадеј, при светото крштение. Тогаш кнезот Авгар излезе од светиот купел потполно здрав и се крсти со сиот негов дом. Сите што ги видоа чудесата на Апостолот, а исто така и оние кои светиот Апостол ги исцели од нивните болести. Потоа апостол Тадеј му нареди на кнезот да ги свика граѓаните, за сите да го слушаат словото Божјо.

Утредента се собра сиот народ. Апостолот Христов, застанат на возвишено место, започна да им благовести на сите за единствениот вистински Бог, Кој со Својата семоќна сила ги створил небото и земјата и се видливо и невидливо. Светиот Апостол им благовестеше и за тоа како Синот Божји слезе од небото на земјата, воплотувајќи се на неискажан начин за спасението на човечкиот род, како Тој доброволно пострада, воскресна, се вознесе на небо и подготви за добрите вечна награда, а за злите бесконечни маки во пеколот. Благовестеше тој подробно и за сите останати тајни на нашето спасение.

Кога ги слушна зборовите на Апостолот и ги виде чудесата негови, сиот народ поверува во Христа Господа, бидејќи сите го видоа исцелениот кнез и многу други кои порано страдаа од разни болести, и започнаа да Го слават Христа Бога и да бараат крштевање. Така градот Едеса се просвети со верата Христова и светото крштение. Потоа се изградија цркви и беа поставени презвитери, ракоположени од Апостолот.

Кнезот Авгар многу сакаше на некој начин да му се оддолжи на светиот Апостол за своето исцеление, па му понуди многу злато, но тој не прими ништо, велејќи:

„Кога своето го оставивме, како да го примиме туѓото?“

Откако свети апостол Тадеј ги утврди во Едеса Светата Вера и побожноста, и се добро уреди, отиде во Месопотамија!. Таму просвети многумина, обраќајќи ги кон Христа, и подигна цркви. Светиот Апостол минуваше и многу сириски градови, секаде трудејќи се во проповедањето на Евангелието Христово. Потоа дојде во финикискиот град Вирит (Бејрут). Го проповедаше тука името Христово и откако крсти многу народ, светиот апостол Тадеј заспа во Господа.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ВАСА

и нејзините деца ТЕОГНИЈ, АГАПИЈ и ПИСТ

Светата маченица Васа живееше во времето на царот Максимијан во градот Едеса (Воден, Македонија). Откако се омажи за еден идолски жрец на име Валериј, таа роди три сина: Теогниј, Агапиј и Пист. Ги воспита во христијанската вера, бидејќи беше христијанка и од родителите поучена во светата вера во Христа. А кога нејзиниот сопствен маж ја обвини за нејзината вера и таа излезе пред судијата и изјави дека е христијанка, ја фрлија во темница заедно со нејзините деца.

Потоа во судницата пред нејзини очи ги мачеа нејзините синови. Најпрвин беше обесен и струган Теогниј, а потоа го тепаа Агациј и му Ја одраа кожата од главата до градите, но тој молчеше, без збор да проговори. Потоа нејзиниот трет син беше ставен на разни маки. А мајката, гледајќи го страдањето на своите деца, ги бодреше и молитвено ги советуваше јуначки да издржат. Трите момчиња храбро ги поднесоа маките за Господ Христос и заедно им беа отсечени главите со меч.

Нивната мајка Васа се радуваше затоа што пред себе ги испрати кај Христа своите мили чеда. Ја затворија повторно во темницата, каде ја измачуваа со глад, но добиваше храна од ангел и се поткрепи за уште поголеми страдања. Потоа со наредба на мачителот беше присилувана на нечистото жртвопринесување, но не му се покори на мачителот. Затоа беше фрлена прво во вода, а потоа во оган. После тоа ја тепаа со камења, но среде сите тие мачења таа остануваше неповредена. Кога ја одведоа во идолиштето, светителката го дофати идолот на Зевс го тресна од земјата и го скрши, и затоа ја фрлија на ѕверовите да ја изедат, но тие не се допреа до неа. Потоа мачителите ја фрлија во морето, далеку од брегот. Тогаш сите видоа како тројца светли мажи, кои блескаа посилно од сонцето, ја ставија светителката во кораб и ја наместија на престолот. Осум дена потоа света Васа се јави на војници на островот Хелеспонт. Кога дозна за тоа македонскиот игумен Филип му напиша на управителот на хелеспонтската област во Кизик, да ја фати. Тој ја фати и ја присилуваше на идолско жртвопринесување. Кога виде дека таа упорно одбива, нареди, та и ги врзаа рацете наопаку и со свирепо тепање и ги сокршија сите коски. Најпосле и ја отсекоа главата. Така светата маченица Васа ја предаде својата света душа во рацете на Христа Бога, Кому слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АВРАМИЈ СМОЛЕНСКИ

Преподобниот Аврамиј се роди и израсна во градот Смоленск, измолен од Господа по молитвите и милостињата на родителите. Неговата мајка раѓаше само женски деца, и поради тоа тагуваа и таткото и мајката, и многу солзи проливаа во своите молитви кон Бога. Ги посетуваа црквите, даваа обилна милостиња и се молеа Бог да им подари син. И го добија моленото. Се зачна угодникот Божји Аврамиј и уште во утробата на својата мајка беше избран за служба Божја, а една монахиња со свет живот имаше вакво видение за него.

Кога таа по утринската богослужба во недела заспала и се сторило како некој да тропа на вратата од нејзината ќелија и да ја повикува, говорејќи:

- Стани брзо и појди кај Марија, зашто таа роди дете, кое по крштението ќе го примиш ти.

Во тој сон на монахињата и се сторило како да станала и да отишла во куќата на Марија и таму видела многу свештеници во светли ризи, со детето во купелот на крштението. А една пресветла Жена стоела и држела во рацете облека бела како снег. Слугите ја прашале оваа Жена:

- Госпоѓо, заповедај на кого да го дадеме ова дете.

Таа наредила да и го принесат на Неа. И откако го облекла детето во онаа облека бела како снег, го дала на неговата мајка. Ова свое видение монахињата во истиот ден ѝ го раскажала на Марија, која веќе го носеше во утробата плодот свој и ѝ кажала дека во тој час оживеало детето во неа.

Потоа Марија роди машко дете на нивна огромна радост и откако го крстија го воспитуваа во побожност. Кога порасна го дадоа да учи книга и набрзо покажа голем успех, зашто благодатта Божја беше во него. Таа го вразумуваше и го упатуваше на сфаќање на науката која што му ја предаваа учителите. Момчето беше полно со зрел разум, зашто не одеше да си игра со своите врсници, туку иташе на црковните богослужби, ревносно читаше книги и се предаваше на зборовите Божји што водат по патот на спасението. Кога стана полнолетен, во цветот на младешката убавина, родителите го тераа да склопи брак, но тој повеќе сакаше да живее во девствена чистота. Кога тие се упокоија во Бога, тој сиот имот го раздаде на светите цркви, манастирите и ништите, а самиот се облече во закрпи и стана еден од ништите. Како јуродив го исмеваше светот и неговите соблазни. Му се молеше на Бога и дење и ноќе, просејќи да му каже на кој начин и по каков пат да дојде до спасението. Тој често со воздишки ги изговараше Давидовите зборови: „Покажи ми го, Господи, патот по кој да одам“.

И по кратко време, воден од Бога, тој отиде во манастирот Пресвета Богородица, источно од градот, во местото наречено Селиште, и таму се замонаши. Како монах Му служеше на Бога, подвизувајќи се во пост и молитви, минувајќи ги манастирските послушанија во трпение и кротост и украсувајќи се со сите монашки доблести. Многу усрдно читаше душекорисни книги, а особено сакаше често да ги чита житијата на древните свети Отци, познати во монаштвото по испосничките подвизи: Антониј Велики и неговиот ученик Иларион. Потоа големите палестински светила: Ефтимиј, Сава, Теодосиј и други, а исто така и руските угодници Божји: Антониј и Теодосиј Печерски, и се трудеше според своите сили да биде сличен на нив. Освен тоа тој ги читаше и книгите на свети Златоуст и Ефрем Сирин и останатите светоотечки поуки, повести и кажувања. Од сите нив собираше духовна сладост, и како трудољубива пчела мед од цветови, тој ја хранеше својата душа.

Откако го виде доблесното живеење на блажениот Аврамиј, игуменот го примора да прими свештенички чин, после што живееше во најдлабоко смирение и големи подвизи, за кои нема да зборуваме подробно. Доволно е да кажеме за него дека стана избран сад на Светиот Дух и достојно вршеше Света Литургија со големо стравопочитување, како ангел Божји. Никогаш не ги пропушташе црковните богослуженија, особено Божествената Литургија. Исто така не го пропушташе и својот Ќелиен подвиг и започна многу повеќе од порано да биде ревносен во читањето и препишувањето на Божествените книги. Господ му го отвори умот да ги разбира тешко разбирливите тајни од Светото Писмо, не само за своја корист, туку и за корист на другите. Господ И даде на неговата уста благодат за душеспасоносни беседи и поучувања. И имаше во неговата уста подготвен одговор на секое прашање, кое се однесувало на толкување на тешките места во Светото Писмо, зашто неговиот ум беше како библиотека со многу книги. Покрај тоа неговиот збор имаше силно влијание врз слушателите, зашто во нив ствараше умиление и скрушеност. Со задоволство го слушаа не само монасите туку и свештениците. И од градот доаѓаа мирјани и свештеници да ги слушаат душекорисните поуки од устата на преподобниот Аврамиј.

Но, ѓаволот, не можејќи да гледа дека многумина имаат корист од угодникот Божји, крена гонење против него, зашто поттикна некои од монасите да му завидуваат, да го мразат, да го навредуваат и да му вршат пакости и неправди. Незлобивиот Господов слуга го трпеше тоа со кротост и смирение, благодарејќи Му на Бога за искушенијата и се молеше за своите непријатели. Притоа не ја оставаше својата работа и понатаму ги учеше оние што доаѓаа кај него, и ги утешуваше со благодатта Христова. Преподобниот помина пет години во таквото прогонување од завидливите, односно од самиот ѓавол. Покрај тоа и игуменот, подбуцнуван некогаш од монасите а некогаш од ѓаволот, му бранеше на блажениот да држи поуки и велеше:

- Ете, целиот град го привлече кај себе и се гордееш што си учен и подобар од нас. Престани со поучувањето, јас за тебе одговарам пред Бога.

Така игуменот гневно му забрануваше на Аврамиј и ги враќаше оние што доаѓаа кај него за поука, затворајќи го на тој начин изворот на благодатта што истекуваше од неговата уста. Најпосле игуменот со бесчестење го истера преподобниот од манастирот, како непотребен слуга.

Невино истеран од обителта во која се замонаши, слугата Христов отиде во градот Смоленск и се насели во манастирот на Чесниот Крст. Овој манастир тогаш беше мал и сиромашен и луѓето започнаа да доаѓаат таму, за да го слушаат словото Божјо од устата на блажениот Аврамиј. Тогаш Ѓаволот тагуваше а Господ го прославуваше Својот слуга, давајќи му благодат за проповедање и сила за подвизи. И се што беше потребно Бог изобилно му испраќаше преку дарежливи и милосрдни луѓе. Тој манастир започна да има се заради Аврамиј и се што му даваа тој раздаваше на браќата и ништите. Покрај тоа тој и црквата ја украси со икони и секоја убавина од даваната милостиња. Беше градител на тој манастир со благослов на архиерејот. Секој ден доаѓаа кај него многу луѓе на црковните служби, привлекувани од неговите поуки, со кои ги упатуваше кон спасението. Некогаш им читаше свети книги, некогаш им изговараше усни поуки и со солзи ги поттикнуваше грешниците на покајание. И многумина, трогнати до дното на душата, престануваа со гревовите и го поправаа својот живот во вистинско покајание. Имајќи го постојано на ум страшниот Суд и учејќи ги другите да се сеќаваат и да се плашат од него, преподобниот Аврамиј изработи две посебни икони, едната за второто доаѓање Христово, а другата за измачувањата на митарствата од страна на воздушните духови. И често гледајќи во нив и на другите покажувајќи им, тој лееше солзи, воздивнувајќи од дното на душата.

Беше многу слаб од огромното воздржание, така што и коските можеа да му се избројат. Се истоштуваше себе си со многу строго живеење и лицето му беше бледо. Наизглед личеше на свети Василиј Велики и го подржуваше во богоугодните подвизи. Имаше не мала борба со ѓаволите, кои го напаѓаа со страшни привиденија и сонови, а понекогаш и на јаве, рикајќи како диви зверови и напаѓајќи го како војници, но не можеа да го повредат. Како што ѓаволите немаат власт над свињите без допуштање Божјо, дотолку повеќе не можат да имаат власт над луѓето кои усрдно Му служат на Бога, ниту можат да им наштетат колку и да беснеат, зашто само можат да ги плашат. И додека преподобниот стоеше на полноќна молитва, ѓаволите, претворајќи се во разни обличја и во бесрамни жени, се трудеа да му ја прекинат молитвата, но со таа иста молитва тие биваа ранувани и бркани како со копје. А кога преподобниот ќе прилегнеше малку да одмори, тие го фрлаа од одарот и не му даваа да заспие, за да изнемоште и да престане со своите вообичаени подвизи. Но, со благодатта Господова тој јакнеше со духот и телото за секој подвиг и ги посрамуваше злите духови.

Бидејќи сатаната не можеше ниту сам а ниту со помош на своите невидливи ангели да го попречи неговиот добар пат, се погрижи преку лоши луѓе да ја изведе своја препредена вештина. А пак, Бог, им допушта искушенија на Своите светии, за преку искушенијата да се прекалат како злато во оган и повеќе да се прослават а противникот да се посрами. По некое време сатаната ги крена градските свештеници против свети Аврамиј, како што претходно ги крена во манастирот монасите, та тие започнаа да му завидуваат и да зборуваат:

- Ете, сите наши духовни деца ги заведе овој измамник и ги привлече кон себе.

Од ден во ден злобата меѓу свештениците растеше и тие започнаа да се советуваат како да го избркаат невиниот слуга Христов од градот. За таа цел најпрвин започнаа да го подбуцнуваат народот против него, сеејќи лажни клевети и лоши гласови за него, нарекувајќи го еретик и маѓепсник, читател на демонски книги и лажен пророк. Освен тоа неговиот чист живот го валкаа со приказни за нечисти телесни гревови, лажејќи дека има врска со жените и врши други гадни работи, а ваму се преправа и лицемерно изиграва светец. И така ги збунуваа луѓето и ги одвраќаа од него како да е противник на Бога. Овие клевети ги подржуваа и многу монаси со своите игумени. Тие се чудеа од каде тој нов светител и учител се појавил меѓу нив и со своето лицемерство и лажно учење ги мами сите. Откако се договорија, се собраа еден ден игумените со монасите, и свештениците со ѓаконите и црковниците, и следени од многу народ отидоа во епископијата кај епископот Игнатиј, кај кого во тоа време беше и кнезот. Пред нив започнаа лажно да го обвинуваат Аврамиј. Едни зборуваа дека е еретик и маѓепсник, други дека извршил гадни гревови и многу беззаконија, та затоа заслужува смртна казна... Епископот и кнезот испратија слуги да го доведат. Слугите го затекнаа во неговата ќелија на молитва, бесно го зграпчија заедно со двајцата негови ученици, и со бесчестење, како злосторник го водеа, подбивајќи се со него, туркајќи го и навредувајки го. Насекаде по улиците многу народ го гледаше тоа. И беше светиот и невин слуга Христов влечен како јагне на колење, и притоа никому ништо не одговараше, ниту се правдаше, туку само тајно во срцето се молеше на Бога и во Него ја полагаше сета своја надеж.

Додека светителот на така срамен начин го влечеа, еден преподобен Лука, викан Прусин, го читаше деветиот час во црквата на светиот архистратиг Михаил. Нему му дојде глас од Господа:

- Ене, го водат Мојот угодник Аврамиј со двајца негови ученици на собир за испрашување, но ти немој да се соблазниш за него.

Блажениот Лука веднаш отиде на тој собир и започна да вика:

- Невин е оној кого го осудувате, неправедно го навредувате и лажно го клеветите. О, кога неговите гревови би биле врз мене!

Лука викаше, но никој не го слушаше. Кога свештениците го здогледаа свети Аврамиј, многумина од огромна злоба ги кренаа своите гласови против него:

- Нека биде протеран од градот и заточен овој измамник и лицемер. Нека се спали еретикот! Нека биде убиен маѓепсникот!

Така зборуваа и игумените со монасите.

И застана невино обвинетиот пред епископот и кнезот на суд, додека сите викаа по него и го клеветеа. После долгото испрашување и иследување од страна на судот по повод обвинувањата, се најде дека во нив нема ништо вистинито, туку се е само лага и клевета. Клеветниците истураа само голи зборови без докази и сведоци. А светителот стоеше како јагне среде волци, кои сакаат да го растргнат, имајќи Го за сведок на својата невиност само Бог и молејќи се на Него за своите клеветници со зборовите на светиот првомаченик: „Господи, не земај им го ова за грев“ (Д.А. 7, 60).

И ги омекна Бог срцата на кнезот и на властодржците, им го отвори умот да ја видат невиноста на светителот и злобата на тужителите, и тие започнаа да ги прекоруваат и караат тужителите поради нивната неправда и злобна омраза. А тие, посрамени, започнаа еден по друг да излегуваат од собирот, покривајќи ги своите лица. Меѓутоа епископот го одложи судењето за утредента, а на двајцата ученици на светителот им нареди да останат во неговиот двор, додека точно не ги испита обвинувањата против него.

Утредента клеветниците повторно се собраа кај епископот и изнесуваа исти обвинувања и клевети против Аврамиј. Тие креваа силна врева со желба да го обвинат невиниот и да го осудат. За да го стиши метежот, епископот го испрати преподобниот во манастирот во кој се беше замонашил, со забрана да врши литургија. После таквите искушенија, свети Аврамиј се радуваше како да не претрпел никакво зло и Му благодареше на Бога за се што го снајде, подготвен и на поголеми страдања. А пакосниците и таму допираа до него со својата злоба. Откако дознаа дека некои богобојазливи луѓе одат кај преподобвиот за поука, на патот поставија заседа од лоши луѓе кои им бранеа, та многумина од нив убија и опљачкаа како разбојници.

По извесно време кај епископот Игнатиј дојде блажениот ереј Лазар, кој не зеде учество во клеветите и лажните обвинувања. Тој му рече на епископот:

- Огромна казна од Бога ќе го снајде овој град, за многуте неправди и прогонства на невиниот човек Божји.

Овие зборови на блажениот Лазар се исполнија. Истата година гневот Божји створи огромна суша, та се се исуши, пресушија дури изворите и потоците, и земјата стана толку сува, така што се распукнуваше од страшната суша. Поради тоа сите очајно Му се молеа на Бога. Самиот епископ со целокупното свештенство носеше околу градот Литија со чесни крстови и свети икони, служејќи молепствија, светејќи вода и просејќи дожд од Бога. Но, разгневениот Господ не сакаше да ги слушне нивните молитви. Некои од духовните луѓе, поттикнат од Бога, му рече на епископот:

- Знаеш ли, владико, зошто Бог не сака да ги слушне толкуте наши молитви? Несомнено затоа што Аврамиј е невино понижен и од литургисувањето отстранет. Кога тој би се помолил на Бога, Бог би ја услишал неговата молитва.

Тогаш епископот Игнатиј веднаш испрати и чесно го повика преподобниот Аврамиј. Повторно ги разгледа обвинувањата против него и најде дека сите се лажни. Затоа го разреши преподобниот од забраната, а клеветниците сакаше да ги казни со заслужена казна и одлачување. Меѓутоа, незлобивиот отец Аврамиј падна пред нозете на епископот и со солзи го молеше да не ги казнува поради него. Не престана да го моли додека не го умоли да им прости на неговите клеветници. Но и епископот го молеше преподобниот за прошка, велејќи:

- Прости ми, слуго Христов, ти согрешив во незнаење, зашто послушав злобни луѓе. Прости им на сите граѓани и помоли Му се на Бога да се смилува и да ни испрати дожд, зашто ете, поради тебе не казнува со суша, бидејќи неправедно те јадосавме.

Преподобниот со смирение одговори:

- Кој сум јас грешниот, та Бог заради мене да се налути на некого и да казнува? Кој сум јас да можам да Го умолам Господа да и испрати дожд на жедната земја? Ти, светителу, помоли се а јас сум должен како и останатите твои слуги да извршувам што ќе го наредиш.

Отпуштен од епископот, преподобниот тргна кон својот манастир и по пат се молеше, говорејќи:

- Господи, Боже Седржителу, услиши ги молитвите на Твојот архиереј, на сите Твои ереји и на сите луѓе. Одврати го Твојот гнев од слугите Твои, помилуј го овој град, милостиви излеј дожд и напој ја земјата, та израдувај ги луѓето и добитокот. Господи, услиши и помилуј.

Додека така се молеше, пред да стигне во манастирот Бог пушти силен дожд, кој врнеше се додека добро не ја напои земјата. Тогаш сите во градот зборуваа:

- Видовте ли колку брзо Бог ги услиша молитвите на Својот слуга Аврамиј?

И сите многу се радуваа, Го славеа Бога и увидоа дека Аврамиј е потполно невин. Сфатија дека нема никаква вистина од она што го изнесуваа клеветниците против него. А и самите клеветници го увидоа својот гнев и многу се посрамија и исплашија да не ги снајде некое зло и казна поради слугата Божја, зашто некои од нив ненадејно умреа. Плашејќи се од тоа, останатите брзо одеа во манастирот крај преподобниот и со солзи паѓаа пред неговите чесни нозе, И со каење ја исповедаа својата вина. Преподобниот им простуваше на сите и молејќи се за нив ги поучуваше да не им веруваат на празните човечки зборови, особено кога некој зборува лошо за својот ближен, бидејќи човечките синови се лажливи. Ги советуваше никого да не осудуваат и да не се дружат со оние што други осудуваат. Од тоа време преподобниот Аврамиј уште повеќе се просвети со благодатта Христова и беше како светилник кој блеска со сите добри дела. Беше посрамен ѓаволот, бидејќи неговите замки беа обелоденети и уништени со трпението на угодникот Божји.

Потоа епископот Игнатиј подигна во градот црква во чест на Пресвета Богородица и при неа основа манастир. Во црквата го постави преподобниот Аврамиј со своите боговдахновени учења повторно да му биде од корист на целиот град. Го произведе за игумен и архимандрит на тој манастир. Во него преподобниот ги помина останатите денови од својот живот во големо богоугодништво И многумина упати кон спасението. Го испрати кај Бога епископот Игнатиј и го погреба неговото чесно тело. Потоа и самиот се пресели од овој во вечниот живот! и се насели во неракотворните обители, влегувајќи во радоста на својот Господ, Кому ревносно Му служеше во монашкиот чин педесет години. Но, тој и од пелени Му беше верен слуга на својот Господ Христос, служејќи Му во светост и правда до последниот здив. Сега во ликот на преподобните и праведни стои пред престолот Господов, Го слави Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бога, на Кого и од нас слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ПРАОТЦИ ПАТРИЈАРСИ АВРАМ, ИСАК и ЈАКОВ

Светите старозаветни праотци патријарси Аврам, Исак и Јаков, за кои опширно се зборува во Светото Писмо (1. Мојсеј 11, 27-37, 35 и 46, 1-50, 24) се спомнуваат и во неделата на Праотците пред Божиќ, како праведници и угодници Божји и како Христови праотци по тело (сп. Матеј 1,1.17, 22, 32 итн).

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЕФРЕМ СМОЛЕНСКИ

Многу мил ученик на свети Аврамиј Смоленски и усрден следбеник на доблестите на својот свет наставник: на кротоста, смиреноста и љубовта кон ближниот. Се упокои околу 1238 година.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АВРАМИЈ ПЕЧЕРСКИ

Трудоњубивиот свет печерски подвижник Аврамиј се подвизуваше во 14-тиот век. Неговите свети мошти почиваат во Антониевите пештери.

СПОМЕН НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА ТЕОКЛИТА ЧУДОТВОРКА

Беше родум од Мала Азија. Откако стапила во брак таа го наговорила својот сопруг да живеат како брат и сестра. Живеејќи во девство, целосно им се предаде на побожните подвизи. Се занимаваше со читање на душекорисни книги и сите свои сили и напори ги посветуваше на помагање на ближните. Однапред известена од Господа за денот на својата смрт, таа се престави во мир во деветиот век. Нејзините свети мошти се прославија со мноштво чудеса.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ АЛЕКСАНДАР ИКОНИСКИ

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ НАШИ ОТЦИ КОРНИЛИЈ и АВРАМИЈ ПАЛЕОСТРОВСКИ

Аврамиј беше ученик на преподобниот Корнилиј. Роден во Псков, Корнилиј рано го остави светот, желен за строг монашки живот и сурови подвизи. Преку Финска се оддалечи на брегот на Белото Море. Патувајќи низ непроодни шуми, тој одеше од село во село и им го проповедаше Евангелието на тамошните незнабошци. Неговото апостолско служење беше плодотворно. Кога стигна до малиот остров Палиј на Оњежкото езеро, преподобниот реши да се насели тука на осаменички подвиг и созерцајно живеење. Набрзо кај него започнаа да се собираат и други, желни за подвижничкиот живот, и околу неговата колиба започнаа да никнуваат ќелии. Тогаш прецодобниот подигна храм во чест и слава на Рождеството на Пресвета Богородица. Со тоа беше поставен почеток на Палеостровскиот манастир и преподобниот стана прв негов игумен. За што поревносно вршење на молитвеното правило и подвизи, преподобниот често се повлекуваше во една блиска пештера и таму се подвизуваше во пост и молитва, носејќи врз себе тешки железни вериги. Пред смртта, една ноќ за време на молитвата во пештерата, преподобниот беше удостоен на прекрасна посета. Му се јави Спасителот со крст во рацете и го благослови и него и неговата обител. Ова чудесно јавување му ја исполни душата со таква сладост, што одлучи повеќе да не ја напушта пештерата во која Бог му се јави. Затоа за старешина на обителта го постави својот омилен ученик Аврамиј, им предаде благослов на браќата и остана во пештерата како во доброволен затвор. Тука наскоро отиде кај Господа околу 1420 година.

Преподобниот Аврамиј беше ученик и усрден следбеник на подвижничкиот живот на преподобниот Корнилиј. Многу се потруди околу напредокот и расцветот на манастирот. За време на неговото игуменство Господ го прослави основачот на обителта, преподобниот Корнилиј, со нетленост на неговите чесни мошти. Тие од страна на преподобниот Аврамиј и браќата свечено беа пренесени од пештерата во соборната манастирска црква Рождество Богородично. Преподобниот Аврамиј се престави кај Господа во почетокот на втората половина од 15-тиот век. Господ и него го удостои на несвенливиот венец. Моштите на двајцата свети подвижници и денес почиваат во црквата на нивниот манастир.