04. Септември  (22. Август)

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ

АГАТОНИК, ЗОТИК, ТОЕПРЕПИЈ, ЗИНОН, АКИНДИН, СЕВЕРИЈАН, ПРИНКИПС

и останатите со нив

Христовиот ученик Агатоник живееше во Никомидија во времето на царот Максимијан. Тој ги одвраќаше елините од идолопоклонството и ги приведуваше кон Господ Христос. Беше фатен и измачуван од царскиот намесник Евтолмиј. Овој намесник, испратен од царот во Понтиската област за да ги измачува христијаните, пловејќи стигна до местото Карпин и тука го најде свети Зотик со неговите ученици, како Го исповеда Христос. Поради тоа ги распна на крст неговите ученици а Зотик го поведе со себе. Кога се врати во Никомидија фати еден човек, Принкицс, поучен во Светата Вера од свети Агатоник, го врза со Агатоник, Зотик, и останатите христијани меѓу кои беа Теопрепиј, Акиндин и Северијан, и сите ги одведе во Тракија, каде дојде и самиот цар, за таму да ги предаде на мачење. Кога стигнаа во местото наречено Потамос, намесникот ги уби свети Зотик, Теопрепиј и Акиндин, бидејќи повеќе не беа во состојба да одат од раните, а во близина на Халкидон го уби и свети Северијан со меч, заради бестрашното исповедање на Христа. Останатите маченици со свети Агатоник ги поведе во Византија и некое време таму ги мачеше. Потоа отиде со нив во Силимврија, во местото Амус, каде беше царот Максимијан. Тука светиот маченик Агатоник и останатите христијани, кои царскиот намесник ги доведе со себе од Никомидија, последен пат беа истезавани и мачени, па потоа осудени на смрт и обезглавени за нашиот Господ Христос. Така сите ги примија венците на мачеништвото. Подоцна на свети Агатоник му е подигнат храм во Цариград.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ЕВЛАЛИЈА

Во времето на царувањето на идолопоклонството, кога сета вселена беше помрачена со елинското безбожие, во градот Баркинон во Шпанија живееше една девица, ќерка на христијански родители. Уште од детството таа со сето срце Го засака нашиот Господ. Живееше со своите родители во едно село, подалеку од градот. Беше кротка, смирена и паметна, изучи книга и имаше цврста намера да Му служи на Господа во беспрекорна девственост. Деновите и ноќите ги минуваше во читање на книги и славословење на Бога, живеејќи во една засебна ќелија со своите врснички.

Кога наполни четиринаесет години незнабожниот цар Диоклецијан крена луто гонење против христијаните и во градот Баркинон намесник дојде Дакијан. Откако на своите одвратни богови им принесе нечисти жртви, тој започна да бара христијани да го сторат истото. Во градот настана голем метеж, бидејќи христијаните насилно беа влечени од нивните домови и со мачење присилувани на тоа. За тоа брзо се дозна по сите околни села и светата девојка Евлалија со огромна радост и озарено лице, рече:

- Ти благодарам, Господи Исусе Христе, зашто го добив тоа што го сакав. Верувам во Тебе, Владетелу мој, зашто со Твоја помош ќе се исполни желбата моја.

Нејзините родители не можеа да сфатат за што зборува и ја прашуваа, но таа ништо не им рече. Сите се чудеа, зашто таа имаше обичај да не крие ништо од она што ќе го дознаеше за Светата Вера. Во оваа пригода Евлалија не им ја објави својата мисла, за да не ги натажи родителите, кои неизмерно ја сакаа.

Ноќта, додека сите спиеја, при првите петли, светата девица Евлалија тајно излезе од дома. Нејзиното заминување никој не го забележа. Таа иташе кон градот, носена од огромната љубов кон својот небесен Младоженец, Господ Христос, со желба својата душа да ја положи за Него. Без страв, со надеж во Бога и одлучна желба да умре за Него, иташе по каменливиот пат босонога, иако не беше навикната да оди боса по толку суров пат. Стигна во градот кога се раздени. Пред влезот на градската капија го слушна гласот на гласниците, кои го повикуваа народот во театар. Таа поита и таму го здогледа намесникот Дакијан, седнат на високо место на судиштето. Пробивајќи се со мака низ народот, света Евлавија излезе пред намесникот и со силен глас рече:

- Неправеден судијо! Седиш на висок престол, а не се плашиш од Бог, Кој е над сите. Седиш овде да погубуваш невини луѓе, кои Бог ги створи по Своја слика и прилика за Нему да Му служат, а ти ги влечеш да му служат на сатаната и со смрт ги казнуваш заедно со непослушните.

Зачуден од големата дрскост на така младата девојка, намесникот праша:

- Која си ти, што си се дрзнала неповикана да дојдеш пред судиштето и в лице да ни зборуваш лоши зборови, спротивни на царската наредба?

Светителката бестрашно одговори:

- Јас сум Евлалија, слугинка на нашиот Господ Исус Христос, Кој е Цар над царевите и Господар над господарите. Со надеж во Него, јас не се исплашив доброволно да дојдам и да те изобличам. Зошто така безумно постапуваш? Зошто Го презираш Бога на Кого што е се а го почитуваш ѓаволот? Зошто луѓето кои Му служат на вистинскиот Бог со разни маки ги присилуваш да им се поклонуваат на идолите, кои не се богови, туку демони, заедно со кои вие ќе бидете предадени на вечен оган?

Намесникот се разгневи и нареди веднаш да ја разголат и немилосрдно да ја тепаат со дренови стапови по плеќите. Додека ја тепаа, намесникот и рече:

- О, бедна девице! Каде е твојот Бог? Зошто не те избави сега? Што те избезумило толку, та зборуваш работи кои не те засегаат? Кажи ни, дали го стори тоа од незнаење, па ќе ти биде простено. Жал ми е толку млада, убава и високородна девица да подложувам на вакви свирепи маки.

Светителката, одговори:

- Смешен си! Ме советуваш да лажам дека од незнаење сум пошла на маки за мојот Бог, како да не сум знаела колку голема власт имаш. Кој не знае дека власта на секој властодржец е привремена? Како што самиот човек денес живее а утре умира, така и власта негова се менува. Но, власта на мојот Господ Исус Христос е бесконечна, како што и Самиот Он е вечен. Јас не можам да лажам, бидејќи се плашам од мојот Господ, Кој сите лажливци и неправедници ги предава на пеколот. А пак младоста ми станува уште поубава и мојата високородност уште пославна, кога примам рани за мојот Господ. Но, знај, мачителу, јас не чувствувам болки од раните што ми ги задавате, бидејќи ме штити мојот Господ Христос, Кој во денот на страшниот Суд ќе те осуди на вечни маки според делата твои.

Намесникот уште повеќе се разјари и нареди да ја врзат за крстообразно дрво и да го стругаат нејзиното девствено тело со железни гребени додека не и биде симната сета кожа. Среде тие маки маченичката гласно се молеше на Бога:

- Господи Исусе Христе! Услиши ме мене, непотребната слугинка Твоја и прости ги согрешенијата мои, крепи ме во маките за светото име Твое, за да биде посрамен ѓаволот со неговите слуги.

Намесникот и рече:

- Каде е Оној кон Кого повикуваш? Несреќна и безумна девице! Подобро послушај ме и принеси им жртва на боговите за да останеш жива, бидејќи наближува твојата смрт и никој нема да те избави.

Света Евлавија му одговори:

- Бесомачен богохулнику! Да не даде Бог да отстапам од Него. Он е овде со мене, но ти поради твојата нечистотија не си достоен да Го видиш. Тој ме крепи и не се плашам од маките.

Тогаш намесникот нареди да ја горат со свеќи додека не умре. А таа радосно и силно зборуваше од псалмот: „Ете, Бог ми помага. Господ е заштитник на животот мој. На непријателите мои Тој ќе им врати за злото. Ќе ги истреби со вистината Своја. Со сесрдност Ти принесам жртва, го прославувам името Твое, Господи, зашто е добро, зашто Ти ме избави од секоја неволја“ (Пс. 53, 6-9).

Додека светата маченица така се молеше, пламенот од свеќите се сврте кон слугите и им ги изгоре лицата, та испопаѓаа по земјата. Светата маченица ги крена очите кон небото и силно викна:

- Господи Исусе Христе, според Своето милосрдие земи ме кај Своите избрани, на покој во вечниот живот. Направи со мене чудо, за да видат и да се посрамат оние што ме мразат а да ја прослават Твојата сила оние што веруваат во Тебе.

Откако така се помоли на Господа, светата маченица го предаде духот. Тогаш сите видоа гулабица бела како снег, како излета од нејзината уста и одлета на небото. Народот се восхитуваше на тоа а многубројните христијани меѓу народот се радуваа.

Кога намесникот виде дека умрела се засрами како победен од младата девица и многу гневен се врати во својот дом. На заминување нареди нејзиното тело да остане да виси на крстоликото дрво и постави стража, за никој да не го симне. Нареди да остане да виси на дрвото се додека птиците не ја изедат и не и ги разнесат коските. Но, кога замина, ненадејно падна снег и го покри телото како со бел фустан, а стражарите се преплашија, побегнаа и оддалеку запрепастени набљудуваа.

За тоа дознаа нејзините родители. Утредента, откако видоа дека не е дома, цело утро ја бараа. Дури напладне слушнаа дека умрела за Господ Христос и дека се уште виси на маченичкото дрво, па се стрчаа кон градот плачејќи. Кога ја видоа како виси на крстот силно лелекаа и потресно тажеа. Но, истовремено тие се радуваа што таа прими маченички венец и влезе во дворовите на небесниот Младоженец. Сакаа да го земат нејзиното тело кај нив, но стражарите не им дозволија да се приближат.

Во третиот ден некои побожни луѓе ноќе го украдоа телото, го завиткаа во чиста плаштаница со мириси во присуство на нејзините родители, кои со солзите го миеја нејзиното тело, а свети Феликс, кој подоцна пострада за Христа, набљудувајќи го нејзиното лице, низ солзи радосници рече:

- Госпоѓо Евлавија, ти пред нас си се удостоила на маченичкиот венец!

Додека го зборуваше тоа, лицето на девицата, која веќе трети ден беше мртва, се насмевна кон него како жива и сите присутни започнаа да ги пеат зборовите од псалмот: „Кога викаат праведните, Господ ги слуша и ги спасува од сите нивни маки“ (Пс. 33, 17). Чесно го погребаа телото на светата маченица Евлавија, славејќи Го Бога Отца и Единородниот Син Негов Господ Исус Христос и Светиот Дух, Едниот во Троица Бога, чие царство бесконечно трае низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША АНТУСА,

СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК АТАНАСИЈ ЕПИСКОПОТ

и мачениците ХАРИСИМ и НЕОФИТ

Света Антуса живееше во времето на царот Валеријан. Родена во градот Селевкија во Сирија, беше ќерка на многу богати, но незнабожни родители Антониј и Марија. Антуса тајно поверува во Господ Христос и за да го прими светото крштение сакаше да се сретне со епископот Атанасиј, кој го проповедаше словото Божјо во Тарс Киликиски. Со таа намера Антуса измоли од својата мајка две мазги, под изговор дека сака да ја посети својата дадилка, па со двајца свои слуги евнуси, Харисим и Неофит, тргна на пат. Додека патуваа се случи необично чудо. Пренесен од свети ангели, Атанасиј се најде на патот и застана пред Антуса. Кога го виде и дозна дека е оној што го бара, таа падна пред неговите нозе и молеше да ја крсти. Но, бидејќи таму немаше вода, светиот епископ се помоли на Бога и веднаш од земјата бликна извор. Се појавија и два ангела во облик на војници, кои и дадоа на светителката два бели фустани. Таа се крсти заедно со своите двајца робови, му ја даде на епископот својата скапоцена златоткајна облека да ја продаде и парите да ги раздаде на сиромашните, а самата се облече во скромен и ефтин фустан, па така отиде кај својата дадилка. Штом ја виде, дадилката ја искара затоа што поверувала во Господ Христос и се облекла така, па ја избрка. Кога се врати дома Антуса ја затекна својата мајка многу натажена поради тоа што ја примила верата Христова и се крстила, па ја остави и отиде кај епископот Атанасиј да ја замонаши. Тука се облече во власеница, го зеде крстот Господов и отиде во пустината, каде се подвизуваше дваесет и три години, живеејќи заедно со ѕверовите, од кои по промисла Божја добиваше храна. Претрпе таа и многу напасти од демоните, и најпосле во мир ја предаде својата душа во рацете Божји, легната на каменот на кој имала обичај да спие.

Епископот Атанасиј беше фатен од незнабошците и доведен пред царот Валеријан. Многу го мачеа и најпосле му ја отсекоа главата. А пак споменатите нејзини слуги Харисим и Неофит, по заминувањето на нивната господарка во пустината и по маченичката смрт на светиот епископ Атанасиј отидоа кај царот Валеријан, изјавија дека се христијани и ги проколнаа идолите и нивните поклоници. Царот врзани ги испрати кај војводата Апелијан, пред кого тие Го исповедаа Христа. Затоа ги обесија и три часа им ги стругаа телата. Потоа ги тепаа со стапови и најпосле им ги отсекоа чесните глави. Така се искачија на небото, носејќи маченички венци.

СПОМЕН НА СВЕТАТА ЦАРИЦА АРИАДНА

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ИРИНЕЈ, ОР и ОРОПСИС

Блажениот Иринеј беше ѓакон кој бестрашно Го проповедаше Христос, вистинскиот Бог. Затоа незнабошците го фатија и го доведоа пред кнезот, со двајца христијани Ор и Оропсис. Бидејќи смело ја исповедаа својата вера во Господ Христос, и тројцата беа фрлени во оган. Но веднаш заврна дожд, го згасна огнот и светите останаа неповредени. Потоа ги фрлија пред зверовите, но тие не се допреа до нив, па ги обесија на дрво и немилосрдно им ги стругаа телата. Најпосле им ги отсекоа главите. Така овие блажени примија венци на мачеништвото.

СОБОР КАЈ ЧУДОТВОРНАТА ИКОНА

НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „ПРУСИОТИСА“ во Пирс во Евританија (Грција)