05. Септември  (23. Август)

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ИРИНЕЈ,

пископот Лионски

Лионскиот епископ свети Иринеј спаѓа во најзнаменитите отци и учители на Црквата. Живееше и се подвизуваше во вториот век, посветувајќи го сиот свој живот на борбата против гностицизмот. Неговото значење за христијанската Црква на вториот век може да се изедначи со значењето на свети Атанасиј Велики за христијанската Црква во четвртиот век. И двајцата со својот живот и работа првенствено се истакнуваат како заштитници на чистото неповредено црковно учење против лажните еретички учења на своето време: свети Иринеј против гностицизмот а свети Атанасиј против аријанизмот.

Свети Иринеј е роден во градот Смирна во Мала Азија. Од рана младост се предаде на темелно изучување на елинската мудрост и стана одличен познавач на грчката поезија, философија и останатите елински науки. Сепак световното знаење не го занесе младиот Иринеј. Штом слушна за духовната мудрост, мудроста христијанска, и започна да се запознава со неа, тој се воодушеви од неа и посака со сето срце да ја усвои, зашто ја чувствуваше спасоносноста и неизмерната нејзина важност.

На вистините од христијанската вера младиот Иринеј најпрво се учеше од свети Поликарп, епископот Смирненски. Свети Поликарп беше ученик на светиот апостол и евангелист Јован Богослов, кој и го постави за епископ на градот Смирна. Како епископ тој многу се потруди за Црквата Христова, зашто се грижеше не само за својата паства, туку пишуваше посланија и до соседните цркви. Според сведоштвото на блажениот Јероним, Поликарп бил „водач во христијанството на цела Азија“.

Како ученик на толку светиот и богомудар учител, Иринеј го засака душекорисното учење христијанско повеќе од секоја световна наука. Кога стана ученик на свети Поликарп, тој како да стана ученик на самиот Господ Христос, бидејќи сесрдно ги примаше со умот вистините на христијанската вера и сиот се предаде во служба на Бога.

Поради својот доблесен живот и смирената евангелска ученост, свети Иринеј беше ракоположен од свети Поликарп за презвитер и испратен да го проповеда словото Божјо во Галија. Во тоа време во Лион епископ беше свети Потин, кој подоцна својата проповед на Евангелието ја запечати со мачеништво за Христа. Во Лион свети Иринеј започна усрдно да се труди, помагајќи му на свети Џотин во неговите архипастирски работи. По некое време во Лион настана жестоко гонење против христијаните и свети Иринеј се истакна како храбар заштитник и цврст столб на Црквата. Од тука беше испратен во Рим од епископот Потин, да му однесе послание на епископот Елевтериј.

По враќањето од Рим свети Иринеј стапи на архиерејскиот престол на свети Потин, бидејќи тој маченички пострада. Како таков мудро ја раководеше лионската паства во тешките времиња, бидејќи многу неволји ја напаѓаа Црквата Христова. Идолопоклониците ги гонеа христијаните, а безбожните еретици ствараа немири и раздори во Црквата Божја. Светителот стрпливо ги поднесуваше притисоците и непријатностите од идолопоклониците, а против еретиците бестрашно војуваше за името Христово. Архипастирската дејност на свети Иринеј не се ограничуваше само на Лион, чии што граѓани ги приведе во христијанството, туку се простираше на цела Галија. Покрај тоа, тој одржуваше жива врска со римската црква и со малоазиските цркви, за што сведочат неговите посланија, упатувани до тамошните епископи.

Огромна ревност покажа свети Иринеј во изобличувањето и симнувањето на тогашните еретички учења. За таа цел тој напиша многу книги, во кои богомудро ги побива заблудите на еретиците и ги изложи и одбрани вистините на христијанската вера. Од сите негови дела  најзначајно е она под назив „Против ересите“, или поточно „Изобличување и побивање на лажно-нареченото знаење“, во пет книги. Ова дело свети Иринеј започна да го пишува на молба од еден свој пријател, за да се побие ереста на Валентинијаните, кои во тоа време многу го беа рашириле своето лажно учење не само во Рим туку и во Галија. Потоа, за да ја покаже лажноста и суштината на Валентиновата ерес, која што ги повторувала заблудите на поранешните еретици, свети Иринеј ги опиша старите ереси што порано се беа појавиле и стапиле во борба против христијанството, со вистинската христијанска мудрост побивајќи ги сите заблуди на еретиците и разоткривајќи го единственото спасоносно учење на христијанската Црква. Притоа раководна мисла на богомудриот отец Иринеј беше: „Секој кој сака да ја знае вистината треба да се обрати до Црквата, зашто Апостолите единствено само на Црквата ѝ ја соопштиле божествената вистина, и, како богаташ во ризница, положиле во неа се што се однесува на вистината. Само Црквата е врата на животот“.

Ваквото значење на Црквата, како единствена непогрешлива чуварка и носителка на вистинското апостолско предание, свети Иринеј го заснова на тоа што во Црквата постојано престојува Духот Свети и непрестајно делуваат божествените дарови и сила. Духот Божји, според учењето на свети Иринеј, обитава во Црквата од самото нејзино основање. Тој е како живот и душа на Црквата. Тој ја движи и управува со неа онака како што душата ги движи и управува со членовите на нашето тело. Во Црквата е дадено сето она, со кое што се извршува нашето спасение. Бидејќи во Црквата постојано и непосредно престојува Духот Божји, Црквата никогаш не може да погреши или да падне во заблуда. Оттука божествената вистина, која ѝ е предадена усно или писмено од светите Апостоли, ќе остане постојано во неа една и иста, онака чиста и божествена, каква што била и пред Апостолите, зашто еден и исти Дух Свети дејствувал И во Апостолите, дејствува и сега во Црквата - во лицето на нивните приемници. Приемството на апостолското звање се чува во Црквата насекаде и непрекинато, а заедно со него се чува и апостолското предание во неговиот чист и неповреден вид. Воопшто, вели свети Иринеј, Црквата, иако е расеана по целиот свет, насекаде чува едно и исто учење со присутноста во Неа на едниот и ист Дух Божји и непрекинатоста во Неа на едното исто апостолско звање. Таа подеднакво верува како да има една душа и едно срце; подеднакво проповеда, учи и предава, како да има една уста. Подеднакво веруваат и имаат едно исто предание на Црквата и во Германија, и во Шпанија, и во Галија, и на Исток, во Египет и Либија. Како што сонцето е едно и исто во целиот свет, така и проповедта на вистината сјае и се просветува, и е една и иста во целата Црква.

Така учејќи и упатувајќи ги сите, свети Иринеј спаси многумина од незнабожечкото идолопоклонство и од еретичките заблуди. Многу христијани упати на патот на спасението а некои поткрепи на маченички подвиг. Најпосле и самиот пострада за името Христово. Во времето на царот Севир му беше отсечена главата, Така свети Иринеј прими славен венец на мачеништвото во царството на нашиот Господ Исусе Христос.

 

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ПОТИН,

епископот Лионски

Свети Поликарп го испрати свети Потин од Мала Азија во Галија да го проповеда Евангелието. Таму тој стана прв епископ Лионски и приведе многу незнабошци во христијанството. За време на гонењата против христијаните во 177 година свети Потин беше изведен на суд, односно донесен на раце, зашто имаше деведесет години. Прашан од проконзулот „кој е Бог христијански“, старецот му одговори:

„Ќе дознаеш ако се удостоиш на тоа“.

Незнабошците му се нафрлија со стапови и камења и безмилосно го тепаа. Фрлен во темница, свети Потин се упокои по два дена и се пресели во Царството Небесно.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЛУП

Свети Луп живееше во времето на царот Аврелијан и беше роб кај некој господар, но слободен во Христа Господа, во Кого поверува. Исполнет со божествена ревност, тој сокрши бездушни елински идоли, а други исфрли во морските длабочини. Поради тоа незнабошците многу разјарени му се нафрлија со мечеви, но се избезумија и започнаа да се убиваат меѓу себе. Стоејќи меѓу нив, свети Луп им го проповедаше словото Божјо, полн со вера, мудрост и благодат Божја. И покрај сите напори, незнабошците не можеа да го фатат, спречувани од силата Христова, која дури не им дозволи ни да му се приближат. Затоа тие оддалеку фрлаа стрели по него, но се рануваа еден со друг а тој остануваше неповреден. Бидејќи не беше крстен, и за да не умре некрстен, тој Му се помоли на Бога и веднаш од небото се изли вода врз него. На тој начин светиот маченик Христов прими од висините божествено крштевање, додека сите незнабошци го набљудуваа тоа и се чудеа.

Потоа свети Луп доброволно им се предаде и тие го одведоа кај игемонот, кој најпрвин се обиде со ласкање да го наговори да отстапи од Господа и да им се покори на идолите. Но, бидејќи не успеа да го соблазни, игемонот нареди беспоштедно да го тепаат со стапови. Потоа го подложија на разни страшни маки. Откако не го совладаа, игемонот го осуди на обезглавување.

Така светиот маченик Луп, приклонувајќи ја под мечот својата глава, ја положи својата душа за Христос, својот Господ, и чесно беше погребан од верните. Од неговиот гроб се даваа исцеленија за сите болести, по неговите свети молитви а со благодатта на нашиот Господ Исус Христос.

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ НАШИ ЕВТИХИЈ и ФЛОРЕНЦИЈ

Во Нурсиската област во пустинска осаменост живееја заедно двајца мажи во светиот монашки лик. Едниот се викаше Евтихиј а другиот Флоренциј. Евтихиј, загреван со топлината на духовната ревност, се трудеше не само за своето спасение туку се грижеше и за спасението на другите. Со своите душекорисни поуки и совети многу души приведуваше кон Бога. Флоренциј пак, во својата простота си гледаше само за себе, минувајќи го својот живот во молитви.

Недалеку од живеалиштето на овие преподобни отци имаше манастир. Се случи да умре авата на тој манастир и монасите заедно дојдоа кај Евтихиј и го измолија да им биде ава. Тој се согласи и својот другар Флоренциј го остави сам да се подвизува на тоа осамено место, за да не опусте малата црква што ја имаа таму. Штом остана сам, Флоренциј започна да Му се моли на семоќниот Бог да му помогне да може непречејно да се подвизува. Еден ден, излегувајќи од црквата по извршените вообичаени молитви, здогледа пред вратите мечка, која стоеше со наведната глава. Со својата кротост таа покажуваше дека е испратена од Бога да му служи. Слугата Божји го сфати тоа и Му заблагодари на Бога. Бидејќи крај својата ќелија имаше пет овци, тој ѝ нареди на мечката да ги пасе и чува, велејќи ѝ:

- Оди и терај ги овците на паша. Паси ги. А во дванаесет часот врати се заедно со нив.

И започна мечката постојано да го прави тоа. Така зверот, кој беше навикнат да се храни со месо раскинувајќи го ловот, гладен ги пасеше овците, совладувајќи ја својата ѕверска природа. А кога човекот Божји сакаше да пости до три часот попладне, ѝ наредуваше на мечката да се врати со овците во три часот. Кога пак сакаше да земе храна во дванаесет часот напладне, мечката се враќаше во тој час, односно ѕверот се потчинуваше на секоја наредба на човекот Божји и во ништо не погреши. Таа мечка долго време така му служеше на старецот и по целата таа земја се рашири слава за човекот Божји Флоренциј и сите се восхитуваа на тоа чудо.

Но, ѓаволот поттикна некои на завист. Така, поттикнати од ѓаволот, четворица од монасите на блажениот Евтихиј многу започнаа да му завидуваат на Флоренциј, бидејќи нивниот учител не правеше чудеса, додека пак Флоренциј, оставен од нивниот учител сам во пустинската ќелија, толку се слави со чудотворството. И тие завидливци ја начекаа мечката како ги пасе овците и ја убија. Кога мечката не се врати во одредениот час, старецот се вознемири. Почека до падне ноќта и кога виде дека зверот не се врати со овците, го обзеде тага. Преподобниот во својата простота беше навикнал мечката да ја нарекува брат.

Утредента рано тргна во полето да ги бара мечката и овците. Кога ја најде мечката убиена, тој многу се нажали. Откако внимателно се распраша, дозна кој ја убил мечката и започна да плаче повеќе за душегубната злоба на четворицата браќа, отколку за гибелта на мечката. Старецот горко ридаше. А кога ава Евтихиј дозна за неговата жалост и тага, го повика и почна да го теши. Тогаш човекот Божји, обземен од огромна болка, пред авата рече:

- Се надевам во семоќниот Бог, дека оние што ја убиле мечката, која не им сторила никакво зло, уште во овој живот ќе добијат казна од Господа пред очите на сите.

Штом угодникот Божји го изговори тоа, веднаш се исполнија неговите зборови. Тие четворица монаси одеднаш беа поразени од Бога со страшна чума, та им изгни целото тело и умреа во таа болест. Човекот Божји Флоренциј многу се исплаши што ги проколна оние браќа, и целиот свој живот не престана да лелека за нив, а себе си се нарекуваше најсвиреп убиец нивни. Семоќниот Бог го стори тоа за овој прост и доблесен човек никогаш повеќе да не се осмели, кога е навреден, да проколне некого со својата уста.

Овој богоугоден маж направи и друга чудесна работа. Кога гласот за него се пронесе насекаде, кај него оддалеку дојде еден ѓакон да се удостои на неговите молитви и благослов. Кога здогледа околу ќелијата на преподобниот многу змии и разни лазачи, тој се преплаши и викна:

- Слуго Божји, помоли се за мене!

Во тоа време воздухот беше чист, небото ведро и грееше сонце. Преподобниот Флоренциј излезе од ќелијата, ги крена очите и рацете кон небото и започна да се моли на Господ да ги избрка оттаму тие гадови како што сака. И веднаш започна да грми, да удираат громови и беа убиени сите змии на тоа место. Кога ги виде убиените змии, човекот Божји повторно погледна во небото и рече:

- Ете, Господи, ги уби овие змии, но кој ќе ги отстрани одовде?

И веднаш долетаа онолку птици колку што беа змиите. И секоја птица зеде по една змија и ја фрли далеку. Така се исчисти местото во кое живееше преподобниот.

Свети Флоренциј го помина својот живот во големо богоугодништво и премина во бесконечниот. Исто така и преподобниот ава Евтихиј многу години го пасеше довереното стадо, мнозина упати на патот кон Небесното Царство, мнозина раководеше кон спасението, па се престави кај Господа. Тој за време на својот живот не правеше чудеса, но се покажа чудотворец по своето преставување. Од неговата облека, што остана по смртта негова, се даваа исцеленија на болните кои страдаа од разни болести. Кога имаше суша луѓето од тој крај се собираа, ја земаа облеката на преподобниот, ја носеа во црквата пред Господа, вршеа молепствија, поминуваа со неа низ селата, нивите и бавчите, и веднаш Господ даваше дожд, кој богато ја напојуваше земјата. Ова јасно покажува колку голема сила на богоугодни доблести за време на животот на земјата имала душата на оној чија што облека, носена пред Господа, го одвраќаше гневот Господов.

Така Бог во двајцата Свои угодници се прославуваше тогаш со чудеса, и сега заради нив се прославува од нас слугите Свои, и ќе биде прославуван во бесконечните векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ВИКТОР

Светиот маченик Виктор пострада во Марсела во третиот век. После страшните маки беше фрлен во темница, каде ги обрати стражарите во верата Христова. Се упокои распнат на крст.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АЛБАН

Свети Албан беше англиски благородник. За време на гонењата тој во својот дом сокри еден христијански свештеник, кој го поучи во верата Христова. Тогаш Албан му ја даде својата облека а самиот се облече како свештеник, па отиде и им се предаде на мачителите. Како осуден на смрт, тој и својот џелат го обрати во верата Христова.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК КАЛИНИК,

патријархот Цариградски

Најпрвин беше презвитер при Влахернската црква. За време на царот Јустинијан 2ри, во 693 година стана патријарх Цариградски. За својата непоколеблива ревност за Црквата Божја, бидејќи не сакаше да го благослови рушењето на еден храм во Цариград (Богородичниот митрополитски храм), тој прими мачеништво од споменатиот цар. Најпрвин го мачеа, па потоа го испратија во Рим и таму го созидаа во каменен ѕид. И кога по четириесет дена го срушија ѕидот, свети Калиник го најдоа сеуште жив, но по четири дена се упокои. Неговото свето тело беше погребано во Рим (околу 705-та г.), во црквата на светите апостоли Петар и Павле.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ АНТОНИН,

митрополитот Сардски

Овој свет епископ на градот Сарда во Мала Азија живееше во времето на цариградскиот патријарх Николај Мистик (912-925 г), кој му пишуваше и пријателски писма. Се спомнува во Синајскиот ракописен минеј број 631 (од 10-11 век), каде има заеднички канон со светиот маченик Луп, спомнат погоре.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ТРИЕСЕТ И ОСУМ МАЧЕНИЦИ ТРАКИСКИ

Патријарси кои пострадале за Господа посечени со меч во Тракија.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ НИКОЛА СИКЕЛИОТ

Се подвизувал на гората Неогона на островот Евија (Евбија) во Грција. (Служба му е објавена во Халкида 1894 година).

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ИРИНЕЈ, епископот Сремски