06. Септември  (24. Август)

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ЕВТИХИЈ

Свети Евтихиј беше родум од градот Севастопол. Штом го слушна Евангелието Христово, тој ги остави своите родители и пријатели и му се придружи на возњубениот ученик Христов, апостолот Јован Богослов. Постојано насекаде беше со него, подржувајќи го неговиот живот, од него се научи на небесната мудрост и како од извор нацрпе благодат Божја. Исполнет со апостолска ревност, тој јуначки ја искоренуваше идолопоклоничката заблуда. Исто така, кога го сретна свети апостол Павле, свети Евтихиј го следеше како звезда сонцето и многу се потруди со него, проповедајќи го Евангелието и јуначки поднесувајќи ги сите неволји. Затоа се смета и за ученик на светиот евангелист Јован Богослов и на свети апостол Павле.

Свети Евтихиј е наречен апостол од помалите, иако не се наоѓа во бројот на седумдесетмината Апостоли. Почестен е со називот Апостол, затоа што со најстарите Апостоли се трудеше во проповедањето на Евангелието Христово. Од нив беше посветен за епископ и беше поминал многу земји проповедајќи Го Христа не само со нив туку и сам. Всушност, тој не патувал сам, туку секогаш за сопатник имаше ангел Божји, кој му даваше сили и однапред му кажуваше се што ќе му се случи. Овој апостол Христов насекаде со трпение ги поднесуваше и темничките окови и мачења, јуначки страдајќи за својот Господ. 

Еднаш, кога свети Евтихиј беше долго време измачуван со глад во темницата, од Бога му беше испратен леб од небото, донесен од невидлива рака. Со овој леб тој толку се поткрепи, што воопшто не ги чувствуваше мачењата. Во друга прилика, кога гол беше обесен на мачилиштето и струган, од неговото чисто тело истече крв со благомирисно миро и го исполни воздухот со прекрасен мирис. А кога потоа светиот Апостол беше фрлен во силен оган, ненадејно загрме и заврна силен дожд со снег, и го згасна огнот, а тој остана жив и неповреден, славејќи Го Бога. Потоа свети Евтихиј беше фрлен на зверови, но пред неговото лице ѕверовите станаа кротки како овци. Што е уште почудесно, лавот, пуштен кај него, проговори со човечки глас, гласно проповедајќи ја големината на нашиот Спасител Господ Исус Христос, та сите ги запрепасти и преплаши. Но, што има чудно во тоа? Оној, Кој во дамнина можел да ја отвори устата на Валамовата магарица да зборува како човек, зарем е невозможно да направи устата лавова да прозбори на човечки начин, за изобличување и посрамување на незнабошците а за прославување на Својата семоќна сила? Едниот и исти Господ присуствувал и чудодејствувал и овде и таму. Што се однесува до тоа како светиот апостол Евтихиј го окончал својот подвиг, се знае дека врзан бил одведен од Ефес во неговиот роден Севастопол и таму се упокоил. Неговата света глава беше отсечена со меч, која Господ Исус ја овенча со прекрасен венец на победата.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА СИРА

Во времето на персискиот цар Хозрој Стариот, во дваесет и осмата година од неговото царување, во Персија како најчист бисер во морето се појави светата девојка Сира, која блескаше со убавината на христијанската вера и се прослави со големи страдалнички подвизи за Господа Христа.

Света Сира се роди во градот Хирхаселевкос од незнабожни родители. Нејзиниот татко беше идолски жрец, знаменит волхв. Тој долго време беше судија и старешина на друштвото на персиските волхови и жреци. Одлично го познаваше учењето на староставниот архиволхв Зороастра, првиот познавач на астрологијата во Персија. Овој маг, таткото на светата девица Сира, многу ги мразеше христијаните и многу се плашеше неговата ќерка да не ја запознае христијанската вера и да не склучи познанства со христијанските девојки. Тогаш во Персија имаше многу христијани, без оглед на тоа што беа угнетувани и гонети. Од таа причина тој по смртта на нејзината мајка уште како мала ја даде Сира во градот Фарс, во кој цветаше науката на маговолшебството, кај една своја роднина - жена волшебница, да ја воспитува во нивните незнабожечки обичаи.

Кога девојчето потпорасна беше ставено во служба на волшепството, дадено во поганата жрецева служба и посветено да им врши на бесовите некои тајни жртви, кои незнабошците ги нарекуваа „Јаст“ и ги сметаа за најчисти жртвопринесувања.

Сето ова се зборува за девицата Сира, за да се знае во какво помрачување и демонска заблуда се наоѓала и од каква темнина излегла кон светлината на вистината. Кога стана полнолетна и веќе одлично ги беше изучила сите волшебнички науки и усрдно им служеше на нечистите персиски богови во чинот на жречица, по промисла Божја таа се запозна со некои сиромашни христијански жени и од нив прв нат слушна за Христа Господа, вистинскиот Бог. Таа започна усрдно да ги распрашува за христијанската вера, за нејзините догмати, и за целокупното уредување и животот христијански. Се што ќе чуеше од нив го проценуваше, ја споредуваше христијанската вера со персиската и виде дека меѓу нив постои огромна разлика во се. Се што ја сочинуваше персиската вера, таа започна да го смета за лажно и одвратно, а се што ја сочинуваше христијанската вера за праведно и чисто. Донесе одлука да го напушти персиското незнабожие и да им пристапи на христијаните. За подобро да се запознае со христијанската вера, започна тајно да оди во христијанската црква и внимателно да слуша и гледа се што се прави. Постепено таа многу ја засака христијанската вера и нејзиното целокупно уредување, И започна внимателно да го подржува животот на христијаните со постење и умртвување на своето тело. Како осумнаесетгодишна девојка таа многу се плашеше да не ја омажат и затоа не се појавуваше меѓу луѓето, ниту се дружеше со угледните и богати персиски девојки, а со христијанските девојки и жени често тајно се состануваше и разговараше за Христовото раѓање од Пречистата Дева, за сите Негови чудеса, за Неговото доброволно страдање и смрт, за Неговото воскресение и вознесение со тело на небото, за идниот страшен Суд, за наградувањето на праведниците и за маките на грешниците. Се што слушаше од христијанските девојки непоколебливо прифаќаше, го запишуваше во срцето и гореше од њубов кон Христа. Таа се затвораше во својата одаја, читаше христијански книги, се навикнуваше на молитви и псалми, и се молеше единствено на единствениот вистински христијански Бог, посипувајќи ја својата глава со пепел. Така помина долго време, зашто се плашеше од својот татко и останатите магови.

По долго време Сира западна во некоја болест, но не побара лек во маѓиите, како што беше обичај кај незнабошците, туку со сето срце се обрати кон Господа, отиде во христијанскиот храм и го замоли презвитерот да ѝ даде малку црковен прав, верувајќи дека од тоа ќе добие исцеление. Но, презвитерот ја одби како незнабошка, велејќи:

„Каква заедница имаш ти со верните?“

Но, таа не му се налути, свесна за својат недостојност. Молчеше кратко, па со вера се допре до облеката на свештеникот, како некогаш крвоточивата жена до облеката Христова, и веднаш се исцели од својата болест и се врати дома здрава. Восхитувајќи се над своето брзо исцелување, таа си велеше:

„Кога служителите Христови имаат таква сила, колку ли тогаш е семоќен Самиот Христос?“

И многу сакаше целосно да ја прими христијанската вера и размислуваше како да добие свето крштение.

Но, ѓаволот реши да ја попречи во тоа. Затоа ноќе ѝ се јави гневно да ја кара што ги напуштила отечките обичаи, во болеста барала помош од христијаните и се допрела до облеката на христијанскиот свештеник. Блажената се осени со крсниот знак, поучена од христијаните, клекна на земјата и започна да го чита деведесеттиот Давидов псалм: „Кој живее во засолниште на Севишниот, во сенката на Семоќниот почива..“, и останатите стихови до крај. Се изгуби ѓаволот за кратко, но повторно и се јави, па таа пак ги преклони колената пред небесниот Бог и започна да го чита истиот псалм. Повторно се изгуби ѓаволот на кратко, па пак се врати и се дрзна да и рече:

- Јас сум Бог Кој живее во висините, под чија што заштита се наоѓаат сите. И ти треба да прибегнеш кон Мене, а не кај христијаните кои те мамат.

Сира по трет пат ги преклони колената на молитва и усрдно се помоли на Христа да и ја открие тајната и да ја отстрани од неа секоја прелест. Во тој час со силата Божја беше избркан од неа искушувачот, но во нејзиниот ум, како трага на ѓаволската прелест, остана некаков сомнеж. Таа веднаш сфати дека тоа е под дејство на ѓаволот и со топло срце се обрати кон Бога, каејќи се со солзи и исповедајќи ја својата немоќ.

Наредната ноќ света Сира беше утешена од Бога со видение кое што ѝ го претскажуваше мачеништвото. Се видела како да стои на векое многу високо место над свештениците и во своите раце како да држи свет путир, полн со Христова крв. Овој путир таа го покажувала на народот, при што од двете страни до неа стоеле двајца ѓакони и каделе.

Ова видение означувало дека светителката треба да ја испие чашата на страдањата за Христос, пред очите на народот, кој ќе го наблудува тоа. Многу високото место на кое што стоеше таа ја означувала високата чест на мачеништвото што ги надминува сите чинови на Светиите а кадењето било знак дека нејзиното страдање ќе Му биде благопријатно на Бога како жртва и кадење, и дека со тоа страдање ќе се намириса сета Црква Христова.

По ова видение света Сира започна да води многу строг подвижнички живот во Бога. Наскоро браќата и роднините препознаа дека таа и пристацила на христијанската вера, зашто лицето и беше бледо, телото променето, со никого не разговараше, туку се затвораше во својата соба во молчење и не им принесуваше жртви на боговите, ниту пак присуствуваше на вообичаените служби. Тие многу се натажија и ја молеа маќеата да ја посоветува да престане со таквиот живот, за да не го навлечат царевиот гнев врз нивниот дом.

Маќеата, потајно поучувана од оној кој во дамнина во обличје на змија ја измами Ева во рајот, ѝ пристапи насамо на блажената девица, па започна со радосно лице да и раскажува за себе дека и таа самата е христијанка, но дека божем тајно Му служи на Христос. Ја советуваше да не отстапува од Христос, но јавно да ја врши вообичаената служба на идолите, за сите да престанат да мислат дека е христијанка

- Така, - ѝ зборуваше соблазнителката, - ти и Христос нема да Го разгневиш, зашто ќе биде задоволен што тајно Му служиш, а и татко ти и браќата нема да ги раздразниш и ќе ги одбегнеш страшните маки што неминовно ти претстојат ако не го послушаш мојот совет. Помисли како со ова немоќно тело ќе ги поднесеш страшните маки, па можеби јавно ќе се одречеш од Христос тогаш, а тоа е веќе непростлив грев. Затоа послушај ме.

Така ѝ зборуваше таа речиси секој ден, но Господ не дозволи да попушти, туку повторно ја поткрепи со ново откровение. По четири месеци, за време на Великиот пост, светата Четириесетница девицата Сира одлучи да ја помине во тајно постење и подвижнички трудови. Тогаш на сон ги виде своите браќа целите во гној и мувла а нејзиниот татко како лежи на некој гаден одар. На другата страна здогледа дворец и висок и прекрасен одар, кој сјаел со чудесна светлина. Виде исто така и многу светли лица, кои ја повикуваа во тој дворец.

Кога се разбуди таа побрза во христијанскиот храм кај епископот Јован и му раскажа се за себе, како се исцели од својата болест со допирот до свештеничка облека, какви виденија имаше од Господа и го замоли да ја крсти. Епископот се израдува, но со оглед на тогашното сурово време не ја удостои на крштение, бидејќи знаеше дека е од висок род, дека татко и е многу моќен и дека сите волсхви најотворено ги мразат христијаните. Се плашеше со тоа да не ги разлути незнабошците, та да го наговорат царот да крене гонење против Црквата Христова, а се плашеше и девојката да не се исплаши од родителскиот гнев и мачењата и да се одрече од Христос. Затоа ја советуваше најпрвин да Го исповеда Христос пред својот татко и сите домашни, па ако може да ги поднесе страдањата од нив, тогаш ќе остане непоколеблива до крај и ќе биде удостоена на свето крштение. Така ја отпушти со мир.

Сира си отиде многу тажна, со збунет ум помеѓу љубовта и стравот, и молчеше.

По некое време повторно имаше видение, во кое виде ангел Божји, кој држеше во рацете железен стап. Ангелот ја удри со стапот, велејќи:

- Каде е твоето ветување дека верно ќе Му служиш на вистинскиот Бог Христос и цврсто ќе стоиш против незнабошците.

Штом се разбуди, Сира ја обзеде голем страв, а кога осамна маќеата ја повика кај себе и ѝ нареди како жрец да ги принесе вообичаените утрински жртви на боговите. Но, Сира одлучи јавно да го исповеда името Христово и пред сите да се одрече од волшебништвото и идолослужењето. Сепак во тој момент таа се преправаше дека ќе ја послуша својата маќеа и му пријде на жртвеникот. Но, се виде себеси осветлена со некоја божествена светлина, па го отфрли стравот и пред сите ги искрши жречевските направи, плукна во огнот кој персијците го сметаат за божество, го растури, го претури жртвеникот и силно викна:

- Христијанка сум! Се одрекувам од идолите и од сите нечисти демонски дела. Плукам на лажните богови и верувам во единствениот вистински христијански Бог. Одам во христијанскиот храм.

Браќата со домашните ја фатија Сира и ја затворија во собата. Во тоа време нејзиниот татко не беше дома. Блажената девица започна да ги моли да го повикаат, за и пред него да го исповеда името Христово, макар и на маки да ја предаде.

Во тоа време кај неа се собраа нејзините роднини и со солзи ја советуваа да се откаже од таквиот потфат, да не го срамоти својот род и да не се предава на маки.

Кога дојде татко и и го виде растурен нивниот волшебен оган, што го сметаа за бог, жртвеникот претурен, волшебните алатки на жреците искршени, и слушна како Сира гласно го слави името Христово, тој многу се разјари, ја фати и безмилосно ја тепаше, додека не малакса од умор. Потоа започна со солзи да ја советува и милува, зборувајќи и со љубов, но не успеа. Ја ставаше на многу маки, ја затвораше во мрачно место, ја измачуваше со глад и жед, а понекогаш ја молеше да се предомисли, но таа остануваше цврста во исповедањето на пресветото име Христово. Кога се убеди дека е невозможно да ја одврати од христијанската вера, тој го извести за се кнезот на старешините на маговите, волхвовите и жреците, Мавиптис, кој веднаш ги свика сите и нареди да ја доведат пред нивниот суд. Се собра таму многу народ, меѓу кои и многу христијани, за да го видат подвигот, бидејќи на сите им беше познато дека се обратила кон Христос и дека многу пострадала од својот татко. И започна Мавиптис да ја распрашува поради што се откажала од прадедовските богови и преданија и примила друга вера. Девицата му одговори:

„ Никој со здрав разум нема да појде по своите татковци и прадедовци, кои во својата заблуда го влечат во гибел. Јас видов дека христијанската вера е подобра и ја одбрав неа.

Мавиптис гневно ѝ рече:

- Те очекуваат многу маки, девојко, ако не ме послушаш,

Сира ја стави раката на вратот и со голема слобода рече:

- Отсечи ми ја главата! Ти имаш власт!

Мавиптис потоа многу ја распрашуваше, но таа не му одговараше ништо, туку ги читаше Давидовите псалми. Најпосле ги праша оние околу него:

- Што зборува таа?

Но никој не можеше да му одговори. Само еден од присутните незнабошци рече дека чита христијански молитви.

Мавиптис веднаш испрати, та го повикаа христијанскиот епископ, за од него да дознае дали таа изговара христијански зборови. Епископот дојде исплашен. Маченицата го виде тоа и му рече:

- Не плаши се, оче, туку сети се што вели Светото Писмо: „Ќе зборувам за сведоштвата Твои пред царевите, и нема да се посрамам“ (Пс. 118, 46) и „Не плашете се од оние што го убиваат телото а душата не можат да ја убијат“ (Матеј 10, 28).

Прашан, епископот потврди дека девицата изговара христијански зборови.

Мавиптис се разгневи и нареди да ја тепаат по устата. Потоа започна да ја опсипува со ласкања, па ѝ претеше со маки. Но, се беше залудно. Тој се срамеше од присутните христијани. Нареди некое време да ја чуваат во домот на нејзиниот татко, не сакајќи веднаш да го извести царот за неа, за да не го обесчести нејзиниот чесен род. Притоа Мавиптис го посоветува нејзиниот татко да се потруди повеќе со ласкања отколку со закани да ја одврати од христијанството. Маченицата се врати дома радувајќи се и славејќи Го Бога што се удостои да страда за името Христово пред кнезот, судиите и сиот народ. Тука Господ со нови откровенија ја тешеше и крепеше својата слугинка, зашто често и се јавуваа ангели и ја поучуваа како да одговара пред незнабожните судии. Некогаш и се јавуваа Мојсеј, Илија, апостол Петар и други светители. Нејзиниот татко многу се трудеше да ја одврати од Господ Христос на сите можни начини. Кога виде дека се е залудно, го извести Мавиптис.

Во тоа време во тој град случајно пристигна некој големец, член на врховниот царски совет, на име Дар. Двајцата властодржци Дар и Мавиптис заедно го сослушаа таткото, кој се жалеше од својата ќерка и ги обвинуваше христијаните дека божем се собрале против него и сакале да го убијат со камења. Велможата Дар испрати кај девицата Сира неколку угледни луѓе да ја прашаат зошто ја оставила волхвовската мудрост, и притоа им нареди да ја советуваат, ветувајќи и царски подароци. Ако пак не ги послуша да ѝ соопштат дека ја очекуваат страшни маки.

Додека пратениците ја распрашуваа смирено, блажената Девица одговори:

- Јас сакам да појдам кај оној кој ве испрати, да му раскажам за својата вера во Христос, но бидејќи вие сте дошле кај мене, слушнете ги моите зборови. Ја примив христијанската вера затоа што увидов дека е права и вистинска, бидејќи таа Го признава како Творец на се единиот Бог, семоќниот и бесмртен, а пак вашите волшепства и служењето на идолите го намразив, бидејќи вие признавате многу богови, но сите тие се бездушни и немоќни. Кажете му на оној што ве испратил: внимавај да не го изневериш своето ветување, во кое ми вети лути маки, зашто сум спремна да страдам и да умрам за мојот Бог Христос.

Велможата Дар многу се разгневи од ваквиот одговор на девицата Сира и нареди да ја одведат во народната темница, да ја оковаат и да ја затворат во темна и мрачна ќелија, без леб и вода. Остана таму светата маченица три дена и три ноќи, без можност да се помрдне. По три дена ја изведоа и ја прашаа дали се предомислила, но таа остана цврста во верата Христова. Тогаш ја осудија да биде фрлена во длабока, мрачна и смрдлива јама, но претходно да ја оковаат во тешки железни окови. Кога ја ставија во оковите и сакаа да и ги заковат клинците, тоа никако не им успеваше. Маченицата ги осени со крсниот знак и тогаш успеаја. Но, непријателите Христови не ја сфатија чудесната сила на светиот крст и свирепо ја оковаа светата маченица, и ја свиткаа главата кон нозете и така ја фрлија во јамата.

Но, Господ Христос, Кој не ги остава оние кои Го љубат, веднаш и испрати утеха на Својата слугинка. Ја осветли небесна светлина, железните окови паднаа од неа и смрдеата се претвори во благомирис. Таа беше во јамата како во палата и се радуваше и Го славеше Бога. Христијаните од тој град се собраа со својот епископ во црквата и со солзи се молеа Бог да ја поткрепи храбро да го заврши својот подвиг. Маченицата помина во тој ров петнаесет дена. Никој не очекуваше дека ќе остане жива. Во тоа време зафати суша и меѓу народот се зборуваше дека тоа е гневот Божји за невината девица Сира. И ропташе народот против жреците и маговите. По петнаесет дена нечестивите судии дознаа дека Сира е жива во јамата и разрешена од оковите. Тоа многу ги запрепасти и наредија повторно да ја затворат во народната темница. Штом ја извадија од јамата веднаш заврна силен дожд и обилно ја напои земјата. А меѓу народот се зборуваше дека Бог испрати дожд затоа што девицата Сира ја извадија од јамата.

Господ ѝ даде на својата слугинка Сира и дар на чудотворство: да исцелува болести и да истерува демони. Кај неа во темницата доагаа многумина за исцелување. Се исцелуваа од своите болести само со допирот до нејзината облека или окови, а ѓаволите не можеа да ѝ се доближат. По некое време настапи празникот востановен во чест на светите маченици кои порано пострадаа во Персија. Овој празник се славел еднаш годишно во црквата која се наоѓаше надвор од градот. Светата маченица посака да биде таму на сеноќното богослужение. Тогаш еден богољубив христијанин им даде на стражарите злато да ја пуштат преку ноќта, со ветување дека пред зори повторно ќе ја врати. Светата се преоблече, отиде во црквата, застана во аголот на притворот и ја слушаше црковната служба. На тој празничен собир имаше и една бесомачна жена. Штом таа се приближи до светата девица, ѓаволот силно викна од неа дека маченицата Сира дошла во црквата и го брка. А кога луѓето започнаа да ја бараат по црквата, таа веднаш замина. Толку се плашеа ѓаволите од неа, што не можеа да и се доближат.

Во една од наредните ноќи повторно беше пуштена од темницата, та отиде кај епископот, кој ја крсти во црквата во близина на градот.

Потоа Мавиптис и останатите со него се договорија да ја испратат кај царот, па и ставија печат на вратот, за да не биде предадена друга жена наместо неа. Тој печат беше таков што не можеше да се симне од вратот, освен заедно со главата. Војниците ја одведоа во градот Алиак, каде во тоа време се наоѓаше царот. Му ја предадоа на градоначалникот заедно со писмен извештај за нејзината вина и за тоа од каков род е и какви мачења поднела. Градоначалникот најпрвин кротко ја советуваше, а потоа започна да ѝ се заканува со маки. Но кога виде дека не го слуша, ја преоблече во некакви крпи, па ја предаде под стража на евреите, знаејќи дека тие се големи непријатели на христијаните.

Евреите ја затворија во мрачна одаја и ѝ даваа само по едно многу мало парче јачменов леб, колку да не умре од глад. Притоа секој ден ја навредуваа и хулеа на Господ Христос, велејќи:

- Каде е тоа што се раскажува за тебе, дека оковите сами паѓаат од тебе? Да видиме како ќе се спасиш сега!

Но еден ден, додека така ја исмеваа, таа ги крена очите кон небото, воздивна длабоко, се помоли на Господа и во тој миг пред очите на евреите паднаа од неа сите окови и тие останаа зачудени.

Светата маченица остана кај евреите единаесет дена, па градоначалникот нареди да ја одведат кај него. Кога виде дека и понатаму е непоколеблива во својата вера, ја испрати кај архиволхвот кој бил заедно со царот, доставувајќи му за неа се што знаел. Архиволхвот ја праша:

- Зошто си ја отфрлила нашата вера, која и царевите и кнезовите чесно ја почитуваат, е распространета насекаде, поседува се и ги збогатува оние што ја чуваат? Зошто си им пристапила на христијаните, кои се нечесни, бедни и од сите презрени и намразени?

Светителката бестрашно одговори:

- Каде се сега венците на вашите изумрени цареви? Каде е славата на кнезовите? Ете, сето тоа пропаднало! И царевите и кнезовите како трева цветаа кратко време, свенаа и во вечната смрт потонаа, зашто Богот вистински, Творецот на сѐ, не Го познаа, на Господарот на животот и смртта не Му се поклонија, туку тварта ја почитуваа како бог, им се клањаа на огнот, водата, сонцето, месечината и ѕвездите. А христијаните поради страдањата што ги трпат од вас во овој живот, ќе се здобијат со вечен, а поради привременото срамотење ќе наследат вечна слава.

Архиволхвот се разјари и започна подробно да ја испрашува каде била порано. Кога дозна какви окови и маки поднела и била на чување кај евреите, нареди повторно да ја дадат кај нив на затворско чување, со заповед будно да внимаваат никој од христијаните да не доаѓа кај неа. Евреите ја зедоа и три дена зверски ја мачеа слугинката Христова со разни маки. А кога еден царски големец, поставен од царот за надзорник на сите темници и затвореници дозна за неа, ја зеде од евреите и ја смести во својата темница. Го стори тоа за добивка, бидејќи кај христијаните имаше обичај со злато и сребро да купуваат од стражарите дозвола да можат да ги посетуваат затворениците кои страдаа за Христа. Така и некои христијани купија дозвола и ја посетија. Кога ја видоа цврсто окована во синџири како лежи на голата земја, ѝ донесоа постела за макар малку да ѝ ги олеснат маките. Но, еден од стражарите ѝ пријде, ја фрли од постелата и многу ја повреди, зашто синџирите и се зарија во месото. Во тој час оковите сами паднаа од неа, на што сите присутни се восхитија.

Во тие дни царот тргна во друг град, викан Ресанкусадон. Со него појдоа и сите персиски велможи и архиволхвот. По целиот пат светата маченица се молеше на Господа, пеејќи Давидови псалми. Војниците многу пати ѝ наредуваа да замолкне, па ѝ ставаа и најтешки окови, но таа не престануваше да пее и да Му благодари на Бога. Кога стигнаа на местото Карс, архиволхвот со останатите судии ја изведе на измачување и ѝ рече:

- Ти дадовме доста време за размислување. Кажи ни што одлучи.

Светителката одговори:

- Многу пати изјавив дека сум христијанка, слугинка на мојот Господ Исус Христос, Кого Го љубам, Му служам и за Него сакам да умрам.

На тоа архимагот рече:

- Кажи ни зборови од жречевската мудрост кои најнапред ги научи.

Светата започна гласно да изговара молитвени зборови кон Бога од Давидовите псалми.

Многу разгневен од тоа, архимагот нареди да и ја раскинат облеката и гола да ја изведат на испрашување, па ја праша:

- Зарем не се срамиш сега?

Светителката одговори:

- Од што да се срамам? Не сум разбојник, ниту блудница, ниту сум сторила некакво зло. Иако ме лишивте од облеката, јас имам облека пресветла, негнилежна, вечна на небото, подготвена од мојот Господ, поради Кого сега сум разголена.

Додека светата така зборуваше, кнезот на Хузаинската земја, кој седеше со архимагот, рече:

- Таа е бесомачна.

Маченицата одговори:

- Не јас, туку ти си бесомачен, бидејќи им служиш на бесовите. Ако сакаш ќе те осенам со крсниот знак на челото и од тебе ќе излезе бесот, ќе се просветат твоите душевни очи и ќе ја познаеш вистината.

Тогаш сите присутни извикаа:

- Таа заслужува смрт, бидејќи хули на боговите, го понижува царот и ги исмева кнезовите.

Ја осудија маченицата на смрт и повторно и ставија печат на вратот, за да не биде усмртена друга наместо неа. Не сакаа да ја изведат на погубување истиот ден, зашто некои мислеа дека не треба да ја убијат на тоа место, бидејќи имаше многу христијани, кои би можеле да предизвикаат метеж и неред. Затоа повторно ја предадоа на оној големец, надзорникот на темниците. Тој ја окова и ја чуваше со останатите затвореници.

Потоа царот отпатува во градот Ветармаис, каде се задржа некое време. Таму беше одведена и светата маченица и ставена во темница, во која тешко се разболе и ја очекуваше смртта. Таа со солзи Му се помоли на Господа да не умре на таков начин и да биде лишена од маченичкиот венец, туку да ја удостои да заврши маченички. Господ ја услиша нејзината молитва.

Потоа еден од стражарите на темницата, поттикнат од ѓаволот на телесен грев, го замоли својот старешина за дозвола да изврши блуд над светата девица. Старешината му дозволи и тој пристапи кај невестата Христова, но Господ, чувајќи ја слугинката Своја, невидливо на тој похотливец му ги порази очите, ушите и јазикот, та стана слеп, глув и нем, падна ничкум на земјата и започна да испушта страшни крици. Старешината пак, наместо да се исплаши, да ја познае силата Божја и да го казни стражарот за дрскоста, самиот намисли да го изврши тој грев. Светата девица му рече:

- Јас сум свршена за небесниот Цар и Он нема да дозволи Неговата невеста девственичка да биде осквернета.

Но, старешината не обраќаше внимание на нејзините зборови. И кога сакаше бесрамно да и се приближи, го порази ангел Божји и тој падна на земјата како мртов. Слугите го одвлекоа оттаму и тој одвај си дојде на себе. Но и по таквата казна Божја остана непоправлив. Многу бесен, одлучи веднаш да ја погуби маченицата, зашто му беше наредено да ја погуби како што сака. Не сакаше да ја погуби со меч, туку намисли да ја задави со јаже. Затоа повика ковач да и ги симне оковите, но светата девица му рече:

- Овде не е потребен ковач.

И веднаш оковите сами паднаа од неа. Сите се восхитуваа на тоа, но сепак не ја познаа силата Божја. Старешината нареди повторно да и ги врзат рацете, за да не се брани кога ќе ја задават. А таа му рече:

- Откажи се од твоите бесмислени предлози, зашто јас доброволно се предавам на смрт за мојот Бог.

Тогаш незнабошците и ја ставија јамката околу вратот и започнаа да ја затегнуваат. Кога беше на издивнување, тие малку попуштија и рекоа:

- Ако се откажеш од христијанската вера ќе останеш жива.

Маченичката им одговори:

- Извршете го нареденото.

Тие повторно започнаа да ја стегаат. И кога по втор пат ја прашаа дали ќе се одрече од Господ Христос за да остане жива, таа им го повтори истото. Тогаш мачителите ја затегнаа јамката од двете страни, додека не ја усмртија.

Така светата девица маченица Сира се упокои за својот Господ Христос. Нејзиното чесно тело мачителите не сакаа да го погребаат, туку решија да го дадат на кучињата. Затоа го однесоа од темницата во една куќа, собраа таму многу кучиња, ја затворија вратата и го фрлија телото. Но, кучињата не се допреа до него. Тогаш незнабошците ноќе го исфрлија телото од куќата, а христијаните го зедоа и чесно го погребаа, славејќи Го Отецот, Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бога, Кому и од нас чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин".

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТАТИОН (ТАТИЈАН)

Овој свет маченик беше родум од Мантинеја, близу Клавдиопол во Витинија. Фатен од незнабошците заради верата во Христа, тој беше доведен во градот Клавдиопол пред управителот Урбан, каде изјави дека е христијанин, поради што беше ставен во темница. При повторното испрашување се истакна непоколеблив во верата Христова, за што најпрвин го тепаа со мотки, па потоа му го стругаа телото со железни нокти. Потоа го положија на земјата и го влечеа низ градот. Кога го довлекоа до градската капија, тој се прекрсти и слушна од висините божествен глас, кој радосно го известуваше дека го очекуваат богатства подготвени на небото. Така Ја предаде својата душа во рацете на Бога, од Кого доби венец на победата.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ГЕОРГИЈ ЛИМНИОТ,

исповедникот

Блажениот Георгиј уште од рана младост го засака осаменичкиот живот и се повлече на гората Олимп. Таму изврши многу подвизи. А кога иконоборниот цар Лав 3ти Исавријанин започна да ги уништува светите Икони и да ги спалува светите Мошти, преподобниот Георгиј бестрашно го исповедаше Православието. Тој ја изобличи непобожноста и безбожноста на насилникот, ја објави вистинската вера и молитвеното почитување на светите Икони. Поради тоа беше подложен на многу страшни маки и тоа во длабока старост, бидејќи тогаш имаше деведесет и пет години. Најпосле му го отсекоа носот и му ја гореа чесната глава. Сите тие маки тој јуначки ги поднесе. Со благодарност и молитви кон Бога ја предаде својата душа во рацете Божји.

СПОМЕН НА ПРЕНОСОТ НА МОШТИТЕ НА СВЕТИ ДИОНИСИЈ,

архиепископот Егински

Свети Дионисиј се слави на 17 декември, каде опширно се зборува за неговиот богоугоден живот. На денешен ден се слави преносот на неговите свети и нетлени мошти од островот Строфадон на неговиот роден остров Засинт (во Јонското Море), во 1716 година.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АРСЕНИЈ КОМЕЛСКИ

Преподобниот Арсениј беше родум од Москва, од род на големци. Како момче прими монаштво во обителта на свети Сергиј Радонежски. Како примерен монах беше избран за игумен, но чезнеејќи за молитвена осаменост, тој се оддалечи во Комелската шума, каде се подвизуваше се до смртта, борејќи се храбро со големите демонски искушенија. Се упокои во Господа во 1550 година.