07. Септември (25. Август)
ПРЕНОС НА ЧЕСНИТЕ МОШТИ НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ ВАРТОЛОМЕЈ
По страдалничкиот крај на свети апостол Вартоломеј, во ерменскиот град Албана, верните го зедоа неговото чесно тело во оловен ковчег и го положија во истиот град. Од моштите на светиот Апостол биваа чудеса, поради што многу од неверните се обраќаа кон Господ Христос.
Но, жреците, тие гнасни и свирепи ѓаволски слуги, додека слушаа за тие чудеса, па дури и со свои очи ги гледаа, не само што не ја познаа силата Божја, туку се гневеа и беснееја против чесните мошти на Апостолот. Понесени од омраза и јарост, тие го зедоа оловниот сандак со моштите и го фрлија во морето. Истовремено фрлија уште четири ковчега со моштите на четирите свети маченици Папијан, Лукијан, Григориј и Акакиј. Овие ковчези наместо да пропаднат во морето, како кораби пловеа по површината на водата, носејќи ги во себе непроценливите ризници. Особено ковчегот на свети апостол Вартоломеј, иако оловен и тежок, на натприроден начин стана лесен и, управуван од семоќниот Бог, пловеше како кораб среде останатите маченички ковчези, така што два се наоѓаа од неговата десна страна а два од левата, заради почести на Апостолот. Пловејќи така на чудесен начин, ковчезите допливаа до Тракискиот Босфор во Пропонтида. Поминаа низ Хелеспонтскиот мореуз, па ги препливаа Егејското и Јонското Море и стигнаа до Сицилија. Оставајќи ја Сиракуза од лево, се упатија кон запад и допловија до Липарските острови. Тука апостоловиот ковчег застана на брегот, а ковчезите на останатите свети маченици се разделија со него и секој тргна на своја страна, според Божјата желба. Ковчегот на Папијан отиде во Сицилија, на Лукијан во Месина, на Григориј во Калабрија, а на Акакиј во градот Аскалус.
За сето тоа беше известен липарскиот епископ Агатон, кому светиот апостол Вартоломеј му се јави во божествено јавување. Епископот со клирот излезе на морскиот брег, ги најде моштите на светиот Апостол и со радост говореше:
- Од каде кај тебе, о, Липаре, дојде такво непроценливо богатство? Навистина сега се возвелича и прослави. Ликувај и играј, примајќи го на своите раце големиот застапник и молитвеник пред Бога, кој те посети и воскликни му: Добро ни дојде, добро ни дојде, апостолу Господов!
И сите се восхитуваа како оловниот ковчег со моштите на светителот препливал толку долг морски пат, очигледно раководен со силата Божја. Сите ја славеа големината Божја. Потоа свечено, со пеење на псалми го однесоа ковчегот во црквата, каде што од моштите потече миро, со кое се исцелуваа неизлечиви болести.
Чесните мошти на апостолот Христов Вартоломеј останаа на тој остров долго време, се до царувањето на Теофил иконоборецот. Во негово време, поради гревовите човечки, со допуштање Божјо агарјаните го поробија островот Липар. Тогаш кнезот Сикард, поглавар на градот Беневент, кој одамна беше слушал за чудесата на Христовиот апостол, поттикнат од топла вера кон него, повика морнари од градот Амалфија, им вети голема награда и ги замоли да му ги донесат моштите на Апостолот од островот Липар.
Кнезот ги пречека со епископот и мноштво народ на брегот, со радост ги прими и чесно ги внесе во градот Беневент. Ги положи во големата црква и свечено го отпразнуваа овој настан. Од тоа време беше востановен празник во чест на преносот на чесните мошти на светиот апостол Вартоломеј, во дваесет и петтиот ден на месец август. Од нив се даваа исцеленија на најразлични болни, по молитвите на светиот Апостол а со благодатта на нашиот Господ Исус Христос.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ ТИТ,
еден од Седумдесетмината
Свети апостол Тит е роден на Крит од високородни родители, кои водеа потекло од критскиот цар Мироа, но беа зловерни во идолопоклоничкото незнабожие. Во почетокот и самиот Тит беше таков и во млади години со голема ревност ги изучуваше елинските науки, делата на древните философи и стихотворци, како на пример Хомер и останатите. Но, сепак, тој водеше непорочен и целомудрен живот. Иако не Го познаваше вистинскиот Бог, сепак беспрекорно ја чуваше девствената чистота на своето тело, како што подоцна за него сведочи свети Игнатиј Богоносец во своето послание до Филаделфијците, нарекувајќи го Тит девственик. И Бог, Кого не Го познаваше со верата, Тит Го почитуваше со делата и Му угодуваше. Кога наврши дваесет години, тој слушна глас од небото: „Тите, ти треба да заминеш одовде и да ја спасиш својата душа. Елинското учење не води кон спасението“.
Тит сакаше овој глас да го слушне и по втор пат, зашто знаеше дека понекогаш и од идолите биваат гласови и зборови. Сега повеќе тој не сакаше да им верува на идолите. По една година доби во сон наредба од Бога да ги прочита еврејските книги. По тоа сновидение најде книга од светиот пророк Исаија и застана на 41 глава, која започнува вака: „Замолкнете пред мене, острови, и народите нека ги обноват силите свои...“ Читајќи ја оваа глава, Тит најде во неа некои зборови, кои како Самиот Бог да му ги упатува нему: „Ти си Мој слуга, Јас те избрав и нема да те отфрлам. Не плаши се, Јас сум со тебе. Не лажи се, Јас сум твојот Бог (ст. 9, 10); Јас сум твојот Бог, те држам за твојата десна рака и ти зборувам (ст. 13)“. На крајот пак на главата тој за идолската измама го прочита ова: „Меѓу нив не се најде советник, за да можам да ги прашам и тие да одговорат. Бидејќи меѓу вас се оние што ги прават и што ве мамат. Ветар и ништожност се нивните идоли (ст. 28, 29)“.
Овие и други зборови од книгата на пророкот Исаија за Тит беа како клуч кој што ја отвори вратата на неговиот ум кон познанието на единствениот вистински Бог, кон разбирањето на идолската измама и заблудата на незнабоштвото. Од тогаш срцето на Тит гореше за Богот Кого евреите Го почитуваа.
Во тоа време на островот Крит, каде што живееше Тит, се пронесе глас за Христа Бога, Кој се јавил во тело, живее меѓу луѓето во Ерусалим и врши прекрасни и неискажани чудеса. Славата за Него беше низ сите краеви од земјата. Царскиот намесник на Крит, кој му беше вујко на Тит, се договори со угледни луѓе и го испрати благоразумниот Тит, како способен, добро да разбере што зборува устата Христова и да разговара со Него, па да се врати и подробно да им изложи се што самиот дознал за Христос.
Тит отпатува во Ерусалим, Го виде Господ Христос, Му се поклони и Го следеше Него и учениците Негови, мешајќи се со народот кој одеше по Господа. Беше очевидец на чудесата кои ги вршеше Христос, го виде и спасоносното страдање Христово, а се увери и во Воскресението Негово. А пак по Вознесението Господово, кога Духот Свети слезе врз Апостолите во вид на огнени јазици и тие започнаа да зборуваат на разни јазици, Тит ја слушна нивната беседа и на критскиот јазик и се чудеше, како што пишува за тоа во Делата Апостолски: „Дојдените од Крит (меѓу кои беше и Тит) и арапите, восхитувајќи се и чудејќи се, си зборуваа: Ги слушаме како зборуваат на нашите јазици за големината Божја“ (Д.А. 2, 1). Подоцна Тит сето тоа го раскажа во својата татковина Крит.
Блажениот Тит зеде учество и во апостолската служба. Кога вратите на верата се отворија и за незнабошците (Д.А. 14, 27) и беа крстени најпрвин Корнилиј капетанот, а потоа и останатите елини, тогаш и Тит, по потекло од необрезани незнабошци, прими крштение од светиот апостол Павле, поранешниот Савле. Иако и пред тоа веруваше во Господ Христос, Тит досега не беше крстен поради тоа што Апостолите во прво време не примаа во Црквата необрезани, а и самиот не сакаше да се подложи на старозаветното обрезание, кое христијанските евреи на почетокот го барале од сите незнабошци, кои стапувале во христијанската вера. Притоа зборувале дека без обрезание никој не може да добие спасение, како што стои напишано за тоа во Делата Апостолски.
Некои, слегувајќи од Јудеја ги учеа браќата: Ако не се обрезате според Мојсеевиот обичај, не можете да се спасите (Д.А. 15, 1). Таквите роптаа и против светиот врховен апостол Петар заради крштевањето на Корнилиј капетанот и се препираа со него што влегол кај луѓе кои не се обрезани и ручал со нив (Д.А. 11, 2-3). Кога пак светите Апостоли извршија претрес по тоа прашање, на Соборот во Ерусалим донесоа одлука според која незнабошците се ослободуваат од обрезанието (Д.А. 15, 1-31). Тогаш и блажениот Тит пристапи да се крсти за што и апостол Павле спомнува во посланието до Галатјаните, велејќи: Ни Тит, кој беше со мене, и беше елин, не беше натеран да се обреза (Гал. 2, 3).
По крштението Тит од останатите главни Апостоли беше посветен на апостолска служба, вброен во седумдесетмината мали апостоли и испратен од свети апостол Павле на проповедање на словото Божји меѓу незнабошците. Свети Тит го следеше свети Павле не само како ученик учителот, туку и како саканиот син таткото. Апостол Павле го нарекува Тит свој син, што се гледа од неговото послание до самиот Тит, во кое свети Павле вели: „До Тит, вистинскиот син, благодат и милост“ (Тит 1, 4). Патуваше свети Тит понекогаш со свети Павле, а понекогаш Апостолот го испраќаше сам на проповед. Така на пример го испрати во Далмација, за што светиот Апостол спомнува во посланието до Тимотеј, велејќи: „Тит во Далмација (2Тимотеј 4, 10), односно беше испратен од мене на проповед на Евангелието во далматинските градови“. Понекогаш свети апостол Павле го испраќал Тит со своите апостолски посланија, како на пример до Коритјаните, на кои им пишува: „Го умолив Тит и со нив го испратив братот“ (2 Кор. 12, 18). Им го пишува и ова: „Ние го умоливме Тит онака како што започнал, така и да ја заврши оваа благодат и меѓу вас“ (2 Кор. 8, 16). А го додава и ова: „Му благодарам на Бога Кој дал таква грижа за вас во срцето на Тит“ (2 Кор. 8, 16). Нема сомнеж дека Павловата духовна љубов во Христа спрема Тит е огромна, бидејќи го нарекува и син и брат свој. А кога Тит се задржа на патот, апостол Павле тагуваше за него, зборувајќи си во себе: „Кога дојдов во Троада да го проповедам Евангелието Христово и ми се отворија вратите во Господа, немав мир во духот, кога не го најдов Тит, братот свој“ (2 Кор. 1213). И колку што големиот Апостол тагуваше без Тит, толку духовно се утешуваше од неговото присуство, зашто вели: „Не утеши Бог со доаѓањето на Тит“ (2 Кор. 7, 6). Уште вели: „Уште повеќе се израдувавме со радоста Титова“ (2 Кор. 7, 13), Посетувајќи многу земји со проповедањето на Евангелието Христово, светите Апостоли дојдоа на Крит, татковината Титова. Тогаш на Крит царски намесник беше Рустин, сопруг на сестрата Титова. Кога ја слушна апостолската проповед за Христа Бога, тој отпрвин се потсмеваше. Но, кога неговиот мртов син беше воскреснат од страна на апостол Павле, Рустин поверува во Христос и прими свето крштение со сиот свој дом. И многу други од незнабошците на тој остров ја примија Светата Вера и крштението. А свети Павле го постави блажениот Тит за епископ на островот Крит и останатите околни острови, му ги довери новопросветените христијани и го остави таму, а самиот отпатува во други земји на проповед. Кога дојде во Никопол, свети апостол Павле напиша послание до свети Тит, во кое го поучуваше на добро управување и му пишуваше: „Затоа те оставив на Крит, за да го довршуваш несвршеното и во сите градови да поставиш свештеници, како што ти бев заповедал“ (Тит 1, 5). Објаснувајќи ги овие зборови на Апостолот, свети Златоуст вели: „Меѓу оние што биле со Павле, Тит бил најспособен“. Бидејќи ако не бил најспособен, Павле не би му го доверил целиот остров и не би му наредил да го доврши недовршеното. Не би потчинил под неговиот суд толку епископи ако немал голема доверба во овој маж. А бидејќи свети Павле имал намера да се задржи во Никопол, повторно го повика кај себе Тит, пишувајќи му го посланието: „Кога ќе ги испратам кај тебе Артем и Тихик, побрзај да дојдеш кај мене во Никопол, зашто решив таму да презимувам“ (Тит 3, 12). И свети Тит отиде кај него во Никопол, остана со него кратко време и повторно беше вратен од Павле на Крит.
Потоа свети Павле беше фатен во Ерусалим, ставен во окови и испратен во Рим. Кога слушна за тоа свети Тит тргна за Рим да го види страдалничкиот подвиг на својот учител. Тит остана во Рим до смртта на свети апостол Павле. По отсекувањето на неговата чесна глава од страна на Нерон, Тит го погреба чесното тело на својот учител, па повторно се врати кај својата паства на Крит. Својот архиерејски престол свети Тит го имаше во еден од најдобрите Критски градови, наречен Гортин. Блажениот Тит се трудеше непрестајно обраќајќи ги кон Христа елините од нивната заблуда, поучувајќи ги со зборови и утврдувајќи ја нивната вера со чудеса.
На островот Крит имаше познат идол на богињата Дијана. На поклонение на овој идол доаѓаа многу елини и му принесуваа жртви. Еднаш свети Тит отиде на тоа место за време на едно незнабожечко празнување и на насобраните незнабошци започна да им го зборува словото Божјо, советувајќи ги да ја увидат идолската измама и да се обратат кон вистинскиот Бог. Но, бидејќи народот не обрнуваше внимание на неговите зборови, свети Тит се помоли на Господа, и веднаш падна тој идол и се претвори во прав. Тоа ги запрепасти сите и тој ден во Христа поверуваа петстотини души. Исто така, кога по наредба на римскиот цар на Крит се градеше голем идолски храм во чест на одвратниот бог Зевс и градбата беше веќе при крај, апостолот Христов Тит, минувајќи покрај тоа место Му се помоли на вистинскиот Бог и тој храм одеднаш падна и се сруши до темел. Поради тоа чудо многу елини се обратија кон Христа и изградија прекрасна црква во име на Господ Исус Христос, вистинскиот Бог.
Свети Тит ги просвети островот Крит и околните острови со светлината на Светата Вера и веќе во длабока старост се престави кај Господа во деведесет и четвртата година од својот живот. На умирање тој виде ангели од небото како доаѓаат да ја земаат неговата душа и неговото лице заблеска како сонце. На оној што животот му беше светлина за светот, на тој и смртта му беше почестена со осветлување од нашиот Спасител Христос.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ЕДЕСКИ ИСПОВЕДНИЦИ
По многуте гонења против христијаните од страна на идолопоклоничките цареви и мачители, Црквата Христова доби слобода во времето на големиот цар Константин и започна да цвета во мир и тишина. Меѓутоа, под дејство на ѓаволот против неа беше кренато ново гонење, сега не од идолопоклониците туку од зловерните христијани, кои залутаа во ереси. По смртта на царот Константин христохулната ерес на Арија многу зајакна, најпрвин за време на царувањето на Константиновиот син Констанциј, па потоа за време на царувањето на Валент, зашто и двајцата се држеа до Ариевото зловерие, и за време на своето царување страшно ја гонеа Црквата Христова.
За време на владеењето на царот Валент и неговото злочестиво беснеење, кога правоверните архиереји беа протерувани од нивните престоли и на нивните места поставувани еретици, во градот Едеса епископ беше Варсис, правоверен и свет човек, кој јуначки се спротивставуваше на Аријанската ерес и имаше дар да ја исцелува секоја болест. Не можејќи да го поднесе овој свет маж, злочестивиот цар Валент го избрка од престолот и го испрати во заточение најпрвин на островот Арад. Потоа, откако слушна дека многу народ доаѓа кај него и го слуша неговото правоверно учење, го испрати оттаму во египетскиот град Оксиринт. Но, кога и тука светиот епископ се прочу со чудесата и учителството, Валент и оттаму го испрати во многу далечен град, наречен Фенон, во близина на варварите, каде овој светител и исповедник Христов се упокои со блажена смрт. А на островот Арад одарот кој остана после овој угодник Божји даваше исцеленија од болести. Болните од секоја болест, штом ќе полежеа малку на тој одар веднаш оздравуваа, а бесомачните се ослободуваа од нечистите духови.
Откако го прогони таквиот свет архиереј од престолот на Едеската црква, на негово место зловерниот цар доведе волк и по име и по нарав. Тој лажен архиереј се викаше Лупус. На тој начин наместо вистинскиот пастир, во стадото Христово влезе граблив волк во овчја облека на архиерејството. Но, правоверниот едески народ не сакаше да општи со тој лажен пастир, еретик, кој како „мерзост на запуштението“ (Мат. 24,15) беше старешина на свето место - во црквата, и луѓето излегуваа надвор од градот во полето, се собираа на отворено место и таму вршеа Божја служба како во храм, зашто ниту еден храм во градот не им беше даден на православните, туку сите беа затворени за нив, а со главните храмови господареа аријанците, по царска наредба.
Се случи еднаш самиот цар, патувајќи од Антиохија да дојде во Едеса. Откако таму дозна дека православните христијани се гнасат од аријанското зловерие и не сакаат да општат со споменатиот епископ Лупус, туку бегаат од него и се собираат надвор од градот на свои молитви, се налути на едескиот епарх Модест што му дозволува на народот да го прави тоа, му удри шлаканица и му нареди, утредента кога народот по обичај ќе се собере, да и нареди на војската сите да ги убие.
Иако доживеа таков срам од царот, сепак епархот, штедејќи го невиниот народ, тајно ги извести православните да не излегуваат утредента на молитва и богослужење, зашто ќе бидат убиени. Но православните ревносно станаа рано в зори и излегоа со жените и децата на вообичаеното место, со желба таму сите да ги положат своите души за Господ Христос. А епархот, извршувајќи ја царската наредба, кога се раздени се упати кон тоа место со војниците. На излегување на градската капија, тој здогледа една жена како излезе од својата куќа и во брзање не ја затвори вратата зад себе. Неуредно облечена со детенце во рацете, таа плачела на глас и се трудела да ги одбегне неговите војници, итајќи надвор од градот. Епархот нареди да ја запрат и да ја доведат кај него, па ја праша:
- Кутра жено! Каде иташ толку рано и толку многу брзаш?
Жената одговори:
- Брзам во полето каде што се собираат христијаните.
Епархот ја праша:
- Зарем не си слушнала дека таму ќе дојде епархот и ќе ги убие сите што ќе ги затекне?
Жената одговори:
- Слушнав, па затоа и брзам, за заедно со нив да умрам за Христос.
Епархот ја праша:
- А зошто го носиш со себе тоа дете?
Жената одговори:
- Сакам моето дете заедно со мене да се удостои на мачеништво.
Кога го слушна тоа, епархот се восхити на таквата спремност на православните да умрат за верата и им нареди на војниците да се вратат назад, па отиде кај царот и му рече:
- Ако заповедаш да умрам, подготвен сум, но не можам да ја извршам наредбата што ми ја даде.
И му раскажа епархот на царот со какво усрдие жената со детето иташе надвор од градот во полето, сакајќи маченичка смрт и за себе и за своето дете. Го извести и за спремноста на сиот народ на смрт, зашто сите православни христијани со жените и децата беа подготвени да умрат за исповедањето на својата вера во Господ Христос.
- Невозможно е, - зборуваше притоа епархот, - да се присили едескиот народ да општи со епископот, па макар да ги убиеме сите до еден. И каква корист би имале од тоа? Тие за своето јуначко страдање ќе бидат славени од сите христијани, а нам ќе ни остане вечниот срам.
На тој начин епархот го одврати царот од колежот на народот, Царот нареди народот повеќе да не се злоставува, туку само свештениците, ѓаконите и останатите клирици, кои не општат со аријанскиот епикоп, да се земаат на иследување.
Потоа епархот ги повика кај себе сите едески духовници што се држеа до Православието, и најпрвин започна кротко да ги советува да се покорат на царската наредба и да општат со епископот Лупус. Притоа рече:
- Крајно безумие е тоа што вие како малубројни не го слушате царот, па дури и му се противите, иако владее со толку многу земји.
Сите молчеа додека зборуваше епархот. Тој му се обрати на најстариот презвитер Евлогиј и го праша зошто не му одговара, на што тој му рече:
- Бидејќи ни зборуваш на сите, јас не сакав прв да одговорам. Но ако лично мене ме прашаш за нешто, ќе ти одговорам.
Епархот праша:
- Зошто не се причестуваш со царот?
Блажениот Евлогиј, потсмевајќи се на еретиковото прашање, одговори:
- Зарем царот примил презвитерски чин, па да се причестувам со него?
Епархот се разгневи, го прекори светиот старец и рече:
- Безумнику! Зошто ја отфрлаш верата на царот и не општиш со оние кои општат со него?
Тогаш сите заедно со светиот старец Евлогиј ја исповедаа својата православна вера во Христос вистинскиот Бог, со природниот и совечен Отец и објавија дека се спремни да ги положат своите души за тоа исповедање. При тоа епархот со царска наредба зеде осумдесет духовници, и оковани ги испрати на заточение во Тракија.
Додека ги водеа овие Христови исповедници, верниот народ од градовите и селата излегуваше да ги пречека и со голема почит ги снабдуваше со се што им беше потребно. Еретиците веднаш го известија царот за тоа, па тој нареди протераните да ги разделат и по двајца да ги испратат на разни страни: во Тракија, во Арабија, во Египет и во други земји. Блажениот старец Евлогиј и со него чесниот презвитер Протоген беа одведени во тиваидскиот град Антиној, каде имаше малку христијани, а елините кои им се поклонуваа на идолите беа многу, многу повеќе. Таму светите презвитери поминаа долго време, ги исцелуваа луѓето од најразлични болести со името Христово и многу незнабошци приведоа кон христијанската вера и светото крштение.
Кога злочестивиот цар Валент загина и скиптарот на источното царство го прими благочестивиот Теодосиј, аријанската ерес се посрами и замолкна. Исчезна силата и насилничката власт на еретиците кои ја гонеа Светата Црква, а прогонетите исповедници Христови, кои се уште беа живи, добија слобода и се вратија во своите татковини, каде што православните архиереји ги примија своите престоли. Тогаш и споменатите двајца свети презвитери Евлогиј и Протоген се вратија од заточението во Едеса. Правоверните христијани ги зедоа од аријанците своите цркви, и бидејќи свети Варсис веќе беше отишол кај Господа за време на своето прогонство, свети Евлогиј беше поставен за епископ на градот Едеса. Протоген, пак, стана епископ на месопотамискиот град Карија. Обајцата ја красеа Црквата Христова и со зборови и со својот живот до денот на своето преставување. А ние со сите нив Го славиме Христа Бога, Спасителот наш, со Отецот и Светиот Дух славениот за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК САВА ВЕНИТАЛ
Овој свети маченик, непознат на останатите Синаксари, се спомнува единствено во Синајскиот кодекс број 631 од 10-11 век.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ МИНА, патријархот Цариградски
За време на царувањето на Јустинијан, свети Мина беше презвитер и хранител на патниците во гостоприемницата на свети Сампсон. Кога патријархот Антим беше симнат од престолот при еретичкото умување, свети Мина како правоверен и свет маж, со тоа и достоен на висока функција, беше поставен за патријарх од свети Агапит, папата римски, кој во тоа време беше дојден во Цариград.
Во времето на патријархувањето на свети Мина во Цариград се случи вакво чудо:
Некое еврејско момче беше влегло заедно со христијанските деца во црквата за време на причествувањето со Пречистите Тајни на Телото и Крвта Христови, и пристапувајќи со останатите деца се причести и тоа. А кога се врати дома, таткото го праша каде било и зошто задоцнило. А тоа, како дете, му ја кажа вистината дека било во христијанскиот храм и примило христијанска Причест. Кога го слушна тоа, таткото евреин страшно се разјари, го фати детето и го фрли во вжештената печка, во која правел стакло, зашто по занимање беше фабрикант на стакло. На својата жена не и кажа ништо за тоа. Мајката со солзи го бараше својот син насекаде. И довикувајќи го по име, на третиот ден пријде до вжештената печка и детето ѝ се одзва од печката. Таа со огромна мака го извлече од вжештената печка и го праша како останало живо досега во силниот оган, како не изгорело, а момчето ѝ одговори:
- Кај мене често доаѓаше една пресветла Жена, го разладуваше огнот и ми даваше вода. Таа ми носеше и храна кога бев гладен. Гласот за ова чудо брзо се пронесе по целиот град. За него дознаа и царот Јустинијан и светиот патријарх Мина. Потоа споменатото момче го крстија заедно со неговата мајка, а свирепиот татко, кој не сакал да се крсти, царот го предаде на суд како детеубиец и нареди да се казни со смрт. Свети Мина мудро управуваше со Црквата Христова шеснаесет години, па се престави кај Господа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОВАН 2ри КАПАДОКИЕЦОТ
Патријархувал од 518 до 520 година, а претходно бил презвитер и сингел на Големата Црква (Света Софија). Свети Фотиј го нарекува „живеалиште на доблестите“. Неговиот спомен се врши во патријаршиската Голема Црква.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЕПИФАНИЈ,
патријархот Цариградски
Бил патријарх од 520-та до 535-та година, во која и се упокоил.