09. Септември  (27. Август)

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ПИМЕН ВЕЛИКИ

Преподобниот Пимен беше родум египќанин. Заедно со своите двајца помали браќа тој отиде во еден од египетските општожителни манастири и се замонаши со нив. По неколку години и нивната мајка вдовица, поттикната од природната љубов спрема децата, појде кај нив со желба да ги види, но не можеше. Затоа застана во близина на црквата и го чекаше нивното доаѓање во црквата. Кога приближија таа им се јави, но тие брзо побегнаа од неа, влегоа во ќелијата и ја затворија вратата. Таа дојде пред вратата, започна да тропа и да ги повикува, плачејќи трогнувачки. Но, тие ниту и отвораа, ниту нешто и одговараа. Долго плачеше мајката пред вратата на нивната ќелија. Ава Анувиј го слушна тоа, па низ другата вратичка влезе кај нив и му рече на Пимен:

- Што ќе правиме со оваа старица? Ете веќе долго плаче и не заминува одовде.

Тогаш Пимен пријде до вратата и праша:

- Зошто плачеш, старице?

А таа, штом го слушна неговиот глас, рече:

- Сакам да ве видам, деца мои! Зарем јас не сум вашата мајка? Зарем не ве доев? Зарем не ве одгледав? Ете, сега сум веќе остарена и многу се потресов кога го слушнав твојот глас, а не можам да те видам. Многу сакам да ве видам, деца мои, пред да умрам.

Тогаш Пимен ја праша:

- Каде сакаш да не видиш? Овде, или во оној идниот живот?

Таа одговори:

- Ако не ве видам овде, деца мои, ќе ве видам ли таму?

Пимен и рече:

Ако благодушно претрпиш да не не видиш овде, тогаш се надеваме во Божјото човекољубие, дека ќе не видиш таму.

Задлабочена во тие зборови, таа одговори:

- Бидејќи навистина ќе ве видам таму, не сакам да ве видам овде.

И си замина многу радосна, повеќе сакајќи своите деца да ги види во идниот живот, отколку во привремениот.

Минувајќи ги деновите и годините во испоснички подвизи и живеејќи непрестајно во молитви, блажениот Пимен напредуваше во монашките добродетели и со помош Божја јуначки го совладуваше невидливиот непријател. Умртвувајќи го своето тело, кое војува против духот и заморувајќи го со многу трудови како роб го потчини на служење на духот, па се искачи на врвот на бестрастието и стана голем меѓу пустинските отци, како совршен во доблестите.

По некое време поглаварот на таа земја изрази желба да го види отец Пимен и испрати кај него гласник со молба да му дозволи да дојде кај него. Старецот многу се вознемири, размислувајќи во себе:

„Ако велможи започнаат да доаѓаат кај мене и ми укажуваат почитување, тогаш и од народот многумина ќе започнат да доаѓаат кај мене и да ме вознемируваат, да го нарушуваат моето безмолвие, моето молитвено тихување, па ќе се лишам од благодатта на смирението што со Божја помош го стекнав со голем труд од младоста. Така ќе паднам во мрежата на гордоста“.

Така размислувајќи во себе, преподобниот одби да го види поглаварот и го замоли преку неговиот гласник да не му доаѓа зашто нема да го види, туку напротив ќе го избрка.

Кога го слушна ваквиот одговор, кнезот многу се нажали и рече:

„Заради моите гревови јас не се удостоив да го видам човекот Божји“.

Сепак, од голема желба некако да го види светиот старец,  кнезот прибегна кон вакво лукавство: го зеде синот од старчевата сестра, како за некаква вина, го стави во темница, надевајќи се дека старецот ќе дојде кај него да посредува за својот внук и така ќе го види. Притоа кнезот им рече на своите слуги:

- Ако дојде ава Пимен, веднаш ќе го ослободам момчето. Ако пак не дојде, нема да го оставам без казна, зашто неговата вина е огромна.

Кога го слушна тоа мајката на момчето, сестрата Пименова, веднаш отиде во пустината кај брата си, застана пред неговата отшелничка ќелија, започна да тропа на вратата и со големо ридање го молеше да појде кај кнезот и да го ослободи нејзиниот син. Светиот старец ниту и ја отвори вратата, ниту нешто и проговори. Но, сестрата, бидејќи долго време тропаше со вапајно преколнување и не беше услишана, започна да го грди старецот и да го навредува, зборувајќи:

- Немилосрден, нечувствителен, нежалостив, безбожен, ѕвероподобен! Како не те трогна моето вапајно ридање? Мојот син единец се наоѓа во смртна опасност!

Тогаш старецот испрати еден ученик да и каже: „Заминувај одовде! Пимен нема деца и затоа не му е жал. И се врати сестрата горко плачејќи и колнејќи го брата си.

Кога слушна за тоа, кнезот им рече на своите пријатели: „Кажете му на старецот да ми напише барем молбено писмо и јас ќе го ослободам неговиот внук од темницата“.

Многумина го советуваа светиот старец да му напише писмо на кнезот. И старецот му напиша вака:

„Твојата власт нека нареди добро да се иследи вината на момчето, па ако кај него се најде нешто што заслужува смрт, тогаш нека умре, за преку времената смртна казна да ги одбегне вечните маки. Ако пак се најде дека неговата вина не заслужува смрт, тогаш казнете го според законот, па ослободете го.

Кога кнезот го прочита ваквото старчево писмо се восхити на доблесното мудроумие и расудување негово, и откако увиде дека тој е вистински угодник Божји, веднаш го ослободи момчето. А преподобниот Пимен, одбегнувајќи ја овоземната слава и човечките почести, отиде на друга страна и многу години скиташе по разни места. Потоа повторно се насели во Египетската пустина и остана во неа до староста, угодувајќи му на Бога со подвижничките трудови. Свети Пимен беше отец на многу иноци.

Поучувајќи ги своите ученици на смиреноумието, бидејќи и самиот беше смиреноумен, преподобниот Пимен им ја наведуваше како пример повеста за некој (можеби за него самиот) старец, говорејќи:

„Не така одамна еден монах египќанин живееше близу Цариград во едно пусто место во мала ќелијка. Се случи еднаш оттука да минува благочестивиот цар Теодосиј. Штом дозна дека тука живее монах, царот ја остави сета своја придружба, се преоблече во прост војник и се упати кон старчевата ќелија. Кога царот затропа на вратата, инокот отвори и го прими како прост војник. Откако сотворија молитва, тие седнаа и царот праша:

- Како се подвизуваат отците кои живеат во Египет?

Монахот одговори:

- Сите Му се молат на Бога за вашето спасение.

Разгледувајќи низ ќелијата, царот не виде ништо во неа освен корпа што висеше на зидот и во неа малку сув леб. И му рече царот на старецот:

- Оче, благослови ме да каснам малку.

Старецот веднаш нали вода во еден сад, принесе сол и парче сув леб и јадеа двајцата. Потоа старецот донесе барде со вода и му даде на царот да пие. После тоа царот го запраша старецот:

- Знаеш ли кој сум јас?

Тој одговори:

- Не знам, господине, Бог те знае.

Царот му рече:

- Јас сум царот Теодосиј.

Старецот веднаш му се поклони. Потоа царот рече:

Блажени сте вие монасите, зашто сте слободни од грижите на овој свет и водите мирен живот. Се грижите само за спасението на своите души, како да го добиете вечниот живот и небесните богатства. Вистината ти ја зборувам дека јас, роден во царската палата и сега цар, никогаш толку слатко не сум јадел леб и не сум пиел вода, како што сега јадев и пиев со огромно задоволство.

Старецот на тоа рече:

- Тоа е затоа што ние монасите сите наши јадења ги подготвуваме со молитва и благослов. Поради тоа и најпростата храна станува вкусна. А по вашите домови подготвувањето на јадењата се врши без молитва, притоа со многу трчкарење и празни разговори. Поради тоа вашите јадења не го добиваат благословот кој би ги направил вкусни.

Откако му даде целив на старецот, царот си замина. Оттогаш многу го почитуваше. Меѓутоа старецот, плашејќи се од погубното превознесување и гордост, за поради почитувањето од страна на луѓето да не ја изгуби својата смиреност и да се лиши од благодатта Божја, побегна оттаму и повторно дојде во Египет“. :

Таква повест им раскажа на своите ученици свети Пимен, сакајќи да ги научи на смиреност и бегање од пофалби и почести, кои на монасите не им носат корист туку штета. Свети Пимен ги учеше своите ученици и на останатите добродетели. Неговото учење беше делотворно и можеше секого да упати кон спасението. Како што неговиот рамноангелски живот беше образец на добродетелите, така и неговиот збор им беше од корист на сите. И доаѓаа кај него не само почетници туку и остарени во монашките подвизи и го прашуваа за она што е корисно за спасението на душата, и добиваа од него богомудри и боговдахновени одговори за градење на своите души. Тие одговори некои ги запишуваа во Патериците, Отечките книги.

Некои од тие одговори ќе спомнеме овде. Некој го праша ава Пимен, говорејќи:

„Ако видам дека мојот брат греши, треба ли да го покријам?

Авата одговори:

„Ако ги покриваме согрешенијата на браќата и Бог ќе ги покрие нашите“.

 Некој брат му рече на ава Пимен:

„Се смутувам, оче, и сакам да заминам одовде“.

Старецот го праша:

„Од која причина сакаш да си заминеш одовде?“

Братот одговори:

„Слушам лоши зборови за еден од браќата што живее овде и тоа ме соблазнува“.

Старецот рече:

„Не е вистина тоа што си го слушнал“.

Братот одговори:

„Секако дека е вистина, оче, зашто оној што ми го рече тоа ја заслужува секоја доверба“.

Старецот рече:

„Не, оној што ти зборувал не заслужува доверба, зашто кога би заслужувал доверба тој не би ти зборувал такви работи. Но, ти никогаш не верувај на она што ти го зборуваат, ако самиот не си го видел тоа. И Бог, кога го слушна викот Содомски, не поверува додека не слезе Самиот да види со Своите очи: Голем е викот, рече Господ, против Содом и Гомора, зашто гревовите нивни се претешки. Затоа ќе слезам да видам дали е тоа токму така, како што доаѓа викот до Мене, или не“ (Мојсеј 18, 20-21).

На тоа братот рече:

„И јас, оче, со своите очи го видов тој брат како греши“.

Кога го слушна тоа старецот погледна во земјата, зеде од земјата мала гранкичка и го праша:

„Што е ова?“

Братот одговори:

„Тоа е гранкичка“.

Тогаш старецот погледна кон врвот на зградата, па посочувајќи на гредата на која стои кровот на зградата, праша:

„А она таму што е?“

Братот одговори:

„Тоа е греда“.

Старецот му рече на братот:

„Запомни добро дека твоите гревови се како онаа греда, а гревот на братот за кој зборуваш е како оваа гранкичка, па нема да се смутуваш и соблазнуваш“.

Овие зборови на свети Пимен ги слушна ава Сисој, кој тогаш се затекна кај него, се восхити и му рече на свети Пимен:

- Како да те пофалам, аво? Навистина твоите зборови се преполни со благодат и слава, како скапоцени, драгоцени камења.

Ава Пимен рече:

- Речено е: сведочи само за она што го гледаш со своите очи. А јас ви велам: ако и со своите очи видите нешто, не верувајте веднаш.

И тогаш раскажа ваков случај. Некој брат бил исмеан од ѓаволот со вакво привидение. Виде тој еден брат како врши грев со жена. Тоа му ги смути мислите и го нападна похота. И тогаш тој пријде и ги турна со ногата, велејќи:

- Престанете! Зошто вршите грев?

Но, ете, на крајот се виде дека тоа биле снопови пченица, а не луѓе. Затоа, заклучи ава Пимен, ви велам: Не верувајте веднаш ни на она што со свои очи го гледате.

На тоа ава Анувиј го праша:

- А што би Му рекол на Бога ти, ако видиш некој како греши, а не си го прекорил?

Свети Пимен одговори:

- Би Му рекол на Бога: Господи, Ти си заповедал: „Извади ја најпрвин гредата од своето око, па тогаш ќе можеш да ја извадиш раската од окото на твојот брат“ (Матеј 7, 5).

Еднаш еден брат го праша ава Пимен:

- Извршив тежок грев, оче, и сакам да поминам во покајание три години. Доволни ли се три години за покајание?

Старецот одговори.

- Многу се.

Тогаш братот рече:

- Значи ти одредуваш да се кајам една година.

На тоа старецот одговори:

- И тоа е многу.

Кога го слушнаа тоа другите браќа, рекоа:

- Според тоа во покајание треба да помине четириесет дена.

А старецот повторно одговори:

- И тоа е многу.

Па додаде:

- Јас сметам дека ако овој човек се покае од се срце и цврсто реши повеќе да не греши, тогаш Бог ќе го прими неговото тродневно покајание.

Некој брат го праша ава Пимен:

- Како треба да живее човекот?

Старецот одговори:

- Од примерот на пророкот Даниил гледаме дека за ништо не можеле да го обвинат освен дека Му служи на Господа, својот Бог.

Со овие зборови свети Пимен покажа дека човек треба да живее така што сиот негов живот да биде само служење на Господа Бога и ништо друго освен тоа.

Друг инок праша:

- Како да се сочувам од вражјите напади:

Отецот одговори:

- Кога котелот врие до него не смее да се допре ниту мува, ниту некој друг инсект. А кога котелот ќе се олади, тогаш врз него слетуваат и муви и инсекти, и влегуваат во него. Така и кај монахот кој усрдно се занимава со усрдни дела, врагот не смее да пристапи и да го вовлече во своите замки. Кај оној пак, кој го минува времето неодговорно и мрзливо, врагот лесно пристапува и го наведува на грев како што сака.

Некој го праша старецот како да се избави од лошите помисли кои надоаѓаат. Светиот старец одговори:

- Таа работа е слична на човек кој од лево има оган а од десно сад со вода. И ако се запали од огнот тој зема вода од садот и се гаси себе си. Огнот, - тоа се лошите помисли кои врагот ги уфрла во срцето на човекот за да се запали со гревовна желба, - а водата, - тоа е да се фрлиш себе си на молитва кон Бога.

Повторно ава Амон го праша старец Пимен за лошите помисли кои излегуваат од срцето и за овоземните желби. И одговори старецот од Светото Писмо:

- Зарем може да се прослави секирата без оној кој со неа сече? Или да се пофали тестерот без оној кој со него струга? Така и ти не испраќај им на лошите помисли на помош своја согласност и тие ќе исчезнат. Ава Јосиф го праша ава Пимен за постот, велејќи: - Како треба да се пости?

Старецот одговори:

- Јас секој ден јадам по малку, но не се најадувам.

Ава Јосиф праша:

- А кога си бил млад, нели си постел по два дена?

Пимен одговори:

- Навистина постев не по два дена, туку и по три и по цела седмица. Но, светите Отци, испитувајќи го и едното и другото, најдоа дека е најдобро секој ден да се јаде по малку. Тоа е царски пат, лесен и погоден, за умот да не се возгордее.

Игуменот на великиот манастир го праша ава Пимен:

- Како можам да стекнам умиление:

Старецот одговори:

- Зар може да има умиление во срцето во кое мислите се за сирењата, за садовите зејтин и за другите житејски грижи?

Друг го праша старецот:

- Што е подобро, да се зборува или да се молчи?

Старецот одговори:

- Оној што зборува заради Бога добро прави, и оној што молчи заради Бога, и тој добро прави.

Ава Сисој го праша ава Пимен за нечистите помисли. Старецот одговори:

- Тоа е слично на сандак со облека. Ако човекот ја чува облеката во сандакот долго време, без да ја прередува и проветрува, облеката со текот на времето ќе ја изедат молци и таа ќе се распадне. Така е и со нечистите помисли. Ако човекот не ги отргнува од себе, тие ќе му ја разорат и упропастат душата.

Такви мудри одговори даваше на разни прашања ава Пимен. Освен тоа во Патериците се наоѓаат многу негови мудри изреки. Еве неколку од нив: :

Ава Пимен зборувал:

„Кога човекот сака да гради куќа собира разна граѓа за да може да ја изгради. Така и ние лесно ќе изградиме во себе дом за душата, ако од секоја доблест земеме по некое делче“.

Уште велел:

„За човекот се основни овие три работи: да има страв од Бога, често да се моли и да му прави добро на ближниот“.

Светиот старец зборуваше:

„Темел на монашкиот живот се овие три работи: сиромаштвото, трпението и разборитоста. Ако ги има овие три работи, тогаш Бог, Кој го спасува, живее во него“.

Свети Пимен зборуваше:

„Ако инокот намрази две работи, може да се ослободи од соблазните на овој свет“. „А кои се тие две работи?“ - праша братот, „Покојот на телото и суетата“одговори старецот, па продолжи: „Во Евангелието е напишано: „Кој има една облека нека ја продаде и нека купи нож“ (Лука 22, 36); тоа значи: кој има покој на телото нека го остави и нека отпочне да води суров живот, застанувајќи на тесниот пат“.

Уште рече:

„Кога Давид се бореше со лавот или со мечката, тој ги убиваше фаќајќи ги за гривата (Царства 17, 34-35). Така и ние со Божја помош ќе го победиме лавот - ѓаволот, и мечката - телото наше, ако устата на воздржанието ја ставиме на грлото и на стомакот наш“.

Светиот ава го додаде и ова:

„Ако Навузардан, старешината над готвачите на царот Вавилонски не дошол во Ерусалим, храмот Господов не би бил спален. Така и во нас нема да се запали огнот на гревовната желба, и никогаш нема да доживее пораз нашиот ум, кој војува со врагот, ако не се оддадеме на прејадување и задоволување на стомакот“.

Потоа светиот старец рече:

„Како што пчелите бегаат од чадот, та луѓето го земаат сладкиот плод на нивниот труд, така со покојот на телото се брка стравот Божји од нашата душа и и се одзема секое добро дело“.

Уште рече:

„Како што царевиот мечоносец стои пред царот секогаш подготвен, така и нашата душа треба секогаш да биде подготвена за борба со демонот на блудот“.

Кога слушна за некој брат дека пости по шест дена и во седмиот зема по малку храна, но се гневи на својот брат, ава Пимен рече:

- Се научил да пости шест дена, а не се научил да се воздржува од гневот ниту еден ден.

Презвитерот на еден манастир, кога слушна за некои браќа дека често одат во градот, се капат во бањата и не работат на своето спасение, се разгневи на нив, дојде во главниот храм и им го одзеде монашкиот лик. Потоа се раскаја, отиде кај ава Пимен и му раскажа се што сторил со тие браќа. Старецот му рече:

- А ти, немаш ли во себе ништо од стариот човек? Или можеби, целосно си го соблекол од себе?

Кога ги слушна ваквите зборови од старецот, презвитерот беше трогнат, па ги повика браќата што ги беше нажалил, покајнички им се извини и повторно ги облече во монашкиот лик.

Еднаш ава Исак дојде кај ава Пимен, па кога го виде како излева малку вода врз своите нозе, му рече дека некои отци навикнале сурово да го мачат своето тело. А ава Пимен му рече:

- Ние сме научиле да бидеме убијци на страстите а не убијци на телото.

Потоа рече:

- Човекот, кој наизглед молчи, а неговото срце ги осудува другите, тој всушност непрестајно зборува. А има и такви луѓе кои од утро до вечер зборуваат со јазикот, а всушност држат молчание. Оној што не го осудува ближниот е ист како оној што молчи.

Ава Јосиф го раскажа ова:

- Кога еднаш седевме кај ава Пимен, меѓу нас беше и младиот брат Агатон. Сакајќи нешто да му каже на Агатон, старецот го нарече ава, велејќи:

- Аво Агатоне!

А ние му забележавме на старецот:

- Овој брат е се уште млад. Зошто го нарекуваш ава?

Старецот одговори:

- Неговата молчалива уста ме поттикна да го наречам ава.

Уште зборуваше:

- Братот кој живее со ближниот треба да е како статуа. Навредуван не треба да се гневи, фален не треба да се гордее.

Светиот старец уште зборуваше:

- Со зло никогаш нема да го победиш злото. Ако некој ти изврши зло, ти возвраќај му со добро, за со своето добротворство да го разориш неговото зло.

На оваа доблест како и на останатите добродетели, преподобниот Пимен поучуваше и на дело. До неговото доаѓање од скитот во Египет, живееше во Египет еден старец, почитуван од сите. А кога таму дојде ава Пимен, многумина го оставија тој старец и започнаа да доаѓаат кај него. Поради тоа тој старец започна да се гневи на него, да му завидува и лошо да зборува за него. Кога слушна за тоа Пимен се нажали и им рече на своите браќа:

- Што да правиме сега? Овие луѓе не фрлија во тага. Оставија така свет и доблесен старец и дојдоа кај нас ништовните. Како ќе го отстраниме од нас гневот на тој голем отец? Да подготвиме нешто храна, да побараме малку вино, па да појдеме кај него, за заедно со него да јадеме. Можеби на тој начин ќе го смилостивиме неговото срце.

Откако подготвија малку храна и најдоа малку вино, тие отидоа кај тој старец и затропаа на вратата од неговата ќелија. На прашањето од неговиот ученик, тие одговорија:

- Кажи му на својот ава дека дошол Пимен со браќата да прими благослов од него.

Ученикот отиде и му кажа на старецот, а тој рече:

- Оди и кажи им: одете си одовде, зашто немам време да ве видам.

Кога ученикот им го соопшти тоа на дојдените, тие рекоа:

- Нема да заминеме одовде додека не се удостоиме да му се поклониме на старецот.

И стоеја пред вратата од ќелијата. А старецот, кога го виде смирението и трпението на дојдените беше трогнат, та им ја отвори вратата и ги прими со целив. Седнаа, разговараа со љубов и јадеа од донесеното. Тогаш тој старец рече:

- Нема сомнение дека е вистина не само она што сум го слушнал за вас, туку гледам во вас и добри дела, сто пати поголеми.

Покрај тоа преподобниот Пимен умеел и духовно да им користи на другите и со своето молчење а и со зборот. Еднаш презвитери на таа област дојдоа во посета на манастирот, а ава Анувиј, сакајќи според можностите малку да ги нагости, влезе кај преподобниот Пимен и му го рече тоа. Но Пимен не даде одговор, туку остана да молчи долго време и Анувиј си отиде од него ожалостен. Потоа браќата кои се затекнаа кај ава Пимен го прашаа:

- Зошто не му даде одговор на ава Анувиј?

Старецот им одговори:

- Јас немам орудие (јазик) за тоа, зашто веќе сум мртов а мртвиот не зборува. Затоа не сметајте дека живеам со вас.

Старецот постапи така за да не го повикаат кај нив на трпезата, зашто за него се зборува и тоа дека кога браќата го викале да јаде заедно со нив, тој одел плачејќи, како без волја. Се чувал тој од заситување на својот стомак, а заедно со тоа се плашел и да не ги нажали браќата ако не ги послуша.

Некој инок, откако слушнал за доблесниот живот на преподобниот Пимен, дојде кај него од далечна земја да го види и да се поучи од него. Старецот го прими со чест и откако се целиваа еден со друг, седнаа. Инокот започна да му зборува на старецот од Светото Писмо, за работи несфатливи, за кои што се зборува во Божественото Писмо и за предметите небесни. А отец Пимен, откако го сврте своето лице, молчеше и ништо не му одговараше на говорникот. Тој инок долго зборуваше од Светото Писмо и откако не доби никаков одговор од молчаливиот старец, излезе од ќелијата ожалостен и му рече на старчевиот ученик:

- Залудно изминав толку далек и тежок пат. Јас заради него дојдов овде, а тој не сака ниту еден збор да ми проговори.

Ученикот влезе кај старецот и му рече:

- Оче, заради тебе дојде овој чесен маж, славен меѓу монасите на својата земја. Зошто не разговараш со него?

Старецот одговори:

- Тој е од високите и зборува за небесното, а јас сум од ниските и можам да зборувам само за земното. Кога братот кој дошол кај нас би зборувал за душевните страсти и за телесните немоќи, тогаш јас би му одговарал, но бидејќи тој зборува високи работи, јас за нив не знам.

Ученикот излезе и му рече на тој инок:

- Знај, оче, дека старецот неволно разговара од Божественото Писмо. Но, ако некој му зборува за душевните страсти, тогаш тој одговара.

Трогнат, инокот влезе кај старецот и го праша:

- Што да правам, аво? Страстите владеат со мене!

Тогаш старецот, погледнувајќи во него со радосно лице, рече:

- Сега си добредојден. Сега ќе ја отворам својата уста и ќе ја наполнам со благо.

И долго зборуваше со него за тоа како се победуваат страстите што војуваат со нас. Откако доби многу духовна корист од боговдахновените зборови на старецот, инокот Му заблагодари на Бога што го удостои да види така свет старец и да ја слуша неговата беседа и се врати во својата земја, радувајќи се што нашол огромна корист за својата душа.

Потоа друг ивок, ава Исак, дојде кај отец Пимен и го затекна како седи молчејќи, и како да е во занес. Откако почека доста време и виде дека старецот си дојде на себе, тој направи метанија пред него, говорејќи:

- Кажи ми, оче, каде беше со својот ум?

А тој, приморан на одговор по упорната молба, одговори:

- Мојот ум беше таму, каде Пречиста Дева Марија Богородица плачеше стоејќи крај крстот. И јас би сакал така постојано да плачам.

Таквиот великан меѓу отците, преподобниот Пимен, кој ја помина секоја доблест, кој со животот и со зборот им беше од корист на сите, во својот ум имаше толку големо смирение, што често со воздишка зборуваше:

- Јас ќе бидам фрлен во местото во кое е фрлен сатаната.

Но, Господ Својот смирен слуга го насели во местата на светите ангели и во населбите на праведните и преподобните. После земниот живот, исполнет со многу години, Господ го внесе во небесните живеалишта, каде нема крај на годините, каде сите Светии, стоејќи пред престолот на славата Божја, постојано Го слават Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот Бог во Троица, Кому и од нас грешните слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ПИМЕН ПАЛЕСТИНСКИ

Светите отци Софрониј и Јован за овој втор свети Пимен во својата книга пишуваат вака:

„Ава Агатоник, игуменот на лаврата на нашиот преподобен отец Сава“, ни го раскажа следново:

Еден ден јас одев во пустината Рува кај ава Пимен, кој живееше во пештера и се хранеше со корења. Кога го најдов му ги исповедав своите мисли и бидејќи падна ноќта тој ме остави сам во пештерата, а самиот отиде во друга пештера. Таа ноќ беше многу студена и многу се намачив од студот. Кога осамна старецот дојде и ме праша:

- Како ја помина ноќта, чедо?

Јас му одговорив:

- Прости ми, оче, цела ноќ се мачев од студот.

Тој ми рече:

- Вистината ти ја зборувам, чедо, јас ни најмалку не настрадав од студот. “

Јас многу се зачудив, бидејќи старецот не беше облечен, и го прашав:

- Стори ми ја таа љубов, оче, па кажи ми како не настрада кога си необлечен?

Старецот ми одговори:

- Дојде лав, легна покрај мене и ме топлеше. Сепак знај, чедо, дека мене ѕверови ќе ме изедат.

На тоа јас го прашав:

- Поради што, оче, ќе те изедат ѕверови?

Старецот ми одговори:

- Додека живеев во светот во својот крај (тие и двајцата беа од Галатија) јас бев овчар. Еден ден, додека ги пасев овците, покрај моето стадо минуваше еден човек. Моите кучиња го нападнаа и го растргнаа. Јас сум можел да го спасам од кучињата, но не го спасив. Со откровение Божјо дознав дека и јас ќе умрам со исто таква смрт. Ќе бидам растргнат од ѕверови“.

Тоа преподобниот Пимен му го раскажа за себе на ава Агатоник. Навистина така и се случи. По три години се дозна дека пустиножителот отец Пимен е изеден од зверови. Неговата света душа беше вброена во ликот на преподобните отци, по милосрдието на нашиот Господ Исус Христос, Кому слава за навек.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ОСИЈА КОРДОВСКИ

Заблеска со подвижништвото и добродетелите и беше посветен за епископ на градот Кордува во Шпанија. Полн со ревност за Православната Вера, учествувал на Првиот Вселенски Собор во Никеја во 325-та година, изобличувајќи го Ариевото безумие и уништувајќи ја неговата душегубна ерес. А подоцна, бидејќи не се согласи да биде симнат Атанасиј Велики, од страна на царот Констанциј беше испратен на заточение како и многу други православни епископи. Во заточението претрпе многу маки во кои и се упокои и отиде кај Господа.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЛИБЕРИЈ,

епископот Римски

За време на царевите Констанциј (337-361) и Валент, бил епископ на Римската Црква (352-366). Поради тоа што застанал во одбрана на Никејската вера и на свети Атанасиј Велики, тој бил прогонет во Тракија (од 355 до 358 г.), каде што некое време им потклекнал на притисоците од аријанските епископи и царот, за да се врати во Рим. Но, потоа се покајал за тоа и повторно бил исповедник на Православната Вера. Се упокоил во мир во 336 година.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ТЕОКЛИТ

Преподобниот Теоклит беше родум од Цариград, а по занимање магистер. Тој го остави светот, отиде на гората Олимп во Мала Азија, каде се замонаши и после долгогодишните подвизи мирно се упокои во Господа (неговиот спомен го наведува Патмоскиот кодекс бр. 266).

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ НАШИ КУКША

свештеномаченикот и ПИМЕН постникот

Не треба многу да се зборува за онаму каде што делата јасно сведочат, како што може да се рече за овие двајца блажени. Блажениот свештеномаченик Кукша, еден од отците на светиот Печерски манастир им беше познат на сите, зашто тој луѓето Вјатчани, помрачени од незнабожието, ги крстил и многумина во верата просветил. Тој сотвори и многу големи чудеса. Истеруваше ѓаволи, измоли дожд, пресуши езеро и направи многу други необични чудеса. Најпосле, после многуте мачења, беше посечен од незнабошците заедно со својот ученик.

Истовремено во Печерскиот манастир богоугодно се подвизуваше и блажениот Пимен постник. За своето строго постење и трудење тој доби од Господа толку голем дар, што се прослави не само со исцелувањето на болните, туку и со провидувањето на идните и далечни настани и работи, непознати и тајни. Тој исцели многу болни, прорече многу работи и две години однапред дозна за своето заминување кај Господа. Во моментот кога блажениот Кукша на огромна оддалеченост од него беше посечен, свети Пимен, стоејќи на служба во Печерскиот манастир, го провиде тоа и среде црквата силно викна:

„Нашиот брат Кукша денес е убиен за Евангелието!“

Штом го рече тоа, издивна. Замина во истиот ден со својот ученик свети Кукша.

Така сите тројца добија трократна радост: „Она што око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло, тоа Бог го приготвил за оние кои Го љубат“ (Кор. 2, 9). Нему слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ФАНУРИЈ

Непознато е каде живеел и пострадал за Господ Христос. Во четиринаесеттиот век, при копањето на градските зидини на островот Родос, е пронајден стар храм и прекрасна икона, на која што е прикажан млад и многустрадален за Господ Христос.

Родосовскиот митрополит Нил (1355-136 -1369 г.) го обнови овој негов храм, напиша служба и постави негова икона за поклонение на сите верни. Свети Фануриј од тогаш многу чуда направил а и до денес непрекинато прави на сите кои усрдно го призиваат со вера.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ САВА

Му угодил на Бога, но времето и местото на неговото живеење не се познати.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА АНТУСА НОВА

Света Антуса ја облекле во костретна рита, ѝ врзале камен за вратот, па ја фрлиле во бунар. Така се упокоила.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ АРКАДИЈ,

царот Византиски

Споменот на овој праведен византиски цар (895-408 г.) се врши во Ерусалимската Црква (според Ерусалимската канонарија стр. 105, издание на архимандритот Калист), заедно со свети Мартириј.