10. Септември (28. Август)
ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ МОЈСЕЈ МУРИН
Во Египетските краишта живееше еден познат разбојник на име Мојсеј, родум етиопјанин со црно лице. Најпрвин тој беше роб кај некој знаменит господин. Но, поради својот лош нарав и затоа што извршил некое убиство, Мојсеј беше избркан од својот господар и им се придружи на разбојниците, кои, кога видоа дека е со многу силно тело и суров карактер, го избраа за свој харамбаша. Ова се кажува за свети Мојсеј, за да се види неговото поправање и премин од така лошиот живот кон покајание и богоугодување. И поранешните гревови на светителите не се сокриваат за прославување на милосрдието Божјо, кое од недостојниот и од грешникот ствара праведник.
Вршејќи разбојништва со својата дружина, Мојсеј вршеше многу грабежи, крвопролевања и други одвратни и срамни беззаконија и насилства, стана познат по својата свирепост и беше страшен за сите. Меѓу останатите негови разбојнички дела се спомнува и следново:
Мојсеј му беше лут на еден овчар, затоа што во една прилика му попречи со своите кучиња да изврши некое злосторство. Кога потоа дозна дека тој овчар пасе овци од другата страна на реката Нил, намисли да го убие. Во тоа време реката Нил страотно се беше излила. Мојсеј ја заврза својата облека, ја приврза на својата глава, го стави мечот во устата и започна да плива по огромната река. А споменатиот овчар, кога оддалеку виде како човек плива по реката, ги остави овците, побегна и се сокри. Мојсеј пак, откако ја преплива реката и не го најде овчарот, му закла четири најдобри овни од стадото, ги врза со јаже и повторно ја преплива реката, влечејќи ги со себе и овните. Потоа ги одра, го изеде нивното одлично месо, а кожите ги даде за вино, кое што го испи.
Долго време Мојсеј водеше таков лош живот. Но, еднаш тој некако си дојде на себе, зашто Бог се смилува на него и го повика на покајание.
Преблагиот и човекољубив Господ не ја сака гибелта на грешниците, туку им сака обраќање кон спасение. Омекна срцето во грешникот Мојсеј, се раскаја за своите зли дела, ги остави своите разбојници, отиде во пустински манастир и се предаде себе си во покорност и служење на игуменот и браќата, односно на Самиот Бог. И лееше многу солзи и дење и ноќе, каејќи се за своите гревови. Ревносно ги извршуваше сите послушанија и работи и стана прекрасен монах. По некое време отиде во отшелничка ќелија и живееше сам во Бога, очистувајќи ги со топло покајание своите поранешни беззаконија.
Додека Мојсеј водеше живот во такво покајничко поправање, во неговата ќелија упаднаа четири разбојници и го нападнаа без да знаат дека тоа е Мојсеј. Иако беше сам, тој ги совлада и ги врза, па ги стави на своите плеќи како вреќа, ги однесе во манастирот кај црквата и им рече на браќата:
- Бидејќи не треба никого да жалостам а овие ме нападнаа, јас ги фатив. Што ќе ми наредите за нив?
Отците му наредија да ги ослободи, велејќи:
- Нам не ни доликува никого да убиваме.
Разбојниците дознаа дека тоа е Мојсеј, поранешниот разбојнички харамбаша, се восхитија на таквата промена на неговиот живот, Го прославија Бога, па и самите ги обзеде страв Божји, се покајаа и станаа одлични монаси. И не само тие, туку и многу други разбојници, штом слушнаа дека нивниот водач Мојсеј се покајал и станал монах, го следеа и станаа доблесни монаси.
Така Мојсеј го минуваше времето во подвизите на покајанието, На почетокот го напаѓаа демоните на блудот, нечистите помисли, похотата, влечејќи го кон поранешниот блуден живот, како што подоцна самиот им раскажуваше на браќата: „Поднесов многу маки борејќи се со телесната похота и речиси за малку не го нарушив монашкиот завет“, Кога отиде крај презвитерот ава Исидор во Скит, тој му раскажа за своите маки во борбата со телесната похота. Свети Исидор му рече:
„Не смутувај се, брате. Ти се уште си почетник, па затоа демоните пожестокот те напаѓаат, барајќи ја во тебе поранешната навика. За да ги тргнеш од себе те советувам да се зафатиш со секојдневен пост и да не јадеш до заситување. Како што песот, кој навикнал да глода коски околу касапница, не заминува оттаму додека не се затвори, но кога ќе се затвори и нема кој да му фрли нешто, тој заминува. Така и демонот на блудот е чучнат околу човекот, кој јаде до заситување. Но, ако живееш во пост и воздржание и не му дозволуваш на стомакот да се најаде, тогаш демонот, како прегладнет пес, ќе си замине од тебе“.
Божјиот слуга Мојсеј, штом се врати се затвори во својата ќелија и живееше во секојдневен пост, јадејќи мало парче леб по зајдисонце и многу се трудеше во ракоделието. Педесет пати во текот на денот стануваше на молитва и ја извршуваше клечејќи. Но, иако го измачуваше своето тело со работа и го истоштуваше со постот, сепак во него не престануваше желбата за грев. Затоа тој повторно отиде кај ава Исидор, кој му рече да погледне на запад.
Мојсеј погледна и виде многу страшни демони кои креваат врева и се подготвуваат за борба. Ава Исидор му рече на Мојсеј сега да се сврте на исток и да погледне.
Мојсеј се сврте и виде безброј многу свети светлоносни ангели, кои исто така се подготвувале за борба. Свети Исидор му објасни на Мојсеј дека оние што се на запад се креваат во борба против светците Божји, а оние на исток се испраќаат од Господа во помош на добрите подвижници. Како што можел и самиот да види, многу повеќе се оние што ни помагаат од оние што се креваат против нас.
Закрепнат со таквото видение и старчевите зборови, Мојсеј се врати во својата ќелија и повторно започна да ги извршува своите вообичаени трудови со постење и молитви. Но, нападите и натаму не го оставаа и особено многу маки му задаваше врагот во сонот, преку соблазнителни привиденија. Затоа тој отиде кај друг свет, многу искусен старец, и го праша:
- Што да правам, оче? Сонови ми го помрачуваат умот, ми го распалуваат телото и ме поттикнуваат со привиденија на поранешниот гревовен начин на живот.
Старецот му одговори:
- Ти навистина страдаш од таа одвратна мака, затоа што не го чуваш својот ум од сладострасните мечтаења. Предај се на бдение и постепено навикнувај се на него, моли се бодро, па ќе се избавиш од таа мака.
Мојсеј се врати во ќелијата и започна да се обучува на сеноќно бдение. По цела ноќ стоеше среде ќелијата без да ги преклонува колената, за да го одбегне дремењето. Се молеше стоејќи, без да ги склопи очите. Во таквиот мачен подвиг преподобниот помина шест години, но ни на тој начин не можеше да се избави од телесната желба, која што војуваше против духот, бидејќи Бог беше допуштил така, за преподобниот, прекален како злато во топилница, да добие преславен венец на животот со останатите страдалници.
По некое време храбриот подвижник измисли нов тежок подвиг. Излегуваше ноќе од својата ќелија, ги обиколуваше отшелничките ќелии на пустинските старци, ги земаше празните стомни пред нивните ќелии и без да знаат им носеше вода од далеку. Ваквиот подвиг на преподобниот Мојсеј му беше одвратен на ѓаволот. Со допуштање Божјо, тој му приреди ваква непријатност:
Една ноќ, кога блажениот се беше наведнал над кладенецот со стомната да наполни вода, ѓаволот силно го удри по грбот со огромен стап, та тој падна онесвестен и лежеше како мртов. Кога осамна на кладенецот дојдоа монаси по вода и го најдоа Мојсеј како лежи полумртов. Веднаш отидоа и го известија за тоа големиот скитски ава Исидор. Тој отиде со браќата, го зеде Мојсеј и го донесе кај црквата. Мојсеј беше како раслабен и толку многу боледуваше, што одвај оздраве после цела година. Тогаш ава Исидор му рече:
- Брате Мојсеј, престани веќе прекумерно да се бориш со бесовите, зашто и во таа храброст треба да се чува мерата.
На тоа непобедливиот војник Христов одговори:
- Нема да престанам да се борам се додека не ме остават гадните мечтаења во сонот.
Тогаш ава Исидор му рече:
- Во името на нашиот Господ Исус Христос, еве во овој час те оставија тие телесни желби и отсега ќе бидеш мирен. Пристапи и слободно причести се со Божествените Тајни на Телото и Крвта Христови. Но, знај дека таквата тешка телесна борба ти беше допуштена за да не се погордееш дека божем со своето постење и подвизи си ги совладал страстите, па откако ќе се погордееш да пропаднеш.
Мојсеј се причести со Божествените Тајни, отиде во својата ќелија и се подвизуваше мирно, без поранешните телесни борби, водејќи строг испоснички живот во набожно и молитвено тихување. По неколку месеци беше прашан дали го вознемируваат страстите.
Тој одговори:
- Откако Христовиот служител Исидор ми прочита молитва, повеќе не патам од телесна желба.
После таквите големи искушенија, блажениот Мојсеј, според милосрдието Божјо, се успокои и останатото време од својот живот го помина бестрасно и спокојно. Против ѓаволите доби од Бога голема сила, та ги презираше како муви. Исполнет со благодатта на Светиот Дух, тој стана славен меѓу отците.
Бидејќи се прочу со доблесниот живот, за него слушна и кнезот на таа земја, кој отиде во скитот за да го види. Известен дека кнезот доаѓа за него, старецот излезе со намера да побегне, но го сретнаа слугите на кнезот и го прашаа:
- Каде е ќелијата на ава Мојсеј?
Тој им возврати:
- А што сакате од него? Тој е безумен старец, многу лажлив и води расипан живот.
Тие се зачудија на овие зборови и си го продолжија патот. Кога дојдоа кај црквата, кнезот им рече на клириците:
- Сум слушал за ава Мојсеј и дојден сум да добијам благослов од него. Но, не сретна еден монах, кој одеше во Египет и кога го прашавме тој ни изговори многу погрдни зборови за Мојсеј, нарекувајќи го безумен, лажливец...
На клириците им стана жал и прашаа:
- А како изгледаше тој старец?
Тие одговорија:
- Беше висок, црн во лицето, со бедна облека.
Клириците рекоа:
- Сигурно бил ава Мојсеј. Не сакал да ви се претстави и од вас да прими почести, и затоа изговорил лоши зборови за себе како за некој друг.
Откако на таков начин кнезот доби голема духовна корист, си замина благодарејќи Му на Бога.
Така преподобниот Мојсеј ги одбегнуваше славата и почестите од луѓето и одбегнуваше да разговара со луѓето што доаѓаа кај него, иако беше гостојљубив, зашто со љубов ги гостеше непознатите браќа што му доаѓаа, како што за неговата гостољубивост се пишува во Отечникот. Еднаш на сите пустиножителни отци во скитот им беше дадена заповед да постат една седмица и да сотворат Пасха.
Во тоа време кај отец Мојсеј дојдоа некои непознати браќа од Египет и тој им подготви малку вариво. Штом видоа чад, неговите соседи им рекоа на клириците:
- Мојсеј ја наруши заповедта и вари храна за себе.
Клириците одлучија да го изобличат кога ќе дојде во соборната црква, иако на сите им без познати неговите испоснички подвизи. Во сабота Мојсеј дојде во црквата на соборно богослужење и клириците пред сите му рекоа:
„Оче Мојсеј, ти си нарушил заповед човечка, но си исполнил заповед Божја“.
Исто така и во житието на Арсениј Велики се вели:
Некој брат дојде од далеку во скитот, за да го види преподобниот Арсениј. Беше одведен кај него, го виде, но не се удостои да слушне збор од него, зашто старецот седеше молчејќи и гледајќи во земјата. Кога си замина тој непознат монах го замоли клирикот кој што го водел да го одведе кај ава Мојсеј кој пред монашењето беше разбојник. Клирикот ги одведе а блажениот Мојсеј ги прими со радост, ги одмори, ги угости, им укажа голема љубов и ги отпушти. По пат скитскиот клирик рече:
- Ете, ги виде и двајцата, и отец Арсениј и отец Мојсеј. Според твоето мислење, кој од нив двајцата е подобар?
Дојдениот брат одговори:
- Подобар е оној што со љубов нѐ прими.
А еден од богоугодните старци, кога го слушна тоа се помоли на Бога, велејќи:
„Господи, кажи ми кој од нив е посовршен. Дали оној што бега од луѓето заради името Твое, или оној што ги прима сите заради името Твое?“
И виде во видение два големи кораба, кои пловеа по голема река. Во едниот беше преподобниот Арсениј, и Духот Божји управуваше со неговиот кораб во голема тишина. А пак во другиот кораб беше преподобниот Мојсеј и со него ангели Божји, кои управуваа со неговиот кораб и ставаа мед во устата негова.
По многу поминати години во испоснички подвизи, преподобниот Мојсеј со откровение Божјо беше удостоен на презвитерскиот чин. И кога произведен во првиот степен на свештенството беше облечен во стихар, епископот му рече;
„Еве, сега ава Мојсеј е сиот бел“,
А Мојсеј му рече на епископот:
„Владико, што го прави свештеникот, надворешното или внатрешното?“
Како да рекол: „Дали човекот го прави достоен на свештенството надворешната облека, која што го покрива телото или внатешните доблести?“
А епископот, сакајќи да го испита Мојсеј дали тој навистина е слуга Христов, кој има внатрешни доблести, им рече на клириците:
- Кога Мојсеј ќе влезе во олтарот истерајте го, па појдете по него и слушајте што ќе зборува. Клириците го избркаа. Тој излезе, застана на засебно место и се прекоруваше себе си:
„Добро сторија со тебе, песу! Добро сторија со тебе, црнотели ѓаволу! Не си достоен а се осмелуваш да влезеш во светињата. Не си човек, а се осмелуваш да им приоѓаш на луѓето и на слугите Божји?“
Кога ги слушнаа овие негови зборови, клириците го известија епископот, кој веднаш нареди да го повикаат во олтарот и го хиротониса за презвитер. Потоа го праша:
- Што си помисли, оче, како првин избркан а потоа вратен?
Мојсеј одговори:
- Се споредив себе си со пес, кој кога го бркаат бега а кога го зикаат назад дотрчува брзо. Епископот рече:
- Навистина ваков човек е достоен на божествената благодат, што Господ на смирените им дава благодат.
Слично искушение му се случи на овој отец и порано во времена неговото искушеништво. Еднаш, кога сите браќа беа собрани скитот, отците намислија да го испробаат Мојсеевото смирение и почнаа да го понижуваат, велејќи:
- Што ќе ни е овој црнец меѓу нас?
Тој го слушна тоа и молчеше. На разидување браќата го прашаа:
- Оче Мојсеј, зарем не се вознемири кога те понижуваа браќата? Тој им одговори со зборови од Псалмот: „Се вознемирив и не зборував“ (Пс. 7, 6) (односно молкум го поднесов понижувањето).
По приемот на свештеничкиот чин преподобниот Мојсеј се подвизуваше уште петнаесет години, имајќи седумдесет и пет ученици и маченички се упокои на следниов начин.
Еден ден, додека седеше со браќата рече:
- Ете, денес варвари ќе дојдат во скитот да ги посечат монасите.
Станете и бегајте одовде.
Браката му рекоа:
- А зошто ти, оче, не бегаш?
Тој им одговори:
- Јас веќе многу години го очекувам денот кога врз мене ќе се исполнат зборовите на мојот Владател Господ Христос, Кој рекол: „Сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат“ (Матеј 26, 52).
Браќата му рекоа:
- И ние ќе останеме, за да умреме со тебе. Тој им одговори:
- Мене не ми е потребно тоа. Сепак, секој нека се чува себе си како што најдобро умее.
Тогаш браќата побегнаа и само седум монаси останаа со него.
По кратко време старецот рече:
- Варварите се веќе близу.
Еден од споменатите седум монаси се исплаши, побегна и се сокри. Варварите влегоа, ги заклаа свети Мојсеј и оние шест браќа со него, а монахот кој ја одбегна смртта сокриен, го виде небото отворено и како седум пресветли венци се спуштија над седумтемина маченици.
Кога заминаа варварите овој монах се врати во ќелијата и ги најде преподобниот Мојсеј и шесте собраќа посечени. Телата им лежеа во крв. Монахот започна да плаче. Потоа дојдоа и останатите браќа и со плач ги погребаа.
Таков беше крајот на нашиот преподобен отец Мојсеј Мурин, кој од разбојник стана монах и со вистинско покајание потполно Му угоди на Бога, та нему како на маченик му се отвори не само рајот туку и небото, и беше удостоен со венецот на славата. По неговите молитви и нас да не упати на вистинско покајание и удостои на Царството Небесно човеколубивиот Господ Христос, Богот наш, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ САВА ПСКОВКИ и КРИПЕЦКИ
Преподобниот Сава се роди, израсна и прими монаштво во непознати земји. Не се знае од која земја е, но се знае дека не се родил во Руската земја, туку како странец дошол во градот Псков, во манастирот на Пресвета Богородица, викан Сњатагорски. Примен од игуменот, тој одлично се подвизуваше и во монашките подвизи заради својот добродетелен живот сите го фалеа и славеа. Но, тој не ја сакаше славата од луѓето, па премина на реката Толва во манастирот на големиот Ефросин. Преподобниот Ефросин го прими и му ги довери работите на манастирски слуга. Инокот Сава тие должности ги извршуваше ревносно и со смирение. По некое време, со благослов на големиот Ефросин, тој отиде во пустината кај езерото Крипетц и се насели во едно пусто место, каде што претрпе многу искушенија од демоните. Наскоро на тоа место подигна црква во име насвети Јован Богослов, изгради ќелии и основа манастир. Кај него се собраа многу браќа и славата за неговиот добродетелен живот брзо се рашири насекаде. За него дозна и самиот псковски кнез Јарослав Василевич. Кнезот многу го почитуваше и даваше големи прилози за изградбата на манастирот. Тој поклони земја и езера за исхрана на браќата и често самиот го посетуваше манастирот, за да добие благослов од преподобниот. Еднаш, кога дојде со својата кнегиња, преподобниот со голема чест го пречека кнезот, но на кнегињата не ѝ дозволи да влезе во манастирот, туку ја благослови надвор од него и ја исцели од некоја болест, бидејќи била болна.
Преподобниот Сава поживеа многу години и во 1495 година, на 28 август, отиде кај Господа. Неговите мошти беа пронајдени во 1554 година со откровение на Исаија, свештеномонах на истиот манастир. И до денес неговите чесни мошти им даваат многу исцеленија на оние кои со вера им пристапуваат, во слава на Христа Бога. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ И ПРАВЕДЕН ЕЗЕКИЈ,
царот Јудејски
Беше син на царот Ахаз. Стапил на престолот во 721 година пред Христа и царувал 29 години. Тој го очистил и отворил за богослужење Соломоновиот храм, кој бил затворен од неговите претходници и се прославил со својата побожност и љубов кон Бога.
СПОМЕН НА СВЕТАТА И ПРАВЕДНА АНА,
ќерката Фануилова
Светата и праведна Ана беше ќерка Фануилова од коленото Асирово (Лука 2, 36). Како што и самото нејзино име кажува, таа беше добродетелна жена. За својот набожен живот Ана беше наградена со пророчки дар и беше пророчица (Лука 2, 36). Таа долги години, до длабока старост, „не се оддалечуваше од храмот и Му служеше на Бога и ден и ноќ со пост и молитва“ (Лука 2, 37).
Света Ана припаѓа на бројот на оние благочестиви еврејки, кои со нетрпение го очекувале доаѓањето на Месијата - Спасителот на земјата. Таа се удостои да биде присутна кога Богомладенецот Исус беше донесен во храмот и кога праведниот Симеон Богопримец го зеде на раце и го изговори своето пророштво за Него, велејќи: „Сега го отпушташ Својот слуга во мир, Владико, според зборот Твој, зашто очите мои го видоа спасението Твое што си го приготвил пред лицето на сите народи; светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израилот“ (Лука 2, 29-32). Потоа праведниот Симеон, обраќајќи се на Мајката Господова, го изговори ова пророштво: „Еве, Овој е поставен за паѓање и издигнување на мнозина во Израил, и е знак против Кого ќе се говори. А и тебе, самата, меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат мислите на многу срца“ (Лука 2, 34-35).
Во овие свети и многузначајни моменти беше во храмот и светата праведна пророчица Ана. Тогаш таа веќе имаше осумдесет и четири години. Така, на залезот на својот земен живот, таа доживеа блаженство да Го види Богомладенецот Христос Исус. Откако го сослуша пророштвото на свети Симеон за Христа, света Ана заедно со него „Го славеше Господа и им говореше за Него на сите што очекуваа избавување во Ерусалим“ (Лука 2, 38).
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ СТАРЕЦ ФИЛАРЕТ
(во голема схима Теодор), јеромонах во московскиот ставропигиален Новоспаски манастир
Идниот старец Филарет се роди на 9 мај 1758 година во богато трговско семејство. Во домот на родителите Теодор се научи на писменост и краснопис и се разбира, на законот Божји. Од тогаш читањето на духовните книги, кои се наоѓаа во домот на татко му, станаа негово омилено занимање. По смртта на татко му пожар го уништи сиот нивен имот и неговата мајка, Матрона Никитична, со своите деца се пресели во Петербург кај својот роден брат, богат трговец на увоз на вино. Идниот старец мораше во своите млади години да тргува заедно со својот брат во продавница за вино. Но, набрзо почувствува одвратност кон светската суета. Редовно одеше на служба во Александро-Невскиот манастир, а по литургијата беседеше со еден старец-монах, поради што многу пати добиваше ќотек од продавачите во продавницата. На 13 години тој ја замоли мајка си да го пушти да живее постојано во Александро-Невскиот манастир, при познатиот старец. Ревноста на Теодор во служењето на Господа беше толку голема, што за половина година на совет од старецот тој се премести од манастирот во Саровската пустина. Таму младиот подвижник три години беше звонар, потоа се трудеше во фурната, квасоварната, три години во просфорната и на крајот ја зеде должноста клисар.
Од Саровската пустина Теодор стапи во московскиот Симонов манастир, веројатно од желба да се подвизува со својот роден брат, кој тогаш бил послушник во таа обител. Таму и двајцата беа пострижани за монаси.
Теодор го прими постригот и новото име Филарет на 4 април 1786 година, на 27-годишна возраст. Потоа на 8 мај 1787 година преосвештениот Грузински епископ Григориј го ракоположи во Симоновиот манастир за јероѓакон. За време на престојот во Симоновиот манастир преку наравствени совети тој имаше големо внимание врз својата мајка, која се наоѓаше во Новодевичанскиот манастир. Раскажуваат дека кога таа се уште била послушничка, тој неколку пати доаѓал кај неа во тој манастир и ја убедувал да се замонаши. Но, таа, поради смирение на почетокот го одбивала, бидејќи се сметала за неспособна да ги исполнува строгите монашки правила. А кога најпосле се пострижала, Филарет еднаш ја затекнал како плаче и на прашањето зошто, таа му одговорила дека не може стрикно да ги исполнува сите свои задолженија. Тогаш Филарет ја утешил и и ветил дека ќе се моли за неа, Господ да и дари благодатна сила, да ги понесе сите тешкотии и искушенија.
Во 1788 Симоновиот манастир беше претворен во болница, а Филарет, по волјата на митрополитот Гаврил, беше извикан во Петербург како монах со строг живот и вброен во братството на Александро-Невскиот манастир. На 21 мај 1789 година митрополитот го ракоположил за јеромонах.
Во февруари 1791 година старецот беше преместен во Новгородското подворие во Москва, за таму да извршува свештенослужење и да управува. Но таа должност, поврзана со многу житејски грижи, не му одговараше нему и беше дополнително тешка за него и поради неговото кревко здравје. На 7 јули 1794 година на негова молба беше ослободен од управувањето со подворието и во септември истата година беше назначен во Новоспаскиот манастир „во болницата“, односно извршуваше редовно свештенослужење во Николаевската болничка црква. Во отсуство на игуменот земаше учество во управувањето со манастирот како член на манастирскиот духовен собор, Освен тоа беше економ во кујната и одговорен за општата трпеза.
Во 1798 година отец Филарет, како опитен во духовниот живот, беше избран на должноста братски духовник од архимандритот Јакинт и од целото братство. Но, наредната година поради болеста и крајната изнемоштеност и слабост, беше ослободен од сите должности и оставен на болничка нега.
Од тој момент па натаму тој се подвизуваше исклучително во молитва и читање на свештени книги и дела на светите Отци. Ретко ги пречекоруваше портите на манастирската ограда. Само преку тивките летни вечери, кога движењето на луѓето стивнуваше, тој излегуваше со својот пријател архимандрит Александар (во 1811 година бил произведен во чинот архимандрит во Арзамас) и со отец Михаил, близок до него по дух, на заедничка прошетка околку манастирските зидови. Освен со нив, Филарет одвреме навреме духовно општел со схимонахот Атанасиј, по фамилија Захаров, постриженик на старец Пајсиј, кога тој пристигнал од Флориштева пустина (Владимирска епархија) во Москва.
Откако помина неколку години во строго безмолвие, Филарет останатиот дел од својот живот, приближно од 1809 или 1810 па натаму, го посвети на отворено служење на ближните, предлагајќи најразлични совети и утехи на сите кои го барале тоа, без да прави разлика меѓу лицата и нивната социјална положба. Пред нападите на французите на Москва (тие влегле во главниот град на 2 септември и го напуштиле на 11 октомври), старецот заминал со семејството на Н. И. Курманалеева во нејзиниот чифлик што се наоѓал во Волгодската губернија. Таму тој многу сакал на зајдисонце да се шета со нејзиниот мил внук Г. С. Карнович, тогаш се уште момче. Знаејќи дека во нивниот крајмосковски имот има каменест рид, еднаш Филарет му рекол на Карнович:
„Не заборавај, кога ќе пораснеш да поставиш каменче на твојот рид врз мојот гроб, само гледај каменчето да биде обично“.
Волјата на смирениот старец по неговата смрт беше исполнета токму така.
На заминување во Вологодската губернија и потоа на враќање од таму кон Москва, Филарет го посети Московскиот-Јаковлевски манастир, каде наскоро била погребана мајка му и игумен бил брат му, архимандрит Аполинариј.
Веројатно во тоа време започнала дружбата на старец Филарет со старец Амфилохиј, јеромонах од Јаковлевскиот манастир, којшто стоел 40 години пред раката на светителот Димитриј, и починал во 1824 година.
По враќањето во Москва старецот продолжи речиси до крајот на својот живот да ги поучува ближните и да им помага, Често се случуваше од многуте посетители да нема време ниту за трпеза, ниту за краток одмор и покрај измачувачката болест (хернија), од којашто страдаше.
Прозорливоста на старецот беше поразителна. Тој одговараше дирекно на мислата. Понекогаш се случувало некој да му го зборува обратното од тоа што го знаел или чувствувал, а старецот како да не го слушал расказот, одговарал дирекно на внатрешната состојба на тој човек. И тој се преплашувал и ја исповедал вистината. Не извршуваше исповед како таинство, но мнозина му ги откриваа своите гревови, за да добијат од него олеснување и смирување на совеста. Слично на други современи подвижници на благочестието, Филарет даваше писмени одговори на луѓе кои му се обраќаа со писмени прашања (пишувал со големи букви).
Една крупна силна селанка на грофицата Орлова-Чесненска со солзи му раскажала на старецот дека нејзиниот син, продавач во продавница на московски трговец (на Калужкиот пазар), испратен од работодавачот да собира долгови, веќе неколку седмици е исчезнат без трага.
„Седни друшке - и рекол старецот - доста си плачела. Твојот син не е исчезнат, туку се наоѓа на убаво место и наскоро ќе се врати“.
И навистина нејзиниот син наскоро се вратил. Наместо да собира пари, тој се обидел да стапи во некој далечен манастир, но без пасош не бил примен никаде и бил принуден да се врати. По извесно време тој млад продавач, по наговор од мајка си дошол кај старецот да побара благослов за стапување во манастир. Старецот рекол:
„Нема да ми земе многу време да те благословам да стапиш во манастир. Но, тешко е да се живее во манастир, нема да издржиш.
Почекај, дете мое, почекај!“
Внуката на генерал Л-н Екатерина отишла кај отец Филарет заедно со својот свршеник. Старецот, благословувајќи ја невестата рекол тивко, дека ја чека подобар младоженец. По три дена таа добила треска и починала.
Позната е средбата помеѓу старците Зосим и Филарет. Во 1826 година старецот Зосим близу до Москва ја основал Троице-Одигитриевската пустинска обител, за своите ученички кои го следеле од Сибир. Зосим сакал да стапи во Соловецскиот манастир и решил да се обрати за совет кај старец Филарет. На пат кон Новоспаскиот манастир старецот Зосим навратил во Иверскиот параклис на Божјата Мајка и усрдно се помолил пред Нејзината света икона, Таа да му ја открие Божјата волја преку старецот Филарет. Кога влегол во неговата ќелија, Зосим смирено му се поклонил до земја на старецот и точно и чистосрдечно му раскажал се. Без долго да размислува, Филарет решително и со тврдост рекол:
„Заради Бога, не оставај ги доверените души! Врати се назад!“
И великиот старец Зосим се вратил кај сестрите.
Оптинскиот старец преподобен Макариј на враќање од Петербург кон Плоштанската пустина, каде што тој се подвизувал на почетокот, добил утеха (во октомври 1832 година) кај отец Филарет. Духовната беседа и длабокиот разум на новоспаскиот старец, проникнати од силата и светлината на благодатта, и неговата убов засекогаш се врежале во сеќавањето на отец Макариј, кој на негов совет се преместил од Плоштанската во Оптина пустина. Во ќелијата на преподобниот Макариј имало портрет на старецот Филарет.
Благочестието на старецот беше многу поучно.
Поради многуте посетители, и најмногу заради својата болест, тој не можеше да оди во храмот на секоја служба, но секој ден, без да пропушти, присуствуваше на раната Литургија (во болничката црква). Самиот тој од извесно време (16 години пред својата смрт) не извршуваше литургии, но се причестуваше со Светите Тајни преку шест седмици, после внимателна подготовка и исповед.
И покрај својата немоќ, благоговејниот старец никогаш не седеше не само во храмот, туку и во својата ќелија, кога го извршувал своето монашко правило.
Со залагање на старецот Филарет беа направени сребрени опкови на месните икони „Успение на Божјата Мајка“ во Преображенскиот собор, на Спасителот во црквата „Покров Богородичен“, „Успение на Божјата Мајка“ и на светителот Николај во болничката црква „Свети Николај“. Во долниот дел на сите тие опкови, по неговата смрт е издлабен натпис за упокој на схијеромонах Теодор.
Освен со молитва, првенствено ќелијна, старецот Филарет сакаше рано наутро и доцна навечер да се занимава со читање на светоотечки книги, кое што станало уште понеопходно за него од моментот кога тој започнал да ревнува за спасението на ближните.
Неговата начитаност беше исклучителна.
Понекогаш минуваше цели ноќи во бдение и богомислие. Еднаш тој бил забележан од некого и простосрдечно му било кажано, Тој одговорил:
„Не сум спиел, но ти си поспа и за мене“.
Воздржанието на старецот во однос на храната беше постојано. Земаше храна еднаш дневно, обично надробен леб во обична чорбичка, а по ручек пиеше чаша чај со коркичка бел леб. Во некои денови (најчесто во четврток) се хранеше само со просфора, донесена од храмот. Во понеделник (во чест на бестелесните Сили), во среда и петок секоја седмица задолжително постеше, со исклучок на празниците, кои се случувале во тие денови. Особено строго го минуваше Великиот пост. Во првата седмица на постот и во Страсната седмица слабиот, сув старец воопшто не примаше никаква храна, само понекогаш испиваше малку топла вода.
Прозорливиот старец го предвиде приближувањето на својот крај.
„Време е и коските да се пензионираат - рече благодушниот страдалник на болничкиот одар, - не можеш да го одбегнеш тоа што е одредено од Бога“.
Во тој ден ја имаше утехата лично да земе благослов од светителот Филарет. Известен за пристигнувањето на архипастирот, старецот заплака од радост. На 17 август се исповедаше и се причести со Светите Тајни. Му соопшти на заменикот игумен на манастирот - неговиот духовен отец јеромонах Филарет, а подоцна и на игуменот архимандрит Аполос дека во 1826 година бил пострижан ќелијно во голема схима од светогорскиот јеромонах Инокентиј и тогаш бил преименуван во Теодор. Со молитва на устата отец Филарет почина мирно и тивко на 28 август.
По неговите молитви Господ Христос да не помилува и спаси и нас грешните. Амин.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ НАШИ СВЕТИТЕ УГОДНИЦИ ПЕЧЕРСКИ кои почиваат во Далната пештера на (преп. Теодосиј):
ПРЕПОДОБЕН МОЈСЕЈ ЧУДОТВОРЕЦ Тој го умртвувал своето тело на разни начини: врз голото тело носел железен појас и железен крст. За своите подвизи и трудови се удостоил на дарот на чудотворството.
ПРЕБОДОБЕН ЛАВРЕНТИЈ - затвореник.
ПРЕПОДОБЕН ИЛАРИОН - схимник.
ПРЕПОДОБЕН ПАФНУТИЈ - затвореник. Сеќавајќи се на својот смртен час постојано плачел и така го поминал сиот свој живот. На умирање видел хорови од ангели кои дошле кај него, му ја зеле душата и ја однеле на небото.
ПРЕПОДОБЕН МАРТИРИЈ ЃАКОНОТ За својата возвишена чистота и испосничките подвизи се удостоил на ѓаконството и дарот на чудесата. Сите за кои што тој се молел пред Бога стоејќи на амвонот, го добивале моленото. Тој со молитвата истерувал демони.
ПРЕПОДОБЕН ТЕОДОР, кнезот Острожски. Усрдно градел и украсувал цркви на Волина. Бил храбар заштитник на православните од насилството на папизмот. Откако се замонашил во Киево-печерскиот манастир го добил името Теодосиј.
ПРЕПОДОБЕН АТАНАСИЈ - затвореник.
ПРЕПОДОБЕН ДИОНИСИЈ - затвореник. Бил јеромонах и чувар на пештерата во Киево-печерскиот манастир. Вршејќи го тоа скромно послушание, тој достигнал таква светост, така што еднаш кога на Воскресение влегол во пештерата да ги покади моштите и по обичај рекол: „Христос воскресна!“ од сите мошти слушнал одговор: „Навистина воскресна!“ - овој настан толку го поразил преподобниот, што тој се повлекол во затвореништво.
ПРЕПОДОБЕН ТЕОФИЛ, епископот Новгородски. На почетокот се подвизувал во Отенската пустина и за време на свети Јона бил протоѓакон. По смртта на свети Јона Теофил со ждрепка бил избран за архиепископ Новгородски. Се прославил како ревносен заштитник на Православието во времето на Новгородските раздори. Се преставил околу 1480 година во близина на Киев, каде се упатил за поклонение на светите угодници. Неговите свети мошти почиваат во кивот.
ПРЕПОДОБЕН ЗИНОН - постник и трудољубец. Тој многу Му угодил на Бога со своите многубројни подвизи во доблесниот монашки живот со постот, молитвата, смиреноста и послушноста.
ПРЕПОДОБЕН ГРИГОРИЈ ЧУДОТВОРЕЦ Се одликувал со подвизите на воздржанието, постот и молитвата. Целиот живот се хранел со свежа трева и пиел само вода. Бил удостоен од Бога на дарот на чудотворството. Сите болни, откако ќе јаделе трева со водата од кои тој се хранел, се исцелувале.
ПРЕПОДОБЕН ИПАТИЈ - лекар и исцелител. Тој по цел ден се трудел на манастирското послушание и по цела ноќ стоел на молитва. Служејќи им на светите Отци за време на нивните болести, тој добил од Бога таков дар што со допирот на раката ги исцелувал болните.
ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ЛУКИЈАН Бил презвитер и поднел маченичка смрт при наездата на Батиј во 1239 година.
ПРЕПОДОБЕН ЈОСИФ МНОГУНАПАТЕНИОТ Боледувал многу години во светот и дал завет дека до својата смрт ќе служи во Печерската обител ако Господ му подари здравје. Господ му ја услиша молитвата и тој оздраве. Откако стапи во манастирот се до смртта усрдно се подвизуваше, угодувајќи Му на Господа со пости молитва и служејќи им на браќата во смирена послушност.
ПРЕПОДОБЕН ПАВЛЕ ПОСЛУШНИОТ Тој никогаш не беше без работа и без роптање го извршуваше секое послушание што му беше одредено од настојателот.
ПРЕПОДОБЕН СИСОЈ СХИМНИКОТ Животот го поминал во големи испоснички подвизи. Господ му дарува победа над страстите и злите духови.
ПРЕПОДОБЕН НЕСТОР - необразован, прост. Тој толку огнено Му служел на Господа, што за време на молитвата гледал ангели и самиот Господ Исус Христос. Бил претходно известен за својата смрт.
ПРЕПОДОБЕН ПАМВО Многу пострадал за нашата вера од незнабожните татари. Во 1240 година, веројатно кога монасите се затворале во пештерите заради непријателите, тие биле принудени да го испратат Памво по храна. Покорно извршувајќи го послушанието, Памво бил фатен од татарите и ставен на маки. На чудесен начин спасен од своите маки, тој починал во затвореништво.
ПРЕПОДОБЕН ТЕОДОР МОЛЧАЛИВИОТ. Го избрал молчењето како пат кон спасението.
ПРЕПОДОБЕН СОФРОНИЈ ЗАТВОРЕНИКОТ Секој ден го читал Псалтирот. Насекаде носел власеница и железен појас на телото.
ПРЕПОДОБЕН ПАНКРАТИЈ - јеромонах, кој починал во затвор.
ПРЕПОДОБЕН АНАТОЛИЈ - затвореник.
ПРЕПОДОБЕН АМОН - затвореник.
ПРЕПОДОБЕН МАРДАРИЈ - затвореник. Строго држел пост, молитва и послушност. Во својата ќелија немал ништо освен облеката што ја носел врз себе.
ПРЕПОДОБЕН ПИОР - затвореник. Се одликувал со чесност и трудољубивост.
ПРЕПОДОБЕН МАРТИРИЈ - затвореник.
ПРЕПОДОБЕН РУФ - затвореник.
ПРЕПОДОБЕН ВЕНИЈАМИН Богат трговец кој го раздал своето богатство, сиромаштвото го зел доброволно на себе и се потстрижал во монах. Неговите свети мошти почиваат нетлени.
ПРЕПОДОБЕН КАСИЈАН - затвореник.
ПРЕПОДОБЕН АРСЕНИЈ ТРУДОЉУБИВИОТ Тој никогаш не бил без работа, туку постојано или се молел или извршувал манастирско послушание. Никогаш не зел храна пред зајдисонце.
ПРЕПОДОБЕН ЕВТИМИЈ СХИМНИКОТ Тој живеел чисто и во молитвено тихување, трудејќи се во доблестите на големите светители. Откако примил схима, тој со никого не разменувал ниту збор. Никогаш не вкусил варена храна. Се хранел само со диво зелје.
ПРЕПОДОБЕН ТИТ Најпрвин бил војник и откако се замонашил усрдно се подвизувал во пост и молитва. Со сесрдните молитвени солзи стекнал од Бога таква благодат, што уште за време на животот бил известен дека гревовите му се простени.
ПРЕПОДОБЕН АХИЛ ЃАКОНОТ Строг испосник. Негова храна била една просвора за цела седмица.
ПРЕПОДОБНИ ПАЈСИЈ и МЕРКУРИЈ ПОСНИКОТ Живеејќи меѓусебно во неразделна братска лубов и едномислие, тие постојано Го молеле Бога да не ги раздели ни во овој ни во идниот живот. По смртта беа положени во еден гроб.
ПРЕПОДОБЕН МАКАРИЈ ЃАКОНОТ Од детство посветен на Бога, тој како монах толку усрдно Му служел на Бога во пост и молитва, што се удостоил на дарот на чудотворството.
ПРЕПОДОБЕН ПИМЕНТ ПОСНИК Бил игумен на Печерскиот манастир од 1132 година до 1141 година. Јадел само еднаш неделно и никогаш не си попуштал на себе ниту во постот ниту во трудот.
ПРЕПОДОБНИ ЛЕОНТИЈ и ГЕРОНТИЈ Канонарси на големата црква на Печерската обител. И двајцата од детството беа монаси. Му угодувале на Господа со молитвата, воздржанието и ревносното извршување на своето служење.
ПРЕПОДОБЕН ЗАХАРИЈ ПОСТНИКОТ Се хранел само со зрнеста пченица, и тоа земал по зајдисонце и во мала количина. Имал благодат на истерување ѓаволи.
ПРЕПОДОБЕН СИЛУАН СХИМНИКОТ Ревнител на чистотата и чувар на градина. Тој еднаш со молитвата ги приковал за земјата крадците кои беа дошле да крадат, па се сожалил на нив и ги пуштил со мир.
ПРЕПОДОБЕН АГАТОН ЧУДОТВОРЕЦОТ Тој со полаање на своите раце врз болните ги исцелувал и имал дар на пророштво и прозорливост.
ПРЕПОДОБЕН ИГНАТИЈ, архимандритот печерски (од 1435 г.) Тој со своите молитви исцелувал многу болни.
ПРЕПОДОБЕН ЛОНГИН, вратарот печерски. Тој ги знаел мислите на луѓето. Знаел кој со какви мисли влегува и излегува од манастирот.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ
ТРИЕСЕТ и ТРОЈЦА МАЧЕНИЦИ ИРАКЛИСКИ
Пострадале за Господа спалени во оган.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ДИОМИД и ЛАВРЕНТИЈ
Овие двајца свети маченици беа со стрели прострелани. Така се упокоија. Не е познато од каде се, ни кога и каде се упокоиле.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ АМФИЛОХИЈ,
епископот на Владимир Волински
Според кажувањето на летописот тој е хиротонисан во 1105 година, а се преставил 1122 година.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ИЛАРИОН,
митрополитот Киевски
Пред епископството беше презвитер во црквата на селото Берестов. Беше строг подвижник. Постојано одел од своето село на Дњепар во малечка пештеричка заради молитва. Во тоа време веќе бил познат како благ и книжевен човек, а заедно со тоа и како испосник. Во 1551 година свети Иларион од страна на Соборот на руските архипастири беше поставен за митрополит во Киев. Во тој чин многу се трудеше околу уредувањето на црковните училишта и околу засадувањето на вистинската набожност во својата паства. Се преставил околу 1606 година.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ШУШАНИКА (СУЗАНА)
Беше ќерка на Грузискиот цар и сопруга на Грузискиот кнез Васкен. Кога кнезот Васкен се одрече од Христа, света Шушаника не сакаше да му биде жена. Поради тоа беше подложена на жестоки маки, а потоа заклучена во мрачна и тесна темница. Тука светата маченица остана полни шест години, угодувајќи Му на Бога со непрестајна молитва и пост, и достигна таква висина на духовниот живот што твореше чудеса. Изнемоштена од суровите подвизи, таа мирно се упокои во темницата околу 466 година. Нејзините свети мошти почиваат во Тифлис, во Метехската црква.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ СИМЕОН, епископот Переславски
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ НАШИ ОТЦИ СТАРЕЦ ЕВЛОГИЈ и ДАНИЛ
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ДОСИТЕЈ,
игуменот Печерски
Прв го донел во Русија од Атон чинот на пеење на 12 псалми и напишал одговори на прашањата кои му биле поставени за животот на Светогорските монаси.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ТИМОТЕЈ,
игуменот Печерски
Беше игумен од 1127 година. Со неговата грижа кивотот на преподобниот Теодосиј беше обложен со злато и сребро во 1130 година.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АКИНДИН,
игуменот Печерски
Бил игумен од 1219 година. На негов предлог монахот на Печерската обител свети Поликарп го опиша животот на некои преподобни подвижници Печерски. Се преставил во 1235 година.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ДАМОН