11. Септември  (29. Август)

СИНАКСАР НА ОТСЕКУВАЊЕТО НА ГЛАВАТА

НА СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ

Свети Јован, Преттечата на нашиот Спасител Господ Христос, требало со својата смрт да ѝ претходи на доброволната смрт на нашиот Спасител, како што Му претходеше на Неговото раѓање, за, како што на земјата го проповедаше доаѓањето Спасово, говорејќи: „Доаѓа по мене Посилниот од мене“ (Марко 1, 7), така и во адот на душите на светите праотци да им го проповеда доаѓањето на Господа и да објави дека веќе се јавил очекуваниот Месија во светот. И како што Господ Христос требаше да пострада за гревовите човечки, така и Преттечата Негов пред Него прими страдалничка смрт заради Иродовото беззаконие. А тоа се случи вака.

Ирод, викан Антип, син на стариот Ирод, убиец на децата Витлеемски, зла фиданка од злиот корен, четворовласник во Галилеја, најпрвин се ожени со ќерката на арабскиот цар Арет и поживеа со неа немалку време. Но потоа, маѓепсан од убавината на Иродијада, жената на својот брат Филип, тој се зближи со неа, зашто таа се согласи на грев со него и по желба на оваа прољубодејка ја избрка својата законска жена и незаконски ја зеде за себе жената на братот свој. Дури и да умрел неговиот брат, тој не би можел да ја земе за жена, зашто би останала меѓу живите братовата ќерка, родена од неа. А законот наредувал дека братот може да ја земе братовата жена вдовица само ако умрениот брат не остави пород зад себе. Но, точно се знае дека Ирод ја превзеде жената на својот жив брат Филип и на тој начин изврши големо безаконие како грабнувач, прељубодеец и крвопомешувач.

Кога Ирод изврши такво зло, свети Јован Крстител, ревнителот на законот Божји, изобличувач на човечките гревови и проповедник на покајанието, не го дотрпе туку пред сите го изобличуваше Ирод како прељубодеец, кој ја зел братовата жена и му велеше:

„Ти не можеш да ја имаш жената на Филипа, братот свој“.

А Ирод, не трпејќи го изобличувањето, нареди, та Јована го фрлија во темница и го оковаа. Иродијада пак, особено се лутеше на светителот и сакаше веднаш да го убие, но не можеше, бидејќи и бранеше самиот Ирод и го чуваше затворен од неа. Ирод знаеше дека Јован е праведен и свет човек и порано со задоволство го слушаше и според неговите зборови вршеше многу добра. Затоа и се плашеше да го предаде на смрт. Но, се плашеше Ирод не толку од Бога колку од луѓето, како што и евангелистот Матеј вели: „И сакаше да го убие, но се плашеше од народот, зашто го сметаа за пророк“ (Матеј 14, 5). Се плашеше Ирод народот да не се крене против него и затоа не се осмелуваше јавно да го предаде на смрт пророкот и Крстител, сакан и почитуван од сите, туку само го мачеше во темницата, сакајќи да ја затвори незамолчливата уста на својот изобличувач.

Свети Јован беше во темницата долго време. Неговите ученици се собираа кај него и тој често ги поучуваше на доблесниот живот според законот Божји и им тврдеше дека Месијата веќе дошол во светот. Тој ги испраќаше кај Него, како што се вели во Евангелието: „А Јован, кога ги слушна во темницата делата Христови, испрати двајца свои ученици да го прашаат: Ти ли си Оној што треба да дојде или да чекаме друг?“ (Матеј 11, 2-3). Тој праќаше да прашаат, не затоа што самиот не знаеше, зашто како можеше да не Го знае Оној Кого самиот Го крсти и врз Кого виде дека слезе Светиот Дух, и за Кого го слушна гласот на Отецот Кој сведочеше, и на Кого самиот покажа со прстот, говорејќи му: „Еве Го Јагнето Божјо“ (Јован 1,36), туку тој ги испраќаше своите ученици кај Господа Христа, за тие со свои очи да ги видат славните чудеса што Тој ги вршеше, та конечно да се уверат дека Тој е Оној Кој дошол да го спаси родот човечки.

По некое време, на роденденот на Ирод, на кој тој по својот обичај приредуваше веселба, ги собра сите свои кнезови, војводи и старешини и приреди голема гозба. За време на таа веселба ќерката на Иродијада, откако играјќи многу му угоди на Ирод, по наговор на својата свирепа мајка ја побара главата на свети Јован Крстител, и ја доби, бидејќи Ирод се заколна да и даде се што ќе побара, макар тоа да биде и половината од неговото царство. И тој бедник, за да не ја прекрши својата заклетва и да не ја нажали и неа и нејзината гадна мајка, го отфрли стравот, заборави на Јовановата светост и како пијан, реши да ја пролие невината крв. Веднаш испрати џелат во темницата, со заповед да му ја отсече главата на Јована и да ја донесе на послужавник.

Така, Преттечата Христов, поради изобличување на Иродовото уживање со Иродијада, беше посечен во темницата и тоа доцна во ноќта; таа одвратна гозба светиот евангелист Марко ја нарекува вечера (Марко 6, 21); таа вечера се развлекла до после полноќ и кога веќе сите биле пијани и доволно науживани од играта на бесрамната девојка, тогаш беше извршено и ова неправедно убиство. И беше донесена главата на свети Јован на послужавник среде таа гозба, додека крв се уште капела и, како што соопштуваат некои, главата и после посекувањето ги изговарала оние прекорувачки зборови, велејќи му на Ирод: „Ти не можеш да ја имаш жената на Филипа, братот свој“.

О, колку голем страв ги обзеде сите на таа вечера кога ја здогледаа човечката глава, носена на послужавник како храна, од која течеше крв, и која притоа ја движеше устата и изговараше зборови, и која девојката ја зеде во своите дрски раце и и ја однесе на својата мајка. А Иродијада, откако ја зеде, го избоде со игла јазикот кој што го изобличуваше нивното беззаконие, и откако доволно се исмејуваше со неа, не ја даде да се погребе заедно со телото, зашто се плашеше Јован да не воскресне ако главата биде придружена до телото, па повторно да започне да ги изобличува и неа и Ирод. Телото на светиот Преттеча неговите ученици го зедоа во истата ноќ и го погребаа во Севастија, а главата Иродијада ја закопа во својот дворец, длабоко во земјата, на некое нечисто и скришно место. Што подоцна се случувало со главата на свети Јован може да се прочита под 24 февруари, кога се празнува наоѓањето на чесната глава на Крстителот.

По убиството на светиот Преттеча, несреќниот Ирод изврши и второ не помало злосторство. Го исмеа нашиот Господ Исус Христос за време на Неговото доброволно страдање ради нас, како што за тоа зборува светиот евангелист Лука: „Ирод, посрамувајќи Го Исуса со своите војници и исмевајќи Го, Му облече бела наметка и Го испрати назад кај Пилат“ (Лука 23, 11).

Но, казната Божја набрзо го стигна пророкоубиецот и христоисмевачот. Бидејќи од една страна крвта Јованова повикуваше против Ирода кон Бога, како некогаш крвта Авелова против Каин (1 Мојсеј 4, 1-16); од друга страна пак, останатите Иродови беззаконија, особено неговото исмевање на Господа Христа, ја навлекуваа врз него праведната казна Божја. И навистина по кратко време Ирод беше лишен од царството и од животот, заедно со Иродијада и девојката. Царот арабски Арет, осветувајќи се за срамот и бесчестењето, нанесени од Ирод на неговата ќерка, го нападна Ирод, а исто така и Ирод ја собра својата војска и тргна против Арет. Настана силна битка и војската на Арет ја победи Иродовата. Ирод претрпа страотен пораз. Сета негова војска загина, а тој самиот одвај се спаси. После тоа беше лишен од својата власт и сите свои богатства, а со прељубницата и нејзината ќерка беше испратен во прогонство од римскиот кесар Калигула, најпрвин во Галија во градот Лион. Потоа беше одведен во Шпанија, во градот Илерда, каде во беда и понижување завршија Ирод и Иродијада, но претходно ја видоа смртта на својата ќерка, која загина на следниот начин:

Еднаш во зима, таа сакаше поради некоја работа да премине преку заледената река Сикорис. Додека одеше по ледот, ледот се распукна под неа и таа падна во водата до вратот. Според правосудието Божјо, сантите од лед цврсто ја стегнаа околу вратот, та телото и висеше во водата, а главата ѝ беше над ледот. И како што некогаш играше со нозете по земјата, така сега играше со нозете во водата, за да го допре дното, и при тоа никој не можеше да ѝ помогне. Таа висеше така во водата се додека остриот лед не и ја отсече главата. Нејзиниот гаден труп, понесен од водата под ледот, не беше пронајден, а нејзината глава им беше однесена на Ирод и Иродијада, како некогаш главата на Преттечата, само отсечена не со меч, туку со лед. Така Божјото правосудие и возврати на девојката, виновна за отсекувањето на чесната глава на свети Јован.

Потоа загинаа и беззаконите убијци Ирод и нечистата Иродијата, зашто за нив се вели дека земјата се отворила и жива ги проголтала.

А пак свети Јован, како за време на животот така и по својата смрт беше Преттеча на Господа Христа. Пред слегувањето Спасово во адот, тој благовестеше таму за Бога Кој се јавил во тело и ги израдува сите праотци. Со нив тој беше изваден оттаму при разорувањето на адот со Воскресението Христово и се удостои на многу венци во Царството Небесно: како девственик, како пустиножител, како учител и проповедник на покајанието, како пророк, како Преттеча и Крстител и како маченик. По неговите свети молитви Господ да не упати на патот на вистинското покајание и да не удостои на Царството Небесно од милосрдниот наш Бог Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух слава за навек. Амин.

БЕСЕДА НА СВЕТИ ЈОВАН ЗЛАТОУСТ ЗА ОТСЕКУВАЊЕТО НА ГЛАВАТА

НА СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ

Повторно беснее Иродијада, повторно лудува, повторно игра, повторно ја бара од Ирода главата на Јована Крстителот! Повторно Езавела сака да го приграби Навутеевото лозје и да го протера свети Илија во горите. Сеќавањето на овие настани не ме возбудува само мене туку и сите вас, кои сте го слушнале гласот на Евангелието и заедно со мене се восхитувате и на јунаштвото Јованово, и на мекоста Иродова, и на ѕверската јарост на безбожните жени. Што нам ни раскажало Евангелието? Ни раскажало како Ирод, откако го фатил Јован, го ставил под стража. Со каква причина? Заради Иродијада, жената на Филипа, братот свој (Матеј 14, 3). Кој не би го обвинил Ирод, кој во мекоста своја им попуштил на безумните жени? Но, како повторно да се изразиме? Како да ја опишеме незаузданата злоба на овие жени? Изгледа не постои на светот вер понемилосрден од злите жени. Во секој случај токму за таква жена ми падна да зборувам во овој момент, а не за добра и честита, иако познавам немалку и чесни и добри жени и сметам за должност на својата совест, во свое време да проговорам и за нивната преданост на доброто и на богоугодниот живот.

Не постои на светот звер, со кој би можел да ја споредам злобната жена. Меѓу четвороножците, кој е пострашен од лавот? Никој, се разбира. Меѓу лазачите, кој е поужасен од аждајата? Повторно никој. Сепак, и лавот и ламјата не се толку зли како жената. Се повикувам на зборовите на Премудриот: „Подобро да се живее со лавот и змијата, отколку со лукава и злојазична жена“ (Сирах 25, 18). Можеби ти во овие зборови гледаш проста иронија?! Но, нив потполно ги потврдуваат делата. Лавовите се посрамиле од Даниил, фрлениот во јама, а Езавела го уби праведниот Навутеј. Китот го сочувал Јона во својата утроба, а Далила, отсекувајќи му ја косата и врзувајќи го Самсон го предала на непријателите. Ламјата, скорпиите и змиите се плашеле од Јован во пустината, а Иродијада му ја отсекла главата за време на веселбата. Илија гаврани го хранеле во горите, а Езавела, и тогаш кога на неговата молитва паднал благотворен дожд, му посакувала смрт. Еве што зборувала таа:

„Ако си ти Илија, а јас Езавела, нека ми испратат боговите најтешка казна и нешто повеќе нека ми додадат, ако до утре во оваа време не направам со твојата душа, она што беше направено со душата на секого од нив. (ЗЦар. 19, 2). Илија се исплаши и отиде да ја спасува својата душа и се оддалечи во пустината на ден пешачење; дојде и седна под една смрека и посака да умре, говорејќи:

„Доволно е веќе, Господи, земи ја мојата душа од мене, зашто не сум подобар од предците мои“.

Леле! Пророкот Илија се исплаши од жена! Оној, кој со збор го заклучи дождот за вселената, кој симна оган од небото, кој со молитвата мртви воскреснуваше, се исплашил од жена? Да, се исплашил! Та ничија злоба не може да се спореди со злобата на зла жена. Моите зборови го потврдуваат сведоштвото на Премудроста. Нема лукавост поголема од змиината и нема јарост поголема од женската јарост (Сирах 25, 17). О, зло и преостро орудие на ѓаволот! Преку жената тој некогаш го ранил Адам во рајот; преку жена тој го навел прекроткиот Давид на подло убиство на Уриј; преку жена уредил пад на премудриот Соломон; преку жена ослепел, лишувајќи се од косата многу силниот Самсон; преку жена ги погубил синовите на првосвештеникот Илиј; преку жена ја отсекол главата на светилникот на вселената Јован.

Та, што зборувам јас за луѓето?! Со помош на жената ѓаволот дури и ангелите ги фрлил од небото. Со помош на жената тој ги погубува сите, ги убива сите, ги срамоти сите, ги понижува сите. Бесрамната жена не штеди никого. Не го почитува ни левитот, ни свештеникот, не се срами ни од пророкот. О, од сите зла најголемо зло е злобната жена! Ако е сиромашна, злобата и доставува богатство. Ако веќе располага со богатство, таа ја удвојува својата злоба.

Неподносливо животно, неизлечива болест, нескротлив ввер - ете што е таа тогаш. Јас знам дека аспидата е возможно да се препитоми со благост, и дека лавовите, тигрите и леопардите се скротуваат и препитомуваат, а злобната жена е нескротлива, Притисната - таа лудува, милувана - се гордее. Ако нејзиниот сопруг е началник, таа и ден и ноќ го наговара на убиства и сплетки и замки, како Иродијада Ирод. Ако сопругот и е сиромашен, таа го поттикнува на завист и кавги. Најпосле, ако остане вдовица, таа се зафаќа самата да ги клевети сите. Стравот Господов не го зауздува нејзиниот јазик. Таа не се плаши ни од Бога ни од идниот Суд, не го признава законот на љубовта.

Уште пострашно, за злобната жена не претставува ништо ако сопствениот маж го предаде на смрт. За волја на вистината, праведниот Јов жената го поттикнувала да го забрза својот крај со богохулство. Кажи некој збор против Господа, му зборувала таа на Јов, и умри (Јов 2, 9). О, злобно суштество! О, безумна жена! До неа не допрела жалоста додека ги гледала страдањето на човекот, чие што тело вриело од црви и како со жив јаглен било покриено со гнојни рани. Таа не омекнала гледајќи ги страдањата и претсмртната мака проследена со грчеви и испрекинато дишење. Таа не го сожалувала додека го гледала како на ѓубриштето лежи гол, овој кој некогаш се појавувал во царскиот пурпур. Таа не се сетила ни на своите поранешни односи со него, ниту на добрата и славата што ги добила преку него. И наместо сето тоа - кажи некој збор против Господа, и умри. Ете ја благодарноста на жената. Ете го мелемот што ја ублажува болката. Ете го законот на сопружничката љубов. Дали некогаш Јов ти изговорил такви зборови жено, кога ти си била болна? Зарем, напротив не се трудел со молитвите и добротворството да ја ублажи твојата болка? А ти, без да се задоволиш со привремената казна што го снашла, сакаш да ја навлечеш врз него вечната, поттикнувајќи го на богохулство! Зарем не знаеш дека секој грев и хула ќе им се простат на луѓето, а хулата против Духот Свети нема да се опрости ни на овој ни на оној свет? (Матеј 12, 31-32),

Сакаш ли да видиш и друга сопруга со таква злоба? Сети се на Далила. Силниот Самсон таа го острижала, го врзала и го предала на непријателите. Својот сопствен маж, со кој делела иста постела, таа го заведувала, прелажувала, мамела со своето милување и своето лицемерство. Вчера го љубела, а денес го измамила. Вчера го усреќувала со љубов, а денес го погубила со измама. А зарем тој не бил убав? Та кој во тоа време бил поубав од него, кој на главата носел седум прамени коса, симбол на седмократната благодат? Или, зарем тој не бил силен? Но, кој бил посилен од него, кога тој и страшниот лав со свои раце го задавил на патот и илјада непријатели убил со челуста магарешка. Или, тој можеби не бил свет? Тој бил толку свет, та кога еднаш бил многу жеден и не можел да најде вода, се помолил на Бога и веднаш по неговата молитва од мртвата магарешка челуст што му била во рацете, потекла вода и тој ја згаснал својата жед. И толку прекрасниот, толку силниот, толку светиот маж, роден од жена, го врзала како злосторник и го предала на непријателите. Но, како жената можела да совлада толку силен маж? Таа ја користела неговата добрина. Ноќе дознала од него во што се состои неговата сила, а потоа го врзала со цврсти вериги. Залудно не објавува Премудриот: „Од онаа, која ти лежи во прегратки, чувај ја вратата на устата твоја“ (Михеј 7, 5). Кажи ми кој звер и кога подготвува нешто слично за својот мажјак? Каква змија бара да го погуби својот мажјак? Каква лавица подготвува смрт за својот. мажјак? Гледаш ли колку се вистинити зборовите на Премудриот? „Нема лукавост поголема од змиината и нема јарост поголема од јароста на жената“ (Сирах 25, 17). Со еден збор, оној што има зла жена, нека знае дека тоа му е награда за беззаконието. И ова го потврдува Премудриот: „Зла жена ќе му биде дадена на мажот беззаконик, за неговите зли дела“ (Сирах 25, 22-19). Со ова го завршувам своето слово за злобната жена.

Сега треба да се сетиме и на добрите жени, особено заради овде присутните. Добрите жени гледаат на доблестите на другите како на свои и нивниот труд го сметаат достоен за награда како својот сопствен. Како образец за добрите гостопримливи жени ќе укажеме на блажената Сунамка. Таа со согласност на својот маж подготвила во својот дом прибежиште за Елисеј, каде тој можел непречено да се одмора после своите патувања. Тука за него била подготвена постела, поставен светилник и маса, светилник не без светлина, туку со масло кое ја одржува светлината, и не празна трпеза туку со обилна храна.

А што да кажеме за онаа блажена вдовица, која во својот дом му дала засолниште на пророкот Илија? Ништо не ја попречило да му укаже гостопримство на пророкот, бидејќи при својата сиромаштија била богата со добро расположение. А таа била толку сиромашна што немала ни леб, ни вино, ни чорби, нити било што од земните производи. Ни родната нива не ѝ давала жито, ни лозјето не раѓало за неа слатко грозје, ни родното дрво не ѝ даваше наесен сочни плодови. И што може да се очекува кога кај неа немало ни педа обработлива земја, ни лакт земјиште погодно за одгледување на винова лоза. Сите нејзини средства за прехрана се состоеле во тоа што таа за време на жетвата одела по стрништата и собирала заостанато класје од жетварите. На тој начин подготвувала за себе прехрана за цела година! Кај неа дошол Илија, и тоа во време на ужасен глад, кога целата земја распукала од суша, кога небото пламтело како оган, воздухот бил врел како растопен бакар и облаците зауздани. Кога немало ни трева, ни цвеќиња, ни утринска роса, ниту дрвјата пуштале фиданки, ниту класјето ги нишало своите врвови, кога реките пресушиле и изворите одвај се хранеле од пазувите на земјата, а морето станало густо од сол, бидејќи немало притоки на слатка вода и не паѓало дожд. Токму тогаш дошол Илија кај оваа сиромашна вдовица. А колку нејзиниот живот дури и во нормално време бил полн со оскудица, можете да процените. Па сепак, пророкот, симнувајќи се од гората, се упатил кај неа, одминувајќи ги богатите, кои имале леб во изобидие. Но, зошто оној, кој со збор симнувал оган од небото, не донел храна за себе? Па тој можел да го стори тоа. Се разбира дека можел, но сепак не го сторил. Зошто? За да не ја лиши вдовицата од наградата за гостопримството, а и за преостанатото грст брашно кај неа да го умножи со својот благослов. Вусшност, пророкот дошол ваму не толку за да се прехрани себе си, колку да ја прехрани вдовицата и да го обелодени расположението на нејзиниот дух и срцето. Тоа се случило по промисла Божја. Сите свети луѓе, кои се наоѓаат во светот, Бог може да ги прехрани Самиот, но Тој понекогаш ги скратува Своите дарови, за со помош на гостопримството да го испита доброто расположение на срцата и да им даде можност да родат род. И само кога никој не ќе се најде да прими и укаже гостопримство, тогаш Тој или испраќа храна преку птица, како на Илија во гората, или преку непознат пророк, како на Даниил во јамата, или преку морски ѕвер, како на пример на Јона. Или пак, најпосле Самиот непосредно испраќа храна од небото како на нашите Отци во пустините. Бидејќи кога нема да се најде нешто што би можеле тие да го земат за храна, тогаш Тој од небото им испраќа манна и од карпите вода. Исто така, кога Неговите светии живеат во светот со останатите луѓе и се наоѓаат во неволја, Тој не ита со Својата помош, за да им даде можност на луѓето да стекнат спасение, правејќи им добро на неволните. Така, Илија дојде кај вдовицата, во чиј што дом немаше ништо освен грст брашно. Тој грст одвај беше доволен за неа и децата за ручек. А што и вели пророкот? „Донеси ми малку вода во сад да се напијам“ (ЗЦар. 17, 10). А кога таа појде по вода, тој викна по неа: „Донеси ми малку леб да јадам“ (ст. 11). Како одговор на тоа, таа отворено призна што има а што нема дома. А што всушност? Во името на Бога немам печен леб, туку само грст брашно во садот и малку масло во бардето (ЗЦар. 17, 12). Зачудува тоа што при таква сиромаштија таа не крие што останало во нејзиниот дом. А колку луѓе денес кај кои златото и среброто ги има насекаде по нивните домови, на повикот да помогнат на ближните одбиваат, повикувајќи се дека немаат ништо. Ако пак на упорните молби и се согласат да дадат, тие претходно го осигуруваат тоа со потпис и договор. А ете, вдовицата при првите зборови изјавува дека има грст брашно. И што прави пророкот потоа? Бргу, и вели тој, замеси леб од тоа брашно, но прво за мене, па потоа за себе и своите деца. За неа тие зборови беа искушување, проба за нејзиното срце, пробен камен за нејзината волја, како самото срце на оваа блажена жена да било ставено на вага и мерено. На која страна ќе притегне вагата? На љубовта спрема родените деца или на должноста на гостопримство спрема пророкот? И таа претпочитала да скрати од своите деца и од себе, а да го прими пророкот. Како да знаела дека оној што го прима пророкот во име пророчко, ќе прими плата пророчка. И кој ќе напои еден со чаша студена вода во име на ученик, нема да ја загуби својата награда (Матеј 10, 41, 42). Но, што значи околноста што пророкот ја моли да побрза со месењето на леб за него? Зарем бил толку гладен, па му било толку потребно да ита? Не, се разбира дека не, туку оваа забрзаност требало да го посведочи нејзиното усрдие, готовност и топлина на нејзиното гостопримство и отсуството на лутина или негодување. „Бог го њуби оној кој доброволно дава“ (2Кор. 9, 7). Што побрзо замеси за мене, па потоа за себе и своите деца. Побрзај како што Авраам при посетата на ангелот побрзал кај своите стада, за да одбере јагне да ги угости, и како што Сара поитала во своите остави, за да добие за тоа леб, кој се сокрива на небото. Побрзај и донеси, како Авраам, жртвувајќи се на Бога, не првин на себе, па после мене како Каин, и Офниј и Финес, синовите на првосвештеникот Илиј, кои богохулно ја присвоиле за себе првината од даровите што Му се принесувале на Бога.

И вдовицата со усрдност ја исполни наредбата на пророкот. А тој, набљудувајќи го со своите духовни очи нејзиното внатрешно богатство, прими леб од нејзините раце и со својот восклик го исполни нејзиниот дом со богатство: брашното во нејзините садови нема да се потроши, ниту маслото во бардето нема да исчезне додека не пушти Господ дожд на земјата (3 Цар. 17, 14). Зошто пророкот одредува таков рок? Било неопходно да го направи тоа, бидејќи тоа било знак дека новозаветната благодат, слично на паднат дожд, треба да стави крај на стариот закон. После зборовите на пророкот следувало дело. Гледаш ли како добрите жени ги жнеат плодовите на своето гостопримство? Толку се славни плодовите на добрите напори! Толку е неискоренлив коренот на вистинската мудрост!

Сега слушнавте, жени, и за злите дела на лошите жени и за доблестите на добрите. Засакајте ги првите и угледувајте се на вторите. Со едните натпреварувајте се, а од другите бегајте, та одејќи по стапките на добрите, да бидете приброени во светителите на Христа Иисуса, нашиот Господ, Кому слава и пофалба за навек. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ВАСИЛИЈА

Оваа света маченичка пострада за Христа Господа во Срем.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ АРКАДИЈ ЧУДОТВОРЕЦОТ

Роден е во селото Миландра на Кипар, од родители Михаил и Ана. Се школувал во Цариград и по враќањето на Кипар за својот подвижнички и доблесен живот беше избран за епископ Арсинојски, после свети Никон. Богоугодно пастирствуваше и мирно се упокои во Господа. Негов брат беше свети Теосевиј Арсинојски.

СПОМЕН НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА ТЕОДОРА СОЛУНСКА

Беше ќерка на еден побожен благочестив човек на име Антониј, клирик на Големата Црква. Преподобна Теодора живееше на островот Егина. Тука нејзиниот татко ја омажи за еден угледен човек, со кој доби едно женско дете. Но, кога градот Егина беше загрозен од арапите, тие се преселија во Солун. Тука тој ја даде својата ќерка единица во манастир и во монаштвото го доби името Теописта. Како монахиња беше голема подвижничка. Често слушала ангелско пеење и им зборуваше на сестрите: „Не слушате ли колку прекрасно пеат ангелите во Небесното светилиште?“ Се упокоила на седумдесет и пет годишна возраст, во 872 година. Од нејзиното тело потекло целебно миро, од кое многумина се исцелиле. Делче од нејзините свети мошти денес се наоѓаат во манастирот „Келии“ кај Ваљево.