12. Септември  (30. Август)

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ОТЦИ НАШИ: АЛЕКСАНДАР, ЈОВАН и ПАВЛЕ,

патријархот Цариградски

Свети Александар беше хороепископ при свети Митрофан, првиот цариградски патријарх, украсен со сите доблести. Кога во Никеја се свика Првиот Вселенски Собор на светите Отци, патријархот Митрофан, многу остарен и болен, не можеше да појде, па го испрати овој поборник на благочестието Александар. Како заменик и претставник на патријархот на Соборот, Александар со голема ревност се бореше за Православната Вера против злочестивиот Арија. Кога заседавањето на Соборот заврши и Александар се враќаше од Никеја во Цариград, на блажениот Митрофан му се јави ангел Господов, му објави дека крајот му е близу и му нареди за патријарх после себе да го постави Александар. Ангелот му рече на Митрофан: „По десет дена ти ќе добиеш венец од Бога, а патријаршискиот престол после тебе нека го прими твојот сослужител Александар. Благочестивиот цар Константин Велики со многу отци дојде да го посети свјатјејшиот патријарх Митрофан, кој болен лежеше на смртниот одар. И кога Константин го праша кого тој би благословил да го прими патријаршискиот престол по своето преставување, свети Митрофан одговори:

„Господ ми откри после мене престолот да го прими мојот сослужител Александар, навистина достоен за избор и дар на Светиот Дух“.

Така и се случи. Кога свети Митрофан отиде кај Господа, Александар беше поставен за патријарх Цариградски. Тој ревносно го пасеше словесното стадо Христово, отфрлајќи ги еретиците и елините, зашто водеше голема борба не само со аријанците, туку и со елинските философи.

Еднаш некои од елинските философи му пристапија на царот и се осмелија да го изобличуваат патријархот Александар затоа што ја отфрлил древната вера на отците и римските и грчки закони, а примил некоја нова вера и нови закони, кои, според нив, ќе бидат не за утврдување туку за разорување на царството. И философите го молеа царот да им дозволи да одржат расправа за верата со епископот Александар. Царот дозволи. Светителот Божји, иако не беше обучен во елинската философија, сепак, полн со Духот Свети, не ја одби расправата. Философите се собраа во голем број и изразија желба сите да се препираат со христијанскиот епископ. Тогаш светителот ги замоли од својата средина да го изберат најмудриот и најречитиот философ, кој ќе ја води расправата, а останатите да слушаат.

- Невозможно е, - велеше свети Александар, - еден човек да ви одговара додека вие викате и кревате врева.

Тогаш философите избраа еден, кого го сметаа за најмудар, а самите се подготвија внимателно да слушаат. Отпочнувајќи со расправата, свјатјејшиот патријарх му рече на тој философ:

- Во името на мојот Господ Исус Христос, ти наредувам да замолкнеш!

И веднаш му се одзеде јазикот на философот и онеме, та не можеше ни збор да проговори. Сите философи се преплашија и посрамија. Некои од нив засрамени побегнаа а некои во Христа поверуваа. Онемениот философ со помош на знаци објасни дека ја признава својата заблуда и вистинитоста на христијанската вера. Потоа падна пред нозете на светителот и јазикот му се разврза, па започна гласно да Го слави Христа и беше крстен со останатите свои пријатели. На тоа сите се израдуваа и Го прославија Бога, Кој му дари таква чудесна сила на Својот угодник.

Свети Александар потоа со својата молитва го усмрти и злочестивиот Арија. Еретикот Арија неколку години по Првиот Вселенски Собор, повикан во Цариград, препредено го измами благочестивиот цар Константин, кога тој го праша дали верува онака како што светите Отци утврдија да се верува на Соборот во Никеја А Ариј, имајќи во своите пазуви хартија, на која беше испишано неговото еретичко зловерие, удирајќи се во градите, рече:

- Така верувам!

На тој начин овој еретик привидно и измамнички ја изрази својата согласност со верата утврдена во Никеја, додека во својот ум зборуваше дека верува онака како што со својата рака напишал на хартијата што е во неговите пазуви. И се колнеше пред царот дека „така верува“.

Не знаејќи какво лукавство е посреде, царот му поверува и го испрати кај свјатјејшиот патријарх Александар, со наредба да го прими во црковна заедница Арија како православен. Притоа недела беше одреден како ден во кој тој треба да биде внесен во храмот, за општење со верните. Но, свети Александар одбиваше во црковната заедница да го прими Арија, кој беше основач на ереста. Одминуваше саботата и наближуваше недела. Таа ноќ архиерејот Божји се фрли во олтарот пред престолот на молитва, со солзи молејќи Го Бога веднаш да му ја земе душата, за да не го дочека денот во кој Ариј ќе и пристапи на црковната заедница и причеста со Светите Тајни, или пак, да се сожали на Црквата Своја и да го избрише Арија од земјата на живите.

Така се молеше свети Александар цела ноќ. А кога осамна и се наближи времето на светата Литургија, Ариј со голема гордост тргна од царската палата, опкружен со царски великодостојници, приврзаници на неговата ерес и мноштво вооружени. Кога наближи до местото наречено „Константинов плоштад“, каде имаше столб со царев кип, Ариј го обзеде страв од грижа на совеста и од тој страв доби болки во стомакот и итна потреба, па започна да бара некое закриено место. Во близина се наоѓал народниот нужник и Арија влегол во него, но ненадејно го зафатиле силни болки во стомакот, му се распукнала утробата како кај Јуда, та сите црева му испаднале. Така бедно издивна еретикот, горко исфрлајќи ја својата душа. А оние што стоеја надвор и чекаа да излезе, кога видоа дека долго го нема, влегоа и го најдоа како лежи мртов, во гној и крв. И веднаш по целиот град се пронесе веста за ужасната ненадејна смрт на еретикот Ариј. Еретиците многу се посрамија, а православните се радуваа што Христос, вистинскиот Бог, му се одмазди на Својот непријател и хулник. Особено свјатјејшиот патријарх Александар Му принесуваше благодарност на Христа Бога што се сожали на Својата Црква и ја спаси од оној опак волк. Кога благочестивиот цар Константин дозна за таквата смрт на Ариј, многу зајакна во благочестивата вера и се до својата смрт ги штитеше догматите на Никејскиот Собор.

Таква сила пред Бога имаше праведната молитва на големиот архиереј Божји Александар. Како остар меч таа го усмрти непријателот Божји и ѝ достави славење на Црквата Православна. Тоа подоцна го спомнува и свети Григориј Богослов во својот говор до граѓаните на Цариград, пофално изразувајќи се за Александар и велејќи вака:

„Вистината ќе ви ја речам, бидејќи сте ученици на славниот Александар, големиот поборник и проповедник на Света Троица, кој со збор и на дело ја отфрли еретичката заблуда. Вие се сеќавате на неговата рамноапостолна молитва, со која тој основачот и раководител на безбожието го уништи на место, кое што го заслужуваше најбезбожниот јазик, за преку срам срамот да го освети и со потполно заслужената срамна смрт, вечно да биде изобличено смртоносното зло на еретиштвото, кое погуби многу души“.

Ова слово свети Григориј го зборува во пофалба на свети Александар, а на посрамување на злочестивиот Ариј, спомнувајќи ја Александровата молитва, која што ја предизвика срамната смрт на Арија во нечисто место. Како што Ариј го срамотеше Синот Божји, хулејќи на Неговото Божество, рамномоќно и совечно на Бога Отца, така и самиот доживеа срам - бесчесна смрт. На тој начин срамот беше одмазден со срам.

Пасејќи ја Црквата Христова многу години, свети Александар достигна длабока старост. И кога беше на умирање, верните се собраа околу одарот на својот пастир и го прашуваа:

- Оче, на кого не оставаш? Кого ни го поставуваш после себе, кој по твоите стапки мудро би управувал со Црквата?

А тој, посочувајќи на двајца чесни мажи, презвитерот Павле и ѓаконот Македониј, рече:

- Ако сакате да имате мудар пастир и украсен со доблести, тогаш изберете го Павле. Ако пак, сакате да имате пастир само благообразен и со надворешна убавина украсен, тогаш изберете го Македониј.

Откако го рече тоа, свјатјејшиот патријарх Александар се престави кај Господа на 98 годишна возраст. После него престолот го прими свети Павле, првиот цариградски патријарх со тоа име. Неговиот спомен се празнува на шести ноември.

Свети Јован, наречен Кападокс, зашто беше родум од Кападокија, го прими престолот на Цариградското патријаршиство после неправоверниот Тимотеј, при крајот на царувањето на Анастасиј еретикот“. Тој беше избран против своја волја, зашто не сакаше толку висок чин и беше издигнат на патријаршискиот престол повеќе од правоверниот народ отколку од царската власт. Овој цар и припаѓаше на ереста на псевдопатријархот Антиохиски Север, противник на Четвртиот Вселенски Собор на светите Отци во Халкидон. Овој еретик Север го следеше учењето на Диоскор и Евтихиј, одлачени од тој Собор и предадени на анатема, бидејќи признаваа само една природа во лицето на нашиот Господ Исус Христос. Тој тврдеше дека во Бога Словото при воплотувањето и телото се слеало во една природа, а не признаваше дека во едното лице Христово постојат две природи, како што поучуваа светите Отци и како што сега догматствувајќи Црквата пее: Како Бог по природа и заради нас постанувајќи човек по природа, Он не се разделува во две лица туку се познава во двете природи кои се неслиени. Овој злоумен противник на Православието тврдеше лудост, дека божем Божеството на Света Троица страдало на крстот заедно со човечанството Христово. И затоа се осмелуваше на Трисвето да ги додава зборовите „распнијсја за ни, помилуј нас“.

Од овој беден Север никна и ереста акефалити, односно безглави, така наречени затоа што не ја признавале власта на православниот епископ, кој е старешина на црквите, како што главата е старешина над останатите делови од телото, туку секој од нив го сметал самиот за себе старешина и учител, но според умувањето на својата безумна глава. Кога изумреа неправоверните епископи и презвитери, кои се придржуваа до ова лажно учење, меѓу овие еретици според црковно пропишаните чинови не се вршело ни крштевање, ни Божествена Литургија. Тие се причестувале со одамна подготвен и чуван агнец на Телото Христово, собирајќи се во деновите на светата Пасха и кршејќи агнец на најситни делчиња. И тогаш секој од овие еретици измислуваше за себе вера каква што сакаше. Самоволно присвојувајќи за себе власт на учителство, тие и други учеа на своето лажно учење. Затоа од овие еретици се намножија многу други ереси, една наспроти друга. За овие еретици црковниот историчар Никифор Калист во осумнаесетата книга, во четириесет и петата глава, пишува:

„Во таквите еретици спаѓаше злочестивиот цар Анастасиј и многу ја смутуваше Црквата Божја, прогонувајќи ги православните архиереји од нивните престоли. Овој цар намисли на секој начин да го протера и новопоставениот патријарх Цариградски, овој свети Јован, но го стигна казната Божја и му го прекина животот со грозна смрт“.

Не е на одмет овде да спомнеме и за смртта на овој зол цар, која што се случи на следниот начин:

Овој цар, неколку дена пред да загине, видел на сон еден страшен човек, кој како Судија седел на висок престол во слава, пред кого стоеле мнозина. Тој Судија во својата рака држел книга и кога ја отворил во неа го нашол името на царот Анастасиј. Покажувајќи му го тоа на царот Анастасиј, рекол:

„Јас сакав да ти дозволам да поживееш уште доста време, но заради твоето зловерие ќе ти намалам, односно избришам од твојот живот четиринаесет години“.

Откако го рекол тоа, Судијата го избришал запишаното во книгата. А царот се разбуди сиот растреперен, повика еден од своите најверни советници, на име Амант, свој истомисленик во ереста и во сите зла, и со тага му го раскажа своето сновидение. Амант се запрепасти и рече:

„Оваа ноќ и јас имав страшно видение. Ми се стори како да стојам пред твоето царско лице и ти служам. Но, ете, некоја огромна свиња дотрча, ме фати за облеката, ме собори на земјата и ме изеде“.

Откако си ги раскажаа еден на друг така страшните соништа, и ги обзеде ужас, тие повикаа некој врач, на име Прокл, и му ги изложија своите соништа, за да ги протолкува. Тој им рече дека и двајцата наскоро ќе умрат. И навистина, по неколку дена во царскиот дворец удри гром и го уби царот.

По загинувањето на царот Анастасиј, на царскиот престол беше избран Јустин, благочестив и праведен човек. А Амант, и со него останатите расипани луѓе, соработници на Анастасиј во неговите злодела и гонители на Црквата, според праведниот суд беа предадени на смрт. Така се исполнија сновиденијата и на Анастасиј и на Амант.

По загинувањето на овие непријатели на Црквата, настапи мир и спокојство во Црквата Христова и меѓу нејзините пастири. Свјатјејшиот патријарх заедно со новоизбраниот благочестив цар Јустин и со сиот правоверен народ, радосни заради ослободувањето на светата Црква од насилничкото ропство, принесуваа благодарствени молитви. Наскоро потоа патријархот свика четириесет најблиски епископи на помесен собор, на кој беше предаден на анатема Север, лажниот патријарх Антиохиски и сите негови истомисленици, а потврден и прославен Четвртиот Вселенски Собор Халкидонски. Останатите денови од својот живот свети Јован ги помина во црковен мир, ревносно пасејќи го своето доверено стадо и угодувајќи Му на Бога. Беше на престолот три години и отиде кај Господа.

Денес празнуваниот свети Павле, четвртиот Цариградски патријарх со тоа име, беше родум од Кипар. Патријаршискиот престол тој го прими после Никита, еретикот иконоборец, за време на царувањето на Копронимовиот син Лав. За овој свети Павле во житието на свети Тарасиј пишува:

„Павле беше доблесен и благочестив, но плашлив. Додека ги гледаше големите насилства од злочестивиот цар над многу правоверни заради светите Икони, тој го таеше своето благочестие и општеше со еретиците, иако против своја волја. А пак по смртта на овој зловерен цар, тој сакаше да воспостави побожно почитување на светите Икони, но не можеше бидејќи немаше помошник. Меѓутоа иконоборството многу зајакна во целиот град и во околните покраини. Затоа Павле беше многу нажален. Кога виде дека не може да успее, тој намисли да го остави патријаршискиот престол, на кој помина не повеќе од четири години. Потоа се разболе и тајно замина од патријаршискиот дом во манастирот на свети Флор, каде прими на себе света схима. За тоа набрзо се дозна насекаде и сите многу се чудеа. Царицата Ирина се нажали што патријархот го сторил тоа без да извести некого, па отиде кај него со синот, царот Константин, и го праша:

- Оче, што си сторил? Од кои причини?

Павле и одговори:

- Да го примам овој свет схимнички образ ме поттикна мојата болест и очекувањето на блиската смрт. А да го оставам патријаршискиот престол најмногу ме поттикнаа црковното смутување и нереди. Црквата страда од иконоборната ерес. Од долгото злоумие на еретиците, Црквата се здоби со страотна рана и јас бедниот со своја рака веќе три пати ја потпишував и ја одобрував таа ерес. Јас не само што не ги одбегнав замките на зловерието, туку и со јазикот и со раката се заплеткав во нив, поради што сега многу се кајам, а најмногу од се неизмерно ме тишти и ми ја мачи душата тоа што сите земји, потчинети на вашата власт, држејќи го православното исповедање на верата, пребивајќи и веселејќи се во православното учење, се отуѓуваат од нашата Црква и нас како туѓи овци не отфрлаат од себе како од Христово стадо. Ете, поради тоа не сакам да бидам пастир на еретичкиот собор и повеќе сакам да бидам во гроб, отколку да подлегнам на анатема на светите четири престоли апостолски. Но, бидејќи Бог му даде власт на скиптарот во вашите раце, да се грижите за христијанското стадо во поднебесјето, немојте да ја превидете тагата на вашата Мајка - Црквата, ниту да ја оставите и понатаму во неутешна тага, туку на сите можни начини потрудете се таа повторно да го добие своето поранешно благолепие. Не дозволувајте и повеќе на одвратната ерес, како свиња која излегла од шумата, да го пустоши и уништува лозјето Христово и да го загадува со безбожно умување, за време на вашето благоверно царување. Вие имате искусен работник, кој може да го обработи гроздот на вистинското исповедање.

Го прашаа:

- Оче, за кого тоа зборуваш?

- Зборувам за Тарасиј, вашиот прв царски советник. Знам дека е достоен да управува со Црквата, зашто е моќен со жезолот на својот разум да го отфрли лажното еретичко учење, мудро да го пасе стадото Христово и да го собере во едно трло на правоверието.

Од ваквите зборови на патријархот Павле, благочестивата царица Ирина и нејзиниот син Константин си заминаа тажни. А Павле, обраќајќи им се на некои големци, кои останаа кај него, рече:

- О, никогаш да не седев на тој престол, кога Црквата преку насилства беше вознемирувана и од Вселенските престоли проколната! Ако не се свика Седми Вселенски Собор и иконоборната ерес не биде осудена, и вие не можете да бидете спасени.

Но, големците го прашаа:

- Азошто ти, при своето поставување за патријарх, даде писмено одобрување на иконоборството?

Павле одговори:

- Јас многу се покајав што го дадов тоа одобрување, и се плашам Бог да не ме казни што тогаш од страв молчев и не ви ја зборував вистината. Сега пак се кајам, и ви велам дека нема надеж за спасение ако останете во таа ерес.

Кратко време после тоа, патријархот Павле се упокои во мир. Оттогаш граѓаните во Цариград започнаа слободно и без страв да разговараат и да се препираат со еретиците за светите Икони, во чија што заштита никој не смеел уста да отвори од времето на Лав Исавријанецот, па сѐ до тогаш.

Откако го дознавме сето ова за сега празнуваните тројца светители Александар, Јован и Павле, Го прославуваме Едниот во Троица Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ХРИСТОФОР

За овој преподобен Христофор, писателите на книгата „Лимонар“, Јован и Софрониј, го пишуваат следното: „Кога бевме во Александрија отидовме кај ава Теодул, кој се наоѓаше во Света Софија во Фаран. Старецот ни раскажа:

Во киновијата на нашиот преподобен отец Теодосиј, која се наоѓа во пустината на светиот Христов град Ерусалим, јас се потстрижав во монаштво и таму сретнав голем старец на име Христофор, родум римјанин. Еден ден јас му се поклонив, велејќи:

- Те молам, оче, раскажи ми какви подвизи си имал уште од својата младост.

Бидејќи долго и усрдно го молев, старецот виде дека тоа го правам за душевна корист, па започна да ми раскажува за себе вака:

Кога се одреков од светот, чедо, јас имав голема љубов и усрдие кон монашкиот подвиг. Преку денот ги извршував послушанијата, а доцна навечер заминував сам во пештерата, во која порано имал обичај да се моли преподобниот Теодосиј а и останатите свети Отци. На влегување во пештерата правев сто метанија и на секое скалило паѓав ничкум пред Бога, а скалила има осумдесет. Штом ќе влезев во пештерата останував во неа, и се молев се додека не удреше клепалото за утринско богослужење. Тогаш излегував и одев во црквата. Во таквиот подвиг поминав единаесет години, без некогаш да го променам ова правило, подвизувајќи се со голем пост и чување на помислите, трудејќи се со телото во послушанијата што ми беа давани и трпејќи го секое оскудевање заради моето сиромаштвошубие. Една ноќ, кога дојдов кај пештерата и според обичајот ги извршив моите коленопреклонувања на скалилата и стигнав до последното скалило, јас застанав. Неочекувано се најдов во занес и ја видов целата пештера полна со кандила, од кои едни гореа а други не. Исто така видов и двајца светлолики мажи во бели облеки, кои одеа и ги уредуваа кандилата. Јас ги прашав:

„Зошто сте ги поставиле овде тие кандила? Од нив не можам да влезам и да се помолам!“

Тие ми одговорија: „Овие кандила се на отците кои се трудат во Бога“.

Тогаш јас ги прашав: „Зошто едни кандила горат а други не?“ „Оние кои усрдно Му служат на Господа ги запалија своите кандила, а мрзливците не“ - ми одговорија тие.

Тогаш повторно им се обратив: „Ве молам, кажете ми, гори ли моето кандило или не?“

Тие ми одговорија: „Труди се и моли се, па ќе го запалиме“.

А јас реков: „Јас постојано се молам и ништо друго досега не правев“.

По овие зборови си дојдов на себе и повеќе никого не видов. Потоа си реков: о, Христофоре, потребни ти се големи трудови, за да се запали твоето кандило.

Утредента излегов од својот манастир и се упатив кон Синајската Гора, без да понесам нешто со себе, освен облеката врз мене. Откако поминав педесет години на Синајската Гора во многу трудоги подвизи, кај мене дојде глас, кој ми рече:

„Христофоре, појди во манастирот во кој порано се подвизуваше, за таму да се упокоиш со своите отци“.

Преподобниот Христофор поживеа кратко после тоа, па ја предаде својата света душа во рацете Божји.

Повторно тој исти ава Теодул ни раскажа, велат Јован и Софрониј, за истиот отец Христофор, дека во една прилика пред своето преставување рекол:

„Еден ден излегов од својот манастир во светиот град Ерусалим, за да се поклонам и да го целивам Животворниот Крст Господов. И кога бев таму и се поклонив, на излегување видов еден брат, кој стоеше на вратите насред црковните порти, па ниту влегуваше, ниту излегуваше. А видов и два гаврана, кои спокојно летаа пред неговото лице и не му даваа да влезе. Јас препознав дека тие гаврани се демони и му реков на тој брат:

- Кажи ми, брате, зошто стоиш насред врата и не влегуваш?

Тој ми одговори:

- Прости ми, оче, ме обзеле помисли. Една помисла ми вели: оди поклони се на Чесниот Крст и целивај го а друга ми вели: не, немој. Најпрвин оди и заврши ја својата работа, па во друга прилика ќе дојдеш и ќе се поклониш.

Кога го слушнав тоа јас го фатив тој брат за рака и го внесов во црквата. Тогаш исчезнаа оние два гаврана. Му предложив на братот, та тој се поклони на Чесниот Крст и светиот гроб Господов, па го отпуштив со мир“. Преподобниот Христофор ми го раскажа тоа, рече Теодул, бидејки видел дека многу се занимавам со манастирските работи, а малку ревнувам за молитвата, за на тој начин да дознаам дека прво треба да се извршгуваат духовните работи а потоа телесните. Блажените отци Јован и Софрониј го запишаа тоа за корист на овие кои читаат и оние кои слушаат, а во слава на нашиот Бог Христос".

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ФАНТИН

Преподобниот Фантин се роди во Калабрија, во Италија. Неговите родители се викаа Георгиј и Вриена. Од детството се посвети себеси на Бога. Во својата десета година беше даден во манастир и откако го прими монашкиот постриг се трудеше во секоја доблест. Бидејќи стана искусен вршител на заповедите Божји, тој се удостои на Божествени откровенија. Одејќи по пустините и горите минуваше и по дваесет дена без храна, и четири години помина потполно гол. Многу зла и неволји доживеа преподобниот кога Сарацените разбојнички упаднаа во Италија и ги пустошеа нејзините краеви. Шеесет години блажениот Фантин трпеливо ги поднесуваше тие искушенија и најпосле зеде двајца свои ученици, Виталиј и Никифор, и со нив замина на Пелопонез. Остана долго време на Коринт и на многумина им стана пример за спасението. Потоа отиде во Атина, каде што се помоли во храмот на Пресвета Богородица. Од таму замина за Лариса, каде подолго време поживеа кај гробот на свети Ахил. После тоа се упати во Солун, каде се сретна со преподобниот Атанасиј Атонски и познатиот подвижник Павле Ксиропотамски, кои, како што самиот зборувал „како светилник ја осветлуваат сега пустината“. Таму тој осум години се насладувал на чудесата од моштите на светиот великомаченик Димитриј, придржувајќи се до своето вообичаено правило на воздржание. Се упокои во длабока старост, заминувајќи кај својот многу сакан Господ. Неговиот ученик Никифор, според заповедта што ја прими од Господа уште во Калабрија, после Фантиновото преставување отиде кај преподобниот Атанасиј во Големата Лавра Атонска, каде се упокои во мир. Неговите свети мошти испуштаат прекрасен благомирис. Преподобниот Фантин се празнува и на 14 ноември

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АЛЕКСАНДАР СВИРСКИ

Блажениот Александар е роден на 15 мај 1448 година во областа на Велики Новгород во селото Мандера, во близина на островскиот манастир „Воведение на Пресвета Богородица“. Роден е од татко Стефан и мајка Василиса. Со јавување на Божја сила бил осветен со свето крштение. Кога потпорасна, родителите го дадоа да го изучува Божественото Писмо. Но, додека неговите другари брзо успеваа во учењето, тој беше некако бавен. Беше тоа по промисла Божја, за разбирањето да му биде дадено од Бога а не од луѓето, што и се случи. Еднаш Александар отиде во црквата, падна пред иконата на нашиот Господ Исус Христос и Неговата Пречиста Мајка, и со солзи се молеше да му се даде разбирање за изучување на Светото Писмо. На неговата молитва веднаш следеше одговор. Тој слушна глас, кој му рече: „Стани, не плаши се, ќе го добиеш моленото“.

Момчето си отиде радосно. Неговите родители ја забележаа неговата душевна радост, се досетија дека го посетила милоста Божја и Му благодареа на Бога за тоа. Од тогаш блаженото момче започна брзо да напредува во учењето, при што внимателно го слушаше читањето на Божествените книги и во се им беше послушен на своите родители. Во тоа време тој држеше и строг пост, бидејќи еднаш дневно јадеше само леб, и тоа под мерка. При тоа спиеше многу малку. Родителите се чудеа на тоа. Мајка му често го советуваше и еднаш му рече:

- Чедо мое, зошто така се уништуваш себе си? Јади заедно со нас и спиј како и ние.

На тоа, тој одговори:

- Зошто ми зборуваш така, мајко? Зошто сакаш да ме тргнеш од слаткото воздржание? Во Светото Писмо е речено дека нас јадењето и пиењето не нѐ поставуваат пред Бога (Кор. 8, 8). Остави ме да продолжам како што сум започнал.

Восхитувајќи се на таквиот негов мудар одговор, а особено гледајќи го неговото усрдие спрема таквиот подвиг, мајката му рече:

- Прави како што сакаш.

Прекрасното момче целосно се оддаваше на подвизите а видливите богатства ги сметаше за пајажина. На се човечко на земјата гледаше како на таштина и ништовност. Кога стана полнолетен родителите намислија да го оженат, но божествениот Александар не помислуваше на тоа. Напротив, тој постојано размислуваше како да се оддалечи од светот. Таа своја желба ја оствари. Зеде благослов од татка си како да сака да појде во блиското село, и замина од својот дом. Воден од Бога, или подобро речено имајќи ангел за свој сопатник, тој дојде во манастирот на светото Преображение Спасово на Валаам, и го умоли настојателот да го замонаши. Во тоа време имаше дваесет и шест години и се подвизуваше со такво усрдие во доблестите, така што сите започнаа да го фалат. Вознемирен од тоа, тој измоли благослов од тамошниот настојател и излезе од манастирот ноќе, без да понесе нешто, освен мантијата врз себе. Дојде на местото каде што сакал да се насели кога излегол од родителскиот дом, на брегот на Рошчњеското Езеро, недалеку од реката Свира. Тука преподобниот си направи мала колиба, во која по малку се одмораше од своите подвизи.

Еднаш додека ги обиколуваше околните места и разгледуваше каде би можел да си изгради живеалиште, најде прекрасно место, огреано со некоја божествена светлина, на кое и до денес постои манастир. Живеејќи на тоа место, еднаш додека беше излезен на езерото да нацрпи вода, слушна глас од небото, кој му се обрати по име и му рече:

„Бидејќи ги извршуваш Моите заповеди, кај тебе ќе соберам безброј многу луѓе. Ти не отфрлај ги, туку прими ги со раширени раце и биди им наставник кон спасението“.

Преподобниот падна ничкум и Му принесе благодарствени молитви на Бога. Потоа наполни вода и се врати во својата колиба.

По некое време кај него дојде неговиот роден брат Јован, кој цело време го барал. Тој многу му се израдува кога го виде, па двајцата се зафатија да изградат пространо живеалиште, зашто сакаа да живеат заедно. Но, по крато време се престави неговиот брат, преподобниот Јован, и блажениот го отпеа и погреба. Потоа и понатаму се придржуваше до строгото испосништво, а бројот на браќата се зголемуваше. Тие беа постојано во побожно молитвено тихување, живееја разделено еден од друг и се угледуваа на преподобниот, секој според своите сили.

Минувајќи го така својот живот, преподобниот достигна и до тоа со својата молитва да истерува демони и да има ангели за свои собеседници. Еднаш се удостои да Го види Самиот Бог, Кој му се јави во три лица, и да разговара со Него за тоа како да подигне црква, да изгради манастир и да собере браќа. А кога потоа Му се помоли на Бога за тоа на кое место да подигне црква, ангел Господов му го посочи местото. Потоа браќата го примораа да прими свештенички чин. По некое време изгради црква во име на Света Троица, ја освети, а братството се повеќе се зголемуваше.

Иако преподобниот го прими и старешинството над браќата, сепак тој не го промени своето правило туку и во тој чин на сите им даваше пример на смирение, според зборовите Господови: „Кој меѓу вас сака да биде прв, нека биде последен и нека им биде слуга на сите“ (Марко 9, 35). Затоа се смируваше себе си и се сметаше за најмал од сите. Им служеше на сите давајќи им пример и прв заминуваше на работа. Секојдневно работеше, одеше и во кујната, и самиот месеше тесто и печеше леб, а понекогаш носеше и вода од езерото, сечеше дрва и ги носеше во манастирот. Понекогаш блажениот одеше и во воденицата каде што браќата мелеа жито и додека тие се уште спиеја, тој ќе го сомелеше сето подготвено жито, а потоа заминуваше во својата ќелија. Во црквата влегуваше пред сите и излегуваше после сите. Никој никогаш не го види да лежи на рогозина или да го полива своето тело со вода. Облека му беше мантија, изработена од груба ткаенина, и толку искината што врз неа имаше многу закрпи. Многу неразумни луѓе му се потсмеваа и го задеваа, но тој сето тоа со радост го примаше. По некое време, со Божја волја, преподобниот изгради црква од камен во име на Пресветата Животворна Троица, го прошири манастирот, нареди на сите четири страни да се изградат ќелии, а во средината издигна голема црква и трпезарија и уреди се што беше потребно за браката.

Поживеа богоугодно во такви подвизи сиот свој живот, поради што и доби од Бога дар на чудотворството. Најпосле, претчувствувајќи дека настапува времето на неговото заминување кај Бога, тој ги повика браќата и им рече:

- Браќа, еве веќе се приближи крајот на мојот живот. Јас заминувам, а вас ве предавам во рацете Божји. Бог нека ве чува и утврди во љубовта Своја.

Ги поучи браќата за меѓусебната љубов, за меѓусебната снисходливост и за други доблести. Најпосле им остави завет и по неговата смрт никој од нив да не чува алкохол кај себе. Кога настапи часот во кој неговата душа требаше да отиде кај Бога, тој ги крена рацете кон небото и сотвори молитва, која што ја заврши со зборовите:

„Господи, во Твоите раце го предавам мојот дух“.

И така со молитва на устата ја предаде на Господа својата чесна душа, во триесетиот ден на месец август во 1533 година, на осумдесет и пет годишна возраст. Чесното тело на преподобниот Александар Свирски беше погребано крај црквата Преображение, од десната страна на олтарот, и им се даваат многу исцеленија на оние кои со вера пристапуваат кај светата рака на преподобниот.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ШЕСНАЕСЕТ МАЧЕНИЦИ ТИВЕЈСКИ

Овие свети маченици пострадаа за Христа Господа.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ШЕСТ МАЧЕНИЦИ МЕЛИТИНСКИ

Се упокоиле за Господа Христа во море, и преминале во блажената вечност и бесмртност.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ

ФИЛИКС ЕПИСКОПОТ, ЈАНУАРИЈ ПРЕЗВИТЕРОТ, ФУРТУНИЈАН и СЕПТИМИН

Светите маченици и храбри Христови војници: свештеномаченикот Филикс, презвитерот Јануариј, Фуртунијан и Септимин, горејќи од божествена ревност на верата, јуначки се бореа против заблудите на идолопоклонството. Со силна вера во Бога, тие го бркаа мракот на неверието, зашто ги држеа божествените закони и заповедите Христови и мудро ги побиваа сите забелешки, кои што незнабошците ги изнесуваа против христијанската вера. Поради тоа овие блажени претрпеа и гонења, и темници и мачења. Многу ги влечеа од место во место, додека најпосле не ги осудија на посекување со меч. Тогаш се случи страотно чудо. Сонцето и месечината, не можејќи да го поднесат неправедното посекување на светите, се претворија во крв. Кога им ги отсекоа главите, светите маченици примија од Господа несвенливи венци на мачеништвото.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЕВЛАЛИЈ

Бил епископ на Кесарија Кападокиска и е еден од претходниците на свети Василиј Велики. Својот син го лишил од чинот, поради тоа што носел облека недолична на духовниот чин.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ САРМАТ

Постојано бил во подвигот на пост и воздржание и го победил сонот, така што кога ќе му речел оди далеку од мене, сонот заминувал, а кога ќе му речел дојди, сонот доаѓал.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША ВРИЕНА

Света Вриена се упокоила во мир во својот Господ.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ФИЛАКС

СПОМЕН НА ПРЕНОСОТ НА МОШТИТЕ НА СВЕТИ АЛЕКСАНДАР НЕВСКИ

Во 13 век Бог ѝ испратил на Русија тешка несреќа. Татарите, под водство на хан Батиј, ја поминале целата Руска земја, опожарувајќи и ограбувајќи градови и села. Земале во ропство илјадници мажи, жени и деца, и ја разориле целата земја до самиот Новгород. Од таа несреќа над Русија се офајдиле соседните непријателски народи на Шведска, Германија и на Литовците. Тие ги возобновиле своите напади од сите страни. Руските кнезови упорно ја заштитувале својата родина. Еден од нив бил и Александар, вториот син на големиот кнез Јарослав 2ри. Александар е роден во 1220 година. Од рана младост тој се одликувал со мудрост, кротост и благочестие, свето го исполнувал својот долг, ја заслужувал љубовта на народот и Бог секогаш му помагал.

Откако ја опустошиле Русија, татарите ги зазеле степите покрај реките Днепар, Волга и Урал, до Црно и Касписко Море. Таму ханот Батиј го основал своето царство, наречено „Златна орда“ и недалеку од устијата на Волга изградил град на име Сарај. Руските кнезови станале негови вазали и при своето зацарување требало да патуваат до главниот град на ханот, за да добијат од него дозвола за кнезување. На народот му бил наложен данок, за чие собирање ханот секоја година праќал специјални службеници. За владимирски голем кнез Батиј го поставил Јарослав 2ри а неговиот син Александар го оставил да управува со Новгородската област, која се уште била слободна од татарите.

Шведскиот крал се зафатил со поход против Новгород. Тој собрал огромна војска и по реката Нева се упатил кон престолнината на Александар. Новгородци ги обзел ужас. Тие воопшто не се надевале дека ќе го одбијат силниот непријател со својата мала војска. Но, кнезот Александар ја положил сета своја надеж во Бога и во праведноста на своето дело. Тој се помолил во храмот на „Света Софија“, зел благослов од епископот и бодро и рекол на својата војска:

„Ние сме малубројни, а непријателот е силен! Но, Бог не е во силата туку во правдата!“

И кога се судрил со силниот непријател на бреговите на реката Нева, Александар со Божја помош извојувал славна победа, поради која што бил наречен „Невски“. Такви блескави победи тој нееднаш извојувал и против германците и против литовците, кои често напаѓале во Русија. Кога починал неговиот татко Јарослав, ханот го утврдил Александар за голем кнез Владимирски, Киевски и Новгородски.

Со неговото застанувањето на Владимирскиот великокнежевски трон се умножиле и неговите грижи и трудови. Сега тој станал единствен заштитник на Православната Вера и народ против татарите. Но, Александар дејствувал со мудрост и трпение, а не со меч. Тој знаел дека не располага со сила, за да се спротивстави на многубројните татарски орди и дека секое спротивставување ќе доведе само до поголемо разорување на народот, какво што станало на повеќе пати, кога некои кнезови во своето неразумност не сакале да ги исполнат заповедите на татарскиот хан. Единаесет години Александар бил голем кнез. За тоа време тој успеал да направи многу добри нешта за верата, црквата и народот. Со своето залагање ги ослободил од татарскиот данок духовниците, како служители Божји. Добил од ханот дозвола да постави православен епископ во самата престолнина на татарското царство и издејствувал татарите да ја почитуваат христијанската вера.

Откако ја покориле Русија, татарите ги оставиле руските кнезови да управуваат со своите кнежества. За себе тие само барале редовно да им се собира одредениот данок, но при неговото собирање народот често се противел. На многу места се стигнувало до метежи, кои што татарите жестоко ги задушувале. Така, во последната година од кнезувањето на Александар, градовите Владимир, Суздал и Ростов се кренале и ги избиле своите угнетувачи. Во Јарослав и Јустуг избувнале големи бунтови. И во Ордата веќе се подготвувала страшна одмазда, за да ги казни востаниците. Големиот кнез Александар самиот заминал во Ордата, откако решил или да умре за татковината или да ја спаси. Бог го благословил со успех последното дело на свети Александар. Руската земја била спасена од нов напад на татарите.

На враќање од Ордата Александар се разболел во едно Нижегородско село. Ја почувствула близината на својата смрт, и посакал да се замонаши и да прими схима. По постригот ги свикал кнезовите, болјарите кои го придружувале и простиот народ, направил последни распоредби, ги благословил сите присутни, им простил се, и побарал и од нив прошка за се. Потоа се исповедал, се причестил со Светите Тајни и го предал својот дух на Бога, на 14 ноември 1263 година. Бил на 44 годишна возраст. Сите горко го оплакале. Погребот бил во соборната црква во манастирот „Рождество Богородично“, близу градот Владимир. Низ цела Русија се разнела славата за неговите чудеса. На гробот на светиот кнез Александар мнозина болни добивале исцеленија. За време на императорот Петар Велики, моштите на свети Александар биле пренесени со големо торжество во новооснованиот Петербург и положени во изградената во негов спомен Александро-Невска лавра.

Православната Црква споменот на свети Александар Невски го празнува на 23 ноември, а преносот на неговите свети Мошти од Владимир во Петербург, на 30 август.