13. Септември (31. Август)
ПРАЗНИК НА ЧЕСНИОТ ПОЈАС НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
По своето Успение, Пресвета Богородица му го даде Својот појас на апостол Тома. Тој појас подоцна од епископијата Зила е пренесен во Цариград и чуван во запечатен ковчег во Богородичната црква Влахерна, оставнина на царицата Пулхернија. Овој ковчег не се отворал се до времето на царот Лав Мудриот (886-912 г.).
Лавовата сопруга, царицата Зоја, душевно се разболе и според некое таинствено видение посака врз неа да се стави појасот на Пресвета Богородица. Царот го умоли патријархот, та ковчегот се отвори, појасот се изнесе и се стави врз болната царица, која веднаш оздраве. Во спомен на тоа чудо е востановен овој празник. Еден дел од тој појас се наоѓа во Грузија, во Зугдида. Всушност, ќерката на царот Роман се исцели во 942 година со помош на тој појас, па подоцна кога татко и ја омажи за царот Абухаз Грузиски, таа дел од него понесе со себе. На заповед од рускиот цар Александар 1ви е изградена прекрасна црква во Мингрелија во Зугдида, каде што се чува тој дел од чудотворната облека на Пресвета Богородица.
Пофални беседи во чест на Чесниот Појас на Пресветата Владичица наша Богородица држеле отците: Свети Герман Цариградски и Евтимиј Зигавин. Во прекрасниот тропар, кој се пее на овој ден, се вели дека низ Пресветата Богомајка Приснодева „се обновуваат и природата и времето“, бидејќи Таа Го родила Обновителот и Спасителот на сите твари.
ЖИТИЕТО И СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК КИПРИЈАН,
епископот Картагенски
Свети Кипријан е роден на почетокот на третиот век во славниот афрички град Картагена. Неговите родители беа незнабошци, познати високородни луѓе. Кипријан беше воспитан во незнабоштвото. Во младоста доби одлично световно образование, ги изучи елинските науки и сета философија, и како красноречив ретор и познат философ беше избран за учител по реторика и философија во Картагенското училиште. Имаше голем углед меѓу граѓаните. Како таков, мнозина го земале за свој адвокат во судските работи. Тоа му носело големи приходи. Инаку беше богат од родителите. Така имотен, Кипријан водел раскошен живот со многу гревови. За тоа подоцна пишувал: „Покорувајќи им се на страстите, јас самиот неволно допринесував за својата сопствена несреќа, како таа да била мој дел од природата. Таков живот водел Кипријан додека благодатта Божја не се допрела до неговата душа.
Во почетокот на третиот век во Картагена веќе имало многу христијани. Како радознал философски дух, Кипријан не можел а да не се заинтересира за христијанското учење и најпрвин преку списите на знаменитиот учител на црквата Тертулијан, дошол во допир со христијанското учење. Тоа го повлекло кон патот на вистината. Уште како незнабожец започнал да чувствува одвратност спрема незнабожечкиот живот и ја согледувал неговата духовна бесмисленост. Сфатил дека незнабожечката вера не може да му даде на човекот ни душевен мир, ни спасение од злото а христијанството го ветува и нуди тоа. Често размислувајќи за својот морален пад и за неопходноста да се поправи и отпочне нов живот според христијанското учење, на почетокот се плашел од високите барања на христијанството. Сметал дека тој духовен препород е многу тежок за него, бидејќи многу години поминал во незнабоштвото. Своите сомневања и недоумици за таа работа тој красноречиво ги изложува во своето дело „Писмо до Донат“, говорејќи:
„Дали е возможно да се отстрани сето она со што човекот живеел порано и при истиот состав на телото да стане друг човек по ум и срце?... Дали е возможно да се соблече од себе она што се родило од длабока материја и стврднало заедно со неа или она што со долготрајната навика се вкоренило заедно со годините?... Може ли воопшто некогаш да се научи на воздржливост, оној што навикнал на одлични гозби и одбрани јадења? Ќе сака ли некогаш да облече обична и проста облека, оној врз кого постојано имало скапоцени облеки, украсени со злато? - Не - заклучувал Кипријан, - синот на раскошот, кој навикнал на почести, никогаш нема да се реши да стане приватен и непознат човек. Насекаде придружуван од своите слуги, опкружуван од многу народ во знак на почитување, тој смета дека е казна да се биде сам. Заробеникот на постојаните уживања обично се оддава на вино, се гордее, се гневи, помислува на кражба, се оддава на суровост, се воодушевува на похота. Така често си размислував во себе, - пишува Кипријан, - зашто и самиот бев подложен на многу заблуди“.
При таквата борба и неодлучност му била неопходна помош однадвор. Затоа тој се обрати кај еден картагенски презвитер, на име Сесилиј. Презвитерот успеа да го убеди дека многубоштвото е крајна бесмислица и дека најлошите наклонетости на човекот можат да се променат под дејство на семоќната благодат Божја. Така Кипријан цврсто одлучи да стане христијанин. Како огласен, додека усно беше поучуван со вистините на христијанската вера, тој искреноста на својата одлука ја докажа со промената на начинот на својот живот. Го продаде сиот свој имот и парите ги раздаде на сиромашните, без да остави нешто за себе. Потоа презвитерот Сесилиј го освети Кипријан со свето крштение.
Живото чувство на духовното преобразување, дарувано преку светата тајна Крштение, силно подејствува врз Кипријан. Спасоносното дејство на светата тајна Крштение, тој вака го опишува во писмото до својот пријател Донат:
„Кога животворната вода на крштението ги изми петната од мојот поранешен живот, тогаш и во моето очистено срце се изли небесна светлина. Кога со примањето на Духот небесен станав нов човек, јас на чудесен начин потполно се уверив во тоа што порано се сомневав. Започнаа да ми се откриваат тајни и мракот да исчезнува. Она што порано ми изгледаше тешко стана лесно, невозможното стана возможно... Во примањето на небесните дарови нема мера. Само нашето срце нека чезнее и нека биде отворено. Ние имаме голема вера, способни за примање благодат. Таа ни дарува способност да ја уништуваме отровотворната сила на гревот со трезвената чистота, непорочната мисла, чистиот збор, непреправливата доблест. Таа ги очистува нечистотиите на расипаните срца, враќајќи им го здравјето.
Таа дава сила за помирување на непријателите, ги успокојува неспокојните и со страшно заколнување ги приморува на признание нечистите духови, кои се вселуваат во човекот. Начинот на благодатно дејство врз оние во кои живеат зли духови е невидлив. Незабележливи се ударите со кои благодатта ги сотира злите духови, но казната е видлива и впечатлива. Така Духот на благодатта, кој се вселил во нас, започнува да ја јавува својата моќна сила, па иако ние своето тело не сме го промениле во друго, нашето око повеќе не се помрачува со мракот на овој век. Каква моќ, каква сила на Духот! Кој се очистил себе си и живее чист, тој не само што се сочувува себе си од соблазните на овој свет, не само што не може да се улови на никаква замка на врагот кој го напаѓа, туку толку зајакнува во своите сили, така што над целокупната војска на противникот господари како заповедник“.
По крштението Кипријан започна да води строг доблесен живот. Тој себе си на сите им се покажуваше како пример на сиромаштвољубието, зашто како сожалив спрема ништите и бедните им раздаваше се што имаше. Најбитни работи по крштението му биле молитвата и проучувањето на Светото Писмо. За таквиот доблесен живот, кратко време по своето крштевање беше ракоположен за презвитер во градот Картагена. А кога наскоро потоа умре картагенскиот епископ Донат, народот едногласно го избра свети Кипријан за епископ, иако одбиваше. Се откажуваше од толку високиот чин, сметајќи се себе си за нов во христијанството и укажуваше на презвитерите постари од себе, како подостојни од него. Но, народот упорно бараше свети Кипријан да биде поставен за епископ. Ја опколи куќата во која живееше свети Кипријан и не сакаше да се разотиде, додека тој не се согласи и не појде со него во храмот, каде на радост на сите беше ракоположен за епископ. Така свети Кипријан беше поставен како свеќа на свеќник да го осветлува светот со своите доблести.
Како епископ целосно се посвети на благоустројувањето на Црквата, неуморно обраќајќи ги душите и совеста на свештенството, како раководител на духовниот живот на верните, и апостолски просветувајќи ја со евангелската светлина и исправувајќи ја својата паства. Сите тие негови грижи и трудови, кој е во состојба подробно да ги искаже? Современикот на свети Кипријан, ѓаконот Понтиј, за него како епископ вака се изразува:
„Каква побожност во него! Каква будност! Какво милосрдие! Каква строгост! Толку светост и благодат се излевало од неговата уста, што предизвикувал запрепастување кај сите кои што го виделе!“
По надворешен изглед свети Кипријан беше мил и лицето му зрачеше со светост, бидејќи светоста која се таела во неговата душа се одразуваше на неговото лице. Според зборовите на Еклезијаст, како мудроста така и светоста го просветлуваат лицето на човекот (Еклез. 8, 1). А во Божјиот човек Кипријан се наоѓаше и едното и другото. Тој беше и мудар и свет, и затоа е двократно просветлуван и со мудроста и со светоста. Неговата облека не беше ни скапоцена ни многу бедна, туку пристојна, зашто скапоцената облека би можела да биде причина за гордеење а бедната за срамотење на архиерејскиот чин. По нарав тој беше врамнотежен. Не беше ни суров, ни премногу мек и кроток, и каде што требало да се казнува таму ја употребуваше строгоста, но со милост, поради што сите го почитуваа и сакаа. Покрај тоа тој беше сострадален, жалостив спрема сите кои страдаа во неволјите и многу им помагаше. Неговото милосрдие беше неизмерно спрема ништите, болните, сиротите и патниците.
Но, не помина многу време од неговото стапување на епископскиот престол, а против Црквата како бура изби Декиевото гонење. Овој незнабожен цар, штом стапи на престолот, издаде указ со кој нареди сите христијани да ја примат многубожечката вера и да им принесуваат жртви на боговите. А одамна пред тоа свети Кипријан беше известен од Господа за оваа неволја со вакво видение:
Тој видел старец кај кого од десната страна седело момче полно со некоја вознемиреност, негодување и тага, а од левата страна стоел некој што држел мрежа и претел со неа да го фати народот, кој стоел наоколу. Кипријан се зачудил на видението и вака му беше објаснета неговата смисла: Момчето од десната страна жали и тагува што христијаните не ги исполнуваат Неговите заповеди, а оној од левата страна се радува што му се дава можност и дозвола да ја излие својата јарост врз народот. На светителот му беше јасно дека лицата што ги виде во видението биле Бог Отец, нашиот Господ Исус Христос и исконскиот непријател на светот - ѓаволот.
Кога царскиот указ стигна во Картагена, незнабошците најпрвин сакаа да го мачат епископот Кипријан, како најугледен и највлијателен христијанин, за со тоа да ги заплашат останатите христијани. Но, времето на неговото страдање се уште не беше настапило, па тој се реши на некое време да се оддалечи од Картагена. Веднаш напиша послание до своите свештеници и ѓакони, како и до преставниците на Римската Црква. Во посланието им објаснува дека се оддалечува од Картагена, за со своето присуство да не го зголеми бесот на гонителот, но, иако отсутен, ќе биде со своето стадо во Господа.
„Првиот степен на победата, вели тој, се состои во исповедањето на Господа, ако се падне во рацете на незнабошците. Вториот стецен на славата се состои во тоа што со благоразумното оддалечување човекот се спасува себе си за Господа. Во првиот случај се обелоденува голема цврстина, а во вториот голема предострожност“.
Објаснувајќи го ова оддалечување на свети Кипријан од Картагена, неговиот животописец, ѓаконот Понтиј, забележува:
„Да замислиме дека Кипријан тогаш се удостоил на маченички крај, ... Кој потоа би ги научил паднатите на покајание, еретиците на вистината, расколниците на единство, децата Божји на чувањето на мирот и молитвата?“
Од своето тајно живеалиште, по оддалечувањето од Картагена, свети Кипријан преку писма постојано општел со свештениците, ѓаконите, мачениците и исповедниците, на сите давајќи им евангелски совети и спасоносни упатства. Но, со текот на времето гонењето зајакна. Незнабошците започнаа се пострашно и посвирепо да ги мачат христијанските исповедници. Темниците се преполнија со христијани и многумина се удостоија на маченички венци, а пак мнозина со воодушевување ги очекуваа. Но, меѓу нив имаше и такви, кои, преплашени од мачењата, им принесуваа жртви на идолите. Да слуша за падот на слабите членови на својата паства, на свети Кипријан му беше многу горко и тешко. Нивниот пад му го кинеше срцето. По тој повод, тој подоцна пишува:
„Тагувам, тагувам, браќа, со вас, и моето страдање ни најмалку не го олеснува тоа што јас сум на сигурно место и што сум здрав. Како пастир, јас сум ранет од ударот што му е зададен на моето стадо. Со секого од вас е соединето моето срце, со секого јас страдам и умирам. Со ударите на свирепиот непријател е поразено и моето тело. Мојата душа меч ја прободе меч. Моето срце, оддалечено и слободно од гонењето, не остана мирно. Љубовта ме поразила мене, кога се поразени моите браќа“.
За време на отсуството на свети Кипријан, во Картагена се јави потреба за нови презвитери и клирици. Тој ги ракополагал личностите што му ги предлагале луѓето на кои што тој им ја беше доверил таа работа. Тоа биле: двајцата епископи на соседните епархии на Картагена, Калдониј и Херкулан, картагенскиот презвитер и исповедник Рогацијан и клирикот Нумидик. Против овие четворица се крена некој мирјанин Фелицисим и еден презвитер Новат. Ним им се придружија уште четворица презвитери. Овие, а особено Новат, го поттикнаа Фелицисим отворено да се крене против својот епископ. Известен за тоа, светителот го одлачи Фелицисим и со иста таква казна им запрети и на неговите соучесници. Посланието за тоа свети Кипријан нареди да се прочита пред народот. Но, наскоро потоа Новат без негово знаење и согласност, со помош на свои соучесници го произведи Фелицисим за ѓакон. Тогаш светителот упати уште две посланија до клирот и народот за ова незаконско посветување.
Набрзо потоа се врати во Картагена и на помесниот Собор, со кој преседаваше лично, беа подложени на решавање две прашања: за расколот на Фелицисим и за допуштањето на отпадниците од верата, за време на гонењето да општат со верните. Отците на соборот, после многуте долги дискусии, донесоа еднодушна одлука: паднатите да не се лишуваат од општење со Црквата, за да не паднат во очајание и да започнат да живеат незнабожечки; но исто така, не треба ни пред време да им се дозволи да општат со Црквата. На нивното присоединување кон Црквата треба да му претходи долготрајно покајание, молитва кон Бога заедно со солзи, и испитување на карактерната состојба на секого од нив. Притоа, според разликата на паднатите беа одредени и различни степени на покајание. А пак Фелицисим и неговите истомисленици беа одлачени од Црквата, како бунтовници против власта на епископот.
Но, неговите непријатели не се смирија. Презвитерот Новат наскоро отиде во Рим и му се придружи на римскиот презвитер Новацијан, кој лажно учел дека паднатите никако не треба да се примаат во црковно општење, макар и да принесуваат покајание. Покрај тоа Новацијан незаконски се докопа до епископската функција. Во однос на овие работи свети Кипријан напиша одлична книга „За единството на Црквата“. За конечно отстранување на сите раздори и несогласувања, предизвикани од страна на непријателот на црковниот мир, светителот Божји повторно свика помесен собор во Картагена. На овој собор беа решени многу прашања за внатрешниот црковен живот, како на пример: за крштевањето на еретиците, за примањето на паднатите и др. Потоа во Црквата полека започна да настапува мир и спокој. Кратко време потоа се појави чума, која започна немилосрдно да ги покосува и христијаните и незнабошците и беснееше во секоја покраина, во секој град и речиси во секое семејство. И кога мнозина започнаа да бегаат, особено незнабошците, свети Кипријан, како добар пастир среде своите овци, остана секогаш подготвен и душата своја да ја положи со нив. И кога многу лешеви лежеа непогребани, тој самиот ги погребуваше, а и други поттикнуваше на тоа. Притоа ги погребуваше не само телата на христијаните, туку и на идолопоклониците, и сите ги поучуваше да им укажуваат милосрдие и на своите непријатели, за да станат синови на Отецот небесен.
Но, се наближуваше времето на страдањето на свети Кипријан. На престолот стапи царот Валеријан, кој крена жестоко гонење против христијаните. Тогаш картагенскиот проконзул Аспазиј Патерн доби царски указ за христијаните, во кој се наредувало да се присилуваат на поклонување на идолите, христијанските епискони да се испраќаат во прогонство и да се запрат христијанските собири.
Проконзулот намисли најпрвин епископот Кипријан да го принуди на одрекување од христијанската вера и затоа прво и го повика кај себе. Кога светителот дојде, проконзулот го праша:
- Царот наредил сите христијани да се примораат на поклонување на идолите. А ти, што велиш на тоа?
Светителот одговори:
- Јас сум христијанин и епископ христијански. Не познавам други богови освен единствениот вистински Бог, Кој ги створил небото и земјата и морето и се што е во нив и на нив. На тој Бог Му служиме ние христијаните и Нему Му се молиме за сите луѓе и ден и ноќ.
Проконзулот праша:
- Засекогаш ли остануваш во тоа убедување?
Светителот одговори:
- При доброто убедување, кое што Му е познато на Бога, треба да се остане засекогаш.
Тогаш проконзулот рече:
- Во тој случај, со наредба на царот ти ќе одиш на заточение.
Свети Кипријан одговори:
- Со задоволство ќе појдам.
Проконзулот го праша:
- Јас имам наредба од царот не само во однос на епископите, туку и во однос на свештениците. Затоа наброј ми ги свештеници во овој град.
Светителот одговори:
- Вашите закони забрануваат достави и затоа не можам да именувам свештеници. Тие се во градот, па барај ги.
Проконзулот уште рече:
- Мене ми е наредено да внимавам христијаните да не се собираат и да ги вршат своите богослуженија. Во спротивно со меч да ги убивам.
Светителот одговори:
- Прави како што ти е наредено. Така свети Кипријан беше испратен на заточение во градот Курубис. Со него добороволно појде и неговиот ѓакон Понтиј, писателот на животописот на свети Кипријан. По доаѓањето во тој град, свети Кипријан во првата ноќ имаше видение, кое однапред му го наговестуваше маченичкиот крај. Видението му го раскажа на својот ѓакон Понтиј, говорејќи:
„Само што ги затворив очите и малку дремнав, здогледав некакво момче, грдо, наказно и одвратно, кое ме внесе во судница на суд. Ми се чинеше дека сум изведен пред игемонот. Погледнувајќи кон мене, игемонот не ме праша ништо, туку веднаш започна да пишува нешто. Во меѓувреме здогледав друго момче, благолико, кое стоеше позади игемонот, радознало гледаше што пишува тој и крадешкум читаше. Откако го прочита напишаното, тоа момче со раката ми даде знак да разберам дека судијата напишал смртна пресуда за мене, да бидам посечен со меч. Од своја страна и јас со знаци му дадов до знаење на момчето дека сфатив што ми соопштува. Притоа започнав усрдно да го молам судијата да ми го продолжи животот барем за еден ден, за да ги средам своите работи. Судијата повторно ништо не ми одговараше, но како да ја прифаќаше мојата молба, тој започна да пишува нешто. А момчето што стоеше зад грбот на судијата и наблудуваше што пишува тој, со прстите ми објасни дека животот ми е продолжен за уште еден ден. Јас се израдував, иако не бев сосем сигурен и се наоѓав во голем страв. Притоа се разбудив а срцето силно ми чукаше од страв“.
Ова видение свети Кипријан го протолкува дека ќе биде посечен со меч за исповедањето на името Христово. А денот на животот, што му е даруван во видението, го протолкува како една година. И навистина тој маченички пострада за Христа, точно после една година. Таа година во заточението свети Кипријан ја минуваше во богоразмислување и подготвување за смртта. За тоа време напиша многу богомудри дела. Посетителите ги учеше да бидат цврсти во верата, да не се плашат од заканите на мачителот и страдањето за Христа. Да не се приврзуваат за овој краткотраен живот, туку да го бараат вечниот.
Во тоа прогонство свети Кипријан со најголема радост ги поднесуваше сите неволји. Заточението го сметаше како татковина И свој роден дом. За христијанинот, кој целосно се предал на Бога и се вдлабочил во Него, странствувањата му се татковина и дом, според
зборовите на псалмопевецот: „Господи, јас сум привремен гостин кај Тебе и придојден, како сите мои предци“ (Пс. 38, 13). Од друга страна за таквиот христијанин местото на прогонството и странствувањата му се татковина и дом, бидејќи знае дека Бог на секое место е покрај него, согласно со реченото: „Постојано Го гледам пред себе Господа“ (Пс. 15, 8). За вистинскиот слуга Божји, каде што е Бог таму е неговата татковина. А зарем свети Кипријан би можел да биде испратен на место каде што не е присутен Бог, за Кого што тој страда? Оттука со Бога, во Бога и ради Бога угодникот Божји Кипријан се чувствувал во заточението како во татковина, сигурен дека ќе ја наследи небесната татковина.
Кога навршуваше годината на Кипријановото заточение во Курубис, во Картагена за проконзул дојде Галериј Максим. Во тоа време царот Валеријан издаде уште пострашен указ за гонењето на христијаните, во кое наредувал сите христијански епископи, презвитери, и воопшто сите христијански раководители, да бидат лишени од своите должности и имоти. Оние што понатаму остануваат во христијанството да бидат убиени. Галериј Максим испрати свети Кипријан веднаш да го вратат од заточението. Штом го доведоа во Картагена, веднаш во градот се пронесе глас дека епископот Кипријан е вратен за да биде предаден на маченичка смрт. И веднаш се слеа мноштво христијани околу домот во кој се наоѓаше светителот, желни да го видат својот епископ. Од страв проконзулот во текот на ноќта да не му стори нешто на светителот, тие цела ноќ со жените и децата останаа пред вратите на тој дом. Тие го сторија тоа, не затоа што сакаа свети Кипријан да го грабнат од рацете на незнабожните власти, туку само за да го видат својот духовен отец и да се удостојат на последен благослов од него, зашто срцата им гореа за овој светител Божји.
Утредента го извадија од тој дом. О, колку солзи беа пролеани од страна на христијаните кога го здогледаа својот свет отец и го придружуваа до судиштето, каде, отпочнувајќи го судењето, проконзулот го праша:
- Ти ли си Кипријан?
- Да, јас сум, - одговори светителот.
Тој го праша:
- Ти ли си им епископ на безумните луѓе, кои себе си се нарекуваат христијани?
Светителот одговори:
- Да, јас сум епископ на Христовите луѓе.
Тогаш проконзулот Галериј рече:
- Славните цареви ти наредуваат да им принесеш жртва на боговите.
Светителот одговори:
- За ништо на светот нема да го сторам тоа. Проконзулот му рече:
- Размисли добро, па одбери што е добро за тебе.
Светителот одговори:
- Ти прави што ти е наредено. Мене не ми е потребно да размислувам за добрата работа, која е толку очигледна за мене.
Проконзулот се посоветува со присутните судии, и откако го прекори за непочитување на боговите, му изречи смртна пресуда:
„Кипријан, епископот христијански, да биде посечен со меч!“
Кога ја слушна пресудата, светителот Христов се израдува и силно рече:
- Му благодарам на Бога!
А кога народот виде што се случува, започна силно да вика:
- И ние сакаме да умреме со него! И настана голема вознемиреност меѓу народот. Сите со солзи одеа по светителот, кого го водеа во смрт. На губилиштето тој ја симна од себе горната облека, ги преклони колената и започна да се моли. По долгата молитва им даде на сите благослов и мир, и на некои од своите им нареди на џелатот да му дадат дваесет и пет златника. Така тој и на смртниот час вршеше доброчинство. Потоа самиот си ги заврза очите, додека некои христијани ги постилаа пред него своите марами и убруси за крвта на свештеномаченикот да не се пролие по земјата. Потоа ја наведна главата под мечот за нашиот Христос Господ, Кој е глава на Црквата.
Чесното тело на Христовиот маченик беше пренесено ноќе со свеќи, кадилници и потребните песни и молитви, на приватните гробишта на некој прокуратор Макровиј Кандидијан, и таму погребано. Подоцна, за време на кралот Карло Велики, моштите на свештеномаченикот Кипријан беа пренесени во Франција, во градот Арл, а подоцна во градот Компјен.
Свети Кипријан напиша многу дела, во кои богомудро ги изложува божествените вистини на христијанската вера и светите доблести на христијанскиот живот. Особено многу пишува против идолопоклонството, јудаизмот и ереста Новацијанова. Исклучително голема вредност има неговото знаменито дело „За единството на Соборната Црква“,
Воопшто, во сите свои дела тој боговдахновено благовестува за спасоносните вистини на единствениот вистински Бог и Господ Исус Христос, Кому чест и слава низ сите векови, Амин.
ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ГЕНАДИЈ,
патријархот Цариградски
Свети Генадиј дојде на престолот на Цариградската патријаршија после свети Анатолиј, за време на царувањето на Лав Велики. За неговиот богоугоден живот се сведочи во книгата наречена „Лимонар“. Во таа книга преподобните отци Софрониј и Јован пишуваат вака:
Дојдовме ние, велат тие, во киновијата наречена Салама, недалеку од Александрија. Таму најдовме двајца старци, кои порано беа презвитери на Цариградската црква. Тие презвитери ни раскажаа за блажениот цариградски патријарх Генадиј дека бил многу кроток, чист со телото и многу воздржлив. За него го раскажаа и тоа дека кај него многу се жалеле од некој страотно порочен клирик на име Харисиј, кој служел во црквата на светиот маченик Елевтериј. За тој клирик се зборувало дека не само што го минува животот во мрзливост и гревовна нечистотија, туку вршел и разбојништва и се занимавал со маѓии. Патријархот го повика кај себе и го советуваше да се поправи, зборувајќи му со татковски дух на кротост. Но, кога виде дека тој не се поправа, како казна нареди да го натепаат малку. Кога тој ни со таа казна не се опамети, патријархот испрати еден свој службеник во црквата на светиот маченик Елевтериј, каде што се наоѓаше Харисиј, да го моли светиот маченик, тој да го поправи греволубивиот клирик или да го отсече од Црквата. Испратениот службеник појде, застана пред олтарот, ги протегна рацете кон гробот на маченикот и рече:
„Свети маченику Елевтериј! Патријархот Генадиј те известува преку мене грешниот, дека клирикот Харисиј, кој служи во Твојата црква, врши многу беззаконија и предизвикува соблазна, та Ти, или поправи го или отсечи го од Црквата“.
Утредента Харисиј беше најден мртов. Од ова може да се види колку блажениот Генадиј Му беше угоден на Бога и на Неговите светители, зашто неговиот збор упатен до светиот маченик преку пратеник, бргу беше услишан и на дело потврден.
За време на овој свети Генадиј беше основан славниот Студитски манастир, наречен така по римскиот сенатор Студиј, кој дојде во Цариград и со благослов на Генадиј подигна црква на свети Јован Преттеча и при неа манастир. Во овој манастир беше воведен „чин на незаспивливи“, пренесен од обителта на преподобниот Маркел во Витинија.
За време на патријархот Генадиј црковен економ беше преподобниот Маркијан, кој, кога ја симна од себе последната наметка и му ја даде на еден сиромав, сите видоа дека под фелонот има царска порфира, како што за тоа пишува во неговото житие. За време на овој патријарх се подвизувал и свети Данил Столпник, кого тој го ракоположи за презвитер.
Во времето на свети Генадиј во Цариград се случи и следното чудо. Некој иконописец се дрзна да го изобрази ликот на Христа Спасителот според изгледот на незнабожниот бог Зевс и веднаш го стигна Божјата казна. Се исуши раката која се дрзна така недолично да Го изобрази Господа. Иконописецот веднаш поита кај свјатјејшиот патријарх Генадиј со покајание, и низ солзи го исповедаше својот гнев. Патријархот се помоли на Бога за него, и раката му оздраве,
Овој голем архиереј имаше обичај да не поставува за свештеник никого, пред да го научи целиот Псалтир напамет. Многу ревносно се грижеше за одржувањето на црковниот поредок, знаејќи дека може да се одржи само ако свештениците и клириците бидат учени и добро го познаваат Светото Писмо. Неучениот свештеник не може други да учи, да поправа и на патот на спасението да упатува, и самиот не знаејќи го правиот пат. Врз таквиот се исполнуваат зборовите Христови: „Ако слепец води слеп и двајцата ќе паднат во јама“ (Матеј 15, 14),
Свети Генадиј свика и помесен собор во Цариград за конечно искоренување на ереста на Евтихиј и за други црковни прашања. На овој собор со анатема беше забранете симонијата (митото), која беше распространета меѓу архиерејите.
Свети Генадиј управуваше со Црквата Христова тринаесет години. Се престави кај Господа за време на царувањето на Лав Великиг. Пред своето преставување, кога на полноќ се молеше во црквата, му се јави некое ѓаволско страшило, а кога тој го отфрли со крсниот знак, ѓаволот бегајќи рече:
„Заминувам одовде, и додека си ти жив, јас не можам ништо да правам тука. Но, по твојата смрт повторно ќе дојдам и на сите можни начини ќе ја смутувам Црквата и ќе носам во гибелта мнозина“.
Свети Генадиј постојано лееше солзи до денот на својата смрт, молејќи се на Господа да ја сочува Својата Црква, за вратите на адот да не ѝ одолеат. И како што за време на својот живот беше усрден молитвеник кај Господа за светата Црква, така и по своето преставување принесува непрестајни молитви за Црквата, стоејќи со останатите свети ерарси пред Главата на Црквата, нашиот Господ Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух слава за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОВАН
Свети Јован беше родум бугарин. Кога дојде во Киев во 1080 година тој веднаш стекна толку голема почит, така што наскоро се издигна на митрополитскиот престол и управуваше со црквата осум години. Напишал послание до папата Климент, во кое што го изобличува за новотариите што ги вовела Римската Црква. Мирно се упокоил во 1089 година.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЧКИ СЕДУМ ДЕВОЈКИ ОД ГАЗА
Пострадаа за Господа Христа, посечени со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ЧЕТИРИ МАЧЕНИЦИ
од Перга Памфилиска
Ги тераа да трчаат по жар. Така пострадале за својата вера во Господ Христос.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ФИЛЕОРТ
Пострада за верата во Господ Христос посечен со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ДИАДОХ СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ МИНА, ФАВСТ, АНДРЕЈ и ИРАКЛИЈ
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ТРИСТА И ШЕЕСЕТ МАЧЕНИЦИ
во Никомидија
Пострадале за Господ Христос посечени со меч.
СПОМЕН НА ОБНОВУВАЊЕТО НА ХРАМОТ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
во Неорија