15. Септември (2. Септември)
ЖИТИЕТО И СТРАДАЊАТА НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МАМАНТ
Светиот маченик Мамант е роден во Пафлагонија. Неговите родители Теодот и Руфина беа знаменети луѓе. И двајцата потекнуваа од патрициски семејства, познати и богати, и блескаа со побожност. Бидејќи не можеле долго да ја кријат во себе верата во Христа и огнената љубов кон Него, тие јавно ја исповедаа својата побожност и многумина приведуваа кон Христа. Поради тоа беа обвинети кај намесникот на градот Гангра, Александар, кој имаше наредба од царот на сите можни начини да го шири и зацврстува почитувањето на незнабожечките богови и да ги мачи и убива христијаните и сите кои не им се покоруваат.
Откако го изведе Теодот на суд, Александар започна да го присилува да им принесе жртви на идолите. Теодот одбиваше, но намесникот сепак се воздржа да го подложи на мачење, поради неговото високо потекло. Тој немаше право да ги бесчести и мачи патрициските потомци без специјална царска наредба. Затоа Александар го испрати Теодот во Кесарија Кападокиска, кај кнезот Фавст. А пак овој кнез колку што беше усрден во своето многубоштво, толку беше и свиреп во однос на христијаните. Штом го виде, веднаш го фрли Теодот во темница. А пак жената на Теодот, блажената Руфина, иако беше бремена, го следеше својот сопруг и заедно со него влезе во темницата и страдаше во неа ради Христа. Знаејќи ја немоќта на своето тело и гледајќи ја суровоста на мачителот, Теодот се обрати кон Господа со срдечна молитва:
- Господи, Боже на силите, Оче на возљубениот Син Твој, Тебе Те благословувам и Те славам што ме удостои заради Твоето име да бидам затворен во оваа темница. Но, Те молам Господи, Ти ја знаеш мојата немоќ и затоа прими ја мојата душа, за да не се пофали мојот непријател.
Бог, Кој ги створил нашите срца и ги знае сите наши дела (сп. Псалми 32, 15), ја услиша молитвата на Својот верен слуга и веднаш му даде блажен крај и ја насели неговата душа во светлите небесни живеалишта. А блажената Руфина трпеше во темницата неволји и маки. Од преголема жал за својот сопруг, таа предвреме роди машко дете. Гледајќи ги новороденчето и мртвото тело на својот сопруг, таа со лелек и солзи повика кон Господа:
- Боже, Ти си го создал човекот и од неговото ребро си створил жена. Разреши ме и мене од овој краткотраен живот и прими ме во Своите вечни живеалишта, а роденото дете Ти самиот воспитај го како знаеш. Биди му и татко и мајка, и чувар на неговиот живот.
Повикувајќи така кон Бога во својата тага, оваа чесна и света жена беше услишана од Бога и разрешена од оковите на телото. Отиде на вечна слобода, предавајќи ја својата душа во рацете Господови. Така детето остана живо меѓу своите мртви родители.
Тогаш Господ, Кој ги чува новороденчињата (Псалми 114, 5), благоволи да ѝ го открие тоа на една благородна и побожна жена, која живееше во Кесарија и се викаше Амија. Во ноќно видение преку ангел Свој, Бог ѝ нареди да ги измоли од кнезот телата на светите и чесно да ги погреба, а детето да го земе кај себе и да го одгледа како син. Амија стана и поита да ја изврши наредбата Господова. Откако доби дозвола од кнезот, таа ги зеде телата на покојните и ги погребе во својата градина, а детенцето го засака како свое, бидејќи беше бездетна и целомудрена вдовица, и христијански го воспитуваше. Тоа растеше, но до пет години не можеше да зборува. Првиот збор што го изговори и ѝ го упати на Амија, како втора мајка, беше „мама“, поради што и го доби името Мамант. Потоа Амија го даде во училиште, каде тој набрзо ги надмина своите врсници, така што сите се восхитуваа на висината на неговиот ум.
Во тоа време во Рим царуваше незнабожниот Аврелијан. Тој ги присилуваше сите на поклонување на идолите, па дури и малите деца, особено трудејќи се околу нив, со надеж дека како мали и незрели лесно можат да се заведат и натераат на секое зло. Покрај тоа, тој сметаше дека ако децата од мали навикнат да јадат идоложртвено месо, понатаму ќе бидат усрдни идолопоклоници. Затоа многу им ласкаше и тие се покоруваа на неговата волја. Но, децата и момчињата од училиштето ја слушаа Мамантовата поука и го вршеа спротивното. Тој имаше старечка мудрост и чист живот и им ја докажуваше на своите врсници ништовноста на многубожечките бездушни и немоќни богови и ги поучуваше да го знаат единствениот вистински Бог и како разумна жртва Нему да Му принесуваат скрушен дух и смирено срце.
Во тоа време во Кесарија на местото на Фавс беше испратен друг кнез, на име Демокрит. Тој страотно ги мразеше христијаните. Кај него свети Мамант беше обвинет дека не само што не им се поклонува на боговите туку и останатите деца ги поучува во христијанската вера. Во тоа време тој имаше петнаесет години и повторно остана сираче. Неговата втора мајка Амија се упокои во Господа и му остави огромен имот, како единствен нејзин наследник.
Штом слушна за Мамант, Демокрит веднаш испрати по него и започна да го распрашува дали е христијанин и дали е вистина дека не само што не им се поклонува на боговите, туку и други одвраќа од тоа. Мамант бстрашно му одговори:
- Јас сум тој што не ве почитува. Вие сте скршнале од правиот пат и толку сте залутале во темнината, што дури не можете ни да погледнете во вистинската светлина. Откако сте го оставиле вистинскиот и Жив Бог, вие сте пристапиле кај демоните и се поклонувате на бездушни и глуви идоли. Јас никогаш нема да отстапам од мојот Христос и се трудам сите да ги приведам кон Него.
Запрепастен од таквиот бестрашен одговор на Мамант, разјарениот Демокрит нареди веднаш да го одведат во храмот на нечистиот бог Серапис и таму насилно да го тераат да му принесе жртва. Без никаков страв од разјарените кнезови, Мамант спокојно му возврати:
- Не треба да ме навредуваш. Јас сум од висок род. Син сум на родители од сенаторско високородие.
Тогаш Демокрит ги праша присутните за Мамантовото потекло. Кога дозна сѐ го остави, бидејќи всушност немаше право да го мачи. Затоа го стави во железни окови, го испрати кај царот Аврелијан, кој во тоа време се наоѓал во градот Егеја, и му објасни се за него.
Штом го прочита неговото писмо, царот веднаш нареди да му го доведат Мамант и започна на сите можни начини да го придобива кон своето зловерие. Се обидуваше тој со закани, со ласкања и ветувања на подароци и почести, и му велеше:
- Прекрасно момче, ако му пристапиш на големиот Серапис и му принесеш жртва ќе живееш со нас во нашиот двор, ќе бидеш царски воспитан и сите ќе те почитуваат и слават. Ќе бидеш навистина среќен. Ако, пак, не ме послушаш, страшно ќе загинеш.
Младиот Мамант машки му одговори:
- Царе, никогаш нема да им се поклонам на бездушните идоли, кои вие ги почитувате како богови. Колку сте безумни што се поклонувате на дрвја и бесчуствени камења а не на Живиот Бог. Престани да ме опсипуваш со ласкања, зашто сите добра и почести што ми ги ветуваш за мене би биле тешки маки ако ги засакам наместо Христос. А пак страшните маки, кои што ми ги ветуваш ради Христа, за мене ќе бидат големо добротворство. Смртта за Христа за мене е помила од секоја почест и добивка.
Така бестрашно зборуваше пред царот свети Мамант, кој иако млад, имаше разум и срце на зрел човек. Силата Божја може и младото момче да го направи непобедливо како Голијат. Од устата на малите деца да направи пофалба за Себе (Мт. 21, 16; Пе. 8,13). Разгневениот мачител веднаш нареди да го положат на земјата и безмилосно да го тепаат. Свети Мамант храбро го поднесуваше мачењето како да не чуствуваше болки, а царот му велеше:
- Само изусти дека ќе им принесеш жртва на боговите и веднаш ќе бидеш ослободен.
Маченикот му одговори:
- Никако нема да се одречам од мојот Бог и Цар Исус Христос, колку и да ме мачите. Така ќе стекнам поголеми богатства во подвигоположникот Христос.
Кога виде дека Мамант ни најмалку не се плаши од страдањата, Аврелијан нареди со свеќи да му го горат телото. Но, огнот како да се срами од телото на маченикот, го запали лицето на мачителот, кој уште повеќе се разгневи и нареди да го каменуваат. Тоа каменување за него беше толку пријатно, како да го засипуваат со миризливи цвеќиња, ца царот штом виде дека со ништо не може да го победи, го осуди на смрт. Нареди да биде фрлен во морето. Слугите му врзаа тешко олово околку вратот и го поведоа кон морето. Господ ни тогаш не го остави својот слуга. По пат се јави ангел Господов, кој блескаше како молња, и слугите побегнаа од страв. А ангелот го одведе свети Мамант на една висока гора во пустината, близу Кесарија, и му нареди да живее таму.
Во пустината Мамант отпочна со постот и постеше четириесет дена и четириесет ноќи, како втор Мојсеј, на кој му се даде во раце новиот Закон. Кај него дојдоа од небото и глас и жезол. Кога го прими жезолот, гласот му нареди да удри со него во земјата, при што веднаш од земјата излезе Евангелие. Мамант го зеде. Потоа подигна мала црква и во неа се молеше и го читаше светото Евангелие, Со наредба Божја кај него се собираа ѕверовите од таа пустина, како овци кај својот пастир. Тие како разумни суштества го слушаа и му се покоруваа. Се хранеше со млеко од дивите ѕверови, од кое правеше сирење не само за себе туку и за сиромашните. Штом ќе подготвеше многу сирење, тој веднаш го носеше во Кесарија и го раздаваше на сиромашните.
Наскоро за него се пронесе глас во Кесарија. Тогаш Александар, кој во тоа време беше поставен за намесник во Кападокија, суров и многу зол човек, дозна се за него и сметајќи го за волшебник испрати војници да го доведат кај него. Додека тие го бараа низ пустината, тој самиот излезе пред нив и ги праша кого бараат. Мислејќи дека е овчар, тие му одговорија дека го бараат Мамант, а кога ги праша зошто го бараат, му одговорија дека е обвинет кај намесникот како волшебник. Тогаш тој им рече:
- Пријатели, јас ќе ви раскажам за него, но прво да појдеме во мојата колиба, за да одморите и да каснете.
Војниците тргнаа и тој им принесе сирење да јадат. Додека јадеа, по обичај дојдоа кошути и диви кози, за светиот да ги измолзи. Откако го стори тоа, Мамант им стави на војниците од млекото да пијат, а самиот застана на молитва. И започнаа да доаѓаат многу ѕверови, па војниците исплашени ја оставија храната и се засолнија кај Мамант. Тој ги успокои и им рече дека тој е оној што го бараат. Тогаш тие му рекоа:
- Ако сакаш да појдеш кај намесникот, ајде со нас. Ако не, тогаш отпушти не сами. Ние не смееме да те водиме. Но, те молиме, одбрани не од ѕверовите.
Тој ги успокои и им рече да тргнат, а тој ќе појде по нив.
Војниците заминаа и кај градските капии го чекаа доаѓањето на Мамант, зашто му веруваа на таквиот прекрасен човек. Мамант поведе со себе еден лав и се упати кон градот. Кога влезе низ градската капија лавот остана надвор, а војниците го одведоа кај намесникот, кој веднаш започна да го испрашува:
- Ти ли си волшебникот, за кого слушам?
Светителот одговори:
- Јас сум слуга на Исус Христос, Кој на сите што веруваат во Него и ја исполнуваат Неговата волја им дава спасение, а магепсниците и идолопоклониците ги предава на вечниот оган. Кажи ми, зошто ме повика?
Намесникот одговори:
- Те повикав затоа што не знам со какви магии си ги скротил дивите ѕверови, та живееш со нив, па, како што слушам, им наредуваш како на разумни суштества.
На тоа свети Мамант му рече:
- Оној што Му служи на единствениот Бог никогаш нема да се согласи да живее со идолопоклоници. Затоа јас повеќе сакам да живеам со ѕверовите во пустината, отколку со вас во населбите на грешниците. Ѕверовите се скротуваат и ми се покоруваат, не со магии како што мислиш ти. Јас не знам што се тоа магии, а тие, иако се неразумни, сепак знаат да се плашат од Бога и да ги почитуваат Неговите слуги. Меѓутоа вие сте далеку понеразумни од ѕверовите, зашто не Го познавате вистинскиот Бог и ги бесчестите Неговите слуги со немилосрдно мачење и убивање.
Намесникот се разјари и веднаш нареди да го обесат, да го тепаат и со железни нокти да му го стругаат телото. Тој сето тоа го трпеше толку јуначки, како да не чувствува болка, и без глас да пушти, со умиление ги крена очите кон небото, очекувајќи помош, која што навистина ја доби. Одненадеж дојде глас, кој рече:
- Биди цврст и храбар, Маманте!
Овој глас го слушнаа многумина од верните и зајакнаа во верата, а светителот, потполно поткрепен од него, воошто не размислуваше за маките. По долгото мачење го фрлија во темница, додека да подготват вжештена печка, во која намесникот намисли да го спали. Во таа темница имаше и други затвореници, до четириесет на број. Кога изнемоштеа од глад и жед, свети Мамант се помоли и низ прозорчето влета гулаб со храна во клунот, сјајна како бисер и послатка од мед, ја спушти пред него и излета надвор. Таа храна се умножи за сите, како што некогаш во пустината се умножија малите лебови за мноштво народ (Мт. 14, 19-20). И повторно на полноќ, кога свети Мамант се помоли на Бога, вратата од темницата се отвори и сите излегоа, а свети Мамант остана сам. Кога печката беше вжештена го фрлија во неа, но Бог среде разгорениот оган створи ладовина за Својот слуга. Маченикот пееше и Го славеше Бога. Во неа остана три дена, додека таа не згасна и се олади. Кога намесникот дозна дека Мамант е жив, многу се зачуди и рече:
- О, колку голема сила има овој волшебник! Ни огнот не се допре до него!
Многу луѓе, очевидци на тоа чудо, поверуваа во Бога и сите ја прославуваа силата Негова.
Но, безумниот намесник не сакаше да Го познае семокниот Бог, та го припиша тоа на магии и изговори многу хули, а потоа го осуди маченикот да биде фрлен на ѕверови. Го доведоа на гледалиштето и пуштија гладна мечка кај него, но таа му притрча, му се поклони и лежеше крај неговите нозе, прегрнувајќи му ги стапалата. Потоа пуштија леопард, но тој како да го прегрна, му го целиваше лицето и му ја лижеше потта од челото. Додека се случуваше тоа, лавот што дојде со светителот од пустината, скокна во арената и проговори кон светителот со човечки глас, зашто Бог, покажувајќи ја Својата семоќна сила ја отвори устата на ѕверот, како некогаш Валаамовата магарица (4Мојс. 22, 28). Зборовите на лавот беа:
„Ти си мојот пастир, кој ме пасеше во планината“,
И веднаш јурна кон луѓето, а капијата на гледалиштето се затвори сама од себе, зашто Бог така сакаше. Лавот растргна многу луѓе, така што и самиот намесник одвај се спаси, Сите се разбегаа, и светителот го скроти лавот и го испрати во пустината.
Меѓутоа намесникот повторно го фати светителот, го држеше некое време во темницата, па повторно го изведе на гледалиштето и го пушти кај него најлутиот лав. Но и тој веднаш стана кроток и лежеше крај нозете на светителот. Незнабожниот народ од гнев чкрташе со забите и викаше кон намесникот:
- Одведи го лавот, за ние да го убиеме овој волшебник со камења!
И започнаа да фрлаат камења по него, А еден идолски жрец со наредба на мачителот силно го удри светителот со трозабец по стомакот, го расече и му испадна сета утроба. Собирајќи ја својата утроба, свети Мамант тргна од градот, носејќи ја својата утроба во рацете. Неговата крв течеше како вода, а една жена христијанка ја собираше во сад. Додека одеше така, свети Мамант најде во една карпа пештера и заспа во неа. Тогаш му дојде глас од небото, кој го повикуваше во вишните населби. Тој со радост го предаде својот дух во рацете на својот Господ, за Кого усрдно пострада.
Така свети Мамант прими маченички венец, а пак неговите свети мошти беа погребани од страна на верните на местото каде што се упокои. Таму се случуваа многу чудеса, како што јасно се гледа од зборовите на свети Василиј Велики, кој во својата проповед кон народот, во спомен на светиот маченик Мамант, вели:
„Сеќавајте се на светиот маченик, вие, кои го видовте во видение, вие, кои го имавте како помошник, вие, кои го призивавте и тој во делата ви помогна, вие, кои тој од заблуда ве изведе на патот на животот, вие, кои тој ве исцели од болестите, вие, чии што деца веќе умрени тој ги врати во живот, вие, на кои тој животот ви го продолжи, - сите вие, соберете се заедно и принесете му пофалба и благодарност на маченикот“.
Овие зборови ни даваат до знаење дека на гробот на светиот маченик се случувале многу исцеленија и чудеса. Но, не треба да го премолчиме и следново чудо. Кога Јулијан Отстапник уште како млад човек, сакајќи да остави зад себе спомен на побожноста, иако во тоа време беше волк во овчја кожа, започна во чест на светиот маченик Мамант да гради великолепна црква над неговиот гроб (тоа го правеше не од побожност, туку од суета или лицемерие), тогаш навистина можело да се види преславно чудо. Тоа што дење се ѕидало ноќе се рушело. Наместените столбови се претворале во урнатини, ниту еден камен не можел убаво да се соѕида и тоа било изобличување на Јулијановото зловерие и знамение на неговото идно гонење на Црквата Божја. Таквото чудо се случувало над гробот на светителот бидејќи тој не сакал да му гради црква оној што наскоро ќе ја разорува верата.
Господи, по молитвите на Твојот свет маченик Мамант, стори и со нас знамение на добро и избави нѐ од оние што нѐ гонат, да Те славиме со Отецот и Светиот Дух за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ЕЛЕАЗАР ПРВОСВЕШТЕНИКОТ
и ФИНЕС, синот негов
Свети Елеазар беше син Аронов и втор по ред првосвештеник Израилски (Кн. Броеви 4,16). Беше помошник на Мојсеј при пребројувањето на народот Израилски и помошник на Исус Навин при поделбата на Ветената Земја на дванаесет колена. Верно го чувал ковчегот на заветот во Силома и се упокоил во мир. Негов син беше свети Финес, кој покажа праведна ревност и го стиши гневот Божји над Израилот, та затоа од Бога доби завет на свештенството (Кн. Броеви 25,11-13).
ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ЈОВАН ПОСТНИК,
патријархот Цариградски
Нашиот свет отец Јован е роден во Цариград и се подвизувал за време на царевите Јустин, Тивериј и Маврикиј. Најпрвин беше златар. Како побожен, сиромаштвољубив, гостољубив и богобојазлив човек, тој во својот дом го прими палестинскиот монах на име Евсевиј, кој живееше кај него. Еднаш додека одеа заедно, монахот Евсевиј се наоѓаше од десната страна на Јован. При тоа одеднаш дојде глас до Евсевиј од некој невидлив:
- Не треба, аво, да одиш од десната страна на големиот Јован!
Тој глас Божји ја наговестуваше големата служба, на која Јован наскоро требаше да биде повикан. Монахот му раскажа за тоа на блажениот Евтихиј, патријарх Цариградски, а тој го посоветува Јован да го потстриже, како достоен за црковниот клир.
Еднаш кога Јован се наоѓаше на молитва во црквата на свети Лаврентиј, имал вакво откровение:
Видел тој во олтарот многу светители, сите облечени во бели и блескави одежди, како пеат прекрасни милозвучни песни. Потоа од олтарот излегол некој човек со торба, од која обилно раздаваше милостиња на сиромашните кои се собирале околу него, но торбата не се празнела. И колку што повеќе раздавал, таа сѐ повеќе се полнела, сѐ додека некој од сиромашните, притиснат во таа турканица не викнал: „Господи помилуј! Кога ќе се испразни оваа торба?“
И во тој момент торбата станала празна.
Ова откровение го натера преподобниот да се замисли. Тој се восхитуваше на видението, кое беше предзнак на неговиот иден чин и неговата голема дарежливост спрема сиромашните. Од тогаш измина доста време и умре цариградскиот патријарх Евтихиј, а по Божја волја Јован како достоен беше избран за патријарх и приморан на хиротонија. Но, тој не се согласуваше сѐ додека не го видел следното страшно видение:
Видел тој, од една страна огромно море, кое се протегало од земјата до небото, и страшна огнена печка, а од друга страна мноштво ангели, кои му зборувале: „Ти не сакаш да го примиш престолот? Тогаш друг ќе го прими, но ти од сите нас ќе бидеш казнет“.
Бидејќи ангелите ова му го рекле заканувачки, Јован се покори и беше поставен за патријарх Цариградски. Но, кога? Откако со помош на крајното подвижништво достигна совршенство во секоја доблест. Во својство на патријарх, сѐ до смртта тој водеше совршен испоснички живот со секоја доблест, за што сведочат неговите чуда. Тој страшната бура по морето ја стиши со молитвата и крсниот знак. На еден слепец од Газа, на име Јован, му даде вид ставајќи му на очите честичка од телото Христово и говорејќи:
- Оној што го исцелил слепиот од раѓање, Он нека те исцели и тебе!
И слепиот веднаш прогледа.
Еднаш со допуштање Божјо настана голем помор во Цариград. Преподобниот се молеше Бог да го одврати Својот праведен гнев и на еден од своите верни слуги му нареди да земе две кошници, едната полна со ситни каменчиња, а другата празна и цел ден да стои на местото каде ги донесуваа умрените и да ги брои, префрлувајќи каменче од полната кошница во празната. Во првиот ден слугата изброи 393 мртовци и го извести светителот за тоа, а тој прорече дека поморот ќе престане. Тоа веднаш се случи. Утредента слугата, стоејќи на истото место и броејќи ги мртвите, најде дека умреле малку, наредниот ден уште помалку, а во седмиот ден поморот целосно престана, според пророштвото и молитвите на светителот.
Воздржанието на свети Јован беше такво што шест дена не јадеше ништо, а во седмиот ден земаше само малку овошје или диња, или грозје, или смокви. Така се хранеше тој за сето време на своето патријархување. Спиеше многу малку и тоа седејќи. А за да не спие повеќе отколку што сака, тој палеше свеќа, во свеќата забодуваше голема игла и под свеќата оставаше леген. Кога свеќата ќе догореше до иглата, таа со тресок паѓаше во легенот и го будеше. Светителот постојано пребиваше во молитва и во многу подвизи, борејќи се со страстите. Многу пати со своите молитви и постот тој ги одвраќаше наездите на иноплемениците и го избавуваше градот од пропасти, а својата паства ја сочувуваше од видливите и невидливите непријатели. Свети Јован беше многу милостив, татко на сирачињата, хранител на гладните, заштитник на обесправените, ревнител во Бога, искоренувач на секое зло. Еднаш во петок светителот беше известен дека утредента во сабота на Педесетница ќе има коњски трки, па рече:
- Нека нема коњски трки во Светата Педесетница.
И падна на колена и се помоли на Бога да јави некое знамение, кое ќе го заплаши и оневозможи остварувањето на тој потфат.
Така и се случи. Кога се собраа и трката отпочна, одненадеж настана страшно невреме со грмотевици и молњи, со силен дожд и град, та сите се разбегаа од страв.
Преподобниот имаше власт над нечистите духови и ги истеруваше. Така една жена, чиј што маж беше обземен од ѓаволот, таа го одведе кај еден пустиник, но тој ѝ рече:
„Оди кај свјатјејшиот Јован, патријархот Цариградски, тој ќе го исцели твојот маж“,
Жената постапи така и нејзиниот маж доби исцеление, по молитвите на преподобниот патријарх. Така тие радосни се вратија во својот дом. И многу болни воопшто добиваа исцеленија, и многу бездетни добиваа чеда, по молитвите на преподобниот.
Така мудро пасејќи го своето словесно стадо, преподобниот во длабока старост стигна до својот блажен крај и премина од земните во небесните населби. Кога телото на светителот лежеше мртво, кај него за проштален целив дојде познатиот епарх Нил и се наведна да го целива. А светителот, иако мртов, на восхитување на сите му прошепоти на увото некои зборови, кои што тој никому не ги кажа. Свети Јован го погребаа во олтарот на црквата Свети Апостоли, како достоен на таквата чест, славејќи Го и благословувајќи Го прекрасниот во светителите Бог - Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ДИОМИД
Пострадал за верата во Христа прободен со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЈУЛИЈАН
Главата му ја смачкале со стапови. Така пострадал за Господа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ФИЛИП
За својата вера во Христа се упокоил посечен со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ 3618 МАЧЕНИЦИ,
кои пострадале во Никомидија
За време на царувањето на римските цареви Диоклецијан и Максимијан (282-305 г) во Никомидија за Христа пострадаа 3618 маченици, кои доброволно дојдоа од Александрија. По убиството на александрискиот архиепископ свети Петар, неговите убијци поверуваа во Господа заедно со сите свои домашни и многу други кои сакаа да умрат за Христа. Тие со своите жени, деца и сите блиски доброволно се упатија кон Никомидија на мачење за Господа Христа и излегоа пред царот, викајќи:
- Ние сме христијани! Диоклецијан се збуни и најпрвин со ласкање ги наговараше да се одречат од Распнатиот, но кога одбија им нареди на војниците пред него да ги искасапат со мечеви и нивните тела да ги фрлат во горска провалија. По многу години нивните чесни мошти беа пронајдени, според чудесата што се случуваа од нив.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ЕВТИХИЈАН
Бил испечен на вжештена скара и така пострадал за Господа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ИСИХИЈ
Бил обесен. Така пострадал за верата во Христа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЛЕОНИД
Пострадал за Господа спален во оган.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕВТИХИЈ
Овој свети маченик бил распнат. Така се упокоил за верата во Господа
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ФИЛАДЕЛФ
Бил потопен со камен околу вратот. Така пострадал за Господа Христа.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АИТАЛ И АМОН (АМУН)
Овие свети маченици беа обвинети како христијани кај старешината Вавда во Адријанопол во Тракија. На неговото прашање кои се, од каде се и со што се занимаваат, тие одговорија дека се христијани. Старешината им заповедаше да им принесат жртви на идолите и бидејќи одбија беа жестоко тепани со воловски жили. Така маченички ги предадоа своите души во рацете Господови. (Од овој ист незнабожен старешина пострада и светиот маченик Амон ѓаконот, кој се спомнува на први септември).
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МЕЛАНИП
Пострадал за својата вера во Господа Христа спален во оган.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ПАРТАГАПИЈА
Била фрлена во море. Така пострадала за Господа.