16.  Септември  (3. Септември)

ЖИТИЕТО И СТРАДАЊАТА НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК АНТИМ,

епископот Никомидиски и многу други со него

Свети Антим е роден во градот Никомидија!. Тој уште од млад пројави навики на зрел човек и се одликуваше со совршена незлобивост. Додека растеше со телото растеше и со духот. Како полнолетен ги надмина сите во доблестите. Во периодот од човечкиот живот, кога страстите обично никнуваат во човекот како плевел во пченица, Антим беше образец на бестрасноста. Неговото тело беше умртвено, духот смирен, зависта искоренета, гневот скротен, мрзливоста избркана. Во него немаше место за прејадување и пијанство. Напротив, кај него имаше воздржание во сѐ, љубов кон сите, мир со сите, благоразумност, ревност спрема славата Божја, јавна пред сите.

За таквиот негов доблесен живот, Антим беше удостоен на свештеничкиот чин. Како свештеник со сето срце се трудеше во богомислената молитва и душекорисните подвизи. Со збор и на дело сите ги учеше на патот на спасението. А кога се упокои архипастирот на Никомидиската црква свети Кирил, на неговиот престол беше поставен Антим. Неговиот избор за епископ беше посведочен одозгора. За време на неговата хиротонија небесна светлина ја осветли црквата и се чу некој божествен глас.

Откако ја прими управата над Никомидиската црква, свети Антим како искусен кормилар го сочува среде силната бура коработ од потопување. Христијаните сепак не успеа да ги потопи бурата на идолопоклонството, ниту да ги проголта адот, туку раководени и управувани од својот свет архипастир Антим, стигнаа во тивкото небесно пристаниште. Овој добар пастир го приведе кон Бога со маченички венци речиси целото свое стадо. Кога идолопоклониците отпочнаа големо гонење против христијаните по целиот Исток, а особено во Никомидија, каде што тогаш живееја безбожните цареви Диоклецијан и Максимијан, свети Антим ги поучуваше и храбреше на маченички подвиг сите верни. Тој говореше:

- Сега треба да се истакнеме како христијани. Сега е време за подвиг. Сега секој Христов војник нека стапи во борба! Овде ни претстои да пострадаме малку за нашиот многустрадален Христос, Да Го исповедаме пред луѓето, за Он да нѐ исповеда горе, пред Отецот Свој на небесата. Да Го прославиме овде пред луѓето, за Он да нѐ прослави горе пред ангелите Свои. Да Го прославиме Бога во нашите тела, предавајќи се на мачење. Да умреме привремено, за да живееме вечно. Да не се плашиме од мачителите. Ако нѐ убијат, тие ќе станат виновници за нашето идно блаженство. Отсечената глава десницата на нашиот Подвигоположник ќе ја овенча со несвенлив венец. Раскинатите делови од телото ќе заблескаат како сонце во царството Негово. Нанесените рани ќе ни ја зголемат вечната награда. Облиеноста со крв ќе нѐ внесе во дворовите на Небесниот Младоженец. Затоа да бидеме подготвени да ја пролиеме својата крв! Да бидеме за углед и пред ангелите и пред луѓето!

Крепени со вакви зборови од светиот пастир, многу верни од неговото стадо храбро се предаваа на страшни мачења за преслаткиот свој Господ Исус. Еден христијанин од оние со најогнена вера, од ревност се одлучи на ваков потфат. Кога царската наредба за убивање на христијаните беше прочитана среде градот Никомидија и на видно место прикачена на ѕид, тој истапи пред сите, Го исповедаше Христа, ја искина наредбата на парчиња и со силен глас го изобличуваше идолопоклонството. Така стана прв маченик во Никомидија.

Потоа многу велможи и блиски соработници на царевите започнаа јавно да Го исповедаат Христа, објавувајќи дека се христијани. Меѓу нив беа Доротеј, Мардониј, Микдониј, Петар, Индис, Горгониј и голем број други. Сите доброволно се предадоа на мачење за Христа и беа погубени на најразлични начини.

Во тие тешки времиња за христијаните се случи, незнајно како, да се опожари царската палата и поголемиот дел од неа да изгори. Злобните многубошци ги обвинија христијаните дека тие го сториле тоа, па царот толку се разјари, што веднаш започна да ги убива христијаните. Огромен број луѓе предаваше на посекување или спалување. Но, без оглед на тоа, многу мажи и жени, гледајќи ја маченичката смрт на своите браќа,сами влегуваа во огнот. И мачителите многу христијани врзуваа, ги товараа на кораби и ги потопуваа во морето. Покрај тоа во својата нескротлива јарост царот нареди да ги потопуваат не само живите, туку да ги откопуваат и да ги фрлаат во морето и телата на порано погребаните свети маченици, за останатите христијани да не ги почитуваат.

Во време на таквото страшно гонење, свети Антим беше баран „како овца за колење“ (Ис. 53,7). Но, пред да го растргнат пастирот, волците се нафрлија врз неговото стадо. Божјата промисла и заштита го чуваа светиот пастир во едно село, на име Семана, за тој најпрвин својата паства да ја испрати кај Бога, па потоа и самиот да замине. Тогаш, на денот на Христовото раѓање, во црквата беа изгорени дваесет илјади свети маченици, а останатите затворени во темница. Светиот архипастир со своите чести посланија, тајно испраќани на затворените, ги учеше и ги утврдуваше во верата. Така, иако не беше со нив, со духот беше во темницата, давајќи им духовна храна. Се криеше светиот, не од страв од маките, туку со своето учење и молитви да ги зацврсти слабите во верата и да ги поткрепи немоќните, додека сите не ги приведе кон Христа, па потоа и самиот да се предаде на мачења.

Поткрепен од светителот, еден војник христијанин, на име Зинон, го изобличи пред сите царот Максимијан на следниот начин: во Никомидија близу театарот имаше незнабожечки храм на богињата Церера, која таму беше многу почитувана. Еднаш Максимијан со своите војници и народот принесуваше обилна жртва пред неа, а Зинон застана на една височинка и силно викна:

- Се залажуваш себе си, царе, што се поклонуваш на бездушен камен и немо дрво, зашто тоа е ѓаволска измама, која своите поклоници ги води во смрт. Види ја вистината, обрати се кон небото, види ги прекрасните творби и познај Го Творецот. Од тварите научи каков е Творецот. Научи да Го почитуваш Бога, Кој не ја сака крвта на закланите и во смрдлив чад спалувани бессловесни животни, туку чисти души и чисти срца на разумните суштества.

Максимијан нареди да го фатат и заради дрските зборови упатено кон него да го тепаат со камења по лицето и устата. Мачителите му ги извадија забите, му го смачкаа лицето, му го искорнаа јазикот и најпосле одвај жив го извлекоа од градот и со царска наредба му ја отсекоа главата.

Во тоа време свети Антим, од местото каде што се криеше, го испрати ѓаконот со своите писма кај Доротеј и останатите затвореници во темницата, поттикнувајќи ги на трпение и радосно да умрат за животодавецот Господ. Незнабошците го фатија ѓаконот и го одведоа кај царот Максимијан со писмата на свети Антим. Царот ги прочита и тие му беа многу непријатни, зашто содржеа срдечен поздрав од светителот до мачениците, негово сесрдно сострадање, родителски упатства, пастирски поуки, архиерејски благослов на маченички подвиг и соколење на презирачко уништување на идолите. Сето тоа многу го разјари царот. Тој веднаш нареди сите маченици да ги изведат пред него на суд. Откако фрли кон нив верски злобен поглед, тој долго ги навредуваше. Потоа нареди да им се прочитаат писмата од Антим, за прекор и изобличување. Царот говореше:

„Вие верувате во лажните басни на тој зол човек и го слушате неговото развратно учење, а не царската наредба“.

Но христијаните многу се радуваа и плачеа додека го слушаа читањето, а ѓаконот оддалеку ги поздравуваше со светол поглед, радосно лице и приклонување на главата. Сите зборови на свети Антим, кои се читаа за нивно прекорување, тие ги ставаа во своите срца.

Тогаш царот му рече на ѓаконот:

- Кажи ни, од каде доаѓаш, кој ти ги даде овие развратни писма? Каде се крие оној што те испратил?

Ѓаконот ја отвори својата благодатна уста и започна да зборува:

- Оној, Кој ги испраќа овие посланија е пастир. Но, бидејќи се наоѓа далеку од своето стадо, мора преку писма да го поучува и поттикнува на побожност. Особено кога слуша за насрнување на многу волци врз словесното стадо, ги предупредува овците што треба да прават, користејќи ги зборовите на Врховниот Пастир: „Не плашете се од оние што го убиваат телото а душата не можат да ја убијат“ (Матеј 10, 28). Ова послание го донесов за да го соопштам на стадото Христово, а каде се наоѓа испраќачот нема да кажам. Нема да бидам предавник на мојот пастир, од кого сите добиваме огромна корист. Тој наскоро секако ќе биде јавен, зашто „не може да се сокрие град на врв планина“ (Матеј 5,14).

Царот толку се разгневи, што веднаш го осуди светиот ѓакон на смрт. Се викаше Теофил. Нему најпрвин му го отсекоа слаткоречивиот јазик, а потоа го убија со камења и со стрели. Потоа царот нареди на разни начини да бидат погубени мачениците кои беа изведени пред него. На свети Доротеј да му се отсече главата, Мардониј да се спали, Микдониј жив да го фрлат во јама и да го затрупаат со земја, а на Горгониј, Индис и Петар да им обесат за вратовите воденички камени и да ги фрлат во морето. А пак останати да ги усмртат со најразлични мачења. Така сите тие отидоа кај едниот Господ. Телата на мачениците, кои беа фрлени во морето, ги извадија рибари, а една девица, на име Домна, ги погребуваше. Штом дознаа за тоа незнабошците, веднаш ѝ ја отсекоа главата, додека таа се молеше над моштите на светите маченици. Во тоа време и Ефтимиј, кој со својата проповед обрати многумина кон Христа и подвигот на мачеништво, овде во Никомидија после многуте мачења беше посечен со меч. По сето тоа дојде време и свети Антим да пострада за Исуса Христа.

Штом дозна за него, Максимијан веднаш испрати дваесет коњаници да појдат во гореспоменатото село Семана, каде што се криеше и тајно ја ширеше верата во Христа Господа. Кога стигнаа во тоа село, коњаниците го сретнаа токму него и го прашаа за свети Антим. А тој ги одведе во своето престојувалиште, велејќи:

- Ќе ви раскажам за Антим и ќе ви го предадам, но првин одморете се.

Потоа им принесе трпеза и со радост ги угости со тоа што имаше, па им откри дека самиот тој всушност е Антим, велејќи:

- Јас сум оној што го барате. Водете ме кај оној што ве испратил.

Војниците се зачудија. Тие се срамеа да погледнат во неговата чесна седост, зашто со љубов ги прими и угости. Сега тие почнаа да размислуваат дека всушност треба да го одведат овој добар невин човек кај мачителот во сигурна смрт после страшни мачења. Им беше многу жал за него и засрамени му рекоа:

- Нема да те земеме со нас. Ти сокриј се, а ние ќе му кажеме на Максимијан дека не сме успеале да те најдеме.

Но Антим, ревносно исполнувајќи ги заповедите Господови, започна да ги убедува да ја зборуваат вистината, зашто не сакаше да лажат заради него. Истовремено сакаше да умре за Христа, па тргна со нив. Додека патуваа, тој ги поучуваше војниците во верата во нашиот Господ Исус Христос, и неговите зборови допреа до нивните срца, па кога стигнаа до реката, тој се помоли за нив и ги крсти во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Потоа го продолжија патот во разговор за душекорисни работи, сѐ до Никомидија. Со наредба на Максимијан свети Антим врзан беше изведен пред него како злосторник. Но, со душата беше слободен, полн со надеж на помош одозгора. Мачителот нареди да се донесат сите орудија за мачење, за да го исплаши, и потоа започна да го прашува:

- Ти ли си Антим, кој заблуден во некој прост човек Христос, во таа иста заблуда со себе го води и простиот народ, мамејќи го и потикнувајќи го да не се потчинува на нашата царска наредба.

Свети Антим се насмеа на приложените орудија и царевите зборови и рече:

- Царе, јас воопшто не би ти одговорил на твоето прашање ако не ми препорачаше божествениот апостол, кој нѐ учи постојано да бидеме подготвени на одговор, зашто Бог ни вети дека ќе ни даде премудрост, на која што нема да можат да се противат ниту да одговорат сите наши противници (1Петар 3,15; Лука 21,15). Прво ги исмеав вашите идоли, кои вие ги нарекуват богови, а сега се смеам на твоето големо безумие, што се надеваш дека ќе ме разделиш од мојот Создател, Кој и тебе како неблагодарно створение те почестил со Својот лик. Зошто врзан ме доведе на суд и извади пред мене орудија за мачење? Да не мислиш дека ќе ме исплашиш со тоа, та да ти се покорам? Не можеш да го исплашиш оној што самиот бара да умре за својот Господ! Овие орудија изнеси ги пред малодушните и плашливите, за кои овој временски живот претставува голема радост и неговото губење голема мака. Нив плаши ги со тоа, а не мене. За мене ова трошно тело и овој временски живот се како тешки окови во темница, кои не ѝ даваат на душата да премине кај Бога. А твоите закани, казни и мачења се пријатни за мене, зашто со нив доаѓа смртта, која ќе ме разреши од оковите на телото и ќе ме испрати кај мојот Господ,

Мачителот веднаш нареди да го тепаат со камења по вратот, а светителот со благодарност ги примаше ударите, како почеток на страдањата. Тој го исмеваше мачителот, и барајќи пострашни маки, велеше:

- Боговите, кои не се создатели на небото и земјата, нека исчез. нат (Ерем. 10, 11).

Овие зборови го погодија мачителот во срцето, и тој нареди со вжештени железни колци да му ги продупчат нозете. Но и тоа мачење беше радост за светителот и тој Го фалеше Бога што го удостои да трпи за името Негово. Потоа нареди по земјата да се наместат остри шилци, да го положат маченикот гол, и да го тепаат со стапови, за неговото срце да трпи двократни болки. Но, светиот маченик и тогаш пееше:

- Ти благодарам Господи, Царе на вековите, што си ме препашал со сила за борба, што ги соборуваш пред мене оние што се креваат против мене. ..(Пс. 17, 40).

Тогаш мачителот измисли нови мачења. Вжештија железни чизми и му ги обуја, но божествена благодат го осени страдалникот и тој слушна глас, кој му ветуваше венец наскоро. Тој глас го исполни неговото срце со блаженство. Од оваа божествена утеха, светителот започна јавно да не обрнува внимание на мачењата и со насмевка трпеше сѐ. Мачителите беа запрепастени и започнаа да зборуваа дека светителот е магепсник и дека со некакви магии го надвладува огнот. Го прашуваа зошто им се радува на мачењата, а тој одговараше дека маките му даваат сигурност за ветените богатства. Им велеше дека наскоро ќе ја надмине сета нивна надмена гордост, дека нивните богови се немоќни и дека мачителот нема да замине од овој живот, додека не биде осуден на вечна смрт. Уште повеќе разјарен од овие зборови, тој нареди да го врзат за тркало и вртејќи го да му го горат телото на оган. Но, штом слугите започнаа да го врзуваат, ненадејно паднаа како мртви и подоцна раскажуваа:

„Кога започнавме да го вртиме тркалото и го потпалувавме врзаниот, до нас се појавија тројца светлоносни мажи, кои рекоа: "Не плаши се, слуго Божји Антим. Кога погледнаа кон нас, ние се преплашивме и огнот под тркалото се сврте кон нас и нѐ изгоре“.

Мачителот многу се зачуди и сето тоа го припиша на магии. Потоа нареди да го симнат и започна да му се заканува дека ќе го обезглави ако не им принесе жртва на боговите. Но, свети Антим се израдува и од срце Го молеше Бога што побрзо да го земе кај себе по патот на мачеништво, за да може да рече:

„Еве ме мене и децата кои си ми ги дал, Боже“ (сп. Ис. 8, 19).

Но, злобниот цар нареди првин маченикот окован да го одведат во темница. Воден, тој Го фалеше и благословуваше Бога за сѐ. При тоа одненадеж го осветли светлина од небото, паднаа оковите од него, а слугите испопаѓаа од страв. Тој ги подигна и им нареди да го вршат нареденото, па влезе во темницата меѓу злосторниците и разбојниците радосен, како да е внесен на гозба или свадба. Откако им предложи на затворениците духовна храна со зборовите Божји и за пијалок им ја даде побожноста, тој ги придоби за Христа и ги присоедини кон светата Црква, поучувајќи ги во верата и добрите дела. Тука ги препороди со водата на светото Крштение. И стана темницата светла црква полна со Духот Свети, каде верните затвореници и ден и ноќ Му принесуваа пофални жртви на Господа.

Штом за тоа дозна Максимијан, веднаш нареди да му го доведат свети Антим. Се трудеше тој со ласкање да го натера да им се поклони на боговите, и со ветување дека ќе го постави за врховен меѓу идолските жреци. Но, светителот со својата вообичаена бестрашност му рече:

- Јас и пред твојот предлог сум врховен свештеник меѓу Божјите епископи, и тоа свештеник на сепрвиот Пастироначалник Христос, Кој во мое тело се облече и заради мене слезе кај мене. Тој Му стана на Бога Отца жртва за луѓето, умре на крст, беше погребан и воскресна во третиот ден, и со слава се вознесе на небото, вознесувајќи ги со Себе сите кои веруваат во Него. Јас сум Негов свештеник и Му се принесувам како жртва жива. А вашите жреци, жртви и богови се темнина и ќе отидат во вечната темнина.

Штом го слушна тоа, мачителот го осуди свети Антим на смрт. И одеше светиот во смрт премногу радосен, и говореше:

„Сега е време за мојата веселба, сега се остварува мојата желба, сега ми се отвораат вратите на вечниот живот, за откако ќе излезам од телото да отидам кај Господа. Ќе се наситам кога пред мене ќе се јави славата Негова“,

Кога стигнаа на одреденото место, светителот измоли време за молитва. Откако долго се помоли ја стави својата глава под секирата и беше обезглавен. Така го прими својот маченички крај за Христа, на трети септември. Кога падна ноќта некои христијани тајно го зедоа неговото многустрадално тело и чесно го погребаа, славејќи Го Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот Бог, Кому слава за навек, Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИ ЈОАНАКИЈ 2ри,

архиепископ и прв патријарх Српски

Беше родум од Призрен и првин служел како секретар при кралот Душан. Архиепископ станал во 1339 година, а во 1346 година бил воздигнат во позивот патријарх. Бил ревносен архипастир и уредник на Српската црква, „на законите црковни големо утврдувањеˮ . Се Упокоил на 3 септември 1349 година. Неговите мошти се наоѓаат во Пеќ. 

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ВАСИЛИСА НИКОМИДИСКА

За време на царувањето на злиот римски цар Диоклецијан, во ниту еден друг град не била пролиена толку многу маченичка крв, како во Никомидија. Во него се убиени толку многу христијани за Христа, така што само за еден месец се изброени седумнаесет илјади маченици, без оние дваесет илјади, спалени во црквата на денот на Рождеството Христово. Таквото убивање на невините христијани траело за сето време на тешкото и луто гонење, Кој би можел да ги изброи сите христијани убиени за тоа време, освен Единствениот Бог, Кој и ѕвездите ги избројува!

Во тој град Никомидија пострада и оваа света маченица Василиса. Слава на Сесилниот Бог, Кој ја пројавува Својата голема сила, не само во возрасните туку и во малите деца! Светата маченица Василиса имаше само девет години кога беше изведена на суд пред Никомидискиот намесник Александар. Ова девојче толку бестрашно Го исповедаше пред него Христа, што сите се восхитуваа, зашто како зрел човек се препираше со него за верата Христова. После многу ласкави зборови и ветувања, гледајќи дека Василиса е непоколеблива, мачителот нареди да ја тепаат по лицето, а таа Му благодареше на Бога за тоа. Намесникот потоа нареди да ѝ го соблечат фустанот и да ја тепаат со стапови, а таа уште повеќе Му благодареше на Бога. Тоа уште повеќе го разјари намесникот, та нареди уште посилно да ја тепаат, така што целото тело ѝ се покри со рани. При тоа таа извика:

- Боже, Ти благодарам за сето ова!

Потоа заповедаше, та ѝ ги продупчија глуждовите, ја обесија со главата надолу и под неа запалија оган во кој ставаа смола, сулфур, зејтин и олово, за таа во тешките страдања и ужасниот чад брзо да издивне. Но, светата маченица и во таквите маки пееше како во рајска ладовина и Го славеше Бога.

Гледајќи го тоа, намесникот нареди да ја фрлат во вжештена печка. Но, светата се осени со чесниот крст, влезе среде огнот и долго стоеше во него, но остана неповредена. Тоа ги запрепасти сите присутни, кои во голема недоумица го набљудуваа тоа чудо. Потоа ја извадија и пуштија кај неа два лава, но таа се помоли и како некогаш молитвата на пророкот Даниил, сега молитвата на девојчето ги затвори устите лавовски. Гледајќи го тоа, намесникот Александар го обзеде ужас. Тој долго време беше како надвор од себе, па потоа извика:

- Ова се судови Божји!

Па падна пред нозете на светата маченица, говорејќи:

- Смилувај се на мене, слугинко на Небесниот Цар и Бог и прости ми ги сите зла, што ти ги сторив. Помоли се на својот Бог за мене, да не ме погуби заради тебе, зашто од сега јас верувам во Него.

Тогаш светата маченица ја отвори својата уста и гласно Го прослави милосрдниот Бог, Кој го отстрани слепилото на намесникот и го приведе кон познание на вистината. И откако го повика епископот Антонин, маченицата му наложи да го поучи Александар во вистините на верата и потоа да го крсти. И настапи голема радост кај присутните христијани за неговото обраќање. Откако беше крстен, Александар принесе покајание за својот поранешен живот и за сите извршени зла над христијаните. Света Василиса се молеше на Господа за него и со нејзиното посредство и молитви, намесникот Александар, полн со вистинско покајание, за кратко време се претстави кај Господа и чесно беше погребан од христијаните. По погребот света Василиса го напушти градот. По патот ожедне и најде еден камен, застана на него, се помоли на Господа и веднаш од тој камен потече вода. Откако ја згасна жедта, недалеку од тоа место таа ги преклони колената на молитва и го предаде својот дух на Господа. Штом дозна за тоа, епископот Антонин дојде и ја погреба светата маченица близу каменот, од кој по нејзината молитва потече вода. По нејзините свети молитви, Господи, излеј ја и врз нас Својата голема и богата милост. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТАТА ФИВА

Оваа светителка ја спомнува свети апостол Павле во своето Послание до Римјаните. Тој за неа пишува: „Ви препорачувам нашата сестра Фива, која е ѓакониса при црквата во Кенхреја, да ја примите во Господа како што им доликува на светите, да ѝ бидете од помош во секоја работа која што ќе ѝ затреба од вас, зашто таа на многумина им има помогнато а и на мене самиот“ (Рим.16,12). Од ова се гледа дека света Фива била ѓакониса при црквата во Кенхреја (близу до Коринт), и за црковните работи и потреби патувала дури до Рим.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ТЕОКТИСТ,

соподвижник на свети Евтимиј Велики

Од детството го засака Бога, ги остави своите роднини и родниот крај и премина во свештените и свети места на Ерусалим. Кога дојде во лаврата наречена Фаран, најде една ќелија, се затвори во неа и јуначки се бореше против страстите и демоните. Тогаш и Евтимиј го напушти светот, дојде и се насели покрај преподобниот Теоктист и молитвено тихуваше. Желбата за исти доблести, другарувањето во исти подвижнички борби, толку ја зголемија љубовта меѓу овие двајца преподобни, што едниот се наоѓаше во душата на другиот. И за сите работи и двајцата имаа исто мислење, и двајцата вршеа исти дела. Тие имаа обичај по Богојавление да се повлекуваат длабоко во пустината, каде тихуваа побожно сѐ до Цветници, а потоа се враќаа во своите ќелии.

По пет изминати години, тие во вообичаеното време излегоа во пустината и пронајдоа голема пештера, во која што се населија. Долго време живееја тука хранејќи се со дива трева, додека некои започнаа да им ја носат потребната храна. Потоа многумина започнаа да доаѓаат кај нив од разни страни, со желба да живеат со нив. Така тука се создаде киновија, чиј што игумен беше големиот Теоктист до крајот на својот живот. Тој стана причина за спасението на многу луѓе, колку со своите убедливи и слатки зборови, толку и со својот чист и подвижнички живот.

А пак свети Евтимиј побожно тихуваше во својата ќелија недалеку од киновијата на преподобниот Теоктист и тука основаше своја голема лавра. Сите штоа доаѓаа кај него за монашење, тој ги испраќаше во киновијата на големиот Теоктист. Така тој му го испрати и преподобниот Сава Осветен, како уште млад и недораснат, да живее под негово раководство и од него да ги учи лекциите на монашката философија, монашкото подвизување. И така свети Теоктист стана недалеку познат и славен, како и свети Евтимиј, зашто беше образец и правило на секоја доблест. Кога достигна длабока старост го снајде тешка болест, од која што и отиде кај Господа. Неговото чесно тело чесно беше погребано од рацете на големиот Евтимиј, кој тогаш имаше деведесет години, и ерусалимскиот патријарх Анастасиј, во третиот ден на месец септември, во 451 година. (А пак свети Евтимиј се спомнува на 20 јануари).

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК АРИСТИОН,

епископот Александриски

Свети Аристион беше епископ на приморскиот град Александрија, кој се наоѓаше меѓу градовите Иса и Антиохија во Сирија. Тој ревносно и убедливо Го проповедаше нашиот Господ Исус Христос, Неговиот домострој на спасението, вечното и бесконечно Царство, вечните добра, божествената радост на Небесното Царство. Ги учеше луѓето дека сѐ на земјата е трошно и минливо, а вечни и неминливи се само идните вечни добра. Поради таквото учење беше изведен на суд пред управителот на градот Александрија, пред кого што изјави дека Христос е вистинскиот Бог. Затоа беше осуден на спалување. Фрлен во огнот, тој во таквиот маченички подвиг блажено се упокои, предавајќи ја својата света душа на Господа.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ПОЛИДОР КИПАРСКИ

Беше од градот Левкосија (денешна Никозија) на островот Кипар, од побожни родители Лука и Лурдан. Отпатува во Египет и таму се здружи со еден отпадник од христијанската вера. Еднаш во пијана состојба, тој се одрече од Христа и се потурчи. Но, штом се отрезни започна горко да се кае. Не наоѓаше мир во својата душа и започна да скита и да бара лек за својата душа. Така дојде во Бејрут и таму се исповедаше кај ондешниот архијереј. Тој му препорача да се вооружи со вистинско и сесрдно покајание и да стапи во немилосрдна борба со духовите на злото. Полидор веднаш започна да пости, да се моли на Бога, да врши метанија, да чита свештени книги, а особено Житијата на Светиите. Така помина четириесет дена во еден манастир под гората Ливан. Во него гореше желба да пострада за Господа Христа и така со мачеништво да се покае за својот страшен гнев. Затоа отиде во црквата каде што му прочитаа молитви за смилостивување, го помазаа со свето миро и го причестија со Светите Тајни. После тоа тој отиде и се пријави кај турскиот судија во Нови Ефес, и изјави дека се одрекува од муслиманската вера и сака да умре како христијанин. Судијата долго го одвраќаше, но тој јуначки повторуваше:

- Како христијанин се родив и како христијанин сакам да умрам!

Судијата го советуваше да се сожали на својата убавина и младост, но тој му одговори дека сето тоа е ништовно и дека го сака својот Исус, па повторуваше:

- Христијанин сум и како христијанин сакам да умрам!

Кога виде дека е непоколеблив во својата христијанска вера, судијата го подложи на тешки мачења и најпосле го обеси. Тоа се случи во 1794 година во Нови Ефес. Телото му беше погребано по три дена, од побожните христијани и турци. Од светите мошти на свети Полидор се случуваа многу чуда, Неговата света глава и денес се чува во Атина, во црквата Света Екатерина на Плака, каде што е пренесена од Мала Азија после прогонството на тамошните христијани во 1922 година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ЦАР КОНСТАНТИН НОВИОТ

Тој е четврти син на царот Ираклиј, нарекуван и Константин Ираклиски. Владеел со Византија од 641 година (неколку месеци). Како православен бил неправедно отруен.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЗИНОН

Пострадал за верата во Господа, фрлен во котел полн со врело олово.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ХАРИТОН

Се упокоил за Господа, фрлен во јама од вар.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АРХОНТИОН

Пострадал за верата своја во Господа, фрлен во езеро.

СПОМЕН НА БЛАЖЕНИОТ ПРЕПОДОБЕН ЈОВАН КОСМАТИОТ

Блажениот Јован се подвизувал во градот Ростов, трпејќи разни оскудевања и неволји. Усовршувајќи се себе си во духовниот живот, тој и на многу други им давал многу корисни совети за спасението на душите. После долгите подвизи блажениот Јован се претставил во 1580 година, а бил погребан во олтарот на Власиевската црква.