17. Септември (4. Септември)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК
ВАВИЛ АНТИОХИСКИ, и со него три деца
Незнабожечкиот цар Нумеријан еднаш додека беше во градот Антиохија приреди голем празник во чест на идолите и принесе нечисти жртви, кои ги помеша со невина крв, зашто за жртва го закла малото синче на еден варварски цар, кого го беше зел како залог за цврстиот и ненарушлив мир. Нумеријан војувал со тој цар некое време. И, бидејќи немаше победник тие склопија мир, го зацврстија со взаемна заклетва и станаа пријатели. Како потврда на тој мир и пријателство, варварскиот цар го даде своето мало синче да живее на дворецот Нумеријанов, за тој да го воспитува и чува како свое родено дете. Но, Нумеријан набрзо ја пројави својата нечовечна свирепост. Го наруши мирот со тој цар, ја отфрли заклетвата, го презре пријателството и со своја рака го закла царевото синче, во храмот на своите гадни богови.
Во тоа време архипастир на Антиохиската црква беше светиот и богоносен отец Вавил. Избран со укажување Божјо на архиерејскиот престол, свети Вавил беше пример за верните со својот збор, живот, љубов, вера и чистота. Додека се празнуваше тој идолски празник и се извршуваше нечовечното убиство, епископот Вавил ги собра антиохиските христијани во црквата и Му принесуваше бескрвна жртва на вистинскиот Бог, молејќи се за своето словесно стадо, да биде цврсто во верата и да не отпадне во време на напаст. Безбожниот цар на враќање се упати кон христијанскиот храм, за да го види вршењето на Божествените Тајни, а и со своето влегување во црквата да ја оскверни светињата Господова. Штом слушна за тоа, свети Вавил го остави божествениот олтар и застана на црковната врата. Кога виде дека царот се приближува, тој со силен глас викна:
- Не ти доликува, царе идолопоклонику, да влегуваш во светињата на Живиот Бог и да ја осквернуваш со своето присуство.
Тој силно му се спротивстави на царот, изобличувајќи го и прекорувајќи го. И кога царот сакаше да влезе внатре, свети Вавил ја спушти својата десна рака врз царевите гради и го турна назад од храмот Божји, така што царот се врати посрамен. Иако имаше со себе многу слуги и војска, царот, за да влезе во црквата, сепак беше попречен од силата Божја преку свети Вавил, која не му дозволи на безбожникот да се допре ни до црковниот праг. Зборовите на свети Вавил беа како зборови на ангел, и се исплаши дрската душа на безбожникот. Покрај тоа царот се исплаши да не избие расправија и метеж меѓу присутниот народ, во кој имаше многу христијани. Затоа тој молкум ја претрпе навредата и гневно се упати кон својот дворец.
Но, утредента царот нареди таа црква да се запали, а епископот го повика кај себе и започна да го кара за дрската постапка, велејќи:
- Најбеден од сите смртни! На кого се надеваше кога се дрзна да се спротивставиш на мојата власт и сила, и ми го забрани влезот во црквата? Зарем не знаеш колку големо зло е да го навредиш царот? И на какви казни подлегнува оној, кој ќе се дрзне да ја посрами личноста на царот?
На тоа свети Вавил без никаков страв одговори:
- Мене не ми е битен земниот цар, ниту се срамам од лицето негово. Мене ми е битен Небесниот Цар и во Него се надевам. Се плашам од Оној Кој ме постави за пастир на Своите овци, Кој ми наредува да бдеам да не нападнат волци и да не дозволам ѕвер да влезе во стадото. Јас не го навредив царот, зашто знам дека таквата дрскост е еднаква на лудило, туку го задржав оној, кој со своето влегување сакаше да ја навреди светињата Божја и да ја оскверни. Треба да ми се заблагодариш што те спречив да го сториш тоа, зашто ќе се погубеше себе си со жалостењето на својот Создател. Да се отпадне од Него е пострашно од било која смрт.
- Би ти доликувало тебе, - возврати Нумеријан, - да се покаеш за својата вчерашна дрска постапка кон нас, а ти и сега нѐ навредуваш.
Вавил одговори:
- Нам, христијаните, не ни доликува некого да прекоруваме и навредуваме. Но, ако некој се крева против Бога и ја бесчести светињата Негова, тогаш таквиот не само што не треба да се почитува, туку треба да се смета за непријател Господов, според зборовите на божествениот Давид: „Зар да не го мразам оној кој Тебе те мрази, Господи, и да не се гадам од оние кои се креваат против Тебе. Со целосна омраза ги мразам нив, тие ми се непријатели“ (Пс.138, 21-22).
Додека светителот го зборуваше тоа, царот му рече:
- Остави ги ти твоите приказни. Ако сакаш да се избавиш од казната за својата постапка, принеси им жртва на нашите богови.
Светителот одговори:
- За своето доверено стадо подготвен сум и душата да ја положам.
Потоа молчеше малку, па рече:
- Царе, јас не можам да се одречам од својот Бог и да им служам на лажните богови, чии незаконски дела е срамно и да се споменуваат.
- Повторно ти велам, - рече царот, - остави ги своите приказни и принеси им жртва на боговите, Ако не го сториш тоа ќе умреш.
Вавил одговори:
- Сакам да те избавам од мракот што те опкружува, но ти си подготвуваш уште поголем пекол и други повикуваш кон себе. Нема да побегнеш од раката на живиот Бог.
Тогаш мачителот започна кротко и смирено да го прашува свети Вавил:
- Можеш ли да ни објасниш кој е Бог?
Вавил одговори:
- Божјата природа не можеш да ја сфатиш колку и да се трудиш, зашто Бог е вечно постоечки Цар и Творец и Господ на сѐ, неискажан, несфатлив, неистражлив за умот човечки, Начело и Сила на сѐ. Он ги створил ангелите и архангелите и сите бестелесни суштества. После нив го создаде човекот и го обдарил со безбројни добра, го поставил за цар на земјата како што е Он Цар на небото и го населил во рајот. За човекот да го сфати своето достоинство и колку е над останатите суштества, Бог ги доведе пред него и му нареди да им даде имиња. Бог му створи на човекот и помошничка и го удостои да се насладува на разговор со Него. Но, неблагодарниот човек го презре Творецот свој, ги отфрли заповедите Негови, а го послуша својот непријател, кој никогаш никакво добро не му сторил, туку само му прозбори лажлив збор. Откако му поверува на врагот, тој со праведниот суд Божји беше избркан од рајот. Но, незлобивиот Бог, иако го избрка човекот од Себе, сепак постојано му вршеше добро, покажувајќи со тоа дека макар и неизмерно да грешиме, Он не го сака нашето загинување, туку на сите можни начини го уредува нашето спасение.
Нумеријан не можеше да сфати што му зборува. А како би можела да сфати неговата душа, која ја немаше вкусено благодатта, ниту пак имаше знаење за верата? Но, од срам присутните да не го забележат неговото незнаење, Нумеријан се правеше дека сѐ разбира и го пофали Вавил, а потоа повторно праша:
- А што е човекот?
Вавил одговори:
- Човекот е од земја, земјен и смртен, но повозвишен од сите смртни суштества, кроток, ближнољубив, иако ние си станавме еден на друг полоши од зверовите.
Восхитувајќи се на неговите зборови, а истовремено и самиот правејќи се мудар, Нумеријан се колнеше во своите богови дека Вавил е мудар и ја зборува вистината, само ако им принесе жртва на боговите. Тој велеше:
- Само едно му недостасува на Вавил. Да им оддаде почит на нашите богови. Невозможно е толку премудар човек да ги бесчести боговите и да зборува против нив.
И повторно погледнувајќи милосливо кон него, му рече:
- Премудар старецу, принеси им жртва на боговите и веднаш ќе те имам како свој татко. Се колнам во боговите дека не лажам. Ќе те наградам со многу имоти во моето царство.
Се трудеше незнабожниот цар со разни ласкања и ветувања на огромни почести и богатства да го соблазни праведникот маж. Но, вистинскиот исповедник Христов остана непоколеблив во својата вера. На ласкавите зборови од мачителот тој одговори:
- Почеток и основа на секое добро е побожноста. Без неа секое богатство ветено од тебе е потполно сиромаштво, крајна навреда и лишување од тоа што го имам.
Нумеријан повторно се разјари и му нареди на својот военоначалник Викторин да му стави тешки синџири околу вратот и нозете, и така да го води по градот, за сите да го гледаат. Беззаконикот се надеваше дека овој угледен маж, славен и почитуван од сите граѓани, ќе се посрами од тоа и ќе се согласи да ја исполни неговата желба. Кога го оковаа, тој започна да го исмева:
- Вавиле, тебе баш ти одговара да одиш во овие синџири. Ѝ одговараат на твојата старост.
Светителот одговори:
- Потсмевај се, царе, но јас ќе ти ја кажам вистината. Овие ланци за мене се толку скапоцени, како за тебе твојата царска круна. И страдањата за Христа ми се толку мили, колку на тебе твојата царска власт. И смртта за бесмртниот Цар ми е толку посакувана, како тебе животот твој.
Во тоа време покрај свети Вавил се наоѓаа три деца, родени браќа. Тие беа многу млади, но со зрел ум, кои свети Вавил ги беше одгледал со духовна храна и ги имаше како свои деца. Тие не го оставија својот учител ни вака окован. Царот погледна кон нив и му рече на светителот:
- Овие деца, Вавиле, нарекувајќи те учител само ја зголемуваат твојата гордост и затоа остануваш упорен.
Светителот му одговори:
- Ако ги запрашаш ќе видиш дека тие се попаметни од тебе и ќе сфатиш дека тоа е плод на моето учење.
Царот праша:
- А чии се тие деца?
Вавил одговори:
- Тие се мои духовни деца. Јас со благовеста ги родив, со поуки ги отхранив, со воспитување ги подигнав и во малите тела тие се големи луѓе и совршени христијани. Испитај и ќе дознаеш.
Царот нареди Вавил да го одведат на плоштадот и да го фрлат во народната темница, а децата ги изведе пред себе и прво ги праша дали имаат мајка. Тие одговорија:
- И мајка, и татко, и учител нам ни е Вавил. Го сакаме повеќе од мајка си. Тој нѐ учи на разум и побожност и се грижи за нашите души.
Царот веднаш нареди да ја пронајдат нивната мајка и ја праша како се вика и дали е нивна мајка. Таа одговори:
- Се викам Христодула, а овие деца навистина се мои. Како првина на моите маки ги принесов за дар на Бога и се надевам дека премудриот Вавил, на чија што грижа ги доверив, ќе ги пренесе во небесните сокровишта.
Нумеријан се разгневи и нареди побожната мајка да ја тепаат по образите, велејќи:
- Не зборувај дрско со царот!
А децата, штом видоа дека ја тепаат нивната мајка, говореа:
- Царот полудел! Ја тепа мајката, која што ја зборува вистината.
Потоа ги праша децата како се викаат, колку години имаат... Тие рекоа дека најстариот се вика Урван и има дванаесет години, средниот Прилидијан и има девет години, а најмладиот е Еполониј и има седум години. Царот започна да ги заведува со ласкави зборови и подароци, за да им се поклонат на идолите. Тие едногласно му одговорија:
- Ние сме христијани. Нам не ни доликува да се поклонуваме на идоли. Го познаваме единствениот Бог, Кој ги створил небото и земјата и Нему Му се поклонуваме а не на демоните.
По многуте ласкања мачителот нареди да ги тепаат и да ги удираат онолку пати, колку што имаат години. Децата јуначки трпеа и зборуваа:
- И да нѐ убијат, ние нема да им се поклониме на лажните богови. Ние Му се поклонуваме на единствениот Бог, нашиот Господ Исус Христос.
Царот ја отпушти мајката, децата ги раздели, го изведе пред себе Вавил и рече:
- Ете, твоите деца веќе им се поклонија на нашите богови, па треба и ти да им се поклониш.
Вавил одговори:
- Од таткото на лагата (ѓаволот) сте научиле да лажете. Знам дека не можете да ги отргнете децата од Христа, зашто добро ги поучив и тие веруваат во единствениот вистински Бог. Тогаш царот нареди сите да ги обесат и да ги горат со оган. Свети Вавил ги подигна очите кон небото и се помоли за децата, а тие пак се крепеа меѓу себе јуначки да ги поднесат маките. И трпеа невините деца со својот учител со помошта Божја, која што ги крепеше, па кога мачителот нареди да ги симнат, Вавил окован го затвори во една од блиските куќи, а децата уште еднаш се обиде со ласкања да ги измами. Ги нарекуваше свои деца, добри и прекрасни дечиња и им нудеше злато и сребро, но тие говореа:
- Лукав измамнику, биди сигурен дека колку и да се трудиш, Христовата сила наскоро ќе ја скине твојата мрежа и ние ќе бидеме избавени.
Потоа воскликнаа:
- О, побожност, мајко наша, нема да се одречеме од тебе! Мил учителу наш, Вавиле, ќе останеме верни на твоето учење. Да дојдат и најлути цареви и мачители, нема да нѐ разделат од нашиот Бог.
Вавил ги слушна децата како зборуваат и многу се израдува. Потоа царот нареди да го доведат и него, и го праша:
- Овие твои родени деца ли се?
- Навистина ова се мои деца, царе, но по дух, а не по тело:
Тогаш царот рече:
- Непокорен Вавиле! Зошто си толку упорен, та нѐ мачиш и нас и себе си. Принеси жртва, за и ние да одмориме а и ти со своите деца да се ослободиш од маките. Тебе, како премудар учител, ти доликува да се погрижиш, како за својот живот така и за животот на децата, за да не загинат во самиот цвет на младоста.
Божествениот Вавил возврати:
- Царе, зарем тебе не ти доликува да се грижиш за својата држава, да се вооружуваш против непријателот и да војуваш со него, а не нас, невините, да не мачиш? А ти си ги оставил сите грижи, па си се нафрлил на нас. Си заборавил на непријателите, кои ја пустошат земјата, па војуваш со нас. И сето тоа го правиш за да ја задоволиш својата ѕверска јарост и свиреп карактер.
Царот се разбесни и ги осуди на смрт. Кога војниците ги водеа на губилиштето, Вавил пееше;
- Врати се, душо моја, во својот мир, зашто Господ постапи добро со тебе (Пс.114, 6).
На губилиштето Вавил првин ги испрати децата кај себе, зашто се грижеше да не се исплашат од смртта, па да отстапат од Господа. Кога ги обезглавија, тој радосно извика;
- Еве ме мене, и децата кои ми ги дал Бог! (Ис. 8, 18).
Потоа и самиот ја подаде својата глава под мечот. Претходно на оние што требало да го погребаат неговото тело, им нареди во гробот со него да ги положат и неговите синџири и окови, велејќи:
- Тие и по смртта нека му бидат украс на моето тело. И му ја отсекоа главата. Така отиде во вишните населби и со своите деца излезе пред Отецот небесен. Неговото свето тело беше погребано со синџирите, како што самиот нареди на умирање. Заедно со него беа погребани и трите свети деца Урван, Прилидијан и Еполониј.
По многу години царот Констанциј, синот на Константин Велики, за свој соуправник го постави Галиј, братот Јулијанов, синот на својот стрико, бидејќи самиот немаше деца. Штом дојде во Антиохија, Галиј ги пренесе моштите на свети Вавил и Трите Деца во предградието на Антиохија, викано Дафна. Тоа место беше многу убаво, широко, полно со зеленила и кипарисови дрвја, опкружено со прекрасни шуми, со бистар поток во средината. Среде Дафна имаше идолски храм, во кој се наоѓаше уметнички извајан идол на богот Аполон. Овој идол давал одговори на прашања, зашто во него живеел демон. Тука се собираа незнабошците, му принесуваа жртви и извршуваа најразлични игри и скаредни дела. Споменатиот Галиј, како побожен христијанин, сакајќи незнабошците да ги одврати од нивното безбожие, сакаше да го разори идолскиот храм, но се исплаши да не предизвика побуна меѓу незнабошците. Затоа таму подигна мала црква, и како што веќе рековме, во неа ги пренесе моштите на свети Вавил и Трите Деца и ги положи во голем каменен ковчег. Тој се надеваше дека незнабошците при нивното собирање на тоа место, полека ќе почнат да се обраќаат кон Христа, кога ќе ги гледаат чудата што се случуваат од светите мошти. Но, по убиството на Галиј и смртта на Констанциј се зацари Јулијан Отстапник. При својот поход во Персија, тој се задржа во Антиохија и сврати во аполоновиот храм. Откако принесе жртва, го праша идолот дали ќе ги победи Персијците, но немаше одговор, бидејќи откако моштите на свети Вавил беа донесени тука, демонот побегна и идолот замолкна. Штом го дозна тоа од аполоновите жреци, Јулијан им нареди на „Галилејците“ (така ги нарекуваше тој христијаните) да го земат оттаму камениот ковчег со светите мошти. И се собраа сите христијани од Антиохија, и со псалми и песни ги пренесоа во градот. Го опкружија ковчегот од сите страни и пееја:
„Нека се посрамат сите што се поклонуваат на кипови и се фалат со идолите свои“ (Пс. 96,7). Штом моштите на светите беа пренесени од Дафна во градот, врз аполоновиот храм падна оган од небото и го изгоре заедно со идолот, на посрамување на незнабошците. А верните се радуваа, фалејќи Го Бога, Кому слава за навек. Амин.
ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ ПРОРОК МОЈСЕЈ БОГОВИДЕЦ
По Јосифовата смрт, потомството на неговиот татко Јаков за неколку стотина години толку се намножи во земјата Египетска, така што таа се наполни со Израилци и за време на војна тие самите можеле да дадат до шест стотини илјади војници. Тогаш египетскиот цар почна да стравува израилскиот народ да не се здружи со непријателите од Египет, па да ги истреби египќаните од земјата. Затоа постави и специјални настојници над Израилците, за да ги мачат со најразлични тешки работи. И жестоко ги измачуваа Израилците, им го загорчуваа животот, ги приморуваа да ја обработуваат земјата, да прават тули и да градат градови, не од потреба туку од суета, а особено од желба што побрзо да го уништат еврејскиот народ. Но, колку што тие повеќе ги мачеа и злоставуваа Израилците, тие уште повеќе се множеа: не можеа да го намалат бројот на луѓето, кој по волјата на Самиот Бог се зголемуваше. Иако царот потајно беше издал наредба негувателките да го убиваат секое машко еврејско дете штом ќе се роди, сепак тие се плашеа од Бога и не ги убиваа децата. Тогаш царот објави заповед по целата египетска земја, дека секој е должен да го фрли во река секое машко дете, штом ќе го забележи (2 Мојсеј 1,10-22).
Во тоа време таму живееше некој човек од племето Левиево, по име Амран, кој имаше жена од истото племе, на име Јохаведа. Ним пред тоа време им се родија синот Арон и ќерката Мариам (2 Мојсеј 6, 20). Во оваа опасно време на убивање на еврејските новороденчиња, ним им се роди втор син. Детето беше многу убаво и тие плачеа за него, знаејќи ја царската заповед за убивање на секое машко еврејско новороденче. Тие го криеја три месеци. Кога повеќе не можеа да го кријат, неговата мајка зеде една кошница, ја облеа со смола и паклин, го стави детето во неа и го пушти во трските крај реката. А неговата сестра застана понастрана да види што ќе се случи со него. Притоа, по промисла Божја ќерката Фараонова дојде на реката да се бања, а нејзините девојки одеа крај реката. Таа ја здогледа кошницата меѓу трските и ги испрати своите слугинки да ја извадат. Кога го отворија ковчежето во него најдоа дете кое плачеше. Таа се сожали на него и рече: „Тоа е еврејско дете“. И сакаше да го посини, па нареди да му најдат доилка меѓу еврејките. Според кажувањето на Јосиф Флавиј многу доилки еврејки се доведувани кај најденото дете, но тоа не сакало да цица ниту од една. Тогаш Мојсеевата сестра Маријам и пристапи на ќерката фараонова и ѝ рече:
- Сакаш ли, госпоѓо, јас да појдам да повикам доилка еврејка, да ти го надои детето?
Ќерката фаронова ѝ рече:
- Оди и повикај.
И отиде девојката и ја повика нејзината мајка. И ќерката фараонова ѝ рече:
- Земи го ова дете, надој го и јас ќе ти платам.
Јохаведа го зеде детето на раце и тоа веднаш се прилепи за неа, чувствувајќи ја својата мајка. И таа го надои. И го доеше таа во својот дом и го одгледа. А кога порасна го одведе кај ќерката фараонова, која го посини и му го даде името Мојсеј, говорејќи: „Зашто од водата го извадив“ (2 Мојсеј 2, 2-10). А египетскиот збор моис значи вода.
Во некои стари истории за Мојсеј се пишува дека еднаш ќерката фараонова го донела кај својот татко фараонот, и тој, играјќи си со Мојсеј му ставил на главата царски венец, на кој било извајано мало идолче. А детето го дофатило венецот, го фрлило на земјата и го згазило со нозете. Покрај царот тоа го видел и еден идолски жрец, кој знаеше за претскажувањето на маговите, според што на Израилците требало да им се роди водач, во чие што време Египет ќе претрпи многу казни. Тој жрец го посоветува фараонот да го убие ова дете, за кога ќе порасне да не ѝ нанесе некоја несреќа на нивната земја. Но, по Божјо уредување други се кренаа против тоа и говореа дека детето го сторило тоа ненамерно, од незнаење. Сакајќи пак да го проверат тоа незнаење и ненамерност, тие му донесоа жар и тој земаше од жарта и си ставаше во устата, та си го изгоре јазикот, од што почна да пелтечи. Кога Мојсеј порасна, ќерката фараоновата ги одреди најдобрите египетски мудреци да го учат на својата египетска мудрост. И тој се истакна како многу бистар, силен на збор и дело, и за кратко време ги надмина своите учители и им стана миленик и на царот и на сите дворјани (сп. Д.А. 7, 21-22). А кога дозна дека всушност по потекло е Израилец, тој започна да Го запознава единствениот Бог, Кој постои на небесата, творецот на секоја твар, во кој веруваше неговиот народ, и започна да се гнаси од египетското безбожие (сп. Евр.11, 24-26).
Некои историчари пишуваат дека кога Етиопјаните војувале против Египет, тогаш Мојсеј како веќе зрел човек, бил избран од Египќаните за војсководец и со својата храброст ги победил. Но, египетскиот цар наместо благодарност го намразил, бидејќи некои од египетските жреци пророкувале дека Мојсеј ќе надвисне несреќа над Египет, и го советуваа царот да го убие. Царот навистина намисли да го убие, но го одложуваше тоа оти не сакаше да ја нажали својата ќерка, и бидејќи се надеваше дека ќе најде некаква вина кај Мојсеј, или пак да начека погодна прилика.
Во тоа време Мојсеј еднаш отиде кај своите браќа, синовите Израилеви. И додека ги гледаше нивните страдања виде како некаков египќанин тепа еден евреин. И откако се сврте наоколу и виде дека нема никој, тој го уби египќанинот и го сокри неговото тело во песокта. Утредента повторно излезе и виде двајца Евреи како се тепаат, и му рече на оној што беше виновен:
- Зошто го тепаш својот ближен?
А тој возврати:
- Кој те поставил тебе за кнез и судија над нас? Сакаш ли да ме убиеш како што вчера си го убил египќанинот?
Од овие зборови Мојсеј се исплаши и си помисли дека најверојатно дознале за убиството.
И фараонот слушна за тоа и бараше да го погуби Мојсеј. Но, Мојсеј побегна од фараонот и дојде во земјата Мадијамска. Изморен од патот, тој седна крај еден кладенец. Притоа седумте ќерки на Мадиамскиот свештеник Јотор, кои ги пасеа овците на својот татко, дојдоа на кладенецот и започнаа да полнат вода и да ја истураат во поилото, за да го напојат стадото. Меѓутоа наидоаа пастири од други стада и ги избркаа. Тогаш Мојсеј стана, ги одбрани девојките и им го наполни поилото со вода. Кога се вратија дома девојките му раскажаа на својот татко дека еден египќанин ги одбрани од пастирите и им го напои стадото и Јотор го повика Мојсеј, го прими во својот дом, па потоа својата, ќерка Сефора му ја даде за жена. Со неа Мојсеј доби два сина. На првиот му го даде името Гирсан, „зашто сум“, зборуваше тој, „дојденец во туѓа земја“, а на вториот Елеазар, велејќи: „богот на мојот татко ми беше помошник и ме избави од рацете на фараонот“ (2 Мојсеј 21-22). После многу време умре египетскиот цар. И воздивнуваа од неволји синовите Израилеви и викаа, и нивниот вик од тешките маки стигна до Бога. И Бог го слушна нивното воздивнување и се сети на Својот завет со Авраам, Исак и Јаков. И погледна Бог на синовите Израилеви и намисли да ги избави (2 Мојсеј 2, 23-25).
Мојсеј го пасеше стадото на Јотор, тастот свој. Еднаш тој го одведе стадото преку пустината и дојде до Божјата гора Хорив. И му се јави ангел Господен во огнен пламен од капина. И погледна Мојсеј, а тоа капината гори и не согорува. Мојсеј рече:
„Одам да го видам тоа големо јавување, бидејќи капината не согорува“. А кога Господ виде дека тој доаѓа да види, извика Господ од капината и рече: „Мојсеј! Мојсеј!“ Тој одговори: „Еве ме, Господи“. А Тој му рече: „Не приоаѓај ваму. Собуј си ги обувките од нозете, зашто местото каде што стоиш е света земја“. Уште му рече: „Јас сум Бог на таткото твој, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов“. А Мојсеј го закри своето лице, зашто се плашеше да погледне во Бога. И Господ му рече на Мојсеј:
„Добро ги видов страдањата на Мојот народ во Египет, и го слушнав пискотот негов од надзорниците. Позната ми е маката негова. Па дојдов да го избавам од рацете египетски и да го изведам од таа земја, и да го воведам во земја добра и пространа, во земја каде што тече мед и млеко, во земјата на Хананејците, Хитијците, Аморејците, Перизијците, Евејците и Јевусијците, И еве, сега викотот на синовите Израилеви веќе дојде до Мене и Јас го видов угнетувањето, како ги мачат египќаните. А сега појди, те испраќам кај фараонот, за да го изведеш народот Мој, синовите Израилеви, од Египет“.
Мојсеј Му рече на Бога:
„Кој сум јас, та да одам кај фараонот и да ги изведам синовите Израилеви од земјата египетска?“
А Бог му рече:
„Јас ќе бидам со тебе, и еве ти знак дека Јас сум те прославил. Кога ќе го изведеш Мојот народ од Египет, ќе Му служите на Бога на оваа планина“.
А Мојсеј Му рече на Бога:
„Еве, ќе појдам кај синовите Израилеви, па ќе им речам: Богот на татковците ваши ме испрати мене кај вас. Ако ме прашаат како се вика, што да им речам?“
Господ му одговори на Мојсеј:
„Јас сум Оној што е. Така ќе им речеш на синовите Израилеви: Оној што е, Он ме испрати кај вас“.
И повторно му рече Бог на Мојсеј:
„Вака кажи им на синовите Израилеви: Господ Бог на татковците наши, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов ме испрати кај вас. Тоа е името Мое вечно и тоа е споменот Мој од колено во колено. Оди и собери ги старешини Израилски, па кажи им: Господ, Богот на татковците ваши, ми се јави и ми рече: ве посетив и видов како ви е во Египет. И ќе ве изведам од неволјите Египетски, во земја каде што тече мед и млеко. И тие ќе го послушаат гласот твој. Па ти и старешините Израилски ќе отидете кај царот Египетски и ќе му кажете: Господ Бог Израилски ве повика кај нас, па ќе се молиме да изодиме три дена во пустината, за да Му принесеме жртва на Господа, Богот свој. Но, јас знам дека вам царот Египетски нема да ви дозволи да излезете. Тогаш ќе ја пружам раката своја и ќе удрам врз Египет со сите чудеса свои и фараонот ќе биде приморан да ве пушти“,
„А, ако не поверува“, - одврати Мојсеј, - и не го послуша мојот глас и рече: Не ти се јавил Господ?“
Господ го праша: „Што ти е тоа во раката?“ „Стап“, - одговори Мојсеј.
„Фрли го на земјата“, - рече Господ. И Мојсеј го фрли и тој стана змија. И Мојсеј побегна од неа. И Господ му рече на Мојсеј: „Испружи ја раката своја, па фати ја за опашката“, И тој ја пружи раката своја и ја фати, и таа повторно стана стап во раката негова. И Господ му рече на Мојсеј: „Тоа направи го за да ти поверуваат дека се јавил Господ Бог, Богот на татковците нивни, Богот Авраамов, Богот Исаков и Богот Јаковов. Ако и на тоа не поверуваат, тогаш стави ја раката своја во пазувите свои“.
И Мојсеј ја стави раката своја во пазувите свои, а кога ја извади виде дека од губата раката му станала бела како снег. Господ му нареди повторно да ја стави раката во пазувите и таа повторно му стана здрава.
„Ако пак не ти поверуваат и после тоа знамение“, - рече Господ, тогаш нацрпи вода од реката и истури ја на земјата, и водата ќе се претвори во крв“.
Мојсеј повторно започна да Го моли Бога да не го испраќа него, зашто не е речит и пелтечи кога зборува. А Господ му рече на Мојсеј:
„Кој му дал уста на човекот? Кој прави неми или глуви, или сакати, или слепи? Зарем не Јас, Господ. Значи оди и Јас ќе бидат во устата твоја и ќе те научам што да зборуваш“.
Но Мојсеј и понатаму Го молеше Господа наместо него да испрати некој поспособен. Тогаш се разгневи Господ на Мојсеј и му рече:
„Нели Арон ти е брат? Јас знам дека тој е речит. И еве, тој ќе те сретне и кога ќе те види ќе се израдува во срцето свое. Нему ќе му кажеш и ќе ги ставиш овие зборови во устата негова, и Јас ќе бидам со устата твоја и устата негова и ќе ве учам што да зборувате. И тој место тебе ќе му зборува на народот и тој ќе ти биде како уста твоја, а ти ќе му бидеш нему наместо бог. А тој стап земи го во раката своја, со него ќе вршиш чуда“.(2Мојсеј 3, 1-4, 17).
После тоа Мојсеј се врати кај Јотор, тестот свој и му рече:
„Пушти ме да одам во Египет, кај своите браќа, да видам дали сѐ уште се живи“.
„Оди со мир“, - му одговори Јотор.
И појде Мојсеј во Египет без страв, зашто царот кој сакал да го убие и сите кои ја барале душата негова беа изумреле. А пак со наредба Божја Арон излезе да го пречека Мојсеј, и откако се сретнаа се прегрнаа. Мојсеј му ги кажа на Арон сите зборови Господови. Кога дојдоа во Египет, тие ги собраа сите старешини на синовите Израилеви и им ги кажаа сите зборови што Господ му ги беше рекол на Мојсеј и Мојсеј стори знаци пред сите. И им поверуваа Израилците и се израдуваа што Господ ги посети синовите Израилеви и што погледна на нивното страдање.
После тоа Мојсеј и Арон излегоа пред фараонот и му рекоа:
„Вака вели Господ, Богот Израилев: пушти го народот Мој да ми празнува празник во пустината“.
Но фараонот рече:
„Кој е тој Бог Израилев, за јас да го послушам гласот Негов? Не Го знам јас Господа и нема да ги пуштам Израилците. А вие, Мојсеј и Ароне, зошто го одвлекувате народот од неговата работа? Одете секој по својата работа“.
И во истиот ден им заповеда фараонот на настојниците уште повеќе да ги мачат евреите, давајќи им уште потешки работи. Притоа фараонот зборуваше:
„Евреите се бесполезни, па затоа бараат да одат да Му принесат жртва на својот Бог“.
Мачени уште повеќе, Евреите повикаа кон Мојсеј и Арон:
„Господ нека ви суди што нѐ намразивте кај фараонот и слугите негови, и им дадовте меч во рацете, за да нѐ избијат“.
Тогаш Мојсеј Му се обрати на Господа и Му рече:
„Господи, зошто си го навлекол тоа зло врз народот? Зошто си ме испратил? Откако излегов пред фараонот и проговорив во Твое име, тој уште полошо постапува со народот“.
Господ му одговори на Мојсеј:
„Сега ќе видиш што ќе сторам со фараонот, зашто под дејство на крепки раце ќе ги пушти синовите Израилеви, дури и ќе ги истера од својата земја“ (2. Мојсеј 4, 18-6,1).
Окрепен од Бога, Мојсеј повторно излезе со Арон пред фараонот и му рече:
„Господ, Богот еврејски, ме испрати кај тебе да ти кажам: пушти го народот Мој, да ми послужи во пустината“.
И за да го уверат фараонот дека навистина се испратени од Бога, тие започнаа да творат чуда. Арон го фрли стапот пред фараонот и пред слугите негови и тој се претвори во змија. Фараонот тогаш ги повика мудреците египетски и магепсниците, та и магепсниците египетски го сторија истото со своето магепсништво. И фрлија секој свој стап и стаповите се претворија во змии. Но стапот Аронов ги проголта нивните стапови. И се скамени срцето фараоново и не ги послуша како што беше рекол Господ и не сакаше да го пушти народот. Тогаш со наредба Божја Мојсеј и Арон започнаа да пуштаат казни врз земјата Египетска. Првата казна беше ова: откако го крена својот стап, Арон удри по водата речна пред фараонот и слугите негови, и сета вода во реката се претвори во крв. И рибите што беа во реката изумреа, и толку се засмрде реката, што не можеа египќаните да пијат вода и имаше крв по целата земја Египетска. Втора казна беше страдање од жаби. Арон ја пружи раката своја над водите египетски, и излегоа жаби, и ја покрија земјата египетска и скокаа низ куќите, по постелите. Скокаа и по царот и по слугите негови и по народот негов. И вриеше земјата нивна од жаби.
А кога според зборовите Мојсееви испоцркаа жабите, египќаните ги собираа насекаде на купови и се засмрде сета земја Египетска од нив. Третата казна беа вошки. Арон ја пружи раката своја со стапот свој и удри по правот на земјата и настанаа вошки по луѓето и добитокот. Сиот прав по земјата се претвори во вошки по целата земја Египетска. Четврта казна беа моќни бубачки, кои ги наполнија и куќата на фаронот и куќите на слугите негови и сета земја Египетска. Петта казна беше поморот на добитокот. Од тој помор изгина сиот добиток Египетски. Шестата казна беше страдање од гноеви, струпје по луѓето и по добитокот. Седма казна беше град, кој уби сѐ по целата Египетска земја, по полето од човек до добиток. И сите билки во полето ги уништи градот и сите дрвја во полето ги сокрши. Осмата казна беа скакулци и гасеници, кои ја изедоа сета трева по земјата Египетска и сиот род во полињата негови. Деветата казна беше: Мојсеј ја крена раката своја кон небото и три дена имаше толку густа темнина по целата земја Египетска, што дури и по оган ништо не се гледало, никој не можел никого да види и никој за тоа време не се помрдна од местото каде што го затекна темнината. Десетата и последна казна беше поморот на првенците Египетски, од првенецот фараонов па до првенецот на последната слугинка.
Сите овие казни беа дадени од Бога преку Мојсеј и Арон. И ниту една од тие казни не им наштети на синовите Израилеви, туку само на египќаните, затоа што фараонот не сакаше да ги пушти луѓето Божји. Иако тој од страв од казна неколку пати ветувал дека ќе ги пушти, сепак се откажувал кога казната ќе попуштела, и сѐ така до десетата казна. А пред десетата казна, по заповед на Мојсеј синовите Израилеви измолија од египќаните накити, сребрени и златни, и скапоцени фустани, колку што можеа да понесат со себе. И ги научи Мојсеј Израилците дека им претстои да јадат пасхално јагне и дека со нивната крв ќе се попрска прагот на два наврати. А околу полноќ ги уби Господ сите првенци во земјата Египетска, од првенецот на фараонот до првенецот на затвореникот во темницата, и сѐ што беше првенче од добитокот. Тогаш стана фараонот таа ноќ, тој и сите слуги негови, и сите египќани, и настана голем пискот по целата земја Египетска. Зашто немаше куќа во која немаше мртовец. И фараонот веднаш во ноќта ги повика Мојсеј и Арони им рече:
„Станете и заминете од мојот народ, вие и синовите Израилеви, и отидете послужете Му на Господ, Богот ваш, како што зборувавте. Земете ги и овците свои, и говедата свои и одете, па и мене благословете ме“.
И египќаните започнаа да настојуваат кај Израилците што побрзо да си заминат од нивната земја и говореа:
„Сите ќе изгинеме заради нив“.
И излегоа Израилците и го зедоа своето тесто сѐ уште нескиснато. Не можеа да си подготват брашненица, зашто египќаните ги притискаа и молеа што побрзо да си заминат. И излегоа тие со сребро, злато и накити. Со нив излегоа и многу дојденци и ситен добиток, а и крупен многу. Бројот на синовите Израилеви, кои излегоа, беше околу 600 илјади пешаци само луѓе, освен децата и дојденците. А Мојсеј ги зеде со себе и коските Јосифови, зашто Јосиф на умирање во Египет и со пророчки дух провидувајќи ја иднината, ги заколна синовите Израилеви, говорејќи:
„Навистина ќе ве посети Бог. Тогаш вие изнесети ги моите коски одовде со себе“ (1 Мојсеј 50, 25).
И Господ одеше пред Израилците, дење во столб од облак, водејќи ги по патот, а ноќе во столб од оган, светлејќи им за да патуваат ден и ноќ. И не се тргнуваше од пред народот столбот од облак дење, ниту столбот од оган ноќе (2Мојсеј 13, 1622).
Кога му беше јавено на фараонот дека побегнал народот Израилски, се промени тој заедно со слугите негови спрема овој народ, та сите рекоа:
„Што сторивме, та ги ослободивме Израилците веќе да не ни служат?“
И фараонот ја впрегна својата кола и го поведе народот свој, и зеде шестотини избрани коли и сите останати коли египетски, и со сите нивни началници. И побрзаа тие по Израилците и ги стигнаа кога беа во околината на морето, но не можеа да ги нападнат. Ангел Господен, кој одеше пред војската Израилева, им застана зад грб. И кога дојде Ангелот помеѓу војската Египетска и војската Израилска, на првите им стана облак мрачен а на вторите светлина во ноќта, та не можеа да си пристапат едни на други цела ноќ. И ја испружи Мојсеј раката своја кон морето, и Господ го разбранува морето со силен источен ветар, кој дуваше цела ноќ и го исуши морето и водата се раздели. И започнаа синовите Израилеви да одат среде морето по суво, а водата им стоеше како ѕид од десната и левата страна. А Египќаните ги потераа по нив среде морето сите коњи фараонови, коли и коњаници негови. Но, бидејќи Израилците беа изведени преку морето, Мојсеј со наредба Божја ја пружи раката своја кон морето, и тоа повторно си дојде во својата сила пред зори, а Египќаните започнаа да бегаат и Господ ги фрли среде морето. И водата се врати и ги потопи колите и коњаниците, и сета војска фараонова, и не остана ниту еден од нив. И го избави Господ Израилот во оној ден од раката Египетска. И видоа Израилците мртви Египќани на брегот морски, кои ги исфрлуваше морето. И кога ја видоа големата сила, која Господ ја јави над Египќаните, Израилците се исплашија од Господа и поверуваа во Господа и во слугата Негов Мојсеј. Тогаш Мојсеј и синовите Израилеви се радуваа и ликуваа, и запеаја благодарствена песна кон Господа: „Да му пееме на Господа, зашто славно се прослави; коњот и коњаникот негов ги фрли во море..“(2 Мојсеј 15,1-18).
Потоа Мојсеј тргна со синовите Израилеви од Црвеното Море и ги воведе во пустината Сур. И три дена тие одеа по пустината и не најдоа вода. А кога дојдоа во Мера, тие најдоа извор, но не можеа да пијат од водата, зашто беше горчлива. Народот започна да вика кон Мојсеј, говорејќи:
„Што ќе пиеме?“
А Мојсеј повика кон Господа и Господ му покажа дрво, та го стави во водата и водата стана слатка (2Мојсеј 15,22-25). И ги водеше Мојсеј Израилците за време на нивното патување по разни пустини четириесет години, измолувајќи им од Господа сѐ што им беше потребно. Кога тие зароптаа против Мојсеј и Арон заради храна, сеќавајќи се на месото што го јадеа во Египет, Мојсеј Го измоли Бога, та им даде од небото манна да јадат и им испрати препелици во изобилие (2 Мојсеј 16, 2-31; Пс. 104, 40). Од таа манна Израилците јадеа четириесет години во Арабиската пустина. Кога започнаа да се жалат кон Мојсеј од жед, Мојсеј им извади вода од камен. Тој удри во каменот и потече вода (2 Мојсеј 17,1-7). Кога Амалиќаните ги нападнаа Израилците, Мојсеј им измоли победа над нив. Мојсеј при молитвата ги држеше своите раце кренати кон Бога, сѐ додека Израилците целосно не ги победија Амалиќаните (2 Мојсеј 17, 8-16). А секогаш кога тие ќе го разгневеа Бога во пустината, Мојсеј Го умолуваше Бога за нив. Бог би ги истребил ако Неговиот избраник Мојсеј сесрдно не се застапуваше за нив пред Него, молејќи Го да не ги погуби. А им даде Мојсеј и закон испишан на камена таблица, која што Мојсеј ја доби на гората Синај, откако постеше четириесет дена и четириесет ноќи. И Господ зборуваше со Мојсеј лице во лице, како што зборува човек со пријателот свој (2 Мојсеј 33, 11). Мојсеј направи и скинија според упатство Божјо, и го постави внатре ковчегот на заветот, опкован со злато, и стави во него златен сад со манна, расцветаниот Аронов жезол и таблиците на заветот. А над ковчегот постави два златни Херувими и уреди сѐ што е потребно за принесување на жртва. Потоа Мојсеј востанови за Израилците празници, и им постави свештеници и левити за служење на Бога. Исто така им постави и световни власти: избра Мојсеј од сиот Израил чесни луѓе, и ги постави за поглавари над народот, илјадници, стотници, педесетници, десетници и книговодители. И тие му судеа на народот во секое време, а тешките работи му ги јавуваа на Мојсеј (2 Мојсеј 18, 25-26). Тоа го стори на совет од својот тест Јотор, кој со неговата жена Сефора и своите два сина дојде кај него од земјата Мадиамска во пустината, откако беше слушнал сѐ што Господ стори со него. Мојсеј со љубов го прими, и откако го угости со мир го отпушти дома.
И многу други знаменија и чуда створи слугата Божји Мојсеј и многу труд и грижа вложи околу Израилците, и им даде многу закони и уредби. За сето тоа опширно пишува во петата Книга Мојсеева. Во неа подробно е опишан неговиот живот, труд и подвизи како водач и управувач со народот Израилски.
Кога се наближи овоземниот крај на Мојсеј, Господ однапред го извести за неговото претставување и му рече:
„Излези на планината Аварим, која е во земјата Моавска спрема Ерихон и види ја земјата Хананска, која ја давам на синовите Израилски во посед. И умри на таа гора“ (5 Мојсеј 32,48-50).
Пред својата смрт Мојсеј ги благослови синовите Израилеви, секое племе посебно, пророкувајќи за идните судби нивни (5 Мојсеј 33,1-29). Потоа со наредба Божја Мојсеј излезе на планината Навав, и Господ му ја покажа сета земја од Галад до Дан, и сета земја Нефталимова, и сета земја Ефремова и Манасиина, и сета земја Јудина сѐ до Морето Западно, и јужната страна, и рамницата, долината под Ерихон, сѐ до Сигор. И му рече Господ на Мојсеј:
„Оваа е земјата за која се заколнав на Авраам, Исак и Јаков, говорејќи: на семето ваше ќе ја дадам. Ти ја покажав да ја видиш со свои очи, но во неа нема да влезеш“. И умре онде Мојсеј, слугата Господен, во земјата Моавска, според зборовите Господови. И беше погребан во земјата Моавска спрема Вет-Фегора. И никој никогаш не дозна за неговиот гроб.
Мојсеј имаше сто и дваесет години кога умре. И не беа потемнеле очите негови, ниту пак силата го беше издала. И синовите Израилеви го оплакуваа Мојсеј во полето Моавско триесет дена. И потоа изминаа деновите на жалост и тага по Мојсеј. И не се појави веќе таков пророк во Израил, како Мојсеј, кој Господа го виде лице во лице, кого Господ го беше испратил да ги изврши во египетската земја сите тие знаменија и чуда над фараонот, над сите слуги негови и над целата земја негова. Чудесни се и големи тие дела што Мојсеј ги изврши со моќна рака пред очите на целиот Израил (5Мојс. 34, 1-12).
По неговите свети молитви Господ да нѐ избави и нас од секоја неволја, и да нѐ насели во вечните населби, откако ќе нѐ изведе од Египет - овој мизерен свет Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ
ТЕОДОР, АМИАН, ЈУЛИЈАН и КИОН (КЕНТУРИОН)
Oвие свети маченици живееја во времето на царот Максимијан. Родум беа од селото Кандавла. Заради исповедањето на верата Христова, тие беа фатени и подложувани на најрзлични измачувања. Најпрвин толку многу им ги стругаа телата, што коските им се гледаа. Потоа ги затворија во страотно загреана бања, чија што врата ја запечатија со царски прстен, за да не можат да излезат од неа. Но, ангел Господов им викна однадвор, и светите маченици излегоа неповредени и покрај запечатените врати. Војниците ги фатија и ги одведоа надвор од градот во пусто место. Мачениците ги замолија да им дадат време да се помолат на Бога и долго се молеа и Му благодареа на Бога што ги удостои да бидат мачени за Христа. Потоа војниците им ги исекоа телата на парчиња, им ги сокршија коските и ги фрлија во оган, а нивните свети души радосни се искачија на небото.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ВАВИЛ НИКОМИДИСКИ,
учителот, и со него 84 деца ученици
Во времето кога царот Максимијан престојуваше во Никомидија за да ги гони христијаните, многу христијани се криеја. Притоа дојде кај царот еден идолопоклоник и му рече: „Царе, во една прикриена камара се наоѓа старец на име Вавил, кој ги учи децата на безумните христијани да не ги почитуваат боговите, туку распнатиот Христос“.
Царот веднаш испрати војници и го доведоа пред него учителот Вавил со неговите ученици, осумдесет и четири души на број. Царот го праша Вавил зошто се залажува и верува во Човек Кого евреите со зла смрт Го усмртиле и распнале, и зошто не им се поклонува на нивните богови, на коишто им се поклонува целиот свет и зошто ги заведува децата на безумните христијани, учејќи ги да не се поклонуваат на боговите. На тоа свети Вавил му одговори дека многубожечките богови се демони, а дека нашиот Бог ги створи и небото и земјата. Притоа му даде на знаење дека самиот цар и сите незнабошци со него се слепи и не ја гледаат вистината. На тоа царот многу се разгневи и веднаш нареди четири војници со камења да го тепаат светиот старец по лицето, по плеќите и по целото тело. Така тепан, гледајќи го своето тело сето облеано во крв, свети Вавил извика:
„Ги благодарам, Господи, што мене стариот и немоќен, Ти ме покажа млад и посилен од царот“.
Заради овие зборови царот нареди со истите камења да му ги сокршат плеќите и нозете. Штом го сторија тоа, му врзаа тешки синџири околу вратот, му ги ставија нозете во клада и го заклучија во темница.
Потоа ги изведоа кај царот неговите ученици, мали момчиња и девојчиња, осумдесет и четири на број. Царот започна многу умилно да ги наговара да им принесат жртви на боговите, но децата молчеа и често се погледнуваа. Кога виде дека молчат, царот издвои десетина повозрасни од нив и им рече:
- Вие сте паметни деца. Послушајте ме и принесете им жртва на боговите, па ќе живеете кај мене во дворецот и од мене ќе добивате богати дарови.
Тогаш две деца меѓу нив, Амониј и Донат, му одговорија:
- Ние сме верни христијани и никогаш нема да се согласиме да им принесеме жртви на глувите и неми демони.
Царот веднаш им нареди на војниците да ги тепаат овие Христови јагниња. Колку повеќе ги тепаа, тие стануваа се похрабри и често извикуваа:
- Христијани сме и нема да им принесеме жртви на боговите. Потоа царот им се обрати на останатите деца и рече:
- Барем вие принесете им жртви на боговите, за да не пострадате пострашно од овие.
Но и тие веднаш во еден глас извикаа:
- Христијани сме и нема да им принесеме жртви на боговите!
Анатема на тебе и на твоите богови!
Тогаш мачителот нареди сите бездушно да ги тепаат, па да ги фрлат во темница и да ги мачат со глад.
Потоа царот нареди нивниот учител Вавил да го обесат и да го тепаат со сирови воловски жили. Притоа го прашуваше секое дете дали се одрекува од Христа и од својот учител. И бидејќи децата не сакаа да се одречат, им изрече смртна казна, сите деца заедно со нивниот учител да бидат посечени со меч. Одејќи со своите ученици на губилиштето, свети Вавил пееше:
„Еве ме мене и децата кои ми ги дал Бог“ (Исаија 8, 18). Кога стигнаа на губилиштето најпрвин му ја отсекоа главата на свети Вавил, па потоа беа отсечени главите на сите деца, неговите ученици. Ноќта дојдоа христијани, ги натоварија моштите на светите маченици во еден мал чамец, ги донесоа во Византија, ги положија во три ковчега и ги погребаа надвор од градските бедеми, од северната страна каде што се наоѓа манастирот викан Хора.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ЕРМИОНА,
ќерката на свети апостол Филип
Свети апостол Филип е еден од седумтемина ѓакони, кој го крсти велможата на етиопската царица Кандакија. Имаше четири ќерки, за кои евангелистот Лука сведочи дека биле девојки и пророчици (Д.А. 21, 9). Од нив Ермиона и Евтихија отидоа во Асија, барајќи го свети Јован Богослов, но не го најдоа, бидејќи Господ го беше зел, како некогаш Енох и Илија (1 Мојсеј 5, 24; 4 Цар. 2, 19). Наместо него тие го најдоа Петрониј, ученикот на свети апостол Павле, станаа негови ученици и ги подржуваа неговите доблести и природа. Света Ермиона се занимаваше со лекарски вештини и затоа кај неа доаѓаа многу луѓе и таа сите ги лечеше со призивање на името Христово. А кога царот Трајан минуваше оттаму при својот поход над Персијците, кај него ја обвинија света Ермиона како христијанка. Царот нареди да ја доведат кај него и најпрвин се обиде со ласкања да ја одврати од верата Христова, но, бидејќи не успеа, нареди долго да ја тепаат по лицето. Така тепана, светителката беше удостоена на видение, во кое Го виде Господ Исус Христос како седи на судиште, наизглед сличен на Петрониј, кој разговараше со неа и ѝ даваше сила, та таа лесно ги примаше ударите. Гледајќи ја нејзината цврстина и непоколебливост, царот се засрами и ја ослободи.
Потоа света Ермиона отвори гостоприемница во Асија и ги лекуваше сите и душевно и телесно, и таму луѓето постојано Го славеа Господа, за сето време од владеењето на Трајан. А кога по неговата смрт за цар дојде Адријан и дозна за неа, веднаш ја изведе пред него и ѝ рече:
- Кажи ми, старице, колку години имаш и од каков род си?
Светителката одговори:
- Мојот Христос знае колку години имам и од каков род сум.
Тогаш царот рече:
- Соблечете ѝ ја наметката и тепајте ја немилосрдно!
Притоа ѝ рече:
- Учтиво одговарај на царските прашања.
Додека ја тепаа, светителката беше со псалм во устата. Кога слугите се изморија од тепање, царот нареди со клинци да ѝ ги продупчат стапалата. Но, бидејќи таа и ова мачење го трпеше со благодарност кон Бога, тој уште повеќе се разгневи и нареди да ја фрлат во казан полн со врела смола, олово и сулфур. Маченицата се помоли на Бога да ѝ даде сила, се прекрсти и влезе внатре. И веднаш се случи чудо. Огнот згасна, врелата смеса се излеа надвор и светата маченичка остана неповредена.
Царот уште пострашно се разбесни и нареди казанот толку да се вжешти, та во него да ѝ се стопат коските. Џелатите го сторија тоа, но на запрепастување на сите светата маченица стоеше среде вжештениот казан како среде роса. Таа говореше кон мачителот:
- Царе, во името на Господа, како што ти, кој си далеку од мене, не чувствуваш ништо од топлината на овој казан, така и јас.
Зачуден, царот стана од престолот, пријде до казанот и кога го допре со раката кожата и ноктите му останаа залепени за него. Светителката веднаш воскликна:
- Голем е богот христијански!
Царот страотно се разјари и нареди, та вжештија огромна тава, ставија жар во неа и светата маченичка ја фрлија гола во неа. Но, ангел Господов ја расфрли жарта и изгоре мнозина наоколу, а светата стоеше среде тавата како на зелена трева и пееше и Го славеше Бога.
Царот се исплаши од ова необично чудо и нареди да ја извадат од тавата, за и тој да не изгори. Таа му рече:
- Додека бев во тавата Господ стори да задремам, и во сонот се видов себе си како му принесувам жртва на богот Херкул.
Царот многу се израдува и веднаш ја одвеле во идолопоклоничкиот храм, каде таа се помоли на вистинскиот Бог, при што веднаш удри гром од небото и сите идоли во храмот испопаѓаа и се сокршија. Светителката излезе и му рече на царот;
- Царе, влези во храмот и помогни им на твоите богови, зашто испопаѓаа и не можат да станат.
Кога ги виде пеплосаните идоли, царот веднаш нареди да ја одведат надвор од Градот и да ѝ ја отсечат главата.
Џелатите Теодул и Теотим ја одведоа надвор од градот и, бидејќи се нафрлија врз неа да ѝ ја отсечат главата пред таа да се помоли на Бога, им се исушија рацете. Тогаш паднаа пред нејзините нозе, со сета душа поверуваа во Господа, нашиот Исус Христос, и оздравеа. Тие ја молеа светителката да се помоли за нив, своите души да ги испратат кај Господа пред неа. Така и се случи. Тие блажено се упокоија. Потоа светата маченичка се помоли на Господа за себе и заспа во мир, на тоа исто место. Побожни христијани ги зедоа нивните чесни мошти и ги погребаа во градот Ефес на чесно место, славејќи Го Отецот и Синот и Светиот Дух.
ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ АНТИМ СЛЕПИОТ
Свети Антим Слепиот, новиот подвижник Христов, е роден во 1727 година во местото Ликсура на островот Кефалонија, во Јонското Море. Неговите побожни родители, на име Јован и Ацулета Куруклис, на крштението му го дадоа името Атанасиј. Во својата седма година, поради болеста морбили, која во тие години ја зафати Кефалонија, малиот Атанасиј ослепе и на двете очи.
Тогаш неговата побожна мајка прибегна кон Бога со топли молитви, и го замоли свештеникот во црквата „Свети Апостоли“ да служи четириесет свети литургии за исцелување на нејзиното ослепено дете. Кога свештеникот ја завршуваше последната литургија и со светиот путир во рацете изговараше: „со страв Божји, вера и љубов пристапете“, малиот Атанасиј ненадејно извика дека го гледа свештеникот во црвен фелон и со путир во рацете. На тоа најмногу се израдува неговата мајка, зашто детето на чуден начин беше прогледало со своето десно око. Видот потполно му се беше вратил, така што можеше да чита дури и ноќе под месечината. А малиот Атанасиј научи да чита крај свештеникот и со други учители, и стекна добро знаење за Бога, кое подоцна и на други им било од корист.
Како што неговиот татко по занимање беше морнар, така и Атанасиј некое време се занимаваше со морнарска работа. Но, набрзо тој ја остави работата и својот живот го посвети исклучиво на Бога и богоугодните подвизи. Не се знае точно од што преподобниот Атанасиј, подоцна во монаштво наречен Антим, повторно го изгубил видот (и на исцеленото десно око). Некои сведочат дека тоа се случило за време на неговото занимавање со морнарска работа, а други дека му дошло после многуте и строги аскетски подвизи. Во секој случај ова губење на надворешната светлина кај Антим се случило по Божја промисла, зашто во него требало да пламне духовната божествена светлост, која и него и многу други околу него вистински ќе ги осветли и потполно ќе ги просветли.
Во врска со ова повторно ослепување на преподобниот се раскажува следното негово чудесно видение, кое што му било откриено од Бога. Кога преподобниот веќе стана монах, како што ќе се види понатаму, тој една ноќ, додека топло се молел пред иконата на Пресвета Богородица, од големите подвизи и од умор заспал, пред иконата и во сонот го имал следното видение:
Две светли момчиња му се јавиле и го повикале да појде по нив, онаму каде што Господ наредува. Тие го поведоа најпрвин низ едни мрачни и страшни места, каде слушнал воздишки и крикови човечки, а потоа го однеле на светло и благомирисно место, каде на висок престол седела небесна Царица. Кога сакал да ѝ се поклони, Таа му забранила, говорејќи:
- Подалеку од мене! Ти постојано ме молиш, против своја сопствена корист, да ти дадам вид и светлина на очите!
На Царицата тогаш ѝ се обратиле две светли момчиња, велејќи ѝ:
- Владичице и Госпоѓо на сѐ на светот, заради крвта која ние ја проливме за Синот Твој и Бог наш, и заради љубовта Твоја што ја имаш кон Него, прими го Твојот слуга, кој има намера да изгради манастири посветени на нас.
И тие ја наведнале главата Антимова, го застанале пред Царицата и Таа му рекла:
- Антиме, заради твојата голема побожност и многуте молитви, решив да ти дадам малку светлина. Но, знај дека ако ја добиеш оваа привремена светлина, можеш да ја изгубиш онаа вечната.
На тоа светителот со солзи во очите ѝ се заблагодарил на Царицата за сѐ, и ја молеше да го смести во вечните живеалишта, каде што живеат праведниците.
Така свети Антим преку целиот свој живот беше речиси потполно слеп (одвај некогаш по нешто наѕирнувал и затоа кога патувал секогаш бил воден од некого). Самиот тој така и се нарекувал себе си: „Антим монах, поклоник (аџија) и без очи“, или „Антим Куруклис, лишен од светлината“. Но и покрај недостатокот на телесниот вид, преподобниот Антим имаше стократен духовен вид и преумножена божествена светлина. Тој точно знаеше каде треба да изгради некој манастир и како да ја постави црквата, и тоа секогаш им го кажуваше на мајсторите ѕидари. Освен тоа од Бога имаше дар на проѕорливост, со кој ја предвидуваше иднината, погодуваше имиња на непознати луѓе, прорекуваше што ќе се случи во иднина, и воопшто, покажуваше многу чудесни знаци на внатрешното благодатно просветлување, поготово тој просветуваше многу луѓе околу себе со светлината на својот живот и своите евангелски зборови и поуки, со кои ги водеше кон спасение.
Како што веќе рековме, овој преподобен во својата рана младост го напушти светот, роднините и сѐ земно, и се посвети на монашкиот живот во Бога. Од еден искусен старец го прими монашкиот чин во својата дваесетта година, и го доби монашкото име Антим. Како монах помина некое време на Света Гора Атонска, каде се оддаде на многу строги подвизи и се научи на правилата и доблестите на монашкото живеење. Овие свои монашки подвизи светителот ги продолжи низ целиот свој земен живот и сѐ повеќе и повеќе ги умножуваше и зголемуваше.
По престојот на Света Гора, свети Антим тргна на своите од Бога одредени мисионерски патувања, за кои ќе стане збор сега.
Тој најпрвин дојде на островот Хиос. Се насели таму во црквата на Света Матрона и остана една година, учејќи го тамошниот народ на Евангелието Христово. Неговите подвизи, постот и молитвите, овде беа толку големи што светителот беше потполно исцрпен и речиси не можеше да се движи. За храна земаше само коркичка леб, а ноќе спиеше само на камениот црковен под, за така да се моли на Бога по цела ноќ. Од Хиос, преку островот Сифнос отиде на островот Парос. Во таа прилика тој со својата молитва го спаси коработ и сите луѓе во него од огромна бура, која се закануваше да ги потопи. Кога слушнаа за тоа чудо, жителите на Парос го дочекаа со голема чест и љубов. Како одговор на таа љубов, преподобниот ги поучи во евангелската наука, според својата вообичаена ревност. Штом слушна за Антимовата мудрост, епископот на островот Наксос го повика и таму да го проповеда Евангелието, а тоа светителот со радост го стори. Потоа пропатува уште некои острови во Егејското Море, а подоцна и други краишта и острови низ Грција.
Откако помина некое време на овие егејски острови, преподобниот отпатува во Светиот Град Ерусалим, каде се поклони на страшната Голгота и животоносниот Гроб Господов, па потоа се врати на егејскиот остров Кастелоризон, каде реши да изгради и втор манастир. Но, бидејќи немаше средства за тоа, тој топло Му се помоли на Бога за помош. И Бог му помогна на Својот слуга на следниов начин. Целиот остров беше зафатен од толку голема суша, која се закануваше со смрт на сѐ живо. Светителот со вера се помоли на Господа, на Кого верно Му служеше, и Бог даде обилен дожд, а луѓето од благодарност му помогнаа на преподобниот, та наскоро беше изграден манастир во чест на светиот великомаченик Георгиј (1759 г) кој постои до денес.
Оттука преподобниот Антим отиде на островот Астипалеја, каде доби откровение да изгради манастир во чест на Пресвета Богородица. Таму веднаш ги замоли христијаните да му помогнат и тие се одзваа, меѓутоа никаде немаше материјал за градба. Тогаш свети Антим со дарот на проѕорливоста дозна дека во нивата на еден човек, во земјата, постои материјал за градба и го замоли тој човек да му ја отстапи таа нива. Предвидувањето на светителот навистина се исполни, и така отпочна градбата на манастирот, која траеше неколку години. Кога беше завршен и украсен со сѐ што е потребно, во него се населија монахињи, и овој манастир и до денес е женски манастир. А свети Антим отиде на Света Гора, каде даде на светогорски иконописци да му изработат огромна и прекрасна икона на Пресвета Богородица „Портаитиса (Вратарка)“, која и до денес се чува во овој негов манастир на Астипалеја, на која ѝ е посветен манастирот. Но непријателот на човечкиот род, завидувајќи на богоугодната работа и на подвизите на светителот, поттикна некои луѓе од островот да го наклеветат преподобниот, дека божем има нечиста врска со монахињите од овој манастир, та светиот самиот го напушти островот Астипалеја. Народот на овој остров подоцна сведочеше дека оние клеветници ги снашла голема казна Божја.
Во 1766-67 година островот Кефалонија го зафатија страшни земјотреси, кои срушија многу населби, домови, па дури и некои цркви и манастири. Тогаш свети Антим се врати на својот роден остров и дојде во манастирот на светата преподобномаченичка Параскева, во местото викано Лепеда. Манастирот беше срушен од земјотресот, та светителот се зафати со темелно обновување на истиот. Со помош на свештеникот Гаврил, игумен на срушениот манастир, и уште седум монахињи, кои се собраа околу преподобниот Антим, како и некои добри луѓе, светиот го обнови манастирот Света Параскева и го претвори во женски општожителен манастир во 1769 година. Наскоро тука се собраа и некои други монахињи, така што беа околу петнаесет, и ним светителот им одреди правила и закони на монашкиот живот и поредок. А пак самиот се насели да живее во една мала и тесна ќелија, во една пештера под манастирската црква. Спиеше тој само на една даска, со еден стар килим преку неа, храбро поднесувајќи ги страдањата од големата влага, како и многу други волни и неволни оскудевања и подвизи. Преподобниот беше зел на себе и еден редок и тежок подвиг, тајно носење врз своето тело железни синџири и ланци. Тоа го забележа неговата мајка, која сѐ уште беше жива, кога светиот подвижник ја посети еднаш во една прилика во родната куќа.
Од својот манастир Света Параскева на Кефалонија преподобниот мисионерски пропатува уште некои краишта на Грција насекаде проповедајќи го Евангелието Христово и подигајќи манастири. Така дојде и на островот Крит (околу 1770 г.), каде во околината на Сфакија изгради манастир на свети Антониј Велики. За време на овој свој престој на Крит, како и пред и по тоа, свети Антим со Божјата благодат се истакна како голем чудотворец, Некои тогаш виделе како додека го проповеда Евангелието од неговата уста излегува огнен пламен, а други сведочеа дека тој со знакот на Крстот исцелил една слепа жена и таа прогледала. Така слепиот светител, самиот немајќи телесен вид го даде на друг, со благодатта Божја и светоста на од Бога прогледалата своја душа. Исто така светителот благослови една жена неротка и таа доби дете, но бидејќи беше ветила детето да го посвети на Бога, а не го исполни тоа, детето наскоро и умре.
Преподобниот исто така посрами и многу волшебници и магепсници. Сите нивни оружја ги одзеде и ги запали, а тие не можеа да му наштетат. Еден турчин, кој виде дека христијаните одат да слушаат поуки од свети Антим, се подбиваше со тоа, а го исмеваше и светителот, нарекувајќи го казнет од Бога. Тој турчин самиот беше казнет од Бога. Набрзо го снајде тешка болест, а потоа умре и сиот имот му изгоре во пожар.
Од Крит преподобниот отиде на островот Китира, каде исто така подигна манастир и го посвети на свети Јован Крстител во 1773 година. Оттука премина на островот Сикинос, за и тука со помош на тамошните христијани да изгради манастир во чест на Пресвета Богородица „Животоносен Источник“ (1775 г). Исто така патувал и на полуостровот Пелопонез, и таму ревносно проповедајќи го Евангелието Божјо и чудотворно помагајќи им на многу верни.
А кога се врати во својот манастир на Кефалонија, преподобниот Антим доби три писма од жителите на покраината Мани на Пелопонез, кои го повикуваа да дојде и да ги смири меѓусебно раскараните. Тргнувајќи на тој пат со едно мало бротче, истиот го зафати голема бура, та светиот беше принуден да сврати во заливот на селото наречено Келбесјо, на Пелопонез. Жителите на ова село беа големи крадци и разбојници. Штом видоа дека бротчето пристанува на брегот побрзаа по него, а двајца од нив, вооружени, веднаш скокнаа во него со намера да го ограбат. Сопатниците на свети Антим многу се исплашија од тоа, но светителот со вера во Бога ги смири, па се сврте кон оние двајца и, нарекувајќи ги по име, им рече:
- И вие сте христијани, а живеете со убивање и пљачкање. Тешко вам, зашто ве чека страшен крај и вечни маки!
Овие зборови и точното погодување на нивните имиња од страна на слепиот човек ги запрепасти разбојниците. Трогнати од тоа, тие го фрлија оружјето и побараа прошка од светителот. Преподобниот ги поучи во христијанските доблести и однесување, а го прекори свештеникот на нивното село, кој исто така беше со нив. Потоа си го продолжи својот пат по морето, кон покраината Мани.
Пловејќи така уште некое време, свети Антим ненадејно нареди коработ да се врати на Кефалонија, и рече:
- Бог не сака да одам на делото за кое ми пишуваа, туку сака да се вратам назад и да умрам во својот манастир.
Ова проѕорливо раскажување на светиот наскоро се исполни, Штом се врати во својот манастир, тој се разболе од жолтица и се подготвуваше за заминување кај Господа. Ги повика своите духовни чеда, монахињи, и им кажа се за својот близок крај.
- Дојде часот, деца мои, - им рече преподобниот, - во кој ќе преминам таму каде што Господ ми наредува. Не плашете се од тоа, зашто смртта е заедничка и неизбежна за сите. Подобро е наместо стравот да се трудите да ги одржите своите ветувања и завети. Само една единствена цел треба да имате во животот: на Бога да Му угодите и душите свои да ги спасите.
Така поучувајќи ги своите духовни деца, свети Антим мирно ја предаде својата душа во рацете на својот Господ, на 4 септември 1782 година, во својата педесет и петта година од животот. Погребан е во својот манастир. Околу дваесет години подоцна неговите свети мошти беа откриени и извадени од земјата. Одредени делови од нив останале во манастирот „Света Параскева“ а други се разнесени на други места и храмови (на Пелопонез, во неговиот манастир „Богородица Портаитиса“ на Астипалеја и на други места). Наскоро потоа беше напишано житие и служба на преподобниот отец Антим, кое досега е отпечатено повеќе пати. Заради светоста на животот на преподобниот Антим Слепиот и многуте чуда над неговите свети мошти, неодамна (односно 1974 г) тогашниот митрополит Кефалониски кир Прокопиос преку Цариградската Патријаршија свечено го внел преподобниот Антим во календарот на светителите на Православната Црква и неговиот свет спомен означил да се слави секоја година на овој ден, 4 септември. По неговите свети молитви Господ и нас да нѐ помилува и спаси. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ТЕОТИМ и ТЕОДУЛ
Беа џелати на светата маченица Ермиона. Тие поверуваа во Господа Христа преку неа. Се покајаа и во мир се упокоија. Во некои Синаксари Теотим се нарекува Тимотеј.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТАТУИЛ и ВЕВЕЈА
Овие светии живееја во времето на царот Адријан. Татуил најпрвин беше идолопоклонички жрец. Поучен од еден епископ, тој ѝ пристапи на верата Христова. Поради тоа намесникот Авгар го подложи на мачења. Најпрвин го тепаа со стапови, па му ги гореа очите, потоа му ги врзаа рацете наопаку, па го тепаа по стомакот, го обесија за едната рака, па под него запалија оган и го гореа, и најпосле го врзаа за една железна направа и му ја отсекоа главата со тестер. Во исто време и на неговата сестра Вевеја ѝ ја отсекоа главата.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ МАРКЕЛ и КАСИАН
Царот Максимијан Херкул нареди сите војници да им принесуваат жртви на идолите. Во тоа време Маркел беше војник, а Касиан писар. Тогаш Маркел како христијанин рече: „Ако војничкиот чин е поврзан со принесувањето жртви на идолите, тогаш јас не можам да бидам војник“. И го симна од себе војничкиот појас и оружјето, при што веднаш беше осуден на смрт. Касиан требаше да ја напише смртната пресуда на Маркел, но одби да го стори тоа. Заедно беа посечени, и душите им се преселија во Царството Небесно.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТРИ ДЕЦА-БРАЌА:
УРВАН, ПРИМОДИЈАН и ЕПОЛОНИЈ
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ДВАЈЦА МАЧЕНИЦИ-ДЕЦА:
АМОНИЈ и ДОНАТ
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ ПЕТРОНИЈ
Беше ученик на свети Пахомиј Велики. Се претставил во мир, околу 349 година.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ХАРИТИНА
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ 3628 МАЧЕНИЦИ НИКОМИДИСКИ
За време на Максимијановото гонење, кога беше запален христијанскиот храм во Никомидија, овие свети маченици се сокрија во шумите и пештерите Никомидиски. Царот Максимијан ги пронајде, ги подложи на разни мачења, па потоа ги погуби. Тоа се случи во 290 година. Така тие ги примија венците на мачеништвото.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПЕТРОНИЈ
Беше ученик на свети апостол Павле (а според некои на апостол Јован) и учител на светите ќерки на Апостол Филип: Ермиона и Евтихида. Пострадал во Ефес, во времето кога царот Трајан дошол таму, одејќи во војна против Персијците.