18. Септември (5. Септември)
ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ ПРОРОК ЗАХАРИЈ и СВЕТАТА ПРАВЕДНА ЕЛИСАВЕТА,
родителите на Свети Јован Крстител
Свети пророк Захариј, таткото на свети Јован Преттеча и Крстителот Господен, беше син Варахиин, од родот на Авија, од племото Ароново. Тој имаше жена Елисавета, која исто така беше од племото Ароново. Таа беше сестра на света Ана, мајката на Пресвета Богородица. Светото Евангелие сведочи за нив дека биле украсени со сите доблести и воделе беспрекорен живот. Светиот евангелист Лука за нив вели: „И обајцата беа праведни пред Бога, живеејќи според заповедите и повелбите Господови беспрекорно“ (Лука 1, 6). Очигледен доказ на нивниот чесен живот е светата фиданка нивна - чесниот и славен пророк, Преттечата и Крстител Господен, Јован. Во Светото Писмо е речено: „По плодовите нивни ќе ги познаете“ (Матеј 7,16). Од доброто дрво плодот не може да биде лош; според зборовите на Светото Писмо: „Ако коренот е свет, тогаш и гранките се свети“ (Рим. 11, 16). Затоа и светата гранка Јован можела да израсне од светиот корен.
Свети Захариј, таткото на Јован, беше свештеник во Ерусалим, за време на царувањето на Ирод. Тој беше од дневните чреди на Авија, односно од родот на Авија, чие дежурство се паѓало во осмата седмица. За тие чреди се вели следново: царот Давид, гледајќи дека племото Ароново толку се намножило, што било невозможно сите заедно да служат во храмот, ги раздели потомците на Арон на дваесет и четири чреди или лика, за тие едни по други, секој држејќи ја својата седмица, да извршуваат служба во храмот. Во секоја посебна чреда царот избрал по еден најчесен маж и им го поставил за началник, така што секој лик имал свој главен свештеник, а бил составен од по повеќе од пет илјади свештеници. Но, за меѓу главните свештеници да нема спор околу тоа кој од нив со својот лик ќе служи прв во седмицата, кој втор, кој трет и така по ред до дваесет и четвртата, тие фрлија коцка и според коцката направија распоред. И се држеа до тој распоред, сѐ до новата благодат, зашто потомците на секој свештеник го држеа својот ред според коцката која се паѓала на нивниот претходник. Осмата чреда падна на свештеникот Авија (1Днев. 24,10), чиј потомок беше и свети Захариј. Затоа тој во текот на осмата седмица и вршеше служба во храмот, началствувајќи над останатите свештеници на својата чреда.
Еднаш кога Захариј служеше според својата чреда пред Бога, му се случи според обичајот на свештенството да влезе во храмот Господов да кади. И тогаш му се јави Ангел Господен, кој стоеше од десната страна на кадилниот олтар. Штом го виде ангелот, Захариј се исплаши, но Ангелот го отфрли стравот од него, велејќи: „Не плаши се, Захариј“.
И го утеши објавувајќи му дека неговата молитва Му е благопријатна на Бога и дека заради неа Господ му дарува милост: ја благословува неговата жена Елисавета, иако е нероткиња и во залезно време, да му роди син Јован соименик на благодатта, кој со своето раѓање ќе ги израдува не само родителите туку и многу луѓе. Ангелот му го објави на Захариј и тоа дека неговиот син ќе биде голем пред Бога, не по тело туку по дух, и дека ќе биде постник и воздржаник, како никој друг. И навистина тоа го сведочи за него и самиот Господ Христос, зборувајќи за него: „Дојде Јован Крстител, кој ниту леб јаде, ниту вино пие“ (Лука 7, 33). Ангелот претскажа за него дека тој уште во утробата на својата мајка ќе се исполни со Духот Свети и дека многу синови Израилеви ќе обрати кон нивниот Господ Бог. Дека ќе биде Христов Преттеча во духот и силата на пророкот Илија, и дека ќе го подготви народот за прием на Господа Спасителот (Лука 1, 8-17).
Слушајќи го сето тоа, Захариј се чудеше и не веруваше на она што го зборуваше Ангелот, зашто Елисавета беше нероткиња а и двајцата веќе беа стари. И му рече Захариј на Ангелот:
„По што ќе го препознаам тоа? Јас сум стар и мојата жена е во одминати години“.
Одговарајќи, Ангелот му рече:
„Јас сум Гаврил, кој стојам пред Бога и сум испратен да зборувам со тебе и да ти ја јавам оваа радост. И еве, ќе онемиш и нема да можеш да проговориш до оној ден, додека да се исполни тоа, зашто не им поверува на моите зборови, коишто ќе се исполнат во свое време“.
Бидејќи при овој разговор со ангелот Захариј се задржа во олтарот, народот се чудеше зошто се забавил. А кога Захариј излезе, не можеше да зборува, туку со знаци им кажуваше дека онемел. Тогаш луѓето сфатија дека имал видение во олтарот (Лука 1, 18-22).
А кога Захариј ја заврши својата чреда се врати во својот дом, кој се наоѓаше во планинскиот крај во Хеврон, градот Јудин. Зашто тој град беше еден од оние градови, кои на коцка му припаднаа на племето Јудино и беа одредени за живеење на свештениците (Ис. Нав. 21,13; 1Днев. 6, 65).
Кога се исполни реченото од ангелот и неротката Елисавета го роди Јована, штом Захариј го напиша тоа име на даскичка, веднаш му се отвори устата и разврза јазикот и тој започна да зборува, благословувајќи Го Бога. И се исполни со Духот Свети Захариј и пророкуваше, говорејќи:
„Благословен да е Господ, Бог Израилев, зашто го посети и го избави народот Свој. И подигна за нас моќно спасение, во домот на Давид, Својот слуга. Како што говореше одамна преку устите на светите пророци Свои од века... И ти, дете, ќе се наречеш пророк на Севишниот, зашто ќе одиш пред лицето Господово, за да Му го приготвиш патот Негов“ (Лука 1. 68, 70.76.).
А кога се роди нашиот Господ Исус Христос во Витлеем, и мудреците дојдоа од Исток и му кажаа на Ирод за новородениот Цар, тогаш Ирод испрати војници во Витлеем да ги убијат сите деца, при што особено го нагласи синот на Захариј, Јован, за кого многу слушал. Зашто Ирод беше дознал сѐ што се случило за време на раѓањето Јованово, и страв беше влегол во сите околни жители, и сето тоа се беше разгласило по сиот планински крај на Јудеја и сите јудејци зборуваа за тоа. И сите што го слушнаа тоа се прашуваа во себе: „Што ли ќе излезе од ова дете?“
(Лука 1, 66). Во тој момент Ирод се сети на Јован и си помисли: „Зарем нема тој да биде цар јудејски?“ И откако одлучи да го убие, Ирод специјално испрати убијци во куќата на Захариј, но тие не го најдоа Јована. Кога отпочна безбожниот колеж на децата во Витлеем, пискотниците и лелекот се слушнаа во Хеврон, градот Јудин, каде што живееја свештениците, бидејќи се наоѓаше не многу далеку од Витлеем. Жителите брзо дознаа поради што е тој лелек. Тогаш света Елисавета брзо го зеде своето дете Јован, кој имаше година ипол и побегна со него во гората. А свети Захариј во тоа време беше во Ерусалим на својата свештеничка должност во храмот, за време на својата чреда. Криејќи се по горите, Елисавета со солзи се молеше на Бога да ја заштити со детето. И кога од врвот на гората ги здогледа војниците, кои внимателно бараа бегалци, таа исплашено повика кон камената гора: „Горо Божјо, прими ја мајката со детето!“ И веднаш се отвори карпата и ги сокри во себе мајката и детето од убијците, кои што ги гонеа. И штом не го најдоа оној што го бараа, убијците празни се вратија кај царот. Тогаш Ирод испрати кај Захариј во храмот наредба да му го предаде својот син Јован. На тоа свети Захариј одговори:
„Јас сега Му служам на мојот Господ Бог Израилев. А мојот син не знам каде е“.
Разгневениот Ирод по втор пат испрати и други кај него, и нареди да го убијат, ако не им го даде својот син. Свирепите убијци како ѕверови побрзаа да ја извршат наредбата и јаросно викнаа кон свештеникот Божји:
„Каде си го сокрил својот син? Царот нареди да ни го дадеш! Во спротивно веднаш ќе загинеш!“
Свети Захариј им одговори:
„Вие ќе го убиете моето тело, а Господ ќе ја прими мојата душа“.
Тогаш убијците се нафрлија врз Захариј и го убија пред олтарот. Неговата крв се разлеа по мермерот, се стврдна како камен и остана така, како сведоштво на злосторството на Ирод.
А пак Елисавета со Јован, чувана од Бога, живееше во карпата, која што се отвори. Со Божја наредба таму се створи пештера, потече извор вода и израсна плодна палма над пештерата, преполна со плодови. И кога и да сакаше мајката со синот да јаде, дрвото се наведнуваше, принесувајќи им го својот род, па потоа повторно се исправаше. Четириесет дена по смртта на Захариј се претстави во пештерата и света Елисавета, мајката на Преттечата, а младенецот Јован остана во пустината, хранет од ангел и чуван од Божјата промисла, сѐ до денот на своето јавување на Јордан.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ УРВАН, ТЕОДОР, МЕДИМН
и останатите 80 со нив
За време на царувањето на злочестивиот Валент, аријанците во Цариград имаа голема сила и ја распространија својата власт, бидејќи царот, заслепен од истата ерес, многу им помагаше. Откако крена гонење против православните, тие го прогонија епископот Евагриј и многу ги злоставуваа правоверните: едни тепаа, други во темници фрлаа, на трети имотот им го ограбуваа... Со еден збор ги злоставуваа на сите можни начини. Многу загрижени поради тоа, православните тајно се собраа и се договорија да упатат молба до царот, кој тогаш се наоѓал во Никомидија, барем донекаде да ги заштити од аријанците, ако не може целосно да ги избави, за да не бидат целосно уништени. За свои пратеници православните избраа осумдесет добри луѓе од духовен чин, свештеници и ѓакони, силни во верата, силни на збор и многу паметни, на чело со Урван, Теодор и Медимн. Штом стигнаа во Никомидија, тие излегоа пред царот и му ја изложија својата молба да се смилува на нив и да ги заштити од аријанската рака. Тогаш царот многу се разлути, но се преправаше како добар и во меѓувреме тајно испрати наредба до епархот Модест, сите овие молители да ги убие. Епархот ги поведе, но плашејќи се јавно да ги погуби, за народот да не се вознемири, нареди да ги натоварат на брод, па пушти глас дека ги испраќа на заточение. А на бродарите им нареди кога ќе се оддалечат да го запалат бродот со сите осумдесет луѓе на број. Така и се случи. Кога стигнаа до Астакиската морска шир бродарите го запалија бродот со светите маченици, а самите се качија во претходно подготвен чамец, се вратија кај епархот и го известија за погубувањето на мачениците. А бродот гореше како свеќа, пловејќи брзо зашто дуваше ветар. Така горејќи доплови до местото викано Дикидис, каде целосно изгоре, испуштајќи од телата на светите маченици чад, како чад од кадилница кој се крева кон Бога.
Така се упокоија овие свети маченици и врз нив се исполнија зборовите од Светото Писмо: „Минавме низ оган и вода, но нѐ изведе на одмор“ (Пс. 65, 12). Изгорени од оган во морето, овие свети луѓе се најдоа во небесното одморалиште, каде стојат пред Престолот Господен и се молат за нас. По нивните молитви, Господи, дај ни и нам да добиеме живот вечен. Амин".
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЈУВЕНТИН и МАКСИМ
Светите маченици Јувентин и Максим беа војници штитоносци, во времето на царот Јулијан Отстапник. Еднаш Јулијан, дојден во Антиохија, ги попрска со идоложртвена вода сите намирници што се продаваа на пазарот, сакајќи на тој начин и христијаните да ги направи учесници во своите нечисти жртви. Во тоа време овие двајца слуги Христови, на една војничка веселба со тага разговараа за царевото беззаконие и ги повторуваа зборовите на светите Три Момчиња, изговорени некогаш во Вавилон: „Си нѐ предал, Господи, во раце на безбожни непријатели, најомразени отстапници и неправеден и најлош цар на земјата“ (Даниил 3, 32). Еден од учесниците на веселбата утредента му ги достави нивните зборови на царот, кој веднаш ги повика и ги праша:
- Што сте зборувале вие вчера?
Тие ја кажаа вистината и ги повторуваа истите оние зборови, со кои го изобличуваа царот и го прекоруваа за отстапништвото.
Царот се разбесни и нареди најпрвин беспоштедно да ги тепаат, па ги фрли во темница и на полноќ испрати џелати, кои им ги отсекоа главите. Тоа се случи во 362 или 363 година.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК АВДЕЈ,
епископ на градот Ергол во Персија
Овој свети маченик беше од градот Ергол во Персија. Бидејќи со своето учење приведуваше многумина кон верата Христова, старешината на маговите нареди да го фатат и да го присилат да им се поклони на сонцето и огнот, и да се одрече од Христа. Кога светиот маченик одби, многу го тепаа по стомакот и градите со бодликави стапови. Четири војници толку долго го тепаа, што речиси мртов го одвлекоа во неговата куќа, каде тој брзо ја предаде својата света и блажена душа на Бога, славејќи Го и благодарејќи Му на Бога, радосен што се удостои за името на нашиот Господ Исус Христос да пострада и умре со телото, за со душата да живее и царува со Него.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК САРВИЛ (СЕРВИЛ)
Свети Сарвил (или Сервил) беше каменуван за Господа Христа и така се упокои.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТИФАИЛ и ТИВЕЈА
Овие свети маченици бестрашно пред сите Го исповедаа Христа вистинскиот Бог, Творецот и Промислител, а идолите ги нарекуваа глуви кипови и многумина обраќаа кон вистинската вера. Затоа идолопоклониците ги фатија и многу ги мачеа. Најпосле Тифаил беше обесен за дрво и пресечен со тестер, а неговата сестра Тивеја со копје беше удрена по вратот и така убиена. И двајцата ги предадоа своите свети и блажени души во рацете Божји, со благодарствена молитва во устите, што Господ ги удостои да умрат за Него.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА РАИСА (ИРАИДА)
Оваа света маченица пострада за Христа посечена со меч (можеби ова е истата светителка што се спомнува на 23 септември).
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК АТАНАСИЈ
Нашиот преподобен отец Атанасиј се подвизуваше во Вилна, а подоцна беше игумен на манастирот во Бреста. Заради својата непоколебливост во Православието беше посечен од римокатолиците на 5 септември 1648 година. Неговите мошти чудодејствуваат во Брест.