19. Септември (6. Септември)
СПОМЕН НА ЧУДОТО НА СВЕТИ АРХАНГЕЛ МИХАИЛ
во Хони (Колос) во Фригија
Во Фригискиот град Колос, близу градот Ерапол, над изворот со чудотворна вода имаше храм на светиот Архистратиг Михаил. Од водата на овој извор болните добиваа многу исцеленија, повеќе отколку од бањата Силоамска. Во бањата Силоамска само еднаш во годината слегуваше ангел Господен и ја разматуваше водата, а овде постојано беше присутна благодатта на Војводата ангелски. Таму оздравуваше само оној кој прв ќе влезеше откако ќе се разматеше водата, а овде оздравуваа сите, и први и последни, секој што доаѓаше со вера. Таму беа неопходни тремови за престој на болните, кои долго чекаа за исцеление, бидејќи некои биваа исцелени дури после 38 години, а овде болниот се исцелуваше за еден ден или за еден час.
За потеклото на овој извор се раскажува следното.
Во времето кога сета вселена беше помрачена со темнината на многубоштвото и луѓето се поклонуваа на предмети а не на Творецот, во Ерапол многубошците почитуваа една огромна и страшна змија гуја, на која ѝ се поклонуваше сиот тој крај, заслепен од демонската прелест. Незнабошците ја чуваа таа гуја заклучена во храмот, изграден во нејзина чест. И принесувајќи ѝ многу и различни жртви, тие ја хранеа таа отровна и опасна гуја. А единствениот вистински Бог, сакајќи да го просвети светот со светлината на Своето познание и заблудените луѓе да ги изведе на патот на вистината, во сета Своја земја испрати свети ученици и апостоли да го проповедаат Евангелието. Двајца од нив, свети Јован Богослов и свети Филип, откако дојдоа едниот во Ефес а другиот во Јерапол, многу се трудеа во проповедањето на Евангелието Христово. Во тоа време во Ефес имаше прекрасен храм и познатиот идол на незнабожечката богиња Артемида. Со нејзините служители и поклоници свети Богослов долго водеше борба, со духовниот меч на зборот Божји, и ги победи зашто со силата на името Христово тој стори да се сруши храмот, и идолите да се претворат во прав, а сиот град го приведе во верата Христова. По тоа свети Јован Богослов појде од Ефес во Ерапол, за да му помогне на својот сотрудник, свети апостол Филип. Во тоа време таму се затекнаа и свети апостол Вартоломеј и Маријамна, сестрата Филипова, та заедно со нив свети Богослов послужи за спасението на луѓето. Најпрвин тие се вооружија против гујата и со молитвата ја убија, а нејзините поклоници ги обратија кон Христа Бога, Творецот на небото и земјата. А пак додека стоеја на едно место викано Херотоп, тие прорекоа дека на него ќе заблеска благодат Божја и дека на тоа место ќе биде војводата на небесните Сили, свети Архистратиг Михаил, и тука ќе се случуваат чуда. Сето тоа набрзо и се исполни. Кога свети Јован Богослов отиде во други градови на проповед и свети апостол Филип пострада од незнабошците, а Вартоломеј и Маријамна се разидоа во други земји, на тоа место се јави извор со чудотворна вода, како што прорекоа светите Апостоли. Така се исполнија зборовите од Светото Писмо: „Во пустина ќе се јават извори и потоци во земјата исушена. И суво место ќе стане езеро и сувата земја водени извори. Таму ќе биде веселба за птиците и ќе има трева, трска и сита. И таму ќе биде патот чист и ќе се нарече свет пат“ (Ис. 35, 6-8).
Кај тој извор започнаа да доаѓаат многу луѓе, не само верни туку и неверни, зашто чудата што се случуваа таму, како громогласна труба ги повикуваа сите. И сите кои пиеја и се миеја од тој извор, се исцелуваа од своите болести и многумина оздравени се крштеваа во името на Света Троица. Во тоа време во Лаодикија живееше еден елин, чија ќерка единица беше нема од раѓање. Нејзиниот татко многу тагуваше и многу се трудеше да ја исцели, но без успех. Затоа беше силно потиштен. Но, една ноќ, кога заспа на својата постела, тој видел ангел Божји, блескав како сонце. Ова видение му се случило не затоа што беше достоен, туку за преку него да дојде до познание на вистината и други да приведе кон Бога. Кога го здогледал ангелот тој се исплашил и истовремено од него ги слушнал овие зборови: „Ако сакаш да ѝ се разврзе јазикот на твојата ќерка, одведи ја на мојот извор во Херотоп близу Ерапол, нека се напие од таа вода, па ќе ја видиш славата Божја“ Штом се разбуди човекот многу се зачуди на тоа видение, поверува во него и веднаш ја однесе својата ќерка на чудотворната вода. Таму затекна многу луѓе, кои црпеа од таа вода, се крштеваа во неа и добиваа исцеленија од своите болести. Тој ги праша:
- Кого го повикувате, кога се миете со таа вода?
Тие му одговорија:
- Го призиваме името на Отецот и Синот и Светиот Дух а го повикуваме на помош и светиот Архистратиг Михаил.
Тогаш тој човек ги крена очите кон небото и рече:
- Оче и Сине и Свети Духу, Боже христијански, помилуј нѐ! Свети Михаил, слуго Божји, помогни и исцели ја мојата ќерка!
И црпна од водата од изворот, со вера и даде на својата ќерка, и веднаш ѝ се разврза јазикот и таа јасно воскликна:
- Боже христијански, помилуј ме! Свети Михаил, помогни ми!
И сите присутни се восхитуваа на силата Божја, ја славеа Света Троица и ја величаа помошта на светиот Архистратиг Михаил. Овој пак елин, штом го виде исцелението на својата ќерка, веднаш се крсти заедно со неа и со сите домашни, дојдени со нив. А пак во знак на благодарност, тој изгради над чудотворниот извор прекрасна црква во име на светиот Архистратиг Михаил, Војводата на небесните Сили. И откако ја украси со секое благолепие и долго се помоли во неа, се врати во својот дом.
Во деведесетата година по градбата на оваа црква, таму дојде од Ерапол десетгодишното момче Архип, христијански воспитано во побожноста, и остана да живее при оваа црква како црковник. Тој си постави вакво правило: да не вкусува ништо од световните јадења и пијалоци, па дури ни леб, туку се хранеше исклучиво со пустински треви што ги береше, вареше и јадеше еднаш неделно, и тоа без сол, а пиеше само вода во многу мала количина. Со таквото воздржание тој го умртви своето тело и во таквите доблести ја помина својата младост сѐ до староста, сиот соединувајќи се со Бога и уподобувајќи се на животот на бестелесните Сили. Неговата облека беше многу бедна. Имаше само два кострета. Едниот врз себе а со другиот ја покриваше својата постела, која беше наредена со остри камења. Постелата ја покриваше со костретот, за некој да не види дека спие врз острите камења. За перница имаше платно, наполнето со трње. Таква беше постелата на овој блажен подвижник. А кога чувствувал потреба за сон, тој легнувал на камењата и острите трње, та спиењето му било повеќе бдеење отколку спиење а неговиот одмор повеќе мачење отколку одморање. Секоја година ја менуваше својата облека, така што костретот што го носел врз себе година дена го ставаше за покривка на својата постела, а го облекуваше оној со кој што беше покриена постелата. По истекот на годината, тој повторно ги менуваше тие исти кострети. Така немаше одмор ни дење, ни ноќе, умртвувајќи го телото и чувајќи ја својата душа од Ѓаволските стапици.
Минувајќи го тесниот и тажен пат, Архип се молеше на Бога, говорејќи: „Не дозволувај, Господи, со суетна радост да се израдувам на земјата и богатствата на овој свет да не излезат пред моите очи. Нека не ме весели ништо временско, туку исполни ги, Господи, моите очи со духовни солзи, скруши го моето срце, исправи ги моите патишта и дај ми целосно да се умртвам себе си и телото да го потчинам на духот. Што ќе ми е телото од земја создадено? Тоа сега постои, а наскоро ќе го нема. Како цвет наутро расцветува а навечер свенува. Затоа дај ми, Господи, од срце да се трудам за корисното за душата, која обезбедува живот вечен“.
Така молејќи се и поучувајќи се, блажениот Архип стана како ангел Божји, водејќи небесен живот на земјата. Се грижеше тој, не само за своето спасение туку и за спасението на другите, и многу неверни обраќаше кон Христа и ги крштеваше. Поради тоа безбожниците започнаа да му завидуваат и, неможејќи да ги поднесат славните чуда од светата вода, го намразија блажениот Архип, кој живееше таму. Тие често го напаѓаа, го навредуваа, му ги губеа косата и брадата, го соборуваа на земјата и го газеа, и злоставувајќи го на разни начини го избркаа оттаму. Блажениот храбро го поднесуваше сето тоа и не отстапи од светиот храм, служејќи Му на Бога во светост и незлобивост. Еднаш се собраа незнабожните елини и се договорија да го затрупаат со земја изворот и да го убијат човекот во кострет, зашто сите нивни богови ќе бидат целосно понижени од оние што се исцелуваат таму. И огромна толпа тргна да го затрупа изворот и да го убие невиниот човек. Штом приближија до светото место, тие се разделија на две групи. Едни јурнаа кон црквата на изворот, а други кон слугата Божји Архип, за да го убијат. Но, Господ, кој се грижи за судбината на праведните и не ги дава во рацете на грешниците, стори да им се вкочанат рацете и тие не можеа да му наштетат. А пак од водата се јави необично чудо. Од неа излезе огнен пламен, се крена кон беззакониците и ги избрка далеку од изворот. Така побегнаа посрамени, без да нанесат зло. Но, не се вразумија ни со тоа чудо, туку се закануваа дека ќе ги уништат и изворот, и црквата и светиот маж. На тоа место имаше река викана Хрисос, која течеше од левата страна на црквата. Беззакониците намислија таа река да ја свртат кон светото место, за да го помешаат светиот извор со неа и тој да ја изгуби својата чудоворна сила. Кога отпочнаа со својата зла намера, со наредба Божја реката се сврте во друга насока и потече од десната страна на црквата. Така незнабошците повторно се вратија дома.
Таму имаше уште две други реки, кои течеа од исток. Едната се викаше Ликокапер а другата Куфос. Тие се сливаа една во друга во подножјето на голема планина и образуваа една река, која свртуваше надесно и течеше во Ликиската земја. Селукавиот ѓавол ги поттикна злите луѓе овие две реки да ги свртат кон чудотворното место, за да го разорат храмот на светиот Архистратиг Михаил, да го поплават светиот извор и да го удават преподобниот Архип. Тој регион беше многу погоден за тоа, зашто реката слегуваше од врвот на планината, а црквата се наоѓаше во низина. Незнабошците се договорија, се собраа во огромен број од сите градови на таа покраина и се упатија кон црквата. Во близина на црковниот олтар имаше огромна карпа. Во таа карпа тие започнаа да копаат длабок и широк ров, сѐ до самата планина, каде што се спојуваше реката. Со огромен труд ископаа ров за да ја пуштат водата кон црквата, и се потрудија да се собере што повеќе вода. Десет дена се трудеа незнабошците околу тој залуден потфат. Штом го виде тоа, преподобниот Архип падна на земјата во црквата и со солзи се молеше на Бога и го повикуваше на помош усрдниот заштитник, светиот Архистратиг Михаил и говореше:
„Нема да заминам одовде, ниту ќе излезам од црквата, и нека умрам тука ако Господ дозволи да биде потопено ова место“.
По истекот на овие десет дена, кога водата многу надојде, незнабошците го раскопаа местото од каде што водата требаше да се спушти во седум часот навечер, а самите се искачија на едно ридче, за да набљудуваат. Водата со страотна брзина бучеше како громови, а преподобниот Архип се молеше во црквата. Штом ја слушна бучавата, тој уште поусрдно повика кон Бога и го запеа Давидовиот псалм: „Ги кренаа реките, Господи...“ (Пс. 92, 3. 4. 5). Додека пееше слушна глас, кој му наредуваше да излезе од црквата. Штом излезе, го здогледа чуварот и усрден заштитник на христијанскиот род свети Архистратиг Михаил, во обличје на прекрасен и пресветол човек, како што некогаш му се беше јавил на пророкот Даниил. Бидејќи не беше во состојба да гледа во него, блажениот Архип падна на земјата од страв. А Архангелот му рече:
- Не плаши се! Стани, застани до мене и ќе ја видиш силата Божа.
Блажениот стана, со страв му пријде на Војводата на небесните Сили, на негова наредба застана од неговата лева страна и виде огнен столб од земјата до небото. Кога водата дојде близу, Архистратигот ја подигна својата десна рака и ја прекрсти водата, говорејќи: „Застани таму!“
И веднаш водата тргна назад. Така се исполнија зборовите пророчки: „Те видоа, Боже, водите, Те видоа водите и се разбрануваа, и бездните затреперија“ (Пс. 76, 16). Водата застана како ѕид, се крена во висина како превисока планина и веднаш потоа Архистратигот се сврте кон храмот, удри во огромниот ѕид, кој се наоѓаше близу олтарот, и нацрта на него крст. Во тој момент настанаа страотни грмотевици, земјата се затресе, а ѕидот се раздели на два дела, стварајќи огромна пукнатина. Тогаш светиот Архангел Михаил рече:
„Овде нека се сотре секоја противничка сила, овде нека се избавуваат од секое зло сите кои со вера ќе доаѓаат тука“.
Потоа светиот Архистратиг му нареди на блажениот Архип да премине на десната страна, и силно викна кон водата: „Влези во оваа провалија!“ И веднаш јурна водата во пукнатината, и од тогаш постојано течела по тој пат низ ѕидот. А непријателите, кои стоеја од левата страна и желно очекуваа да го видат потопувањето на светиот храм, се скаменија од страв. Откако на тој начин преподобниот го сочува својот храм од потопување, светиот Архистратиг се вознесе на небото. Блажениот Му благодареше на Бога за ова преславно чудо и помошта на Архистратигот. Противниците се посрамија, а верните многу се радуваа. Тие доаѓаа во храмот кај чудотворниот извор и Му благодареа на Бога, заедно со преподобниот. Од тоа време е востановено да се празнува овој ден во спомен на чудото со јавувањето на Архангелот. Преподобниот Архип поживеа многу години на тоа место, срдечно служејќи Му на Бога и мирно се претстави кај Господа во седумдесетата година од својот живот. Верните го погребаа од десната страна на тоа исто свето место, кое поради споменатото чудо се нарече Хони, односно потопување, затоа што водата се нурна во ѕидот.
Во овој ден треба да се споменат и други чуда на светиот Архистратиг Михаил, добротворот на родот христијански. Помеѓу Јадранското Море и планината Гарган се наоѓа градот Сипонт. Во тој град имаше еден богат човек, чии што стада пасеа под планината Гарган. Еднаш од стадото залута еден вол. Господарот со слугите го барал и најпосле го пронајде на врвот на планината, крај отворот на една пештера. Налутен и уморен од долгото барање, господарот ги крена лакот и стрелата кон својот вол, но стрелата се врати назад и го погоди него. Сите се исплашија и не се осмелуваа да ѝ се приближат на пештерата, па се вратија во градот и раскажаа што сѐ случило. Кога дозна за тоа епископот на тој град, се помоли на Бога да му ја открие таа тајна. И му се јави во видение светиот Архистратиг Михаил и го извести дека тоа место тој го избрал за себе, и го чува, и сака често да го посетува и да им помага на луѓето, кои со молитва ќе доаѓаат таму. Епископот ги извести луѓето за тоа, и на целиот град му наложи тридневен пост. Потоа епископот со клирот и сиот народ се упати кон таа планина. Тие најдоа во карпата пештера со тесен влез и не се осмелија да влезат внатре, туку извршија молитва пред влезот. Оттогаш таму често започнаа да одат луѓе и да се молат на Бога и на светиот Архистратиг. Еднаш Неаполците, кои сѐ уште беа незнабошци, со својата војска го нападнаа градот Сипонт, со намера да го заземат и разорат, и граѓаните беа многу исплашени. Тогаш епископот наложи пост, три дена да не вкусат храна и сите од срце да се молат за избавување од непријателот, кој ги опседнал. Во навечерието на денот во кој непријателите сакале да го нападнат и разорат градот, Архистратигот Михаил му се јави во видение на епископот и му рече:
„Утре во десет часот претпладне нареди им на своите граѓани да се вооружат и да тргнат против непријателот. И јас ќе ви дојдам на помош“.
Епископот им го раскажа на сите своето видение и луѓето беа многу радосни за ветената победа. Во десет часот наутро започнаа силни грмотевици и се појави огромен облак, кој се симнуваше врз гората Гарган. Во исто време се појавија оган, чад и громови, како некогаш на Синај. Целата планина се тресеше и со облаци се покриваше. Непријателите многу се исплашија и започнаа да бегат, а граѓаните сфатија дека свети Архангел Михаил им дошол на помош со своите небесни војници, па ги отворија градските капии и започнаа да ги гонат и убиваат непријателите. Додека ги гонеа, светиот Архистратиг Михаил од висините ги поразуваше со громови и молњи, та загинаа околу шестотини луѓе. Граѓаните на Сипонт ги гонеа непријателите сѐ до Неапол, и откако ги победија со помош на Водачот на небесните Сили, победоносно се вратија назад. Од тоа време Неаполците ја познаа силната рака на семоќниот Бог и ја примија светата вера.
А пак сипонтиските граѓани со епископот и клирот отидоа во планината во која се случи страшното јавување, за да Му принесат благодарност на Бога и на својот помошник Архистратиг Михаил. Кога наближија на влезот на онаа пештера, на мермерот најдоа траги од мали човечки стапки, добро втиснати како на каллива земја. Тие си зборуваа меѓу себе дека навистина свети Архистратиг Михаил оставил овде знак на својата посета, зашто самиот тој бил овде и ги избавил од непријателите. Потоа се поклонија, ги целиваа тие стапки и извршија богослужба, радувајќи се што имаат таков бранител и покровител. Во таа прилика решија на тоа место да изградат црква во име на светиот Архистратиг, и кога се подготвуваа да отпочнат со градбата светиот Архистратиг повторно му се јави на епископот и му рече:
„Не треба да се трудите околу градбата на црквата. Таму Јас веќе си подготвив храм за себе. Вие само влезете во него. А ти наредниот ден отслужи во него Света Литургија и причести ги верните со Светите Божествени Тајни“.
По ова видение епископот им нареди на луѓето да се подготват за причестување и тргна со нив, вршејќи молебно пеење. Кога стигнаа на тоа место, во каменот најдоа изглетувана мала црква во вид на пештера. Нејзините ѕидови не беа мазни, а висината ѝ беше различна. Некаде можеше со главата да се допре сводот, а некаде и со раката не можеше да се досегне. Од тоа им стана јасно дека Бог во црквата не сака скапоцени камења туку чисто срце. Престолот во оваа црква беше покриен со пурпурна покривка. Епископот изврши на престолот Света Литургија и ги причести верните со Пречистите Тајни. Во олтарот на северната страна потече вода - чиста, вкусна, многу бистра и чудотворна. Пиејќи ја таа вода, болните добиваа здравје, а ја пиеја и луѓето после Причеста со Светите Тајни. И безбројни чуда се случуваа во таа црква и сите болести и слабости се исцелуваа, по молитвите на свети Архистратиг Михаил. Епископот изгради при црквата ќелии и смести таму свештеници, ѓакони, певци и чтеци, за во неа секојдневно да се врши црковно правило во слава на Бога и во чест на светиот Архистратиг.
Овде ќе го спомнеме уште и чудото што се случило на Атонската Гора. Во времето на благочестивите цареви живееше еден богат и знаменит човек на име Дохиар, царски големец. Еднаш него го обзеде страв Божји и изрази желба да стане монах. Откако зеде многу злато од своите ризници, се упати кон Света Гора да ги посети тамошните манастири и да си најде погодно место за живеење. Посети многу манастири и раздаде многу милостиња, и одејќи од лаврата на блажениот Атанасиј долж морскиот брег, најде многу убаво место со вкусна вода и многу растенија, на кое не живееше никој. Му се допадна тоа место и намисли да се насели и да изгради манастир. Затоа веднаш се зафати со работа и набрзо ја оствари својата желба. Најпрвин подигна прекрасна црква во име на Свети Никола Чудотворец, а потоа изгради манастир и го огради со камени сидови. Бидејќи уреди сѐ како што доликува, и самиот се облече во монашкиот образ. Меѓутоа, за градбата на многуте објекти го потроши сето свое злато и му снема пари да ја украси црквата како што е потребно. Тогаш ја положи сета надеж во Бога, велејќи:
„Ако Господ Бог посака да го прослави ова место, на некој Свој начин ќе промисли и за украсувањето на црквата. Нека биде волјата Негова“.
Наспроти Света Гора се наоѓа островот викан Луг, оддалечен еден ден патување по море. На тој остров живееја пастири и го пасеа добитокот, бидејќи имаше паша во изобилие. А на едно пусто место беше поставен еден многу висок каменен столб, а на столбот идол со ваков натпис на грчки јазик:
„Секој кој ќе ме удри по глава, ќе најде многу злато“,
Затоа многумина се обидуваа да дознаат дали е тоа вистина и го тепаа идолот по глава, но ништо не наоѓаа. А се случи во тоа време едно момче да ги пасе своите волови близу тој столб. Момчето беше паметно и писмено. Штом го прочита натписот, тоа го удри идолот по глава како и другите, но не најде ништо. Потоа си помисли дека можеби златото е сокриено во земјата и на зајдисонце обрна внимание каде завршува сенката на тој столб и започна таму да копа. При копањето наслушна некаков звук и сфати дека богатството се наоѓа тука некаде, па започна уште повнимателно да копа. Притоа наиде на огромен воденички камен, кој не можеше да го подигне. Ја провлече раката низ дупката на тој камен и беше во недоумица што да прави. Си мислеше дека ако некому каже за златото, можеби ќе го убие.
Меѓутоа Бог ги услиша молитвите на гореспоменатиот старец и, промислувајќи за украсувањето на светиот храм, му стави на момчето мисла да оди во еден од манастирите на Света Гора и да му раскаже на игуменот за најденото богатство. Момчето го стори тоа. Зеде неколку златници како доказ на пронајденото богатство, отиде во едно село близу морето и таму најми човек да го однесе на Света Гора. По промисла Божја застана на пристаништето на новоподигнатиот манастир, наречен по неговиот основач „Дохиар“, отиде во манастирот и сѐ му раскажа на игуменот. Игуменот го препозна во тоа делото Божјо, повика тројца монаси и со него ги испрати назад. Кога стигнаа до оној столб, тие го тргнаа воденичкиот камен и под него најдоа котел полн со злато, на што многу се израдуваа. Но, на еден од тројцата ѓаволот му уфрли зла мисла, и тој му рече на едниот:
- Брате, каква потреба имаме најденото злато да го носиме кај игуменот? Бог ни го испрати за ние за себе да си изградиме манастир.
А кога овој му забележа дека нема да успеат да го сокријат златото, тој му одговори:
- Можеме да го фрлиме момчето во морето. Така нема да има сведок против нас.
Се договорија така и својата намера му ја соопштија на третиот монах. Но, тој, полн со страв Божји, им рече:
- Не, браќа! Не осмелувајте се да го сторите тоа! Не погубувајте го момчето, а со тоа и своите души заради злато.
Но, тие не сакаа да го послушаат, туку долго го убедуваа,
Најпосле му рекоа:
- Ако не се согласиш и тебе ќе те убиеме,
Монахот се исплаши и им рече:
- Штом така сте решиле, правете што сакате, а јас ви се колнам во името Божјо дека нема никому да проговорам за тоа, ниту пак барам злато од вас.
И така тој молчеше под заклетва. А тие го ставија златото во чамецот и тргнаа заедно со момчето кон манастирот. Среде морската шир го нападнаа момчето и започнаа да му врзуваат камен околу вратот. Момчето со солзи и ридање ги молеше да не го убиваат, но тие несреќни црнорисци со скаменети срца и златољубиви души, не се исплашија од Бога, не допреа до нив солзите на момчето, ниту пак молбите негови, та го фрлија и тоа веднаш потона во морето. Беше ноќ кога го сторија тоа. Но, милосрдниот Бог, Кој гледа сѐ, го испрати чуварот на човечкиот род, светиот Архистратиг Михаил, да го извади потопеното момче од морското дно и да го однесе живо во црквата. И се случи така. Момчето одненадеж се најде во црквата близу светата трпеза, со каменот околу вратот. Кога дојде време за утрената, еклисијархот влезе во црквата да запали свеќи и да клепа за утринската богослужба. Притоа слушна во олтарот како воздивнува човек, па многу се исплаши, отрча и го извести игуменот. Игуменот го нарече плашливец и слабодушен и му нареди да се врати во црквата. Таму тој повторно го слушна истиот глас и повторно отиде кај игуменот. Тогаш игуменот појде со него, и кога го слушна гласот влезе во олтарот и го најде момчето како лежи близу светата трпеза, со камен врзан за вратот, а вода му тече од облеката. Игуменот го препозна и го праша:
- Што се случило со тебе, чедо? Како се најде овде?
А момчето, како да се разбуди од сон, рече:
- Овие лукави монаси, кои ти ги испрати со мене по најденото злато, ми го врзаа овој камен за вратот и ме фрлија во морето. На дното јас видов двајца светли луѓе, кои блескаа како сонце и слушнав како разговараат меѓу себе. Едниот му велеше на другиот: „Архангел Михаил, однеси го ова момче до манастирот Дохиар“. Кога го слушнав тоа јас се онесвестив и не знам како се најдов овде. Игуменот многу се восхити и Го прослави Бога, Кој твори прекрасни и преславни чудеса. Потоа му рече на момчето:
- Чедо, остани овде, додека да се раздени и злобата не биде изобличена.
Потоа излезе, ја затвори црквата и му нареди на еклисијархот никому да не каже за ова, а утрената да се отслужи во папертата, Притоа му рече ако некој праша зошто се служи таму, да одговори дека така наредил настојателот.
Кога се раздени убијците наближуваа до манастирот, а златото го беа сокриле на друго место. Игуменот ги пречека со останатите браќа и ги праша:
- Што се случило со вас вчера? Отидовте четворица а сега се вракате тројца. Каде ви е четвртиот?
А тие, како да се налутени, одговорија:
- Оче, она момче нѐ измами и тебе и нас, велејќи дека нашло богатство. Тоа ништо не ни покажа и посрамено се сокри од нас. Ние долго го баравме, но не го најдовме, па еве се вративме.
На тоа игуменот рече:
- Нека биде волјата Божја.
И влезе со нив во манастирот. Потоа ги одведе во црквата каде што лежеше момчето, од чија што облека сѐ уште течеше вода, и им го покажа, прашувајќи:
- А кој е овој?
Кога го видоа, тие се запрепастија. Стоеја како избезумени и долго време не можеа да одговорат ништо. Најпосле неволно го признаа своето злосторство и кажаа каде го сокриле најденото злато. Тогаш игуменот испрати најверни браќа и тие го донесоа златото во манастирот.
За ова преславно чудо се расчу по цела Света Гора и се собраа монаси од сите манастири. Одржаа собир на кој го променија името на таа црква во име на светиот Архистратиг Михаил, а во име на свети Никола Чудотворец изградија нова црква. Оние пак двајца лукави убијци ги проколнаа и ги избркаа од манастирот. Третиот пак монах, кој не се согласи со нив и се огради од злосторството, го прогласија за невин. А момчето спасено од морето се замонаши и стана добар подвижник и искусен монах. Игуменот со донесеното злато убаво ја украси целата црква и изгради сосем нов многу убав притвор. Каменот со кој момчето беше фрлено во морето игуменот го соѕида во зидот, за на сите да им сведочи за чудото. Кога се претстави игуменот, на негово место беше назначен монахот спасен во морето. Тој поживеа богоугодно и отиде кај Господа, носен на рацете на светиот Архистратиг Михаил, како што порано беше пренесен од морето во црквата.
За сето тоа го прославуваме Отецот и Синиот и Светиот Дух и го величаме за навек светиот Архистратиг Михаил. Амин.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК РОМИЛ
Свети Ромил живееше за време на царувањето на царот Трајан и беше прв големец во царевиот дом. Кога царот со огромна војска војуваше на Исток за да ги покори Иверите, Савроматите, Арабјаните и други народи, еднаш тој нареди да се пребројат христијаните во неговата војска. Беа единаесет илјади на број. Царот сите ги отпушти и ги испрати во Ерменија, надевајќи се дека тоа ќе ги натера да се одречат од Христа и да им принесат жртва на идолите, та повторно ќе се вратат и ќе ги добијат своите војнички почести. Тогаш Ромил, како прв големец, излезе пред царот, го прекори за безбожништвото и за неразумната постапка, зашто самиот си ја намалува својата војска во војната. Притоа изјави дека и самиот е христијанин, подготвен да умре за името на Исуса Христа, својот Господ. Трајан многу се разгневи и нареди безмилосно да го тепаат, па го осуди на смрт. И му ја отсекоа главата. А христијаните, кои беа испратени на заточение во Ерменија, исто така беа погубени на разни начини. Десет илјади од нив беа распнати на крст во пустината, околу планината Арарат, во Ерменија. Останатите беа усмртени со други мачења.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЕВДОКСИЈ, ЗИНОН, МАКАРИЈ
и останатите 1104 војници со нив
Свети Евдоксиј живееше во времето на царот Диоклецијан, опакиот гонител на Црквата Божја. Овој цар издаде безбожна наредба, со која го забрануваше поклонувањето на единствениот вистински Бог и наредуваше да им се оддава чест на немите и бездушни идоли како на бог. Поради таа наредба многу од верните бегаа во пустините и горите, а многу и од големците и знаменитите луѓе ги оставаа своите функции и домови и се криеја во непознати места. Еден од таквите беше војводата Евдоксиј, верниот Христов слуга. Тој ја напушти својата функција и се криеше со својата жена и децата. Но, беше наклеветен кај намесникот Мелитински и војниците внимателно го бараа насекаде. А тој, облечен во проста облека, ги сретна на патот. Тие го прашаа дали знае каде се наоѓа војводата Евдоксиј. Кога виде дека него го бараат за да го мачат, тој им рече:
- Ако наминете кај мене, и каснете и се одморите во мојот дом, ќе ви го покажам Евдоксиј. Знам каде се крие со своите домашни.
Војниците се согласија. Евдоксиј ги угости добро, па им објави дека тој е оној што го бараат. Восхитени од неговата постапка, војниците рекоа:
- За твое добро, ние нема да те приведеме туку ќе кажеме дека не сме те нашле. А ти скриј се, за некој да не те види и предаде.
И сакаа да си заминат, но светителот ги задржа:
- Почекајте, браќа, и јас ќе појдам со вас. Не ми доликува да се кријам. Бог ме вика на маченички подвиг, за да бидам сведок на светото име Негово. Ако сакаше да останам скриен, вие немаше да ме сретнете, ниту ќе бевте испратени да ме барате. Тоа се случи, зашто јас треба да ја пролијам својата крв за Него.
Потоа ги повика својата сопруга Василиса, своите деца, домашните и пријателите, па им рече:
- Имаше време кога се криев, но сега е време доброволно да се предадам во рацете на мачителот, заради Христа Исуса. Еве, јас одам и нека Господ стори според Својата волја и ми помогне, а вас ве оставам на Бога.
Потоа им даде разни упатства околу домот, децата и робовите, се облече во војводската облека, како што му доликува на неговиот чин, па се поздрави со сите. При тоа сите плачеа, бидејќи знаеја дека повеќе нема да се врати. Само едно им ја олеснуваше тагата - сознанието дека Евдоксиј сакаше да страда за Христа, да биде победоносен маченик и со маченички венец да излезе пред својот Господ Христос.
Откако се прости со сите, тој тргна со војниците. Неговата сопруга Василиса одеше по нив оддалеку, сакајќи да го види неговиот подвиг. Со неа беа и двајцата негови верни пријатели, Зинон и Макариј, за кои исто така се подготвуваше венец на мачеништвото.
Кога Евдоксиј излезе пред намесникот, тој благонаклонето го поздрави:
- Здраво, војводо Евдоксиј.
- Здраво, намесниче! - му одговори светителот.
- Ја повикавме твојата чесност, - продолжи намесникот, - за и ти да ја извршиш царската наредба и да им принесеш жртва на боговите, и тоа пред се на таткото на сите богови, големиот Зевс, И сонцеликиот Аполон, и омилената богиња Артемида.
Свети Евдоксиј одговори:
- Јас знам дека треба да Му се принесува жртва на Единствениот, во Три Лица славениот Бог, Кој го створил светот и дава живот и спасение. Нему ќе Му принесам пофална жртва, а не на оние што ти ги нарекуваш богови, бидејќи се дрво и камен и по ништо не се разликуваат од мртвата природа.
Намесникот му рече:
- Ти наредувам да им ја оддадеш должната чест. А ти, како што гледам, не само што ги презираш боговите, туку не го почитуваш ни самиот цар. Слушам дека воведуваш некоја нова вера и многумина заведуваш во неа.
Зборувајќи го тоа намесникот погледна кон мноштвото војници, кои стоеја тука и гневно рече:
- На секој, кој не ја извршува царската наредба ќе му биде одземена војничката облека, бидејќи е недостоен и ќе биде лишен од војничкиот чин.
Со овие зборови сакаше да го посрами свети Евдоксиј, зашто се надеваше дека нема да се најде таков, кој не би се покорил на царската наредба, па тој самиот ќе послуша од срам и нема да биде лишен од високиот чин. Но, самиот мачител беше посрамен. Додека сѐ уште зборуваа, свети Евдоксиј го симна од себе појасот, кој беше знак на војводскиот чин и му го фрли во лицето. Штом го видоа тоа, илјада сто и четири војници, кои беа потајни христијани, од ревност за Бога го сторија истото, подготвени да ги положат своите души за Исуса Христа.
Кога неочекувано виде толку многу исповедници, мачителот се збуни, прекина со испрашувањето и веднаш му испрати извештај на царот Диоклецијан, молејќи го за понатамошни упатства. Царот му испрати наредба старешините да ги подложи на страшни маки, а пониските да ги остави.
Намесникот седна на судиштето, нареди да го изведат пред него Евдоксиј и му рече:
- Те советувам доброволно да им принесеш жртва на боговите. Во спротивно присилно ќе го сториш тоа, по пат на жестоко мачење. И започна да ги набројува оковите, страшните темници, раните, стругањето на телото...
Маченикот одговори:
- Ти се шегуваш, намесниче. Сите тие маки не ме плашат, зашто гледам на идната награда од десницата на мојот подвигоположник Христос. Не се плашам од огнот што ти го спомнуваш, туку од незгасливиот оган, од чкртањето на забите и останатите страшни маки, кои се подготвени за оние што го отфрлаат вистинскиот Бог. А тие твои мачења во споредба со овие се детска играчка. Биди сигурен дека нема да им се поклонам на вашите богови, зашто е големо безумие како бог да се почитува дрво, камен, злато и сребро, обработени со уметничка рака.
На тоа намесникот му рече:
- За твојот безумен одговор е виновна мојата кроткост, бидејќи ти дозволувам дрско да ги навредуваш боговите, царот и мене. Бесчестењето врз мене ќе го дотрпам, но не можам да го поднесам бесчестењето на боговите и царот.
И нареди Евдоксиј да го растегнат за рацете и нозете на четири страни, безмилосно да го тепаат со сирови каиши а потоа да го обесат и телото да му го стругаат со остри железа. По тие мачења светиот го фрлија во темница, а по неколку дена повторно го изведоа на сослушување. Кога мачителот виде дека е непоколеблив во верата, нареди со железни стапови да го тепаат по вратот и да му ги исчашат сите зглобови, што е потешко од секоја смрт. Потоа го осудија на посекување со меч.
Додека го водеа на губилиштето, тој вака се молеше:
- Боже, Ти си погледнал на жртвите на Авел и Авраам и си го примил трпението на многу маченици. Сега погледни милосрдно и на оваа моја жртва и не отфрлај ја мојата крв, што ти ја принесувам со топла душа и љубов. Молејќи се така, свети Евдоксиј ја здогледа својата сопруга, која со плачење одеше по него, и ја праша дали е извршено сѐ како што заповедал, па ѝ нареди откако ќе биде посечен неговото тело да го погребаат на местото Амимна. Потоа ја посоветува да не плаче за неговото заминување, туку да се облече во светла облека и да се дотера.
На својот пријател Зинон, кој плачеше за него, тој му довикна:
- Мили Зиноне, не плачи! Богот на Кој Му служиме нема да нѐ раздели, туку заедно ќе преминеме во вечниот живот. Овие зборови имаа толку силно дејство врз Зинон, така што тој громогласно започна да вика:
- Христијанин сум! Христа Го исповедам и сакам да умрам за Него!
И веднаш Зинон беше фатен од нечестивите слуги и намесникот известен за тоа. Тогаш тој нареди заедно со Евдоксиј и Зинон да го посечат со меч. Најпрвин го посекоа Зинон, а Евдоксиј се молеше за него. Потоа и тој ја подаде главата под мечот и прими блажен крај. Со нив беа посечени и други свети маченици, кои бестрашно Го исповедаа Христа и телата им беа оставени непогребани. Василиса храбро го зеде телото на својот сопруг и чесно го погреба на укажаното место.
За таквата постапка беше фатена и изведена пред намесникот. Пред него таа Го исповедаше Бога и ги изнавреди идолите и идолопочитувањето, сакајќи што побрзо со мачеништвото да отиде по својот сопруг кај Господа. Меѓутоа мачителот ѝ рече:
- Знам дека сакаш да појдеш кај својот сопруг, за да бидеш фалена меѓу галилејците (христијаните). Но, иако заслужуваш, јас нема да те усмртам.
На тоа Василиса му одговори:
- Мојот Господ Исус Христос ја гледа мојата желба и ја прима наместо дело. И да не бидам убиена од тебе, сепак нема да бидам лишена од блаженството со мојот сопруг во Господа Бога.
По овие зборови намесникот ја избрка. А по седум дена ѝ се јави на сон свети Евдоксиј и ѝ рече:
Кажи му на нашиот пријател и домонадзорник Макариј да појде во судиштето и да го следи нашиот пример, зашто го чекаме.
Василиса му раскажа на Макариј што виде и тој веднаш отиде кај намесникот и објави дека е христијанин и ученик на Евдоксиј. Намесникот, гледајќи го таквото бестрашно исповедање на верата, нареди со меч да му ја отсечат главата.
Така и Макариј по Евдоксиј и Зинон отиде кај прекрасниот подвигоположник Христос, нашиот Господ, на Кого и Василиса Му угоди, упокојувајќи се во добро исповедање на верата и застана во ликот на светите пред престолот на славата Божја, славејќи го Отецот и Синот и Светиот Дух за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ 1104 ВОЈНИЦИ
посечени со меч за Христа со св. маченик Евдоксиј
ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ДАВИД
Светиот преподобен Давид најпрвин беше разбојник и живееше во Хермополската пустина, каде што вршеше многу злосторства и многумина убиваше. Беше зол и свиреп како никој друг. Тој имаше своја дружина од над триесет луѓе, кои вршеа разбојништва со него. Еднаш, додека седеше со нив во планината, тој се размисли за својот живот, многу се исплаши од Бога заради многуте извршени зла, па ја остави својата дружина и појде во манастир. Кога затропа на манастирската капија, вратарот излезе и го праша што сака, а Давид му одговори:
- Сакам да станам монах.
Вратарот отиде и го извести игуменот за него. Тој излезе и кога виде дека е стар му рече:
- Ти не можеш да бидеш овде. Браќата многу работат и живеат во големо воздржание. А ти имаш други навики и не можеш да ги извршуваш манастирските заповеди.
Но, Давид го молеше, говорејќи:
- Сѐ што ќе ми наредите ќе извршувам, само примете ме.
А игуменот одбиваше, велејќи:
- Ти не можеш да живееш со нас.
Тогаш Давид му рече:
- Оче, јас сум Давид, водачот на разбојниците. Дојдов кај вас да ги оплакувам своите гревови. Ако не ме примиш, ти се колнам, повторно ќе ѝ се вратам на својата работа, ќе ја доведам со себе својата разбојничка дружина, сите ќе ве убијам и манастирот ќе го срушам!
Кога го слушна тоа игуменот го прими Давид во манастирот и го замонаши. Тука тој започна да се подвизува во воздржание и да се поучува на смирение. За кратко време ги надмина доблестите на останатите монаси и на сите им беше од корист со својот живот и збор.
Еднаш, додека седеше во ќелијата, пред него застана Архангел Гаврил и му рече:
- Давиде, Господ ти ги прости гревовите и ти од сега ќе вршиш чуда.
Давид му одговори на ангелот:
- Не можам да поверувам дека Господ за толку кратко време ги простил моите гревови, зашто се многу тешки и помногубројни од морскиот песок.
На тоа Архангелот му рече:
- Јас сум Архангел Гаврил, кој и Захариј не го поштеди, кога тој не им поверува на моите зборови, туку како казна му го заврзав јазикот, за да поверува во она што го зборувам. А тебе ли да те поштедам? Од сега ќе бидеш нем!
Давид се поклони и му рече на ангелот:
- Кога бев разбојник, вршев многу злосторства и проливав многу крв, ти не ми го заврза јазикот, кој не Му принесуваше пофалби на Бога. А сега, кога сакам да Му служам на Господа и да Му благодарам, ти ми го заврзуваш јазикот да не зборувам.
Тогаш ангелот му рече:
- Зборувај само кога ќе Го славиш Бога и ќе Му се молиш за време на правилото, а во останатото време молчи.
На тој начин казнувајќи го, Архангелот си отиде од него, а Давид Му благодареше на Бога што му ги прости гревовите. Потоа тој со благодатта Божја створи многу чуда. На слепите им даваше вид, на хромите од, бесомачни исцелуваше... За време на богослужењето тој пееше во црквата на молитва, но никаков друг збор не можеше да изговори. Поживеа на таков начин многу години за поука на сите, и премина кај Господа. Сега стои пред Него и се моли за нас. По неговите молитви и ние да добиеме милост од Господа. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК КИРИЛ,
епископот Гортински
Блажениот Кирил живееше во времето на царот Максимијан и игемонот Агрипин. Украсен со сите добродетели, тој поживеа деведесет и пет години. Еднаш во придружба на двајца свои слуги Теофан и Теоктирист, тој се упати во еден манастир. По пат виде како незнабошци принесуваат волови и овци како жртви на идолите, тешко воздивна заради таквото безумие и ги нарече бедници. Затоа тие го фатија и го фрлија во темница. А кога на полноќ се молеше на Бога, слушна глас од небото, кој му говореше:
- Кириле, појди во Рим!
Утредента вратата од темницата беше отворена и тој излезе и ги здогледа сите идоли испокршени по земјата. Кога дојде до манастирот, свети Кирил го виде на сон преподобниот Филоксен, кој му рече:
- Ќе добиеш венец на архиерејството и венец на мачеништвото.
Потоа свети Кирил отиде во Рим и таму ги утврди верните со својата проповед. А кога отпочна гонењето, тој одлучи да оди во Ерусалим. За време на патувањето на островот Малеон му се јави човек во бела облека, кој му нареди да наврати на Крит, и тој го стори тоа. На островот Крит, во градот Гортина, беше поставен за епископ во шеесеттата година од животот. Кога повторно отпочна гонењето против христијаните, свети Кирил го изведоа на суд пред игемонот, кој започна да го наговара да се одрече од Христа. Но, бидејќи светиот исповедник не се согласи, беше осуден на посекување со меч. Тогаш во устата му ставија узда, го наместија на талиги, бидејќи од староста не можеше да оди, па го поведоа. А кога го донесоа до местото именувано Ракса, дојде глас од небото: „До сега!“ И санките застанаа, и тука му ја отсекоа главата на светителот.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ КИРИЈАК, ФАВСТ, АВИВ (АНДРОНИК) и останатите
Овие свети маченици пострадаа за време на царувањето на Декиј; во Александрија, во времето на истото гонење кога беа погубени римскиот папа свети Фабијан и свети Александар Александриски. Тие беа изведени пред управникот на градот Валериј, и за своето непоколебливо исповедање на Христа и бестрашното изобличување на идолопоклоничките измами и лаги, тие беа посечени со меч. Свети Фавст беше презвитер, Киријак негов придружник а Андроник војник. Со нив беа погубени уште тринаесет маченици (нивните имиња следуваат подолу). Некои александриски христијани ги зедоа нивните мошти и побожно ги положија во својот град, во слава на вистинскиот Бог, нашиот Господ Исус Христос.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ КАЛОДОТА, МАКАРИЈ, АНДРЕЈ, КИРИЈАК, ДИОНИСИЈ
чтецот, АНДРЕЈ, САРАПАВОН советникот, ТЕОКТИСТ морнарот
и сестрите АНДРОПЕЛАГИЈА и ТЕКЛА
Сите тие се од дружината на светиот маченик Фавст. Беа посечени со меч. Света Калодота, сопруга на некој Кир од Александрија, иако беше бремена, управникот Валеријан сепак не ја поштеди, и ѝ ја отсекоа главата.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ВИВ
Бил монах и ѓакон по чин. Се упокоил за својот Господ посечен со меч од страна на началникот Валеријан во Александрија, за време на страшното Декиево гонење (249-251г.). Во стиховите посветени на него во Прологот, во стихови се вели дека одбил да прими венец на доблестите ако истовремено не добие и маченички венец преку посекување со меч.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АРХИП
СПОМЕН НА ВТОРОТО ОСВЕТУВАЊЕ НА ХРАМОТ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
во домот (храмот) на Света Ана